You are on page 1of 51

ГОРАН СТЕФАНОВСКИ: ДИВО МЕСО

театарска пиеса

Ова пиеса му ја посветувам на татко ми Мирко.

ЛИЦА:

ДИМИТРИЈА АНДРЕЕВИЌ, 55, инвалид, бивш ѕидар

МАРИЈА, жена му, 50

АНДРЕЈА, 22, нивни син, продавач во бакалница

СТЕФАН, 26, негов брат, референт во претставништво за автомобили

СИМОН, 30, најстар син во фамилијата, келнер

ВЕРА, 25, негова жена, домаќинка

ХЕРЦОГ, 55, раководител иа прeтставништво за автомобили, Евреин

САРА, 23, негова ќерка

ХЕРМАН КЛАУС, 45, дојденецот од Германија

БАЈАЧКАТА

СИВИЌ, 35, советник во претставништвото

АДО, 23, пријател на Андреја, возач на камион

ПРОСТИТУТКАТА

ПОПОТ

ГОСТИ НА ПРИЕМОТ, АРГАТИ, ГОСТИ ВО МЕАНА

Се случува во Скопје, непосредно пред II светска војна.


СЦЕНА 1

(Главната соба во куќата на Андреевиќ која е поврзана со три други соби и кујна.
Димитрија седи во инвалидска количка. Чита весник. Марија седи на кревет. Гледа
пред себе. Тишина. Пауза.)

ДИМИТРИЈА: Ќе има војна. (Пауза.) Ќе има војна.

(Пауза.)

МАРИЈА: Доста беше и ваков мир. (Пауза.)

ДИМИТРИЈА: Што правиш ти? Пак ѕвериш во празно. Работи нешто.

МАРИЈА: Што да работам?

ДИМИТРИЈА: Вари вечера. Доаѓаат луѓе.

МАРИЈА: Сè е сварено.

ДИМИТРИЈА: Вари ручек.

МАРИЈА: Готов е.

ДИМИТРИЈА: Ако е готов дај да јадам.

МАРИЈА: Немој да ми викаш. (Пауза.) Слава е утре.

(Пауза. Влегува Вера. Носи празно корито.)

ВЕРА: Ќе врне. Џабе спростирав чаршафи.

МАРИЈА: Се е џабе. (Пауза.) Сонував дека сум пресечена на две. И кај што е 'рбетот —
голем црв. И тој пресечен и се превиткува. И доаѓа некој и го вади црвот. И боли,
боли, како заб да ти вади.

ВЕРА: Секоташ сонуваш такви соништа.

МАРИЈА: Сами доаѓаат.

ДИМИТРИЈА: Ќе се јаде ли во оваа куќа?


ВЕРА: Не се дојдени.

ДИМИТРИЈА: Не мораат ни да дојдат.

ВЕРА: Да почекаме уште малку.

ДИМИТРИЈА: Чекајте вие уште многу ако сакате. Јас сакам да јадам.

ВЕРА: Ме изеде срчка да те изеде. (Поставува за јадење.) Што попрво да сторам? Дали
да изметам, дали да исперам, дали да зготвам?

ДИМИТРИЈА: Научи ја свекрва ти.

ВЕРА: Остави ја ти неа намира.

ДИМИТРИЈА: Роди си ќерка па нека ти помага.

(Вера подголтнува. Димитрија јаде. Тишина. Пауза. Влегува Симон. Пијан.)

СИМОН: Веќе ни за јадење не чекате.

ДИМИТРИЈА: Кога сме чекале не си доаѓал.

СИМОН: Ништо не смее да се каже во оваа куќа. Ќе земам две канти бензин, ќе вивне
сè до небо.

МАРИЈА: Немој да кобиш.

СИМОН: Немам јас што да кобам. Прокобено е тоа одамна.

ВЕРА: Кај пиеше?

СИМОН: Кај стигнав право да ти кажам.

ВЕРА: Се одра.

СИМОН: Нешто ќе ме одере и онака пoрано или подоцна. Што можеш денес не оставај
за утре. Лесно ти е тебе.

ВЕРА: Лесно ми е мене. Мене ми е најлесно.

СИМОН: Страв ти е тебе од темно? Не! Мене ми е страв. Од сонце страв ти е? Не! Мене
ми е страв. Ме гуши овде, ете овде, имам грутка.
МАРИЈА: Имаш влакно во грлото.

ВЕРА: Цел ден си на нозе.

СИМОН: Да можам келнер со седење да бидам, ќе седам. Јас не реков дека имам
попуштени вени па да се од стоење. Мене ме гуши овде, јанѕа ме јаде. Не јадам. Не
спијам.

ДИМИТРИЈА: Ама пиеш. Да ти каже тебе татко ти нешто. Не кажувај на светот што
мака имаш. Не сака светот да знае. Си има светот свои маки. Ако кажуваш, кажи нешто
убаво или ништо не кажувај. Што му е некому гајле што тебе ти е страв од темно.

СИМОН: Полошо ми е на душата ако кажам.

ДИМИТРИЈА: Ако за нас е здодевно. Здодевно! Не можеш да спиеш! Големо чудо.


Мајка ти може да спие, па сонува лоши соништа. Нема крај тоа. Што не ме прашате
мене како ми е?

ВЕРА: Сакаш да јадеш?

СИМОН: Дај ракија.

ВЕРА: Доста ти беше.

СИМОН: Од кај знаеш ти колку ми е доста?

ВЕРА: Знам.

СИМОН: Сите знаете повеќе од мене. Цел ден служам такви што знаат повеќе од мене.
Симон ракија, Симон ракија, Симоне чаша вода, Симон чаша вода, Симоне не ваква
ракија, онаква ракија, Симоне побрзај, Симоне држи, Симоне не давај, секаде Симон,
за се Симон. Па доста е. Па не е Симон машина. Па и Симон има душа. Вие седите овде
и не давате чашка ракија. И здодевно ви е да ме слушате. Ебете си мајката. Ќе земам
капа, ќе фатам планина. (Плаче. Пауза. Вера го милува по главата. Му тура ракија).
Држ ме сега за глава да ме утешиш.

ДИМИТРИЈА: Ај тебе женати ќе те утеши, кој да ме утеши мене што ве родив.

МАРИЈА: Не смееме вака. Слава е.

ДИМИТРИЈА: Каква слава бе, ебати славата. Со кого да славиш слава. (Чита. Пауза.)
Свети Илија прости ми ама и сам гледаш со што џган живеам.
(Пауза. Влегува Андреја.)

АНДРЕЈА: Добар ден.

МАРИЈА: Добар ден, синко.

АНДРЕЈА: (Седнува на масата.) Работнички тепал 2:0. (Пауза. Вера му става да јаде.
Тишина.) Да не умрел овде некој? (Тишина. Пауза. Јаде.) Кога ќе дојде попот?

МАРИЈА: Вечер.

АНДРЕЈА: До каде сте со готвењето?

МАРИЈА: Уште баклавата.

АНДРЕЈА: Донесов ситен шеќер.

МАРИЈА: Да си жив и здрав.

АНДРЕЈА: Пукнав денес од работа. Сè тргнало да пазари. А ме остави газдата сам со


чиракот. Не може да се стаса. Не е мала бакалницата. (Пауза. На Димитрија.) Што има
во весниците денес?

ДИМИТРИЈА: Не знам.

АНДРЕЈА: Како не знаеш?

ДИМИТРИЈА: Тоа што има за мене нема за тебе.

АНДРЕЈА: А што има за тебе?

ДИМИТРИЈА: Моја работа.

АНДРЕЈА: Ајде бре Димитрија, бре, расположи се малку.

ДИМИТРИЈА: Ќе се расположи Димитрија во гроб.

АНДРЕЈА: Има време за умирачка.

ДИМИТРИЈА: Не знам, си го бараме со боринче. (Пауза.)

АНДРЕЈА: Како си ти, Верче?

ВЕРА: Мене ми е лесно. Мене ми е најлесно. (Пауза.)

АНДРЕЈА: (На Симон) А тебе?


СИМОН: Не заебавај се, знаеш!

АНДРЕЈА: Што има лошо што прашав како си?

СИМОН: Знаеш ти.

АНДРЕЈА: Не знам.

СИМОН: Немој јас да ти кажам.

АНДРЕЈА: Кажи.

СИМОН: Доста!

АНДРЕЈА: Што е сега?

СИМОН: Доста. Постар сум од тебе и велам доста! И ако те опнам по муцка нема да те
спасат ни Русите.

АНДРЕЈА: Остави га Русите на мира.

СИМОН: Ќе црвосаш ти во затвор, ама јас нема да дојдам да те посетам. Нека ти носат
комунистите храна. Ако некој од нив остане на слобода. Само вие среќавајте се во
темно за да си ги пополнувате споменарите.

АНДРЕЈА: Подготвуваме штрајк.

СИМОН: Ќе го фатите господ за брада.

АНДРЕЈА: Нема да биде обичен. Овојпат ќе каснеме до коска. Ќе фати гангрена.


Пиварата, монополот, ложилницата.

СИМОН: Дриблате, само дриблате. Камо голови?

АНДРЕЈА: Набивме кондиција за да ги издржиме оние 90 минути на теренот. Головите


ќе дојдат.

СИМОН: Кога?

АНДРЕЈА: Кога ќе ни се придружиш и ти! Тука е јадецот. Многу се таквите што сакат да
седат во публика, да грицкаат семки и да чекаат го лови. А треба да се трча. Да се
трча!

СИМОН: Мене лекарот ми забрани да трчам. (Пауза.)

Можам да бидам аутсудија.


ДИМИТРИЈА: Политиката е карта. А карта е Марта. А Марта е курва. Сето тоа е „Слези
Курто да се качи Мурто". Сум ја кркал таа манџа. Забранувам во оваа куќа да се
зборува за политика.

АНДРЕЈА: Каква политика? Ова се алваџиски муабети. Вие сте аматери политичари.
Вашата политика е што ќе научите и што ќе прочитате по вечерни весници.

СИМОН: А ти твојата ја цедиш од на господ мадињата. Е бре, Андреја, не се занесувај.


Сме биле на твои години.

АНДРЕЈА: И сте пораснале и не ви дошол умот в глава. (Влегува Стево.)

МАРИЈА: Добар ден. (Стево кимнува со главата.)

СИМОН: Нему му е мака да каже добар ден.

ДИМИТРИЈА: Има тој други мисли. Тој е филозоф. Со два класа трговска академија
одвај ја носи главата на рамена. Да го дадовме на факултет, ќе не заколеше на
спиење.

МАРИЈА: Ќе ручаш?

СТЕВО: Јадев ќебапи во Кантина.

МАРИЈА: Ти немаш куќа?

СТЕВО: Во ресторан ми е послатко. (Пауза.) И нема да бидам тука за вечера. (Пауза.)


Знам дека е слава, знам дека ќе дојдат сите роднини, комшии и пријатели. Знам дека
ќе прашаат каде сум. Имам работа.

МАРИЈА: Знаеш дека ова е првпат некој да отсуствува од слава?

СТЕВО: Одам на прием. (Пауза.) На прием. Ме викнаа утринава. Не можев да одбијам.


Знаев дека е слава. Не можев да одбијам. Важно е. За мене е важно.

МАРИЈА: Нема да одиш.

ДИМИТРИЈА: И како тоа те викаат во последен момент и ти трчаш на прием, а дома


имаш празник.

СТЕВО: Така!

ДИМИТРИЈА: Како?
СТЕВО: Шарено! Ме викна шефот. Господин Херцог. Доаѓа важен гостин од Германија.
Сите ќе бидат таму. Целиот кајмак на Скопје ќе биде таму. Трговци, банкари, светски
луѓе.

СИМОН: Како згрешиле да те викнат и тебе?

СТЕВО: Ќе ме видиш ти мене наскоро.

СИМОН: Да не ти пораснат рогови?

