You are on page 1of 14

Болен Дојчин

Георги Сталев

БОЛЕН ДОЈЧИН

1
Болен Дојчин
ЛИЦА:
Болен Дојчин
Ангелина
Умер Бичакџија, побратим на Болен Дојчин
Митре Поморјанче, побратим на Болен Дојчин
Плетикоса Павле, побратим на Болен Дојчин
Црна Арапина
Четири девојки
Јаудијата

2
Болен Дојчин
(Старинска постела. На неа лежи Болен Дојчин, отпрвин во неподвижна поза. Декорот е
импровизиран: соба, на ѕидовите бакрени садови и сл. Светлоста е разнобојна и доаѓа од
неколку страни, мешајќи се над постелата зелено, сино, кафеаво и во нивни нијанси.)
ДОЈЧИН: (Се размрдува. Се поткрева од постелата, со напори да стане; но останува
полулежејќи, потпрен на рацете.) Прокрварив, страден за една солза здравје, редејќи ги
под ова зглавје остатоците од ноќиве изглодани во кои се препознав преполовен за една
реченија. Небото ми го засенија девет прокоби и уште толку лишки окапани од подводни
патишта довлечени. Како да се вратив од змиска свадба со пет рала зурли и тапани што
коленава ми ги прогнија од еден здрув до друг. Со првиот југ, по првиот пораз, црвените
ветришта ме налегнаа со главата под тежок крст што смртта сама под нос ми го
поднесува. На мамутски рог ги обесувам гревовите што лежат врз совеста изабена и тежат
како сите земски и небески води. Ме проколнал оној што се родил врз моиве рани повтор
да се раѓа како вечност на непокајанието... (Станува, тетеравејќи се: ја напушта
постелата.) Сум убил деведесет и девет пати. Со голи раце фатив смок од леунка што
цицаше, додека детето мртвите ги скориваше крај пожолтена зеленчица; и зимелка бреза
што пчошки завиваше, лаејќи по сопствените траги; и жабјар, под кого што збиваше
огнена жаба сред жабурник свилен... На сокол-пиле вратот сум му го свиткал и скинал –
само да видам како протечува сончевина по овие прсти во грсти што ја берев и пиев...
(Три машки лика – или три фигури – треперат на фонот, се прелеваат во светлосни
ефекти, ту губејќи се, ту јавувајќи се.) А вие, пријатели мои, побратими мои кои на
пијани аждери јававме и сонцето си го подававме наместо пагур, – зговорници – во
потрага по ќерката на светата безбожница, вие, во вашата козинеста ложница од сестра
ми, белолактата, наплатата ја посакавте за услугата што ви ја побарав, од мака, еден
единствен пат!... Умере, те имав за брат... (На фонот останува да трепери само првиот
лик.) Помниш ли, кога за егленџе, во игра луда, го отињавме дувлото на светијата кој,
исплашен, во пламења испаруваше?... А ти, ти со жеголач-балтијата што сам ја искова
додека сенката на дефот ти дуваше – сакаше да буричкаш во пламењата од дибот што
доаѓаа... Пилците тој ден живо раѓаа и лицето твое факел стана... Твојата рана ја понесов
како своја и со крвта своја ја церев. (Ликот се губи, но само за миг, и се појавува како
мртва глава во камара или на блјудо.) А ти, Умере брате?... А ти?... Додека душа берев, на
болесва моја ли зилјоса та ме присили со усни суви да ги сушам оросниците на таа што
најсвето ми остана во тие ноќи глуви, глуви глуварици, каков што се сиов свет! И затоа –
дојдов на тој ред главата твоја во зобник да ја донесам!...
(Светлоста се пренесува од мртвата глава пак на целата фигура на фонот. Умер
излегува напред на сцената, започнувајќи ја во одот својата реплика.)
УМЕР: За смртта моја не те проколнувам. Велат: само мајчината клетва фаќа... Да, бевме
браќа. Те предадов, и тоа е за тебе сѐ. И за мене – достатно орлите за да се откажат од
мојата мрша. Но, овие луњи по светот што вршат, виткајќи го доземи ’рбетот на
су’ршката, и сушецот носен од фортуни крвави до пештерите на еднооките самотници
немоќни во својата судбина родот да си го обноват, и сите добри и зли бесплотници што
бдеат (за добро или за зло) над казани отрувно билје; и сите оние илје и милје гадурии по
подводниот окрек; и брестовите збитолисти, и гроздинката на која се згроздиле сонца, и
уште што ли не и кој ли не – знаеја за мојот изгор... (На фонот, две фигури: маж носи на
раце мртва жена. Светлоста ту ги засенува, ту ги осветлува.) Срам му нанесов на
побратимството наше и затоа немам лош збор тебе да ти речам. Но, сето мое злосторство
спрема Неа беше тоа, што се плашев да ги побарам од тебе нејзините црни очи!... Леле,
море очи, црни очи!... Две бескрајно далечни живи плочи во кои го фаќав сопственото
жеравење и кои го гледаа Желник Пеја поинаку одошто мене: Тој – маж, мажиште сред
трлото (некогаш маждрак би носел, сега дуеница!) а јас, пак, за унер, за смеа: маже,
мажле, небарем мажлец во грлото!... Зошто го гледавме сите поинаку светот: со моиве очи
во Нејзините очи видов како таа го прима моето издолжено лице на грозник и гробник; со
твоите очи во моите очи погледав, и се фатив кобник: мртов на табут ме носеа. А јас, пак,
3
Болен Дојчин
Ја гледав – омајниче, и првпат за Неа очиве утринска роса ми росеа... Си верувал ли ти
досега во солзи?...
ДОЈЧИН: Само од мајчините очи ги помнам, и од Нејзините сега кога протекоа и во моите
дланки слегоа.
УМЕР: Си верувал ли, велам, во машки солзи, наутро миени со грутка снего’а?
ДОЈЧИН: Не засмевај ме, лудаку, гротум!
УМЕР: Се плачело, Дојчине, кога ќе се почувствуваш ѕвезда осамена, за сечиј поглед
изгубена. Се родила душава моја, измамена, осудена восочна китка да биде, во сонцето
заљубена. Го знаеш ли, Дојчине, тој збор?...
ДОЈЧИН: Замолчи!... Што знаеш ти за тоа!
УМЕР: Ништо. Само, дојде коа животов кога го дадов... Не знам – тоа ќе беше делење од
светот: од небото истекуваа проѕирни Дримови, сини, коралови, со сонца од циганско
лето; смермерен ветер ги нишаше водите болни, полни со јагули јалови. Магли, оддалеку,
носеа миризба солена од која умираа птиците. Огромен, тонев над своите џиновски колена
во водите без брода, без леса. Од света душа – никој, освен човекот чии сончеви меса
капеа и ја топеа утрината од камен подлеск. И тоа беше сѐ. И крај во еден оган... Чудно: но
пред смртта своја не ја видов Неа!...
