You are on page 1of 7

ПРСТЕН1

Иако подигна најраскошни сараи и доведе најубави жени за харемот, ловот


на срни му остана и понатаму на Авзи паша најголема негова страст. На целото
охридско-преспанско подрачје, што го владееше, никој освен него не смееше да
убие срна. Наредбата беше строга. Со главата се плаќаше секоја непослушност. И
Рисјани и Турци го знаеја тоа и се плашеа, дури и да сретнат таква дивеч, а камо
ли да кренат пушка на неа. Но сепак, ако му се случеше на некого да му претрча
срна пред очите, тој добро гледаше каде бега таа, и брзаше во Охрид, да му јави на
пашата. Овој богато го наградуваше и во истиот миг, оставаше жени, харем,
пријатели, работа, оставаше сѐ – се фрлаше на коњот и придружен од гавазите и
булукот ’ртки јуреше на означеното место.

– Ретки се луѓето, што можат слободно да им дадат крилја на своите


страсти... Зависливо им говореше стариот евнух на жените од харемот, кои силно
негодуваа, кога ги напушташе пашата, дури и во најсладосните харемски часови.
А кога ќе го замолеа тие да им каже, дали ќе изгасне некогаш страста по срните во
срцето на пашата, – евнухот сожаливо ги гледаше и мудро им велеше: „Иако е
човечкото срце затворено со густ, непроѕирлив превез, – ништо во него не
останува вечно. Ветерот на случајот може секој миг да дувне таму да ги угаси и
одвее старите страсти и истиот миг да запали нови“.

Но дали ќе дувне таков ветер и во срцето на пашата? Со болка се прашаа


жените од неговиот харем.

... Од сите околни шуми преспанската беше најбогата со срни. А една


година благата клима ја направи уште побогата. Пашата тогај дваесет дена не си
го испи кафето под охридскиот чикар, ниту со пријател се собра на разговор, ниту
жена погали во харемот, ниту в џамија влезе, ниту пак хазна отвори до слага нов
намет... 3а сето тоа време, од утро до вечер, неговиот поглед го радуваа најмили
глетки. Ако ’ртките повеќе се оддалечеа и ако се забавеа – тогај гавазите трчаа на
прсти и му соопштуваа дека виделе срна на некоја блиска рудина или крај некој
извор во гората. Пашата не знаеше што му е помило – дали кога ги гледаше
срните, како безгрижно си пасат или кога претрчуваа, како стрели, подгонети од
’ртките или пак кога го правеа последниот скок, по истрелот, и пискаа како мали
деца. Сѐ го возбудуваше... И ништо не можеше да го натера сега, да го прекрати
ловот. Колку повеќе срни му излегуваа пред пушката, толку подиво ги гонеше тој
гавазите и ’ртките, да трчаат наоколу. Силно распалената страст во неговата душа,
бараше и силна храна – бараше уште повеќе срни!... Но точно на дваесеттиот ден,
кога ловот го достасуваше својот врв и кога пашата мислеше дека никогаш нема
да сврши – изненадено тој го прекрати, се откажа од срните...
1
За потребе студентске анализе у оквиру вежби и испита на курсу из Македонског језика,
преписано из хрестоматије Жарка Бошњаковића: Македонски језик: читанка, речник, граматика,
Филозофски факултет, Институт за јужнословенске језике, Нови Сад, 1986, 28-36.
Беше приквечерина. Еден од гавазите влезе во лагот, крај езерото, каде
најмногу слегуваа срните. И само што ѕирна низ гранките, тој веднаш ја крена
раката и му даде знак на пашата. Овој срипа од местото и се стрчна... Гавазот ја
крена и другата рака и почна да прави некакви чудни движења... Што ли виде тој
во лагот? Но пашата немаше време да праша – само го турна и ја подаде напред
пушката. Со краен напор, гавазот се исправи и го фати за цевката.

