You are on page 1of 50

Женидба

Николај Васиљевич Гогољ

ЖЕНИДБА

1
Женидба

ЛИЦА:
АГАФЈА ТИХОНОВНА, трговска ќерка, мома за мажење
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА, нејзина тетка
ФЈОКЛА ИВАНОВНА, стројничка
ПОТКАЛЈОСИН, чиновник, придворен советник
КОЧКАРЈОВ, негов пријател
КАЈГАНА, домаќин во некоја установа
АНУЧКИН, пешадиски офицер во пензија
ЖЕВАКИН, поморец
ДУЊАШКА, слугинче кај Агафја
СТАРИКОВ, трговец од безистенот
СТЕПАН, слуга на Поткалјосин

2
Женидба

ПРВИ ЧИН
ПОЈАВА I
Соба на ерген
ПОТКАЛЈОСИН: (Сам, лежи на канабе и пуши со долго луле.) Еве, кога ќе почнеш вака сам
без работа да размислуваш, тогаш ќе видиш дека најпосле навистина треба да се жениш. А
и зошто не? Живееш така, живееш и најпосле просто ти се смачува. Ете, пак ги пропуштив
покладите. А чинам дека сè е готово, и стројничката еве веќе три месеци доаѓа. Навистина,
некако ми станува веќе срам. Еј, Степан!

ПОЈАВА II
ПОТКАЛЈОСИН, СТЕПАН
ПОТКАЛЈОСИН: Да не доаѓаше стројничката?
СТЕПАН: А не.
ПОТКАЛЈОСИН: А беше ли кај шивачот?
СТЕПАН: Бев.
ПОТКАЛЈОСИН: Е, го шие ли фракот?
СТЕПАН: Го шие.
ПОТКАЛЈОСИН: А многу ли веќе сошил?
СТЕПАН: Па, доста. Почнал веќе да ги опшива дупчињата за петлиците.
ПОТКАЛЈОСИН: Што велиш?
СТЕПАН: Велам: почнал веќе да ги опшива дупчињата за петлиците.
ПОТКАЛЈОСИН: А не праша ли што ќе му е, така, на господинот фрак?
СТЕПАН: Не, не праша.
ПОТКАЛЈОСИН: Можеби рекол: да не сака господинот да се жени?
СТЕПАН: Не, ништо не рече.
ПОТКАЛЈОСИН: Сепак ти си видел кај него и други фракови? Та тој шие и за други?
СТЕПАН: Да, многу фракови висат кај него.
ПОТКАЛЈОСИН: Туку сепак чоата им е секако полоша отколку мојата?
СТЕПАН: Да, повеќе ќе прилега од вашата.

3
Женидба

ПОТКАЛЈОСИН: Што зборуваш ти?


СТЕПАН: Велам: повеќе прилега од вашата.
ПОТКАЛЈОСИН: Добро. А не праша ли: зошто, да речеме, господинот си шие фрак од така
фина чоа?
СТЕПАН: Не.
ПОТКАЛЈОСИН: Не зборуваше ли ништо за тоа дека твојот господин, да речеме, сака да се
жени?
СТЕПАН: Не, за тоа не зборуваше.
ПОТКАЛЈОСИН: Ти секако си му кажал каков чин имам и каде работам?
СТЕПАН: Му кажав.
ПОТКАЛЈОСИН: А што рече тој на тоа?
СТЕПАН: Вели: ќе се потрудам.
ПОТКАЛЈОСИН: Добро. Оди си сега. (Степан излегува.)

ПОЈАВА III
ПОТКАЛЈОСИН: (Сам.) Јас мислам дека црн фрак е некако посолиден. Фраковите во други
бои повеќе им прилегаат на секретари, на пониски чиновници и на останатите ситни риби,
некако се како за зеленковци. Оние што се според чинот повисоко, треба повеќе да
внимаваат, како што се вели, на... ете го заборавив тој збор! И убав збор е, а го заборавив.
Да, братче, како и да го вртиш и сучиш, туку придворен советник ти е исто како полковник,
само што носи мундир без еполети. Еј, Степан!

ПОЈАВА IV
ПОТКАЛЈОСИН, СТЕПАН
ПОТКАЛЈОСИН: А купи ли боја за чевли?
СТЕПАН: Купив.
ПОТКАЛЈОСИН: Каде си ја купил? Во она ли дуќанче за кое ти зборував, она што е во
Вознесенската улица?
СТЕПАН: Да, токму во него.
ПОТКАЛЈОСИН: А добра ли е бојата?
СТЕПАН: Добра е.

4
Женидба

ПОТКАЛЈОСИН: Се обиде ли да ги исчистиш со неа чевлите?


СТЕПАН: Се обидов.
ПОТКАЛЈОСИН: Па, светат ли?
СТЕПАН: Светат од неа, светат убаво.
ПОТКАЛЈОСИН: А кога тој ти ја продаваше тебе бојата, не те праша ли што ќе му е, да
речеме, на господинот таква боја?
СТЕПАН: Не ме праша.
ПОТКАЛЈОСИН: А да не рече, можеби: да не мисли, да речеме, господинот да се жени?
СТЕПАН: Не, ништо не рече.
ПОТКАЛЈОСИН: Е, добро, оди си. (Степан излегува.)

ПОЈАВА V
ПОТКАЛЈОСИН: (Сам.) Изгледа дека чевлите се дробна работа, а ете, сепак, ако се лошо
направени, а бојата за чевли е црвеникава, е, тогаш веќе во добро друштво и нема толку да
те ценат. Сè некако не ќе биде како што треба... А гадно е уште и кога човек има мозоли.
Готов сум да истрпам што и да е, само не мозоли. Еј, Степан!

ПОЈАВА VI
ПОТКАЛЈОСИН, СТЕПАН
СТЕПАН: Што ќе повелите?
ПОТКАЛЈОСИН: Му кажа ли на чевларот да води сметка да не ми излезат мозоли?
СТЕПАН: Му кажав.
ПОТКАЛЈОСИН: А што вели тој?
СТЕПАН: Вели: добро. (Си оди.)

ПОЈАВА VII
ПОТКАЛЈОСИН, потем СТЕПАН
ПОТКАЛЈОСИН: А навистина, колку е тешка работа женидбата, ѓавол да ја земе! Та ова, та
она, па уште она. А и ова и она да биде како што треба, – не, ѓавол да го земе, не е тоа така
лесно, како што велат. Еј, Степан! (Степан влегува.) Сакав уште да ти кажам...
СТЕПАН: Дојде бабата...

5
Женидба

ПОТКАЛЈОСИН: А, дошла; викни ја ваму. (Степан излегува.) Да, тоа е работа... не баш
лесна... тешка работа.

ПОЈАВА VIII
ПОТКАЛЈОСИН и ФЈОКЛА
ПОТКАЛЈОСИН: А, здраво – живо, Фјокла Ивановна. Е, што е? Како е? Земи си стол, седи и
раскажувај. Е, значи, како е, како? Како ли се викаше: Мелања?...
ФЈОКЛА: Агафја Тихоновна.
ПОТКАЛЈОСИН: Да, да, Агафја Тихоновна. И, веројатно, е некаква четириесетгодишна стара
мома?
ФЈОКЛА: Ма не, никако. Ќе видите, штом ќе се ожените. Секој ден ќе фалите и ќе
благодарите.
ПОТКАЛЈОСИН: Та ти лажеш, Фјокла Ивановна.
ФЈОКЛА: Стара сум јас, братче, за да лажам; пес лаже.
ПОТКАЛЈОСИН: А миразот, колкав е миразот? Раскажи одново.
ФЈОКЛА: Па миразот е: ѕидана куќа во Московскиот кварт, на два ката, а дава толку печалба
што е вистинска милина. Само трговецот со жито плаќа седумстотини за дуќанот.
Пивницата исто така привлекува големо друштво. Има две дрвени згради во дворот: едната
е целата од дрво, другата е со ѕидан темел; секоја од нив донесува по четиристотини рубли
приход. Па после, има градина во Виборшкиот крај: пред три години ја земе под наем некој
трговец за да сади зелка. А тој ти е таков трезен трговец, пијачка воопшто не лизнува, и
тројца синови има: двајцата веќе ги ожени, а „третиот е“, вели, „уште млад, нека поседи во
дуќанот за да се води полесно трговијата. Јас сум веќе“, вели, „стар, па нека поседи синот
во дуќанот за да оди трговијата полесно“.
ПОТКАЛЈОСИН: А таа каква е, како изгледа?
ФЈОКЛА: Како шеќер! Бела, румена, како капка, таква сладина што не може ни да се
раскаже. Ќе бидете веќе еве довде задоволен, (Покажува на грлото.) поправо, и на
пријател, и на непријател ќе му кажете: „Е, многу ѝ благодарам на Фјокла Ивановна“!
ПОТКАЛЈОСИН: Туку таа сепак не е од офицерско семејство?
ФЈОКЛА: Ќерка е на трговец од трета гилда. Туку таква е веќе, што ни генерал нема да
усрами. За трговец нејќе ни да чуе. „Мене“, вели, „каков и да ми биде мажот, макар и да
не е привлечен, туку само да ми е дворјанин“. Да, таква префинетост! А кога во недела ќе
облече свилена облека – тогаш, жими Ристос, само шушка. Просто кнегиња.

6
Женидба

ПОТКАЛЈОСИН: Па јас затоа те прашав, зашто сум придворен советник. Та мене, разбираш...
ФЈОКЛА: Па тоа е веќе просто, како да не разбирам. Имавме ние и еден придворен
советник, туку му откажавме: не ни се допадна. Имаше некој чуден нарав: што и да каже,
туку ќе излаже, а така убаво изгледаше. Што да се прави, така веќе господ му делил. Тој и
самиот не го сакаше тоа, туку не може да не подлаже. Таква му е веќе волјата божја.
ПОТКАЛЈОСИН: Е, а освен оваа, нема ли некои други?
ФЈОКЛА: А каква уште би сакал? Па од оваа нема подобра.
ПОТКАЛЈОСИН: Па не ќе е, белки, најдобрата?
ФЈОКЛА: Целиот свет да го свртиш, ваква нема да најдеш.
ПОТКАЛЈОСИН: Па, ќе поразмислиме, ќе поразмислиме, мајче. Дојди ти задутре. Ние со
тебе, знаеш, пак еве вака: јас ќе си полежам, а ти ќе ми раскажеш...
ФЈОКЛА: Ама, добога, братче, јас еве веќе трет месец идам кај тебе, а никакво фајде од тоа.
Само си седи тој во халат и си пуши со луле.
ПОТКАЛЈОСИН: А ти бездруго мислиш дека женидбата е исто како: „Еј, Степан, дај ми ги
чевлите!“ Ќе ги навлечеш на нозе, па ќе тргнеш? Треба да се поразмисли, да се поразгледа.
ФЈОКЛА: Е, па што? Ако треба да се гледа, тогаш гледај. Стоката и е за тоа да се гледа. Ете,
заповедај да ти го подадат кафтанот, па сега веднаш, токму е убаво утрово, појди.
ПОТКАЛЈОСИН: Сега? А гледаш ли како е облачно? Ќе излезам, а одеднаш ќе заврне.
ФЈОКЛА: За тебе ќе е лошо! Та веќе бели влакна ти се гледаат на главата, наскоро сосем не
ќе чиниш за сопружнички работи. Големо чудо што е некој придворен советник! Та ние
такви младоженци ќе најдеме, што и не ќе се опулиме на тебе.
ПОТКАЛЈОСИН: Што глупости тресеш? Кој ѓавол одеднаш те фати да кажеш дека имам бели
влакна? Каде имам бели влакна? (Се чепка по косата.)
ФЈОКЛА: Како да немаш бели влакна, човек за тоа и живее. Види го ти него! Та оваа не му
чини, та онаа не му чини. Па јас имам предвид таков капетан, што ти не му си ни до рамото,
а зборува како труба. Работи во адмиралитетот.
ПОТКАЛЈОСИН: Лажеш ти, ќе погледнам в огледало; каде ги измисли белите влакна? Еј,
Степан, донеси го огледалото! Или не, чекај јас ќе дојдам самиот. Ете, уште господ да чува.
Па тоа е полошо од сипаници. (Оди во другата соба.)

ПОЈАВА IX
ФЈОКЛА и КОЧКАРЈОВ, којшто втрчува

7
Женидба

КОЧКАРЈОВ: Што Поткалјосин?... (Откога ја здогледува Фјокла.) Што бараш ти овде? Ех,
ти!... Слушај, за каков ѓавол ме ожени?
ФЈОКЛА: А што има тука лошо? Законот рисјански го исполни.
КОЧКАРЈОВ: Законот сум го исполнил! Големо чудо – жена! Зар не можев без неа?
ФЈОКЛА: Та ти самиот ми додеваше: ожени ме, бабо, па ожени ме.
КОЧКАРЈОВ: Ах, ти вештице стара!... Е, а зошто си овде? Да не сака Поткалјосин...
ФЈОКЛА: А зошто не? Господ му пратил благослов.
КОЧКАРЈОВ: Како не! Гледај го ти никаквикот, а мене ништо не ми рекол за тоа. Види го ти
него! Те молам убаво: скришум, а?

ПОЈАВА X
Истите и ПОТКАЛЈОСИН со огледало во раката во кое се гледа многу
внимателно
КОЧКАРЈОВ: (Прикрадувајќи му се одзади, го исплашува.) Пуф!
ПОТКАЛЈОСИН: (Вреснува и го испушта огледалото.) Будала! Па зошто, зошто... Ајде,
какви глупости! Ме исплаши, навистина. Толку што душава ми излезе.
КОЧКАРЈОВ: Па, ништо, се пошегував.
ПОТКАЛЈОСИН: Е баш си нашол убави шеги! Сè уште не можам да се приберам од уплавот.
И огледалово еве го скршив. Та тоа не е подарок: купено е во англискиот магазин.
КОЧКАРЈОВ: Ајде, доста: ќе ти најдам друго огледало.
ПОТКАЛЈОСИН: Да, ќе ми најдеш. Ги знам јас тие други огледала. Те кажуваат цели десет
години постар, а лицето ти се покажува искривено.
КОЧКАРЈОВ: Слушај, па јас би требало повеќе да се лутам на тебе. Ти криеш сè од мене, од
твојот пријател. Ете, си намислил да се жениш?
ПОТКАЛЈОСИН: Ете ти глупост: воопшто и не сум помислил.
КОЧКАРЈОВ: Та доказов е на лице. (Покажува на Фјокла.) Еве ја тука, стои – се знае каква
птица е таа. Е па што, ако, ако. Нема тука ништо грдо. Работата е христијанска, дури
неопходна за татковината. Повели, повели: јас ја земам на себе целата работа. (На Фјокла.)
Е, зборувај: како, што, и сè друго? Дворјанка ли е, ќерка на чиновник или е од трговската
средина и како ја викаат?
ФЈОКЛА: Агафја Тихоновна.

