You are on page 1of 11

Ангелина

Георги Сталев

АНГЕЛИНА

1
Ангелина
ЛИЦА:
Болен Дојчин
Ангелина
Црна Арапина
Побратимите на Дојчин:
Умер Бичакџија
Митре Поморјанче
Плетикоса Павле

2
Ангелина
(Сцената е во потполн мрак. Ја осветлува Ангелина која влегува со свеќник и свеќа во
рацете. Се приближува кон фиктивна икона. Декор – сосема неопределен.)
АНГЕЛИНА: (Клекнува и се крсти пред иконата. Сосема мала пауза.) Се плашев, боже,
од овој крст што години со ред ме одлесувал од тебе, од мајка и од светот... А тебе, кому
му го поднесувам својот грев (не знам дали за покајание!) со она сето што ти го сторив –
безгранична милост од очите ти гори штом ракава и устава не ми ги фати уште при првиот
обид прстиве во тројство да ги зберам... И, каква ќе е таа моја вера штом тебе само
еднашка те споменав кога се видов на светов сама, препалена во таа волчја јама самотија
што се вика?... На својот грев јас верна сум му лика... А кој е тој бог што човеку би
поверувал по толку предавства извршени па макар не сакајќи тоа да го сторил? Со кого
човек после треба да се бори за спасот на душата самообесчестена – доколку спасот на
таква душа ѝ треба!... На мислава моја изместена смилувај се, о боже, ако може и твојата
милост тука нешто да стори! (Паѓа врз одарот што сега јасно е осветлен.) За својот спас
ли тоа јас се молев?!... Молитва тоа ли беше на грешен или, пак, лелек и само сомневање
ново што во овој живот нема што веќе да изменува?... Дојчин ли треба да се споменува
или, пак, другите тројца што од преголем мерак кон мене – мене ме намразија за смртта
своја што јас им ја донесов! Ме мачат тие сенки, тие мои жртви збигорени, озборени
заедно со мене од светот, изгорени заедно со мене – зашто едно бевме во големината на
својот грев. Ме мачат, а сепак, знам дека уште еднаш предавник ќе бев да го повтореа тие
предавството свое... Боже, о боже!... Не се ослободив никогаш од тоа свое двојство на
чувар и тат, да бидам сестра и држанка на својот брат, да се борам – однапред сакајќи
поразена да бидам, во исто време сите свои жртви што се мртви да сакам повтор да ги
видам спрострени пред нозеве мои – а за кои сѐ би дала со жив збор и поглед да ме
помилуваат!... Што проклетство би што ме населуваат добрината и злото со сите свои
својства испомешани та не знаев што зло е, што добрина е?... А, дали не знаев?!... Пред
кого тоа во лага се фаќам кога самата пред себе секогаш вака сум коленичела?... Лагата
моја отсекогаш личела на збор, свртен кон мене само, небарем тоа сум јас другиот лагата
кому што му е наменета! Душата ми е пленета од веки назад до веки ваму од она што моја
поразија ми било. Не остана на светот мило со кого што не болкава туку мислава сега би ја
поделила... Но, што, кога не знаев милото за себе, кутра, да го дочувам?... И така, не
судбината мене ми определила – како на другите – животна врвина, туку јас тоа судбината
ја создавав камен по камен – во неа да ја соѕидам својата првина, мерак ли, болест ли, или
таговина.
(Светлосниот сноп се пренесува врз одарот, на кој сега лежи Болен Дојчин.)
ГЛАСОТ НА ДОЈЧИН: „Ангелино, првна љубов! Дали ти се здодеало зашто лежам три
години, три години на постеља?...“
АНГЕЛИНА: (Не гледајќи натаму, со поглед сѐ напред.) Не!... Слухов ме мами! Не насамо
сами, туку овдека сама сум јас! (Тихо.) Господи! Тоа ли духов ми постана?... (Гласно.)
Црна Арапина негде во сонот остана! Ништо не ја тревожи мислава моја!
ГЛАСОТ НА ДОЈЧИН: Јас сега знам, сестро Ангелино, дека во Солунско Поле, крај
брегон Арапинот слегол на ден барајќи по девојка лична, и сега твојот ред е – негова да
бидеш... „Еве има за толку години сабја в рака не ми е фатена, веќе ми е сабја ’рѓосана.
Однеси ја Умер бичакчију да ми остри сабја вересија, – ако станам, скапо ќе му платам,
ак’ не станам – алал да ми чини!...“
АНГЕЛИНА: (Во очај, се фаќа со раце за глава.) Не терај ме, клета, во истиот грев да се
повторувам! Ти каков бог си што во тоа ново, а старо безумје ме тераш?!
