You are on page 1of 50

I.

ВОВЕД ВО СТВАРНОТО ПРАВО


Поим: Поимот стварно право е збир на правни норми на граѓанското право со кои се угледуваат односите меѓу луѓето кои
настануваат по повод стварите,власта над стварите и нивното користење и располагање со нив.Стварното право ги
уредува имотните односи.
1.Карактеристики на стварните права
Стварните субјективни права имаат повеќе карактеристики.
Основни карактеристики на стварните субјективни права се:
-стварноправност-непосредност,
-апсолутност, и
-законска определеност.
2.Стварноправност (непосредност) на стварните права
Стварноправноста, односно непосредноста на стварните права значи дека стварта секогаш е непосреден објект на сите
субјективни стварни права. Исто така, тоа значи дека носителот на субјективното стварно право своето право го остварува
непосредно и секогаш сам (ius ad rem), без да на тоа има влијание некој друг. Сопственикот има право својата ствар да ја
држи, да ја користи и да располага со неа согласно неговата волја, се разбира, доколку тоа не е во спротивност со закон
или спротивно на правото на некое друго лице. Стварноправноста или непосредноста значи дека постои директен,
непосреден однос меѓу титуларот на стварното право и конкретната ствар.
Стварноправноста - непосредноста може да биде изразена како потполна стварноправност (пример, право на
сопственост) или делумна стварноправностнепосредност (пример, службеност, залог, реален товар).
3.Апсолутност на стварните права
Апсолутноста на стварните права значи дека сите други лица кон носителот на стварното право треба да се однесуваат
така што треба да ги почитуваат овластувањата на носителот на стварното право што произлегуваат од содржината на тоа
право. За да може носителот на стварното право непречено да ја користи стварта и ги оствари бенефитите кои таа ги дава,
потребно е сите други субјекти да го почитуваат ова негово овластување. Правото на носителот на стварното право е од
апсолутен карактер и власта на стварта на носителот на стварното право се протега, важи кон секого ( erga omnes),
односно против сите (contra omnes).Во Законот за сопственост и други стварни права во , став 2 од чл.8 пропишува дека:
„Секој е должен да се воздржува од повреди на правото на сопственост на друго лице.“ Стекнувањето на правото на
сопственост на поголемиот број ствари, особено врз недвижнини, се врши по пат на нивно запишување во јавни книги,
што уште повеќе ја зацврстува апсолутноста на стварните права и ги упатува и обврзува сите други субјекти дека права и
овластувања на таа ствар има само носителот на стварното право. За да се заштити апсолутноста на стварното право,
граѓанското право го познава институтот право на следење. Тоа право на носителот на стварното право му дава право, но
и обврска, да се грижи за својата ствар, да ја следи од моментот на евентуално преминување на стварта кај друг субјект, а
ако тоа се случило да бара да ја поврати во своја сопственост.
4.Законска определеност на стварните права -(numerus clausus)
Законската определеност на стварните права значи дека секој правен поредок треба нормативно да ги определи сите
видови стварни права кои можат да ги имаат субјектите и јасно и недвосмислено да ја определи содржината на стварните
права и на целиот режим врз нив. Во правниот поредок постојат само оние стварни права кои се законски определени
(numerus clausus), така што никој не може да има некое стварно право кое не е определено со закон. Бројот и видовите на
стварните права во правниот поредок на Република Македонија се определени со Законот за сопственост и други стварни
права (член 4) и тоа: правото на сопственост како основно право, и правото на службеност, залог и реален товар како
ограничени стварни права.
5.Посебни карактеристики на стварните субјективни права
Посебни карактеристики на стварните субјективни права:
-специјалност,
-трајност,
-јавност,
-право на првенство, и
-диспозиција
Специјалност
Под специјалност се подразбира дека стварта која е ставена под власт на човекот треба да биде индивидуално
определена, односно да може да биде индивидуално определена. Стварта за да биде ствар во стварноправна смисла таа
треба да е ставена под или во власт на човекот. Стварите кои не се или не можат да бидат под власт на човекот не го
исполнуваат критериумот на ствари во стварноправна смисла. Специјалноста на стварните права е определена и во
Законот за сопственост и други стварни права кој определува дека – ствар, во смисла на законот, е дел од материјалната
природа што може да биде во власт на човекот и што може да се индивидуализира.
Трајност
Правото на сопственост е трајно право бидејќи постои се додека постои и стварта на која се однесува, независно од
просторот во кој се наоѓа. Тоа претставува временски неограничено право и не може да застари. Под трајност како
карактеристика на стварните права се подразбира времето од настанувањето на стварта до нејзиното пропаѓање.
Стварните права над определена ствар постојат односно траат се додека постои стварта. Со пропаѓањето на стварта
престанува и стварното право на таа ствар.
Јавност
Јавноста или публицитетот како карактеристика на стварните права претставува јавна манифестација (обележување) на
кој субјект му припаѓаат стварите. Апсолутното дејство на стварните права спрема трети лица ги обврзува нивните
носители преносот на тие права, односно измената на стварноправниот однос да ја извршат на соодветен јавен и видлив
начин, достапен до сите. Кај движните ствари публицитетот се огледа во владението како фактичка власт врз стварите.
Пример: прстенот и часовникот кои ги носам на раката јавно ја соопштуваат и ја претставуваат мојата сопственост над нив.
Кај недвижните ствари јавноста, публицитетот се гледа во запишувањето во јавните книги за запишување на правата на
недвижностите или на друг соодветен начин определен со закон. Пример: заверка за договорот за купопродажба кај
нотар. ЗСДСП на следните начини ги уредува стварноправните односи, согласно начелото на публицитет:
- Правото на сопственост на недвижност врз основа на правно дело, се стекнува со запишување во јавната книга;
- На правото на сопственост на градежно земјиште и на другите права врз тоа земјиште се применуваат прописите за
сопственоста и другите права врз стварите, како и прописите за евиденција на правата врз недвижностите;
- Врз основа на правно дело, стварната службеност се стекнува со склучување на договор заверен во суд или пред нотар и
со упис во соодветна јавна книга или на друг соодветен начин определен со закон;
- Правото на плодоуживање врз неподвижна ствар се стекнува со склучување на договор заверен во суд или пред нотар и
со упис во соодветна јавна книга...;
- Договорниот залог се стекнува со склучување на договорот за залог и со запишување во соодветните јавни книги кога
заложената ствар е недвижност...;
- Судскиот залог се стекнува со судска одлука донесена во постапката за присилно обезбедување на побарувањата и со
запишување во соодветните јавни книги... ;
- Реалните товари се прибележуваат во јавна книга за запишување на правата на недвижност.;
- Правото на хипотека се стекнува со склучување на договорот и со запишување на хипотеката во јавна книга на начин и
под услови пропишани со закон.;
- Правото на долготраен закуп задолжително се запишува во јавните книги за запишување на правата на недвижностите,
како товар на земјиштето што се оптоварува и како посебно право. Договорот за долготраен закуп произведува правно
дејство од денот на запишувањето во јавната книга.;
- Престанокот на правото на долготраен закуп се запишува во јавна книга и произведува правно дејство од денот на
запишувањето.
Право на првенство
Правото на првенство како карактеристика на стварните субјективни права значи дека носителот на ова право има појако
право на стварта пред евентуални останати лица кои се носители на одредени имотни права на таа ствар. Така, ако повеќе
лица истовремено претендираат дека имаат некакво право врз една иста ствар, на пример: двајца тврдат дека се нејзини
сопственици, трето лице тврди дека е носител на правото на плодоуживање, четвртото лице дека е доверител што сака да
ја заплени – носителот на првото стварно право што е пренесено и објавено има право на првенство пред сите други. Тој е
претпочитан пред неговите конкуренти, затоа што првиот пред сите ги исполнил сите неопходни формалности за
остварување на своето право.Законот за сопственост и други стварни правапропишува дека: - „Кога повеќе лица склучиле
посебни правни дела заради стекнување право на сопственост на иста подвижна ствар што е индивидуално определена,
тоа право го стекнува лицето на кое прво му е предадена стварта, ако се исполнети и сите други претпоставки за
стекнување на сопственост.“ Регулирајќи го повеќекратното договарање за отуѓување на иста недвижност, законот
пропишува дека: - „Кога повеќе лица склучиле со отуѓувачот правни дела заради стекнување сопственост на иста
недвижност, сопственост ќе стекне она лице кое во добра верба прво побарало кај надлежниот орган запишување во
јавната книга на недвижности, доколку се исполнети и сите други претпоставки за стекнување на сопственост.“
Регулирајќи ги стварните службености, законот предвидува дека: „На иста недвижност можат да се утврдат повеќе
стварни службености различни по вид.
Диспозиција
Правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозиција на субјектите во
врска со остварувањето на правото на сопственост и користењето и располагањето со стварите. Сепак, постојат и извесни
ограничувања на слободната диспозиција во остварувањето на правото на сопственост и другите стварни права. Таквите
ограничувања се предвидени во Уставот на Република Македонија, Законот за сопственост и други стварни права, и во
други закони од оваа правна област. Ограничувањата првенствено се однесуваат на предметот на правниот однос.
Сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа во своја волја, доколку
истото не е спротивно на закон или на некое право на друго лице. Така, сопственикот треба да го остварува своето право
на сопственост на стварта согласно природата и намената на стварта, како и со општиот интерес утврден со закон, не
спротивно на целта заради која е со закон признаено и востановено правото на сопственост, или спротивно на моралот на
општеството, и не смее да се врши на начин или со цел на друг да му се причини штета или да се попречи во
остварувањето на неговото право (општи ограничувања). Правото на сопственост може да се ограничи или да се одземе
кога се работи за јавен интерес утврден со закон (јавен интерес). Сопственикот на недвижност е должен при користењето
на недвижноста да се воздржува од дејствија и да ги отстранува причините што потекнуваат од неговата недвижност, а со
кои се отежнува користењето на други недвижности, ако со закон не е поинаку определено (посебни ограничувања).
6.Субјекти на стварното право
Како субјекти на стварното право можат да бидат правните и физичките лица. Субјектот на правото е лице (индивидуално
или колективно) кое стапува во правни односи во рамките на овластувањата и задолженијата кои за него постојат во
позитивното право. Само човекот како субјектот на правото, без оглед на фактот дали станува збор за физичко или правно
лице, може да се стекнува со правни овластувања и задолженија, од причина што единствено човекот, а не и стварта,
располага со субјективно својство слободно да ја изразува својата нормална свест и волја, односно здрава свест и зрела
волја. Под субјект на правото се подразбира секое лице кое правото со нешто го овластува, прави нешто во своја корист
или, пак, со нешто го задолжува, нешто му става на товар, без оглед на тоа дали таквото лице располага со свест и волја.
Во македонското право и во останатите современи правни системи, физичките лица имаат целосна, општа правна
способност стекната со моментот на раѓањето (по исклучок и пред раѓањето кај насцитурусот), и истите можат да бидат
сопственици на ствари. И правните лица, како организирана група луѓе здружени поради остварување заеднички
интереси, се субјекти на стварното право доколку имаат правна способност, односно доколку истата им е признаена од
страна на државата. Тоа можат да бидат: трговски друштва, здруженија, установи и друго. Тие можат да се стекнуваат со
правото на сопственост и други стварни права. Физичките и правните лица можат да стекнуваат право на сопственост на
индивидуално определени, движни или недвижни ствари, и на сите припадоци на стварите. И странските физички и
правни лица можат, согласно позитивните законски прописи на Република Македонија, да бидат субјекти на стварното
право.

II.СТВАРИТЕ КАКО ОБЈЕКТ НА СТВАРНОТО ПРАВО


7.Општ поим на стварите
Стварите се дел од природата (материјална и нематеријална) кој е ставен под власт на човекот и на кој постои право на
сопственост или некое друго стварно право.Согласно Законот за сопственост и други стварни права (член 12, став 2) –
ствар е дел од материјалната природа што може да биде во власт на човекот и што може да се индивидуализира. За
нешто да се подведе под поимот на ствар во правна смисла тоа мора да исполнува облигаторно и кумулативно два
услови и тоа: физички и правен услов. Физичкиот услов за определување на поимот ствар се состои во тоа, дел од
природата да се наоѓа под власт на човекот и тој над него да има контрола. Правниот услов се состои во тоа што делот од
природата што се наоѓа под власт на човекот да може да биде објект на сопственост или на некое друго стварно право.
Од претходното произлегува дека поимот на ствар во општо човечка смисла и поимот на ствар во правна смисла се
разликуваат. Како на пример, сонцето, неговата светлина и топлина, воздухот, месечината, во обична смисла се ствари, но
не и во граѓанско-правна смисла, од причини што човекот не може да ги стави под своја власт. Исто така, стварите како
што се општите добра - плоштади, улици, реки, мостови и слично., не се сметаат за ствари во граѓанско-правна смисла од
причини што не можат да се стават во промет. Во правна смисла, и некои бестелесни нешта претставуваат ствари. Во нив
спаѓаат сите имотни права, освен правото на сопственост, како што се правата на туѓа ствар (службеност и залог),
интелектуалните права (авторските права и индустриската сопственост) и побарувањата кои се однесуваат на предавање
на ствари, пари или сторување или несторување.
8.Стварите како предмет на правото на сопственост
Предмет на правото на сопственост се сите ствари, коишто можат да припаѓаат на физички и правни лица, освен оние што
според својата природа или врз основа на закон не можат да бидат предмет на ова право. Според својата природа или
врз основа на закон не можат да бидат предмет на ова право спаѓаат стварите што не можат да бидат предмет на
приватна сопственост како што се: природните богатства, езера, реки, стварите во општа употреба како што се јавните
патишта, плоштади, национални паркови и слично. – кај кои како сопственик се јавува државата. Нашиот Законот за
сопственост и други стварни права го прифаќа ставот дека правото на сопственост може да постои само врз телесните
ствари, бидејќи само таквите ствари можат да ги држат, користат и располагаат со нив.
9.Поделба на стварите – видови ствари
Законот за сопственост и други стварни права определува дека постојат различни видови ствари, во зависност од нивната
природа, положбата во просторот, составот, намената и другите особини врз кои правото на сопственост со закон се
уредува на различни начини. Законот ги предвидува и дефинира само подвижните и недвижните ствари, простите и
сложените ствари, главните и споредните ствари (припадоци и прирастоци) и стварите од општ интерес за Република
Македонија. Општо прифатена е поделбата на истите на: подвижни и неподвижни; прости и сложени; главни и споредни;
потрошни и непотрошни; деливи и неделиви; ствари од општ интерес за Република Македонија; плодоносни ствари и
плодови; напуштени ствари; загубени ствари; заменливи и незаменливи ствари; индивидуално одредени и по род
одредени; ствари во правниот промет, ствари со ограничен промет и ствари вон правниот промет; ствари под посебен
правен режим; проценливи и непроценливи ствари, телесни и бестелесни, хартиите од вредност како ствари; парите како
ствари, човекот како ствар и други.
10.Ствари во слободен промет, вон промет и ствари во ограничен промет
Ствари во слободен промет (res in commercio) се оние ствари кои можат да бидат објекти на субјективното стварно право,
кај кои правото на сопственост може слободно и непречено, преку продажба или подарување на стварта, од сопственикот
да биде пренесено на друго лице, или на таквата ствар може да се конституира право на службеност, или стварта да се
даде на користење, или истата да се заложи.Пример(облека, храна, стан, алати, машини). Тука припаѓаат најголемиот број
ствари. Ствари надвор од прометот (res extra commercium) се добра од општ, јавен интерес и добра во општа употреба.
Истите можат да бидат предмет на специфичен промет (така, на пример, плоштадот или паркот може да се закупи заради
одржување на некоја манифестација, панаѓур, митинг и слично.). Ствари надвор од промет се: природните богатства,
јавните патишта, паркови, реки, плоштади, води и водни текови, пристаништа, аеродроми и други ствари врз кои сите
субјекти имаат право на општа употреба. Ствари во ограничен промет се ствари со кои е дозволен промет само под
пропишани услови со закон или друг пропис (лекови, опојни дроги, оружје). За овие ствари, односно за остварување на
прометот на овие ствари е потребно одобрение, согласност од соодветен надлежен орган (пример: таткото не може да
му подари пиштол на синот, иако за него поседува валидна дозвола за поседување и носење огнено оружје, се додека
синот не обезбеди таква дозвола која ја издава Министерството за внатрешни работи.
11.Подвижни и неподвижни (недвижни) ствари
Законот за сопственост и други стварни права, врз основа на нивната положба во просторот, стварите ги дели на
подвижни и недвижни. Подвижни ствари (res mobiles) се оние кои во целост можат да се движат или поместуваат од
едно место на друго, а притоа да не се оштети нивната суштина, односно целина и употребна вредност (векна леб,
телевизор, возило, мобилен телефон). Неподвижни (недвижни) ствари (res immobiles) се оние ствари кои не можат да се
движат и поместуваат од едно место на друго, без притоа да не се оштети нивната суштина. Такви ствари се: - земјиштата
(земјоделски, градежни, шумски и пасишта) и - зградите, како и инсталациите подигнати врз нив или под нив и трајно
споени со нив, ако поинаку не е определено со закон. Подвижните и недвижните ствари можат да бидат прости и
сложени, главни и споредни, збирни ствари, идни ствари и друго. Поделбата на стварите на подвижни и неподвижни има
повеќекратно правно значење, и тоа: а) преносот на сопственоста на неподвижните ствари задолжително се врши со
запишување во соодветни книги и регистри (земјишни книги и слично.), а преносот на сопственоста на подвижните ствари
се врши со едноставно предавање на стварта; б) договорот за продажба на недвижни ствари мора да биде склучен во
писмена форма, а кај подвижните во било која форма; в) постои разлика во заложното право така што неподвижните
предмети се заложуваат со хипотека, а подвижните со рачен залог; г) надлежноста за судски спорови различно се
определува кај недвижните и подвижните ствари; д) исполнувањето на договорите во поглед на местото, ако тоа не е
определено со договорот различно се определува за недвижните од подвижните предмети; ѓ) во наследното право
оставинската постапка може да се запре доколку во наследната маса – оставината нема недвижности, е) дереликвираната
недвижност преминува во сопственост на државата, а дереликвираната подвижна ствар постанува ничија и на неа може
да се стекне сопственост со окупација, ж) за стекнување сопственост по пат на одржувачка различни се роковите за
подвижни и недвижни ствари и друго.
Superficies solo cedit – Кај поделбата на стварите на подвижни и неподвижни, во стварното право за недвижните ствари се
применува правилото superficies solo cedit. Ова начело ја изразува поврзаноста на земјиштето со се она што е изградено
или засадено на тоа земјиште. Во физичка смисла ова начело ја означува единственоста на земјиштето и градбата,
односно насадот.Доколку станува збор за градба на земјиште треба да се има предвид дека ова начело ќе важи доколку
на тоа земјиште, согласно градежните прописи, е предвидена таква градба, односно доколку сопственикот на земјиштето
прибави одобрение за градба. Начелото superficies solo cedit Законот за сопственост и други стварни права го предвидува
и за садниците и насадите кои исто така му припаѓаат на сопственикот на земјиштето. Посеани или засадени растенија на
некое земјиште што пуштиле корени се сопственост на оној чие е земјиштето, без оглед на тоа чие било семето или
садницата.
Во врска со објектите изградени на земјиште како недвижност, позитивните прописи на Република Македонија
предвидуваат три видови на објекти :
- објект од траен карактер,
- привремен објект и
- објект изграден без одобрение (дивоизграден објект).
Објектите од траен, привремен или дивоизграден карактер се регулирани со Законот за градежното земјиште и Законот
за сопственост и други стварни права. Законот за градежното земјиште предвидува дека изградено градежно земјиште е
она градежното земјиште на кое е изграден објект од траен карактер. Законот за сопственост и други стварни права
предвидува дека – сопственик стекнува право на сопственост и на градежниот објект кој го изградил на земјиштето
согласно со градежните прописи и со запишување на правото во јавните книги за запишување на правата на
недвижностите. Градителот на градежниот објект со согласност на сопственикот на земјиштето, стекнува сопственост врз
објектот под условите кои важат и за сопственикот на земјиштето. Времен објект не е дел на градежното земјиште и врз
основа на времен објект не се стекнуваат стварни права врз градежното земјиште. Градителот на објектот изграден без
одобрение кој гради на свое или туѓо земјиште под услови утврдени со закон, може да стекне сопственост на таков објект,
односно градбата да се легализира, доколку објектот се вклопува во урбанистичкиот план, а градбата се потврди со
одобрение за градење од надлежен орган и се запише во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.
12.Прости ствари и сложени ствари
Поделбата на стварите на прости и сложени се должи на нивната економска намена и на нивниот материјален состав.
Прости ствари се оние ствари кои се составени од една иста или од различни материи и претставуваат единствена
(еднородна) неделива физичка целина (камен, конец, парче сирење, леб и слично.). Стварите се сложени кога се
составени од различни физички делови соединети во една физичка целина, како и од повеќе самостојни ствари кои ја
сочинуваат таа целина (збирна ствар). Збирната ствар (universitas rerum) е ствар составена од повеќе прости ствари кои
меѓусебно не се физички поврзани но не можат да се употребуваат одвоено, а како збирна ствар ги прави начинот на
нивната употреба (чифт чевли, пар чорапи, шаховски фигури, пар нараквици). Овие ствари во правниот промет се јавуваат
како една целина. Збирот од ствари е исто така збир од прости ствари кои механички не се меѓусебно поврзани, можат да
се употребуваат секој поодделно, но нивната збирна употреба е покорисна (кошница со пчели, стадо овци, библиотека и
друго.). Во правниот промет со секоја од овие ствари може да се располага со посебна правна работа (правно дело), но
може да се располага и со целината, со целата збирна ствар. Пример: може да се продаде една книга поединечно, а може
и целата библиотека. Поимот universitas iuris, кој се дефинира како збир на ствари и права кој збир од аспект на
определени правни односи се смета како целина, како што е на пример, стечајна маса, оставина на некое лице и слично.
13.Главна ствар и споредна ствар (припадоци и прирастоци)
Со оглед на својата намена, стварите се делат на главни и споредни ствари. Главна ствар е онаа ствар која во нејзиното
економско искористување е економски најзначајна во однос на другите ствари кои служат за нејзино користење (трактор
во однос на приклучните машини, брава и клуч, наочари и футрола, компјутер и печатач). Споредна ствар е ствар кој и
служи на главната ствар за остварување на нејзината цел, ја овозможува нејзината употреба, но е со помало економско
значење. Таа кон главната ствар може да се јави како прирасток и припадок. Прирастокот е споредна ствар која е физички
поврзана со главната ствар (пример, шумата и почвата), а припадокот (res principalis) исто така е споредна, но самостојна
ствар, која трајно и служи на главната ствар и не е физички поврзана со главната ствар (компјутер и печатар). Во правна
смисла значењето на поделбата на стварите на главни и споредни е во тоа што секогаш споредната ствар ја дели
судбината на главната ствар.
14. (добра) од општ интерес за Република Македонија
Добрата од општ интерес се делови на природата. Во овие добра вообичаено се вбројуваат: природните богатства,
културните добра, земјоделското и градежното земјиште, шумите и шумското земјиште, и друго. Статусот на добро од
општ интерес се стекнува со закон или со одлука на орган или установа под услови пропишани со закон. Поимот на добро
од општ интерес е поширок поим од добрата (стварите) во општа употреба. Добрата од општ интерес се употребуваат на
начин со кој се остварува нивната рационална употреба, зачувување на доброто и неговата намена. Поради нивното
големо значење овие добра уживаат посебна заштита. Кои ствари (или добра како што се наведени во Уставот) се од општ
интерес за Република Македонија е определено со Уставот на Република Македонија, со Законот за сопственост и други
стварни права и други позитивноправни прописи. Така, Уставот на Република Македонија определува дека: сите
природни богатства на Републиката, растителниот и животински свет, добрата во општа употреба, како и предметите и
објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес на Републиката и
уживаат посебна заштита. Во Законот за сопственост и други стварни права е предвидено дека(ЗСИДСП): Сите природни
богатства, растителниот и животинскиот свет, стварите во општа употреба, градежното земјиште, шумите и земјоделското
земјиште, пасиштата и водите, како и стварите и објектите од особено културно и историско значење определени со
закон се ствари (добра) од општ интерес за Републиката. (види: државна сопственост). Ствари од општ интерес за
Републиката можат да бидат предмет на правото на сопственост на државата, односно на физички и правни лица. Ствари
во општа употреба се ствари во државна сопственост кои ги користат сите физички и правни лица. Со закон се уредуваат
начинот и условите под кои определени ствари од општ интерес во државна сопственост можат да се отстапат на
користење на физички и правни лица (концесија). Определени добра од општ интерес за Република Македнија можат да
се отстапат на користење, врз основа на закон и да се дадат под концесија или краткотраен или долготраен закуп.
Државните шуми не се предмет на продажба, тие можат само да се заменат со приватна со цел за окрупнување.
Градежното земјиште може да биде во сопственост на Република Македонија и во сопственост на домашни и странски
физички и правни лица. Градежното земјиште на Републиката може да се оттуѓува и дава под долготраен и краткотраен
закуп со јавно наддавање, по пат на прибирање понуди и со непосредна спогодба. Стварите во општа употреба се подвид
на стварите од општ интерес и претставуваат добра кои по својата и природа и намена служат за општа употреба. Во нив
спаѓаат патиштата, улиците, јавните сообраќајни површини, водите, парковите, гробиштата, јавните плоштади,
пристаништата и слично. Согласно Законот за сопственост и други стварни права, стварите во општа употреба се ствари во
државна сопственост кои ги користат сите физички и правни лица. За нив се грижи и со нив управува Република
Македонија, ако поинаку не е определено со закон.
15.Плодоносни ствари и плодови
Плодоносни ствари се оние ствари кои од себе даваат други ствари, плодови. Давањето плодови е нивна економска
намена. Плодовите (fructus) како ствари се производи, приходи или приноси кои на определен начин настануваат од
некоја ствар, не ја исцрпуваат стварта, а се предодредени да се одделат од стварта од која настанале, со што стануваат
посебни, самостојни ствари (fructus separati).Плодовите можат да се јават како природни, индустриски и цивилни.
Природните плодови се органски производ на некоја ствар кои таа ги дава без дејство на човечки труд (пример: шумски
јагоди; трева која не ја посеал човекот, песок кој го создала реката и слично.). Индустриските плодови се плодови кои ги
дава стварта со учество на човечки труд и природата (пример: јаболка, праски од овоштарник). Во овие плодови не
спаѓаат индустриските производи. Цивилните или граѓански плодови или приходи се плодови кои стварта не ги дава сама,
туку кои се добиваат од стварта со посредство на некој правен однос (пример: пари од закуп на деловна просторија;
камата од вложени пари и слично.).Плодоуживателот поделба е на туѓа ствар станува и сопственик на плодовите.
16.Деливи и неделиви ствари
Деливи ствари се оние ствари кои можат да се поделат на делови без притоа да се намали нивната сразмерна вредност,
при што секој дел засебно да ги задржи својствата на целата ствар (ролна штоф поделена на делови за одела, векна леб
поделена на парчиња, парче сирење и слично.). Неделиви ствари се оние ствари кои не можат да се поделат физички и
при тоа деловите да ја задржат употребната вредност на целината (книга, телевизор, прстен, кауч).
17.Проценливи и непроценливи ствари
Проценливи ствари се оние ствари кои имаат и прометна и употребна вредност, чија вредност може да се изрази во пари
и вредносно може да се споредува со други ствари. На пример: уметничка слика која сопственикот посебно ја сака.
Непроценливи ствари се оние ствари чија вредност не може да се определи со никакво споредување со друга, односно
други ствари. Тоа обично се ствари со додадена афекциона вредност, како што е на пример слика на саканиот или
саканата личност, некој дар, часовник подарен од починатиот дедо, писмо и слично.Пример, лични предмети и облека на
славни личности кои се изнесуваат заради продажба на аукција и друго.
18.Телесни (материјализирани) и бестелесни (дематеријализирани) ствари
Под телесни ствари (res corporales) се подразбираат сите ствари кои се составени од материјални состојки (имот,
предмети итн). Бестелесни ствари (res incorporales) се оние ствари кои се јавуваат како имотни права на субјектите, освен
правото на сопственост. Во нив спаѓаат стварните права на туѓа ствар (службеност, залог), интелектуалната сопственост,
разни побарувања (во пари, предавање на ствари и слично. Но, во бестелесни ствари спаѓаат и стварите кои се јавуваат
во дигитален формат и чиј пренос се врши со употреба на електронски средства за комуникација.
19.Потрошни и непотрошни ствари
Потрошни ствари се оние ствари кои се трошат со една употреба, најчесто при првото користење, (пијалоци, храна,
суровини, намирници) или оние ствари кои со една употреба ќе се отуѓат (пари и слично.). Непотрошни ствари се,
всушност, потрошни ствари, но кои не се трошат при нивната прва употреба, чие користење трае подолго (куќа,
покуќнина, автомобил, чевли). Во зависност од намената една ствар во еден случај ќе биде потрошна, а во друг
непотрошна. Пример: домашните животни можат да бидат непотрошна ствар ако служат за превоз, за обработка на
земјиштето и сл, а потрошна ствар ако ги употребиме за исхрана. Или: едно дрво може да биде вградено во мебел и да е
непотрошна ствар, или истото да биде употребено за огрев како потрошна ствар.
20.Индивидуално определени ствари и ствари одредени по род
Индивидуално одредени ствари се ствари кои во својот род се единствени (Мона Лиза од Да Винчи, патнички автомобил
со регистарски број и број на мотор и шасија, мобилен телефон со сериски број, и друго.).Ствари определени по род се
оние ствари што во правниот промет се означуваат со вид, количина и квалитет (жито, цемент, тектил, кошули, вино и
друго.). Правно се смета дека стварите одредени по род не можат да пропаднат бидејќи секогаш наместо нив може да се
предаде друга ствар од тој род. Индивидуално одредените ствари може да пропаднат и истите се надоместуваат во
парична противвредност.
21.Заменливи и незаменливи ствари
Заменливи ствари се оние ствари кај кои, најчесто при исполнувањето на обврската, една ствар може да биде заменета
со друга со исти особини (својства), намена и вредност. Потрошните ствари и стварите определени по род по својата
природа се заменливи ствари, но и индивидуално определените ствари исто така се заменливи, освен во случај кога се
работи за уникати. Незаменливи ствари се оние ствари кои се создаваат во еден примерок (на пример-уникатна
уметничка слика). Значењето на оваа поделба има вредност во облигационото право при исполнувањето на договорните
обврски и при надоместот на штетата. Така на пример, кај договорот за заем, при пропаѓањето на заменлива ствар што е
предмет на договорот, должникот на доверителот може да му предаде друга таква ствар, а ако предметот е незаменлива
ствар ќе му плати надомест на штета.
22.Хартии од вредност како ствари
Хартиите од вредност се писмени исправи, со кои имателот со нивно презентирање може да го оствари правото што е
означено во нив (меница, чек, акција, обврзница). Тие најчесто содржат облигациони права и нивната вредност е толкава
колку што изнесува вредноста на правото кое имателот може да го реализира. Тие се делат на хартии од вредност кои
гласат на доносител, хартии на име и хартии по наредба. Кај хартиите од вредност постојат две права – право на хартијата
и право од хартијата. Правото на хартијата е право на сопственост или право на залог кои за свој објект ја имаат хартијата
како телесна подвижна ствар. Правото од хартијата по својата 46 правна природа е или стварно право (на пр: право на
сопственост на стока предадена на бродарот за превоз и опишана во коносманот), или некое облигационо право
(најчесто право на исплата на определена сума пари како кај меницата), или некое членско право (право на учество).
Помеѓу правото на хартија и правото од хартија постои нераскинлива врска; Губењето или уништувањето на хартијата
повлекува неможност за остварување на правото; кај некои хартии (пример ливче-лоз од лотарија) тоа значи конечно
губење на правото од хартијата, додека кај други е дозволено судско огласување на изгубената или уништената хартија за
неважечка и издавање на решение кое ќе ја замени хартијата (таканаречено амортизација).
23.Парите како ствари
Парите се ствари затоа што се објект на имотни права, најчесто објект на облигациони права. Секоја договорна обврска,
има свој паричен израз (цена на закупот, послугата и друго.). Парите како ствари се родово определени, заменливи,
деливи и потрошни. Парите се родово определени затоа што банкноти со иста номинална вредност имаат иста вредност.
Сепак, парите се и индивидуално определени ствари бидејќи секоја банкнота е нумерирана со сериски броеви.
Заменливоста на парите се разликува од заменливоста на другите ствари кои се заменуваат со некои други ствари кои
имаат слична намена, затоа што парите можат да се заменуваат со сите други ствари. Деливоста на парите исто така не е
физичка, туку вредносна. Парите се делат на помали единици, односно се заменуваат со поголем број единици од помала
вредност. Денарот на Република Македонија се дели на 100 дени. Потрошливоста на парите исто така не е физичка, иако
постои, туку економска (во размена со други ствари). Правниот режим на парите како ствари, а пред се како економска
категорија, е мошне важен за економските односи затоа што имотните односи се најчесто проценливи, односно
изразливи во пари.
24.Напуштени ствари
Стварта се смета за напуштена кога нејзиниот деловно способен сопственик на јасен, несомнен и недвосмислен начин ќе
изрази волја дека не сака повеќе да ја држи и се откажува од правото на сопственост врз таа ствар. треба да се прави
разлика меѓу напуштена ствар и ничија ствар. Во таа смисла, напуштена ствар е ствар која била во сопственост на некој
субјект кој на јасен начин изразил волја дека повеќе не сака таа ствар да ја има во сопственост, а ничија ствар е онаа ствар
на која претходно не постоело право на сопственост на ниту еден субјект (диви животни, риби и друго.) Законот за
сопственост и други стварни права прави разлика меѓу напуштени подвижни и напуштени недвижни ствари. Разликата е
во тоа што за подвижната ствар да се смета за напуштена е потребна јасно изразена волја на сопственикот дека не сака
таа ствар натаму да биде во негова сопственост, а кај недвижните ствари покрај таа волја е потребно откажувањето од
сопственоста да биде направено врз основа на изјава за откажување од сопственост дадена во форма на исправа подобна
за упис на правото во јавната книга за запишување на правата на недвижностите (изјава солемнизирана на нотар).
Важноста на оваа поделба е од аспект на можноста за стекнување на сопственост на напуштени подвижни ствари
(окупација) и преминувањето во државна сопственост на недвижните напуштени ствари, како оригинерен начин на
стекнување на сопственост.
25.Загубени ствари
Загубени ствари се оние подвижни ствари кои сопственикот ги нема во свое владение поради нивно губење. Како
загубена ствар не се смета стварта која е украдена. Разликата меѓу напуштена и загубена ствар е во волјата на
сопственикот: во првиот случај тој јасно и недвосмислено се откажува од сопственоста на таа ствар, додека, пак, во
вториот случај постои неоткажување од сопственоста и волја за задржување во натамошна сопственост и владение.
Именувањето на загубените ствари како посебни ствари во номенклатурата на поделбата на стварите е важна од стварно
правен аспект заради определување на судбината на загубената ствар особено поради следните причини: не престанува
сопственоста на стварта на сопственикот со нејзиното губење, постои обврска и должност на чесниот наоѓач да му ја
предаде загубената ствар на сопственикот или на надлежната служба за загубени ствари, постои обврска на надлежната
служба да го извести сопственикот на стварта за нејзиното пронаоѓање, предвидено е правото на надоместок (награда) на
чесниот наоѓач, определен е рокот во кој сопственикот треба да се јави, да ја идентификува својата ствар и да ја земе,
постои можност за стекнување сопственост на стварта на наоѓачот или државата по протекот на определен временски
период и слично.
26.Посебен правен режим на објектите на интелектуалната сопственост како ствари
Сопственоста, според една поделба, се дели на материјална и нематеријална. Стварното право е режим на правна
заштита на материјални ствари, што пак своите корени ги влече од римскиот концепт на res corporales, додека
интелектуалната сопственост е режим на правна заштита на нематеријални ствари, кои влечат корен од концептот на res
incorporales. Интелектуалната сопственост, се смета за дел од граѓанското право, а се дели на индустриска сопственост и
авторско право и сродни права. Карактеристично за правата од интелектуална сопственост е што одредени овластувања
содржани во овие права имаат ограничено времетраење, по чиј истек интелектуалните творби се во слободно користење.
Како и движните и недвижните ствари, и интелектуалните творби се прометливи, може да се купат, продадат, да се
пренесат на користење со договор, да се наследат. Сопственикот на интелектуално добро има право да спречи
неовластено користење или продажба, и да бара граѓанско-правна заштита при повреда на правата. Најважната разлика
меѓу овие два режими на сопственост е тоа што интелектуалните дела можат да бидат и нематеријални, како
интелектуални творби од сферата на уметноста, науката, технологијата и слично. Од гледна точка на економска
анализаинтелектуалните творби како предмет на заштита на интелектуалната сопственост имаат изразени карактеристики
на јавно добро, за разлика од стварите кои имаат карактеристики на приватно добро.
III.ПРАВО НА СОПСТВЕНОСТ
27.Нормативна определеност
Сопственоста во Република Македонија е регулирана со повеќе правни акти, и тоа: - Со Уставот на Република Македонија,
- Со Законот за сопственост и други стварни права, како lex generalis, и - Со други специјални закони кои уредуваат
определени прашања на сопственоста.
28.Правото на сопственост според Уставот на Република Македонија
Уставот, низ неколку стварноправни одредби определува дека:
- Во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија спаѓа и правната заштита на сопственоста.
- Се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
- Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.
- Никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се
работи за јавен интерес утврден со закон.
- Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен
надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
-Странско лице во Република Македонија може да стекнува право на сопственост под услови утврдени со закон.
- Сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и
предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за
Републиката и уживаат посебна заштита.
- Со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се
отстапат на користење.
- На странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката.
- Правата стекнати врз основа на вложениот капитал не можат да се намалуваат со закон или друг пропис.
29.Стварни права според Законот за сопственост и други стварни права
Законот предвидува три групи на стварни права:
-Правото на сопственост – како главно стварно право;
-Ограничени стварни права – во кои ги дефинира:
- правото на службеност,
- правото на залог и
- правото на реален товар.
-Други стварни права – кои можат да се засноваат под услови определени
со закон, и тоа: правото на долготраен закуп на градежно земјиште, востановено со
Законот за градежно земјиште и правото на долгорочен закуп на земјоделско земјиште.