8
Женидба

КОЧКАРЈОВ: Агафја Тихоновна Брандахлистова?


ФЈОКЛА: А не – Купердјагина.
КОЧКАРЈОВ: А живее, бездруго, во Улицата на шесте дуќани?
ФЈОКЛА: Е – баш не; нешто поблиску кон Песокливите места во Сапунскиот сокак.
КОЧКАРЈОВ: Па да, во Сапунскиот сокак, веднаш по дуќанот – онаа, дрвената куќа?
ФЈОКЛА: И не по дуќанот, туку по пивницата.
КОЧКАРЈОВ: Како по пивницата? – Е, тоа јас не го знам.
ФЈОКЛА: Па еве, кога ќе свртиш во сокакот, тогаш ќе ти биде право бутката; а штом ќе ја
поминеш бутката, сврти влево, и ете право пред очите – поправо, тогаш право пред очите
ќе ти биде дрвената куќа, каде што живее шивачката, којашто порано живееше со обер-
секретарот на Сенатот. Ти не наминувај кај шивачката, туку веднаш по нејзината ќе биде
втора куќа, ѕидана – е, таа куќа и е онаа во која, поправо, живее таа, Агафја Тихоновна,
момата за мажење.
КОЧКАРЈОВ: Добро, добро. Сега јас ќе го свршам сето тоа, а ти оди си, – не ни си повеќе
потребна.
ФЈОКЛА: Како така? Да не сакаш ти самиот да ја договориш свадбата?
КОЧКАРЈОВ: Јас самиот, самиот; само ти не мешај се повеќе.
ФЈОКЛА: Ах, бесрамник никаков! Та тоа не е машка работа. Остави се од тоа, господине,
навистина!
КОЧКАРЈОВ: Оди си, оди. Кога ништо не разбираш, не мешај се! Секој треба да си го знае
местото, – мавни се!
ФЈОКЛА: Само да им го отима лебот на луѓето, безбожник никаков! Во такви трици се
замеша. Да знаев, ништо немаше да кажувам.
(Си оди со лутина.)

ПОЈАВА XI
ПОТКАЛЈОСИН и КОЧКАРЈОВ
КОЧКАРЈОВ: Е, брате, оваа работа не може да се одложува. Да одиме.
ПОТКАЛЈОСИН: Та јас уште ништо... Јас само така, помислував...
КОЧКАРЈОВ: Глупости, глупости! Само не стеснувај се: јас ќе те оженам така што нема ни да
сетиш. Овој миг ќе појдеме кај момата и ќе видиш како сè одеднаш ќе се сврши.

9
Женидба

ПОТКАЛЈОСИН: Токму работа! Веднаш сега да одиме!


КОЧКАРЈОВ: Та зошто, добога, зошто не? Ајде, размисли самиот: што имаш ти од тоа што си
неженет? Погледни на твојава соба! Е, што има во неа? Ене таму еден неисчистен чевел,
ене таму мијалник, ене цел куп тутун на масана, а ти самиот еве лежиш како дембел, цел
ден спружен.
ПОТКАЛЈОСИН: Тоа е вистина. Ред кај мене нема, знам и самиот.
КОЧКАРЈОВ: Е, а кога ќе имаш жена, тогаш ти просто ни себеси, ни сè околу себе нема да
познаеш: тука ќе имаш канабе, кученце, некакво врапче трнарче во кафез, ракоделство...
И, претстави си, седиш ти на канабето и одеднаш ќе приседне до тебе женичката, онака
убавичка, и со рачето ќе те...
ПОТКАЛЈОСИН: Ах, по ѓаволите, кога ќе помислиш, навистина, какви само рачиња имаат
жените. Та просто, брате, како млеко.
КОЧКАРЈОВ: Остави! Како жените да имаат само рачиња!... Имаат тие, брате... Туку, што да
се зборува! Имаат тие, брате, просто ѓавол знае што ли не.
ПОТКАЛЈОСИН: А право да ти кажам, јас сакам кога до мене седи некоја убавичка.
КОЧКАРЈОВ: Е, гледаш, и самиот разбра. Сега треба само да го наредиме сето тоа. Ти не
грижи се за ништо. Свадбениот ручек и другото – сето тоа јас веќе... Шампањско помалку
од една дузина никако, брате, не може, како и да сакаш. Мадера исто така, бездруго,
половина дузина шишиња. Невестата сигурно има цел куп тетки и сваќи – а тие не сакаат
шеги. А рајнско вино – ѓавол да го земе, нели, а? А што се однесува за ручекот – јас, брате,
имам предвид еден момок од дворската кујна: така ќе нè нахрани, кучето едно, што просто
не ќе можеме да станеме.
ПОТКАЛЈОСИН: Добога, ти така пламено се фаќаш за работата, како навистина да е веќе и
свадбата.
КОЧКАРЈОВ: А зошто и не? Зошто да одлагаме? Па ти си согласен?
ПОТКАЛЈОСИН: Јас? Па не... јас уште сосем не сум согласен.
КОЧКАРЈОВ: Ете ти сега! Па ти тукушто изјави дека сакаш.
ПОТКАЛЈОСИН: Јас само зборував дека не би било лошо.
КОЧКАРЈОВ: Како, добога! Та ние веќе сосем целата работа... А што? Зар тебе не ти се допаѓа
животот на женет човек? А?
ПОТКАЛЈОСИН: Не... ми се допаѓа.
КОЧКАРЈОВ: Е, па тогаш што? Што те запира?

10
Женидба

ПОТКАЛЈОСИН: Па ништо не ме запира. Само е чудно...


КОЧКАРЈОВ: А што е чудно?
ПОТКАЛЈОСИН: Па како не е чудно: везден бев неженет, а сега одеднаш – женет.
КОЧКАРЈОВ: Ајде, ајде... не ти е ли срам? Не, јас гледам дека со тебе треба да се зборува
сериозно: ќе зборувам отворено, како татко со син. Ај погледни, погледни се внимателно,
еве, на пример, вака, како што ме гледаш сега мене. Е, што си ти сега? Ете, просто трупец,
немаш никакво значење, ај, зошто живееш? Ај, погледни се во огледалото, што гледаш
таму? Глупаво лице, – ништо повеќе. А тогаш, претстави си, околу тебе ќе има дечиња, и не
само што ќе бидат две или три, туку можеби дури и шест, и сите ќе прилегаат на тебе како
јајце на јајце. Ти си сега еве сам, придворен советник, експедитор или некаков таму
началник, господ да те знае, а тогаш, претстави си, околу тебе ќе има експедиторчиња,
малечки такви гатченца, и некакво ѓаволче, спружувајќи ги рачињата, ќе те чепка по
зулуфите, а ти нему сако како куче: ав, ав, ав! Е, има ли нешто поубаво од тоа, кажи самиот?
ПОТКАЛЈОСИН: Та тие се само големи обесеници: сè ќе расипуваат, ќе ги расфрлат актовите.
КОЧКАРЈОВ: Па ако, нека се палават, та сите прилегаат на тебе – тоа е најважното.
ПОТКАЛЈОСИН: Па тоа е, навистина, дури смешно, ѓавол да го земе: некаков таков шишко,
кученце такво, а веќе прилега на тебе.
КОЧКАРЈОВ: Како не е смешно, се разбира дека е смешно. Е, тогаш да тргнеме.
ПОТКАЛЈОСИН: Па добро, да тргнеме.
КОЧКАРЈОВ: Еј, Степан! Помогни му побрзо на твојов господин да се облече.
ПОТКАЛЈОСИН: (Облекувајќи се пред огледалото.) Јас сепак мислам дека треба да сум
облечен во бел елек.
КОЧКАРЈОВ: Глупости, тоа е сеедно.
ПОТКАЛЈОСИН: (Наместувајќи си ја јаката.) Проклетата перачка, така лошо ги колосала
јакиве – не стојат никако. Ти, Степан, кажи ѝ дека, ако таа, глупачката вака ги пегла
алиштата, јас ќе си најдам друга. Таа, сигурно, си го поминува времето со љубовниците, а
не пегла.
КОЧКАРЈОВ: Та ајде, брате, побрзо! Што туку се врткаш?
ПОТКАЛЈОСИН: Веднаш, веднаш. (Си го облекува фракот и седнува.) Слушај, Илја Фомич.
Знаеш што? Оди ти самиот.
КОЧКАРЈОВ: Ете ти сега; да не си се збудалил? Јас да одам! Па кој од нас се жени: ти или
јас?

11
Женидба

ПОТКАЛЈОСИН: Навистина, некако не ми се оди; подобро утре.


КОЧКАРЈОВ: Па, имаш ли ти трошка ум? Е, не си ли токмак? Сосема се приготви и одеднаш:
не сака! Е кажи, те молам, не си ли ти свиња, не си ли по ова подлец?
ПОТКАЛЈОСИН: Па што ругаш сега? Зошто? Што ти сторив јас тебе?
КОЧКАРЈОВ: Будала, будала неделкан, тоа ќе ти го каже секој. Глупав си, ете просто глупав,
иако си експедитор. Па за што јас се трудам? За твојата корист; та од устата ќе ти го грабнат
залакот. Лежи, проклетиот ерген! Е кажи, те молам, на што прилегаш? Ајде, ајде, партал,
дудук, би рекол еден збор... само да не е непристоен. Жена! Полош си од жена!
ПОТКАЛЈОСИН: И ти си навистина добар! (Со половина глас.) Токму ли си со умот? Овде
стои мојот слуга, а тој пред него ме руга, па уште со какви зборови; не најде друго место.
КОЧКАРЈОВ: Та како да не те ругам, кажи, те молам? Кој може тебе да не те руга? Кој би
можел да издржи да не те руга тебе? Како чесен човек, реши да се жениш, го послуша
здравиот разум и одеднаш, – просто поради својата глупост, како отровни печурки да си се
најал, суровицо ниедна...
ПОТКАЛЈОСИН: Е доста, идам – што си се разврескал?
КОЧКАРЈОВ: Идам! Се разбира, а што друго ќе правиш, туку да одиш! (На Степан.) Дај му ја
шапката и палтото.
ПОТКАЛЈОСИН: (Од вратата.) Каков чуден човек, навистина! Со него никако не може човек
да излезе на крај: одненадеж ќе те изнаруга за ништо. Не разбира од никакво однесување.
КОЧКАРЈОВ: Та веќе е готово, сега не те ругам. (Обајцата излегуваат.)

ПОЈАВА XII
Соба во домот на АГАФЈА ТИХОНОВНА. АГАФЈА ТИХОНОВНА гледа на
карти, зад нејзиниот грб гледа во картите тетка ѝ АРИНА
ПАНТЕЛЕЈМОНОВА
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Пак ми се покажува пат, тетенце. За мене се интересира некаков крал
каро, солзи, љубовно писмо; од левата страна кралот спатлија покажува голема склоност,
но некаква злобница пречи.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А што мислиш ти, кој би можел да биде кралот спатлија?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Не знам.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А јас знам кој е.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Кој?

12
Женидба

АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Тој е добар трговец, оној што тргува со ткаенини, Алексеј
Дмитриевич Стариков.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Е, тој навистина не е! Можам да се обложам во што и да е дека не е
тој.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Немој да спориш, Агафја Тихоновна, косата му е таква руса.
Нема друг крал спатлија.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Е, баш не е: кралот спатлија значи овде дворјанин. Трговецот е далеку
од крал спатлија.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Е, Агафја Тихоновна, не би го рекла ти тоа, да беше покојниот
Тихон Пантелејмонович, твојот татко, жив. Се случуваше да удри со раката по масата и да
вресне: „Плукам јас, вели, на оној што се срами да биде трговец; е нема, вели, да ја дадам
ќерка ми за полковник. Нека го прават тоа други! А ни синот, вели, нема да го дадам на
служба. Што, вели, зар трговецот не му служи на царот исто како и секој друг?“ Па кога ќе
трасне со целата рака по масата. А раката му е како лопата – страшна работа! Та право да
зборуваме, тој и ја дуздиса мајка ти, а инаку покојницата ќе проживееш подолго.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Па белки и јас уште да имам таков лут маж. Е, за ништо на светов нема
да се омажам за трговец!
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Па еве Алексеј Дмитриевич не е таков.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Не сакам, не сакам! Тој има брада: кога ќе почне да јаде, сè ќе му капе
по брадата. Не, не, не сакам!
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Та каде ќе најдеш добар дворјанин? Па не можеш да го најдеш
на улица.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Фјокла Ивановна ќе го најде. Таа вети да го најде најдобриот.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Та таа е лажга, сонце мое.

ПОЈАВА XIII
Истите и ФЈОКЛА
ФЈОКЛА: А не, Арина Пантелејмоновна, гревота е тукутака да го клеветите човека.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ах, тоа е Фјокла Ивановна. Е што има, зборувај, раскажувај! Има ли
нешто?
ФЈОКЛА: Има, има. Дај само прво да соберам душа – толку се изморив! По твојата порачка
сите куќи ги изодив, се влечкав по канцеларии, по министерства, талкав по стражарници...
Знаеш ли ти, мила моја, дека за малку што не ме испретепаа, жими бога! Онаа старичка,

13
Женидба

што ги ожени Аферови, ми пријде, па ми вели: „Ти си таква и онаква, само лебот ми го
грабаш, држи се за својот кварт“. – „Па што да правам, – ѝ реков јас направо, – јас за мојата
госпоѓица, немој да се лутиш, готова сум да направам сè.“ Затоа пак какви младоженци ти
изнајдов! Поправо, откога е веков и светов, такви досега немало. Уште денес некои од нив
ќе ти дојдат. Јас наминав нарочно да те известам.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Како така денес? Душо моја, Фјокла Ивановна, јас се плашам.
ФЈОКЛА: Та не плаши се, мила моја! Тоа е сосем обична работа. Ќе дојдат, ќе те погледаат,
ништо повеќе. И ти ќе ги погледаш нив: ако не ти се допаднат – нека си одат со здравје.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Е, веќе бездруго добри си нашла.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А колцина се? Мнозина?
ФЈОКЛА: Па ќе ги има некои шестмина.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Вреснува.) Ух!
ФЈОКЛА: А што се препали така, мила моја? Така подобро се избира: ако еден не чини,
другиот ќе чини.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А што се тие: дворјани?
ФЈОКЛА: Сè едниот подобар од другиот. Такви дворјани се, што досега немало такви.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Е, а какви се, какви?
ФЈОКЛА: Па згодни се сите, такви добри, спастрени. Првиот е Балтазар Балтазарович
Жевакин. Таков згоден, во морнарицата служел, – токму за тебе е. Вели дека му треба
невестата да биде како дропка, а ковчести никако не сака. А Иван Павлович пак, што работи
како домаќин, е таков важен што не можеш ни да му пристапиш. Така е личен, дебел; па
кога вресна на мене: „Ти мене не раскажувај ми глупости дека момата е ваква и онаква!
Туку кажи ми направо колку има таа подвижен и недвижен имот?“ – „Толку и толку,
братче!“ – „Лажеш, песја ќерко!“ Та уште, мила моја, истресе такво зборче што е
непристојно и да ти го кажам. Јас така веднаш и разбрав: е, па овој е бездруго голем
господин.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Е, а кого имаш уште?
ФЈОКЛА: Па го имам уште Никанор Иванович Анучкин. Тој ти е веќе таков деликатен, а
усните му се, душо моја, – како малина, вистинска малина! Таков е згоден. „Мене ми е,
вели, нужно момата да биде убава, воспитана, да умее и француски да зборува“. Да, човек
со фино поведение, германска работа! А самиот тој ти е таков суптилен, и ножињата му се
слабички, танкички.