„Мм... мм...“ из’рмже налутено пашата и ги разгрна гранките... Остана


замаен. Тоа што го виде на лединката, сред девствениот лаг, му ги поткоси нозете,
му го запре здивот во градите, целиот го зашемети... Пашата мина со раката по
челото, силно ги стегна клепките на очите. Дали сонува или сето ова, пред него,
му се привиѓа поради долгата отсутност од убавиот харем или поради преголема
измореност? Но не... кога ја спушти пак раката и ги отвори очите, погледот
повторно му го засени млада, убава мома, која играше омаен танец на лединката
на неколку чекори од него...

Занесена во танецот, момата ништо не забележа. Не виде дека ја голтаат


избезумени од страст погледи. Продолжуваше да танцува. При секое нејзино
движење, отпуштените долги, руси коси ѝ се поткреваа и ѝ ги покажуваа
мраморните облини на голите рамења и гради. А босите нозе, како да не ја
допираа земјата. Лебдеше таа во воздухот и танцуваше во чудесен занес...
Езерското огледало поруменето и смирено од последните сончеви зраци,
волшебно ја одразуваше, во блискиот брег, нејзината занесна игра. Момата си ги
гледаше движењата во водата и тоа уште повеќе је занесуваше. Секое нејзино
движење одразено во мирната езерска површина, ја поттикнуваше на уште побрза
и пострасна игра...

Пашата избезумено гледаше. Крвта му накипе во жилите. Момата беше


многу убава – но уште поубави беа чувствата, што таа ги лееше низ играта...
Годините имаа оставено длабоки траги во душата на пашата. И тој знаеше дека
срцето не копкее долго по онаа убавина што ја гледаат само очите. Знаеше дека
младата и убава пролет налева вино во душата само со омајните мириси и
страсните трепети на својот немир. Животот го имаше научено дека пламен во
срцето може да запали само пламен од друго срце. А низ играта на момата
лачезареше несретната бујност... Пашата премале. Сладострасен ветер го допре со
крилата неговото срце и го понесе плахо, необуздано...

Момата незапирно кршеше снага во маѓесната игра. Пашата недоумуваше:


страста го гонеше веднаш да се спушти и да ја грабне, а умот го учеше: почекај да
си ја заврши играта. И додека стоеше така нерешителен и збунет – зад него се
разнесе, и уште повеќе го зашемети, избезумен писок на малото овчарче, кое си го
пасеше во близината своето стадо.

– Јанка бегај, бегај, Турци...

2
Момата запре. Бргу ја крена главата и зачудено, како срните пред да одекне
истрелот, ги рашири големите сини очи, погледа во правецот од каде што се чу
извикот и ги стегна со раката растреперените гради. Тоа траеше само миг и
помалу.

После скокна, си ја грабна кошулата, небрежно фрлена на песочето крај


езерото, и се скри во непроодниот густеж на лагот.

„Не бегај“, прошепоти пашата. Тој не се стрчна по неа. Само гавазот стрвно
срипа и ја загони момата... Пашата го крене седефениот мартин. Одекна истрел.
Гавазот се згромоли со лицето кон земјата и не се крена. Во близината пак исписка
овчарчето...

Пашата остана како вкаменет. На ледината немаше повеќе никој, но тој така
занесено гледаше низ гранките, како да стоеја таму бескрајни карвани, што ги
носеа сите богатства на светот. Долго стоеше загледан во лагот... После го крена
позлатениот крив рог, што му висеше на срмена врвца преку рамото, и свирна низ
него – го прекрати ловот, се фрли на коњот и тргна за Охрид низ богатите овошни
градини. Гавазите го последија... Замислен и смолчан, пашата како да бегаше од
местото каде што ја виде убавата мома. Само го гонеше коњот и бргу грабеше
напред. Што ли мислеше? Што ли кроеше?...

Кога го наближи Царевдвор, првото преспанско село, низ кое помина на


враќање од ловот, страшни писоци му ги заглушија ушите.

