You are on page 1of 4

Инспирацијата за овој есеј ја добив од викенд работилницата со нашиот

надворешен гешталт тренер, која беше на темата за карактерни стилови. Јас несомнено
се пронајдов во шизоидниот карактерен стил во најголема мера, со подеднакви
примеси на депресивен и опсесивно-компулсивен карактерен стил. Ќе се обидам тука
да ги спојам како теоретски поими и како лични доживувања шизоидниот карактерен
стил и еготизмот.

Би започнала со краток опис на процесот на формирање на карактерот на


личноста како што го објаснува Стивен Џонсон. Процесот е опишан во пет фази:

1. Афирмацијата на Селфот е првобитниот израз на одредена инстинктивна


потреба. Организмот истапува со барање за задоволување на потребата;

2. Негативниот одговор од околината делува блокирачки или фрустрирачки на


незадоволената потреба;

3. Организмичката реакција е природниот одговор на фрустрацијата од


околината – обично тоа е доживувањето и изразување на интензивен негативен афект,
особено бес, ужас и тага поради загуба.

4. Негацијата на Селфот е следната фаза, кога Селфот се свртува против себеси


преку имитација, идентификација и интернализација на негативниот одговор од
надворешната средина. Тука индивидуата си ја блокира потребата за изразување на
основниот инстинктивен импулс, и плус си го блокира инстинктивниот одговор на таа
своја блокада. Оваа идентификација со надворешната средина и дејствување против
себе, и интернализацијата на блокадата на Селф-експресијата е она што ја креира
психопатологијата. Ова е почетокот на длабок внатрешен конфликт кој може да
опстојува и да трае и цел живот - конфликт помеѓу инстинктивни потреби кои не може
да се потиснат, и интернализираната блокада на истите тие потреби. Со овие блокади
всушност се избегнува фрустрацијата што ќе се појави поради незадоволената потреба,
и анксиозноста поради таа фрустрација. Тоа е едно своевидно „откажување“ од себе,
одделување од своите основни организмички, емоционални и физички потреби, и
одделување од било каков надворешен (човечки) фактор кој би можел да придонесе
кон задоволување на истите. Ова е релационален и уникатен процес за секој поединец.

5. Последната фаза е процесот на прилагодување,и тука индивидуата почнува со


обиди на разновидни компромисни начини да го реши оној нерешлив несвесен
конфликт.

Во четвртата фаза всушност се дефинира што тоа индивидуата мора да одбие или
потисне; во петтата фаза се дефинира што тој треба да преувеличи, да компензира, да
си оформи несвесни механизми на одбрана; кои делови од вистинскиот Селф ќе ги
потисне, а кои ќе ги истакне прекумерно за да го оформи својот карактер и да
функционира во светот. Психопатологијата тука се гледа и во потиснувањето и во
компензаторните карактеристики, но и во природните реакции на личноста кон овој

1
тип на селективно и неприродно адаптирање, кое сето тоа е со цел да се избегне
болката додека се одржува контактот.

Во својата книга „Карактерни стилови“ Џонсон дава свој теоретски модел што
ги категоризира и диференцира различните карактерни стилови во склоп на
континуумот на структурален развој, составен од три категории: пореметување на
личноста, карактерна неуроза и карактерен стил. За шизоидниот карактер почетокот на
патогенезата е уште во првиот и најраниот развоен степен, во периодот на
поврзување/приврзување. Доколку не добива уважување и задоволување на основните
потреби од родителите од кои што е потполно зависно, бебето ќе добие чувство на
одбиеност и отфрленост. Но не само тоа, туку и афективниот тон на целокупното
однесување на мајката и таткото може да предизвика такво чувство. Бебето може
многу точно да препознава ладен, дистанциран и неемотивен став од родителите кон
него; тоа добива порака/чувство дека не е сакано. Примарната потреба за безбедност и
сигурност не е остварена, и другите во околината се извор на болка наместо на љубов и
задоволство. Така, тоа се повлекува во себе, сметајќи го светот за небезбеден, суров и
непријателски, кој не овозможува размена на позитивни емоции. Тој основен
механизам на повлекување и затворање во себе, не очекувајќи било какви емоционални
трансакции со надворешноста, ќе го оформат основниот скелет на личноста и ќе бидат
длабоко вкоренети во нејзиното функционирање.