14
Женидба

АГАФЈА ТИХОНОВНА: Не, мене тие суптилните некако не ми се по волја... не знам... Јас
ништо не гледам во нив...
ФЈОКЛА: А ако сакаш некој пополничок, тогаш земи го Иван Павлович. Та подобар од него
не можеш да избереш. А тој ти е, нема што да се каже, господин, па господин: одвај ќе
помине низ оваа врата, таков е згоден.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А колку години има?
ФЈОКЛА: Па тој е уште млад човек: околу педесет години, па и педесет уште нема.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А како се вика?
ФЈОКЛА: Се вика: Иван Павлович КАЈГАНА.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Такво му е презимето?
ФЈОКЛА: Презимето.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ах, господи боже, какво презиме! Слушај, Фјоклуша, па како ќе се
викам јас, ако се омажам за него? Туку одеднаш: Агафја Тихоновна Кајгана? Господ да ни е
напомош!
ФЈОКЛА: Их, душо моја, та во Русија има такви имиња, што само да плукнеш и да се
прекрстиш, кога ќе ги чуеш. А ако не ти се допаѓа името, тогаш земи го Балтазар
Балтазарович Жевакин – чудесен младоженец.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А каква му е косата?
ФЈОКЛА: Убава.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А носот?
ФЈОКЛА: Е па... и носот му е убав. Сè е на своето место. И самиот е таков згоден. Само немој
да се лутиш: во станот има само едно луле и повеќе ништо, никаков мебел.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А кого имаш уште?
ФЈОКЛА: Акинф Степанович Пантелеев, чиновник, титуларен советник, малку само
тревливи, туку затоа пак е таков скромен.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Што пак ти сè: чиновник, чиновник! А не сака ли тој да се
напие, ете, на пример, тоа кажи ни нам.
ФЈОКЛА: Па пие, не велам дека не пие. Што да се прави, та тој е титуларен советник; затоа
пак е таков мек, како коприна.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Е не, јас не сакам мажот ми да биде пијаница.

15
Женидба

ФЈОКЛА: Како што сакаш, душо моја! Ако не сакаш еден, земи друг. Впрочем, што има тука
страшно ако понекогаш пивне малку повеќе, – та не е пијан цела недела: по некој ден
останува и трезен.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Е, а кого имаш уште?
ФЈОКЛА: Па имам уште еден, само тој е таков... господ да го придаде! Овие се подобри.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Добро, а кој е тој?
ФЈОКЛА: Та и не би сакала да зборувам за него. Тој е, навистина, придворен советник и носи
орден, туку не сака да излегува никаде, не можеш да го измамиш од дома.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Е, а кого имаш уште? Та тука ги имаш само пет, а ти зборуваше за
шестмина.
ФЈОКЛА: Па зар ти е уште малку? Види ја ти неа, како ја потфатило одеднаш, а пред малку
се препали.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А што имаш од нив, од тие твои дворјани? Нека се и шестмина,
туку еден трговец навистина чини колку сите тие заедно.
ФЈОКЛА: А не, Арина Пантелејмоновна. Дворјанин ужива поголема почит.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А што има човек од таа почит? Еве, кога Алексеј Дмитриевич,
во шубара од самур, ќе пројури во санки...
ФЈОКЛА: А дворјанин со еполети ќе му тргне в пресрет и ќе му рече: „Ајде ти, трговче, тргни
се од патот!“ Или: „Покажи ми, трговче, најдобро кадифе!“ А трговецот ќе рече: „Повелете,
господине“! – „Симни ја, простачиште, шапката“! Ете што ќе му рече дворјанинот.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А трговецот, ако посака, нема да му даде чоа; па ќе остане
дворјанинот голичок и не ќе има во што да оди!
ФЈОКЛА: А дворјанинот ќе го исече трговецот.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А трговецот ќе појде да го тужи во полицијата.
ФЈОКЛА: А дворјанинот ќе го тужи трговецот кај сенаторот.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А трговецот кај губернаторот.
ФЈОКЛА: А дворјанинот...
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Лажеш, лажеш: дворјанинот!... Губернаторот е погоре од
сенаторот. Си се раздрдорила тука за дворјанинот! А и дворјанинот понекогаш исто така
симнува шапка... (Од портата се слуша ѕвонче.) Чинам некој ѕвони.
ФЈОКЛА: Леле, тоа се тие!

16
Женидба

АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Кои тие?


ФЈОКЛА: Тие... некој од младоженците.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Вреснува.) Ух!
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Господи и сите светци, смилувајте ни се нам на грешниве! Во
собава ништо не е прибрано. (Зграпчува сè што е на масата и трча по собата.) Та
чаршафот, покривката на масава е сосем црна. Дуњашка, Дуњашка! (Дуњашка се појавува.)
Побрзо чиста покривка! (Го сметнува чаршафот и се метка по собата.)
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ах, тетенце, што да правам? Јас само што не сум по кошула!
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Ах, душо моја, трчај побрзо да се облечеш! (Се метка по
собата. Дуњашка донесува покривка; на портата ѕвонат.) Трчај, кажи: „Веднаш“
(Дуњашка вика од собата: „Веднаш“!)
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Тетенце, па ни облеката не ми е испеглана.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Ах, господи милостив, немој да нè запустиш! Облечи друга.
ФЈОКЛА: (Втрчува.) Та што не одите? Агафја Тихоновна, побрзо, душо моја! (Се слуша
ѕвончето.) Ах, а тој сè уште чека!
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Дуњашка, воведи го и помоли го да почека. (Дуњашка трча в
претсобје и ја отвора вратата. Се слушаат гласови: „Дома ли се“? – „Дома се, повелете
в соба“. Сите со љубопитност се трудат да го видат низ клучалката.)
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Извикува.) Ах, каков е дебел!
ФЈОКЛА: Иде, иде! (Сите се разбегуваат со сета сила.)

ПОЈАВА XIV
ИВАН ПАВЛОВИЧ КАЈГАНА и ДУЊАШКА
ДУЊАШКА: Почекајте овде. (Излегува.)
КАЈГАНА: Ако треба да се почека – ќе почекаме, само да не се задржам премногу. Излегов
само за минута од установата. А ако одеднаш му падне на ум на генералот: „А каде е нашиот
економ?“ – „Отиде да гледа невеста“. Па да не ми даде тој една таква невеста... А, сепак,
да го разгледам уште еднаш списоков. (Чита.) „Ѕидана куќа на два ката...“ (Го крева
погледот нагоре и ја разгледува собата.) Да, оваа е! (Продолжува да чита.) „Две куќички
во дворот: едната на ѕидана основа, другата дрвена...“ Е, дрвената е доста лоша. „Чеза,
санки за два коња со резба, со голем и со мал покривач...“ Можеби се такви што да чинат
само за потпалување. Бабата сепак ме уверува дека се од прва класа; добро, нека бидат од
прва класа. „Две дузени сребрени лажици...“ Се разбира за дом се потребни сребрени

17
Женидба

лажици. „Две бунди од лисица...“ „Хм.. „Четири големи постели со перје и две мали.“ (Со
значење си ги собира усните.) „Шест чифта свилени и шест чифта басмени облеки, две
женски домашни облеки, два...“ Е, ова не е важно! „Здолна премена, салфетки...“ Тоа нека
биде како што сака таа. Впрочем, сето тоа треба да се провери. Сега веќаваат и куќи, и
пајтони, а кога ќе се ожениш – ќе најдеш само постели од перје. (Се слуша ѕвончето.
Дуњашка трча брзо низ собата за да ја отвори вратата. Се слушаат гласови: „Дома ли
се?“ – „Дома се.“)

ПОЈАВА XV
ИВАН ПАВЛОВИЧ и АНУЧКИН
ДУЊАШКА: Почекајте овде. Тие ќе излезат. (Излегува. Анучкин и Кајгана се клањаат
едниот на другиот.)
КАЈГАНА: Мојата почит!
АНУЧКИН: Да немам можеби чест да зборувам со татенцето на чудесната домаќинка?
КАЈГАНА: Никако, никако не со татенцето. Јас дури уште немам деца.
АНУЧКИН: Ах, извинете, извинете!
КАЈГАНА: (Настрана.) Физиономијата на овој човек ми е нешто сомнителна: сигурно е
дојден ваму поради истата работа како и јас. (Гласно.) Вам, бездруго, ви треба нешто од
домаќинката?
АНУЧКИН: Не, зошто... ништо не ми треба, туку така, наминав од прошетката.
КАЈГАНА: (Настрана.) Лаже, лаже, од прошетката! Сака, подлецот, да се жени! (Се слуша
ѕвончето. Дуњашка трча низ собата за да ја отвори вратата. Од претсобјето се
слушаат гласови: „Дома ли се?“ – „Дома се“.)

ПОЈАВА XVI
Истите и ЖЕВАКИН придружен од СЛУГИНЧЕТО
ЖЕВАКИН: (На слугинчето.) Те молам, душичке, исчеткај ме... Знаеш, на улицата ми се
изнафаќа доста прав. Еве овде, те молам, сметни го ова влакненце. (Се свртува.) Така!
Благодарам, душичке. Еве уште, погледни, таму како да лази некој пајак! А на петиците
одзади нема ништо? Благодарам, родена моја! Еве уште тука, изгледа. (Си го мазни со
раката ракавот од фракот и погледнува на Анучкин и на Иван Павлович.) Та чоава е
англиска! Па колку само трае! Во деведесет и петтата година, кога беше нашата ескадра во
Сицилија, ја купив уште како потпоручник и сошив од неа мундир; во осумстотини и првата,
во времето на царот Павел Петрович, бев произведен за поручник, – чоата беше сосема
новичка; во осумстотини и четиринаесеттата бев во експедицијата околу светот, и еве само

18
Женидба

по шевовиве малце се поизлижа; во осумстотини и петнаесеттата отидов во пензија, само


го превртив; веќе десет години го носам, – и досега е речиси како нов. Благодарам,
душичке, м – м... убавице! (Ѝ мавнува со рака и, пристапувајќи кон огледалото, згора –
згора си ја разбушавува косата.)
АНУЧКИН: А каква е, дозволете да прашам, Сицилија... Ете вие повеливте да кажете:
Сицилија, – дали е убава земја таа Сицилија?
ЖЕВАКИН: А, прекрасна. Ние поминавме таму триесет и четири дена; крајот е можам да ви
кажам, восхитувачки! Какви планини, па некакво дрво-калинка, и насекаде Италијанчички,
такви едни трендафилчиња, просто ти се сака да ги бакнеш.
АНУЧКИН: А убаво ли се образовани?
ЖЕВАКИН: Извонредно! Така се образовани, како што се кај нас можеби само грофиците.
Се случуваше, ќе тргнеш така низ улица – сепак си руски поручник... Тука се, се разбира,
еполетите, (Покажува на рамениците.) златната везба... и така секаде црномуртестите
убавици, – та кај нив се покрај секоја куќа балкончиња, а покривите се еве како овој под,
сосема рамни. Понекогаш, гледаш така, туку ти седи такво едно трендафилче... Па, се
разбира, за да не се посрамотиш... (Се клања и мавта со раката.) А таа само вака. (Прави
движење со раката.) Се разбира, убаво облечена: тука некоја тафтичка, па панделкичка,
па разни дамски обетчиња... со еден збор, такво едно слатко парченце...
АНУЧКИН: А како, дозволете да ви поставам уште едно прашање, – каков јазик зборуваат
во Сицилија?
ЖЕВАКИН: Па природно, сите француски.
АНУЧКИН: И баш сите госпоѓици зборуваат француски?
ЖЕВАКИН: Баш сите. Вие дури, можеби, не ќе поверувате во ова, што ќе ви го кажам: ние
живеевме таму триесет и четири дена, и за сето тоа време ни еден збор не чув јас од нив
руски.
АНУЧКИН: Ни еден збор?
ЖЕВАКИН: Ни еден збор. Јас не зборувам веќе за дворјаните и за останатите сињори,
поправо за разните нивни офицери; туку земете го нарочно простиот тамошен селанец,
којшто превлечкува на вратот секакво ѓубре, обидете се да му кажете: „Дај, братче, леб“, –
не ќе ве разбере, жими бога не ќе разбере, а кажи му по француски: „Doteci del pane“ или
„portate vino“ – ќе разбере, и ќе се стрчне и ќе ви донесе точно.
КАЈГАНА: Па, како што гледам, животот во туѓите краишта е многу интересен. Мене ми е
многу пријатно да се ставам со човек што видел многу свет. Дозволете да прашам: со кого
имам чест да зборувам?

19
Женидба

ЖЕВАКИН: Жевакин, поручник во пензија. Дозволете и јас да ве прашам: со кого имам среќа
да разговарам?
КАЈГАНА: На должност домаќин на установа, Иван Павлович Кајгана.
ЖЕВАКИН: (Не чул добро.) Да, јас исто така поткаснав. Знам дека пред мене ќе биде доста
пат, а времево е ладничко: изедов едно векниче со харинга.
КАЈГАНА: Не, чинам вие не ме разбравте добро: тоа е моето презиме – Кајгана.
ЖЕВАКИН: (Клањајќи се.) Ах, извинете! Јас сум малце тежок на ушиве. Јас навистина мислев
дека вие повеливте да ми кажете дека сте изеле кајгана.
КАЈГАНА: Та што да правам? Веќе сакав да го молам генералот да ми дозволи да се викам
Кајганкин, туку моите ме одвратија: велат, ќе личело на „кучкин син“.
ЖЕВАКИН: Па тоа, сепак, го има. Кај нас целата трета ескадра, сите офицери и морнари, сите
имаат многу чудни презимиња: Помијарин, Пијаничиштин, Гнилов, поручник. А еден
заставник, и тоа дури добар заставник, се презиваше просто Дупче. А капетанот, ќе му
викнеше: „Еј ти, Дупче, дојди ваму!“ И, обично, секогаш со него се шегувавме: „Ех ти, дупче
едно!“ – ќе му речевме. (Се слуша ѕвончето во претсобјето, Фјокла трча низ собата за
да отвори.)
КАЈГАНА: А, здраво, мајче!
ЖЕВАКИН: Здраво; како си, душо слатка?
АНУЧКИН: Здраво, мајче Фјокла Ивановна.
ФЈОКЛА: (Безглаво трча.) Благодарам, мили мои! Здрава сум, здрава! (Ја отвора
вратата. Од претсобјето се слушаат гласови: „Дома ли се?“ – „Дома се“. Потоа неколку
речиси нечујни зборови на кои Фјокла одговара со лутина: „Види го ти него!“.)