ДОЈЧИН: Не обесчестувај ја и пак со својот јазик поган!...
УМЕР: Да!... Штом не знаев да умрам тогаш со мислата по Неа – јас достоен не сум ни за
погледот милозлив на сестра ти Ангелина. Потајно, одамна мислев на калезмо за Неа.
Само што имаше чергарки кои ми бранеа чекор да сторам: „Не си ти, караѓоз, за онаква
белина!“ велеа и умишта секакви тие ми делеа; речении триста ми изнавражаа проклетите
катунки... Само што смртта не ми ја претскажаа...
ДОЈЧИН: Зар не сети бувот над главата како ти укал и смртта пеплосана на јазик дека ти
лежела! Не разбирам зошто од умов се штукам и на душа треба тебе да те имам, гламно
гламносана што в душа ми чкрташ со јагленот вжарен! Од арен поарен, во совеста моја не
нуркај сега! На Куша, на пцалтот, му нарачав в црков да кањари помен за нашите души во
коишто суши се вселиле црни, скомињави, за пелинеч жедни!...
УМЕР: Ти болен си, Дојчине, болен... Во твоите очи замрежени, ледни, ко в саќе го
гледам, во илјада лица, караколот божи со црната птица и јапанџак црн!
ДОЈЧИН: О, господи! Кој е колнетиов овде: јас или ова дејание кутро, на јаланва дуња
јаланџија кроток?!
УМЕР: Јас не реков дека ти коби на злото! Со неволен поглед ти погледав в очи, неволен
тебе те видов... И толку... (Се повлекува полека.) Сега ти оставам време за почин... Место
за почин... Дружба за почин...
(Влегуваат сенки-девојки, во раскинати дреи. Го оградуваат Дојчина и, фатени за раце,
се вртат во круг.)
ДЕВОЈКАТА: Дружба за почин, дружба за почин!... „Цуцулига-пеитан, петугора аиван,
арџиман, аиван, арџиман, аиван...“
ДОЈЧИН: (Се брани од парталавите сенки-девојки.) Потаму од мене, збеснети кучки-
скитачки! Зговорна дружина само што в сништа се среќава! Лудоста ваша што арно ми
веќава мене, на кутриот, којшто со погледот питачки, изгорен, папсува така од желба, од
грев?!...
1 ДЕВОЈКА: Од желба ли, рече?
2 ДЕВОЈКА: Од гревот ли, рече?...
ДОЈЧИН: Потаму од мене, нечисти гледарки! Голтарки, влечарки, вештерки црни!
2 ДЕВОЈКА: Вечерва двете сме за тебе редарки.
1 ДЕВОЈКА: Првин да кажам што имам јас!
2 ДЕВОЈКА: Прва сум јас!... Чинам го спомена, Дојчине, гревот?... Гревовит гревовник
гревотно греши... Кажи го зборот што душа да теши!...
ДОЈЧИН: Не терај ме, велам, жено, на срдина!
1 ДЕВОЈКА: Болен е, болен, гори во треска!...
4
Болен Дојчин
3 ДЕВОЈКА: Па сепак: чинам, само на фреска сме виделе, сестри, онаква тврдина!
1 ДЕВОЈКА: Чекајте, сега е на мене ред!... Чинам, ја спомена желбата, Дојчине!... Жегање,
жега, желник и жед, железо, жезло, жеднее, жена... Кажи го зборот што душа ти свена!...
ДОЈЧИН: Доста ми е сево! За божјата вистина зарем сте слепи што онака терате мајтап со
веков?...
4 ДЕВОЈКА: Болен си, реков! Само, се чудиме, страдник неокаен, каков ли тоа трпеж те
крепи!
ДОЈЧИН: Не знам. Но не сум јас вашиот ветеник кому што вие простори ледени дојдовте
да му претскажете вечерва!
3 ДЕВОЈКА: Дојчине – знаеш!... А дојдовме ние, од зла коб одредени, царското цару, а
божјето бргу да го одделиме... Знаеш на што мислам.
ДОЈЧИН: По душава моја ли дојдовте ранета?
1 ДЕВОЈКА: По совеста, гревото!
ДОЈЧИН: Ја фрлив под твоите убави нозе, ќерко неканета! Со царот се бркавме деветне
години луди од рудина на рудина, од ѕвезда на ѕвезда по сион Млечен пат. Па кој кому
сега, речи, да му суди?!
2 ДЕВОЈКА: Ќе сакаш да речеш – со бога во сојуз си бил!
ДОЈЧИН: Тој светот гнил вам ви го остави, чумо прикажана, а за себе нашол нови
соѕвездија во кои нѐ нема тебе и мене! На скотнава земја, на која се вгнездија лишки,
самовили, сеништа и луѓе – жално е бог да се биде!...
4 ДЕВОЈКА: Болен е, болен, гори во оган!
1 ДЕВОЈКА: Ајде, да викнеме да му се забае!
2 ДЕВОЈКА: Дај да му најдеме поголем кабает!
(Повторно мешаница околу Дојчина. Две од девојките во средината го фрлаат на колена
налбатинот Митре Поморјанче со врзани очи. Девојките се разбегнуваат.)
ДОЈЧИН: (Со горчлива насмевка.) Ти ли си тоа кабаетот мој поголем?...
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Светот го преорев додека до тебе стасав! Ним им се ветив слуга
за довек да им бидам ако ме доведат до твојот тланик!
ДОЈЧИН: Отсекогаш званик на свадба сам си се канел! Не терај ме јазик да гнасам, да се
олајувам себе и тебе од овие скутеи што сум те ’ранел!... Велиш: го преора светот додека
до мене стаса?... Мене ли тоа ме бараш по светов твојот да биде последниот збор? Знаеш
ли кога од нашиот двор на Гол-рид излеговме по змијарниците лути да џбараме? И таму,
со жива змија во рацете, клетва за верно побратимство дадовме!... Ајде во душиве да се
пребараме – кога си дошол од далечна дуња сметката со мене да си ја видиш! Дали те
знам – кој си?
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Кога сум се родил – беснеела луња, и зладоба била, и полноќна
коа; затоа уште и Змејко ме викаат. Тоа е време, кога лилјаците, скотни, по светлина
небарем цикаат!
