You are on page 1of 60

Ојдип тиранин

Софокле

ОЈДИП ТИРАНИН

1
Ојдип тиранин

ЛИЦА:
ОЈДИП, тебански тиранин
ЈОКАСТА, жена на Ојдип
КРЕОНТ, брат на Јокаста
ТЕЈРЕСИЈА, пророк
СВЕШТЕНИК Ѕевсов
ГЛАСНИК од Коринт
ПАСТИР на Лај
ГЛАСНИК од дворот
ХОР на тебански старци
СВИТА Ојдипова и Јокастина
Царскиот двор во Теба со тројна врата: средната ја користат царот и царицата,
десната (за гледачите) благородниците, а левата туѓинци. Пред дворот, олтари и
кипови на тебански богови.

2
Ојдип тиранин

ПРОЛОГ
Околу жртвеникот, по скалите, испоседнати моми, деца, момчиња и свештеници со
лаврови гранчиња в рака. Ојдип излегува од дворот со свитата.

ОЈДИП, СВЕШТЕНИКОТ
ОЈДИП:
О чеда, ластар млад на Кадмо древниот,
на каков собир вие ми доаѓате,
накитени со гранчиња молитвени?
А градот, колку с’ темјани е исполнет,
подеднакво со пајани и лелеци.
Јас, деца, не сметав за праведно од друг,
од гласници да слушнам; еве дојдов сам,
од сите Ојдип славниот наречуван.
Ај старче, кажи! Ред е ти да зборуваш
во нивно име. Како ми доаѓате,
од страв ил’ с’ молба некоја? Ќе помогнам
од сè срце во сè. Јас бездушен би бил
да не се сожалам на таков молбен збор.
СВЕШТЕНИКОТ:
О Ојдипе, на земјава владетелу,
нè гледаш сам, на каква возраст тука сме,
пред твоите олтари: да првнат далеку
се едни уште нејаки, а другите,
од старост бавни жреци, како јас на Ѕевс,
и одбор младеж. Другите, окитени,
на плоштад се пред два храма Паладини
и правот пророчки кај лежи Изменов.
Та градот мошне силно, веќе гледаш сам,
е смутен; глава тој да крене не може
од длабини на море закрвавено.
И пропаѓа во цвет од земја секој плод,
пцовисаат и стадата на пасишта,
и жени се без род, а сега божица
што жари, Чума грозна, град ни напаѓа.
Се празни зарад неа домов Кадмеев
дур Адот црн се полни с’ лелеци и плач.
Со бози не те изедначивме ни јас
ни децава, што седиме пред портиве,

3
Ојдип тиранин

но тебе прв од мажите те сметаме


во маки човечки и божја судбина.
Не нè спаси ли ти штом дојде в Кадмов град
од данок исплаќан на зла песнопојка,
а ништо повеќе ти од нас не разбра
ни беше подучен, а с’ помош божја нам,
се зборува и мисли, век ни оправи?
И сега, Ојдипе, о главо најумна,
со молба сите ние се обраќаме
да најдеш спас, па било божји глас да ти
си чул ил’ да си научил од некој маж;
бидејќи гледам: дури и во неволја,
опитните успеваат во потфатот.
О, дај првенецу, да живне овој град,
погрижи се! И сега градов спасител
те вика зарад храброста некогашна.
Во спомен никогаш да не си ни ко крал
што нас нè спасил, потем дал да паднеме!
Ај градов ти исправи го засигурно!
Штом тогаш, поведен од предзнак поволен,
нè усреќи, и сега ист покажи се!
Ак’ владееш и натаму со земјава,
поубава е власт во полн град, не во пуст,
бидејќи ништо не е вредно, тврдина
ил’ кораб, ако луѓе в нив не живеат.
ОЈДИП:
О кутри деца, не ми е непознато
од каква мака дојдовте. Јас добро знам:
да, сите страдате, но макар страдале,
меѓу вас ниту еден не страда ко јас.
За еден секој мисли – за себе. За друг
вам грижа не ви е. А јас во срцето
го имам градот, себе, тебе, еднакво.
И така, вие не ме будите од сон,
а знајте: многу солзи пролеав и пат
јас многу изодев по беспаќа на јад.
Низ ум ми мина сè, сал еден најдов лек,
и еве што сторив: го пратив Креонта
јас, мојот шура, синот Менојков, во Пит,
в храм Фојбов, тој да праша што да направам

4
Ојдип тиранин

ил’ кажам, та градов да го заштитам.


Бидејќи денес требаше да пристигне,
се грижам што прави. Тој многу повеќе
е отсутен од тоа колку требаше.
А, штом ќе дојде, не сторам ли така сè,
ко бог што повелал, нек’ бидам никаквец!
(Момците му соопштуваат на свештеникот дека Креонт доаѓа.)
СВЕШТЕНИКОТ:
Во добар час ти кажа; еве овие
баш носат вест от’ Креонта доаѓа од пат.
ОЈДИП:
Господару Аполоне, еј камо среќна вест
за спас да носи! Каков сјај му краси лик!
СВЕШТЕНИКОТ:
Се чини среќен; инаку не би кител
со плоден лавор, глава, често китена.
ОЈДИП:
Се слуша до него и вчас ќе знаеме.
(Доаѓа Креонт.)
О кнезу, роде мој, ти сине Менојков,
со каква божја порака ни доаѓаш?

ОЈДИП, СВЕШТЕНИКОТ, КРЕОНТ


КРЕОНТ:
Со добра; зашто, мислам, и неволите,
штом добро тргне, добро завршуваат.
ОЈДИП:
А што вели пораката? Од твојот збор
јас сега ниту надеж добив ниту страв.
КРЕОНТ:
Ак’ сакаш луѓево да чујат, готов сум
да зборувам. Ил’ внатре да си влеземе?
ОЈДИП:
Пред сите кажи. За нив грижа повеќе
јас имам одошто за мојот личен спас.

5
Ојдип тиранин

КРЕОНТ:
Ќе кажам она што од бога јас сум чул.
Нам јасно Фојб господарот ни налага
д’ испадиме од крајов тука сторен грев.
Го крепиме ли, тој ќе е неизлечлив.
ОЈДИП:
Со каква жртва? Каков е тој страшен чин?
КРЕОНТ:
Со прогонство ил’ враќање на крв со крв,
бидејќи таа крв го мачи градов наш.
ОЈДИП:
А кој е мажот чија гибел открива?
КРЕОНТ:
На овој град, о цару, водач некогаш
ни беше Лај, пред ти да град ни управиш.
ОЈДИП:
Сум слушнал, знам, но никогаш не го виде.
КРЕОНТ:
Тој мртов е и јасно бог порачува:
нек’ одмазда ги достага убијците!
ОЈДИП:
Но кај се тие, таа трага нејасна
на вина стара каде ќе се изнајде?
КРЕОНТ:
Во овој, рече, крај: што бараш, а наоѓаш,
а што занемариш, ти бега од раце.
ОЈДИП:
Дал’ дома или на отворено на Лај
убиството се случи, или в туѓина?
КРЕОНТ:
За пророштвото да праша тргнал, рекол сам,
но како појде, дома веќе не стаса.
ОЈДИП:
А гласник некој, сопатник, зар не видел,
па нивна ука некој да исползувал?

6
Ојдип тиранин

КРЕОНТ:
Загинале. Сал еден жив е. Избегал
од страв. Од сè што видел, едно кажува.
ОЈДИП:
А што? Бидејќи едно многу открива,
штом зрак на надеж фатиме, и незнатен.
КРЕОНТ:
Разбојници се згодиле, и не паднал
од рака сал на еден; биле мнозина.
ОЈДИП:
Зар разбојник, би можел толку да е смел,
да не бил поткупен со пари одовде?
КРЕОНТ:
Се мислеше и тоа. Злото не даде
да некој одмазди за смртта Лајова.
ОЈДИП:
А кое тоа зло ве спречи виновник
да барате штом така падна царски трон?
КРЕОНТ:
Гатопевка нам Сфингата поглед пред нозе
ни насочи; нејасното го пуштивме.
ОЈДИП:
Од крај јас повтур тоа ќе го истражам.
И Фојб за царот покоен, ко ред што е,
се погрижил и ти си сторил доволно,
и праведно е мене да ме видите
за ова земја борец, божји помошник.
Не ќе казнам јас злотвор зарад далечни
пријатели, а зарад себе самиот.
Та тој што убиец е негова, набргу
со иста рака на мене ќе навали.
Грижејќи се за оној, јас ќе користам.
Ај деца, бргу станете од скалите,
кренете ги гранчињата молитвени!
(На свитата.)
Нек’ родот Кадмов тука друг го собере,

7
Ојдип тиранин

а јас ќе сторам сè, па с’ божја помош, нам


ил’ сонце ќе ни светне ил’ пропаднавме.
СВЕШТЕНИКОТ:
Да станеме, о деца! Тука затоа
и дојдовме; за ова што ни кажа тој.
О, камо Фојб, што прати вакво пророштво,
ко спас да дојде, заштитник од чумата!
(Ојдип и Креонт влегуваат во дворот, а народот со свитата се враќа в град. Доаѓа
хорот не тебанските старци.)
ПАРОД
ХОРОТ:
I СТРОФА
О, каков ми дојде ти, Гласу мил Ѕевсов,
од домот златен Питонов во сјајна Теба?
Срце ми трпне од ужас, страв ме обзема,
о делски исцелителу!
Се плашам, дал’ нешто ново,
ќе дадеш да поднесувам,
ил’ нешто втор пат в ова година.
О, кажи чедо на Надеж златна,
Гласу бесмртен!
I АНТИСТРОФА
Прва те молам тебе, бесмртна Атéно, Ѕевсова ќерко,
и тебе, земја наша што браниш, Артемидо сестро,
и тебе стрелометецу Фојбе.
О, блеснете вие тројца во одбрана од смрт!
Ако вие некогаш и порано,
зла кога градов го снашле,
изганавте пламен гибелен,
и сега дојдете!
II СТРОФА
О, безброј маки трпам јас:
сиот народ ми болува,
а нема да блесне мисла некоја,
таа одбрана да е.
Плодови веќе не успеваат в славнава земја,
ниту жени можат да издржат тешки породилни маки;
и гледаш еден по друг, ко птици лекокрили,

8
Ојдип тиранин

побргу од огнот помамен кај заминуваат


кон богот вечерен.
II АНТИСТРОФА
Кој би знаел колку,
– град непребројлив ми изгина.
Наземи родови прострени неисплакани.
Смрт тие шират.
Сопруг, мајки белокоси,
која од каде, кај олтарот клекнале.
Молат за спас од јадот преголем. Липаат.
Се орат молбени песни измешани с’ воздишки болни.
Заради ова, о златна Ѕевсова ќерко,
прати нѝ заштита благосклона!
III СТРОФА
И страшниот Арес,
кој сега без бронзен штит навалил с’ оган,
дур’ лелек се слуша,
од таткова земја изгони го далеку
со брз чекор
во Амфитритини големи двори
ил’ кон брегот негостољубив
во тракијски бури.
И воопшто, пропушти ли нешто ноќта,
ита денот да докрајчи.
О, ти којшто управуваш со силата
на рофји огнени,
о оче Ѕевсе, сотри ги со својот гром!
III АНТИСТРОФА
О ликијски боже, стрелите би сакал твои
без милост да ги пуштиш
од лакот златнотетивен,
спас да ни бидат,
Артемида с’ огнените факли да ја видам
со кои трча низ гори ликијски.
И златномитриот
го викам имењак на овие земји,
Бакх виноцрвен,
следен од Мајнади;
тој нека дојде с’ факел усвитен,

9
Ојдип тиранин

нека го изгори
омразениот на бозите бог!
(Доаѓа Ојдип.)