30.Право на сопственост
Правото на сопственост (dominium, proprietas) е субјективно стварно право од кое
произлегува најсилната правна и фактичка власт над стварите. Сопственикот има право
својата ствар да ја држи, да ја користи и со неа да располага, речиси неограничено,
освен во случаи и граници предвидени со закон.
а). Содржина и правно дејство на правото на сопственост
Правото на сопственост му овозможува на неговиот титулар:
- право на владеење (држење на стварта),
- право на користење и
- право на располагање
Неговата содржина ја сочинуваат три компоненти : овластување за држење (владеење) на стварта, овластување за
користење и овластување за располагање.
Овластувањето за владеење на стварта (ius possidendi) претставува можност да се има фактичка власт на стварта, да се
има во владение, да се држи и да се владее со неа.
Овластувањето на користењето на стварта се состои во правна можност над неа да се преземаат материјални дејствија
поради добивање корист од истата. Ова практично значи искористување на економските својства на стварта.
Користењето може да се јави во два облици:
1. во употреба на стварта (ius utendi) на било кој начин кој ќе ги задоволи неговите потреби и
2. во прибирање на плодови и други приходи од стварта (ius fruendi).
Овластувањето за располагање (ius disponendi) значи дека сопственикот може да прави со својата ствар што сака, како
сака, каде сака, може стварта да ја подари на друго лице, може да ја уништи, да ја продаде и слично. Постои фактичко и
правно располагање. Фактичкото располагање се состои во преземање на материјални акти со кои се влијае на
материјалните својства на стварта (поправка, преправка, промена на нејзината намена и слично.). Правното располагање
се состои во преземање на правни акти, со кои правото на сопственост во целост или делумно се пренесува на други
субјекти. Правното располагање може да биде потполно и делумно. Потполното располагање се состои во пренесување
на правото на сопственост на друг субјект (продажба, поклон, трампа) или откажување од правото на сопственост.
Делумното располагање се состои во преземање на правни акти со кои сопственикот на своето право на сопственост
востановува (воспоставува, конституира) права во корист на други субјекти, со кое правото на сопственост во поголема
или помала мерка се стеснува (намалува), односно се ограничува (лични службености, закуп, плодоуживање, стварна
службеност).
б). Општи ограничувања на правото на сопственост.
Секој е должен да се воздржува од повреди на правото на сопственост на друго лице (член 8 од ЗСДСП). Правото на
сопственост е апсолутно право на сопственикот на стварта и секој е должен да се воздржува од повреди на тоа право.
Апсолутноста се огледа во тоа што тоа правото на сопственост делува кон сите (erga omnes). Но, за определени ствари
апсолутното право на сопственикот е релативизирано и законодавецот предвидува дека: - „Сопственикот го остварува
своето право на сопственост во согласност со природата и намената на стварта, како и со општиот интерес утврден со
закон. Забрането е вршењето на правото на сопственост спротивно на целта заради која е со закон признато и
установено, или спротивно на моралот на општеството. Правото на сопственост не смее да се врши со цел на друг да му се
причини штета или тој да се спречи во остварувањето на неговото право“. Согласно член 10 од ЗСДСП, правото на
сопственост може да се ограничи или да се одземе кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
в). Посебни ограничувања на правото на сопственост
Законот за сопственост и други стварни права предвидува и определени ограничувања на правото на сопственост, со цел
да им се овозможи на сопствениците на други недвижности целосно и нормално користење на истите.
Ако сопственикот на недвижноста не се воздржува од дејствија на недопуштени емисии, сопственикот на недвижноста кој
трпи последици на својата сопственост поради нив, има право на преземање на следните правни средства:
- да поднесе тужба поради вознемирување на правото на сопственост, со барање за престанок на натамошното
вознемирување и
- да поднесе тужба со барање за надомест на штета, доколку неговата сопственост претрпела штета поради
недопуштените емисии.
31.Ограничени стварни права
Согласно Законот за сопственост и други стварни права, спаѓаат: правото на службеност, правото на залог и правото на
реален товар. Со оглед на фактот што на овие права им се посветени посебни глави во продолжение на книгата, овде
само ке ги наброиме и нема да навлегуваме во нивна детална анализа.
32.Основни облици (видови) на правото на сопственост
Во Република Македонија постојат три облици на правото на сопственост и тоа:
- приватна сопственост,
- државна сопственост и - сопственост на единиците на локалната самоуправа.
33.Приватна сопственост
Право на сопственост можат да стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и
единиците на локалната самоуправа, под услови и начин предвидени со Законот за сопственост и други стварни права и
со друг закон. Странските физички и правни лица можат да бидат носители на правото на сопственост согласно Законот за
сопственост и други стварни права, освен ако со друг закон или со меѓународен договор не е поинаку определено.
34.Државна сопственост
Во државната сопственост влегуваат сите материјални добра кои се непосреден услов за остварување на нејзините
функции како власт. Во државна сопственост спаѓаат:
-општествените средства од претходниот систем чиј директен наследник е државата,
-сите природни богатства на територијата на државата, кои таа може да ги даде на користење на други субјекти под
концесија,
-финансиските средства од трансформацијата на општествената сопственост станаа државна сопственост,
- јавните претпријатија,
- стварите кои ги користат и со кои располагаат државните органи во Република Македонија. Државната сопственост во
себе ја опфаќа и сопственоста на единиците на локалната самоуправа.
Државната сопственост може да се реализира на неколку начини, тоа се:
-Државата има право на користење на стварите во државна сопственост: (правона непосредна употреба).
-Државата има право на располагање: (право да одлучува за сопственоста настварите што ги користат државните органи).
- Стварите во државна сопственост кои Република Македонија не ги набавила туку ги стекнала по друг основ може да се
дадат на користење на други државни органи, да се продадат, да се разменат или да се дадат во закуп;
- Државата има право на продажба на недвижни ствари. Тоа право и е дадено на Владата на Република Македонија, по
пат на јавно наддавање и со непосредна спогодба.
- Државата има право на размена на недвижни ствари за кое одлучува Владата по предлог на одреден орган.
- Државата има право да даде во закуп недвижни ствари што државните органи престанале да ги користат, а по исклучок
– по престанокот на работното време на органите, да издаде во закуп и недвижни ствари што тие ги користат (одлучува
органот)– по пат на јавно наддавање и со непосредна спогодба. Недвижните ствари можат да се дадат во подзакуп.
- Недвижните ствари во сопственост на државата може да ги продава, да ги разменува и да ги дава во закуп.
На стварите во државна сопственост се води евиденција.
- Недвижните ствари се евидентираат во Евидентна книга за недвижни ствари во Државниот завод за геодетски работи.
Исто така секој орган што користи недвижна ствар во државна сопственост води евиденција на недвижноста.
- За недвижните ствари за кои не може да се утврди основата за стекнување на правото на сопственост (врз основа на
Одлука на Владата) истите се евидентираат во Евидентна книга, во Јавните книги за запишување на правата на
недвижности – Катастарот.
- Во постапката за запишување, правата и интересите на државните органи ги штити и запишувањето го врши Државниот
правобранител на Република Македонија.
- За движните ствари се води сметководствена евиденција.
35.Сопственост на единиците на локалната самоуправа
Согласно Законот за сопственост и други стварни права, и единиците на локална самоуправа, под услови и на начин
предвидени во Законот за сопственост и други стварни права и друг закон, можат да стекнуваат право на сопственост.
Законот за локална самоуправа исто така пропишува дека: општината има право на сопственост на ствари, парични
средства и права. Вредноста на сопственоста на општината се проценува и искажува при изготвувањето на годишната
сметка. Со сопственоста општината располага како добар домаќин, на начин утврден со закон. Јавните служби основани
од општината се нејзина сопственост. Согласно Законот за градежното земјиште и Законот за земјоделското земјиште,
градежните и земјоделските земјишта не можат да бидат во сопственост на единиците на локалната самоуправа.
Градежното земјиште може да биде во сопственост на Република Македонија и во сопственост на домашни и странски
физички и правни лица.
Уставот на Република Македонија во однос на правото на сопственост на единиците на локалната самоуправа предвидува
дека: општините и градот Скопје се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од
Републиката. Под сопствени извори на приходи се подразбираат: локални даноци, локални такси и локални надоместоци,
приходи од сопственост на општината, самопридонес, парични казни, донации и други приходи утврдени со закон.
Носители на сопственоста на единиците на локалната самоуправа се општините и градот Скопје.
IV.СТЕКНУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА СОПСТВЕНОСТ
36.Начини на стекнување
Сопственоста, претставува групно или поединечно присвојување ( владеење) на стварите, односот меѓу луѓето и стварите.
Секој правен поредок ги определува начините на стекнување, заштита и престанување на сопственоста. Кај начините и
условите на стекнување на правото на сопственост разликуваме:
-апсолутно настанување на некое право кое досега воопшто не егзистирало;
-релативно настанување на некое право, при што некое веќе постоечко право настанува само за некое одредено лице.
а) Oригинерно (изворно) стекнување – кога некое право се стекнува независно од волјата на поранешниот титулар како,
на пример окупација, спојување или мешање на стварите на разни сопственици, изработка на нова ствар од туѓ материјал,
градење на туѓо земјиште, одвојување на плодовите, стекнување од несопственик, стекнување со одржувачка и слично.
Оригинерното стекнување ги опфаќа сите непосредни начини на стекнување (засновање право на сопственост на ствари
кои не се објект на правото на сопственост) и сите стекнувања врз основа на збир на факти, меѓу кои, како битен не
фигурира фактот дека претходникот бил сопственик на стварта.
б) Деривативно (изведено) стекнување – кога некое право се стекнува со изведување (деривирање) од правото на
досегашниот сопственик како, на пример, со договор за продажба на некоја ствар. Деривативното стекнување секогаш
подразбира стекнување на сопственост врз основа на волјата на претходникот, што значи стекнување врз еднострани
правни дела (тестамент, јавно ветување на награда) или стекнување врз основа на договор (дар, размена, купопродажба).
37.Стекнување право на сопственост врз основа на закон
Законот за сопственост и други стварни права предвидува неколку начини на стекнување на правото на сопственост врз
основа на закон:
- со создавање нова ствар, - со мешање и спојување, - со градење на земјиште,
- со одржување, - со одвојување на плодовите, - со стекнување сопственост од несопственик,
- со окупација, - со припојување и таложење, - со промена на корито на водотек и создавање на остров - и во
други случаи определени со закон.
38.Стекнување на сопственост со создавање нова ствар
Поправката или обновувањето не се смета за нова ствар. Новата ствар, според законот, може да се создаде на три начини:
- сопственикот сам, со свој материјал и со свој труд да да изработи, создаде нова ствар – на која стекнува, прибавува
право на сопственост на таа ствар,
- новата ствар се создава врз основа на правно дело со материјал од лицето ТТ
- на која стекнува, прибавува право на сопственост сопственикот на материјалот. (Пример: со договор за градење
инвеститорот му дава материјал на изведувачот на работите да му изгради куќа) и
- стварта е создадена на тој начин што некој со свој труд, но со туѓ материјал изработи (создаде) ствар за себе. Во овој
случај, таа ствар му припаѓа на оној што ја изработил стварта. Но, за да се стекне со право на сопственост изработувачот
треба да се исполнети три услови: 1. да е совесен (да постоела свесна и сериозна намера дека стварта ја изработува за
себе), 2. вредноста на трудот вложен во новата ствар да е поголема од вредноста на материјалот и 3. тој да ја надомести
вредноста на материјалот.
39.Стекнување на сопственост со мешање и спојување на ствари
Кај оваа поделба станува збор за подвижни ствари на различни сопственици кои не се наоѓаат во договорен однос ќе се
спојат или помешаат и од нив настане нова ствар во облик на соединување или мешање. До мешање на ствари доаѓа кога
подвижни ствари на различни сопственици ќе се спојат и ќе ја изгубат својата индивидуалност и не можат да се
распознаат во новодобиената ствар како целина, било да се од тврда, зрнеста материја (жито, брашно) или од течна или
растоплива материја (вино, ракија,). Ако од двете измешани или споени ствари едната има незначителна вредност во
однос на другата, сопственикот на другата ствар стекнува право на сопственост на новата ствар со обврска да му ја
надомести вредноста на лицето кое со тоа го загубило правото на сопственост на стварта.Ако некој од сопствениците
несовесно постапувал (мешањето или спојувањето го направил со намера да ја присвои целата ствар) совесниот
сопственик може да бара, во рок од една година од денот на мешањето или спојувањето на стварите, целата ствар да му
припадне во сопственост или истата ствар да му припадне на несовесниот сопственик, а тој да му ја надомести вредноста
на неговата ствар.
40.Стекнување право на сопственост на градежен објект изграден на сопствено или на туѓо земјиште со
согласност на сопственикот на земјиштето
Секој сопственик на земјиште на кое со закон е предвидена изградба на градежни објекти, стекнува право на сопственост
и на градежниот објект кој го изградил на земјиштето, доколку е изграден согласно градежните прописи и со запишување
на правото во јавните книги за запишување на правата на недвижностите. Стекнување со правото на сопственост
претпочита изградба на објектот со одобрение за градба од надлежен орган во согласност со генералниот и деталниот
урбанистички план. Градителот на градежниот објект на туѓо земјиште, со согласност на сопственикот на земјиштето,
стекнува сопственост врз објектот под условите како и за градба на сопствено земјиште (пример - Кога синот во договор
со таткото, изврши доградба на куќата која е во сопственост на таткото со свои средства, и тоа врз основа на градежна
дозвола за доградба која гласи на име на таткото, тогаш правото на сопственост на таа доградба му припаѓа на синот.
41.Стекнување право на сопственост на градежен објект изграден на туѓо земјиште без согласност на
сопственикот на земјиштето
Стекнување право на сопственост на градежен објект изграден на туѓо земјиште без согласност на сопственикот на
земјиштето може да се јави во неколку варијанти:
-градба на совесен градител, кога сопственикот знаел за градбата,
-градба на несовесен градител и совесен сопственик на земјиштето и
-градба на совесен градител кога сопственикот на земјиштето не знаел за градбата
Градба на совесен градител, а сопственикот знаел за градбата – Законот предвидува дека: лице кое врз основа на
одобрение од надлежен орган ќе изгради зграда или друга градба (градежен објект) на земјиште на кое друг има право
на сопственост, без негова согласност, стекнува право на сопственост и на земјиштето на кое е изграден градежниот
објект, како и на земјиштето што е во функција на објектот за редовна употреба, ако не знаело ниту можело да знае дека
гради на туѓо земјиште, а сопственикот на земјиштето знаел за градбата и не се спротивставил веднаш.
42.Стекнување на право на сопственост со одржувачка
Одржувачката (usucapio) е стекнување право на сопственост со држење на туѓа ствар по протекот на, со закон,
определеното време од страна на квалификуван, односно совесен владетел.
Стекнување на право на сопственост со одржувачка, на следните начини:
-Совесниот и законит држател на подвижна ствар, на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост
на таа ствар со одржувачка по истекот на време од три години.
-Совесниот и законит држател на недвижна ствар на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост на
таа ствар со одржувачка, по истекот на време од десет години.
-Совесниот држател на подвижна ствар на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост на таа ствар
со одржувачка по истекот на време од десет години.
-Совесниот држател на недвижна ствар, на која друг има право на сопственост, стекнува право на сопственост на таа ствар
со одржувачка по истекот на време од 20 години.
Наследникот станува совесен држател од моментот на отворањето на наследството и во случај кога оставителот бил
несовесен држател, а наследникот тоа не го знаел ниту можел да го знае.Со времето како правен факт, се губи одредено
субјективно право. Меѓутоа, за стекнувањето на правото на сопственост по пат на одржувачка, покрај протекот на
определено време (три, десет или дваесет години) како дополнителен факт се предвидуваат и некои други факти, како
што се квалитетот на имотот и квалитетот на стварта што се држи. Подолговремената негрижа на сопственикот за својата
ствар од една страна и совесноста и чесноста на друг кон таа ствар кој подолг период фактички ја држи таа . Одржувачката
е правен институт кој доведува до тоа држателот на стварта со протек на определено време (рок на одржувачката) да
стекне право на сопственост врз стварта, доколку бидат исполнети и некои други правни претпоставки (совесно и
законито владение).
43.Стекнување право на сопственост на подвижна ствар со присвојување (окупација)
Окупацијата претставува едностран правен акт на стекнувачот на сопственоста кој се состои во земање на напуштена
(дереликвираната) ствар во владение со намера таа ствар да се присвои. Притоа подобна за окупација е само подвижна
ствар. Начинот на стекнување (modus aquirendi) се состои од земањето на таа ствар во владение со намера да се присвои
како објект на новостекнато право на сопственост. Во таа смисла Законот за сопственост и други стварни права
предвидува можност за стекнување на право на сопственост на подвижна ствар со окупација, и тоа ствар што нејзиниот
сопственик ја напуштил. Стварта се смета за напуштена кога нејзиниот сопственик на несомнен начин ќе изрази волја дека
не сака повеќе да ја држи. Не може да се стекне сопственост со присвојување на подвижни ствари кои со посебен закон
можат да бидат само во сопственост на Република Македонија или на единиците на локалната самоуправа, освен ако со
закон или посебна дозвола од надлежниот орган присвојување се врши во границите на таа дозвола. Постои разлика
меѓу напуштена ствар (res derelicta) и ничија ствар (res nullius). Кај напуштената ствар постои сопственик кој доброволно
ја напуштил. Кај ничиите ствари дотогаш не постоело било чие право на сопственост, како на пример диви животни, рој
диви пчели, риби во реки и езера. Во нашето право тие се добра во општ интерес на Република Македонија и врз нив
може да се стекне право на сопственост врз основа на административна дозвола за лов и риболов, во кој случај се работи
за апропријација, односно преоѓање на определени ствари во приватна сопственост.
За стекнување сопственост по пат на окупација треба да бидат исполнети следните услови:
а) објектот на окупацијата да е подвижна ствар на која пред окупацијата постоела право на сопственост, а не да е во
прашање недвижност;
б) подвижната ствар нејзиниот сопственик да ја напуштил на недвосмислен начин преку изразена волја дека не сака
повеќе да ја поседува за себе, што значи дека не се работи за загубена, затурена или скриена ствар;
в) дереликцијата, откажувањето од владение на сопствената ствар може да ја изврши само деловно способно лице;
г) на страна на лицето кое ја окупира туѓата ствар мора да постои намера за присвојување во своја корист, при што не се
бара и негова деловна способност, и
д)стекнувачот да е овластен на предметната окупација на напуштената ствар, односно да се работи за слободна
окупација.
44.Стекнување право на сопственост на напуштени ствари
За разлика од подвижните ствари на кои може да се стекне сопственост поради нивно напуштање, тоа не е случај со
недвижните ствари. Сопственикот на недвижноста може да се одрече од своето право на сопственост, но таа не станува
ничија туку по закон преминува во сопственост на Република Македонија. Недвижноста е напуштена ако врз основа
изјава за откажување од сопственост дадена во форма на исправа (нотарски акт) подобна за упис на правото во јавната
книга за запишување на правата на недвижностите, тоа право ќе биде избришано. Со посебни прописи се определува
кога ќе се сметаат за напуштени и дека преминале во државна сопственост (сопственост на Република Македонија), оние
земјишта чија обработката е сосема запустена и оние руинирани згради што не се поправени. Напуштената недвижност
преминува во државна сопственост во моментот на нејзиното напуштање, ако со закон поинаку не е определено.
45.Стекнување право на сопственост на загубена ствар
Загубена ствар е онаа подвижна ствар која случајно излегла од владението на сопственикот или држателот така што тој
повеќе не знае каде таа се наоѓа. Загубена ствар исто така треба да се разликува затурената ствар , односно стварта која и
понатаму се наоѓа под владение на сопственикот но тој не знае каде е таа. Најпосле, од загубена ствар треба да се
разликува и дереликвираната ствар, односно стварта од чија сопственост сопственикот се откажал и која повеке не е во
негово владение. Според Законот за сопственост и други стварни права - не престанува сопственоста на стварта која
сопственикот ја загубил или му е украдена, па наоѓачот е должен без одлагање да му ја предаде на оној што ја загубил,
односно на сопственикот. Наоѓачот на стварта е должен да му ја предаде стварта на сопственикот доколку тој му е познат,
во спротивно е должен да и ја предаде на надлежната служба за загубени и најдени ствари . Надлежната служба
определена за прием на најдената ствар е дожна да ја прими, да да преземе мерки на чување и мерки за пронаоѓање на
лицето кое ја изгубило стварта. Лицето кое ја загубило стварта (нејзиниот сопственик) е должен да се јави на надлежната
служба за најдени ствари во рок од една година од наоѓањето на стварта (овде рокот тече од моментот на наоѓањето на
стварта и нејзиното предавање на надлежната служба) и треба докаже дека ја загубило стварта од владение, односно
дека е нејзин сопственик. Ако повеќе лица пред службата докажуваат сопственост над стварта, таа му се предава на она
лице кое ќе докаже дека истата ја загубило од непосредното владение. Наоѓачот на загубената ствар има право на
надомест за направените нужни трошоци околу пронаоѓањето и чувањето на стварта, како и на награда во висина од 15%
од вредноста на стварта. Доколку повеќе лица заедно ја нашле стварта, наградата ја делат на еднакви делови. Трошоците
и наградата ги исплатува лицето на кое му се враќа стварта. На наоѓачот кој не ја пријавил загубената ствар, како и на
работниците вработени во јавни служби (кондуктери, возачи, чистачи и слично.), кога ќе најдат ствар вршејќи службена
работа, не им следува награда. На најдената ствар, односно за неа добиените пари, наоѓачот може да стекне сопственост
под условите за стекнување на ствар по пат на одржувачка, под услов неговото владение на најдената ствар да е совесно.
46.Стекнување сопственост на скриено богатство и културно добро
Скриеното богатство и културните добра не се сметаат за напуштени ствари.
Под скриено богатство во смисла на законот се сметаат: пари, злато, сребро, накит, драгоцени камења, ствари
изработени од племенити метали и други драгоцености, кои скриени лежеле толку долго време, така што со сигурност не
може да се утврди кој им е сопственикот.
Под културно добро во смисла на законот се смета ствар која има општо културно значење или е од јавен интерес и како
таква се наоѓа под посебен правен режим заради негова заштита и користење (споменик на културата, музејски
материјал, библиотечен материјал, архивска граѓа, природна реткост и слично.).
Скриеното богатство и културното добро, пронајдено во било чија недвижност, станува сопственост на Република
Македонија (државна сопственост). Доколку се најде сопственикот на скриеното богатство и културното добро, тоа
станува негова сопственост. Пронаоѓачот скриеното богатство, односно културното добро е должен веднаш да го пријави
и го предаде на надлежната служба во владение, односно до предавањето да преземе мерки кои се нужни да не
пропадне и да не се оштети или да се отуѓи. Надлежната служба е должна за пронаоѓањето на богатството, односно
културното добро веднаш да го извести надлежниот државен орган за заштита на спомениците на културата . Наоѓачот и
сопственикот на недвижноста во која е најдено богатството, имаат право на соодветна награда од Република
Македонија,а имаат право и на надоместок на нужните трошоци. Половина од наградата му припаѓа на наоѓачот, а
другата на сопственикот на недвижноста во која е најдено богатството, односно културното добро. Доколку некој се
обидел да го сокрие или не го пријави веднаш богатството, односно културното добро, тој нема право на награда ниту на
надоместок.
Стекнување сопственост врз основа на правно дело
47.Поим на правно дело и основ за стекнување сопственост
Правното дело е изјава на волја на едно лице која произведува правни последици (правно дејство). Правното дејство
може да се однесува на настанување, промена, пренесување или престанок на постојните субјективни права и обврски.
Стекнувањето право на сопственост врз основа на правно дело претставува деривативен начин на стекнување на
сопственост, каде стекнувачот на правото на сопственост го добива, изведува од претходен сопственик. Основ за
стекнување на правото на сопственост врз основа на правно дело претставува правното дело, а начинот на стекнување е
определен со закон. Како правно дело се подразбира одредено искажување на волја на еден или повеќе субјекти за
настанување на определен правен однос. Законот за сопственост и други стварни права го предвидува правното дело
како основ за стекнување на сопственост.
За да може да се стекне право на сопственост врз основа на правно дело треба:
- правното дело треба да е допуштено,
- да постои согласност меѓу субјектите (сопственикот и стекнувачот) и
- стекнувањето на сопственоста да се реализира на начин предвиден со закон.
Правното дело со кое се стекнува сопственост на недвижност, треба да биде склучено во писмена форма, ако со закон
поинаку не е предвидено. Со стекнувањето на правото на сопственост врз основа на правно дело и преоѓањето на стварта
во сопственост од еден на друг субјект, не се влијае на правата на трети лица на стварта како на пример правото на закуп.
48.Стекнување сопственост на подвижна ствар
Правна основа за стекнување на сопственост на овој вид на ствари претставува некое правно дело врз основа на кое се
заснова правото на сопственост. Законот го предвидува начинот на стекнување (modus aquirendi) на сопственоста,
односно преоѓањето на правото на сопственоста на подвижната ствар со предавање на стварта во владение. Под
предавање на стварта во владение се подразбира фактички пренос на подвижната ствар од едно владение во друго .
Предавањето на подвижната ствар од пренесувачот во владение на стекнувачот може да биде фактично и фиктивно.
Фактичко предавање може да биде:
- фактичко, телесно, натурално предавање (што значи предавање на стварта од рака на рака: купуваме леб кој ни се дава
во рака, весник кој ни се дава и слично.);
- со предавање на исправа врз основа на која стекнувачот може да располага со таа ствар (товарен лист, коносман,
складишница) ;
- со врачување на некој дел од стварта (предавање на клучевите од автомобил), и
- со издвојување или друго означување на стварта што значи предавање на стварта.
Фиктивно предавање (кога предавањето се заменува со спогодба за пренос на сопственоста без фактичко предавање на
стварта помеѓу правниот претходник и стекнувачот (договорот за послуга се трансформира во договор за продажба и
слично.)
49.Стекнување сопственост од несопственик
За стекнување сопственост на подвижни ствари од несопственик Законот определува исполнување на определени услови
предвидувајќи дека - Совесно лице стекнува право на сопственост на подвижна ствар што ја прибавило со надоместок од
несопственик кој во рамките на својата дејност пушта во промет такви ствари, од несопственик кому сопственикот му ја
предал стварта во владение врз основа на правно дело што не е основа за прибавување на правото на сопственост, како и
на јавна продажба. Значи, штом се исполнат условите предвидени со Законот, всушност, несопственикот на подвижната
ствар, врз основа на законот, му го пренесува правото на сопственост на друго лице. Овој начин на стекнување е
оригинерен начин на стекнување на правото на сопственост, стекнување врз основа на закон ( ex lege). Поранешниот
сопственик може од совесниот стекнувач да бара да му ја врати стварта, со тоа што е должен да му плати надоместок
според прометната цена, доколку таа ствар за него има посебно значење (слика со посвета, дар од драго лице). Барањето
за враќање на стварта не може да се постави по изминувањето на рокот од една година од стекнувањето на правото на
сопственост на стварта. Ваквиот начин на стекнување на сопственост не се применува ако стварта од нејзиниот сопственик
или лицето преку кое ја имал во владение била украдена или ја загубил, односно зафрлил, освен при стекнување на
готови пари, хартии од вредност на донесувач или на јавна продажба.