ГЛАСОТ НА ДОЈЧИН: Јас не како бог тоа ти го зборувам, туку – како дел од мислата
твоја! Залажувајќи се, луѓето рекле дека човекот двапати ни умира ниту се раѓа,
заборавајќи дека злото паѓа не од небото, туку од срцата наши. Затоа, сѐ нешто навистина
ме плаши дека тоа Арапинот повторно распнал чадор крај брегот. И кој ќе го убие него,
мислејќи дека срцето ќе си го позлати, всушност само уште една можност му дава од
својата пепел повтор да крене глава. Го убив еднаш, и пак ќе се обидам да го убијам, да
3
Ангелина
видам дали срцево мое во злато ќе закоравее. Гледаш ли како, ако не раниве, душава тоа
ми здравее?!... Појди кај Умера! Ако ли и сега не сака сабјата да ми ја наостри – спомни
му дека милоста моја го чека – калинка зрела од чиешто мездре крвта нечија се цеди!
(Фигурата и постелата на Дојчин се губат.)
АНГЕЛИНА: (Која и понатаму воопшто не гледа кон постелата, се исправа во ужас,
прави неколку неопределени движења. Снопот светлина сега го осветлува Умера.)
УМЕР: (Истапува чекор-два кон неа, подземајќи ја од нејзините раце замислената сабја.)
Со закана доаѓаш, суденице ничија! Но мене смртта не ме плаши веќе: на тој што еднаш
постоењето му го заличија, со новата смрт нема што да изгуби! Премногу згрешив,
премногу паднав не толку побратимството што го предадов колку што душава страдна се
обиде меракот тоа да ти го изнуди тебе. А знаев дека тебе редот ти беше со Црна Арапина
ноќта да ја делиш... Но, тогаш си помислив: Ако не можат тие очи мои да бидат – очиве
мои уште утре ќе ги видат истечени, згмечени во дланките на крвникот од Арапија. А тоа
веќе смрт и заслужуваше!... Сега е доцна сѐ. Ти веќе си должна мене да ме мразиш!
АНГЕЛИНА: Не! За твојата смрт јас исто толку сум виновна.
УМЕР: Мојата смрт беше неминовна. Дури и тебе да сакав да ти напакостам – требаше на
сите бедници да мислам што смртта ги чекаше во чадорот на Црната Арапина! Душава,
колку и да ми пекаше, попроклета не можеше да стане со ништо, од она што јас го сторив,
ранет во својата суета преболна. Во немоќта своја не измислив друго освен да покажам
колкава злоба човекот можел во секоја доба од животта своја да покаже... Сега ја земам
сабјата Дојчинова иако – што уште тој треба да докаже пред светот, што не му е навистина
дораснат нему ни до ноктот.
АНГЕЛИНА: Го мразиш ли Дојчина, Умере кутри?
УМЕР: А, зошто? Зар затоа што беше го казнил предавството мое?
АНГЕЛИНА: Добрината твоја зар не стаса уште до бога?
УМЕР: Се подбиваш со мене, проклетнице строга? Не ѕвезден сјај, туку ни пеколен оган
не постои за оној што љубовта беше ја снизил до вредноста на обичен партал! А што
можеш, пак, кога жарта мозокот ќе ти го зоврие, и онака нагризен! Само, ми остана
утехата дека поинаку ништо не можело ни да биде! – ако утеха некој во тоа досега
видел!...
АНГЕЛИНА: Не ли ти се чини дека во нешто сме исти?
УМЕР: По тоа што сметките со бога не ни се чисти. Но, токму таа сличност не ни даде и
нам да се зближиме. И кога би сакале пред бога да замижиме – останува уште една
вистина довека што ќе ни тежи: за злосторство бевме обајцата родени.
АНГЕЛИНА: Злосторството и гревот не именувај ги исто...
УМЕР: Во името на Христос и едното и другото низ илјадалетија исто се казнувало!
Билјарките (вештерките од Трибор) мамејќи ме кон студените пештери, во недостиг од
загладнети вештери, ми раскажуваа за моето раѓање: Седум дена мајка ми земјата под
себе ја корнела, чекајќи го моето доаѓање пред стрвоста на мршојадците гладни.
Раскинувајќи го нејзиното утробие во оние исти пештери ладни – неа ја оставив сред онаа
влага да се скаменува. Остана детето мајките да ги менува: еднашка орлица црна,
вторипат самотна волчица, третпат плачноока срна... Најмногу третата, велат, на мајка ми
личела. Да не се заличела уште со моето раѓање сликата за неа – можеби ќе знаев кој сум и
каде сум! Вака, не остана свој ни да ме сака ни да ме куди. Па, чудно ли е што во мене
почна да се буди желбата по топлина и љубов!?... Да знаев како да ја измолам од тебе –
пред твоите нозе ќе паднев на колена! (Паѓа пред неа, опфаќајќи ги во преград нејзините
нозе.) Остави ме, душава моја разболена со неколку солзи да ја поискаам!