СТЕВО: Ќе ми пораснат крила. Ќе ви треба двоглед да ме видите.

СИМОН: Кај ќе леташ?

СТЕВО: Јас имам кариера пред себе. Перспектива.

АНДРЕЈА: Кој е тој Германец што доаѓа?

СТЕВО: Важен човек од централата на компанијата во Берлин. Мамо, испеглај ми ги


црните панталони.

МАРИЈА: Јас не те пуштам да одиш кај никакви Германци. Утре е Свети Илија.

СТЕВО: Веро, дај ти таа работа жити господ.

СИМОН: Прво мене ќе ме прашаш дали смее да ти пегла панталони.

СТЕВО: Смее ли жената да ми ги испегла црните панталони?

СИМОН: Не смее. (На Вера) Да не си фатила пегла со рака. (На Стево.) Викни си ја
Лиле нека ти пегла.

АНДРЕЈА: А доаѓал порано тој Германецот?

СТЕВО: Не знам. Не.

АНДРЕЈА: А зошто сега доаѓа?

СТЕВО: Не знам. Службено.

АНДРЕЈА: Како се вика?

СТЕВО: Херман Клаус. Што сакаш уште да знаеш? Кој број гаќи носи. Не знам.

ДИМИТРИЈА: И што мајка бараш ти на тој прием?

СТЕВО: Еднаш да се најдеш на прво место во право време, целиот живот ќе го


поминеш како по лој.
МАРИЈА: Лута сум ти Стево. Лута сум.

СТЕВО: Биди мамо, тебе и онака не знам како да ти

објаснам некои работи.

МАРИЈА: Ништо ти мене не можеш да ми објасниш

и да сакаш.

(Тропање на вратата. Марија отвора. На вратата стои попот.)

ПОПОТ: Добар ден.

МАРИЈА: Добар ден. Рано бре, попе.

ПОПОТ: Многу куќи, многу работа се собра. Сега можев, сега дојдов.

МАРИЈА: Не сме готови.

ПОПОТ: Што треба да е готово? Колачот го имате?

МАРИЈА: Не сме измиени. Променети.

ДИМИТРИЈА: Рековме во седум.

ПОПОТ: Рековме.

ДИМИТРИЈА: Сета е три.

ПОПОТ: (Гледа на часовникот.) Три и петнаесет. Знам, газда Димитрие. Не што е


речено, туку што е печено.

ДИМИТРИЈА: За свои пари сакам поп во седум.

ПОПОТ: Не греши душа, газда. Службата божја е секогаш и насекаде. Не зависи ни од


место ни од време. Не знам дали ќе стигнам во седум.

ДИМИТРИЈА: Ќе стигнеш, ќе стигаеш.

ПОПОТ: Абе, газда Димитрија, влези ми во положение.

ДИМИТРИЈА: Ти влегувам попе, ама влези ми и ти мене. Секогаш вака ни правиш. Кај
богатите секогаш одиш навечер, кај нас сабајлечки.
ПОПОТ: Е како сабајлечки, газда Димитрие? Три и дваесет попладне.

ДИМИТРИЈА: А минатата година во осум сабајле? Како на скали да спиеше. Сè се


памети.

ПОПОТ: Газда, жими вера, или сега или бога ми не знам кога ќе можам.

МАРИЈА: Сега попе. Ајде. Да не останеме неосветени.

ПОПОТ: Така газдарице. Дај го ваму колачот. (Му го носат колачот.) Ај што е попово
нека е готово. За многу години. Да е честит денот. Да славите уште сто години.
Дојдете сите околу масава. (Се собираат сите околу масата.) Свети Илија, ти се молиме
закрилувај не, помагај ни, води не со својата сила. Преблаги господе не оставај не
никогаш сами за да не дојде непријателот на нашето спасение и да не погуби.
Кажувајте ги мртвите. Спаси ги и помилувај ги, господе оче наш, мртвите...

МАРИЈА: Лена, Анастас, Спасија …

ПОПОТ: Лена, Анастас, Спасија …

МАРИЈА: Ѓорѓи, Марко, Трајан . ..

ПОПОТ: Ѓорѓи, Марко, Трајан…

МАРИЈА: Петре и Евда.

ПОПОТ: Петре и Евда.

СИМОН: И Симон.

ПОПОТ: И Симон.

МАРИЈА: Кој Симон? Не Симон.

ПОПОТ: Не Симон. (Го зема колачот. Му го дава на Димитрие. Го зема за рака Андреја
и му ја става раката од една страна на колачот. Андреја го зема за рака Симон и му го
префрла колачот нему. Попот го сече колачот во крст.) Во име оца, сина и свјатого
духа, Амин.

СИТЕ: Амин.

ПОПОТ: (Ги фаќа сите за раце. Кружат три круга околу масата.) Ослободи не господи
од непотребни грижи и освети ги нашите радости. Поткрепувај не кога сме слаби и
тажни. Биди со нас во тешките часови на мака и тага, на колебливост и исплашеност и
направи ги нашите солзи и. страдања полесни. Исцели ги нашите смриени болки и
душевни рани зашто само ти ги гледаш. Преблаги господи, не не оставај никогаш сами.
(Попот пребрзо ги води. На Димитрија му е тешко да се движи во количката. Се
затетеравува. Колачот паѓа. Се крши.)

МАРИЈА: Оф леле!

ДИМИТРИЈА: Како држиш бре, Симоне, пијан ли си?

СИМОН: Пијан сум, ама добро држев. Ти го испушти.

ПОПОТ: Ништо не е, ништо не е. Оца, сина, свјатого духа, Амин. Ајде, за многу години.
(Пауза. Тишина.) Ајде, што чекате, соберете го колачот.

МАРИЈА: Како така да се скрши?

ПОПОТ: Падна, се скрши.

МАРИЈА: Како така да падне?

ПОПОТ: Гајле немај, Маријо. Важно е човек да оди во милоста божја. (Марија го собира
колачот.)

ДИМИТРИЈА: Толку попе?

ПОПОТ: Толку.

ДИМИТРИЈА: Сакаш едно ракивче?

ПОПОТ: Болен се прашува.

(Димитрија тура ракија.)

СИМОН: Чашка ваму, чашка таму и тебе ти е весело, а попе. Цело време господ го
гледаш. (Попот пие на искап.) Опа! Мислиш ако е брзо не ти се есапи.

ДИМИТРИЈА: (Му дава на попот пари.) Догодина во седум навечер.

ПОПОТ: Збор да нема.

ДИМИТРИЈА: Немој ти збор да нема. Нека има збор.

ПОПОТ: Да сме живи и здрави дотогаш. Со здравје.

МАРИЈА: Со здравје попе. (Попот излегува. Таа го испраќа.)

АНДРЕЈА: (На Симон.) Зашто си го кажа името кај умрените?

СИМОН: За секој случај.


(Марија се враќа. Со неа е Ацо.)

МАРИЈА: Влези Ацо, влези.

АЦО: Не сум за влегување. Само на Андреја два збора да му кажам.

(Андреја оди кај Ацо. Разговараат. Пауза.)

АНДРЕЈА: Мамо, јас одам.

МАРИЈА: Каде сега и ти?

АНДРЕЈА: По работа. Така излезе.

МАРИЈА: Како тоа така излегува. Секогаш нешто така излегува. Влези бре, Ацо, не стои
на врата.Слава ни е. Земи колаче. Напиј се нешто.

АЦО: Брзаме тетка Маријо.

МАРИЈА: Знам дека брзате. Пак брзајте. Никогаш ништо полека не можело да се
стокми. Каде ќе одите?

АЦО: По работа.

МАРИЈА: Ќе се вратите на вечера.

АЦО: Мислам. Не знам. Не верувам дека ќе се задржиме.

МАРИЈА: Мислиш. Не знаеш. Не веруваш.

АЦО: (На Стево) Камионот што го возам е на ремонт кај вас. Добро стегнете го.

СТЕВО: Гајле немај. Ние сме фирма.

СИМОН: Ќе го направат да не можеш да го познаеш.

АЦО: Тоа ми е лебот.

ДИМИТРИЈА: Вие одите да кревате штрајк а?

АНДРЕЈА: Да. Сакаш со нас? (Пауза.) Ајде, до гледање. (Излегуваат.)

МАРИЈА: До гледање. (Пауза.) Само ти значи ќе останеш вечерва, Симоне. Што не ја


земеш и ти жена ти подрака? Отидете некаде на музика.

СИМОН: Толку сум пијан што исто ми се фаќа.

МАРИЈА: (На Стево.) Дојде Лиле.


СТЕВО: Не ме интересира.

МАРИЈА: Праша дали има нешто да помогне.

СТЕВО: Реков не ме интересира.

МАРИЈА: Те поздрави. (Стево демонстративно излегува од собата. Пауза.) Кога бевте


мали, ќе ве избањав пред слава, ќе ве променев и ќе ве ставев во кревет. Не можевте
да заспиете и се смеевте до ниедно време. Сакавте да пробате пред време од манџите.
Тенџерињата крчкаа цела ноќ. А сега не се смеете. И јадете по меани.

(Пауза, Димитрија делка парче дрво со џепен нож. Вера чисти. Марија седи и гледа
пред себе. Пауза.)

СИМОН: (Пее) Шест месеци пол година,

пет прсти рака има

четири боски крава има

три нозе пирустија

две очи глава има

еден ми е билбилот што рано рани мај месец.

СЦЕНА 2

(Ресторан на железничка станица. Херцог пие кафе. Пауза. Доаѓа Сивиќ. Седнува крај
него. Пие.)

СИВИЌ: Доцни уште половина час.

ХЕРЦОГ: Па пред половина саат доцнеше уште половина час.

СИВИЌ: Возови. Напијте се нешто.

ХЕРЦОГ: Испив три кафиња. Ќе пукнам. Во овој град се пие, се јаде и се игра како утре
да ќе биде пропаст на светот. Што и не е заклучено. Како што тргнале работите
можеби ќе присуствуваме на крајот. Последната голема експлозија. Земјината топка
испукана од ждрелото на разорен топ. Величествените последни секунди во кои се ќе
биде возможно.

СИВИЌ: И сега е се возможно.

ХЕРЦОГ: Не ми е возможно да отидам понадвор. Ми помина половина живот во клозет.


Не знаете каква е таа мака. Додуша човек има време за размислување, но и тоа не е
бог знае како пријатно. Не ми е јасно доаѓањето на господин Клаус. Се чувствувам
како селски учител на кого му испраќаат инспектор од метрополата. Имам чудни
претчувства. И мислам дека ќе ми биде потребна вашата помош.

СИВИЌ: Ви стојам на располагање шефе. На здравје.

ХЕРЦОГ: На здравје. Секогаш кога вака самозадоволно наздравувам чекам некој да ми


пријде од зад грб и да ми ја скрши тиквата со топузина.

СИВИЌ: Немате од што да се плашите во ова село.

ХЕРЦОГ: Стравот е независен од реалната опасност. Ме загрижува тоа што во писмото


не нè известуваат колку ќе трае посетата на господин Клаус. Да беше обична, ќе
траеше само оние протоколарни три дена. Стево Андреевиќ ги прегледа деловодните
книги?

СИВИЌ: Да. Доста немарно. Морав и јас да ги проверувам. Веќе неколкупати тој прави
грешки кои ја потценуваат вашата благонаклоност кон него.

ХЕРЦОГ: Мене ми се гледа како чесен работник и бистро момче.

СИВИЌ: Вие знаете подобро, господине. Можеби грешам. Иако тоа ретко ми се случува.
Во секој случај тој ми оди на нерви.

ХЕРЦОГ: Важно книгите се во ред.

СИВИЌ: Да.

ХЕРЦОГ: Постојано мислам дека нешто не е во ред. Се будам наутро и се чувствувам


добро само додека не се сетам што не е во ред за тој ден. Секогаш има нешто за кое
можам здраво да се фатам.