ПОЈАВА XVII
Истите, КОЧКАРЈОВ, ПОТКАЛЈОСИН и ФЈОКЛА
КОЧКАРЈОВ: (На Поткалјосин.) Запомни: само храброст и повеќе ништо. (Гледа околу себе
и се клања донекаде изненаден; за себеси.) Уф! Каков куп луѓе! Што значи тоа? Да не се и
овие младоженци? (Ја турка Фјокла и ѝ зборува тивко.) Од каде сè си ги изнасобрала овие
гаврани, а?
ФЈОКЛА: (Со половина глас.) Тука нема за тебе гаврани, сите се чесни луѓе.
КОЧКАРЈОВ: (Нејзе.) Гостите се неброени, туку кафтаните им се искинати.
ФЈОКЛА: Гледај се себеси што те јаде, а и немаш со што да се пофалиш: озгора мазно,
оздола азно.

20
Женидба

КОЧКАРЈОВ: Како твоите да се некои газди: секому му е дупнат џебот. (Гласно.) Туку што
прави таа сега? Та оваа врата, бездруго, води кај неа в спална? (Пристапува кон вратата.)
ФЈОКЛА: Бесрамник! Та ти се вели дека се облекува уште.
КОЧКАРЈОВ: Голема работа! Па што од тоа? Та само ќе погледнам и ништо повеќе. (Гледа
низ клучалката.)
ЖЕВАКИН: Та дозволете ми и мене да наѕрам.
КАЈГАНА: Дозволете да погледнам само малце.
КОЧКАРЈОВ: (Продолжува да гледа.) Па ништо не се гледа, господа. И не може да се
распознае што се белее така: жена или перница. (Сите се сепак околу вратата и се
туркаат да наѕрат.) Пст.. некој иде! (Сите отскокнуваат од вратата.)

ПОЈАВА XVIII
Истите, АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА и АГАФЈА ТИХОНОВНА. Сите се
клањаат еден на друг
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А по кој повод повеливте да нè почестите со својата посета?
КАЈГАНА: Јас од весниците разбрав дека сакате да испорачате граѓа и дрва за огрев, и затоа,
бидејќи сум домаќин во државна служба, дојдов да разберам од каков вид е тоа дрво, во
какво количество и до кое време можете да го испорачате.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Макар што никакви лиферации не преземаме, се радуваме на
вашето доаѓање. А како се викате?
КАЈГАНА: Колешки асесор Иван Павлович Кајгана.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Молам најпокорно да седнете. (Се обрнува кон Жевакин и го
гледа.) А дозволете да разберам...
ЖЕВАКИН: Па и јас видов во весниците некој оглас за нешто: дај, си мислам, да појдам.
Времето се покажа убаво, по патот секаде тревка...
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А како се викате?
ЖЕВАКИН: Поручник од морнарницата во пензија, Балтазар Балтазарович Жевакин втори.
Имавме ние уште еден Жевакин, туку тој уште пред мене отиде во пензија: беше ранет,
мајче, под коленото, и куршумот така чудно помина, што самото колено не го засегна, туку
ја повреди жилата – па како со игла да е зашиено, така што, кога понекогаш ќе стоиш со
него, сè изгледа како тој да сака да те удри со коленото одзади.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Па, молам најпокорно, седнете. (Обрнувајќи се кон Анучкин.)
А дозволете да прашам по каков повод сте вие?...

21
Женидба

АНУЧКИН: Па, соседи сме. Најдувајќи се во доста блиско соседство...


АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Да не живеете вие, можеби, во домот на трговката Тулубова,
што е спроти нас?
АНУЧКИН: Не. Јас засега живеам уште на Песокливите места, туку сепак имам намера со
време да преминам овде во вашево соседство, во овој дел на градот.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Па, ве молам најпокорно, да седнете. (Му се обрнува на
Кочкарјов.) Дозволете да ве прашам...
КОЧКАРЈОВ: Та зар вие не ме познавате? (Ѝ се обрнува на Агафја Тихоновна.) Зар ни вие,
госпоѓице?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Колку што ми се чини, никогаш не сум ве видела.
КОЧКАРЈОВ: Сепак, сетете се. Сигурно сте ме виделе некаде.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Навистина, не знам. Освен ако не сум ве видела кај Бирјушкини?
КОЧКАРЈОВ: Токму кај Бирјушкини.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ах, па вие сигурно не знаете што ѝ се случи?
КОЧКАРЈОВ: Како не, таа се омажи.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Не, тоа уште би било добро, туку си ја скрши ногата.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: И ја скрши силно. Се враќала доста доцна дома во чеза, а
коларот бил пијан и ја превртил од чезата.
КОЧКАРЈОВ: Па токму тоа го паметам, нешто беше: или се беше омажила, или си ја беше
скршила ногата.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А како се викате вие?
КОЧКАРЈОВ: Како, не знаете? Илја Фомич Кочкарјов, та ние сме роднини. Жена ми везден
зборува за тоа... Дозволете, дозволете (Го фаќа за рака Поткалјосин и се приближува со
него.) мојот пријател, Поткалјосин Иван Кузмич, придворен советник, служи како началник
на одделение, сам си ги врши сите работи, извонредно си ја усовршил својата стручност.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А како се вика?
КОЧКАРЈОВ: Поткалјосин Иван Кузмич. Поткалјосин. Директорот е само така, поради чинот
ставен, а сите работи ги врши тој, Иван Кузмич Поткалјосин.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А така. Молам, повелете седнете.

ПОЈАВА XIX

22
Женидба

Истите и СТАРИКОВ
СТАРИКОВ: (Клањајќи се живо и брзо, како што се клањаат трговците, и згора-згора
држејќи се за половината.) Добар ден, мајче Арина Пантелеевна. Момците од безистенот
ми рекоа дека продавате волна, мајче!
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Му свртува грб со омаловажување, со половина глас, но така што
тој да чуе.) Овде не е трговски дуќан.
СТАРИКОВ: Види, види! Можеби дојдовме во невреме? Или и без нас сте ја свршиле
работата?
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Молам, молам, Алексеј Дмитриевич; макар што волна не
продаваме, мило ни е што дојдовте. Повелете, молам, седнете. (Сите се седнати.
Молчење.)
КАЈГАНА: Чудно е времево денес: изутрината сосема мирисаше на дожд, а сега како да се
разведри.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Да, токму вакво време на ништо не личи: понекогаш е ведро, а
понекогаш сосем дождливо. Тоа е многу непријатно.
ЖЕВАКИН: Ете на Сицилија, госпоѓице, ние бевме со ескадрата пролетно време, – ако се
спореди, тогаш ќе прилега на нашиот февруари, – ќе излезеш така од дома: денот сончев,
а потоа ќе почне таков дожд; и туку гледаш: токму како да е дожд.
КАЈГАНА: Најнепријатно од сè е кога во такво време седиш сам. За женет човек, тоа е сосем
друга работа – не е здодевно; а ако е човек сам – тогаш тоа е просто...
ЖЕВАКИН: О, смрт, вистинска смрт!...
АНУЧКИН: Да, тоа може да се каже...
КОЧКАРЈОВ: Како не! Просто мачење! Животот ќе ти се згнаси! Да не даде господ човек да
испита такво нешто.
КАЈГАНА: А како би постапиле вие, госпоѓице, ако би требало да изберете свој кандидат?
Дозволете да го разбереме вашиот вкус. Извинете, што јас вака направо. Каква служба,
според вашето мислење, најмногу му прилега на мажот?
ЖЕВАКИН: Би сакале ли вие, госпоѓице, да имате за маж човек што ги запознал морските
луњи?
КОЧКАРЈОВ: Не, не. Според мене, најдобриот маж е човек којшто речиси сам ја управува
целата установа.

23
Женидба

АНУЧКИН: А зошто такво предубедување? Зошто вие сакате да го омаловажите човекот


којшто, макар што, се разбира, служел во пешадијата, сепак умее да го цени однесувањето
на високото друштво.
КАЈГАНА: Госпоѓице, решете вие! (Агафја Тихоновна молчи.)
ФЈОКЛА: Па одговори, душо мила. Кажи им нешто.
КАЈГАНА: Значи, госпоѓице?
КОЧКАРЈОВ: Па какво е вашето мислење, Агафја Тихоновна?
ФЈОКЛА: (Тивко нејзе.) Та, кажи, кажи: „Благодарам, речи, многу ми е мило.“ Па не е убаво
да се седи така.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Тивко.) Срам ми е, навистина ми е срам, јас ќе си одам, навистина ќе
си одам. Тетенце, поседете наместо мене.
ФЈОКЛА: Ах, не срами нè така, немој да си одиш; сосема ќе се посрамотиш. Тие којзнае што
ќе си помислат.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Исто така.) Не, навистина ќе си одам. Ќе си одам, ќе си одам!
(Побегнува. Фјокла и Арина Пантелејмоновна одат по неа.)

ПОЈАВА XX
Истите, освен жените што си отидоа
КАЈГАНА: Ете ти сега нá, сите си отидоа! Што значи тоа?
КОЧКАРЈОВ: Веројатно нешто се случи.
ЖЕВАКИН: Нешто во врска со дамската тоалета... Така нешто да се поправи...
пластрончето... да се закачи. (Фјокла влегува. Сите се стрчнуваат кон неа со прашања:
„Што е, што стана?“)
КОЧКАРЈОВ: Се случи ли нешто?
ФЈОКЛА: Та ништо! Што да се случи? Жими бога, ништо не се случи.
КОЧКАРЈОВ: Та зошто таа излезе?
ФЈОКЛА: Па ја усрамивте, затоа и излезе; сосема ја збркавте, така што не издржа да седи.
Моли да ја извините: а приквечерина повелете на чаша чај. (Си оди.)
КАЈГАНА: (Настрана.) Ох, ми потребала веќе таа чаша чај! Ете зошто не сакам да одам да
се женам – сега ќе почне тегавењето: денес не може, па повелете утре, па и задутре на
чаша, па треба уште да размислиме. А еве работата е ситница, ни најмалку не е сложена,
јас сум, по ѓаволите, човек вработен, немам време!

24
Женидба

КОЧКАРЈОВ: (На Поткалјосин.) Домаќинкава е убавка, а?


ПОТКАЛЈОСИН: Да, убавка е.
ЖЕВАКИН: А домаќинчево е, нели, убаво?
КОЧКАРЈОВ: (Настрана.) Ете, ѓавол да го земе! Овој глупак се заљуби. Уште може и да
пречи. (Гласно.) Воопшто не е убава, ни најмалку.
КАЈГАНА: Носот ѝ е голем.
ЖЕВАКИН: Е не, носот јас и не го забележав. Таа е... такво трендафилче.
АНУЧКИН: И јас мислам така. Не, не е тоа, не е тоа она... Јас дури мислам дека таа одвај ли
е запозната со однесувањето на високото општество. Та и знае ли таа воопшто француски?
ЖЕВАКИН: А зошто вие, ќе си дозволам да ве прашам, не се обидовте да позборувате со
неа по француски? Можеби и да знае.
АНУЧКИН: Вие мислите дека јас зборувам француски? Не, јас немав среќа да добијам такво
воспитание. Мојот татко беше гнаса, скот. Тој и не помислуваше да ме научи на француски
јазик. Јас бев тогаш уште дете, лесно беше да ме научат. – Само требаше добро да ме
ишибаат, и јас ќе знаев, јас сигурно ќе знаев.
ЖЕВАКИН: Е, сега, кога веќе не знаете, што фајде би имале, ако таа знае...
АНУЧКИН: А не, не. Жената е сосема друго нешто. Таа треба бездруго да знае, а без тоа кај
неа и тоа, и она... (Покажува со гестови со рацете.) ништо веќе нема да биде она
вистинското.
КАЈГАНА: (Настрана.) Е, за тоа нека се грижи некој друг. А јас ќе појдам да ја разгледам од
дворот куќава и двете куќички: ако само е сè како што треба, тогаш уште вечерва ќе ја
наредам работата. Овие кандидати не се опасни за мене – некако сите се премногу
ковчести. Момите што се мажат не сакаат такви.
ЖЕВАКИН: Ќе појдам да испушам едно луле. А да не одите и вие по истиот пат? Каде
живеете вие, дозволете да прашам?
АНУЧКИН: Та на Песоците, во Петровското сокаче.
ЖЕВАКИН: Да, ќе биде заобиколно. Јас живеам на островот, во Осумнаесеттата линија; а,
меѓу другото, сепак ќе ве испратам.
СТАРИКОВ: Не, овде некако се надуле многу. Ех, ќе се сетите вие, Агафја Тихоновна,
подоцна и на нас. Мојата почит, господа! (Се клања и си оди.)