На едноставен начин ќе ги наведам основните карактеристики на шизоидниот


карактерен стил како Џонсон ги опишува, од етиологија до надворешни манифестации:

1. Етиолошки констелации: бидејќи искуството со родителите е одбивачко, остро,


со дистанциран и ладен однос и без емотивна поврзаност, бебето се доживува како
несакано, омразено или беззначајно. Со своите ограничени можности тоа се повлекува,
дисоцира и мигрира внатрешно. Блокирањето на најелементарните и основни
експресии на своето постоење, и повлекувањето на целата енергија од надворешната
реалност, луѓето и животот, доведува до состојба на безживотност и отсеченост. Може
да изгледа и како појава од спектарот на аутистички пореметувања.
2. Симптомска констелација: дефинирачки и неминовни се хронична
анксиозност, избегнувачко однесување, конфликт во врска со социјални контакти,
доверба и поврзување. Можно е сурово и грубо, дури и автодеструктивно однесување
кон себе, неприфаќање и омраза кон себе, недоволно грижа за себе. Често се среќава
дисконектираност на мислите од своите чувства, тие се тотално потиснати во
подлабоките потсвесни слоеви. Неможност или големи потешкотии имаат при
одржување на близок социјален или интимен контакт, како емотивен така и физички.
Меѓутоа, интроспективните шизоидни личности може да бидат во контакт со себе и да
имаат богат внатрешен живот и да ги препознаваат своите процеси, но сепак се
изолираат од контактот со друга личност; или во некои случаи на попуштање на
шизоидните механизми се многу внимателни при поврзување со друга личност.
3. Когнитивен стил: мислите се изолирани од емоциите, когнитивните капацитети
се често многу добро развиени, како и апстрактното мислење. Социјалната

2
интелигенција не е целосно развиена, како и конкретните операции и извршувањето на
практични работи во врска со надворешниот свет.
4. Одбранбени механизми: проекција, негација, интелектуализација,
спиритуализација, повлекување, изолација на афектот, дисоцијација, и состојби на
фуга. Личноста има многу слаба меморија за интерперсонални односи и настани,
конфликти, и за своето детство. Може да има и потешкотии со запомнување и
присеќавање на емоционални искуства, чувство дека нема што да извлече од своите
спомени. При навлегување во психопатолошки процеси се појавуваат и дереализација
и деперсонализација, па дури и симптоми на акутна шизофрена епизода.
5. Скрипт одлуки / патогени верувања: „Јас немам право да постојам. Светот е
опасно место. Јас не сум во ред. Ако попуштам макар и малку, би можела да убијам
некого. Моите потреби ми се одвратни и ми предизвикуваат чувство на одбивност,
осаменост и напуштеност. Вистинските одговори во животот се надвор од овој
свет. Дали другите луѓе се вистински личности? Дали и тие имаат свои мисли,
емоции, идеи...?“
6. Селф-репрезентазија: селфот се доживува како оштетен, дефектен, па дури и
злобен. Личноста размислува за сопственото право на постоење, и својата енергија ја
вложува во интелектуални или духовни работи или професии и се идентификува со
нив; со тоа потсвесно си го одржува шизоидниот баланс. Обично одбираат професии
во кои ќе можат да работат сами, изолирани од другите соработници/колеги.
7. Објектни репрезентации и релации: другите се доживуваат како непријателски,
неприфаќачки, дури и заканувачки, и помоќни од Селфот. Личноста е многу осетлива
на грубост од социјалната средина и често проектира хостилност кон другите, со што и
предизвикува таков фидбек преку механизмот на проективна идентификација.
8. Афективни карактеристики: личноста доживува хронична анксиозност, страв,
понекогаш и терор, под кои се кријат потиснат примитивен и интензивен гнев и бес.
Афектот е изолиран или силно потиснат, бидејќи се нема способност за адекватно
изразување на истиот. Надворешно може да изгледа како ладна, емотивно мртва, како
ништо да не може да допре до неа.

