You are on page 1of 47

Мандрагола

Николо Макијавели

МАНДРАГОЛА

1
Мандрагола

ЛИЦА:
КАЛИМАКО
СИРО
ГОСПОДИН НИЧА
ЛИГУРИО
СОСТРАТА
ФРА ТИМОТЕО
НЕКОЈА ЖЕНА
ЛУКРЕЦИЈА

2
Мандрагола

ПЕСНА
Да се каже пред комедијата, заеднички испеана од пастири и од нимфи.
Оти животот е краток,
а страдањата плипот,
што човек ги живее низ мака и липот
и покрај волјата наша,
годините си врват така,
па тој кој од задоволство се лиши,
и живее во страв и мака
не ја познава, о измамничката рака
на светот, кој со болка
и разни необични случки
речиси сите смртници ги колка.
За да ја избегнеме оваа јадост
самотен живот сме избрале,
па постојано во ведрина и радост
ние, Нимфите млади сме играле.
Сега тука сме се збрале
со танцот наш во хармонија
сал чест да му укажеме
на празников за сета младина.
Освен тоа, овде нас нè собра
и името на овој владетел мек,
во кого сите добра
се збрале, очигледно и за навек.
За оваа милост лека,
за ваквото изобилие,
треба да сте среќни, уживајте
и нему упатете му благодарение.

3
Мандрагола

ПРОЛОГ
Господ да ве чуе, слушатели мои,
оти оваа добрина, се чини,
сал нам задоволство ни дава.
Но бидете и натаму тивки и свои,
оти сакаме да чуете вистини
за една случка нова на земјава.
Погледнете кон сценава
што ќе ви прикаже секвенца.
Ова е вашата Фиренца,
а другпат ќе биде Рим или Пиза,
но секако, смејте се, оставете пизма.
Оваа врата од десната страна,
тоа е куќата на еден лекар
кој знаење од Боециј збирал ко цвеќе.
Оваа улица, во аголот збрана,
на која Улица на љубовта ѝ е прекар,
кој еднаш таму паднал, не станал веќе,
а ќе запознаете во миг свечен
и еден во облека на фратар,
свештеник, опат ил’ црковен вратар
кој живее во храмот кај средбата се збила,
та останете ли вие, приказната ќе ви е мила.
Калимако Гвадањи, едно момче кое
штотуку е дојдено од Париз,
живее во вратана од лево, драги мои.
Тој, во сето друштво свое,
според облеката и знаците низа
со чесност и љубезност се двои.
Една млада жена и тој
од љубов беа намамени
и потем таа измамена,
како што ќе разберете сега, а јас
посакувам така да ве измамат и вас.
Мандрагола приказната се вика.
А ќе видите и зошто во текот
нејзин, ко и јас што насетувам.
За авторот немаме јасна слика,

4
Мандрагола

па и да не се насмеете со кикот,
тој виното ќе ви го плати, ветува.
Еден кутар љубовник тука се мува,
еден лекар не многу итар,
еден не многу чесен фратар,
една опрезна и лукава гнида,
нека ви се денес барем разонода.
Па ако оваа тема, иако намерно смешна
и за човека недостојна
кој сака мудрост и озбилност да проба,
простете му ја на авторот замислата грешна
што сака со мисла безначајна
да ја развесели својата тажна доба,
оти немаше каде да проба
да го заврти ликот свој,
спречен бил тоа да го покаже тој
со други потфати и доблести,
та за напорот не добил почести.
Наградата, се надева тој, е дека
секој ќе застане и ќе се смешка
ценејќи го тоа што го слуша и гледа.
Оттука се случи, без сомнеж дека
доблеста стара што нема грешка
во денешно време да стане беда
и ги натера луѓето веднаш
гледајќи дека секој секого куди,
да не се трудат и потат ’ко луди,
да создадат, со тешки маки, едно дело
што ветрот ил’ маглата ќе го разнебитат цело.
Дури некој и да мисли, дека со лош збор
авторот ќе го потегне за коса,
или ќе го збуни, или ќе го репне,
на таквиот му велам и му давам укор,
дека и тој знае да каже дума лоша,
задачата прва му беше да чепне,
оти секаде каде што со трепет
убавото „си“ во земјата си ѕвони,
тој никому нема да му се поклони,

5
Мандрагола

иако мора да му слугува на оној


кој носи наметка со поубав крој.
Но да оставиме да нè куди кој и колку сака.
Да ѝ се вратиме сега на нашата сага,
да не дозволиме да измине премногу време.
Не треба многу за зборовите да сме на мака
ниту пак за навредените во тага,
оти знаеме дека сите смртта ќе ги земе.
Еве, излегува Калимако, време е,
заедно со Сиро, слугата негов,
па ќе даде, реков,
наредба за сè и сешто. Секој нека внимава
и отсега ништо друго да не ве занимава.

6
Мандрагола

ПРВ ЧИН
СЦЕНА ПРВА
КАЛИМАКО, СИРО
КАЛИМАКО: Сиро, почекај, ќе ми требаш малку.
СИРО: Еве сум.
КАЛИМАКО: Знам дека тебе те зачуди моето ненадејно заминување од Париз, а и сега се
чудиш што седам тука цел месец, без никаква работа.
СИРО: Навистина е така.
КАЛИМАКО: Ако досега не сум ти го кажал ова што сега ќе ти го кажам, не е затоа што сум
немал доверба во тебе, туку затоа што сметав дека е подобро човек да не ги кажува нештата
за кои мисли дека не треба да се дознаат, сè додека не е принуден на тоа. Затоа, сметајќи
дека сега ќе ми треба твојата помош, сакам сè да ти раскажам.
СИРО: Јас сум ви слуга, а слугите никогаш и ништо не треба да ги прашуваат своите
господари, ниту пак да се мешаат во нивните работи. Но кога овие самите ќе им се доверат,
тие треба верно да им служат, та јас секогаш така сум правел, а и сега така ќе сторам.
КАЛИМАКО: Ама знам. Сигурен сум дека ти стопати си ме слушнал, но не е важно ако ме
чуеш и сто и еден пат, дека кога бев десетгодишен, моите тогашни старатели, бидејќи и
татко ми и мајка ми беа починати, ме пратија во Париз, каде што останав следните дваесет
години. Кога по десетгодишен престој почнаа војните во Италија, заради освојувањата на
кралот Шарл, а кои ја опустошија оваа област, јас решив да останам да живеам во Париз и
никогаш да не се вратам во татковината, сметајќи дека таму можев да живеам побезбедно
отколку тука.
СИРО: Така си е.
КАЛИМАКО: Па затоа, дадов налог да се продадат тука сите мои имоти, освен куќата, и
останав да живеам таму, каде што поминав уште десет, многу среќни години...
СИРО: Знам.
КАЛИМАКО: ... минувајќи го времето малку во учење, малку во задоволства, а малку во
работа, но во секое од овие нешта се напрегав толку колку да не ми попречи во
остварувањето на другите. И така, како што знаеш, живеев сосем спокојно, пријател со сите,
пазејќи никого да не навредам, така што мислам дека им бев мил и на граѓаните и на
господата, и на туѓинците и на селаните, и на бедните и на богатите.
СИРО: Така си е.

7
Мандрагола

КАЛИМАКО: Но изгледа Судбината сметаше дека премногу убаво си го минувам времето,


па доведе во Париз еден извесен Камило Калфучи.
СИРО: Јас почнувам да погодувам во што се состои оваа ваша болка.
КАЛИМАКО: Тој, како и некои други фирентинци, честопати доаѓаше кај мене, па така,
разговарајќи, еден ден почнавме да се расправаме каде има поубави жени, во Италија или
во Франција. А бидејќи јас не бев во состојба да зборувам за Италијанките, оти бев
премногу малечок кога си заминав оттука, еден друг фирентинец, таму присутен, застана
на страната на Французинките, а Камило ја застапуваше страната на Италијанките. И по
многу аргументи приложени од двете страни, Камило, речиси разлутен, рече дека, дури и
сите италијански жени да се чудовишта, постои една негова роднина која е во состојба да
им ја одбрани честа на сите други.
СИРО: Сега ми е сосем јасно што имате намера да ми кажете.
КАЛИМАКО: И ја посочи госпоѓа Лукреција, жената на господин Нича Калфучи, за која
искажа толкави пофалби во однос на убавината и однесувањето што нè трогна сите што
бевме присутни, а кај мене разбуди толку силна желба да ја видам што ги оставив сите свои
работи и не размислувајќи повеќе за војните и за мирот во Италија, тргнав на пат наваму.
Кога стигнав тука, сфатив дека гласот за убавината на госпоѓа Лукреција е многу умерен
отколку вистината, што мошне ретко се случува, па така, толку многу се загреав за неа што
никако не можам да се смирам.
СИРО: Да ме прашавте за ова во Париз, ќе знаев како да ве советувам, но сега навистина не
знам што да ви одговорам.
КАЛИМАКО: Јас не ти го раскажав ова за да барам совет од тебе, туку делумно за да се
растоварам себеси, а потоа и за да бидеш подготвен да ми помогнеш, тогаш кога ќе биде
потребно.
СИРО: На тоа сум секогаш спремен. Какви се вашите шанси?
КАЛИМАКО: Е, за жал, никакви, или мошне мали. Еве, слушни ме: првата пречка ќе биде
нејзиниот карактер, оти таа е премногу чесна и целосно ѝ се туѓи љубовните авантури;
потоа нејзиниот премногу богат маж, кој неа ја остава да управува со сите нешта, а самиот
тој можеби и не е многу млад, но не е ни премногу стар, како што изгледа. Исто така, нема
ни роднини ни соседи со кои вообичаено би се собирала навечер или за празници, ниту пак
прибегнува кон други задоволства, како што се забавуваат младите луѓе. Од мајстори дома
никој не ѝ доаѓа, а нема слуга ниту прислужник кој не се тресе од неа, така што не постои
начин дури ни некој од нив да се потплати.
СИРО: Па, што мислите тогаш дека ќе може да се стори?
КАЛИМАКО: Не постои нешто толку безнадежно на светов за кое нема да се најде начин
што ќе ја потхрани надежта. Па колку и да е таа слаба и колку и да се чини залудна, не ќе
8
Мандрагола

биде таква ако се имаат предвид силната волја и желбата што ги поседува човекот решен
на акција.
СИРО: Па, конечно, во што се состои вашата надеж?
КАЛИМАКО: Во две нешта: едното е глупавоста на ГОСПОДИН НИЧА, кој, иако е доктор по
право, сепак е најглупавиот и најбудалестиот маж во Фиренца; другата, тоа е нивниот
заеднички копнеж да имаат деца. Има веќе шест години како се во брак, а сè уште немаат,
па бидејќи се пребогати, умираат од желба да ги добијат. Има и трето: нејзината мајка, која
отсекогаш била многу соодветна за вакво преговарање, иако сега е богата, така што не сум
сигурен како ќе ја придобијам.
СИРО: Дали веќе презедовте нешто во врска со ова?
КАЛИМАКО: Да, но сосем малку.
СИРО: А што?
КАЛИМАКО: Ти го познаваш Лигурио, кој секогаш доаѓа да се најаде кај мене. Тој порано
бил стројник на свадби, а дури потоа почнал да пита за ручек или за вечера. Бидејќи е фин
и пријатен човек, господин Нича негува со него блиско пријателство. Па иако Лигурио него
го исмева, овој, дури и да не го води на ручек, понекогаш му зајмува пари. Јас се
спријателив со него и му ја соопштив мојата љубов, а тој ми вети дека ќе ми помогне, како
знае и умее.
СИРО: Внимавајте само да не ве измами: таквите лапчовци обично не се многу доверливи.
КАЛИМАКО: Тоа е точно. Па сепак, ако на човек му предложиш нешто што му одговара,
треба да веруваш дека, штом си му се доверил, тој верно ќе ти служи. Јас му ветив дека, ако
успее, ќе го дарувам со голема сума пари, а ако не успее, ќе си добие еден ручек и една
вечера, и онака јас никогаш сам не јадам.
СИРО: А што ви ветил тој дека ќе направи за почеток?
КАЛИМАКО: Вети дека ќе го убеди господин Нича годинава во маја месец да оди со жена
си на бања.
СИРО: А што ќе ви е тоа?
КАЛИМАКО: Како што ќе ми е? Тоа место би можело да ја промени неа, оти во такви и
слични места се оди само за разонода. А освен тоа, и јас ќе отидам таму, па би си извлекол
задоволства од сите тие нешта и не би пропуштил на секој начин да си ги покажам
сопствените доблести. Би се зближил и со неа и со нејзиниот сопруг. Па кој ќе знае? Една
работа води кон друга, а времето управува со нашата судбина.
СИРО: Тоа ми се допаѓа.