ПРВА ЕПИЗОДА
ОЈДИП, ХОРОТ
ОЈДИП:
Ти молиш; тоа пак што молиш, ако сал
ме послушаш и чумата ја протераш,
си добил лек и заштита од несреќи.
И ова што се зборува и настанот,
ќе кажам, за мене се туѓи. Трагата
би била куса, и да имам некој знак.
Бидејќи доцна станав ваш сограѓанин,
на сите Кадмејци ќе кажам, еве што:
од чија рака паднал Лај, син Лабдаков,
ак’ некој од вас има чуено, нек’ тој,
заповедам, за тоа сè ме извести.
Ак’ има страв от’ вина на себе би зел,
тој друго нешто нема зло да поднесе,
сал сигурен од земјава ќе замине.
А некој ако знае дека крвникот
од друг е, не од овој крај, нек’ не молчи;
дар од мене ќе прими и благодарност.
Ак’ молчите и некој не каже од страв
за пријател ил’ за себе, што ќе сторам
со такви, треба од мене да чуете:
забранувам, во ова земја, власт и трон
кај имам јас, да него, било кој и да е,
го прима в својот дом и го поздравува
и со него да моли, с’ него заедно
да жртвува и света вода подава.
Од домови да биде гонет зашто срам
тој нам ни донел, ко што овој час
пророштвото од богот питски извести.
Па еве, јас се јавувам ко помошник
на бог и наедно на мажот покоен.
Се молам пак, виновникот, ил’ скришно сам
да убил ил’ со мнозина, ко никаквец

10
Ојдип тиранин

да несреќно го мине својот беден век.


И, ако тој е некој мој и в мојот дом
се наоѓа со мое знаење, и јас
нек’ поднесам што токму сега проколнав.
Заповедам и вие сè да сторите
и зарад мене, бога, зарад земјава
што згина неплодна, од бог напуштена.
Па дури бог да не беше ни порачал,
тој чин, во кој најдобриот ем цар
е усмртен, не требало да остане
без истрага и одмазда. А сега јас
ја имам власта, случајно, што порано
ја имал тој, и легло, иста сопруга;
и децата заеднички ќе беа, род
на оној ако не бил несреќен, без плод.
А ете, врз него се спушти судба зла,
и зарад тоа борба јас ќе поведам
ко татко мој да бил и сè ќе поднесам
во потрага сал убиец да пронајдам
на детето на Лабдака Полидоров,
од Кадмо древен, син на прастар Агенор.
На оние што така не ќе постапат,
ги молам бозите, ни посев земјин ним
да плод им даде ниту жени род, а зло
нек’ нив ги сотре, и од ова пострашно.
А вам, други Кадмејци, што ова го
одобривте, нек’ Правда сојузник ви е
и сите бози вечно со вас нека се!
ХОРОВОДЕЦОТ:
Со клетва штом ме врза, цару, чуј ме ти:
ни јас го убив ниту знам да кажам кој;
а Фојб, што даде задача, ќе требаше
да каже кој го сторил тоа злодело.
ОЈДИП:
Ти добро зборуваш, но бози не може
да присили, штом тие нејќат, никој жив.
ХОРОВОДЕЦОТ:
Ми падна на ум друго јас да потсетам.

11
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Да е и трето, кажи го, не пропуштај!
ХОРОВОДЕЦОТ:
Што богот Фојб, и господар Тејресија,
знам, гледа најмногу; ак’ појде кај него,
о кралу, некој, најјасно ќе разбере.
ОЈДИП:
Ни тоа не го пропуштив. Пратеници,
по наговор на Креонт, пратив двапати,
па одамна се чудам што не дојдоа.
ХОРОВОДЕЦОТ:
И друго нејасно се слушна одамна.
ОЈДИП:
А што е тоа? Внимавам на секој збор.
ХОРОВОДЕЦОТ:
Од патници, зборуваа, бил убиен.
ОЈДИП:
Сум чул и јас, но има ли очевидец?
ХОРОВОДЕЦОТ:
Но, малку страв да има, не останува
тој мирен, клетвите сал твои ги чуе ли.
ОЈДИП:
Од дело страв штом нема, збор не го плаши.
ХОРОВОДЕЦОТ:
Но некој ќе го открие. А еве баш
го водат пророкот, во кого единствен
од луѓето е всадена вистината.
(Доаѓа Тејресија.)

ОЈДИП, ХОРОТ, ТЕЈРЕСИЈА


ОЈДИП:
Ти знаеш, Тејресѝја, сè – и познато
и тајно, небеско и земно. Макар што
ти не гледаш, па сепак знаеш, градов наш
од каква болка болува. Сал во тебе,

12
Ојдип тиранин

о кнезу, заштита и спас наоѓаме.


Ак’ нешто не чу од гласнициве, нас Фојб
нè извести по пратениците от’ спас
од таа чума ќе ни дојде штом на Лај
убијците со сигурност ги најдеме,
погубиме ил’ в прогонство ги пратиме.
А ти не зазирај од птичје гатање
и друг ак’ знаеш пат за гатање, па сам
и себе спаси се и мене, спаси град
и изми петно секакво од мртвиот.
Во раце твои сме; најубав пак труд е тој,
да знаеш како и со што да користиш.
ТЕЈРЕСИЈА:
Ох, ужасно е да си умен, каде ум
не користи. Јас тоа убаво го знам,
но изумив, зар инаку не доаѓав.
ОЈДИП:
Но што е? Не ни доаѓаш од сè срце.
ТЕЈРЕСИЈА:
О, дома пушти ме! Ти твое најлесно,
јас мое ќе си поднесам, ак’ послушаш.
ОЈДИП:
Штом не откри реч божја, право не кажа
ни пријатно за градов што те отхранил.
ТЕЈРЕСИЈА:
Јас гледам тебе зборот твој во добар час
от’ не ти е; да не ме најде истото.
(Сака да си оди.)
ОЈДИП:
Штом знаеш, жити богови, не оди си!
До последен најпонизно те молиме.
ТЕЈРЕСИЈА:
Та сите сте неразумни. Не кажувам
што знам, за твоите зла да не ги откријам.

13
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Што зборуваш? Зар знаеш и не кажуваш?
Зар сакаш да нè предадеш и сотреш град?
ТЕЈРЕСИЈА:
Ни себе ниту тебе ќе те јадосам.
Што прашуваш? Ти од мене не узнаваш.
ОЈДИП:
О најлош беднику! Не човек, камен ти
ќе разгневиш. Зар никогаш не ќе кажеш,
ќе останеш безмилосен и докрај тврд?
ТЕЈРЕСИЈА:
Го кориш мојот гнев, а твојот во тебе
не го гледаш, а мене ме обвинуваш.
ОЈДИП:
А кој да не се разгневи слушајќи пцост
со која сега градов ни го нагрди?
ТЕЈРЕСИЈА:
Ќе дојде тоа, колку криел јас со молк.
ОЈДИП:
Па штом ќе дојде, зошто ти да не кажеш?
ТЕЈРЕСИЈА:
Јас нема повеќе да зборувам, а ти,
штом така сакаш, лути се до беснило!
ОЈДИП:
Ме налути и ништо не ќе пропуштам,
што нагаѓам. Знај, мислам дека делото
го замисли и спроведе ти самиот,
сал не уби со свои раце; да гледаше,
ќе речев, делото е твоја работа.
ТЕЈРЕСИЈА:
Навистина? Ти велам: заповед, што сам
си дал, извршувај: од овој веќе ден
не зборувај со овие ни со мене!
На ова земја душман безбожен си ти.

14
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Зар така дрско овој збор го изусти?
И како мислиш сега да се избавиш?
ТЕЈРЕСИЈА:
Сум избавен; вистината ми дава моќ.
ОЈДИП:
Кај научи? Та не од дарот пророчки?
ТЕЈРЕСИЈА:
Па од тебе; ме присили да зборувам.
ОЈДИП:
Но што? Повтори ми да сфатам подобро!
ТЕЈРЕСИЈА:
Зар не разбра? Ил’ сакаш баш да зборувам?
ОЈДИП:
Не би рекол от’ разбирам. Повтори ми!
ТЕЈРЕСИЈА:
Убиецот си, велам, ти. Не барај го!
ОЈДИП:
Е нема неказнет ти дваж да навредиш.
ТЕЈРЕСИЈА:
Да кажам друго, повеќе да беснееш?
ОЈДИП:
О, колку сакаш; залудно ќе зборуваш.
ТЕЈРЕСИЈА:
Во срамна врска, велам, не знаеш от’ си
со најмили и не гледаш до каде си.
ОЈДИП:
Зар везден тоа весел ќе го кажуваш?
ТЕЈРЕСИЈА:
Да, ако нешто има моќ вистината.
ОЈДИП:
Да, има, освен твојата; ја немаш ти;
та слеп си и во ушите и в ум и в очите.