Стекнување сопственост на недвижност


50.Стекнување на сопственост на недвижност врз основа на правно дело со запишување во јавна книга
Право на сопственост на недвижност врз основа на правно дело, се стекнува со запишување во јавната книга за
запишување на правата на недвижностите или на друг соодветен начин определен со закон. Начинот на запишување е
определен со Законот за катастар на недвижностите. Правното дејство на запишувањето настанува од моментот кога
барањето или исправата за запишување е примена во органот што ја води јавната книга. Правото на сопственост на
недвижност може да се стекне и без упис во јавната книга и на друг начин определен со закон. Тоа се оригинерните
начини на стекнување на недвижности, како што се: стекнување сопственост на туѓо земјиште, стекнување сопственост на
туѓа недвижност по пат на одржувачка и стекнување на право на сопственост по пат на наследување. За стекнување на
сопственост на недвижност со запишување во јавна книга врз основа на правно дело потребно е да се исполнети
следните услови:
- отуѓувачот да има право на сопственост на недвижноста која ја отуѓува,
- отуѓувањето да е извршено врз валидно правно дело и
- правото на сопственост на новиот сопственик да се запише во јавна книга.
51.Стекнување сопственост со наследување
Наследувањето има карактер на деривативен начин на стекнување право на сопственост од причини на постоење на
објективна околност што оставителот бил сопственик на стварите. Законот за сопственост и други стварни права го
предвидува и го регулира начинот на стекнување на сопственост по пат на наследување. Според нашето наследно право,
со смртта на едно лице се отвора неговото наследство. Истото дејство го има и прогласувањето на едно лице за умрено.
Наследник може да биде само лице кое е живо во моментот на отворањето на наследството, како и насцитурусот-детето
веќе зачнато во моментот на отворање на наследство се смета како родено ако се роди живо. Врз основа на тестамент
можат да наследат и правни лица, доколку со одделни прописи нешто друго не е определено. Ако не е познато дали има
наследници, судот со оглас ќе ги повика лицата кои полагаат право на наследство да му се пријават на судот. Во
спротивно, оставината и се предава на држава Македонија, но со тоа наследникот кој би се јавил подоцна не се лишува
од правото да му се предаде оставината или делот што му припаѓа. Наследникот може да се откаже од наследство со
изјава на судот до завршувањето на расправата на оставината. Ова откажување важи и за потомците на оној којшто се
откажал, ако не изјавил изрично дека се откажува само од свое име. Отворањето на наследството, односно делацијата
(delatio, лат.-повикување некого да прими наследство), како начин на преоѓање на имотот на умрениот на неговите
наследници, се случува во моментот на смртта на оставителот по сила на Законот и од тој момент се сметаат за
наследници, под услов тие да не се откажале од наследство. Во случај наследниците да се откажале од наследство, се
смета дека никогаш не станале наследници. Правната основа за стекнување сопственост по пат на наследување
претставува постоење на факти кои ги определува законот, а тоа се: смрт на оставителот, доживување на моментот на
смртта на оставителот (отворање на наследството) од наследникот, постоење на имот на умрениот и припаѓање на
одреден круг на наследници според Законот за наследување.
52.Стекнување сопственост со одлука на државен орган
Сопственост може да се стекне и со одлука на државен орган. Законот за сопственост и други стварни права предвидува
дека - со одлука на судот или друг орган се стекнува сопственост во случаите и под условите определени со закон.
Сопственост со одлука на судот може да се стекне со донесување пресуда или решение од негова страна. Со одлука на
друг државен орган може да се стекне сопственост по Законот за експропријација кога може да се одземе или ограничи
правото на сопственост.
Експропријацијата може да се врши заради изградба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес:
1. заради потреби на државата – (за свои потреби, за потребите на јавните претпријатија основани од државата, јавните
фондови, образованието и сл.);
2. заради потреби на општините и градот Скопје (за потребите на единиците на локалната самоуправа и за потребите на
јавните претпријатија и фондови основани од општините, односно градот Скопје), и
3. за потребите на правни и физички лица за изградба на објекти и изведување други работи од јавен интерес.
Со експропријацијата престанува правото на сопственост и другите права што произлегуваат од неа на недвижностите
(потполна експропријација). Со експропријацијата може да се ограничи правото на сопственост со установување на право
на службеност, закуп, привремено ограничување на правото на користење и привремено заземање земјиштето заради
вршење подготвителни работи на земјиштето (непотполна експропријација). Право на сопственоста кога недвижноста се
одзема се стекнува во моментот на правосилноста на судската одлука.
По правило со стекнување право на сопственост со одлука на суд или друг орган не престануваат стварните права кои им
припаѓале на другите лица на таа ствар. Но со правосилноста на одлуката за преминување на сопственоста на државата,
со самата одлука може да се предвиди гасење на стварните права кои им припаѓале на другите лица на таа ствар. Право
да бара запишување на правото на сопственост во јавната книга има секое физичко и правно лице, кое со одлука на судот
или друг орган ќе се стекне право на сопственост на недвижност.
V. ЗAШТИТА НА ПРАВОТО НА СОПСТВЕНОСТ
1.Поим на заштита на правото на сопственост
Под заштита на правото на сопственост се подразбира: со правниот поредок загарантирана и уредена интервенција (на
државата) против евентуалните повреди на постојните сопственичко-правни односи, како би им се овозможило на
титуларите на правото на сопственост непречено вршење на нивните сопственичкоправни овластувања. Една од
темелните вредности на Уставниот поредок на Република Македонија претставува – правната заштита на сопственоста.
Законот за сопственост и други стварни права во чл.8 определува дека – Сопственикот има право својата ствар да ја
држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или некое право
на друго лице. Секој е должен да се воздржува од повреди на правото на сопственост на секое лице. Во чл.10
предвидува дека – правото на сопственост може да се ограничи или да се одземе кога се работи за јавен интерес
утврден со закон. Во Законот за сопственост и други стварни права покрај со основните одредби се предвидува и
1.1.Стварноправна заштита на правото на сопственост изразено преку сопственички тужби и тоа:
- сопственичка тужба за поврат на стварта (rei vindicatio),
- тужба од претпоставен сопственик
- публицијанска тужба,
- тужба поради вознемирување на сопственоста (actio negatoria),
- тужба за заштита на сосопственоста, односно заедничката сопственост и
- деклараторна и излачна тужба.
1.2.Во Законот за парничната постапка се предвидени следните тужби:
- тужба за утврдување на правото на сопственост-деклараторна тужба,
- тужба за главно вмешување,
- излачна тужба,
- тужба за бришење на запишаните права на недвижностите (бришечка тужба) и
- тужба за сосопственост, односно заедничка сопственост.
2.Сопственичка тужба за поврат на стварта
Сопственичка тужба е тужба со која сопственикот бара од држателот враќање на индивиндуално определена ствар. Со
оваа тужба, сопственикот недржател (тужителот) од несопственикот држател на стварта (тужен) бара предавање во
владение ствар на која има право на сопственост. Причина поради која се поднесува оваа тужба е во тоа што на
сопственикот му е оневозможено овластувањето за држење на својата ствар. Затоа, предмет на спорот е поврат
(враќање) на стварта во непосредно владение на сопственикот (тужителот) заедно со евентуалните плодови што
стварта ги дала додека се наоѓала кај држателот.
3.Тужба на претпоставениот сопственик
Тужбата на претпоставениот сопственик или публицијанска тужба (action publiciana) е тужба со која се бара предавање
на индивидуално определена ствар со која сопственикот кој има појако право на владение која тужителот ја поднесува
против држателот на стварта кој има послабо право на владение. Ова е начесто употребувано правно средство за
заштита на правото на сопственост.
Ова право постои тогаш кога некое лице прибавило индивидуално определена ствар врз правна основа и на законит
начин, а не знаело и не можело да знае дека не станало сопственик (било совесно). Тоа лице законот го означува како
претпоставен сопственик.
Според Законот за сопственост и други стварни права – „Лицето што прибавило индивидуално определена ствар врз
правна основа и на законит начин, а не знаело и не можело да знае дека не станало сопственик на стварта
(претпоставен сопственик), има право да бара нејзин поврат и од совесниот држател кај кого таа ствар се наоѓа без
правна основа или по послаба основа. Правото за поднесување тужба на претпоставено право на сопственост не
застарува.
4.Тужба поради вознемирување на сопственоста ( негаторска тужба)
Тужбата поради вознемирување на сопственоста или негаторска тужба (actio negatoria) е сопственичка тужба за
заштита на правото на сопственост која се поднесува поради неосновано вознемирување на сопственикот во
остварувањето на своите права, односно вознемирување на правото на користење и располагање со својата ствар која
се наоѓа во негово владение. Оваа тужба се нарекува негаторска бидејќи сопственикот преку неа ги негира правата на
тужениот. Основ за поднесување на оваа тужба е вознемирувањето во вршењето на користењето и располагањето со
стварта на сопственикот или претпоставениот сопственик со барање трето лице односно тужениот да престане со
вознемирување. Законот за сопственост и други стварни права ја предвидува тужбата поради вознемирување на
сопственоста на следниот начин - Ако во остварувањето на правото трето лице го вознемирува сопственикот или
претпоставениот сопственик на друг 82 начин, а не со одземање на стварта, сопственикот, односно претпоставениот
сопственик може со тужба да бара да престане со тоа вознемирување. Правото на поднесување на негаторска тужба не
застарува. Вознемирувањето може да биде: фактичко вознемирување, правно вознемирување и вознемирување со
пропуштање на одредено чинење на тужениот. Фактичко вознемирување е она вознемирување кога тужениот презема
дејствија или пропушта преземање на одредени дејствија со кои се врши вознемирување на владението, освен
одземање на владението. (попречување сопственикот да ја употребува или да ја користи стварта, натрупување камења,
шут, други отпадоци и слично. на туѓо земјиште; користење туѓ ѕид за свои потреби (реклами) и друго.
5.Тужба за заштита на сосопственоста, односно заедничка сопственост
Согласно Законот за сопственост и други стварни права ја предвидува тужбата за заштита на сосопственоста, и
предвидува дека - сосопственикот, односно заедничкиот сопственик, има право на тужба за заштита на правото на
сопственост на целиот предмет. Всушност законот со овој вид на сопственичка тужба ги става во иста положба со
сопствениците на ствар и сосопствениците и носителите на заедничка сопственост. Тоа значи дека и сосопственикот и
заедничкиот сопственик правото на сосопственост и правото на заедничка сопственост можат да го штитат со
сопственички тужби за поврат на стварта и со тужба со која ќе се бара престанување (отстранување) на
вознемирувањето (негаторска тужба).
6.Деклараторна и излачна тужба
Деклараторна тужба - Тужбата за утврдување на правото на сопственост често во практиката се нарекува деклараторна
тужба, бидејќи единствено нејзино барање е да се утврди правото на сопственост на тужителот. Оваа тужба е
регулирана во чл.172 од Законот за парничната постапка кој предвидува:
***Тужителот може со тужбата да бара судот само да го утврди постоењето, односно непостоењето на некое право
или правен однос, или вистинитост, или невистинитост на некоја исправа.
***Ваквата тужба може да се поднесе кога тоа со посебни прописи е предвидено, 83 кога тужителот има правен
интерес судот да го утврди постоењето, односно непостоењето, на некое право, или правен однос, или вистинитост,
односно невистинитост на некоја исправа пред втасаноста на барањето за чинење од истиот правен однос, или кога
тужителот има некој друг правен интерес за подигање на ваква тужба.
Излачните тужби се регулирани со одредбите на Законот за извршната постапка и Законот за стечај. Суштината на овие
тужби се состои во барањето да се спречи намалување на побарувањето на доверителите од предмети (подвижни или
неподвижни) и права кои не му припаѓаат на должникот, односно на стечајниот должник, а кои по некој повод се
нашле во имотот на должникот.

VI. ПРЕСТАНОК НА ПРАВОТО НА СОПСТВЕНОСТ


7.Начини на престанок на правото на сопственост
Правото на сопственост може да престане на два начини:
- апсолутен престанок на правото на сопственост и
- релативен престанок на правото на сопственост.
7.1.До апсолутен престанок на правото на сопственост доаѓа кога правото на сопственост на определена ствар
престанува да постои за сите субјекти.
7.2.До релативен престанок на правото на сопственост кога постоечкото право на сопственост преминува од
постојниот сопственик на друго лице (друг субјект).
Законот за сопственост и други стварни права предвидува неколку начини на престанок на правото на сопственост: со
пропаѓање на стварта, кога друго лице ќе го стекне тоа право и со напуштање на стварта.
8.Престанување на правото на сопственост со пропаѓање на стварта
Престанување на правото на сопственост со пропаѓање на стварта претставува апсолутен престанок на правото на
сопственост, бидејќи поради пропаст на објектот на кое досегашното право на сопственост се однесува ова право,
престанува да егзистира не само за сопственикот, туку и за сите други лица, без можност за натамошно преоѓање во
било чија сопственост. До пропаѓање на стварта може да бидат подвижни и на неподвижни ствари. Подвижните ствари
можат да пропаднат со нивна потрошувачка, уништување, случајно пропаѓање и друго. Недвижните ствари исто така
можат да пропаднат на повеќе начини (поплава да го однесе земјиштето, земјотрес да ја сруши куќата, бродот да
потоне, девастација од цунами, вулканска лава да покрие цела населба, и друго.) Врз остатоците од стварта
сопственикот го задржува правото на сопственост.
9.Престанување на правото на сопственост кога друго лице ќе го стекне тоа право
Другото лице правото на сопственост може да го стекне на оригинерен начин, на деривативен начин врз основа на
некое правно дело склучено со досегашниот сопственик, со наследување и со одлука на државен орган.
9.1.Со оригинерното стекнување на правото на сопственост што одредено лице пред тоа го имало врз таа ствар, тоа
право гасне и не настануваат правни последици по субјектите.
9.2.Со деривативниот начин на стекнување на сопственост што одредено лице пред тоа го имало врз таа ствар,
правото на сопственост од претходникот престанува поради тоа, затоа што тоа право се пренесува врз следбениците со
сите правни последици кои произлегуваат од тоа пренесување.
9.3.Кај стекнувањето со наследување правото на сопственост престанува поради смрт или прогласување за умрен и по
сила на Законот, тоа право преминува на наследниците на тоа лице.
9.4.Со одлука на државен орган или со судска одлука се стекнува право на сопственост во моментот на правосилноста
на судската одлука.
10.Престанување на правото на сопственост со напуштањето на стварта
Стварта се смета за напуштена кога нејзиниот сопственик без ничија присила ќе изрази волја дека не сака повеќе да ја
држи. За да престане правото на сопственост на сопственикот по основ на напуштање на стварта треба да бидат
исполнети неколку услови: - сопственикот на јасен начин да изразил волја дека стварта не сака повеќе да ја држи (со
зборови, со пишување, со знаци, на конклудентен начин) и - фактички да го напушти владението на стварта.
Напуштената недвижност преминува во државна сопственост.

VII.ПОДОБЛИЦИ НА ПРАВОТО НА СОПСТВЕНОСТ


---СОСОПСТВЕНОСТ---
11.Поим на правото на сосопственост
Сосопственоста претставува право на сопственост на повеќе лица на неподелена ствар при што делот на секој од нив е
определен сразмерно според целината (идеален, сосопственички дел). Кога предмет на правото на сосопственост се
плодоносни ствари, плодовите и другите приходи од нив се распоредуваат меѓу сосопствениците сразмерно на
големината на нивните делови, доколку поинаку не е договорено. Ако сосопственичките делови на неподелената ствар
не се определени се претпоставува дека сосопствениците имаат еднакви делови. Сосопственост може да се заснова и
на ствар која се наоѓа во различни облици на сопственост (мешана сопственост-државна и приватна сопственост).
Сосопственоста може да настане врз основа на правно дело, закон или наследување.
12.Предмет на правото на сосопственост
Предмет на сосопственоста може да биде неподвижна и подвижна ствар. Делот на сосопственикот на стварта која се
наоѓа во сосопственост не е материјален дел на стварта, бидејќи правото на сосопственикот се однесува на целата
ствар. Сопственичките делови на сосопственоста можат да бидат определени или неопределени. Само ако
сосопственичките делови на неподелената ствар не се определени, се претпоставува дека сосопствениците имаат
еднакви делови. Учеството на сосопствениците се огледа во тоа што секој од нив има право на сопственост врз еден
идеален дел, во едед сразмер од целината на стварта. Ако се, на пример, сосопственици две лица тогаш сопственоста
не се состои во тоа што на едниот му припаѓа едно од двете сопственички овластувања (користењето или
располагањето со стварта), а на другиот другото од тие овластувања. На двата сопственици им припаѓаат двете
овластувања, но во еден одреден сразмер. Тој сразмер може да биде еднаков , но може да биде и различен, што
зависи од внатрешниот однос меѓу сосопствениците. Поделбата на правото, се врши според обемот. Во тој поглед секој
сосопственик го остварува правото врз целата ствар, врз сите нејзини фактички делови. Ако пак користењето на стварта
може да се подели и фактички, така што секој сосопственик може да ја користи во одреден дел, тогаш користењето се
остварува поединечно, врз одделни делови од стварта, така што целата ствар ќе ја користат истовремено сите, но не
како целина, туку по нејзините делови. Така, на пример, еден стан што е во сосопственост на две или повеќе лица може
по договор меѓу нив да се користи така што секој од сосопствениците ќе се всели во еден дел од станот. Сите
сосопственици остануваат сопственици на сите делови од целината во даден сразмер.
13. Вршење на правото на сосопственост
Сосопственикот има право стварта да ја држи и да ја користи заедно со другите сосопственици сразмерно со својот дел,
неповредувајќи ги притоа правата на другите сосопственици. Сите сосопственици имаат право на владение врз целата
ствар, но тие можат да одлучат меѓусебно да го поделат владението врз стварта и извршувањето на сите или на некои
сопственички овластувања врз неа.Сосопственикот може да располага со својот дел без согласност на другите
сосопственици. Во случај на продажба на сосопственички дел другите сосопственици имаат право на првенствено
купување.
14. Право на првенствено купување
Според Законот за сопственост и други стварни права, сосопственикот може да располага со својот дел без согласност
на другите сосопственици. Во случај на продажба на сосопственичкиот дел другите сосопственици имаат право на
првенствено купување. За да ја исполни оваа обврска сосопственикот е должен на другите сосопственици својот
сосопственички дел со изјава преку нотар да им го понуди за продажба и да им ја соопшти цената и условите за
продажба. Сосопствениците на кои им е направена понудата, доколку ја прифаќаат истата се должни во рок од триесет
дена да се изјаснат по истата, дали ја прифаќаат. По протекот на рокот од соопштението во изјавата, доколку
сосопствениците, или некој од нив не се изјаснат дека ја прифаќаат понудата, сосопственикот е слободен да диспонира
со своето право со други лица. Ако сосопственичкиот идеален дел што се продава, под исти услови сакаат да го купат
повеќе сосопственици, продавачот одлучува кому истиот ќе го продаде.
14.1.Тужба за повреда на правото на првенствено купување
Доколку сосопственикот кој го продава својот сосопственички дел не го понуди на сите сосопственици на стварта, тие
имаат право со тужба за повреда на правото на првенствено купување по судски пат да бараат поништување на
продажбата, барајќи продавачот и нив да ги извести за својата намера за продажба. Тужбата се поднесува во рок од 30
дена од денот кога секој од сосопствениците дознал за продажбата и условите под кои е извршена истата, како
релативен рок. Тужба за повреда на правото на првенствено купување сосопствениците имаат право да поднесат и
доколку сосопственичкиот дел им бил понуден: по повисока цена од онаа по која е извршена продажбата, под потешки
услови, ако продажбата е прикриена со замена, со подарок или на друг начин со кој се ставени во нерамноправна
положба со купувачот. Рокот за поднесување тужба е една година од запишувањето на продажбата во јавните книги.
Тужителот е должен во рокот за поднесување на тужбата поради повреда на правото на првенствено купување да го
депонира износот кај основниот суд или кај нотар на име на куповната цена, што според склучениот договор стасал за
плаќање до денот на поднесувањето на тужбата.
15.Управување со страврта
Сосопствениците имаат право на (сразмерно) учество во управувањето со стварта. Како што се: грижата за
одржувањето на стварта, давањето на користење на други лица (на пример, закуп), собирањето на плодовите и друго.
Управувањето се јавува како редовно и вонредно. Редовно управување е она управување што не ја менува намената на
стварта ниту нејзината положба како објект на правото. Вонредно управување е она управување што значи видлива
битна промена на физичката природа односно на намената на стварта. (Пример: промена на културата на земјиштето,
битна адаптација на станот, пренамена на деловна просторија во стан или обратно). Во управувањето со стварта
учествуваат сите сосопственици еднакво, но со оглед на економската целесообразност и правна сигурност, за редовно
управување е достатно мнозинството на волјата на сосопствениците. Сосопствениците што ќе останат во малцинство
можат да приговараат на одлуката на мнозинството кај судот (со барање гаранција против оштетувањата што можат да
настанат со битната измена на намената, односно на природата на стварта). Доколку пак се работи за суштествени
промени врз објектот, во начело е потребна согласност од сите сосопственици.
16. Управител
Врз основа на тоа што секој сосопственик има право на управување и право на располагање со својот сосопственички
идеален дел, управувањето со стварта сосопствениците можат да му го доверат управувањето на стварта на еден или
повеќе сосопственици или на трето лице, на определено или неопределено време. Третото лице на кое му се доверува
управувањето со стварта законот го именува како управител. Доколку сосопствениците се согласат со стварта да
управува управител, а не можат да се спогодат за неговите овластувања и должности, по барање на некој или повеќе
сосопственици, истите ќе ги определи судот, кој е должен да води сметка за интересите на сите сосопственици.
Управителот е полномошник на сосопствениците чиј однос се регулира по правилата на облигационото право и
правилата на Законот за сопственост и други стварни права. Управителот со стварта може да управува редовно и
вонредно. При редовното управување тој е должен да ги спроведува одлуките на сосопствениците чии делови заедно
претставуваат повеќе од половината на вредноста на стварта, а при вонредното управување му е потребна заедничка
одлука на сите сосопственици. Управителот има право на надомест за вршење на работите на управувањето. Доколку
управителот управувањето со стварта го врши со крајно невнимание, сосопствениците чии делови заедно
претставуваат повеќе од половината на вредноста на стварта може да му дадат отказ. Доколку сосопствениците имаат
по една половина од вредноста на стварта, за нивно несогласување за отказ на управителот одлучува судот во
вонпарнична постапка. Откажувањето на овластувањата на управителот поставен на неопределено време може да му
се даде со отказен рок од три месеци кој започнува да тече првиот ден од месецот што му следи на отказот. Доколку
управителот е поставен за време подолго од пет години, по истекот на тој рок, доколку управувањето било продолжено
(не било прекинато на иницијатива на било која страна), на управителот може да му се даде отказ во секое време, без
отказен рок и без причини. И управителот може да го откаже управувањето со стварта, со отказен рок од три месеци,
кој рок почнува да тече првиот ден од месецот што следи.
17.Трошоци за користење, управување и одржување на стварта
Трошоците за користењето, управувањето и одржувањето на стварта и на товарите што се однесуваат на целата ствар
ги поднесуваат сосопствениците сразмерно со големината на нивните делови. Ако сосопственикот не го плати својот
дел од трошоците и од товарот, другите сосопственици можат да бараат наплатата да се изврши од неговиот дел со
плодовите и со другите приходи од стварта, а во случај тоа да не е доволно за намирување на трошоците и на товарите
или наплатата да биде отежната, можат да бараат наплата од неговиот преостанат имот. Секој сопственик има право во
секое време да бара од управителот и другите сосопственици да му биде даден извештај за сметките.
18. Раскинување на сосопственичката заедница
Сосопственоста е сопственост на повеќе лица кои имаат право на сопственост на неподелена ствар на која делот на
секој од нив е определен сразмерно според целината. Тоа значи дека таа е имотна заедница на повеќе субјекти, во која
сосопствениците ги поврзуваат само имотни интереси. Слична на оваа заедница е и заедницата на заедничката
сопственост, но во оваа заедница покрај имотните интереси постојат роднински и други врски. Со оглед на тоа што
сосопственоста е имотна заедница во кои доминираат имотните интереси на сосопствениците, во определен момент
може да дојде до состојба на разлика на волјата и интересите на сосопствениците, на поединец, повеќето од нив или
на сите сосопственици. Во таква ситуација не постои никаква основа и интерес оваа заедница и понатаму да опстојува
за поединец, за дел или за сите сосопственици, согласно кое законот предвидува можност за раскинување, односно
делба на таа заедница.
19. Право на делба
Секој од сосопствениците има право во секое време да бара делба на стварта додека трае сосопственичкиот однос, а
истакнувањето на ова барање никогаш не застарува. Доколку по некој основ или поради некоја причина
сосопственикот трајно се откажал од правото на делба на стварта, таквото откажување, односно таквиот договор е
апсолутно ништовен и не произведува правно дејство. Како исклучок, правото во секое време да бара делба на стварта
додека трае сосопственичкиот однос е неможен само во време во кое таа делба би била на штета за другите
сосопственици, ако поинаку не е определено со закон. Сосопствениците можат едногласно да се спогодат определено
време да не може да бараат делба, но тој рок не може да биде подолг од пет години. Ваквата спогодба
сосопствениците можат да ја обновуваат по истекот на рокот од претходната спогодба. Ваквата спогодба има правно
дејство и на нивните правни следбеници. Ова правило не важи во случај меѓу некој од сосопствениците да постои
должничко-доверителен однос. Во тој случај доверителот на кој и да е од сосопствениците може да бара делба и пред
истекот на договорениот рок ако не можел да го наплати своето побарување од другиот имот на сосопственикот.
20.Начини на раскинување на сосопственичката заедница
Во сосопственичката заедница сосопствениците на ствар вообичаено сами спогодбено го определуваат начинот на
делбата на стварта, а исто така можат спогодбено да одберат лице кое место нив ќе одлучува за делбата. Во случај да
не можат да се спогодат за спогодбено раскинување на заедницата, односно делба на сосопственоста, секој од
сосопствениците може да бара делбата да ја изврши судот. Со оглед на тоа, разликуваме: - спогодбена (доброволна)
делба и - судска делба на стварта во сосопственост.
20.1.Спогодбена (доброволна) делба - За донесување на одлука за начинот на кој ќе се подели сосопственичката ствар
е потребна едногласна согласност на сите сосопственици. Сосопственоста може да се подели на тој начин што
сосопствениците стварта можат да ја поделат на било кој можен и правно дозволен начин со тоа што стварта можат: -
да ја поделат физички (физичка или натурална делба), - да одлучат стварта да се продаде (цивилна делба, делба по
вредност) и добиената вредност да се подели пропорционално со големината на сосопственичките делови, или -
стварта да му припадне на еден од сосопствениците, а тој да им ја надомести вредноста на уделите на другите
сосопственици.
20.2.Судска делба - Судот ќе донесе одлука за поделбата на сосопственичката ствар доколку сосопственоста не е
поделена по пат на спогодба на сосопствениците, а по барање-предлог на еден или повеќе сосопственици. Судската
делба судот ја врши во вонпарнична постапка. Оваа постапка се води до колку нема евентуален спор за правото на
сосопственост или за големината на сосопственичките делови. Во спротивно спорот за делбата се решава во парнична
постапка. Судската делба на сосопственичката ствар се врши во зависност од видот на стварта: со природна делба на
самостојни реални делови или со цивилна делба кога стварта е неделива. Може да се случи, при јавната продажба да
се јави како купувач некој од сосопствениците или повеќе сосопственици. Во тој случај, доколку се јави само еден од
сосопствениците тој има право на првенствено купување пред најповолниот понудувач ако веднаш по заклучувањето
на јавната продажба изјави дека стварта ја купува под исти услови. Кога повеќе сосопственици сакаат да ја купат целата
ствар пред најповолниот понудувач на јавната продажба, судот ќе одлучи таа да се додели на оној кој што ќе понуди
најдобри услови.
20.3. Физичка делба на станови и стамбени згради - При физичка делба на станови и на станбени згради кои
претставуваат физичка целина, судот може да одлучи, во согласност со градежните прописи, да се извршат внатрешни
или надворешни преправки со цел секој сосопственик да добие соодветен посебен дел. Сторените трошоци за
преправките ги плаќаат сосопствениците сразмерно на својот дел. Трошоците на делбата ги сносат сосопствениците
сразмерно на нивните сосопственички делови, ако со спогодба или со закон поинаку не е определено.