9
Мандрагола

КАЛИМАКО: Лигурио утрово си отиде откај мене и вети дека ќе оди да поразговара со
господин Нича за ова, а потоа ќе ме извести.
СИРО: Еве ги тука, обајцата.
КАЛИМАКО: Сега јас малку ќе се повлечам, за да стасам навреме да разговарам со Лигурио,
кога ќе се раздели од докторот. Ти во меѓувреме оди дома и работи си ги своите работи, а
ако ми затреба нешто, јас ќе те повикам.
СИРО: Одам.

СЦЕНА II
ГОСПОДИН НИЧА, ЛИГУРИО
ГОСПОДИН НИЧА: Јас мислам дека се умни твоите совети и вечерва ќе поразговарам за ова
со жена ми. Ми вети денес да ми одговори, но право да ти кажам, ни јас не сум премногу
воодушевен.
ЛИГУРИО: А зошто?
ГОСПОДИН НИЧА: Затоа што јас нерадо одам далеку од дома. А потоа, да ги влечкам и
жената, и слугата, и мебелот, е, тоа мене не ми доликува. Освен тоа, вчера вечер разговарав
со многу лекари. Едниот ми вели да одам во Сан Филипо, другиот во Порета, третиот во
Вила, а сите ми се видоа премногу будалести, та право да ти кажам, овие докториве по
медицина како ни самите да не знаат што зборуваат.
ЛИГУРИО: Сигурно ве загрижува она што пред малку го кажавте, бидејќи вие навистина
немате обичај да се оддалечите некаде од каде што не се гледа Куполата.
ГОСПОДИН НИЧА: Се лажеш! Кога бев помлад, многу почесто скитав. Не можеше да се
одржи панаѓурот во Прато, а јас да не појдам таму, и не постои ниту еден замок во
околината каде што не сум бил, а и уште нешто ќе ти кажам, сум бил јас и во Пиза и во
Ливорно, еј!
ЛИГУРИО: Вие сигурно сте ја виделе Каруколата во Пиза?
ГОСПОДИН НИЧА: Сакаш да кажеш Верукола?
ЛИГУРИО: А, да, Верукола. А во Ливорно го видовте ли морето?
ГОСПОДИН НИЧА: Се разбира дека го видов!
ЛИГУРИО: И колку е тоа поголемо од нашиот Арно?
ГОСПОДИН НИЧА: Ама каков Арно? Четирипати е поголемо, или повеќе од шест, не, од
седум, би рекол. Таму не се гледа ништо друго освен вода, вода, вода.

10
Мандрагола

ЛИГУРИО: Па тогаш се чудам – вие, којшто сте се измочале во секаков снег, сега толку да се
премислувате за да одите во бања.
ГОСПОДИН НИЧА: Ама ти како да не си цицал млеко? Тебе ти се чини дека е лесно да се
растури целата куќа? Јас толку многу сакам да си имам деца, така што сум подготвен сè да
сторам. Но ајде, позборувај и ти со овие лекариве, па види каде ми советуваат да одам. Јас
во меѓувреме ќе одам кај жена ми, па ќе се најдеме потоа.
ЛИГУРИО: Право велите.

СЦЕНА III
ЛИГУРИО, КАЛИМАКО
ЛИГУРИО: (Јас не верувам дека постои на светот поглупав човек од овој, а гледај колку го
надарила судбината! Тој богат, таа убава, умна, љубезна и способна со царство да управува.
Мислам дека ретко кога се остварува онаа поговорка за браковите која вели: „Господ ги
создал луѓето, а тие се спаруваат!“, оти често може да се види некој предобар човек како
води со себе змија и обратно, некоја мудра жена да земе за маж некаков глупак. Но белки
од неговата глупавост ќе се изроди нешто добро, она на кое се надева, а има и на што да
се надева Калимако. Еве го, доаѓа.) Што чекаш тука, Калимако?
КАЛИМАКО: Те видов дека беше со докторот, па чекав да се разделите за да дознаам што
успеа да постигнеш.
ЛИГУРИО: Тој е човек со карактер каков што го знаеш, не многу претпазлив, уште помалку
смел и не многу радо ја напушта Фиренца. Но јас го загреав за таа идеја и конечно ми вети
дека ќе стори сè што треба. Па мислам дека, ако решиме да замине, ние и ќе го одвлечкаме
таму, но не знам дали така ќе ја завршиме работата.
КАЛИМАКО: Зошто?
ЛИГУРИО: Па, што знам? Ти знаеш дека во такви бањи одат секакви луѓе, па би можел да
дојде и некој маж кому госпоѓа Лукреција ќе му се допадне исто како и тебе, а да биде
побогат и поубав од тебе, така што постои опасност со мака да се изведе целата оваа
работа, но во нечија туѓа полза, а може да се случи таа поради толку многу ривали уште
повеќе да се налути или, пак, ако попушти, да се заврти кон некој друг, а не кон тебе.
КАЛИМАКО: Јас знам дека ти имаш право, но што да правам? Како да си помогнам? Кому
да му се обратам? Јас морам да се обидам нешто да сторам, било да е тоа смело, било да
е опасно, нечесно, или срамно. Подобро да си умрам отколку вака да живеем. Да можев
да спијам ноќе, да можев да јадам, да можев да разговарам, да можев да уживам во што
било, ќе бев потрпелив и ќе чекав да измине времето, но тука лек нема, а ако ништо не ме
одржува во надеж, тогаш сигурно ќе си умрам. Па, гледајќи дека смртта не ми гине, од
ништо не се плашам, па дури ни од ѕверски, срамни и недолични нешта.

11
Мандрагола

ЛИГУРИО: Не вели така, скроти го овој налет на смелост.


КАЛИМАКО: Ама ти и самиот гледаш дека токму скротувајќи го, запаѓам во вакви и слични
размисли. Битно е или да истраеме и да го пратиме него во бања или пак да влеземе на
некој друг начин, кој ќе ми ја потхрани барем малку надежта, дури и да не е реална, нека е
лажна, но ете, ќе ми роди мисли што барем делумно ќе ми ја ублажат тешкава мака.
ЛИГУРИО: Имаш право и тука сум јас да ти помогнам.
КАЛИМАКО: Ти верувам, иако знам дека таквите како тебе живеат само за да ги измамуваат
луѓето. Сепак, не верувам дека сум и јас меѓу нив, оти да ми направиш така, а јас да те
откријам, ќе морам да се одбранам, а ти на тој начин ќе го загубиш пристапот во мојот дом
и надежта дека ќе го добиеш тоа што сум ти го ветил за во иднина.
ЛИГУРИО: Не сомневај се во мојата верност оти, дури и да не е користа она што го сакам и
на што се надевам, тоа е братимењето на мојата крв со твојата, па и јас посакувам да си ја
исполниш таа твоја желба, исто како и ти самиот. Но да го оставиме сега тоа. Докторот ми
довери јас да најдам некој лекар и да дознаам во која бања е најдобро да појде. Сега сакам
ти вака да сториш: да кажеш дека си студирал медицина и дека си стекнал некакво искуство
таму во Париз. Лесно ќе го увериш, оти тој е глупав, а ти си писмен, па сигурно ќе знаеш да
му кажеш нешто на латински.
КАЛИМАКО: И што ќе постигнеме со тоа?
ЛИГУРИО: Ќе постигнеме да го испратиме во бања ние каде што сакаме и да посегнеме по
еден друг начин, што го смислив, а кој ќе биде уште побрз, посигурен и поуспешен од
бањата.
КАЛИМАКО: На што мислиш?
ЛИГУРИО: Мислам дека, ако си храбар и ако ми веруваш, ќе го добиеш она што го сакаш
уште утре, во ова исто време. А тој, кога би бил маж, како што не е, па да оди и да се
распраша наоколу дали си или не си лекар, брзата акција сама по себе ќе го натера да не
помислува на тоа и нема да има време да ни ја расипе работата, колку и да успее убаво да
подразмисли.
КАЛИМАКО: Ме убеди. Ова твое ветување ме исполни со преголема надеж. Што ќе сториш?
ЛИГУРИО: Ќе дознаеш кога ќе дојде времето за тоа. Сега засега нема потреба да ти
кажувам, оти немаме време ни за дејствување, а камоли за разговори. Оди си дома и чекај
ме таму, а јас ќе одам да го пронајдам докторот. Па ако го донесам кај тебе, ти сети се на
она што ти го кажав и направи онака како што се договоривме.
КАЛИМАКО: Така ќе сторам, оти ме исполни со толкава надеж што се плашам да не ми
испари.

12
Мандрагола

ПЕСНА: (По првиот чин.)


Тој кој убеден не е, Аморе,
во твојата огромна моќ, залудно надеж котка
на вера вистинска и кротка,
на највисока вредност од небото ’ко море;
и не знае како е заедно да се живее и умре,
како се следи беља и од доброто се бега,
како човек себе самиот се сака
помалку од другиот, како така
страв ил’ надеж срца ништи и им нуди нега;
ниту, пак, знае дека и богови и смртни еднакво
се плашат од оружјето со кое си вооружен секакво.

13
Мандрагола

ВТОР ЧИН
СЦЕНА I
ЛИГУРИО, ГОСПОДИН НИЧА, СИРО
ЛИГУРИО: Како што ви кажав, сметам дека овој човек Господ ни го пратил, за да можете
вие да си го остварите вашиот копнеж. Тој има огромно искуство стекнато во Париз, но не
чудете се зошто во Фиренца не се занимава со својата професија; едната причина лежи во
тоа што е многу богат, а втората, што во секој миг планира да се врати назад во Париз.
ГОСПОДИН НИЧА: Па да, брате мој, тоа ми е многу важно, оти не би сакал да упаднам во
неволји, а потоа да ме остави на цедило.
ЛИГУРИО: Не грижете се за тоа, молете се само да се нафати да ја заврши работава, оти ако
се нафати, нема да ве остави, додека целосно не ја заврши.
ГОСПОДИН НИЧА: За тоа би сакал да ти верувам, но за ученоста негова, и дали е тој толку
образован, ќе ти кажам јас што мислам, веднаш штом поразговарам со него, зашто мене
тој не ќе може тикви да ми продаде!
ЛИГУРИО: Па токму затоа што ве познавам, ве водам сега кај него, за да се видите со него
лично. А откако ќе позборувате, ако тој, според однесувањето, според знаењата, или
според изразувањето, не ви се чини достоен капа да му симнеме, тогаш кажете ми дека не
сум во право.
ГОСПОДИН НИЧА: Нека биде така, во име на Ангелот свет! Да одиме, каде е тој?
ЛИГУРИО: Живее на овој плоштад, во оваа врата што ја гледате право пред вас.
ГОСПОДИН НИЧА: Одлично.
ЛИГУРИО: Еве сме.
СИРО: Кај е?
ЛИГУРИО: Тука ли е Калимако?
СИРО: Да, тука е.
ГОСПОДИН НИЧА: Зарем не го викаш докторот Калимако?
ЛИГУРИО: Тој не пази на такви ситници.
ГОСПОДИН НИЧА: Не вели така, ти прави си како што треба, а ако нему не му се допаѓа,
негов проблем!