15
Ојдип тиранин

ТЕЈРЕСИЈА:
Ти беден кориш зарад истото, за што
и тебе секој ќе те кори набргу.
ОЈДИП:
Во вечна ноќ си; нема да ми наштетиш
ни мене ни на друг кој гледа светлина.
ТЕЈРЕСИЈА:
Ти нема од мене да паднеш; доволен
Апóлон е; тој грижа ќе си преземе.
ОЈДИП:
Дал’ Креонт вакво нешто замисли ил’ ти?
ТЕЈРЕСИЈА:
Не, ништо Креонт не стори; ти самиот.
ОЈДИП:
О богатство, тиранијо и вештино
над вештини во живот многу прославен,
о, колку завист кон себе создавате
штом зарад власта која градот како дар,
без јас да барам, в раце ми ја предаде,
тој верен Креонт, пријател од почеток,
ползејќи потајно посакува мој пад,
праќајќи ми го овој измамник и маг
и итар питач, кому добит сал на ум
му е, во гатачка пак вештина е слеп.
Па де, јасновидец ти кај се покажа?
А овде кога беше кучка – певица,
на градов зошто спасот не му го кажа?
Та секој не можел да реши загатка,
а била потребна и дарба гатачка.
Не покажа от’ имаш ни по птици дар,
ни некој бог да ти го признал. Дојдов јас,
јас Ојдип. Ништо не знаев, ја скротив с’ ум
служејќи се; не познавав на птици лет.
И сакаш таков да ме собориш. До трон
на Креонт си со намера да застанеш.
Со плач, се чини, зло ќе гоните и ти
и тој, чиј изум ова е. Да не си стар,
страдајќи би ги сфатил твоите замисли.

16
Ојдип тиранин

ХОРОТ:
И твојот, Ојдипе, и зборот овегов,
се чини, еднакво во гнев се кажани.
На тоа не треба да гледаме, а бог
што порачал, како најдобро да сториме.
ТЕЈРЕСИЈА:
Па сеедно што ти си цар, рамноправни
на реч да сме. И јас во тоа имам власт.
И не сум твој, а роб сум на Локсѝја јас,
па штитеник на Креонта не бидувам.
Бидејќи ти ме навреди ко слепец, чуј:
ти опулен, а не гледаш во какво зло
се најде; каде и со кого живееш.
Дал’ знаеш чиј си? Душман си на твојот род
и под и над земја, а тоа не знаеш.
И двојна клетва – мајкина и таткова –
ќе т’ изгони со чекор брз од овој крај
во часов опулен, а потоа во мрак.
Дал’ има некој брег, дал’ има Китајрон
што наскоро не ќе ечи од твојот плач,
штом разбереш за бракот, кога в домот твој
си впловил несреќно со ветер поволен?
А не гледаш и други зла што еднаков
те прават тебе со себе и с’ пород твој.
И затоа нафрлај се на Креонта,
а и на мојов говор. Нема суштество
што од тебе понесреќно ќе заврши.
ОЈДИП:
Зар ова е подносливо што слушам јас?
Не ќе појдеш ли бестрага? Што побргу?
Не ќе тргнеш од дворов зар со свртен грб?
ТЕЈРЕСИЈА:
Но, јас не ќе дојдев да не ме викнеше.
ОЈДИП:
От’ будалаштини ќе мелеш, не знаев,
зар инаку не те викав во мојов дом.

17
Ојдип тиранин

ТЕЈРЕСИЈА:
Јас таков роден сум – по твое будала,
за тие што те родија пак – разумен.
(Тргнува.)
ОЈДИП:
За кои? Стој! Кој ме родил од смртните?
ТЕЈРЕСИЈА:
Та денов родител и крвник ќе ти е.
ОЈДИП:
Сè зборуваш загадочно и нејасно.
ТЕЈРЕСИЈА:
Зар не си најдобар да решиш загатка?
ОЈДИП:
Го кудиш тоа што е силно во мене.
ТЕЈРЕСИЈА:
Та токму тоа – силното – те уништи.
ОЈДИП:
Штом градов сум го спасил, грижа не ми е.
ТЕЈРЕСИЈА:
Си одиме. Ти, момче, ајде води ме!
ОЈДИП:
Нек’ води. Оттркалај се! Ми здодеа
ти овде; отсутен, не ќе ме жалостиш.
ТЕЈРЕСИЈА:
Штом кажам зарад што сум дошол, одам. Страв
од лик твој немам; ништо ти не ми можеш.
Ти велам: тој што одамна го бараш ти,
сакајќи да го прогласиш за убиец
на Лај, е тука; велат не е тукашен,
а потоа ќе излезе от’ Тебанец
е роден; весел зарад таа судбина
не ќе биде; од опулен ќе стане слеп,
од богат – сиромав; ко просјак в туѓина,
тупкајќи с’ бастун слепечки, ќе патува.
На децата тој свои, ќе се покаже,

18
Ојдип тиранин

от’ е и брат и татко, син и сопружник


на жена што го родила, на татка си
и другар в постела и крвник. Сега ти
размислувај! Најдеш ли невистина,
ти кажи дека сум без дарба пророчка.
(Сите си одат, останува само хорот.)
СТАСИМОН
ХОРОТ:
I СТРОФА
За кого рече в Делфи стена пророчка
грев дека сторил нечуен с’ крвави раце?
Тој веднаш нека бега
со чекор побрз и од чекорот
на коњот стреловит.
На Зевса синот веќе вјаса кон него
со оган и со громови,
а страшните безмилостни
одмазднички го следат.
I АНТИСТРОФА
Штотуку се слушна глас од снежен Парнас,
секој да го бара тој непознат маж.
Ко бик тој талка
низ дивата шума,
по стени и по пештери,
и клет со бавен чекор лута осамен
да го одбегне пророштвото,
изречено во срцето на земјата;
а тоа, вечно живо, лебди околу него.
II СТРОФА
О, страотно ме исплаши овој мудар птицогадател;
За верба не е, а ни за неверба;
што да кажам, јас не знам;
несигурен во надежи, не гледајќи ни што е ни што било.
Не сум чул ни сега знам,
што раздели Лабдакиди и синок Полибов.
Зар да појдам против славата што Ојдип ја стекна,
сојузник да бидам на родот Лабдакидов во смртта нејасна?

19
Ојдип тиранин

II АНТИСТРОФА
Ѕевс е мудар и Апóлон
и делата на смртните ги знаат тие;
но некој врач да знае подобро одошто јас,
тоа вистина баш не е;
та луѓето меѓусебно
сал в мудроста се различни.
За тие пцости ништо нема јас да зборнам,
дур’ не видам от’ оној право кажал.
Јас видов тогаш, момата ко дојде крилеста,
се покажа тој мудар;
со тоа драг на градот стана
и никогаш тој за мене
не ќе биде за злото виновник.
(Доаѓа Креонт.)

ВТОРА ЕПИЗОДА
ХОРОТ, КРЕОНТ
КРЕОНТ:
О граѓани, штом слушнав страшни зборови,
со кои Ојдип тиранин ме клевети,
не истрпев и дојдов. Зашто, ако тој
си мисли сега, в ова несреќа, со чин
ил’ дума штета од мене от’ претрпел,
за живот желба немам повеќе, штом глас
се носи таков. Овој збор неправеден
ме води мене не во мало, туку в зло
најголемо, штом в градов ти и моите
пријатели ме сметате за никаквец.
ХОРОВОДЕЦОТ:
А можеби клеветата ја изрече
во срдба повеќе и без да размисли.
КРЕОНТ:
Се чинеше ли дека врачот, од мене
наговорен, му кажа лажни зборови?
ХОРОВОДЕЦОТ:
Зборовите се тие; не знам, што мислел.

20
Ојдип тиранин

КРЕОНТ:
И опулен и здрав во ум се нафрли
зар врз мене со такво обвинение?
ХОРОВОДЕЦОТ:
Ни знам ни гледам што прават моќниците.
Но, еве самиот од дворот доаѓа.

ХОРОТ, КРЕОНТ, ОЈДИП


ОЈДИП:
Зар ти? Зар овде дојде? Образ бесрамен
зар имаш штом под мојов покрив доаѓаш,
а докажан си убиец на оној маж
и крадец несомнен на мојот кралски трон?
Ај кажи, жити бозите, дал’ страшливец
ил’ луд ме виде, тоа штом ми замисли?
Дал’ подмолна, што тајно ползи, измама
да не сетам и разбрана не ја спречам?
Зар не е луда таа твоја замисла,
без народ и пријатели да ловиш власт?
Се држи таа с’ луѓе и со богатство.
КРЕОНТ:
Дал’ знаеш што треба? На твоите зборови
ист одговор ти чуј! Штом сфатиш, суди сам!
ОЈДИП:
На збор ти вешт си, јас пак ученик твој лош,
бидејќи открив дека душман си ми зол.
КРЕОНТ:
Та токму тоа сега кажувам, ти чуј!
ОЈДИП:
Сал тоа не ми кажувај от’ не си гад.
КРЕОНТ:
Тврдоглавост без здрава памет сметаш ли
за нешто добро, право ти баш не мислиш.
ОЈДИП:
И ти, штом мислиш неказнет да чиниш зло
на човек – близок сродник – право не мислиш.

21
Ојдип тиранин

КРЕОНТ:
Се сложувам, ти право рече. Кажи ми
пак, каква мака, велиш, виде од мене.
ОЈДИП:
Ти совет даваше ил’ не от’ требало
по некого да викнам пророк способен?
КРЕОНТ:
И сега сè уште со таква мисла сум.
ОЈДИП:
А колку време минало од кога Лај...
КРЕОНТ:
Од која тоа работа? Не разбирам.
ОЈДИП:
Без следа отишол од рака крвничка?
КРЕОНТ:
Да броиш, многу години ќе излезат.
ОЈДИП:
А дали гаташе и тогаш пророкот?
КРЕОНТ:
Да, исто беше мудар и почитуван.
ОЈДИП:
Во тоа време нешто тој ме спомна ли?
КРЕОНТ:
Не, барем никогаш во мое присуство.
ОЈДИП:
А истрага зар немавте за мртвиот?
КРЕОНТ:
Да, беше; како не; но ништо не чувме.
ОЈДИП:
Па како тогаш овој мудрец не кажал?
КРЕОНТ:
Јас не знам, а што не знам, радо не зборам.