ПОЈАВА XXI

25
Женидба

ПОТКАЛЈОСИН и КОЧКАРЈОВ
ПОТКАЛЈОСИН: Па што, да си одиме и ние.
КОЧКАРЈОВ: Е како, нели е домаќинкава мила, а?
ПОТКАЛЈОСИН: Ма не! Мене, признавам, таа не ми се допаѓа.
КОЧКАРЈОВ: Ете ти сега! Што е пак сега тоа? Та ти самиот се согласи дека е згодна.
ПОТКАЛЈОСИН: Па така, некако не е како што треба: и носот ѝ е долг, и француски не знае.
КОЧКАРЈОВ: Види, ти се молам! А што ќе ти е тебе француски?
ПОТКАЛЈОСИН: Па сепак, момата треба да знае француски.
КОЧКАРЈОВ: А зошто?
ПОТКАЛЈОСИН: Па затоа што... јас веќе не знам зошто, туку навистина ништо кај неа не ќе
биде она вистинското.
КОЧКАРЈОВ: Ете, го тропна еден будала тоа пред малку, а овој го прифати тоа како жива
вистина. Таа е убавица, просто убавица; таква мома не ќе најдеш никаде.
ПОТКАЛЈОСИН: Па и мене самиот отпрвин таа ми се допадна, туку после, кога почнаа да
зборуваат: долг нос, долг нос, – е па, јас погледнав подобро и гледам и самиот дека носот
ѝ е долг.
КОЧКАРЈОВ: Ех ти, токмак, ништо не ти чини! Тие нарочно го зборуваат тоа за да те одвратат;
и јас не ја фалев, – така веќе се прави тоа. Тоа ти е, брате, прекрасна мома! Погледај ѝ ги
само очите: та тие се ѓавол знае какви очи: зборуваат, дишат! А носот – јас не знам каков
нос е тој! Белина – алабастер! Па ни секој алабастер не може да се спореди. Ти самиот
погледај ја добро.
ПОТКАЛЈОСИН: (Усмевнувајќи се.) Па сега јас пак гледам дека таа како да ќе е убава.
КОЧКАРЈОВ: Се разбира дека е убава! Слушај, сега, кога сите тие си отидоа, да појдеме кај
неа, да се изјасниме – и да ја завршиме работата.
ПОТКАЛЈОСИН: Е, тоа јас нема да го сторам.
КОЧКАРЈОВ: А зошто?
ПОТКАЛЈОСИН: Та каква безобразност е тоа? Ние сме мнозина, нека избере самата.
КОЧКАРЈОВ: Ама што има ти да се обѕрнуваш на нив: да не се плашиш од соперништво, а?
Ако сакаш, јас за еден миг само ќе се ослободам од нив.
ПОТКАЛЈОСИН: А како ќе се ослободиш од нив?

26
Женидба

КОЧКАРЈОВ: Е, тоа е веќе моја работа. Дај ми само збор дека после нема да ми преташ.
ПОТКАЛЈОСИН: А зошто да не дадам збор? Повели, јас не одбивам: сакам да се женам.
КОЧКАРЈОВ: Раката!
ПОТКАЛЈОСИН: (Му ја спружува.) Еве!
КОЧКАРЈОВ: Е, само тоа и ми треба.
(Обајцата излегуваат.)

27
Женидба

ВТОР ЧИН
Соба во домот на Агафја Тихоновна.

ПОЈАВА I
АГАФЈА ТИХОНОВНА, сама, потоа КОЧКАРЈОВ
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Жими бога, толку е тешко да се избере! Да е уште само еден или
двајца, туку четворица се. Сега, како ќе повелиш, така и избирај. Никанор Иванович не е
грд, макар што е, навистина, слабичок; Иван Кузмич исто така не е грд. Па, право да
зборуваме, и Иван Павлович, макар што е дебел, сепак е многу личен маж. Е па убаво, што
да правам сега? Балтазар Балтазарович пак е маж со многу достоинства. Уф, колку е тешко
да се решам, просто не може ни да се каже, колку е тешко! Кога усните од Никанор
Иванович би се ставиле кон носот од Иван Кузмич, па кога би се зело малце нешто од
непринуденоста, што ја има Балтазар Балтазарович, па, можеби, кога би се додало кон тоа
уште од корпулентноста на Иван Павлович – тогаш јас веднаш би се решила. А вака, ајде
реши се, ако можеш. Просто главава почна да ме боли. Мислам дека најдобро од сè ќе биде
да фрлам жрепка. Да се потпрам во сè на волјата божја: кого ќе го извлечам, тој и ќе ми
биде маж. Ќе ги напишам сите на ливчиња, ќе ги свиткам како цевчиња, па нека биде што
ќе биде. (Пристапува кон масичката, вади од фиоката ножици и хартија, сече ливчиња
и ги свиткува продолжувајќи да зборува.) Баш е тешка положбата на момата, особено уште
ако е заљубена. Од мажите никој нејќе да го согледа тоа, и дури просто не сакаат ни да го
разберат тоа. Еве ги нив сите, ливчињата се готови. Ми останува само да ги ставам во
чантичкава, да замижам, и нека биде што ќе биде. (Ги става ливчињата во чантичката и
ги меша со рака.) Страшно... Ах, кога господ би дал, да го извлечам Никанор Иванович. Не,
а зошто него? Та подобар е Иван Кузмич. А зошто Иван Кузмич? Во што се полоши
другите?... Не, не, не сакам... Оној што ќе го извлечам, тој и нека биде. (Превртува со
раката во чантичката и наместо едно, ги извлекува сите ливчиња.) Ух! Сите! Ги
извлеков сите! А срцево така ми чука! Не, еден! Еден! Бездруго еден! (Ги става ливчињата
во чантичката и ги меша. Во тој момент влегува тивко Кочкарјов и застанува зад неа.)
Ах, кога би го извлекла Балтазар... Та што зборувам јас! Сакам да речам Никанор Иванович...
не, не сакам, нејќам. Кого што ќе ми го определи судбината!
КОЧКАРЈОВ: Та земете го Иван Кузмич, најдобар е.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ах! (Вреснува и си го покрива лицето со обете раце, плашејќи се да
се обѕрне кон него.)
КОЧКАРЈОВ: Што се исплашивте вие? Не плашете се, тоа сум јас. Навистина, земете го Иван
Кузмич.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ах, срам ми е, вие сте наслушувале.

28
Женидба

КОЧКАРЈОВ: Ништо, ништо! Та јас сум свој, роднина, пред мене нема од што да се срамите;
откријте го вашето лиценце.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Откривајќи си го наполу лицето.) Мене, навистина, ми е срам.
КОЧКАРЈОВ: Па, ајде, земете го Иван Кузмич.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ах! (Вреснува и одново си го покрива лицето со рацете.)
КОЧКАРЈОВ: Навистина, чудо од човек, ја има усовршено својата работа во службата...
просто извонреден човек.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (По малку си го открива лицето.) А како, а другиот? А Никанор
Иванович? Та тој е исто така добар човек.
КОЧКАРЈОВ: Но, ви се молам, та тој е трици и колчишта спрема Иван Кузмич.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А зошто?
КОЧКАРЈОВ: Јасно е зошто. Иван Кузмич е човек... па, просто човек... човек каков што нема
да најдете.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Е, а Иван Павлович?
КОЧКАРЈОВ: И Иван Павлович е трици и колчишта! Сите тие се ветришта.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Та зар баш сите?
КОЧКАРЈОВ: Та размислете вие самата, споредете само: оној вистинскиот е бездруго Иван
Кузмич; а сите други се ветар и магла: Иван Павлович, Никанор Иванович, ѓавол знае што
се!
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Но навистина, тие се многу... скромни.
КОЧКАРЈОВ: Ама какви скромни! Тепачи, бесни луѓе. Зар сакате да бидете испретепана веќе
вториот ден по свадбата?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ах, господи боже! Па тоа е навистина таква несреќа, што полоша не
може да биде.
КОЧКАРЈОВ: Како не! Полошо од тоа ништо и не може да се замисли.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Значи, според вашиот совет, подобро е да го земам Иван Кузмич?
КОЧКАРЈОВ: Иван Кузмич, се разбира, Иван Кузмич. (Настрана.) Работава, изгледа, ќе се
нареди. Поткалјосин седи во слаткарницата, треба час поскоро да појдам по него.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Значи, вие мислите – Иван Кузмич?
КОЧКАРЈОВ: Бездруго Иван Кузмич.

29
Женидба

АГАФЈА ТИХОНОВНА: А зар оние другите да ги одбијам?


КОЧКАРЈОВ: Се разбира да ги одбиете.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Туку како да го сторам тоа? Некако ми е срам.
КОЧКАРЈОВ: А зошто ќе ви е срам? Кажете дека сте уште млада и не сакате да се мажите.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Па тие не ќе ми поверуваат, ќе земат да прашаат: но зошто, па како?
КОЧКАРЈОВ: Па, ако вие сакате да го свршите тоа одеднаш, кажете им просто: „Ајде надвор,
глупаци!“
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Но како може да се каже такво нешто?
КОЧКАРЈОВ: Па, пробајте само. Јас ве уверувам дека потоа сите ќе избегаат надвор.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Па тоа ќе излезе некако навредливо.
КОЧКАРЈОВ: Та вие нема да ги видите повеќе, тогаш нели тоа е сеедно?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Но сето тоа е некако неубаво... та тие ќе се налутат.
КОЧКАРЈОВ: Ех, голема работа, ако се налутат. Кога од тоа би излегла некаква последица,
тогаш тоа би било друга работа; а вака најлошото, што може да се случи, е некој од нив да
ви плукне в лице, тоа е сè.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Па ете гледате!
КОЧКАРЈОВ: А што од тоа? Па на некои луѓе им плукале неколку пати, жими бога! И јас знам
еден: многу убав маж, со румени образи; везден му се подлижувал и му додевал на својот
началник за да му ја покачи платата додека началникот најпосле не издржал и му плукнал
право в лице, жими бога! „Еве ти го тебе, вели, твоето покачување, тргни се од мене,
сатано!“ А платата меѓутоа, сепак му ја покачил. Па тогаш што од тоа, ако некој ти плукне в
лице? Друга работа би била, кога не би имале шамиче при рака, туку тоа ви е тука, во џебот,
– ќе го извадите и ќе се избришете. (Во претсобјето ѕвони ѕвончето.) Некој ѕвони: некој
од нив, сигурно; јас не би сакал сега да се сретнам со нив. Немате ли таму некој друг излез?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Како не, по задните скали. Туку јас, право да си кажам, целата
треперам.
КОЧКАРЈОВ: Ништо, ништо, бидете само присебна. Збогум! (Настрана.) Одам час поскоро
да го доведам Поткалјосин.

ПОЈАВА II
АГАФЈА ТИХОНОВНА и КАЈГАНА

30
Женидба

КАЈГАНА: Јас, госпоѓице, нарочно дојдов малце порано за да поразговарам со вас насамо,
без брзање. Значи, госпоѓице, што се однесува за мојот чин, јас веќе сметам дека вие
знаете: служам како колешки асесор, кого началниците го сакаат, а потчинетите го
слушаат... Ми недостига само едно: другачка во животот.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Да.
КАЈГАНА: Сега јас ја најдов другачката во животот. Таа другачка сте вие. Кажете ми направо:
да или не? (Ѝ го гледа рамото, за себеси.) О, таа не е како оние суви Германки, – има што
да се фати!
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Јас сум уште многу млада... Не сум уште расположена да се мажам.
КАЈГАНА: Па зошто тогаш, ви се молам, стројничката трча наоколу? Туку, можеби вие сакате
да кажете нешто друго? Кажете само... (Се слуша ѕвончето.) Ѓавол да ги земе, никако не
ме оставаат да си ја свршам работата.

ПОЈАВА III
Истите и ЖЕВАКИН
ЖЕВАКИН: Извинете, госпоѓице, што јас дојдов, можеби, премногу рано. (Се свртува и го
здогледува Кајгана.) А, веќе се тука... На Иван Павлович мојата почит!
КАЈГАНА: (Настрана.) Ѓавол да те земе со твојата почит! (Гласно.) Тогаш како, госпоѓице?...
Кажете само еден збор: да или не? (Се слуша ѕвончето. Кајгана налутено плукнува.) Пак
ѕвончето!

ПОЈАВА IV
Истите и АНУЧКИН
АНУЧКИН: Можеби јас, госпоѓице, дојдов порано отколку што треба и отколку што повела
долгот на пристојноста... (Здогледувајќи ги останатите, извикнува и се клања.) Мојата
почит!
КАЈГАНА: (Настрана.) Удави се со својата почит! Ѓаволот те донесе овде, да даде господ да
ти се скршат твоите исушени нозе! (Гласно.) Па тогаш, госпоѓице, решете, – јас сум човек со
многу работа, немам многу време: да или не?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Збркана.) Не треба... не треба... (Настрана.) Ништо не разбирам, што
зборувам.
КАЈГАНА: Како не треба? Во каква смисла не треба?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ништо, ништо... Јас не сакав да го кажам тоа... (Собира храброст.)
Ајде надвор!... (Настрана, откога плеснува со рацете.) Ах, господи боже, што реков јас?

31
Женидба

КАЈГАНА: Како „ајде надвор“? Што значи тоа: „ајде надвор“? Дозволете да разберам, што
подразбирате вие под тоа? (Си ги става рацете на половината и ѝ се приближува
разгневен.)
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Откога му погледнува в лице, вреснува.) Уф, ќе ме претепа, ќе ме
претепа! (Избегува. Кајгана застанува со зината уста. На крикот од Агафја Тихоновна
втрчува Арина Пантелејмоновна и, откога му го согледува лицето, исто така вреснува:
„Ух, ќе нè претепа!“ и побегнува.)
КАЈГАНА: Какво е ова чудо? Навистина, непријатна случка! (На вратата ѕвони ѕвончето и
се слушаат гласови.)
ГЛАСОТ ОД КОЧКАРЈОВ: Та влези, влези, што застана?
ГЛАСОТ ОД ПОТКАЛЈОСИН: Та, оди ти напред. Јас само за миг: ќе се подотерам, ми се
отпетлал потпетичникот.
ГЛАСОТ ОД КОЧКАРЈОВ: Та ти пак ќе ја спраштиш.
ГЛАСОТ ОД ПОТКАЛЈОСИН: Не, нема да ја спраштам! Жими бога, нема да спраштам!

ПОЈАВА V
Истите и КОЧКАРЈОВ
КОЧКАРЈОВ: Ете ти сега, баш треба да го наместуваш потпетичникот.
КАЈГАНА: (Му се обрнува нему.) Кажете, ве молам, луда ли е момава или што?
КОЧКАРЈОВ: А зошто? Зар нешто се случило?
КАЈГАНА: Па однесувањето ѝ е неразбирливо: истрча, зеде да вреска: „Ќе ме испретепа, ќе
ме испретепа“! Ѓавол знае што е тоа!
КОЧКАРЈОВ: Па да, тоа прилега на неа. Таа е луда.
КАЈГАНА: Кажете, та вие сте ѝ роднина?
КОЧКАРЈОВ: Роднина, ами како!
КАЈГАНА: А каков роднина сте ѝ, дозволете да разберам?
КОЧКАРЈОВ: Право да ви кажам не знам: тетката од мајка ми некако му е нешто на татко ѝ
или татко ѝ ѝ е нешто на тетка ми – за тоа знае жена ми, тоа е нивна работа.
КАЈГАНА: А одамна ли е таа луда?
КОЧКАРЈОВ: Па уште од малечка.