СЦЕНА II

14
Мандрагола

КАЛИМАКО, ГОСПОДИН НИЧА, ЛИГУРИО


КАЛИМАКО: Кој е, кој ме бара?
ГОСПОДИН НИЧА: Bona dies, domine magister.
КАЛИМАКО: Et vobis bona, domine doctor.
ГОСПОДИН НИЧА: Жити светото писмо, одличен е!
ЛИГУРИО: Ако сакате и јас да останам тука со вас, ќе мора да зборувате така што да можам
да ве разберам, инаку како во два рога ќе дуваме.
КАЛИМАКО: Какво добро ве донесе?
ГОСПОДИН НИЧА: Ама, што знам. Јас барам некои работи кои некој друг не би ги барал,
иако тоа ме загрижува мене како и другите луѓе. Јас немам деца, а би сакал да ги имам, па
поради оваа мака сум дојден сега кај вас, да ви додевам.
ЛИГУРИО: Како ви се чини?
КАЛИМАКО: Мене никогаш не ми било проблем да помагам, и вам и на други прекрасни
луѓе како вас. Па не се мачев да учам толку долги години во Париз со некоја друга цел, туку
само за да можам да им помогнам на ваквите како вас.
ГОСПОДИН НИЧА: Многу сум ви благодарен; а вие кога ќе имате потреба од мојата
професија, јас со задоволство ќе ви возвратам. Но да се вратиме на res nostrum. Дали
размисливте во која бања би било најдобро да ја однесам мојата жена да забремени? Оти
јас знам дека Лигурио ви го кажа она што требаше да ви го каже.
КАЛИМАКО: Тоа е точно, но ако сакаме да ја исполниме вашата желба, треба да се знае
причината за неплодноста на вашата жена, затоа што може да има повеќе причини за тоа.
Nam causae sterilitatis sunt: aut in semine, aut in matrice, aut in strumentis seminaries, aut in
virga, aut in causa extrinseca.
ГОСПОДИН НИЧА: (Ама овој е најучениот човек што сме можеле да го најдеме!)
КАЛИМАКО: Покрај сето ова, неплодноста може да е предизвикана и од вашата
импотентност, но за овој случај, за жал, не постои лек.
ГОСПОДИН НИЧА: Импотентен, јас? Ах, ме насмеавте! Се плашам дека во Фиренца не
постои човек што е поцврст и пободар од мене..
КАЛИМАКО: Штом не е ова во прашање, тогаш ве уверувам дека некаков лек сигурно ќе се
најде.
ГОСПОДИН НИЧА: А постои ли некој друг лек освен бањата? Оти јас не би сакал да се
растројувам, а и жена ми нерадо ја напушта Фиренца.

15
Мандрагола

ЛИГУРИО: Да, постои! Јас ќе ви одговорам. Оти Калимако е премногу скромен. Зар не ми
кажавте пред малку дека знаете каде да нарачате напивка од која сигурно се забременува?
КАЛИМАКО: Тоа е точно. Ама јас морам да бидам воздржан со луѓе кои не ме познаваат, за
потоа да не ме сметаат за несериозен.
ГОСПОДИН НИЧА: Не треба во мене да се сомневате, оти веќе ме изненадивте со вашето
знаење, така што сега сум подготвен сè да направам и да верувам во сето она што доаѓа од
вашите раце.
ЛИГУРИО: Јас мислам дека најпрвин треба да направите соодветни анализи.
КАЛИМАКО: Се разбира, без тоа не може.
ЛИГУРИО: Викнете го Сиро, нека оди со докторот дома по урина, а потоа нека се вратат тука.
Ние ќе ве чекаме.
КАЛИМАКО: Сиро, оди со него. – Па, господине, ајде, ако сакате, вратете се веднаш потоа и
ќе смислиме нешто многу добро.
ГОСПОДИН НИЧА: Како, ако сакам? Ќе се вратам јас веднаш, оти имам повеќе верба во вас
отколку Унгарците во мечот.

СЦЕНА III
ГОСПОДИН НИЧА, СИРО
ГОСПОДИН НИЧА: Твојов господар е навистина еден многу голем човек.
СИРО: И повеќе отколку што мислите.
ГОСПОДИН НИЧА: Францускиот крал мора многу да го почитува.
СИРО: Поприлично.
ГОСПОДИН НИЧА: Затоа тој толку многу сака да се врати во Франција.
СИРО: И јас така мислам.
ГОСПОДИН НИЧА: Ама, добро прави. Во овој град се намножиле само ситни души и не се
цени никаква доблест. Кога би останал тука, никој не би го ни погледнал. А јас добро знам
што зборувам, затоа што крв проплукав додека самиот научив некои работи. Но кога би
морал од тоа да живеам, би пропаднал, слушај ме што ти велам.
СИРО: А вие годишно заработувате ли сто дукати?
ГОСПОДИН НИЧА: Ама ајде, ни сто лири, ни сто гроша. А сето тоа затоа што оној кој не е од
нашиот сталеж во овој град не ќе најде ни куче по него да залае и не нè бидува за ништо
друго освен да одиме во придружба на погреби, на свадбени веселби, или по цел ден да

16
Мандрагола

седиме на клупата на улицата Проконзули, и да си го губиме времето. Но јас немам врска


со тоа, мене никој не ми треба, само нека живеат вака подолните од мене. Само, не би
сакал овие мои зборови да се рашират, па да си имам дополнителни неволи, или самар на
грбот, од кој ќе стенкам.
СИРО: Без гајле!
ГОСПОДИН НИЧА: Стигнавме дома. Почекај ме тука, веднаш ќе се вратам.
СИРО: Добро, одете.

СЦЕНА IV
СИРО (Сам.)
СИРО: Кога сите доктори би биле како овој, ние би си имале обезбедена забава, оти јасно
е дека оној несреќен Лигурио и оној мој луд господар набрзо ќе го турнат во некоја невола.
Е, баш би сакал такво нешто, само да сум сигурен дека нема да се дознае, оти ако се дознае,
мене ќе ми виси животот, а на господарот и животот и имотот. Тој веќе божем станал лекар,
а не знам каква замисла имаат воопшто и која е целта на оваа нивна измама. Но еве го
докторот, со шишенцето во рака. Ама, кој не би се насмеал да го види ова гулапче?

СЦЕНА V
ГОСПОДИН НИЧА, СИРО
ГОСПОДИН НИЧА: (Јас досега сè правев ти како што сакаш, е, сега сакам ти да правиш јас
како што сакам. Море, да знаев дека нема да имам деца, ќе си земев за жена некоја
селанка.) Сиро, тука ли си? Дојди по мене. Леле, колку се измачив додека ја натерав онаа
моја луда жена да ми даде малку мочка! А не велам дека таа не сака да има деца, таа е
можеби и позагрижена од мене за овие работи, но кога ќе ѝ побараш да стори нешто во
врска со тоа, веднаш почнува да негодува!
СИРО: Имајте трпение, знаете дека жените само со убави зборови може да ги натерате
нешто да ве послушаат.
ГОСПОДИН НИЧА: Ама, какви убави зборови! Доста ми е веќе. Ајде, оди брзо и кажи им на
лекарот и на Лигурио дека сум тука.
СИРО: Еве ги, доаѓаат.

СЦЕНА VI
ЛИГУРИО, КАЛИМАКО, ГОСПОДИН НИЧА

17
Мандрагола

ЛИГУРИО: Лесно беше докторот да го убедиме, потешко ќе биде со жената. Но и за тоа ќе


смислиме некој начин.
КАЛИМАКО: Донесовте ли од течноста?
ГОСПОДИН НИЧА: Ене ја таму, кај Сиро.
КАЛИМАКО: Дај ја тука. Оф! Оваа течност покажува болест на бубрезите.
ГОСПОДИН НИЧА: И мене ми се гледа малку матна, но таа штотуку ми ја даде.
КАЛИМАКО: Ама не чудете се. Nam mulieris urinae sunt simper maioris grossitiei et albedinis,
et minoris puchritudinis, quam virorum. Huius autem, in caetera, causa est amplitude canalium,
mixtio eorum quae ex matrice exeunt cum urina.
ГОСПОДИН НИЧА: (Оф, оф, оф, по ѓаволите! Овој пред очите ми станува сè поучен и поучен.
Види колку убаво се изразува за овие работи!)
КАЛИМАКО: Се плашам дека женава ноќе не е добро покриена, та затоа има ваква урина.
ГОСПОДИН НИЧА: Не е точно, се покрива таа со дебел јорган. Туку, пред да дојде во постела
по четири часа клечи на колена додека ги кажува молитвите. Инаку, како шумска ѕверка е,
што се однесува до студот.
КАЛИМАКО: Па сега, докторе, или ќе имате или ќе немате доверба во мене. А јас или ќе ви
најдам или нема да ви најдам некој сигурен лек. Што се однесува до мене, јас ќе ви го
дадам, а вие, ако ми верувате, ќе го земете, па ако за една година вашата жена не држи
детенце во рацете, јас, еве, ќе ви исплатам две илјади дукати.
ГОСПОДИН НИЧА: Само вие кажете, оти сум подготвен целосно да ве почитувам и да ви
верувам повеќе отколку на мојот исповедник.
КАЛИМАКО: Вие, докторе, треба да го запаметите следново: дека нема посигурен начин
некоја жена да забремени од тоа да ѝ дадете да испие една напивка направена од
мандрагола. Тоа е нешто кое јас неколкупати сум го испробал, а секогаш се потврдило дека
е точно. Оти, да не беше тоа, и француската кралица ќе беше стерилна, како и безброј други
принцези во оваа држава.
ГОСПОДИН НИЧА: Можно ли е тоа?
КАЛИМАКО: Така е како што ви кажувам. А вас судбината толку ве сака што јас ги донесов
тука сите оние нешта кои се потребни за таа напивка, па и вие ќе можете да ги добиете,
кгоа ќе посакате.
ГОСПОДИН НИЧА: Кога би требало таа да го земе овој лек?
КАЛИМАКО: Вечерва, по вечерата, оти месечината е добро наместена, па времето не би
можело да биде посоодветно.

18
Мандрагола

ГОСПОДИН НИЧА: Ама тоа нема да биде проблем. Порачајте го, секако, а јас ќе ја натерам
да го испие.
КАЛИМАКО: Е, сега треба да се погрижиме и за нешто друго! Откако таа ќе ја земе
споменатата напивка, оној маж којшто прв ќе легне со неа, ќе умре по осум дена и нема
никакви шанси да преживее.
ГОСПОДИН НИЧА: По ѓаволите! Ама, не сакам јас такви гнасотии. Е, нема ти мене да ме
измамиш. Убаво ќе ме суредевте!
КАЛИМАКО: Смирете се, има лек и за тоа.
ГОСПОДИН НИЧА: Каков?
КАЛИМАКО: Да уредиме веднаш потоа таа да легне со некој друг, кој ќе биде со неа само
една ноќ, но ќе ја навлече на себе сета зараза од мандраголата. А потоа ќе си спиете вие со
неа, без проблем.
ГОСПОДИН НИЧА: Ама, јас не сакам да правам вакви работи.
КАЛИМАКО: Зошто?
ГОСПОДИН НИЧА: Затоа што не сакам од својата жена да направам ороспија, а од себе
рогоносец.
КАЛИМАКО: Ама што велите вие, докторе? Не сте биле баш толку мудар како што си
мислев. Дали се сомневате во нешто што го сторил и францускиот крал и сите најголеми
господа од таа земја?
ГОСПОДИН НИЧА: А кого сакате да најдам да се согласи да ја направи оваа лудост? Ако му
кажам што го чека, нема да се согласи. Ако, пак, не му кажам, ќе го измамам, а тоа е казниво
пред Советот на осумтемина. Не сакам да си навлечам такви неволи.
КАЛИМАКО: Ако само тоа ве загрижува, оставете тогаш сè на мене.
ГОСПОДИН НИЧА: Како ќе постапиме?
КАЛИМАКО: Сега јас ќе ви кажам: вечерва, по вечерата, јас ќе ви ја дадам напивката, вие ќе
ѝ дадете да се напие и веднаш ќе ја пратите в постела, нека биде тоа ноќва околу четири
часот. Потоа ќе се преоблечеме, јас, вие, Сиро и Лигурио и ќе појдеме наоколу, на пример,
на Стариот или на Новиот пазар. Првото слободно момче што ќе го сретнеме ќе го врземе
со крпа врз устата, па со тепање ќе го довлечкаме докај вас дома и во темницата ќе го
турнеме во вашата соба. Таму ќе го сместиме во постелата, ќе му кажеме што треба да
прави и, ете, сме ја завршиле работата. Потоа, утрината, уште пред да се раздени, вие ќе го
истерате да си оди, ќе ја пратите жена си да се искапи и ќе си останете кај неа, колку што
милува и без никаква опасност.