ДОЈЧИН: Имала мајка два сина – два близнака. Близнаците, тоа бевме ние: за твојата
мајка, за мојата мајка... Колкупати по нас царски аскер-’ајка пребарувал карпи, по осои
риел?...
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Помнам: ранет, од твоите грстови изворска вода сум пиел!
ДОЈЧИН: А кога ме касна отровница змија, ја исцица крвта од мојата рана ти, Митре
Поморјанче!...
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Се носевме тогај со орел, со стија.
ДОЈЧИН: Но, не знаев дека и луѓето, Митре, можеле чакали диви да станат!... Зошто не
остави тогаш да умрам од јадот на забите змиски осојнички наместо срамот што ми го
стори?...
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Во мене започна, од мене посилна, мачнина тешка да гори.
ДОЈЧИН: Зати ли за срце луто ме фати?...

5
Болен Дојчин
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Признавам: излегов бетер од катиљ. Еден од оние, коишто
вербата ти ја урнаа во луѓето, и јас бев. Но, не мисли дека се каам, а велам: пак би го
повторил истиот грев!
ДОЈЧИН: Се подбиваш со мене или за улав ме имаш?
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Ниту се потсмевам, ниту за улав те сметам, ниту, пак, самиот
уште од умот се делам: желбата моја не знае меѓи. По втор, по третпат, и секогаш кога и
да се сетам, пак би го побарал белото лице, пак би ги побарал гајтанте-веѓи, пак би ги
побарал бунарте-очи, од сестра ти, лична калешвица!
ДОЈЧИН: Проголтај нѐ, земјо, со ушт’ еден пекол!
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Не колни го веков, а погледај во себе сега!
ДОЈЧИН: А, братството наше, Поморјанче Митре, каде го закопа?... Каде го фрли?
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Не терај, Дојчине, шега! Не ли го казни предавството еднаш?...
Главите наши зар не беа доста? Јас не дојдов смртта со смрт да си ја наплатам... Сметката
моја е проста: идам со мојата исповед грешна под нозеве јас да те фрлам!...
ДОЈЧИН: Не засмевај ме, душо пакозливо смешна! Освен онаа змија досега никој не се
најде јунак Дојчина под нозе што би го фрлил! Најмалку јазикот брлив би можел тоа да
биде!...
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Па, добро!... Дај да испиеме уште една чаша!... Ќе зборувам за
себе, а сам си се видел вивнат во пламен на мачнина врела... Со години веќе од ноќта се
плашам, а одвај ја чекам со тајната цела што таа ја носи под крилјата змејски. Ја чекам, ја
чекам... А таа ме демне со илјади сенки од разблудни али што кон мене идат од подводни
скали, а раце им горат од смола облеани. И крвта се пали, Но не беше тоа топлината лажна
што душа ти жари во студени меани додека над глава, пред да се урне, светот ти лежи и
тежи... Ја сеќаваш крвта: разболена, јачи, се претвора, грда, во јаглена пареа и додека
кучки на гробишта лаеја во глува доба на гола месечина – вештерките билје млечно ми
вареа дамарите да ми прснат од желба! На јаве, на сон, од други ли светови, боси
аландарки мене ме гонеа. Така зашеметен, под огнени цветови, грешен, се обидов,
посегнав по Неа!
ДОЈЧИН: И натаму образ ли имаше пред мене побратим да се нарекуваш? Господи! Колку
е тешко измамен, под исти крст да векуваш, верувајќи во твојата опачина! Да знаев,
Поморјанче Митре, да знаев, ќе те обезлактев, дланките да ти се сушат на верушки!
МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: И душата твоја од онаква мачнина страдала, Дојчине брате. А
потем Ја викнав... И после Ја викав... А таа доаѓаше со светната лика и бисерен блесок во
очите јадри.
ДОЈЧИН: Ти, безглаво сениште! Срце-ле отчовечено! (Ненадејно го грабнува Митрета за
врат, го дави. Потоа, клекнат на колена над мртвиот побратим.) Наречници мои што
болесва моја онака бездушно ми ја прорековте!... Зошто на сред мисла кобниот збор го
пресековте, ништо не кажавте за мојата болка скаменета?!...
(За тоа време зад него, приѕирнувајќи, се појавува Првата девојка.)
1 ДЕВОЈКА: Бидејќи смртта за тебе била наменета, Дојчине, мил побратиме! (Се
приближува кон него.) Двапати убиваш еден човек... Може ли довек крвави дамки на
душата болна да збираш, да збираш, и пак пречистен да си?! Спомни си како божјата
заповед глави: „Не убиј“ или „Убивај“! – како беше, сестри? Чуден е веков, побратиме
напатен: не убиваш, убиваш – зар исто ти се фаќа! Нели господ од горе ти праќа и така и
онака страданија исти: да зажалиш што си се родил!
ДОЈЧИН: (Тихо.) Несреќнице, оди! Само за одмазда на слабоста своја – со велја, црна сила
си се здружила, на која си ѝ послужила мамец да ѝ бидеш против посилниот душман! Го
мразам светот на подлоста темна!
1 ДЕВОЈКА: На дуњава земна не си ни прв, ни последен што галати така, а опачна мисла
во умот му рие. И што друго зад твојата постапка се крие ако не себеси од себе да се
спасиш? Колкупати уби, и колку крв ти требаше за божем честа да ја измиеш на таа што ја
губиш?... Не сеќаваш дека ја губиш со самото тоа што против нејзиниот мерак си тргнал?
6
Болен Дојчин
ДОЈЧИН: Ти која си мене што ми судиш?
1 ДЕВОЈКА: Се чудиш што некој се нашол во совеста твоја да копа? На совеста своја ти
не си ѝ стопан, а камо ли нејзе, на сестра ти лична над тебе што царува, а од срце им се
радува на тие во желбата на неа што личат.
ДОЈЧИН: (Избезумен од гнев ја грабнува.) Не замолкна сама, дива ороспијо!
1 ДЕВОЈКА: Спасете го, сестри!
(Дојчин ја дави девојката, во исто време приближувајќи ѝ се како љубовник. Ја
разградува и двајцата паѓаат во дива игра. Хорот од девојки втрчува на сцената,
прават круг околу нив, заградувајќи ги сосема.)
2 ДЕВОЈКА: Вечерва петлите не пропеаја навреме!
3 ДЕВОЈКА: Душата, Дојчине, со нокти ти ја извадивме!
4 ДЕВОЈКА: Тебе од самиот тебе те пропадивме!
2 ДЕВОЈКА: И господ би можел на ова да зилјоса!
(Дојчин излегува од кругот, носејќи ја девојката отпуштена во неговите раце. Во одот
ги оттурнува љубопитните девојки.)
