You are on page 1of 27

Za ,,Pravnik,, јуни 2017

- specijalen dodatok -
Проф. Д-р КИРИЛ ЧАВДАР
судија во пензија
НАСЛЕДНИЧКАТА ЗАЕДНИЦА
ВО ПРАВНИОТ СИСТЕМ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

1.- Поставување на проблемот


Наследничката заедница, во правниот ситем на Република Македонија е
регулирана со одредбите од Законот за соспственост и други стварни права
(ЗСДСП), со Законот за наследување (ЗН) но, во извесни сегменти, и со некои
други закони.
Основната одредба со која правно се воспоставува наследничката заедница е
содржана во член 82 од ЗСДСП, со кој, под наслов ,,Заедничка сопственост во
наследничка заедница`` е регулирано дека наследниците што не се откажале од
наследството, до правосилноста на решението за наследување, се заедничари.
Со оглед на оваа одредба, основната проблематика се состои во тоа да се
осознае во кои случаи доаѓа до настанувањето на наследничката заедница како
посебна персонална и имотна целина, кои се нејзините правни карактеристики,
кои се правните појави и процеси во неја, посебно статусот на секој одделен
наследник во неја, односно кои се правните односи меѓу сонаследниците и спрема
третите лица, со кои прописи е уредено нејзиното устројство и дали тоа е сторено
адекватно во однос на целината на правниот систем во РМ, и, конечно, како е
уредено нејзиното престанување.
Според изнесеното, во овој уводен дел, треба да се укаже на фактичките и
правните основи кои доведуваат до настанавање на наследничката заедница, за кое
нешто станува збор во наредното излагање.
Пред се, за да настане наследничка зедница, неопходно е како наследници
на определен оставител да се јават повеќе лица, меѓу кои настанува правна врска од
која произлегуваат бројни правни односи, кои ја сочинуваат заедницата на
наследниците, која во наследното право е именувана како наследничка заедница.
Лица кои ја сочинуваат оваа наследничка заедница се оние чие наследно право,
како универзални сукцесори, е уредено со Законот за наследувањето, како што се:
законските наследници, тестаменталните наследници и нужните наследници, кои
се повикани на наследство.
При ова се има предвид дека со одредбите од член 82 од ЗСДСП се
определува дека и кај наследувањето настанува заеднича сопственост, т.е. дека,
почнувајќи од смрта на оставителот, меѓу универзалните наследници кои не се
откажале од наследство, настанува наследничка заедница и дека таа постои се до
правосилноста на решението за наследување.
Меѓутоа, за да дојде до наследување, т.е. до појава на повеќе лица како
наследници, потребно е да се отвори наследството на некое лице, така што со
одредбата од член 120 од ЗН е пропишано дека со смрта на едно лице, или со
прогласување на едно лице за умрено, се отвора неговото наследство, со што
правно и фактички, настанува наследничката заедница меѓу неговите наследници.
Со смртта, физичкото лице нестанува и од правниот живот, и од сите правни
односи кои егзистираат се додека тоа лице е живо. Заради тоа, се појавува
потребата за натамошно регулирање, ликвидирање на сите правни односи во кои
тоа лице се наоѓало, односно на неговите права и обврски, од кои меѓу
најзначајните, кои бараат и посебен активитет на државните органи, се оние односи
кои се однесуваат на неговиот имот.
Токму и заради тоа, се пропишува дека со смртта на едно лице (декујус) се
отвара неговото наследство. Смртта на физичкото лице, значи, претставува
суштествена претпоставка за наследувањето, т.е. за преминување на неговата
оставина врз неговите наследници. Живите не се наследуваат.
При ова, овде се укажува на потребата за разликување на поимот “отварање
на наследството на едно лице (delatio)”, од поимот “поведување на постапката за
расправање на оставината на едно лице” (в. чл.121 од Законот за вопарничната
постапка /ЗВП/). Отворањето на наследството на едно лице се збиднува во
моментот на неговата смрт, односно со прогласувањето на едно лице за умрено,
додека поведувањето на постапката за расправање на оставината, претставува
постапување на одредени државни и други органи, со кои се утврдуваат
наследниците на едно лице, имотот кој ја сочинува неговата оставина и правата од
оставината што им припаѓаат на наследниците, легатарите и други лица (в. чл.120
од ЗВП).
Отворањето на наследството на едно лице со неговата смрт (декујус),
настанува без оглед на својството на тоа лице: пол, возраст, националност, раса,
религија, додека државјанскиот статус може да биде од значење само за тоа на
поинаков начин да биде расправена оставината, зависно од тоа за државјанин на
која држава, или апатрид, се работи.
Смртта, по правило се докажува со извод од матичната книга на умрените,
кој, како и изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на неа, претставува
јавна исправа.
На ист начин се докажува и прогласувањето на едно лице за умрено, бидејќи
правосилната судска одлука за прогласување на исчезнато лице за умрено, односно
за докажување на смртта, донесена во постапката поведена согласно чл.74-92 од
ЗВП, се запишува исто така во матичната книга на умрените.
Со оглед што сите материјално-правни дејства на наследното право се
врзуваат и определуваат според денот, односно часот, а ако може тоа да се утврди
со сигурност - и според моментот на смртта на едно лице, нужно е да се утврди
со сигурност таа околност. Сите промени, кои настанале подоцна, немаат влијание
врз наследно-правните односи.
Значи, според моментот на смртта на едно лице (декујус):
1) Се отвора неговото наследство (чл.120 од ЗН), а неговата оставина, по
силата на законот, преминува врз неговите наследници (чл.127 од ЗН). Според тоа,
во нашиот правен систем не постои лежечка оставина (hereditas iaacens);
2) Се определува состојбата и составот на оставината. Според одредбите
од чл.147 од ЗВП, пописот и процената на оставината, што се врши по одлука на
надлежниот орган, ги опфаќа: сиот имот на умрениот што го имал во владение во
моментот на неговата смрт, имотот што му припаѓал на умрениот, а се наоѓа кај
друго лице, при што се назначува кој имот, кај кого се наоѓа и по кој основ, како и
имотот што во моментот на смртта го имал умрениот и за кој се тврди дека е негова
сопственост. Во пописот, доколку е тое можно, се забележуваат побарувањата и
долговите на умрениот, а посебно неплатените даноци и други давачки.
3) Кругот на лицата повикани на наследство, кои се живи во тој момент
(чл.12, 122 ст.1 од ЗН), освен детето веќе зачнато во тој момент, кое може да биде
наследник ако се роди живо (в. чл.122 ст.2 од ЗН);
4) Способноста (чл.122 од ЗН), односно недостојноста на наследниците за
наследување (чл.123 од ЗН);
5) Големината на наследниот дел на наследниците, и другите права кои им
припаѓаат на наследниците (чл. 12-22 од ЗН), легатарите и на другите лица;
6) Почетокот на текот на застареноста на наследноправните барања, во
случаи кога е пропишано дека таа започнува да тече од моментот на смртта на
оставителот (чл.45 од ЗН - барање за враќање на подароците, односно чл.136 ст.2
од ЗН - правото да се бара оставината со тужба);
7) Надлежноста на судот, односно на нотарот како повереник на судот за
расправање на оставината за конкретниот оставител (в. чл.126-142 од ЗВП, при што
според член 129 од ЗВП, месно надлежен за расправање на оставина е судот на чие
подрачје, во времето на смртта, оставителот имал постојано живеалиште, односно
престојувалиште (оставински суд)).
Инаку, постапката за расправање на оставината, се поведува врз основа на
смртовница, која, по правило, ја составува матичарот, во рок од триесет дена од
денот на смртта, а меѓу другото, ги содржи имињата на наследниците, имотот кој ја
сочинува неговата оставина и друго, и ја доставува до оставинскиот суд (в. чл.142
од ЗВП), но не е исклучено, смртовница да состави и самиот оставински суд, или
составувањето на смртовнцата да му го довери на нотарот (чл.143 од ЗВП)..
Претходно беше наведено дека со смртта на едно лице се отвора неговото
наследство (чл.120 од ЗН), а бидејќи оставината на умреното лице според член 127
од ЗН преминува, по силата на законот, врз неговите наследници во моментот на
неговата смрт, произлегува дека во нашиот правен систем не е прифатена
категоријата на “лежечка оставина” (hereditas iacens).
Со категоријата “лежечка оставина”, која потекнува од римското право, и е
прифатена во некои романски права, се означува оставината од смртта на
оставителот, до нејзиното врачување на наследниците, со тоа што својството на
наследник го добиваат дури со врачувањето на оставината.
Заради тоа, во нашиот правен систем, позитивната наследничка изјава,
изјавата со која едно лице се прифаќа за наследник на определен оставител, не е
претпоставка за да едно лице биде огласено за наследник. Обратно, повиканиот
наследник, може да се откаже од наследството и во тој случај се смета дека не
станал наследник (чл.128-135 од ЗН).
Од одредбата од чл.130 ст. 1 од ЗН, произлегува дека наследникот, и пред
давање на наследничката изјава, може да располага со целата или со дел од
оставината, но во тој случај не може да се откаже од наследство. Меѓутоа, според
чл.130 ст.2 од ЗН, може да се откаже од наследство наследник што презел мерки
само заради запазување на оставината.
Од одредбите од чл.126 од ЗН, со кој е регулирано поставувањето на
привремен старател, произлегува дека оставината не може да тужи, ниту да биде
тужена, односно да биде странка во спор, туку дека тоа се наследниците, дури и
кога не се именувани.