---ЗАЕДНИЧКА СОПСТВЕНОСТ---
21. Поим на заедничката сопственост
Заедничката сопственост е право на сопственост на повеќе лица на една ствар, чии делови не се поделени, но можат да
се поделат. Овој вид на сопственост настанува од различни причини како што се: природата на односите меѓу
сопствениците на стварта; настанување на наследничка заедница; последица на неделивоста на една ствар и слично.
Заедничката сопственост може да се трансформира во сосопственост, ако деловите на заедничарите (носителите на
заедничката сопственост) се определат како идеални делови од едно единствено право.
21.1.Права на заедничарот
– Заедничарот има право: - Својот дел во заедничката сопственост да го пренесе само на друг заедничар на истата
ствар, а не може полноважно да го пренесе на трето лице надвор од заедничарите. - Да ги врши овластувањата во
поглед на заедничката ствар само заедно со другите заедничари, ако со договор меѓу нив или со овој или друг закон
поинаку не е определено; - Право на плодовите и другите користи од заедничката ствар заедно со сите заедничари
еднакво, доколку меѓу себе поинаку не се договориле; - да бара во јавната книга да се запише правото на сопственост
на стварта во корист на сите заедничари како нивна заедничка сопственост; - да учествува во решавањето на сите
прашања што се однесуваат на стварта, која е во заедничка сопственост (управување со заедничката ствар) заедно со
другите заедничари; - да бара утврдување на делот во заедничката ствар, ако такво утврдување е допуштено и можно;
- да бара во секое време во заедничката ствар да се утврдат деловите, така што ќе се определи колкав дел му припаѓа
на заедничарот за неговиот дел во заедничката сопственост; - да бара да се утврди колкав сопственички дел му припаѓа
на определен заедничар на име негов дел во заедничката сопственост на стварта;
22.Право на утврдување дел од заедничката ствар
Ако таквото утврдување е можно и дозволено, секој заедничар има право да бара утврдување на делот во заедничката
ствар, во секое време, бидејки ова право не застарува. Ваквото право заедничарите можат да го остварат со договор
или со одлука на суд во вонпарнична постапка. Покрај заедничарите, право на утврдување сопственички дел имаат и: -
доверителите во однос на нивниот должник, -наследниците во делот на оставината, и -секој во однос на делот на секој
заедничар, ако за тоа има правен интерес.
23.Видови заедничка сопственост
Заедничката сопственост може да биде : заедничка сопственост во брачна заедница, заедничка сопственост во
вонбрачна заедница, заедничка сопственост во наследничка заедница, заедничка сопственост во семејна заедница и
заедничка сопственост во други случаи определени со закон.
Кога стварта е во заедничка сопственост нема влијание фактот што во јавната книга таа е запишана како сопственост
само на некој од нив, но тоа не ги засега правата на трети лица кои тоа не го знаеле и не биле должни да го знаат.
23.1. Заедничка сопственост во брачна заедница.
Имотот на брачните другари во брачната заедница може да биде:
заеднички и посебен. Заедничката сопственост во брачната заедница е имотот кој брачните другари ќе го стекнат (го
стекнале) во текот на бракот. Правото на заедничката сопственост на брачните другари се запишува во јавните книги по
правило на имињата на двајцата брачни другари. Но и ако заедничката сопственост е запишана само на име на едниот
брачен другар, се смета како да е запишана на двајцата. Брачните другари можат во јавните книги да се запишат како
сосопственици на определени делови. Во тој случај се смета дека тие ги утврдиле своите делови на сосопственост во
заедничкиот имот. Со заедничкиот имот брачните другари управуваат и располагаат спогодбено и не може секој
самостојно да располага или да го товари со правно дело меѓу живи, освен ако тој не е определен. Доколку некој од
брачните другари одлучи да го продава својот определен дел, мора да ги почитува правилата на правото на
првенствено купување кон другиот сопружник. - Брачните другари заедничкиот имот на брачната заедница можат да го
поделат за време на траењето на бракот или по престанокот на бракот. Доколку постои согласност, брачните другари
заедничкиот имот можат да го поделат спогодбено, чии делови добиваат режим на посебен имот. При непостоење на
спогодба, по барање на еден (или двајцата) брачен другар, делбата ја врши суд во вонпарнична спогодба. Судот во
постапката при делбата првенствено тргнува од фактот дека заедничкиот имот се дели на еднакви делови на секој
брачен другар. Но, по барање на некој од брачните другари, судот може на едниот брачен другар да му определи
поголем дел од заедничкиот имот, доколку тој докаже во постапката дека неговиот придонес очигледно и значително
е поголем од придонесот на другиот брачен другар во создавањето на заедничкиот имот. Ако при делбата по
престанокот на бракот на еден од брачните другари му се доверени заеднички деца на чување и воспитување, од
заедничкиот имот се изземаат стварите кои им служат на децата или се наменети само за нивна непосредна употреба.
Овие ствари му припаѓаат на брачниот другар на кого му се доверени децата на чување и воспитување. Доколку при
делбата на заедничкиот имот се утврди дека на еден од брачните другари му припаѓа значително помал дел, судот, на
барање на еден од брачните другари може да определи тој дел да му се надомести во пари.
23.2. Заедничка сопственост во вонбрачна заедница.
Заедничка сопственост во вонбрачната заедница е имотот кој вонбрачните другари ќе го стекнат во вонбрачната
заедница. За управувањето, располагањето, утврдување на деловите на имотот, делбата и се друго во врска со
правниот режим на овие ствари стекнати во вонбрачната заедница се применуваат одредбите од Законот за
сопственост и други стварни права кои се однесуваат на заедничкиот имот на брачната заедница.
23.3. Заедничка сопственост во наследничка заедница.
По смртта на секое лице, вообичаено останува имот, кој се нарекува оставина. Оставината може да се состои од
предмети и права. Оставителот може да има наследници или да нема. Доколку нема наследници оставината
преминува во сопственост на Државата. Доколку оставителот има наследници тие имотот го наследуваат согласно
Законот за наследување. Наследниците за оставината можат да го прифатат наследството или да се откажат од
наследството. Наследувањето на имотот на наследниците се решава во оставинска постапка. Наследувањето на една
оставина од страна на повеќе лица, до решавањето на истата, односно до донесување правосилно решение за
наследување создава еден вид заедничка сопственост од привремен карактер. Имотот кој наследниците, што не се
откажале од наследството, што го имаат од моментот на смртта на оставителот до правосилноста на решението за
наследување претставува заедничка сопственост во наследничката заедница. Наследниците на наследството се викаат
заедничари. Наследниците кои не се откажале од наследството покрај правото да се стекнат со дел од имотот, ги
преземаат и долговите на оставителот. Кога едно лице го наследува имотот тоа одговара за долговите на оставителот
до висината на вредноста на наследениот имот. Кога има повеќе наследници тие одговараат за долговите на
оставителот и тоа секој до висината на вредноста на својот дел од наследениот имот, без оглед на тоа дали е извршена
делба на наследството. Наследникот кој се откажал од наследството не одговара за долговите на оставителот. Меѓу
наследниците долговите се делат сразмерно со вредноста на имотот што секој од нив го наследил, ако со тестаментот
поинаку не е определено.
23.4. Заедничка сопственост во семејна заедница
Во семејната заедница секој член, освен брачните другари и вонбрачните другари, стекнува право на сопственост на
стварите за себе (посебен имот), освен ако поинаку не се договорат или ако тоа не произлегува од околностите на
случајот. Покрај заедничкиот имот стекнат во брачната и вонбрачната заедница, Законот за сопственост и други стварни
права предвидува и заеднички имот стекнат во семејна заедница. Овој имот се стекнува кога во семејна заедница со
брачните и вонбрачните другари живеат нивните деца и други роднини кои заеднички вршат некоја или некои
дејности, (пример земјоделство). Имотот што е стекнат во семејна заедница е заеднички на сите членови на заедницата
кои учествувале во заедничкото стекнување, а нивниот дел се определува според одделниот придонес на секој член на
заедницата. Во семејната заедница може да постои договор за заедничко стекнување право на сопственост на ствари.
Во тој случај големината на делот на секој член се утврдува согласно со договорот.

---ЕТАЖНА СОПСТВЕНОСТ---
24.Поим на етажна сопственост
Етажна сопственост според Законот за сопственост и други стварни права, тоа е сoпственост на посебен дел од зграда
или од правото на градење со зградата. Објект на етажната сопственост може да биде само оној посебен дел од
зградата кој сочинува самостојна употребна целина погодна за самостојно извршување на сопственичките
овластувања.Предмет на етажна сопственост можат да бидат: станови, деловни простории, визби, гаражи и други
посебни делови од станбени и деловни згради што имаат два или повеќе станови, односно деловни простории и други
посебни делови, во сопственост на различни физички или правни лица. На посебен дел од зграда може да постои
сосопственост врз идеални делови од посебните станови и другите посебни делови од зграда. Под стан се подразбира
збир на простории наменети за домување со неопходните споредни простории кои чинат една затворена градежна
целина и има посебен влез.
*Како објект на етажната сопственост не можат да бидат деловите од зградата кои служат како заеднички. Во
заеднички делови на зградата спаѓаат: земјиштето под зградата и земјиштето кое служи за нејзина редовна употреба,
заедничките простории, темелите, главните ѕидови, фасадите, покривот, оџаците, таваните, подрумите, скалите,
ходниците, лифтовите, разни инсталации и слично. Се исклучуваат оние делови кои како споредни му припаѓаат на
некој стан или самостојна просторија (на пример, одделни подрумски или тавански простории).
24.1. Видови односи на етажната сопственост:
Постојат три вида на односи: -Права и должности на сопствениците на посебните делови на зградата во однос на тие
делови -Права и должности на сопствениците на посебните делови на зградата во однос на заедничките делови на
зградата како целина и -Права и должности на сопствениците на посебните делови на зградата во однос на земјиштето.
25. Право на сопственост врз посебните делови од згради (предмети и носители)
Станбената сопственост во одделни случаи создава еден вид станбено заедништво на повеќе лица врз еден ист објект
(зграда). Тоа е таканаречено етажна сопственост но врз одделни станови, односно деловни простории. Доколку
зградата е во сопственост на повеќе лица меѓу нив настануваат односи од етажна сопственост. Законот за сопственост и
други стварни права етажната сопственост го дефинира како: право на сопственост на посебни делови од згради, и
етажна сопственост, што всушност претставуваат синоними, при тоа во текстот на законот давајќи му предност на
терминот сопственост на посебни делови од згради. Терминот етажна сопственост, како право на сопственост на стан
или деловна просторија, како посебен дел од зградата, и покрај тоа што не го изразува најправилно овој правен
институт бидејќи може да постои на различни делови на зградата, а не само на определен кат, има и извесни
предности, а тоа е едноставност и универзалност во практиката.

26. Права и должности на сопствениците на посебните делови во однос на тие делови


26.1.Сопственикот на посебен дел на зграда ги има следните права: - по своја волја да го користи својот посебен дел
од зградата и со него слободно да располага, како и со споредните делови кои му служат на неговиот дел од зградата
(визба, гаража и слично.)., со: - право на стекнување на сите плодови, - право да го изнајми или даде во закуп
посебниот дел на недвижноста без согласност од другите сопственици (ако друго не е посебно договорено или
запишано во јавните книги), - право да врши преправки во согласност со градежните прописи, - право да бара надомест
на имотна штета што ќе ја претрпи на својот дел во врска со одржувањето на заедничките делови, - право да бара
осигурување од закана на сериозна опасност од преземени дејствија на друг сосопственик.
26.2. Должности на сопственикот на посебен дел на зграда: Ако посебниот дел од зградата е во сосопственост на две
или повеќе лица, сосопственикот кој што сака да го продаде својот дел, должен е да го понуди на другиот
сосопственик, односно другите сопственици. Доколку посебниот дел од зграда е деловна просторија, право на
првенствено купување со сопственикот има и закупецот. Понудата за продажба на својот сосопственички дел
продавачот со означување на цената и условите за продажба да ја поднесе до другиот сосопственик, односно
закупецот. Ако зградата има куќен совет, понудата се дава преку куќниот совет, кој е должен за понудата да ги извести
заинтересираните сосопственици, односно закупците на посебниот дел од зградата во рок од три дена од добивањето
на понудата.Изјавата за прифаќање на понудата се поднесува непосредно на продавачот во рок од 30 дена од денот на
добивањето, односно истекнувањето на понудата. Во спротивно, продавачот може својот дел да го продаде на друго
лице под условите наведени во понудата или за повисока продажна цена. Сопственикот е должен да се грижи за
одржувањето на својот дел од зградата. Така, ако при користењето на својот дел од зградата сопственикот причинил
штета на други делови од зградата што се во сопственост на други лица или со тоа се создаваат други пречки на
деловите од зградата што се во нејзина функција како целина или на нејзини делови кои претставуваат посебна
целина, тој е должен да ја надомести таа штета, односно да ги отстрани другите пречки кои се создаваат.
26.3. Сопственикот не може во својот дел да врши преправки што би можеле: - да го нарушат архитектонскиот лик на
зградата - да ја намалат односно стабилноста на некој дел од зградата, - или на тие делови да им нанесе штета.
26.4. Сопственикот на посебен дел е должен да дозволи: - во неговиот дел од зградата да се извршат нужни
интервенции поради отстранување на пречки при користењето на правото на сопственост на друг дел на зградата или
на делови од зградата што се во функција на зградата како целина.
Направените штети поради таа интервенција мораат да му се надоместат на сопственикот на посебниот дел. При
отуѓување на гаража што се наоѓа во составот на зградата или на градежното земјиште што на зградата и служи како
целина или само на некои делови од зградата, во случај кога отуѓувањето се врши одделно од отуѓувањето на станот,
првенствено право на купување имаат сопствениците на становите како посебни делови од зградата, а по нив
закупците на становите во истата зграда. Во тој случај, не може да се изврши продажбата на лице кое не користи стан
во таа зграда под услови поповолни од оние што се понудени на сопствениците на становите како посебни делови од
зградата, односно на закупците на становите во таа зграда. Продавачот е должен понудата за продажба да ја поднесе
преку куќниот совет.
27. Права и должности на сопствениците на посебните делови од зградата во однос на заедничките делови
на зградата како целина
Правата и должностите на сопствениците на посебни делови од зградата се определуваат согласно Законот за
сопственост и други стварни права и со договор за заемни односи, склучен меѓу сопствениците на посебните делови.
Договорот за заемни односи мора да биде составен во писмена форма и потпишан од сите сопственици на посебните
делови на зградата. Договорот што не е составен во писмена форма нема правно дејство. Договорот за заемни односи
особено треба да содржи одредби за: - управувањето со зградата, - начинот, условите и редот на користењето на
заедничките простории и уреди во зградата, - висината на износите и начинот на плаќањето на трошоците за
инвестиционо одржување на заедничките делови на зградата што е во етажна сопственост и - куќниот ред на зградата.
Договорот за заемни односи што го склучиле повеќе од половината на сопственици на посебните делови од зградата
задолжително се применува и на другите сосопственици на посебните делови од таа зграда, доколку во рок од 30 дена
договорот не биде оспорен од некој од сопствениците. Оспорувањето може да се бара пред суд кој во вонпарнична
постапка донесува одлука. Одлуката на судот го заменува договорот за заемни односи во оспорениот дел. Договорот за
заемни односи може да се менува со писмена согласност на сопствениците на посебните делови. На заедничките
делови од повеќестанбена зграда што се во состав на зградата како целина (темели, главни ѕидови, таван, фасада,
скали, ходници, стан наменет за домарот, лифтови, електрична, канализациона, водоводна и телевизиска мрежа,
телевизиски антени, бунари, простории за перење и сушење на облека, покрив, визба, уреди за затоплување,
светларници, оџаци и слично.) право на користење имаат сите сопственици на посебните делови. На заедничките
делови што се во функција само за некои посебни делови од зградата (посебна влезна врата, преградни ѕидови меѓу
два стана или простории и слично.), право на користење имаат сопствениците на тие посебни делови. Деловите од
станбената зграда што се во функција на зградата како целина или само на некои нејзини делови се користат како
заедничка и неделива сопственост на сите сопственици на посебните делови, односно на сопствениците чии делови се
во нивна функција. Сите сопственици на посебните делови од зградата имаат право на наменско користење на
земјиштето на кое е подигната зградата, односно кое е во состав на зградата.

VIII.СОСЕДСКО ПРАВО
28. Поим на соседско право
Соседското право е взаемно вршење на правото на сопственост што го предвидуваат одредбите на Законот за
сопственост и други стварни права, кои го овластуваат сопственикот на една недвижност, во врска со вршењето на
своето право на сопственост да бара од лицето кое е сопственик на друга соседна недвижност, тоа лице во негова
полза да трпи, пропушта или да стори нешто што се однесува на неговата недвижност, како и да бара разграничување
од соседната недвижност. Тоа значи дека соседското право подразбира: - овластувања, - должности и - забрани во
извршувањето на правото на сопственост на сопственикот на недвижности кои меѓусебно се граничат или се наоѓаат во
непосредна близина. Законот за сопственост и други стварни права го определува поимот и содржината на соседското
право, насловувајќи го како „уредување на односите меѓу соседите како сопственици на недвижности“, пропишувајќи
дека: - Соседското право е заемно вршење на правото на сопственост што го предвидуваат одредбите на овој или друг
закон, така што го овластуваат сопственикот на една недвижност, во врска со вршењето на своето право на сопственост
да бара од лицето кое е сопственик на друга соседна недвижност, тоа лице во негова полза да трпи, пропушта или да
стори нешто што се однесува на неговата недвижност, како и да бара разграничување од соседната недвижност, како
што е определено со закон. Во таа смисла правата на едниот сосед кон недвижноста на другиот сосед се обврски во
трпење и воздржување на другиот сосед на определени дејствија на првиот, но сето тоа во дозволен обем. Соседското
право е допуштено да се врши само во мерка и на начин со тоа што помалку да се ограничува, оптоварува или на друг
начин да се вознемирува оној сосед кој нешто треба да трпи, пропушта или стори. Суштината на самото соседско право
се состои во тоа титуларот на една сопственост, согласно закон, од соседната недвижност нешто да трпи, да пропушта
или да стори нешто што се однесува на неговата недвижност.
29. Видови соседски права
Соседските права предвидени во Законот за сопственост и други стварни права можат да се поделат на: - соседски
права со овластувања нешто да се стори, соседски права со забрана нешто да се стори и соседски права со должности
(обврски) нешто да не се стори.
30. Соседски права кои предвидуваат овластувања за носителите на сопственоста нешто да се стори
Законот за сопственост и други стварни права предвидува соседски права кои предвидуваат овластувања за субјектите
на носителите на сопственоста нешто да се стори како што е: - правото на исправка или обнова на меѓа, - право на
сопственост на оградите, - право на сопственост на дрвјата на меѓа, - право да се исечат гранките и корењата на туѓо
(соседово) дрво, - право на влегување на туѓа недвижност, - право на употреба на туѓа недвижност заради изведување
на работи, - право на преземање на мерки заради спречување на рушење на зградата и - право на поставување на вод
и други уреди.
30.1. Право на исправка или обнова на меѓа.
Меѓа е заедничка гранична линија со која се разделуваат соседните земјишни парцели.Таа ја обележува правната
власт на сопственоста на соседите на нивните соседни недвижности. Меѓата меѓу соседните недвижности може да
биде обележана на различни начини и знаци (меѓници): камења, колци, насади и слично., обично според обичаите во
местото и местоположбата и составот на земјиштето и неговата околина. Со тек на време, доколку знаците со кои се
воспоставуваат меѓи меѓу две или повеќе недвижности поради каква било причина се оштетат и не можат да се
распознаат или постанат спорни, соседите имаат право самостојно да ја воспостават меѓата обновувајќи ги знаците и да
ја обноват меѓата или да побараат судот да ја обнови или исправи меѓата. Судот, исправката или обновувањето на
меѓата го врши во постапка за уредување на меѓи по правилата на вонпарничната постапка. Во постапката за уредување
на меѓи судот врши обновување или исправање на меѓи. Месно надлежен е судот на чие подрачје се наоѓаат
недвижностите чија меѓа се уредува, но ако недвижностите чија меѓа се уредува се наоѓаат на подрачјето на повеќе
судови, надлежен е секој од тие судови. Постапка за уредување на меѓи се поведува по предлог, а кога тоа е
определено со закон и по службена должност. Предлог за уредување на меѓи може да поднесе секој од носителите на
право на гранична недвижност. Уредувањето на меѓи се означува со меѓници (гранични знаци) на самото место.
30.2. Право на сопственост на оградите.
Оградите меѓу соседни недвижности (ѕидови, плотови, огради, столбови, живи огради и други огради или пречки), како
и ствари кои служат како знаци за меѓи можат да бидат: - заедничка сосопственост на соседите на недвижноста или -
сопственост на еден од соседите на недвижноста.
Заедничка ограда - Вообичаено важи претпоставката дека оградите меѓу соседни недвижности се сметаат за
сосопственост на лицата чии земјишта се разделуваат, односно таа е заедничка ограда се додека не се докаже
спротивното. Сосопственоста на оградата е соборлива претпоставка и секогаш може да се докажува спротивното. За
разлика од сосопственоста воопшто, сосопственоста на оградите е неделива. Заедничката ограда секој од соседите
може да ја употребува од својата страна до половина од нејзината ширина, но не смее да прави ништо со што оградата
би ја довел во опасност (рушење, нагрдување и слично.) и што би ги спречил неговите соседи тие од својата страна да ја
употребуваат до половина. На половината од ширината на оградата кон својата сопственост, сосопственикот има право
и да изведува определени работи, особено ако тоа е ѕид, да прави вдлабнатини во ѕидот, на пример во некоја функција
или изглед (да направи вдлабнатини за чување дрва за огрев), и да презема други дејствија, не нарушувајќи ја
функцијата или стабилноста на оградата. Трошоците за одржување на заедничката ограда ги сносат нејзините
сосопственици на еднакви делови, а исто така и солидарно одговараат за штетата која на секое трето лице би му била
сторена со неодржување на оградата во состојба каква што е вообичаена, со оглед на намената на оградата, на
намената на недвижноста и со месните обичаи.
Сопствена ограда – Секој сопственик на земјиште може истото да го загради по своја волја, поставувајќи ја оградата на
свое земјиште, согласно прописите кои важат на територијата на која се наоѓа земјиштето (обврска за оградување, вид,
висина, од каков материјал и слично.) а, доколку нема таква регулатива, согласно месните обичаи, односно не во
спротивност со истите. Оградата која ја раздвојува сопственоста на земјиштето од земјиштето на соседите, а која се
наоѓа исклучиво на земјиштето на еден сопственик е во сопственост на оној на чие земјиште се наоѓа. Сопственикот на
оградата е должен оградата да ја одржува согласно регулативата, односно месните обичаи, на свој трошок, согласно
сопствените желби, но при тоа да не му нанесе штета на соседот. Доколку дојде до оштетување или рушење на
оградата сопственикот не е должен да ја поправи освен ако тоа не го обврзува регулативата.
30.3. Право на сопственост на дрвјата на меѓа.
Согласно начелото superficies solo cedit, стеблото на дрвото или било кое друго растение му припаѓа на сопственикот на
онаа недвижност од чиешто земјиште израснало дрвото, без оглед каде се надвиваат гранките или каде се протегаат
корењата на дрвото или растението. Доколку дрвото или било кое друго растение израснало на самата меѓа, исто така
без оглед каде се надвиваат гранките или каде се протегаат корењата на дрвото, тоа е во сосопственост на соседите на
обете страни на меѓите на земјиштето.
30.4. Право да се исечат гранките и корењата на туѓо (соседово) дрво.
И покрај правото на сопственост на стеблото на дрвото или било кое друго растение без оглед каде се надвиваат
гранките или каде се протегаат корењата на дрвото или растението, сопственикот на соседното земјиште има право од
своето земјиште: - да искоренува корења на туѓо дрво или растение ,- да ги отсекува или поткаструва дел од дрвото и
гранките на туѓо дрво или растение кои преминале преку границите на неговото земјиште (и да ги задржи за себе), или
- да ги користи плодовите од соседовото дрво или растение од дрвото или гранките кои преминале преку границите на
неговото земјиште. Доколку со преминувањето на дрвото или растението, односно жилите, корењата или гранките на
туѓите дрвја му причиниле штета на сопственикот на соседното земјиште, која штета може на сопственикот на дрвото
да му се препише барем како непостапување со потребното внимание, сопственикот на соседното земјиште има право
да бара надоместок на причинета штета. (Пример: кревање на плочките на поплочениот соседов двор, поткопување на
куќата, неможност да се користи земјиштето за намената и слично.). Надоместок на штета на сопственикот му припаѓа и
ако со посебен пропис му е забрането на сопственикот на дрвото или растението, засадување на дрва и растенија (или
такви дрва и растенија). Овие правила не важат како соседско право кога станува збор за дрва, корења и гранки на
шумски насади. Имено, тоа го регулира и Законот за сопственост и други стварни права и Законот за шумите. Со законот
за шумите децидно е забрането нивното сечење, лисничење.
30.5. Право на влегување на туѓа недвижност.
Правото на сопственост е свето право и секој е должен да се воздржува од повреди на правото на сопственост на друго
лице. Но, во определени ситуации не можат да се контролираат и затоа законот предвидува можности за „повреда“ на
ова право. На пример, не може со сигурност да се контролира движењето на домашните животни, пчелите, гулабите,
(ќе побегнат, ќе заскитаат и слично.) определени плодови или ствари и друго. едноставно да се истркалаат во
соседовата нива, двор и слична недвижност. Токму затоа Законот за сопственост и други стварни права предвидува
дека - во случај кога туѓи животни, рој пчели или ствари дојдат на туѓа недвижност, нивниот сопственик, односно
владетел има право во примерен рок да влезе на туѓото земјиште и да си ги земе назад. Ваквото право на влегување во
туѓа недвижност, сопственикот на овие ствари може да го користи примерно, потребно и разумно, согласно
нормалните потреби за враќање на стварите, во согласност со тоа, трпењето на сопственикот на недвижноста што
помалку да трпи во остварувањето на правото на сопственост на својата недвижност. Ако од доаѓањето (најдувањето,
навлегувањето) или од движењето на туѓите ствари настане штета за сопственикот на недвижноста, или ако
сопственикот на недвижноста имал нужни трошоци во врска со тоа, тој има право на настанатата штета, како и право на
ретенција, односно да ја задржи стварта се до наплатата на штетата, односно трошоците. Сопственикот на
недвижноста, до колку сака може да му го ускрати правото на влегување на сопственикот на навлезените ствари во
неговата недвижност. Но, во тој случај е должен туѓите животни, ројот пчели или стварите веднаш ги предаде на
нивниот сопственик, односно владетел, освен ако не дошло до повредување, односно ако таквата ствар престанала да
постои (пример, пчелите се отруле од хемикалија со која претходно била прскана тревата). Не се смета за доаѓање на
туѓа недвижност на ствари кои по доаѓањето престанале самостојно да постојат (пример, одвеано семе кое потоа
изникнало и слично.).
30.6. Право на употреба на туѓа недвижност заради изведување на работи.
Во определени моменти, на определена недвижност (обично градежен објект), поради изведување на одредени
работи потребни за нејзина употреба или користење (фасадирање, поставување олуци, вградување надворешен лифт и
слично.) е потребно привремено да го употреби туѓото земјиште (најчесто соседското), за да ги изведе потребните
работи. (Пример: да постави скелето на соседското земјиште, да поминуваат изведувачите по тоа земјиште, да постави
привремен објект за сместување на изведувачите, да загради простор за сместување на алатите и машините и слично.).
За ваквата употреба на туѓото земјиште, сопственикот на зградата на која се изведуваат работите и кој има потреба од
привремено користење на туѓото земјиште, треба да постави барање пред сопственикот на земјиштето за негово
користење или тоа да го предложи надлежен орган. За вакво користење на туѓа недвижност е потребна согласност од
сопственикот на соседската недвижност која ќе се користи во функција на градбата. Оној кој што ќе ја употреби туѓата
недвижност за наведените потреби е должен, штом престане потребата за таква употреба, односно штом заврши со
изведувањето на работите, да ја доведе недвижноста во состојба во која се наоѓала пред тоа. Сопственикот на
земјиштето има право да бара, а градителот е должен евентуално настанатата штета од користењето на земјиштето, да
ја надомести според општите прописи за одговорност за штета. Сопственикот на земјиштето има право да бара од
градителот да му исплати правичен надоместок, кој не може да биде помал од оној на кој би имал право ако би била
спроведена нецелосна експропријација на неговото земјиште според Законот за експропријација.
30.7. Право на преземање мерки заради спречување на рушење на зградата.
Сопственикот на било која ствар врз основа на правото на владение, користење и располагање со истата, има право да
се однесува со неа и кон неа според сопствените желби. Да ја одржува, да не ја одржува и друго. Но, при тоа, неговиот
однос не може да предизвика повреда на правата на друг. Во таа смисла, кога постои сериозна опасност, нечија зграда
или некој друг дел од нечија недвижност, целосно или делумно да се урне од што би настанала опасност за соседската
недвижност, соседот чијашто недвижност е во опасност може да бара од оној во чија сопственост е објектот, односно
од оној кој го владее, да ги преземе сите потребни мерки за да се спречи настанувањето на штета, како и да бара
осигурување од настанување на идна штета,односно преземање на сите дејствија за да не дојде до штета на неговата
ствар.
30.8. Право на поставување на вод и други уреди на туѓа недвижност без согласност на нејзиниот
сопственик.
Меѓу соседските права спаѓа и правото на поставување на електрични, канализациони, водоводни, гасоводни,
топловодни, телекомуникациски и други водови и уреди на туѓа недвижност, со цел за искористување на друга
соседска недвижност. Поставувањето на овие водови и уреди во принцип е возможно само со согласност на
сопственикот на недвижноста преку, на, под и друго. која се поставуваат истите, по правилата на непотполна
експропријација. Во овој случај Законот за сопственост и други стварни права го регулира поставувањето на водови и
уреди на туѓа недвижност кога тоа е во јавен интерес утврден со закон, а во интерес на определено лице според
одредбите на службеност. За да се реализира оваа потреба во функција на јавен интерес утврден со закон потребно е
спроведување на постапка за непотполна експропријација или постапка за стекнување на службеност. Сопственикот на
недвижноста преку која, на која, под која и друго. се поставуваат водовите, односно уредите има право на надоместок
поради ограничувањата на правото на сопственост кои му се направени, поради поставувањето на водовите, односно
уредите.
31. Соседски права кои предвидуваат должности на носителите на сопственоста нешто да се чини
Законот за сопственост и други стварни права предвидува соседски права кои предвидуваат должности за субјектите
на носителите на сопственоста нешто да се чини, односно да не се сторува :
- должност на поставување и одржување на сопствена ограда и
- должност на одведување на дождовница од кров.
31.1. Должност на поставување и одржување на сопствена ограда.
Согласно правото на користење, располагање и управување со својата сопствена ствар, секој сопственик на земјиште,
може тоа земјиште да го загради со ограда која се наоѓа исклучиво на неговото земјиште, на начин како што е
определено со посебен пропис или доколку не постои пропис, во согласност со месните обичаи, односно не спротивно
на нив. Таа ограда, која е во функција за да се раздвои едно земјиште од земјиштето на соседите е во сопственост на
оној на чие земјиште се наоѓа. Својата ограда сопственикот ја одржува во добра состојба, според свои потреби и
сфаќања кои нему му одговараат, доколку поинаку не е определено со посебен пропис, но во никој случај со оградата,
односно со нејзиното одржување не смее да и се нанесе штета на соседната сопственост. Доколку дојде до рушење на
оградата, а со тоа не и е нанесена штета на соседната недвижност која ја раздвојува, сопственикот на оградата не е
должен истата да ја поправи, освен ако за тоа не го обврзуваат соодветни прописи за задолжително оградување.