22
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Но, ова знаеш; кажи, ак’ си разумен!
КРЕОНТ:
А што е тоа? Не ќе премолчам, што знам.
ОЈДИП:
Па еве: тој да не бил в сојуз со тебе,
не би рекол от’ јас сум убиец на Лај.
КРЕОНТ:
Дал’ тоа вели, сам ти знаеш. Сакам јас
да прашам онака, ко сега мене ти.
ОЈДИП:
Па прашај; нема мене да ме најдеш убиец.
КРЕОНТ:
Е, ајде! Дали ти ја водиш сестра ми?
ОЈДИП:
Па тоа не е можно да се порече.
КРЕОНТ:
На рамно с’ неа владееш во земјава?
ОЈДИП:
Сум готов сè да извршам што посака.
КРЕОНТ:
А со вас двајца трет јас не сум еднаков?
ОЈДИП:
Баш тука лош се покажа ко пријател.
КРЕОНТ:
О, не, штом во себе си размислиш ко јас.
Ти ова првин гледај го: зар повеќе
ќе сака, мислиш, некој власт исполнета
со страв од мирен сон, имајќи иста моќ?
И ниту јас сум посакал да станам цар,
штом имам царски овластувања и моќ,
а ниту друг кој знае за умереност.
И сега сè си имам од тебе без страв.
Ко цар би правел нешто и што не сакам.
Па зошто помил тронот царски би ми бил

23
Ојдип тиранин

од власт без грижи и од благородништво?


А уште не сум толку глуп да посакам
и друго освен корист со убавина.
Ме љубат сите, почит сега уживам,
штом ти им требаш нешто, јас сум замолен;
од тоа сета нивна среќа зависи.
Барајќи она, ова зар да оставам?
Кој умее да мисли лош не би станал.
Приврзеник на тоа не сум, а и друг
да прави така, никогаш не би трпел.
Дал’ така е, во Пит ти појди, прашај го
пророштвото дал’ точно сум ти пренесол.
Па откриеш ли дека јас со гатачот
сум правел заговор, осуди ме со глас
и двоен – твој и мој – и фатен, убиј ме!
Со вина недокажана не суди ме!
А не е право туку-така лошиот
за чесен да го сметаш, чесниот за лош.
А отфрлиш ли, сметам, чесен пријател,
ил’ животот – дар најдраг – нема разлика.
Со време јасно тоа ќе го разбереш.
Сал времето го открива праведниот,
а лошиот го дознаваш во еден ден.
ХОРОВОДЕЦОТ:
За тој што не сака да греши, убав збор,
о цару; тој што брза е несигурен.
ОЈДИП:
Штом некој брзо тајно кове завера,
и јас ќе треба брзо да се соземам.
А мирно чекам ли, на оној потфатот
ќе успее, а мојот ќе е залуден.
КРЕОНТ:
Ти што сакаш? Од градов да ме протераш?
ОЈДИП:
О, никако! Не прогон, смрт ти сакам јас.
КРЕОНТ:
Но откога ќе кажеш: што ми замераш?

24
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Противречиш и одбиваш да послушаш?
КРЕОНТ:
Те гледам – не си умен.
ОЈДИП:
За мене јас сум.
КРЕОНТ:
Би требало и за мене.
ОЈДИП:
Но ти си лош.
КРЕОНТ:
А што ак’ грешиш?
ОЈДИП:
Сепак ќе се покориш.
КРЕОНТ:
Но не на лоша власт.
ОЈДИП:
О граде, граде мој!
КРЕОНТ:
И јас сум дел од градов; не е само твој.
ХОРОТ:
Престанете, о водачи! Во добар час
Јокаста, гледам, доаѓа од одаи.
Лутината нек’ стивне сега пред неа!

ПОРАНЕШНИТЕ, ЈОКАСТА
ЈОКАСТА:
О, каква кавга глупава почнувате,
о клетници? Дур земјава боледува
без срам зар лични кавги покренувате?
В двор не одиш ли, ти пак дома, Креонте?
Од ништо рана голема отворате.
КРЕОНТ:
Ми готви страшно нешто Ојдип, твојот маж;

25
Ојдип тиранин

од две ми бира, сестро, зла: ил’ прогонство


од земјава ил’ фатен, да ме убие.
ОЈДИП:
Да, признавам, но јас го фатив, жено, тој
со подмолност кај снова гибел за мене.
КРЕОНТ:
О среќен не бил, клет нек’ згинам, нешто ли
ти направив за кое ме обвинуваш.
ЈОКАСТА:
На ова, Ојдипе, те колнам в богови,
поверувај, а најмногу на клетвата,
од срам пред бози, пред мене и луѓево.
КОМОС
СТРОФА
ХОРОВОДЕЦОТ:
Те молам, цару, биди умен, попушти!
ОЈДИП:
А што сакаш да попуштам?
ХОРОВОДЕЦОТ:
Ни напред не бил неодговорен,
а сега тешко се заколнува.
ОЈДИП:
Дал’ знаеш што бараш?
ХОРОВОДЕЦОТ:
Да, знам.
ОЈДИП:
Па кажи, што.
ХОРОВОДЕЦОТ:
На пријател, што клетва дал, да не фрлиш
ти вина никогаш за збор недоразбран.
ОЈДИП:
Штом такво нешто бараш, сега добро знај,
ти бараш за мене ил’ смрт ил’ прогонство.

26
Ојдип тиранин

ХОРОВОДЕЦОТ:
О, жими Хелиос, од сите бози првиот,
нек’ пропаднам јас отфрлен од бози и пријатели
со гибел страшна, тоа ак’ посакувам!
Но мене кутар ме мачи земјава,
бидејќи нови зла
на стари ѝ додавате.
ОЈДИП:
Сал тој да оди, макар јас и загинал
ил’ презрен ме протерале од земјава,
бидејќи град ми кине твојот жален збор,
не овегов; тој овде ќе е омразен.
КРЕОНТ:
Ем попушташ, а, гледам, полн си омраза.
Ќе страдаш, гнев штом стивне; таквите,
со право, најмачни се сами за себе.
ОЈДИП:
Остави ме и оди!
КРЕОНТ:
Одам; сепак ти
не ме сфати; за други, тој сум – стариот.

ХОРОТ, ОЈДИП, ЈОКАСТА


АНТИСТРОФА
ХОРОТ:
А што чекаш ти, жено? Дома што не го водиш?
ЈОКАСТА:
Штом дознам што се случило.
ХОРОТ:
Од збор сомнение неправедно се изроди;
за срце каса, макар незаслужено.
ЈОКАСТА:
Обајцата ли?
ХОРОТ:
Да, да.

27
Ојдип тиранин

ЈОКАСТА:
Но што рекоа?
ХОРОТ:
Се чини доста, за да сопре онаму
кај застана, при ваков јад за земјава.
ОЈДИП:
Е виде ли до кај стаса, а умен маж,
ко против мене одиш, ме јадосуваш?
ХОРОТ:
Господару, не кажав сал еднаш, сепак знај:
неразумен и далеку од ум би бил,
да немам грижа за тебе,
кој земјата ми мила,
во несреќа потоната,
ја изведе на пат.
И сега, ако можеш, среќно води нè!
ЈОКАСТА:
И мене, цару, жити бога, кажи ми
од што предизвикан си толку разгневен.
ОЈДИП:
Бидејќи, жено, повеќе од другите
те ценам, слушај Креонт што ми замисли.
ЈОКАСТА:
Па кажи за да знам за што те обвини.
ОЈДИП:
Тој вели дека јас сум убиец на Лај.
ЈОКАСТА:
Дал’ сам тој така мисли или чул од друг?
ОЈДИП:
Тој прати злоуст пророк зашто сам
претпочита да остане на уста чист.
ЈОКАСТА:
Остави се од тоа што го зборуваш,
а чуј и сфати дека нема суштество
од смртните, а пророчки што има дар.
За тоа доказ ќе ти дадам накусо:
28
Ојдип тиранин

на Лај му беше еднаш речено од Фојб,


не лично, тоа не велам, од слугите:
му било судено да најде смрт од син
што од него ќе биде роден со мене.
А тој, кажуваат, на троен крстопат
бил убиен од туѓинци – разбојници.
На синот, откако се роди, три сал дни
не минаа, а тој му врза ноџиња,
го фрли некој негов в гора беспатна.
Апóлон потоа не исполни ни тој
да стане таткоубиец ни Лај од син
да претрга од што се беше исплашил.
Е така зборот пророчки ни претскажа;
тие се мисли на тоа; ако сака бог
да искуша, без мака сам си открива.
ОЈДИП:
Од ова сега што го чув ме обзема
во душа сомнеж, жено, страв во срцето.
ЈОКАСТА:
Од какви грижи мачен, така зборуваш?
ОЈДИП:
Ко од тебе да слушнав тоа дека Лај
бил убиен на трипатна крстосница.
ЈОКАСТА:
Да, така велеа и така остана.
ОЈДИП:
На кое место беше таа несреќа?
ЈОКАСТА:
Фокѝда земјата се вика; таму пат
се вкрстува од Делфи и од Давлија.
ОЈДИП:
А колку време измина од настанот?
ЈОКАСТА:
Па нешто порано пред ти да земеш власт
во земјава, на градот беше јавено.

29
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
О Ѕевсе, што реши да сториш со мене?
ЈОКАСТА:
Но зошто тоа, Ојдипе, те засега?
ОЈДИП:
Не прашувај ти веќе. Кажи како Лај
изгледаше, на која возраст тогаш бил.
ЈОКАСТА:
О, висок; тек-тук седи влакна имаше;
на лика од тебе не многу различен.
ОЈДИП:
О, тешко мене! Сам, се чини, без да знам,
со страшни клетви штотуку се проколнав.
ЈОКАСТА:
Што зборуваш? Се плашам да те погледнам.
ОЈДИП:
Се бојам пророкот да не е видовит.
Ак’ уште едно кажеш, појасно ќе е.
ЈОКАСТА:
Ме загрижи; но, знам ли, ќе одговорам.
ОЈДИП:
С’ малкумина ли бил ил’ свита голема
го следела, ко ред што е за владетел?
ЈОКАСТА:
Па вкупно петмина; меѓу нив еден бил
и гласник; една кола Лај го возела.
ОЈДИП:
Оф тешко мене! Веќе јасно е. А кој
за тоа, жено, тогаш вас ве извести?
ЈОКАСТА:
Тој беше роб кој единствен се избавил.
ОЈДИП:
А дали сега случајно е в домов наш?