2.- Правни својства на наследничката заедница


Како што понапред e наведено, наследничкатаа заедница настанува во
случај кога како наследници на определен оставител се јавуваат повеќе лица, меѓу
кои настанува правна врска од која произлегуваат бројни правни односи, кои ја
сочинуваат заедницата на наследниците, која во правото е именувана како
наследничка заедница. При тоа, лицата кои ја сочинуваат оваа наследничка
заедница се оние чие наследно право, како универзални сукцесори, е уредено со
Законот за наследувањето, како што се: законските наследници, тестаменталните
наследници и нужните наследници, кои се повикани на наследство.
Заедништвото на овие лица - сонаследници се заснова на имотен суспстрат
т.е. на посебната имотна целина која произлегува од оставината која останала
после смртта на нивниот наследодател., а врз која секој од нив полага извесно
наследно право.
Со оглед на тоа што овој имотен супстрат, се до правосилноста на
решението за наследување, како неподелена оставина има некоја специфична
самостојна егзистенција, барем во однос на посебниот имот на секој од
наследниците, во правната теорија е поставено прашањето дали наследничката
заедница е субјект во правото. Во врска со елаборирањето на ова прашање секако
треба да се има предвид дека таа имотна целина не е ниту физичко, ниту правно
лице, бидејќи тоа не произлегува ниту од нејзините физички квалитети, ниту пак
правниот поредок и го признал својството на правно лице.
Според тоа, во настапувањето на таа имотна заедница во правните односи
неминовно таа треба да се третира како неподелен имот на сите сонаследници, така
што целосноста на сите пресумптивни наследници, кои не се ниту именувани,
претставува оној правен субјект во чие име и за чија сметка се преземаат сите
правни дејствија во односите со трети лица. Впрочем тоа е изречно речено и во
одредбата од член 126 од ЗН, според кој во случај кога наследниците се
непознати или се со непознато престојувалиште, како и во други случаи кога е
тоа потребно, судот ќе постави привремен старател на оставината кој ќе ги
застапува наследниците.
Од оваа одредба произлегува заклучокот дека привремениот старател на
оставината ги застапува наследниците, иако не се знаат нивните имиња, дури и
не се знае кои се тие. Тој ги застапува сите нив заедно, без тие да бидат именувани,
дури и кога се познати, па дале и наследнички изјави. Тој се грижи за заедничките
интереси на сите наследници како целина во однос на оставината, но и на
оставината, уште како нераспределен имот, спрема трети лица. Привремениот
старател на оставината не може да ги врши оние права кои индивидуално му
припаѓаат на некој наследник.
Според тоа, во парниците што тој ги води во име и за сметка на сите
наследници, како странка се сметаат сите наследници заедно, без оглед на тоа дали
се познати или не, а не лично привремениот старател на оставината.
Понатаму, со одредбата од член 85 од ЗСДСП е речено дека до донесувањето
на решение за наследување, наследниците го користат и управуваат со
наследството заеднички.
Одтаму, неминовно е да се заклучи дека наследничкатаа заедница ги има
некои од карактеристиките на заедничката сопственост, односно на заедички
имот, но со суштествени разлики во карактеристиките од оние на заедничкиот
имот како што тој е регулиран со одредбите од чл.59-65 од ЗСДСП. Основните
отстапувања се состојат во тоа што кај наследничкатаа заедница во јавните книги
за евиденција на сопственоста, се до правосилноста на решението за наследување,
не се запишува името ниту на еден од пресумптивните наследници, така што
располагањето со одредени права кои се во наследничката заедница, односно
заштитата на одредени права спрема трети лица се врши во име на
неименуваните наследници, преку старателот на оставината, или преку
управителот именуван според одредбите од чл.85 од ЗСДСП (в. подолу).
Конечно, карактеристики на наследничната заедница се и тие дека таа не
настанала со волја и заработка на наследниците заради некоја нејзина трајна
егзистенција, но дека таа постои привремено само колку да се разрешат прашањата
за тоа колкав дел од таа имотна маса ќе му припадне на секој одделен наследник,
после што таа и престанува да постои.

3.- Лица кои ја сочинуваат наследничката заедница


Погоре беше наведено дека, за да настане наследничка зедница, неопходно е
како наследници на определен оставител да се јаават повеќе лица, со тоа што лица
кои ја сочинуваат оваа наследничка заедница се оние чие наследно право, како
универзални сукцесори, е уредено со Законот за наследувањето, во кои спаѓаат:
законските наследници, тестаменталните наследници и нужните наследници, кои
се повикани на наследство.
Распоредувње на законските наследници по законски наследни редови, според
парентеларно-линеарниот систем е уредено со одредбите од чл.12-22 од ЗН.
Според чл.96 од ЗН, завештателот може со тестаментот да определи еден
или повеќе наследници, на целиот имот или на дел од имотот.
Според чл.30-45 од ЗН, нужни наследници се оние наследници кои имаат
право на дел од оставината, кој се вика нужен дел, а кој им припаѓа во случај
оставителот, со тестамент или на друг начин определен со закон, да располагал со
оставината.
Со оглед на одредбата од чл.127 од ЗН, според која оставината на умрено
лице преминува, по сила на законот, врз неговите наследници во моментот на
неговата смрт, за стекнување својство на наследник не е потребно едно лице да
биде огласено за наследник со решение за наследување, имајќи предвид дека во
определени случаи (напр. кога оставителот оставил само движен имот - чл. 165 ст.2
од ЗВП) такво решение не се ни донесува, иако има имот кој влегува во оставината.
Од одредбата од чл.82 од ЗСДСП, според која наследниците што не се
откажале од наследство, до правосилноста на решението за наследување (чл.167
ст.4 во врска со чл.177 од ЗВП), се заедничари, произлегува дека пресумптивните
наследници кои се откажале од наследство (чл.128-135 од ЗН), не влегуваат во
наследничката заедница на односниот оставител.
Според одредбата од чл. 130 ст.1 од ЗН, не може да се откаже од наследство
наследник кој располагал со целата или со еден дел од оставината.
Наследникот, кој не дал изјава за откажување од наследство, судот, односно
нотарот ќе го прогласи за наследник. Имено, со чл.167 ст.4 од ЗВП е пропишано
дека, во поканата за рочиштето за расправање на оставината, судот ќе ги
предупреди заинтересираните лица дека можат до завршувањето на постапката да
дадат изјава за прифаќање или откажување од наследство и дека, ако не дојдат на
рочиште или не дадат изјава, за нивното право ќе одлучи врз основа на податоците
со кои располага.
Во случај умрениот да оставил тестамент, судот (нотарот) ќе ги повика на
рочиште и оние лица кои според законот би можеле да полагаат право на
наследство.
Според член 129 од ЗН, ако наследникот умрел пред да се заврши
расправата на оставината, а не се откажал од наследството, правото на
откажување преминува врз неговите наследници (наследничка трансмисија).
Откажувањето во корист на определен наследник, не се смета како
откажување од наследство, туку изјава за отстапување на својот наследен дел
(чл.131 ст.2 од ЗН). Оваа изјава секако е последица на некое претходно правно
дело: подарок, отстапување со надомест и сл.; и подлежи на регулирање на
обврската за плаќање данок на промет, за соодветното правно дело.
Наследникот што се откажал од наследство, не одговара за долговите на
оставителот - в. чл.137 ст.2 од ЗН, но тоа не се однесува на наследникот кој се
откажал во корист на определен наследник.
Со одредбите од чл.133 ст.3 од ЗН во врска со чл.185 од ЗВП, е ргулирано дека
наследникот што дал изјава за откажување од наследството, во случај да се
пронајде имот за кој не се знаело дека и припаѓа на оставината, во време на
давањето на наследничката изјава, може да поабара да му се признае право на
наследство на делот што по законот му припаѓа на новопронајдениот имот.
Доколку таквиот наследник даде наследничка изјава дека се прифаќа за наследник
на новопронајдениот имот, се заснова наследничка заедница во врска со тој
новопронајден имот, која постои се до правосилноста на решението за наследување
на тој новопронајден имот.
Со оглед на тоа што не постои наследничка заедница меѓу наследниците и
други лица кои се корисници на предмети или права од оставината, како што се на
пр. легатарите, задужбините (фондациите) и сл., во решението за наследување нема
да се стави изјавата за откажување во корист на определено лице кое не е наследник,
на пр., во корист на легатар, свој потомок и сл. Во таков случај не се работи за
наследно-правен однос, па нема место за примена на оние одредби од ЗН што ја
регулираат изјавата за откажување од наследство, така што тоа лице со тоа не
станува сонаследник, не влегува во наследничката заедница.
Доверителите на наследникот кој се откажал од наследство, можат да ја
побиваат таквата наследничка изјава, ако поради таквата изјава, наследникот не
прибавил достатно средства за исполнување на нивните побарувања, што е
регулирано со одредбите од чл.269-274 од ЗОО.
Лицето кое со тужба, по правосилноста на решението за наследување
(в.чл.187 од ЗВП, чл.136 од ЗН со кој е регулирана застареноста на правото да се
бара оставината со тужба) како наследник на определен оставител бара да му се
признае право на наследство и да се задолжат наследниците кои примиле делови од
оставината на истиот оставител од кој и тоа лице го извлекува правото на
наследство да му предадат дел од наследството, не е член на наследничката
заедница на наследниците на тој оставител, бидејќи таа престанала со
правосилноста на решението за наследување со кое тие лица се огласени за
наследници (в. чл.87 од ЗСДСП).
При разгледување на наследноправната положба на наследниците, треба да
се има предвид дека постојат ситуации во кои наследноправната положба на
наследниците е раздвоена од оставината. Имено, додека управувањето со
наследството е доверено на трето лице, било тоа да станало со поставување
управител на наследството, или старател на оставината, или извршител на
тестаментот, или наследството, преку орочување или условување, е дадено на
претходниот наследник наследниците се суспендирани од извршување на своите
права и обврските кои произлегуваат од нивната наследноправна положба, во делот
во кој управувањето му е доверено на такво лице, што значи постои одвоеност на
наследноправната положба на наследникот од наследството (в.подолу во
соодветните делови од овој труд).
Од домашната судска практика ги издвојуваме следните правни стојалишта:
1.- Изјавата за откажување од наследство во корист на лице кое не влегува во
кругот на наследниците, не произведува правно дејство. Одредбата од чл. 139 од
ЗН - предвидува откажување од наследство само во корист на одреден наследик, но
не и во корист на лице кое не е наследник. (ВСМ, Гзз. 35/67од 19.01.1968).
2.- Кога тестаменталниот наследник даде изјава дека се прифаќа за наследник,
може својот наследен дел да го отстапи на друг наследник на истиот оставител и
судот таквото располагање ќе го уважи. Ова заради тоа што меѓу нужните и
тестаменталните наследници постои наследничка заедница до делбата и за
отстапувањето и примањето на наследен дел е дозволено одлучување во оваа
постапка. (Решение на Окружен суд во Скопје, Гж. бр. 157/78 од 23.05.1978 год.).
3.-Наследникот кој во текот на оставинската постапка изјавил дека му го
отстапува наследниот дел на друг наследник, има право да бара да се раскине
договорот врз основа на кој ја дал изјавата за отстапување на наследниот дел,
доколку за тоа се исполнети адекватните услови. (ВСМ Рев. бр. 796/82 од
22.03.1983 година, СП 6/83-48).
4.- Иако правосилното решение за наследување е донесено во време на
важењето на сојузниот Закон за наследувањето, правата на наследникот кој се
откажал од наследство, доколку дополнително се пронајде имот што припаѓа на
оставината, ќе се расправат според одредбите од републичкиот Закон за
наследувањето. (ВСМ Рев. 233/85 и Гзз. 95/85 од 17.12.1985 година).
5. Со наследничка изјава со која сопругата на оставителот изјавила дека не
бара наследен дел кој и следува по законот и е согласна синот да биде огласен за
единствен наследник, не се смета дека таа се прифатила за наследник, а потоа
својот наследен дел го отстапила на синот. (ВСРМ, Гзз. бр. 72/99 и Рев. бр. 796/99
од 08.07.1999 година, ,,Правник,, бр.96, одл. 9)
6. Снаата од синот на оставителката има право на наследство спрема
оставителката само ако нејзиниот брачен другар - син на оставителката, умрел
после оставителката, а не пред неа. (ВСРМ, У. бр. 1017/98 од 07.06.2000
година ,,Правник,, бр. 105, одл. 12)
7. Не е ништовна изјавата за откажување од наследство во корист на другите
наследници, само затоа што тие не се изјасниле дека го примаат отстапениот дел,
ако го пријавиле во катастарот како свој имот. (ВСРМ, Рев. бр. 291/99 од 13.07.2000
година, ,,Правник,, бр. 206/2009)