31.2. Должност на одведување на дождовница од кров да не се слива во туѓа недвижност.


Соседско право но и обврска е дождовницата која се слива од било која недвижност да не паѓа во туѓа недвижност со
цел за непречено и без трпење на штета да се остварува правото на таа недвижност. Во таа смисла сопственикот на
недвижност е должен да ги преземе сите потребни мерки дождовницата што се слива од неговата зграда да не паѓа на
туѓа недвижност, освен ако сопствениците поинаку не се договориле или ако тоа е во согласност со месните обичаи.
Доколку сопствениците не се договориле дека дождовницата може да паѓа во соседовата недвижност или тоа не е
вообичаено согласно месните обичаи, сопственикот на недвижноста на која таа паѓа има право да бара од
сопственикот од каде паѓа таа дождовница да ги преземе сите потребни мерки дождовницата што се слива од неговата
зграда, како и да му ја надомести евентуалната штета.
32. Соседски права кои предвидуваат забрани на носителите на сопственоста нешто да се чини
Законот за сопственост и други стварни права предвидува соседски права кои предвидуваат забрани за субјектите на
носителите на сопственоста нешто да се чини :
- забрана на поткопување на друга недвижност и - забрана да се менува природниот водотек.
32.1. Забрана на поткопување на друга недвижност
Во соседските права спаѓа и правото на забрана за поткопување на своето земјиште или својата недвижност или
изведување на други работи со што би се довела во опасност стабилноста на туѓата недвижност. Ако соседот или друг
сопственик на недвижност презема такви дејствија, тој тоа може да го чини само доколку ги преземе сите дејствија и
мерки за во никој случај да не ја доведе во опасност стабилноста на туѓа недвижност. Преземените мерки на
поткопување (посебни бетонски или други констукции и слично) градителот може да ги прави само на својата
сопственост, доколку нема согласност од сопственикот на недвижноста на која и се заканува опасност тоа да го чини и
на неговата сопственост. Сопственикот на недвижноста кој поставил посебни конструкции заради осигурување на
стабилноста на туѓа недвижност одговара за секоја штета која би настанала во врска со неа, а одржувањето на тие
конструкции во добра состојба во согласност со целта овластен е да бара соседот на чија недвижност и се заканува
опасност. Доколку и со преземањето на посебни мерки соседовата сопственост се доведува или би се довела во
опасност, сопственикот на недвижноста чија стабилност е во опасност, или доколку основано може да се смета дека ќе
биде доведена во опасност, може да бара забрана на дејствијата од кои се заканува опасноста за стабилноста. Истото
може да го оствари со тужба по правилата на облигационото право.
32.2. Забрана да се менува природниот водотек
Во Законот за сопственост и други стварни права ги забранува сите дејствија со кои се менува природниот водотек, како
што се менување на правецот на водотекот и силината на природниот водотек, без разлика дали тој водотек поминува
на површината или под површината на земјата. Законот предвидува дека: - Сопственик на земјиште не смее на штета
на друго земјиште да го менува правецот или силината на природниот водотек којшто протекува преку неговото
земјиште или тече низ него како подземна вода; - Сопственик на земјиште кое се наоѓа долж потоци, реки и езера,
должен е земјиштето да го користи така што нема да го попречува нивниот природен тек, како и да не го загрозува,
загадува коритото, брегот и објектите на брегот или покрај брегот и да не го спречува нивното одржување; - Сопственик
на земјиште во подолниот тек на водата не смее да создава или поставува препреки со тоа што на неговото земјиште
да дотекува вода што природно истекува од земјиштето од погорниот тек на водата, ниту сопственикот од погорниот
тек на водата смее своеволно да стори нешто со што во поголема мера би го оптоварил земјиштето од подолниот тек
на водата, освен ако поинаку не е определено со закон. Соседското право за користењето на водите подетално е
регулирано со Законот за водите, поточно режимот на водите, приоритетот на нивно користење и друго.

IX.СТВАРНИ ПРАВА НА СТРАНСКИ ЛИЦА(СТРАНЦИ)


33.Стварни права на странски лица(странци)
Според Законот за сопственост и други стварни права, странски лица (како субјекти на стварното право) се:
- странски физички лица,
- странски правни лица,
- државите и
- меѓународните организации.
Како странско физичко лице, се смета секое физичко лице кое нема државјанство на Република Македонија и лицата
без државјанство (апатриди), освен ако со закон поинаку не е определено.
Како странско правно лице се смета она правно лице кое има регистрирано седиште надвор од територијата на
Република Македонија, освен ако со закон поинаку не е определено.
Како држава се смета секоја меѓународно призната држава, односно држава признаена од Република Македонија.
Како меѓународна организација се смета секоја призната организација од меѓународна или регинална надлежност,
основана согласно меѓународното право, која остварува права и обврски согласно целите на нејзиното организирање
признаена од Република Македонија.
34. Општо за стекнувањето на стварни права на странски лица
Стекнувањето на правото на сопственост на странски правни лица во Република Македнија е уредено со Уставот на
Република Македонија, Законот за сопственост и други стварни права и други позитивни прописи кои уредуваат
стварноправни односи.
34.1. Уставот на Република Македонија определува дека – странско лице во Република Македонија може да
стекнува право на сопственост под услови утврдени со закон. Тоа значи дека уставот им дава право на странските лица
да стекнуваат право на сопственост, но согласно условите предвидени со закон.
34.2. Законот за сопственост и други стварни права ги определува правата, можноста, начинот и постапката на
стекнување на странски правни лица во Република Македнија, при тоа предвидувајќи дека: - странските физички и
правни лица можат да стекнуваат право на сопственост врз подвижни и неподвижни ствари, - одредбите на законот се
применуваат и на странски физички и правни лица, освен ако со закон или меѓународен договор поинаку не е
определено, - го определува поимот на странско физичко и странско правно лице, - го определува начинот на
стекнување право на сопственост врз подвижни ствари, - го определува начинот на стекнување право на сопственост
врз недвижни ствари, - го определува начинот на стекнување право на сопственост на стан, стамбена зграда и деловен
простор, - го определува начинот на стекнување на стварни права на градежно земјиште, - го определува начинот на
стекнување на стварни права на земјоделско земјиште, - го определува начинот на стекнување право на сопственост
врз згради и станови, како и врз градежно земјиште за изградба на такви згради на странски држави за потребите на
своите дипломатски и конзуларни претставништва, како и организациите и специјализираните агенции на Обединетите
нации и Советот на Европа, - определува кога странското лице не може да биде сопственик на недвижност, - ја
определува можноста за пренесување правото на сопственост на домашни и странски лица и слично.
34.3. Стварните права на странските лица во правниот систем на Република Македонија уредени со
Законот за сопственост и други стварни права можат да се поделат во три групи : -стварни права кои на
странските субјекти им се подеднакво достапни како и на домашните субјекти, -стварни права кои им се релативно
достапни и -стварни права кои апсолутно им се недостапни.
34.4. Стварни права кои на странските субјекти им се подеднакво достапни како и на домашните субјекти се
стекнувањето право на сопственост врз подвижни ствари.
34.5. Стварни права кои им се релативно достапни се права кои истите можат да ги стекнат ако претходно се
исполнети определени услови (припадност на определена заедница, реципроцитет, домицил, добивање соодветно
одобрение од надлежен орган и слично.). Вообичаено овие права во практиката можат да ги стекнуваат странските
лица, но државата води своја политика и контрола над давањето, односно недавањето на тие права (реторзија,
дипломатски односи, воена состојба и слично.)
34.6. Стварни права кои апсолутно им се недостапни се правата кои под никакви услови не можат да им
припаѓаат на странски субјекти, односно да бидат носители на тие права, бидејќи истите се исклучиво резервирани
само за домашните субјекти. Тоа се права кои ја тангираат националната безбедност, општественото уредување и
слично. (права на сопственост во пограничен појас и слично.).
35. Стекнување сопственост врз подвижни ствари
Во поглед на сопственоста на подвижни ствари, нивното стекнување, користење и располагање, странските физички и
правни лица во целост се изедначени со домашните лица. И покрај тоа што Законот за сопственост и други стварни
права со ниедна одредба не определува дали странските физички и правни лица можат да бидат носители на правото
на службеност, залог и реален товар истото само по себе се подразбира и извира од правото на стекнувањето на
сопственоста на овој вид на ствари.
36.Стекнување права на сопственост врз недвижни ствари по пат на наследување
Странските физички лица кои не се членки на Европската унија и Организацијата за економска соработка и развој
можат да стекнуваат права на недвижни ствари на територијата на Република Македонија со наследување, но само под
услови на реципроцитет, ако со меѓународен договор не е поинаку определено, под исти услови како и државјаните на
Република Македонија. Наследувањето може да биде само врз основа на тестамент. Постоењето на реципроцитет, го
утврдува министерот за правда, под услови и постапка утврдени со закон.
37. Стекнување права на сопственост на стан, станбена зграда и деловен простор
Странски физички лица резиденти на државни членки на Европската унија и на Организацијата за економска соработка
и развој (ОЕЦД), можат да стекнат право на сопственост на стан, станбена зграда и деловен простор на територијата на
Република Македонија под исти услови како и државјаните на Република Македонија. Странски физички и правни лица
резиденти на држави кои не се членки на Европската унија и на Организацијата за економска соработка и развој, можат
да стекнат право на сопственост на стан, станбена зграда и деловен простор на територијата на Република Македонија,
како и државјаните на Република Македонија под исти услови на реципроцитет.Тоа значи дека до колку државјаните
на Република Македонија ги уживаат тие права во една земја истите му припаѓаат и на државјаните на таа земја,
доколку со меѓународен договор не е поинаку определено. Постоењето на реципроцитет, го утврдува министерот за
правда, под услови и постапка утврдени со закон.
38. Стекнување стварни права на градежно земјиште
Странските физички и правни лица можат да стекнат стварни права на градежно земјиште на територијата на
Република Македонија како што е- право на сопственост на градежно земјиште и - право на долготраен закуп на
градежно земјиште.
39. Стекнување право на сопственост на градежно земјиште
Странски физички и правни лица резиденти на држави членки на Европската унија и на Организацијата за економска
соработка и развој, можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште, врз основа на согласност на
министерот за правда, по претходно прибавено мислење од министерот за транспорт и врски и министерот за
финансии. Странски физички и правни лица резиденти на држави кои не се членки на Европската унија и на
Организацијата за економска соработка и развој, можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште под
исти услови и постапка како и резидентите на Европската унија и на Организацијата за економска соработка и развој, но
под услови на реципроцитет. Постоењето на реципроцитет, го утврдува министерот за правда, под услови и постапка
утврдени со закон. Правното дело за стекнување на овие права не произведуваат правно дејство без согласноста на
министерот за правда.
40. Стекнување право на долготраен закуп на градежно земјиште
Странски физички и правни лица резиденти на држави членки на Европската унија и на Организацијата за економска
соработка и развој, можат да стекнат право на долготраен закуп на градежно земјиште на територијата на Република
Македонија. Странски физички и правни лица резиденти на држави кои не се членки на Европската унија и на
Организацијата за економска соработка и развој, можат под услови на реципроцитет да стекнат право на долготраен
закуп на градежно земјиште. Постоењето на реципроцитет и во овој случај го утврдува министерот за правда, под
услови и постапка утврдени со закон. Постапката за стекнување право на сопственост и правото на долготраен закуп на
градежно земјиште, како и потребната документација за стекнување на тие стварни права со посебен подзаконски акт
ја пропишува Министерот за правда во Владата на Република Македонија. За стекнување на овие права, по барање на
субјектите, дава (или не дава) согласност министерот за правда, по претходно прибавено мислење од министерот за
транспорт и врски и министерот за финансии. По уредно доставеното барање министерот за правда е должен да
одлучи во рок од осум дена по приемот на комплетните барања. Правното дело за стекнување на овие права не
произведуваат правно дејство без согласноста на министерот за правда.
41. Стекнување стварни права на земјоделско земјиште
Странски физички и правни лица не можат да стекнуваат право на сопственост на земјоделско земјиште на
територијата на Република Македонија. Тие единствено можат под услови на реципроцитет да стекнуваат право на
долготраен закуп на земјоделско земјиште на територијата на Република Македонија, врз основа на согласност од
министерот за правда, по претходно прибавено мислење на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство
и министерот за финансии. Постоењето на реципроцитет, го утврдува министерот за правда, под услови и постапка
утврдени со закон. Правното дело за стекнување на овие права не произведуваат правно дејство без согласноста на
министерот за правда.
42. Право на сопственост врз згради и станови и врз градежно земјиште за изградба на згради и станови на
странски држави
Според правилата на меѓународното право, дипломатските и конзуларните претставништва, организациите и
специјализираните агенции на Обединетите нации и Советот на Европа на површината на објектот на кој ја остваруваат
својата дејност уживаат екстериторијално право. Затоа Законот за сопственост и други стварни права предвидува дека -
Странски држави за потребите на своите дипломатски и конзуларни претставништва, како и организациите и
специјализираните агенции на Обединетите нации и Советот на Европа, со претходна согласност на министерот за
надворешни работи, можат да стекнуваат право на сопственост врз згради и станови, како и врз градежно земјиште за
изградба на такви згради.
43.Неможност странско лице да биде сопственик на определени недвижности
Секоја држава, определени права ги задржува само за себе, а определени само за своите државјани. Тоа го прави од
разни причини и за различни цели, а најчесто за заштита на своите национални интереси. Во таа смисла и Законот за
сопственост и други стварни права определува дека - странско лице не може да биде сопственик на недвижност, која
поради заштита на интересите и безбедноста на Република Македонија, со закон е прогласена за подрачје на кое
странски лица немаат право на сопственост, освен ако со закон поинаку не е определено. Тоа се обично погранични,
воени, археолошки и други стратешки подрачја.

44.Право на располагање со правото на сопственост


Странските физички и правни лица можат со правни дела да го пренесат правото на сопственост на домашни лица,
како и на странско лице кое може да стекне право на сопственост. Правото на сопственост кои странските физички и
правни лица го стекнале на недвижност во Република Македонија можат да го пренесат на домашни физички и правни
лица, но единствено со правно дело и на субјекти кои можат да се стекнат со право на сопственост согласно
позитивните прописи на Република Македонија.
45. Соодветна примена на домашното право на сите други стварни права
Сите други стварни права (правото на залог, правото на службеност, правото на реален товар и сите други стварни
права) на странските лица се изедначени во целост со правата на државјаните на Република Македонија, освен ако со
закон или меѓународен договор поинаку не е определено.
X.ВЛАДЕНИЕ
46.Поим и видови владение
Под владение се подразбира одредена фактичка власт врз стварта, заштитена со објективното право. Владението има
значење на правен институт, правна категорија во постоечкиот правен поредок, каков ќе биде конкретниот карактер на,
зависи од постојното уредување на сопственичко-правните односи. Владението е фактичка власт на стварите која
постои независно од субјективното стварно право. Правото ја уредува фактичката власт со правни норми, па затоа
владението е правна категорија, односно еден од централните правни институти на граѓанското право. Иако
владението не е право, тоа е правно заштитено. Поточно, заштитен е интересот на држателот, владетелот за неговото
владение да биде мирно. Заштитата на овој интерес се образложува со општествената потреба за гарантирање на
непопречено уживање на стварта.
46.1. Фактичката власт е воспоставена (заснована) ако се исполнети определени претпоставки.
Прва претпоставка, тоа е претпоставката на надворешна манифестација, односно воспоставување на релевантна власт
на стварта која се забележува во надворешниот свет. Тоа особено е карактеристично за непосредното владение кај кое
е доволен фактот да се гледа постоење на нечија власт, но не е неопходно да биде видлив фактот кој ја врши таа власт.
Втора претпоставка, е потребата да биде воспоставено една релативно трајна состојба, а не некоја која по својата
природа е привремена. Трета препоставка, е потребата да е исклучена секоја можност за преземање на било каков акт
(дејствие) од страна на трети лица кои по својата содржина би ја негирале фактичката власт на владетелот на стварта.
Четврта претпоставка, е таа што е потребно стварта да му е достапна на владетелот, без разлика дали ја има во раце
или не (важно е трети лица да ја почитуваат неговата власт). Привремениот прекин на воспоставената фактичка власт
не значи губење на владението. Стварта ја поседува оној кој таа ствар ја држи во својата сфера на контрола.При тоа,
власта стварта не подразбира дека секогаш е неопходен физички контакт со стварта, туку доволно е да таа остане во
сферата на контрола на држателот (владетелот). Се смета дека владението по неговото стекнување трае непрекинато, а
оној кој тврди дека престанало или е прекинато, треба да докаже дека настапиле околности поради кое владението
престанало. Владението е со право заштитена фактичка состојба. Тоа се разликува од правото на сопственост. Може
лица да имаат фактичка власт на стварта без било каква правна основа ако стварта е украдена, или земена со забуна,
односно со спогодба ја користат други субјекти, а не нејзините сопственици.Сопственикот кој ја држи сопствената ствар
истовремено има и владение врз неа, а, од друга страна, владението под одредени услови доведува до стекнување
право на сопственост по пат на одржувачка, но истовремено и до престанок на правото на сопственост на дотогашниот
сопственик врз таа ствар.
46.2.Функции на владението
Владението има три функции: Првата функција на владението се состои во тоа што владението е средство и форма за
пренос на правото на сопственост врз подвижни предмети од тогашниот врз новиот сопственик, поради што
предавањето на стварта, пренесувањето на владението се појавува како законски начин на стекнување на правото на
сопственост врз подвижните ствари. Втората функција на владението се состои во тоа што, по пат на одржувачка, тоа
доведува до стекнување право на сопственост. Третата функција на владението се состои во тоа што владението
дејствува обезбедувачки во таа смисла што врз стварта која излегла од владение без волја на нејзиниот држател,
совесниот држател не може да стекне право на сопственост.
46.3. Сфаќања за владението
За владението, главно постојат две сфаќања: традиционалното римско сфаќање и тн. модерно германско сфаќање.
 Според традиционалното римско сфаќање, за постоење на владението е потребно постоење на фактичка власт
врз стварта и постоење на волја стварта да се држи како своја.
**Фактичката власт (corpus posesionis) – претставува надворешен материјален елемент на владението и се состои во
можноста на фактичко располагање со одредена ствар.
**Владетелската волја (animus domini) – претставува внатрешен субјективен елемент на владението, а значи дека
стварта се држи за себе како своја, а не за друг, како што е случај кај детенцијата. Детенцијата значи држење на
стварта не како своја, туку како туѓа и таа не ужива правна заштита, што ја ужива владението.
 Според модерното германско сфаќање, за постоењето на владението е потребно само фактичка власт на
стварта. Не е потребна волја таа да се држи како своја. Ова сфаќање го прифаќа и нашиот Закон за сопственост и
други стварни права. Ова сфаќање уште се нарекува објективно сфаќање на владението. Според ова сфаќање
владение имаат: сопственикот на стварта, заложниот доверител, носителот на правото на плодоуживање,
закупецот, послугопримачот и други лица кои стварта ја држат како туѓа. Меѓутоа, определени лица кои имаат
фактичка власт на стварта и според ова сфаќање немаат владение, како на пример продавачи на стока во туѓи
дуќани, келнери, куќни помошнички и други кои фактичката власт на стварта ја вршат врз основа на работа или
сличен однос. Според ова сфаќање разликуваме два вида владение:
**Непосредно владение – кај кое владетелот сам ја врши фактичката власт на стварта, а не преку други лица, без
оглед на правната основа за вршење на фактичката власт и
**Посредно владение – кај кое посредниот владетел фактичката власт ја врши преку некое друго лице, предавајќи му
ја стварта во непосредно владение врз основа на некое правно дело, како што се, на пример договор за закуп, чување,
послуга, плодоуживање и слично. со тоа што по престанокот на тој однос стварта му се враќа во непосредно владение.
Нашиот Законот за сопственост и други стварни права за постоење на владението го прифаќа модерното германско
сфаќање според кое доволно е постоење на фактичка власт врз стварта и тоа без оглед дали држателот фактичката
власт на стварта ја врши без било каква правна основа (на пример бидејќи стварта ја украл) или е сопственик на
стварта.
47. Законско, вистинско и совесно владение
Додека врз основа на начинот, модалитетот на вршењето на фактичката власт разликуваме посредно и непосредно
владение, врз принципот на квалитетот на владението разликуваме: законско, вистинско и совесно владение.
47.1. Законско владение (possesio iusta).
Владението е законско ако владетелот има полноважна правна основа за владение. Тоа е она владение кое е
воспоставено врз правна основа, како на пример договор за купопродажба (без разлика дали продавачот е или не е
сопственик на стварта), врз основа на административна дозвола (дозвола за лов, риболов врз основа на кои се стекнува
сопственост и владение на уловеното) и друго. на начин дозволен со закон (пример , со предавање,со упис во јавните
книги и слично.). Секое друго владение кое нема полноважна правна основа е незаконско владение.
47.2. Вистинското (или мирно) владение (possesio vitiosa)
Тоа е посебен вид на законско владение кое е владение на стварта што не е прибавено со сила, со измама или со
злоупотреба на довербата на дотогашниот владетел. Владението се смета за вистинско (мирно) и кога е прибавено со
сила, измама или злоупотреба на довербата на дотогашниот владетел, кога на личноста од која е прибавено и престане
правото да го штити владението што и било одземено на тој начин.
47.3. Совесно владение (possesio bonae fidei).
Совесно е она владение ако држателот не знае или не можел да знае дека нема правна основа да врши фактичка власт
врз стварите. Значи, стекнувачот треба да е во заблуда дека тој е носител на право чија содржина тој фактички ја држи и
не е свесен дека постои несогласност меѓу неговата фактичка власт на стварта и правната состојба на работите. При тоа,
во секој случај, совесноста престанува во моментот кога владетелот ќе дознае дека владението не му припаѓа.
Совесноста на лице кое има законски застапник се определува според совесноста и постапувањето на тој застапник, а
совесноста на владението на правно лице се определува според совесноста и постапувањето на она физичко лице кое
за тоа правно лице е овластено да презема дејствија на стекнување или извршување на негово владение.
48. Елементи на владението
Во основа, сите становишта за владението поаѓаат од фактот дека елементи на владението се двата, признаени уште од
римското право: материјалниот – постоење на фактичка власт на стварта или тн. корпус, и психолошкиот – волјата
стварта да се држи како своја, т.е владетелот да се однесува кон стварта како сопственик.
48.1. Материјалниот елемент на поседување, подразбира преземање на материјални дејствија на стварта (користење,
употреба и слично.)... кои ја сочинуваат содржината на правото на сопственост.Фактичките дејствија претставуваат
вршење на некое субјективно стварно право (користење на ташна како сопственик, употреба на туѓ автомобил како
носител на лична службеност итн). Стварта секогаш не мора буквално да се има физички во свои раце, туку таа власт
треба да се смета дека постои кога има „секојдневна, реална можност за фактичко располагање со стварта“. Ако
автомобилот не е во гаража додека одиме на прошетка, не значи дека не е во наша фактичка власт. Доколку
фактичката власт не се сфати на овој начин, навистина владението би било невозможно и беспредметно. Едноставно,
секое просторно одделување од нашите ствари во таа смисла би значело губење на владението на нив.
48.2. Психолошкиот дел на поседувањето ја означува власта стварите да се држат како свои (animus domini). Се
дефинира како „намера врз една ствар да се изврши правото што е соодветно на неговите материјални
дејствија“.Буквално animus domini се преведува како „дух за владение“ односно „желба за присвојување“. Правните
поредоци во кои преовладува становиштето дека за постоење на владение е потребна само фактичка власт на стварта,
се темелат на објективната или модерната концепција за владението. Правните поредоци кои се темелат на
становиштето дека за постоење на владение, покрај фактичката власт, е потребно да се има и волја за држење на
одредена ствар, се темелат на субјективната (класичната) концепција на владението .
49.Објект (предмет) на владението
Владението претставува фактичка власт над стварите во прометот, според кое само тие ствари можат да бидат објект-
предмет на владението. Стварите вон промет не се предмет на владение и не можат да бидат бидејќи тие се во
државна сопственост. Според некои автори објекти на владението можат да бидат и ствари во државна сопственост
(јавни добра), но само оние кои по својата природа можат да бидат во правниот промет. Пример книги во јавна
државна библиотека, канцелариски намештај во музеите и слично. Според тоа, објект на владение може да биде секоја
ствар во граѓанско правна смисла, или вон промет (тука нормално спаѓаат и електричната и топлотната енергија и гасот,
кога истите се сметаат за ствари во граѓанско-правна смисла. Законот за сопственост и други стварни права како објекти
на владението ги предвидува владението на ствари и владението на права.
49.1. Владението на ствари
Владението над определена ствар се однесува и на нејзините составни делови. Доколку дојде до одвојување на дел од
целината, владението на одвоениот дел не се прекинува, туку продолжува. Владетелот кој има фактичка власт врз
определен дел од определена ствар има владение над него, иако тој дел не може да се смета за самостоен објект на
стварни права (соба или други простории во стан и слично.). Држателот на сложена ствар може на непотполно
инкорпорираниот составен дел да има по квалитет различно владение од она што го има на другите делови, или, на
таквата ствар на еден дел да има владение едно лице а на друг дел друго лице. Пример: совесен владетел на
автомобил може на едно од тркалата на автомобилот кое го украл да има несовесно и незаконито владение, односно
доколку тркалото го добил на послуга, ќе има посредно владение. Што се однесува до припадокот, бидејќи тој не е во
физичка врска со главната ствар, владетелот на главната ствар е владетел и на припадокот само ако на него има
ефективна фактичка власт. Слично е и за збирните ствари (стадо овци, збирка на марки, библиотека) – владетелот на
збирната ствар е владетел само на оние примероци на кои има вистинска фактичка власт. Во поглед на згради, треба
посебно да се истакне дека објект на владение можат да бидат оние делови кои имаат функционална самостојност, без
разлика на тоа што се потполно инкорпорирани: деловни простории, гаражи, станови, па дури и соба како дел од
станот (кога е во прашање состанар или подстанар). Заедничките делови на зграда (на пример скали) начелно не се
самостојни делови на владение, туку владение на нив имаат владетелите на поодделните реални делови.
49.2. Владение на право
На владението на право се применуваат на соодветен начин одредбите за владение на ствар, освен ако тоа не е
спротивно на природата на правото или на одредбите на закон. Законот го познава само владението на право на
стварната службеност во однос на недвижноста. „Кај владението на право на стварна службеност, на сопственикот на
привилигираното добро му се признава владение на право поради тоа, што тој ја врши содржината на некоја стварна
службеност преку вршење на определени дејствија на послужната ствар. Нему му припаѓа владение во одреден
правец, односно во обем кој и одговара на содржината на таа службеност“.
50.Субјекти на владението
50.1. Физичко лице се подразбира секое живо човечко битие, кое тој статус го добива во моментот на неговото раѓање,
односно со стекнувањето на правната способност. Не е доволно човекот да се роди и да се стекне со правна
способност, туку тој (новороденчето) треба да има и човечки изглед, да не е монструм или да има други телесни
деформитети несвојствени за човекот.Отстапување од правилот има во наследното право каде и на зачнато, но
неродено дете (nasciturus) му се признава правен субјективитет (ова е правна фикција) и тоа дете може да се стекне со
наследни права. Физичкиот субјективитет, односно правната способност се стекнува со самото раѓање, а се губи со
смртта на лицето или со негово прогласување за умрен. Покрај правната, атрибути на физичкото лице се деловната и
деликтната способност.
50.2. Правното лице е збир, група од физички лица кои се здружиле заради остварување на некоја, со закон или со друг
пропис, дозволена заедничка цел (профит, спортски активности, културни активности), со свој имот, на кое законот со
моментот на регистрацијата му признава правна и деловна способност и правен субјективитет. Својството на субјект на
правото правното лице го стекнува со неговото основање и запишување во соодветниот регистар, а го губи со
престанокот на неговото постоење и со бришењето од регистарот. Правното лице во остварувањето на правата и
обврските својата волја ја изразува и реализира преку своите органи кои со статутот се предвидени и овластени за
раководење и застапување на правното лице. Носители на фактичката власт – владетели можат да бидат сите физички
и правни лица. При тоа во однос на некои ствари, како субјекти на владението можат да се појават сите физички и
правни лица, а во однос на други ствари само определени категории правни субјекти.
50.3. Совладетели и заеднички владетели
Субјекти на владението покрај поединци (единки) како физички и правни лица, можат да бидат и совладетели и
заеднички владетели доколку имаат фактичка власт на стварта. Тоа се однесува на владение на сопственоста кај
заедничката сопственост каде субјектите се јавуваат како совладетели и кај заедничката сопственост каде субјектите се
јавуваат како заеднички владетели (под услов фактичката власт на стварта да не можат да ја вршат поединечно).
Ваквиот правен статус на овие субјекти е предвиден со Законот за сопственост и други стварни права кој предвидува
дека: -Повеќе лица можат да имаат владение на ствар или на дел од ствар, или на право. -Совладетелите можат
истовремено или наизменично да ја вршат фактичката власт врз стварта или правото. -Повеќе владетели кои
фактичката власт на стварта не можат да ја вршат поединечно имаат заедничко владение.
**Под совладение се подразбира вршење на фактичка власт на една физички неподелена ствар или на едно право од
повеќе лица. Тоа владение се појавува како совладение, а држателите се појавуваат како совладетели. Притоа,
совладението постои кога повеќе лица вршат фактичка власт врз стварта на таков начин што секој од нив има владение
врз целата ствар, но во вршење на таа фактичка власт со исто такво владение на останатите совладетели на стварта. Тоа
совладение може да биде просто, кога секој од содржателите во вршењето на фактичката власт е ограничен со
конкуренцијата во вршењето на фактичката власт од една страна на другите содржатели (на пример: при користење на
заеднички ходник, заедничка бања и слично.), и заедничко совладение кое постои тогаш кога фактичката власт ја имаат
и можат да ја вршат сите содржатели, а не никој посебно (на пример: совладение на заеднички сеф со различни
клучеви кај совладетели при што никој сам не може да го користи сефот бидејќи за негово отворање се потребни и
двата клуча).
**Заедничкото владение се разликува од совладението по тоа што секој од постојните заеднички владетели својата
фактичка власт над заедничката ствар не ја врши самостојно и сразмерно според својот идеален дел, туку таа се врши
заеднички од сите нив, како единствен владетел (пример: заеднички имот на брачните другари стекнат во брак).
51.Стекнување на владение
51.1. Изворно и изведено стекнување на владението.
Воспоставувањето на фактичката власт на стварта може се стекне со едностран чин (заземање, одземање на стварта)
или со двостран чин (предавање на стварта).Владението може да се стекне изворно, како оригинерен (непосреден)
начин на стекнување на владение и изведено со нејзино пренесување на владетелот со правно дело. Владението се
стекнува кога стекнувачот воспоставил фактичка власт на стварта, независно дали е основана со едностран чин
(изворно стекнување на владението - оргинерно) или таа му е пренесена со правно дело (изведено стекнување на
владението - деривативно). Изворното (оригинерното) стекнување на владението се стекнува со воспоставување на
фактичка власт на ствар која не се наоѓа во ничие владение (заземање на туѓи подвижни ствари, фаќање на избеган рој
пчели) или пак на ствар која се наоѓа во нечие владение, но со одземање на таа ствар е воспоставена фактичка власт.
Карактеристика на изворното стекнување на владението е таа што тоа секогаш претставува едностран акт на
стекнувачот на владението. Физичкиот чин на воспоставување фактичка власт на стварта во правната теорија се
нарекува апрехензија (apprehensio, лат.-земање во владение), како изворно стекнување на владение со кој се
воспоставува непосредна надворешна видлива и трајна непосредна власт на стварта. Кај недвижностите владението се
стекнува така што субјектот стапува во владение на недвижноста.Меѓутоа самото стапување на недвижноста секогаш не
е доволно да се стекне владение. Понекогаш е потребно земјиштето да се омеѓи, да се огради, обележи, да се
обработи.
51.2. Изведеното (деривативно) стекнување на недвижноста се стекнува со пренесување на фактичката власт на
стварта од дотогашниот владетел на стекнувачот на владението. Во овој случај се работи за пренесување на владението
со изразена волја на дотогашниот владетел и прифаќање на владението исто така со изразена волја на стекнувачот.
Начинот на волево предавање на стварта (или како уште се нарекува: традиција), како изведено (деривативно)
стекнување на недвижноста може да се изврши на повеќе начини и тоа:
- физичко предавање, предавање од рака во рака (traditio de manu ad manum) најчест облик на предавање кај
подвижните ствари;
- симболично предавање или предавање со знаци (traditio simbolica), каде предавањето се врши со помош на некое
средство, орудие, знаци, исправи, издвојување на стварите и слично.;
-предавање со искажување на волја (traditio per declarationem) Се јавува како традиција со кратка рака (traditio brevi
manu) и како владетелска спогодба (constitutum possesorium). Предавањето кратка рака (brevi manu) е таков пренос
каде дотогашниот детентор, во спогодба со владетелот, од детентор се претвора во владетел (прмер: позајмена ствар
потоа со договор му се продава при што детенторот станува владетел), каде што не е потребно предавање туку само
договор. Владетелската спогодба (constitutum possesorium) е обратен случај на предавање за разлика од кратка рака.
Овде дотогашниот сопственик ја губи сопственоста и стварта ја задржува како детентор. (на пример: го продава дуќанот
кој го имал во сопственост и склучува договор со купувачот натаму да го користи под закуп); - предавање со транспорт е
пренос кога стварта е предадена на транспорт, кога стекнувачот или негов полномошник ќе ја прими стварта. Стварта
може да се предаде во владение и со пренос на владението од еден субјект на друг со правна работа ( ex lege) или со
одлука на државен орган.