– Аман, бегот ни ја грабна невестата... Падна пред коњот на пашата


белокоса старица.

Пашата ги набра веѓите. Коњот под него исцвили силно приклештен од


уздата – се исправи на задните нозе. Пак исцвили. Жената не се помрдна од
местото. Со испружени раце кон пашата – таа молеше, заклеваше...

– Фатете го бегот и обесете го на ова дрво...

Им повела пашата на своите гавази и покажа на муренката сред селото.

Гавазите ги збоднаа коњите – диво загонија... Не мина многу време и


споменатиот бег висеше обесен на муренката... Пашата одново им повела на
гавазите, да се растурат на сите страни, да ги соберат преспанските аги и бегови, и
веднаш да ги доведат во Ресен...

Веста за обесениот бег – побргу од птица ја прелета цела Преспа. И пашата


не беше уште ни пристигнат во Ресен, а таму веќе трепереа во смртен страв,
собраните во џамијата аги и бегови...

3
– Разбравте за бегот во Царевдвор. Така ќе мине секој од вас, ако научам
дека од денес на мравка сте згазиле... Толку ... Кратко им рече пашата во џамијата.
И без да се задржува, продолжи за Охрид.

... Преспанци не можеа да се начудат. Никој не знаеше на што се должеше


оваа пашина милост. Овчарчето кое знаеше нешто да им раскаже – таа вечер си
остана да спие во планината. Но пашата не ги остави долго во недоуминие
преспанци. Изутрина, уште пред да изгрее сонцето, испрати тој богати дарови за
Јанка. Такви дарови Преспа уште не видела! Но момата на која ѝ беа испратени –
одби да ги прими. Преспанци истрпнаа во ужас. Сите помислија дека пашините
гавази веднаш ќе ја растргнат со коњите. А по неа, којзнае на кого ќе му дојде
редот... Но ништо не стана – гавазите молчеливо се оддалечија и на другиот ден
пак дојдоа со уште побогати дарови. Јанка пак ги одби.

И тоа се повторуваше повеќе пати...

По секое одбивање – преспанци премираа од страв. Еве, сега, мислеа, тие –


гавазите ќе ги разиграат камшиците и палите, што им висеа по појасите. Но
гавазите наведнуваа глава и мирно се оддалечуваа. Тие како да беа рамнодушни,
што убавата преспанка им го навредува господарот, одбивајќи ги неговите
дарови...

Никој не можеше да поверува. По наредба на пашата, подароците што ги


враќаше Јанка, гавазите им ги оставаа на црквите и манастирите, што со негова
дозвола и поткрепа почнаа да се обновуваат сега по цела Преспа.

... Животот од основа им се измени на преспанци. Агите и беговите, кои


вилнееја овде и им го загорчуваа и правеа неподнослив поминокот – не можејќи
повеќе да живеат без зулуми, ги напуштаа своите кули и се иселуваа во други
краишта. Сѐ им беше сега добро на преспанци – само да не ги мучеше уште
мислата за Јанка... Пашата можеше, ако сака, да ја грабне, да ја убие, сите да ги
убие, цела Преспа да ја спепели. А тој, еве не правеше ништо од сето тоа. И за да
им биде потешко – пашата беше сѐ подобар и подобар.

... Праќаше дарови, помагаше сиромаси, сам подигаше цркви... О, како се


измачуваа клетите преспанци! Полесно би ја поднесле тие маката, да им ги запали
пашата и спепели куќите, отколку да се решат и да смислат што ум да ѝ дадат на
момата...

Јанка не примаше никакви дарови – не сакаше ни да чув за пашата. Повеќе


не танцуваше на песочето, а само седеше на карпата покрај езерото и како некоја
горска самовила ги отпушташе густите руси коси и така – убава, замислена и мила
– го дочекуваше изгревот на сонцето, ги дочекуваше пашините гавази, ги
одбиваше даровите...