4.- Правна положба на сонаследиците во односите меѓу нив


Управител на наследството
Функционирањето на наследничката заедница до донесувањето на
решението за наследување, всушност - до правослноста на решенеито за
наследување, имајќи ја предвид одредбата од чл.82 од ЗСДСП дека наследниците
што не се откажале од наследството, до правосилноста на решението за
наследување, се заедничари, е регулирано со одредбите од член 85 од ЗСДСП, со
кој е пропишано следното:
,,До донесувањето на решение за наследување, наследниците го користат
и управуваат со наследството заеднички.
Ако нема извршител на тестаментот, а наследниците не се согласат за
управување со наследството, судот по барање на еден од нив, ќе постави
управител кој за сите нив ќе управува со наследството или ќе му определи на
секој наследник дел од наследството со кој тој ќе управува.
За управител судот може да постави и некој од наследниците.
Управителот може со одобрение од судот да располага со стварите од
оставината, ако за тоа е овластен со тестаментот, или ако тоа е потребно
заради исплата на трошоците или за отстранување на некаква штета.``
И со одредбите од чл.85 од ЗСДСП несомнено се потврдува определбата
дека до донесувањето (т.е. до правосилноста - в. чл.82) на решението за
наследување, наследниците управуваат со наследството заеднички, што значи дека
меѓу нив постои наследничка заедница. Субјект на наследството се сите наслед-
ници заедно како целина. Наследничката заедница е заедница на добрата која
настанува меѓу наследниците во врска со имотот што го сочинува наследството, и
таа постои само меѓу наследниците, а не меѓу нив и други лица кои се корисници
на предмети или права од оставината, како што се на пр. легатарите, задужбините
(фондациите) и сл. Според тоа, може да се каже и тоа дека оставината, до
правосилноста на решението за наследување, претставува заеднички имот на
наследниците, така што одделен наследник не може да располага со одделни
предмети или права од оставината.
Меѓутоа, од фактот на постоењето на наследничка заедница несомнено е
дека одделен наследник може да располага со својот наследен дел. Имено, со
одредбата од чл.131 ст.2 од ЗН, е пропишано дека определен наследник може да се
откаже од својот наследен дел во корист на друг, определен наследник, и, таа изјава
се смета како изјава за отстапување на својот наследен дел. Значи, ако може
наследникот, уште во текот на постапката за расправање на оставината својот
наследен дел да го отстапи на друг сонаследник, тоа може да го стори и на трето
лице, но тоа лице со тоа не станува сонаследник, не влегува во наследничката
заедница. Врз основа на таквиот договор, третото лице не може ни да бара делба
на наследството, се додека, по правосилноста на решението за наследување, не му
биде предаден делот од страна на наследникот кој му го отуѓил својот дел. Но,
притоа треба да се има предвид одредбата за правото на првенствено купување од
страна на другите сонаследници, имајќи ги предвид одредбите од чл.86 и чл.33 од
ЗСДСП за правото на првенствено купување од страна на сонаследникот, односно
сосопственикот.
Сонаследниците имаат право да ги држат и користат добрата од
оставината, во согласност со нивниот договор, а ако за тоа не постигнат договор,
начинот на држењето и користењето го определува судот според одредбите кои се
однесуваат на сосопственичките односи (чл.36 од ЗСДСП).
Трошоците околу одржувањето, користењето и управувањето со
заедничките добра, се делат сразмерно меѓу наследниците сообразно со големината
на нивните наследни делови.
Заедничкото управување со наследството од страна на наследниците
означува тоа дека ќе се преземат мерките на редовната управа: грижа за редовна
употреба и одржување на предметите од оставината, прибирање на приходите,
судска и друга заштита од посегнување на трети лица и сл. Секако, ако некој од
наследниците управува со ноставината, тој има право на соодветна награда за тоа.
Евентуалното располагање со предметите од оставината, под условите од
ст.4 на чл.85, го опфаќа отуѓувањето или оптоварувањето на одделни предмети од
оставината, исплата на трошоците и сл.
Ако има извршител на тестаментот, за што одредби се содржани во
чл.113-116 од ЗН, тој управува со наследството, а ако таков нема, судот, согласно
со одредбите од ст.2 и 3 од чл.85, ќе постави управител на наследството.
Во таков случај, додека управувањето со наследството е доверено на трето
лице, наследниците се суспендирани од извршување на своите права и обврските
кои произлегуваат од нивната наследноправна положба, во делот во кој
управувањето му е доверено на управителот на наследството, што значи постои
одвоеност на наследноправната положба на наследникот од наследството..
Управителот на наследството е овластен да ги врши работите од тековната
управа, а работите, опфатени со ст.4 на чл.85, може да ги врши само со одобрение
на судот. Тој може да бара од одделните наследници да ги внесат во оставината и
предметите кои се наоѓаат кај нив, а и припаѓаат на оставината.
По однос на правната природа на управителот на наследството, без оглед
на тоа дали е тој именуван од наследнииците или од страна на судот, преовладува
стојалиштето дека тој е полномошник на наследниците, кои дури и не мора да се
именувани.
За престанокот должност на управител, овде можат по аналогија да се
применат одредбите од чл.47 од ЗСДСП, со кој е уредено престанување на
должноста управител кај сосопственичките односи.
Наследничката заедница, според чл.87 од ЗСДСП, престанува со
правосилноста на решението за наследување, кога лицата огласени за наследници
добиваат статус на сосопственици на предметите што ја сочинуваат оставината.
Секој од наследниците за време на траењето на наследничката заедница има
право на првенствено купување на делот од другите наследници, кое е регулирано
со одредбата од член 86 од ЗСДСП, со кој е пропишано дека секој од
наследниците за време на траењето на наследничката заедница има право на
првенствено купување на делот од другите наследници.
Од судската практика на судовите во Република Хрватска, ги бележиме
следните правни стојалишта:
- управителот на наследството е овластен и должен да ги преземе сите мерки
за обезбедување и сочувување на оставинскиот имот во интерес на сите
наследници меѓу кои не постои спогодба за управување со наследството;
- наследничката заедница престанува со распределба на оставинскиот имот на
наследниците со решението за наследување, па поради тоа нема место
наследничката заедница да се запишува во земјишните книги.
- договорот на наследникот со лице кое не е наследник за отстапување на
наследството склучен за време на траењето на наследничката заедница е
полноважно правно дело со облигационоправно дејство и тој го обврзува
наследникот по извршената делба да го предаде својот дел на соконтрахентот;
- непотребно е да се дозволи привремена мерка за забрана на тужените да ги
отуѓуваат недвижностите кои ги наследиле заедно со тужителот, а за кои сеуште
постои наследничка заедница, бидејќи не постои опасност дека остварувањето на
тужителовото барање за признавање на правото за делба на заедницата би можело
да се осуети или значително отежне со пренос на спорните недвижности на трето
лице, имајќи предвид дека за времетраењето на наследничката заедница
наследникот не може својот наследен дел да го пренесе на трето лице.