51.3. Стекнување на владението со предавање на стварта.


Предавањето на стварта е најчест случај на пренесувањето на владението од преносителот на стекнувачот, врз основа
на правно дело (договор за продажба и слично.). Предавањето на стварта се смета дека е извршено во моментот кога
стекнувачот со волја на преносителот ќе се најде во положба да извршува власт на определена ствар. Постои разлика
во пренесувањето на владението на подвижните со недвижните ствари поради самата природа на стварите. Така,
предавањето на подвижни ствари се врши со просто предавање од рака на рака од преносителот на стекнувачот на
владението, а кај недвижностите тоа се врши на симболичен начин. Волјата за предавање и примање на стварта е
конститутивен елемент на предавањето односно приемот на владението. Предавањето може да се изврши и на отсутно
лице. Во тој случај предавањето се смета како да е извршено на стекнувачот на владението доколку лицето што ја
примило стварта во име на отсутното лице го застапува отсутното лице по негова волја или според закон. Стварта се
смета за предадена и кога на превозник му се издадени вредносни хартии, кои ја заменуваат стварта во правниот
промет. Предавањето на таквите хартии значи предавање на таа ствар - стока. Во случај кога едно лице во добра верба
совесно примило таква хартија, а друго лице совесно ја примило стварта - стока, со владение на стварта - стоката се
стекнало второто лице.
51.4. Стекнување на владение со изјава на волја.
Предавање на владение на ствар со изјава на волја на преносителот на владението е валидно само ако стекнувачот се
стекне со непосредно владение и ако ја извршува својата власт на стварта. Кога предавањето на владението е
извршено само со изјавената волја дека владението се предава, таквото владение ќе има влијание спрема трети лица
само ако за тоа биле известени или ако тоа на друг начин им било познато.
51.5. Стекнување на изведено владение на право.
Владението на право на стварна службеност се стекнува изведено кога нејзината содржина, фактички се извршува со
волја на сопственикот или владетелот на послужната ствар. За волја може да се зборува само ако е заснована врз
основа на валидно искажана волја во отсуство на сила и измама. Кога владетелот на повластена недвижност во договор
со владетелот на послужна недвижност врши дејствие во однос на послужната недвижност, кое нејзиниот владетел не
бил должен да го трпи, правото на стварна службеност во однос на послужната недвижност, настанало во корист на
повластената недвижност врз основа на изведено владение од послужната недвижност (по деривативен пат).
Владението на правото на стварна службеност воспоставено во корист на одредена недвижност како повластена,
преоѓа заедно со повластената недвижност на стекнувачот кога таа ќе му биде предадена во владение.
51.6. Стекнување владение со наследување.
Владението на стварите и правата на оставителот такви какви што биле во моментот на неговата смрт, без разлика
дали се стекнати законито или незаконито, преминуваат на неговите наследници. Доколку постојат повеќе наследници
на стварите и правата на оставителот, сите тие со тоа стануваат совладетели на секое од тие поединечни владенија и
така ќе ги извршуваат, освен ако врз основа на волјата на оставителот, или одлука во оставинска постапка
извршувањето не му е доверено на еден од наследниците или на некој друг. Наследникот (наследниците) го стекнува
владението во моментот на смртта на оставителот, иако нема фактичка власт врз стварта или правото. На тој начин на
наследникот кој најчесто е отсутен во моментот на смртта на оставителот, му се дава можност да го штити владението
спрема трети лица, така што наследникот може да поднесе тужба за заштита на владението со која бара враќање на
стварта, иаку се уште не стапил во фактичка власт на таа ствар.
52.Заштита на владението
Заштитата на владението во правниот систем на Република Македонија е уредена со одредбите на Законот за
сопственост и други стварни права и Законот за парничната постапка. Без оглед на тоа какво е владението, во правниот
систем на Република Македонија се заштитува секое владение, а тоа значи и владението стекнато со сила, измама или
злоупотреба на довербата (вициозно, манливо владение), кое се заштитува спрема сите трети лица, освен од лицето од
кое е стекнато владението. Предвидувајќи ја заштитата на владението Законот за сопственост и други стварни права го
прокламира начелото на трајност на владението, пропишувајќи дека - Владението трае се додека трае фактичката власт
на владетелот во однос на стварта. Фактичката власт на владетелот во однос на стварта не престанува ниту се
прекинува ако смеќавањето или пропуштањето на извршувањето на владетелската власт било според својата природа
привремено.
52.1. Заштита на владението од смеќавање (попречување) и одземање.
Со Законот за сопственост и други стварни права се заштитува секое владение, а тоа значи и владението стекнато со
сила, измама или злоупотреба на довербата (вициозно, манливо владение), кое се заштитува спрема сите трети лица,
освен од лицето од кое е стекнато владението. Со протекот на рокот за заштита и ова вициозно владение може да се
заштитува и од лицето од кое е стекнато затоа што владението, со протек на одреден временски рок, за вициозниот
владетел станува мирно и има право и тој да го заштитува. За смеќавање (попречување) на владение држателот може
да поднесе тужба против секое лице кое му пречи во вршењето на својата фактичка власт на поседуваната ствар, и при
тоа да докаже: - дека во времето на стореното смеќавање на владение постои негово мирно владение, - дека
навистина постои смеќавање (попречување), - дека смеќавањето на владението е извршено противправно. Не се смета
за неовластено смеќавањето на владението, ако чинот на смеќавање или одземање на владението е дозволен со закон
или одлука на суд или на друго тело донесена врз основа на закон со кој е дозволено тоа (член 181, став 3 од ЗСДСП).
Законот за сопственост и други стварни права предвидува преклузивни рокови на заштита на владението, со чиј протек
конкретната владетелска заштита не може да се остварува и тоа: - Правото на заштита на владението се остварува во
рок од 30 дена од денот на сознанието за смеќавањето или одземањето, како релативен рок на застареност или
најдоцна во рок од една година од настанатото смеќавање, како апсолутен рок на застареност. - Владението, кое на
владетелот му било одземено, не престанало ниту било прекинато ако владетелот, служејќи се со своето право на
заштита на владението повторно го воспоставил или изнудил негово воспоставување.
52.2. Судска заштита на владението
Владетелот кому неовластено му е смеќавано или одземено владението, овластен е да бара од судот: - да се утврди
чинот на смеќавање или одземање, - да се нареди воспоставување на владетелска состојба каква што била во
моментот на смеќавањето или одземањето и - да се забрани такво, или слично. смеќавање или одземање за во
иднина. Судската заштита на владението се бара пред надлежен суд врз основа на: - тужба за смеќавање на
владението и - тужба за враќање на владението.
**Доколку тужителот (владетелот кому неовластено му е смеќавано или одземено владението) го докаже своето
тужбено барање, судската заштита на владението се состои во следното: -Судот на тужителот ќе му даде владетелска
заштита на последното фактичко владение на стварта, не расправајќи воопшто за правото на владение, односно на
сопственост,
-Активно легитимиран тужител за неовластено смеќавање или одземање на владението е секој држател на стварта,
без оглед на квалитетот на неговото владение.
-Пасивно легитимирано лице – тужен е лицето против кого е поднесена тужбата за заштита на владението, чие
владение е манливо и кое во моментот на поднесување на тужбата ја држи стварта и против наследникот на тоа лице,
односно лицето кое на било кој друг начин го вознемирува владението на држателот на стварта. Тужба со барање на
судска заштита за неовластено смеќавање или одземање на владение може да се поднесе и против законски застапник
на тужениот или полномошник на физичкото и правното лице, доколку тие сметаат во владението на стварта. Судот
може да нареди и привремени мерки доколку оцени дека може за некоја од странките да настане ненадоместлива
штета или да дојде до противправно оштетување на стварта на која е воспоставено владение. Заштита на владението
може да бара и посредниот владетел, кога непосредниот владетел нема да преземе правна заштита на владението, но
само ако смеќавањето на владението не го направил непосредниот владетел, ако за одлучувањето по тоа барање би
било неопходно да се расправа за нивниот правен однос. Судска заштита поради неовластено смеќавање или
одземање на совладението може да бара и секој совладетел од секое трето лице, а од другите совладетели само ако
потполно го исклучиле од дотогашното совладение или битно му го ограничиле дотогашниот начин на извршување на
фактичката власт. Судска заштита поради неовластено смеќавање или одземање на владение е овластен да бара и
секој наследник на владението што од оставителот преминало на наследниците. Ако со објектот на владението
управува врз основа на овластување извршител на тестамент или управител на оставината, тогаш тој е овластен да бара
заштита на владението кое од оставителот преминало на наследникот, односно на наследниците. Со тоа не се задира
во правото на секој од наследниците или сонаследниците на заштита, но со тоа да може да бара поврат на одземеното
владение, само спрема извршителот на тестаментот или управителот на оставината. Утврдување на право на владение
се остварува пред суд, или друг надлежен орган независно од траењето и резултатот од постапката за заштита на
владението поради смеќавање. Утврдувањето на ова право се бара со тужба пред надлежен суд, пред или за време на
траењето на постапката за смеќавање на владение. Доколку во врска со оваа тужба се усвои тужбеното барање,
фактички ќе го одлучи барањето по предметот за заштита на владението.
Законот за сопственост и други стварни права го предвидува институтот дозволена самопомош за држателот на стварта
против оној што неовластено го вознемирува или му го одзел владението, под услов опасноста да е непосредна,
самопомошта да е нужна и начинот на нејзиното вршење да им одговара на приликите во кои постои опасност.
**Самопомошта како институт за да се примени мора да се исполнети кумулативно трите услови: да постои некоја
непосредна опасност, самопомошта да е нужна и начинот на нејзиното вршење да им одговара на приликите во кои
постои опаснос.
- Опасноста е непосредна ако временски непосредно започнала и трае – кога е во прашање вознемирување, а во случај
на одземање на владението да се работи за одземено владение или се уште трае одземањето.
- Самопомошта да е нужна, што значи истата да е неопходно потребна бидејќи претстои блиска опасност и настанување
на ненадоместлива штета, а државните органи кои можат (и треба) да интервенираат да се отсутни и недостапни.
- Начинот на нејзиното вршење да им одговара на приликите во кои постои опасност.
Ова е еден вид нужна одбрана на свое право и самопомошта и соодветна на односот, начинот и интензитетот на
преземените, дејствијата на неовластеното смеќавање или одземање и ништо не треба да се преземе повеќе од она
што е нужно за да се отстрани опасноста.

53. Престанок на владението на ствар и право


И покрај тоа што Законот за сопственост и други стварни права го прокламира начелото на трајност на владението во
определени случаи доаѓа до престанок на владението на ствар и право.
53.1. Владението на ствар престанува:
- кога стварта ќе пропадне, - кога стварта ќе се загуби, - кога е очигледно дека стварта нема да биде вратена, - кога
владетелот со своја волја ќе ја напушти стварта и - кога стварта му ја одзело друго лице, ако дотогашниот владетел не
остварил заштита на своето владение. Владението на ствар престанува со пропаѓање на стварта од едноставни причини
што стварта повеќе не постои и нема на што да се остварува владението. Владението на ствар престанува со загубување
на стварта кога стварта ќе се загуби и, слично. како и кај пропаѓањето, нема на што да се остварува владението.
Владението на ствар престанува со очигледно невраќање на стварта (држателот нема намера да ја врати стварта), кога
владетелот со своја волја ќе ја напушти стварта (со јасна изречна изјава), како и кога стварта му ја одзело друго лице,
ако дотогашниот владетел не остварил заштита на своето владение.
53.2. Владение на право престанува:
- кога пропаднала недвижноста, - кога владетелот се одрекол од своето владение на право, - со неизвршување на
правото на стварната службеност и - со престанокот на неговото владение на недвижноста во чија корист го извршувал.
Владението на право престанува кога ќе пропадне недвижноста, што всушност значи дека правото на стварна
службеност престанува кога ќе пропадне ствартанедвижноста. Во вториот случај владението на право престанува кога
кога владетелот ќе се откаже од владението на право, односно од стварната службеност. (пример: бунарот од кој црпи
вода ќе пропадне или владетелот се откаже од користење на бунарот). Владението на правото исто така престанува ако
владетелот на послужната недвижност престане да го прави она што дотогаш го правел, ако престане да трпи
понатамошно остварување на содржината на правото на стварната службеност на неговата недвижност, како и кога ќе
престане да го пропушта она што дотогаш го пропуштал ако владетелот на правото не оствари заштита на своето
владение. Владението на правото на стварна службеност му престанува на дотогашниот владетел со престанокот на
неговото владение на недвижноста во чија корист го извршувал.