АНГЕЛИНА: Плачи, да плачеме мое големо дете! Ако не ти станав жена – кога би можела
барем во срцето твое мајката да ја сменам!...
(Затемнување. Потоа Ангелина е пак пред иконата, на колена. На постелата лежи
Болен Дојчин.)

4
Ангелина
ДОЈЧИН: Твоето молчење сега појасно од било што зборува. Две мајки не можат тука
среќни да бидат: едната веќе го прекорува него, или мене... Туку, во верноста ако се
излажеш – кога верноста во болка е претворена – вторпат неверноста, вака повторена, не
ми се гледа достојна ниту за презир... Јас папсувам, кутра Ангелино!... Појди кај Митрета,
моја тажна виделино, што како брат го имав, појди и моли го, заколни го во две или три
неба, на колена падни му ако треба... Господи, на себе не личам веќе! Јас знаев дека во
раните ја загубив својата сила, но не знаев дека во душава моја се скрила немоќта моја
трошникава!...
АНГЕЛИНА: Знам, мажу мој, Дојчине брате! Самиот не си ја препознаваш ликава! Од сон
ли доаѓаш, од други ли векови та не ги препознаваш веќе ништожностите човекови – а
самиот беше човек и ништо повеќе и ништо помалку... Ќе појдам кај Митрета Поморјанче,
но не за радост и надежи слепи... Гревот нека нѐ крепи та да се обидеме човека до човека
да ги доближиме... Тој ќе ја поткова твојата коња!
(Ангелина само се исправа. Светлоста се менува. Новата светлост го осветлува
Митрета Поморјанчето. Ангелина полека се врти кон него.)
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Со голема увереност доаѓаш, лична Ангелино! Човек на човека –
стаорец му е – душата да му ја глода и тоа во часот кога ни господ нема да го чуе, а камо
ли веков презафатен со себе што е!
АНГЕЛИНА: За смртта своја ти одмазда ли ружаш?
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: За твојот сопствен ужас – јас тоа тебе одмазда ти спремам!
АНГЕЛИНА: Чудно! Затоа што скришум тебе саканица ти станав?...
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Јас еднаш ланав и Дојчину платив со својата глава! Не ли е редно
и ти да платиш?
АНГЕЛИНА: Малку ли плаќав со својата става?
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Сопственото дарување за наплата зарем го сметаш?
АНГЕЛИНА: Но, ако тоа дарување го цениш – каква тоа сенка нашата врска ја сени?... Тоа
ли Дојчину што се пожалив на неверството твое спрема него?...
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Од ѕвездата своја долу, на земјава, слегов: може ли неверен за
неверство некому да му префрлува?...
АНГЕЛИНА: За моето неверство ти одамна знаеше, Поморјанче Митре! Не тебе, а нему
јас неверна му бев. Ти тоа така и го прими.
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Со што се намалува така оној грев? И виновник постои и
измамен постои тука!
АНГЕЛИНА: Најмалку ти, Митре, имаш право овде да делиш ука: и јас и ти имаме една
вина. Само што Дојчин е измамен од двајца и двапати! Напати за тоа премногу страдала
мојава душа.
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Бараш ли прошка за тоа страдание?
АНГЕЛИНА: Иако подбив од зборот ти слушам – не барам прошка. Од тебе најмалку.
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Ниту сум помислил дека ти треба од мене прошка... Дал си
помислила – од жената во тебе прошка да бараш?...
АНГЕЛИНА: Чинам – вистинава многу е стара. Но ти ми ја вети твојата казна!
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Ветувачка празна! Премногу слабо ги толкувам десетте божји
заповеди.
АНГЕЛИНА: Доведи подобар драгоман од себе!... Казна ми треба навистина – низ неа
жената да ја окајувам. Не знаеш што сторив во своето скудоумје?...
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Јас мал сум разумот да ти го мерам. Но сили ќе зберам твојата
нова мака да ја чујам... Да, склав твој бев, и склав ќе ти останев вечен да не ја насетив
превртливоста твоја!
АНГЕЛИНА: Со она што ми го рече ме фрлаш во преголема чудба! Нашата судба
зависеше од тебе само...
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Се лажеш, Ангелино свидна! – Судбината наша во туѓи раце
беше. Но, бидна што бидна: бесполезно ќе е залажувањето наше!
