You are on page 1of 65

Лисистрата

Аристофан

ЛИСИСТРАТА

1
Лисистрата

ЛИЦА:
Лисистрата – атинска жена
Калоника – атинска жена
Мирина – атинска жена
Стратилида – атинска жена
Лампита – спартанска жена
Други жени
Советник – атински маж
Кинесија – сопруг на Мирина
Неговиот син
Гласник од Лакедемон
Пратеник од Лакедемон
Безработници
Слуга
Атински маж
Пратеник од Атина
Хор од атински старци
Хор од атински старици

2
Лисистрата

ПРВ ЧИН
Атинска улица во близина на Акропол. Лисистрата излегува пред својата куќа и гледа
на сите страни, вознемирено. Наскоро Калоника.

ПРВА ПОЈАВА
Лисистрата, Калоника.
ЛИСИСТРАТА:
Во храмот Бакхов, ил Пановиот да ги викна некој,
ил кај божицата колијадска, ил Родилката,
ниту да поминам не ќе можев тогаш од таламбаси,
а овде жена ниедна нема сега!
Тук мојата комшивка излегува, ене!
Радувај се, Калоника!
КАЛОНИКА:
И ти, Лисистрата!
Но, што се збуни? Не мурти го челото, ќерко,
не ти личат веѓи собрани!
ЛИСИСТРАТА:
Ах, Калоника, сè в срце ми гори,
и зарад нас, жените, со гнев се наполнив,
оти светот машки за нас грдо зборува: ништожнички сме.
КАЛОНИКА:
И сме, жими Зевса!
ЛИСИСТРАТА:
Речено им би да дојдат овде,
за работа крупна да беседиме ќе треба,
а тие спијат, не доаѓаат.
КАЛОНИКА:
Но, ќе дојдат.
На жените куќите да ги остават им е тешко,
оти некоја од нас мажа си го двори,
а друга слугата го буди, некоја со детето,
крај лелејка, некоја го капи ил го дои.
ЛИСИСТРАТА:
Но, за нив работа има многу поважна од таа.

3
Лисистрата

КАЛОНИКА:
Што е, драга Лисистрата,
зарад што ти нас, жените, нè викаш ваму?
Колкава е работата? Каква е?
ЛИСИСТРАТА:
Крупна!
КАЛОНИКА:
Тврд ли орев?
ЛИСИСТРАТА:
Тврд, жими Зевса?
КАЛОНИКА:
Тогаш зошто не сме веќе тука?
ЛИСИСТРАТА:
Работата не е таква!
Кога би била, тука би биле!
Не, има нешто што шестев јас
и се превртував често в постела будна.
КАЛОНИКА:
Што превртуваше, ќе да е умно нешто!
ЛИСИСТРАТА:
Паметно толку што на цела Елада
избавата од нас, жените, зависи.
КАЛОНИКА:
Од жените само?
Тоа се столбови слаби.
ЛИСИСТРАТА:
Избавата на градот во нашите е раце,
ил, ни Пелопонежаните ќе ги нема веќе.
КАЛОНИКА:
Да ги нема најдобро е за нас, жими Зевса!
ЛИСИСТРАТА:
И сите да загинаа Беотејци!
КАЛОНИКА:
Не, никако! Само акрепите издели ги!

4
Лисистрата

ЛИСИСТРАТА:
А за Атина ни трошка да лајам така нема
во мене не се сомневај!
На ова место кога жените ќе се соберат,
од Беотија и уште од Пелопонез,
па и ние, заедно ќе ја спасиме Елада.
КАЛОНИКА:
А што можат жените умно ил сјајно
да сторат кога нагиздани седиме
со врз себе свила, украсени со срма
и уште во од копрена влечки.
ЛИСИСТРАТА:
Очекувам тоа нас и да нè спаси,
свилената тога, мирисите и влечките,
црвилото и провидната риза.
КАЛОНИКА:
На кој начин?
ЛИСИСТРАТА:
Од тие луѓе веќе никој на другото не ќе дигне копје!
КАЛОНИКА:
Еј, жими божиците, јас свилата ќе ја вапцам.
ЛИСИСТРАТА:
Ни штит ќе крене!
КАЛОНИКА:
Одеждата со срма!
ЛИСИСТРАТА:
Нит за меч се лати!
КАЛОНИКА:
Сандали ќе купам!
ЛИСИСТРАТА:
Сепак жените ваму не стасаа уште!
КАЛОНИКА:
Да долетаат веќе дамна мораа тие!

5
Лисистрата

ЛИСИСТРАТА:
Но, драга
вистинските ќе ги видиш Атинчанки.
Сè ќе сторат, но предоцна секогаш.
Но не стигна сè уште, ни Приморка, ни Саламинка!
КАЛОНИКА:
За нив јас знам:
рано в зори се качија в чамци.
ЛИСИСТРАТА:
А ни Ахарјанките, за кои, пред сите,
мислев, овде ќе ги видам први, ни тие не стигнаа.
КАЛОНИКА:
Теогеновица,
пред наваму да тргне, го праша кипот на Хеката.
Туку, гледај, ти доаѓа некој,
а оданде доаѓаат други! Иха, ха!
Од каде се?
ЛИСИСТРАТА:
Од Мирина!
КАЛОНИКА:
Да, жими Зевса!
Од Мирина баш ништо не ми мириса!
(Доаѓа Мирина со жените.)

ВТОРА ПОЈАВА
Претходните, Мирина, Лампита од Спарта, жени од Коринт, Беотија и Атина.
МИРИНА:
Еј, дали стигнавме доцна, Лисистрата
Што велиш? Молчиш?
ЛИСИСТРАТА:
За пофалба не си, Мирина
кога за работа ваква ти доаѓаш доцна.
МИРИНА:
Својот појас долго в темнина го барав,
но, поважно е друго, веднаш кажи сè!

6
Лисистрата

ЛИСИСТРАТА:
Сè си мислам, миг да причекаме уште,
дури жените од Пелопонез и Беотија не стигнат.
МИРИНА:
Ти убаво говориш.
Навистина, еве ја кај ита Лампита!
(Доаѓа Лампита со Пелопонежанките, Лисистрата ѝ оди во пресрет.)
О, Лаконко драга, здраво Лампита!
Ах дивна си, за погледот радост!
Два образи полни и телото ти јадро!
Бик би калдисала!
ЛАМПИТА:
Жими господ, би!
Сè вежбам, штипам и клоци в газ удирам.
ЛИСИСТРАТА:
(Ги соголува од Лампита градите.)
Колку ти се убави мишките, ох тие дојки!
ЛАМПИТА:
Небаре за жртва живинче, ме допирате!
ЛИСИСТРАТА:
Е, жими бози, таа е Беочанка чесна, а дојдена кај вас.
Беочанко, жими Зевса, градината ти е дивна.
КАЛОНИКА:
И уште, жими Зевса, тревата густа потстрижена брижно.
А, она дете кое е?
ЛАМПИТА:
Жими бози, таа, пак, Коринчанка е.
ЛИСИСТРАТА:
Жими божиците
и од назад и од напред налеана таман,
плотна, секој ќе види.
ЛАМПИТА:
За денес кој скупштинава ја свика, овој собир женски?
ЛИСИСТРАТА:
Јас.

7
Лисистрата

ЛАМПИТА:
Тогаш збори, што ти од мене ќе сакаш?
МИРИНА:
Госпоѓо, жити Зевса, кажи!
КАЛОНИКА:
Извести нè каква работа важна е тоа!
ЛИСИСТРАТА:
Ќе ви кажам. Но, пред тоа
нешто да ве прашам нужно.
МИРИНА:
Што сакаш ти прашај.
ЛИСИСТРАТА:
Дали сакате таткото на децата ваши
од војните да се ослободи.
Јас знам добро дека на секоја од вас
во туѓина ѝ живее мажот.
КАЛОНИКА:
Кутриот мој, пет месеци веќе
во Тракија, Еукрат го чува.
ЛИСИСТРАТА:
А мојот во Пила маж, седум наполни.
ЛАМПИТА:
Мојот, пак, штом од бој ќе се врати,
штитот веднаш ќе го зграби, та назад ќе поита.
ЛИСИСТРАТА:
Ни трага нема од неверство какво,
откако нè предадоа Милечаните,
не бев ни тоцкаво видела свирче,
од румена кожа, за утеха женска.
Но, кога илјач би нашла, дали би сакале вие
со мене, на војните да им удриме точка?
МИРИНА:
Јас сакам, врло,
дури ако морам џамаданчето да си го продадам
и парите сите да ги пропијам денес!

8
Лисистрата

КАЛОНИКА:
И јас исто, дури и ако морам во мојава
да се престорам и половина се отсечам!
ЛАМПИТА:
На од Тајгет врвот би се искачила
кога, од таму, мир би се гледал!
ЛИСИСТРАТА:
Тогаш чујте, отворено ќе ви кажам сè.
Ние, жените, ако сакаме мажите
да ги принудиме наши мир да склопат, да се лишиме ќе мораме сега!
МИРИНА:
Од што? Кажи!
ЛИСИСТРАТА:
Дали ќе ме послушате!
МИРИНА:
Сигурно, макар и да се умре, ако треба!
ЛИСИСТРАТА:
(Пополека и мошне свечено.)
Од работата на петелот да се лишиме ќе треба!
(Општо негодување. Куса пауза.)
Но, што се вртите? Каде одите?
Зошто ги напрчивте усните и со главите мафтате?
Зошто се вцрвивте? Зошто солзи роните?
Ајде, сакате ил не? Кои ви се намерите?
МИРИНА:
Тоа никако, повеќе би сакала војната да трае!
КАЛОНИКА:
Ниту јас, нека продолжат војните!
ЛИСИСТРАТА:
Ти, снашке, што велиш? Пред миг сал да рече
половната од себе би ја пресекла.
КАЛОНИКА:
Друго предлагај! Ако треба низ оган ќе одам,
тоа побрзо отколку без стојко!
Без него не можам, премила Лисистрато!