19
Мандрагола

ГОСПОДИН НИЧА: Јас ќе се согласам, штом ти ми велиш дека и кралеви и принцови и


големи господа исто вака постапиле, но најважно од сè е никој да не дознае, да си немам
проблем со Осумтемина!
КАЛИМАКО: Ама кој би можел да издрдори?
ГОСПОДИН НИЧА: Ни останува уште еден проблем, и тоа голем.
КАЛИМАКО: Кој?
ГОСПОДИН НИЧА: Да ја убедиме мојата жена, оти не верувам дека таа воопшто ќе се
согласи.
КАЛИМАКО: Право велите. Но јас не би бил добар сопруг ако не успеам да ја натерам да
прави онака како што ќе кажам.
ЛИГУРИО: Јас смислив еден начин и за тоа.
ГОСПОДИН НИЧА: Каков?
ЛИГУРИО: Преку нејзиниот исповедник.
КАЛИМАКО: А кој ќе го убеди исповедникот?
ЛИГУРИО: Ти, јас, парите, нашата итрина, ете, сите заедно.
ГОСПОДИН НИЧА: Јас се плашам дека таа, доколку јас ја терам, нема да сака ни да оди да
разговара со исповедникот.
ЛИГУРИО: И за тоа има лек.
КАЛИМАКО: Кажи го!
ЛИГУРИО: Нека ја одведе таму мајка ѝ.
ГОСПОДИН НИЧА: Е, нејзе ќе ѝ верува.
ЛИГУРИО: А јас знам дека мајката го дели нашето мислење. Но сега, да не си го губиме
времето, оти веќе се стемнува. Оди ти, Калимако, прошетај, и точно за два часа да те
најдеме дома со подготвена напивка. Ние сега, јас и докторот, ќе одиме дома кај мајката и
ќе ја убедиме, бидејќи јас и неа добро ја познавам. Потоа ќе одиме кај попот, па ќе ве
известиме за тоа што сме го сториле.
КАЛИМАКО: Ама не оставајте ме сам!
ЛИГУРИО: Е, сега ти како да си сосем изгубен.
КАЛИМАКО: Па каде да одам и што да правам сега?
ЛИГУРИО: Ама оди наваму-натаму, шетај по улиците, голема е Фиренца.

20
Мандрагола

КАЛИМАКО: Готов сум.


ПЕСНА: (По вториот чин.)
Колку е среќен, секој тоа го согледува,
тој што глупав се раѓа и во сè си верува!
Не го стиска амбиција лична,
ни страв не го мачи,
а тоа е семката обична
на секоја болка што зрачи.
Овој ваш доктор, значи,
копнеејќи по пород детен
ќе поверува дека и магарето лета;
па на сè друго што постои заборавил
и сиот во таа сал желба се скоравил.

21
Мандрагола

ТРЕТИ ЧИН
СЦЕНА I
СОСТРАТА, ГОСПОДИН НИЧА, ЛИГУРИО
СОСТРАТА: Сум слушала дека мудриот човек треба секогаш од две лоши работи помалку
лошата да ја одбере. Па, ако немате подобар лек за добивање пород, тогаш да го
прифатиме ова, штом вака нема да имаме ниту неспокојна совест.
ГОСПОДИН НИЧА: Така е.
ЛИГУРИО: Вие одете и пронајдете си ја вашата ќерка, а јас и господинот ќе одиме да го
најдеме фра Тимотео, нејзиниот исповедник, па сè убаво ќе му раскажеме, за да не мора
вие да му објаснувате. Потоа ќе видите тој што ќе ви каже.
СОСТРАТА: Договорено. Вие одете натаму, а јас ќе одам да ја пронајдам Лукреција и како
знам ќе ја однесам да поразговара со попот.

СЦЕНА II
ГОСПОДИН НИЧА, ЛИГУРИО
ГОСПОДИН НИЧА: Ти можеби се чудиш, Лигурио, зошто се потребни толку многу итрини за
да ја убедиме мојата жена, но кога би знаел сè за неа, не би се чудел.
ЛИГУРИО: Претпоставувам затоа што сите жени се по малку сомничави.
ГОСПОДИН НИЧА: Не е затоа. Таа беше најмилата жена на светот и најнаивната. Но откако
една нејзина сосетка ѝ кажа дека ќе забремени ако се заветува четириесет пати да ја
ислуша првата миса во црквата Деи Серви, таа се завети и одеше можеби дваесет утра по
ред. Е, па, знаете ли дека еден од оние попови веднаш почна да се вртка околу неа, така
што таа не сакаше повеќе да оди. Сепак, не е во ред така да прават токму оние што треба
да им даваат позитивни примери на луѓето. Не ли е така?
ЛИГУРИО: Ама, како? По ѓаволите, се разбира дека е така!
ГОСПОДИН НИЧА: Оттогаш таа има уши како зајак, па само нешто ако ѝ кажеш, измислува
згора уште илјадници други работи.
ЛИГУРИО: Не се чудам повеќе, но со оној заветот, што бидна?
ГОСПОДИН НИЧА: Таа побара да ја ослободат од него.
ЛИГУРИО: Добро. Но дајте ми, ако имате, дваесет и пет дукати, оти во вакви случаи мора да
се потроши, за да се спријателиме побрзо со попот и да го натераме да верува дека ќе има
уште.

22
Мандрагола

ГОСПОДИН НИЧА: Еве, земи, нема проблем за тоа, јас ќе си заработам други.
ЛИГУРИО: Овие, поповите, се итри и лукави, што е логично, бидејќи ги знаат и нашите и
своите гревови, па кој нема искуство со нив, лесно може да биде измамен и да не успее да
ги придобие на своја страна. Затоа, јас не би сакал вие зборувајќи со него сега сè да ни
расипете, оти човек како вас, кој по цел ден седи во работната соба, се разбира во книги,
не умее секогаш да ги процени секојдневните работи. (Овој е толку будала што се плашам
дека може сè да расипе.)
ГОСПОДИН НИЧА: Кажи ми што треба јас да сторам.
ЛИГУРИО: Да ме пуштите мене да зборувам и да не зборувате сè додека јас не ви дадам
знак.
ГОСПОДИН НИЧА: Може! А каков знак ќе ми дадеш?
ЛИГУРИО: Ќе замижам со едното око и ќе си ја гризнам устата. Или, не! Поинаку ќе сториме.
Колку време има откако не сте разговарале со попот?
ГОСПОДИН НИЧА: Повеќе од десет години.
ЛИГУРИО: Добро, јас ќе му кажам дека вие во меѓувреме сте оглувеле и дека нема да
можете да одговорите, ниту нешто да кажете, ако ние не зборуваме многу гласно.
ГОСПОДИН НИЧА: Важи, така ќе биде.
ЛИГУРИО: И не грижете се ако јас кажам нешто што ќе ви се чини непримерено на она што
сакаме да го постигнеме, бидејќи на крајот сето тоа секако ќе ни биде од полза.
ГОСПОДИН НИЧА: Одлично.

СЦЕНА III
ФРА ТИМОТЕО, НЕКОЈА ЖЕНА
ФРА ТИМОТЕО: Ако сакате да се исповедате, ќе сторам сè што ќе побарате од мене.
ЖЕНАТА: Но не денес, ме чекаат. Доволно е и вака стоејќи што си ја олеснив душата. А вие
ги отслуживте ли оние миси посветени на Богородица?
ФРА ТИМОТЕО: Да, госпоѓо.
ЖЕНАТА: Земете ги сега овие фиорини, па во текот на два месеца, секој понеделник
кажувајте ја мисата за мртвите, за покој на душата на мојот сопруг. Па иако беше никаквец,
сепак ме боли. И секогаш ми е тешко кога ќе се сетам на него. Но вие верувате ли дека тој
е во чистилиштето?
ФРА ТИМОТЕО: Сигурно!

23
Мандрагола

ЖЕНАТА: Јас не сум сигурна. Вие знаете што ми правеше тој понекогаш. Е, колку сум ви се
жалела од него! Понекогаш ќе му побегнев, но тој беше толку насилен! Оф леле, боже!
ФРА ТИМОТЕО: Не плашете се, голема е милоста божја. Само ако сака човек, секогаш ќе
најде време да се покае.
ЖЕНАТА: Мислите ли дека Турците годинава ќе навлезат во Италија?
ФРА ТИМОТЕО: Да, ако вие не се молите.
ЖЕНАТА: Скраја да е! Господ да нè чува од тие ѓаволишта! Јас многу се плашам од она
набивање на колец. Но гледам тука, во црквава, една жена која неодамна ми зеде една
волница. Ќе одам кај неа. Останете ми со здравје!
ФРА ТИМОТЕО: Со здравје!

СЦЕНА IV
ФРА ТИМОТЕО, ЛИГУРИО, ГОСПОДИН НИЧА
ФРА ТИМОТЕО: (Најмилосрдни суштества на светот се жените, но и најздодевни. Кој ќе
побегне од нив, ќе ги одбегне и неволите, но и користа. А кој ќе се дружи со нив, ги добива
и користа и неволите заедно. Но се знае дека нема мед без муви.) Што барате вие, добри
луѓе? Го гледам ли таму и господин Нича?
ЛИГУРИО: Зборувајте погласно, оти е многу оглувен, па ништо не слуша.
ФРА ТИМОТЕО: Бидете добредојден, господине!
ЛИГУРИО: Погласно!
ФРА ТИМОТЕО: Добредојдовте!
ГОСПОДИН НИЧА: Добро ве најдов, оче!
ФРА ТИМОТЕО: Па, што ви треба?
ГОСПОДИН НИЧА: Добро, добро.
ЛИГУРИО: Зборувајте со мене, оче, оти, ако сакате да ве разбере, ќе треба целиот плоштад
да го кренете на нозе.
ФРА ТИМОТЕО: Што сакате од мене?
ЛИГУРИО: Па, господин Нича и уште еден добар човек, кого подоцна ќе го запознаете,
сакаат да дадат прилог од неколку стотини дукати.
ГОСПОДИН НИЧА: Оф, оф, оф!

24
Мандрагола

ЛИГУРИО: (Молчете, по ѓаволите, нема да бидат толку многу.) Не чудете се, оче, ако кажува
сè нешто, бидејќи не слуша, иако понекогаш мисли дека слушнал, та затоа никогаш не
одговара соодветно.
ФРА ТИМОТЕО: Продолжете, ве молам и пуштете го да каже што сака.
ЛИГУРИО: Јас носам со себе еден дел од овие пари, а вие бевте посочен како некој што би
можел да ги распредели.
ФРА ТИМОТЕО: Со задоволство.
ЛИГУРИО: Но ќе треба, пред да се даде прилогов, вие нам да ни помогнете за една
необична работа која му се случува на господинот. Само вие можете да ни помогнете, за
да ја спасиме честа на неговиот дом.
ФРА ТИМОТЕО: За што се работи?
ЛИГУРИО: Не знам дали го познавате Камило Калфучи, внук на господинов.
ФРА ТИМОТЕО: Да, го познавам.
ЛИГУРИО: Тој пред една година отишол, по некои свои работи, во Франција. А бидејќи
немал жена, оти му умрела, една од своите ќерки, на возраст за мажење, ја оставил на
чување во еден манастир, чиешто има сега не можам да ви го кажам.
ФРА ТИМОТЕО: И што се случило?
ЛИГУРИО: Се случило тоа што, поради невнимателноста на калуѓерките, или поради
итрината на девојката, тој сега ја нашол бремена во четврти месец. Така што, ако не се
постапи претпазливо, и докторот, и калуѓерките, и девојката, и Камило, како и целото
семејство Калфучи, сите ќе бидат посрамени. Докторот толку се загрижи за ова, па да не се
разоткрие срамот, се заветува дека ќе даде триста дукати, само заради љубов кон бога.
ГОСПОДИН НИЧА: (Какви глупости!)
ЛИГУРИО: (Молчете само.) Да ги разделите вие со своите сопствени раце. Само вие и
игуменијата можете да му помогнете.
ФРА ТИМОТЕО: Ама, како?
ЛИГУРИО: Така што ќе ја убедите игуменијата да ѝ даде на девојката една напивка, за да
пометне.
ФРА ТИМОТЕО: Ова е тешко да се замисли.
ЛИГУРИО: Но погледнете колку добра ќе се родат од оваа постапка: вие ќе ја зачувате честа
на манастирот, на девојката, на роднините; на таткото ќе му ја вратите ќерката, ќе го
задоволите господинов и многу негови роднини, ќе може да ги разделите како милосрдие

25
Мандрагола

сите овие триста дукати, а од друга страна, нема да наштетите никому, освен на едно
неродено парче месо, без разум, кое може да се отстрани на илјада други начини. Но јас
мислам дека е вака добро, дека ова на многумина ќе им донесе добрина и дека многумина
ќе бидат од тоа задоволни.
ФРА ТИМОТЕО: Нека биде така, во божје име. Ќе сториме сè што сакате, оти сето тоа се
прави за бога и за милосрдието. Кажете ми кој манастир е тоа, дајте ми ја напивката, а ако
сакате и парите, па да почнеме да правиме некакви добрини.
ЛИГУРИО: Сега гледам дека сте вие поп каков што мислев дека сте. Оставете го тој дел со
парите. Манастирот е... Но чекајте, тука, во црквата, е една жена која ми дава некаков знак.
Брзо ќе се вратам, а вие не делете се од господин Нича и почекајте ме, само да ѝ кажам два
збора.