32
Женидба

КАЈГАНА: Па, се разбира, подобро ќе беше да е поумна, туку, меѓу другото, и луда е исто
така добра. Нека ѝ бидат само приходите во добар ред.
КОЧКАРЈОВ: Па таа нема ништо.
КАЈГАНА: Како така, а ѕиданава куќа?
КОЧКАРЈОВ: Та само се вика ѕидана, а кога би знаеле како е изградена: ѕидовите ѝ се ѕидани
со една цигла, а во средината има секакви партали – отпадоци, деланки, струганици.
КАЈГАНА: Та што зборувате?
КОЧКАРЈОВ: Ами како! Како да не знаете, како се градат сега куќите? – Само за да ги дадат
во залог.
КАЈГАНА: Туку сепак куќава не е под хипотека.
КОЧКАРЈОВ: А кој ви го рекол тоа? Ете во тоа и е работата, што е не само под хипотека, туку
ни лихвата за две години уште не е исплатена. А во сенатот има уште и брат, којшто исто
така фрла очи на куќава; а таков човек што сака како него да се суди досега светов уште не
родил: од родната мајка последната пола ја симна, безбожникот ниеден.
КАЈГАНА: Па како ми зборуваше мене бабата стројничка... Ах, бестија ниедна, изрод на
родот чове... (Настрана.) Сепак, можеби, тој и да лаже. Бабата треба најстрого да ја
распрашам! И ако е само вистина... е... ќе ја натерам јас да пропее, туку не така како што
пеат другите.
АНУЧКИН: Дозволете и јас да ве обеспокојам со едно прашање. Признавам дека, без да
знам француски, ми е извонредно тешко да проценам самиот, знае ли една жена
француски или не. Како домаќинкава, знае ли?...
КОЧКАРЈОВ: Ни да квикне.
АНУЧКИН: Што зборувате?
КОЧКАРЈОВ: Ами како? Јас го знам тоа многу добро. Таа учеше заедно со жена ми во
пансионот, беше позната мрзливка, везден седеше на магарешката клупа. А наставникот по
француски просто ја тепаше со стап.
АНУЧКИН: Претставете си дека јас од првиот миг, штом само ја здогледав, имав некакво
претчувство дека таа не знае француски.
КАЈГАНА: Ама, ѓавол да го земе францускиот! Туку како проклетата стројничка... Ах ти,
бестијо никаква, вештице! Кога вие би знаеле само со какви зборови ја опишуваше таа!
Живописец, вистински сликар! „Куќа, две куќички во дворот“, вели, „на ѕидани темели,
сребрени лажици, санки“, – само да седнеш и да се возиш! – Со еден збор, во роман ретко
ќе најдеш таква страница. Ах, ти, ѓон дрт! Само да ми паднеш ти мене в раце...

33
Женидба

ПОЈАВА VI
Истите и ФЈОКЛА. Откога ќе ја забележат сите ѝ се обрнуваат нејзе со
следниве зборови
КАЈГАНА: А! Еве ја! Па дојди де ваму, стара грешнице! Ај, дојди ваму!
АНУЧКИН: Така, значи, ме измамивте вие мене, Фјокла Ивановна?
КОЧКАРЈОВ: Ајде сега, давај сметка!
ФЈОКЛА: Ни збор не разбирам: сосема ме заглушивте!
КАЈГАНА: Куќава е ѕидана само на една цигла, лажго стара, а ти мамеше: та има и мансарда
и ѓавол знае уште што.
ФЈОКЛА: А од каде да знам, не сум ја ѕидала јас. Можеби требало да се ѕида со една цигла,
па затоа така и ја соѕидале.
КАЈГАНА: А освен тоа е уште и под хипотека! Ѓаволите да те изедат, вештице проклета!
(Тропа со ногата.)
ФЈОКЛА: Види го ти каков е! Уште и пцуе. Друг би зел да ми благодари за задоволството,
што се грижев за него.
АНУЧКИН: Да, Фјокла Ивановна, ете вие и мене ми рековте дека таа знае француски.
ФЈОКЛА: Знае, мил мој, сè знае, и германски, и секако; какви сакаш манири – сè знае.
АНУЧКИН: Е не; изгледа дека таа говори само руски.
ФЈОКЛА: А што има лошо во тоа? Поразбирливо е руски, затоа и зборува руски. А да умее
турски, за тебе би било полошо, – и самиот ништо не би разбрал. Та овде нема што да се
расправам за рускиот јазик! Јазикот се знае каков е: сите светци зборувале руски.
КАЈГАНА: Дојди де ваму поблизу, проклетнице! Дојди кај мене!
ФЈОКЛА: (Повлекувајќи се поблизу кон вратата.) Е, нема да дојдам, те знам јас тебе. Ти си
човек тежок, за ништо ќе ме натепаш.
КАЈГАНА: Внимавај ти, гулабице, ова нема лесно да ти помине. Кога ќе те одведам в
полиција, ќе разбереш ти, мила моја, како се лажат чесни луѓе. Ќе си го видиш ти своето! А
на момата кажи ѝ дека е никаква! Слушаш, бездруго да ѝ кажеш. (Си оди.)
ФЈОКЛА: Гледај ти каков е! Како се разбеснил! Дека е дебел, па си мисли дека му нема
рамен. А јас ќе ти речам дека ти самиот си никаквик, ете што!

34
Женидба

АНУЧКИН: Признавам, мила моја, никако не мислев дека вие ќе земете така да мамите. Да
знаев дека момата е со такво образование, та јас... та ни ногава моја, просто не би
пречекорила овде. Ете така. (Си оди.)
ФЈОКЛА: Сте се најале отровни печурки или сте се напиле малку повеќе! Види ги ти нив,
пробирачи никакви! Се збудалиле од глупава ученост!

ПОЈАВА VII
ФЈОКЛА, КОЧКАРЈОВ и ЖЕВАКИН. Кочкарјов се смее на сет глас, гледајќи
ја Фјокла и покажувајќи на неа со прст
ФЈОКЛА: (Со лутина.) А што го дереш ти грлото? (Кочкарјов продолжува да се кикоти.)
Види како го зграпчило!
КОЧКАРЈОВ: Стројничкава! Стројничкава! Мајсторката за женење! Знае како да се сврши
работата! (Продолжува да се кикоти.)
ФЈОКЛА: Види го, како се клешти! Сигурно покојницата се померила од умот оној миг, кога
тебе те раѓала! (Си оди со лутина.)

ПОЈАВА VIII
КОЧКАРЈОВ, ЖЕВАКИН
КОЧКАРЈОВ: (Продолжува да се смее.) Оф, не можам, навистина не можам! Немам веќе
сила, чувствувам дека ќе пукнам од смеење! (Продолжува да се кикоти. Жевакин, гледајќи
го него, почнува и самиот да се смее. Кочкарјов паѓа од измореност врз столот.) Ох,
навистина, немам веќе сила. Чувствувам дека ако продолжам да се смеам, ќе ми се искинат
последните жили.
ЖЕВАКИН: Мене ми се допаѓа веселоста на вашиов нарав. Кај нас во ескадрата на капетанот
Болдирев имаше еден заставник Петухов, Антон Иванович; и тој имаше весел нарав.
Понекогаш требаше само да му се покаже прст – и тој одеднаш ќе избувнеше да се смее,
жими бога, и до самата вечер ќе се смееше. Па додека го гледаш и тебе самиот ќе ти се
стори смешно и туку гледаш најпосле и самиот исто така се смееш.
КОЧКАРЈОВ: (Собирајќи здив.) Ох, господи, смилувај ни се нам на грешниве! Што ли беше
намислила таа, будалата? Па, од каде таа да може да жени некого? Таа ли да жени и мажи?
Кога јас го женам некого, тогаш и ќе го оженам!
ЖЕВАКИН: Ама немојте! Значи, вие можете навистина да ожените?
КОЧКАРЈОВ: Ами како? Кого што сакате и со кого сакате.
ЖЕВАКИН: Ако е така, оженете ме мене за овдешнава домаќинка.

35
Женидба

КОЧКАРЈОВ: Вас? А зошто ви е вам да се жените?


ЖЕВАКИН: Како зошто? Тоа е, дозволете да забележам, малку чудно прашање! Па се знае
зошто.
КОЧКАРЈОВ: Па вие ете чувте дека таа нема никаков мираз.
ЖЕВАКИН: Па кога нема, нека нема. Се разбира дека тоа е лошо, туку впрочем со таква
љубезна мома, со нејзиното убаво однесување, може да се проживее и без мираз. Малечка
собичка, (Одмерува приближно со рацете.) а тука вакво малечко претсобје, малечок
параван или некаква слична преграда...
КОЧКАРЈОВ: Па што ви се допаднало толку во неа?
ЖЕВАКИН: Па, да ви кажам право – мене таа ми се допадна затоа што е дебеличка жена.
Јас сум голем љубител на женска дебелина.
КОЧКАРЈОВ: (Гледајќи го под око, зборува настрана.) А самиот не може баш многу да се
пофали; изгледа како ќесе за тутун од кое го истресле тутунот. (Гласно.) Не, вие никако не
треба да се жените.
ЖЕВАКИН: Како така?
КОЧКАРЈОВ: Па така. Ете, каква фигура имате вие, меѓу нас речено? Нозете ви се како кај
петел...
ЖЕВАКИН: Како кај петел?
КОЧКАРЈОВ: Се разбира. Како изгледате само!
ЖЕВАКИН: Поправо како, сепак, нозе како кај петел!
КОЧКАРЈОВ: Па просто, како кај петел.
ЖЕВАКИН: Мене ми се чини дека тоа, сепак, ја засега мојата личност...
КОЧКАРЈОВ: Па јас ви го зборувам тоа зашто знам дека вие сте разумен човек; на друг не би
му рекол. Добро, јас ќе ве оженам, – само за некоја друга.
ЖЕВАКИН: А не, јас би ве молел да не ме жените за друга. Та бидете така добар, па оженете
ме за оваа.
КОЧКАРЈОВ: Молам, ќе ве оженам! Само под услов вие да не се мешате во ништо и дури да
не ѝ се покажувате на момата пред очи. Јас ќе свршам сè без вас.
ЖЕВАКИН: Та како ќе свршите, сепак, сè без мене? Та сепак ќе треба барем да се појавам
пред неа.
КОЧКАРЈОВ: Воопшто не треба. Одете си дома и чекајте; уште довечер сè ќе биде свршено.

36
Женидба

ЖЕВАКИН: (Си ги трие рацете.) Ете тоа би било многу добро! Туку не ќе биде ли потребно
свидетелството, службеничкото досие? Можеби момата ќе посака да ги види? Јас ќе се
стрчнам за миг да ги донесам.
КОЧКАРЈОВ: Ништо не треба, само одете си вие дома. Јас уште денес ќе ве известам. (Го
испраќа.) Та, по ѓаволите, како не! Та што е ова? А зошто ли не доаѓа Поткалјосин? Тоа е
сепак чудно. Зар тој досега го поправа својот потпетичник? Не знам дали да се стрчнам по
него?

ПОЈАВА IX
КОЧКАРЈОВ, АГАФЈА ТИХОНОВНА
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Гледајќи околу себе.) Што, си отишле? Нема никого?
КОЧКАРЈОВ: Си отидоа, си отидоа, нема никого.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ах, кога вие би знаеле, како треперев целата! Такво нешто навистина
никогаш досега не ми се случило. А како е само страшен тој Кајгана! Каков тиранин би бил
сигурно тој за жената. Мене сè така ми се чини тој сега еве ќе се врати.
КОЧКАРЈОВ: О, за ништо на светов нема да се врати. Ја давам главата, ако некој од нив
двајцата си го покаже носот овде.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А третиот?
КОЧКАРЈОВ: Каков трет?
ЖЕВАКИН: (Си ја провира главата низ вратата.) Страшно би сакал да знам, како ќе
зборува таа за мене со своето устенце... трендафилчето едно!
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А Балтазар Балтазарович?
ЖЕВАКИН: А, тоа е тоа! Тоа е она? (Си ги трие рацете.)
КОЧКАРЈОВ: Ух, по ѓаволите! А јас размислував за кого ли зборувате. Та тој е просто ѓавол
знае што, вистински будала.
ЖЕВАКИН: Што е ова сега? Тоа јас навистина, признавам, никако не го разбирам.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А тој, сепак ми се стори навидум многу добар човек.
КОЧКАРЈОВ: Пијаница!
ЖЕВАКИН: Жими бога, не разбирам.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Зар уште и пијаница?
КОЧКАРЈОВ: Познат никаквик, ви се молам!

37
Женидба

ЖЕВАКИН: (Гласно.) Не, дозволете, јас никако не ве молев да го зборувате тоа. Да


проговорите нешто во моја полза, да ме пофалите – тоа е друга работа; туку на ваков начин,
со вакви зборови – е тоа, повелете за некој друг, а не за мене, инаку јас ви благодарам!
КОЧКАРЈОВ: (Настрана.) Кој ли ѓавол го натерал да се врати? (На Агафја Тихоновна, со
половина глас.) Погледнете го, погледнете го: одвај се држи на нозе. Вака тој секој ден се
тетерави. Избркајте го и свршена работа. (Настрана.) А Поткалјосин го нема, па го нема.
Каков никаквец! Ќе ми плати тој мене! (Излегува.)

ПОЈАВА X
АГАФЈА ТИХОНОВНА и ЖЕВАКИН
ЖЕВАКИН: (Настрана.) Вети да ме фали, а наместо тоа, тој ме наруга! Многу чуден човек!
(Гласно.) Вие, госпоѓице, не верувајте му...
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Извинете, не се чувствувам добро... ме боли главата. (Сака да си оди.)
ЖЕВАКИН: Но, можеби, вам нешто кај мене не ви се допаѓа? (Покажувајќи си на главата.)
Вие не гледајте на ова, што имам овде малечка ќелавост. Тоа не е ништо, тоа е од треска;
косата брзо ќе ми порасне.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Мене ми е сеедно, што и да имате вие таму.
ЖЕВАКИН: Јас, госпоѓице... ако го облечам црниот фрак, бојата на лицето тогаш ќе ми стане
побела.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Подобро за вас. Збогум! (Си оди.)

ПОЈАВА XI
ЖЕВАКИН: (Сам, зборува по неа.) Госпоѓице, дозволете, кажете ја причината: зошто?
Поради што? Или јас имам некаков суштествен недостаток, а?... Си отиде! Чуден случај! Ова
веќе седумнаесетти пат ми се случува, и сè речиси на ист начин: изгледа така отпрвин сè
убаво, а штом ќе дојде работата до разврска, – туку гледаш, ќе ме одбијат. (Оди по собата
размислувајќи.) Да... Еве, оваа ќе биде веќе белки седумнаесеттата мома за мажење! И
сепак, што ли таа сака? Зошто ѝ е нејзе, на пример, така... поради што... (Откога
поразмислува.) Нејасно, прекумерно нејасно! Барем нешто на мене да не чинеше. (Се
разгледува себеси.) Изгледа дека тоа не може да се рече – сепак, фала му на бога,
природата со ништо не ме нагрдила. Неразбирливо. А да појдам ли дома и да побуричкам
во сандачето? Таму имав стихчиња, на кои, навистина, ни една не би одолеала... Жими бога,
просто умов не ми разбира. Отпрвин изгледаше дека ми тргна работата... Се гледа дека ќе
морам да си се вратам назад со празни раце. А жалосно, навистина жалосно. (Си оди.)

