You are on page 1of 114

Животот е сон

Педро Калдерон де ла Барка

ЖИВОТОТ Е СОН

1
Животот е сон

ЛИЦА:
БАСИЛИО, крал на Полска
СИГИЗМУНД, принц
АСТОЛФО, војвода од Москва
КЛОТАЛДО
КЛАРИН
ЕСТРЕЛЈА, принцеза
РОСАУРА, дама
СЛУГА
ВОЈНИК

2
Животот е сон

ПРВИ ЧИН
Дејството се одвива на полскиот двор, во една далечна тврдина и во поле. Од едната
страна карпеста планина, а на другата, кула. Нејзиното приземје служи како затвор за
СИГИЗМУНД. Дејството започнува навечер.

ПРВА СЦЕНА
РОСАУРА, КЛАРИН
РОСАУРА, облечена во машка облека, се појавува на врвот од клисурата и слегува накај
рамнината; зад неа доаѓа КЛАРИН.
РОСАУРА:
Хипогрифе снажен,
Ти кој со ветрот заедно леташ,
Каде, молњо без пламен,
Птицо без боја, рибо без лушпа
И неразумник без инстинкт вроден,
Во овој матен лавиринт,
Од овие голи карпи
Се фрлаш, се влечеш, се фрлаш главечки?
Остани на оваа планина,
Неразумници свој Фаетон да имаат,
А јас, без друг пат освен оној
Законот на судбата што ми го дава,
Слепа и очајна,
Ќе слезам низ суровата карпа
Од оваа планина вишна
Што го брчка намрштеното сончево чело.
Лошо, Полска, го примаш
Туѓинецот и со крв го пишуваш
Неговото влегување во твојата арена,
И штом ќе дојде, на мака го ставаш.
Добро вели судбата моја;
Но каде милост да најде несреќница една?
КЛАРИН:
Речи двајца и не оставај ме
Настрана мене кога се жалиш;
Зашко ако двајца бевме
Кога од земјата своја излеговме
Среќа да бараме,

3
Животот е сон

Двајца низ патила и лудила


Довде дојдовме,
И двајца од планините слеговме
Зар праведно е во патила
Да ме има, а во сметката не?
РОСАУРА:
Не ти давам место
Во моите желби, Кларин, да не ти одземам,
Плачејќи ја и твојата мака,
Право на утеха да имаш.
Оти, толку задоволство има
Во утехата, филозоф еден вели,
Што поради поплака тажна
Сами патила си посакуваме.
КЛАРИН:
Филозофот бил пијаница страден
Илјада стапа по грб да му удрат!
Потоа од силина нивна да тажи.
Но што ќе правиме, госпоѓо,
Пеш, сами, изгубени во час тажен
Во бездушна планина,
Кога сонцето кон друг хоризонт плови?
РОСАУРА:
Колку ли чудни случки!
Доколку погледот не е лажен,
Што мечтата често го прави,
Во планината, светлост на денот што гасне,
Догледувам, чинам,
Здание едно.
КЛАРИН:
Или желбата ме лаже
Или облици негови гледам?!
РОСАУРА:
Се раѓа сред голи карпи
Толку мала палата
Ни смелост има во сонце да ѕирне:
Со грубата градба своја,
Се чини, меѓу камењата толку

4
Животот е сон

И спили до сончевина вишни,


Само карпа струполена
Од врвот долу.
КЛАРИН:
Да одиме таму,
Од гледање аир нема,
Госпоѓо, и добро ќе биде луѓето
Што живеат таму,
Благородно да нè примат.
РОСАУРА:
Вратата,
Подобро, злокобната уста,
Отворена е и од пазувите
Ја раѓа ноќта, зашто е зачната внатре.
(Се слушаат синџири.)
КЛАРИН:
Господи, што слушам!?
РОСАУРА:
И оган и мраз во душата ме стиска.
КЛАРИН:
Дали тоа синџири ѕвечат?
Глава давам, затвореник таму лежи:
Стравот така ми вели.

ВТОРА СЦЕНА
СИГИЗМУНД, во кулата; РОСАУРА, КЛАРИН
СИГИЗМУНД:
(Внатре.) Тешко мене, несреќник!
РОСАУРА:
Колку тажен глас слушам!
Со нови маки и болки се борам.
КЛАРИН:
Јас, пак, со нов страв.
РОСАУРА:
Кларин...

5
Животот е сон

КЛАРИН:
Госпоѓо...
РОСАУРА:
Да бегаме далеч од оваа
Маѓепсана кула!
КЛАРИН:
Не сум собрал уште за бегање
Душа, право да кажам.
РОСАУРА:
Зар ова не е светлина мигновена,
Минлива воздишка, бледа ѕвезда
Што во мигновен блескот
Ту пламено трепери ту светка
И помрачна ја прави
Оваа одаја темна?
Да, од отсјајот нејзин
Гледам, далеч и одвај,
Темна зандана
Што гроб за жива душа чини
И насетувам облик
На човек во ѕверско руво
Окован во синџири
Со светлината единствена дружба.
Штом да се побегне не е можно
Одовде да му слушнеме маки
Да знаеме што вели!
(Се отвораат крилата на вратата и се открива Сигизмунд окован во синџири и облечен
во кожи.)
СИГИЗМУНД:
Тешко мене, несреќник!
Штом волку од вас страдам,
Ве молам, о небеса вишни,
Кажете ми што гревови страшни
Со раѓање кон вас имам?
Но штом сум се родил, знам,
Зло сум сторил
И праведни се бесот
И строгоста ваша,

6
Животот е сон

Зашто грев најголем


За човека е што се родил.
Само сакам да знам,
Да смирам душа в плам,
О небеса! Настрана срам
Од гревот што сум роден
Со што друго навреда
Ви сторив за ваква казна вредна?
И други се родени, велам.
Ако се родени други, нели,
Што добра животот им даде
А што ми го одзеде мене?
Птицата се раѓа в гнездо
Со насет за иден раскош
Одвај е цвет од перје
Букетче со крилја
И веднаш лета без мака
Низ небесна одаја така
И одбива закрила нежна
На спокојно гнездо:
А јас, со повеќе душа,
Помалку слобода да имам?
Се раѓа ѕверот и на кожата
Штом петна зашарат
А нам ѕвезди ни се чинат
Како заслуга на умна рака,
По нагонот свој така
Суров е кон сите
И по својот лавиринт талка;
А јас, со подобар инстинкт,
Помалку слобода да имам?
Се раѓа риба што не дише
Исфрлена од калта густа
И штом како лаѓа од лупешки
Одвај се огледува во бранови
Насекаде се врти
И премерува простор
И вештина што влече
Од бездните студии:
А јас, со повеќе мисла,
Помалку слобода да имам?

7
Животот е сон

Се раѓа поток, видра


Што низ цвеќе се вие
И штом како сребрена змија
Меѓу цветовите се свива,
Со жубор слави
Од цвеќето милост
Отворено ширум по величествено
Поле во тек да бега:
А јас, со повеќе живот,
Помалку слобода да имам?
Овде, во зандана тешка
Ко вулкан горам
И сакам да искорнам
Рането срце од гради:
Што закон правда и мисла
Од луѓе знае да зема
Особеност толку нежна,
Награда толку важна,
Што Господ им дарил на вода,
Риба, ѕвер и птица?
РОСАУРА:
Страв и милост во мене
Се будат од таквите мисли.
СИГИЗМУНД:
Кој ли гласот мој го слушна?
Клоталдо, нели?
КЛАРИН:
(Кон својата газдарица, тивко.)
Речи му ДА.
РОСАУРА:
Една жаловна душа, кутра,
Во овие простори студни,
Ги слушна твоите зборови тажни.
СИГИЗМУНД:
(Ја зграбува.)
Смрт ќе ти донесам овде
За да не знаеш дека знам
Слабости мои оти знаеш.

8
Животот е сон

И затоа што ме слушна


Со грубите раце мои
Парчиња ќе те сторам!
КЛАРИН:
Јас сум глув и ништо
Не можев да слушнам.
РОСАУРА:
Ако човек си роден
И вреден, да паднам
Пред нозе твои за прошка е доста.
СИГИЗМУНД:
Твојот глас ме смекна,
Присуството твое ме запре,
А почитта твоја ме стресе.
Кој си? Иако овде
Од светот малку знам,
Зашто кулава е мрачна
И лулка и гроб ми била,
Иако од раѓањето мое,
Ако раѓање е ова, знам
Само за оваа пустелија дива
И овде живеам страдно
Како некаков мртовец жив
И некаков костур што оди;
И иако ниту сум видел ниту зборнал
Освен со еден човек само,
Што овде споделува мака со мене,
Од кого знам новини
За небо и земја; и иако овде,
Во страв свој голем
Човечки ѕвер ме наречеш сам
Во чудо и неверна силна, сепак,
Јас сум човек меѓу ѕверови
И ѕвер меѓу луѓе.
И иако во неволи тешки
Политика учев
Од ѕверови диви,
Воден од птици крилни
И нежни ѕвезди

9
Животот е сон

На небо следев,
Само ти ја скроти
Лутината моја,
Очите мои ги скова
И ушите ми ги смекна.
Штом поглед кон тебе свртам
Нов восхит во мене будиш,
И колку те гледам
Толку да те гледам сакам.
Моите очи се, мислам,
Ненаситни и болни,
Штом пиењето во смрт води
А сè повеќе пијат, и иако
Знам дека гледањето смрт ми носи
Умирам да те гледам.
Да те видам и нека умрам;
Ако гледањето смрт носи,
Не знам што ќе биде со мене
Ако не те видам веќе.
И нека дојде смртта сега,
Гнев, лутина и болка силна;
Нека дојде смртта овде
Не ме плаши веќе. Еднакво
Е живот за несреќник беден
И смрт за среќен човек.
РОСАУРА:
Со чудење додека те гледам
И со восхит додека те слушам
Не знам што можам да ти речам
Ни што треба да те прашам,
Ќе речам само едно: овде
Небото вишно ме доведе
За утеха своја да најдам,
Ако утеха може да биде
Створ несреќен да се види друг
Во несреќа постраден.
Кажуваат некој мудрец, еднаш,
Толку беден и несреќен бил
Што само со тревки се хранел
Низ полето што ги збирал сам.