9
Лисистрата

ЛИСИСТРАТА:
(На Мирина.) А, ти?
МИРИНА:
И јас низ оган би сакала!
ЛИСИСТРАТА:
Уф, родот наш се воспали сет.
Со вас трагедиите залуд не се полни –
ние не сме друго, туку „Посејдон“ и „чун“.
(На Лампита, свечено.)
Ти да се согласиш само, драга Лампита,
со предлогот мој, од бура чунот ќе го спасиме.
И затоа со мене согласи се.
ЛАМПИТА:
Мака е тоа, жими близнаците, жените без свирка да спијат.
Туку сепак, ете, без мир ни тоа не се може.
ЛИСИСТРАТА:
О, премила, ти единствена меѓу жените сите!
КАЛОНИКА:
И кога би се воздржале, не дај боже,
од она од што ти нè тераш, зар за тоа мир склопен ќе биде?
ЛИСИСТРАТА:
Жими божиците, секако.
Ние в куќи да седиме мирисливи
и во од копрена тенка руба да одиме,
дополу голи, долу избричени уште,
би копнееле мажите да нè обљубат,
а ние не би им се подале, туку би ги одбиле –
мирот брзо би се склопил, со сигурност знам.
ЛАМПИТА:
Менелај кога голите, на Елена, ќе ги видеше, цицки,
од рацете мечот му паѓаше тогаш.
КАЛОНИКА:
Што ако, ти кутра, нè отфрлат мажите?
ЛИСИСТРАТА:
Чуј го Ферекрат: „Одери ја кучката стара!“

10
Лисистрата

КАЛОНИКА:
Тој совет тревливење е пусто.
Што ако на сила во ложница нè одвлечкаат тие?
ЛИСИСТРАТА:
Тогаш за вратата држ се!
КАЛОНИКА:
А што кога да нè дерчат ќе почнат?
ЛИСИСТРАТА:
Предај им се како ќутук, оти слачно не е насила да се гушка.
На секој начин мачете ги. Брзо тоа ќе им се згади.
Мажот не ужива ако кај жената не ја чувствува страста.
КАЛОНИКА:
(Во името на сите кои со мафтање на главите покажуваат дека се согласуваат со
Лисистрата.)
Кога вам ви е по волја и ние примаме исто.
ЛАМПИТА:
Со мажите свои договор ќе направиме
сегде за мир, без подвала, да работат.
Но кој ќе ја принуди оваа глутница атинска
својата злоба да ја напушти потполно.
ЛИСИСТРАТА:
Ние, не грижи се, ќе ја натераме.
ЛАМПИТА:
Не, нема, сè дури за корабјето се грижат,
а неброено азно божицата им чува!
ЛИСИСТРАТА:
И за тоа веќе план сковавме:
Уште денес ќе го заземеме Акропол.
Таа работа на најстарите им е повелана.
Додека ние овде расправаме, ќе појдат горе,
кобајаги за жртва и ќе го заземат градот.
ЛАМПИТА:
Сето убаво звучи и на добро ќе излезе.
ЛИСИСТРАТА:
Да одиме понатака, што побрзо Лампита,
нашите зборови со заклетва да ги потврдиме!
11
Лисистрата

ЛАМПИТА:
Кажувај ја заклетвата! Да се заколнеме сега!
ЛИСИСТРАТА:
Браво! Каде е Скитката?
(Од куќата излегува Скитката наоружана со лак и стрела.)
Но кај се шлаеш, ти?
На тлово, овде, на мев положи го штитот!
Жртвата донеси ми ја сега!
КАЛОНИКА:
Лисистрата, а каква заклетва ќе да е тоа?
ЛИСИСТРАТА:
О, каква?
Над штитот, како Есхил што вели, ќе колите во него овца!
КАЛОНИКА:
Немој, Лисистрата,
над штит да се заколнеме кога за мир е зборот!
ЛИСИСТРАТА:
Тогаш каква заклетва е нужна?
КАЛОНИКА:
(Размислувајќи.)
Бел да земеме ајгар, па, зарад заклетвата, да го преколиме!
ЛИСИСТРАТА:
Зар пастув бел?
КАЛОНИКА:
Тогаш поинаку да се заколнеме како?
ЛИСИСТРАТА:
Кога сакаш, ќе ти кажам.
Да земеме црн путир грамаден,
врчва вино тешко и со заклетва да се завештаме
дека во виното не ќе туриме вода!
ЛАМПИТА:
Еј, жити господа, тоа заклетва е дивна!
ЛИСИСТРАТА:
Донесете ми, од куќи путир и врчва!

12
Лисистрата

(Донесуваат.)
КАЛОНИКА:
(Набљудувајќи ги садовите.)
О, жени драги, колкав е тоа путир!
(Земајќи го путирот.)
Кога ќе го дофатиш, веќе срцето ти ужива!
ЛИСИСТРАТА:
(На Калоника.)
Долу остави го, нерез некој зграпчи.
(Го зема путирот. Продолжува свечено.)
О, Божице Мајко, и ти путиру љубовен,
од жените жртвата милостиво прими ја.
(Од врчвата тура вино во путирот.)
КАЛОНИКА:
Крв со боја дивна, растура бисери сјајни.
ЛАМПИТА:
Еј, жими Кастор, опојно ми мириса!
ЛИСИСТРАТА:
О, жени, прва да се заколнам допуштете.
КАЛОНИКА:
Не, жими Афродита, нека реши жрепка!
ЛИСИСТРАТА:
Врз путирот ставете ги рацете сите, Лампита
што јас ќе речам, една за сите нека повторува
а во истовреме вие заклетвата потврдувајте ја!
(Застануваат околу путирот и со рацете го допираат. Лисистрата застанува пред нив
и свечено зборува.)
Нит љубовник, нит воин, никогаш ни еден.
КАЛОНИКА:
Нит љубовник, нит воин, никогаш ни еден!
ЛИСИСТРАТА:
Запален да ми пријди не ќе смее.
(На Калоника која се колеба.)
Повторувај!

13
Лисистрата

КАЛОНИКА:
Запален мене да ми пријди не ќе смее, леле, леле!
Оф, колената ми клецкаат, Лисистрата!
ЛИСИСТРАТА:
Како девојка дома век ќе поминам!
КАЛОНИКА:
Како девојка дома век ќе поминам!
ЛИСИСТРАТА:
Во руво свилено, сета мирисна!
КАЛОНИКА:
Во руво свилено, сета мирисна!
ЛИСИСТРАТА:
Дур зборот го држам, со ова вино нек се поткрепам!
КАЛОНИКА:
Дур зборот го држам со ова вино нек се поткрепам!
ЛИСИСТРАТА:
Ако излажам, со вода путиров нек се исполни!
КАЛОНИКА:
Ако излажам, со вода путиров нек се исполни!
ЛИСИСТРАТА:
Дали сите во ова се колнете?
МИРИНА:
(За другите.)
Да, жими Зевса!
ЛИСИСТРАТА:
Јас ова го жртвувам!
(Оттура малку вино и пие.)
КАЛОНИКА:
Застани! Немој сето, драга,
од почеток другарки да сме добри!
(Пауза, во која жените една на друга си го подаваат путирот. Одненадеж се слуша
викотница.)

14
Лисистрата

ЛАМПИТА:
А, каква е викотница тоа?
ЛИСИСТРАТА:
Што ти реков јас тебе:
тоа рацете женски од божицата тврдината ја освоиле.
Ти сега, Лампита драга, појди и дома работите среди ги,
а овие тука како заложници остави ги!
Ние со жените во тврдината
ќе се здружиме, сите врати ќе ги затвориме.
КАЛОНИКА:
Зар не мислиш дека на нас
сите мажи ќе тргнат веднаш?
ЛИСИСТРАТА:
На нив јас и не мислам!
Нека дојдат со закани, оган со себе нек донесат,
никогаш портите не ќе ги отворат,
ако условите ние што ќе им ги дадеме не ги исполнат.
КАЛОНИКА:
Не, жими Кипранката, никогаш, оти залуд
тогаш нас нè викаат род клет и поган.
(Сите заминуваат.)

15
Лисистрата

ВТОР ЧИН
ПРВА ПОЈАВА
Доаѓа хорот на старците. Носат ветки, трупци, ќутуци, лонци и низ орхестрата одат
кон влезот кој води кон Акропол.
ХОРОТ:
ХОРОВОДЕЦОТ НА ПРВИОТ ПОЛУХОР:
Ајде напред води, Драк, иако рамото те боли,
од што бреме носиш, трупец грамаден од маслинка зелена!
ПРВИОТ ПОЛУХОР:
Прва строфа
Ах, ах, изненади многу
животот долг носи често – кој ќе очекуваше никогаш,
Стримидоре, дека жените, кои ги храниме дома,
в куќи зло ќе направат, светата статуа ќе ја заземат,
Акропол ќе ни го освојат, па со штранги катанци
пропилеите ќе ги замандалат.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ВТОРИОТ ПОЛУХОР:
Што побрзо сега, Филурго, да поитаме кон градот,
околу жените трупциве да ги настамениме,
за злочинот овој што го смислија и зготвија!
На една сите клада, сами да ја запалиме
еднодушно, а прва нека гори Лукановица.
ВТОРИОТ ПОЛУХОР:
Прва анти строфа
Жими Деметра, тие нема мене жив да ми се ругаат!
Ни Клеомен – тој што дамна градов овој го зазеде
не си појде ненаразен:
па скрушено како Лаконец,
оружјето ни го предаде, по кусале си замина,
валкан, брндав и крвав сет, шест години неопран!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ПРВИОТ ПОЛУХОР:
Со сиот гнев, јас некогаш, онега го прогнав –
пред неговите порти, во редови седумнаесет како стража спиев.
А, овие, од Еврипид пизмени и од боговите сите,
јас да не можам да ги спречам од дрзоста толкава?
На Маратон споменикот мој би исчезнал!

16
Лисистрата

ПРВИОТ ПОЛУХОР:
Втора анти строфа
Уште малку пат ми остана
да доодам сега на нагорнината
кон тврдината кон која итам!
И ние сами товарот горе без магариња ќе го однесеме.
Како само ме жулат двеве ветки!
Но, да одиме се мора и во жарот да дуваме
на крајот на патот да не ни се угаси, да би!
(Дуваат во огнот.)
Уф, ама чади!
ВТОРИОТ ПОЛУХОР:
Втората антистрофа
Страшно, о, Херакле, чад од ловците се дими
за очи нè каса како кучка бесна!
Огнов овој мора да е од Лемно, ридот огнен.
Поинаку не би нè касал така!
Брзо напред в град итај на божицата да ѝ помогнеме!
Дали помош, отколку сега,
некогаш попрека ѝ беше, о, Лахете?
(И овој полухор дува во огнот.)
Уф, ама чади!
(Куса пауза. Старците стигнаа пред тврдината и се поредуваат пред неа со
материјалите потребни за предизвикување пожар.)
ХОРОВОДЕЦОТ НА ПРВИОТ ПОЛУХОР:
Тој оган ете, на бозите фала, жив е, гори.
Од прво нема ли трупците да ги наложиме
и од лозница в лонецот со огнот да запалиме
и, како со овен, на портите да навалиме?
На барањето наше ако жените локотите
не ги отклучат, да се потсили треба огнот
и со чад да се истиснат!
Да го симнеме товарот овој!
(Го фрлаат товарот.)
Уф страшен ли чад! Уф, уф!
(На кај гледачите.)
Зарем ниеден од водачите самски да ми помогне нема?
(Го фрла товарот и тешко диши.)
Тежината од товарот овој не ми го жули веќе грбот.

17
Лисистрата

(Ги пали факлите.)


Работа е твоја, лонецу, жарот да го распалиш,
што побрзо факелот распламтен да го земам!
Помогни ми, божице Нике, на бесот женски
каршилак да фатиме и победа над нив да избојуваме!
(Почнуваат да наложуваат оган. Доаѓа хорот жени носејќи садови полни со вода.)