ПОЈАВА XII

38
Женидба

ПОТКАЛЈОСИН и КОЧКАРЈОВ влегуваат и обајцата се обѕрнуваат назад


КОЧКАРЈОВ: Тој не нè забележа! Виде ли со каков спуштен нос излезе?
ПОТКАЛЈОСИН: Зар и тој е одбиен, како и другите?
КОЧКАРЈОВ: Решително.
ПОТКАЛЈОСИН: (Со самозадоволна насмевка.) А сепак треба да е многу незгодно, кога ќе
те одбијат.
КОЧКАРЈОВ: Како не!
ПОТКАЛЈОСИН: Јас сè уште не верувам дека таа направо рекла дека мене ме претпочита
пред сите.
КОЧКАРЈОВ: Како: само те претпочита! Таа е просто луда по тебе. Таква љубов: какви ли
само имиња ти даваше. Таква страст – просто врие.
ПОТКАЛЈОСИН: (Самозадоволно се насмевнува.) А навистина, жена, кога ќе посака, какви
ли само зборови нема да каже. Никогаш не би можел да измислам такви: муцкиче, лебарче,
печурче...
КОЧКАРЈОВ: Тие зборови не се уште ништо! Туку кога ќе се ожениш, тогаш ќе видиш во
првите два месеци, какви зборови ќе се излеат. Просто, брате, ете така да се топиш од
милина.
ПОТКАЛЈОСИН: (Се усмевнува.) Нели?
КОЧКАРЈОВ: Жими честа! Слушај, сега, сепак, треба побрзо да се фатиме за работата. Кажи
ѝ и отвори ѝ го веднаш срцето и побарај ѝ ја раката.
ПОТКАЛЈОСИН: Та како сега веднаш? Што зборуваш?
КОЧКАРЈОВ: Бездруго веднаш... А еве ја и неа самата.

ПОЈАВА XIII
Истите и АГАФЈА ТИХОНОВНА
КОЧКАРЈОВ: Ви го доведов, госпоѓице, смртников што го гледате. Никогаш досега немало
така заљубен човек – просто да не даде господ, ни на непријател не би му посакал јас...
ПОТКАЛЈОСИН: (Туркајќи го под раката, тивко.) Ех ти веќе, како да претеруваш, брате.
КОЧКАРЈОВ: (Нему.) Ништо, ништо. (Нејзе, тивко.) Бидете посмела, тој е многу кроток;
трудете се да бидете колку што можете послободна. Свиткајте ги така некако веѓите или,
откога ќе си го наведнете погледот, одеднаш пресечете го, злосторникот, или откријте му
го некако рамото и нека го гледа, никаквикот! Меѓу другото, жално е што не сте облекле

39
Женидба

фустан со кратки ракави; туку, впрочем, и овој е добар. (Гласно.) Е, јас ве оставам во
пријатно друштво! За миг само ќе наѕрам во вашана трпезарија и во кујната; треба да
издадам наредби: сега ќе дојде момокот, на кого му е порачано да приготви вечера;
можеби и виното е донесено... До видување! (На Поткалјосин.) Посмело, посмело!
(Излегува.)

ПОЈАВА XIV
ПОТКАЛЈОСИН и АГАФЈА ТИХОНОВНА
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Молам најпокорно да седнете. (Седнуваат и молчат.)
ПОТКАЛЈОСИН: Сакате ли вие, госпоѓице, да се возите?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Како да се возам?
ПОТКАЛЈОСИН: На летување е многу пријатно да се вози човек во чун.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Да, понекогаш со познајници се прошетуваме.
ПОТКАЛЈОСИН: Какво ли лето ќе биде – не се знае.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А пожелно е да биде убаво. (Обајцата молчат.)
ПОТКАЛЈОСИН: Кој цвет најмногу го сакате вие, госпоѓице?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Оној што мириса посилно: каранфилот.
ПОТКАЛЈОСИН: На дамите многу им прилегаат цвеќињата.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Да, тоа е пријатно занимање. (Молчење.) Во која црква бевте вие
минатата недела?
ПОТКАЛЈОСИН: Во Вознесенската, а претходната недела бев во Казанската соборна црква.
Меѓу другото, сеедно е каде се моли човек, во каква црква. Оваа е само поубаво украсена.
(Молчат. Поткалјосин тропа со прстите по масата.) Еве, наскоро ќе биде забавата во
Екатеринхофската градина.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Да, по еден месец, ми се чини.
ПОТКАЛЈОСИН: Дури и порано.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Бездруго ќе биде весела забавата.
ПОТКАЛЈОСИН: Денес е осми. (Брои со прстите.) Деветти, десетти, единаесетти... по
дваесет и два дена.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Претставете си, колку брзо!

40
Женидба

ПОТКАЛЈОСИН: Јас дури и не го сметам денешниов ден. (Молчење.) Каков е само смел
рускиот народ!
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Како?
ПОТКАЛЈОСИН: Па работниците. Стојат на самиот врв. Јас врвев покрај куќата, а ѕидарот
малтерисува и не се плаши од ништо.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Да. А на кое место беше тоа?
ПОТКАЛЈОСИН: Па ете по патот, по кој одам секој ден во установата. Јас, знаете, секое утро
одам на работа. (Молчење. Поткалјосин одново почнува да тропа со прстите, најпосле
си ја зема шапката и се клања.)
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А вие веќе сакате...
ПОТКАЛЈОСИН: Да. Извинете ако, можеби, ви додевав.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Не, никако! Напротив, јас треба да ви благодарам за вакво
поминување на времето.
ПОТКАЛЈОСИН: (Усмевнувајќи се.) А мене, право да си кажам, ми се чини дека ви здодеав.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ах, никако не.
ПОТКАЛЈОСИН: Е, па ако не сум ви здодевал, тогаш дозволете ми и другпат, навечер
понекогаш...
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Ќе ми биде многу пријатно. (Се клањаат еден на друг. Поткалјосин
си оди.)

ПОЈАВА XV
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Сама.) Каков достоен човек! Дури сега јас го запознав добро;
навистина, не можеш да не го засакаш: и скромен е, и разумен. Да, неговиот пријател пред
малку право рече; штета е само, што толку брзо си отиде, а јас би сакала уште да го слушам.
Колку е пријатно да се зборува со него! И, што е главно, добро е што воопшто не зборува
празни работи. Јас веќе исто така сакав да му кажам два-три збора, туку, признавам, се
уплашив, срцево почна така да ми чука... Каков извонреден човек е тој! Ќе појдам да ѝ
раскажам на тетенцето. (Излегува.)

ПОЈАВА XVI
ПОТКАЛЈОСИН и КОЧКАРЈОВ влегуваат
КОЧКАРЈОВ: Но зошто сакаш да си одиш дома? Какви се тие глупости! Зошто дома?
ПОТКАЛЈОСИН: А зошто пак да останам овде? Та јас веќе реков сè што треба.

41
Женидба

КОЧКАРЈОВ: Значи, си ѝ го отворил веќе срцето?


ПОТКАЛЈОСИН: Па ете, само што срцето уште не ѝ го отворив.
КОЧКАРЈОВ: Ете ти сега работа! А зошто не си ѝ го отворил?
ПОТКАЛЈОСИН: Е, па како сакаш ти, уште пред да поразговарам со неа за нешто друго,
одеднаш да ѝ речам од небо в ребро: „Госпоѓице, ајде јас да се оженам за вас!“
КОЧКАРЈОВ: Па тогаш за што, за какви глупости сте разговарале вие цел половина час?
ПОТКАЛЈОСИН: Па, поразговаравме за сè и, признавам, јас сум многу задоволен; со големо
задоволство го поминав времето.
КОЧКАРЈОВ: Та слушај, процени самиот: кога ли ќе успееме да го свршиме сето тоа? Па по
еден час треба да одиме в црква, на венчавка.
ПОТКАЛЈОСИН: Што зборуваш ти, си се збудалил ли? Денес на венчавка?
КОЧКАРЈОВ: А зошто не?
ПОТКАЛЈОСИН: Денес на венчавка!
КОЧКАРЈОВ: Па ти самиот даде збор, рече дека, штом само другите кандидати ќе бидат
избркани – ти веднаш ќе бидеш готов да се жениш.
ПОТКАЛЈОСИН: Па, јас и сега не бегам од дадениот збор. Само не сега веднаш; барем еден
месец ми треба да здивнам.
КОЧКАРЈОВ: Еден месец!
ПОТКАЛЈОСИН: Па, се разбира.
КОЧКАРЈОВ: Си се збудалил ли ти, а?
ПОТКАЛЈОСИН: Па помалку од еден месец не се може.
КОЧКАРЈОВ: Та јас му порачав на келнерот да приготви вечера, суровицо ниедна! Ај,
послушај ме, Иван Кузмич, не биди тврдоглав, душичке, ожени се сега.
ПОТКАЛЈОСИН: Ама што зборуваш ти, брате? Како така: сега?
КОЧКАРЈОВ: Иван Кузмич, па јас те молам. Ако не сакаш заради себеси, тогаш барем заради
мене.
ПОТКАЛЈОСИН: Па не можам, навистина.
КОЧКАРЈОВ: Можеш, душо, можеш да сториш сè. Ајде, те молам, немој да тераш инает,
душичке!
ПОТКАЛЈОСИН: Па навистина не можам. Незгодно е, сосема незгодно.

42
Женидба

КОЧКАРЈОВ: Та што е незгодно? Кој ти го рекол тебе тоа? Размисли самиот; па ти си умен
човек. Јас не ти го зборувам тебе ова за да ти се подмилкувам, не ти го зборувам затоа што
си началник на одделение, туку просто ти го зборувам од љубов... Ај доста е веќе, душичке,
реши се, погледни на работата со очите на разумен човек.
ПОТКАЛЈОСИН: Па кога би било можно, јас би се...
КОЧКАРЈОВ: Иван Кузмич! Златен мој, мил мој! Еве ако сакаш, јас ќе паднам на коленици
пред тебе?
ПОТКАЛЈОСИН: Ама зошто?...
КОЧКАРЈОВ: (Паѓа на коленици.) Е па еве, јас клечам! Еве гледаш и самиот, те молам.
Никогаш нема да ја заборавам твојата услуга, не биди тврдоглав, душичке!
ПОТКАЛЈОСИН: Па не можам, брате, навистина не можам.
КОЧКАРЈОВ: (Станувајќи, налутено.) Свињо!
ПОТКАЛЈОСИН: Повели, ругај само.
КОЧКАРЈОВ: Глупак! Никогаш досега немало таков глупак.
ПОТКАЛЈОСИН: Ругај, ругај само.
КОЧКАРЈОВ: А за кого јас се трудев, зошто се мачев? Сè за твоја корист, глупак. Па што имам
јас од тоа? Сега јас ќе те оставам; што ми е мене тоа работа?
ПОТКАЛЈОСИН: Па кој те молел тебе да се зафаќаш со тоа? Повели, остави ме.
КОЧКАРЈОВ: Па ти ќе пропаднеш, та ти без мене ништо нема да сториш. Ако јас не те
оженам, ти довек ќе си останеш глупак.
ПОТКАЛЈОСИН: А што те засега тоа тебе?
КОЧКАРЈОВ: Па за тебе се грижам, тикво дрвена.
ПОТКАЛЈОСИН: Мене не ми се потребни твоите грижи.
КОЧКАРЈОВ: Па тогаш оди по ѓаволите!
ПОТКАЛЈОСИН: Е, и ќе појдам.
КОЧКАРЈОВ: Таму ти е тебе и местото!
ПОТКАЛЈОСИН: Па што, и ќе појдам.
КОЧКАРЈОВ: Оди, оди, и да даде господ овој час веќе да си ја скршиш ногата. Еве со сета
душа ти посакувам пијаниот колар да ти го продупчи грлото со рудата! Партал си ти, а не

43
Женидба

чиновник! Еве, ти се колнам дека сега е сè свршено меѓу нас, и не излегувај ми повеќе пред
очи!
ПОТКАЛЈОСИН: И не ќе ти излезам. (Си оди.)
КОЧКАРЈОВ: Оди кај ѓаволот, кај твојот стар пријател! (Отворајќи ја вратата, вика по
него.) Будала!

ПОЈАВА XVII
КОЧКАРЈОВ сам оди напред-назад, со остри чекори
КОЧКАРЈОВ: Е, видел ли некој некогаш на светов ваков човек? Каков будала! А ако веќе
зборуваме право, и јас сум цвеќе. Ај кажете, ве молам, еве јас ќе се повикам на сите вас. Па
не сум ли јас токмак, не сум ли глупав? Заради што се мачам, викам така што грлово ми се
исуши? Кажете, што ми е тој мене? Роднина ли ми е, што? И што сум му јас нему: дадијарка,
тетка, свекрва, кума, што? Па за кој ѓавол, поради што, заради што се грижам за него, немам
спокојство, ѓавол да го прибере сосема? Та просто ѓавол да знае поради што! Обиди се
некогаш да прашаш некој човек, поради што тој прави нешто! Таков гнасник! Каква
одвратна, подла муцка! Би те зграпчил јас тебе, глупаво животно, па би те штракал со прсти
по носот, по ушите, по устата, по забите – по секое место! (Во лутината удира неколку
пати со прстите по воздухот.) А еве што ми е криво: си отиде тој – и баш му е грижа;
според него сè треба да биде така, како ништо и да не било, – ете тоа е неподносливо! Ќе
си појде дома и ќе си лежи и ќе си го пуши лулето. Какво одвратно создание! Навистина,
има одвратни муцки, туку еве ваква просто не може да се замисли; полоша од таа муцка,
жими бога нема да замислиш, никако! Е па, нема да биде така, ќе појдам јас нарочно по
него и ќе го вратам, безделникот ниеден! Нема да го пуштам да ја спрашти, ќе појдам да го
доведам, подлецот! (Истрчува.)