5
Ангелина
АНГЕЛИНА: Јас не дојдов, Митре, да се залажуваме. Ме познаваш која сум?...
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Добродетелта или мааните да си ги кажуваме? – Жена си. Јас по
тебе жедував: твоја добродетел, а моја маана. Ме познаваш кој сум?...
АНГЕЛИНА: Зар не помниш, Митре: и одамна и не толку одамна беше талкањето ваше по
простори ничии: зговорна дружина бевте – обречена на пропаст и проклетства, во
нечовештината од бога одречена... Сеништата ваши го плашеа светот и светците, а само од
Дојчина трпневте, клетници, чијашто рака единствено можеше да ве стаса. И еднаш ве
стаса – одметници од цара, од везира, но и од човека. И наместо дотогаш тој што ве
презирал гневот свој врз вас да го истуреше – од вашето слаткодумно покајување измамен
– милоста своја ја покажа и водач ви стана – за арни дела... Јас Желник Пеја тогаш го
заљубив и, чисти во љубовта цела, за нашиот све(т)ден се готвевме... А знаевте вие за
средбите наши што јас ги криев од брата ми Дојчина кој знаеше со смртта да ме плаши
моминството свое предвреме да не го дадам... Знаејќи го мојов страв, во Горните Ливади
старата дружина ваша нѐ начека: Желник Пеја го врзавте, наземи легнат, и пред моиве очи
го заклавте како јагне рудо!... Смртта негова срцево ми го жегна и изгоре, кутрото... А за
чудо, не беше тоа најтешкото, Митре: Поцрн камен во срцево остана тоа што вие се
смеевте на глас додека човекот крвави солзи ронеше, чекајќи од мене небарем спас!... А,
смеев ли Дојчину да се пожалам?... Така моминството, побратими мои, вие ми го
дочувавте низ престап крвав... Во вас проговори крвта злосторничка, – и тоа беше над
Дојчина вашата одмазда прва... И сега ме праша – дали те познавам кој си!?... – Но, маж ти
беше. А потем јас те поседував со иста жестина како и ти мене!
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Маж бев, а сега сум сенка... За љубов бев скуден. Смртта ме
стори и мене исповедник чуден што вака, сумалочен, името не си го памети!... Смрт ли ти
споменав?... Умрев, но несвесен колку е страотна таа!...
АНГЕЛИНА: Ќе речеш ли дека си умрел за ништо?
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: На веков не умира никој од ништо.
АНГЕЛИНА: Јас реков – за ништо.
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Разгаленоста твоја и сега ја подусеќавам!... Веќавам дека ќе
зборувам вистина само. Прашај – а знам дека ќе прашаш дали умрев со името твое во
моиве очи!
АНГЕЛИНА: Драгувањето женско за зло ли го земаш?...
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Не, ако поумна работа немаш!... Но, реков да зборувам вистина
само: Умрев со твоето име во моиве очи.
АНГЕЛИНА: Но не вели дека со клетва ме спомна!
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Те видов со стребрени колби на рацете ѕвездени, а в пазува
носеше темјанужни солби – за мојот гроб... За арно те споменав, навистина.
АНГЕЛИНА: Значи ли дека навистина, ни во оној час, ти не си ме одљубил мене?
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Напати од преголема љубов некого го мразиш. Митре
Поморјанче готов беше да лази по твојата дира – да не беше штира љубовта, кон мене,
твоја!
АНГЕЛИНА: Со таквата љубов задоволен ти беше, Митре.
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Да, зашто инаква љубов не познавав! Одненадеж разбрав дека за
себе те сакав, и само за себе... А ти беше и туѓа. Одеднаш ја сфатив грознава и плачлива
мисла што не сум знаел дека во мене се тае: јас никогаш ништо не сум имал свое! Ти
знаеш ли што значи тоа – детето во детството свое за гробишта само да знае, херувими,
хоругви босоного зиме да носи, под суградица за други да проси, да сувотува, трнки
јадејќи, и главено в црква да биде кај светецот што е суров во својата добрина. Со време –
се виде – ја заљубив мајката божја што драговно од фреската со милозлив поглед ме
следеше! Нечестивиот да не ме победеше – чист, во љубовта најчиста ќе останев... Зарем
не е пострашно од сѐ што Неа во тебе ја побарав?...
АНГЕЛИНА: О, не! Јас достојна не сум за толкава љубов!

6
Ангелина
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Но јас сакав да се изранам со бога, и тоа е она што в оган ме
фрли, Ангелино лична! Јас бог, јас бог станав, имајќи ве тебе и Неа!
АНГЕЛИНА: О, боже мој, што во мене се влеа: во својата мака јас синот твој го фрлив, –
засекогаш така мајчинството да го изгубам, кутра!...