ВТОРА ПОЈАВА
(Хорот на жените, хорот на старците.)
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
О, жени, ми се чини оти чад голем гледам
како се дими небаре пожар ќе е. Да побрзаме!
ХОРОТ:
Строфа
Летај, летај, Никодика, дур не ни пламна нам Калика
и Критила насред огнот ќе ги сломи закон крут
и од старците лудост бесна!
Јас се плашам: мојта помош ќе задоцни,
рано в зори токму можев да наполнам
на чешмата, во гужвата, сред викотници
и од посатките ѕвекот;
низ робинки јас се туркав и робови жигосани,
брзо стомната ја кренав
до другарки веднаш стасав,
за да не изгорат вода носам да помогнам.
Антистрофа
Дочув дека лоши старци
кон навака, со клади, ми тргнале,
како бања да спремаат,
три таланти секој носи со зборови заканите:
лоши жени в оган нека горат.
(Завртувајќи се кон статуата на Атина.)
А, јас, божице во пламен да не ги видам,
ако Елада ја спасат од бесот и војната.
Та затоа домот ти го зазедоа заштитнице сјајношлема.
На помош те викам сега, о, Тритонко сојузничке!
Ако маж некој да ги запали се намери ти со нас вода носи!
(Застануваат во ред, со кофите в раце.)

18
Лисистрата

ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:


(Му се обраќа на машкиот хор.)
Еј, застани! Ова зошто? О вие, злодеи гневни!
Такво нешто луѓе добри, свети, не би сториле!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Та злодејство, над мерка секоја овде видовме!
Рој жени се загна, еве, портите градски да ги брани.
(Хорот на старците се повлекува.)
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Вие од нас се плашите? Нè има многу, ви се чини
Ниту дел илјадити, од нас, уште не сте вишле!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Еј, Федрија, зар овие да ломотат толку многу?
Не требаше ли некој, од нив, ластегарка да сокрши?
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Кофите на тлото спуштете ги, ако некој
рака во закана крене, рацете да ни се слободни!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Еј, да се најде некој, два-три пати, преку муцка да ги шлепне
Како Бупала, со сигурност не би ломотеле веќе!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Ајде, нека ме опчогани некој. Еве стојам.
И образот ти го вртам!
Ама за ташаци ќе те зграпчи кучка друга!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Ако не заќутиш, збрчканата кожа со струг ќе ти ја слечам!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Ела, дојди! Со прст сал допри ме, Страдиле!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
А, што ако в раце те здробам? Што ќе ми можеш тогаш?
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Гркланот ќе ти го извадам и џигерите ќе ти ги локнам!

19
Лисистрата

ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:


Од Еврипида, поет помадар и нема!
По бесрамно нешто, од жената, на дуњава нема.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Кофите пак да ги земеме брзо!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
А, зошто, од господа пизмен створу, со вода ваму дојде?
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
А, зошто ти, жив трупу, со оган? За себе да се запалиш?
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Јас? Клада да стокмам и твоите да ги запалам друшки.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
А, јас кладата, со оваа вода,
да ти ја угаснам да можам.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Ти мојот да го гасниш оган?
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Со дејствие ќе ти покажам бргу.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
(Мавта со запален факел.)
Дали веднаш треба, не знам, со факелов да те џишнам!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Ако си валкан, бања ќе ти стокмам!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Ти мене бања, гаду?
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
И тоа како на младоженец.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Дали чувте дрска колку е?
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Слободна сум жена!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Ќе ти ја врзам муцката дрска!

20
Лисистрата

ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:


Ќе престанеш да судиш!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Запали ѝ ја косата!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
На работа сега, Алехоја!
(Ја тураат на старците водата.)
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Оф, јас кутриот!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Топло ли ти беше?
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Тоа топло?
(Повторно го натураат со вода.)
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Да пропупиш јас сакам.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Сет сум мокар и сиот се тресам.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Кога оган крепиш, тогаш оди, исуши се и стопли се сам!
(Доаѓа член на советот со двајца полицајци.)

ТРЕТА ПОЈАВА
Хоровите, Советникот.
СОВЕТНИКОТ:
Очигледен стана безобразлукот женски цел,
со таламбаси и ридање, Сабазија, по својот
Адонид од покривот плачеше!
Неодамна тоа во собранието го слушав.
Демострат, во час зол говорник, на Сицилија
предложи поход, а Сабазија во играта
ќе рече: „Леле, Адониде!“ На тоа Демострат:
„Ајде по оклопниците закиндски!“
А, пак, замаена, од покривот повторно зарида:

21
Лисистрата

„По Адонин плачете!“ Но со сила ја надвика


нејзе на господа мрскиот, прдлото гаден.
Тоа нивното раскалашено ни донесе плачење.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Туку што ќе кажеш кога за дрскоста ќе чуеш нивна?
Нè изнавредија нас и со вода нè потурија
од кофите толку што својата мораме
да ја цедиме руба, небаре помочани.
СОВЕТНИКОТ:
Тоа така и бидува, жими Посејдона солен,
кога злобата женска сами ја поттикнуваме ние
и на секое ги учиме таврење, на раскош,
тогаш од нив никнува тоа што го сеевме.
Еве вака со мајсторите зборуваме:
„Куменџијо, од гривната што ја искова,
од дупченцето бисерче се срона,
на оро кога синоќа, жена ми, играше, –
кон Саламина да пловам морам сега,
а ти, ако ти се здаде, вечер, посекако
појди кај неа и бисерчето вметни ѝ го.
А на друг кондураџија, на момче кое дамна
веќе дете не е, ќе му речеме:
„Еј, кондураџијо, од жена ми обувката
на ногата малиот прст и го жули и ја тормози,
оти ми е нежна. На пладне поитај таму
и обувката рашири ѝ ја, да не ја жули!“
Од такво сеење, жнеење такво ќе излезе,
мене, на советникот, кој веслачи капари –
та затоа веднаш пари ми требаат –
жените градската да ми ја затворат порта!
Пред потребите наши да застанат!
(На стражарите.)
Боздоганите ваму бесот нивни да го скончаме брзо!
Што зина, мустро? Кај се џариш?
Друго не умееш освен в меана да дреждиш!
Под портата брзо штранги воврете и чивии начукајте!
Тука јас сега, веднаш ќе ви помогнам!
(Им се приближуваат на портите. Одненадеж со други жени, излегува Лисистрата.)

22
Лисистрата

ЧЕТВРТА ПОЈАВА
Хоровите, Советникот, Лисистрата, жени.
ЛИСИСТРАТА:
Немојте да ставате ништо!
Излегувам сама! И штрангиве зошто се?
Тие не требаат, туку ум и разум.
СОВЕТНИКОТ:
Зарем така, гнасо? Стража, ваму брзо!
Фатете ја и наопаку рацете врзете ѝ ги!
ЛИСИСТРАТА:
(На стражарот.)
Жими Артемида, ако мене и со врвот
од прстот ме допреш, стражар ако, ќе плачеш!
(Стражарот се повлекува.)
СОВЕТНИКОТ:
(Прво на едниот, па потоа на другиот стражар.)
Ти се исплаши! Преку полу грабни ја,
со другиот заедно и врзете ми ја брзо!
ПРВАТА ЖЕНА:
Само допри ја неа, жими Пандора,
Со нозете мои ќе те здробам!
(И вториот стражар се повлекува.)
СОВЕТНИКОТ:
Види, ќе го здроби! Друг стражар ваму!
ВТОРАТА ЖЕНА:
(На Вториот стражар кој ја загрозува Првата жена.)
Жими огноносецот, ако само прст ставиш
на оваа, веднаш парчињата ќе си ги збираш!
СОВЕТНИКОТ:
Што ќе да значи ова? Каде е стражарот. Држ ја!
Ќе ви го затворам јас вам излезот овој.
ТРЕТАТА ЖЕНА:
Жими Тауропол, ако ѝ се приближиш само,
косата ретка в раце ќе ти ја дадам.

23
Лисистрата

(Стражарот бега.)
СОВЕТНИКОТ:
(Очајно.)
Оф јас кутриот! И стражарот тој ми побегна!
Но пред жените ние да се повлечеме нема!
Во редови бојни, Скити, сложно, со сета сила да ги згромиме!
ЛИСИСТРАТА:
Жими божиците, ќе дознаете така
дека од жени воинствени чети четири,
нас овде, од внатре, со оружје луто нè бранат.
СОВЕТНИКОТ:
(Советникот и стражарите тргнуваат напред.)
На грб, Скити, рацете завртете им ги!
ЛИСИСТРАТА:
Ваму, другарки бојни, брзо скокнете,
вие кои емиш продавате, грав и леќа
и вино, лук, леб и месо сушено,
помогнете ни, фатете ги, здробете ги
проклетите, мавајте слободно!
(Додека Хорот на жените напаѓа од тврдината дотрчуваат вооружени жени; сите
заеднички напаѓаат и ги потиснуваат напаѓачите. Лисистрата продолжува.)
Сега престанете! Назад! Не убивајте го пленот!
СОВЕТНИКОТ:
Старата моја среќа зла имала!
ЛИСИСТРАТА:
Но, што ти беше? Зар помисли дека
на робинки некои навалуваш?
Или си умеше дека кај жените жолч нема?
СОВЕТНИКОТ:
Жими Аполона, дури и премногу, кога меаната е во близина!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Веќе многу зборови поарчи, на оваа земја советнику!
Зошто во препирка влегуваш со овие лиоти?
Зарем не знаеш нас како во овие наметки нè искапаа
и тоа така, без сапун?

24
Лисистрата

ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:


Не чини, будала, на ближниот слепо да креваш рака
ако така чиниш, ќе мора очите да ти помодрат!
Како мома девствена дома би седела радо
не навредувајќи никој, ни на мрава газејќи,
кога не би ме напаѓале и дразнеле ко оса.
ХОРОТ НА СТАРЦИТЕ:
Што, Зевсе, да сториме со овие накази сега?
Да се трпи не се може веќе.
Со мене, ќе мораш, оваа да ја испиташ мака,
зошто тие градот кранајски го зазедоа
непристапната акрополска карпа, овој простор свет.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Но, нив прашај ги! Не верувај им ним и
со распит секаков истражувај!
Срамот за нас би била такво, без истрага, да допуштиме дело.
СОВЕТНИКОТ:
Пред сè друго, жими Зевса, од жените
да дознаам сакам ова: што имавте на ум кога со резиња
градот пред нас го замандаливте?
ЛИСИСТРАТА:
Парите да ги дограбиме еднаш
за тие вас во војна да не ве заведуваат.
СОВЕТНИКОТ:
Зар парите, велиш во војна нè заведуваат?
ЛИСИСТРАТА:
И во сите други збрки
Писандар и другите кои високи служби демнат
без прекин матат те овде, те онде, со намера нешто да крадат.
Сега нека обираат и крадат што им е по волја, но пари
повеќе нема одавде да грабнат.
СОВЕТНИКОТ:
Та што умиш сега?
ЛИСИСТРАТА:
Зар тоа ме прашаш?
Со парите ние ќе раководиме сега.

