You are on page 1of 1

Светлина

Спектарот на електромагнетно зрачење кое достигнува до Земјината површина се одредува


од апсорптивните својства на атмосферата. Биолошки најважен спектрален опсег е оној од
300 до 800 nm, кој го вклучува видливото, ултравиолетовото и инфрацрвеното зрачење.
Видливата светлина дава енергија за одвивањето на животот кај повеќето животни форми.
Светлината која се апсорбира од страна на пигментните молекули
(како хлорофили, каротеноиди и фикобилини) се претвора во хемиска енергија по пат
на фотосинтеза. Достапноста на светлината е особено важна за распространувањето на
зелените растенија. Фотосинтетските организми можат да опстојат на широк опсег на
интензитет на светлината. Целосната сончева светлина во тропските региони изнесува околу
2000 μmol на фотони · m−2 · s−1. Фотосинтетските организми преживеале на места каде
светлината е ниска и до 0.005% од претходната вредност.
Освен како извор на енергија, светлината е важна и при добивањето на информации од
околината за организмот. Човечкото око, на пример, е способно да одговори на бранови
должини на светлината помеѓу 400 и 700 nm (ова е опсегот на гледање за човекот). Во
рамките на овој опсег, чувствителноста е најголема во зелениот дел од сончевиот спектар.
Ова е делот од спектарот во кој растенијата апсорбираат најмалку светлина, така што е
главен дел од спектарот кој ќе се рефлектира назад во атмосферата.
Привремените варијации во светлината се исто така важна нервна дразба. Сите животни
форми, од бактерии па сѐ до човекот, се способни да ги детектираат и одговорат на дневните
светлосни флуктуации. Таквиот одговор може директно да биде контролиран од присуството
или отсуството на светлина (диурнални ритми) или, пак, може да продолжи дури и кога
светлосната варијација ќе исчезне (циркадијални или околу-24-часовни ритми). При вториот
случај, регулацијата е преку внатрешен молекуларен часовник, кој е способен да го предвиди
дневниот циклус. Такви циркадијални часовници се ресетираат од светлината секој ден.
Процесите кои се контролирани од циркадијалните часовници варираат од молекуларни
промени (генска експресија) до промени во однесувањето (на пример, спиењето кај животните
или движењата на листовите кај растенијата).
Ултравиолетовото зрачење има способност да ги раскине хемиските врски и на тој начин да
ги уништи протеините, липидите и нуклеинските киселини. Оштетувањето на ДНК може да
доведе до генетски мутации. Озонската обвивка во стратосферата е одговорна за
апсорбирање на поголемиот дел од ултравиолетовата светлина која стигнува до
надворешната атмосфера. Затоа, со оштетувањето на озонот со разните загадувачи (во прв
ред фреоните), многу поголем дел на UV зрачење достигнува до Земјината површина.

You might also like