10
Животот е сон

Има ли, си велел во себе,


Посиромав и понесреќен од мене?
Лицето кога го свртел
Одговорот тој го видел
Во мудрецот што по него одел
И збирал лисје што тој ги фрлал.
И јас тагував така
Над судбата своја на овој свет
И кога во себе си велев:
Има ли негде створ
Со толку зла судба ко јас?
Одговорот, ете, ти ми го даде;
И кога добро ќе размислам сега
Моите маки за радости твои
Ќе ги собереш ти.
И ако можат маките мои
Да ти олеснат в душа бол
Сослушај ги сега, и земи
Што ќе преостане од нив.
Јас сум...

ТРЕТА СЦЕНА
КЛОТАЛДО, ВОЈНИЦИ; СИГИЗМУНД, РОСАУРА, КЛАРИН
КЛОТАЛДО:
(Внатре.) Чувари на оваа кула,
Што од сон или од страв
Пуштивте двајца мажи
Во зандана сосила да влезат...
РОСАУРА:
Нов страв повторно ме фаќа.
СИГИЗМУНД:
Ова е Клоталдо, чуварот мој.
Зар нема крај за маките мои?
КЛОТАЛДО:
(Внатре.) Внимателно, брзо, внатре,
Без да можат да се бранат
Заробени нека бидат ил’ мртви.

11
Животот е сон

ГЛАСОВИ:
(Внатре.) Предавство!
КЛАРИН:
О чувари на кулата,
Што дозволивте да влеземе,
Ако постои избор некој,
Заробете нè, полесно е тоа!
(Излегуваат Клоталдо и војниците, тој носи пиштол, а сите имаат покриени лица.)
КЛОТАЛДО:
(Настрана, кон војниците, на излегување.)
Покријте ги лицата, сите:
Зашто мудроста бара,
Додека сме овде,
Да не нè познае никој.
КЛАРИН:
И овде маски се носат?
КЛОТАЛДО:
Вие, кои од незнаење само
Што минавте преку прагот
На ова забрането место,
Прекршивте кралски указ,
Во кој забрана строга има
Против сведоштво некој да има
За чудо в пештера што се крие.
Оружјето и животите ваму!
Или пиштол студен
Ќе исфрли отров
Во два куршуми врели
И од огнот страшен
И воздухот ќе премре.
СИГИЗМУНД:
Господаре, тиранине,
Пред да ги навредиш страшно
Мојот живот плен ќе биде
На овие окови страшни
Зашто во нив, Господи,
Ќе се распарчам сиот, со раце,
Со заби, во овие пештери ладни
12
Животот е сон

Пред да се согласам
Несреќата нивна да ја плачам.
КЛОТАЛДО:
Ако знаеш дека твоите маки,
Сигизмунд, толку се мачни,
Што пред да се родиш си умрел,
Од небесен закон; ако знаеш
Дека овие зандани темни
Твојот бес арогантен
Ќе го кршат за навек
И ќе ти стегаат нагон силен:
Зошто толку се перчиш?
(Кон војниците.)
Во зандана фрлете ги сега
И врата затворете, веднаш!
СИГИЗМУНД:
Небеса вишни! Праведно
Слобода ми зедовте здружно!
Зашто против вас
Ко џин се борев
И за да му ги скршам
На сонцето сите кристали
Врз темел од камен
Ќе градев планини од мермер.
КЛОТАЛДО:
Можеби денес затоа страдаш
Што не можеш да ги градиш?
(Неколку војници го носат Сигизмунд и го затвораат во занданата.)

ЧЕТВРТА СЦЕНА
КЛОТАЛДО и војниците, РОСАУРА, КЛАРИН
РОСАУРА:
Увидов дека надменоста
Те навредува многу, затоа
Понизно те молам за живот
Пред твоите нозе послан.
Нека те трогне мојата милосрдност!
Страшна строгост би била
13
Животот е сон

Еднаква немилосрдност да се има


И кон надменост и кон благост.
КЛАРИН:
Ако срце не ти трогнува
Ни благост ни надменост,
Чести теми и мотиви снажни
На илјадници црковни дела,
Јас, ни благ ни надмен,
Но на средина негде,
Те молам дај ми помош
И засолниште нужно!
КЛОТАЛДО:
Еј!
ВОЈНИЦИ:
Господине...
КЛОТАЛДО:
На обајцата
Одземете им оружје, врзете
Им очи добро, да не видат
Како и каде ќе одат.
РОСАУРА:
Еве го мечот мој, и само
Тебе ти го предавам оти
Гледам дека си главен овде,
А не се предава на помалку вреден.
КЛАРИН:
Мојот е таков што можам
Да го дадам кому било: земете го!
(На еден војник.)
РОСАУРА:
И ако треба да умрам,
Ти го предавам овој залог
Кој може да се цени
По стопанот што еднаш
Го носел: да го чуваш
Добро, те молам, зашто
Не знам што тајни крие
14
Животот е сон

Но знам дека во тој меч


Некакви големи тајни има
Зашто само со него како потпора
Еве, до Полска дојдов за навреда
Да се одмаздам една.
КЛОТАЛДО:
(Настрана.) Небеса вишни!
Што е ова? Чувствувам голема
Мака и збрка
И мислите ми се матат.
(Гласно.)
Кој ти го даде?
РОСАУРА:
Една жена.
КЛОТАЛДО:
Како се вика?
РОСАУРА:
Нејзиното име
Не смеам да го кажам.
КЛОТАЛДО:
Од каде насетуваш
Или знаеш дека мечот
Некаква тајна крие?
РОСАУРА:
Таа што ми го даде, рече:
„Оди во Полска и барај
Со итрост, ум и дарба,
Мечот овој да ти го видат
Благородници и главешини таму,
Зашто знам дека еден
Ќе те прифати и брани“.
Но името не ми го кажа
Од страв дека можеби е мртов.
КЛОТАЛДО:
(Настрана.) Пресветол Боже, што слушам!
Не можам да одредам уште
Дали овие настани

15
Животот е сон

Се илузија или стварност.


Овој меч ѝ го оставив еднаш
На убавата мома Виоланте
И изјавив тогаш дека оној
Што на појас ќе го носи
Во мене љубен син ќе најде
И милостив татко.
Ох, тешко мене! Што ли да правам
Во вака извонредна збрка,
Еве, тој што за спас го носи
Пропаст ќе го снајде
Зашто на смрт е осуден веќе
И пред нозе ми клечи?
Каква ли збрка! Каква тага!
Колку променлива среќа!
Ова е синот мој, сите
Знаци тоа го велат и срцето
Кога то виде удира в гради
И како да прпела во нив крилја
А не може окови да скрши;
И како затвореник страден
Што слуша врева однадвор
Кон прозорецот ита да ѕирне,
Прозорци чести на градите наши,
Од каде во солзи се излева надвор.
Што да правам? Помогни ми, Боже!
Што да правам? Ако пред кралот
Го однесам сега, во смрт
Студна го туркам.
А не можам ни да го скријат
Оти на законот верен треба да бидам.
На една страна ме распнува љубов,
На друга завет на верност.
Но од каде сомнеж сега?
Зар верноста кон кралот
Не е над животот и честа?
Тогаш, таа нека живее,
А тој нека умре.
Да земеме предвид што кажа
Дека да одмазди доаѓа тука
Навреда лична, а навреден човек

16
Животот е сон

Не може да биде чесен.


И не може мој син да биде
Ниту моја благородна крв да има.
Но ако се случило неизбежно
Нешто, зашто честа
Е материја толку нежна
Што и ветре што дува
Може да ја скрши,
Што може благородник еден
Да стори, ако е чесен,
Освен честа да ја брани
Низ опасности разни
И довде да дојде?
Син е мој, моја крв има,
Штом толку храброст носи;
И еве, растргнат од сомнеж,
Најмудро е средина да најдам.
Пред кралот да појдам
И да му кажам син мој дека тој е
И нека го убие после.
Можеби ќе се смилува кралот
Пред честа и доблеста моја;
И ако така синот го спасам
Ќе му помогнам навредата
Да ја збрише; ако пак кралот
Доследно строг реши да биде,
И смрт му одреди, ќе умре без да знае
Дека татко сум негов.
(На Росаура и Кларин.)
Дојдете со мене, туѓинци.
Не плашете се, во несреќата
Осамени не сте сега.
Пред сомнежи вакви
Меѓу животот и смртта,
Не знам што пострашно ќе биде.
(Си одат.)

ПЕТТА СЦЕНА
Салон во кралскиот дворец.

17
Животот е сон

АСТОЛФО и ВОЈНИЦИ излегуваат од една страна, а од другата принцезата ЕСТРЕЛЈА и


дами.
АСТОЛФО:
Кога прекрасните зраци
Комети што биле ќе ти видат
Мешаните поздрави разни
И тапани и труби
И птици и извори;
Со музика иста
И со возвишен восхит
Пред очите небесни ваши,
Едните труби од перје,
Другите метални птици,
Ве поздравуваат, госпоѓо,
Топовите како кралица своја,
Птиците како Зора,
Трубите како Атена,
И цвеќето како Флора;
Зашто вие сте како денот
Што ноќта во прогон ја праќа.
Зора, во радоста моја,
Флора во мир, Атена во војна
И кралица на душата моја.
ЕСТРЕЛЈА:
Ако кажаниот збор се мери
Со човечки постапки видни
Лошо избрани ви се
Ласкањата изречени овде
Зашто ве одрекува
Вашата војничка слава
Против кој везден се борам,
Мислам дека сè што е речено
Овде, со грубоста што ја гледам
Не може да се спои.
Подлост е односот таков,
Доличен за ѕверка стрвна;
Заблуда и предавство раѓа
Со уста која фали,
А во свеста убива и мачи.