30
Ојдип тиранин

ЈОКАСТА:
О не. Штом дојде оттаму и научи
от’ ти ја имаш власта, Лај от’ загинал,
ме измоли тој, рака допирајќи ми,
на поле да го испратам со стадата
да биде што подалеку од овој град.
И јас го пуштив. Беше тоа добар роб
што милост и поголема заслужува.
ОЈДИП:
Би можел ли да стаса бргу оваму?
ЈОКАСТА:
Па не е далеку. Зошто ти е пак тој?
ОЈДИП:
Се плашам, жено, дека кажав премногу
па зарад тоа сакам да го видам јас.
ЈОКАСТА:
Ќе стаса вчас, но белки треба јас да знам,
што тебе, цару, толку те јадосува.
ОЈДИП:
Ќе научиш и ти, штом веќе надежта
ме напушти. А кому побргу, низ сè
што минувам, би кажал, ако тебе не?
Мој татко беше Полиб Коринтиецот.
Доранката Мерóпа мајка. Сметан бев
за маж најдостоен од сите онаму
дур’ нешто мошне чудно не ми се случи,
но невредно за моето внимание.
На гозба некој, сосем пијан, изјави
от’ јас не сум бил роден син на татко ми.
Ми беше тешко; тој ден едвам отрпев.
Ко утре отидов кај родителите
да прашам. Нив клеветата ги мачеше,
се лутеа на тој што рекол таков збор.
Се радував на тоа, сепак печеше
реченото; се врежа тоа длабоко.
Без знаење на татко ми и мајка ми,
во Пита отидов, а бог ме врати Фојб
непочестен; ми кажа други несреќи,

31
Ојдип тиранин

стравотии и јадови. Ми рече тој,


родената ми мајка ќе ја обљубам,
за луѓе род неподнеслив ќе изродам,
на татко што ме родил ќе сум убиец.
И, тоа штом го слушнав, воден натаму
од ѕвезди, крајот коринтски го напуштив
за таму да не ги видам исполнети
претскажувањата за моите срамни зла.
Одејќи пристигнав во овој крај, во кој
ти велиш дека загинал владетелот.
А тебе, жено, ќе ти кажам вистина:
на пат, ко бев кај оној троен крстопат,
во пресрет гласник доаѓа и маж, ко ти
што рече преѓе; в кола ждрепци впрегнати.
И кочиџијата и оној старецот
ме тераат од патот мене на сила.
Па возачот, што бараше да с’ иставам,
во гнев го удрив. Старецот ме здогледа
кај минувам крај колата, ме мерна тој
и по глава со остенот ме закачи.
Не помина тој исто, зашто набргу
од моја рака падна погоден со стап;
од сред кола се стркала тој наназад.
Ги убив сите. Сега, тој – туѓинецот,
ак’ има било што со Лај заедничко,
зар има некој од мене понесреќен?
И кој би бил поомразен на бозите?
Та мене сега не смее сограѓанин
ни туѓин да ме пречека ни поздрави,
од праг ќе бидам теран. Не беше пак друг,
а јас бев тој што така сама се проколнав.
Со исти раце гнасам постела на маж,
со кои сум го убил. Злотвор не ли сум?
Зар не сум сосем клет, штом бег ми претстои
и никој свој во прогонство да не видам,
а ни в татковина да не стапнам? Треба брак
зар с’ мајка ми да врзам, Полиб, татко ми
да г’ убијам, што родил и ме отхранил?
Зар тој што суди право не би помислил
от’ ова некој дајмон лош ми направил?
Не допуштај ти, чиста сило божанска,

32
Ојдип тиранин

да видам таков ден! Нек’ појдам поарно


од светов невиден, сал да не дочекам
со таква срамота да бидам жигосан!
ХОРОВОДЕЦОТ:
Нè плаши тоа нас; но тој дур’ не дојде
и не каже, ти, цару, не очајувај.
ОЈДИП:
Сал толку надеж мене ми останува,
да чекам дури не дојде чобанинот.
ЈОКАСТА:
Присуството на оној што ќе олесни?
ОЈДИП:
Па слушај: најдам ли от’ исто зборува
ко ти што рече, маките ги одбегнав.
ЈОКАСТА:
А каков важен збор си слушнал од мене?
ОЈДИП:
Па тоа дека тој ви рекол дека Лај
го убиле разбојници. И сега ист
ли број ни каже, не сум јас убиецот;
та еден не е исто што и мнозина.
Но каже ли, сал еден бил, очигледно
ќе е от’ злото клони на моја страна.
ЈОКАСТА:
Но токму вака беше, знај, изјавено
и сега тој не ќе може да одрече,
бидејќи не чув само јас, а сиот град.
А дури нешто и ако преиначи,
тој смртта, цару, Лајова не ќе може
ко твое дело право да ја докаже.
Од мојот син да умре, Фојб му претскажал,
а сепак оној неволник не го уби,
бидејќи одамна и сам тој загина.
Па затоа јас веќе не се обѕирам
на пророштва, ни сега ниту подоцна.

33
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Ти убаво си мислиш. Сепак прати некого
по пастирот. Тоа не пропуштај го.
ЈОКАСТА:
Ќе пратам веднаш. Туку, ај да влеземе!
Што не ти е по волја, ништо не правам.
(Си одат.)
СТАСИМОН
ХОРОТ:
I СТРОФА
О, да мене судбата ми допушти,
чисти да ми останат
збор и дело!
За нив има светли закони.
А ги создал етер небески,
и татко нивен Олимп е.
Не ги родил нив смртник некаков,
па затоа и никогаш заборавот не ги успа.
Великиот бог е во нив, вечно млад.
I АНТИСТРОФА
Бесот раѓа тиранин.
Бесот, штом глупаво се насити со сенешто,
што ниту нешто чини ниту носи благодат,
се качува на висок врв
па скокнува во јадови,
кај нозете од полза веќе не му се.
А јас се молам, бог неуморен да е
чинејќи добрини на градов наш.
Во милост божја секогаш ќе верувам.
II СТРОФА
Штом некој со чин ил’ дело по лош пат оди
без страв од Правда и без почит кон храмот божји,
нек’ го стаса судба зла
зашто лаком премногу е тој,
штом неправедно си стекнал добивка
и грев не одбегнал
ил’ грешно посегнал по светиња.
Па кој уште маж, штом така е, ќе посака

34
Ојдип тиранин

стрелите на гневот да ги одвраќа од срцето?


Ако такви дела биле чесни,
зошто тогаш јас во свето оро заиграв?
II АНТИСТРОФА
Во свето средиште на земјата
со почит веќе не одам,
во храм на Абаи ни во Олимпија,
ако сите смртници
со ова, јасно кажано, не се сложат.
Но, о владетелу, ако добро слушаш ти,
о Ѕевсе, семоќен господару, нек’ ова тајно не ти е
ни тебе ни на власта твоја бесмртна!
Бил јалов зборот пророчки за Лај
и веќе не важи.
И нигде не го почитуваат Аполона
и слабее во бога вербата.
(Доаѓа Јокаста со робинки кои носат темјан и маслинови гранчиња.)

ТРЕТА ЕПИЗОДА
ХОРОТ, ЈОКАСТА
ЈОКАСТА:
О првенци на земјава, на мисла сум
да отидам во храмови господови
со ’вие венци в раце и со темјани
зашт’ срцето Ојдипово ќе препукне
од грижи секакви. Тој веќе не мери,
ко умен човек, ново според старото;
во власт на тој е, ужаси што кажува.
Штом ништо не сторив со совет, кај тебе,
о ликејски Аполоне, најблискиот,
молејќи доаѓам со, еве, дарови,
да најдеш за нас некој излез поволен.
Та сите сега сме во страв гледајќи го
кормиларот на бродот наш избезумен.
(Доаѓа гласник од Коринт.)

ПОРАНЕШНИТЕ, ГЛАСНИКОТ

35
Ојдип тиранин

ГЛАСНИКОТ:
Дал’ од вас, о пријатели, би научил,
дворовите на царот Ојдип каде се?
Ил’ најдобро, ак’ некој знае, кај е тој?
ХОРОВОДЕЦОТ:
И дворот еве го, тој внатре, туѓинче,
а таа мајка е на деца негови.
ГЛАСНИКОТ:
Нек’ среќна меѓу среќни биде секогаш,
штом била сопруга на оној честита.
ЈОКАСТА:
И ти, о туѓинче, за таков благослов
си достоен. Но кажи што те натера
да дојдеш тука. Каква вест донесуваш?
ГЛАСНИКОТ:
За домот, жено, добра и за сопругот.
ЈОКАСТА:
А што е тоа и од кај ни доаѓаш?
ГЛАСНИКОТ:
Од Коринт. Носам глас, што може пријатен
да е, та зошто не, а може жалостен.
ЈОКАСТА:
Зар двојна моќ да има? Тоа што ќе е?
ГЛАСНИКОТ:
Жителите на крајот истамски за цар
го земаат ко таму што се зборува.
ЈОКАСТА:
А што? Зар Полиб стариот не владее?
ГЛАСНИКОТ:
Па не, бидејќи смртта в гроб го однесе.
ЈОКАСТА:
Та што збориш? Зар Полиб, старче, не е жив?
ГЛАСНИКОТ:
Да умрам, ако вистина не зборувам.

36
Ојдип тиранин

ЈОКАСТА:
Не ќе појдеш ли веднаш на господарот
да кажеш, моме? (Дворјанката оди.) Вие, божји пророштва,
о, каде сте? Од дамна Ојдип избега
од страв да не го убие, а тој пак смрт
од судба нашол, не од рака негова.

