You are on page 1of 1

Песни со рима

Везилка:
Везилке, кажи како да се роди
Проста и строга македонска песна
Од ова срце што со себе води
Разговор ноќен во тревога бесна?

— Два конца парај од срцето, драги,


Едниот црн е, а другиот црвен,
Едниот буди морничави таги,
Другиот копнеж и светол и стрвен.

Па со нив вези еднолична низа,


Песна од копнеж и песна од мака,
Ко јас што везам на ленена риза
Ракав за бела невестинска рака.

Судбинско нешто се плело за века


Од двете нишки, два созвучни збора,
Едната буди темница што трека,
Другата буди вкрвавена зора.

Блаже Конески

Девственици
Ни збор за глуждот што подмолно боли
Сте минале, од љубов гладни, саме.
И една смртта ве запозна голи,
аскети преки - Гоце, Пере, Даме.

Ни еднаш рака на вашето раме


не се допре, што сакала да гушка,
а само сенка бесплотна од знаме
и само колан од студена пушка.

И само на сон сте земале прочка -


забрзани - до оној заден екот,
до оној куршум, в срце, како точка.

Не истина на сонот жедост врена,


не сетивте да стане дребен векот -
ни колку може да навреди жена.

Блаже Конески

You might also like