3 ДЕВОЈКА: Плачете, девојки, за нашата девица!
4 ДЕВОЈКА: Да му целиваме крвава левица!...
(Дојчин и понатаму оди со бремето во рацете. Пред него изникнува сеништето на
Плетикоса Павле, со скрстени раце на градите, во поза на крвник. Дојчин застанува.)
ДОЈЧИН: Вака ли, чекор по чекор, кон сопствената смрт се оди?...
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Јас не сум дел од твојата реченија. На крстот тежок ти жртвата
твоја одмени ја и, можеби, полесно ќе ти биде.
ДОЈЧИН: Не ќе можам: јас станав дел од ова чудно бреме што папсано во рацеве ми лежи.
2 ДЕВОЈКА: И господ нем е пред ова твое последно дејание!
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Ја познаваш ли таа своја жртва, во твоите раце ни жива, ни мртва,
не подарен, а грабнат, честит дар?
ДОЈЧИН: Јас тоа Ангелина, сестра ми, ја убив.
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Па тогаш мене ми припаѓа она!
(Ја подзема од неговите раце девојката. Дојчин ја предава мирно. Девојката полека се
спушта од неговите раце и се замешува во хорот од другите моми.)
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Ми отстапуваш нешто што не било никогаш на веков ни царко ни
господово ни твое, па ниту може мое да биде!
ДОЈЧИН: Ја убив, ти реков. И спокој ќе немав на земјава грда да не го направив уште овој
грев. А чиј ли гнев јас на себе да навлечам би можел штом господ самиот со себе војува, и
таму човека да го освојува, непоучен од една болна грешка?! Ја убив, ти реков...
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Ил можеби тоа тебе таа те убива, мил побратиме, распнат меѓу
мачнината, помината меѓу два брега од крв и од долг!
ДОЈЧИН: Зарем тоа не е исто?... Но, и ти ли се јави да пресудиш нешто, побратиме Павле?
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Од дамнина луѓето се прави и не рекле залуд: „Колку жртви толку
и судии“.
ДОЈЧИН: И не мислиш дека се тоа обични, човечки прокудии за одмазда над победениот?
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Ти поразен себе ли се сметаш?
ДОЈЧИН: Јас сум само навредениот од луѓето колку и од бога; Ти што сакаш од мене?
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Ни самиот не знам дали за одмазда строга или за исповед блага јас
дојдов.
ДОЈЧИН: Душебрижник најмалку, чинам, бев.
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Најмалку од тебе тоа го барам.
ДОЈЧИН: Па добро, зборувај за својот срамен грев!
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Мене гревот ми лежи како арам што не успеав јас да те убијам
тебе.
ДОЈЧИН: И каков тоа ќе направиш себап со смртта моја што сега ми ја готвиш?

7
Болен Дојчин
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Не, не дојдов, гледам, крвник твој да бидам. Би сакал само да
видам колку си голем пред смртта на другите.
ДОЈЧИН: Од слачот до горчилото далеку не е. Ги пизмам јас, знаеш, отсекогаш слугите –
ако со помошта нивна си дојден! И ти ли себеси ним им се вети?...
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Не. Туку мене тие ми се ветија штом ја насетија омразата, кон
тебе, моја... Јас не знам како тоа би го рекол: така го замислувам, можеби, судирот помеѓу
рај и пекол... Зашто, ако затребаше, градиве свои би ги разголил пред крвник наместо
твоите Но во оној слеп миг кога ве видов како стоите – брат и сестра, лика до лик – во
мене небото ригна, низ срце ми протече... До што е праведник во мене влезе душата да ми
ја ѕирне. И тогаш видоа: на црна основа започна судбата нишки да везе: Те сакав, те
мразев, те сакав, те мразев, те мразев, те мразев... И тогаш си помислив: блазе, блазе ми
мене без мене на веков!... Како ли липаше душава колната, вклештена меѓу диви
камења!... Кога ги отфрлив од своите рамења – излегов понечист за една омразија... И
така: мојата прва поразија не беше ти, Дојчине брате, туку сестра ти, лична Ангелина. Те
мразам јас, Дојчине, смртно те мразам! Но, не реков дека со тоа го газам побратимството
наше и дека е тоа пизма поради мојата глава!
ДОЈЧИН: Побратимството наше, побратиме Павле, го изгази уште во оној час кога ја
побара тенката става на онаа што за светиња ја имам!
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Не сеќаваш ли дека затоа те мразев што тебе ти се паднал оној
сладок дел да можеш да го гледаш тенот бел, да можеш да го слушаш оној глас, да можеш
да го сетиш здивот врел кога ќе посакаш, побратиме мил!
ДОЈЧИН: Би требало, чинам, со чест да те дарувам за меракот голем што го имаш за
сестра ми Ангелина свидна. А, знаеш ли зошто ја барав услугата твоја и на другите
побратими мои?... Ти молчиш, побратиме Павле. Но ниеден од тројцата не се најде тогаш
од Црна Арапина неа да ја спаси! Наместо тоа – се сторивте гнаси што меракот нејзин
сакавте со онакво мамеле да ѝ го изнудите! И сега се чудите – кога до болка неа ја
расплакавте – зошто ви бев бог и судија! По што се разликуваш од оној жолт Јаудија што
заедно со Арапот го убив?!... Тој туѓа мака за солзи ти даваше, ти љубов за мито нејзе ѝ
бараше! Зар твоево не бара глава?...
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Справедливо со неа за тоа плативме.
ДОЈЧИН: Со душите треба да платите, клетници, и тоа довека малку да биде! Од некаква
темна омразија пуста одметници на сопствениот мерак зар станавте!
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Проклетата валкана уста – побрза од мислата – пресече судбина
уште една. Но, душава моја не ја жалам бедна ако треба за неа да ја жртвувам!
ДОЈЧИН: Та кога?... Зар не испуштивте веќе да се жртвувате за Неа?! Уште што не ве
канеа со карта на жртвеник да се искачите, браќа!
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Зар тоа омразата не зборува од тебе сега?
ДОЈЧИН: Ти со мене тераш, побратиме, шега! Во моево срце јас омраза немам ни за тебе,
Павле, па ниту за другите двајца! Со тоа што на душа ве земам јас само ве бришам од
името мое.