ПОРАНЕШНИТЕ, ОЈДИП
ОЈДИП:
О родена, Јокáсто, жено премила,
за што ме викаш овде од дворовине?
ЈОКАСТА:
Ти овој маж ислушај го па размисли,
што излезе од она, бог што претскажа.
ОЈДИП:
Но, кој е човеков и што ми кажува?
ЈОКАСТА:
Од Коринт е и јавува за татко ти,
от’ Полиба го нема, дека починал.
ОЈДИП:
Што зборуваш? Ти кажи сам, о туѓинче!
ГЛАСНИКОТ:
Штом тоа треба најпрвин да разбереш,
знај добро дека отиде засекогаш.
ОЈДИП:
Со измама ил’ болест крај му донесе?
ГЛАСНИКОТ:
На старци мала работа им носи крај.
ОЈДИП:
Го сотрела, се чини, болест кутриот.
ГЛАСНИКОТ:
Но тој и доста долго си поживеа.
ОЈДИП:
О леле, леле! Зошто некој огниште
би честел, жено, питско или гракање

37
Ојдип тиранин

на птици, ако според нив јас требаше


да станам таткоубиец, а сега тој
под земја мртов лежи, јас пак овде сум,
а меч не сум допрел? А може, по мене
од жал тој умрел – виновник сум сепак јас.
И ете, Полиб лежи со нив заедно
во Ад, со пророштва што ништо не вредат.
ЈОКАСТА:
Од кога тоа тебе јас ти кажувам?
ОЈДИП:
Кажуваше, но страв ме беше залудел.
ЈОКАСТА:
И ништо веќе на срце да не клаваш.
ОЈДИП:
А зар да немам страв од легло мајкино?
ЈОКАСТА:
А зошто страв штом судбата управува,
а човек ништо не може да предвиди?
И најдобро е безгрижно да живееш.
Од постела ти мајкина не плаши се
бидејќи многу луѓе на сон спиеле
со мајка си. А најлесно си минува,
кој воопшто на такви нешта не мисли.
ОЈДИП:
Во ред ќе беше сè што кажа, жива сал
да не е мајка ми. Дур’ таа живее,
ќе имам страв и покрај твојот убав збор.
ЈОКАСТА:
Но гробот татков ти е добра утеха.
ОЈДИП:
Се сложувам, но таа жива влева страв.
ГЛАСНИКОТ:
Од која тоа жена сте исплашени?
ОЈДИП:
Мерóпа, старче, жената Полибова.

38
Ојдип тиранин

ГЛАСНИКОТ:
А што е тоа кај неа, што влева страв?
ОЈДИП:
Од бога страшно пророштво, пријателе.
ГЛАСНИКОТ:
А можам ли да знам ил’ не е за пред друг?
ОЈДИП:
О, секако. Локсѝја рече некогаш
от’ јас со мајка ми ќе делам постела
и мои раце крв таткова ќе пролеат,
па затоа од дамна Коринт далеку
го оставив; и среќно. Сепак, лицето
на родителите е глетка најмила.
ГЛАСНИКОТ:
Од страв од тоа оттаму ли отиде?
ОЈДИП:
И татко, старче, не сакав да убијам.
ГЛАСНИКОТ:
Па зошто, цару, страв да не ти отклонам,
со добра намера штом дојдов кај тебе?
ОЈДИП:
Соодветно и јас ќе ти благодарам.
ГЛАСНИКОТ:
За тоа најмногу и дојдов: добивка
да имам некоја, штом дојдеш дома пак.
ОЈДИП:
Кај родителите јас веќе не одам.
ГЛАСНИКОТ:
Се чини, синко, не си свесен што правиш.
ОЈДИП:
Но како, старче, кажи, жити бозите.
ГЛАСНИКОТ:
Штом дома не одиш бегајќи од ними.

39
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Се плашам да не излезе от’ Фојб бил прав.
ГЛАСНИКОТ:
Да сториш чин родоскрвен с’ родители?
ОЈДИП:
Од тоа, старче. Тоа влева вечен страв.
ГЛАСНИКОТ:
А, знаеш дека нема причина за страв?
ОЈДИП:
Но, како нема, кога сум им роден син?
ГЛАСНИКОТ:
Бидејќи Полиб не ти е баш ништо род.
ОЈДИП:
Ма што рече? Зар Полиб татко не ми е?
ГЛАСНИКОТ:
Да, исто колку јас; ни трошка повеќе.
ОЈДИП:
Род никаков – со татко ми се спореди?
ГЛАСНИКОТ:
Не те родил ни оној тебе ниту јас.
ОЈДИП:
А зошто оној син ме нарекуваше?
ГЛАСНИКОТ:
На дар те зеде дамна, знај, од мои раце.
ОЈДИП:
Од друг зар земен, толку тој ме засакал?
ГЛАСНИКОТ:
Бездетството поранешно го убеди.
ОЈДИП:
Ме даде нему купен ил’ ме најде ти?
ГЛАСНИКОТ:
Те најдов во долините на Китајрóн.

40
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Што си барал пак ти во тие краишта?
ГЛАСНИКОТ:
Ги чував таму стадата во горите.
ОЈДИП:
Зар овчар скитник беше ти за награда?
ГЛАСНИКОТ:
И твој во тоа време, синко, спасител.
ОЈДИП:
Ко ти ме зеде, што имав претргано?
ГЛАСНИКОТ:
Глуждовите на нозете ќе покажат.
ОЈДИП:
О леле, какво старо зло ми кажуваш?
ГЛАСНИКОТ:
Ти одврзав јас ноџиња прободени.
ОЈДИП:
Од колепка зар таков срам доживеав?
ГЛАСНИКОТ:
И името го доби според судбата.
ОЈДИП:
Од мајка ил’ од татко, кажи, жити сè.
ГЛАСНИКОТ:
Кој ми те даде знае подобро, јас не.
ОЈДИП:
Од друг зар си ме зел? Не ме најде ти сам?
ГЛАСНИКОТ:
А, не; те презедов од еден пастир друг.
ОЈДИП:
А, кој е тој? Ќе можеш да го посочиш?
ГЛАСНИКОТ:
Зборуваа, од луѓето на Лаја бил.

41
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Од царот зар некогашен на овој крај?
ГЛАСНИКОТ:
Да, да; тој беше чобан токму онегов.
ОЈДИП:
Дал’ жив е уште? Да го видам, може ли?
ГЛАСНИКОТ: (На хорот.)
Па вие овде најдобро би знаеле.
ОЈДИП:
Дал’ има некој од вас, овде коишто сте,
за чобанот, за кого зборува, да чул
ил’ в поле да го видел или овде, в град?
Нек’ каже, час е тоа да се открие.
ХОРОВОДЕЦОТ:
Јас мислам, тој е оној од полињата,
што преѓе рече ти, да дојде оваму.
Јокáста најдобро ќе каже за него.
ОЈДИП:
Дал’ мислиш, жено, тој што го повикавме
и тој, за кого овој зборува, е ист?
ЈОКАСТА:
За кого тој пак зборува? Не грижи се
и тоа на ум напразно не ставај го!
ОЈДИП:
Но не ќе допуштам, штом трага оваква
јас најдов, родот свој да не го откријам.
ЈОКАСТА:
Не, жити бози, ако живот ти е мил,
да не бараш; та доволно јас претргав.
ОЈДИП:
Не плаши се. Да сум од трето колено
по мајка роб, на лош глас ти не ќе бидеш.
ЈОКАСТА:
Послушај ме, те молам, тоа не прави!

42
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Не, не слушам дур’ сигурно не разберам.
ЈОКАСТА:
Ти мислам добро, кажав што е најарно.
ОЈДИП:
Е баш најдоброто ме јаде одамна.
ЈОКАСТА:
О, не узнаел за навек кој си, клетнику!
ОЈДИП:
Ќе оди л’ некој оној да го доведе?
А таа нек’ се радува на висок род.
ЈОКАСТА:
О, тешко тебе кутриот! Е тоа сал
ти кажувам и друго веќе никогаш.
(Си оди во дворот.)

ХОРОТ, ГЛАСНИКОТ, ОЈДИП


ХОРОВОДЕЦОТ:
Што отиде, о Ојдипе, обземена
од дива жалост женава? Од нејзин молк
се плашам несреќа да не се изроди.
ОЈДИП:
Што сака нек’ се изроди. Јас семката
и незнатна да е, ќе сакам да ја знам.
А таа, може зашто е од висок род,
се срами што сум јас со ниско потекло.
Но јас, се чини, дете сум на среќата
дарежлива, па нема да се засрамам.
Та таа ми е мајка, а месеците
мој род; и мал и велик ме направија.
Штом таков роден сум, јас друг не бидувам,
па сега родот свој да не го разберам.
СТАСИМОН
ХОРОТ:
СТРОФА
Јас дарба ако имам пророчка

43
Ојдип тиранин

и ако нешто знам,


о, Китајрóне, жими Óлимпа,
штом утре огрее месечина,
ќе знаеш како тебе
ко родина Ојдипова те славиме,
хранителка и мајка негова,
и како ора в твоја слава водиме
зашт’ милозлив си бил
кон мојот владетел.
О Фојбе избавителу,
нек’ ова тебе те израдува!
АНТИСТРОФА
Која тебе, дете,
која нимфа те родила,
од Пан, горски отец, повалена
ил’ од Локсѝја љубена?
Нему му се мили ливаѓето рамни.
Дал’ тој Килáна што ја владее
ил’ богот Бакх,
што живее во гори високи,
ми те прими ко најденче
од нимфите хеликонски
с’ кои љуби да си игра?

ЧЕТВРТА ЕПИЗОДА
ХОРОТ, ОЈДИП, ГЛАСНИКОТ, ПАСТИР
ОЈДИП:
Ак’ треба јас да погаѓам, а сретнато
го немам уште, старци, чинам, чобанот
го гледам, кого одамна го бараме.
По возраста се сложува со оној маж,
а тие што го водат, ги препознавам
ко слуги мои, но подобро ќе знаеш ти
бидејќи веќе си го видел чобанот.
ХОРОВОДЕЦОТ:
Го познавам, се разбира; тој на Лај
му беше верен чобан, како никој друг.

44
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Прв тебе, Коринтиецу, те прашувам:
дал’ овој тој е?
ГЛАСНИКОТ:
Тој што ти е пред очи.
ОЈДИП: (На доведениот пастир.)
Ти, старче, гледај во мене и зборувај
што прашувам: дал’ Лајов беше некогаш?
ПАСТИРОТ:
Бев роб, но не бев купен, дома одгледан.
ОЈДИП:
Што правеше и каков помин имаше?
ПАСТИРОТ:
Со стадата го минев главно животот.
ОЈДИП:
Во кои места најмногу се бавеше?
ПАСТИРОТ:
На Китајрон, а и во околината.
ОЈДИП:
А дали си го сретнал таму овој маж?
ПАСТИРОТ:
Тој, што правел? За каков маж ми зборуваш?
ОЈДИП:
За овој. Ти си имал нешто со него?
ПАСТИРОТ:
Не би можел да кажам така наеднаш.
ГЛАСНИКОТ:
И не е чудно, цару. Ќе го потсетам
јас јасно, штом заборавил: веројатно
се сеќава ко некаде на Китајрон,
со две си стада тој, а јас со едно сал,
три така лета цели другарувавме,
од пролет сè до есен – шесте месеци.
А зиме секој своите ги водеше:

45
Ојдип тиранин

во трло јас, а тој во стаите на Лај.


