You are on page 1of 2

Итака

Морам да тргнам кон Итака,


за неколку мига или за половина вечност;
Ете, да го испијам кафето само,
да ги пронајдам чевлите кои го паметат патот,
да роди уште еднаш пресушениот лимон,
да искочат првите заби на неродено дете.
Да ми ги врати прокоцканите пари мртвиот сосед,
ако не тој, барем неговата одамна исчезната баба.
Ќе земам чадор, супа и волнени чорапи,
ќе купам робови да ги влечат моите мисли,
ќе најдам слуги што ќе се обраќаат со ,,господине‘’

на моето сакато куче.


Ќе ја разбудам мојата маќеа да измеси пита,
а мојата мајка да фрли вода за среќен пат.
Ќе ги бакнам и двете на чело за збогум,
морам...една е мајка !

Вечно на ум ја имам Итака,


еден старец – талкач ми ја всади во умот.
Тоа е остров на верните жени,
ќе ја одберам онаа која најдолго ме чека.
Ако некој пристигне пред мене,
ве молам, кажете: ќе дојдe за миг.
Ако е тажна понудете бакнеж,
но ве предупредувам подлеци, само на образ!
Нека се облече во сино како претходниот пат,
жената што никогаш не сум ја видел.
Поклонете дрвена пушка на нејзината ќерка,
на синот шал, а за сопругот јаже.
И заедно да си живееме среќни,
до следниот потоп или до следниот вторник.

Многу е лесно да се стигне до целта,


од секогаш патот до таму е проблем.
Ако стопираш и чекаш некого кон Итака,
ти посакувам патот да ти биде долг.
Во ранецот стави јаболки ( добри се за здивот)
,, Собрани песни ‘’ од Кавафи и
апчиња против повраќање и враќање.
Од гневниот Посејдон не плаши се,
него би го удавил во плунка,
а со моливот би ослепил Киклоп.
Дур трепнеш ќе бидеш во Итака,
ако десет години трепкаш без престан.
Почекај уште неколку века,
и некој најди си за по пат, макар за поевтино такси.

Пред да заминам засекогаш во Итака,


пријатели, душмани и вие меѓу,
кажете ако сте слушнале нешто за неа!
Страв ми е дека ќе сум заминат кога таа ќе се врати,
а јас ќе сум далеку од мојот ковчег од абонос.

You might also like