СИВИЌ: Премногу се напрегате господине Херцог. Ви треба одмор.


ХЕРЦОГ: Кога јас би знаел да се одморам. Морам да сум премногу зафатен за да имам
со што да ја оправдам својата нервоза. Оставете ме без работа два дена и ќе ме фати
паника.

СИВИЌ: Јас би можел да издржам многу подолго. Само дајте ми пари.

ХЕРЦОГ: Доволно ви давам. Ако се погрижите околу Клаус, додатно ќе се договориме.


Намирисајте што сака. Не ви е првпат. Брат ви ја работи истата работа званично.

СИВИЌ: Господине Херцог сакам да знам што повеќе. Ако тоа можам да го продадам,
уште подобро. Денес се се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена.
Тоа обично е и најефтино.

ХЕРЦОГ: Дома сигурно сите веќе пристигнале и чекаат. Сè ќе се олади. Уште една
мисла ми е постојано во главата, господине Сивиќ. Ние претставништвото не го
проширивме. Шест месеци стоевме во место, а имавме конкретни директиви. Потребни
се 400 нови квадрати.

СИВИЌ: Мене тој проблем не ми се симна од уста, господине Херцог.

ХЕРЦОГ: Требаше да ве послушам. Ако беше проширено можеби ќе му оставеше на


господин Клаус поповолен впечаток.

СИВИЌ: А можеби ние го преценуваме тој господин Клаус. Што ако човекот е само
обичен турист пред пензија кој се шета низ Европа со платени дневници без три чисти
во главата? Нема да му биде јасно како залутал во оваа пустелија, ќе ги собере
парталите и ќе се врати назад.

ХЕРЦОГ: А што ако е педантен, циничен Германец со два демонски заба на горната
вилица? Кого јас стрпливо го чекам на станица. Ми фали уште да се спрострам пред
него, како килимче. Прашајте уште еднаш кога пристигнува тоа чудо, бидете љубезни.

СИВИЌ: (Станува.) Секако.

СЦЕНА 3

(Куќата на Херцог. Богато наместен салон. Сара свири клавир. Гостите со чаши в раце
слушаат. Сара завршува. Аплаузи. Сара приоѓа кон Стево.)
СТЕВО: Браво. Прекрасно.

САРА: Не чинеше ни пет пари. Дајте ми нешто за пиење. (Стево збунето п тура
пијалак). На здравје. Каде постои музиката?

СТЕВО: Молам?

САРА: Литературата постои на хартија, сликата на платно, а музиката? Каде постои


музиката?

СТЕВО: Па...

САРА: Што „па"? Немојте да ми кажете дека знаете. Која е вашата музика?

СТЕВО: Бетовен.

САРА: Што од Бетовен?

СТЕВО: Сè.

САРА: Што посебно.

СТЕВО: Тешко ми е да издвојам.

САРА: Помачете се.

СТЕВО: На пример ова што вие го свиревте.

САРА: Тоа беше Шопен.

СТЕВО: Слично на Бетовен.

САРА: Нема блага врска со Бетовен. Каде живеете вие, господине Андреевиќ?

СТЕВО: Во Дебар Маало. Каде што е претставништвото на татко ви. Ние сме ѕид до
ѕид.

САРА: Како се живее во Дебар Маало?

СТЕВО: Се живее… се живее. Како секаде.

САРА: Колку време работите кај татко ми?

СТЕВО: Година дена.

САРА: Првпат доаѓате кај нас дома?


СТЕВО: Сум бил двапати порано. Носев некои списи. Еднаш останав на кафе. Тогаш ве
видов и вас. Се качувавте по скали. Погледнавте кон мене. Јас кимнав со глава, а вие
продолживте како да не ме забележувате. Како да гледавте низ мене. Јас поцрвенев.
Таков сум. Татко ви се виде, а се правеше дека не забележува. Татко ви е прекрасен
човек. Многу ми помогна да го најдам својот пат, да се најдам себеси, ако можам така
да се изразам. Кога ќе се сетам дека пред година дена бев обичен дебармаалец, без
работа, без перспектива и кога ќе се споредам со ова што сум денес гледам каков
напредок сум постигнал. А за тоа е главно заслужен вашиот ценет татко, господин
Херцог. Правам се да ја оправдам неговата доверба.

САРА: Тоа воопшто не ме интересира. Зборувате за перспектива. Па која е таа ваша


перспектива, господине Андреевиќ?

(Се отвора главната врата. Влегуваат Херцог, Сивиќ и Клаус. Гостите стапуваат и
аплаудираат. Се наредуваат во шпалир. Клаус се поздравува со гостите. Ливреисан
слуга му ги претставува. Херцог и Сивиќ се одвојуваат настрана.)

ХЕРЦОГ: Моите предвидувања почнаа пребргу да се остваруваат. После толку часови


пат тој прво мисли на работа. Едно симнување од воз, тој сака веднаш да го види
претставништвото и најпрвата работа што ја спомнува е проширувањето.

СИВИЌ: Не заборавете, доаѓа од Германија.

ХЕРЦОГ: Како би можел да го заборавам тоа?

(Се приклучуваат назад меѓу гостите токму кога Клаус се запознава со Стево.)

СТЕВО: Мило ми е. Стево Андреевиќ, референт во прететавништвото.

ХЕРЦОГ: Еден од моите најдобри работници.

КЛАУС: Како рековте се викате?

СТЕВО: Стево Андреевиќ, господине Клаус.

КЛАУС: Стево. Тоа е кратенка од Стефан.


ХЕРЦОГ: Браво, господине Клаус. Па вие зборувате српски поарно од нас. Младиот
господин зборува одличен германски. Преведува добар дел од нашата
кореспонденција.

КЛАУС: Och, wirklich?

СТЕВО: Nein, nein. Mein Deutch ist nicht gut.

КЛАУС: Aber ich glaube doch. Mochten Sie etwas trinken?

СТЕВО: Rot Wein,bitte.

(Клаус му тура црно вино. Наздравуваат. Пијат).

КЛАУС: Вие секако сте биле во Германија?

СТЕВО: За жал не, господине Клаус.

КЛАУС: Не? Со таков добар германски не сте отишле на некаква пракса?

ХЕРЦОГ: Ме натеравте да издадам една мала тајна во овој момент, господине Клаус.
Најсериозно размислуваме да го испратиме господин Андреевиќ на пракса во
централата во Берлин.

КЛАУС: Се надевам дека тоа ќе го сторите што поскоро. Па како ви се допаѓа работата
кај господин Херцог?

СТЕВО: Немам зборови.

КЛАУС: Толку сте незадоволни?

СТЕВО: Напротив. Напротив. (Сите се смеат).

КЛАУС: Добро вино.

ХЕРЦОГ: Домашно.

КЛАУС: Тоа обично не мора да биде гаранција. Но ова е добро. Сакам добро вино.
Сакам сè што е добро.

ХЕРЦОГ: Кој не сака?

КЛАУС: Има и такви. Има и такви. Како господин Сивиќ кој не пие ништо.
СИВИЌ: Ќе пијам со вечерата, господине Клаус,

КЛАУС: Ах, па јас ве задржувам од вечерата. Сите се сигурно веќе гладни. Не е моја
вина. Тоа е вашата кралска југословенска железница. Тажна е ситуацијата со
сообраќајот овде. И градов не ми се чини којзнае каков. Рака на срце, јас сум тука
одвај неколку часа и немам право да зборувам, ги немам објективните аргументи, но
од она што набрзина го видов, не сум импресиониран. Што мислите вие, господине
Андреевиќ? Се разбира, вие сте тука роден и тоа поинаку ви изгледа. Но станицата,
улиците, сè е валкано и мириса на лој и слама. Агресивно е од мене да го кажам
првиот впечаток, но тој е таков. Па да вечераме, господа.

(Доаѓаат до наместените маси. Седнуваат. Клаус го наместува Стево покрај себе. Сара
седи од другата страна на Стево. Станува Херцог.)

ХЕРЦОГ: Госпоѓи и господа, го имам задоволството да наздравам во чест на нашиот


ценет гостин од Германија, господинот Херман Клаус.

(Сите стануваат. Пијат.)

СЦЕНА 4

(Соба. Мрак. Се отвора вратата. Влегува Сара. Пали светло. По неа влегува Стево.)

САРА: Ова е мојата соба. Се запознавте со мене пред само два часа, а веќе сме сами во
мојата сопствена соба. Како ви се допаѓа тоа. (Пауза) Се смешкате лукаво под мустаќ.
Тоа одлично ве објаснува, господине Андреевиќ. Тоа зборува за вас повеќе одошто вие
можете да ми кажете.

СТЕВО: Што ви зборува тоа за мене?

САРА: Она што претходно го чув за вас од татко ми.


СТЕВО: Татко ви ви зборувал за мене?

САРА: Поарно не прашувајте што ми кажал.

СТЕВО: Нешто лошо?

САРА: Лошо? Не знам како во ваквите случаи се одредува што е лошо а што не е.

СТЕВО: Кажете слободно.

САРА: О, вие толку слободно го рековте тоа „кажете слободно" што помислувам дека
ви е сеедно што татко ми воопшто рекол за вас. Па добро. Рече дека сте „балкански
примитивец". (Пауза) Молчите?

СТЕВО: Што да кажам? (Пауза) Мислам дека има право.

САРА: Зошто сте такви, господине Стево? Зошто не се борите за себе? Ако некој ви
ласка, длабоко се сомневате дека ги заслужувате неговите ласки и лесно ги отфрлате.
А ако некој ве напаѓа веднаш мислите дека е во право, се повлекувате и кревате раце.
Зошто? Зошто татко ми би бил во право? Што знае татко ми за вас за да каже било
што. Зошто не се цените малку повеќе? Зошто само некој кој ве навредува успева да
предизвика вистинска почит кај вас? Јас ве лажам. Татко ми никогаш не рекол за вас
дека сте „примитивец". Напротив. Еднаш за вас зборуваше како за „способен младич
од Дебар Маало кој далеку ќе дотурка". Тоа веќе звучи подобро, нели? (Пауза.) Нели?

СТЕВО: Далеку подобро.

САРА: Повторно ве излажав. Татко ми никогаш не ми кажал ништо за вас. Јас со него
одвај зборувам. До вечерва не знаев дека постоите. А сега знам. И се прашувам дали е
тоа некаква утеха.

СТЕВО: „Се хранам со јад, се смеам плачејќи, смртта и животот ми се подеднаиво


далечни, вие сте, Госпоѓо, виновни за тие неволи."

САРА: Што е тоа?

СТЕВО: Песна.

САРА: Ваша.

СТЕВО: Да.

САРА: Вие пишувате?

СТЕВО: По малку.
САРА: Како, како беше, уште еднаш?

СТЕВО: Тоа е само крајот од подолга песна.

САРА: Кажете ја целата.

СТЕВО: Не ја знам наизуст. Дома ми е.

САРА: Каков сте вие тоа поет кој не ги носи песните со себе. Добро, кажете го крајот.

СТЕВО: „Се хранам со јад, се смеам плачејќи, смртта и животот ми се подеднакво


далечни, вие сте, Госпоѓо, виновни за тие неволи."

САРА: Прекрасни стихови. (Пауза.) Штета што не се ваши. Тоа е последниот терцен на
сонот од Франческо Петрарка. (Пауза.)

СТЕВО: Вие сте првата која ги препозна. Со години им ги кажувам овие стихови на сите
девојки со кои се запознавам.

САРА: Ова е првата искрена работа која ја кажавте вечерва. Сето друго е лага која
толку често ја употребувате што веќе ѝ верувате. Доволно се обидувате да ме
импресионирате со вашите интелектуални способности. Вие не сте интелектуалец. Што
не значи дека немате други квалитети. Можеби поважни од интелектуалните.

СТЕВО: Многу брзо судите за мене.

САРА: Зар може да се суди полека?