Во склоп на гешталт циклусот на свесност, би рекла дека шизоидниот карактерен


стил најмногу може да се најде на заедничко тло со еготизмот, при што најголем
заеднички содржател би било состојбата на „набљудување на животот отстрана“,
чувството на мртвило и празнина, изолацијата од средината и недостатокот на
задоволство. Низ гешталт-литературата, еготизмот се среќава кај некои автори како
прекин, кај други како модификација на контактот, блокада итн. Кај Перлс, Хеферлин
и Гудман тоа е прекин во финалниот контакт; кај Кларксон е опишан како
прекинување во делот на задоволството, т.е. комплетирањето на гешталтот; наместо
спонтаност и препуштање, контактот е нарушен од сеуште присутната внимателност и
интенционалност. Тука вниманието не дозволува фокусирање кон фигурата, туку кон
доживувањето на сопствените граници и идентитет. Еготизмот може да се опише како
самонабљудување „под лупа“ во моментот кога наместо целосно да е апсорбирана од
искусеното, личноста „излегува надвор од себе“ и се набљудува од страна.

3
Еготизмот е научен и стекнат начин на функционирање на единката, чија првична
функција била да ја заштити од изненадувања и конфузија од надворешната средина,
но со тек на време тоа станал единствен механизам што се користи неселективно и
ригидно, и тогаш кога нема потреба. Разликата е што шизоидното повлекување е
посеопфатно. Личноста се плаши од напуштање – затоа, наместо вистински контакт со
средината, таа сè повеќе контакти ги контролира и ја „превзема“ средината , т.е. самата
себе си станува средина, токму како кај шизоидниот стил. Така се изолира и не постои
опасност да биде напуштена. Во таа изолација личноста доживува голема осаменост,
бидејќи не пропушта ништо од надворешната средина, се наоѓа во некаков вакуум-
простор. Затоа, изворот на директно задоволство во еготизмот/шизоидното
повлекување се наоѓа во самата поделба внатре во себе на контролирач и контролиран
– секое изразување и покорување на намерната контрола е израз на својата моќ и храна
за својот нарцистички аспект. Бидејќи умереноста, самоконтролата и слични особини
се ценети во општествениот живот, еготистичната/шизоидна личност навидум може
добро да се вклопи во идеалот на добро прилагодена, скромна и внимателна особа.

Основниот конфликт и поларитетите кај шизоидниот стил се изолација-


конфлуенција, гладно дете-херој, безживотен робот-животински нагони. Надворешно
покажуваат ладнокрвност и дека се доволни сами на себе, но длабоко во себе ги кријат
желбата за конфлуенција и чувството на инфериорност, како и срамот поради нив.
Својот аутистичен свет таа го исполнува со богати фантазми кои имаат компензаторна
функција, чии содржини можат да бидат стереотипни кај патолошките случаи.

Како препораки за тераписка работа со овие личности Џонсон напоменува да се


оди постепено, прво шизоидниот клиент да научи да изгради врска полна со доверба
кон терапевтот, и полека да ги проширува своите его-граници. Чекор по чекор да се
почнува со работа на емоциите и конфликтите, бидејќи предвременото задлабочување
може да доведе до интензивни реакции кај клиентот, да експлодираат оние гнев и бес
кон себе што ги потиснувал во својата изолација. Некои конкретни гешталт техники
кои може да се применат се:

 Прекинување на внатрешниот дијалог - терапевтот треба да интервенира со


повикување во „овде и сега“; потоа, фокусирање и појачување на фигурата - целта во
работата би била изострување на свесноста на ниво на едноставни телесни сензации, со
вежби со гледање, слушање, техники со движење и концентрација.
 Однос на почитување и емпатија - за да може клиентот да се опушти во
терапискиот однос, потребно е да доживее почитување на нејзините граници и
интегритет, бидејќи токму спротивното искуство во минатото го поддржувало
дефанзивното подигање на границите. Емпатичниот однос на терапевтот,
уважувањето, потврдувањето и заедничкото присуство, овозможуваат потврдување на
личноста и донекаде полесно соочување со сопствената празнина;
 Обновување на довербата на организмичката саморегулација, и многу други
техники чиј избор зависи од индивидуалниот клиент и пристапот на терапевтот.

You might also like