25
Лисистрата

СОВЕТНИКОТ:
Вие сами ќе управувате со нив?
ЛИСИСТРАТА:
Што има тука чудно и страшно?
Зар дома сиот ваш имот
низ нашите не проаѓа раце?
СОВЕТНИКОТ:
Тоа не ќе да е исто.
ЛИСИСТРАТА:
Како тоа не е?
СОВЕТНИКОТ:
Од оние пари да се војува се мора.
ЛИСИСТРАТА:
Пред сè, војната е излишна стално!
СОВЕТНИКОТ:
А, спасение од каде?
ЛИСИСТРАТА:
Ќе ве спасиме ние.
СОВЕТНИКОТ:
Зарем вие?
ЛИСИСТРАТА:
Ние самите.
СОВЕТНИКОТ:
Чувај нè Господе!
ЛИСИСТРАТА:
Спасот од нас ќе ви биде, и ако нејќеш!
СОВЕТНИКОТ:
Сешто дробиш!
ЛИСИСТРАТА:
Ти буни се, но да се збидне така ќе мора!
СОВЕТНИКОТ:
Жими Деметра, тоа не ќе да е по правда!

26
Лисистрата

ЛИСИСТРАТА:
Но, човече, да се спасиш ќе мораш!
СОВЕТНИКОТ:
А, што ако не сакам?
ЛИСИСТРАТА:
Токму затоа, уште повеќе!
СОВЕТНИКОТ:
А, од каде сега, токму вие
се здадовте во грижа за војната и мирот?
ЛИСИСТРАТА:
За тоа ќе кажеме ние!
СОВЕТНИКОТ:
Зборувај брзо оти ќе плачеш!
(Ѝ се заканува со тупаници.)
ЛИСИСТРАТА:
Сега слушај ме, но гледај да си ги прибереш рацете.
СОВЕТНИКОТ:
Не можам, оти тешко е рацете да се држат мирни
во на гневот огнот!
ЕДНА ЖЕНА:
Тогаш ти посилно и повеќе ќе офкаш!
СОВЕТНИКОТ:
(На жената.)
Тоа, краво дрта, себе да си го гракаш!
(На Лисистрата.)
А, ти зборувај!
ЛИСИСТРАТА:
И сакам.
Во минатото војната трпеливо
да ја поднесуваме умеевме ние
со чесноста своја и трпевме
сè што ќе сотреа мажите наши.
Ни да зуцнеме не ни дававте вие.
Та затоа не ни бевте по волја.
Но, ние ве прозревме добро и јасно,

27
Лисистрата

оти често слушавме дома


за работи крупни кај состанчите
и одлуки носите лоши!
И ние со болка в душа, а на лице усмев ве прашавме:
„Во собранието народно што, кажи,
за мирот одлучивте денес?
Што ќе истакнете на столб?“
„Грижа твоја не ќе да е тоа!“ ќе ми речеше мажот,
„Зарем нема да молчиш.“ И јас молчев.
ЕДНА ЖЕНА:
Јас никогаш молчела не би!
СОВЕТНИКОТ:
(На Лисистрата.)
Да не си молчела би плукала заби!
ЛИСИСТРАТА:
Та затоа молчев.
А, кога би дочуле за друга одлука ваша
полоша уште, тогаш би прашале ние:
„А, зошто, мој мажу, луди чините дела?“
Тогаш тој веднаш попреку во мене гледа
и вели: „Плеталото в раце оти мошне тебе ќе те доболи снага!
А, војната таа е на мажите грижа!“
СОВЕТНИКОТ:
Токму вистината ти ја рекол.
ЛИСИСТРАТА:
Каква вистина, завал,
оти вие и кога решававте лудо,
ги одбивавте советите наши?
А, кога ќе ве чуевме
како низ град жвалавите гласно:
„Зар во земјава герои нема?“
„Не, нема ни еден“, друг ќе речеше некој –
тогаш жените ние решивме веднаш
во борбени да застанеме чети,
та сложно да ја спасиме Елада.
А, зошто толку чекаме долго?
Па, значи, ако ги слушавте советите војни и паметни наши,

28
Лисистрата

и ако молчевте како што досега ние молчевме врло


да ви помогнеме уште ќе да е можно.
СОВЕТНИКОТ:
Вие нам? Страшни зборови збориш и несносни мене.
ЛИСИСТРАТА:
Та, молкни!
СОВЕТНИКОТ:
Зар јас, пред тебе клета
што копрена на глава носиш, да молчам?
Жив тогаш ќе да ме нема!
ЛИСИСТРАТА:
(Симнувајќи ја копрената.)
Ако е тоа само единствена за тебе пречка
тогаш од глава копрената
симни ја моја, та на својата врзи ја и не збори веќе!
(Околу глава му ја врзува копрената.)
Еве земи го и овој партал
(Му го фрла својот појас.)
препрашај се со него сега
(Жените ѝ подаваат кошница која таа пред него ја става.)
волна влачи и претупај се граше
а за војната грижа жените нека берат!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
На работа, жени, сега своите на земја оставете ги кофи,
на другарките свои, колку ни се може,
да им помогнеме мораме брзо!
ХОРОТ НА ЖЕНИТЕ:
Јас од играта не ќе се уморам
нит колената ќе ми спласнат.
Со ова морам со јунаштво да се справам.
Нас нè краси дух и чедност и мудрост и јунаштво ретко,
во градите срце домољубно и просудба точна, разборита.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Бабо најхрабра и од сите мајки
ти, најогнена мајко, чекорете бесно и лесно не клонете,
ветар вам поволен нека ви дува!

29
Лисистрата

ЛИСИСТРАТА:
Но ако добродушниот Ерос се разбуди во нас
и Кипарска божица лепа,
па бедрата и недрата со сладок копнеж
и жар љубовен ги потсили
и мажите наши со љубовен ги воспали оган
и во страст животите им ги вивни,
сè си думам дека Елините нас еднаш,
со сигурност, ќе нè наречат Миросници!
СОВЕТНИКОТ:
За заслуги какви?
ЛИСИСТРАТА:
Попрво да допуштиме нема со оружје бесно
на плоштадот да ни се перчите!
ЕДНА ЖЕНА:
Да, жими од Паф божиците.
ЛИСИСТРАТА:
Сега дома кромид ќе дробат
и на пазар по зеленчук да скокнат
и оружјето свое да го одложат
како да се вистински корибанти.
СОВЕТНИКОТ:
Да, жими Зевса, на герои им прилега тоа.
ЛИСИСТРАТА:
Но работата станува смешна
ако видиш некој како, со главата од Гонгора,
штит држи, а пазари риби.
ЕДНА ЖЕНА:
Да, жими Зевса, како да го гледам
долгокосиот Филах кој низ пазар кај езди
и како каша, некоја старица, во шлемот светнат му тура.
А друг, угурсуз трачки, со копјето
и штитот кај врти, небаре Тереј,
и пилјарка некоја плаши за смоквите,
најкрупни да ѝ ги дрпни и да ги голтни.
СОВЕТНИКОТ:
А зарем вие да ги смирите и стишите
30
Лисистрата

големите забуни многу


по земјине наши сегде не можевте?
ЛИСИСТРАТА:
Лесно, мошне.
СОВЕТНИКОТ:
Како? Кажи?
ЛИСИСТРАТА:
Како кога преденото нам ќе ни се сплетка
го земаме вретеното в раце,
та нишките ги провираме, едни ваму, а другите таму,
токму така ако ни допушти некој
пратеници да праќаме разни,
едни ваму, а другите таму,
тогаш војната ќе ја скончаме брзо!
СОВЕТНИКОТ:
О, луди, зар мислите дека со волна,
со вретено и преѓа да ги решите
опасностите претешки мошне.
ЛИСИСТРАТА:
И вие би можеле сами
да не сте дибидус нори,
работите државни да ги расплеткате
како ние со волната работата наша.
СОВЕТНИКОТ:
Ајде како? Да видам!
ЛИСИСТРАТА:
Сопрво ќе мора да го исперете валканото сето
како волнана што се пери,
злодеите од град со ластегарка во прогон
сите арамолепци и битанги, секаквиот олош
и секоја да ја искорнете драка,
после оние кои како орда еден за друг
се држат и демнат службичка каква
и тие да се разбркаат ќе треба и нивните глави во глибот.
После во влачарница соберете народ
и со гребните гребете љубов и слога
и придодајте доселеници и туѓинци

31
Лисистрата

што ја сакаат државава наша,


па и оние кои на државата нешто ѝ борчат
и тие зберете ги таму!
А, градовите, жими Зевса, кои од оваа,
како населби, се развија земја,
неоти некакви тртки, гледајте, стојат без врски едни со други!
Та затоа треба, градовите тие,
на својата да ги придобиете страна
и да ги измешате овде и гржливо сите
на купче да ги наредите и крупно да намотате клопче,
дури тогаш на народот да му исткаете руво.
СОВЕТНИКОТ:
Не е ли страшно што со мотка ги тепаат
и во клопче ги мотаат оние кои со војната немаат врска?
ЛИСИСТРАТА:
Токму зарад војната, проклетството гадно,
ние страдаме двојно и тројно.
Прво и прво ние раѓаме деца
и како оклопници во борба ги праќаме.
СОВЕТНИКОТ:
Но, молчи. За болката не зборувај сега!
ЛИСИСТРАТА:
Во дните кога да се радуваш треба
и во младоста да уживаш своја,
зарад војната в постела дреждиме сами.
Но пушти ги неолите наши,
туку што луто ме штрека тоа што
момите наши во ложница стареат тивко.
СОВЕТНИКОТ:
Зарем не стареат и мажите?
ЛИСИСТРАТА:
Секако, но, тоа не ќе да е исто!
Оти и сед да се врати, тој брзо
со помлада мома уште се жени;
а на жената времето и рокот ѝ се куси
и ако ги промаши таа, да ја земе не ќе сака никој,
а таа ќе седи и ќе вража.

32
Лисистрата

СОВЕТНИКОТ:
А, тој што е моќен и силен, па може...
ЛИСИСТРАТА:
Што ти паѓа на ум?
Зар на смртта ти не мислиш?
Време ти е, мртовечки да си купиш сандак.
А, јас и медени ќе испечам слатки!
(Одненадеж го потура со вода.)
Земи го и ова, та закити се!
ЕДНА ЖЕНА:
И еве ти го од мене дар!
(Го потура со вода.)
ЛИСИСТРАТА:
Што ти треба? Што сакаш? Во чунот влегувај!
Наслушни, Харон те вика, а ти да тргне го спречуваш!
СОВЕТНИКОТ:
Зар не е страшно тоа што овде го трпам?
Но, жими Зевса, сега кај советниците одам
вака беден да им се покажам!
ЛИСИСТРАТА:
Нас да нè тужиш што повеќе уште не те тормозевме?
Но по три дни, рано в зори,
тебе во помен опело ќе ти отпееме.
(Сите си одат. Хоровите остануваат.)