18
Животот е сон

АСТОЛФО:
Не сте информирана добро,
Естрелја, штом со сомнеж
Ги примате моите чувства;
Ве молам, ислушајте прво
Што ќе Ви кажам.
Кога Асторг Трети умре,
Кралот на Полска, на тронот
Басилио за наследник се качи.
Тој имаше две ќерки, нивни
Деца сме ние. Не е важно
Што следува тука.
Кларин, вашата мајка и госпоѓа
Моја, која во она подобро царство е сега
И под ѕвездена стреа стои,
Постарата беше, вие сте
Нејзина ќерка; втората беше
Мојата мајка, а тетка ваша,
Добрата и убава Ресисунда,
(Господ долг живот нека ѝ дари!)
Се омажи во Москва
И мене ме роди. Но сега
Да се вратиме на почетокот треба.
Басилио, кој веќе сам
Кон крајот на животот оди,
Кон наука наклонет
Беше, а кон жени не.
Остана вдовец без деца
И затоа тронот треба
Вам или мене да ми се даде.
Истакнувате дека сте ќерка
На постара сестра;
Јас, што како маж се родив,
Иако од помлада сестра,
Ќе треба предност да имам.
Вашите и намерите мои
Пред нашиот чичко ги изложивме
И тој сака нас да нè смири
И еве нè овде во овој час.
Со такви намери тргнав
Од далечна Москва довде;

19
Животот е сон

И место војна да објавам


Пред вас, вие го сторивте тоа.
Нека светата љубов дозволи
И народот, астролог точен,
Нека постапи така со нас
И нека се одреди тука
Кралица да бидете вие,
Но кралица по моја волја.
Круната нека ви ја даде
За поголема чест, чичкото наш,
Успехот ќе го даде храброста Ваша,
А љубовта моја царството свое.
ЕСТРЕЛЈА:
За толку убави мисли силни
Во градите мои ист одек има,
Затоа кралската круна
Сакам моја да биде само
За вам да ви ја дадам.
Но мојата љубов сомнеж
Ја гори од зборови вешти
Во расчекор што стојат
Со сликата таа
На вашите гради што виси.
АСТОЛФО:
Сакам објаснение
Да ви дадам... Но тапанот звучен
Најавува гласно: доаѓа
Кралот со својата свита.
(Удираат тапани.)

ШЕСТА СЦЕНА
Кралот БАСИЛИО и придружбата, АСТОЛФО, ЕСТРЕЛЈА, ВОЈНИЦИ, ДАМИ
ЕСТРЕЛЈА:
Мудар Талес...
АСТОЛФО:
Учен Евклид...

20
Животот е сон

ЕСТРЕЛЈА:
Што меѓу небесни знаци...
АСТОЛФО:
Што меѓу ѕвездите...
ЕСТРЕЛЈА:
Денес владееш...
АСТОЛФО:
Денес живееш...
ЕСТРЕЛЈА:
И нивните кружења...
АСТОЛФО:
И небесни патишта...
ЕСТРЕЛЈА:
Ти ги опишуваш...
АСТОЛФО:
Мериш и премеруваш...
ЕСТРЕЛЈА:
Дозволи ми сосем нежно...
АСТОЛФО:
Дозволи ми во нежни прегратки...
ЕСТРЕЛЈА:
Како бршлен околу стебло да се свијам
АСТОЛФО:
Пред нозе кротко да се фрлам.
БАСИЛИО:
Внуци мои, подајте ми раце
И верувајте, штом со толку верност
На мојот повик со љубов
Доаѓате вака полни,
Никој не ќе се пожали овде
И еднакви ќе бидете пред сите.
И така, ете, кога признавам
Дека годините ми натежнале на плеќи
Од вас единствено сега барам

21
Животот е сон

Да ме ислушате мирно
За да ме разберете јасно.
Ислушајте ме внимателно,
Љубени внуци мои,
Благородни дворјани полски,
Вазали мои, роднини и пријатели!
Во светот сум познат
По научнички завет
И носам прекар на учен,
А како бедем пред заборав и време,
Четките на еден Тимант
И мраморот на еден Лисип
Низ целиот свет ме слават
И именуваат како велик.
Знаете дека од науките сите
Најмногу ја сакам и ценам
Математичката знајност
И заради неа од времето земам,
А на славата ѝ одземам
Право и можност
Нешто повеќе да кажат.
Затоа, кога на таблите мои
Ќе запишам нешто
Од идните векој,
На времето не му давам
Да каже она што сум го рекол.
Овие ко снег кругови бели,
Овие олтари од стакло
Сонцето низ нив што свети,
А месечината во од што ги крши;
Овие орбити од дијаманти,
Овие глобуси кристали
Што ѕвезди ги китат
И опседнуваат знаци,
Предмет на студии мои
Со години веќе биле;
Тоа се книгите во кои
На хартија од дијаманти
Листови од сафир
Небото со запис од злато
Ги пишува различните дела

22
Животот е сон

И кога се зли и кога се добри.


Нив толку брзо ги читам
Што со душата нив ги следам
Во движења брзи, вешти,
А по патишта и правци разни.
Само небото вишно да сака
Пред свој наук да дадам
Пред да ви истолкувам знаци
Мојот живот да не згасне
Од бес небесен вишен,
Зашто за несреќните и
Заслугите се меч остар
И оној што живее од ука
Самиот свој убиец ќе стане.
Подобро од моите зборој
Делата мои зборат
И за да ги ислушате, молам,
Малку тишина и спокој.
Од Клорина, сопругата моја,
Несреќник добив
И кога се раѓаше, небесата
Ги исцрпеа чудата свои.
Пред ден светол да види
Од утробата, жив гроб негов,
Зашто да умреш или да се родиш
Често е еднакво дело,
Неговата мајка безброј пати,
Меѓу сништа и мори,
Виде како утробата ѝ се пара
Однатре, силно,
Чудовиште едно со лика на човек,
И в крв облеано сето
Ја убива неа, на пород,
Човечката змија на векот.
Дојде на раѓањето денот,
Пророштвата станаа стварност,
А злите духови бедни
Ретко со лага се служат,
И се роди под хороскоп чуден,
Кога во крв натопеното сонце
Во бој лут се впушта

23
Животот е сон

Со месечината гневна;
Кога со земјата како меѓа
Божествените факли сјајни
На вечната светлина се бијат,
Без удар од меч да се слуша.
За сонцето тоа беше
Најстрашното затемнување
Откако в крв ја оплака
Смртта на Христа,
И така беше, зашто вселената
Ширна во пожарите бесни
Насети блискост страшна
На последен трепет.
Небесата станаа темни,
Се тресеа зданија цврсти,
Камен дожд од облаци падна,
Потече крв низ реките ширни.
Во таквата ужасна треска,
На сонцето агонија страшна,
Се роди Сигизмунд и веднаш
Насет ни даде за прокуда своја,
И мајката своја ја уби.
Со тој чин суров како да кажам:
Човек сум, ете, штом веднаш
За добрина таква со зло плаќам.
Во маката своја на ука се фрлив
И согледав таму и сегде
Дека Сигизмунд ќе биде
Најдрскиот човек,
Најсуровиот принц,
Најлошиот монарх.
И дека кралството свое
Ќе го раздели на делови страдни
И ќе биде на предавство школа,
На пороци академија;
А тој, понесен од бесот,
И мене под нозе ќе ме стави,
Па јас, поразен срамно,
(И со срам ви велам)
Ќе бидам, со белите влакна свои,
Килим по кој лесно ќе се гази.

24
Животот е сон

А кој во зло не ќе поверува


Ако злото сам го открива
Со ука своја, љубов
Сопствена каде што добива?
И така, верувајќи
Во зла судба претскажана
Со злокобни пророштва,
Веднаш решив тој монструм
Да го фрлам в зандана
И да видам дали мудрецот
Над ѕвездите моќ има.
Се објави дека принцот
Мртов се родил, и потоа
Наредба строга дадов
Да се изгради кула вишна,
Меѓу карпите таму, горе,
На ридиштата каде одвај
Светлината наѕира бледо,
Низ грамади тешки.
Строгите закони и казни
Објавени јавно, пред сите,
Кажуваа јасна забрана строга
Таму да се влегува в гора,
Од причини што ви ги кажав.
Таму живее Сигизмунд,
Проколнат, заробен, страден,
И само Клоталдо може
Да му пристапи и да го види.
Тој учител е негов,
Му предава и го учи;
Во католичка вера света
Го воведува и сведочи
Несреќа негова клета.
Три работи важни се тука.
Првата. Полјаци мои, што многу
Ве ценам, да ве ослободам сакав
Од тиранин таков
И од негова волја и закон,
Зашто чест не го краси
Владетелот оној за земјата своја
Таква иднина што носи.

