You are on page 1of 3

Широката слика на употребата на дроги

Употребата на дроги е сериозен проблем со кој се соочува корисникот, семејството


и заедницата. Дали тоа е препознато? И да и не. Стои општиот заклучок дека
проблемот е сериозен и со тоа сите ќе се сложат, но баш затоа и поплукуваат да си
немаат работа со него, “скраја да е”. Се препознава дека проблемот постои, но некаде
таму, неодредено, тој е туѓ, не наш, не мој. Тоа е проблем на зависникот, кој ”сам си
е крив”, “слабак”, “глупав”, “нема карактер”, “лош”, и уште кои ли не зборови се
употребуваат за да се опише подетално колку тој е самиот виновен и колку е
различен од другите. И навистина, зависникот сам го носи крстот на плеќи и товарот
го чувствува секој ден. Тој живее со агонијата на апстиненцијалната криза, со
стравот да не остане без супстанцата без која буквално не може да функционира, го
вртат коските, има бодежи во мускулите, повраќа, има пролив, висок притисок,
напнат е, има рани по телото кои не заздравуваат, но и на душата бидејќи сите
кренале раце од него. Честопати и семејството се откажало од него, а и тој има грижа
на совест, чувствува вина и срам што тргнал по тој пат, но нема назад. Не спие ноќта
пред да дојде да подигне терапија, што од “психа”, што од тоа што му е мака пак да
се соочи со “институцијата“ и се што таа претставува за него, што од тоа што и тој
самиот не го прифаќа своето лекување и чувствува дека е вишок на овој свет, дека
никому не му е гајле дали утре ќе се разбуди. Внатрешната борба е постојана и
жестока. Неприфаќањето на себе си и искривоколчената слика за себе се нем сведок
на желбата да се промени, на стравот од променатата, на срамот, на сомнежот во
успехот, на снагите, на слабостите, на траумите од детството, на бунтот, на
преживувањето. “Кој му е крив?”, ќе рече некој! Зависникот сам ли си е крив што е
болен!? Зависноста од супстанции е болест на мозокот! Ако тргнеме да го цртаме
семејното стебло ќе најдеме честопати, алкохолизам, со генерации наназад, коцкање,
дрога, ќе најдеме необични, просто филмски приказни за свирепост, траума или
занемарување, за семејства оптеретени со психички и социјални проблеми.
Присуството на траума во развојниот период, особено во раното детество е особено
високо кај зависниците од дроги. Ако тоа не е доволно да се разбере потребата од
бегство од реалноста или “лекување” на психичката болка или ментална болест со
супстанца која има волшебна моќ, да направи се да стане неважно и фантастично,
тогаш да видиме што вели науката. Современата медицина базирана на докази, вели
дека болестите на зависност имаат јасна генетска предиспозиција, до степен што,
генетиката е одговорна за тоа дали и колку брзо ќе се развие зависност кон одредена
дрога, дали ќе даде добар одговор во лекувањето со метадон или бупренорфин, која
доза метадон ќе му биде потребна, од колкава доза може да се предозира... Можеби
имало пониско ниво на ендорфини во аптеката на мозокот, што од генетика, што од
животно искуство, па таа потреба била надополнета со земање на хероин! Па дури и
генетиката да била совршена и семејството да било совршено, откако ќе се создаде
зависност кон одредена дрога, таа го менува мозокот физички! Значи кога има
зависност, секогаш станува збор за болест, кои и да биле причините за тргнувањето
по тој пат! Но, и покрај свесноста за штетноста, не може да престане да ја зема. Ќе
осиромаши до гола кожа, се ќе продаде, прво златото од дома, па електричните
уреди, па и мебелот, а на крај и своите алишта ќе си ги продаде, за да купи дрога. Но,
ќе го продаде и своето тело, ќе ги напушти или запостави децата...Ќе нема пари за
храна, нема да јаде со денови, но без дрога нема да се остави. Цел свет ќе го преврти
за да дoјде до пари, ако треба ќе краде, ако треба ќе тепа, но ќе се снајде, тоа е борба
за преживување. Силната желба да се земе дрога или копнежот е интензивен до
степен на принуда и води до слаба контрола на однесувањето врзано за употребата
на дрогата, бидејќи сето битие е под негова команда, да се задоволи копнежот мора,
се друго е неважно.
Генетската оптовареност е стартната позиција од која поаѓа, по патот поплочен со
траума, чувство на беспомошност и загрозeност, бега од односот со луѓето и бара
спас во односот со предмет, со дрогата која ќе му стане верен сопатник. Зависникот
станува жртва на нарко криминалот! Тој е жртва на неможноста на општството да се
избори со деструктивните текови кои се одвиваат во него. И ќе рече некој, “ајдее, не
само што не е крив, па и жртва бил, што не земам јас дрога, никој на сила не му ја
дал” и тоа не враќа повторно на почеток, да објаснуваме како дошло до тоа идниот
зависникот “да ја намириса дрогата”, да стане зависен од неа, зошто знаете и не секој
што пробал дрога, станал зависен. Откако зависноста ќе се инсталира, започнува
маѓепсан круг... На почетокот има океанско чувство на задоволство предизивикано
од земањето на сусптанца, но тоа има краток рок на траење, а по истекување на
времето на дејството, фантазијата, се претвора во кошмар, кој е побрутален од
реалноста од која се обидувал да побегне, зошто таа не се променила, а дополнително
е отежнета од кризата, од потребата за наоѓање на средства за дрога, за снабдување,
за земање, за криење од блиските и по кратко време уживање повеќе нема, само
борба за ублажување на агонијата. Толеранцијата расте, расте потребата од дрога,
растат и проблемите. Така почнува да инјектира, се изложува на дополнителни
ризици од инфекции кои се пренесуваат по крвен пат, зошто кога ќе се јави копнеж,
ретко кој гледа како ќе се „удри“, па зема употребен прибор од братот/сестрата по
мака и за миг, штама,... се е добро. Години минуваат додека не побара помош, или
додека не го дознаат дома, па додека престанат да негираат дека имаат проблем, се
се случува, безброј пати ќе се обидат сами да го излекуваат и да го тргнат од дрога,
кој како знае, се снаоѓа, често и свирепо, зошто пред се е срамот, што ќе кажат
роднините, комшиите, самообвинувањето, неприфаќањето, и кога да се свртиш
поминале 10 год. и тогаш за првпат ќе се обратат кај лекар за третман на зависноста.
Тогаш станува и “проблем” на лекарот и на здравствениот систем. Невидливиот
полека станува видлив...
За тие украдени мигови мир веќе плаќа скапа цена, телото почнува да пропаѓа, се
отвораат рани, најчесто по нозете, рани кои со години не заздравуваат, па хепатит,
не дај Боже и цироза, и рани, отоци, пеплосана боја на кожата. За тоа време веќе
минал и затвор, повеќепати можеби, не ретко и самиот има искуство со
препродавање на дрога, зошто така му е достапна, на продавање на своето тело,
зошто нема што друго веќе да даде, има општа недоверба кон луѓето, зошто е
искористуван и искористува за да дојде до дрога.