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: За мене тоа е сосема исто! Ме презираш, или ме мразиш – за мене
уште една причина ќе е со иста мера да вратам... Не преправај се: ти знаеш, Дојчине – за
оној мерак готов бев да платам со сѐ што имав и што немав, беден! А ти ме начека со
подбив леден што за срце ме касна како лута змија. И треба ли потем сѐ уште да кријам
дека во срцево мое се вгнезди омразата пуста на ова дереџе што ме доведе, клетник? Од
морево ѕвезди сум побарал помош и не еднаш ми се сторило дека преку нив ја одгатнав
судбината своја: Од онаа ноќ, кога за првпат небото се отворило, останало желбата да си
ја кажеш во часот кога отворено повтор ќе го видиш. Го чекав тој час. И, блажен, го
дочекав, желбата своја ја реков: еден од двајцата што побргу да исчезне од веков!
ДОЈЧИН: Зар не греши кога не побара јас тоа да исчезнам првин?... Кога желбата при бога
ти врви, попросто ништо од тоа немало: туѓата смрт да се посака.

8
Болен Дојчин
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Те сожалувам и за тоа што не знаеш да мразиш!... Не, јас не чекав
од тебе пред нозете мои да лазиш... Со тебе ја делевме радост, го делевме светот и бога;
прескокавме обајцата со момците коледарски оган и пците ги коледувавме; на поседок
наминувавме кај голите вештерки, ткајачки и бајачки, кај лошите лајачки, кај секакви
лишки, кај секаква муцка... Па да имам душа и толкуцка – и самиот не би дозволил пред
нозеве мои да те спрострам!... Сакам – да клекнеш пред самиот себеси!
ДОЈЧИН: Тогаш, ти одамна си победил, побратиме, Павле. Јас самиот пред себе веќе си
паднав на колена...
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Не преправај се на душа разболена! Тоа ти, со таквото признание,
самиот ли се обидуваш од бога да се спасиш? Стара е вистина: оној што дошол до тоа
сознание – никогаш не би го признал пред другите!
ДОЈЧИН: Господ се поразил одамна себеси, Бедно е во немоќта своја името да му го
споменуваме: од небеси, довдека, по скали од мртовци тој треба да помине. Оди си!... Не
знам ни зошто си тука! Една ука повеќе или помалку за омразата ниту посиромашни ниту
побогати нѐ прави. Сонот меѓу нас е свршен. Помислив дека се јави спасител нечиј да
бидеш. Поразен, немоќен, скршен, – многу не требаше душава да ми се стопи! Оди си!...
Очиве не може да ми ги склопи оној што не знае кај му е верата. Во што веруваше ти!...
ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Нека биде тоа мојата омраза на којашто мерата ѝ беше од мене до
тебе...
ДОЈЧИН: Навистина, оди си!... Не гледаш ли дека е тоа за животва моја премалечка
вера?... Само со својата љубов спрема мене ти би ме убил сега, побратиме Павле. Оди
си!... Добога, оди си!...
(Павле исчезнува во мрак. Во исто време со девојките влегуваат, оковани, Црниот
Арапин и Евреинот-Јаудија. Девојките носат серафими: черепи на копја, но со крилја.)
1 ДЕВОЈКА: На твојот повик до бога – еве нѐ, твоите раболепни слугинки!
2 ДЕВОЈКА: Скрсти се скитаме, робови водиме; милост зар питаме повеќе за себе отколку
за нив!
3 ДЕВОЈКА: На десет твои рани по еден од овие серафими се паѓа... Достатно, Дојчине,
дали ќе бидат?...
4 ДЕВОЈКА: (Покажува на окованите.) Пред твоите нозе, еве ја целата добрина окована.
Нека ја видат и милост нека испросат за неа сите џелати, крвници, катили, сите Атили од
илјадалетните вчера до денес.
1 ДЕВОЈКА: Станете, робови, да примите венец!
(Црниот Арап се исправува, ги кине оковите од своите раце.)
2 ДЕВОЈКА: Ја гледаме во тебе иднината! Биди ни отсега цар!
3 ДЕВОЈКА: И прими го овој дар: Дојчина, со сите негови рани.
4 ДЕВОЈКА: (Кон Евреинот.) Јаудијо, стани! Набрзина наброј три добрини во твојот
живот и веднаш ќе те ослободиме и тебе...
1 ДЕВОЈКА: Една Христова солза...
2 ДЕВОЈКА: Втора Христова солза...
3 ДЕВОЈКА: Трета Христова солза...
4 ДЕВОЈКА: Достатно, Дојчине, дали ќе бидат?... (Евреинот се ослободува од оковите.)
Световите отсега пред вас ќе ползат и мир ќе нема во ниедно одвратно златно срце...
(Арапинот се засмева гротум: сцената јачи од неговата смеа. Мрак: девојките се
повлекуваат. Веднаш потоа се осветлуваат трите фигури: на Дојчин, Арапинот и
Евреинот. Мала пауза.)
ДОЈЧИН: Радувај се, земјо, со единствениов цар!... И, што сега, кога го препали
сосптвениот парталав аскер?... Остана само твојата грла шега да прошета низ времињата и
да нѐ исплаши со штироста своја...
ЦРНА АРАПИНА: Јас пред тебе крунисан стојам, а круната моја сто товари туѓа смрт
тежи! Тука е пресметната и твојата смрт.
ДОЈЧИН: Во неа, наместо бисер, гледам се вградени сите ваши земски добри дела...
9
Болен Дојчин
ЦРНА АРАПИНА: Ела и бакни ја, како знак на твојата потчинетост!
ДОЈЧИН: Порано пак, јас и ти немаше што да зборуваме: сабјите наши го расчистија меѓу
нас светот.
ЦРНА АРАПИНА: Всушност, сето што јас го градев ти го урна во еден единствен миг. И
мене бог ме измислил според својот лик, па, убивајќи ме мене ти го уби и него. Сега е ред
да си го земам делот.
ЈАУДИЈАТА: Тоа што се зело редно е и да се врати.
ДОЈЧИН: Подостојна мисла за почит на светот и нема. Но, пресметај: овој стоиедната
смрт само со една ја плати.
ЈАУДИЈАТА: Но ти беше и мојот катиљ... И ти ли за предавтвото мое на Христа ме казни
на овој земен свет? Зошто не остави душава – валкана или чиста – горе да плаќа за гревот
сторен? Или – кога ни господ не постапил така туку нѐ казнил со илјадалетија да талкам
по туѓа земја, жеден да вдишам босилок и темјан, – што остана за тебе што си му сличен
само оддалеку на бога!... Јас својата земја ја барав!...
ДОЈЧИН: Но, тоа што пак против бога си станал – тоа е приказна стара во којашто веќе
никој не верува!...
ЈАУДИЈАТА: Па, кој тогаш моето покајание би требало да го проверува?
ДОЈЧИН: Не изговарај го тоа што никогаш не си го ни помислил... Ако ли господ меѓу нас
застанал...