25
Животот е сон

Втората работа гласи:


Ако на крв моја ѝ земам
Она што по човечки и божествен
Закон ѝ следува,
Тоа свето дело не е.
Зашто ниеден закон не вели
Дека, ако спречам некој
Тиранин и дрзник да биде,
Самиот можам таков да бидам;
И ако го спречам злосторства да прави,
Самиот во нив ќе паднам.
Третото и последно нешто:
Заблуда моја, се чини, беше
Што толку поверував лесно
Во претсказание тешко;
Зашто, иако нагонот
Кон понор и пропаст го водат,
Можеби не ќе го свлечат
Оти и најтешката судба
И најсуровата склоност,
И најбезмилосната ѕвезда
Само ја мамат свеста,
Но не ја силат на зли дела.
И така, распнат пред сето ова,
Нерешителен и полн со сомнеж,
Донесов одлука една
Што ќе ве вчудовиди сите.
Ќе го поставам утре,
Без да знае син дека мој е,
Ниту крал ваш, Сигизмунд,
Такво име му дадов,
На моето место, на тронот свој,
Да владее со вас и да ве води,
А вие сите собрани овде, пред него,
На верност ќе се заколнете.
Со ова постигнувам три нешта
Што плод се на моите зборој.
Прво: ако се покаже умен,
Праведен и вреден,
И го одрече сето
Во претсказание мрачно

26
Животот е сон

Што за него се рече,


Ќе го славите тогаш
Природниот владетел
Ваш и на оваа земја,
Што долго бил во планински двери,
Во друштво на ѕверови разни.
Второ: ако се покаже надмен,
Своеглав, дрзок и суров
И испушти узда на страста
И развие пороци свои,
Јас како примерен татко
Сум извршил должност своја;
И кога власт ќе му земам,
Како владетел без пораз,
И в затвор ќе го фрлам,
Тоа праведна казна ќе биде
И на суровост и злостор.
Трето: ако принцот се покаже
Ваков како што велам,
Од љубов и почит, поданици мои,
Достојни владетели ќе ви дадам
На круната и жезолот мои
Во ликот на моите внуци.
А тие, здружени во
Венчавка света,
Еднакво право секој
По заслуга што им следува, ќе земат.
Како крал ова го заповедам,
Како татко ова го барам,
Како мудрец ве преколнувам,
А како старец ви велам:
Ако Сенека, мудриот Шпанец
Рекол за кралот дека е слуга
На кралството свое,
И како слуга јас ве молам.
АСТОЛФО:
Ако одговор треба
На сето ова да дадам,
Како главен во сето ова
Од името на сите велам:

27
Животот е сон

Сигизмунд нека дојде,


Синот твој, има на тоа право!
СИТЕ:
Дај ни го принцот наш
За крал тој да биде!
БАСИЛИО:
Поданици мои вредни,
Благодарност примете моја.
Придружете ги внуците мои
До одаи нивни, а утре
Пак со вас ќе бидат.
СИТЕ:
Да живее кралот Басилио!
(Излегуваат сите во придружба на Естрелја и Астолфо; кралот останува сам.)

СЕДМА СЦЕНА
КЛОТАЛДО, РОСАУРА, КЛАРИН, БАСИЛИО
КЛОТАЛДО:
(На кралот.) Може ли да зборувам со тебе?
БАСИЛИО:
Добре дојде, мој Клоталдо.
КЛОТАЛДО:
Иако често доаѓам овде
Во твоите одаи гордо,
Овој пат, господаре,
Судбината клета ја матат
Радоста и почеста
Што како чувство ги носев.
БАСИЛИО:
Што се случило?
КЛОТАЛДО:
Несреќа, господаре,
Врз плеќи ми падна,
Место како најголема
Радост крилја да ми даде.

28
Животот е сон

БАСИЛИО:
Продолжи!
КЛОТАЛДО:
Ова убаво момче,
Од незнаење или од дрскост,
Во кулата, господаре, влезе,
Каде што принцот го виде,
А тој е...
БАСИЛИО:
Не возбудувај се, Клоталдо.
Во друг ден тоа да беше
Признавам ќе зажалеше многу,
Но тајната веќе ја открив,
И не е важно што знае
Штом јас веќе го кажав.
Подоцна кај мене дојди,
Имам многу да ти кажам
И многу да сториш за мене;
Зашто извршител ти ќе бидеш
На настан најчудесен,
Во светот невиден досега:
А на затворениците твои
Им проштавам здушно,
Оти ако ги казнам
Ја казнувам негрижата ваша.
(Си заминува.)
КЛОТАЛДО:
Да даде Господ да живеете
Сто века!

ОСМА СЦЕНА
КЛОТАЛДО, РОСАУРА, КЛАРИН
КЛОТАЛДО:
(Настрана.)
Небото ми се насмевна, сепак.
Нема да кажам дека дете е мое,
Штом прошка му се дава.
(Гласно.)
29
Животот е сон

Туѓинци, знајте,
Слободни сте сега.
РОСАУРА:
Нозете твои ги љубам
И пазам.
КЛАРИН:
А јас ги газам
А едно слово, вакво ил’ такво
Пријатели не ќе скара.
РОСАУРА:
Животот ти ми го дари
И жив сум по заслуга твоја,
Затоа, за навек
Твој роб ќе бидам.
КЛОТАЛДО:
Тоа што ти го дадов
И не е живот;
Благородник, човек од рода,
Ако навреда носи, не живее;
И доколку овде си дојден
Да одмаздиш навреда своја,
Како што сам ми кажа,
Живот не е тоа што ти дадов,
Ти живот ниту си имал,
Зашто набеден живот, живот и не е.
(Настрана.)
Можеби моите зборој ќе го боцнат
И тајната своја ќе ја каже.
РОСАУРА:
Признавам, не го ни имав,
Иако ти ми го даде:
Но со одмаздата моја
Честа пак чиста ќе ми биде,
И животот мој потоа,
Кога ќе мине премреже идно,
Твој дар ќе ми биде.
КЛОТАЛДО:
Земи си го назад остриот меч,
30
Животот е сон

Знам, доволен ќе биде,


Кога во душманска крв
Ќе го нурнеш, одмазда да ти даде;
Зашто мечот мој што беше,
Мислам, сега, кога го зедов
И додека в раце го имав,
Знам, одмазда ќе ти даде.
РОСАУРА:
Од твое име на појас
Вторпат го ставам.
И во него на одмазда се колнам,
Колку моќен и да биде
Непријателот иден.
КЛОТАЛДО:
Дали е моќен многу?
РОСАУРА:
Толку, што не ќе ти кажам.
Не од недоверба моја кон тебе,
И поголеми нешта да ти кажам,
Туку да не би после,
Против мене добрината твоја
Да ми се сврти.
КЛОТАЛДО:
Ако ми кажеш непријателот кој е
Само за себе ќе ме врзеш;
Зашто знаејќи, ќе затвориш
Можност да му помогнам нему.
(Настрана.)
Ах, кога би знаел кој е!
РОСАУРА:
За да не мислиш дека
Доверба во тебе немам,
Јас ќе ти кажам:
Противникот по кој сум дојден
Астолфо се вика, војвода
Од Москва.
КЛОТАЛДО:
(Настрана.) Не можам
31
Животот е сон

Болка да совладам, зашто


Не ни замислував толку
Да може страшно да биде.
Но да расчистиме еднаш.
(Гласно.)
Ако во Москва си се родил,
Господарот твој не ни можел
Да те навреди тебе:
Врати се во својата земја
И остави го огнениот бес
Што те јаде.
РОСАУРА:
Знам,
Иако принц мој беше,
Навреда тој ми стори.
КЛОТАЛДО:
Не можел,
Дури и дрско дланка
Врз твоето лице да ставил.
(Настрана.)
Ох Небо!
РОСАУРА:
Голема е навредата моја.
КЛОТАЛДО:
Кажи ми веќе, од мојата мисла
Пострашна не може да биде.
РОСАУРА:
И сакам да ти кажам, но не знам,
Со толку почит те гледам,
Со такво чувство на восхит
А сепак, смелост немам
Да ти кажам дека облекава моја
Загатка крие, тој што го носи
Не е тоа за што ти го мислиш.
И размисли добро: ако не сум
Тоа за што ме мислиш,
А Астолфо е дојден
За Естрелја да се венча,

32
Животот е сон

Како да ме навреди можел?


Со тоа многу ти кажав.
(Росаура и Кларин излегуваат.)
КЛОТАЛДО:
Послушај! Застани! Чекај!
Каков е овој лавиринт
Од кој ни разумот
Излезот не го гледа?
Мојата чест извалкана е овде,
Непријателот е моќен,
А јас, поданик еден, а таа жена:
Небеса, откријте го патот;
Доколку го можете тоа вие,
Зашто во таква бездна
Темна, целото небо е предзнак,
А целиот свет едно чудо.

33
Животот е сон

ВТОРИ ЧИН
Салон на кралската палата.

ПРВА СЦЕНА
БАСИЛИО, КЛОТАЛДО
КЛОТАЛДО:
Сè, како што наредивте,
Извршено е веќе.
БАСИЛИО:
Кажувај,
Клоталдо, како мина.
КЛОТАЛДО:
Еве, господаре, вака беше:
Со успивно средство едно
Направено од разни нешта,
Според налог и наредба твоја,
Од измешани билки разни,
Со моќ тајна и чудна
Што веднаш умот го мати,
Му одзема одглас и сила,
Што во жив мртовец веднаш
Ќе престори човек, и чија моќ
Одзема снага и чувство...
Не треба да докажувам сега
Дека сето тоа е можно
Зашто искуството наше
Безброј пати така ни вели,
И вистина медицината денес
Полна е со природни тајни,
Зашто сè што е живо,
Билките, камењата, сите,
Имаат точно одредени својства
И ако нашата човечка злоба
Направи отрови безброј
Со кои лесно се убива секој,
Не е чудо тогаш,
Што кога отрови има
Со кои се убива лесно,

34
Животот е сон

Да има за успивање средства!