СТЕВО: Секој има нешто што не е веднаш видливо.

САРА: Нека си го чува тоа невидливо за себе. Не ме интересира што мислите вие за
себе туку што мислам јас за вас. Целиот живот е на прв поглед. Луѓето се заљубуваат
на прв поглед, се убиваат на прв поглед, сите војни — на прв поглед. На прв поглед и
вие му се допаднавте на господин Клаус па цело време разговараше со вас. Не остави
ни момент за мене. (Пауза.) Морав да ве допирам под масата.

СТЕВО: Мислев дека ќе умрам. Го слушав Клаус, а ништо не го разбирав. Умот ми беше
кај вас. Не верував дека тоа мене ми се случува. Јас не ве заслужувам.

САРА: Очекував да го кажете тоа. Вашиот дебармалски комплекс инфериорум ви се


заканува со прст и ве предупредува дека Сара Херцог е забрането овошје кое не го
заслужувате. Никој ништо не заслужува. Сите крадат што ќе стигнат. Сите се
мршојадци под тенката ципа манири. Почнувајќи од мене.
СТЕВО: Но јас едноставно не очекував дека тоа ќе го сторите.

САРА: Кога јас, господине Андреевиќ, би се однесувала онака како што вие од мене
очекувате да се однесувам вие, прво, не би биле овде и, второ, би немале теоретски
шанси да ме однесете в кревет. Затоа оставете го на мира мојот начин на однесување
и кажете нешто просто. Или едноставно молчете. И тоа е нешто во овие кошмарни
времиња. (Пауза.)

СТЕВО: Истиот ден кога првпат ве видов се скарав со мојата девојка Лиле. Утредента
се запишав во школата за играње во Пасаж Ароести.

САРА: Јас сакам да играм, но не да танцувам. Сакам други игри. Ве замолив да кажете
нешто просто, а не дека сте се заљубиле во мене на прв поглед.

СТЕВО: Па добро, среќен сум што сум овде со вас.

САРА: Тоа е препросто. Можеби е искрено, но затоа е патетично. Никој не е среќен.


Сите мислат дека некој друг, на некое друго место е среќен и ја користи онаа среќа
која тие ја заслужуваат. И сите грдо и наместено се смешкаат и тивко го влечкаат
својот очај зад себе. И никој не може да ги засака оние кои се вљубени во него, ниту
да ги придобие оние кои го мразат. Дали често мастурбирате? (Пауза.) Јас, да. Петпати
дневно. Би мастурбирала цел живот да немам други здодевни обврски во животот.

(Му открива една дојка. Ја зема неговата рака и ја става врз дојката. Стево зашеметен
гледа. Сара ги затвора очите. Ја гризе неговата рака. Ги отвора очите. Се закопчува.
Пауза. Се гледаат. Без тропање, во собата влегува Сивиќ.)

СИВИЌ: Извинете.

САРА: Што се извинувате кога не тропате на врата?

СИВИЌ: Ве барав насекаде .. .

САРА: И не очекувате дека ќе ме најдете токму во мојата соба.

СИВИЌ: Господин Клаус е уморен и сака да си оди. Сака да се поздрави. Посебно со


вас… господине Андреевиќ.

САРА: Ќе дојдеме. (Сивиќ излегува. Ја затвора вратата.)


СТЕВО: Да дојдеше минута порано…

САРА: Господин Сивиќ е доволно стар да видел гола жена и не верувам дека би го
возбудила женска цицка. Посебно не мојава. Се надевам дека еден ден тоа ќе се прави
на улица и веќе нема да биде мистерија за која се трошат толку нерви и енергија. Ќе
одиме ли?

СТЕВО: Кога ќе можам повторно да ве видам?

САРА: Зошто мислите дека имате право повторно да ме видите? После вас господине
Андреевиќ. (Стево излегува. Сара оди по него. Ја гасне светилката.)

СЦЕНА 5

(Соба во куќата на Андреевиќ. Мрак. Се отвора вратата. Влегува Стево. Пали светло.
На масата седи Симон, пијан, со шише до себе.)

СИМОН: О мони, мони, ма, а кадеми фенци фа фенци фа фа фа, опет ха ха ха уна епе
епе епе, уна цепе цепе цепе уна хаус хаус хаус, Мики Маус.

СТЕВО: Што правиш?

СИМОН: Квачам јајца.

СТЕВО: Мислев дека ти е страв од темно.

СИМОН: Страв ми е и од светло.

СТЕВО: Како помина славата?

СИМОН: Која слава?

(Пауза. Стево седнува. Си тура ракија. Го чита весникот.)

СТЕВО: Спијат сите, а? (Пауза) „Народно Позориште: „Печалбари“ во чест на конгресот


на угостителите“. Ова било за тебе, а ти не отиде. Сигурно ја откажале претставата.
„Народен Универзитет: Предавање за камен во бубрегот, со проекции.“ Ова е за
Андреја. Добро е за општа култура. „Дежурна аптека, Давџевиќ, Краља Петра, 42“.
„Гостилница Маргер. Пристигна прочуената пејачка на руски романси госпоѓа Милица
Милиќевиќ, класична и севдалинска пејачка. Не жалејќи материјални жртви на своите
посетители да им пружи што поголеми уживања, ангажирана е и малата Каќа
Матуршка.“ Не пишува за што е ангажирана. (Го фрла весникот.) Знаеш ли ти, Симоне,
дека ние во XX век живееме најдобро од сите милијарди луѓе што живееле пред нас.
Во, да речеме, XI век или под турско. Имаш весници, автомобили, струја и тоа ти е
нормално. А во XI век немало ништо. Ништо! Само темница и луѓе што живееле во
земја како црви.

СИМОН: Не се занесувај.

СТЕВО: Се гушам јас овде Симоне.

СИМОН: Тој XX век ќе ти дојде до ак. И Херцог.

СТЕВО: Господин Херцог ќе ме спаси. На секој човек еднаш во животот му се јавува


спасител. Ако не појдеш по него — готово. Тој Херцог за година дена од приправник ме
направи референт. Ако со тоа може да ми дојде до ак, не знам како ќе му успее.
Работам една година, заработувам 1700. Ти работиш толку години, колку заработуваш?
Мислиш Стево е уште дете. Јас сум свој човек. Веќе не сум оној Стево од пред десет
години каков што ти ме паметиш. Заборави го тој Стево. Стево е сега друг.

СИМОН: Луѓето се секогаш исти. Какви ќе се родат, такви умираат.

СТЕВО: Па добро, ако сум оној истиот Стево како кога бев дете, како тоа тогаш не
знаев да пливам, а сега знам? Да ме фрлеше тогаш во вода ќе се удавев.

СИМОН: Ќе се удавиш и сега.

СТЕВО: Сега знам да пливам.

СИМОН: Колку ќе пливаш? Десет минути? Десет саати? Десет дена? Колку и да пливаш
ќе се удавиш. Како да не си пливал воопшто. (Од собата излегува Андреја, штотуку
станат од спиење. Пауза.) Разговараме за XX век.

АНДРЕЈА: Затоа не спиете, а? Се плашите да не го преспиете векот. Поарно е малку да


се отспие и да биде човек трезен кога е буден. (Пауза.) Ја сретнав Лиле. Праша како
си и те поздрави.

СТЕВО: Не ми е гајле.

АНДРЕЈА: Таа го знае тоа. Рече „Знам дека не му е гајле, но ти поздрави го“.
СТЕВО: Ете на пример таа Лиле. Девојка на место. Домаќинка. Денес ако ми дувне да
ја оженам, утре ќе правам свадба. И тоа што се кријам од неа и не сакам да ја видам
не значи дека јас неа ја мразам 100 посто. Можеби јас неа ја сакам цели 49 посто. Арно
ама, ако некоја друга сакам 51 посто, оние два процента ќе претежнат и Лиле губи.

СИМОН: Мајчини два процента.

СТЕВО: Два процента во животот се голема работа.

СИМОН: Никој веќе никого не сака. Љубов водат само кучињата и Циганите.
Останатите пресметуваат проценти.

АНДРЕЈА: Како беше на приемот?

СТЕВО: Розово. Пука шампањско, шуштат женски фустани, се наздравува со одбрани


фрази, култура, цивилизација. XX век!

АНДРЕЈА: Уште некој час и гладните работници ќе тргнат со налани преку Камени мост
кон монополот. Безработните ќе чекаат работа на „Пјаца“. Исто XX век!

СТЕВО: Не ме блефирај мене со социјална поезија. Ако си толку загрижен оди гини во
Шпанија. А јас ќе ти се јавам од Берлин со анзискарта. Ќе ве распрашуваат новинари
еден ден дали сте го познавале Стево Андреевиќ. А Стево пие ротвајн во Хамбург,
Марбург, Вирцбург. Јас имам обврски кон себе. Често ги гледам дланките. И чувствувам
каква сила има во нив. Знаете што се можам да направам со овие раце. Чуда, чуда
можам да направам. А вие сакате да ги ставам в џеб, да се оженам, да накотам деца и
да почнам да 'рѓосувам. Еве ви, на! Не запирам додека не ја фатам среќата за гуша.
Тоа е ризик, но без ризик не можеш да седнеш да јадеш. Или ич или брич. Стево
Андреевиќ дебармаалец, сега на бел коњ, со развеана коса и копје во раката галопира
кон своите перспективи на хоризонтот. А вие, господа, продолжете со келнерај и
револуционерен флерт. Стево Андреевиќ нема време да ги разгледува и вашите
случаи. Премногу е зафатен со својот. Во таа смисла тој станува (станува) и поаѓа на
заслужена починка.

(Стево излегува од собата. Пауза. Андреја станува. Излегува. Пауза. Симон долго време
гледа во дланките. Пауза. Влегува Вера. Го прегрнува Симон. Симон плаче. Вера го
милува по главата. Симон се смирува. Погледнува во неа.)
СИМОН: Роди ми бре, Веро, едно машко детенце.

СЦЕНА 6

(Вера кај бајачка.)

БАЈАЧКАТА: Легни. (Вера легнува.) Рашири се. (Вера ги раширува нозете.) Велиш
ниеднаш намерно.

ВЕРА: Не. Не можам да го додржам.

БАЈАЧКАТА: Што вели докторот?

ВЕРА: Вели лежи девет месеци.

БАЈАЧКАТА: А ти?

ВЕРА: Треба некој да гледа куќа девет месеци.

БАЈАЧКАТА: Нека гледа мажот ти.

ВЕРА: Мажот ми не може да си го види алот.

БАЈАЧКАТА: Требало порано да дојдеш.

ВЕРА: Направи нешто, жити бога.

БАЈАЧКАТА: Не може тука господ ништо.(Го пали мангалот. Зева врз водата. Се
прекрстува. Плука во водата.) Срце на кол. Срце на вила. Срце на коса. Отвори го
големото око за да видиш, што да видиш? Црвец лази во јалова вода, небото лигаво
залепено за непцата, ни ваму, ни таму. Рибји меур пред прскање. Мозок отворен на
безбожји ветришта. Ѓаволи, ѓаволи на ниски коњи крилати. Голи жили пресечени,
гнојни струпки нелечени, триста тајни неречени. Гради да скинеш, очи да избиеш.
Подврзи го детето, додржи го кутрото, да излезе да се радува. (Го гаси мангалот. Ја
прска Вера по стомакот.) Ке врзеш партали за здравје на Вардар. Ке запалиш свеќа на
Света Петка, од поголемите. Ќе однесеш кошула од мажот ти на Капиштец. Ке ми
дадеш мене две банки.

ВЕРА: Ќе помогне ли?


БАЈАЧКАТА: Не знам.

ВЕРА: Па зошто тогаш сето ова?

БАЈАЧКАТА: За да поминеме од редот.

СЦЕНА 7

(Стево во канцеларија. Пишува. Од соседната канцеларија излегува Сивиќ.)

