You are on page 1of 52

Медеја

Еврипид

МЕДЕЈА

1
Медеја

ЛИЦА:
МЕДЕЈА
ЈАСОН
КРЕОНТ, царот коринтски
АЈГЕЈ, царот атински
ДАДИЛКАТА
ВОСПИТУВАЧОТ
ГЛАСНИКОТ
ДВАТА СИНА МЕДЕИНИ
ХОРОТ НА КОРИНТЈАНКИТЕ

2
Медеја

ПРОЛОГ
Дејството се одвива пред палатата на Јасон и Медеја во Коринт. Дадилката,
загрижена, излегува од палатата.
ДАДИЛКАТА:
Да не стаса, еј, тогаш Арго в земјана
Колхида, преку црни Симплегади в лет,
кај Палиј в лаг бор сечен да не паднеше,
ни весла први мажи да не фатеа,
по руно златно Пелиј што ги испратил,
о, тогаш не би стапнала ни кутра Мéдеја
под кулите на таа земја Јолкија
во копнеж луд и безумен по Јасона
и ниту Пелијади тогаш татка си
би убиле. А сега таа в Коринт е
со децата и мажот свој, им смиле баш
на луѓето што прибрег кај нив пронајде.
Со Јасон сложно си ги трпи маките,
а таа благодат е мошне голема –
со мажот жената во сојуз, склад да е.
(За миг запира.)
Но, зло е сега сè и умре милноста,
штом Јасон срамно жена, деца предаде.
Си лежи сега тој во брачни постели
со ќерката на Креонт, кралот Коринтски.
Навредена е кутрата господарка
и презрена е Мéдеја. Колнејќи в срам,
збор даден спомнува и богој вика с’ гнев
ко сведоци на срамот Јасонов да се.
Сал гладна лежи, тело препушта на бол,
за сето време солзи рони маж ѝ штом
во срам ја фрлил, презрена штом сега е.
Ни очи крева, лице в земи ведне сал,
ко ѕвекот камен да е или морски шум
ги слуша пријателските ни совети.
Понекогаш ќе сврти вратот прелеп, бел,
по татка сакан свој да застенка од скрб,
по земја, домот еднаш што ги предаде.
И сè за мажот страшно што ја навредил!
Но узна она, макава ја подучи

3
Медеја

да оставиш татковина, о, што значи!


Ги мрази, нејќе да ги види децата.
Се плашам, злодело ќе стори некое,
зашт’ нарав она има жестока и зло
зар она не трпи. Ја знам и страв ми е:
по нож ќе посегне и срце прониже.
Ќе влезе молкум, легло брачно кај што е,
ил’ тирани, ил’ зетот да не убие
се плашам. Зло ќе настане поголемо,
от’ страшна е. Кој со неа се зафати,
знај, светла победа тој не ќе однесе
баш најлесно.
(Ги здогледува синовите на Медеја како се приближуваат.)
Забрефтани од трчање
дечињата си идат не слутејќи зло.
Та, не љуби да знае детето за бол.
(Се појавува воспитувачот со двете деца.)
ВОСПИТУВАЧОТ:
Еј, стара слугинке на господарката,
што така стоиш самувајќи пред порти
и ту си плачеш кутра сама в себе си?
Зар Мéдеја е сама сега, без тебе?
ДАДИЛКАТА:
На чедата од Јасон мудра дружбо ти,
на верни слуги мака господарева
им паѓа мошне тешко, кинат градиве.
И јад ме таков обземал, ми дојде, еве,
на небо и на земја да им раскажам
што судбина си има господарката.
ВОСПИТУВАЧОТ:
Зар плач и лелек уште не прекратила?
ДАДИЛКАТА:
Блазе си ти, та ова почеток е сал.
ВОСПИТУВАЧОТ:
Е луда е, да речам така смеам ли,
за вести нови, полоши не слушнала.

4
Медеја

ДАДИЛКАТА:
Де, кажи старче, немој да си кратиш збор.
ВОСПИТУВАЧОТ:
Не, не, и ова што го реков зажалив.
ДАДИЛКАТА:
Да криеш сега немој, жити староста.
На молк јас ако треба ќе се заколнам.
ВОСПИТУВАЧОТ:
Крај изворот Пејрена свет си седнале,
играјќи така зар се расприкажале
старците, не знаејќи дека слушам јас.
За децата зборуваа, со мајка им
од Коринт дека ќе ги гони тиранот,
вожд Креонт. Вистина ли е приказнава
не би знал, а да не е баш би сакал јас.
ДАДИЛКАТА:
И тоа Јасон може да го поднесе,
па макар што со мајка им во кавга е?
ВОСПИТУВАЧОТ:
При нови сватови род стар заборави
и пријател на домов не е веќе тој.
ДАДИЛКАТА:
Пропаднавме штом злото ново с’ првото
го здружиме, пред овој јад да помине.
ВОСПИТУВАЧОТ:
А ти, пак, дека не е час госпоѓата
да дознае за ова, мирувај, ни збор.
ДАДИЛКАТА:
(Кон децата.)
О, деца, слушајте што татко имате!
Да колнам нема, зашто господар е мој,
но, сепак, лош се покажа кон своите.
ВОСПИТУВАЧОТ:
А кој од смртните, пак, не е? Виде ли,
та секој себе си се љуби најмногу.

5
Медеја

[Со право едни, другист од корист.]


Тој децата за легло си ги предаде.
ДАДИЛКАТА:
Да влезете, ај, деца, внатре поарно.
А ти, пак, гледај држи ги понастрана,
од мајка им разсрдена подалеку.
Ја видов јас – ги гледа веќе с’ поглед лош,
ко страшно зло да ќе им стори некое.
Да сопре она нема жолч пред некого
да сотре. Душман некој сал да биде тој!
Се слуша крикот на Медеја. Воспитувачот и децата, кои се упатила кон внатрешноста
на палатата, в миг застануваат, исплашени.
МЕДЕЈА:
(Од внатре.)
Оф, леле!
Еј, кутра, смаена од болки лути!
Еј, кутра, кутра јас, да умрам, боже дај!
ДАДИЛКАТА:
За ова зборев деца мили: каков гнев
ја мори мајка ви, жолч страшна беснее!
Побрзајте ми сега дома, внатре, ај!
На очи немој да ѝ излегувате,
па ниту да наближите. Вардете се
од диво срце, таа нарав грозна
и возгордеана.
Што побргу дома, ај, влезете си,
(Воспитувачот и децата влегуваат во куќата. )
от’ јасно е: на почеток тој облак црн
од лелек што се крена с’ гнев ќе нарасне
што поголем. А кој знае што ќе стори
со грозна жолч и непрекината, со зла
ѝ душата разјадена.
МЕДЕЈА:
Ај, ај!
Еј, страдам кутра, страдам с’ лелек преболен!
Еј, црни деца мои, со татко ви
при грозна мајка страшно ќе загинете,
а домов сет ќе биде сотрен!

6
Медеја

ДАДИЛКАТА:
Вај! Леле, леле! Вај, кутрата!
Та, што се криви децата за грешката
од татко им? Што нив си ги намразила?
Леле, деца! Се плашам многу да не страдате,
зашт’ срце грозно имаат тираните.
Не покорувајќи се, покоруваат,
па гневот тие тешко го свладуваат.
А живот меѓу рамни најарен ми е
и старост помирна со луѓе обични,
што не се ниту сјајни ниту големи.
Ќе речам: сегде името на мерата
победува, а с’ мера да се прави сè
за смртните е најарно и никогаш
од премногу, знај, корист немале.
Коб уште поцрна ќе влезе в куќата
штом дајмон дома беснее.
Од градот пристига хорот на Коринтјанките.
ПАРОДА
(ПРИСТАПНА ПЕСНА)
ХОРОТ:
Слушнав пискотници и слушнав клет вик,
врисокот пријатен баш не на Мéдеја.
Но, збори сега, о, старице!
Пред портите на домов цврст чув лелеци
и не се радувам на болот клет што в дом
ви влегол, мила ми е куќава.
ДАДИЛКАТА:
Дом не е тоа, запустен е веќе.
Врз легло тиранско си лежи оној,
а господарката сал вене в одаи.
Од пријателите ниеден бол
во гради да ѝ смири не може.
МЕДЕЈА:
Ај, ај!
Во главава ми татни веда небеска!
За што да живеам, и каква корист?
Вај! Вај! Во смртта слободна ќе сум,
штом грознава живеачка ја напуштам.
7
Медеја

ХОРОТ:
СТРОФА
О, Ѕевсу, Земјо, Сонце, чувте ли
што жалби несреќницава
си изрече?
Копнежот по смртта од каде,
по сонот ужасен, луда?
Го бараш ли крајот во смртта?
За смрт ич не моли.
Мажот ти што милува,
пак, нова постела,
не дразни се, не си една.
А, бог Ѕевс ќе наплати за неправда,
не тагувај по мажот премногу.
МЕДЕЈА:
Ој, Тéмидо велика, Артéмидо,
еј, госпоѓо, глеј што јадови
си тргам, врзана со заклетва
за сопруг клет! О, дај невестата
и него в домот мртви да ги здогледам!
Се дрзнаа, ле, први да ме навредат.
О, татко, земјо, колку сте ми далеку
штом срамно тогаш јас го убив брата ми!
ДАДИЛКАТА:
(Кон хорот.)
Ја чувте ли што изрече викајќи ги
Ѕевс и света Тéмида, свидетели
на заклетви што смртните ги дале?
И нема с’ нешто мало жолчта во себе
госпоѓата да смири, знам.
ХОРОТ:
АНТИСТРОФА
Да дојдеше, камо, во овој час
и думи да ни сослуша,
да прими реч,
па гневот и срдба тешка
да напушти некако таа.
На милите никогаш помош
не сум им одрекла јас.