5.- Правна положба и односи на наследниците кон трети лица


Одговорност за долговите на оставителот
Во однос на прашањето за правната положба и за односите на наследниците
кон трети лица, предвид се имаат имотните односи меѓу наследниците во врска со
нивната одговорност за долговите на оставителот, кое прашање на единствен
начин е регулирано со посебни законски одредби. Така, со одредбите од член 83 од
ЗСДСП е пропишано следното:
,,Наследникот одговара за долговите на оставителот до висината на
вредноста на наследениот имот.
Наследникот кој се откажал од наследството не одговара за долговите
на оставителот.
Кога има повеќе наследници тие одговараат солидарно за долговите на
оставителот и тоа секој до висината на вредноста на својот дел од
наследениот имот, без оглед на тоа дали е извршена делба на наследството.
Меѓу наследниците долговите се делат сразмерно со вредноста на
имотот што секој од нив го наследил, ако со тестаментот поинаку не е
определено.``
Од одредбата на ст. 1 од чл.83 произлегува дека долговите на оставителот не
се наследуваат, туку тие претставуваат товар на оставината. За долговите на
оставителот одговара секој од наследниците, и тоа со целиот свој имот, а не само со
наследените добра, меѓутоа само до вредноста на наследениот имот.
Доверителите можат да бараат наплата на долговите веднаш по отворањето
на наследството, не чекајќи да се расправи оставината. За тоа, според одредбите од
чл. 114 од ЗН, извршителот на тестаментот се грижи за исплата на долговите; а
според чл.126 од ЗН, тоа важи и за привремениот старател на оставината кој ги
застапува наследниците, а според чл.84 од ЗСДСП, пак, (в. подолу), доверителите
на оставителот можат да бараат оставината да се оддели од имотот на
наследникот, во рок од три месеци од отворањето на наследството.
Не постојат законски одредби за тоа според кој редослед ќе се исплатат
долговите на оставителот, но нормално е, пред исплатата на тие долгови да се
намират трошоците за погреб на оставителот, како и трошоците за попис и процена
на оставината. Од долговите, хумано би било да се даде приоритет на трошоците за
лекување на оставителот во времето пред неговата смрт, а останатите долгови да се
намируваат според редоследот на поставените барања од страна на доверителите.
Секако при тоа треба да се води сметка за постоење на залог - хипотека врз
одредени ствари од оставината.
Вредноста на наследениот имот се утврдува при пописот на оставината,
што е регулирано со одредбите од чл.146-152 од ЗВП. Дополнителното
зголемување, односно намалување на таа вредност, не би била од значење за
големината на одговорноста на наследникот, доколку не е побарано одделување на
оставината, според чл.84 од ЗСДСП.
Долговите на оставителот не се утврдуваат во решението за наследување
за кое одредби се содржани во чл.177 од ЗВП. Поради тоа не ни постои должност
на доверителите да ги пријават, во текот на постапката за расправање на
оставината, своите побарувања освен ако не побарале одделување на оставината.
Меѓутоа, според одредбите од чл.33 од ЗН, судот, заради утврдување вред-
носта на оставината врз основа на која се пресметува нужниот последен дел, е
должен да го утврди износот на оставителовите долгови.
Секој наследник: законски, тестаментален, или нужен, одговара за
долговите на оставителот, и неговата одговорност настапува по сила на законот,
штом се прифатил на наследство изречно или преку располагање со оставината
(чл.130 од ЗН).
Наследникот одговара за долговите на оставителот до висината на
вредноста на наследениот имот (ст.1 од чл.83 од ЗСДСП), што значи не одговара
и до висината на вредноста на имотот кој уште за време на животот на оставителот
го примил од оставителот врз основа на бесплатни располагања (договор за
подарок, распределба на имотот за време на животот). Тоа затоа што имотот, што
го примил наследникот за време на животот на оставителот и кој според чл. 50-61
од ЗН, евентуално, му се засметува во законскиот наследен дел по барање на
останатите сонаследници, не е наследен имот, бидејќи врз наследникот не
преминал со наследување, туку со друга правна работа, независно од
наследувањето.
Одговорност на легаторот за долговите на оставителот, според чл.110 ст.2
од ЗН постои кога тоа го нареди завештателот, имајќи предвид дека, според
одредбите од тој член легатарот не одговара за долговите на завештателот, но
завештателот може да нареди легатарот да одговара за сите или за одделни негови
долгови, или за дел на некој долг во границите на вредноста на легатот.
До вредноста на издвоените предмети од домаќинството, според чл.110
ст.2 од ЗН чл.37 од ЗН, одговараат лицата на кои им припаднале тие предмети.
Имено, според одредбите од тој член, на брачниот другар, предците, посвоителот,
потомците, посвоеникот и неговите потомци и лицата од чл.29 од ЗСДСП, кои
живееле со оставителот во исто домаќинство им припаѓаат предметите на
домаќинството што служат за задоволување на нивните секојдневни потреби, освен
предметите од позначителна вредност. Издвоените предмети не се земаат предвид
при пресметувањето на нужниот дел, ниту му се засметуваат на наследникот во
неговиот наследен дел.
Наследникот што се откажал од наследството во корист на определен
наследник според чл.131 ст.2 од ЗН, одговара како и секој друг наследник за
долговите на оставителот.
Одредбата од ст.3 од чл.83 од ЗСДСП значи тоа дека доверителот може да
бара наплата на своето побарување од секој наследник, но тоа свое побарување ќе
може да го реализира од наследникот од кого побарал намирување, само до
висината на вредноста на имотот што тој наследник го наследил. Ако му
преостане ненаплатен дел, остатокот ќе го побара од некој друг наследник.
Секој наследник што платил повеќе за долговите на оставителот, отколку
што сразмерно со целата оставина изнесува вредноста на имотот што го наследил,
има право да бара од другите наследници платеното да му го вратат, сразмерно со
вредноста на имотот што секој од нив го наследил.
Нужниот наследник, кој ги платил долговите на оставителот, има право,
согласно со ст.4 од чл.83 од ЗСДСП, да бара да му го вратат сето она што го
платил, и тоа секој друг наследник сразмерно со вредноста на имотот што го
наследил, бидејќи нужниот дел, на начинот на кој се утврдува (в. чл.33 од ЗН), го
наследува чист од секакви долгови.
Доверителот што има побарување спрема оставителот, може да поднесе
тужба против секој наследник, но судот тоа барање ќе го усвои само до висина на
вредноста на имотот што тој наследник го наследил. Ако, пак, доверителот има
извршна исправа за своето побарување спрема оставителот, врз основа на таа
извршна исправа и решението за наследување, тој може да побара извршување
против секој наследник, но извршителот тоа извршување ќе го спроведе само до
висината на вредноста на имотот што тој наследник го наследил.
Ако не се води постапка за расправање на оставината, бидејќи оставителот
оставил само движен имот (в. чл.165 ст.2 од ЗВП), тогаш доверителот мора во
парница да го докаже и преминувањето на оставината врз наследникот што е
тужен, вредноста на наследениот имот од тој наследник и големината на своето
побарување, ако за тоа нема извршна исправа.
И обратно, таквите наследници, и кога не е расправена оставината (в.чл.165
од ЗВП), можат да ги утужуваат побарувањата на својот оставител.
Државата, на која ќе и припадне оставината без наследник (в. чл.11 од ЗН),
исто така одговара за долговите на оставителот до висината на вредноста на имотот
што ќе го добие по тој основ. За ова, по аналогија може да се примени. и чл.440 од
ЗОО, за одговорност за долг во случај на примање на некоја имотна целина.
Од одредбите од чл.83 од ЗСДСП не произлегува обврска наследникот да
одговара за долговите на оставителот кои се од чисто лична природа, како напр.
обврската за законско издржување на: деца, брачен другар, родители и сл.
Меѓутоа, преминува обврската за издржување на лице на кое тоа побарување му е
досудено како надомест на штета, поради нанесување телесна повреда или
нарушување на здравјето, односно предизвикување смрт на лицето кое имало за-
конска обврска за издржување на некое лице.
Од домашната судска практика ги издвојуваме следните правни
стојалишта:
1. Одговорноста на наследникот, за долговите на оставителот до висината на
вредноста на наследениот имот, се утврдува во текот на парничната постапка, а не
во извршната постапка, бидејќи пресудата со која се задолжува да го плати долгот
може да се движи само во рамките на вредноста на наследениот имот. (ВСМ, Рев.
623/80 од 01.11.1980 год. Зб. III/31).
2. Давателот на издршката не е наследник, туку странка во договорот за
доживотна издршка. Според тоа, давателот на издршката не одговара за долговите
на примателот на издршката, освен ако таквата одговорност е предвидена со
самиот договор. (Окружен суд Скопје, Гж. 5000/88 од 08.11.1988 год. Билтен бр. 6).
3. Против наследник на должникот може да се спроведе извршување за
наплата на долг од извршна исправа која гласи на оставителот - должник, само
доколку има решение за наследување, а извршувањето може да се спроведе само до
висината на вредноста на имотот што тој наследник го наследил од оставината на
починатиот должник. (АСБ, Гж. бр. 3271/09, Зб. ОБСЕ, стр. 160)