(Митре Поморјанче исчезнува. Светлоста паѓа врз одарот на Болен Дојчин.)
ДОЈЧИН: Да... И што треба сега да стори измамениот, што всушност измамен и не е!?...
или тоа, здробен, во немоќта своја ни злобен јас не можам веќе да бидам?! Тебе, сестро
моја, жено моја, те изгубив и како сестра, и како жена! Кога би можел снагава да ја кренам
– чинам никакво зло ни тебе ни себе не би си нанесол... А, може ли некого и да го колнеш
кога проклетството сам си го сеќаваш? Душава, некогаш налуничава, сега блањава и
гличава папсува, во телово суштерлаво затворена. Помогни ми, кутра, од него да ја
избавам! Појди до кај Плетикоса Павле и моли го, не за твојата снага туку за зборот негов
побратимски – што го сметав дар над сите блага – копјето-сулица да ми го заостри: на
последен мегдан со Црна Арапина да излезам!
АНГЕЛИНА: Дојчине, стопане мој: гледаш ли: човек не остана за кого чини животот да се
даде?!...
ДОЈЧИН: Човекот и во мене постана. Душава, помагај, да ја спасиме!... Боже! Толку ли
душава своја ја ценам? Кога би можел неа да ја сменам за топол збор, за блага реч или за
меч... Мислам, ни здравјето од младоста грешна не би ми чинело колку нив!...
АНГЕЛИНА: Сѐ во животов што ти скрив – ме тераше по таков збор да пекам. Липајќи –
чекав чудо некакво од некаде да дојде. А какво – и самата не знаев... Ангелина твоја и сега
ќе појде – за твој ли спас, за моја ли поразија...
(Промена: наместо одарот и Дојчин, сега е осветлен Плетикоса Павле.)
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Мравки ме облазија од твојот шешерлав збор, Ангелино лична!
Фрли го копјено онде: и без него Дојчин е достатно силен Арапину како на пиле вратот да
му го подвитка. Што се чудиш?... Ниту е прв ни последен пат за неверство, кутра, да
слушаш. Неверството свое еднаш со крв го платив. Втопрат е здодевно со крв да се плаќа!
Ој, Умере, Митре, мои кутри браќа во неверството заедничко израмнети!... А големи
бевме во таа изневера: три девера што сакаа за туѓа ветеница зетови да станат!... Да чујам,
што ќе дадеш за мојата услуга?
АНГЕЛИНА: За таквата услуга во дамнешно време наплата не се барало!
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Нашево време со она време одамна се скарало!... Те прашав: што
ми нудиш сега?
АНГЕЛИНА: Јас косиве црни ги нудам.
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Се чудам на твојата скржавост, Ангелино лична! Те прашав –
навистина што нудиш сега!
АНГЕЛИНА: Јас очиве небесни ги давам.
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: И нив на кантар да ги ставам не достасуваат, Ангелино бела.
АНГЕЛИНА: И беливе раце...
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: И цела да се дадеш, не бидува, чедо... Не затоа што за дарување е
доцна, туку затоа што не знаеш ни сама како се подаруваш!... Си сетила ли како
прокрваруваш од душата до срцето, неспособна лек за неспокојот да најдеш, и липаш дури
да зајдеш, а смртта сама не доаѓа!?...
АНГЕЛИНА: И времето што проаѓа само те залажува заборавот некаде дека постои!...
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Дарувањето твое ништо не ли ти кажува?... Јас, сепак, не знам
како него да го протолкувам: како окајување тешко, како отплатување за добрина сторена
или како потреба од такво дарување?...
АНГЕЛИНА: На душа изгорена толку прашања зарем ѝ требаат?... Како го подразбираш
ти окајувањето?...
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Како и освојувањето на добрината божја – до која никој не се
доближил досега. Како ја подразбираш ти потребата од такво дарување?...
АНГЕЛИНА: Како царување над сите зла во човека насобрани.
7
Ангелина
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: И, не ли се лажеш воопшто себеси?
АНГЕЛИНА: Тој себеси што не се измамил – тешко некогаш до вистината да дошол!
Никогаш не ли си прошол низ пречистувањето на сопственото измамување?
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Низ измамувањето – да! – но никогаш досега чист од него не сум
излегол, жено!... напати денот од ноќта не сум во состојба да го одделам. Па така и
вистината и лагата многупати ми се испомешале така што трагата сопствена на знам дали
е јаве или е сон. Понекогаш те пронижува погребен ѕвон, а мислиш дека тоа тишината те
дави и прави од тебе позгробен од вистински мртовец!... Така се чувствувам сега и сам: ни
јаве, ни сон, а знам колку вистина било талкањето мое но тло водовричаво, карпесто и
змијурничаво, во потрага по жена – или во бегство од неа!...