Дал’ вака е ко јас што кажувам ил’ не?
ПАСТИРОТ:
Ти точно кажа иако е настан стар.
ГЛАСНИКОТ:
Дал’ помниш, кажи, дека дете некое
ми даде како свое да го одгледам?
ПАСТИРОТ:
А што пак тоа, зошто ме испрашуваш?
ГЛАСНИКОТ:
Е тоа дете овој е, пријателе.
ПАСТИРОТ:
Да пукнеш поарно! Зар не ќе замолчиш?
ОЈДИП:
Не кори го зашт,’ старче, твоите зборови
се повеќе за прекор од неговите.
ПАСТИРОТ:
Што сум згрешил јас, најдобар господару?
ОЈДИП:
Па молчиш тој дур’ прашува за детето.
ПАСТИРОТ:
Без врска зборува, се мачи попусто.
ОЈДИП:
Со мило нејќеш ли, со плач ќе зборуваш.
ПАСТИРОТ:
О, немој, жити бога, да ме мачиш стар.
ОЈДИП:
Зар нема брзо раце да му свиете?
ПАСТИРОТ:
О беља! Зошто? Што сакаш да разбереш?
ОЈДИП:
Го даде детето за кое прашува?

46
Ојдип тиранин

ПАСТИРОТ:
Го дадов. Да. О, како тој ден не умре?
ОЈДИП:
Ќе биде тоа, право ако не кажеш.
ПАСТИРОТ:
Ак’ кажам, многу побргу ќе загинам.
ОЈДИП:
Се чини, овој сака да се натега.
ПАСТИРОТ:
Јас не; па веќе реков дека сум го дал.
ОЈДИП:
Од кај го зеде? Куќно ил’ од некој друг?
ПАСТИРОТ:
Не мое. Јас го презедов од некого.
ОЈДИП:
Од кого од граѓаниве? Од кој пак дом?
ПАСТИРОТ:
Те колнам цару, повеќе не прашувај!
ОЈДИП:
О, готов си, те запрашам ли повторно.
ПАСТИРОТ:
Од луѓето на Лаја беше некој маж.
ОЈДИП:
Дал’ роб ил’ некој негов роднина по крв?
ПАСТИРОТ:
О леле, морам ужаси да кажувам.
ОЈДИП:
А јас да слушам; мора да се дознае.
ПАСТИРОТ:
Зборуваа, бил негов син; како било,
најубаво ќе каже внатре жена ти.
ОЈДИП:
Зар таа ти го даде?

47
Ојдип тиранин

ПАСТИРОТ:
Да, господару.
ОЈДИП:
А ти, што да сториш?
ПАСТИРОТ:
Па, да го убијам.
ОЈДИП:
Зар кутра мајка?
ПАСТИРОТ:
Да, од страв од божји збор.
ОЈДИП:
Од кој?
ПАСТИРОТ:
Родители да сотре, било збор.
ОЈДИП:
И зошто ти го предаде на старецов?
ПАСТИРОТ:
Од жал. Си мислев, цару, ќе го однесе
во друг, во својот крај. А тој го избавил
за зло најголемо. И, ако ти си тој
за кого овој збори, небидник си, знај.
ОЈДИП:
О леле! Сè ми е јасно. О виделино,
за последно те гледам. Разбрав: роден сум
од кои не требало, со кои не требало
сум живеел, сум убил кого не смеев.
(Си одат, останува хорот.)
СТАСИМОН
ХОРОТ:
I СТРОФА
О роде човечки,
колку ти чини животот?
На ништо тој е еднаков.
И, кој ли, кој ли постигнал
среќа поголема од онаа,

48
Ојдип тиранин

што сал му се чини,


а, штом му се пристори,
тој пропаѓа?
Имајќи го твојот пример
и твојата, о твоја судба, Ојдипе,
ниту еден смртник среќен веќе не ќе го сметам.
I АНТИСТРОФА
Прекумерно ти погоди
и го доби благословот семилозлив;
о Ѕевсе – сотирајќи ја
девицата кривонокта – гатачката.
Крепост стана исправена
на земјава моја против смртта.
Па затоа мој цар стана,
почитуван ти најмногу,
владетел на моќна Теба.
II СТРОФА
А сега има некој зар, за кои ние бар сме слушнале
да е понесреќен? Кого тркалото на животот
го турнало подлабоко во лути јадови и неволји?
Ој Ојдипе, славна главо,
зар истото брачно легло,
зар големо беше толку
да го прими синот ем таткото?
О, како, како татково ти брачно легло,
клет човеку,
молкум толку те трпеше?
II АНТИСТРОФА
Тебе беден времето те откри;
нему скришно ништо не му бива;
го казнува бракот грешен одамнешен
на родител и на дете.
Леле, дете о Лајово,
о камо, камо да
никогаш не те видов!
Сега жалам прекумерно,
од устата сал тажачки;
а, право да кажам,

49
Ојдип тиранин

с’ твоја помош се созедов


и очите в сон ги склопив.
(Од дворот излегува гласник.)

ЕКСОДА
ХОРОТ, ГЛАСНИКОТ од дворот
ГЛАСНИКОТ:
О првенци најчестени на овој град,
о, какво зло ќе чуете и видите
и каков јад ќе сетите, ак’ на срце
вам уште ви се домови Лабдакови!
Ни Истар, мислам, ниту Фасин овој дом
не го мијат од зла што тој ги крие; в час
на видело ќе излезат; и сторени
се свесно, не без намера; а најсилно
те горат јадови што сам си задаваш.
ХОРОВОДЕЦОТ:
И она веќе порано што разбравме
е преболно. Што уште ќе ни раскажеш?
ГЛАСНИКОТ:
Што најбргу се кажува и узнава
од сè: Јокáста умрела божествена.
ХОРОВОДЕЦОТ:
О, кутрата! А која е причината?
ГЛАСНИКОТ:
Та самата. Најжалната пак работа
не ја знаеш бидејќи таму не беше.
Но, колку што ме служи сеќавањето,
ќе дознаеш за маките ти нејзини.
До трем штом дојде, како споулавена,
кон брачната се здаде веднаш постела
и коси кубеше со обете раце.
А кога влезе, вратата ја затвори
и викаше по Лаја, мртов одамна,
и дете си спомнуваше некогашно,
од кое тој е убиен, а мајката
ја оставил на син да раѓа пород клет.

50
Ојдип тиранин

И легло оплака, кај двојна несреќа,


– и маж од маж, од дете деца родила.
И потоа јас не знам како умрела.
Викајќи Ојдип провали па затоа
и не е виден крајот нејзин. Гледавме
сал во него кој талкаше наоколу.
Барајќи од нас меч да му подадеме
да најде жена – не сал жена, мајчин скут
од мајка двојна – своја и од деца му.
Ја виде бесен, поучен од некој бог,
не од нас – мажите, што близу стоевме.
Тој пушти крик, ко нешто да го поведе,
во двојната се втурна врата, пречката
се улегна, тој провали во собата.
И жената ја видовме обесена
со јаже плетено заврзана. А тој,
ја гледа грешникот па страшно заечи
и јаже одврза па кутра наземи
се најде. Потем беше страшна глетката:
од фустан ѝ извлече направени
од злато игли – накитот на онаа.
Ги подигна, си удри среде очите
велејќи дека тие не ќе гледаат
ни што тргал ни какви сторил гревови.
Во мрак ќе гледа сега кого не смеел,
по кого копнеел, не ќе препознава.
Тажејќи вака удри повеќе пати,
не еднаш, с’ клепки кренати. Од очите
по брада крв се слеа; капки крвави
не капеа влажејќи бавно; порој црн
од крвав дожд одненадеж му потече.
Од двајца, не одбра сал еден она зло,
а беше зло за мажот и за жената.
А среќата некогашна ним вистинска
им беше среќа. Сега еве, овој ден
и плач и грев и смрт и срам, од сенешто,
што зло се вика, ништо не недостаса.
ХОРОВОДЕЦОТ:
А сега јадот стивна ли на кутриот?

51
Ојдип тиранин

ГЛАСНИКОТ:
Тој врата викаше да отворат, па род
нек’ Кадмов види маж што убил татко свој,
со мајка – грози кажа – не се кажува...
Од земја сам ќе с’ изгони и дома клет
тој не ќе остане – ко сам што проколна.
Му треба помош пак и водач некаков –
та јадот претежок е да го поднесе.
И тебе ќе ти покаже. Се отвара
и вратата; ќе видиш глетка набргу
на која дури душман би се сожалил.
(Го водат Ојдипа.)

КОМОС
ХОРОТ, ОЈДИП
ХОРОТ:
О маки ужасни за око човечко!
О најстрашно од сè што досега
доживеав! Што лудост, клетнику,
те обзела?
Кој дајмон ли се нафрлил
со бура пострашна и од најстрашните
на судба твоја несреќна?
Јас не можам ни да те погледнам,
а сакав да те запрашам, да разберам
и многу нешта јас да видам.
Што ужас ти ми причини!
ОЈДИП:
О, тешко мене! Кутар јас!
Та каде одам небидник?
И каде гласот мој се разлева?
О, каде, дајмоне, ме гониш ти?
ХОРОВОДЕЦОТ:
Во страшно зло – ни видено ни чуено
I СТРОФА
ОЈДИП:
Ах, страшен, темен облаку, надоаѓаш
безмилостен а довеан од лоши ветришта!
52
Ојдип тиранин

Еј тешко,
еј тешко мене! Заедно со иглите
и спомени на злото боцкаат.
ХОРОВОДЕЦОТ:
За чудење и не е в ова несреќа
што двојно страдаш и што двојно трпиш бол.
I АНТИСТРОФА
ОЈДИП:
Ах пријателе,
сал ти си помошник мој сè уште,
и уште тука си и за мене ти слеп се грижиш.
Ај, ај!
А јас веќе не те гледам, сум в темнина,
па сепак гласот твој го познавам.
ХОРОВОДЕЦОТ:
О, страшно стори! Очи зар се осмели
да изгаснеш? И кој ли бог те поттикна?
II СТРОФА
ОЈДИП:
Апóлон, мили мои, Апóлон беше тој,
што несреќи и страдања ми смисли овакви.
Но очи никој друг не м’ ископа –
тоа јас го сторив бедниот со свои раце и сам.
А што треба да гледам јас,
штом ништо свидно нема повеќе да здогледам?
ХОРОВОДЕЦОТ:
Токму така е ко ти што зборуваш.
III СТРОФА
ОЈДИП:
Што остана да видам уште јас,
да љубам – кого? Кому да му зборувам?
Со наслада да слушам – кого, о пријатели?
Водете ме што побргу одовдека!
Водете ја, пријатели и ова беда голема –
најпроколнат,
на богови најомразен од смртните!