И како е тоа мој проблем, прашуваш?! Е, и тоа како е. Кога е во криза, од кого краде,
што мислиш? Кого ќе истепа, за да му го скине синџирчето од врат? Мислиш дека
лекувањето е скапо, прашај за непродуктивноста, за социјалната помош, за
затворите, за последиците! Но, оф, најтешкото следи допрва,..., велиш “аман уште
ли”. Дрогата е деветтиот круг на злото и влече, бара нови жртви. Па, еден нелекуван
зависник, создава три нови зависници! Зошто? Прозелитизам или обид да се
придобијат новодојденци во групата, но и да се заштити групата од губење на своите
членови. Тоа се децата од “другата страна”, тоа се “добрите деца”. Сега сфаќаш...
Така се губи границата меѓу “нив и нас”. Помните на почетокот зборував за
поделбата на добрите и лошите - тие таму некаде кои си имаат проблем, но тие
живеат со нас, тие се исто нечии деца, тие се исто од крв и месо, нив исто ги боли и
колку погневни, толку повеќе се ранети, колку “позаглавени”, толку повеќе им треба
помош!
Значи работите не се црно-бели, има многу “кривци”, а зависникот е обележан како
црна овца во семејството, во општеството... и осуден на смртна казна. Стигмата
никому не му е од корист, само го бутка проблемот под тепих, се дури не стане толку
голем што ќе не сопнува и барем еднаш од падот ќе скршиме нос.
Зависникот е “продукт“ кој е лесно да се обвини и отфрли, зошто никој не сака да се
соочи со своите стравови.
Ако ги отвориме срцата, ако не осудуваме и прифатиме, ќе ги видиме тие што
страдаат и ќе можеме да помогнеме, да спречиме почеток на употреба на дрога или
рано да лекуваме. Зависниците имаат право на лекување како и секој друг пациент!
Лекувајќи ги нив, го лекуваме општеството и ги штитиме младите од дроги.

д-р Сања Катушевска-Вангелски


психијатар

You might also like