ПЕТТА ПОЈАВА
ХОРОВИТЕ:
Прва строфа
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
После ова никој слободен не смее да е рајат.
Луѓе, да се стегниме па да тргнеме после!
ЦЕЛИОТ ХОР:
Јас, ми се чини, нешто повеќе наслутувам овде,
мирисам поголемо нешто.
Особено Хипиината ја мирисам тиранија.
Голем страв ме обзема

33
Лисистрата

Лаконци некои да не се довлечкале овде


и на онаа Клистена дома ѝ влегле
та жените, на боговите мрски, упрекум ни ги вртат
со лукавство да ги дрпнат парите наши,
нашата плата и мојот леб насушен.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Страв ме фаќа кога граѓаните корат
и кога, оние баби, за штит сјаен, нешто дробат.
Сакаат на мир со Лаконците да нè принудат сега,
а во нив помалку верба да се има треба
отколку во волчјана челуст.
Ја гледам замислата нивна: таква е намерата нивна,
но со мене да господарат нема!
Ќе се пазам врло и мечот исукан од сега ќе го носам
и на плоштадот под оружје ќе стојам, како Аристогитон.
Како него ќе стојам, оти и мене усудот ме принуди
(На хороводецот на женскиот хор.)
на оваа пизмена баба сите заби да ѝ ги строшам.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Прва антистрофа
(Одговарајќи му на хороводецот на машкиот хор.)
Кога дома ќе се вратиш ни мајка ти не ќе те препознае веќе.
(На својот хор.)
Сопрво кофите да ги спуштаме долу, о старици драги.
(Своите кофи повторно ги оставаат.)
ЦЕЛИОТ ХОР:
Ние почнуваме говор, граѓани атински,
за градот наш полезен!
Тој тоа го заслужи – во раскош велика ме одгледа.
Таман лета седум наполнив
во „тајните“ на летата десет бев воведена
на Артемида ѝ станав редовница;
во Браурон бев мечка во туника;
венче носев, убава бев мома
со смоквин гердан на гуша.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Мојата должност нели е градот нешто добро да го советувам?
Иако сум жена, не гледајте ме напорки,

34
Лисистрата

ако подобри можности од сегашниве најдам!


За војната својот дел го давам и јас: синови раѓам,
а вие старци кутри во тоа удел немате, –
таканаречениот персиски принос, од дедовското доба,
го поарчивте џабе и порез не плаќате,
од тоа опасност ни се заканува: од вас ќе пропаднеме сите!
Дали да зуцните смеете сега?
(На хороводецот на машкиот хор.)
Но ако со нешто ме раниш,
сите заби ќе ти ги строшам со оваа обувка тешка.
ХОРОТ НА СТАРЦИТЕ:
Прва анти строфа
ЦЕЛИОТ ХОР:
Нели е тоа дрскост најстрашна?
Уште повеќе срамот ќе расти, како се чини.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Тој што скопен не е тоа зло да го уништи ќе мора,
да ги симнеме дреите: мажите машки сега да реат ќе треба!
Отфрлете го смоквиното лисје!
ЦЕЛИОТ ХОР:
Станете, босоноги!
До Лепсидиј стигнавме дури млади уште бевме,
сега да се подмладиме ќе треба и крила да ни пораснат нови,
крепки по телото сето и со отфрлена од себе старост.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Ако од нас, кој и да е, само прст им даде,
со канџите остри обете раце ќе ни ги зграбат,
кораби ќе градат, на море поведат битка,
со корабјето нас ќе нè нападнат, како Артестемија;
ако на коњи тргнат, јас ќе ги отпиштам коњаниците наши:
на жените да јаваат им е во крвта и на седло
седат гордо и да паднат никогаш нема!
Амазонкине ти гледај ги, кипот Миконов,
на коњи каде со мажите битка бијат!
(Заканувајќи му се на Хорот.)
Туку што веднаш, со сè и сешто, да се дофатат
ќе треба сега и в јарем да им се стегни глава.

35
Лисистрата

ХОРОТ НА ЖЕНИТЕ:
Втора антистрофа
ЦЕЛИОТ ХОР:
Жими божиците, ако ме нагневиш мене
својата свиња ќе ја пуштам и ќе те тимарам тебе
па тимарен така комшиите свои на помош ќе ги викаш!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Ајде жените ние одората своја да ја слечеме брзо,
та да замириса природата ни бесна женска.
(Жените ја соблекуваат горната облека.)
ЦЕЛИОТ ХОР:
Ако само некој ми пријде:
леб да касни не ќе може веќе, ни лук ни гравче слачно!
Ако нешто грдо пак ми рече – ако в гнев ме вивне –
мандалата ќе му ги скинам,
како лисицата на орелот, дамна.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Јас вам ќе ви се ругам дури Лампита ми е жива
и Табанка, мома мила, отмената Исманија!
Не ќе можеш макар и десет пати се решавал,
оти од сите, и од комшиите, ти беднику, си пизмен!
Вчера за празникот на Хеката за децата пир приредив,
од комшии другарката им ја викнав,
мома чесна и премила, Беотејка-сипка,
но таа ми објасни оти зарад одлуката твоја не ќе дојде.
И вие никаде со одлуки такви не ќе стасате,
дури некој не се најде та за нозе ве фати и на глава ве фрли.
(Пауза. Хоровите се враќаат на своите стари места.)

36
Лисистрата

ТРЕТ ЧИН
Се отвораат портите на Акропол на кои излегува Лисистрата, а по неа, една по друга,
се појавуваат повеќе жени.

ПРВА ПОЈАВА
Лисистрата, хоровите, подоцна други жени.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
О, главо света на потфатов наш
што излезе така со поглед смркнат?
ЛИСИСТРАТА:
Злодејствата на жените лоши и женската нарав
ме плашат мене, се потресувам мошне.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Што? Што зборуваш тоа?
ЛИСИСТРАТА:
Вистината, само вистината!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Што се случи? На твоите друшки кажи им!
ЛИСИСТРАТА:
Да се каже срамота, а да се таи тешко.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Не таи, ни каква нè снајде несреќа.
ЛИСИСТРАТА:
Се срчат – накусо да кажам сè.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Зевсе, помагај!
ЛИСИСТРАТА:
Што го викаш Зевса? Тоа е вистина жива.
Јас сила веќе немам да ги одвратам
од мажите нивни – сите им одат.
Ја фатив првата како својата ја шири
токму колку Пановата пештера грамадна.
Втората по јаже кај се спушта, третата со гаќи слечени.
А четвртата, на врапче долу, во куќата Орслихова,

37
Лисистрата

да слета мислеше – но јас за коса ја одвлечкав.


Изговор секаков смислуваат сал дома да си појдат.
(Се појавува една од жените.)
Еве ја една кај доаѓа! Еј, кај брзаш?
ПРВАТА ЖЕНА:
До дома да појдам сакам.
Млетска волна в куќи ми лежи, од молците страв ми е.
ЛИСИСТРАТА:
Од какви молци? Враќај се!
ПРВАТА ЖЕНА:
Жими божиците, брзо ќе се вратам!
На постелата сакам да ја развласам –
ЛИСИСТРАТА:
Ниту волна ќе влачиш, ниту дома ќе одиш!
ПРВАТА ЖЕНА:
Волната да ми пропадне?
ЛИСИСТРАТА:
Ако треба.
(Се враќа. Доаѓа друга.)
ВТОРАТА ЖЕНА:
Оф, јас кутра! Зарад каделите кутра!
Неизвлачени ми останаа дома!
ЛИСИСТРАТА:
Гледај, таа зарад каделата неизвлачена дома ита!
Веднаш назад!
ВТОРАТА ЖЕНА:
Жими Светлоносецот,
штом ја извлачам ќе се вратам веднаш!
ЛИСИСТРАТА:
Не ја влачи, оти ако таа работа ја почнеш,
и другите жени истото ќе сакаат да го сторат.
(Втората жена се враќа. Доаѓа третата небаре трудна.)

38
Лисистрата

ТРЕТАТА ЖЕНА:
О, Илитио, божице, подзапри го раѓањето
дур место што прилежи за тоа не најдам.
ЛИСИСТРАТА:
Што брбориш тоа?
ТРЕТАТА ЖЕНА:
На часов ќе родам.
ЛИСИСТРАТА:
Ти вчера трудна не беше.
ТРЕТАТА ЖЕНА:
Но, денес сум.
Та затоа, Лисистрата,
допушти ми брзо кај бабица да појдам.
ЛИСИСТРАТА:
(Ја загледува. Ја допира.)
Што зборуваш? Што е ова тврдо овде?
ТРЕТАТА ЖЕНА:
Машкото дете мое.
ЛИСИСТРАТА:
Не, жими Афродита,
нешто шупливо тука имаш, веднаш ќе видам јас.
(Ја допира и поподробно ја пребарува и надокрај од под облеката и извлекува шлем.)
Баш си смешна, светнат шлем ти си заврзала,
а рече дека си трудна?
ТРЕТАТА ЖЕНА:
Сум, жими Зевса!
ЛИСИСТРАТА:
Тогаш шлемов што ќе ти е?
ТРЕТАТА ЖЕНА:
Ако раѓањето ненадејно ме стрефи,
во шлемов да влезам и во тоа,
неоти галабица, гнездо да родам.
ЛИСИСТРАТА:
Што зборуваш? Тоа изговори се.
Крштевката на шлемот овде дочекај ја!

39
Лисистрата

(Други две жени излегуваат од тврдината.)


ЧЕТВРТАТА ЖЕНА:
На Акропол повеќе да спијам не можам
откако змија света видов!
ПЕТТАТА ЖЕНА:
А, јас кутра, од утки овде пропаѓам,
од утењето нивно ни сон имам, ни починка!
ЛИСИСТРАТА:
Жени луди, баталете ги сеништата!
По мажи можеби копнеете, – зарем не мислите
дека и тие по нас копнеат? Да, знам добро
дека ноќите горчливи предолго траат. Затоа,
другарки, стрпете се, само малку издржете.
Оти пророштвото ветува: ако сложни сме
ќе победиме, зборовите на пророштвото тоа се.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Како гласи точно кажи ни!
ЛИСИСТРАТА:
Молчете:
„Кога ластовичките на едно место ќе се соберат,
од соклите бегајќи и од мадлестите тие се воздржат,
на мизеријата крајот ќе ѝ дојде:
тоа што сега горе е за нас,
Громовникот надолу ќе го заврти.“
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
(Прекинувајќи ја.)
Зарем одозгора ќе лежам?
ЛИСИСТРАТА:
Ако ластовичките се искараат и првнувајќи тие
светиот го напуштат храм,
од тој час ќе се чини дека по охотни птици на светот нема други!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Тоа разбирливо е претсказание.
ЛИСИСТРАТА:
О, Бози!
Да се воздржиме, да не потклекнеме сега!

40
Лисистрата

Да одиме внатре! Срам ќе да е за нас,


о мили, ако претсказанието го отфрлиме.
(Лисистрата со жените се враќа во тврдината.)

ВТОРА ПОЈАВА
Хоровите.
ХОРОТ НА СТАРЦИТЕ:
Строфа
Приказна, да ви раскажам сакам една.
Ја чув некогаш додека сè уште бев дете.
Еднаш било некое момче, Меланион го викале,
од брак бегајќи стигнал тој в пустина,
во горите боравел, зајаци ловел таму,
плетел мрежи и загажни, и куче едно си имал
и зарад омраза дома не се враќал.
Од жена се згрозувал.
И ние сме како Меланион оти сме мудри и трезвени.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Јас пак, иако стар, би те бакнал и тебе.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
(Заканувајќи му се со тупаница.)
И без стрела ти ќе плачеш!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Ќе кренам нога и ќе клоцам!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Колку густ е џбунот твој!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
И Миронид беше космат на тоа место и црногаз
и страв за душманите, таков беше и Формион.
ХОРОТ НА ЖЕНИТЕ:
Антистрофа
И јас приказна една да ви раскажам сакам
слична на онаа за Меланион!
Еднаш имаше еден мрачен човек, Тимон наречен,
непристапен, со трње оградисан,
вистинска на Еринија рожба.