XI.ПРАВО НА СЛУЖБЕНОСТ
54.Поим за службености
Правото на службеност е стварно право врз туѓа ствар што се состои во одредено користење на туѓата ствар. Тоа е
право врз ствари што во целост му припаѓаат на друг. (На пример: право на користење пат преку туѓо земјиште; право
да се доведе вода преку имотот на соседот; право да се постави телевизиска антена на туѓа зграда; на соседот да му
се забрани да не оди со градба повеќе од определена висина; да му се забрани на соседот да отвора прозорец на
некоја од страните на куќата и друго.). Поврзаноста, односно меѓусебната зависност на недвижностите што им
припаѓаат на разни субјекти е основната причина зошто еден сопственик при определени услови и состојби мора да
толерира друг сопственик да го ограничува неговото право, односно да ја користи неговата сопственост. Доколку
службеностите не би постоеле во многу случаи би се довело во прашање користење на сопственостите. Според тоа
службеностите се стварно-правни односи во кои учествуваат три страни: едната страна е носителот на сопственоста,
втората страна е носителот на правото на службеност и трета страна се сите други субјекти. За носителот на
сопственоста стварно-правниот однос заснован како службеност претставува товар, односно ограничување на
користењето на сопственоста во корист на носителот на правото на службеност. За носителот на правото на
службеност од стварно-правниот однос произлегува право, овластување да искористува туѓа ствар.
55.Содржина на службеноста
Содржината и функцијата на правото на службеност се состојат: во правото на носителот на службеноста на определен
начин да ја користи туѓата ствар и во должноста сопственикот на таа ствар да го дозволи тоа користење, да трпи, при
што оваа должност не се третира како обврска која извира од облигационо-правен однос, туку како стварноправна
должност, товар кој постои како корелатив на стварноправните овластувања на сопственикот на стварта.
55.1.Содржината на службеноста содржи три основни елементи:
Содржината на правото на службеност е стварноправен однос кој претставува ограничување на сопственоста на туѓа
ствар; -должност на носителот на сопственоста да го трпи носителот на правото на службеност да ја користи неговата
сопственост во определен обем и на определен начин и -обврска на сите други лица од воздржување од повреда како
на правото на сопственост, така и на правото на службеност. Стварноправниот однос на службеноста се огледа во тоа
што тој е апсолутно граѓанско право и дејствува erga omnes (кон сите) за разлика од облигационоправниот однос
(пример, договор за користење на стварта според кој исто така сопственикот трпи користење на стварта како што е
закупот на пример), кој е релативно граѓанско субјективно право и дејствува inter partes (помеѓу договорачите).
**Носитетелот на сопственоста е должен да трпи искористување на сопственоста од носителот на службеноста не
повеќе од колку што треба и во рамките на содржината на конкретната службеност, единствено за да се постигне
целта за воспоставувањето на службеноста. (Пример: ако користи пат за премин за собирање на плодовите, патот
носителот на службеноста ќе го користи само за тоа и кога се собираат плодовите, а не на тој пат да паркира возила и
слично.).
56.Видови службености.
Законот за сопственост и други стварни права предвидува - стварни службености и - лични службености.
Стварна службеност е право на сопственикот на една недвижност (повластена, привилегирана ствар) за потребите на
таа недвижност да врши определени дејствија врз недвижноста на друг сопственик (послужна ствар) или да бара од
сопственикот на послужната ствар да се воздржува од вршење определени дејствија, што инаку би имал право да ги
врши врз својата недвижност.
Личната службеност е стварно право врз туѓа ствар со кое се овластува одредено лице, кое е во посебен однос со
сопственикот на послужната ствар да се служи со неговата ствар на определен начин, а сопственикот на таа ствар тоа
мора да го трпи.
56.1.Разлика помеѓу стварната и личната службеност
Стварните службености инаку се нарекуваат и реални службености, а личните службености се нарекуваат персонални
службености. Основни разлики меѓу стварните и личните службености се: -Стварните службености се од
стварноправен карактер и на активната и на пасивната страна. На пасивната страна (послужното добро) оптоварена со
службеност, службеноста ќе постои без разлика на промена на сопственикот и ќе го оптоварува секој иден сопственик.
Исто така и на активната страна (привилегираната ствар) воспоставената службеност ќе ја користи не само сегашниот,
туку и идните сопственици. Спротивно на тоа, личните службености имаат стварноправен карактер само на пасивната
страна, каде што постои послужното добро. -Стварните службености секогаш се врзани и се воспоставуваат со некоја
недвижност, а личните службености се врзани за некое лице, а можат да се засноваат на недвижности и на подвижни
предмети. -Содржината на стварната службеност не може да биде насочена на некое непосредно користење во
корист на носителот на службеноста, туку посредно користење на послужната ствар на штета на послужното добро.
Суштината, содржината на стварната службеност не е користење на послужното добро за нејзината намена, туку
нејзино посредно користење за намената на привилегираното добро. Сосем обратно, кај личните службености
содржината на службеноста е насочена во непосредно користење, односно прибавување на удобности на носителот
на службеноста. -Додека обемот на содржината кај стварните службености е определен со постојните потреби на
привилегираното добро, со цел за што полесно и покорисно искористување, кај личните службености обемот на
содржината се одредува спрема индивидуалните потреби на носителот на службеноста. -Стварните службености се од
траен карактер без оглед на промената на сопствениците на послужното или привилегирано добро, додека личните
службености се временски ограничени бидејќи траат додека е жив носителот на службеноста. -Стварните службености
се наследуваат, а личните по правило не се наследуваат, освен во случај кога поинаку не е договорено при нивното
засновање. -Кај стварните службености постои и послужно и привилегирано добро, а кај личните службености постои
само послужно добро.
---СТВАРНИ СЛУЖБЕНОСТИ---
57.Поим и карактеристики на стварните службености
Стварната службеност е право на сопственикот на една недвижност (повластено добро) за потребите на таа недвижност
да врши определени дејствија на недвижноста на друг сопственик (послужно добро) или да бара од сопственикот на
послужното добро да се воздржува од вршење на определени дејствија кои тој во друг случај има право да ги врши на
својата недвижност. Под повластено добро (привилегирана ствар) се подразбира сопстеноста (нејзиниот сопственик е
активна страна) за чии потреби се воспоставуваат дејствијата на службеноста. Под послужна ствар се подразбира
сопственоста (нејзиниот сопственик - пасивна страна) на која се вршат определени дејствија врз недвижноста за
потребите на повластеното добро. Објект на стварните службености секогаш се неподвижни ствари, при што под тоа
секогаш се подразбираат две неподвижни ствари, повластеното и послужното добро. Законот за сопственост и други
стварни права определува дека :
Стварните службености може да се утврдат како: - трајно право, - на определено време или - за определено годишно
време. Воспоставувањето на службеноста како трајно право постои кога носителот на правото на службеност своето
право го остварува со постојано повторување, како што се негативните службености и некои позитивни службености
како, на пример, службеност е правото да се потпре својата зграда на туѓа зграда или да се вметне греда во туѓ ѕид.
Воспоставувањето на службеноста на определено време значи користење на правото на службеност за определено
време (додека трае потребата од користењето на послужното добро). Воспоставувањето на службеноста за определено
годишно време значи користење на правото на службеност во определено годишно време (пример, само во есен за
берба на плодовите, во време на сеидба и слично.).
58.Поделба на стварните службености
58.1. Позитивни и негативни службености. Стварните службености можат да бидат позитивни и негативни, во
зависност од тоа дали сопственикот на привилегираното добро има овластување да преземе некое дејствие на
послужното добро или е овластен од сопственикот на послужното добро да бара некое пропуштање, односно
воздржување од дејствија кои инаку има право да ги чини.
*Позитивни службености се оние службености врз основа на кои сопственикот на привилегираната ствар (добро) може
на определен начин да ја употребува послужната ствар (добро), односно со неа да се служи. Пример: право на нужен
премин, право на протерување на добиток, право да го потпре својот објект на друг, отворање прозорец на туѓ ѕид и
друго. Позитивните службености го обврзуваат титуларот на послужното добро нешто да трпи, а титуларот на
послужната ствар нешто да чини (да го употребува послужното добро).
*Негативни службености се оние службености врз основа на кои сопственикот на привилегираната ствар (добро) може
од сопственикот на послужната ствар (добро) да бара тој да се воздржи од некоја употреба на својата недвижност, која
употреба до колку не би постоела службеноста може да ја прави (чини). Пример: право да бара од соседот да не ја
зголемува или намалува висината на неговата зграда, да не сади висока култура, да не ја одвраќа дождовницата од
неговиот имот кој на тој начин се наводнува и друго. Негативните службености го обврзуваат титуларот на послужното
добро да се воздржува од нешто да чини во интерес на титуларот на послужната ствар.
58.2.Полски и куќни службености. Овие службености биле практикувани во римското право бидејќи нивниот режим на
стекнување и на престанок (губење) во тоа време бил различен. Во римското право критериумот на разликувањето на
куќните од полските службености се засновал на природата на послужното добро: куќна е онаа службеност каде како
објект се јавува зграда, без разлика каква е природата на привилегираното добро, а полска е онаа службеност каде
како објект се јавува земјиште без разлика дали на него постои зграда или не. Современото стварно право како
критериум за поделба ја зема природата на привилегираното добро, односно природата на службеноста без разлика
дали се работи за зграда или земјиште. На пример, право на службеност на премин може да постои како во корист на
зграда, така и во корист на земјиште како привилегирано добро.
58.3.Трајни и привремени службености.
*Трајни службености се оние службености кои од нивното воспоставување траат до нивниот престанок или губење и
тие ги задоволуваат интересите (потребите) на сопственикот на привилегираното добро со самата воспоставена
службеност (пример: поставен подземен кабел во послужното добро, инсталација, сопственикот не ја зголемува или
намалува спратноста и друго.). Овие службености не се губат со нивно невршење.
*Привремени (испрекинати, дисконтинуирани) службености се оние службености кои сопственикот на
привилегираното добро ги презема по потреба, односно дејствијата во функција на воспоставената службеност ги врши
кога за тоа ќе има потреба (пример: поминува преку послужното добро кога ќе има потреба, зема вода за наводнување
(ја навртува водата) кога ќе има потреба, а не континуирано и друго.) Оваа поделба има значење кај стекнувањето на
службеноста со одржувачка и нејзиното губење со невршење.
58.4.Видливи и невидливи службености.
*Видливи (јавни, апаратни) службености се оние службености кај кои секој може да види дека на послужното добро е
воспоставена стварна службеност изразена низ видлив за око факт Тие се манифестираат со некоја надворешна
видлива направа, знак и слично. која може да биде поставена било на повластеното или на послужното добро (пумпа
за вода, балкон, олук за усмерување на дождовницата, надземна инсталација).
*Невидливи службености (скриени, неапаратни) се оние службености кај кои со голо око или на друг видлив начин не
може да се види дека на послужното добро е воспоставена стварна службеност и не се надворешно манифестирани
(подземна инсталација, подземен довод и слично.). Оваа поделба е значајна кај стекнувањето на службеноста со
одржувачка и нејзиното губење со невршење на службеноста.
59.Законски службености
Законските службености постојат врз основа на самиот закон, кој ги востановува со свои одредби. Тие се определени со
определување на послужното добро, содржината на нивното вршење, начинот и местото, за разлика од службеностите
кои настамуваат врз основа на судска одлука или со одлука на државен орган. Законските службености постојат
непосредно, извираат од самиот закон и за нивно постоење не е потребна судска одлука или одлука на државен орган.
Сепак, ако немаат своја примена врз основа на законот и ако дојде до остварување на службеноста по пат на судска
одлука, таквата одлука има само деклараторен карактер, која одлука се јавува само во заштита на веќе постојната со
закон заснована службеност. (Пр: право на сопственикот да премине преку сопственоста на соседот за да го врати
залутаниот добиток, право на сопственикот на недвижноста да бара од неговиот сосед да не презема дејствија со кои
ќе ја загрози стабилноста на неговата сопственост, право да бара да не ја подига оградата во висина која ќе му нанесе
штета на неговиот имот и друго.). Законот за сопственост и други стварни права познава повеќе видови на законски
службености изразени во права, обврски и воздржување на носителите на сопственоста.
59.1.Законски службености во општ интерес.
Законските службености во општ интерес се позитивни или негативни ограничувања на недвижна сопственост во
интерес на повластено добро во државна сопственост или на повластена активност во општ интерес. Овој вид на
службености се востановуваат во интерес на безбедноста, јавниот сообраќај, телекомуникациите, аеродром и слично.
Така на пример сопствениците на земјиште во близина на јавен пат, аеродром, железничка пруга и слично. не смеат да
градат, садат определени насади и да преземаат дејствија со кои би го оневозможиле, отежнале или на било кој друг
начин попречувале нормалниот сообраќај.
60. Видови стварни службености според Законот за сопственост и други стварни права
Законот за сопственост и други стварни права ги предвидува следните стварни службености : - полски службености, -
куќни службености и - комунално - технички службености.
60.1. Полски службености
Полски се оние службености каде што привилегираната ствар е од земјоделска природа. Во полски службености
спаѓаат: - правото на пешачки премин (како право да се оди, поминува по туѓо земјиште, пешки, по патека доволна за
тоа, као и да се примаат луѓе во својата недвижност по таа патека), - правото на протерување (терање) на добиток
( протерување добиток преку туѓо земјиште во одреден правец, заедно со користење пешачки премин), - правото на
премин со запрежни возила, возила на моторен погон и други возила (право на користење коловоз преку туѓо земјиште
за сите видови возила, пренесување товар со товарни животни, право на пешачки премин и право на протерување на
добиток), - правото на црпење вода (од туѓ бунар, извор за потребите на земјиште или куќа, во кое влегува и правото на
службеност на пешачки премин во функција на користење на водата), - правото на довод и одвод на вода преку туѓо
земјиште (да се навраќа вода за наводнување на привилегираното добро, како и поставување довод и одвод, и - други
службености. Во други службености спаѓаат службености кои се компатибилни со претходно изнесените и тоа: - право
на напојување на своите животни на туѓ бунар или извор, кое во себе ја го опфаќа и правото на службеност на
протерување на добиток и правото на пешачки премин, - право на службеност на паша, како право за напасување на
стока на туѓо земјиште и друго.
60.2. Куќни службености
Куќни се оние службености каде што привилегираната ствар е станбена или деловна зграда. Во куќни службености
спаѓаат: - право на нужен премин преку туѓо земјиште, - право на ползување на туѓ ѕид (како право на поправка на
ѕидот на кој се потпира зградата на носителот на службеноста, право да се вметне греда од својата зграда во туѓ ѕид,
право да се отвори прозорец во туѓ ѕид - за добивање светлина и видик), - правото на спроведување чад преку
соседовиот оџак, - право за истекување на атмосферска и друга вода низ соседовото земјиште, - право на поставување
на телевизиска антена на туѓа зграда, и - други службености. Негативни куќни службености: - право да му се забрани на
соседот својата зграда да ја подига повисоко, - право да му се забрани на соседот да ја смалува зградата, - право на
соседот да му се забрани на соседот градба со која ќе му ги одземе светлината и видикот, - право да му се забрани на
соседот да ја одвратува дождовницата која му е потребна на титуларот на службеноста.
60.3. Комунално - технички службености
Тоа се оние службености каде што привилегираната ствар е од комунално - техничка природа. Во комунално - технички
службености спаѓаат: - правото на спроведување на гасоводни, нафтоводни, водоводни и други цевки на туѓо земјиште
(гасоводни, нафтоводни, водоводни, канализацини, енергетски инсталации, далекуводи за пренос на електрична
енергија, телефонски, телевизиски и други водови) , - правото на спроведување на телевизиски кабли на туѓо земјиште
(телефонски, телевизиски, оптички и други водови). Кај ваквите таканаречено индустриски службености сопственикот
на послужното добро има право на надомест на штета поради намалувањето на вредноста на послужното добро и
штетата што ја трпи сопственикот на послужното добро при воспоставувањето на оваа службеност. - други службености.
61.Нужен премин
Нужниот премин може да се основа во случај кога недвижноста, која му припаѓа на определено лице, нема излез на
јавен пат или до него може да стигне само со претерано заобиколување (опколено земјиште, енклава). За да постои
основ за воспоставување службеност на нужен премин треба да постои услов, користа која се очекува со отворањето на
нужниот премин да ја надминува штетата која настанува на послужната ствар преку која е дозволен нужен премин.
Правото да се бара воспоставување на нужен премин настанува и престанува врз основа на закон и не е подложно на
застареност. Тоа право го опфаќа и правото на имателот да се одкаже од тоа право, да бара негово проширување, како
и право да се определи нов премин во случај на променети околности. За воспоставување на нужен премин,
послужната и привилегираната недвижност не мора да се во соседство. Според Законот за сопственост и други стварни
права , за да се воспостави право на нужен премин потребно е комулативно да се остварат најмалку три претпоставки: -
да нема патна врска меѓу привилегираното добро, -да има патна врска меѓу привилегираното добро и јавниот пат, но
до него да може да се стигне само со претерано заобиколување и -со засновањето на нужниот премин
привилегираната недвижност да остварува поголема корист одколку штетата што ќе ја трпи сопственикот на
оптоварената недвижност. Правецот и ширината (а некаде и висината) на нужниот премин се определува онолку, колку
што е нужно да се извршува определено право, водејќи сметка за локалните прилики. За евентуално настаната штета за
засновањето на нужен премин сопственикот или владетелот на послужната (оптоварената) недвижност има право од
сопственикот на привилегираната ствар кој го користи нужниот премин да бара потполна отштета ( damnum emergens и
lucrum cessans), односно фактички настанатата штета и евентуално намалување на вредноста на послужната
недвижност. Право да бара нужен премин може да бара сопственикот на привилегираната недвижност, односно
нејзиниот владетел. Правото на нужен премин може да се појави како: - полска службеност и - куќна службеност .

62. Начин на вршење на правото на стварна службеност


Начинот на вршењето на правото на стварните службености е изразено низ повеќе начела кои ја изразуваат суштината
на стварните службености.
62.1. Начелото на остварување на разумна цел на службеноста е основно начело на службеностите. Ова начело
изразено како основно е изразено во Законот за сопственост и други стварни права кој предвидува дека - службеноста
мора да има разумна цел. Тоа всушност значи дека стварната службеност може да се воспостави само доколку е
вистински нужна и потребна и да се врши на начин со кој што најмалку се оптоварува послужното добро. При тоа е
нужно туѓата недвижност – послужното добро на привилегираното добро да му придонесе корист која е општествено
видлива која ќе го штити принципот на интегритет и слободата на недвижноста (во случајов на привилегираната
недвижност).
62.2. Начело на рестриктивност на службеноста
Суштината на начелото на рестрикција се состои во тоа, стварната службеност да биде остварувана во обем и на начин
кој ќе ги задоволува потребите на сопственикот на привилегираната сопственост, со најмало можно жртвување на
послужната сопственост (Начелото на рестрикција на службеноста особено се однесува на службеноста за премин
преку двор, бидејќи со неа се ограничуваат лични вредности како што е, на пример, интимата и семејниот мир во
домот на сопственикот на послужната недвижност, без разлика дали тој трпи некаква материјална штета, и затоа
службеноста за премин преку двор, без волја на сопственикот на дворот, по правило не може да се дозволи, освен како
исклучок, кога тоа го бараат особени причини и потреби на сопственикот на повластеното добро.
62.3. Начелото на непреносливост на службеноста значи дека тоа право не може да се пренесува на друг. Прво,
службеноста не може да се пренесе од послужната ствар на некоја друга ствар и второ, носителот на службеноста со
своја волја не може службеноста да ја пренесе на друго лице. Меѓутоа, начелото на непреносливост на правото на
службеност не треба да се сфаќа во апсолутна смисла, бидејќи со преносот на сопственоста на послужното добро,
односно со преносот на сопственоста на привилегираното добро, се пренесува и правото на службеност.
62.4.Начелото на неделивост на правото на службеност се состои во тоа што стварната службеност не може да се
стекне или да се изгуби (да престане) само на дел на недвижноста, туку единствено во корист или на товар на целата
недвижност. Ако дојде до поделба на привилегираното или на послужното добро службеноста начелно останува во
корист или на товар на сите делови на недвижноста. Ако за вршење на стварната службеност е потребно користење на
некој уред или преземање на некое дејствије, трошоците за одржување на тој уред или за преземање на тоа дејствие
ги поднесува сопственикот на привилегираната ствар. Ако уредот или дејствието му служи и на интересите и на
сопственикот на послужната ствар, трошоците ги преземаат сопственците на привилегираната и послужната ствар
сразмерно со користа што ја имаат. На едно послужно недвижно добро можат да се утврдат/засноваат повеќе
различни видови стварни службености.(пример: на една недвижност може да се спроведе електричен кабел,
телефонски кабел, пешачки премин до бунарот, право на црпење вода од бунарот итн). До колку во меѓувреме се
променат некои околности и прилики од природни или други причини, при што да не е можно да се вршат сите
воспоставени службености истовремено во полн обем, првенство имаат стварните службености што се утврдени
порано, а подоцнежните службености се смалуваат според својот обем, водејќи сметка за сите околности.
63. Начини на засновање (воспоставување) на стварни службености
Согласно Законот за сопственост и други стварни права стварната службеност се заснова:
- со правно дело (договор, тестамент),
- со одлука на државен орган и
- со одржувачка.
64. Засновање стварни службености со правно дело
Врз основа на правно дело (negotium iuris), стварните службености се стекнуваат: - со склучување на договор заверен
во суд или пред нотар и со упис во соодветна јавна книга или - со тестамент ( на друг соодветен начин определен со
закон).
64.1. Засновање стварни службености со склучување договор (pactum). Стварните службености се засноваат со
договор на тој начин што се склучува договор помеѓу сопственикот на привилегираното добро и сопственикот на
послужното добро. Странките со договорот определуваат кои дејствија сопственикот на привилегираното добро може
да ги презема за потребите на својата недвижност, односно од кои дејствија сопственикот на послужното добро треба
да се воздржува, односно да не ги врши и ако на нив има право. Ваквиот начин на стекнување право на стварна
службеност претставува деривативен начин на стекнување на службеноста и истата се стекнува со склучување на
договор заверен во суд или пред нотар и со упис во соодветна јавна книга. Законот за сопственост и други стварни
права предвидува стекнување на службеност и со нејзино запишување „на друг соодветен начин определен со закон“,
при што упатува на запишување на правото на службеност во места каде што не е воведен катастар на недвижности.
64.2. Засновање стварни службености со тестамент.
Засновањето на стварни службености со тестамент се врши со изразување на последната волја на оставителот, како
едностран правен акт кој засновањето на службеноста му ја остава на своите наследници. Оваа службеност може да се
заснова на неколку начини: - оставителот со тестаментот да го обврзе наследникот или легаторот, во корист на трето
лице да заснова право на службеност на некоја недвижност од оставината, - оставителот со тестаментот да го обврзе
наследникот или легаторот, во корист на трето лице да заснова право на службеност на сопствена недвижност, - кога на
еден од сосопствениците кои го наследуваат на една недвижност што му ја остава во наследство, му наложи да заснова
стварна службеност во корист на останатите сосопственици. Како и кај засновањето на службеност со договор и
службеноста заснована преку тестамент претставува деривативен начин на стекнување на службеноста и истата се
стекнува со заверување во суд или пред нотар и со упис во соодветна јавна книга.
65. Засновање стварни службености со одлука на државен орган
Стварните службености се стекнуваат и: - со одлука на судот и - со одлука на друг државен орган. За стекнување право
на стварна службеност со одлука на судот или друг државен орган е потребно сопственикот на привилегираната ствар
да не може тоа добро целосно или делумно да го користи без соодветно користење на послужното добро. Одлуката на
судот со која се воспоставува правото на стварна службеност е врзана за делба на недвижноста, а кога сопственикот на
привилегираната ствар целосно или делумно не може да го користи тоа добро без соодветно користење на послужното
добро, службеност може да се востанови со одлука на друг државен орган, како на пример: во случај на таканаречена
непотполна експропријација. Тогаш службеноста се воспоставува со решение на орган на управата. Службеноста со
одлука на судот или на друг државен орган се стекнува со денот на правосилноста на одлуката, ако со закон не е
поинаку определено.
66.Засновање стварни службености со одржувачка
Стварната службеност се стекнува со одржувачка кога сопственикот на привилегираната ствар фактички ја остварил
службеноста за време од 20 години, а сопственикот на послужната ствар не се противел на тоа. За да се воспостави
службеност на овој начин потребно е да се исполнети следните услови: - сопственикот на привилегираната ствар
фактички да ја остварувал службеноста 20 години и - владението, односно остварувањето на службеноста да не е
манливо, односно да не е стекнато со злоупотреба на довербата на сопственикот или држателот на послужното добро,
или по пат на сила или закана или ако службеноста е отстапена до отповикот и - во времетраењето на службеноста од
20 години, сопственикот на послужното добро да не се противел на вршењето на службеноста од страна на вршителот
на стварната службеност. Всушност, кај стекнувањето на службеност со одржувачка, Законот го претвара
долгогодишниот фактички однос во правен однос, бидејќи тоа го бара не само јакнењето на сигурноста на правниот
промет, туку и заштитата на оправданите интереси на поединците, наспроти немарните и неактивните сопственици на
послужното добро кои во тек на 20 години не се спротивставувале во вршењето на службеноста од страна на трети
лица на нивните недвижности, поради што не заслужуваат правниот поредок да ги земе во заштита.
67. Засновање стварни службености по самиот закон
Законот за сопственост и други стварни права наведува засновање стварна службеност единствено со правно дело,
одлука на државен орган и со одржувачка. законските службености, по правило не постојат бидејќиво секој случај тие
се стекнуваат според самиот закон ex lege кога ќе настапат такви факти. По исклучок, како законска стварна службеност
би можела да се смета само онаа која се стекнува по пат на одржувачка кога сопственикот на привилегираната
недвижност фактички ја остварил службеноста за време од 20 години, а сопственикот на послужното добро не се
противел на тоа. Второ, надвор од ваквото исклучително стекнување и постоење законски стварни службености по пат
на одржувачка, во останатите случаи (стекнување со правна работа или одлука на државен орган) не постојат законски
стварни службености. Надомест за утврдената службеност. Сопственикот на послужната ствар има право на надоместок
за утврдената службеност. Законодавецот првенствено им остава можност на сопственикот на послужната ствар и
сопственикот на привилегираната ствар да се договорат за надоместокот (вид, висина и слично.). Доколку
надоместокот не го договорат спогодбено, висината на надоместокот ќе ја утврди судот по барање на сопственикот на
послужната ствар, водејќи сметка за сите околности. Постапка по смеќавање во вршењето на стварната службеност. Во
текот на користењето на стварната службеност, сопственикот на привилегираната ствар може да биде неосновано
попречуван во нејзиното вршење, како од сопственикот на послужната ствар, така и од други субјекти. Во тој случај,
сопственикот на привилегираната стварна службеност има право, со тужба да побара од судот да престане таквото
смеќавање. Сосем нормално, дека, ваква тужба, покрај сопственикот на привилегираната стварна службеност имаат
право да поднесат и плодпуживателот и закупецот на привилегираната ствар.
68. Престанок на стварните службености
Стварните службености можат да престанат со:
*Стварната службеност престанува со невршење кога сопственикот на привилегираната ствар не го вршел своето право
три години, а сопственикот на послужната ствар се противи на нејзиното вршење. Противењето на сопственикот на
послужната ствар може да биде изразено на разни начини и со преземање разни дејствија како што е спречување,
сметање и слично.
*Стварната службеност престанува кога ќе стане непотребна за користење на привилегираната ствар , од сосем логични
причини бидејќи ако престанале да постојат причините поради кои е заснована, нормално е да престане и службеноста
(лицето ископало свој бунар и нема потреба да поминува низ послужната недвижност за да црпи вода од друг бунар).
Со протек на определено време, престанува онаа стварна службеност која е заснована на определено време (до тој
датум, до завршувањето на определена работа и слично.)
*Стварната службеност престанува ако не се врши за времето потребно за нејзино стекнување со одржувачка во кој
случај е потребен протек од 20 години.
*Стварната службеност престанува кога исто лице ќе стане сопственик на послужната и привилегираната ствар , т.в.
консолидација од причини што стварната службеност може да се заснова само на туѓа, а не на сопствена ствар.
*Стварната службеност престанува со пропаѓање на привилегираната , односно послужната ствар од наједноставни
причини бидејќи за постоење на стварна службеност е потребно постоење и на послужна и на привилегирана ствар.
*Службеноста претставува и кога сопственикот на послужната ствар може да бара да престане стварната службеност на
сопственикот на одделен дел од привилегираната ствар ако стварната службеност не служи за потребите на тој дел.
Ако пак послужната ствар се подели, стварната службеност останува само на деловите на кои е вршена.

---ЛИЧНИ СЛУЖБЕНОСТИ---
69. Поим и видови лични службености
Личните службености се стварни права на туѓа ствар кои го овластуваат определено лице (физичко или правно) на
определен начин да се користи со туѓата ствар, а сопственикот на таа ствар тоа мора да го трпи. Кај личните
службености постои само послужно добро и содржината на личната службеност секогаш се состои во искористување на
туѓа ствар. Исто така различноста се гледа и во тоа што стварните службености се воспоставуваат во корист на некоја
недвижност, а личните службености во корист на некое определено лице.
Според нашиот закон, лични службености се: - правото на плодоуживање, - правото на употреба и - правото на
домување.
70.Плодоуживање
Правото на плодоуживање е стварно право на туѓа ствар која му дава право - овластување на нејзиниот носител
(плодоуживател) во секој поглед без надоместок целосно да се служи со туѓа ствар (послужна ствар), во согласност со
нејзината намена и чување на нејзината суштина. Плодоуживател може да биде физичко и правно лице или повеќе од
нив. Доколку се повеќе плодоуживатели, секој е самостоен носител на својот дел од плодоуживањето, освен ако тоа не
им припаѓа заеднички. Доколку не можат да се утврдат деловите на плодоуживањето, се смета дека се тоа еднакви
делови. Правото на плодоуживање може да постои на послужна ствар која е непотрошна. Непотрошната ствар може да
биде подвижна или неподвижна, но правото на плодоуживање може да постои и на повеќе подвижни ствари заедно.
Како ствар на плодоуживање може да биде и право ако дава плодови и други користи (на пример главнина која дава
камати) како и на право кое дава плодови или други користи. Значи, предмет на плодоуживање може да биде:
недвижност, подвижна ствар и право. Во нашата правна практика како најчест случај на плодоуживање се јавува кај
доживотната издршка, доживотно издржување. На пример таткото ги остава недвижностите на своите деца, а на
својата жена на тие недвижности и остава право на доживотно издржување.
70.1. Основни карактеристики на правото на плодоуживање
Се: стварноправноста, ограниченоста и привременоста. Стварноправноста на плодоуживањето се огледа во тоа што тоа
е непосредно, апсолутно и инхерентно. Плодоуживателот има непосредна правна власт на стварта, без посредство или
соработка со друг; апсолутно да им се спротивстави на трети лица и инхерентно бидејќи може да се спротивстави на
сите други лица кои имаат неоснована претензија кон стварта која ја плодоужива. Плодоуживањето е ограничено
право на туѓи ствари. Плодоуживателот не станува сопственик на еден дел од стварта, туку неговото право го
ограничува правото на сопственикот да ја ужива својата ствар, што значи дека сопственикот има „гола сопственост“.
Плодоуживањето по својата суштина е привремено право, дури и кога трае подолго време, бидејќи се гаси со протекот
на времето (ако е востановено на определено време), а најдоцна со смртта на плодоуживателот, односно со
престанокот на правното лице. Тоа право не се пренесува на наследниците.
70.2. Права и обврски на плодоуживателот: право да ја држи послужната ствар, да го употребува и да прибира
плодови од неа, (плодоуживателот ја извлекува од стварта секоја корист која таа може да ја даде, освен оние кои со
закон, со договор или со тестамент му се ограничени). - обврска да ја сочува суштината на послужната ствар, -
плодоуживателот е должен своето право на плодоуживање да го остварува со внимание на добар домаќин, односно
добар стопанственик, односно добар стручњак, во согласност со природата и намената на послужната ствар -
плодоуживателот не одговара за намалување на вредноста на послужната ствар која доаѓа поради нејзината редовна
употреба.
70.3.Стекнување на плодоуживањето-правото на плодоуживање се стекнува врз основа на: - правно дело и - со
одржувачка. Стекнувањето на плодоуживањето со правно дело се врши со договор или со тестамент. Стекнувањето на
плодоуживањето со договор може да биде плодоуживање на недвижна и подвижна ствар. Доколку правото на
плодоуживање се заснива врз неподвижна ствар, тоа право се стекнува со склучување на договор заверен во суд или
пред нотар и со упис во соодветната јавна книга која ја води катастарската управа. Доколку правото на плодоуживање
се заснива врз подвижна ствар тоа право се стекнува со склучување на договор и со предавање на стварта на
плодоуживателот. Доколку правото на плодоуживање се стекнува со тестамент, тоа се врши во форма на легат.
Стекнувањето на плодоуживањето со одржувачка се врши според правилата кои важат за стекнување на сопственост
по пат на одржувачка. Правото на сопственост врз природните плодови плодоуживателот го стекнува со нивно
одвојување од послужната ствар. Правото на сопственост врз природните плодови плодоуживателот го стекнува со
нивно одвојување од послужната ствар. Плодоуживателот има право на обичните природни плодови и на вонредните
(на пример, вадење песок, камен од каменолом и слично.) кои се во согласност со намената на послужното добро,
доколку на тоа не го спречуваат определени принудно-правни прописи и самиот сопственик. Но, одвојувањето на
природните плодови од послужната ствар и стекнување нивна сопственост е можна само ако со тоа не се намалува
основната супстанција на послужната ствар. (така на пример, тој не смее да исече повеќе шума од колку тоа го
дозволува Законот за шумите, да користи песок повеќе од правилата што тоа го дозволуваат и слично.). Состојбата на
послужната ствар, и плодоуживателот, и сопственикот на послужната ствар имаат право да барааат записнички да се
утврди, како обезбедување од идни несогласувања. Доколку истата не ја утврдат се смета дека истата е примена во
употреблива состојба со нормален квалитет. Понатаму, во користењето и употребата на стварта која ја плодоужива,
плодоуживателот е должен да ги поднесува трошоците за редовно одржување на послужната ствар. Вонредните
трошоци, направени без вина на сопственикот на послужната ствар паѓаат на товар на сопственикот на стварта. Неправо
плодоуживање – Ако плодоуживањето е засновано на потрошна ствар или на право кое не дава плодови (пример
безкаматна главница) претставува неправо плодоуживање. Со оглед дека се работи за потрошна ствар или право кое
што не дава плодови, по престанокот на ова (неправо) плодоуживање, плодоуживателот е должен вредноста на
стварта или правото да ја врати во пари. Ако плодоуживањето е на пари како ствар, плодоуживателот слободно
располага со истите. Неправото плодоуживање како лична службеност е слично. со договорот за заем со таа разлика
што заемот има облигационо-правен карактер, а неправото плодоуживање стварно-правен карактер. Од тоа
произлегува дека со неправото плодоуживање целта е имотно да се обезбеди определено лице, а заемот претставува
кредит. Кај неправото плодоуживање се враќа вредноста, а кај заемот истородна ствар, и неправото плодоуживање
трае до истекот на рокот (ако е определен рок) или до смртта на плодоуживателот, а заемот до истекот на рокот или до
отказот, од трета страна.
70.4. Престанок на правото на плодоуживање - Правото на плодоуживање престанува: - со изминување на определено
време, ако е утврдено за определен временски период; - со смртта (физичко лице) или престанокот (правно лице) на
плодоуживателот; - со преминување на послужната ствар во сопственост на плодоуживателот (соединување); - со
одрекување од страна на плодоуживателот и - со пропаѓање на послужната ствар. На правото на плодоуживање врз
право, соодветно се применуваат одредбите на плодоуживање врз ствар. По престанувањето на правото на
плодоуживање, плодоуживателот е должен да му ја врати послужната ствар на сопственикот во состојба во која ја
примил не сметајќи ја староста на стварта и нејзината нормална потрошеност. Плодоуживателот, има право да го одвои
она што во послужната ствар го вградил заради зголемување на нејзината функционалност или вредност, ако тоа
одвојување може да се изврши без оштетување на послужната ствар и ако сопственикот на послужната ствар одбил да
му ги надомести тие трошоци на плодоуживањето.
71. Право на употреба.
Правото на употреба (usus) e лична службеност која носителот на службеноста го овластува (му дава право) да
употребува туѓа ствар во границите на потребите на носителот на тоа право и на членовите на неговото семејство, без
менување на суштината и намената на таа ствар и без извлекување на други имотни користи од неа. Правото на
употреба е еден вид лимитирано плодоуживање. Прва разлика е во тоа што кај плодоуживањето, плодоуживателот
туѓата ствар може да ја користи неограничено, а корисникот на правото на употреба туѓата ствар може да ја користи
само за свои лични потреби и потребите на членовите на неговото семејство. Втора разлика е во тоа што правото на
употреба на туѓата ствар е неделиво, а кај плодоуживањето може да има повеќе лица. Натамошни разлики се тие што:
носителот на правото на употреба своето право не може да го пренесе на друг со правно дело, право на употреба не
може да постои на потрошна ствар и друго. На правото на употреба, на соодветен начин, се применуваат одредбите со
кои се регулира правото на плодоуживање, освен ако поинаку не е уредено со посебни закони.
72.Право на домување.
Правото на домување (habitatio) е лична службеност кој го овластува неговиот корисник да се користи за живеење за
своите потреби и потребите членовите на неговото семејство, како и на други лица кои тој ги издржува со туѓа станбена
зграда, стан или посебен дел од зграда или стан. Правото на домување, како лична службеност може да биде
воспоставено било како употреба на туѓа ствар било како плодоуживање. Правото на домување како службеност е
секогаш ограничено само на деловите на недвижноста наменети за домување и тоа оние кои со договорот за
службеност се опфатени при основањето на оваа службеност. Според тоа, предмет на оваа службеност на домување е
стамбена зграда или дел од стамбената зграда наменет за домување. Правото на домување не може да се извршува на
останатите делови на недвижноста. Целта на оваа службеност е само домување, па смее да се извршува само во
согласност со таа намена и тоа така да се чува суштината на недвижноста. Сопственикот не смее да се оневозможува во
потребното надгледување на целата негова недвижност. Со продажбата на објектот, стамбената зграда или нејзин дел,
правото на домување не гасне, ако е запишано во јавните книги пред правото на заложните доверители кои
предложиле извршување. Ако е запишано после, правото на домување престанува во моментот на правосилноста на
решението за досудување на недвижноста која е предмет на домувањето, освен ако нешто друго не е договорено меѓу
странките. На правото на домување, соодветно се применуваат одредбите со кои се регулира правото на
плодоуживање, освен ако поинаку не е уредено со посебен закон.
73.Траење на личните службености
Личните службености траат само онолку време за колку се утврдени и престануваат најдоцна со смртта на нивниот
носител, ако со закон поинаку не е определено. Личната службеност е строго лично право кое му припаѓа на
поименично определено лице заради задоволување на некои негови потреби. Тие потреби можат да бидат различни,
но мораат да имаат разумна цел. Ако се изгуби разумната цел, можат да се укинат, како и сите службености. Личните
службености не можат да се пренесуваат бидејќи тие се исклучиво врзани за личноста на носителот на службеноста.
Непреносливоста се однесува само на правото на личната службеност, додека содржината на правото на лична
службеност може да се пренесува на друго лице. Личните службености не се наследуваат, освен службеностите ако
изречно се утврдени и за наследниците на носителот на службеноста.