АНГЕЛИНА: Но, рекоа дека смртта за очајот е лек.
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: За овој наш век – да. Но затоа преплашена душата, барајќи мир,
бега од своите блиски што толку липаат од болка, – небарем на светов гижав човека го
чека само пир и прегозба, а не живот пижав!
АНГЕЛИНА: Затоа ли на сон никој од вас не ми доаѓа?...
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Од болка ти по нас не липаше тоа! Премногу најаве во совеста нѐ
клаваш: затоа во твојата глава мето ти за нас во сонот и немаш!... Кажи ми, која си ти,
како жена?...
АНГЕЛИНА: Страдалничев, кутра, во безумство паѓав! А колку ли крста-тежини врз
моиве рамења паднаа! Папав, со очиве замрежени, носејќи ги со себе сите проклетства,
попроклети секогаш за една клетва од сите клетви човекови!... Вистинава моја е приказна
ветва – и здодевна, можеби, стана. Но ти ми ја вети трпеливоста своја, па користејќи ја
овојпат неа, болката своја, својата рана ќе си ја кажам, небарем пред самата себе... По
смртта на оној што за свој го имав, јас талкав под ова пеколно небе, зашто изгубив,
навистина, сѐ. Се ветив јас Дојчину, и оттогаш двајцата сме сенки парталави, во просторов
изгубени, неспособни ниту за добрина, ниту за зла. И јад, и жолч, и пелин во срцево се
збра: не смеевме чедо свое да имаме, а желбата по чедо ме изгоре целата. И тогаш се
прочу по селата за Недојчиница млада, по личота фалена што талкала збудалена по брегон
пуст на кој нашла тешка плоча што во својот некрстен очај беше ја пикнала под појасот
црн. Со расплетени, пуштени коси, таму месеци девет ја чуваше – време, колку што чедо
се носи!... И дури потоа родив... Не, не родив камен, и не родив змија: детето само
МАЈКИНО се нарекуваше... И сега, грч по грч откинувам: ни моминствувам, ни
домаќинувам, ни вдовувам, ниту мајчинствувам, како што гледаш!... Чекор по чекор кон
мразата нешто како да ме движи!...
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Педа по педа кон мене нешто те ближи. Во омразата своја, ти
знаеш, голем бев некогаш и јас. Го мразев јас Дојчина, светот го пизмев, а најмногу,
чинам, себеси сум се мразел!
АНГЕЛИНА: Дали во тој јазел од омраза и мене си ме врзал?
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Колку што душата сум ти ја пизмел, толку по телото твое се
заоѓав! Не знам во што бев поголем. Утеха горе, во ридјето, перунски наоѓав, нурнат со
глава во изворска студена вода. Онаму чинеше најди ме Ѓурѓа Улавата: во својот скут ќе
ми ја кладеше главата, галејќи ја до никоја доба и шепотејќи неразумни зборови... Таму,
под оние вековни борови, кај што не допира човечки викот – чедото мое таа го роди!...
(Пауза.) А сега – оди! Оди си Дојчину, иако Дојчину никој не му е потребен веќе.
АНГЕЛИНА: Со божја и мајчина врвца за Дојчин сум врзана, Павле.
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Оди, и копјето врати го назад! Но никогаш ти не враќај се кај
мене, грешен.
АНГЕЛИНА: Тешко на онаа што од себе маж ја гони!
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Го рече ти ова, а подобро ќе беше со копјево веднаш да ме
прободеше!... А, знаеш ли дека желбата ми го изгоре срцето – ти мое чедо да родеше!...
(Неговата сенка бледнее. Ангелина паѓа пред неговите нозе. Со крик.)

8
Ангелина
АНГЕЛИНА: Не оди си! Не оставај ме, кутрата сега! Утробава моја по чедо пека! Но,
колку и да чека – ниеден жив нема што ќе ја оплоди неа! Јас мајка уште еднаш можев да
бидам – но мајка не станав!... Дојди!
(Промена. Кај одарот на Дојчин.)
ДОЈЧИН: Ја чувствувам твојата болка и беда!... А не знам кој ми е потежок оган: сестра си
или жена си кога на вакво дереџе ја гледам!... Окапана буна во душава навира. Нејзиниот
раскинат диб ни љубов ни омраза може да задржи веќе... (Се исправа, станува простум.)