Да го оставиме настрана
Сомнежот дали тоа е можно,
Искуството примери безброј
За таква можност ни дава,
Со таква напивка в раце,
Со измешан опиум и
Афионово цвеќе во едно,
Слегов во занданата тесна,
Кај Сигизмунд, и позборував
Малку со него за сешто,
За ука што добил
Од природа нема,
За планини и за неба,
За реторичка смелост,
Од птици и ѕверки,
Во нејзиното божествено школо.
За да ја подготвам добро
Неговата душа за потфат
Што си му наменил нему,
Му зборев за орелот стреловит
Што лета низ ветрот
И во висини вишни
Станува оган на громот,
Во пердуви свиен
Или комета што паѓа.
Го закрунив летот свиден
Велејќи: конечно крал
На сите птици со право
Ќе бидеш, по заслуга своја.
Тоа доволно беше,
Зашто збор кога ќе стане
За величина таква,
Зборува жолчно и гордо;
Се гледа, во крвта тоа му струи
И го турка и влече
Кон големи дела, па рече:
„Зар и таму, кај птиците,
Во република немирна нивна,
Има некој што послушност бара!?
Ако е така, тогаш во тоа

35
Животот е сон

Утеха своја гледам за себе;


Ако врзан сум овде,
Со груба сила некој тоа го сторил
Оти не сум се потчинил сосем“.
Видов, побеснат беше,
Тоа е тема на негова болка,
Кренав за здравица чаша,
И уште течноста не мина
Од уста во гради, силата
На сонот му се предаде,
Се разлеа низ раце и нозе
Студена пот тешка
И да не знаев дека тоа
Смрт е лажна, ќе мислев
Животот дека го снема.
Во тој час дојдоа луѓе
На кои им довери
Ваква мисија тајна,
Го ставија в кола,
Да го однесат в одаи твои,
А таму беше подготвената
Благородничка доверлива свита,
Достојна за твоето име.
Таму, на кревет твој го легнаа
Каде ќе чекаат да мине
Време на привиден спокој,
И ќе го служат, господаре,
Како и тебе, ако наредиш така.
И ако за послушноста моја
Награда некоја следува,
Те молам да ми ги кажеш
Намерите твои штом вака
Сигизмунд го донесе во дворот.
БАСИЛИО:
Со право, Клоталдо, прашуваш
И сомнежи имаш, и сакам
Да ти разјаснам мое дело.
На Сигизмунд, синот мој,
Многу несреќи и маки
Неговата ѕвезда му претскажува:

36
Животот е сон

Сакам небото на проба


Да го ставам и видам,
Иако не знае да лаже,
И сета своја строгост
Ја покажа во судбата зла
На синот мој еден,
Дали пред храброста гневот
Свој ќе го смири,
А пред мудроста ќе се притаи.
Зашто човекот е оној превласт
Над ѕвездите што има.
За да го испитам тоа
Го доведов овде, да узнае
Дека мое е дете, и пред сите
Да покаже доблести свои.
Ако величествено надвладее
Судба, ќе владее овде.
Ако се покаже суров,
Во окови пак ќе го вратам.
Ти ќе ме прашаш сега,
Со ваквата задача тешка,
Зошто беше важно толку
Да го доведеме заспан така?
Ќе те задоволам веднаш
Со одговор јасен.
Ако узнаеше дека мое е чедо
Денес, а утре во окови
Пак беше фрлен
Во зандана своја темна,
Во очај ќе паднеше тежок;
Оти кога би знаел со сигурност кој е,
Каква утеха таму ќе има?
Сакав да оставам врата
Да влезе во него можност
Сè што видел дотогаш
Сон тежок да било.
Со тоа сакам да согледам
Две нешта: првото,
Карактерот негов, зашто
Од сон тој што се буди
Мисла и чувства го водат;

37
Животот е сон

И утехата, второто нешто;


Ако види дека го слушаат
Овде и потоа в зандана
Ако се врати, ќе мисли
Сон сето тоа му било,
И ќе има право во тоа,
Клоталдо, зашто во светов
Сите што живеат, сонуваат.
КЛОТАЛДО:
Причини доволно има
Да докажам дека се лажеш;
Но враќање веќе нема;
Еве, се разбудил веќе
И кон нас доаѓа сега.
БАСИЛИО:
Јас ќе си заминам сега.
Ти си го одгледал него,
Затоа растајни му тајни
И збрка во мисли и глава
Со вистината за него, сета.
КЛОТАЛДО:
Ми даваш дозвола
Сè да му кажам?
БАСИЛИО:
Да!
Можеби кога ќе дознае
И сите опасности ќе ги осознае
Полесно ќе совлада нарав.
(Си оди.)

ВТОРА СЦЕНА
КЛАРИН, КЛОТАЛДО
КЛАРИН:
(Настрана.)
До овде да дојдам да видам
Што се случува сега
Ме чинеше четири стапа

38
Животот е сон

Што светлокос стражар


Ги истури врз мене ревносно.
Човекот сам во себе го носи
Клучот за секаква брава
За влез низ секоја порта,
Без чувар да моли и гони.
Зашто за влез на прослави разни
На кои отворен пристап нема
Кон безочност да се посегне треба.
КЛОТАЛДО:
(Настрана.)
Господи! Ова е Кларин,
На девојката онаа слуга,
Што во Полска ја донесе
Навредата моја, и овде
Ја распродава маката своја.
(На Кларин.)
Кларин, што има ново?
КЛАРИН:
Има, господаре, тоа
Што твојата милост, готова
Навреда да одмазди,
Росаура ја советува
Да облече облека своја.
КЛОТАЛДО:
Така и треба да биде,
Намерата лекомислена ѝ беше.
КЛАРИН:
Уште новости има;
Името си го смени и сега
За внука твоја се слови
И денес на дворот чест
Ѝ се прави и живее таа
Како дама на убавата Естрелја.
КЛОТАЛДО:
Редно е веќе да преземам
Грижа за нејзината чест.

39
Животот е сон

КЛАРИН:
Новост е и тоа што чека
Да дојдат и згода и време
Да ѝ ја повратиш честа.
КЛОТАЛДО:
Правилен став е тоа:
Времето и треба за тоа
Конечно да води грижа.
КЛАРИН:
Новости уште има:
Дарови многу прима
И чест како твоја рода.
А јас, иако со неа дојдов овде,
Кутриот, од глад умирам сега.
И никој на мене да се сети,
Ниту да помисли дека
Кларин како Кларинет звучи,
И може да им јави на кралот,
На Астолфо и Естрелја
Што се случува овде;
Зашто и Кларин и како слуга
Со тајни не се снаоѓа лесно.
Може да се случи, ако вака
Ме остави немо, за мене
Ваков стих да се пее:
„Кларинет што взори свири,
Не носи ништо добро“.
КЛОТАЛДО:
Твојата желба основа има:
Предвид јас ќе ја имам
И затоа служи ми мене.
КЛАРИН:
Еве, Сигизмунд доаѓа веќе!

ТРЕТА СЦЕНА
Музичари пеат, слуги го облекуваат СИГИЗМУНД, а тој излегува зачуден.

КЛОТАЛДО, КЛАРИН

40
Животот е сон

СИГИЗМУНД:
О небеса вишни, што гледам!?
О небеса вишни, што е ова?
Не ме плаши сето ова,
Но тешко им верувам на очите.
Јас во раскошни палати?
Јас меѓу брокати и свили?
Јас окружен од толку слуги?
И толку многу дворен?
Јас да се разбудан еднаш
На постела толку мека?
Јас меѓу толку луѓе
Задолжени да ме облечат мене?
Да речам дека ова се сништа:
Знам добро дека сум буден.
Зар Сигизмунд јас не сум?
Небеса, дајте објаснување вредно.
Кажете ми што ѝ се случи
На мојата фантазија во сонот
Та овде се гледам сега?
Но што и да било,
Да размислувам, зошто?
Сакам да ме служат
Па што сака нека биде!
ПРВИОТ СЛУГА:
(Настрана кон вториот слуга и кон Кларин.)
Колку тажен се чини!
ВТОРИОТ СЛУГА:
Дали некој кој низ вакво
Нешто минал, инаков бил?
КЛАРИН:
Еве, јас.
ВТОРИОТ СЛУГА:
Оди поздрави го сега.
ПРВИОТ СЛУГА:
(На Сигизмунд.)
Дали повторно да пеат?

41
Животот е сон

СИГИЗМУНД:
Не.
Не сакам веќе да пеат.
ВТОРИОТ СЛУГА:
Бидејќи толку си напнат,
Сакав да те развеселам.
СИГИЗМУНД:
Таквите гласови
Мака не ми олеснуваат.
Досега само на воени песни
Сум можел да слушам пој!
КЛОТАЛДО:
Ваше Височество, господаре,
Да ви бакнам чесна рака
Дозволете и на верност
Прв да ви се заколнам.
СИГИЗМУНД:
(Настрана.)
Тоа е Клоталдо: зошто
Оној што в зандана мене
Ме прогонуваше тешко
Со толку почит ми збори?
Што се случува овде?
КЛОТАЛДО:
Во оваа збрка голема
Во која се наоѓаш сега
Илјадници нешта те мачат
И мисла и збор.
Сакам да те ослободам
Од сите нив, ако е можно,
Оти треба да знаеш сега
Дека принц наследник ти си
На Полска. Скриен ти беше
И настрана тргнат
Поради страв од мрачни сили
Што ни навестија мачно
Трагедии многу за земјата наша
Ако на престолот дојдеш

42
Животот е сон

И лавров венец те краси.


Сепак, со верба дека ќе знаеш
Да победиш од ѕвезди знак,
А нив да ги победи може
Човек со силна волја,
Во овие дворој те доведоа
Од кулата дом што ти беше
Додека беше препуштен
Духот твој на мирен сон.
Твојот татко, кралот,
Господар мој, ќе дојде,
Треба да те види и од него
Ќе слушнаш сè по ред.
СИГИЗМУНД:
О предавнику гласен и зол,
Што уште да слушнам има
Сега кога кој сум знам?
Да ги покажам овде и сега
Силата моја и духот мој?
Како можеше татковина
Своја да изневериш така,
Да ме скриеш мене
И да ми одречеш право
Против закон и разум чист?
КЛОТАЛДО:
Кутриот јас!
СИГИЗМУНД:
За законот предавник ти си
И навреда за кралот свој,
И бидејќи суров кон мене беше:
И кралот, и законот, и јас,
Поради маки толку тешки
Те осудувам на смрт
Од моја рака.
ВТОРИОТ СЛУГА:
Господаре...
СИГИЗМУНД:
Нека не ме спречува никој,

43
Животот е сон

Залуден труд е тоа!