41
Лисистрата

Тој Тимон се осамил и од омраза светот го оставил;


со клетви тешки ги проколнал сите мажи расипани.
Така засекогаш вас ве пизмел злочестите мажи,
та затоа на жените мил да им беше бил.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Да не сакаш да ти ја вчерисам една!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Тоа никако! Се препалив.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
А една клоца да ти удрам?
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Така гората своја ќе ми ја покажеш!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Сепак да ја видиш нема иако во години позни
на од свеќа пламен гората своја ја засмадив.
(Доаѓа Лисистрата со Мирина и со други жени.)

ТРЕТА ПОЈАВА
Лисистрата, Мирина, жени, хорови.
ЛИСИСТРАТА:
Е, еј! Вие жени, сега брзо околу мене соберете се!
ПРВАТА ЖЕНА:
Што е? Каква е тоа викотница?
ЛИСИСТРАТА:
Маж! Гледајте, маж здивен доаѓа;
целиот од афродитски оган жежок гори.
МИРИНА:
Китера, Кипра, Пафа – божице пазителке,
продолжи ги насоките по кој е појден веќе!
ПРВАТА ЖЕНА:
А каде е? Кој е?
ЛИСИСТРАТА:
(Покажувајќи на храмот во близина.)
Крај храмот на Хлоја!

42
Лисистрата

МИРИНА:
Да, навистина, жими Зевса!
ПРВАТА ЖЕНА:
А, кој е тој?
ЛИСИСТРАТА:
Погледнете го! Дали некоја го познава?
МИРИНА:
Јас, жими Зевса! Кинесиј, мојот маж е тоа!
ЛИСИСТРАТА:
На шиш сега печи го, врти го,
па мами го, малку милувај го, потоа не,
дај му сè, освен неа, посестрима ти!
МИРИНА:
Без гајле, сè така ќе направам!
ЛИСИСТРАТА:
И јас ќе го срчам.
Овде ќе го чекам
и со оган жежок ќе го потпалам.
Но, одете!
(Мирина и жените заминуваат. Се појавуваат Кинесиј со синчето.)

ЧЕТВРТА ПОЈАВА
Лисистрата, Кинесиј, хоровите.
КИНЕСИЈ:
Оф, јас кутриот! Кој ли ме раскинува
и корни, небаре на тркало сум распнат!
ЛИСИСТРАТА:
Стој! Кој тоа меѓу стражите наши доаѓа?
КИНЕСИЈ:
Јас!
ЛИСИСТРАТА:
Маж?
КИНЕСИЈ:
Да, маж!

43
Лисистрата

ЛИСИСТРАТА:
Веднаш оди си!
КИНЕСИЈ:
Што ме бркаш, ти која си?
ЛИСИСТРАТА:
Јас сум стражарка!
КИНЕСИЈ:
Викни ми ја, жити бозите, Мирина!
ЛИСИСТРАТА:
Види сега, да ти ја викнам Мирина? А кој си ти?
КИНЕСИЈ:
Мажот нејзин сум, Кинесиј, син на Мадлестиот.
ЛИСИСТРАТА:
Радувај се, драг мој!
Со почит овде кај нас името твое и со пофалба се споменува.
На жената твоја в уста и си стално,
кога јаболко ил јајце ќе добие, вели:
„Би му го дала ова на Кинесиј!“
КИНЕСИЈ:
Навистина?
ЛИСИСТРАТА:
Да, жими Кипранката! За мажите
кога збор ќе стане, жена ти ќе подвикне:
„Што е тоа сето со мојот Кинесиј во споредба!“
КИНЕСИЈ:
Викни ми ја!
ЛИСИСТРАТА:
За тоа што ќе добијам?
КИНЕСИЈ:
Јас тебе, жими Зевса, ќе ти го дадам,
него го имам и ако го милуваш ќе ти го дадам.
ЛИСИСТРАТА:
Еве тргам, ќе ја викнам!

44
Лисистрата

КИНЕСИЈ:
Итај, брзо. Во мојот живот радост веќе нема
од часот онај кога домот мој го напушти.
Кога ќе влезам сал воздивнувам, и ми се чини
како сè да изумре; а кога јадам, залак
ни еден не ми годи. Од похота сет пламтам.
(Мирина и Лисистрата се појавуваат на врата.)

ПЕТТА ПОЈАВА
Кинесиј, Мирина, хоровите.
МИРИНА:
(На Лисистрата која останува зад врата, за да чуе Кинесиј.)
Јас љубам, го љубам него,
но тој љубовта моја ја презира сета.
Кај него не ме терај!
КИНЕСИЈ:
О, Миринче слатко, што тоа работиш?
МИРИНА:
Никако, жими сè, не сакам!
КИНЕСИЈ:
На повикот мој зар да слезиш нема, Мирино?
МИРИНА:
Без каква годе ти потреба ме викаш.
КИНЕСИЈ:
Зар јас без потреба? Јас начисто пропаднав!
МИРИНА:
Си одам сега.
КИНЕСИЈ:
Немој, синчето барем послушај го!
(На детето.)
Зарем нема, сине, мајка си да ја викнеш?
СИНЧЕТО:
Мамице, мамо, мајчице!

45
Лисистрата

КИНЕСИЈ:
Ах, како ти е? Ни сина си не го жалиш зар?
Некапан веќе шест дена и недоен е!
МИРИНА:
Го жалам јас, само што татко му за него не се грижи!
КИНЕСИЈ:
Кај чедото свое слези, маштео!
МИРИНА:
Оф, мајка што ти е! Да слезам морам! Друго нема!
(Излегува.)
КИНЕСИЈ:
(Набљудувајќи ја.)
Та оваа многу како да се размладила,
мила толку не беше сум ја видел,
а што се лути на мене, што ме презира
тоа ете ме жега, од копнеж пропаѓам
МИРИНА:
(Го зема детето в прегратка.)
О, мила божице моја, ти дете на татко зол,
да те бакнам, слатка храно мајчина!
КИНЕСИЈ:
Што правиш ти бездушна? Другите зар
жени ти ги слушаш, а мене срце ми кинеш и се мачиш себе?
(Сака да ја прегрне.)
МИРИНА:
Да не си ме допрел!
КИНЕСИЈ:
Сиот имот мој и твој дома пропаѓа.
МИРИНА:
За тоа ич не се грижам!
КИНЕСИЈ:
За преѓата зар толку малку ти се грижиш
кокошките што ја развласуваат?

46
Лисистрата

МИРИНА:
Да, жими Зевса!
КИНЕСИЈ:
На Афродита празникот не си го светкувала ти одамна.
Зарем да се вратиш нема?
МИРИНА:
Нема, жими бозите, ако мир не склопите
и од војната не се одвратите!
КИНЕСИЈ:
Ако тоа ти се допаѓа ќе го сториме.
МИРИНА:
Ако вам ви се допадне,
ќе се вратам – засега заклетва ме спречува.
КИНЕСИЈ:
Ајде, за миг само, ти легни со мене!
МИРИНА:
Не, нема, но дека те сакам не одрекувам.
КИНЕСИЈ:
Ти ме сакаш? Тогаш зошто, мила, не легнеш?
МИРИНА:
(Го крева синчето.)
О, здивен човеку, пред детево зар?
КИНЕСИЈ:
Никако!
(На слугата.)
Мане, дома носи го малиов!
(Слугата го зема од мајката детето и заминува.)
И детето да не ти пречи замина,
зошто не легнуваш?
МИРИНА:
Каде, човеку кутар, овде да легнам?
КИНЕСИЈ:
Во Пановата пештера.

47
Лисистрата

МИРИНА:
Но, како чиста во градот ќе се вратам?
КИНЕСИЈ:
Па убаво: во Клепсидра ќе се одмиеш!
МИРИНА:
О, ти кутриот, на заклетвата да згазам?
КИНЕСИЈ:
Мене нека ме стигне казната! Батали ја заклетвата!
МИРИНА:
Креветче да донесам!
КИНЕСИЈ:
Никако! И на земи е убаво.
МИРИНА:
Жими Аполона
и така да е, на тлото да легнеш нема!
(Истрчува.)
КИНЕСИЈ:
Ме сака мојта жена – јасно ќе е тоа.
МИРИНА:
(Се враќа со креветче.)
Еве, брзо легни, ќе се соблечам јас!
Но, слушни и постела да донесам е нужно.
КИНЕСИЈ:
Каква постела? Немој тоа.
МИРИНА:
Жими Господа, на ремењево е грдо.
КИНЕСИЈ:
Да те бакнам.
МИРИНА:
На!
(Го бакнува и истрчува.)
КИНЕСИЈ:
Само брзо да се вратиш ти!

48
Лисистрата

МИРИНА:
(Се враќа и ја фрла постелата врз креветот.)
Еве ја постелата, легни, јас се готвам веќе,
но слушни, овде перница за главата нема!
КИНЕСИЈ:
И не ми треба!
МИРИНА:
Ми треба мене, жими Зевса!
(Повторно истрчува.)
КИНЕСИЈ:
(Легнува на постелата.)
Еј, стојко мој, се башариш како Херакле!
МИРИНА:
(Се враќа и му ја става перница под глава.)
Поткрени се, потстани! Сега имаш сè.
КИНЕСИЈ:
Сè имам. Значи, ајде пиле мое!
МИРИНА:
Елечето го вадам веќе. Но, запомни:
одржи го зборот и мирот не го заборавај.
КИНЕСИЈ:
Не, нема – макар мене да ме нема!
МИРИНА:
Уште волна овде треба.
КИНЕСИЈ:
Не ќе треба, да се гушкаме сакам сега!
МИРИНА:
Дека сакаш, се разбира; ќе се вратам брзо.
(Повторно истрчува.)
КИНЕСИЈ:
Ќе ме убие таа жена со оваа постела.
МИРИНА:
Ајде стани!

49
Лисистрата

КИНЕСИЈ:
Станат веќе дамна ми е.
МИРИНА:
А да те помазам?
КИНЕСИЈ:
Не, немој, жими Аполона!
МИРИНА:
Да, жими Кипранката, го сакал ти тоа или не!
(Повторно истрчува.)
КИНЕСИЈ:
Маслото да ѝ се истури, Зевсе, господе!
МИРИНА:
(Се враќа се маслото.)
Подај ми ја раката, земи и мачкај се!
КИНЕСИЈ:
Тоа масло ти е грдо, жими Аполона,
повеќе смрди од што на свадба мириса.
МИРИНА:
Оф, јас кутра! За мајасол маст ти донесов.
КИНЕСИЈ:
Чини. Остави ја жено чудна!
МИРИНА:
Ти си луд!
(Повторно истрчува.)
КИНЕСИЈ:
Нека цркни тој прв што помазание посакал!
МИРИНА:
(Се враќа со друга маст.)
Кутивчево ова земи го!
КИНЕСИЈ:
Друга имам јас!
Ајде, легни ништо друго да ми носиш немој ти!

