You are on page 1of 6

ТЕМА 4: Јавни простори и живеалишта

Литература: Фласелјер Р. Грција во времето на Перикле, стр. 7-34.; Carcopino J. Daily life
in Ancient Rome, стр. 3-20, 22-44.; Димовска В., Томовска В. Класичната култура во
европската цивилизација, стр. 55-58.

Јавни простори – живот во градот и на село

Архитектурни обележја: Најкарактеристични градби за Хелада секако биле храмовите –


отворени објекти, дефинирани со столбови и греди, и театрите (гледалишта) – сочинети
од орхестра (сцена) и театхрон (редови од седишта), најчесто подигани на природно
закосени терени. Римскиот храм, пак, станал затворена конструкција и добил на
фронталност – потенцирана била влезната партија. Покрај тоа, карактеристични се
римските бањи – терми (со осмислен систем за загревање, топли и студени капалишта,
базени и сл.), потоа аквадуктите и триумфалните порти. Во овие градби доаѓа до израз
структурата на лакот, како оригинален римски придонес во архитектурата.

Како и другите аспекти во животот на старите Хелени и Римјани, така и просторот во кој
тој се одвивал (градовите, селата, приватните куќи) бил изразено детерминиран од
географско-климатските услови, плодноста на почвата, конфигурацијата на земјата,
разгранетоста на брегот и сл.

Хелада ја карактеризирале разгранетост на брегот, високи планини (го преферирале


патувањето по море, а не по копно), топла клима, сончеви денови и природна светлина,
ретки врнежи и суши (поради ова, реките ги сметале за божества, а изворите за нимфи),
чести земјотреси (Посејдон – земјотресец), медитеранска вегетација (шуми, грмушки,
дивеч и птици). Животот главно се одвивал во подножјата на планините и во низините,
кадешто имало плодна почва за одгледување жито. Во Тесалија се одгледувале коњи, во
Бојотија пченица и јачмен. Во Атика почвата била помалку плодна, па се одгледувале
маслинки и винова лоза, а Атина извезувала вино и маслиново масло, па оттаму се развило
и грнчарството со производство на садови во кои се чувале и се транспортирале. Маратон
и Елевсина, пак, биле имале големи површини под мочуришта. Тукидид не известува дека

1
во древнина хелените живееле главно во мали и сиромашни села, а неколку соседни села
можеле да се обединат (синоикизам) и да прераснат во населба. Тесеј ги обединил
населбите во Атика и сите нејзини жители станале Атињани. Атина најпрвин била
ограничена на Акропол и делот под тврдината, за подоцна да се прошири, без некој особен
план и карактеристични обележја, на околните ридови. Најгусто населени биле јужните
предградија Бари и Керамик. Во Керамик се наоѓал главниот градски плоштад, Агора, кој
бил верско, политичко и деловно средиште на градот. Првиот бедем околу градот го
подигнале Писистрат и неговите синови во 6 век п.н.е., а подоцна, во времето на
Персиските војни, Темистокле го проширил во неправилен круг 1,5км х 6км. самиот град
и околните квартови биле поделени на фили (општини или племиња) и деми
(административни единици определни од Калистен во 508г. п.н.е.). Долгите бедеми ја
поврзувале Атина со пристаништето Пиреј (изградено во времето на Темистокле по нацрт
на Хиподам од Милет со т.н. решеткаст план – улици кои се сечеле под прав агол). Во
времето на Перикле биле обновени храмовите на Акропол, но општествениот живот
(трговија, занаетчиство, политичка и судска дејност) и понатаму се одвивал во керамик, на
Агората, ограничена од двете страни со големи тремови и дрвореди од платани. Нејзиниот
западен дел бил повпечатлив, а на источниот се наоѓале пазарот, бројни дуќанчиња,
бербери, занаетчии. Освен импресивноста и на Акропол и две поголеми улици, Атина во
времето на Перикле не била многу убав град – била безводна и сушна, улиците биле тесни
и кривулести, неосмислени урбанистички, а куќите биле мошне скромни (со разлики од
кварт до кварт: Скамбониди бил кварт на богатите, а Керамик, Колит и Мелита на
сиромашните). Поради големата побожност на населението повеќе се обрнувало внимание
на раскошот и величието на храмовите одошто на удобноста и изгледот на приватните
куќи, а покрај тоа, луксузот на богатите владетели предизвикувал гнев кај населението со
демократски традиции, навикнато на еднаквост. Од 5-3 век п.н.е. Атина станала поубав
град. Надзорот над јавните добра бил во надлежност на Ареопагот (Собрание на
поранешните архонти), за средувањето на градот и одржување на редот се грижеле
астиномите, а управувањето на пазарите било во рацете на агораномите. Сепак, градот и
улиците изгледале мошне неугледно: одводните води течеле по невоедначено широките,
калливи и непоплочени улици (дури во 4 век п.н.е. биле поставени цевки и канали),
немало никакво улично осветлување, а куќите покрај нив не биле подредени во некои

2
правилни низи. Нехигиената доведувала и до чести заразни болести и епидемии (голема
епидемија на чума имало и во 429 г. п.н.е., кога од неа умрел и Перикле).