XII.ПРАВО НА ЗАЛОГ
74.Поим и правна природа на залогот
Правото на залог претставува средство за обезбедување на побарувањето на доверителот. Тоа е стварно право на туѓа
ствар врз основа на кое доверителот може да го наплати своето побарување од вредноста на заложената ствар пред
другите доверители, доколку должникот не ја исплати обврската до рокот на пристигнатоста. Најчесто должниците ги
исполнуваат обврските спрема доверителите, но тоа секогаш не е така. Може должникот да не е совесен и да ги
запоставува своите обврски, да одбие да ги изврши, да одолговлекува со нивно извршување или едноставно да
западнал во материјална состојба од која не може да ги исполни своите обврски. Неисполнувањето на обврските на
субјектите од овој однос се решаваат по судски пат по правилата на парничната и извршната постапка. Но и во таа
постапка доверителот може да се најде во состојба да не може да го намири своето побарување поради разни
околности: немање доволно или воопшто средства од каде да се наплати побарувањето, право на првенство на
наплата на други доверители и слично. Токму поради овие околности во правото е воспоставен институтот право на
залог, како средство за заштита на правата на доверителот.
Субјектот на заложното право (заложниот доверител) всушност има две права: првото е правото на побарување кон
должникот, а второто е заложното право насочено кон заложената ствар. Првото од овие две права е од
облигационоправен карактер и тоа представува главно право кое го има доверителот. Второто, заложното право е
споредно право и служи за обезбедување на побарувањето. Поради тоа што е споредно, заложното право е зависно од
главното право, така што неговата судбина зависи од правото за побарување . Кај заложноправниот однос постојат два
правни односи. Првиот е облигационен, должничко доверителен однос, а вториот е стварноправен однос кој се
заснива со улога за заштита на облигационоправниот однос и кој ќе се ефектуира само доколку не се реализираат
обврските од облигационоправниот однос.
75.Видови заложно право
Со оглед на стварите кои му се даваат на залогопримачот заложното право се дели на:
- заложно право на подвижни ствари (рачен залог) и - заложно право на недвижности (хипотека).
75.1. Рачен залог
Законот предвидува два видови на рачен залог:
- владетелски залог, кога подвижниот предмет се предава во владение на залогопримачот и
- невладетелски залог, кога подвижниот предмет може да остане во владение на залогодавачот и
**Предмет на рачниот залог може да биде подвижна ствар, хартија од вредност, одредено имотно побарување или
друго право, а предмет на хипотеката само одредена недвижност, односно ствар изедначена со недвижност. Со залог
може да се оптовари целиот предмет на залог или само идеален негов дел, како и повеќе одделни предмети.
Предметот на залогот мора да е во сопственост на заложниот должник и да е во правен промет. По исклучок, предмет
на залог може да биде и предмет што не е во сопственост на заложниот должник, ако тој врз него во моментот на
засновањето на залогот има стекнато право на залог (подзалог).
**Субјекти кај заложно правниот однос се:
доверителот и должникот кај облигационоправниот однос и заложниот доверител – залогопримачот и заложниот
должник – залогодавачот кај стварноправниот однос.
Заложен должник може да биде секое физичко и правно лице кое има определен паричен долг или долг чија вредност
е изразлива во пари во однос на заложниот доверител од одреден облигационен или друг вид правен однос. Заложен
должник може да биде и трето лице кое нема долг спрема заложниот доверител, а е согласно да одговара за туѓ долг
со засновање на залог врз свој предмет, при што ова лице на заложениот доверител му одговара само со заложениот
предмет.
Заложен доверител може да биде секое физичко и правно лице кое има определено парично побарување или
побарување чија вредност е изразлива во пари во однос на својот должник, кој е согласен врз својот предмет да
допушти засновање залог во полза на доверителот или место него тоа да го стори трето лице кое нема таков долг, а е
согласно врз негов предмет да се заснова право на залог.
75.2.Хипотека
Хипотеката или заложното право на недвижности е оној залог каде како обезбедување се даваат недвижности (една
или повеќе). Правото на хипотека се стекнува со склучување на договорот за хипотека и со запишување на хипотеката
во јавна книга на начин и под услови пропишани со закон. Под „јавна книга" во смисла на овој закон, се подразбира
книгата во која се врши запишувањето на правото на сопственост врз недвижностите и на другите стварни права врз тие
недвижности, како и книгата во која се врши запишување на правото на сопственост и други стварни права врз ствари
изедначени со недвижностите.
**Предмет на хипотека може да биде:
- само недвижност и подвижни ствари кои во прометот имаат третман на недвижности (бродови, авиони),
- објект на хипотеката е целата недвижност запишана во јавната книга,
- кај сосопственоста во идеални делови предмет на хипотеката може да биде идеален дел на недвижноста,
- заради исполнување на побарувањето може да постои и заедничка (симултана) хипотека на повеќе недвижности,
- на една недвижност може да постојат повеќе хипотеки, чиј редослед се определува според моментот на нивото
настанување,
- со хипотеката мора индивидуално да се определи недвижноста (а не сите недвижности на должникот),
- хипотеката се однесува на целата недвижност, на нејзини составни делови и припадоци,
- хипотеката може да биде заснована врз иден предмет, односно таа да биде дадена и за идна или условна обврска,
како и врз неа да се заснова надхипотека.
76.Засновање на правото на залог
Правото на залог може да се заснова:
- врз основа на договор (договорно заложно право), - врз основа на судска одлука (судско заложно право) и - врз
основа на закон (законско заложно право).
Судското и законското заложно право се регулирани со Законот за сопственост и други стварни права, а договорното
заложно право е регулирано со Законот за договорен залог.
**Договорниот залог се стекнува со склучување на договорот за залог и со запишување во соодветните јавни книги
кога заложената ствар е недвижност, а кога заложената ствар се подвижни ствари или права, договорниот залог се
стекнува со склучување на договорот за залог и со предавање на стварта во владение на заложниот доверител
(нерегистриран залог), односно со склучување на договорот за залог и со попис на заложната ствар, без предавање на
стварта во владение на заложниот доверител (регистриран залог).
**Судскиот залог се стекнува со судска одлука донесена во постапката за присилно обезбедување на побарувањата и
со запишување во соодветните јавни книги. Законските одредби со кои се уредува судската постапка за обезбедување
на парични побарувања ги определува условите под кои судот може да одлучи да се заснова судско заложно право.
**Законскиот залог се стекнува со исполнување на условите предвидени во посебните закони.
** Правото на невладетелски залог се стекнува со склучување на договор за залог, со попис и опис на заложната ствар
и упис на залогот во Заложниот регистар.
**Правото на невладетелски залог врз хартија од вредност се стекнува со склучување на договорот за залог, со попис и
опис на заложената хартија од вредност и упис на залогот во Заложниот регистар.
** Правото на невладетелски залог врз побарување или друг вид права (интелектуални права и други сродни права) се
стекнува со склучување на договор за залог и со попис и опис на заложното побарување или друг вид право и нивен
упис во Заложниот регистар.
**Правото на владетелски залог се стекнува со склучување на договор за залог и со предавање на предметот на залог
во владение на заложниот доверител.
**Правото на владетелски залог врз хартија од вредност се стекнува со склучување на договорот за залог и со пренос
на хартијата од вредност во владение на заложниот доверител.
** Правото на владетелскиот залог врз побарување или друг вид право се стекнува со склучување на договор за залог и
со отстапување, односно пренесување на побарувањето или на друг вид на право.
За заложното право и за невладетелскиот и за владетелскиот залог, потребно е да биде писмено известен должникот
врз чија обврска е заснован залогот, а во спротивно залогот е без правно дејство.
**хипотека (.75.2.)

77.Договор за залог
Договорот за залог се склучува во писмена форма, освен договорот за владетелски залог кој може да биде склучен во
која било форма. Договорот за невладетелски залог што не е склучен во писмена форма, не произведува правно
дејство. Заложниот доверител и заложниот должник на договорот за залог, можат да му дадат својство на извршна
исправа пред или по извршениот упис на залогот во Заложниот регистар, односно хипотеката во јавната книга.
Договорот за (владетелски) залог има својство на извршна исправа доколку е потврден од нотар и доколку содржи
изјава од договорните страни дека се согласни нивниот договор за залог да има својство на извршна исправа. Ако
договорот за залог својството на извршна исправа го стекне пред уписот на залогот во Заложниот регистар, односно во
јавна книга, а до тој упис не дојде, договорот во тој случај го губи својството на извршна исправа.
Договорот за залог врз недвижност се заверува кај нотар чие службено седиште е на подрачјето на основниот суд каде
што се наоѓа недвижноста. Ако за обезбедување на едно парично побарување се заснова заложно право врз повеќе
недвижности од подрајче на повеќе судови и кое заложно право треба да се запише во јавните книги од подрачјата на
повеќе судови, надлежен е кој било нотар од подрачјето на тие судови. Договорот за залог врз движни предмети со
клаузула на извршност се заверува кај нотар на чиешто службено подрчје се наоѓа предметот на залогот или
живеалиштето, односно седиштето на заложниот доверител. По договорот за залог врз хартии од вредност,
побарувања и други права постапува нотар на чиешто службено подрчје се наоѓа живеалиштето, односно
престојувалиштето на заложниот должник. Ако заложниот должник нема живеалиште, односно седиште на
територијата на Република Македонија, по договорот за рачен залог постапува кој било нотар во Република
Македонија.
77.1. Договорот за залог содржи: - податоци за договорните страни: име и презиме, живеалиште или престојувалиште
и единствениот матичен број на граѓанинот (ЕМБГ), односно назив или фирма, седиште и единствен матичен број на
субјектот (ЕМБС),
- податоци за договорните страни кои се странски лица: за физичко лице
- име и презиме, адреса, број на патната исправа и државата која ја издала патната исправа, а за странското правно
лице
- назив на фирма, седиште, идентификационен број кој се води во странскиот регистар на правни лица и име на
државата во која се наоѓа неговото седиште, - опис на предметот на залог содоволна спецификација да може да се
идентификува,
- правна основа на побарувањето што се обезбедува со залог и неговиот износ, - рокот на пристигнатост на
побарувањето, - време и место на склучување на договорот,
- согласност на заложниот должник, заложниот доверител да бара да се изврши запишување на правото на залог, во
заложниот регистар, односно во јавната книга, - идентификација на должникот ако не е заложен, односно хипотекарен
должник, - кој било друг релевантен факт, вклучувајќи какво било ограничување на правото на пренос на залогот или
правото на употреба или отуѓување на предметот на залогот, - правото на заложниот доверител во случај на доцнење
од страна на заложниот должник да може да презема заштитни мерки во однос на залогот, со цел да се зачува, одржи
или зголеми продажната вредност на предметот на залог, но со вложените средства да не се стекнува сопственост врз
заснованиот залог, и - клаузула според која заложниот доверител, во случај на неисполнување на обврската на
должникот, има право при доцнење на заложниот должник, а со цел да се зачува, одржи или продаде залогот, да го
земе предметот на залог во владение, доколку е заснован со договор кој има својство на извршна исправа. Покрај
претходните елементите, договорот за залог може да содржи и клаузула за продажба на предметот на залогот на еден
од комерцијалните начини (непосредна спогодба, јавно наддавање, преку агенција за продажба на подвижни и
недвижни ствари, берза за тргување на хартии од вредност и слично.), како и за избор на еден од овластените субјекти
кој ќе ја изврши реализацијата на залогот (нотар, извршител, агенција за промет на подвижни предмети и
недвижности, берза за тргување со хартии од вредност и слично.).
**Право на првенство- При намирувањето од вредноста на предметот на залогот, право на првенство, во однос на
другите доверители на должникот има заложниот доверител. Кога врз ист заложен предмет има повеќе залози,
првенството во намирувањето зависи од времето во кое се засновани залозите.
78. Права и обврски на договорните страни
78.1. Права и должности на заложниот доверител:
Заложниот доверител чие побарување е обезбедено со право на залог може, во границите на своето побарување од
предметот на залог, да заснова на постојното право на залог, залог во корист на трето лице (подзалог) и без согласност
на заложниот должник.
На засновањето на подзалогот соодветно се применуваат одредбите од овој закон што се однесуваат на засновањето
на залогот. Кога заложниот должник ќе биде известен дека врз предметот на залогот е заснован подзалог во полза на
надзаложниот доверител, должникот може да го намири долгот на заложниот доверител само ако со тоа се согласи
надзаложниот доверител или може долгот да го положи во суд, односно кај нотар, во спротивно предметот на залогот
останува заложен за надзаложниот доверител.
*Ако заложниот должник ја смалува вредноста на предметот на залогот или на друг начин ја влошува неговата
состојба, заложниот доверител може да бара во разумен рок заложниот должник да го врати предметот на залогот во
првобитна состојба.
*Ако заложниот должник не постапи по барањето на заложниот доверител, заложниот доверител може да бара од
судот да му наложи на заложниот должник да се воздржи од таквите дејствија, а ако тој тоа не го стори, може да бара
наплата на побарувањето обезбедено со залогот и пред неговото пристигнување, согласно со одредбите од овој закон
што се однесуваат на реализација на залогот. Заложниот доверител има право да врши надзор на состојбата во која се
наоѓа предметот на залогот. Правото може да се остварува секогаш, освен во невреме.
*Заложниот доверител има право да бара отстранување на правен или материјален недостаток на заложениот
предмет. Ако недостатокот не биде отстранет или предметот на залогот не биде заменет со друг предмет кој е без
недостаток, заложниот доверител може да бара од судот да наложи отстранување на недостатокот или заменување на
предметот на залогот со друг предмет без недостатоци.
* Ако договорот за залог има својство на извршна исправа, барањето налог отстранување на недостатокот или
заменување на предметот на залогот со друг предмет без недостатоци се доставува до еден од надлежните субјекти
заради извршување. Заложниот доверител кога постои некоја од наведените причини на овој член може и пред
пристигнувањето на своето побарување да бара негова наплата од предметот на залогот.
*Ако заложниот должник презема дејствија или пропушта дејствија поради што се доведува во опасност или очигледно
се намалува вредноста на предметот на залогот, заложниот доверител има право да бара заложниот должник без
одлагање да престане тоа да го прави, а ако не се воздржи, може и пред пристигнувањето на своето побарување да
бара негова присилна наплата од предметот на залогот, според одредбите на овој закон. Ако по пристигнувањето на
побарувањето заложниот должник го отуѓи предметот на залогот, таквото отуѓување нема правно дејство.
*Заложниот доверител има право да ги поставува сите барања потребни за заштита на своето право на залог. На
барањето кое заложниот доверител го поставува заради остварување на правото на залог врз предметот на залогот,
соодветно се применуваат прописите за заштита на стварните права.
*Заложниот доверител има право да бара од сопственикот на предметот на залогот да го трпи неговото заложно право
како товар врз тој предмет, како и да се воздржува да го прави на тој предмет она на што би имал право ако врз него не
е заснован залог.
*Исто така, заложниот доверител има право да бара и од секое друго лице да се воздржи од правење со кое бесправно
го оневозможува или вознемирува во извршувањето на своето заложно право врз предметот на залогот. Ова право му
припаѓа на секој заложен доверител кој има свое сопствено заложно право врз ист предмет на залог. Ова право не
застарува. Заложниот доверител за да може пред суд или друг надлежен орган да го оствари ова право, мора да го
докаже своето заложно право и дека тужениот презема дејствија со кои се попречува заложниот доверител во
вршењето на своето заложно право.
*Ако некој го повреди заложното право врз предметот на залогот со неполноважен упис во Заложниот регистар,
односно јавната книга, заложниот доверител има право да се штити од таа повреда со правни средства предвидени за
заштита на правата што се запишуваат во Заложниот регистар, односно јавната книга. Кога предметот на залогот ќе
пропадне по вина на должникот, тој е должен да даде друг соодветен предмет во залог.
*Заложниот доверител кај владетелскиот залог е должен да го чува заложениот предмет со внимание на добар
домаќин, односно добар стопанственик. Заложниот доверител кај владетелскиот залог е должен да го врати
заложениот предмет штом ќе му биде намирен долгот. По барање на заложниот должник кај владетелскиот залог,
судот ќе нареди заложениот предмет да се одземе од заложниот доверител и да му се предаде на некое трето лице да
го држи за него, ако заложниот доверител не го чува заложениот предмет со потребното внимание, ако го употребува
без дозвола од заложниот должник или го дава на друг на употреба или во подзалог, или ако не го употребува во
согласност со дадената дозвола и воопшто ако постапува со него спротивно на договорот и законот. Трошоците
направени за одземање на предметот, паѓаат на товар на заложниот доверител. Заложниот доверител кај
владетелскиот залог нема право да го употребува заложениот предмет или да му го предаде на друг на употреба, или
во подзалог, освен ако тоа му го дозволи заложниот должник. Заложниот доверител кој го употребува заложениот
предмет без дозвола од залогодавачот или му го предаде на друг на употреба, или во залог, одговара и за случајно
пропаѓање или оштетување на предметот.
78.2. Права и обврски на заложниот должник
Право да го користи предметот на залог Заложниот должник е должен предметот на залогот да го користи со внимание
на добар домаќин, односно добар стопанственик и да го чува и одржува осигуран од сите ризици за тој вид на предмет.
Ако предметот на залог дава плодови, плодовите по одвојувањето заложниот должник ќе ги задржи за себе, ако со
договорот поинаку не е предвидено. - должност да му го предаде на заложниот доверител или на трето лице
заложениот предмет што го определиле спогодбено. Заложниот должник кај владетелскиот залог е должен да му го
предаде на заложниот доверител или на трето лице заложениот предмет што го определиле спогодбено. Договорните
страни можат да се спогодат и заеднички да го чуваат заложениот предмет. - должност за отстранување на правен или
материјален недостаток на предметот на залог Доколку се покаже дека предметот на залогот има некој правен или
материјален недостаток, заложниот должник на барање на заложниот доверител, е должен во разумен рок да го
ослободи предметот на залогот од соодветниот недостаток, во спротивно има обврска во рокот што ќе му го определи
доверителот да допушти запишување на друг залог во Заложниот регистар, односно во јавната книга, согласно со
одредбите на овој закон. - Обврска да му даде на доверителот друг соодветен предмет во залог кога предметот на
залогот ќе пропадне по негова вина Кога предметот на залогот ќе пропадне по вина на должникот, тој е должен да
даде друг соодветен предмет во залог. На правото на хипотека врз бродови и други пловни објекти и на
воздухопловите соодветно се применуваат одредбите од овој закон, освен ако нешто друго не е предвидено со друт
закон. Кога врз еден ист предмет се засновани залози на повеќе заложни доверители, редот по кој ќе се намируваат
нивните побарувања од вредноста на предметот се определува според датумот на запишувањето во Заложниот
регистар, односно јавната книга, а доколку датумот на засновањето е ист, тогаш редот по кој ќе се намируваат нивните
побарувања се определува според часот на приемот на барањето за запишување во Заложниот регистар. односно
јавната книга. Ако барањата се поднесени во ист ден и час имаат еднаков третман во поглед на намирувањето на
побарувањата. Лицето кое стекнува право на сопственост врз заложен предмет го стекнува оптоварен со заложното
право, освен во случај кога залогодавачот ќе го пренесе заложениот предмет во рамките на своето деловно работење,
како и кога се стекнува право на сопственост врз хартии од вредност со кои се тргува на берзата, а за кои на нив или во
заложниот регистар, односно јавната книга не е впишан залог.
79.Престанок на заложното право
Заложното право престанува:
- со настапување на определени причини,
- со бришење од Заложниот регистар, односно јавната книга,
- со полноважно откажување на заложниот доверител,
- по истекот на рокот или исполнувањето на условот,
- кога правото на побарување обезбедено со залог целосно ќе биде намирено или ќе престане со сите споредни
побарувања,
- ако правното лице кое е заложен доверител престане, а нема свој правен следбеник.
79.1. Причини за престанок на заложното право се:
- губење на владението на заложениот предмет кај нерегистрираниот залог, ако губењето настанало на законит начин;
- исполнување на обврската од страна на заложниот должник (престанување на побарувањето);
- полноважно откажување од средството за обезбедување;
- соединување на заложниот доверител и заложниот должник во едно исто лице;
- пропаѓање на заложениот предмет поради виша сила, освен ако предметот на залог е осигуран;
- продажба на заложениот предмет заради реализација на заложното право;
- престанок на правното лице кое е заложен доверител, а нема свој правен следбеник;
- еднострано раскинување на договорот за залог под услови определени со закон;
- спогодбено раскинување на договорот за залог;
- истекот на определено време, освен кај хипотеката и
- во други случаи предвидени со закон.
***Залогот престанува со бришење од Заложниот регистар, односно јавната книга. Бришење на залогот може да
побара заложниот доверител или заложниот должник.
Заложното право престанува со полноважно откажување на заложниот доверител. Откажувањето е полноважно ако
заложниот доверител дал писмена изјава заверена кај нотар за бришење на залогот од Заложниот регистар, односно
од јавната книга. Ако страната на заложниот доверител е составена од повеќе лица, откажувањето од заложното право
е полноважно ако со него се согласиле сите лица. Ако постојат повеќе заложни доверители, секој од нив може да се
откаже од своето заложно право кое во тој случај престанува за него, но во однос на другите доверители останува
непроменето.
Заложното право кое е ограничено со рок или со раскинлив услов престанува по истекот на рокот или исполнувањето
на условот.
Правото на залог престанува кога правото на побарување обезбедено со залог целосно ќе биде намирено или ќе
престане со сите споредни побарувања (камата, трошоци и слично.) и кога ќе биде избришано од Заложниот регистар,
односно од јавната книга. Додека правото на залог не биде избришано, сопственикот на предметот на залогот може
врз основа на писмено прибавено признание од заложниот доверител или друг вид исправа со која се докажува
престанокот на побарувањето обезбедено со залогот, предметот на залогот да го пренесе на новото побарување кое е
еднакво или помало со претходното побарување. Ако постои постар залог врз определен предмет, новиот залог кој е
запишан на негово место во првенството на редот на намирувањето ќе има свое правно дејство само под услов стариот
залог да се избрише или со согласност на содоговарачите да се пренесе на новиот залог. Ако постариот залог се
однесува на повеќе предмети како заеднички (симултани), новиот залог добива правно значење единствено под услов
стариот залог да се избрише од сите предмети кои ги оптоварува.
Заложното право престанува со престанување на правното лице. Заложното право престанува ако правното лице кое е
заложен доверител престане, а нема свој правен следбеник. Заложното право престанува и со чинот на реализирањето
на побарувањето на заложниот доверител од предметот на залог.
79.2.Реализација на залогот- Кога врз еден ист предмет се засновани залози на повеќе заложни доверители, редот по
кој ќе се намируваат нивните побарувања од вредноста на предметот се определува според датумот на запишувањето
во Заложниот регистар, односно јавната книга, а доколку датумот на засновањето е ист, тогаш редот по кој ќе се
намируваат нивните побарувања се определува според часот на приемот на барањето за запишување во Заложниот
регистар. односно јавната книга. Ако во договорот за залог договорните страни не избрале еден од комерцијалните
начини на продажба на залогот, ниту избрале овластен субјект што ќе ја изврши реализацијата на залогот, заложниот
доверител во таков случај има право сам да го избере овластениот субјект (нотар, извршител, агенција за продажба на
подвижни предмети и недвижности, брокер преку берза, берза и други субјекти предвидени со овој закон), кој ќе ја
изврши реализацијата на залогот. Реализацијата на залогот, нотарот ја врши според одредбите на Законот за договорен
залог, извршителот според одредбите на Законот за извршната постапка, агенцијата за продажба на подвижни
предмети и недвижности според одредбите на законот со кој се уредува нејзиното основање и вршење на дејноста, а
другите субјекти согласно со закон според кој се овластени да ја вршат дејноста. За започнување на реализација на
залогот на кој било начин и од кој било субјект, потребно е да се исполнат два услови и тоа: должникот да задоцнил со
исполнувањето на својата обврска во однос на доверителот и договорот за залог да има својство на извршна исправа.

XIII.РЕАЛЕН ТОВАР
80.Поим за реален товар
Реалниот товар е стварно право на туѓа недвижност што на титуларот му дава право на определени, по правило,
периодични дејствија (косење, орање), давање во натура или пари, поради што реалниот товар не може да се третира
како некоја службеност. Правниот институт на реален товар потекнува од средновековното феудално право. Наместо
неслободните лица да работат на недвижноста на господарот, ним им биле давани недвижности со реални товари кои
се состоеле во определено чинење или давање (косење или орање, или давање на десетина од родот секоја година) во
корист на господарот. Овој реален товар бил од стварно-правна природа, па делувал, спрема секого кој би ја стекнал
недвижноста во сопственост. Од почетокот овие товари биле на земјиштата, но подоцна се развиле на сите
недвижности. Во нашето право реалниот товар е определен со Законот за сопственост и други стварни права
дефинирајќи го дека - Реалните товари се определени давања и чинења што во корист на определена недвижност или
лице треба сукцесивно да ги врши постоечкиот сопственик на определена недвижност (оптоварена недвижност) на
товар на таа недвижност (член 236). Товарот кој ја оптоварува недвижноста е со стварно-правен карактер, па ја следи
недвижноста која ја оптоварува, дејствувајќи апсолутно спрема секого (erga omnes). Стои обврската на актуелниот
сопственик на оптоварената недвижност на носителот на правото на реален товар (корисникот на реалниот товар) да ја
исполнува содржината на товарот (давање или чинење) за што одговара со вредноста на недвижноста. Со
преминување на сопственоста на оптоварената недвижност, воедно преминува и обврската на новиот сопственик.
Товарот ја намалува правната власт на нејзиниот сопственик – сопствениците можат да се менуваат, но додека постои
реален товар на недвижноста, дотогаш корсникот на тој товар ќе има право од реалниот товар кој ќе го овластува на
товар на оптоварената недвижност повторно нешто да му се дава или чини, како и дека за тоа одговара со вредноста на
недвижноста. Од определена недвижност само дел може да биде оптоварена со реален товар само ако товарот е
заснован на дел од недвижноста во сосопственост, која му припаѓа на еден од сосопствениците, ако сосопствениците
имаат идеални делови. Тоа значи дека и само идеален дел на еден сосопствениците може да биде оптоварен со
реален товар.
81.Содржината на правото на реален товар
Содржината на правото на реален товар се престациите, односно определени давања (dare) или чинења (facere).
Престацијата давање, во зависност од природата на својот објект, се состои во парично или натурално давање, односно
давање во пари или во ствари. Паричното давање има за свој објект определен износ на пари кои се даваат во еднакви
временски растојанија (месечно, годишно) во кои случаи се нарекува рента. Целта на рентата, по правило, е
обезбедено издржување на определено лице доживотно или на определено време. Висината на рентата треба да биде
во согласност со вредноста на недвижноста. Натуралните давања се состојат во давања определено количество на
плодови, производи. Таа количина може да биде определена аликвотно, на пример 1/3 или 1/2 од родот, или
нормално, на пример 200 кгр. жито или три кубни метри дрво. Престацијата на натуралните давања не мора да биде
определена, доволно е да биде определлива, на пример: плодови во количество потребни за издржување на
определено лице. Содржината на чинењето, може да биде, на пример, во нега на определено лице, обработка на
земја, погреб и слично. и треба да има парична вредност, а не мора да биде врзана со оптоварената недвижност, ниту
да и служи на таа недвижност. Една од најважните карактеристики на правото на реален товар се периодичните
чинења, што подразбира нивно повторување во времето. Обично се повторуваат во правилни временски растојанија,
но може да бидат и поинаку временски утврдени, на пример, давање нега за време на болест. Само по исклучок
престацијата може да биде еднократна, но редовно со некоја главна престација, на пример, погреб со престација
издржување. Таква престација е споредна содржина на правото на реален товар. Следна карактеристика на реалниот
товар е во стварно-правната и личната одговорност на секој сопственик на оптоварената недвижност за исполнување
на обврските за втасаните одделни престации. Поединечните обврски за давање и чинење застаруваат за три годни од
својата доспеаност. Наместо втасаната, а неисполнета обврска на одделната престација, корисникот на товарот може
да бара нејзина парична противвредност. Наместо сопственикот на недвижноста, лично одговара за одделни
престации на давање или чинење владетелот или плодоуживателот на оптоварената недвижност. За оваа одговорност
соодветно се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи за исполнување на втасаните поединечни
побарувања меѓу одделни странки. Важно е да се напомене дека правото на реален товар не е преносливо само за
себе, туку заедно со оптоварената недвижност. Тоа е недвоиво од недвижноста која ја оптоварува. Поради тоа, штом по
било кој основ лицето се стекне со сопственост на оптоварената недвижност, автоматски се стекнало со со оптоварен
реален товар. Исто така, правото на реален товар е непреносливо и ненаследиво. Закон за сопственост и други стварни
права предвидува заштита и престанок на реалните товари. Во однос на овие институти аналогно се применуваат
одредбите за заштита и престанок на стварните права предвидени во овој закон. Реалните товари се прибележуваат во
јавна книга за запишување на правата на недвижност.

You might also like