СИВИЌ: Многу сме вредни. Не ги испуштаме ни за момент од раце конците на нашата


кариера. Напредуваме секојдневно. А брзиот успех има свои острици. Како стекнување
претерана самодоверба. Која нè фрла во искушение да ја заведеме ќерката на нашиот
шеф. Ќе прашате што имам јас со тоа. Сосем ништо. Немам ништо ни со брат ви кој ако
не го спастрите ќе заврши в затвор. Мислам на помладиот, скоевецот, се разбира.
Постариот толку пие што е сосем изгубен, нели. Сериозно ви велам за Андреја,
господине Андреевиќ. Некои луѓе кои ги познавам го имаат на око, а тоа може да биде
опасно. Ќе речете од каде го знам сето ова. Сè се знае. Преку овој ѕид се слуша што се
договараат вашите родители да зготват за ручек. Тенки се овие ѕидови. И лесно можат
да се срушат. Мислам буквално. Тогаш ни Херцог нема да ве спаси. До гледање,
господине Андреевиќ. Пријатен ручек. (Излегува. Стево останува замислен. Пауза.
Стево продолжува со работа. Тропање на вратата.)

СТЕВО: Напред. (Влегува Ацо)

АЦО: Здраво, Стево.

СТЕВО: Здраво, Ацо. Што има?

АЦО: Мака мачам. Дојдов за камионот. Лоша е работата.

СТЕВО: Седни, повели. Сакаш цигара. (Му нуди цигари. Ацо зема.)

(Во канцеларијата влегува Клаус.)

СТЕВО: Повелете, господине Клаус.

КЛАУС: Господин Сивиќ замина?

СТЕВО: Да. Пред две минути.


КЛАУС: Ништо, само вие работете. (Прегледува некаква картотека.)

СТЕВО: И што рековте дека е проблемот?

АЦО: Дадовме камион на генерален ремонт и плативме за генерален ремонт, а само е


подмачкан и сменети се кариките. (Клаус се врти и значајно погледнува во Ацо и
Стево. Продолжува да гледа во картотеката.)

СТЕВО: Невозможно.

АЦО: Возможно. Ујдурма е направена.

СТЕВО: Зошто не рекламиравте на преземање?

АЦО: Што да рекламирам? Гледам бојадисано ново, нема белки да ја отворам


машината за да рекламирам. И сабајле чука, исто како порано. Сите крадат, ама вие
претеравте. Давате фактура за променети клипови, хилзни, лагери, запчаници,
гарнитура дихтунзи, отворам, се лага, се старо.

СТЕВО: Не знам како се случило, но имаме начин да се провери.

АЦО: Стево, немој да ми зборуваш на „вие“ и не ме заебавај со чиновнички фрази туку


кажи кого да го фаќам за гуша за оваа работа. Шефот мене ми ја крши главата. Јас го
имам задолжено камионот. Вели јас платив ремонт, твоја работа. Требаше да возам за
Врање сабајле. Ми пропадна денот. Имам дете дома.

СТЕВО: Не ме ставајте и мене во незгодна ситуација. Реков дека ќе провериме и ќе


средиме.

АЦО: Па ајде проверувајте и средувајте.

СТЕВО: Постои редовна постапка.

АЦО: Мене ми треба исправен камион.

СТЕВО: Само без викање затоа што ако ја гледаме чисто правната страна на случајот
камионот е примопредаден и со тоа нашата обврска престанува. Потпишано е дека се е
во ред.

АЦО: Е како кога ништо не е? Сега треба од свој џеб да платам нов ремонт и да им
стојам на мајсторите врз глава за да не украдат некој шраф.

СТЕВО: Јас сигурно нема да платам.


АЦО: Стево имав намера да кренам во воздух едно 100 луѓе во Скопје. Ти ќе бидеш сто
и првиот.

(Клаус си оди од канцеларијата.)

СТЕВО: Ацо, слушај!

АЦО: Сега сум Ацо, а додека беше оној тип овде бев

Вие. Што да слушам?

СТЕВО: Види, немам јас ништо со таа работа.

АЦО: Па ти си се натртил како референт овде, ќелеш

еден. И другпат, кога ќе понудиш цигара, запали ја. (Ја фрла цигарата. Излегува
тропајќи со вратата. Стево останува збунет. Пауза. Влегува Клаус.)

КЛАУС: Проблеми?

СТЕВО: Не, господине Клаус, се е во ред.

КЛАУС: (Гледа што пишувал Стево.) Испораката е гледам пред крај. Одлично.
Исфрлете ги овие три ставки.

СТЕВО: Како мислите, господине Клаус?

КЛАУС: Едноставно, исфрлете ги. Прецртајте ги. (Пауза.) Прецртајте ги.

СТЕВО: (Ги прецртува.) Вака?

КЛАУС: Така. Гледате каква е снагата на перото. Тоа што до пред малку постоеше, сега
веќе не постои. А само е пречкртано.

СТЕВО: Што ќе каже господин Херцог кога ќе види?

КЛАУС: Зошто да види? (Пауза.) Трговијата е чудна господине Андреевиќ.


Најкомплексна сфера на човековата активност. Во почетокот беше капитал. (Гледа на
часовникот.) Работниот ден е завршен.

Не би било лошо да ја пробаме таа домашна ракија која толку ја рекламирате.

СТЕВО: О, господине Клаус!


КЛАУС: Само ќе морам претходно да земам цвеќиња за вашите домашни.

СТЕВО: О, господине Клаус. Нема потреба.

КЛАУС: Некои нешта се прават и од учтивост.

СТЕВО: О, господине Клаус. Требаше да ми кажете малку порано. Да подготвеа нешто.

КЛАУС: Јас сакам на неподготвено.

СЦЕНА 8

(Куќата на Андреевиќ. Димитрија го делка своето дрво, Ацо и Андреја разговараат,


Марија гледа во карти, Вера пее, Симон спие.)

АЦО: И додека беше Германецот таму, се на „вие“ со мене. После ја смени песната.

АНДРЕЈА: Нешто се случува со него.

АЦО: Нешто се случува со сите нас: ама тој ја претера.

АНДРЕЈА: Ќе зборувам јас со него.

АЦО: Лесно за разговарање. Што правам без камион?

АНДРЕЈА: И онака одиме во штрајк. За после ќе се снајдеме некако.

АЦО: Од готово правиме вересија. Е Стево, Стево: (Влегува Стево.)

СТЕВО: Доаѓа гасподин Клаус. Веро, мамо, зачистете малку. Ацо, тука си. Симоне,
разбуди се братко. Отиде да купи цвеќе, ќе дојде на ракија. Извадете од ланската
ракија. (Ацо излегува). Ацо, каде бе? Направете и нешто за мезе. Салата. Има сирење?

СИМОН: Кој рече доаѓа?

СТЕВО: Господин Клаус, на ракија!

СИМОН: Па зошто морам јас да бидам буден за тој да пие ракија?

ДИМИТРИЈА: И кој го покани него на ракија?

СТЕВО: Јас! Имаш нешто против?

ДИМИТРИЈА: Немам многу против, ама немам ни многу за.


МАРИЈА: Кој доаѓа?

СТЕВО: Ти кажав, мамо, кој доаѓа, господин Клаус доаѓа.

МАРИЈА: Зошто од цел свет токму кај нас доаѓа?

СТЕВО: Смени ја шамијата жити бога, стави нова. (Марија оди.)

АНДРЕЈА: Што треба јас да облечам?

СТЕВО: Остави ме Андреја, жити мајка.

АНДРЕЈА: Што не го остави ти Ацо.

СТЕВО: После ќе ти објаснам.

АНДРЕЈА: Сè ми е јасно.

СТЕВО: Ништо не ти е јасно.

АНДРЕЈА: Не знам кому ништо не му е јасно.

СТЕВО: Стани бре, Симоне, оди замиј се.

СИМОН: Што не го однесеш ти тој Шваба во некоја фамилија која повеќе ти се допаѓа.

МАРИЈА: (Со нова шамија) Добра е оваа?

СТЕВО: Добра е. Вера, извади и слатко.

СИМОН: Ти на жена ти слатко.

ВЕРА: Пушти сега, Симо ете.

СИМОН: Пушти сега, пушти после, отиде животот.

ДИМИТРИЈА: Да не сака тој и на ручек да седи? Немам јас ништо против. Нека седи и
на вечера. И утре сабајле на појадок.

(Стево се гледа на огледало. Се чешла. Седнува. Гледа во часовникот. Тишина. Пауза.


Сите чекаат.)

МАРИЈА: Кого чекаме?

ДИМИТРИЈА: Ѓаволот треба да го бркаме, а не да го чекаме. Иш, иш!!!


(Пауза. Тишина. Чекаат.)

ДИМИТРИЈА: Чекајте го вие свети Харалампие ако сакате.

(Поаѓа со количката кон вратата. Во тој момент тропање на вратата. Димитрија се


враќа. Стево скока и отвора.)

СТЕВО: Повелете, господине Клаус. Повелете. Ова е мајка ми Марија.

КЛАУС: Чест ми е, госпоѓо Андреевиќ. (Ѝ подава цвеќе. Марија збунето го зема.)

СТЕВО: Татко ми Димитрија. (Клаус кимнува со глава) Брат ми Симон. (Исто. Симон
кимнува со глава.) Брат ми Андреја. (Исто.) Снаа ми Вера. (Исто.) Повелете седнете.

КЛАУС. Благодарам. (Седнува.) Господин Стево веќе неколку дена љубезно ме кани да
ја посетам вашата фамилија, а ете, дури сега најдов малку слободно време. Значи, ова
е вашата куќа. (Гледа наоколу.) Убаво: Со што се бавите вие, господине Андреевиќ?

ДИМИТРИЈА: Молам? Правам свирче.

СТЕВО: Татко ми беше познат ѕидар. Постариот брат е келнер, а помладиот трговски
помошник.

КЛАУС: (На Андреја) Каде?

АНДРЕЈА: Во колонијално-деликатесната продавница „Јефтиноќа".

КЛАУС: Кај Ристиќева палата? Ми се чини дека еднаш, ве видов таму. (Вера служи
ракија и салата.) Ова е таа славна ракија. (Зема чашка.) Вие не пиете, господине
Андреевиќ?

ДИМИТРИЈА: Не. Ручав. Јас рано јадам.

КЛАУС: Вие?

АНДРЕЈА: Не пијам.

КЛАУС: (На Симон) Вие ќе се напиете?

СИМОН: Ај нека влезе свињче у џамија. (Зема чашка.)

СТЕВО: На здравје, господине Клаус. Добро ни дојдовте и за многу години.


КЛАУС: На здравје. (Пие.) Навистина е добра. Каде е вашата госпоѓа мајка? (Стево
станува да ја побара Марија. Марија стои во кујната, со цвеќето во раце и се тресе.)

СТЕВО: Што е мамо? Што ти е?

МАРИЈА: Диво месо.

СТЕВО: Какво диво месо? Ајде таму имаме гостин. (Стево се враќа кај Клаус.) Земете и
мезе. Послужете се. Да не сакате слатко? Има одлично слатко од дуњи.

КЛАУС: Не, благодарам. Ова е доволно.

СТЕВО: Што уште да ви дадеме?

СИМОН: Уште да заиграме и да запееме.

КЛАУС: Да. Забележав дека тука луѓето навистина прекрасно пеат и играат.

СИМОН: Добро сте забележале. И сите мислат дека само тоа го знаеме.

СТЕВО: Мајка ми прекрасно пее.

КЛАУС: Би било одлично кога би сакала да запее.

СТЕВО: Мамо! Мамо, дојди да запееш нешто за господин Клаус.

МАРИЈА: (Излегува како во транс. Пее.)

Да сум бистра вода, мори мамо

да сум бистра вода, мамо мори мамице

јас знам кај да течам.

(Пауза.) Диво месо. (Се враќа назад во кујната. Пауза.)