Ако пред мене застане некој
Низ прозорец ќе го фрлам!
ВТОРИОТ СЛУГА:
Бегај, Клоталдо!
КЛОТАЛДО:
Тешко тебе,
Надменост што покажуваш
Вака, а оти сонуваш не си свесен.
(Си оди.)
ВТОРИОТ СЛУГА:
Имај предвид...
СИГИЗМУНД:
Бегај оттука!
ВТОРИОТ СЛУГА:
... Кралски налог спроведуваше.
СИГИЗМУНД:
За она што праведно не е
Ни кралот не треба да се слуша,
А принц негов јас бев.
ВТОРИОТ СЛУГА:
Негово не е да цени нешто
Дали е праведно или не е.
СИГИЗМУНД:
Со вас не сум начисто
Штом ми одвраќате вака.
КЛАРИН:
Принцот добро вели,
А вие постапивте лошо.
ВТОРИОТ СЛУГА:
Кој вам овластување ви
Даде?
КЛАРИН:
Сам си го дадов.

44
Животот е сон

СИГИЗМУНД:
Кој си ти, кажи?
КЛАРИН:
Сплеткар.
За таква работа сум мајстор
И секаде носот го пикам,
Во тоа ми нема рамен.
СИГИЗМУНД:
Единствено ти, во оваа средина
Нова, симпатии ми будиш.
КЛАРИН:
Господине, миленик сум
На сите Сигизмундовци.

ЧЕТВРТА СЦЕНА
АСТОЛФО, СИГИЗМУНД, КЛАРИН, слуги, музичари
АСТОЛФО:
Благословен нека е денот,
Принцу, кога излеговте
На полското сонце, и со сјај
И радост ги исполнувате
Сите овие хоризонти,
Како руменило взори:
Излегувате како сонцето
Од скутот на планините!
Излезете и, иако е доцна,
Круна челото ви го краси
Од лавров венец сјаен,
Долг векот нека ви биде!
СИГИЗМУНД:
Господ нека те чува!
АСТОЛФО:
Оправдание нека ви биде
Што не ме познавате
И малку чест ми правите.
Јас сум Астолфо, војвода

45
Животот е сон

Од Москва и братучед Ваш сум


И еднаквост има меѓу двете.
СИГИЗМУНД:
Ако велам: Господ нека ве чува,
Не е ли доволна почест?
Но штом се фалите кој сте
И велите честа е мала,
При следната наша средба
Ќе му речам на Бога да не ве чува.
ВТОРИОТ СЛУГА:
(На Астолфо.)
Височество, имајте предвид
Дека в планина тој е роден
И таков е кон сите.
(На Сигизмунд.)
Господаре, Астолфо претпочита...
СИГИЗМУНД:
Веднаш штом дојде
Со тегобен говор ме сотре
И згора на тоа, шапката ја стави.
ВТОРИОТ СЛУГА:
Великодостојник тој е.
СИГИЗМУНД:
Поголем од него сум јас.
ВТОРИОТ СЛУГА:
А сепак, меѓу двајцата треба
Почит поголема да има
Отколку меѓу други.
СИГИЗМУНД:
Кој сте вие
Да ме учите мене?

ПЕТТА СЦЕНА
ЕСТРЕЛЈА и присутните
ЕСТРЕЛЈА:
Височество, господаре наш,

46
Животот е сон

Добредојден да сте сега


На овој престол стар
Со радост што ве прима;
Тука, и покрај измамите,
Многу достојно да живеете
И животот ваш да се мери
Со векови долги.
СИГИЗМУНД:
(На Кларин.)
Кажи ми сега, веднаш, оваа
Возвишена убост која е?
Која е оваа божица со лика
На човек пред чии нозе
Небото постила своја зора?
Која е оваа убава жена?
КЛАРИН:
Тоа е, господаре,
Братучетката твоја, Естрелја.
СИГИЗМУНД:
Подобро речи, таа е сонце.
(На Естрелја.)
Иако поздравот е наместо
За оваа чест што ја добив
Само за среќата што ве видов,
Поздравот ви го примам.
И така, за оваа добрина милна
Ненадејно што ме снајде
Благодарност изразувам силна.
Естрелја, вие што можете
Зората да ја родите и радост
На секој запален факел да дадете,
Што му оставате на сонцето
Во задача, ако со денот дојдете?
Дозволете да ви бакнам рака,
Снежна чаша од која
Ветрот невиност пие.
ЕСТРЕЛЈА:
Бидете погалантен, дворјанине.

47
Животот е сон

АСТОЛФО:
(Настрана.) Изгубен сум сега!
ВТОРИОТ СЛУГА:
(Настрана.)
Маката на Астолфо ја знам.
Ќе го спречам.
(Гласно.)
Имајте на ум, господине,
Не е мудра толкава наглост
Со Астолфо овде.
СИГИЗМУНД:
Не пречете ми, ви реков!
ВТОРИОТ СЛУГА:
Кажувам праведна мисла.
СИГИЗМУНД:
Сето ова ме лути многу.
Праведност, ми се чини, нема
Во она што не ми годи.
ВТОРИОТ СЛУГА:
Господаре, од тебе слушнав
Дека праведно е добро
Да служиш и служам.
СИГИЗМУНД:
Слушна и кога реков
Дека од балконот долу
Ќе лета оној што ме лути.
ВТОРИОТ СЛУГА:
Со луѓето како мене
Тоа не смее да се прави.
СИГИЗМУНД:
Не?
Господи! Ќе пробаме сега!
(Го зграпчува и оди, а сите тргнуваат по него и веднаш пак излегуваат.)
АСТОЛФО:
Што е ова што гледам?

48
Животот е сон

ЕСТРЕЛЈА:
Побрзајте сите, спречете го!
(Си оди.)
СИГИЗМУНД:
(Се враќа.)
Од балконот в море падна:
Ете, и тоа е можно!
АСТОЛФО:
Одмерувајте ги добро
Вашите строги дела,
Далечина иста има од човека
До ѕверка и од планина довде.
СИГИЗМУНД:
Ако зборувате толку
Истрајно и строго,
Можеби не ќе најдете глава
На која шапката ќе ви лежи.
(Астолфо си оди.)

ШЕСТА СЦЕНА
БАСИЛИО, СИГИЗМУНД, КЛАРИН, слуги
БАСИЛИО:
Што беше тоа?
СИГИЗМУНД:
Ништо важно.
Еден човек што здодевен
Ми беше, го фрлив од балкон.
КЛАРИН:
(На Сигизмунд.)
Внимавај малку, кралот е тоа.
БАСИЛИО:
Зар толку бргу доаѓањето
Твое еден живот нè чини?
СИГИЗМУНД:
Тврдеше дека кадарен не сум

49
Животот е сон

Тоа да го сторам и, ете,


Облогот го добив.
БАСИЛИО:
Голема болка ми тежи;
Доаѓав да те видам тебе овде
И мислев дека си смирен и свесен
За судба, од ѕвезда клетва,
А толку суров те гледам,
И првото дејство твое
Овде, во оваа згода,
Тежок злостор да биде!
Со каква љубов сега
В прегратки да те земам
И да ти подадам рака
Кога твојата гледам знае
Да убива тукутака?
Кој може мирно да гледа
Соголен нож од смртна рака
Без да се плаши? Кој може
Локва крв да гледа
И човечка смрт да сети
И да не жали во душа?
И најсилниот од нас
Пред такви нешта мора да клекне.
А јас твоите раце ги гледам
Смрт што донесоа овде,
Го гледам крвавото место
И не можам да ти ги земам:
И, иако љубов од мене блика
И да те прегрнам сакав,
Од твоите раце се плашам
И со празни раце ќе си одам.
СИГИЗМУНД:
Ќе можам и без тоа да минам
Како што и досега минев;
А татко што кон мене
Толку суров можел да биде
И од себе ме турнал сам
Во услови бедни, тешки,
И ко ѕверка да растам дал

50
Животот е сон

И како чудовиште и сега ме гледа


И бара моја смрт,
Не е ни важно сега
Ако не ми подаде рака
Со која ми одзеде
Гордост и човечки лик.
БАСИЛИО:
И Господ и небото вишно
Среќни ќе беа да не те донесев
На овој свет, а јас ни глас
Ќе ти слушнев ниту дрскоста
Ќе ти ја знаев.
СИГИЗМУНД:
Да не ми дадеше живот
Не ќе се жалев јас;
Но кога е сторено тоа веќе
А давањето благородно
Дејство се смета, нискост
Најголема можна ќе биде
Да дадеш и да си го земеш назад тоа.
БАСИЛИО:
Благодарен, гледам, знаеш
Да бидеш што вчера
В зандана беше, а сега
Си принц.
СИГИЗМУНД:
Не гледам зошто
Благодарен треба да бидам?
Крвник за живот ми беше,
А сега си веќе стар
И, пред да умреш, што ми даваш?
Ми даваш нешто што
Мое не е? Татко и крал мој
Ти си и оваа власт, сега,
Природата ми ја дава,
По закон и како што е ред.
Иако работите вака стојат
Јас должник твој не сум,
А од тебе можам да барам
51
Животот е сон

Сметки за она време


Во кое одзеде живот,
Слобода и чест.
Затоа благодарен биди
Што не ти наплатувам сега,
А должник ти си кон мене.
БАСИЛИО:
И дрзок и варварин ти си;
Небото исполни клетва,
Од небото помош барам,
Насилнику беден.
И иако знаеш кој си
И гледаш со отворени очи
Поставен над сите,
Внимавај што ќе ти кажам:
Биди скромен, понизен биди,
Можеби сонуваш сега
Иако буден се чиниш.
(Си оди.)
СИГИЗМУНД:
Можеби сонувам сега
Иако буден се чинам?
Не сонувам, знам, сега
И што сум и што сум бил.
Иако сега се каеш,
Му нема на тоа лек.
Знам кој сум и сите
Воздишки твои и лелек
Од гради не ќе ми одречат
Веќе право на круна и престол
Како на наследник твој.
И ако дозволив еднаш
В зандана да ме фрлат
Наук за потекло свое:
Сега знам кој сум
И чиј сум и дека род сум
И на човек и на ѕвер.