6.- Директна одговорност на наследничката заедница за долговите на


оставителот -
Одделување на оставината (separatio bonorum)
Животните околности наложуваат доверителите да не мора да чекаат
оставината да се расправи со решение кое треба и да стане правосилно, за да можат
да ги наплата своите побарувања кои ги имаат спрема оставителот, а кои настанале
уште додека оставителот бил жив. Поради тоа, со закон се регулирани правата на
доверителите на оставителот да бараат одделување на оставината од имотот на
наследниците, во кој случај тие доверители можат да ги наплатат своите
побарувања само од средствата на оставината. Така, со член 84 од ЗСДСП, е
пропишано следното:
,,Доверителите на оставителот можат да бараат во рок од три месеци
од отворањето на наследството оставината да се оддели од имотот на
наследникот.
Во тој случај наследникот не може да располага со предметите и
правата од оставината ниту неговите доверители можат од нив да се
наплатат, додека не се наплатат доверителите кои барале одделување.
Доверителите на оставителот кои го барале ова одделување можат да ги
наплатат своите побарувања само од средствата на оставината.
На одделената оставина судот може да и постави старател.``
Секој доверител на оставителот може да бара одделување на оставината, а
не евентуално тоа да го бараат вкупно сите доверители. И кога само еден доверител
тоа го бара, оставината мора да се оддели од имотот на наследниците.
Кога ќе се поднесе вакво барање, тогаш се одделува целата оставина, од
имотот на сите наследници, а не само одделни делови од оставината, односно не
само од имотот на одделни наследници.
За да се спроведе одделувањето на оставината, судот ќе нареди попис и
процена, во смисла на одредбите од чл.146-152 од ЗВП.
Додека трае одделувањето на оставината, што значи додека трае
намирувањето на побарувањата на доверителите на оставителот, наследниците не
можат да преземаат никакви дејствија во врска со располагањето со предметите и
правата од оставината. Единствено, врз основа на чл.162 од ЗВП, тие можат да
бараат да се преземат привремени мерки за обезбедување на оставината, но и други
дејствија во врска со расправањето на одделни прашања кои ќе бидат од значење за
утврдување правото на наследство на одделни од нив, полноважноста или
содржината на тестаментот, и другите прашања за кои судот може да расправа во
смисла на одредбите од чл.171 од ЗВП.
Со оглед на ова, судот ќе подзастане и со донесувањето на решението за
наследување (чл.177 од ЗВП), бидејќи не се знае што ќе остане од оставината, и
дали воопшто нешто ќе остане, односно дали, ако во оставината остане само
движен имот, некој од наследниците ќе побара да се спроведе расправа.
Со оглед на сето ова, одредбата на чл.127 од ЗН, според која, оставината на
умреното лице преминува, по силата на законот, врз неговите наследници во
моментот на неговата смрт, треба да се сфати во смисла дека тоа преминувањето се
однесува само на она што останало од оставината по намирувањето на
доверителите на оставителот.
Наплатата на побарувањата на доверителите на оставителот се врши според
одредбите од Законот за извршување (ЗИ), според кои доверителите на оставителот
се јавуваат како доверители при присилното извршување (се разбира, ако
претходно се здобиле со извршни исправи за своите побарувања), а наследниците,
макар и неименувани, евентуално застапувани од старателот на оставината,
согласно ст.4 од чл.84 од ЗСДСП се сметаат за должници.
Не е исклучено, доколку оставината е презадолжена, т.е. ако висината на
долговите на оставителот ја преминува вредноста на оставината, над оставината да
се спроведе и стечај, со што ќе се овозможи рамномерно намирување на
доверителите на оставителот.
Старателот, што евентуално судот ќе го постави на одделената оставина, врз
основа на ст.4 од чл.84, не ја застапува оставината, бидејќи таа нема својство на
правно лице, туку тој ги застапува наследниците, не поименично туку во вкупност.
Поподробни одредби за ова се содржани во чл.126 од ЗН, според кој за
статарел на оставината судот може да го постави некој од наследниците, во
смисла на чл.140 од ЗН, или пак да определи таа должност да ја врши извршителот
на тестаментот, назначен според одредбите од чл.113-116 од ЗН.
За постапката на судот за поставување старател одредби се содржани во
чл.154 од ЗВП, а поподробни одредби за попис и процена на оставината и за
привремени мерки за обезбедување на оставината - во чл. 146-153 од ЗВП.
И на старателот на оставината поставен според чл.84 ст. од ЗСДСП, се
применуваат одредбите од чл. 126 од ЗН (. подолу).

6.- Правна положба на сонаследниците во случаите на поствување


старател на оставината
За претпоставките за поставување старател на оставината одредби се
содржани во член 126 од ЗН во кој, под наслов ,,Старател на оставината`` е
пропишано следното:
,,Кога наследниците се непознати или се со непознато престојувалиште,
како и во други случаи кога е тоа потребно, судот ќе постави привремен
старател на оставината кој ќе ги застапува наследниците.
За поставување на привремен старател судот ќе го извести органот на
старателството, кој може да постави друг старател.
Кога судот со решение за наследување ќе огласи за наследник лице со
непознато престојувалиште, неговиот дел од оставината ќе му го предаде на
старател определен од Центарот за социјална работа во смисла на одредбите
од Законот за семејството.``
Од одредбите од чл.126 произлегува дека привремениот старател на
оставината ги застапува наследниците, иако не се знаат нивните имиња, дури и не
се знае кои се тие. Тој ги застапува сите нив заедно, без тие да бидат именувани,
дури и кога се познати, па дале и наследнички изјави. Тој се грижи за заедничките
интереси на сите наследници како целина во однос на оставината, но и на
оставината, уште како нераспределен имот, спрема трети лица. Привремениот
старател на оставината не може да ги врши оние права кои индивидуално му
припаѓаат на некој наследник.
Според тоа, во парниците што тој ги води во име и за сметка на сите
наследници, како странка се сметаат сите наследници заедно, без оглед на тоа
дали се познати или не, а не лично привремениот старател на оставината.
Наследниците се непознати, кога се знае дека ги има, но не се знае кои се тие,
како се викаат и сл.
Наследниците се со непознато престојувалиште, кога се знае кои се тие, кои се
основите на нивното повикување на наследство (закон, тестамент), блискост на
сродството, наследниот ред во кој спаѓаат и сл.; но не се знае каде живеат, не се
знае нивната адреса, каде работат, за да може да се повикаат и сл.
Според одредбата од чл.138 ст.4 од ЗН, судот може да постави старател на
оставината на одделената оставина, која по барање на доверителот се одделува од
имотот на наследниците,.
Должности на привремениот старател на оставината се:
1) да презема мерки за сочувување на оставината, во која смисла, може да
бара: оставината да се попише и процени (чл. 140 од ЗВП); да се преземат
привремени мерки за обезбедување на оставината (чл. 147 од ЗВП) меѓу кои и
чување на предметите од страна на доверливо лице или од страна на судот;
2) да ги присобере предметите што спаѓаат во оставината, а особено да ги
наплатува побарувањата и да ги исплатува долговите;
3) да ги води работите на тековното управување, т.е. редовно и нормално
искористување на подвижните предмети и недвижностите од оставината итн.
За надлежноста на органот за старателство, т.е. на Центарот за социјална
работа, во врска со поставувањето на привремен старател, одредби се содржсни во
чл. 173 од ЗС. Посебно, треба да се има предвид одредбата од ст. 3 од чл. 173 од ЗС,
дека Центарот за социјална работа, спрема привремениот старател на оставината,
поставен од судот, ги има сите овластувања како и спрема старателот кого сам го
поставил.
Со одредбите од ст. 3 и 4 од чл.126 од ЗН, е уредена ситуацијата кога за
наследник е огласено лице со непознато престојувалиште, за разлика од
ситуацијата од чл. 125 ст. 2 и 3, кога не се јави ниту еден наследник на оставината
на умреното лице. Додека таму оставината се предава на државата, во смисла на чл.
11 од ЗН, овде таа му се предава на старател определен од Центарот за социјална
работа, кој во се ги има правата и обврските на старател за посебен случај во
смисла на чл.173 ст. 1 од ЗС.