ЈАУДИЈАТА: Да. Не мешај го бога во нашето дело! „Господ е со нас“ – еднаш веќе рекоа
и децата ни ги одвлекоа во пекол жив... Јас веќе реков: ја барам својата земја...
ДОЈЧИН: Навистина, таа твоја цел би била возвишена; но не ли е лишена од човечност, со
тоа што зад туѓа сила мислата твоја се скрила па сакаш целта да ја постигнеш со туѓа
жртва!... Тоа што смртва те најде од моја рака не е омразата моја кон твојот род. Јас само
го убив нечовека во тебе, а човекот во тебе, чинам, ќе остане чист!
ЈАУДИЈАТА: Ист на бога ми личиш со љубовта своја престорна! Кажи ни ја вистинската
смисла на нашата смрт!
ДОЈЧИН: Навистина ве убив... за да можам да умрам! А кој во таа игра губи –
дребникавото утро ќе каже...
ЈАУДИЈАТА: Зарем на секира и јаже си задоен, Дојчине брате, па затоа туѓата смрт за
својата во залог ја ставаш?
ДОЈЧИН: Не туѓата, туку вашата; и не в залог, туку светот сакав да го спасам.
ЦРНА АРАПИНА: На светот јас одамна му се заканував. Сто ноќи морето го бранував и
толку туѓи чеда сум обљубил и загубил. Стоипрвата требаше Ангелина твоја да биде!...
Злосторствата мои ти пред тоа ги виде! Зошто пред тоа не стана добрината твоја да си ја
покажеш, да ме присилиш да престанам та сите други жртви да се спасат?... За своето,
речи, болело, Дојчине брате, а не дека си бил пратен од вишна сила за светов да го
спасиш!
ДОЈЧИН: Јас не реков дека од бога сум пратен туку дека сакав светот да го спасам. И,
чинам, го спасив...
ЦРНА АРАПИНА: Но, мислам, во еден миг и ти се згнаси, од истиот тој свет во којшто си
се родил!
ДОЈЧИН: Зарем сметаш, клет, тоа светот јас го израмнувам со оние што ме изневериле?...
ЈАУДИЈАТА: Којзнае, кога самите би се провериле дали не би се препознале во нив,
Дојчине, брате!...
ДОЈЧИН: Ако те разбрав – ти на мене мериш!
ЈАУДИЈАТА: (Иронично.) Човекот слаб е, побратиме сакан... А слабоста своја, сепак, во
мака ќе си ја искаже еднаш... Да, сакав да речам: Што би сторил ти на местото од Умера
да беше?... Не!... Не зборувај ништо: премногу долен, и лажлив, и грешен ќе бидеш ако се
обидеш што и да речеш!
ДОЈЧИН: Ти нешто за јазик ме влечеш!

10
Болен Дојчин
ЈАУДИЈАТА: Та, значи, блиску си до едно признание! Но, како што велиш; едно
признание повеќе или помалку ниту посиромашни, ниту побогати нѐ прави!... Овој овде
сто мајки во црно завил и уште толку би завил не да не беше ти туку уште еднаш да слезе
низ Солунско Поле. И не го правеше тој тоа мајките во црно да ги завива туку, зашто беше
голем во својата незаситка!... Ќе ја покажеш ли сега ти својата големина?...
ДОЈЧИН: Не мина многу време откако злосторствата тешки не ги сметавме за добродетел!
ЈАУДИЈАТА: Тоа биле грешки само на наивните, а поткрепа на слабите. Тебе не те
вбројувам ниту во едните ниту во другите.
ДОЈЧИН: Но, зад секое мое убиство стои пасот на една чест.
ЈАУДИЈАТА: Зарем не е достатно тоа што себеси убиец се нарекуваш и врз себе омразата
ја навлекуваш макар на едно единствено суштество па нека тоа да се нарекува и бог!?
ЦРНА АРАПИНА: Не ли ти се гледа тоа смешно, но јас дојдов да бидам строг негов
исполнител!...
ДОЈЧИН: Не улави се, Црна Арапино! Умов сѐ уште не ми е зајден. Посмешно би било –
во совеста моја за тебе место да се најде!... Фрли ја таа гламносана круна и исчезни од
пред очиве еднаш!
ЈАУДИЈАТА: Не ли е подобро да кренеш парталава буна и круната сам да му ја симнеш?
Така се восцаруваат вистинските цареви! И единствениот меѓу вас така до круната дошол!
Кога по неговите стапки би пошол – можеш да станеш вториот цар!
ЦРНА АРАПИНА: Но, кога земјата негова негова би била! Онаа сила што сега земјата му
ја преорува – од живите него одамна го избришала!
ДОЈЧИН: Најтешкото е – јас на мртов што се присторувам! На вашите чела судбината ви
го напишала крајот ваш... А јас сум сѐ уште жив, но не да господарам, туку да се
подарам...
ЈАУДИЈАТА: ... Пак на смртта, нели?... Ете го вистинскиот чекор!... Се обиде, најпосле,
без прекор, самиот да си помогнеш!... Легни и, Дојчине, и почини си! Починка за време од
една вечност за краток живот – се исплатува!
ЦРНА АРАПИНА: Мојата сабја е тука на ваквите бедници маките да им ги скратува. Јас
сум божиот ангел, дојден од кај пеколните ледници, Дојчине, душата да ти ја земам!
ДОЈЧИН: А што, ако душа јас немам?...
ЈАУДИЈАТА: На душата своја суштината своја ја потпираш: по неа двајцата ние сме
дојдени.
ДОЈЧИН: Дојдовте, неа да ми ја земете или од мене да ја испросите?! Ако е првото –
немате сила; ако е второто – можете веднаш и да ја носите! Само, обајцата вака ми личите
– едниот на манастирски просјак, а другиот – босјак торбата што му ја носи! Туку, кои
бевте, навистина, вие?...
ЦРНА АРАПИНА: (Почнува со обичен глас што се претвора во длабинско ехо.) Под оваа
лика Кара-ал се крие: наречи го чума, ѓаволска дума, проколната омразија, човечка
поразија, череп и костур и достур достур црни дни; се препознавам себеси како плач и
леден лач забоден во срце игралито! Доаѓам во ликот на судбината да ви ја секнам
иднината, родот да ви го ничкосам на колена. Јас сум мислата ваша разголена, вашето
паѓање, вашето умирање, вашето раѓање! Ха-ха-хаааа!
ДОЈЧИН: Како сум можел сам против онаква сила!...
ЈАУДИЈАТА: Ти забораваш дека не беше сам!