СЕДМА СЦЕНА

52
Животот е сон

РОСАУРА, облечена како жена, СИГИЗМУНД, КЛАРИН, слуги


РОСАУРА:
(Настрана.) Следејќи ја Естрелја овде доаѓам
И страв голем од Астолфо имам,
Зашто Клоталдо сака
Да не знае кој сум, да не ме види,
Вели за честа моја тоа е важно;
А во Клоталдо доверба имам
И благодарност вечна
За животот и честа.
КЛАРИН:
(На Сигизмунд.) Од сето ова овде што виде
Најмногу што ти се допадна тебе?
СИГИЗМУНД:
Ништо посебно не ме трогна,
Како што предвидов така и беше;
Но ако за восхит зборам
Во светот и овде, тоа ќе биде
Убавината на една жена.
Во книгите што ги имав
Прочитав еднаш дека Господ
Најмногу мака имал
Околу создавањето на мажот,
Свет цел во него има, но сепак
Жената поголем труд бара
Оти таа е небо и убоста што
Ја носи од она што мажот го има
Планина вишна ги дели.
Особено оваа овде што ја гледам.
РОСАУРА:
(Настрана.) Принцот е овде: јас ќе си одам.
СИГИЗМУНД:
Застани, послушај, жено;
Не зближувај залез и исток,
И не бегај веднаш, на прв чекор;
Зашто кога се заедно исток и залез,
Светлина и ладна сенка,

53
Животот е сон

Ќе бидеш синкопа на денот.


Но што гледам сега?
РОСАУРА:
И јас истото го гледам;
Сомнежот во мене расте.
СИГИЗМУНД:
(Настрана.) Порано негде оваа убост
Јас сум ја видел.
РОСАУРА:
(Настрана.) Овој раскош, горделивост ваква
Стеснета во затвор
Неодамна јас видов.
СИГИЗМУНД:
(Настрана.) Животот свој си го најдов.
Жено, името твое
За мажот значи најголема фалба,
Која си? Без да те видам
Восхит ми будиш и јас
Со верба пред тебе стојам
И чинам, се убедувам веќе,
Дека негде сум те видел јас.
Која си, убава жено?
РОСАУРА:
Да се прикријам треба.
Јас сум на Естрелја
Едноставна, тажна, дама.
СИГИЗМУНД:
Не вели ми така: речи сонце,
Во пламен негов ѕвездата пламти
Зашто од зраците твои сјај прима;
Јас видов на мирис кралство
И на чело на војска од цвеќиња
Величествена ружа една,
И кралица нивна беше по убост.
Видов меѓу камењата фини
Дијамантот врвно го ценат
И по сјајноста своја тој им е водач:
Во овие дворови лични
54
Животот е сон

На немирното кралство на ѕвезди,


Ја видов на челно место,
Како на ѕвездите кралица
Ѕвездата Деница вишна.
Во високи предели ширни
Го видов сонцето како збира
Во дворови свои низа планети.
Го видов како ги води
Како најголемо чудо на денот.
Ако меѓу цвеќиња, знаци,
Камења, планети и ѕвезди
Се цени предводникот по убост
Зошто ѝ служиш на помалку
Вредна и помалку лична
Ти, сонце, ѕвезда и роса?

ОСМА СЦЕНА
Влегува КЛОТАЛДО и останува зад кулисите.

СИГИЗМУНД, РОСАУРА, КЛАРИН, слуги


КЛОТАЛДО:
(Настрана.)
Би сакал Сигизмунд да го скротам,
Зашто јас го одгледав, сепак.
Но што гледам сега?
РОСАУРА:
Благодарна сум за љубезноста твоја,
А молкот мој одговор нека ти биде:
Кога разумот ќе се замати толку
Најдобро збори оној што молчи.
СИГИЗМУНД:
Не заминувај, чекај!
Зар ќе ги оставиш в темнина
Тешка моите чувства?
РОСАУРА:
Дозволи ми го тоа, те молам.

55
Животот е сон

СИГИЗМУНД:
Кога се заминува така, брзо
Дозвола не се бара, туку се зема.
РОСАУРА:
Ако дозвола не ми дадеш,
Ќе морам сама да ја земам.
СИГИЗМУНД:
Ќе направиш отменоста моја
Во грубост да прерасне сега,
Отпорот таков ме прави.
РОСАУРА:
Отровот и бесот и лутината
Твои, ако го победат трпението
Твое, не ќе ја совладаат, сепак,
Почитта моја, и да можат.
СИГИЗМУНД:
Само да видам дал’ можам
Ме тераш да совладам страв
Пред убавина твоја, а јас
Сакам невозможни дела;
Денес од балконот човек фрлив
Зашто велеше дека не е можно;
И сега, за да видам дал’ можам
Честа низ прозорец ќе ти ја фрлам.
КЛОТАЛДО:
(Настрана.) Претерува веќе.
Што да правам, небеса вишни?
Пред луда желба
Честа моја пак да се гази?
РОСАУРА:
Не залудо претскажано беше
Ова несреќно кралство да трпи
Под тиранство твое неволи разни,
Предавства, гневој и убиства страшни.
Но што да прави човек
Што од човечко само име има,
А суров, нечовечен тој е,

56
Животот е сон

Варварин и суштество зло,


Роден меѓу ѕверки диви.
СИГИЗМУНД:
За да не изустиш погрди
Вакви, толку бев отмен,
Мислејќи дека те обврзувам така;
Но ако таков на збор сум сега,
Кажи сè, отворено, докрај.
Сега, оставете нè сами,
Затворете врата.
Нека не влегува никој.
(Кларин и слугите излегуваат.)
РОСАУРА:
(Настрана.) Боже, крајот мој дојде!
Внимавај...
СИГИЗМУНД:
Тиранин јас сум
И залудо ме смируваш сега.
КЛОТАЛДО:
(Настрана.)
Каква опасност се надвиснува овде!
И да ме убие после,
Морам да излезам, да го спречам.
(Гласно.)
Господаре, застанете малку!
(Доаѓа.)
СИГИЗМУНД:
Повторно гневот мој ти го будиш,
Глупав, изветреан старец.
Зар не те плаши гневот мој страшен?
Како си дошол довде?
КЛОТАЛДО:
Гласот твој го слушнав силен
И дојдов да дадам совет
Да смириш душа, ако намера
Имаш да владееш овде; да не бидеш

57
Животот е сон

Суров, иако господар ти си,


Оти можеби сон е сето ова.
СИГИЗМУНД:
Штом допреш до измами
Тешки, гневот мој ти го будиш.
Ќе те убијам тебе и свесен
Ќе станам ова сон ли е ил’ јаве.
(Кога го вади ножот, Клоталдо паѓа на колена и го запира.)
КЛОТАЛДО:
Можеби на овој начин
Можам да се спасам.
СИГИЗМУНД:
Тргни ја дрската рака од ножот.
КЛОТАЛДО:
Не ќе те пуштам
Сè додека некој не дојде
Гневот и бесот да ти ги скроти.
РОСАУРА:
Господи!
СИГИЗМУНД:
Пушти, ти велам,
Старецу, ти луда главо,
Или сега со рацете мои
Смрт ќе ти дадам!
(Се борат.)
РОСАУРА:
Дојдете, брзо, сите,
Ќе го убијат Клоталдо!
(Си оди.)
(Влегува Астолфо во моментот кога пред нозете му паѓа Клоталдо и тој се поставува
меѓу нив.)

ДЕВЕТТА СЦЕНА
АСТОЛФО, СИГИЗМУНД, КЛОТАЛДО

58
Животот е сон

АСТОЛФО:
Благороден принцу, што е ова?
Зар вака се валка
Во ледена крв достоинствена кама?
Врати го в канија ножот.
СИГИЗМУНД:
Така ќе сторам штом
Во подлата крв ќе го нурнам.
АСТОЛФО:
Животот негов закрила најде
Пред нозете мои и чинам
Доаѓањето мое нешто значи.
СИГИЗМУНД:
Значи дека ќе умреш и ти
За навреди тешки
Од времиња стари.
АСТОЛФО:
Животот свој го бранам: навреда, височество,
Тоа не е.
(Асфолто го вади мечот и се борат.)
КЛОТАЛДО:
Не навредувај го, господаре!

ДЕСЕТТА СЦЕНА
БАСИЛИО, ЕСТРЕЛЈА и придружбата, СИГИЗМУНД, АСТОЛФО,
КЛОТАЛДО
БАСИЛИО:
Мечови, овде?
ЕСТРЕЛЈА:
(Настрана.)
Астолфо е тоа! Кутрата јас!
БАСИЛИО:
Што се случило?
АСТОЛФО:
Сега, кога дојде, господаре мој, ништо.

59
Животот е сон

(Ги ставаат мечовите во каниите.)


СИГИЗМУНД:
Многу нешта, иако и ти дојде:
Старецот овој да го убијам сакав.
БАСИЛИО:
Зар кон белите коси
Никаква почит немаш?
КЛОТАЛДО:
Господаре, тие се мои
И затоа не се ни важни.
СИГИЗМУНД:
Залудо е да се очекува
Почит кон побелени коси да имам;
Дури и овие би можел
(Кон кралот.)
Еден ден под нозе да ги ставам
Зашто не сум одмаздил уште
Неправда и начин како сум растен.
(Си оди.)
БАСИЛИО:
Пред такво нешто да видиш
Пак ќе се вратиш да спиеш
Онаму каде од овој свет добра
Ќе ти се чинат дека си сонил.
(Кралот си оди, со него Клоталдо и придружбата.)

ЕДИНАЕСЕТТА СЦЕНА
ЕСТРЕЛЈА, АСТОЛФО
АСТОЛФО:
Колку ретко судбата не нè лаже
Зло кога ќе претскаже
И колку во зло е строга
Толку во доброто матна!
Добар астролог би бил јас
Кога би претскажувал зло
Оти злото, сомнение нема,

60
Животот е сон

Секогаш се остварува и данок зема.