7.- Правна положба на сонаследниците во случаите на постоење на


извршител на тестаментот
Со цел чување на оставината, со неа да се управува домаќински, да се води
грижа за исплата на долговите и легатите и воопшто тестаментот да биде извршен
онака како што сакал завештателот, со одредбите од ЗН е пропишана можност
завештателот да може да определи извршител-и на тестаментот. Во таа смисла, со
член 113 од ЗН, под наслов ,,Определување извршител на тестаментот``
,,Завештателот може со тестамент да определи едно или повеќе лица за
извршители на тестаментот.
Извршител на тестамент може да биде секое деловно способно лице.
Лицето определено за извршител на тестаментот не мора да ја прифати
таа должност.``
Извршителот на тестаментот се определува со тестаментот, со кој се врши
распоред на имотот за случај на смрт, но може да биде определен и со посебен
тестамент. Судот не може да определи извршител на тестаментот.
За правата и овластувањата на извршителот на тестаментот, одредби се
содржани во чл. 114 од ЗН, додека од одредбата од чл. 115 од ЗН може да се утврди
дека извршителот на тестаментот за својата работа му полага сметка на судот, а не
на наследниците, и дека судот може да го отповика, но не во случај ако не работи
по волјата на наследниците, туку ако неговата работа не е во согласност со волјата
на оставителот или со законот, што произлегува од чл. 116 од ЗН.
По однос на статусот и овластувањата на извршителот, привремениот старател
на оставината и управителот на наследството, треба да се има предвид дека сите
тие се застапници на наследниците, но не поединечно на секој од нив, туку
колективно на сите наследници. Затоа, кога се води спор против наследниците на
определен оставител, а има извршител на тестаментот, или привремен старател на
оставината или управител со наследството, или спор поведуваат наследниците
против трето лице, како странки во спорот ќе бидат означени наследниците (без
да бидат именувани) на определениот оставител, застапувани од извршителот на
тестаментот, или од привремениот застапник или од управителот со наследството.
Ако оставителот поставил извршител на тестаментот, судот, согласно чл.163
од ЗВП е должен за тоа да го извести, одредувајќи му рок во кој е тој должен да се
изјасни дали ја прифаќа таа должност и, согласно чл.167 ст.6 од ЗВП, ќе го повика и
на рочиштето за расправање на оставината. Судот ќе го известува извршителот на
тестаментот и за сите мерки и одлуки што ги презема во врска со расправањето на
оставината, бидејќи тој е застапник, од специјален вид, на наследниците.
За извршител се определува лице кое има деловна способност, т.е лице со
наполнети 18 години, што е пропишано со одредбите од чл.10 ст.2 од ЗС. За
извршител на тестаментот може да биде поставен и наследник, легатар или друг
корисник на добра од оставината.
Правно лице може да биде определено за извршител на тестаментот, само во
случај кога дел или целата оставина завештателот наредил да се употреби за
постигање на некоја дозволена цел или основање на задужбина (в. чл. 99 од ЗН).
Поподробно, за должностите на извршителот на тестаментот одредби се
содржани во член 114 од ЗН, со кој е пропишано следното:
,,Ако завештателот не определил нешто друго, должност на
извршителот на тестаментот е да се грижи особено за чување на
оставината, со неа да управува, да се грижи за исплата на долговите и
легатите и воопшто да се грижи тестаментот да биде извршен онака како
што сакал завештателот.
Ако има повеќе извршители на тестаментот тие ги вршат заедно
доверените должности, освен ако завештателот поинаку не определил.``
Содржината на должноста на извршителот на тестаментот, нормално, се
определуваат со тестаментот. Меѓутоа, ако во тестаментот не се содржани неговите
должности, законот определува кои се тие. Во врска со одделните должности на
извршителот, треба да се има предввид и она што подолу се наведува.
Грижата за чувањето на оставината се состои како во физичкото
обезбедување на оставината, така и во предлагање на судот да изврши попис и
процена на оставината според чл. 140-146 од ЗВП, да нареди други привремени
мерки за обезбедување на оставината според чл. 156 од ЗВП и друго.
Управувањето со оставината ги содржи сите мерки кои произлегуваат од
редовното, нормалното управување заради искористување на предметите од
оставината, наплатувње на закупнината, склучување на правни дела за поправка
или одржување на тие предмети и сл.
Грижата на извршителот на тестаментот за исплата на долговите и легатите,
се состои во неговото овластување тоа да го чини и без согласност на
наследниците, но под надзор на судот (в. чл.115 ст.1 од ЗН). За тоа дека
доверителите на завештателот имаат право да се наплатат пред легатарите одредби
се содржани во чл.105 од ЗН, за обемот на одговорноста на наследниците за
долговите на оставителот - во чл.137 од ЗН, а за одделување на оставината од
имотот на наследниците - во чл.138 од ЗН.
Законски одредби за содржината на легатите се содржани во чл.103, за
употреба на оставината за дозволени цели и за задужбина - во чл.99 од ЗН.
Меѓутоа, треба да се има предви и одредбата од чл.104, ст.1 од ЗН, со кој е
пропишано дека легатарот има право да бара да му се изврши легатот од лицето на
кое со тестаментот му е наложено да го изврши легатот. Заради тоа, извршителот
на тестаментот непосредно ќе може да ги изврши само директните легати (чл.103
ст.2 - почеток), и оние кај кои не е определено задолженото лице (чл.104 ст.3 од
ЗН).
Доколку завештателот определи повеќе извршители на тестаментот, тие таа
должност ќе ја вршат онака како што е определено во тестаментот. Едни можат да
бидат определени за еден дел од оставината, други за друг дел итн., или редоследно
- прво еден па друг, или ако некој не може - друг да го замени, или сите заедно, па
ако некој не сака, или отпадне од кој и да било причини, тогаш другите заедно ќе ја
вршат таа должност и сл.
Извржителот на тестаментот својата должност ја извршува под надзор на
судот. Ова произлегува од одредбите од член 115 од ЗН, со кој, под наслов
,,Полагање сметка и награда на извршителот`` е пропишано следното:
,,Извршителот на тестаментот е должен да му положи сметка на
судот за својата работа.
Тој има право на надоместок на трошоците и на награда за својот труд,
кои се исплаќаат на товар на оставината, а според одлуката на судот.``
Извршителот на тестаментот му полага сметка на судот за својата работа,
како во текот на вршењето на должноста, така, задолжително, и по престанокот на
таа должност, било затоа што е отповикан (чл.116), било затоа што веќе е донесено
правосилно решение за наследување (чл.140, 141 од ЗН).
Тој секако им одговара на наследниците за надоместување на штетата, која им
ја нанел со несовесно вршење на должноста.
Доколку судот одлучил да не се расправа оставината, поради тоа што
оставителот оставил само движен имот (чл.159 ст. 2 од ЗВП), полагањето сметка на
извршителот на тестаментот ќе се изврши пак пред оставинскиот суд по
правосилноста на тоа решение.
Трошоците и наградата за трудот на извршителот на тестаментот, според
одредбите од чл.33 од ЗН, му се исплаќаат од нето вредноста на оставината.
Извршителот на тестаментот нема право сам да си ги наплати тие износи, туку тие
му се исплаќаат според одлуката на судот (нотарот). Тоа може да биде во
постапката за расправање на оставината, или во посебен спор.
Според одредбата од член 116 од ЗН, судот може, по предлог или по
службена должност, да го отповика извршителот на тестаментот ако
неговата работа не е во согласност со волјата на завештателот или со
законот.
Отповикување на извршителот на тестаментот можат да предложат:
наследниците, легатарите (чл.103), другите лица кои добиваат некаква корист од
оставината (чл.99), доверителите (чл.105), привремениот старател на оставината
(чл. 126 од ЗН, чл.154 од ЗВП), како и самиот извршител на тестаментот (чл.113 од
ЗН).
Отповикувањето на извршителот на тестаментот се врши, не затоа што
неговата работа не е во согласност со волјата на наследниците, туку ако не е во
согласност со волјата на завештателот или со законот. На местото на
отповиканиот извршител на тестаментот судот не може да постави друг извршител
на тестаментот. Меѓутоа, согласно чл. 140 од ЗН, судот може да постави управител
на наследството, или да му определи на секој наследник дел од наследството со кој
тој ќе управува.
Против решението со кое се отповикува извршителот на тестаментот, како и
против решението со кое се одбива таквиот предлог, според чл.21-25 од ЗВП
дозволена е жалба, од страна на секое заинтересирано лице, како и од извршителот
на тестаментот.