КЛАУС: Диво месо?

СТЕВО: Не замерувајте. Мајка ми е уморна.

КЛАУС: Што значи диво месо?

СТЕВО: Тоа е бабина деветина. Празно верување дека ако некому му влезе влакно во
грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расте и
нарасне толкаво да го угуши човекот.
КЛАУС: Интересно. (Андреја пие чаша ракија на искап.) Вие рековте не пиете?

АНДРЕЈА: Реков.

(Пауза. Димитрија делкајќи го своето дрво го сече прстот. Пцуе под мустаќ. Ја цица
крвта.)

КЛАУС: Се исековте.

ДИМИТРИЈА: Да. (Голта ракија од шишето. Плука на прстот.)

КЛАУС: Забележувам дека јазикот кој го зборувате не е чист српски.

АНДРЕЈА: Ние живееме во Вардарска Бановина. Зборуваме Вардарско Бановски.

КЛАУС: Како сте вие задоволни од вашата работа во бакалницата? Платата ви е


сигурно мизерна, а работата тешка.

АНДРЕЈА: Има многумина и без работа.

КЛАУС: Значи ли тоа дека вашето незадоволство го гушите споредувајќи го со нечие


туѓо и поголемо. Тоа е доста конзервативно размислување.

АНДРЕЈА: Како сте вие задоволни од вашата работа, господине Клаус?

КЛАУС: Хм, не многу. Јас би сакал ако можам ништо да не работам. Да патувам и да
читам книги.

АНДРЕЈА: Тоа е чисто буржоаско размислување.

СТЕВО: Андреја остави сега тоа.

КЛАУС: Имате право. Јас сум буржуј. Отсекогаш сум бил. И не се срамам од тоа. Секој е
она што е и треба да се помири со тоа.

АНДРЕЈА: Напротив. Секој мора да се потруди да стане она што може да биде.

КЛАУС: Тоа е често тешко.

АНДРЕЈА: Тешко, секако, но изведливо. Луѓето под турско петстотини години мислеле
дека не можат да сонуваат да ја разнишаат таа сила, а ете таа изгнили и пропадна
како трула штица. После пет стотини години, да, но пропадна. Или Австро-Унгарија.
Големата империја пропадна 1918 како никогаш да не постоела. И палатата на
господин Ристиќ на плоштад, која ни се чини непроменлива, цврста и изградена за век
и веков, еден ден ќе ја снема како никогаш да не била таму.

КЛАУС: Тоа се вика дијалектичка интерпретација на историјата!

СИМОН: Уште една ракија, господине Клаус? (Си тура себеси.)

КЛАУС: Не, благодарам. Добро, ако на турската империја ѝ требале пет векови колку
време ќе и треба на Ристиќевата палата за да ја снема.

СИМОН: Два часа удирање со казми и лопати.

КЛАУС: Кој ќе ги крене казмите и лопатите?

АНДРЕЈА: И јас, меѓу другите!

КЛАУС: Што имате вие против господин Ристиќ?

АНДРЕЈА: Ништо против него посебно, туку против сите нив заедно.

КЛАУС: Што конкретно?

АНДРЕЈА: Возат автомобили.

КЛАУС: Тоа не е грев.

АНДРЕЈА: Поминуваат покрај нас зад заматени прозорци и нè гледаат како да сме муви
во маќеница. Некаде брзаат. После појадок одат на ручек. И поминуваат. Поминуваат
со векови. Нè држат уплашени со фрази, со мистерии, со догми. Нè држат уплашени
дека ќе ни го земат лебот, ќе ни го срушат домот, ќе ни ја скршат вилицата. И ние
уплашено им правиме пат и ги поздравуваме. И сè додека се плашиме, тие ќе газат
преку нас. Слободата ќе дојде кога ќе го надминеме стравот. Слобода е кога на
улиците ќе се исфрлат и истресат сите сандаци од мемливите тавани, сите постели со
влажен памук, кога ќе се истребат сите лебарки, подрумски стаорци и маларични
комарци, кога сите куќи ќе се бојадисаат во бело, сите прозорци ќе се отворат, сите
алишта ќе се извријат и исперат во изворска вода и ќе се остават на пролетно сонце да
се сушат.

СИМОН: Браво! И кога јас ќе седнам во меана, а газда Трајко ќе ме служи.

КЛАУС: Тоа е револуција!

АНДРЕЈА: Наречете ја како сакате.


КЛАУС: Вие сте поет. Толку импресивно звучеше тоа што ми го издекламиравте што за
момент помислив дека однапред сте го научиле напамет. (Гледа на часовникот.)
Простете, јас морам да брзам. Ме чекаат некои луѓе на ручек. Не знам дали е сега
најпогоден момент да ја спомнам таа работа, но зошто да не. Можеби со вас господине
Стево требаше претходно да поразговараме за тоа. Се работи за нашето
претставништво на кое му е итно потребно проширување. Притиснати сме од
конкуренцијата, мораме да излеземе на главната улица. Вашава куќа е на главната
улица и залепена до претставништвото. Би сакале да ја откупиме куќата. За добра
цена. Ве молам размислете во таа смисла.

ДИМИТРИЈА: Не доаѓа во обѕир. (Пауза.) Не доаѓа во обѕир.

СТЕВО: Чекај, тато.

ДИМИТРИЈА: Не доаѓа во обѕир.

СТЕВО: Ќе размислиме, господине Клаус, се разбира. Ќе видиме.

ДИМИТРИЈА: Ти не се мешај.

КЛАУС: Ми беше необично пријатно. Благодарам и до гледање.

СТЕВО: Простете ако имаше некаква грешка. (Клаус излегува. Стево го испраќа. Пауза.
Тишина. Стево се враќа.)

ДИМИТРИЈА: Кога се договори ти со него за оваа работа?

СТЕВО: Ништо не знаев. Со вас дознав. Жими сè најмило.

ДИМИТРИЈА: Ти ќе го продаваш тоа што самиот ќе го спечалиш и изградиш. Овде не


чепкај. Ова е мое.

СТЕВО: Ќе ни биде платено и преплатено.

ДИМИТРИЈА: Никој мене не може да ми плати. Кој ќе ми ги плати нозеве? Од оваа


чатија паднав.

СТЕВО: Не зборуваме сега за нозете.

ДИМИТРИЈА: Ете, јас мислам дека токму за нозете зборуваме. И само за нив.

СТЕВО: Слушај, дај да бидеме разумни.

ДИМИТРИЈА: Не ми треба мене разум од тебе. Остави ме на мира.


СТЕВО: Остави ме ти мене на мира. И сите вие. На глава сте ми качени. Проклети
селаништа! Се држите за некои свои излитени принципи и обичаи како слепци за стап.
Ме избрукавте пред човекот. Го гледавте како да ќе ве зарази со некоја непозната и
страшна болештина. Сè што не ви е познато е проклето, туѓо и непријателско. Држи се
за учкурот, важно е да сме свои, какви сме такви сме. Мене ме вика Европа, а вие не
ме признавате за човек во ова посрано маало. Да можам да се откачам од вашето
лепило, ќе летнам.

АНДРЕЈА: Ќе ти направат споменик кај мостот. Крал Петар на коњ, Крал Александар на
коњ и Стево Андреевиќ на... коњ.

СТЕВО: Го чувме и твојот митинг. Сакаш да ме избркаат од работа поради твоите


малоумни политички афектации? Видовме кој си!

АНДРЕЈА: Дај да видиме кој си ти! Ако си било кој! Си се фатил со тој шпион.

СТЕВО: Клаус не е шпион.

АНДРЕЈА: Го знае Скопје поарно од сите нас заедно кои сме родени овде. Не. Симон е
шпион.

СИМОН: Зошто јас шпион? Не сум јас шпион.

(Влегува Марија.)

МАРИЈА: Со подуено грло ни се дише, ни се пее. Месото мора да се откорне со нокти,


раната да се изгори со жар. А вие се карате. Гајле немате. Ве гледам, а не знам кои
сте. Никого веќе не распознавам.

СТЕВО: Јас сум син ти Стево, а ова е мажот ти Димитре и аман кажи му да дозволи да
ја продадеме куќава за да стокмиме пристојна пара и да се скрасиме на некое друго
место.

МАРИЈА: Каде ќе се селиме?

СИМОН: На Марс.

МАРИЈА: Каде е тоа?

СИМОН: Во Пајко маало.


СТЕВО: Мојата кариера зависи од секој чекор. Во овој момент зависи од оваа скапана
куќа.

ДИМИТРИЈА: Твојата кариера стави си ја ти во газот, а мојата скапана куќа остави ми


ја да ми се сруши врз плеќите.

СТЕВО: Што знаеш ти што е кариера скапаницо стара. Цел живот го помина како аргат.
Јас на 26 години имам своја канцеларија.

ДИМИТРИЈА: Јас бев мајстор ѕидар.

СТЕВО: Мајстор што паѓа од скелиња. Гледај каква куќа си изградил!

ДИМИТРИЈА: Градев како што, знаев и умеев. А ти ако сакаш да разградуваш излегувај
надвор и не се враќај. Изрод еден.

СТЕВО: Ти ли ќе ме избркаш? Ајде стани избркај ме. (Ја удира количката со Димитрија
од ѕид. Скока Андреја. Го удира Стево. Притрчува Вера. Ги двои.)

СИМОН: Пушти ги, остави ги нека се заколат. (Пауза.)

ДИМИТРИЈА: Да знаев какви ќе излезете ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе


запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата. Сè
на своја рака, со првиот ветер, како муви без глава. Мислите сè што лета се јаде.
Европа ве бара! И се прди на Европа за вас. Воздивнувате по Германија! А таткото што
ги изгубил нозете за вам да ви направи куќа е помија што не знае два и два и им пречи
на Европјаните да прават кариера. Не знаете да се чувате. Живеете на вересија. Ќе
загинете по некои дупки, ќе ве изедат пајажини, името ќе ви се запусти, трага нема да
остане од вас. Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење. (Андреја станува и
брзо излегува.)

МАРИЈА: Андрејааааааааа!!!
СЦЕНА 9
(Соба во куќата на Сивиќ. Тропање на вратата. Од соседиата соба излегува Сивиќ во
домашна наметка. Ја отвора вратата.)

СТЕВО: Добро утро, господине Сивиќ. Може ли да влезам за момент? Сакам да ве


замолам за една услуга. (Сивиќ му пушта пат. Стево влегува.) Благодарам. (Пауза.)
Брат ми е уапсен. Синоќа за време на штрајкот. Бев во полицијата, велат не ги
избројале уапсените, а камо ли да знаат кој е Андреевиќ. Зборував со господин Херцог
пред малку, тој ме упати до вас. (Од зад грб во собата влегува Сара во ноќница.
Застанува зад Стево. Стево не забележува.) Ми кажа дека брат ви работел таму. Јас
зборував со Андреја уште тогаш кога вие ме предупредивте и тој вети дека ќе се
поправи. Не знам како се случи со тој штрајк, но сигурен сум дека ако сега нешто
сторите веќе нема да се повтори. Тоа го гарантирам јас со својата слобода. Ве молам,
господине Сивиќ. Дома ситуацијата е несносна. Мајка ми ми плачеше на гради цела
ноќ. Тие веруваат дека јас тука имам замешано прсти. Како јас да сум го затворил.
СИВИЌ: Сара, зошто не се вратиш в кревет, имам со господин Андреевиќ важен
разговор.
СТЕВО: (Се врти. Вчудовиден гледа во Сара. Станува.) Госпоѓице Херцог.
САРА: Седете, господине Андреевиќ.
СТЕВО: Простете. Не знаев.
САРА: Што не знаевте?
(Сара му приоѓа на Сивиќ. Го прегрнува околу половината. Гледаат во Стево. Пауза.)
СТЕВО: Можете ли да ми помогнете, господине Сивиќ?
СИВИЌ: Не.
СТЕВО: Можете било што да сторите?
СИВИК: Не.
СТЕВО: Ве молам, господине Сивиќ.
СИВИЌ: Не.