ПОЈАВА XVIII
АГАФЈА ТИХОНОВНА влегува
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Та срцево навистина така ми чука, што ми е тешко дури и да кажам
колку. Насекаде, каде и да се свртам, секаде стои Иван Кузмич. Е баш е вистина дека од
судбината никако не може да се побегне. Пред малку сосема сакав да мислам за друго
нешто, туку со што и да се зафатам – се обидов да свиткувам клопче конец, везев чантичка,
– а Иван Кузмич везден ми е пред очи. (Откога помолчува.) И така еве, најпосле, мене ме
очекува промена во мојата животна состојба! Ќе ме земат, ќе ме поведат в црква... Потоа
ќе ме остават сама со маж... уф! Морници ми поминуваат. Збогум, поранешен мој
момински животе! (Плаче.) Толку години поминав во спокојство... Ете живеев, живеев – а
сега треба да се мажам! Колку само грижи има: деца, момченца, што везден сакаат да се
тепаат; а потем и девојчиња ќе дојдат; ќе пораснат – и ајде мажи ги. Добро ќе биде уште,
ако се омажат за добри луѓе, туку ако земат мажи пијаници или такви, што се готови уште
44
Женидба

веднаш да стават на карта сè што имаат! (Почнува малку по малку пак да липа.) Не стигнав
ни да му се порадувам на мојот момински живот, ни дваесет и седум години не проживеав
како мома... (Менувајќи го гласот.) Туку зошто толку долго се вртка Иван Кузмич?

ПОЈАВА XIX
АГАФЈА ТИХОНОВНА и ПОТКАЛЈОСИН кого со обете раце го истуркува на
сцената низ вратата КОЧКАРЈОВ
ПОТКАЛЈОСИН: (Пелтечејќи.) Јас дојдов кај вас, госпоѓице, да ви објаснам една работа...
Само прво би сакал да знам дали таа работа нема да ви се стори чудна?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Наведувајќи го погледот.) А што е тоа?
ПОТКАЛЈОСИН: Не, госпоѓице, првин вие кажете: нема ли тоа да ви се стори чудно?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: (Со сè уште наведнат поглед.) Не можам да знам што е тоа.
ПОТКАЛЈОСИН: Но признајте: нели навистина ќе ви се стори чудно тоа што ќе ви го кажам?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Како може, ви се молам, да ми биде чудно, – од вас е сè пријатно да
се слуша.
ПОТКАЛЈОСИН: Но такво нешто вие никогаш досега не сте чуле. (Агафја Тихоновна си го
наведнува погледот уште повеќе; во тоа време влегува тивко Кочкарјов и застанува зад
Поткалјосин.) Еве во што е работата... Туку подобро да ви кажам некогаш попосле.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А што е тоа?
ПОТКАЛЈОСИН: Па, тоа е... Јас сакав, си признавам, сега да ви го кажам тоа, туку сè уште
некако се колебам.
КОЧКАРЈОВ: (За себеси, склопувајќи си ги рацете.) Господи боже, каков човек е овој! Ова е
просто стара бабешка влечка, а не човек, подигравка од човек, просто сатира на човека!
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А зошто се колебате?
ПОТКАЛЈОСИН: Па сè некако ме фаќа сомнение.
КОЧКАРЈОВ: (Гласно.) Како е ова глупаво, како е глупаво! Па вие, госпоѓице, гледате: тој ја
бара вашата рака, сака да ви каже дека без вас не може да живее, да постои. Праша само
дали сте вие согласна да го направите среќен.
ПОТКАЛЈОСИН: (Речиси исплашен, го турка, зборувајќи тивко.) Ама што зборуваш!
КОЧКАРЈОВ: Значи што, госпоѓице? Се решавате ли вие на овој смртник да му дадете среќа?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Јас никако не смеам да помислам дека јас би можела да го направам
некого среќен... А, меѓу другото, согласна сум.

45
Женидба

КОЧКАРЈОВ: Се разбира, се разбира, одамна требаше така. Дајте ми ги вашите раце!


ПОТКАЛЈОСИН: Веднаш! (Сака нешто да му шепне на уво; Кочкарјов му покажува
тупаница и се мурти; Поткалјосин ја подава раката.)
КОЧКАРЈОВ: (Соединувајќи им ги рацете.) Е, господ да ве благослови! Јас се согласувам и
ја одобрувам вашава врска. Бракот – тоа ви е таква работа... Не е тоа како кога ќе земеш
пајтон и ќе тргнеш некаде; тоа е обврска од сосем друг вид, тоа е обврска... Само, што сега
немам време, па после ќе ти раскажам каква обврска е таа. Ај, Иван Кузмич, бакни ја својата
свршеница. Ти сега можеш да го сториш тоа. Ти сега мораш да го сториш тоа. (Агафја
Тихоновна си го наведнува погледот.) Ништо, ништо, госпоѓице; тоа така треба, нека ве
бакне.
ПОТКАЛЈОСИН: Не, госпоѓице, дозволете, сега веќе дозволете. (Ја бацува и ја фаќа за
раката.) Какво прекрасно раче! Од каде е ова кај вас, госпоѓице, вакво прекрасно раче?...
Туку, дозволете, госпоѓице, јас сакам веднаш да биде венчавката, бездруго веднаш.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Како веднаш? Па тоа е, можеби, премногу брзо.
ПОТКАЛЈОСИН: Не сакам ни да чујам! Сакам венчавката да биде уште побрзо. Уште овој
миг.
КОЧКАРЈОВ: Браво! Многу добро! Ти си благороден човек! Јас, признавам, секогаш
очекував од тебе многу во иднината! А вие, госпоѓице, навистина побрзајте сега час поскоро
да се облечете: јас, право да ви кажам, веќе испратив по пајтон и ги поканив гостите. Тие
сега сите се појдени направо в црква. Та вие веќе имате готова венчална облека, знам јас.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Како не, одамна ми е готова. Јас веднаш ќе се облечам.

ПОЈАВА XX
КОЧКАРЈОВ и ПОТКАЛЈОСИН
ПОТКАЛЈОСИН: Е, ти благодарам, брате! Сега дури јас гледам колку направи ти за мене.
Родниот татко не би го сторил за мене ова, што го стори ти. Гледам дека работеше од
пријателство. Благодарам, брате, довек ќе ја паметам твојава услуга. (Трогнат.) Идната
пролет бездруго ќе го посетам гробот на татко ти.
КОЧКАРЈОВ: Ништо, брате, и мене ми е мило. Е па, дојди да те бакнам. (Го бакнува во
едниот образ, а потоа во другиот.) Да даде господ да проживееш среќно, (Се бакнуваат.)
во задоволство и во благосостојба; да изродите цел куп деца...
ПОТКАЛЈОСИН: Благодарам, брате! Дури сега имено, разбрав најпосле што е животот. Сега
пред мене се откри сосема нов свет, сега јас еве гледам дека сето тоа се движи, живее,
чувствува, така некако испарува, така некако што дури ни самиот не знаеш што се случува.
А порано јас ништо од тоа не гледав, не разбирав, поправо просто бев човек лишен од какво

46
Женидба

и да е знаење, не размислував, не се вдлабочував и живеев ете, како што живее и секој друг
човек.
КОЧКАРЈОВ: Мило ми е, мило ми е! Сега јас ќе појдам само да погледнам како ја наредиле
масата; веднаш ќе се вратам. (Настрана.) А шапкава негова сепак е подобро за секој случај
да ја скријам. (Ја зема и ја однесува шапката со себе.)

ПОЈАВА XXI
ПОТКАЛЈОСИН сам
ПОТКАЛЈОСИН: Навистина, што бев јас досега? Го разбирав ли јас значењето на животот?
Не го разбирав, ништо не разбирав. Е, каков беше мојот ергенски живот? Што претставував
јас, што правев? Живеев, живеев, служев, одев во установата, ручав, спиев – со еден збор,
бев најпразниот и најобичниот човек на светов. Дури сега гледам колку се глупави сите
оние што не се женат; а ако навистина се погледне – колку луѓе само се најдуваат во такво
слепило. Да сум некаде цар, јас на сите би им заповедал да се женат, на сите под ред, па
во мојата држава да нема ни еден ерген!... Навистина, кога ќе помислиш: по неколку
минути – и веќе ќе бидеш женет. Одеднаш ќе го вкусиш блаженството какво што го има
само уште во сказните, блаженството што просто дури не можеш да го искажеш, па ни
зборови не можеш да најдеш да го искажеш. (По извесно молчење.) Па сепак, што и да се
зборува, туку некако човека дури го фаќа страв, кога добро ќе размисли за тоа. Се врзуваш
за цел живот, за сиот век, како и да биде, а после веќе нема ни изговори, ни каење, ништо,
ништо – сè е свршено, сè е готово. Та еве дури и сега веќе не можам никако да се повлечам
назад: по некоја минута ќе одам на венчавка; дури не можам ни да си одам – таму е веќе и
пајтонот, а и сè друго е подготвено. А зар навистина не можам да избегам? Па, се разбира
дека не можам: таму пред вратана и насекаде има луѓе; па ќе ме прашаат: зошто? Не, не
можам. А еве прозорецов е отворен; што, ако избегам низ прозорец? Не, не можам; и како
би можел? И непристојно е, па и високо е. (Пристапува кон прозорецот.) Па уште и не е
толку високо: само темелот е, па и тој е низок. Туку не, никако, ја немам дури ни капата.
Како да бегам без шапка? Не е згодно. А зар, сепак, не можам без шапка? А што ќе биде,
ако се обидам, а? Па да се обидам, а? (Се качува на прозорецот и, откога ќе рече: „Господи
поможи“, скокнува на улица; зад сцената јачи и офка.) Оф! Сепак е високо! Еј, колар!
ГЛАСОТ НА КОЛАРОТ: Да ве одвезам ли?
ГЛАСОТ НА ПОТКАЛЈОСИН: На Канавка, покрај Семјоновскиот мост.
ГЛАСОТ ОД КОЛАРОТ: Па десет копејки, не ќе биде многу.
ГЛАСОТ ОД ПОТКАЛЈОСИН: Ајде! Терај! (Се слуша дрндањето на колата што заминува.)

ПОЈАВА XXII

47
Женидба

АГАФЈА ТИХОНОВНА влегува, во венчална облека, бојазливо и со


наведната глава
АГАФЈА ТИХОНОВНА: И самата не знам што ми е! Пак ми стана срам, и целата треперам. Ах,
кога макар само за минута сега тој не би бил во собава, кога барем заради нешто би
излегол! (Со бојазливост се обѕрнува околу себе.) Па каде ли е тој? Нема никого. Каде ли
излегол? (Ја отвора вратата за во претсобјето и зборува натаму.) Фјокла, каде отиде
Иван Кузмич?
ГЛАСОТ ОД ФЈОКЛА: Па тој е таму.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Па каде таму?
ФЈОКЛА: (Влегувајќи.) Па еве тука седеше тој, во собава.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Та еве го нема, гледаш.
ФЈОКЛА: Е па, од собава тој не излезе, јас седев во претсобјено.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Па тогаш каде е?
ФЈОКЛА: Јас навистина не знам каде е; да не излегол од другиот излез, по споредните скали,
или да не седи во собата од Арина Пантелејмоновна?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Тетенце! Тетенце!

ПОЈАВА XXIII
Истите и АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: (Наконтена.) Што има?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Кај вас ли е Иван Кузмич?
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Не, тој треба да е тука; не наминувал кај мене.
ФЈОКЛА: Е па ни во претсобјено не беше, таму јас седев.
АГАФЈА ТИХОНОВНА: А ни овде го нема, гледате.

ПОЈАВА XXIV
Истите и КОЧКАРЈОВ
КОЧКАРЈОВ: Што има?
АГАФЈА ТИХОНОВНА: Па го нема Иван Кузмич.
КОЧКАРЈОВ: Како го нема? Си отишол?

48
Женидба

АГАФЈА ТИХОНОВНА: Го нема, а и не си отишол.


КОЧКАРЈОВ: Како така: и го нема, а и не си отишол?
ФЈОКЛА: Па каде можел да се вдене, не можам да разберам. Јас за сето време седев во
претсобјено и не се мрднав од местото.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Па по споредните скали никако не можел да помине.
КОЧКАРЈОВ: Како така, ѓавол да го земе? Та не можел ни да пропадне в земја, кога веќе не
излегол од собава, никако не можел да исчезне. Да не се скрил, а?... Иван Кузмич! Каде си?
Не будали се, доста е шеги, излегувај побрзо! Па какви шеги се тие? Одамна е време да се
оди в црква! (Наѕира зад шкафот, под око фрла поглед дури и под столот.)
Неразбирливо! Туку не, тој не можел да си оди, на никаков начин не можел. Та тој е тука;
во онаа соба му е и шапката, јас нарочно ја оставив таму.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: А да го прашаме слугинчето. Таа за сето време стоеше на
улицата, да не знае таа нешто... Дуњашка! Дуњашка!

ПОЈАВА XXV
Истите и ДУЊАШКА
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Каде е Иван Кузмич, ти не си го видела?
ДУЊАШКА: Па тие скокнаа низ прозорец. (Агафја Тихоновна вреснува и плеснува со
рацете.)
ФЈОКЛА, АРИНА и КОЧКАРЈОВ: (Заедно.) Низ прозорец?
ДУЊАШКА: Да, а потоа, откога искокнаа, зедоа пајтон и си отидоа.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: Ти вистина ли зборуваш?
КОЧКАРЈОВ: Лажеш, тоа не може да биде!
ДУЊАШКА: Жими бога, искокнаа! Ене и трговецон од бакалницана виде. Се пазарија со
коларот за десет копејки и си отидоа.
АРИНА ПАНТЕЛЕЈМОНОВНА: (Пристапувајќи му на Кочкарјов.) А што вие, господине,
подбив терате, нели? Сте намислиле да се потсмевате со нас, а? За срам ви паднавме ние в
раце, нели? Та јас живеам повеќе од педесет години, а ваква срамота уште не сум
доживеала. Та јас за тоа, господине, ќе ви плукнам в лице, ако сте чесен човек. Туку вие по
ова сте подлец, ако сте чесен човек. Да се посрамоти мома пред сиот свет! Јас сум селанка
по потекло, туку ваква работа не би направила. А вие уште сте ми и некаков дворјанин!
Сигурно тоа дворјанство ви достига само за да правите пакости и измами! (Излегува
разбеснето и ја одведува момата. Кочкарјов стои како ошумоглавен.)

49
Женидба

ФЈОКЛА: Што е? А еве го оној, што знае да ја сврши работата! Умее без стројничка да нареди
свадба! Та нека се моите младоженци вакви и онакви, искубани и секакви, туку вакви што
скокаат низ прозорци, – е такви, со проштение, јас немам.
КОЧКАРЈОВ: Тоа се глупости, тоа не може да биде така, јас ќе се стрчнам кај него, ќе го
вратам! (Си оди.)
ФЈОКЛА: Ајде, оди, врати го! Не знаеш како се женат и мажат луѓе, нели? Уште да беше
побегнал низ врата – ќе беше некако друга работа, туку вака, кога младоженецот ќе ја дувне
низ прозорец – е, тогаш веќе просто нека ви е на здравје!

ЗАВЕСА

КРАЈ

50

You might also like