8.- Претходен и последователен (нареден) наследник


Според одредбата од член 127 од ЗН, оставината на умреното лице
преминува, по силата на законот, врз неговите наследници во моментот на неговата
смрт. Оваа одредба се однесува како на законските (чл. 12 и натаму), така и на
тестаменталните наследници (чл. 96 и натаму), но и на нужните наследници (чл. 32
од ЗН). Во тој момент настанува и наследничката заедница, ако како наследници
се јавуваат повеќе лица, со исклучок доколку правото на наследство на одреден
наследник да е ограничено со одложен услов или почетен рок, во кој случај
настанувањето на наследничката заедница се врзуава за друг момент.
Имено, со одредбите од член 100 од ЗН, под наслов ,,Оптоварувања и
услови`` е пропишано следното:
,,Завештателот може да го оптовари со некоја должност лицето на кое
му остава некоја корист од оставината.
Тој може во одделни одредби на тестаментот да постави услови или
рокови.
Невозможни, недозволени и неморални услови и оптоварувања, како и оние
што се неразбирливи или противречни, се сметаат како да не постојат.``
Оптоварување за лицето на кое му се остава некоја корист од оставината
определено с определеното оптоварување за лицето на кое му се остава некоја
корист од оставината со одредбата од ст.1 од чл.100 од ЗН, се вика налог. За
разлика од легатот, кај кој постои лице кое може да бара негово извршување од
наследникот (од легатарот), кај налогот такво лице нема, туку наследникот
(легатарот) е должен да го изврши тоа оптоварување спрема оние лица кои ќе се
најдат во ситуација која завештателот ја предвидел за добивање на таа корист.
Законот за наследувањето не содржи посебни одредби за условите и за
роковите, пропишувајќи во ст.2 од чл.100 дека завештателот може во одделни
одредби на тестаментот да постави услови или рокови. Поради тоа, нивниот поим и
содржината треба да се бара во правилата на граѓанското, или пак во
облигационото право, при што треба да се има предвид дека условите можат да
бидат: афирмативни (позитивни) односно негативни, или потестативни, каузални
и мешани. За роковите важи аналогно она што е речено и за условите.
Ако се применат одредбите од чл. 74 од ЗОО, тогаш:
- условот претставува неизвесен факт од кого зависи настанувањето или
престанувањето на својството на наследник (легатар);
- ако поставувањето на наследник (легатар) е извршено под одложен услов, па
условот се исполни, поставувањето на наследник (легатар) делува од моментот на
исполнувањето на условот;
- ако поставувањето на наследник (легатар) е извршено под раскинлив услов,
поставувањето за наследник делува од моментот на смртта на завештателот, но ако
услоот се исполни, својството на наследник (легатар) престанува.
Накратко, во врска со поставувањето под суспензивен (одложен) услов за
наследник (легатар), треба да се има предвид следното:
Наследник (легатар) поставен под одложен услов, го стекнува наследството
(легатот) кога ќе се исполни условот. Таквиот наследник (легатар) треба да е жив
како во моментот на смртта на завештателот, така и во моментот на исполнувањето
на условот, а и во двата момента да е достоен за наследување. Во спротивно,
наследството (легатот) не ќе можат да го наследат, ниту пак на наследство ќе
можат да бидат повикани неговите потомци, освен ако нешто друго не произлегува
од тестаментот (на пример, супституции - в. чл. 97 од ЗН).
За време на чекањето, додека условот се исполни, односно не се исполни,
настануваат компликувани односи, од аспект на оние што го примиле наследството
(легатот) - претходен наследник, односно од аспект на оние што треба од нив да го
примат наследството (легатот) - последователен (нареден) наследник. Така, според
член 177 ст.2 т.4 од ЗВП, решението за наследување содржи податок дали
правото на наследникот се одлага поради недостиг на времето или е
ограничено со определено време или е одложено додека се исполни определен
услов кој зависи од некој раскинувачки услов, односно налог кој ќе се смета како
раскинувачки услов или е ограничено со право на плодоуживање или некое друго
право и во чија полза. Во секој случај, општо правило е дека во таков случај, во
однос на претходниот наследник, треба да се применат одредбите за совесни,
односно несовесни владетели (чл. 57-59 од ЗСДСП), како и за привремените мерки,
односно гаранции со кои се обезбедуваат правата на лицата што го чекаат
наследството (легатот) (чл. 153 и 154 од ЗВП).
По настапувањето на раскинувачкиот услов, односно истекот на рокот за кој е
е поставен претходниот наследник, тој треба наследените имоти да му ги предаде
на наредниот наследник. Во таков случај, за да се избегнат дополнителни спорови
за предавање на наследениот дел, изреката во решението од чл. 177 ст.2 т.4 од
ЗВП, треба да биде формулирана како извршна исправа, т.е. да содржи обврска
дека претходниот наследник е должен по настапувањето на раскинувачкиот услов
односно истекот на рокот, наследениете имот да му го предаде на
последователниот (наредниот) наследник.
Ако се исполни условот, а наследникот поставен под суспензивен услов -
последователен (нареден) наследник, го доживее тој момент, тогаш и таквиот
наследник се здобива со наследството но со ретроактивен учинок: се смета дека
таквиот наследник се здобил со сите права на наследник во моментот на смртта на
оставителот, и од тој момент настанува и неговата одговорност за обврските на
оставителот, доколку тие не се исполнети од претходниот наследник. Дотогашниот
држател на оставината само ја држи оставината и, ако се однесува како добар
домаќин, се смета за совесен држател (чл.57-59 од ЗСДСП).
Слична е состојбата и кај наследникот за кој е определено дека со оставината
ќе се здобие по истекот на определено време од смртта на завештателот. Тогаш,
ако тој умре после завештателот, но не се откаже од наследството, правото да се
откажат од наследство преминува врз неговите наследници (чл. 129), што значи,
ако тие не се откажат од наследство, со протекот на рокот, тие стануваат
наследници, исто така ретроактивно, со денот на смртта на оставителот.
Cautio Muciana означува определување за наследник под одложен, негативен
и потестативен (негативен или афирмативен) услов, за кој никогаш однапред не
може да се претпостави дали ќе се исполни, па затоа наследството ќе му се врачи
на така определениот наследник, како под раскинлив услов. За роковите важи
аналогно она што е речено и за условите.
Треба да се има предвид дека последователниот (наредниот) наследник, во
текот на траењето на постапката за расправање на оставината, ги има сите права
како припадник на наследничката заедница. Имено, тој може на секој од
сонаследниците да му го оспорува наследното право, да бара засметување во
наследен ред, да ги оспорува побарувањата на доверителите, да бара да се утврди
дека одреден имот влегува во оставината и тн. Со правосилноста на решението за
наследување, неговото право на чекање псебно е насочено и спрема претходниот
наследник, како што е погоре изнесено.
Во врска со одредбата од ст.3 на чл. 100 од ЗН, дека невозможни,
недозволени и неморални услови и оптоварувања, како и оние што се неразбирливи
или противречни, се смета како да не постоја, треба да се има предвид следното:
Невозможноста на условот, односно оптоварувањето, може да биде
објективна, или пак субјективна за односниот наследник (легатар).
Недозволеноста на условот или оптоварувањето се цени со оглед на правниот
поредок, и треба да постои во време на отворањето на наследството.
Неморални се оние услови или оптоварувања што се противни на моралот, но
со оглед на широчината на регулирањето на општествените односи, често пати она
што е неморално, ќе биде и недозволено.
Неразбирливост ќе постои тогаш кога со толкување на тестаментот не може
да се определи смислата на одредбата од тестаментот.
Противречни се оние услови односно оптоварувања, кога во тестаментот се
определуваат факти односно дејствија, кои меѓу себе се исклучуваат.
Во судската практика, како неморални, односно недозволени услови,
означени се следните одредби од тестаментот:
- за недозволен услов се смета одредбата од тестаментот со која на
наследничката и` се остава одреден имот под услов да не се омажи;
- за недозволен и неморален, па според тоа, и за непостоечки услов се смета
одредбата од тестаментот наследникот да не се ожени за вдовица или разведена
жена, дека мора да се ожени со чесна девојка, и, воопшто, да не може да земе ни
една жена која би била во какво и да било сродство со лице кое завештателот не го
поднесувал;
- противна е на законот и поради тоа ништовна одредба во тестаментот според
која останатите наследници се должни на тестаменталниот наследник да му платат
определен паричен износ, ако го побиваат тестаментот, односно ако бараат нужен
дел;
- се смета како сосема општа и не претставува посебно оптоварување, ниту пак
услов, одредбата од тестаментот која гласи: “овој тестамент го составувам затоа
што горенаведените наследници ќе ја водат за мене сета грижа за животното
прашање за време на мојот живот”.
Од домашната судска практика практика го издвојуваме следното правно
стојалиште:
1. По тестаментот со раскиден услов, тестаменталниот наследник го стекнува
наследството во моментот на смртта на завештателот, но истото го губи ако
настапи раскидниот услов (ВСМ, Гж. 137/70 од 2.IV.1970).