8
Медеја

(Кон дадилката.)
Сега внатре,
ај, влези, од домот ти вон
изведи ја, овде, сестро.
Де, побрзај, сè дур в куќи не сотре
бидејќи голем јад ја притиснал.
ДАДИЛКАТА:
Ќе сторам така. Но, се плашам пак
от’ нема да ја убедам.
Задачава од мака ќе ја прифатам.
Ко мајка лавица сè низ куќи
превртува со очи некој штом
ѝ пристапи и збор ѝ прозбори.
И безумни ги наречеш ли предците
а мудри никако, не ќе згрешиш.
За свадби тие песни, приказни,
за гозби покрај слатко јастие
измислија сè песни што ги веселат.
За плакој грозни никој, пак, од смртните
не изнајде лек с’ песните многузвучни,
при сè што смртта севезден
и несреќи сè пустошат по куќите.
Со песни, ај, милозвучни јадовите
да смират смртните, но каква ли
е ползата сред гозба напразно
да викаш – радост веќе не ли е
преполната им трпеза?
ЕПОДА
ХОРОТ:
О, лелек
јас чув и тажби преболни
и горчливи и мачни извици
за оној предавник, црн младоженец.
Трпејќи неправда ко сведок
Тéмида ја Ѕевсова. С’ нејна помош
пристигна таа в Хелада
през морето мрко и горчливо,
низ портата широка Понтска.

9
Медеја

ПРВА ЕПИСОДА
МЕДЕЈА:
Коринтјанки, од дома, жени, излегов
да не би нешто ми префрлите. Та, знам
јас смртни славни многу, едни наоко,
а други дома прибрани. И овие
бивајќи тивки с’ омраза се здобија.
Е, нема правдина во очи човечки.
И пред да познае што човек некој е,
го види ли, го мрази, а зло никакво
не му сторил. Па право е и странецот
на градот да е послушен, граѓанинот,
од неукост возгордеан, го мразам, да.
(Пауза. Продолжува со изменет тон, скршено.)
Несреќава ме снајде баш ненадејно
и душа запусти. Еј, сестри умирам,
и живот витосав и чезнеам за смрт.
Сал тој ми беше, еден, знае убаво,
а најгрозен од мажите се покажа.
Од сè на земјава што има душа бар,
баш ние, жените, сме сорта најкутра.
Со богатство прекумерно да купиме
маж треба за себе, кој господар е наш
на телото, а зло е тоа преболно.
И битката најголема во ова е:
да најдеш добар маж. Зашт’ жените од маж
што ќе се разделат ил’ одбијат, на глас
баш добар не се. А, на ќуд и закони
на куќата, од дома ненаучена,
да бидеш пророк треба па да угодиш.
И уште ако мажот радо јаремот
го носи брачен – живот блажен, ако не –
да умреш поарно. На маж, пак, дома штом
му стане мачно, ќ’ излезе да смири јад
[кај пријател, кај врсник свој ќе отиде]
а ние сал во душа една гледаме.
А нам ни велат дека живот сигурен
живееме, водејќи војни пателе,
пак, лошо мажите. Та, битка три пати
јас сакам повеќе од едно раѓање.

10
Медеја

Но, не важи за двете иста дума, знај,


бидејќи имаш ти татковина и дом,
и среќен живот, твоите мили крај себе.
А јас, бездомничка што сама дрскоста
од мажот свој ја трпам, еднаш грабната
ни мајка, ниту брат, нит’ имам роднина.
О, кому да се обрнам во макава?
За следново, те молам сега, молчи ти:
Штом изнајдам јас итрина, од мажа си
ќе наплатам, знај, лошо за неправдата.
И оному што ќерката ја дал, о, да,
но и на оној што ја зел! Па, плашлива
е жената за битка и за оружје,
но штом ѝ некој легло брачно навреди,
не ќе најдеш од неа покрволочна.
ХОРОВОТКАТА:
Ќе сторам така, Мéдеја, та право е
да г’ убиеш и чудо не е твојот јад.
Го гледам Креонт, владетел на земјава,
тој доаѓа носејќи нови одлуки.
(На сцена влегува Креонт со својата придружба.)
КРЕОНТ:
Мрачнолика ти, Мéдејо, ти, душманке
на мажот, зарем не реков од земјава
да излезеш, земајќи си ги децата?
И немој нешто да се бавиш – пресудив
јас така – нема да се вратам дома, знај,
од земјава дур’ надвор не те исфрлам.
МЕДЕЈА:
Ај! Ај! Кутрата сосем ме запустија
од сегде ме сардисале сал душмани.
А нигде излез добар, спас од макава.
(Кон Креонт.)
Ќе прашам, колку лошо и да страдам јас:
Па зошто, Креонте, ме гониш, кажи ми?
КРЕОНТ:
Се плашам од тебе, ти велам, не кријам:
на ќерката ми ти пакост да не ѝ сториш.

11
Медеја

И многу нешта се во склад со стравот тој:


та, умна си се родила и вешта в зла,
а сега и од легло брачно лишена.
Чув си се заканувала – се прочу глас –
ти на невестата зло ќе си чинела,
и мене, и на младоженецот. Па, пред
да сториш нешто, подобро ти мрази ме,
отколку мек да бидам, па да настрадам.
МЕДЕЈА:
Вај! Вај!
Не сега првпат, туку често, Креонте,
ми штетел гласот, та ми сторил многу зла.
Знај, секој умен што се родил децата
на мудрост тој да не ги учи поарно.
И уште с’ труд, јад тежок што не се мачат,
па градот нив од завист ќе ги намрази.
Мислењата им припрости се обидеш
ли да ги смениш луд си, умен никако.
Штом тие што се мислат мудри ти
ги надминеш, на градот си му здодевен.
Е, јас ја имав токму таа судбина.
Бидејќи мудра, едни завидуваат,
за други сум молчалива ил’ чудна јас,
а за тебе сал дрска, мудра никако.
Се плашиш, значи, лошо да не пропатиш
ти од мене. Та не сум таква, не бој се,
на тиранин јас да му згрешам, Креонте.
А ти, пак, што ми согреши? Ко срцето
што ти повелало ја даде ќерката.
Но, мажот ми го мразам. С’ ум ти постапи.
На среќата јас ниту ти завидувам.
Свадбувајте, со арно! Мене в земјава,
пак, пушти ме да живеам. Навредена,
при сè, ќе траам, свладана од моќните.
КРЕОНТ:
За уши мевлем, сè што рече, в градиве,
пак, уплав дека сновеш несреќи. И знај,
јас помалку ти верувам од претходно.
Од маж ил’ жена пресилно разгневени
се вардам лесно јас, но не од мудреци

12
Медеја

молчаливи. Од овде надвор побрзај,


и не туку ми зборувај. Е решено,
и нема начин, душманке, да останеш.
(Медеја клекнува и му ги опфаќа колената на Креонт, молејќи.)
МЕДЕЈА:
Не, жити колена и ќерка, невеста!
КРЕОНТ:
Сал зборови си арчиш. Не ме одвраќаш.
МЕДЕЈА:
Ме гониш, не се обѕираш на молбите?
КРЕОНТ:
Од домот свој повеќе не те љубам.
МЕДЕЈА:
О земјо, в мигов колку силни спомени!
КРЕОНТ:
Сем децата, и мене ми е најдрага.
МЕДЕЈА:
Вај! Вај! За смртните зло големо е љубовта.
КРЕОНТ:
Од среќата, јас мислам, тоа зависи.
МЕДЕЈА:
Виновникот за ова, Ѕевсу, помни го!
КРЕОНТ:
Де мавни ми се, безумна, не мачи ме.
МЕДЕЈА:
О, бол ме јаде, болки ми спотребале!
КРЕОНТ:
На сила мојте слуги ќе те исфрлат.
МЕДЕЈА:
Не, само тоа не, те молам, Креонте.
КРЕОНТ:
Та, врева креваш, жено, ти ко секогаш.