(Пауза. Стево станува. Гледа извесно време во нив. Излегува. Пауза. Сара сака да го
баци Сивиќ. Тој и удира шлаканица. Таа се пикнува до него за да избегне нова
шлаканица.)
СЦЕНА 10

(Хотелската соба на Клаус. Стево и Клаус. На масата пред нив шише коњак.)

КЛАУС: (Му тура коњак на Стево.) А конечно зошто не го оставите брат ви малку в
затвор.

СТЕВО: Не, благодарам, господине Клаус, доволно ми беше.

КЛАУС: Пијте, пијте младичу. Растројте се малку. Многу сте стегнат. Да, зошто вие
мислите дека нему му е поарно на слобода. Тој можеби сака да биде в затвор. Можеби
намерно работел на тоа да стигне в затвор. Тоа ви звучи неверојатно, но животот е
полн со изненадувања. Познати ми се случаи на таква парадоксална логика, инверзија
на нормалното расудување. А притоа не заборавете една битна компонента – тој е
Словен. Тој податок лесно одговара на прашањето зошто некој би сакал да биде во
затвор. Јас тоа го наречувам синдром на славјанската мазохистичка душа. Кога ништо
не е во ред, а не се крева малиот прст ситуацијата да се поправи и во тоа дури и се
наоѓа задоволство. А на овој Балкан никогаш ништо не било во ред. Дваесет илјади
години наназад. И ако во сиот тој метеж некој се заложи да помогне, таа помош не се
прима добронамерно. Напротив. Сомничаво се одбива. И состојбата на пропаѓање
продолжува. Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не на пропаст,
затоа што пропаста е дефинирана состојба и не на благосостојба, од која сте далеку,
туку на пропаѓање. Постојано и постојано пропаѓате. Во истите дупки. На ист начин.
Повторно и повторно. Упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство.
Тоа станува смешно. Па мечка во циркус научува да вози велосипед. Младоста ја
минувате на корзо грицкајќи семки. Не читате ништо потешко од стрипови за гусари.
Идоли ви се оние идиоти кои се самоубиле слушајќи ја „Тужна је недеља" и ситниот
криминалец Киро Атевиќ. Киснете по меани, а не знаете да пиете. После две ракии ви
светнуваат очите и почнувате да се прегрнувате, бацувате и да му се заканувате на
цел свет. И веќе не гледате кој што ви прави зад грбот. Или не пијте или научете
подобро да поднесувате алкохол. Брат ви Андреја спаѓа директно и без остаток во таа
класификација, а и вие не сте подалеку, иако сте вие сепак друг случај. Треба нешто
да сторите со себе. Треба да се ослободите од стегите на вашиот мазохизам и да
пуштите да ве води срцето. Срцето никогаш не е мазохистички настроено, тоа е
радосно, главата е таа која прави проблеми. Свесен сум дека вас ве глода и друга
мака: вие не знаете што точно сака вашето срце. Но тоа е лажна дилема. Никогаш не
сте го пуштиле да ви каже. Го држите задушено во малиот џеб и кукате што не умеете
да го следите внатрешниот инстинкт. Оставете го срцето слободно да дише и тоа ќе ви
се јави. Секако дека тука има и редица други компликации. Како што е на пример
недостатокот на чувство на припадност и традиција. До каде најдалеку наназад вие
можете да ја следите својата фамилијарна лоза? Како се викале вашите прададовци?
Тешко дека знаете. А ете јас знам. Моето дрво е грижливо запишано наназад до XIV
век. Може да се помисли дека тоа не се битни разлики, но од друга страна… од друга
страна традицијата и културата се светски и општочовечки придобивки. Гете е исто
толку ваш колку и мој. А вие сте убав и бистар младич, предодреден за успех. Ќе
заминеме заедно назад во Германија. Ќе го усовршите својот германски на мојот имот
покрај Рајна. И својот вкус. После два месеца ќе разликувате нијанси во букето на
скоро исти вина. Ќе го развиете своето тело со тенис и пливање. Својот ум со одбрани
четива. Ќе се забавувате. Ќе престанете да се плашите од себе. Ќе станете светски
човек сигурен во својата мисла, своите одлуки и потези. А јас ќе бидам покрај вас и ќе
го следам вашиот развој. Нашето враќање во Југославија ќе биде триумфално. Вие се
обидувате да пишувате поезија. Па како да се снајдат вашите музи во скопската слама
и лој. Верувам дека едноставноста и рустикалноста можат да бидат инспирација, но
само ако се филтрираат и прочистат низ образование и култура. Со други зборови,
човек треба да ја сочува својата невиност, но притоа да ја збогати со искуство. А вие
сте сè уште во фазата на наивна невиност. Вие сè уште не сте го изгубиле хименот. Тоа
е малку груба сексуална слика, но доста прецизна. Вие уреба да бидете силуван. Ова
ве збунува, но јас сакам да ве збунам. Треба некој да ве фати за коса, да ви ги искрши
коските, да ви ги отвори ушите, очите и носот, да ве смеша, да ве измеле, да ве
изгмечи и повторно да ве состави како ново човечко суштество. Вие и сега имате очи,
уши и нос, но не ги употребувате. Ви служат како украс. Ништо не гледате, ништо не
слушате. Живеете кретенски, хипнотизиран, малограѓански полусон и чекате
откровение, чудо, се подготвувате за големиот час кога вашиот живот конечно ќе
започне, а сè повеќе се сомневате дека тој час воопшто ќе пристине. А годините
минуваат и денес, утре животот поминал. Се вртите околу себе – пустош.
Откровението не дошло, а навиката станала корава. Па заминувате до најблиската
кафеана и наздравувате со непознати намерници во името на нејасните визии за она
што сте можеле да бидете. А јас ви нудам нешто друго. Ви нудам можност да ја
раскинете папочната врска со своето племе и да се издигнете до својот сопствен
идентитет. А потоа да му се вратите на тоа исто племе и да го поведете онаму каде
што тоа самото не може и не знае да стигне. Ви ја нудам својата скромна помош. Ви ја
нудам својата рака.
(Го фаќа Стево за рака. Пауза. Се гледаат. Пауза. Го фаќа Стево некаде долу под
масата. Пауза. Стево е стаписан.)

СТЕВО: Господине Клаус, јас ќе морам да одам. (Пауза.) Морам да одам. (Пауза.)
Господине Клаус. (Пауза.) Пуштете ме да си одам, господине Клаус. (Пауза.) Пуштете
ме, господине Клаус. (Пауза.) Пуштете ме да си одам, господине Клаус.

(Клаус го пушта. Стево станува. Зашеметено излегува од собата. Пауза. Клаус ја


допива својата чашка коњак.)

СЦЕНА 11

(Затвор. Просторија за примање. Андреја, претепан, и Стево.)

СТЕВО: Здраво Андро. (Андреја кима со главата.) Како си? (Андреја кима со главата.)
Не можев порано да дојдам. Не пуштаат. Одвај и овие пет минути ги добив. Овде чудно
мириса. Барав врски околу твојата работа. Сѐ ќе биде во ред. (Андреја кима со
главата.) Старите се добро, те поздравуваат. Пратија храна и цигари. Морав да ги
оставам на вратата. Ќе ти ги дадат. (Андреја кима со главата.) Знаеш што е ново? Вера
е трудна. Реши да лежи. Сака да роди по секоја цена. Ете, ќе имаме и внуче. Симон го
избркаа од работа. Изгледа бил пијан. Не сака да каже. Тој не е во Скопје. Отиде на
воена вежба. Постојано има некои вежби и маневри. Се плашам да не ме соберат и
мене. Верувам дека ќе те пуштат за некој ден. Па ќе одиме на Гачка плажа да се
бањаме.

АНДРЕЈА: (Нешто неразбирливо промрморува.)

СТЕВО: Молам? Ништо не те разбирам.

АНДРЕЈА: Ќе одиме во логор. Ацо е со мене. Те поздравува, вели да не му се лутиш.


Дома, под прагот од влезната врата скрив револвер и илјада летци. Предај му ги на
Миле комшијата. Поздрави ги старите. И Вера. И Симон кога ќе се врати. (Почнува да
плаче.) Морам да издржам. Морам да издржам до крај. И јас имам проголтано влакно.
Морам да го исплукам! (Се прибира.) Наскоро ќе биде војна. Работите ќе се расчистат.
Ќе се видиме во некое друго време. До гледање. Биди храбар.

СТЕВО: Биди ти храбар.

АНДРЕЈА: Тебе ти е потребна храброст. Јас го направив својот избор.

(Андреја се врти. Заминува.)

СЦЕНА 12

(Канцеларијата на Херцог. Клаус седи зад биро. Зборува иа телефон.)

КЛАУС: Благодарам, гоеподине Живковиќ. Да, да, ги имам сите документи само
работата е неодложна и мора да се сврши што поскоро и по можност уште вечерва.
Знам дека е пребрзо, господине Живковиќ, инаку не би ја барал вашата помош. Да.
(Пауза. Влегува Сивиќ.) Да. Одлично. Господин Сивиќ ќе дојде по вашето овластување.
Одлично. Многу ме задолживте, господине Живковиќ, ќе морам да побарам начин да
ви се заблагодарам. Пријатно. До гледање, господине Живковиќ. (Ја спушта
слушалката.) Пратете 20 луѓе со крампови и лопати и срушете го број 18 уште вечерва.
Утре наутро, кога ќе дојдам во оваа канцеларија сакам од мојата десна страна да
видам бришан простор. (Му фрла на Сивиќ плик.) 50 илјади. Дајте им ги. Нека се
снаоѓаат. Се обидовме со добро.

СИВИЌ: Што ќе каже господин Херцог?

КЛАУС: Што има тој да кажува, па не ја рушиме неговата куќа: Сѐ уште не. Покрај
толку девојки во Скопје зошто решивте да водите љубов токму со ќерка му Сара. Па
таа е Еврејка. Што ме гледате така глупаво. Не читате весници, господине, весници, а
ако сакате да останете кај мене во служба ќе морате да бидете подобро информирани.

СИВИЌ: Кај вас во служба? А господин Херцог?

КЛАУС: Господин Херцог е сега сенилен Евреин во пензија.

СИВИЌ: Кој го пензионира?


КЛАУС: Третиот рајх. (Му покажува писмо.)

СИВИЌ: (чита) А Стево Андреевиќ...

КЛАУС: Него го пензионирам јас лично. (Влегува Херцог.)

ХЕРЦОГ: Што е работата, господине Клаус? Телефонирате во ниедно време, ништо не


објаснувате. Мислев дека имаме пожар. Имам проблеми со стомакот. Не висам на
закачалка. Сивиќ сварете кафе.

СИВИЌ: Мислам дека се потроши, господине Херцог.

ХЕРЦОГ: Значи, господине Клаус?

КЛАУС: Значи, господине Херцог, последниве денови ги проверував документите на


ова претставништво.

ХЕРЦОГ: Кој ви го дозволи тоа?

КЛАУС: Никој.

ХЕРЦОГ: Господине Клаус колку што ми е мене познато вие дојдовте овде во
протоколарна службена посета.

КЛАУС: Колку што ви е вам познато! А колку што ми е мене познато, господине Херцог,
вие лошо сте ги воделе интересите на компанијата. Лошо сте работеле.

ХЕРЦОГ: Ве праша ли вас некој за оценка како сум работел?

КЛАУС: Да.

ХЕРЦОГ: Кој, ако смеам да знам.

КЛАУС: Не смеете. (Му го дава писмото на Херцог. Херцог го чита. Пребледнува.)

ХЕРЦОГ: Ова писмо го имавте од почетокот.

КЛАУС: Слатко е да се чува тајна од која имаме корист.