ДОЈЧИН: Сам бев, жими солзите на мојата мила Ангелина!...
ЈАУДИЈАТА: И ти тоа го нарекуваш – сам?...
ДОЈЧИН: Знам што сакаш да речеш!... Но непобедлив е овој Кара-ал што во себе ги збрал
болештињето на сите времиња!
ЈАУДИЈАТА: Но, ти него го уби!
ДОЈЧИН: Не! Јас тоа само се обидов да ја изразам желбата човекова од сите земски зла да
се излекува и видов дека тоа невозможно било!

11
Болен Дојчин
ЦРНА АРАПИНА: Па, тогаш, увидуваш ли дека треба да коленичиш пред својот
единствен жезлодржец?...
ДОЈЧИН: Жезлодржец – злодржец! Колку се блиски тие две нешта! Не чувствуваш ли
дека добивам ешта тој овчарски стап да го искршам од вас! (Се протега кон нив, одеднаш
сосема папсан.) Господи!... Зарем тоа боледувам со столетија та не можам веќе ни чекор
да сторам!...
ЈАУДИЈАТА: За својот спас – на овој овде светија својата љубов Ангелина, својата
држанка, вети ја и тогаш, можеби, ќе ја дочекаш утрешната зора!
(Дојчин сосема немоќен, но испружен кон нив, се обидува да го фати Јаудијата.)
ДОЈЧИН: Кога не можам срцето да ти го стасам – извади го него сам и со своите раце
раскини го!
ЈАУДИЈАТА: Одмини го овојпат мојот живот, Дојчине, мил побратиме! Јас никогаш
убиец не сум ни бил ни можам сега тоа да бидам: да видам сиот свет да зависи од смртта
на еден единствен створ на земјава – јас рака не би можел на него да кренам!
(Јаудијата и Арапинот исчезнуваат во мракот.)
ДОЈЧИН: Умирам, но не со олеснета душа!... Далечни плачови некаде слушам: можеби
мајка по мене тагува од зад девет гробови!... Мајко-ле, за мене што стравуваш!... Те
слушам!... Пред смртта моја ти ми се јавуваш на грива од бела коња носена... Чекор си.
Воздишка. Солза врз црн цвет оросена!... Плач си. И лелек. И белег на срцево мое
пеплосано... Каков е овој ветерчок лесен што челово ми го лади, ги милува болниве гради
и липа, тивко детински липа?... И тоа си ти, мајко жалоснице, солзо-ороснице: Доаѓаш да
го исплачеш мојот Голем Ден! (Прибира малку сили.) Еве ме, на незнајни патишта,
бестелесно нурнат во глувава вселена, црна црне’ица, од лилјаци населена што, можеби,
души се кабаетни!... Не патуваш ли со мене, мајко обесчедена, навредена што некој нѐ
оттргна душмански двата?... Нашите патишта се два пата што негде ќе се сретнат, но без
нас, мајко... (Повторно папсува.) Боже, колку сум сам во своето умирање!... И мал, како
оваа земја моја; осуден никогаш веќе да не се сретнам себеси!... Ги бројам и ги добројувам
глувите часови, мамен од неми гласови, зглибносат во душава жудлива што некого го
бара, а не сака да го најде!... Зар не сака?... Дојди, сестро Ангелино, Жено моја
Ангелино!... Господи!... Во мојов болен ум јас веќе не знам што сакам да ми е Таа!... И,
еве сум – однесен од уште една матна, носејќи ги со себе гревовите на уште еден бог!...
Донеси ми ги оние мои платна, но не за едрата на мојот непостоечки кораб, туку во нив
мумија да ме завиеш, вековите да ги плашам со својот крвав пораб!... Дојди, сестро
Ангелино, жено моја, Ангелино!...
(Се појавува сенката на Ангелина.)
АНГЕЛИНА: Тука сум, брате мој, стопане мој... Платно не ми достаса за твоите рани...
ДОЈЧИН: О, да, јас знам, ти ме колнеш... И колни ме, сестро моја Ангелино, Но, сѐ што
сторив – јас за тебе го сторив!... Не ме плашат сенките нивни туку твоето немо служење
ме кори овие девет години пусти...
АНГЕЛИНА: Не прекорувај се себеси: јас твој сум должник вечен.
ДОЈЧИН: Тоа го рече наместо прекор, наместо клетва!...
АНГЕЛИНА: Не, Дојчине, брате мој, стопане мој! Прекорите и клетвите ги проврев низ
златен прстен наменет никому... Знам дека ниеден крстен не го заслужува него, освен
тебе, кој не смееш да го носиш! Но во душата ти ме имаш!...
ДОЈЧИН: На душа јас те имам: го сфаќаш ли тоа, маченице кутра?...
АНГЕЛИНА: „Го сфаќаш ли тоа, маченице кутра?“ За чиј ли тоа спас во болни скаменети
утра, пред својот сопствен скаменет поглед коленичев, милост барајќи од самата себе?...
Се плашам дека тоа не било за нас и дека ова се урнало на нас подземното небо од верига
ѕвездена ослободено. А тоа е неарен белег, ќе признаеш...
ДОЈЧИН: Со таков белег било родено детето во една вијуличава ноќ, Со такви белези
животот си го толкувало – и еве го сега, со таков белег кај умира... Сестро-ле, жено!
Гледај ме, распнат меѓу два кумира, грешни и прегрешни... Голем и немоќен, еве ме, пред
12
Болен Дојчин
нив на колена! Ти, што никогаш во животот не си доживеала да бидеш молена некому да
му простиш – не проштевај ми ни мене сега!...
АНГЕЛИНА: Мислиш: проштевајќи ние на добри само се преправаме?... Чинам –
поголема прошка од тоа што еден на друг се раздаваме – и не може да има!... Нам господ
за тоа нека ни суди!
ДОЈЧИН: Не терај го бога од мамурлук да се буди! Нам мајка нека ни пресуди за тоа!
АНГЕЛИНА: Мајка?... Нејзината строгост ја бараш или нејзината благост?... Ако оставиме
таа божјето место да го преземе – двајцата со тебе, Дојчине – знаеш и ти: безгрешни пред
светот ќе излеземе! Не фрлај ја така и неа во грев!
ДОЈЧИН: Во право си. Лишувајќи нѐ од неа рано, господ си нагрби грев уште еден. Со тоа
што од нас ја зеде – за две болки посакат во душата стана. Но, наше не е на бога да му
судиме; нека му пресуди или нека му прости векот од чуми и колери што страдал!... Јас
тебе, навистина, на душа те имам, како жртва, како љубов, како грев! Тој грев на себе го
примам, па кога би можел да го истрадам макар и во некој пекол од наши соѕвездија!