13
Медеја

МЕДЕЈА:
Ќе бегам одовде, за тоа не молам.
КРЕОНТ:
Па што ме мачиш, градов не го напушташ?
МЕДЕЈА:
Да останам дај само уште денеска
и кај да бегам убаво да размислам,
за децата дом сигурен да изнајдам,
штом татко им баш не сака да помогне.
Сожали се ти на нив, татко си и ти,
ти прилега ним милост да им уделиш.
Не се грижам јас за мене, ве напуштам,
тук’ за нив несреќни си плачам преболно.
КРЕОНТ:
Јас немам срце тиранско, ни најмалку
и често сум си пропатил имајќи жал.
Се гледам веќе како грешам, жено, знам
ти готвиш нешто, но те предупредувам:
Те угреа ли утре сонце в земјава,
со децата се бавиш овде уште ли,
да умреш мора. Реков и не излажав.
Па треба ли да останеш – ти давам ден,
да сториш немој некоја грозотија.
(Креонт заминува заедно со својата придружба.)
ХОРОВОТКАТА:
Жено несреќна,
вај, вај! О, смаена од болни лелеци,
кај пат да фатиш? В која туѓина
дом, земја, спас од макиве
[ќе најдеш]?
О, како некој од боговите
во вртеж од зла те турнал, Мéдејо!
МЕДЕЈА:
На лошо сè се сврте, кој ќе одрече?
Не мислете работава до овде би,
младенците ги чека битка уште, да.
И болој не баш мали нив ги чекаат.
Си мислиш би му ласкала на овој јас
14
Медеја

да немав корист некаква и наум црн?


Збор не би изрекла, ни раце допрела.
Тој кутриот во таква лудост западна
и место да не се смили на молбине,
па да ме изгони, тој ден ми подари
в’ кој тројцата омразени јас мртовци
ги оставам: со татко ќерка, мажот ми.
Си знам јас многу патишта кон црна смрт,
но не знам сега од нив кој да изберам.
Со оган дом да запалам невестински
ил’ остар нож да забијам низ срцето?
Ќе влезам молкум, леглото кај брачно е.
Но, нешто тука не чини – ме фатат ли
и умрам, потсмев на душманите ќе сум.
Па, затоа со пресуда, во која јас
сум вешта, ќе им пресудам – со отров црн.
(Пауза.)
И така нека е.
Ќе умрат. Која земја ќе ме прими?
Кој прибег, дом кој ќе ми даде сигурен?
Кој домаќин и спасител ќе биде мој?
Го нема тој. Ќе седам овде уште јас,
дур не смислам кај прибег цврст да побарам.
Со измама и скришем ќе ги убијам.
Ме изигра ли среќа, па не успеам,
земајќи меч во раце ќе се убијам.
Нив ќе ги уништам, пак, смело, силно баш,
в госпоѓата се колнам – што ја честам јас
од сите богој највеќе, мој помошник –
Хеката, здомена во мојто огниште:
е, кој ме ранил неказнет не го пуштам.
О, плачна, жална свадба ќе им приготвам,
скрб-пелин, па од градов вон ќе побегнам.
Не штеди ги вештините, отпушти ги,
ај, сега, Мéдејо, мајсторија ти покажи.
О, оди кон ужасното, кон бојот смел!
Па види што тргаш! Ко смеа немој да
си им на Сизифејците за свадбата.
Од светол татко и од Хелија си ти
и знаеш вештини. При сè си родена

15
Медеја

ко жена – жените за дела јуначки


баш не се, в зла, пак, секакви се превешти.
ПРВ СТАСИМ
ХОРОТ:
СТРОФА I
На угоре течат, еј, светите ни реки.
Праведно што беше наопаку се свртело.
Кај луѓето само науми подли,
ниту богови вардат збор.
Животот свој чесно го водам ли, и се расчуе глас,
чест и слава родот женски стекнува –
жените тогаш ќе престане да ги гони лош глас.
АНТИСТРОФА I
Еј, Музите тогаш на старите аојди
с’ песни за женска неверност ќе запрат.
Господар Фојб нас со лира и песна
не нè дарувал вдахновена –
тој предводник во песните – да си запеам јас песна,
песна за машкиот род. Вековите
долги за судбата наша со мажите знаат.
СТРОФА II
А ти од дом татков си одедри, да,
од страст споулавена сета. Морето го мина през
двојните карпи. Живееш
во земја туѓа, лишена
од маж, во легло јалово,
несреќнице, од земјава
прогонета, без чест.
АНТИСТРОФА II
Кон заклетви почит нема, ниту срам
има в Хелада велика веќе, небото го голтна.
Без татков дом си сега,
кутра, нема кај од маки
да се засолниш. В постела
царица нова и моќна
ти царува сега.
(На сцената се појавува Јасон.)

16
Медеја

ВТОРА ЕПИСОДА
ЈАСОН:
Не сега прв пат, ами често согледав –
о, гневот жесток зло неизмерно е знај!
Ти можеше и в земјава да останеш
наредбите на моќните слушајќи ги,
за зборој улави си сега гонета.
Но, тоа не е моја работа, а ти,
пак, речи, сакаш ли: маж најлош Јасон е.
А она за тираните што г’ изрече,
та среќа што со прогонство си казнета.
Јас везден гнев на кралот мошне разлутен
му смирував от’ сакав ти да останеш.
Но ти не попушташ со таа безумност,
на царска куќа кобиш везден, затоа
те гонат. (Поблаго.) Не се одреков од милите,
па дојдов, жено, за тебе грижејќи се.
Да не со децата без пари бегате
ил’ нешто ви е потребно, прогонството,
да, неволја е голема. Не мрази ме,
зло да ти помислам јас тебе не можам.
МЕДЕЈА:
Најподмолен, да речам друго не можам
и ништо поарно за нечовечноста.
Ми идеш овде, а најомразен си ти
на богој, мене и на сет род човечки.
И не е ова дрзост, смелост никаква
да чиниш зло ти некому гледајќи го
во очи, туку болеста најголема
кај луѓето – бесрамноста. Штом тука си,
јас зборувајќи душа ќе си олеснам,
слушајќи ти, пак, лошо ќе се јадосаш.
(Пауза. Продолжува со посмирен тон.)
Од првото јас најпрвин ќе започнам:
Те спасив јас, го знаат тоа убаво
Хелените што со нас беа в коработ.
Штом пристапи ти бикови со огнен здив
да спрегнеш, поле страшно, ај, да посееш,
јас змевот, којшто руното го чуваше –

17
Медеја

сè свиткан в катој многу, буден севезден –


го убив тебе светол спас носејќи ти.
Ги предадов јас домот мој и таткото,
во Јолк град Пелиев си пристигнав
јас луда, водена од страста, не од ум.
Го убив Пелија, та умре преболно
од своја челад – домот цел го разурнав.
За ова, о, најужасен од мажите
со предавство ми врати, си се прежени
при сè што деца имаш. Ај, да немаше,
ќе простев нова постела што милуваш.
Збор даде попусто. Јас не знам мислиш ли
боговите од тогаш не царуваат,
законите ли човечки се смениле?
Зар свесен си – збор даден ти изневери.
О, деснице, што често ти ја држеше,
о, колена, изгнасени најзалудно
од долен маж, о, надежи прелагани!
(Пауза.)
Ајде, ќе ти речам ко на пријател:
од тебе какво добро да очекувам?
Но, запрашан се чиниш уште посрамен.
А сега кај да фатам? В домот татков ли,
што за тебе го предадов, да одам јас?
Кај кутрите ли Пелијади? Убав баш
тој пречек ќе е штом го убив татка им.
Работава е ваква: дома јас на своите
омразена им станав, зло, пак, никакво
ним зарад’ тебе да им сторам не смеев.
Та, затоа ме стори мене најсреќна
мед’ жени хеленски. Што чудо маж си бил,
и верен ти се покажа! О, кутрата
што бегам јас од земјава изгонета,
без мили пустата и сама с’ децата!
Што арна пофалба за младоженецот –
ко просјак талка таа што те избави!
О, Ѕевсу, знак на луѓето им показа
да познаат дал златото е лажно,
од луѓето, пак, кој е лош да разберам
знак никаков на телото не постави.

18
Медеја

ХОРОВОТКАТА:
Бес некој несмирен и страшен владее
штом меѓу свои омраза ќе пребликне.
ЈАСОН:
Јас слаб на збор да бидам сега не смеам.
Ко вреден морнар што на кораб с’ остар раб
од едрата внимателно си броди, јас,
знај, жено, твојот јазик клет г’ одбегнувам.
Се фалиш гласно како си ме спасила,
но, мислам јас, на тој пат Киприда
од сите богој, луѓе спас ми донесе.
Те краси остар ум, но ти вистината
ја мразиш – Ерос реши да ме избавиш,
те присили со својте стрели преточни.
Но, не мислам на широко да расправам:
кај помогна, ти арно стори секогаш.
Па, сепак, жено, повеќе си добила,
ти велам јас, отколку што си дарила.
Ко прво, во Хелада седиш наспроти
на земја варварска што е. На правда ти
се научи, на закон, не на сила сал.
Се прочу кај Хелените ко премудра,
ко разумна. В ридиштана зафрлени
да беше уште, слава не ќе стекнеше.
Да немам ниту злато светло в домот мој,
ни глас за песна и од Орфеј поубав,
со име славно ако не се здобијам!
(Прави кратка пауза, давајќи му значење на претходно кажаното.)
За мојте маки толку, реков што сакав
да речам, ти штом прва кавга отпочна.
Ми префрли за бракот кралски, нов,
ќе докажам во тоа мудар дека бев,
и разумен, и тебе голем пријател,
а и на децата. А, сега, молчи ти:
Од земја Јолкија штом овде пристигнав,
си донесов со себе многу неволји.
И каква среќа поарна да изнајдам
од таа с’ кралска ќерка да се оженам?
Не додевај со тоа како постела
јас сум ти намразил и нова заљубил.