Ксенофонт пишува (За стопанството) за тоа каков бил животот на благородниците на


село, ги фали предностите на селскиот живот, можностите да се лови, да се одгледуваат
овошки и други земјоделски култури, а самото земјоделие го велича како најдоблесна
професија. Големите селски имоти на евпатридите полека се раситнувале и постепено
земјоделието преминало во рацете на средни и ситни земјосопственици. Животот на
самите селани се чини дека не бил особено тежок, а литературните сведоштва велат дека
на село живееле во изобилство и слобода, што не било случај во градовите.

Рим уште во времето на Републиката достигнал завидно ниво на величественост и


монументалност на јавните градби. Во царскиот период уште повеќе се градело и
доградувало, бидејќи секој владетел сакал да остави свој печат, било да направи форум
(така, има Трајанов форум, Августов форум итн.), храм, библиотека или некој друг објект.
Развиената мрежа на улици достигнала вкупна должина од 90 км. Најтесните, пешачки
земјени улици, се нарекувале itinera, actus биле доволно широки за една кола, а
најшироките се викале viae. Via Sacra, Via Nova поминувале низ Forum Romanum. Viae не
биле само градски улици, туку некои од нив биле магистрални патишта, како Via Appia,
Via Latina или Via Ignatia, кој поминувал и низ територијата на денешна Македонија.
Ширината на овие патишта била од 4.80 до 5.60 метри. Сообраќајот во градот бил
регулиран со стриктни правила за тоа во кое време од денот и ноќта кои возила можеле да
сообраќаат по градските улици. Некои од нив биле поплочени, а други не.

Приватни живеалшта

Куќите во сиромашните квартови на Атина биле приземни, скромни и неугледни, тесни,


со намногу две-три простории. Некои дури биле вклесани во карпи (во предградието
Коила) или се потпирале на нив. Ако имале кат, до него воделе надворешни скали и тој
обично се издавал. Ѕидовите биле од керпич, дрвени или од чакал и кал. Куќите се
потпирале една на друга, имале сосема мали прозорци, а покривите им биле рамни. Се до
4 век п.н.е. во куќите немало кујна, а се готвело на отворено, на мангали. Во домот немало
3
воопшто постојано огниште, а постоел проблем со одводот на чадот (подоцна се правел
отвор во ѕидот, а оџак само кај побогатите). Според Ајсхил, куќите во кои живееле повеќе
семејства се нарекувале synoikia, а оние со едно семејство oikia. Ако изнајмувачот не ја
плаќал наемнината, лесно завршувал како бездомник. А бездомници во Атина имало
многу (принудно осиромашени, но и философи, кои го презирале богатството и удобниот
живот – киниците) и зиме понекогаш се собирале во бањите за да се стоплат. Од десетина
илјади куќи во Атина (во 4 век п.н.е.) сосема мал дел биле поудобни и покомфорни (нас.
Скамбониди), иако не се откриени остатоци од поголеми и богати куќи, за кои со
сигурност знаеме дека биле приватни домови. Но, знаеме како изгледале побогатите
приватни куќи во Олинт и на Делос: квадратна основа, собите гледаат на внатрешниот
трем (pastas) што продолжува со двор (aule), а не на улицата (тоа бил претходник на
перистилот во хеленистичко време), влезот бил на јужната или источната страна, имале
сала за примање гости (andron) со под украсен со мозаици, а дневниот престој бил на
север и добивал светлина од тремот. Трпезаријата се надоврзувала на кујната и бањата, а
меѓу овие две простории имало отвор во ѕидот (најверојатно за затоплување). Спалната,
женските одаи и сопчињата за робовите биле на катот. Катот често се надвиснувал над
улицата, што подоцна било казнувано или дополнително оданочувано од државата. Само
исклучително богатите ги украсувале внатрешните ѕидови со таписерии, ѕидни слики или
плочи од бакар. Мебелот се состоел од кревети, маси и столови, клупи и сандаци и
ковчези. Садовите биле едноставни, а оние украсените садови и вази служеле за
декорација, а не за јадење. Тоалети во куќите немало, па се користеле ноќни садови.
Креветот бил една дрвена рамка со оптегнати ремени врз кои се ставала рогозина, а се
користеле и перници и покривки. Лете се спиело на терасата. Болвите и тафтабитите биле
вообичаена појава, а хигиената генерално на ниско ниво. Глувците, мувите и комарците
пренесувале заразни болести, а нечистотијата и смрдеата се ширеле низ градот. Богатите
Атињани имале полски или селски куќи надвор од градот и неретко повеќе престојувале
во нив, одошто во градските домови.