АНГЕЛИНА: Зарем малку ти е овој пекол во којшто самиот се фрлаш?...
ДОЈЧИН: Самиот?... Не! Вербата во него ме фрли!... (Пауза.) О, господи! Самиот ли се
обидувам себеси да се измамувам!... Се фрлив во него, едно – за да не самувам; друго – за
да те повлечам и тебе, љубов моја неспокојна, жедна, неверна...
АНГЕЛИНА: Жедна?... Неспокојна?... Да. Неспокојна и жедна. И неверна. Тоа беше
твојата грешка!
ДОЈЧИН: Тоа беше мојот грев.
АНГЕЛИНА: Но, во него твој соучесник бев!... Гревот ни тежи на обајцата, и затоа не
обидувај се само на себе да го примиш!... Не, тоа не е мојата грижа за тебе...
ДОЈЧИН: Зарем сега ќе речеш – дека си ме мразела?...
АНГЕЛИНА: Не знам... Тешко е тоа да се рече! Имајќи те тебе за брат и за друшка – во
смртен грев сум загазила, иако не знам чија измислица е тој! Па, сепак, ништо подостојно
досега не сум сторила од тоа што себеси тебе ти се подарив како сестра и жена! А ете,
господ со сите чудовишта се крена против нас... Но, можеби имал право...
ДОЈЧИН: Не, бедна!... Не постои таков бог, не постои таков ѓавол што нам за тоа би
можел да ни суди!... Мислиш... Моиве рани?... Мислиш... Тие се нашата казна?...
АНГЕЛИНА: Мислев – токму на нив!... Девет години душава мразна во гламна ми се
престорува, живеејќи со нашиот грев... А, сепак, нешто ми зборува дека поинаку не
можело ни да биде! Твојот Јаудија нашиот спас би го видел во мојата смрт кај Црна
Арапина!
ДОЈЧИН: Не вели дека и ти тоа го мислиш!
АНГЕЛИНА: Мислев – само на смртта – доколку смртта може да ги избрише трагите... од
твојата душа, од мојава душа, или кај луѓето воопшто.
ДОЈЧИН: Зар помеѓу вистините и лагите не постои ништо што може човека да го спаси?
АНГЕЛИНА: Би сакал – пообичен да си?
ДОЈЧИН: Јас крајност бев. И крајност сум. Но не знам дали сум лага или вистина. О,
каква несреќа блика и од едното, и од другото!... Страден сум по она човечко што се вика!
АНГЕЛИНА: Но од лагата и од вистината ништо почовечко и нема! Ние постоиме – и тоа
е нашата вистина од вчера, од денес, и во иднината. Или – ние постоиме, и тоа е нашата
измама!... Светот би бил помал без двајцата нас...
ДОЈЧИН: Посиромашен без двајцата нас: светот што самиот од себе страда...
(За тоа време неколку од девојките му се приближуваат, а Ангелина исчезнува.)
1 ДЕВОЈКА: Дојчине, достатно си бладал! Треба да врвиме: нѐ чека далечен пат.
ДОЈЧИН: Тоа сте вие оние колери и чуми, или на смртта треба да ми уми вашето
присуство парталаво?
2 ДЕВОЈКА: Рековме само: нѐ чека далечен пат.
ДОЈЧИН: И, што треба тоа да значи?...
3 ДЕВОЈКА: ... Дека осудениот треба со нас да тргне.
13
Болен Дојчин
ДОЈЧИН: Јас не сум ни вештер, ни тат по вашите партали да се влечам!... Кренете од мене
раце!
4 ДЕВОЈКА: Но, ние сме дојдени да те присилиме.
ДОЈЧИН: Закрили ме, Перуне, од овие лишки!
1 ДЕВОЈКА: Од кои ли трње, од кој ли глог, го извлече, Дојчине, овој бог што заборавил
дека е тоа?!... Ајде, препушти се: поедај ми рака!
ДОЈЧИН: И, кој тоа ме осудил мене?
2 ДЕВОЈКА: Некој, што сака името никогаш да не му се чуе!
ДОЈЧИН: Зарем се плаши од својата манија?... Каков е тоа нов бог замешан во нашиве
човечки страданија?...
1 ДЕВОЈКА: Меѓу нас нема ниту една што тебе за страдалник те смета... Дојди: ние те
израмнуваме со нас, со сета твоја големина на измамена душа!...
ДОЈЧИН: Не моиве рани, туку токму таа измама е она што не можам да го надживеам!
Збревтам и дивеам, а не знам ни кој ми е виновен!
2 ДЕВОЈКА: И, сѐ уште не сфаќаш на самиот себе дека здивуваш?... Ти мислиш дека ја
доживуваш само измамата на вербата? Сам себеси си се измамил едно чудо штом
натчовекот во себе си го побарал!
ДОЈЧИН: Не обвинувај ме толку жестоко, јудо!
4 ДЕВОЈКА: И тоа ли нема да го признаеш? Ако тоа во себе не си го видел досега – тогаш
би можела на колена да ти паднам.
3 ДЕВОЈКА: Оној по светот што посега – па макар и злото да го искоренува – ја преценил
својата добрина. А тоа – исто не ли се именува?...
1 ДЕВОЈКА: Да тргнеме, Дојчине: веќе се зори!...
(Девојките исчезнуваат една по една како гаснење на ѕвезди.)
ДОЈЧИН: Јас папсав... Нека се бори друг некој, од некое далечно идно колено... Горчлив
бил вкусот на победата! Од неа до бедата ни чекор немало да се помине... Зар цел живот
го минев тој чекор, несвесен дека на дофат ми бил?... О, Господи, о Кирие, о Домине: ве
именувам – Моја Земја никогаш во една невидена!... И сега – каде да побарам спокој кога
не остана свој, на три дена името да ми го спомене токму во таа земја испосница?...
Клекнувам пред неа, мои далечни предци, клекнувам пред неа, исчадија нивни што
некогаш ќе клекнете пред туѓа земја да ги целивате туѓите светци, барајќи се себеси
погорчливо од мене! Најдете се, и тоа да биде утехата моја! Јас само дојдов, да видам и
всушност победен да бидам на прагот на една нове вера...
(Легнува врз одарот. Под дожд од разнобојна светлина влегуваат сите учесници: Умер,
Плетикоса Павле, Поморјанче Митре и Црната Арапина го подземаат мртвиот Дојчин и
високо го издигнуваат над себе. Крај нив е Јаудијата, а девојките, како придружба,
застануваат отстрана. Така полека сите излегуваат.)

КРАЈ

14

You might also like