– Залудно си го губи пашата времето... Со страв почнаа да говорат луѓето.

4
– Ништо не е залудно. Сѐ има своја граница и цена... Фанатични веруваше
пашата и неуморно ги тераше слугите, да купуваат уште поскапи свили, бисери и
сешто најубаво што имаше по пазарите од Охрид до Солун... Пријателите,
харемот, ловот на срни – сѐ изостави и заборави. Само Јанка му беше во срцето –
само по неа копнееше. И карваните со сѐ побогати и пораскошни дарови,
непрекинато ја искачуваа петринската планина и се спуштаа во благото
преспанско поле...

Силно се копнее по жена која не е крај нас! ...

Но ако копнежот можеше да биде вечен – трпението имаше граница и крај.

Изморен од долгото чекање – пашата најпосле реши, да го направи и


последниот чекор. За да ја измоли љубовта на убавата преспанка, тој не се запре
ни пред гревот. И реши да и го испрати најскапото што му беше оставено од дедо
и прадедо да го чува како аманет. Под една мермерна плоча во сараите се чувал во
златно кофчеџе голем, скапоцен прстен, што се предавал од колено на колено,
како светиња на неговата фамилиа. Пашата за ништо на светот не смеел да го даде
на друг овој прстен. Но кога видел дека со ништо не може да ѝ го покори срцето
на саканата мома – наредил овој прстен да ѝ се однесе. А ако и тоа не помогне?...
Тогај?!

Треперела сонлива ранина кога гавазите стигнале со скапоцениот прстен на


брегот од Преспанското езеро, каде било малото село на убавата мома. Тие уште
не слегнале од коњите кога чуле глас што ги викал. Тоа било овчарчето, што прво
ги видело и весело ги поздравувало. Гавазите го наближиле местото, каде било
овчарчето и не малу се изненадиле, кога ја виделе таму и момата што ја барале.

Седната на еден крајбрежен камен, Јанка замислено гледала во бистрите


езерски води и не го сетила пристигањето на гавазите. Сончевите зраци ѝ се
плетеле во убавите, големи трепки и нежно ѝ се разлевале по разбранетите гради.

Гавазите поблизу ѝ пристапиле. Како и секогаш, тие со почит ѝ се


поклониле. Потоа еден од нив го зел и го отворил кофчеџето... Прстенот маѓесно
блеснал. Момата која толку пати одбила да прими дарови од пашата – сега сама
посегнала по прстенот. Почекала малу како да премислува. Но прстенот маѓесно
се прелевал: од него сјаел невиден по убавина божилак. Тоа ја понело. И таа,
опчинета од маѓесниот сјај на прстенот, бргу го ставила на раката... Гавазите не
чекале повеќе. Се фрлиле на коњите и со радосни извици, како ветер полетале
накај Охрид, да му ја однесат радосната вест на пашата дека најпосле, склонила
момата на неговата љубов – го примила подарокот... Но само што одјавале –
момата стреснато се тргнала, ја сфатила својата страшна грешка.

– Ами сега?... Ја опфатила кобна мисла. Знаела дека пашата ќе побрза по


неа... Тој сигурно ќе дојде. А таа...

5
Сонцето го покрил облак. Бистрото утро се заматило. Запрела во лагот
свирката на овчарчето. Јанка заплакала...

Во далечината се чул конски топот. Низ набујаните од плод и зеленило


овошни градини, се задала бесна ала со широко размавтана сина антерија. Јанка
погледнала и крвта ѝ замрзнала во жилите.

– Пашата!... Стреснато си рекла таа и погледот ѝ се приковал за карпата


што високо се издигнувала над брегот, малу подалеку од неа. Под оваа карпа се
пенеле грозни витли. Јанка немала друг избор: пашата бил сѐ поблизу и поблизу...
И таа станала, се стрчнала и се искачила на врвот од карпата. Ветерот бурно ѝ ја
развеал косата. Погледот ѝ притемнил. Потоа... Чекор во воздухот и... страшен
крик ја потресол Преспа... Студените пазуви на езерото се отвориле, ја повлекле и
скриле момата...