9.- Престанување на наследничката заедница


Наследничката заедница престанува со правосилноста на решенеито за
наследување. Имено, со одредбата од член 87 од ЗСДСП е пропишано дека по
правосилноста на решението за наследување, на користењето и
располагањето на наследството кое не е физички поделено меѓу
наследниците, се применуваат прописите на граѓанското право за односите
меѓу сосопствениците.
Според оваа одредба, секој наследник, по правосилноста на решението за
наследување (чл. 177-183 од ЗВП), станува сосопственик, односно соносител на
секое право од оставината, сообразно со квотата за која е огласен за сонаследник.
Секој наследник може да располага со наследениот дел во однос на правото на
сосопственост на секој предмет, односно во однос на правата чии соносител
станал со правосилното решение за наследување.
Според тоа, таквиот наследник може да склучи и договор за отуѓување на
својот идеален дел, сообразно со наследничката квота од правото на сопственост на
секој одделен предмет опфатен со решението за наследување, односно од друго
право опфатено со решението за наследување, со запазување на одредбите за
правото на првенствено купување меѓу сосопствениците (чл.33, 34 од ЗСДСП).
Кога наследството физички ќе се подели, било како имотна маса во целост
било така што само некои од заедничките предмети ќе бидат поделени без
сосопственички статус на одделните наследници, престанува правото на
првенствено купување.
Од домашната судска практика практика го издвојуваме следното правно
стојалиште:
1. Кога се води спор за сопственост на имот што претставува оставина, во кој
како тужени се појавуваат повеќе сонаследници, истите претставуваат единствени
сопарничари, па иако едни од нив го признаваат тужбеното барање, а други го
оспоруваат, кога од изведените докази произлегува дека тужбеното барање е
неосновано, барањето спрема сите нив ќе биде одбиено како неосновано бидејќи
спорот може да биде решен само со една пресуда која ќе гласи подеднакво спрема
сите сопарничари, согласно член 189 од ЗПП од 1977 година. (ВСМ, Гж. 42/76 од
07.04.1976 год.).

10.- Примери на поднесоци во врска со наследничката заедница

Пример бр. 1: Предлог на доверителот за одделување на оставината од имотот


на наследниците и поставување старател на оставината (чл. 166
од ЗВП, чл. 84 од ЗСДСП)
Врска О. бр. ___/___
ДО ОСНОВНИОТ СУД __________
ПРЕДЛОГ
за издвојување на оставината од имотот на наследниците
од доверителот__________од_____ со стан на ул. “_______”бр. ____.
Пред тој суд се води оставинска постапка под О. бр. ___/___ по оставината на
покојниот ___________ бивш од ________ кој почина на ______ година.
Подносителот на овој предлог е доверител на сега покојниот од испорачана
стока за неговиот дуќан кој го води како трговец поединец, и поседува повеќе
меници потпишани од сега покојниот на вкупен износ од ___________ денари.
ДОКАЗ: Фотокопие од мениците.
Бидејќи постои опасност трговската стока која се наоѓа во дуќанот како и
останатите предмети од оставината, да се помешаат со имотот на наследниците на
оставителот, во смисла на одредбите од член 84 од Законот за сопственост и други
стварни права, и членовите 140-148 од Законот за вонпарничната постапка, му
предлагам на судот да го донесе следново
РЕШЕНИЕ
Се усвојува предлогот на доверителот __________ од _________ оставината на
покојниот __________ бивш од _________ да се оддели од имотот на наследниците.
За таа цел се наредува попис и процена на оставината на покојниот, кои ќе се
извршат во дуќанот на покојниот на ул. “_________” бр. ___ во ________, како и во
неговиот стан на ул. “________” бр. ___ во __________.
Наследниците на оставителот не можат да располагат со предметите и правата
од оставината, ниту нивните доверители можат од нив да се наплатат, додека не се
наплатат доверителите што барале одделување.
За старател на оставината се поставува __________ од ________ со стан на ул.
“_________” бр. ___. Старателот на оставината е должен да се грижи за предметите
на оставината како добар домаќин, а продажбата на одделни предмети ќе ја врши
со одобрение на судот, откако ќе бидат сослушани наследниците и доверителите.
Пописот и процената ќе се извршат во дуќанот и станот на покојниот во _____
часот, на _______ година.
Со пописот ќе биде опфатен сиот имот на починатиот, што го имал во
владение во моментот на неговата смрт, имотот што му припаѓал на умрениот, а по
кажување на заинтересираните лица се наоѓа кај трети лица, Во пописот ќе се
забележат побарувањата и долговите на умрениот, а посебно неплатените даноци и
други давачки.
Со пописот истовремено ќе се изврши и процена поодделно на секој недвижен
односно подвижен предмет.
Пописот и процената, со учество на вештото лице, ќе го изврши работникот на
овој суд __________.
За вешто лице се определува __________ од _______.
Пописот и процената ќе се изврши во присуство на двајца полнолетни
граѓани.
За пописот и процената, со доставување на ова решение, ќе се известат
наследниците: 1) ____________, 2) _____________.
Попишаните подвижни предмети и скапоцености ќе се остават на чување на
_________, кому ќе му се предадат и клучевите од станот и дуќанот на умрениот.
Предметите кои ќе се најдат кај трети лица ќе им се остават ним на чување.
На име трошоци на пописот, и за вештакот, предлагачот се обврзува во касата
на судот да депонира однапред, а најдоцна до _______ година износ од ________
денари.
Предлагач,

Primer br. 2: Predlog od naslednik za postavuvawe upravitel na


nasledstvoto (~l. 162 od ZVP vo vrska so ~l.140 od ZN)

Врска О. бр. ___/___


ДО ОСНОВНИОТ СУД __________
ПРЕДЛОГ
од наследникот __________од _____ со стан на ул. “_______” бр. ____
за поставување управител на наследството.
Кај насловниот суд се води постапка под О. бр. ___/___ за расправање на
оставината на покојниот ___________, бивш од _________. Составот на оставината
е разновиден, бидејќи таа се состои од недвижности, подвижни предмети, акции,
меници, удели во трговски друштва, што се гледа од пописот на оставината, така
што е неопходно едно лице да се грижи за сите тие имотни права, особено да ги
има предвид и роковите во кои треба да се преземат определени правни дејствија,
како не би се изгубило некое право. Покрај тоа, оставината е од значително голема
вредност.
Наследниците не можат да се сложат во управувањето со наследството.
Заради тоа му предлагам на судот да постапи во смисла на член 140 од
Законот за наследувањето (ЗН), т.е. по сослушувањето на мислењето на сите
наследници, кои како такви се пријавени во постапката за расправање на
оставината, да постави управител кој за сите наследници ќе управува со
наследството, или да определи на секој наследник дел од наследството со кој ќе
управува, со тоа што во исто време ќе се изврши и попис и процена на оставината.
При тоа, во решението за поставување на управител на наследството, да се утврдат
правата и должностите на тој управител, се додека решението за наследување не
стане правосилно.
Предлагам, аналогно на член 115 став 2 од ЗН, бидејќи вредноста на
оставината е голема, а е потребно секојдневно ангажирање околу вршењето на
некои работи, како на пр. контролата на работењето во друштвата со ограничена
одговорност во кои оставителот имал удели - наплата на закупнините и слично, на
управителот на наследството да му се определи и награда за работењето, која,
според одлука на судот, ќе му се исплаќа од паричните приходи што ќе се собираат
од стопанисувањето со одделни делови од оставината.
Предлагач,

Пример бр. 3: Известување на судот дека се очекува раѓање на дете


кое би било повикано на наследство на оставителот
(чл. 122 од ЗН, чл.164 од ЗВП)

Врска О. бр. ___/___


ДО ОСНОВНИОТ СУД __________
ПОДНЕСОК
од учесничката _________ од _____ со стан на ул. “_______” бр. ____.
Пред насловниот суд во тек е постапка за расправање на оставината на
покојниот ___________, бивш од ___________, која се води под О. бр. ___/___.
Како наследници на покојниот сме повикани јас, како негова брачна другарка,
и родителите на покојниот, како наследници од вториот наследен ред.
Го известувам судот дека сега сум бремена во седми месец, и очекувам раѓање
на дете кое потекнува од бракот со сега покојниот, кој почина пред пет месеци.
Докази: 1. Извод од матичната книга на венчаните
2. Лекарско уверенеие за бременоста
Заради тоа, му предлагам на судот, во смисла на член 164 од Законот за
вонпроцесната постапка (ЗВП), да го извести за тоа Центарот за социјална работа
во __________, кој треба да оцени дали интересите на нероденото дете ќе ги
застапувам јас како негова мајка, или ќе назначи посебен старател за таа цел.
Доколку пак Центарот за социјална работа не се произнесе во рок од триесет
дена за тоа барање на судот, молам да определите за правата на нероденото дете да
се грижам јас, како негов родител.
Предлагач,

You might also like