СЦЕНА V
ФРА ТИМОТЕО, ГОСПОДИН НИЧА
ФРА ТИМОТЕО: Колку години има таа девојка?
ГОСПОДИН НИЧА: (Е, сега, што да правам.)
ФРА ТИМОТЕО: Велам, девојката, колку години има?
ГОСПОДИН НИЧА: Господ зло да ѝ прати!
ФРА ТИМОТЕО: Зошто?
ГОСПОДИН НИЧА: За да си го добие!
ФРА ТИМОТЕО: (Е, како да сум во лудница. Си имам работа со еден глув и еден будала.
Едниот бега, другиот не слуша. Но ако овие не се лажни пари, јас ќе средам сè, дури и
подобро од нив!) Еве го Лигурио, се враќа наваму.

СЦЕНА VI
ЛИГУРИО, ФРА ТИМОТЕО, ГОСПОДИН НИЧА
ЛИГУРИО: (Молчете, господине.) Еј, оче, имам големи новости!
ФРА ТИМОТЕО: Какви?
ЛИГУРИО: Онаа жена за којашто ви зборував, ми кажа дека девојката самата пометнала.
ФРА ТИМОТЕО: Е па, добро, сега оној прилог ќе оди за градската каса.
ЛИГУРИО: Вие што велите?
ФРА ТИМОТЕО: Велам дека секако треба да го дадете прилогот.

26
Мандрагола

ЛИГУРИО: Прилогот ќе биде даден кога сакате, но вие ќе треба да направите уште нешто во
полза на докторот.
ФРА ТИМОТЕО: А што?
ЛИГУРИО: Нешто многу помалку комплицирано, помалку скандалозно, поприфатливо за
нас, а покорисно за вас.
ФРА ТИМОТЕО: Што е тоа? Јас добро ве познавам и мислам дека толку многу се
спријателивме што не ќе има нешто да не можам да го сторам.
ЛИГУРИО: Ќе ви кажам во црквата, но само во четири очи, а докторот нека нè почека тука.
Веднаш ќе се вратиме.
ГОСПОДИН НИЧА: (Да не даде Господ да се вратите!)
ФРА ТИМОТЕО: Ајде, да одиме.

СЦЕНА VII
ГОСПОДИН НИЧА (Сам.)
ГОСПОДИН НИЧА: Ден ли е или ноќ? Буден ли сум или сонувам? Да не сум јас пијан? А сè
уште ништо не сум се напил денес, доаѓајќи право тука за оваа работа. Ние го наведуваме
попот да каже едно, а тој кажува друго. Потоа ме тераат да се правам дека сум глув, да си
ги затнам ушите како оној Данецот, божем не сум ги слушнал глупостите што тој ги кажа, а
сам Господ знае со каква цел! Ќе си загубам дваесет и пет дукати, а за мојот проблем уште
не ни проговорија, оставајќи ме сега тука, насаден како колец во дупка. Но еве ги, идат.
Тешко ним ако не разговарале за мојот проблем!

СЦЕНА VIII
ФРА ТИМОТЕО, ЛИГУРИО, ГОСПОДИН НИЧА
ФРА ТИМОТЕО: Кажете им на жените слободно нека дојдат. Јас знам што треба да правам,
па ако мојот авторитет не откаже, уште вечерва ќе го стокмиме тоа кумство.
ЛИГУРИО: Господине Нича, фра Тимотео е согласен да стори сè што е потребно. Сега треба
само да се погрижиме да ги доведеме тука жените.
ГОСПОДИН НИЧА: Ти ми враќаш волја за живот. А ќе биде ли машко?
ЛИГУРИО: Машко ќе биде.
ГОСПОДИН НИЧА: Ќе се расплачам од среќа.
ФРА ТИМОТЕО: Одете сега во црквата, а јас ќе останам тука, да ги почекам жените. Скријте
се некаде да не ве видат, а кога ќе си заминат, ќе ви кажам што ми одговориле.

27
Мандрагола

СЦЕНА IX
ФРА ТИМОТЕО (Сам.)
ФРА ТИМОТЕО: Јас не знам тука кој кому му подметнува. Овој никаквец Лигурио ми дојде
со онаа првата приказна, за да види што ќе му одговорам, оти ако не се согласев, тогаш
немаше да ми ја раскаже вторава, за да не ми ги разоткрие напразно нивните планови, без
оглед на тоа што таа првата беше целосно измислена. Точно е дека и јас бев измамен, па
сепак, таа измама ќе заврши во моја полза. Господин Нича и Калимако се богати, па од секој
од нив, по различни поводи, може многу пари да се извлечат. Само треба тајно да се тера
работава, оти така им договара ним, а и мене. Нека биде како што ќе биде, јас не се каам.
Иако не сум сигурен дека ќе помине сето ова без мака, оти госпоѓата Лукреција е добра и
мудра, но јас ќе ја искористам токму нејзината добрина. А ниедна жена нема премногу
мозок, па штом се најде некоја која ќе знае да каже два збора, веднаш до ѕвезди ја креваат,
оти во земјата на слепците и едноокиот станува заповедник. Но еве ја со мајка ѝ, која е
навистина една опасна змија, па таа секако ќе ми помогне да ја натерам да ме послуша.

СЦЕНА X
СОСТРАТА, ЛУКРЕЦИЈА
СОСТРАТА: Јас знам дека ти знаеш, ќерко моја, колку многу ја ценам твојата чест, како никој
друг на светов, и дека никогаш не би те советувала за нешто што не е за твое добро. Јас ти
кажав и пак ќе ти го кажам истото, па ако и фра Тимотео ти рече дека не треба да имаш
нечиста совест, треба да го сториш тоа, без размислување.
ЛУКРЕЦИЈА: Јас отсекогаш се плашев дека желбата на господин Нича да има деца може да
нè натера да направиме некоја друга грешка. Затоа, секогаш кога тој ќе ми зборуваше за
нешто, јас бев загрижена и подозрива, особено, како што знаете, по она што ми се случи
при одењето во црквата Деи Серви. Но од сите нешта со кои се обидовме, ова ми се гледа
најнеумесно, да морам да го подложам моето тело на овој срам и да бидам причина за
смртта на еден човек, само затоа што ме посрамотил. Оти, дури и да сум последна на
светот, па од мене да треба одново да се роди човечкиот род, не верувам дека би ми била
доделена ваквата улога.
СОСТРАТА: Јас не умеам многу да зборувам, ќерко моја. Ти ќе зборуваш со попот и ќе видиш
сега што ќе ти каже тој, па на крајот ќе сториш онака како што ќе те советува тој, ние и сите
оние кои ти го сакаат само доброто.
ЛУКРЕЦИЈА: Се потам од возбуда.

СЦЕНА XI
ФРА ТИМОТЕО, ЛУКРЕЦИЈА, СОСТРАТА

28
Мандрагола

ФРА ТИМОТЕО: Добро ми дојдовте! Јас знам што сакате да ме прашате, бидејќи господин
Нича веќе ми кажа. Право да ви кажам, два часа поминав читајќи во книгите за да го
проучам овој случај, па откако сеопфатно го истражив, пронајдов многу работи кои и општо
и конкретно ви одат во прилог.
ЛУКРЕЦИЈА: Зборувате вистина или се шегувате?
ФРА ТИМОТЕО: О госпоѓо Лукреција! Па зар со овие работи би можел да се шегувам? Зар
не сте ме запознале досега?
ЛУКРЕЦИЈА: Да, оче, но оваа работа е најчудното нешто за кое некогаш сум слушнала.
ФРА ТИМОТЕО: Јас ви верувам, госпоѓо, но не би сакал повеќе вака да зборувате. Има многу
работи кои, оддалеку, изгледаат ужасни, чудни и неприфатливи, а кога ќе се доближиш до
нив, стануваат човечни, прифатливи и познати, та затоа се вели дека од самото зло е
поголем стравот од злото, а ова е токму еден од тие случаи.
ЛУКРЕЦИЈА: Дај боже!
ФРА ТИМОТЕО: Но да се вратиме на она за кое пред малку ви зборував. Вие, што се
однесува до совеста, треба да се држите до ова воопштено правило: секогаш кога имате
едно извесно добро и едно неизвесно зло, никако не треба да го напуштите доброто
поради страв од злото. Тука имаме една добра работа, а таа е дека вие ќе забремените, ќе
му донесете една душа на Господ. А неизвесното зло е дека оној што ќе легне со вас по
напивката, ќе умре, иако имало случаи и кога не умираат. Но бидејќи ова не е сигурно,
сепак е подобро господин Нича да не се изложи на оваа опасност. А за самиот чин,
приказни се дека е тоа некој грев, оти желбата е таа што греши, а не телото. Грев е кога не
му се угодува на мажот, а вие ќе му угодите, или кога би уживале во тоа, а вие нема да
уживате. Освен тоа, за сите нешта треба целта да се земе предвид, а вашата цел е да си
обезбедите место во рајот и да го задоволите вашиот сопруг. Во Библијата се вели дека
ќерките на Лот, верувајќи дека останале последни на светот, легнале со таткото, но бидејќи
намерата им била чиста, тие не згрешиле.
ЛУКРЕЦИЈА: Во што сакате да ме убедите?
СОСТРАТА: Дозволи му да те убеди, ќерко моја. Не гледаш ли дека жената без деца, како
дом да нема. Ако ѝ умре мажот, ќе остане како куче, напуштена од сите.
ФРА ТИМОТЕО: Ви се колнам, госпоѓо, во оваа моја света душа, дека толкав грев ќе биде да
ѝ се покорите на волјата на мажот како и да јадете месо во среда, а тоа е грев што може да
се избрише со света водичка.
ЛУКРЕЦИЈА: На што ме наведувате вие, оче?
ФРА ТИМОТЕО: Ве наведувам на нешта за кои засекогаш ќе имате причина да му се молите
на бога за мене, а за една година ќе бидете уште позадоволна отколку што сте сега.

29
Мандрагола

СОСТРАТА: Таа ќе стори сè што ќе кажете. Вечерва јас лично ќе ја сместам во постела. Од
што се плашиш ти, будалче? Има педесет други жени во овој град кои до небо би ги кренале
рацете од среќа.
ЛУКРЕЦИЈА: Среќна сум, но не верувам дека ќе останам жива до утре изутрина.
ФРА ТИМОТЕО: Не премислувајте се, ќерко моја, а јас ќе го молам бога за тебе, ќе ја кажам
молитвата за Ангелот Рафаел, тој нека те следи. Сега одете, и подгответе се за ова чудо, оти
веќе се спушта вечерта.
СОСТРАТА: Останете ми во спокој, оче.
ЛУКРЕЦИЈА: Господ нека ми е на помош, заедно со Богородица, само да не ми се случи
нешто лошо.

СЦЕНА XII
ФРА ТИМОТЕО, ЛИГУРИО, ГОСПОДИН НИЧА
ФРА ТИМОТЕО: Еј, Лигурио, излезете оттаму!
ЛИГУРИО: Како ви оди?
ФРА ТИМОТЕО: Добро. Си отидоа дома, согласни се сè да сторам и нема да има проблем,
бидејќи мајката ќе оди со неа и сака самата таа да ја стави в постела.
ГОСПОДИН НИЧА: Вистина ли кажувате?
ФРА ТИМОТЕО: Одлично! Вие се излекувавте од глувоста.
ЛИГУРИО: Св. Климент му помогна.
ФРА ТИМОТЕО: Е па, сега треба да обезбедите една гозба, за да ќарам и јас нешто од сето
ова.
ГОСПОДИН НИЧА: Сега се оддалечуваме од темата. Ќе се спротивстави ли жената да го
стори тоа што го сакам?
ФРА ТИМОТЕО: Нема, ви гарантирам.
ГОСПОДИН НИЧА: Па јас сум најсреќниот човек на светот!
ФРА ТИМОТЕО: Ви верувам. Ќе си добиете машко дете, кој не би бил среќен!
ЛИГУРИО: Ајде, оче, вратете им се на вашите молитви, па ако ни треба уште нешто, ќе
дојдеме повторно. Вие, господине, одете сега кај неа, за да ја поддржите во ваквата одлука,
а јас ќе одам да го потсетам господин Калимако да ви ја прати напивката, па да се
договориме да се видиме во еден часот, за да испланираме сè што треба да се направи за
во четири.

30
Мандрагола

ГОСПОДИН НИЧА: Убаво велиш. До видување!


ФРА ТИМОТЕО: Одете ми со здравје!
ПЕСНА: (По третиот чин.)
Колку измамата е мила
што доаѓа до целта, замислена и глатка
што и другиот го ослободува од грижа гнила
и секоја искусена горчина ја чини слатка.
О напивко, возвишена и ретка,
ти прав пат покажуваш на заталкани души;
ти огромна моќ ослободуваш
во прилог на туѓа среќа, Љубовта ја збогатуваш,
ти победуваш, со совети свети и здушни,
камен, отров и магии рушиш.