50
Лисистрата

МИРИНА:
Како сакаш, жити Артемида!
Се собувам веќе, но важи, драг мој, за мир ќе гласаш.
КИНЕСИЈ:
Така ќе советувам –
(Мирина одненадеж се завртува и бега.)
Таа жена ме срози, ме уништи –
ме остави сега, мајтап со мене си поигра!
Оф, што ќе биде со мене? Да ја гушкам која,
кога од сите најубавата ме исмеа?
Оф, детено кутро да го нацицам како?
А, каде е оној Лисец? Доилка за пари мене да ми најде!
ХОРОТ НА СТАРЦИТЕ:
Во неола си страшна, човеку кутар,
ти прелаган својата ја заморуваш душа, и јас те жалам тебе. Леле!
Кој бубрег од тоа не би скапал, и срце кое, ташаци кои,
кој ’рбет, и стојко кој од желба кога ќе набабри,
а в зори нигде не може да штрцни?
КИНЕСИЈ:
О, Зевсе, страшни ме тормозат маки!
ХОРОТ НА СТАРЦИТЕ:
Во маки такви те остави тебе онаа опака, жена лоша!
ХОРОТ НА ЖЕНИТЕ:
Не, жими Господа, туку драга, преслатка жена!
КИНЕСИЈ:
Ни драга, ни слатка!
Туку горка, немила, Зевсе!
ХОРОТ НА СТАРЦИТЕ:
Ех, да ја подземеше како на нивата снопјето
што виор ги потфаќа силен, кога грми
и сека, ете така да ја поткренеше,
па да ја пуштеше после и одозгора таа на земја да паѓа
и на кавалот твој најнакраја
да се струполи и на него се набоди сосем!
(Додека хорот ги изговара последните стихови, Кинесиј заминува, а потоа доаѓаат
спартанскиот гласник и атинскиот советник.)

51
Лисистрата

ЧЕТВРТИ ЧИН
Гласникот, Советникот, хоровите.

ПРВА ПОЈАВА
ГЛАСНИКОТ:
Каде е, кажете ми, градското собрание атинско,
одборот каде е? Ново нешто јас ќе кажам.
СОВЕТНИКОТ:
Ти кој си? Дали си човек или Конисал?
ГЛАСНИКОТ:
Гласник сум јас, момче – нека знае бог,
од Спарта дојдов само да се чини мир.
СОВЕТНИКОТ:
Тогаш зошто со копје доаѓаш в пазуви?
ГЛАСНИКОТ:
Јас ли, е не ќе да е!
СОВЕТНИКОТ:
А, што се вртиш?
Што под наметката криеш?
Или удовите од патот тврд те болат?
ГЛАСНИКОТ:
Овој човек, жими Кастора, се будали.
СОВЕТНИКОТ:
Што се накостреши, грдотијо?
ГЛАСНИКОТ:
Јас, не! Не греши си ја душата!
СОВЕТНИКОТ:
А тоа што ти е?
ГЛАСНИКОТ:
Ротулус носам лаконски.
СОВЕТНИКОТ:
И јас овде ротулус имам лаконски,
а мене – оти знам сè – вистината кажи ми ја!
Во Спарта како ви е сега?

52
Лисистрата

ГЛАСНИКОТ:
Целиот Лакедумон стои, сите сојузници
како исправени копја стојат, а Пелена ја бараме!
СОВЕТНИКОТ:
Од кого зло такво ве потфати? Од Пан?
ГЛАСНИКОТ:
Не, туку почна, ми се чини, Лампита,
по неа и сите жени други тргнаа
од Спарта, па сложно се договорија
и од својата мажите ги одбија.
СОВЕТНИКОТ:
Како тоа?
ГЛАСНИКОТ:
Е, однопаку. Згрбавени, низ град, како клјусина се влечкаме,
а жените не ни даваат ни да ги допреме,
сè додека сложно, таман едногласно,
со цела Елада мир не склопиме.
СОВЕТНИКОТ:
Таа завера женска по сите краишта
се рашири: сега гледам јасно сè.
Туку итај, дојави брзо, ваму нека
со полномошно пратеник испратат!
А јас на сенатот ќе му кажам свој
да одберат: ротулусот тој ќе им го покажам.
(Го зема ротулусот со писмото.)
ГЛАСНИКОТ:
Веројатно се најдобро ми рече!
(Двајцата заминуваат.)

ВТОРА ПОЈАВА
Хоровите.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Со лиот ниеден како со жена бојот по лут не е
ниту огнот, ниту пантер некој побесен е.

53
Лисистрата

ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:


Ти го знаеш тоа, па пак скоту, со мене војуваш,
а јас пријателка верна да ти бидам би можела?
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Никогаш нема јас жените сите
да престанам да ги пизмам!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Како ти е арно, но јас тебе нема да ти дадам
гол да бидеш тука. Гледај колку смешен стоиш ти!
Ти доаѓам оваа кошула да ти ја наврам.
(Ги облекуваат.)
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Нека знаат Зевсе, тие тоа лошо не сторија. –
Од гнев лут јас преѓеска кошулата ја соблеков.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Сега на маж личиш повторно, веќе смешен не си;
да не ме навредуваше, јас ѕверот,
во окото твое што дреме веќе би го фатила
и би го задушила веќе.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Тоа, значи, ме гризеше, ме чешаше, таа дребна бубалка.
Извади ја и покажи ми ја кога ќе ја извадиш!
В око таа, жими Господа, дамна ме нагризува!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Колку и да ми се срдиш, човеку, ќе го извадам.
Колкав, Зевсе, тоа комарец имаш чудовиште небаре!
Го гледаш ли? Од Трикорит ли тоа е комарец?
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Жими Зевса, фала ти! Веќе дамна тој ми рие тука
како аран да копа – изваден е солзи ронам сега.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Ќе ги избришам јас, лош човеку и ќе те целивам!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Немој!

54
Лисистрата

ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:


Сакал, или не!
(Ги бакнуваат.)
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Во неврат одете! Вие само за ласки знаете,
докрај е точна думата стара:
И со вас несреќа и без вас без среќа.
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Спогодба нова сега со вас склопувам:
веќе никогаш зло некакво не ќе ви направам,
ни од вас ќе го трпам.
Да се здружиме сега и сложно да запееме!
(Се соединуваат и се редат.)
ПРВАТА ПОЛОВИНА ОД ЖЕНСКИОТ ХОР:
Строфа
Сега, луѓе, не се готвиме за граѓанин некој
нешто лошо да кажеме, туку добро сегде
и ќе збориме и ќе твориме.
Доста ни е и ова зло сега што нè тишти.
Секој маж и жена секоја
нека каже дали пари им се нужни,
по две, ил три мини сребро?
Боглук пари насобрани, арарите ни се полни.
Ако ден на мирот ни осамни,
кој од нас ќе земе денес,
никогаш веќе што го зеде не ќе треба да го врати.
ВТОРАТА ПОЛОВИНА ОД ЖЕНСКИОТ ХОР:
Да нагостиме ни се сака
гости некои Карешчани, луѓе врли и стасити.
Кај нас бунгур уште има, а и гуде ќе се најде,
ќе го колам, месо кревко, младо месо да се најадете.
Денес, значи, дојдете ми, но не позно, туку рано
штом се лепо искапите, вие како децата ваши.
Дома да ми дојдете и никого не прашајте,
без прашање да влезете како дома кога си одите,
врло храбро и одважно, оти мојта врата затворена.
(Доаѓаат лаконски пратеници.)

55
Лисистрата

ПЕТТИ ЧИН
ПРВА ПОЈАВА
Двата хора, лаконските пратеници.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Еве ни од Спарта пратеници густа брада влечат,
нешто како волнена коледачка на бедрата носат!
сопрво да сте ми здраво, а допосле кажете ми што дојдовте!
ЛАКОНЕЦОТ:
Зар зборови многу треба да се кажат?
Доста ќе е какви ви дојдовме да не видите!
(Малку се отскрива.)
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Ах! Патила страшни дамарите ви ги набрекнале
и реа се шири, се чувстува веќе.
ЛАКОНЕЦОТ:
Неизречиво. Што да се каже тука може?
Нека дојде некој, па мир, каков да е да склопиме!
(Доаѓаат атински пратеници.)

ВТОРА ПОЈАВА
Хоровите, Лаконецот, атинските пратеници.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
И нашите суверени јас ги гледам!
Небаре пеливани наметките од мевот
ги тргнале, како снагата болештина некоја
да им ја зафатила, ми се чини.
АТИНЕЦОТ:
Кој каде е Лисистрата ќе ни каже,
оти ние сме такви какви нè гледате луѓе?
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Како и таму и овде знаци исти.
Да не нешто, в зори, ви го дуе?
АТИНЕЦОТ:
Да, жими Зевса, тоа нам на сите исто.

56
Лисистрата

Та ако нешто брзо не нè подмири


Клистена да го јавниме, ќе ни преостани.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
За никој да не ве види наметка – Хермодер
ќе земете за да ви ја покрие срамотата!
АТИНЕЦОТ:
Добро, баш, нè советуваш!
ЛАКОНЕЦОТ:
Добро, ами како, да земеме наметки, ајде!
АТИНЕЦОТ:
Еј, Лаконци здраво, сите исто зло нè бие.
ЛАКОНЕЦОТ:
Е, пријателче, лошо сите би си поминале
луѓето нашите отечени да ги видоа!
АТИНЕЦОТ:
Да ни кажете ќе треба сега, о Лаконци,
по повод каков сте дојдени?
ЛАКОНЕЦОТ:
За мир сме дошле да побеседиме.
АТИНЕЦОТ:
Красно. И насоката таква е наша.
Зошто тогаш Лисистрата не ја викнеме ние?
Само таа ќе да може да нè смири.
ЛАКОНЕЦОТ:
Па ајде и Лисистрата нека дојде.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Да се викне не ќе треба; видете
самата веќе чула – излегува ене.
(Се појавува Лисистрата со неколку жени.)

ТРЕТА ПОЈАВА
Лисистрата со божицата на мирот, Лаконецот Атинецот, хоровите.
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
О, здраво хероино, од сите најголема!