19
Медеја

За деца многу желба не ме притиска.


И овие се доста, не се пожалив.
Тук’ поарно за да си поживееме,
за ништо да не страдаме. Јас добро знам:
од сиромавиот баш сите бегаат.
Па, децата ни достојно за мојот род
јас ќе ги одгледам и браќа уште ним,
што рамни ќе им бидат, ќе им изродам –
ко еден род. Деца тебе не ти требаат,
со челад идна треба јас на овие
од корист да сум им. Зар зло им мислам јас?
Да не беше љубоморна, би признала.
Вам, жените, од среќа во постелата
на светов ништо не ви е попотребно.
Штом тука некој ви ја урне среќата,
најарното што е за најомразено
го сметате. Да можеше поинаку
да раѓаме, па да се сотре женски род –
за луѓето е благодат најголема.
ХОРОВОТКАТА:
Што убаво ги искити зборовиве,
еј, Јасоне. Па, сепак, грешам, можеби,
но право не е жена што си остави.
МЕДЕЈА:
Во многу се разликувам од другите.
Кој умно мудрува при сè што подлец е,
јас мислам, казна најстрашна заслужува.
Можејќи злото лажно да го искити,
се дрзнува на сè, но мудар не е баш.
Не прави ми се тука личен многу, ај,
на јазик вешт. Та, еден збор те урива:
да беше толку арен ти за бракот нов
ќе кажеше, не би криел, клет, од мене.
ЈАСОН:
Е, убаво, знам, веста ќе ја примеше
за бракот нов ти спомнев ли! Та, сега ти
со жолчта в срце не знаеш да прекратиш.

20
Медеја

МЕДЕЈА:
Е, не ти беше тоа, туку с’ варварка
да остариш ко срамно ти се видело.
ЈАСОН:
Да знаеш, зарад’ жена не се преженив
ко зет во царски постели да лежам, не –
ти реков, нели, веќе јас – за твојот спас.
На децата, пак, браќа еднакви по крв,
од кралски сој, да изродам – ко бедем в дом.
МЕДЕЈА:
Јас живот лесен, горчлив што е, не сакам,
ни богатство што срце ми јадосува.
ЈАСОН:
Знај, желбата ја смениш ли, ти помудра
ќе си. Ни доброто ко зло, ни среќата
ко несреќа ти тогаш не ќе ги гледаш.
МЕДЕЈА:
Па биди дрзок, покрив цврст си најде ти
на веков. Сама јас, пак, бегам гонета.
ЈАСОН:
Го одбра тоа сама, не обвинувај.
МЕДЕЈА:
А што сторив? Се преженив ко предавник?
ЈАСОН:
Со клетви клети дом ти кралски колнеше.
МЕДЕЈА:
Јас, клетата, и твојот го проколнувам.
ЈАСОН:
За ова не спорам јас веќе со тебе.
Но, сакаш ли за децата и бегството
ти помош некаква, де, кажи, зборувај,
јас с’ рака штедра ќе ти помогнам.
Ќе пратам знаци в туѓина да помогнат.
Го одбиеш ли ова, жено, луда си.
Да прекратиш со гнев за тебе поарно.

21
Медеја

МЕДЕЈА:
Ми спотребал твој пријател во туѓина!
Не нуди ми, од тебе ништо не примам.
Од човек клет дар добро не ќе донесе.
ЈАСОН:
Боговите ко сведоци ги викам јас,
да видат дека сакам да ви помогнам.
Ти арното го отфрлаш, горделива
зар си – свој оттурна, ќе страдаш повеќе.
(Се врти и заминува кон градот.)
МЕДЕЈА:
Ај, оди си. По мома нововенчана
си копнееш, от’ долго ѝ се забави,
о, младоженецу. Но бог ќе потврди:
тој брак ти дека ќе го колнеш еден ден.
ВТОР СТАСИМ
ХОРОТ:
СТРОФА I
О, страста прекумерна кога
просудба нам ни обземе
и умна доблеста ни одзема в час.
Љубовта смерна е, сепак,
Киприда милна ако ни дојде.
С’ лакот златен никогаш, божице, стрелата на страста,
преточна на мене не пуштај ја.
АНТИСТРОФА I
Нека ме милува умот –
бистар, красен божји дар.
Никогаш раздразлив гнев
и кавга не поткревај в мене.
Не ми бранувај душа, постела друга
погоди ти, најстрашна божице,
мирот в мојата сочувај го.
Врз легло дај ни љубов разумна.
СТРОФА II
Земјо ти, еј, дому мој мил,
без ваш штит да не останам
и несреќна јас живот тежок,
22
Медеја

живот на плачни дни


с’ лелеци да не тргам!
Па, умирачка, смрт нека ме свлада
таквиот ден пред да се збие.
Најболна мака е тоа –
од дом, земја да бидеш лишен.
АНТИСТРОФА II
Та, видовме, не е ова приказна
од други слушната:
Ни град ниту пријател си имаш
да те оплака во јадот твој, ужасен.
Нека згине неблагодарник кога
својот не го чести и штом
тој срце не му отвора.
Таквиот никогаш не ќе ми е мил.
(На сцената влегува Ајгеј.)

23
Медеја

ТРЕТА ЕПИСОДА
АЈГЕЈ:
Ај, здраво, Медејо! Та, поздрав поарен
за пријател баш никој не ќе изнајде.
МЕДЕЈА:
И ти здрав да си, чедо Пандионово,
Ајгéј. Од каде ти се најде в земјава?
АЈГЕЈ:
Од Фојбово пророчиште се враќам јас.
МЕДЕЈА:
Што бараше во тоа божјо средиште?
АЈГЕЈ:
Да питам с’ плодност како да се здобијам.
МЕДЕЈА:
Без деца, боже, зар, од секогаш си бил?
АЈГЕЈ:
По волјата на некој бог, без челад сум.
МЕДЕЈА:
Си имаш жена или празна постела?
АЈГЕЈ:
Од легло брачно, жена не сум лишен јас.
МЕДЕЈА:
И што ти рече тогаш Фојб за децата?
АЈГЕЈ:
Па, зборој премудри за умот човечки.
МЕДЕЈА:
А смеам ли да знам бог што пророкува?
АЈГЕЈ:
Да, бездруго! За ова ум е потребен.
МЕДЕЈА:
Што нарича? Де, кажи, смеам ли да знам?
АЈГЕЈ:
На мешина јас грло да не отворам.

24
Медеја

МЕДЕЈА:
(Го прекинува.)
Дур свршиш нешто или стасаш некаде?
АЈГЕЈ:
До огниште дур не сум стасал татково.
МЕДЕЈА:
Во земјава, ти, сепак, зошто пристигна?
АЈГЕЈ:
Си има некој Питхеј, цар е троѕенски.
МЕДЕЈА:
На Пелоп чедо, велат, многу побожно.
АЈГЕЈ:
За ова пророштво јас да го распрашам.
МЕДЕЈА:
Да, мудрец вешт е тој во такви работи.
АЈГЕЈ:
А мене најмил другар мед’ ратниците.
МЕДЕЈА:
Со среќа! Да те срети што си копнееш!
АЈГЕЈ:
(Пауза. Ја набљудува.)
А зошто ти е око, лице свенато?
МЕДЕЈА:
Си имам маж, Ајгéју, јас најужасен.
АЈГЕЈ:
Што зборуваш? Де, јасно кажи што ти е.
МЕДЕЈА:
Без моја вина, лошо тој ме навреди.
АЈГЕЈ:
Но, што сторил? Ај, кажи ми, де, појасно.
МЕДЕЈА:
Се ожени тој клет, при сè што женет е.

25
Медеја

АЈГЕЈ:
На такво дело, најсрамно се осмелил?
МЕДЕЈА:
И знај ти: своите од чест ги лиши тој.
АЈГЕЈ:
Дал друга љуби? Тебе ли те намрази?
МЕДЕЈА:
Та, друга. Како неверник се родил, клет.
АЈГЕЈ:
Па, за тебе е поарно, штом таков бил.
МЕДЕЈА:
Да земе ќерка тиранска тој посакал.
АЈГЕЈ:
Крал кој го дава чедото, де, кажи ми.
МЕДЕЈА:
Креонт, што царува во земја Коринтска.
АЈГЕЈ:
И право е што така болно тагуваш.
МЕДЕЈА:
Ме запусти – од земја ме изгонија.
АЈГЕЈ:
А кој? За уште, нови зла соопштуваш.
МЕДЕЈА:
Ме гони Креонт вон од земја Коринтска.
АЈГЕЈ:
И пушта Јасон, срамот поголем да е?
МЕДЕЈА:
Па, не на збор, но тоа го посакува.
Те молам, жити брадата, преколнувам
и ту коленичам пред твојте колена,
сожали се ти, сожали, о, на мене.
Та, сама и отфрлена да не бидам,
тук’ в градот твој ти прими ме и в домот цврст.
Боговите, пак, желба да ти извршат –

26
Медеја

со пород, ај, смрт блажена да дочекаш!