Во самиот Рим, но и во други градови под римска власт, постоеле два вида приватни куќи:
едниот бил domus – хоризонтална и најчесто приземна или еднокатна куќа, наменета за
живеење на едно семејство со сите свои робови (во вакви куќи живееле побогатите
граѓани и благородниците), а другиот се нарекувал insula – вертикално конструирана

4
повеќекатна градба наменета за повеќе сиромашни семејства, кои изнајмувале кат или
соба од сопственикот на зградата. Домус обично бил пространа куќа со голема површина
(од 300 до 400, а некои дури до 800-900 квадратни метри, како на пример, домусите од
помпејски тип) и повеќе простории: влезниот дел (atrium), во чија средина од отворениот
покрив се собирала дождовница, ходници (fauces), крила со спални соби (alae), трпезарија
(triclinium), работна или приемна соба и внатрешен двор (peristilus) со тремови, во чија
средина имало зеленило, некогаш и фонтани и скулптури. За разлика од овој вид домови,
инсулите биле потрошни, со дрвена конструкција, со мали соби и на повеќе катови, што
збиени една до друга се издигале над тесните улички. Неретко, приземјето било
полуксузен стан за сопственикот или, пак, имало дуќани (tabernae), додека горните катови
се нарекувале cenacula. Овие згради често биле изложени на пожари, кои заради
материјалите и збиеноста, тешко се гаснеле и брзо се ширеле, па предизвикувале големи
штети и многу жртви. Затоа, во време на царството биле поставени т.н. vigiles – стражи за
заштита од пожари кои имале за цел да предупредат при избивање на пожар, како
„аларми“. Но, често се случувало ваквите згради и да се срушат, па затоа, како што
пишува Витрувиј (За архитектурата), во времето на Август се ограничила нивната
висина до 20 метри. Исто така, постоела тенденција инсулите да се градат подалеку од
центарот на Рим, во т.н. нов дел од градот и урбанистички да се организираат во vici –
квартови поврзани со поголеми улици. Од времето на Август па наваму, во царскиот
период, повеќекатниците почнале надворешно да се градат повнимателно, да се
украсуваат со мозаици, но нивната внатрешност останала подеднакво некомфорна за
живеење (недоволно осветлување и затоплување, отсуство на санитарии, трошна
конструкција), со минимален мебел.
Мебелот во римските куќи се состоел од единечни кревети (lectuli), а само понекогаш
имало брачни легла (lecti gentiles), додека најраскошните – од егзотично дрво, биле
украсени со зглавја во боја, кои се прелевале во илјадници бои и се нарекувале lecti
pavonini. Трпезариите биле опремени со лежалки за јадење triclinia, а имало столчиња од
различен тип: thronus - стол со потпирачки за рацете и наслон за грбот, cathedra – стол со
искосен наслон, популарен меѓу жените, scamna – клупа што се користела во училиштата
или седење на помалку угледните, но најчесто користен стол бил sella - обичен стол без
потпирачки и без наслон, кој можеле да си го носат со себе и надвор од дома. Дури и

5
побогатите домови страдале од недостиг на светлина, зашто само ретки можеле да си
дозволат да ги покријат отворите на своите ѕидови со т.н. проѕирен камен ( lapis
specularis) или стакло, додека останатите морале да ги намалат димензиите на прозорците
заради атмосферските влијанија. Снабдувањето со вода исто така било проблем, особено
за жителите на десниот брег на Тибар, се додека Трајан не изградил аквадукт. Но, остаток
од водовод на погорните катови на повеќекатниците не пронајден. Но, затоа пак, Рим
можел да се пофали со канализација и систем од колектори и канали, кој отпадните води
ги носел во Тибар, уште од 6 век п.н.е.. Тој систем на канали (cloaca) постојано се
надоградувал и усовршувал, а главната негова жила се нарекувала Cloaca Maxima и
нејзини остатоци можат да се видат и денес.

You might also like