31
Мандрагола

ЧЕТВРТИ ЧИН
СЦЕНА I
КАЛИМАКО (Сам.)
КАЛИМАКО: Баш би сакал веќе да знам што направија оние таму. Можно ли да е го немам
видено Лигурио некои дваесет и три, море дваесет и четири часа! (Или: а веќе е полноќ, а
не единаесет...) Колку ми беше тешко на душата, а и уште ми е. Но вистина е дека и
природата и судбината се погрижиле за рамнотежа, никогаш нема да ти донесат среќа, ако
притоа не се изроди и некаква несреќа. Колку повеќе ми се потхрануваше надежта, толку
повеќе и стравот ми растеше. Кутриот јас! Како ќе живеам со оваа мака, прогонуван од овој
страв и од оваа надеж? Јас сум како брод, носен од два ветра, кој е толку поисплашен колку
што е поблиску до пристанот. Глупавоста на господин Нича ми дава надеж, мудрост и
цврстината на Лукреција ме застрашуваат. Оф, леле, не можам никаде да се смирам!
Понекогаш се обидувам да се победам самиот себеси, да се соземам од овој бес и да си
кажам: „Ама што правиш ти? Да не си полудел? И кога ќе ја придобиеш, што тогаш? Ќе си
ја признаеш грешката, ќе се покаеш за страдањето и за мислите кои те навјасале. Не знаеш
колку малку среќа носат нештата што човек ги посакува во однос на оние кои најверојатно
ќе ги пронајде. Од друга страна, најлошото што ќе те снајде е да умреш и да се најдеш во
пеколот. Многу добри луѓе така умреле и се нашле во пеколот. Не се срамиш ли и ти да се
најдеш таму? Заврти го лицето кон судбината, бегај од злото, а ако не можеш да побегнеш,
поднеси го како маж. Немој да потклекнуваш, немој да си слабак како жена!“ И така самиот
себеси се храбрам, но не успевам многу во тоа, бидејќи од сите страни ме обзема толкава
желба да бидам барем еднаш со неа така што чувствувам, од дното на петиците, па сè до
главата, како нешто ми се случува: нозете ми се тресат, утробата ми се превртува, срцето ќе
ми искокне од градите, рацете ми се отсечуваат, јазикот ми онемува, очите ми ослепуваат,
умот ми се врти. Барем да го најдев Лигурио, ќе имав со кого да се разведрам. Ама, еве го,
иде накај мене! Ова што ќе ми го каже ќе ми овозможи или уште малку да поживеам или
веднаш ќе ме убие.

СЦЕНА II
ЛИГУРИО, КАЛИМАКО
ЛИГУРИО: (Никогаш не сум сакал повеќе да се видам со Калимако, а никогаш не сум имал
толку мака додека да го најдам. Да му носев лоши вести, сигурно побрзо ќе го најдев. Бев
и дома, на плоштадот, на пазариштето, кај палатата Спина, кај Ложата Торнаквинчи и
никаде го немаше. Овие вљубениве како да имаат живо сребро под нозете, не можат
никако да се скрасат.)
КАЛИМАКО: (Што чекам, зошто не го повикам? Ми изгледа весел.) Еј, Лигурио! Лигурио!

32
Мандрагола

ЛИГУРИО: Еј, Калимако, па каде беше?


КАЛИМАКО: Какви вести ми носиш?
ЛИГУРИО: Добри.
КАЛИМАКО: Сигурно се добри?
ЛИГУРИО: Одлични!
КАЛИМАКО: Лукреција задоволна ли е?
ЛИГУРИО: Да.
КАЛИМАКО: Попот направи ли сè како што треба?
ЛИГУРИО: Сè.
КАЛИМАКО: О благословен нека е овој поп! Постојано ќе му се молам на бога за него.
ЛИГУРИО: Е, убаво. Небаре Господ ја дели милоста и за злото, како и за доброто. Попот сака
нешто друго, а не молитви.
КАЛИМАКО: Што сака?
ЛИГУРИО: Пари.
КАЛИМАКО: Па дај му ги! Колку си му ветил?
ЛИГУРИО: Триста дукати.
КАЛИМАКО: Добро си сторил.
ЛИГУРИО: Докторот веќе извади дваесет и пет.
КАЛИМАКО: Како?
ЛИГУРИО: Важно ги извади.
КАЛИМАКО: Мајка ѝ на Лукреција што направи?
ЛИГУРИО: Речиси сè. Штом дозна дека оваа убава ноќ на нејзината ќерка нема да ѝ се смета
за грев, нејзе ѝ остана само да се моли, да заповеда и да ја теши Лукреција, така што ја
доведе кај попот и таму така ѝ зборуваше што таа се согласи.
КАЛИМАКО: Оф, Господе! Како сум заслужил јас вакви добрини? Ќе умрам од среќа.
ЛИГУРИО: (Што луѓе се овие, сега од радост, пред малку од тага, како и да е, овој сака само
да умира.) Ја подготви ли ти напивката?
КАЛИМАКО: Да, секако.

33
Мандрагола

ЛИГУРИО: И што ќе им пратиш?


КАЛИМАКО: Една чаша варено вино, кое е добро за стомакот, а и умот го развеселува. Оф,
леле, оф, леле, тешко мене, готов сум!
ЛИГУРИО: Што е? Што ти стана?
КАЛИМАКО: Ми нема спас.
ЛИГУРИО: Ама кој ѓавол ти стана?
КАЛИМАКО: Ништо не направивме, а јас пропаднав, целосно.
ЛИГУРИО: Зошто? Зошто не кажуваш? Тргни ги рацете од лицето.
КАЛИМАКО: Нели се сеќаваш дека му кажав на господин Нича дека ти, тој, Сиро и јас ќе
најдеме некој што ќе го легнеме крај жена му?
ЛИГУРИО: Па што?
КАЛИМАКО: Како па што? Ако сум јас со вас, не можам да бидам и оној што ќе го најдете, а
ако не сум, тогаш ќе се разоткрие измамата.
ЛИГУРИО: Точно е. Но не можеме ли да најдеме некое решение?
КАЛИМАКО: Мислам не.
ЛИГУРИО: Ама, мора да има решение!
КАЛИМАКО: Какво?
ЛИГУРИО: Пушти ме малку да размислам.
КАЛИМАКО: Сега ми е јасно, готов сум, ако треба допрва да размислуваш.
ЛИГУРИО: Се сетив!
КАЛИМАКО: Што?
ЛИГУРИО: Ќе го натераме попот, кој и досега ни помагаше, да го стори и ова.
КАЛИМАКО: На кој начин?
ЛИГУРИО: Сите ние треба да се преоблечеме, но јас ќе го натерам и попот да се преоблече.
Ќе си го преправи гласот, ликот и облеката, па на докторот ќе му кажам дека тоа си ти, а тој
ќе ми поверува.
КАЛИМАКО: Ми се допаѓа. А јас, што треба да правам?
ЛИГУРИО: Ти погрижи се да се наметнеш со некакви партали, па со мандолина во рацете
да дојдеш покрај неговата куќа и да потпевнуваш некоја песна.

34
Мандрагола

КАЛИМАКО: Со отскриен лик?


ЛИГУРИО: Да, оти ако носиш маска, тој би можел да се посомнева.
КАЛИМАКО: Ќе ме препознае.
ЛИГУРИО: Нема да може, затоа што сакам малку да си го искривиш лицето, да ја отвориш,
да ја изостриш или да ја исклештиш устата, да затвориш едно око. Ајде, обиди се.
КАЛИМАКО: Вака?
ЛИГУРИО: Не.
КАЛИМАКО: Вака?
ЛИГУРИО: Не е доволно.
КАЛИМАКО: А вака?
ЛИГУРИО: Да, да, запомни го ова. Јас дома имам еден нос, ќе треба и него да го залепиш.
КАЛИМАКО: Па добро, а што ќе биде потоа?
ЛИГУРИО: Штом ќе се појавиш ти пеејќи, ние ќе дојдеме таму, ќе ти ја земеме мандолината,
ќе те фатиме, ќе те пикнеме во креветот. Другото ќе мора понатаму ти самиот да го сториш.
КАЛИМАКО: Но сето тоа треба да се оствари!
ЛИГУРИО: Ќе се оствари. Но дали оттаму ќе се вратиш, тоа зависи од тебе, а не од нас.
КАЛИМАКО: Како?
ЛИГУРИО: Ти неа ноќва ќе ја придобиеш, а пред да си заминеш, ќе ѝ дозволиш да те
препознае, ќе ѝ кажеш за измамата, ќе ѝ кажеш колкава љубов те тера кон неа. Дека без
никаков срам може да ѝ бидеш пријател, а голем срам може да ѝ се случи ако си ѝ
непријател. Ќе биде невозможно таа да не дојде со тебе и да сака да остане сама оваа ноќ.
КАЛИМАКО: Веруваш ли ти во ова?
ЛИГУРИО: Ама сигурен сум! Но да не губиме повеќе време, веќе е два часот. Викни го Сиро,
прати му ја напивката на господин Нича, а потоа оди дима и чекај ме да дојдам. Јас ќе одам
кај попот, ќе го натерам да се преоблече и ќе го донесам тука, па ќе го најдеме докторот и
ќе го сториме сè друго.
КАЛИМАКО: Право велиш. Ајде тогаш, оди!

СЦЕНА III
КАЛИМАКО, СИРО

35
Мандрагола

КАЛИМАКО: Еј, Сиро!


СИРО: Господине!
КАЛИМАКО: Ела тука!
СИРО: Еве сум.
КАЛИМАКО: Земи ја сребрената чаша, која се наоѓа во шкафот во спалната, покриј се малку
со некакво платно, па дојди кај мене, но внимавај да не ја истуриш течноста по пат.
СИРО: Ќе биде сторено!
КАЛИМАКО: Овој веќе десет години е кај мене и секогаш добро ме служел. Затоа јас се
надевам дека и во оваа пригода ќе се уверам во неговата верност, бидејќи јас не сум му
кажал за измамата, а тој погодува и гледам дека се снаоѓа, зашто е голем итрец. Тоа е лоша
навика, а гледам дека тој полека се навикнува.
СИРО: Еве го.
КАЛИМАКО: Одлично. А сега ќе одиш во куќата на господин Нича и кажи му дека е ова лекот
што жена му треба да го испие веднаш по вечерата. Колку порано ќе вечераат, толку
подобро. Ние ќе бидеме таму во близина, та кажи му да излезе, како што сме се
договориле. Оди сега, брзо.
СИРО: Одам.
КАЛИМАКО: Слушни ме. Ако сака да го почекаш, ти почекај го, па дојди заедно со него. А
ако не сака, врати се тука кај мене, откако ќе му го дадеш тоа и ќе му ја пренесеш поракава.

СЦЕНА IV
КАЛИМАКО (Сам.)
КАЛИМАКО: Го чекам Лигурио да се врати со попот, а оној што рекол дека чекањето е тешка
работа, право кажал. Со секој час што поминува, губам по десет ливри и кога ќе помислам
каде сум, а каде би можел наскоро, за неполни два часа, да бидам, се плашам да не излезе
нешто што ќе го попречи мојот план. Ако се случи такво нешто, тоа ќе ми биде последната
ноќ во мојот живот, затоа што ќе се фрлам во Арно, или ќе се обесам, или ќе скокнам од
прозорец, или пак ќе се заколам токму пред нејзината врата. Нешто ќе сторам, само за да
не живеам повеќе. – Но го гледам ли Лигурио? Сигурно е тој, а со него е уште некој, кој
изгледа како да е грбав и куц, а тоа мора да е попот, преоблечен. Ах, тие попови! Си
запознал еден, а веќе сите ги познаваш. Но кој е оној другиот што оди покрај нив? Ми личи
како да е Сиро, кој сигурно веќе му ја пренел пораката на докторот. Да, тој е. Ќе ги почекам
тука, за да ги видам.