Ти не знаеш што чудо овде намери,
од безродност јас с’ билје ќе те излечам
најчудесно и семе плодно ќе ти дам.
АЈГЕЈ:
И има зошто милост да ти дарувам,
о, жено. Прво, заради боговите
сум рад и деца, исто, што ми наричаш,
по тоа, зашто, сиот сè си копнеам.
За ова толку. Дојдеш ли ко гостинка,
пак, дом ти нудам јас, бидејќи праведен.
Сал ова, жено, ќе го речам однапред:
од земјава вон да те водам не сакам,
но сама, сепак, дојдеш ли пред мојот дом,
засолниште ти нудам, не те предавам.
Од земјава ти самата излези си,
на домаќин, зар, да му згрешам не сакам.
МЕДЕЈА:
Па така нека биде, вера подај ми
за ова, арно сал да имам со тебе!
АЈГЕЈ:
Не веруваш? Ил’ нешто те измачува?
МЕДЕЈА:
Ти верувам. Но, мене ме намразиле
дом Пелиев и Креонтов. Заколни се
ти дека не ќе дозволиш да м’ изведат
од земјата. Без заклетва пред богови,
штом со нив се спријателиш, ти ним на збор
би им поверувал, а мојта бессилна
ќе биде реч пред тие богати и моќници.
АЈГЕЈ:
Загриженост во ова сега видов јас.
Не плаши се, од зборот не отстапувам.
И ова знај го, биди сосем сигурна:
за твојте душмани ќе најдам изговор,
на збор ќе стојам. Бог ко сведок повикај.

27
Медеја

МЕДЕЈА:
Заколни се во земјата, во Гаја, ај,
во Хелиј, кој боговите ги свикува.
АЈГЕЈ:
А тогаш што треба да сторам, зборувај!
МЕДЕЈА:
Ти мене никогаш да не ме прогониш,
ни душман мој од земја да не м’ изведе,
ко некој безбожник да не ме препуштиш.
АЈГЕЈ:
Во Гаја ти се колнам и во Хелија
пресветлиот, што реков сè ќе одржам.
МЕДЕЈА:
Запри! А ако не, пак, да те снајде што?
АЈГЕЈ:
Сè она човек безбожен што снаоѓа.
МЕДЕЈА:
Со здравје оди си, сè арно со тебе
да е. Там’ бргу јас ќе пристигнам
штом овде исполнам што веќе намислив.
(Ајгеј заминува, заедно со својата придружба.)
ХОРОВОТКАТА:
И синот на Маја, господ Хермес,
дома нека те води и нека ти
исполни желба, зашто си ти
благороден маж,
Ајгéју, го видовме тоа ние.
МЕДЕЈА:
О, Ѕевсу, Правдо и ти Хелиј пресветол!
Еј, сестри мили, славно ќе ги победам
душманите! Јас тргнав веќе на тој пат
и од нив, мислам, неправда ќе наплатам.
А овој човек в макиве е спасот мој,
пристаниште е мирно за намериве.
Па, коработ јас ќе го врзам за него
во градот на Палада штом ќе пристигнам.

28
Медеја

А сега ќе ви кажам сè што наумив


и знајте – што ќе речам не се шегувам.
Ќе пратам јас прислужничка кај Јасона
за да го помоли да дојде при мене.
Штом дојде с’ милни зборови ќе отпочнам:
за арно како мислам дека сторил сè
и невеста од рода голема што зел,
зар тоа дело големо и красно е.
Ќе молам децата да не ги прогонат,
ко божем в туѓина да не душманите
се дрзнат лошо да ги навредуваат.
О, с’ итрина јас невеста ќе убијам.
Со дарој в раце ќе си пратам деца кај неа –
дар венец златен, промена копринена –
да помолат во земјава да останат.
Штом тело накити со таа промена,
ќе умре. Секој кој ја допре момата
ќе загине од дарот клет, чудотворен.
(Подзапира, вознемирено.)
Да писнам можам сал за делото што си
го намислив ко следно – да ги убијам
јас моите деца. Никој не ги спасува.
Штом сиот дом на Јасона го уништам,
ќе заминам, во бег од грев најужасен –
убиството на моите деца најмили.
(Пауза.)
Па нека е! Та, зошто ми е животов,
без земја, дом, засолниште од неволји.
Јас еднаш згрешив страшно, да, татковина
што напуштив. Ме убеди тој, Хеленот,
со лаги. Затоа, пак, ќе ми плати тој.
Он деца нема да си види никогаш,
а ни невестата му нововенчана
да роди чедо клетата не ќе може –
ќе умре клето кутната од билјето
умразито. И никој да не ме смета
за кротка, не, ко нарав, ами инаква:
ко грозна со душманите, а блага, пак,
со милите и ете – живот преславен.

29
Медеја

ХОРОВОТКАТА:
Штом ова ми го кажа, да ги помогнам,
сакајќи и пазејќи ги законите,
ќе речам – тоа злосторство не прави го.
МЕДЕЈА:
Но, друго нема. Тебе, пак, те разбирам,
штом вакво зло ти еднаш не си трпела.
ХОРОВОТКАТА:
Но, челад своја, жено, да си убиеш?
МЕДЕЈА:
На Јасон срце луто да му изеде.
ХОРОВОТКАТА:
О, ти најнесреќна од сиот женски род!
МЕДЕЈА:
Но, ајде, излишен е, мислам, секој збор.
(Кон дадилката.)
А сега оди, Јасона доведи го.
И сè што реков сега, ти го доверив.
Не кажувај и криј ги мојте науми,
ми мислиш добро ли и ако жена си.
(Дадилката ја напушта сцената.)
ТРЕТ СТАСИМ
ХОРОТ:
СТРОФА I
О, Ерехтејди од искона најсреќни,
божји чеда блажени и пресвети,
земја вечна си имате. Радоста
на мудрост преславна при вас е. Везден пресветол етер,
нежен ве обвива меко, каде што, велат,
деветте Музи, баш, Пиериди, еднаш
ги роди Хармонија руса.
АНТИСТРОФА I
Со води Кефисови, себистри, пеат,
Киприда кога земја оросила мека
и ветер умерен, благ пратила в тој,
преубав крај. А таа косата с’ венец
од рози, цвеќе мирисно кити и Љубов
30
Медеја

ни праќа, на Мудроста друшка, доблест


што сегде секаква следи.
СТРОФА II
На светите реки зар тој милозлив град
тебе да те прими?
Чедоморка ти си страшна
и нечиста, исто така.
На детските рани мисли
и на в крв злосторство грозно!
Не, ти коленичам еве,
те молам јас понизно:
децата немој!
АНТИСТРОФА II
Па, дрзост и срце од кај
сопствена рака да кренеш на чедо,
вршејќи најужасен грев?
Со очи како ќе гледаш
вршејќи го колежот над децата, страшен?
Нема да можеш, штом чуеш молби,
да извалкаш раце в крв,
решена сосем.
(Доаѓа дадилката, водејќи го Јасона со себе.)

31
Медеја

ЧЕТВРТА ЕПИСОДА
ЈАСОН:
Јас идам повикан, иако душманка
си моја. Не ти одбивам, ќе сослушам.
Што ново од мене ти, жено, посака?
МЕДЕЈА:
Те молам, да ми простиш сега, Јасоне,
за сè што реков. Ред е да ми трпиш гнев
и бесови, штом толку си се сакавме.
Си фатив разговор јас сама со себе,
се ругав многу: „Грозна, луда жено, еј!
Ги мразиш тие добро што ти сакаат?
Омразена им станав и на тиранот,
а и на мажот. Арно сал ми чини тој,
ко царски зет на моите деца браќа в дом
тој ќе им изроди. И гнев да не смирам?
При сè што добро бог ми носи, јадови
да тргам? Деца немам ли и не знам ли
от’ гонети ќе бидат и отфрлени?“
Си мислам така јас и ту безумноста
ја видов своја, сиот гнев мој напразен.
Но, сега јас те фалам колку разумен
си бил ти со женидбава. О, луда бев!
Да бидам со тебе јас сложна требаше
во тие намери и брачна постела
да китам, да се радувам на невеста.
Но, такви сме ко што сме ние, жените,
и затоа со исто зло ти не враќај,
на лудоста со лудост не одговарај!
Та, попуштам и дека згрешив признавам,
но сега сакам сè да биде подобро.
(Се врти кон куќата, викајќи.)
О, деца, деца, ваму брзо дојдете,
за татко да си бакнете, поздравите.
(Доаѓаат децата заедно со воспитувачот.)
Ко мајка ви и вие престорете ја
во љубов таа омраза од пред тоа.
Се заколнав јас дека с’ гнев ќе прекратам.
Де, рака подајте си, ај! О, какви зла

32
Медеја

се сетив дека скришем сум намислила.