Доведи го, кутра, Росинанта мој – на голо него да го потерам така. Препашај ми собја и
копјето дај ми го в рака на сениште вакво да слезам во Солунско Поле!... Крај брегон е
сега пролет; од пролетта друга повистина нема: од сонцето бескрајна свила се точи и
водите пеат, и душа се бранува... Но душата моја, и моиве очи ги изеде слепило што се
заканува дури и сонцево да ви го поцрни. И од него друга повистина немало... За кого ли
сега – ќе прашаш, Ангелино – Арапину вака на мегдан излегувам?!... – За твојот син, црна
виделино, што мртов ќе се роди на земјава улогава!...
(Дојчин исчезнува.)
АНГЕЛИНА: (Сама.) Што поголем белег од тоа – мртовец да родиш!... Но нам белезите
ни биле претскажувања, а овој белег значи исто што и живот... Би било премногу диво
дење среќата да си ја градам, а ноќе нешто да ја урива од темел, од под темел, од под
поттемел мочурлив!... Господи, чија ли магија тоа ми се оддолжи – од мртов да чекам да
ме наследи, коленото во недоглед од мртовци да ми го продолжи!... Помагајте, човеку,
луѓеее!...
(Светлоста паѓа врз Црната Арапина, со скрстени раце.)
ЦРНАТА АРАПИНА: На кој човек мислиш, Ангелино свидна?... На оној од денес, или на
оној од вчера? Ниту во едниот ниту во другиот имај вера, а најмалку во оној, што во
утрината идна ќе дојде на златни брзи коњи пред себе да гази сѐ, фаќајќи си само за себе
место во редот, а всушност исплашен и загрижен само за своето чедо и за себе – кога ќе
побараш од него помош! Знај дека никој не гледа потреба од жртвување, Ангелино, за
друг!...
АНГЕЛИНА: Но Дојчин себе се жртвува еднаш!
АРАПИНОТ: Тоа ти него го жртвува, бедна! На мегданот свиреп Дојчин ја однесе мојата
глава, а всушност тој поразен беше! Во што да се согледа неговата слава?
АНГЕЛИНА: Во големото чувство на однапред жртвуваниот во пораз.
АРАПИНОТ: Поразите се секогаш белези на срам!
АНГЕЛИНА: Во поразот сопствен тој спасот на другите го виде.
АРАПИНОТ: Но светот иден ниту е спасен ниту, пак, спасен може да биде!... Јас повтор
дојдов делот свој да си го земам.
АНГЕЛИНА: Сега на овој свет никој право над никого нема, ти знаеш.
АРАПИНОТ: Безумно ново човечко залажување! А, рисот над зајакот, а човек над рисот,
а, бог над човека, а Јас над бога?!...
АНГЕЛИНА: Од искони па довека бог бил и ќе биде над сите зла!
АРАПИНОТ: Во кој бог веруваш, Ангелино млада: во оној од небеи или во оној што в
подземје се крие?...
АНГЕЛИНА: Оној што го чувствувам во себеси!
АРАПИНОТ: Тогаш, покори се! Тоа сум јас: во себе човек мора најмногу од сѐ да го
чувствува злото!... И колку да ти се преправа кроток – човеку мисла зла во разумот му
врие: оној што не убил не може да скрие колку би сакал да убие па макар и во сонот или
во немоќта на својот бес. Со тоа само божовна чест смртникот мене ми прави!... Не
преправај се дека отпор ми даваш! Мојот лик во тебе одамна се јавил... Знаеш ли кого си
го убила ти?...
АНГЕЛИНА: Спомени ги сите: Умера, Пеја, Митрета, Павлета, Дојчина... Знаеш ли, бедо,
некого што не сум го спомнала?
АРАПИНОТ: Не чекај себе да ти се споменам!
9
Ангелина
АНГЕЛИНА: Но, точно е: уште во утробата своја го убив сопственото чедо!...
АРАПИНОТ: Но, можеш да речеш: да не биде уште еден грешник на земјава повеќе!
АНГЕЛИНА: Не, не велам „грешник“, а паталец земен, осуденик твој, ако си ти,
навистина, бог!... Но не во темен, туку во светол божји лик јас некогаш верував па и сега
верувам иако немам на тоа право, објавувајќи се против еден закон со којшто бог нѐ
осудил сите на смрт! Јас нејќев да родам осуденик таков!
АРАПИНОТ: Вам животот ви е подарен дар, па сакале-нејќеле ќе го живеете... Тоа што
незадоволни дивеете – го земам врз себе, како заслуга моја. Заслуга моја е и твоето
чедоморство! Но не знам од каде се родила мислата твоја за бунт против законот! Јас
дојдов – од твојот бог да те спасам.
АНГЕЛИНА: Не ли ти се чини дека ти премногу доцна си стасал? Во мојот поразен живот
никој го нема правото бога да ми го одзема или да ми го натура! Сум била и со бога, сум
била и без него. Од оган и вака, и онака не сум се спасила. Јас мајка бев, Арапине, знаеш!
