You are on page 1of 2

Климент Охридски е најистакнатиот ученик и следбеник на Кирил и Методиј, продолжувач

на нивното дело. Тој е најголемиот средновековен книжевник што творел на словенски


јазик – основоположник на словенската писменост и култура во Македонија, основач на
првиот словенски универзитет во Охрид и тоа во време кога во ретко друг европски
центар можело да се сретне училиште од таков ранг. Со својата активност и со своето
дело на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само
за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.
Изворите не даваат податоци за потеклото, местото и годината на неговото раѓање.
Според Житието на Климент од охридскиот архиепископ Теофилакт (врз основа на
постаро словенско житие), се вели дека св. Климент го придружувал својот учител св.
Методија уште од неговата рана младост.
Дружењето со него, а подоцна и со св. Кирил, му овозможило да се здобие со извонредно
образование, поради што бил земен и во познатата Моравска мисија (863–885) и се
здобил и со извонредно пастирско и мисионерско искуство.
По смртта на св. Методиј во 885 г. и прогонот на неговите ученици, св. Климент, заедно со
св. Наум и Ангелариј, преку Белград стигнале во Плиска. Оттаму дошол за учител во
Македонија, во областа Кутмичевица.
Во седумгодишната учителска дејност ги положил темелите на македонската и на
словенската писменост на т.н. Охридски книжевен центар. Климрнт собрал во Охрид
околу 3500 ученици о ги оспособил како добри учители и свештеници, кои во Македонија
ја изведувале наставата по учулиштата и богослужбата по црквите на словенски јазик. Во
науката и историјата неговото училиште се смета за прв словенски универзитет.
Охридската книжевна школа била силен културен и црковен центар, се јавува како
покровител и поттикнувач на голем број црковно-културни и општествени процеси –
основање цркви, манастири, скрипториуми.
Во 893 г. станал прв епископ на Дремвица или Велика, проповедал и богослужел на
словенски јазик. Како епископ развил уште позасилена пастирска, просветителска,
црковно-организаторска и литературна дејност.
Св Климент изградил неколку цркви и манастири, кои станале центри на словенската
култура, како и училишта. Тој го подучувал месното население и во унапредувањето на
земјоделството, особено во припитомувањето на дивите овошки.
Сепак најважна била Климентовата книжевна дејност. Нему му се припишува авторство
на обемен корпус од текстови во функција на богослужбата како проповеди, слова, химни,
хагиографска литература. Климент го афирмира словенскиот писмен јазик во повеќе
жанрови, што е за восхит, ако се има предвид дека тој творел во почетниот период на
една писменост. Тој се смета за автор или, најмалку, коавтор на житијата на неговите
Учители св. Кирил и Методиј.
Измачен од тешките искушенија што го придружувале во текот на целиот живот, истоштен
од долгогодишната напорна и предана работа врз создавањето, одбраната и
афирмацијата на словенската писменост, Климент умрел во Охрид во 916 година, во
манастирот Св. Пантелејмон што го изградил тој, во кој ги поминал последните години од
својот живот.
Со оглед на тоа што за време на животот св. Климент својот именден го празнувал на
денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на Светиот
свештеномаченик Климент папа Римски односно на 25 ноември според стариот( или 8
декември според новиот) календар, Светата црква главниот празник поврзан со неговото
име го поместила на денот на неговиот именден, а на денот на неговото упокоение (27
јули/9 август)

Свети Климент уште за време на животот бил многу популарен меѓу народот, а по
неговата смрт неговиот култ уште повеќе се раширил. Се создале многу преданија во кои
се среќава неговиот лик. Едни од нив содржат биографски податоци за светителот, други
содржат мотиви со исцелителска содржина и раскажуваат за неговата моќ да лекува со
допир, со лековити води или со лековити билки. Извесен број преданија зборуваат и за
неговата просветителска дејност, за тоа како го описменувал населението, како го
почувал да ја обработува земјата, да одгледува овошни дрвја и како да гради поубави
куќи да живеење. И поголем број топоними (камења, стапалки, дрвја и сл.) во охридскиот
крај се поврзани со неговото име.
Свети Климент Охридски е заштитник на градот Охрид и целиот охридски крај.
Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот и околината ќе се надвиснела
некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а
народот од страдање.
Најголемиот дел од моштите на св. Климент се чува во Македонија, во Плаошник, а покрај
нив, во Македонија има мошти на св. Климент во Бигорскиот манастир, во Митрополијата
во Битола, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ – Скопје, во црквата „Св.
Климент Охридски“ – Скопје и во Поречкиот манастир. Во 1970-тите, една честичка од
моштите била однесена и во Рим. Во црквата на Светите Седмочисленици во Софија
(Бугарија), има дел од моштите со големина на нокот, а во црквата „Св. Кирил и Методиј“
во Пловдив има честица од моштите кои се подарок од МПЦ-ОА во 2008 година.
Неговиот череп се чува во манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Бер (Верија), во Егејска
Македонија, каде св. Климент Охридски станал монах. Черепот го зеле двајца монаси за
време на пренесувањето на моштите на светецот од охридската црква Св. Пантелејмон,
која Турците ја претвориле во џамија.
Во чест на светецот, во Македонија и Бугарија многу училишта, улици и државни
институции го носат неговото име. Најголемата црква во Скопје (соборниот храм) го носи
името на свети Климент, како и националната и универзитетска библиотека,
богословскиот факултет, универзитетот во Битола.

You might also like