(За себе, помислувајќи на убиството на децата.)
Леле! До кога деца мои рацете
ви мили вака, кутри, ќе ги ширите?
Несреќнице, еј! Веќе страв ме свладува
и солзи, плач.
(Му ја правда на Јасон својата вознемиреност.)
За кавга што прекративме,
со солзи нежно лице јас си натопив.
ХОРОВОТКАТА:
Во очиве ме печат солзи горешти
и мене. Зло поголемо да не дојде!
ЈАСОН:
За пофалба е ова, жено, простувам
за она! Знам јас: право е на жената
на мажот да се лути штом се преженил.
Но, тие кон добро срцето го насочи,
со време разбра дека умни намери
сум имал јас, та разумно ти постапи.
(На децата.)
И така, деца, сосем мудро, знајте, спас
ви донел татко ви, со бога заедно:
Со браќа ви и вие, мислам, в земјава,
во Коринт честени да сте ко најпрви.
Ај, раснете, а другото на татко ви
и богови да помогнат оставете.
Па, да ве видам лични вас, пораснати
и посилни од сите мои душмани.
(Кон Медеја.)
Но, зошто солзи образи ти покрија
и лице бело в земи си наведнала?
Те растажи ли ова што го кажав јас?
МЕДЕЈА:
Не, ништо. В миг за децата се замислив.
ЈАСОН:
Де, не бој се. Се грижам добро за нив јас.

33
Медеја

МЕДЕЈА:
Та, не, во зборот твој јас не се сомневам.
Бидејќи жена, ете, солза пролеав.
ЈАСОН:
Па, зошто толку стенкаш ти за децата?
МЕДЕЈА:
Јас нив ги родив. Живот штом им подарив,
се плашам каква ќе им е судбината.
(Се смирува и продолжува сталожено.)
На разговор, пак, тебе јас те повикав,
крај другото и ова ти го кажувам:
За тиранот што решил да ме изгони
и мене ми се чини ќе е поарно
да не ви се бавам јас тука ни тебе,
ни на Креонта. Ме мисли душманка
на домот негов, затоа ќе бегам јас.
Но, децата, помоли го, од земјава
да не ги прогони, да растат крај тебе.
ЈАСОН:
Ќе одобри ли, не знам. Ќе се обидам.
МЕДЕЈА:
А ти, пак, тогаш речи ѝ на жена ти
за ова таа татка да си помоли.
ЈАСОН:
Па, да. Е, неа чинам ќе ја убедам.
МЕДЕЈА:
Навистина, па жена е и самата.
А јас во овој напор ќе ти помогнам.
Јас ќе ѝ пратам дарови најубави
што меѓу смртните се денес, знам,
[баш златен венец, промена копринена]
по децата. Но треба, знај, што побргу
да ѝ го даде, веднаш прислужничката.
А ќе се радува, не еднаш, стократно!
За маж те нашла тебе, прв сред мажите,
па дар си красен добила од Хелија,
што еднаш тој на татко ми го подарил,
а овој нам. Ај, миразов земете го,
34
Медеја

(Една од придружниците на Медеја го изнесува дарот од куќата и го става пред неа.)


носете го, ај, деца, на невестата
дајте ѝ го најбеспрекорниот ни дар.
ЈАСОН:
О, безумна, зар кралеј ти ќе даруваш?
Си мислиш домот царски сјајни алишта
и злато нема? За себе чувај си ги.
Та, жена ми збор мене ми почитува
од сите богатства на светов повеќе.
МЕДЕЈА:
Не учи ме. И бог со дар се смилува,
а смртните со злато, помалку со збор.
(Пауза.)
О, дајмон стои крај неа, ја воздига
ко нова царица. А, покрај златото,
и мојве деца ќе ѝ смекнат душата.
(Кон децата.)
О, деца, појдете во домот пребогат
и жена нова таткова, а моја, пак,
господарка, помолете од земјава
да не ве прогонат. И дарот гледајте
сал нејна рака да го прими, друга не.
Ај, бргу, одете и добри гласници
на мајка ви во желбите бидете ѝ.
ЧЕТВРТИ СТАСИМ
ХОРОТ:
СТРОФА I
Јас немам веќе надеж дека децата
ќе живеат. И еве, чекорат кон смрт,
да, се кити момата веќе с’ венецот.
Црната смрт в раце ја зема.
Та, Ајд в косата ѝ сплел венец црн, клет –
самата се гиздела.
АНТИСТРОФА I
О, блескотот на таа красна промена,
венецот тој пресветол ќе ја убеди.
В Ајд невеста красена таа ќе биде,
в стапица таква си падна.

35
Медеја

Се здоби клетница, еј, с’ црната смрт,


судбина најгрозна.
СТРОФА II
О, уроклив, кутар младоженецу, со бракот грешен
децата ти во смрт
си ги прати и момата убава, знај,
кај Мријата ужасна, ле!
Те одмина среќата, еј, црн, ти!
АНТИСТРОФА II
И с’ лелек со тебе ќе писнам мајко злосреќна, еј!
Ќе ги заколеш ти
за легла невестински децата свои.
Он сама те остави с’ нив,
си милува друга тој, о, клет, клет!
(Воспитувачот се враќа, заедно со децата.)

36
Медеја

ПЕТТА ЕПИСОДА
ВОСПИТУВАЧОТ:
Господарке, ќе останат дечињата
во земјава. Го прими дарот весело
невестата, над твоите деца спушта мир.
Ај, ај!
От’ тажна си, та среќа голема се зби?
[И оти лице наназад си свртела,
невесела го примаш вака мојов збор?]
МЕДЕЈА:
Ај! Ај!
ВОСПИТУВАЧОТ:
На вестиве тој писок не им прилега.
МЕДЕЈА:
Ај! Ќе вриснам пак!
ВОСПИТУВАЧОТ:
За коб зла не знам дека јас
сум известил. Се лажам ли во добра вест?
МЕДЕЈА:
Ти извести што извести и не си крив.
ВОСПИТУВАЧОТ:
Што очите ги веднеш, солзи рониш сал?
МЕДЕЈА:
Да сопрам не можам и морам, старецу.
Ужасната јас, ведно с’ бог зло смисливме.
ВОСПИТУВАЧОТ:
Охрабри се! Ќе дојдеш ти крај децата.
МЕДЕЈА:
(Мислејќи на смртта на тираните и на сопствените деца.)
Но, првин други некаде да испратам.
ВОСПИТУВАЧОТ:
(Не разбирајќи ја.)
Та, не се двоиш само ти од децата,
ко смртна, кротко неволја поднесувај.

37
Медеја

МЕДЕЈА:
Ќе сторам така. Сега дома влези, ај
и децата за денов ти опслужи ги.
(Воспитувачот си оди. Медеја кон децата.)
О, деца, деца, град и дом си имате,
еј, кутрите, кај, мене оставајќи ме,
одвоени од мајка ќе живеете.
А јас, прогонета во туѓина ќе сум
пред да ве видам среќни – радост голема.
Пред легло, невеста јас да ви накитам,
пред в ракава да кренам светлост радосна.
О, несреќна од својата горделивост!
Попустина јас, деца, вас ве израснав,
попустина се мачев, болки најлути
попустина на раѓање ме тиштеле.
А многу надежи си имав, кутрата:
и тоа како јас крај вас ќе остарам,
и како кога умрам погреб најубав,
на секого за завист, ќе ми чините.
Си умре надеж слатка! Живот горчлив јас
ќе имам, болен без вас ако останам.
О, мили веќе не ќе ме погледнете
со очите, лик нов на живот земате.
(Пауза.)
Вај! Вај! О, зошто с’ очите ме гледате?
Со таа усмевка, о, деца, последна?
Ај! Ај! Што ќе правам? (Кон хорот.) Ах, срце попушта,
штом видам очи детски, ведри, најчисти.
Не ќе можам. Па, збогум мои науми
од пред тоа. Да, ќе ги водам со себе.
Зар покрај таа несреќа, што татко им
ме остави, зла два пати поголеми
да патам јас? Е, нема. Збогум науми!
(Ја менува интонацијата и изразот.)
Но, што правам? За потсмев зарем да сум им
на душмани и зар неказнети да се?
Да, треба да се осмелам и не туку,
ко слаба, да се лажам с’ нежни зборови.
Ај’ дома, деца, ај’! А кому право не
му е да биде присутен на делото –
по волја баш! Знај, ракава не ќе згреши.