СЦЕНА V
36
Мандрагола

СИРО, ЛИГУРИО, ПОПОТ преоблечен, КАЛИМАКО


СИРО: Кој е овој со тебе, Лигурио?
ЛИГУРИО: Еден добар човек.
СИРО: Куц ли е, или се прави таков?
ЛИГУРИО: Ај гледај си ја работата!
СИРО: Ах! Има лице како некој никаквец!
ЛИГУРИО: Ама, ајде, молчи, што си се запнал! Каде е Калимако?
КАЛИМАКО: Тука сум. Добро сте дошле!
ЛИГУРИО; Леле, Калимако, извести го веќе овој глупав Сиро, триста глупости ни изнакажа.
КАЛИМАКО: Слушај, Сиро, ти вечерва ќе треба да правиш сè како што ќе ти каже Лигурио и
внимавај, кога нешто ќе ти нареди, исто како јас да сум ти рекол. И за сè што ќе видиш, што
ќе чуеш или забележиш, ќе треба да молчиш, доколку ти е грижа за мојот имот, чест и
живот, како и за твое добро.
СИРО: Така ќе биде!
КАЛИМАКО: Му ја даде ли чашата на докторот?
СИРО: Да, господине.
КАЛИМАКО: И што рече?
СИРО: Дека сè е во ред.
ФРА ТИМОТЕО: Калимако ли е тоа?
КАЛИМАКО: Да, јас сум, на ваша заповед. Условите ви се познати, вие треба да располагате
со мене и со целото мое богатство, како да е ваше.
ФРА ТИМОТЕО: Знам и верувам во тоа. Јас се согласив да го сторам за тебе она што не би го
правел за никој друг на светов.
КАЛИМАКО: Вашиот труд не ќе е залуден.
ФРА ТИМОТЕО: Доволно ќе ми биде да ве имам за пријател.
ЛИГУРИО: Ама доста веќе со овие церемонијални фрази! Да одиме сега да се преоблечеме
Сиро и јас. А ти, Калимако, дојди со нас, за да можеш да си ги бркаш своите работи. Попот
ќе нè почека тука. Ние веднаш ќе се вратиме, па ќе одиме да се најдеме со господин Нича.
КАЛИМАКО: Имаш право, да одиме.

37
Мандрагола

ФРА ТИМОТЕО: Јас ќе ве чекам тука.

СЦЕНА VI
ПОПОТ (Сам, преоблечен.)
ПОПОТ: Имаат право оние што велат дека лошото друштво ги тера луѓето во невола, па
многу често човек лошо ќе си заврши само затоа што бил премногу наивен или премногу
добар, исто како да бил премногу зол. Самиот Господ знае дека јас немав намера никого
да повредам, си седев во мојата ќелија, си ги кажував молитвите и си разговарав со
верниците. Но ми се појави наеднаш овој ѓавол Лигурио, кој ме натера да ставам прст во
гревот, а јас си ја пикнав раката, и целото тело, па сè уште не знам каде ќе завршам. Само
се тешам дека штом некоја работа им е важна на повеќемина, повеќе луѓе треба за неа и
да се погрижат. Но ене ги Лигурио и оној слугата, се враќаат.

СЦЕНА VII
ФРА ТИМОТЕО, ЛИГУРИО, СИРО
ФРА ТИМОТЕО: Добре дојдовте!
ЛИГУРИО: Како изгледаме?
ФРА ТИМОТЕО: Одлично.
ЛИГУРИО: Сега ни фали само уште докторот. Да одиме накај неговата куќа. Веќе измина три
часот, да одиме!
СИРО: Кој ја отвора вратата? Слугата ли е тоа?
ЛИГУРИО: Не, тој самиот. Ха-ха-ха!
СИРО: Што се смееш?
ЛИГУРИО: Како да не се смеам? Облекол некоја антарија која ни газот не му го покрива. А
што ли има на главата, по ѓаволите? Личи на некој црковен испосник, а под него на
мечувалец. Ха, ха! И уште па нешто мрмори. Да се поттргнеме настрана, ќе чуеме некоја
случка поврзана со жена му.

СЦЕНА VIII
ГОСПОДИН НИЧА (Преоблечен.)
ГОСПОДИН НИЧА: Леле, колку сложени подготовки презеде онаа моја будалетинка! Ги
прати слугинките кај мајка си, а слугата на село. И за тоа дури морам и да ја пофалам, но не
можам да ѝ простам што пред да се согласи да легне со оној ми даваше толку голем отпор:
„Не сакам!... Ама, како ќе го сторам тоа?... Што ме терате да правам?... Леле, кутрата јас!

38
Мандрагола

Мајко моја!...“ Па да не ја натераше и да не ја заплашеше мајка ѝ... немаше никогаш да


легне во таа постела. Е, треска нека ја стресе! Јас си сакам пребирливи жени, ама не
дотолку. Оти оваа сосем нè избезуми, будалетинка низаедна! Да каже некој: „По ѓаволите
и со најмудрата жена во Фиренца!“, таа би му одговорила: „Ама што сум ти сторила?“ Јас
знам дека на крајот Пасквина ќе си влезе во Арецо и знам, уште пред да се заврши играта,
дека ќе можам да кажам, како госпоѓа Гинга: „Се уверив, со своите сопствени раце“. Но сега
сум сосем убаво дотеран! Кој би можел да ме препознае? Изгледам повисок, помлад и
послаб, та ниедна жена не може да ми земе пари за да ме одведе в кревет. Ама, каде ли се
сега оние?

СЦЕНА IX
ЛИГУРИО, ГОСПОДИН НИЧА, ПОПОТ преоблечен, СИРО
ЛИГУРИО: Добро вечер, господине!
ГОСПОДИН НИЧА: Оф, леле!
ЛИГУРИО: Не плашете се, ние сме.
ГОСПОДИН НИЧА: Аха, сите сте тука! Да не ве познавав отпорано, ќе ви го зададев, со овој
меч, најдиректниот удар што постои! Ти ли си тоа, Лигурио? И ти, Сиро? А оној таму, лекарот
ли е?
ЛИГУРИО: Да, господине.
ГОСПОДИН НИЧА: А-ха! Ама се преправил, не би го познал ни Ва-ква-ту!
ЛИГУРИО: Го натерав да стави два орева во устата, да не го препознаат по гласот.
ГОСПОДИН НИЧА: Е, ама си глупав!
ЛИГУРИО: Зошто?
ГОСПОДИН НИЧА: Па што не ми кажа порано? Ќе си ставев и јас два орева, знаеш колку е
важно да не нè препознаат по зборувањето.
ЛИГУРИО: Еве, ставете го ова во устата.
ГОСПОДИН НИЧА: Што е тоа?
ЛИГУРИО: Топче од восок.
ГОСПОДИН НИЧА: Дај го ваму, ка, пу, ка, ко, ку, пуу... Да ти се исуши сосем, ѓубре едно
низаедно!
ЛИГУРИО: Простете, не забележав дека ви дадов нешто друго.
ГОСПОДИН НИЧА: Ках, ках, пу, пу... Ама, што, што беше тоа?

39
Мандрагола

ЛИГУРИО: Алоја.
ГОСПОДИН НИЧА: Ѓавол да те носи! Пуу, пу! Магистре, вие ништо не велите?
ФРА ТИМОТЕО: Лигурио сега ве налути.
ГОСПОДИН НИЧА: О па вие сосем добро си го преправате гласот.
ЛИГУРИО: Да не губиме повеќе време. Јас сакам да командувам и да ја предводам војската
за денес. На десното крило е поставен Калимако, на левото јас, меѓу двете крила ќе биде
докторот, Сиро ќе ја држи заднината, за да биде поддршка на онаа страна која ќе
потклекне. Лозинката ќе ни биде св. Ку-ку.
ГОСПОДИН НИЧА: А кој е тој св. Ку-ку?
ЛИГУРИО: Тоа е најпочитуваниот светец во Франција. Ајде да одиме, да ја поставиме
заседата на оваа страна. Послушајте: како да слушам звук на мандолина.
ГОСПОДИН НИЧА: Така е. Што ќе правиме?
ЛИГУРИО: Ќе пратиме најнапред некого во извидница, да види кој е, па штом ќе ни поднесе
извештај, ќе решиме што ќе правиме.
ГОСПОДИН НИЧА: А кој ќе оди?
ЛИГУРИО: Ајде, оди ти, Сиро. Знаеш што треба да сториш. Разгледај, испитај и брзо врати
се, да поднесеш извештај.
СИРО: Одам.
ГОСПОДИН НИЧА: Јас не би сакал наместо риба рак да фатиме, тоа да биде некој слаб или
болешлив старец, па да мора оваа игра и утре да ја повториме.
ЛИГУРИО: Не берете гајле, Сиро е способен човек. Ене го, се враќа... Што виде, Сиро?
СИРО: Тоа е едно момче, најубаво што сте го виделе! Нема ни дваесет и пет години, а си
шета само со една наметка и свири мандолина.
ГОСПОДИН НИЧА: Тој е добра прилика, доколку е точно ова што го кажуваш. Но, внимавај,
инаку целата оваа чорба ќе ти падне тебе врз глава.
СИРО: Ама така е како што ви кажав.
ЛИГУРИО: Да почекаме да ја заврши песнава, па веднаш да го фатиме.
ГОСПОДИН НИЧА: Дојдете наваму, магистре, ми изгледате како од дрво да сте. Еве го.
КАЛИМАКО: „Да може да ти дојде ѓаволот во кревет,
штом не можам да ти дојдам јас“.

40
Мандрагола

ЛИГУРИО: Биди мирен! И дај ја ваму таа мандолина.


КАЛИМАКО: Оф, леле! Ама, што сторив лошо?
ГОСПОДИН НИЧА: Ќе видиш. Покриј му ја главата и затни му ја устата.
ЛИГУРИО: Завртете го!
ГОСПОДИН НИЧА: Ајде уште еднаш! Уште еднаш! И пикнете го во куќата!
ФРА ТИМОТЕО: Господине Нича, јас ќе одам да се одморам, оти толку ме боли главата што
ќе си умрам од болка. Па ако нема потреба, ќе се вратам дури наутро.
ГОСПОДИН НИЧА: Да, магистре, нема потреба, ќе се снајдеме ние и самите.

СЦЕНА X
ФРА ТИМОТЕО (Сам.)
ФРА ТИМОТЕО: Тие се сега сите во куќата, а јас ќе си одам во манастирот. А вие, гледачи,
немојте да ни замерите, оти вечерва никој нема да спие, така што ни чиновите нема да се
прекинат. Јас ќе си ја кажам молитвата. Лигурио и Сиро ќе си вечераат, бидејќи денес ништо
не јаделе, докторот ќе премине од собата во салонот, за да може работата мазно да се
изведе. Калимако и госпоѓа Лукреција нема да спијат, оти јас знам, да сум на негово место,
а вие да сте на нејзино, сигурно и ние не би заспале.
ПЕСНА: (По четвртиот чин.)
О слатка ноќ, о свети
ноќни мигови и спокој,
што друштво сте на љубовници копнежи;
во вас толку многу радости, светли
здружено стојат, таму кај што сте вие рој,
таму лежи причината за души блажени.
Вие давате награди заслужени
на вљубените чети,
за маките долготрајни
вие, о среќни мигови, правите клади
да горат од љубов на нив замрзнатите гради!

41
Мандрагола

ПЕТТИ ЧИН
СЦЕНА I
ФРА ТИМОТЕО (Сам.)
ФРА ТИМОТЕО: Не можев ноќва око да склопам, толку многу копнеам да дознаам како
поминаа Калимако и другите. А чекав да ми измине времето, со разни работи: ја кажав
утринската молитва, прочитав едно од житијата на Светите Отци, отидов во црква, запалив
една од свеќите која беше згасната, го сменив превезот на чудотворната Богородица. Колку
пати сум им кажал на фратрите да ја одржуваат чиста! Па потоа се чудат кога немаме
верници. Јас се сеќавам на времињата кога имавме петстотини заветни икони, а денес
немаме ни дваесет, но за сето тоа сме си самите виновни, бидејќи не умееме да си го
чуваме угледот. Порано имавме обичај секоја вечер, по вечерата, да одиме на процесија, а
секоја сабота инсистиравме да се пеат пофални. И секогаш тука заветувавме, за да има
постојано нови икони, ги тешевме мажите со исповед, а жените со завет. Сега не се прави
ништо од сето ова, па се чудиме зошто работите ни замираат! Е, колку се без мозок овие
мои фратри! – Но слушам голема врева од куќата на господин Нича. Еве ги, до бога, го носат
надвор заробеникот. Токму навреме сум стасал. Се развлече работава до последна капка!
Веќе се зазорува. Сакам да чујам што ќе зборуваат, без да се разоткријам.