Пашата не стигнал ни да извика. Како покосен паднал и се згромолил од


коњот. Луѓето што пристигнале после – истите оние што со насмевка забивале
анџари во човечки срца – стукнале уплашени и збунети. Со вкочанети и
избезумени од страв погледи, гледале тие во својот господар, кој лежел на
песочето безживотен и побелен...

Од Галичица закорнил силен ветер. Витлите пострашно се запениле и


зашумеле. Езерото се бранело, шумата зајачила – целата природа се разгневила и
настрвнала. Со смртен страв го кренале гавазите пашата и ги збоднале коњите,
колку што можеле побргу, прогонети од мислата дека пашата го достигнало
проклетството на неговите предци што дрзнал да посегне по скапоцениот прстен...
Кога заслегувале по велгошкиот пат – цел Охрид излегол на улиците и мегданите.
Сите сакале да ја видат убавата Преспанка... Но оттаму не допрел истрел, ни се
чула песна... Гавазите јавале тихо, со наведнати глави. Така влегле и поминале низ
градот...

Изнемоштен и очаен пашата се затворил во своите сараи и цели години не


излегол оттаму. Достоинството не му позволувало да ја покажува пред другите
својата мака... Таму – тивко си линеел и... мислел на убавата преспанка... О, да
можеше да види, само уште еднаш, макар блед отсјај од онаа незаборавна игра,
што далечниот залез ја одрази во водите на Преспанското езеро – блажен ќе беше
за навек да склопи очи... Телото сосема му клонеше. Но копнежот по
незаборавниот лик на убавата мома, со некаква скриена сила му ги движеше уште
нозете.

... Иако згрофнат, пашата почнал по време, во тивките, топли вечери, кога
сонцето наливало злато во охридските води, да излегува од сараите и да се спушта
по стрмите камени скали до езерскиот брег. Наметнат со долгата, сина како водите
на езерото антерија, застанувал на најдолното стапало и взирал уморен поглед во
водената површина – сѐ додека по неа играле сончевите зраци... Сѐ се надевал дека

6
ќе му затрепери таму ликот на момата, дека ќе му ја вратат водите убавата
преспанка... Но деновите си врвеле, а во водите ништо не трепнувало што можело
да му ја смири маката... И еден ден пашата сетил како му се одронува и
последниот лист од тажното дрво на неговиот живот...

„Крај“, се стреснал тој. Пак погледнал во езерото. И кога пак не видел


ништо – усните му затрепериле. „Прстенот...“ Но не било тоа страв од
проклетството на предците: со последниот свој здив пашата верувал дека алах
нема да го казни никого што згрешил поради љубов! А има ли посилна љубов од
неговата спрема убавата преспанка на која ѝ го подари најскапото! Со последни
сили пашата шепотел: „Прстенот, прстенот...“

Слава на алахот што ги простува гревовите направени поради љубов!

Прстенот бил најден под Галичица, каде што тече водата во вид на
безбројни извори од Преспанското Езеро и каде што охридските жени ги белат
своите платна. Во еден од овие извори, во оној миг кога пашата го обзело
најголемо очајание, засјаила необична светлина. Жените занемеле од чудо! –
Прстенот!... Извикале. Бргу го зеле и се стрчнале накај дворецот...

Кога прстенот засјаил повторно во раката од пашата, езерото тивко


зашумолило. Во неговите благи бранчиња, како во проѕирна нишалка, се појавила
момата. Лесно се занишала, се насмевнала и исчезнала. Тогаш очите на пашата
спокојно се склопиле. Раката безживотно му се отпуштила – прстенот се слукал и
паднал во водата. Бранчињата се смириле. Езерото запрело да шумоли.

Сѐ се смирило.

Иван Точко

You might also like