ХЕРЦОГ: И што да правам јас сега?

КЛАУС: Напијте се кафе со нас. Сварете кафе, господине Сивиќ.

СИВИЌ: Со задоволство, господине Клаус… шефе.


СЦЕНА 13

(Јавна куќа. Симон во соба со проститутката Мими. Главата му е положена во


нејзиниот скут. Облечен во војничко. Таа му ја милува косата.)

СИМОН: Красна је жабачка, бела небела,

подајте на Симон Бошковичева

Симон, Симон кад че варошима

Љуби те Мими са својим очима.

Красна је жабачка бела небела,

подајте на Мими Бошковичева,

Мими, Мими, кад че варошима,

Љуби те Мими са својим очима.

МИМИ: Е Симоне, Симоне и ти си бил сентиментален будала како мене.

СИМОН: Сега сите редови, каплари, поручници и капетани го бараат резервистот


Симон Андреевиќ низ Скопје, а Симон дреме во скутот на Мими Бошковиќева. Не ми е
гајле. Тие сакаа да ме убијат. Ме фати грутката овде, ете овде, одам кај капетанот,
господине капетане, вака и вака работата, ако може на лекар, не може, вика, не може,
ова е воена маневра, не е заебанција. Му велам не можам да дишам, ќе умрам. Умри,
вели! Е на, умри. Нека умре тој. И јас преку жица. Уште ме стега овде.

МИМИ: Многу пиеше. Што не одиш дома да спиеш?

СИМОН: Како да одам дома. Темно е надвор. Мајко моја страв ми е да си одам дома.

МИМИ: Од што ти е страв?

СИМОН: Затворен сум.

МИММ: Па излези надвор и нема да бидеш затворен.


СИМОН: Секаде ми е исто. Затворен сум јас меѓу земјата и небото. Нема бегање. Фрли
го Симон во најшироко поле, пак е затворен. Не може Симон да побегне од Симона. Ќе
умре Симон како мува.

МИМИ: Јас ќе те допратам.

СИМОН: Курво една. Кај ќе ме допратиш ти? Јас си имам жена дома. Трудна ми е. Ќе
ми роди машко детенце. Не се лути што реков курво. А и како да кажам? Па ти си
курва. А и јас сум курва. Поголема од тебе. Јас сум најголемата курва на светот. Светот
е јавна куќа, а јас сум најголемата курва во него. Мајко моја, тешко ми е. Овде ме
стега. Тешко ми е. Дома сакам да си одам. Што правам јас тука? Дај да ти ја видам
жолтата книшка. Кога си била на преглед последен пат? Ти сакаш да ме заразиш. Само
јас ќе се излечам. Со хиперманган. Резервиста Симо Андреевиќ од 21 пешадиски пук
болен од трипер, господине капетане, дозволете 10 дена отсуство да се лечам со
хиперманган. Каде го фатив? Кај Мими Бошковиќева. Не ја знаете? Па вие ништо не
знаете. Мими, викни музиканти да ми свират овде. Викни го Милиќ тамбурашот овде да
ми свири.

МИМИ: Има работа сега.

СИМОН: Викни го. Ќе платам.

МИМИ: Свири човекот во кафеаната долу. Има гости. Како да го викам?

СИМОН: Викни го. Речи Симон те вика. Тој ми е пријател. Ќе дојде.

МИМИ: Не може.

СИМОН: Добро, јас ќе одам. (Станува. Скоро паѓа. Се враќа во креветот.) Мајко моја
мајчице.

МИМИ: Ајде лежи. Ќе го викнам. (Излегува. Пауза.)

СИМОН: Шест месеци пол година

пет прсти рака има

четири боски крава има

три нозе пирустија

две очи глава има

еден ми е билбилот што рано рани мај месец.


(Пауза.) Мајчице моја. (Пауза. Влегува Мими со Стево.)

МИМИ: Дојде брат ти.

СИМОН: Стево. Марш дома! Од кај го знаеш ти брат ми?

МИМИ: Милиќ го познава. Ми го покажа. Тој не може да дојде. Шефот не го пушта.

СИМОН: Што да правам со брат ми? Тој не знае да свири тамбура. Знаеш ли да свириш
во тамбура, Стево? А? Не знае. Никој не знае да свири во тамбура како што јас слушам.

СТЕВО: Ти не си на вежба.

СИМОН: Сум. На вежба сум. Јас не сум тука. Вие мислите тука сум, а јас сум таму. Ајде
Стево, ти си поучен од мене, објасни ми го тоа. Како тоа јас сум жив? Зборувам.
Слушам. Вие нешто ако кажете јас ќе чујам. Е што е тоа? Како тоа? Зошто, на пример
сега не паднам во несвест. Што е тоа што ме држи исправен. И кога одам прво едната
нога оди напред па другата. И како тоа дишам? А очите не можам да си ги видам.
Стево, ти си виновен, брате. За сѐ си ти виновен.

СТЕВО: Добро. Ајде Симоне да одиме дома.

СИМОН: Андреја што го уапсија, ти си виновен. Вера што не може да роди. Ти. На
Марија што и изветреа умот. Ти си. Димитрија што ги изгуби нозете. Ти си виновен. И
што ме стега овде. Ти. Дојде Клаус да руча во меаната. Наместо да си јаде во „Маргер“
дојде кај мене во биртијата. Нарача триста турли јадења. И јас да го послужам, се му
истурив во скутот. Е зошто? Првпат да ми се случи. Јас пиев, ама знаев што правам.

И тој почна да вика. Ти си ова. Ти си она. И газда Трајко, доаѓа, се извинува на колена
и Симон, надвор, нема работа за Симон. Е Стево, Стево, за сѐ си ти виновен. Како сѐ да
знаеше, а криеше. Не сакаше да кажеш.

СТЕВО: Што криев?

СИМОН: Тајната. Тајната ја криеше.

СТЕВО: Која тајна?

СИМОН: Тајната. Една е тајната. А да ја знаеш тајната и да ја криеш голема неволја ќе


си навлечеш на врат. Овде ме стега. Овде. А капетанот не веруваше. Не може на
доктор вели. Умри. А и вие не верувате. (Умира. Пауза.)

СТЕВО: Симонеееееее!!!
СЦЕНА 14

(Куќата на Андреевиќ. Димитрија го делка Свирчето. Вера лежи. Марија седи до неа.)

МАРИЈА: Сакаш боза или пченица. Тоа е добро за трудни. Јас ќе ти донесам. Лежи ти. А
бебето како ќе го крстиме? Цела ноќ мислев. Треба некое друго име. Не овие што ги
знаеме. Некое поубаво. Јас ќе бидам баба. Андреја тогаш ќе се врати. Ќе му пеам
песни навечер:

Циц, циц козици

Што пострале петлици

Во бабини дворои

Баба ќе и соберит,

И ќе си и нанижит

Та ќе си и продаит

На пазар на терзии

Многу пари ќе земит

До три аспри црвени.

(Тропање на вратата. Димитрија оди со количката. Отвора.)

СИВИЌ: Добровечер. Јас сум Сивиќ од компанијата Шнајдер. Може да влезам.


(Димитрија му пушта пат. Сивиќ елегува. Го вади пликот. Го остава на маса.) Ова се
25.000 динари за вас. Жал ми е но ќе морате итно да ја напуштите куќава. Имам налог
за итно рушење. Надвор се аргатите со алат. Знам дека ве ставаме пред свршен чин,
но само извршувам наредба. Налогот е потпишан од началникот на полицијата и морам
да го извршам без одлагање. Оваа куќа била предвидена за рушење уште пред шест
месеци.

ДИМИТРИЈА: Надвор!
СИВИЌ: Имам налог, господине Андреевиќ. (Го вади налогот.)

ДИМИТРИЈА: (Го фаќа налогот. Го кине.) Немаш налог. Надвор!

СИВИЌ: Оригиналот е на сигурно место. Ако за пет минути не излезете од куќата


почнуваме со рушење. Тогаш ќе морате. (Излегува.)

(Долга пауза. Вера плаче.)

МАРИЈА: Не плачи ќерко. Не се с'клдисувај. (Става шамија на главата. Зема леб и сол.
Ја отвора вратата.) Ајде мајстори. Ајде браќа. Влезете да се напиете по една ракија,
полесно да тргне работата. И да каснете нешто. Што се нашло. Да знаевме дека ќе
доаѓате ќе спремевме нешто поубаво.

СЦЕНА 15

(Куќата на Херцог. Сара свири клавир. Доаѓа Стево. Ја слуша извесно време. Пауза.)

СТЕВО: Каде е Сивиќ? (Пауза.)

САРА: Отиде. Рече дека ќе ме остави. (Пауза. Свири.)

СТЕВО: А татко ти?

САРА: Отиде. Рече дека ќе се обеси. (Пауза. Свири.)

СТЕВО: (Вади парче хартија. Го става врз клавирот.) Напишав песна за тебе. Од никаде
ништо не препишав. (Пауза.)

САРА: Сакаш да се бацуваме? (Пауза. Свири. Стево излегува. Пауза.) Никој веќе не сака
да ме баци.
СЦЕНА 16

(Клаус во својата хотелска соба. Тропање на вратата.)

КЛАУС: Кој е? (Тишина. Пауза.) Кој е? (Посилно тропање.) Кој е таму? (Пауза. Тишина.
Клаус ја отвора вратата. Стево се втурнува внатре. Го турка Клаус до ѕидот. Низ џебот
вперува револвер во Клаус.)

СТЕВО: Рацете горе.

КЛАУС: (Ги крева рацете.) Што имате на ум, господине Андреевиќ?

СТЕВО: Да ве убијам! Имам на ум да ве убијам!

КЛАУС: Чекајте, господине Андреевиќ!

СТЕВО: Што да чекам? Што да чекам? Да ми ја исшмукате крвта? Да ме набодете на


колец? Што уште да чекам?

КЛАУС: Сè можеме да разјасниме.

СТЕВО: Што има тука уште нејасно? Зошто дојдовте? Зошто не ме оставивте да одам по
својот пат. Да пливам како што знам. Сè што е фрлено во вода мора да стаса до некој
брег! (Крши шише од ѕидот.) Мислите дека вашата вистина за мене е единствената
вистина. Не е! Поинаку бие моето било! (Превртува маса.)

КЛАУС: Господине Андреевиќ, ве молам. Ве молам.

СТЕВО: Што ме молите? Едниот брат ми е во логор, другиот лежи мртов на педесет
метри одовде. Што ме молите вие? Уплашени сте! Вашето фамилијарно дрво не вреди
сува слива во овој момент. А јас ја терав мајка ми да пее за да бидам како вас. Ако ве
убијам, дали вашата напудрена шугава кожа ќе ја избрише таа срамота? Како да ја
избришам таа срамота?

КЛАУС: Ве преколнувам, господине Андреевиќ. Немојте. Немојте, да ме убиете.

СТЕВО: Немам со што да ве убијам. (Ја вади празната рака од џебот.) Да имав немаше
да разговарам со вас. Одам по вистински пиштол. Ако се вратам по вас значи не сум се
убил себеси. (Излегува.)
СЦЕНА 17

(Урнатини од куќата на Андреевиќ. Димитрие седи во количка со свирче во раката.


Вера лежи. Марија ги собира работите на едно место. Доаѓа Стево. Ги гледа
урнатините. Пауза.)

МАРИЈА: Кога правеа куќа мајсторите викаа:

Ја кренавме чатијата

да е благословена куќата

да е жив газдата

да му е здрава фамилијата.

(Марија продолжува да работи. Стево ги наоѓа летците и револверот. Летците ги става


во џебот. Седнува. Гледа во револверот. Долга пауза. Димитрие почнува да свири во
свирчето. Произведува атонални, неврзани звуци.)

ВЕРА: Ми се чини дека му го слушам срцето. (Стево пука во воздух.)

ЗАВЕСА

You might also like