38
Медеја

(Запира.)
Аа, аа!
О, гневу мој, не тоа да го сториш не!
О, пушти ги, о, кутра, на нив смили се.
И без мене, сал живи да се децата!
(Пауза; повторно станува решителна.)
Е, жими сите духови одмазници
на Ајд, да биде тоа нема – децата
на моите душмани да им ги оставам,
не, никако. [Да, нужно е да умрат, знам.
Штом така морало: штом сум ги родила,
и ќе ги убијам.] Сè сврши, нема спас.
Со венец на глава и сјајно руво, еј,
невестата, тиранката, знам, умира.
Сум тргнала по пат јас кутра тегобен,
а децата ги праќам, пак, на потежок.
О, сакам децата да си ги поздравам:
рачињата, ај, дајте да ги бакнам јас.
(Плаче.)
О, рако најмила, и лик, и говор мил,
о, лица преблагородни! Ај, бидете
ми среќни онаму, зашт’ овде веќе сè
ви уништи, ле, татко ви. О, прегратко
ти слатка, тело меко, детски здиву, благ!
(Пауза.)
Ај, одете, ај, одете, о, не можам
јас да ве гледам, слабости ме свладаа.
О, разбра какво дело јас ќе извршам!
Да, срцево е посилно од промисли
и виновник за сите зла најголеми.
(Децата ја напуштаат сцената.)
ХОРОТ:
ПРВ СИСТЕМ
Да, често веќе
остроумни разговори јас водев
и за расправи големи знам,
преголеми за жена, можеби.
Зар и нас Музата нè милува
што с’ мудроста чиста си владее.
Но, не е со сите така и мал

39
Медеја

е бројот на таквите жени


што Музите ги милуваат.
ВТОР СИСТЕМ
И велам, од смртните, оние
што не знаат за деца, ниту, пак,
ги раѓале, се посреќни од тие
што еднаш родиле.
Бездетните, зар, не знаат за тоа
дал’ децата им живот сладок, дал’,
пак, горчлив тргаат, ко несреќни.
Да, маки тие си немаат.
ТРЕТ СИСТЕМ
А тие од деца што в дом ластар
одгледале мил, јас знам – од неволји
се свладани сосем, през целиот им век.
Па убаво да ги воспитаат
се мачат, а и да ги нахранат,
а не знаат дал’ добри или лоши
ќе се покажат.
ЧЕТВРТ СИСТЕМ
О, маки на слепо се тоа.
Но, едно од сите зла, јас мислам,
за смртните сите најлошо е:
штом еднаш силни станат и тело
во цветна младост пркне и штом ќе
се сторат мажи одлични, во миг,
сал ако реши некој дајмон,
кај Ајд црн смртта децата ги носи.
Крај сите маки и таа
ли жалба, баш, најболна по децата
бог им ја пратил
на луѓето смртни на веков?
МЕДЕЈА:
(Гледа во правец на царскиот двор.)
Си чекам веќе долго, сестри, среќата
да видам каква онде ми ја скроија.
Го гледам, еден веќе иде наваму
од слугите на Јасон, силно задишан;
се чини ново зло ко да ќе соопшти.
40
Медеја

(Доаѓа гласник, еден од слугите на Јасон.)


ГЛАСНИКОТ:
О, дело најужасно, преку законот!
О, бегај, бегај, Мéдејо со кораб ли,
ил’ пешки патот ќе го фатиш, бегај сал!
МЕДЕЈА:
Со што, пак, тоа бегство јас го заслужив?
ГЛАСНИКОТ:
Невестата ја зеде смртта порфирна
и Креонта, од тие твои отрови.
МЕДЕЈА:
Ми кажа вест најубава. Мој добротвор
и пријател ќе си през сиот живот свој.
ГЛАСНИКОТ:
Де, жено, што збориш? Ти паметна ли си,
споулаве ли? Царско сотре огниште,
а ти се радуваш, без страв, баш, никаков?
МЕДЕЈА:
На ова што го рече имам што да ти
одговорам. Ај, полека пријателе,
де, кажи како умреа? Радоста,
зар, двојна ќе ми биде, страшно ако би.
ГЛАСНИКОТ:
Штом твојот двоен пород тогаш пристигна
со татко им и стапна в дом невестински,
и ние, робови, се израдувавме,
од твои зла измачени. Се прочу глас
на кавгата со мажот ти дека е крај.
Ту еден раце целива, а друг, пак, зел
ги гали децата по руса глава. Јас,
од радост, в женски одаи се искачив.
А новата господарка и невеста,
дур уште не ги виде твојте деца две,
на Јасона му прати поглед наклонет.
Но, потем таа долу сведна очите
и лице бело, лично сврте настрана
штом децата ги виде. Тогаш мажот ти

41
Медеја

ѝ смири гнев и лутина на момата


сè вака говорејќи ѝ: „Не душманка
на милите да си, тук’ ваму погледни
и мили нека ти се мене милите.
А, сега, прими дарови и татка ти
помоли го да не ги гони децава.“
А оваа, штом виде дар, не одрече
тук’ сè му одобри на мажот. Уште пред
тој далеку да одмине со децата,
го зеде она тоа руво шарено
и метна венец златен окул кадрици.
Па, пред огледало ја стокми косата,
на безживотната си слика насмевка
ѝ прати. Стана потоа од тронот свој
и леко с’ нога пребела зачекори
по собата. О, радост голема – даровите
на прсти сè се поткрева гледајќи се!
(Пауза; со изменет тон.)
Оф, каква глетка ужасна за очиве!
В миг лицето ѝ пребледе и наназад
се спрепна кутра, нозе ѝ се стресоа,
ќе умира. Се струполи врз тронот свој.
А една стара слугинка, мислејќи си
гнев Панов ил’ на друг бог дека беснее,
залелека, пред пена да забележи
од уста што ѝ потече. Па преврте
со очите, ко крв да нема во неа.
И тогаш страшно спискаа и лелеци
се слушнаа. Кај Креонт една потрча,
кај Јасон друга отиде, да известат
за ужасијава. И врвеж настана
во куќата од мошне чести чекори.
Па пешак брз штом едвај стигнал плетри шест
да измине, за толку време она баш
со очите затворени и безгласна
в час страшно застенка, се свести кутрата.
Но, тогаш јад ја кутна двојно поболен:
од венецот што косите ѝ красеше
од огон поток чудесен ѝ потече.
Промената копринена, дар подарен,
од телото, пак, бела плот ѝ јадеше.

42
Медеја

И кутра сета в плам од столот с’ исправи,


ќе бега. Коси сее на сите страни,
сакајќи да го симне венецот. Но тој
си беше цврсто заврзан, а таа, пак,
штом коси стресе, огнот ќе се засили.
Врз прагот падна, свладана од маките.
Сем татко никој баш да не ја познае.
Кај беа очи не можеш да разбереш,
ни лицето ѝ убаво. Капе крв
од челото, со пламен крв измешана.
Ко смола плот се топеше од коските
и течеше, изгризана од отрови.
О, глетка ужасна! И страв нè обзема
од мртвата – за сите беше поука.
(Пауза.)
А татко ѝ, пак, не знаејќи кутриот
за овој јад, се втурна дома. Падна пред
мртовецот и раце целива, па зарида
редејќи вака: „Чедо мое несреќно,
од бози кој те уби незаслужено?
Кој мене, старец, без тебе ме остави,
ме запусти? Да умрам, леле, со тебе!“
Со плакој, тажби кутриот штом престана,
сакајќи стара снага да си исправи,
ко бршлен с’ гранка дафнова се сврзал тој
со рувото, в миг стана борба голема:
Се мачи тој да г’ исправи коленото,
а таа не пушта. И штом ќе повлече
тој на сила, од коските се двои плот.
На крајот, престана и душа испушти.
Не можеше тој злото да го победи.
И лежат мртви таткото и ќерката,
о, несреќа што носи солзи горешти!
За што те чека нема да ти зборувам,
и сама знаеш казна ти да одбегнеш.
(За себе.)
Без страв ќе речам, не за прв пат: смртните
се сенки бедни сал. А тие мудри што
ги мислат, умни зборови што коваат,
за будали најголеми ги сметам јас.
Од смртните ни еден не е среќен, знај!

43
Медеја

Богатиот е посреќен од другите


што не се, блажен тој, пак, не е никако.
(Си заминува.)
ХОРОВОТКАТА:
По волјата на некој дајмон многу зла
врз Јасона се вршат денес, праведно.
[О, кутра, кобта ти ја оплакуваме,
Креонтова, ти, ќерко, замина кај Ајд.
Со Јасон бракот беше причина.]
МЕДЕЈА:
(Кон хорот.)
Се чини, сестри, време е да побрзам,
да бегам, децата штом ќе ги убијам.
И да се бавам не смеам, зар некој друг
со рака клета дека ќе ми убие.
Да, сосем нужно е да умрат. Тогаш јас,
што сум ги родила – и ќе ги убијам!
Осмели се, ај, срце! Зошто не можам
јас ова нужно дело да го извршам?
Ај, кутра рако моја, мечот земи го
и оди, движи се кон таа плачна цел
на животот. И не мисли малодушно
на тоа колку ти се мили, како си
ги родила. Ти денес заборави ги,
а утре плачи. Кревам рака, да, но – вај,
ги сакав, леле, кутрата јас, проклета!
(Влегува во куќата со намера да го изврши страшниот чин.)
ПЕТТИ СТАСИМ
ХОРОТ:
СТРОФА I
Ој, ти, Земјо и пресветли
зраку Сончев, еј, ти, видете ја, видете,
скршенава жена пред да го изврши
тој злостор црн врз чедата свои.
Та, твое се колено златно!
О, крв не давај божја да падне
од рака човечка.