57
Лисистрата

Сега да си треба снаодлива, вешта, справедлива, строга,


та блага и мудра оти, види, елинските првенци
твојата магиска ги освои сила
и по тебе тргнаа и тебе в раце сите свои ти ги дадоа жалби.
ЛИСИСТРАТА:
Работа тоа не ќе да е тешка кога в оган
ќе ги најдеш, и кога од жежок копнеж горат уште
Но, ќе спознам веднаш.
(На својата придружничка.)
Божице возвишена, Лаконците, прво, донеси ги ваму,
но не грубо и со рака тешка,
ни будалесто, како нашите што го направија тоа,
туку мило, нежно како што на жени им прилега!
Ако рака не ти даде, ти за свирка чапни го!
(Божицата ги доведува Лаконците.)
Сега ајде и Атинците донеси ги ваму
и што ќе ти подадат, ти за тоа фати ги.
(Ги носи и Атинците.)
О, мажи Лаконци, до мене застанете,
а овде вие и зборот мој слушнете го!
Додуша жена сум, но памет крепам!
По себе сама со слаб разум не сум.
Чув мудри думи и знаење замашно
од татка ми стекнав и од луѓе грамотни.
Та сакам вас да ве прекорам, сите заедно по заслуга.
Од еден сад ги шкропите жртвениците,
како една крвта ви е сродна,
со оние од Олимпија и од Пила, од Пито –
уште колку ли да побројам можам ако сакам да должам.
Елада ја ништите и градовите нејни,
а варвари толку мрски има.
Со ова, еден дел, од беседата своја скончав.
АТИНЕЦОТ:
А, мене, мојата свирка надуена, ме убива!
ЛИСИСТРАТА:
Сега пак ви се обраќам вам, мажи Лаконски,
заборавивте ли на Периклид, Лаконецот
кој, како бегалец во Атина, седна тука
од жртвеников, блед, во руво гримизно,

58
Лисистрата

помош да моли? Востанатите Месењани,


а и богот на земјотресот тогаш ве затресоа.
И оклопници наши четири илјади тргнаа
и Лакедемон целиот Кимон нашиот го спаси.
Таква љубезност Атинците ви сторија
и вие за тоа по земјата им пустошите?
АТИНЕЦОТ:
Од нив таа неправда ја трпиме, Лисистрата.
ЛАКОНЕЦОТ:
(Ја загледува Лисистрата.)
Да, неправда – ама има бутини јадри!
ЛИСИСТРАТА:
(На Атинецот.)
Ти си мислиш: ќе ги ослободам Атинците?
Не знаете ли дека вам со копје пак ви дојдоа
Лаконците кога ропски кожув носевте,
та Тесалци многу, пријатели на Хипија и сојузници истепаа?
И тие само тогаш ви помогнаа
и ве ослободија, па вместо кожуф
на народот атински наметката му ја вратија!
ЛАКОНЕЦОТ:
Попаметна жена јас никогаш не сум видел!
АТИНЕЦОТ:
Ниту јас тртка поубава не беше сум денетисал!
ЛИСИСТРАТА:
Туку зошто, кога храброст еден другому си борчите,
сè уште се карате и во раздор паѓате?
Зошто не се смирите? Што ве спречува?
ЛАКОНЕЦОТ:
Ние сакаме, но откако ќе ни го врати некој
тркалезноно парче она!
ЛИСИСТРАТА:
Кое, мил мој?
ЛАКОНЕЦОТ:
Пила. Дамна ни треба и по него копнееме.

59
Лисистрата

АТИНЕЦОТ:
Но, жими Посејдона, да го добиете тоа нема!
ЛИСИСТРАТА:
(На Атинецот.)
Откажете се!
АТИНЕЦОТ:
Што нам ќе ни остане?
ЛИСИСТРАТА:
Вие вместо тоа парче друго барајте!
АТИНЕЦОТ:
Пред сите, овие предајте ни ги:
Најнапред Ехинунт, потоа Заливот малајски,
надокрај уште и Бедрата мегарски!
ЛАКОНЕЦОТ:
Е, сето не ќе може, ти како да си збеснал!
ЛИСИСТРАТА:
Оставете заради бедра не се карајте!
АТИНЕЦОТ:
Нив радо гол би ги орал и сеел бос.
ЛАКОНЕЦОТ:
А јас в мугри рано би ги ѓубрел.
ЛИСИСТРАТА:
Кога мир ќе склопите, на тоа прејдете.
Ако ви се сака договорете се
и за сето сојузниците известете ги.
АТИНЕЦОТ:
Ајде, какви сојузници? Ние гориме.
А не сакаат, мислиш, сите сојузници наши: жени да галат?
ЛАКОНЕЦОТ:
И нашите сакаат, со сигурност.
АТИНЕЦОТ:
И Каришчаните, богами, љубат!
ЛИСИСТРАТА:
Баш красно зборувате. Сега искапете се,

60
Лисистрата

во тврдинана, ние жените, ќе ве погостиме


со сè што под дреите носиме!
И еден другому тврде ветете си и тогаш секој
жената своја нека ја потфати и дома нека си оди!
АТИНЕЦОТ:
(На Лаконецот.)
Брзо, да одиме брзо!
ЛАКОНЕЦОТ:
Каде сакаш ти води ме!
АТИНЕЦОТ:
Ајде брзо сега!
(Сите заминуваат. Само двата хора остануваат.)
ХОРОВИТЕ:
ПРВАТА ПОЛОВИНА ОД ЖЕНСКИОТ ХОР:
Строфа
Везаните покривки здолништата, руво лепо,
накит златен што си имам,
на сите радо би го дала, кај децата нек го носат,
на ќерките нек го дарат кога за сведен ќе им дојдат.
На сите јас ви велам: од азното од ризница земете си.
Ништо скапо не е толку драгоцено
да не може да се даде: што најдете, оберете.
Но да види никој ништо не ќе може
ако вид нема од мојов триш поостар.
ВТОРАТА ПОЛОВИНА ОД ЖЕНСКИОТ ХОР:
Ако некој леб ни корка нема,
а пак дома слуги храни и дечиња плипот дробни
тој од мене пченица може сега да побара бела:
а од неа грстка само лебец дава изобилно.
Ако сиромав сака некој со дисаѓи и арари
нека оди кон кај мене бел сомун да добие.
Мојот Манес сè до врвот ќе му тури.
Но да ви кажам по правина:
До портите мои никој од вас да не стапне
пес побеснат нив ги чува.
(Куса пауза. Се отвораат портите од тврдината и еден пијан слуга, со гламна, излегува
за да му го осветли патот на другите.)

61
Лисистрата

ЧЕТВРТА ПОЈАВА
Слугата, хоровите.
СЛУГАТА:
(На чуварот на портата.)
Еј, отворај ги портите!
(На Хороводецот кој му е најблиску.)
Тргни ми се! Ќе сакаш ли?
(На хорот од жени кој се наоѓа на другата страна.)
А, вие што дремите? Со гламнава зарем да ве поджежам?
(Повторно се завртува.)
А, бре овде народ плипот!
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Е, нема! Зар ќе морам да послушам,
(На публиката.)
за вашта љубов и тоа ќе го искркам радо!
ХОРОВОДЕЦОТ НА ЖЕНСКИОТ ХОР:
Со тебе и ние ќе го истрпиме радо!
СЛУГАТА:
Не сакате да заминете? Косите ќе ви ги искубам!
Тргнете се од тука Лаконците
од гозбата да можат мирно да заминат дома!
(Атинецот доаѓа од гозба.)

ПЕТТА ПОЈАВА
Слугата, Атинецот, хоровите.
АТИНЕЦОТ:
Гозба таква во живот не сум видел,
дури и Лаконците љубезни беа сосем,
а ние кај трпеза со вино најмудри!
СЛУГА:
Точно, дур сме трезни паметни не ќе сме.
Да го убедам треба народот атински,
пратениците наши сегде начукани да ги праќа.
Сега ако трезни во Спарта стигнеме
веднаш ќе гледаме нешто да заматиме.
Никогаш не слушаме за што ни говорат,

62
Лисистрата

а што да кажат нема, ние нагаѓаме;


после за истото исто не пренесуваме.
Само што нам ни годи – ако некој
за Талемон вместо за Клитагора пееме
ние него го фалиме и заклетвите ги газиме.
(На хорот кој повторно се приближи.)
Види на исто место повторно се вратија!
Вие багабонти, зар не ќе се тргнете од таму?
ХОРОВОДЕЦОТ НА МАШКИОТ ХОР:
Жими Зевса, еве гостите излегуваат веќе!
(Излегуваат Атинци и Лаконци.)

ШЕСТА ПОЈАВА
Слугата, Атинецот, Лаконецот, хоровите.
ЛАКОНЕЦОТ:
(На свирачот.)
Еј, другарче, писни му ја на гајдата
да поиграм и велја песна да им запеам
на Атинците, сосе нас заедно.
АТИНЕЦОТ:
Ти, жити бозите, за кавалот свој фати се
се радувам мошне кога играте да ве гледам.
ХОРОТ ЛАКОНСКИ:
Придвижи ги младенците, Мнемосина
и ти Музо што ги знаеш атинските и наши дела
како оние кога, на боговите налик, кај Артемисија
удривме на корабјето и Меџанините ги сотревме.
А нашиот Леонида нè водеше како вепри
кои забите свои си ги брусат:
во устата пена бесна и по колкови му липтеше.
Персиската војска силна
колку морскиот беше песок.
Артемидо, дево шумска,
ваму дојди, божествена момо, прими жртва,
мирот чувај ни го лета долги!
Векутума другарството наше беше цврсто
заклетвата ко што бара!

63
Лисистрата

Да ги нема веќе лисичјите зборој слатки!


Дојди ваму, о девствена, ти ловџико сјајна!
(Се појавува Лисистрата со мноштво жени во придружба а со неа и атинските гости.)

СЕДМА ПОЈАВА
Слугата, Атинецот, Лаконецот, Лисистрата, хоровите и Атинците.
ЛИСИСТРАТА:
Кога среќно ќе се сконча, овие жени,
о, Лаконци, носете ги,
(На Атинците.)
а оние вие!
Крај жена секоја, мажот нејзин нек застане,
а до него жената му, та сите, во чест на бозите,
за успехот да заиграме, та да се пазиме
никогаш повеќе да не грешиме врло!
(Гостите се делат на две групи.)
ХОРОТ АТИНСКИ:
Орото ти води го, и Хоритите викни ги,
Артемида нека дојде и братот нејзин
– ороводец на Пеаните и Нисијците, богот добар
кому очите меѓу Менадите заталкани пламтат, горат!
И уште Зевса со трозабецот огнен
и со пречесната му жена и блажена.
И демоните ко сведоци верни кои да го изумат нема
за мир договорот наш племенит
кого божицата Кипранка го создаде.
Алелуја! Опа, иха Пеане!
Кренете ги нозете! Иха, ихаха!
Опа, иха – како победници! Иха, ихаха, иха, ихаха!
ЛИСИСТРАТА:
За новото, нова песна запеј ми, о Лаконецу!
ХОРОТ ЛАКОНСКИ:
Остави ми Тајгет – гора мила,
прикажи се ваму Музо Лаконко.
во Армикал славен, богот слави го
и Атена во Медената куќа и јуначките Тиндариди,
крај Еврота што коњи бодинаат!

64
Лисистрата

Итај брзо, со лек чекор долетај ми


ние Спарта да ја прославиме,
каруцата божествена ја љуби таа
и топотот од нозете брзи.
Девојките нејни, како тогаш крај Еврота,
затрчани, заскокани, понесени
везат оро игралито, а косата далги, далги
како кај Бакхите со тирсот кога ми мавтаат.
Напред води – ороводка
пречистата, од Леда, ќерка лепа.
Косата собери ја,
со нозете, ти кошуто дивна, лесно скокни!
Со рацете плескај, играта потсилија
и божицата Медодомка ти слави ја,
хероина возвишена, победничка!

КРАЈ

65

You might also like