СЦЕНА II
ГОСПОДИН НИЧА, КАЛИМАКО, ЛИГУРИО, СИРО
ГОСПОДИН НИЧА: Фати го оттаму, а јас одовде. А ти, Сиро, држи го за наметката, одзади.
КАЛИМАКО: Аман, не повредувајте ме!
ЛИГУРИО: Не плаши се, само оди.
ГОСПОДИН НИЧА: Ние да не одиме понатаму.
ЛИГУРИО: Имате право. Оставете го тука. Завртете го двапати, да не знае од каде дошол.
Заврти го, Сиро.
СИРО: Еве.
ГОСПОДИН НИЧА: Заврти го уште еднаш!
СИРО: Еве, го завртев.
КАЛИМАКО: А мојата мандолина?
ЛИГУРИО: Бегај, разбојнику, бегај подалеку! Само ако те чујам да проговориш, вратчето ќе
ти го свиткам.

42
Мандрагола

ГОСПОДИН НИЧА: Побегна. Сега да се одмориме. Но ќе треба рано да излеземе од дома,


да не се забележи дека сме ја пробдеале целата ноќ.
ЛИГУРИО: Право велите.
ГОСПОДИН НИЧА: Одете сега вие со Сиро и пронајдете го магистерот Калимако, па
известете го дека работата успешно се заврши.
ЛИГУРИО: Ама што можеме ние да му кажеме? Кога ништо не знаеме. Вие знаете дека,
штом влеговме во куќата, слеговме во подрумот да пиеме. Вие останавте заедно со мајката
и веќе не се видовме, сè досега, кога нè викнавте да го исфрлиме надвор.
ГОСПОДИН НИЧА: Точно е ова што го кажувате. О имам да ви раскажувам прекрасни нешта.
Жена ми во темница лежеше во постелата. Сострата ме чекаше кај огништето. Јас слегов
долу со ова мангупиште, па за да не ми се измолкне ништо, го поведов кон една остава што
ја имам во еден салон, каде што има некаква замаглена светилка, која фрлаше по малку
сенка, така да не може да ми го види лицето.
ЛИГУРИО: Мудро од вас!
ГОСПОДИН НИЧА: Го терав да се соблече, но не сакаше, ама јас како куче му за’ржав, така
што му се чинеше дека илјада години веќе е без облека, и остана гол. Грд е во ликот. Има
голем нос и крива уста, но не си видел толку убава кожа: бела, мека, мазна, а за другото –
не прашувајте!
ЛИГУРИО: А, не, добро е да ни кажете. Оти требаше целиот да го видите.
ГОСПОДИН НИЧА: Ама ти да не се шегуваш? Штом си го замешав прстот во тестото, секако
посакав и дното да го допрам. А сакав да видам и дали е здрав. Да имаше меури, каде ќе
ми беше крајот? Ама, само зборуваш без врска.
ЛИГУРИО: Имате право.
ГОСПОДИН НИЧА: Кога видов дека е здрав, се смирив, па во темница го однесов во собата
и го ставив во постелата, а пред да си заминам, сакав со допир да се уверам како ќе оди
работата, оти мене не може никој да ми продаде урда за сирење.
ЛИГУРИО: Со колкава претпазливост сте ја извеле работава!
ГОСПОДИН НИЧА: Допрев и се уверив дека има сè што треба, излегов од собата и ја
заклучив вратата. Потоа отидов кај мајка ѝ, која остана кај огништето, па со неа цела ноќ
чекавме и си муабетевме.
ЛИГУРИО: И за што си муабетевте?
ГОСПОДИН НИЧА: За глупавоста на Лукреција, и за тоа колку ќе беше подобро без онакви
перипетии да се согласеше уште веднаш. А потоа си разговаравме за детето, за синчето,

43
Мандрагола

кое веќе ми се чини дека го држам во рацете! И така, слушнав како бие еден часот по
полноќ, па плашејќи се веќе да не се раздени, отидов во собата. Што ќе кажете ако ви речам
дека не можев да го кренам оној разбојник?
ЛИГУРИО: Верувам!
ГОСПОДИН НИЧА: Му се допадна, убаво се омрси! Сепак, стана некако, а јас ве повикав, па
го изнесовме надвор.
ЛИГУРИО: Работата, значи, сè по планот се заврши.
ГОСПОДИН НИЧА: Што велиш ти, треба ли да се грижам?
ЛИГУРИО: За што?
ГОСПОДИН НИЧА: За она кутро момче кое сега набрзо ќе умре и оваа ноќ скапо ќе го чини.
ЛИГУРИО: Ама вие премногу се грижите! Оставете тој нека си се грижи за себе.
ГОСПОДИН НИЧА: Право велиш. Но ми се чини како со години да го немам видено
магистерот Калимако, да се расположам со него.
ЛИГУРИО: Па, за еден час и тој ќе излезе надвор. Но веќе се раздени, ние ќе одиме да се
преоблечеме. Вие што ќе правите?
ГОСПОДИН НИЧА: Ќе одам и јас дома, да си облечам нешто поубаво. Ќе ја разбудам и ќе ја
искапам жената и ќе ја одведам во црква, на благослов. Би сакал и вие и Калимако да
бидете таму, за да позборуваме со отецот, да му се заблагодариме и да го наградиме за
добрината што ни ја овозможи.
ЛИГУРИО: Имате право. Така ќе сториме.

СЦЕНА III
ФРА ТИМОТЕО (Сам.)
ФРА ТИМОТЕО: Јас го слушнав овој разговор и сè ми се допадна, имајќи предвид колку е
глупав овој доктор, но особено, над сè друго, ме развесели последниов дел. Штом тие
сакаат да дојдат кај мене, не треба веќе да бидам тука, туку ќе ги чекам во црквата, каде
што мојата стока уште повеќе ќе вреди. – Но кој излегува од онаа куќа? Ми личи на Лигурио,
а тој со него треба да е Калимако. Не сакам да ме видат, од споменативе причини, но сепак,
дури и да не дојдат тие кај мене, сè уште ќе имам време јас да отидам кај нив.

СЦЕНА IV
КАЛИМАКО, ЛИГУРИО

44
Мандрагола

КАЛИМАКО: Како што ти кажав, мој Лигурио, сè до девет часот без нерасположен, па иако
многу се изнауживав, некако ми се чинеше дека не е она вистинското. Но, откако ѝ се
разоткрив кој сум и ја уверив во љубовта што ја чувствував за неа и во тоа колку лесно,
поради глупавоста на нејзиниот маж, би можеле ние да живееме среќни и без никаков
срам, ѝ ветив дека, ако Господ случајно нешто друго планира со него, тогаш јас ќе ја земам
за жена. Па откако таа, настрана вистинската причина, ја почувствува и разликата меѓу
мојата прегратка и онаа на Нича, како и бакнежите од еден млад љубовник и еден стар
сопруг, испушти неколку воздишки и ми рече: „Штом твојата итрина, глупавоста на мојот
маж, простотијата на мајка ми и расипаноста на мојот исповедник ме наведоа да го сторам
она што самата не ќе го сторев никогаш, јас сакам да верувам дека заради некој небесна
предодреденост требало вака да биде, па не сум достојна да не го прифатам она што
небото го посакува. Но ќе те сметам тебе за господин, господар и водач, мој родител и мој
бранител, и сакам да бидеш сето мое богатство, а она што мојот маж го посака за една
вечер, јас сакам да биде засекогаш. Стани му ти тогаш кум и дојди утре изутрина в црква, а
оттаму дојди кај нас на ручек, па кога сакаш ќе си одиш и ќе доаѓаш, а ние ќе можеме
секогаш и без никакво сомневање да се среќаваме“. Слушајќи ги овие зборови, јас за малку
ќе си умрев од сладост. Не можев да ѝ одговорам ни најмал дел од она што посакував да ѝ
го кажам. И така, сега сум ти најсреќниот и најзадоволниот човек што постои на светов, па
ако оваа среќа не ме напушти, поради смрт или со текот на времето, јас ќе ти бидам
поблажен од блажените и свет меѓу светците.
ЛИГУРИО: Многу се радувам на твојата среќа и гледам дека сè се завршило онака како што
ти велев. Но што ќе правиме сега?
КАЛИМАКО: Ќе одиме накај црквата, бидејќи ѝ ветив дека ќе бидам таму, каде што и таа
треба да дојде, заедно со мајка ѝ и со докторот.
ЛИГУРИО: Слушам како се отвора нивната врата; тие се, излегуваат надвор, а докторот оди
по нив.
КАЛИМАКО: Да одиме во црквата, па таму ќе ги чекаме.

СЦЕНА V
ГОСПОДИН НИЧА, ЛУКРЕЦИЈА, СОСТРАТА
ГОСПОДИН НИЧА: Лукреција, јас мислам дека е подобро нештата да се прават со страв од
бога, отколку безумно.
ЛУКРЕЦИЈА: Ама што сака сега па овој?
ГОСПОДИН НИЧА: Слушни ја како одговара, како некој петел!
СОСТРАТА: Не чудете се, малку е изменета.

45
Мандрагола

ЛУКРЕЦИЈА: Што сакавте да кажете?


ГОСПОДИН НИЧА: Сакам да кажам дека е добро најпрвин јас да одам, да поразговарам со
попот и да му кажам да дојде да те поздрави на влезот во црквата, за да те благослови, оти
така е соодветно утрово, како повторно да си се родила.
ЛУКРЕЦИЈА: Па што не одите?
ГОСПОДИН НИЧА: Ти утрово си многу гневна! А вчеравечер изгледаше наполу мртва.
ЛУКРЕЦИЈА: Па тоа е ваша заслуга.
СОСТРАТА: Одете пронајдете го попот. Но нема потреба, ене го, надвор од црквата.
ГОСПОДИН НИЧА: Имате право.

СЦЕНА VI
ФРА ТИМОТЕО, ГОСПОДИН НИЧА, ЛУКРЕЦИЈА, КАЛИМАКО, ЛИГУРИО,
СОСТРАТА
ФРА ТИМОТЕО: (Ќе излезам надвор, оти Калимако и Лигурио ме известија дека докторот и
жените веќе идат накај црквата.)
ГОСПОДИН НИЧА: Bona dies, оче!
ФРА ТИМОТЕО: Бидете добредојдени, а вам секое добро, госпоѓо! Нека ви даде Господ да
родите едно убаво машко дете!
ЛУКРЕЦИЈА: Со божја волја!
ФРА ТИМОТЕО: Е, секако ќе биде.
ГОСПОДИН НИЧА: Ги гледам ли во црквата Лигурио и магистер Калимако?
ФРА ТИМОТЕО: Да, господине.
ГОСПОДИН НИЧА: Повикајте ги.
ФРА ТИМОТЕО: Дојдете!
КАЛИМАКО: Дал бог добро!
ГОСПОДИН НИЧА: Магистер, елате тука и пружете ѝ рака на мојата сопруга.
КАЛИМАКО: Со задоволство.
ГОСПОДИН НИЧА: Лукреција, овој човек е заслужен што наскоро ќе добиеме столб на кој
ќе можеме да се потпреме во староста.
ЛУКРЕЦИЈА: Многу ми е драго. Па, тогаш, ајде, нека ни биде кум.

46
Мандрагола

ГОСПОДИН НИЧА: О благословена биди! Би сакал и тој и Лигурио да дојдат денес да ручаат
со нас.
ЛУКРЕЦИЈА: Секако.
ГОСПОДИН НИЧА: А би сакал да им дадам и клуч и од долната соба, близу до тремот, да си
влезат таму кога сакаат, бидејќи си немаат жени дома, па да не талкаат наоколу како
кучиња.
КАЛИМАКО: Јас прифаќам. Ќе си ја користам кога ќе ми затреба.
ФРА ТИМОТЕО: А јас ќе добијам ли пари за црковниот прилог?
ГОСПОДИН НИЧА: Добро знаете, domine, дека денес ќе ви бидат пратени.
ЛИГУРИО: А нема ли некој и на Сиро да се сети?
ГОСПОДИН НИЧА: Нека си побара! Сè што имам, ќе биде негово. Ти, Лукреција, колку гроша
мислиш да му дадеме на попот за да те благослови?
ЛУКРЕЦИЈА: Дајте му десет.
ГОСПОДИН НИЧА: По ѓаволите!
ФРА ТИМОТЕО: Вие, госпоѓо Сострата, како да сте добиле некоја нова сила утрово?
СОСТРАТА: А кој не би бил среќен?
ФРА ТИМОТЕО: Да влеземе сега сите во црквата, па таму ќе си ја кажете редовната молитва,
а потоа, по службата, одете да си ручате каде што сакате. А вие, гледачи, не чекајте нè
повторно да излеземе; службата е долга, јас ќе си останам во црквата, а тие од страничниот
влез ќе си одат дома. Со здравје!

КРАЈ

47

You might also like