44
Медеја

А, сега, божја светлост, без престан свети,


изгони ја грешната одмаздничка.
АНТИСТРОФА I
О, да, попусто маките
и род ти мил си раѓаше попустин, еј!
Низ црни Симплегади, зли, стените
ко ноќта душмански, мина попусто.
Несреќнице, зошто тешка жолч
и крв, убиство срце ти
обземале и ум?
О, грев е тоа најстрашен – убиството
на своја крв и род, а бог со казни
и јадој најстрашни тој грев го наплаќа.
СТРОФА II
ДЕТЕТО:
(Од внатре.)
Леле!
ХОРОТ:
Го слушаш ли гласот, гласот на децата?
О, дрска ти несреќнице!
ДЕЦАТА:
(Наизменично двајцата.)
– Што да правам?! Од мајка кај да избегам?
– О, не знам. Брате најмили, умираме!
ХОРОТ:
Ќе влезам. Овој колеж над децата
ќе го запрам, можеби.
ДЕЦАТА:
(Наизменично.)
– О, живи сите богови, запрете ја!
– О, час на уплав. Мечот остар над нас е!
ХОРОТ:
Од камен ил’ од студно железо
си жено ти, ти
што чеда свои родени си уби самата?
АНТИСТРОФА II
А една, велам, една жена сал
45
Медеја

до сега врз свои деца рака кренала –


Инó, Хера штом од ум ја лиши,
по светов испраќајќи ја да талка.
Се удави во море, грешница.
Ги уби децата,
фрлајќи се од морска карпа ведно со нив две,
па умре кутрата со децата.
И има ли од ова ужас поголем?
О, женско легло
преболно, зла големи им донесе на смртните!
(На сцената се втурнува Јасон заедно со својата придружба.)

46
Медеја

ЕКСОДА
ЈАСОН:
Де, жени, пред порти што сте застанале,
ај, кажете, дал грозната злосторничка
е в куќи, Мéдеја, ил’ веќе побегна?
А под земја ќе треба да се сокрие
ил’ с’ крила в’ етер длабок да се искачи
да не плати за злосторот што г’ изврши.
Си мисли откако ги уби овие
ќе излезе неказнета од земјава?
(Прави кратка пауза.)
Но, за неа јас никако не се грижам,
одмаздата, знам, ќе ја стигне секако.
За децата да си ги спасам доаѓам,
родините на кралот грозно убиство
Медеино врз мој род да не одмаздат.
ХОРОВОТКАТА:
О, кутар, не знаеш до каде в црни зла
си ти, от’ ова не ќе го изустеше.
ЈАСОН:
Та, што е, мене сака да ме убие?
ХОРОВОТКАТА:
Од рака нејна децата ти умреа.
ЈАСОН:
О, боже, што збориш? Ме сотре, жено, еј!
ХОРОВОТКАТА:
На светов немаш деца, така думај си.
ЈАСОН:
А кај ги уби? Внатре, дома, или вон?
ХОРОВОТКАТА:
Сал порти отвори и смрт ќе здогледаш.
ЈАСОН:
(Силно удира по портите.)
Отклучете, отворете што побрзо,
прислужнички, та двојно зло да здогледам,
нив да ги видам, нејзе да ѝ наплатам.

47
Медеја

Медеја се појавува, качена во својата волшебна кола, со телата на мртвите деца крај
себе.
МЕДЕЈА:
Што портиве си зел ту да ги разбиваш?
Ти мртвите и мене, сторителката,
нè бараш? Ај, не мачи се, тук’ зборувај,
ти треба нешто? С’ рака не ме допираш
ти веќе. Хелиј, дедо ми, ми подари
дар – кола чудесна, мој спас од душмани.
ЈАСОН:
Омразена, најодвратна на богови
и мене, и на сиот род, еј, човечки!
Се осмели на свои чеда крвав меч
да кренеш ти, без пород да ме оставиш?
И в сонце, земја света ти погледнуваш,
изгнасена од делото најужасно.
Ах, умри! Сега мислам, тогаш не мислев,
од таа земја варварска јас кога во
Хелада, в’ дом те доведов – зло си ти
најголемо, предавничка на татка си!
Но, место тебе, мене бог ме казнува.
Крај огниште ти брата си го уби, пред
на Арго красен, коработ красноклунест
ти внатре да се искачиш. Се омажи
за мене ти, ми роди деца, леглото,
пак, штом ти би навредено – ги погуби.
Ни една Хеленка не би се дрзнала
на таков чин. А пред нив јас те почитав,
па за тебе се оженив – зло најпогубно.
Не жена, тук’ ѕверотија си, подива
ти нарав имаш и од Скила тирсенска.
С’ илјадници, знам, прекори јас срцето
не ти го каснувам. Да, толку дрска си.
Тргни ми се, ужасијо, чедоморко!
За својата судбина јас сам ќе тагувам,
за плод што не видов од нова постела,
за тие што ги имам родено, израснато,
што живи да ги видам, кутар, не можам.

48
Медеја

МЕДЕЈА:
Долг одговор би имала на ова јас,
сал ако татко велик, Ѕевс, не знаеше
што за тебе јас сторив, што, пак, претрпев.
Е, не можеш ти легло да ми навредиш,
и живот лесен да си тераш, смеа, јас,
пак, да сум ви. А ниту Креонт, дедо ти,
неказнето тој не ќе ме прогонува.
Па, затоа ти, ако сакаш, грозен ѕвер
и Скила викај ме од море Тирсенско,
за срце јас те каснав – ко што заслужи.
ЈАСОН:
И сама тагуваш, зло исто трпиме.
МЕДЕЈА:
Јас помалку, за потсмев кога не сум ти.
ЈАСОН:
О, деца, што ве снајде покрај мајка зла.
МЕДЕЈА:
О, чеда, умревте од чума таткова.
ЈАСОН:
Не, моја рака не ги уби децата.
МЕДЕЈА:
Но, гревот што се прежени ги уби нив.
ЈАСОН:
За легло брачно ти ги закла децата?
МЕДЕЈА:
Си мислиш мал јад тоа е за жената?
ЈАСОН:
За умна да, но ти си сета гадост, зла.
МЕДЕЈА:
Ги нема нив, те кине в гради срцето.
ЈАСОН:
Тие ќе се твои духови одмаздници.

49
Медеја

МЕДЕЈА:
Кој прв сè започна, си знаат бозите.
ЈАСОН:
Го знаат бозите и срцето ти зло.
МЕДЕЈА:
О, мрази! Ми се гади твојата бедна реч.
ЈАСОН:
И мене твојата. Ќе биде лесен крај.
МЕДЕЈА:
Да, ајде да завршиме. Па, што сакаш?
ЈАСОН:
Дај деца да си оплакам и закопам.
МЕДЕЈА:
Е, тоа не. Јас сама ќе ги погребам.
Во лагот свет на Хера ќе ги закопам,
та никој од душманите ним гробови
да не им сквернави. Во Коринт Сизифов
свет празник, побожно чествување
ќе воведам, од гревот ќе се исчистам.
Во земјата на Ерехтејди потем јас
ќе заминам, кај Ајгеја Пандионов.
А ко што ти доликува, ти, беднику,
ќе умреш бедно – Арго ќе те убие.
Крај горчлив бракот со мене ти донесе.
ЈАСОН:
Еринија, знај, тебе ќе те уништи
за колежот, и Правдата.
МЕДЕЈА:
Кој дајмон или бог те слуша, а?
Ти кривоклетнику, лицемеру?
ЈАСОН:
О, гадна, грда, ти, чедоморко!
МЕДЕЈА:
Ај, оди дома, жена си погребај ја.

50
Медеја

ЈАСОН:
Си одам. Запустен, без децата.
МЕДЕЈА:
Ај, остари, ќе плачеш дури тогаш ти.
ЈАСОН:
О, деца најмили!
МЕДЕЈА:
На мајка, тебе не!....
ЈАСОН:
И пак ги погуби?
МЕДЕЈА:
За да те зацрнам.
ЈАСОН:
Дај уста мила, леле, кутар,
да им бакнам јас на децата.
МЕДЕЈА:
Им збориш мило сега, па ги целиваш,
а тогаш нив ги оттурна.
ЈАСОН:
Дај телото
да им го допрам кревко, жити богови.
МЕДЕЈА:
Не. Зборови ти залудно не арчи си.
ЈАСОН:
(Погледнува нагоре.)
Еј, Ѕевсу, кај ме гони, слушаш ли,
и што трпам јас, клет, од грознава
чедоморка, од оваа ѕверотија?
(Повторно кон Медеја.)
Но, колку можам, па и повеќе,
за чедата плачејќи богови
и дајмони ќе викам ко свидетели,
да видат како ми ги уби децата.
А, сега, браниш да ги допрам нив
и погребам. Ич да не ги родев,
штом од тебе убиени ги здогледав.
51
Медеја

(Медеја веќе ја има напуштено сцената. Молк.)


ХОРОВОТКАТА:
Од Олимп Ѕевс бог царува со сè
и никој не знае што богови
ќе пратат: надеж ќе ти урнат ли,
во очајот ли пат ќе отворат.
И ова, сè, излезе баш така.

КРАЈ

52

You might also like