53
Ојдип тиранин

ХОРОВОДЕЦОТ:
Несреќнику, ти свесен си за бедата.
О, камо никогаш да не те запознав!
II АНТИСТРОФА
ОЈДИП:
О, проклет тој да е,
кој тврди окови од нозете ми извади
на пасишта, од смрт ме спаси, избави!
Тој ништо добро не сторил;
да умрев тогаш јас,
ни ним, на милите, ни мене толку јадоави.
ХОРОВОДЕЦОТ:
И јас ќе сакав така да се збиднеше.
III АНТИСТРОФА
ОЈДИП:
И убиец на татко ми
не ќе станев и луѓе не ќе велеа,
сум станал маж на жена што ме родила.
А сега грешник сум и син на грешница,
со онаа сум, од која беден роден сум.
Па, ако постои од лошо нешто полошо,
врз Ојдипа се струпало.
ХОРОВОДЕЦОТ:
Јас не знам дал’ да речам: добро направи.
Да умреше е подобро од слепец жив.
ОЈДИП:
Па дека вака најдобро не излезе
не учи ме и веќе не советувај.
Јас не знам с’ какви очи ќе го погледнам
во Адот татко ми штом таму пристигнам
и мајка кутра. Пред нив обата сум крив
и повеќе од заслужен за бесилка.
Зар глетка сакана ќе ми се децата
штом потомство на ваков начин создадов?
О, не и не; за моите очи никогаш!
Ни град ни тврдина ни свети кипови
на бози; од нив сам јас, најсреќниот
во Теба маж, што најсјајно поживеал,

54
Ојдип тиранин

се лишив. Сам заповедав: од секого


да биде гонет грешникот, обележан
од бози престапник, а потомок на Лај.
Па откако јас сам го открив мојот грев,
дал’ можам вас во очи да ве погледам?
Не, никако. Да можев да го пробијам
и изворот на слухот, не би пропуштил
да заградам од сешто тело несреќно;
да бидам слеп и сосем глув; та мислата
да биде слободна од зла е најубаво.
Китајроне, ти зошто в скут ме прифати
и зошто в час не ме уби па никогаш
да не се разбере, од кај сум потекнал?
О Полибе и Коринте, што татков дом
те сметав стар, о, како вака убав маж,
а гнил и полн со злини ме одгледавте?
Јас сега гледам – лош сум бил и родот лош.
О трите вие патишта и долу скрит,
дабовнику и теснецу на крстопат,
што крв од мојот татко ми се напивте
од мои раце, зар уште се сеќавате
што јас ви сторив, потоа и натаму
одејќи што сум направил? О браку свет,
што мене си ме создал, зарем направи
пак семето да про’рти и изнесе
на свет и татковци и браќа, деца – крв
измешана, и жени, мајки, невести
– сè најсрамно кај луѓето што бидува.
За грдото пак грев е и да зборуваш.
Што побргу, ве молам, мене скријте ме
кај било; ил’ убијте ме ил’ в морето
фрлете ме па никој да не ме види.
Допрете го несреќниот без гадење,
послушајте, не бојте се. Та вакво зло
не би поднел од смртни никој освен јас.
ХОРОВОДЕЦОТ:
Што бараш, еве Креонт сега доаѓа
да одлучи и изврши бидејќи тој
сал остана на твое место водач наш.

55
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
О кутар јас, со кој збор да се обратам?
Зар може праведен да биде кон мене?
Та кон него јас сосем лош се покажав.
(Доаѓа Креонт со свитата.)

ХОРОТ, ОЈДИП, КРЕОНТ


КРЕОНТ:
Не сум дошол да ти се смеам, Ојдипе,
ни да те укорам за стари навреди.
(Кон слугите што го довеле Ојдипа.)
А вие, ако смртен род сте презреле,
чест имајте кон пламенот на Хелиос,
што храни сè, па не покажувајте го
баш така јавно гревот; не ќе прифати
ни земјата ни дождот свет ни светлоста.
И дома вие поскоро водете го!
Та право е сал роднини да гледаат
и слушаат за пропаста на својот род.
ОЈДИП:
Штом надеж, жити бози, не ми остави
и ти најдобриот кај најлош дојде, чуј,
ќе кажам зарад тебе, зарад мене не.
КРЕОНТ:
Ти што бараш штом вака ме преколнуваш?
ОЈДИП:
Од крајов да ме протераш што побргу
кај било кај со никој не ќе прозборам.
КРЕОНТ:
Ќе сторев, добро знај, сал ак’ не требаше
бог најпрвин да каже што да се стори.
ОЈДИП:
Но сосема е јасна речта негова:
да загинам јас – беден таткоубиец.
КРЕОНТ:
Тој така рече, но во ваква прилика
е подобро да прашаме што да сторам.

56
Ојдип тиранин

ОЈДИП:
Зар ќе прашувате за човек изгубен?
КРЕОНТ:
Па сега белки ќе му веруваш и ти.
ОЈДИП:
Јас барам од тебе и те преколнувам:
на онаа што лежи каков сакаш гроб
направи ѝ; за твои твоја грижа е.
А мене мојов татков град дур’ живеам
да не сака за жител да ме прифати.
Остави ме да живеам на Китајрон
што мој се вика; него мене-жив за гроб
и мајка ми и татко ми го избрале;
нек’ умрам од нив; тие ме уништиле.
А ова знам: од болест или друго зло
не умирам бидејќи избавен од смрт
не ќе бев освен зарад друго страшно зло.
Но за мене нек’ судбата се исполни.
За децата, о Креонте, за машките
не грижи се; та мажи се и кај да се,
во животот не ќе бидат страдалници.
За моите кутри, жалосни девојчиња
на кои софра никогаш не им беше
поставена ак’ не бев јас, а со мене
си делеа од сè што јас ќе допирнев.
Погрижи се ти за нив. Сега дај јас нив
со рака да ги допрам, несреќа да оплачам.
(Креонт оди по Антигона и Измена.)
Ај кнезу!
Ај потомче благороден! Ги допрам ли,
ќе имам чувство како да ги гледам пак.
(Ојдип молчи и наслушува додека Креонт се враќа со Ојдиповите ќерки кои плачат.)
Но што велам?
Зар не слушам јас, жити бога, милите
кај плачат? Зарем Креонт ми се сожалил,
ми испратил зар деца мои најмили?
Дал’ тоа е?

57
Ојдип тиранин

КРЕОНТ:
Да, тоа е. Те видов дека копнееш
поодамна и тоа ти го исполнив.
ОЈДИП:
Благословен да си и бог за грижата
нек’ даде посреќен да си од јас што бев.
О деца, каде сте? Ај ваму дојдете
во братски раце очи што нагрдија
на татко ви, со сјај донедамна,
а вие сега вакви да ги гледате.
Ни истражив ни видов; станав татко ваш
со жена, деца, мене што ме родила.
Но вас ве плачам; да ве гледам не можам,
знаејќи каков горчлив живот натаму
ќе имате, што мора да се живее.
На какви градски собири ќе појдете,
на какви слави, а дома да не дојдете
со солзи наместо со сјај во очите?
А ко ќе стаса возраста за мажачка,
кој тоа може, деца мои, да замиже
штом чул за оној срамен чин, родители
што сотрел мои, наедно и вашите?
А кој грев недостасува? Та татко ви
си убил татко, сторил грев со мајка си
од која сам е роден; иста утроба
ве носела од која сум се родил јас.
Со тоа грдени ќе бидете. Па кој
ќе проси такви? Никој, деца. Секако,
немажени, без пород ќе чезнеете.
О сине Менојков, штом ти им остана
сал татко, обата што нив ги родивме
сме умрени, не допуштај да скитаат
ко просјачки немажени, а род ти се.
И не поистовети ги со моите зла!
Смилувај се гледајќи ги ти млади нив,
без ништо освен она, сам што би им дал.
И вети, рака подај, добар човеку.
А вас, о чеда, многу ќе ве упатев,
да бевте зрели. Вака, посакајте ми

58
Ојдип тиранин

да живеам кај може. Вие живејте


пак живот подобар од тој на татко ми.
КРЕОНТ:
Та доста плачење! Во куќата да влезеш, подобро.
ОЈДИП:
Ќе послушам, но не сум рад.
КРЕОНТ:
Во прав час што е, добро е.
ОЈДИП:
Под каков услов одам, знаеш?
КРЕОНТ:
Кажи. Слушнам ли, ќе знам.
ОЈДИП:
Да одовде ме протераш.
КРЕОНТ:
Ко бог што ќе заповеда.
ОЈДИП:
На бозите сум омразен.
КРЕОНТ:
Па бргу сон ќе оствариш.
ОЈДИП:
Зар мислиш?
КРЕОНТ:
Залуд не сакам да зборувам што не мислам.
ОЈДИП:
Нив никако не ги давам.
КРЕОНТ:
Во сè ти силен не биди
зашт’ насила што постигна, во животот го изгуби.
ХОРОТ:
Жители на родна Теба, Ојдипа гледајте го!
Славни гатки знаеше и беше човек најмоќен.
Нема граѓанин што не му завидел на среќата.

59
Ојдип тиранин

Сега еве потонал во вир на страшни несреќи.


Затоа, штом смртен некој е, а оној краен ден
не го дочекал, не сметај го за среќен, сè дури
граница на живот не минал, а мака не видел.

КРАЈ

60

You might also like