Но чедото вештери ми го урочија, Со прст ли, со око ли му го посочија на царот на змиите
што ми го укаса. Три дни по скрки и долишта скитав бајач да најдам... На третата полноќ
вештерлива бесна, под ровјите итав засолн да најдам во една воденица каде што, велат,
владеел гробник. Срцево, кутра, го стиснав и чедото си го погледав в лице: Писнав од
ужас и болка кога го видов чедото мое, на дланки дотогаш чувано, – немо и мртво, од
ровјите осветлувано... Штотуку го пречекорив прагот – сметките да си ги видам со бога
или со врагот – ме пречека ветер, пајажина, реа и некаква врева: таговна цвилба,
кикотлива смеа... Ми осветли ровјата глетка на гозба: паспалав гробник накреваше карта,
а глембави страшила редеа нозба – свој дел на пирот!... Но малиот Христоса в раце го
носев: па иако мртов – ги занеме сосем миг или два... За потем во адски крик да се урне сѐ
врз мене и врз чедото кутро... Следното утро се најдов на некаква чистина зелена, сама,
онемена од болка и уплав, од срам и од бигор... Што ќе речеш сега ти, исчаден злобник?...
Ќе можеш ли да ја исплашиш таа што честа ја изгуби од песоглав гробник?... Приближи
се, земи ме! Не отстапувај сега!...
АРАПИНОТ: Не сум оној од крв и од слатка плот што бега. И самиот не знам каде е мојот
корен. Знам само дека во цвет никогаш не сум бил сторен, а само јад и оган сум блуел,
несреќи и смрт сеејќи по сиов свет. Дојчин се најде за глава да ме скуси, а колку се
излажал кутриот Човек кога против самиот себе се кренал! Во жената, беднице, јас сум
жена, во мажот – маж, во змијата – змија, па ако можат луѓето да се скријат надвор од
себеси – тогаш се скриле и од мене! (Се појавува Дојчин – Дон Кихот.) Погледај го овега
што тргнал всушност со себеси да расчисти сметки!
АНГЕЛИНА: И тој е жртва на човечки сплетки.
АРАПИНОТ: Премногу мислата плитко ти паднала! Жртва на своите сплетки е, чедо-ле!
Овој би требало Дојчин да биде!...
ДОЈЧИН: Тоа е сенката негова, бедо!
АРАПИНОТ: Значи ли тоа дека од сенката негова би требало сега да трпнам?... О, боже!
Овој со рушко ноже доаѓа – грамадново срце да ми го распара! Застани, безумен! И ништо
веќе на стара жрепка не ризикувај!... Знам, не јас, туку сопственото незадоволство тебе те
предизвикува па вака жален и страден на мегдан сакаш да ми излезеш! Кое е твоето
убојно оружје?...
ДОЈЧИН: Добрата мисла од вулкан ослободена!...
АРАПИНОТ: Не ја познавам неа – или на светов сѐ уште не е проодена!... Имаш ли нешто
посилно од тоа – нешто, што може да спепели стена?...
ДОЈЧИН: Не дојдов, чумо, пазар да правиме! Човекот против тебе се крена!...
АРАПИНОТ: Ако од едната страна го ставиме на кантарот човека, а од другата – добрата
мисла – што мислиш, кој ќе претегне тогај?... Туку, зар многу не пцалавме веќе?... Дај,
помоли му се сега на бога, зашто ова е, навистина, наше последно виѓавање!
АНГЕЛИНА: Мислев, ќе можам да пронајдам сили злото од човека да го искоренам.

10
Ангелина
АРАПИНОТ: Злото му тече на човека в жили... Ајде, доведи ја, Дојчине, сам лична
Ангелина во белион чадор: така ќе можеш сопствениот срам пред светот да го потврдиш
еднаш!...
(Дојчин јурнува врз Арапинот.)
ДОЈЧИН: Кој и да падне од двајцата нас – голема загуба не ќе сети светот!...
(Црната Арапина го задавува Дојчина. Ангелина клекнува пред мртвиот.)
АРАПИНОТ: Човекот или злото!... Не постои трето... Но сега, без човека, што чинам јас
жебураво сениште, на кого му остана над штирава земја да облетува!... Ангелино, стани!
Бог тоа ти ветува дека ќе бидеш навистина Таа што ќе ја оплодиш неговата седба. Стани и
прошетај низ пустелијава: утре, во некоја случајна средба ПАК ЌЕ ГО РОДИШ
ЧОВЕКОТ БОЖЈИ!...

КРАЈ

11

You might also like