Ваквото искуство, Естрелја,
Добро се гледа кај Сигизмунд и мене
И кај обајцата различна лика зема.
Кај него претскажа стравотии,
Надменост, несреќи, смрт,
И во сè имаше право,
Сето тоа се оствари сега;
А мене, госпоѓо, откако видов
Ваши очи ко зраци сјајни
За кои и сонцето е сенка,
А небото краток блескот,
Ми претскажа среќа.
Ми кажа зло и ми кажа добро;
И праведно е да погоди
Кога навестува наклоност,
А извршува со презир.
ЕСТРЕЛЈА:
Не се сомневам овие зборови
Толку фини вистина да велат;
Но сигурно се упатени
Кон друга жена, а нејзината
Слика на вратот, Астолфо,
Ви виси и пред мене ќе дојде;
А кога е така, овие фалби
Ги заслужува само таа.
За нив, таа нека ви плати
Зашто советници добри не се,
При совет за љубов,
Додворувања и комплименти
Составени за други дами
И кралеви други.

ДВАНАЕСЕТТА СЦЕНА
РОСАУРА:
(Настрана.) О Господи, крајот веќе им дојде
На маките мои страшни
Зашто кој ова го видел
Не се плаши веќе од ништо!

61
Животот е сон

АСТОЛФО:
Ќе направам така, ликот
Од гради да излезе, а во нив
Да влезе на убоста твоја слика.
Каде што влегува Естрелја
Нема место за сенки, ниту ѕвезда
Каде што сонце има;
Ќе ја донесам сега.
(Настрана.)
Прости, убава Росаура,
За навреда ваква, далечината
Такви сите нè прави,
И мажи и жени, кога нè дели.
(Си оди. Росаура истапува напред.)
РОСАУРА:
Не слушнав ништо
Од страв да не ме види.
ЕСТРЕЛЈА:
Астреа!
РОСАУРА:
Господарко моја.
ЕСТРЕЛЈА:
Среќна сум што овде
Тебе те гледам сама;
Зашто доверба имам
Само тебе да ти кажам тајна.
РОСАУРА:
Ѝ правиш чест, господарко
Моја, на онаа што те служи.
ЕСТРЕЛЈА:
За ова кратко време што мина
Од нашата прва средба,
Од мојата волја клучеви имаш;
Поради тоа, тебе ќе ти кажам
Нешто што ни самата себе
Не сум си го рекла.

62
Животот е сон

РОСАУРА:
Робинка твоја сум верна.
ЕСТРЕЛЈА:
Накратко ќе ти кажам,
Мојот братучед Астолфо,
Доволно е братучед што велам,
Зашто некои работи само
Со помислата се велат,
Ќе се ожени за мене,
Доколку среќата сака,
Со една единствена радост
Да реши неволи безброј.
Тешко ми падна кога на гради
Му видов слика на друга дама;
Зборувај со него љубезно, молам,
Галантен е и добро ми мисли.
По неа отиде сега, и ќе ја донесе
Овде; ме обзема срам
При помислата мене да ми ја даде:
Остани овде и кога ќе дојде.
Доволно сега ти кажав;
Дискретна и убава ти си
И сигурно знаеш љубовта што е.
(Си оди.)

ТРИНАЕСЕТТА СЦЕНА
РОСАУРА
РОСАУРА:
Камо среќа да не знаев!
Која ли толку мудра би била
Да знае совет да даде
Во час толку силен?
Дали на светот некаде има
Некој од небеса таква казна да прима
И толку да страда и да се бори
Против неволи бесни?
Што да правам во оваа збрка
Каде невозможно се чини
Да најдам причина што блажи
63
Животот е сон

И благост што ќе ме теши?


Откако првата невола дојде
Секоја случка идна
Претставува невола нова.
Едната другата ја следи,
И се менуваат често.
Како чудесниот Феникс
Еден од друг се раѓа,
А живот црпи
Од оној што ќе умре
И од пепелта нивна
Гробот секогаш е топол.
Еден мудрец рекол дека
Кукавици се тие
И никогаш една не доаѓа сама,
Ниту пак двете грбот си го вртат.
Кој со себе ќе ги земе
Може да прави што сака
Зашто во ниедна згода,
Страв нека нема, не ќе си одат.
Јас тоа го велам по мене,
Несреќи во мојот живот има,
А без нив никогаш не сум била,
Ниту ќе ме напуштат
Пред да ме видат ранета да лежам
Во рацете на смртта.
Тешко мене! Што да правам
Денес во оваа згода?
Ако кажам која сум,
Клоталдо, кому живот му должам,
И оваа грижа и честа моја,
Да се навреди може од тоа.
Тој постојано ми вели да молчам
И чест и одмазда да чекам.
Доколку не му кажам на Астолфо
Која сум, а тој дојде и ме види,
Што тогаш да сторам?
Доколку прелажат добро
Гласот, зборот и моето око,
Душата веднаш за лагата ќе каже.
Што да сторам? Но зошто сега

64
Животот е сон

За тоа да мислам ако е јасно


Дека, колку и да се трудам,
Колку и да мислам и страдам,
Кога ќе дојде време
Болката ќе ме води моја?
Зашто со своите чувства
Никој не господари навек.
И ако душата смелост нема
Да одреди што да се стори,
Болката нека дојде, нека
Ме стисне силно, маката
Нека ми препукне в душа.
Нека се решат веќе еднаш
Сомнежите мои и моите маки!
Но дотогаш, небеса вишни,
Помогнете ми, помогнете ми!

ЧЕТИРИНАЕСЕТТА СЦЕНА
АСТОЛФО, ја носи сликата; РОСАУРА
АСТОЛФО:
Еве го портретот, госпоѓо моја.
Господи!
РОСАУРА:
Ваше Височество, зошто
Застанавте така? Што ве чуди?
АСТОЛФО:
Тоа што те слушам, Росаура,
И што те гледам.
РОСАУРА:
Јас, Росаура? Грешите,
Висост, ако ме мислите мене
Некоја друга дама, јас сум
Астреа, и мојата скромност
Не заслужува толкава среќа
Возбуда вам што ви носи.
АСТОЛФО:
Остави ја, Росаура, лагата сега,
Зашто никогаш душата не греши,
65
Животот е сон

И како Астреа ако те гледа,


Како Росаура те љуби.
РОСАУРА:
Јас не ве разбирам ништо
И не знам што да ви речам:
Можам само да кажам дека
Естрелја овде ме прати
Вас да ве чекам
И да ви речам портретот
Да ми го предадете мене
И јас да ѝ го однесам лично.
Естрелја одреди така,
И колку болка да ме чинат
И обичните нешта,
Естрелја и нив ги сака.
АСТОЛФО:
Колку и да се трудиш,
Росаура лична, да глумиш
Умееш слабо! Кажи им
На очите твои да усогласат
Музика своја со гласот;
Инаку грубо ќе звучи и чкрипи
Таквиот инструмент силен
Кој да ја усогласи сака
Лагата што ја вели
Со вистината што ја мисли.
РОСАУРА:
Велам дека портретот
Само го чекам.
АСТОЛФО:
Штом лагата докрај
Ја водиш, ист таков
Одговор ќе ти дадам.
Кажи ѝ на принцезата, Астреа,
Дека многу ја ценам
И недостојно ми се чини
Портретот да ѝ го праќам.
Затоа оригиналот од почит
Ќе ѝ го дадам, а ти
66
Животот е сон

Ќе ѝ го однесеш лесно
Зашто со самата себе
Везден ќе ѝ го носиш.
РОСАУРА:
Кога смел, силен човек
Решителна намера има
Некаква задача да сврши,
Дури и кога повредно нешто
Некој му нуди, и натаму
Злобно упорен бидува.
Дојдов портрет да земам
И ако оригинал вреден однесам назад
Со празни раце ќе одам.
Затоа, Височество, молам
Дајте ми го портретот мене,
Без него не можам назад да одам.
АСТОЛФО:
И ако, сепак, не ти го дадам,
Што ќе однесеш тогаш?
РОСАУРА:
Ако е така, пушти го сега,
Неблагодарнику еден!
(Се обидува да му го земе.)
АСТОЛФО:
Залудо се трудиш.
РОСАУРА:
Господ да чува ако се најде
Во раце на друга жена!
АСТОЛФО:
Страшна си!
РОСАУРА:
А ти подмолен!
АСТОЛФО:
Росаура моја, доста беше!
РОСАУРА:
Јас, твоја? Лажеш, гаде!
67
Животот е сон

(Обајцата ја тргаат сликата.)

ПЕТНАЕСЕТТА СЦЕНА
ЕСТРЕЛЈА, РОСАУРА, АСТОЛФО
ЕСТРЕЛЈА:
Астреа! Астолфо! Што е ова?
АСТОЛФО:
(Настрана.)
Естрелја е тоа!
РОСАУРА:
(Настрана.)
Дај ми, о Боже, од љубов ука,
Портретот да си го земам.
(На Естрелја.)
Ако сакате да знаете,
Госпоѓо, што се случува овде,
Јас ќе Ви кажам.
АСТОЛФО:
(Настрана, кон Росаура.)
Какви намери имаш?
РОСАУРА:
Ме пративте овде да чекам
Астолфо да дојде и да побарам
Од него портретот да ви го даде.
Останав сама и си мислев
За различни нешта,
И бидејќи за портрети збор
Стана, се сетив
Мој еден дека имам,
Во ракавот овде. Посакав
Јас да го видам, на човека
Секаква лудост му иде;
Ми падна од рака на подот;
И Астолфо дојден портрет да даде
На некоја друга дама, го зеде.
И сега, бараниот портрет
Не сака да ви го даде, а сака
Друг да земе; а мојот,
68
Животот е сон

На сите молења мои,


Не ми го враќа.
Во лутина сакав, бесна,
Да му го земам.
Оној што в рака го има,
Портретот мој е;
Погледнете го и ќе видите сама
Колку личи на мене.
ЕСТРЕЛЈА:
Пушти го, Астолфо, портретот од рака!
(Му го зема од раката.)
АСТОЛФО:
Госпоѓо...
ЕСТРЕЛЈА:
Вистината верен одраз има
Во одразот на ова дело.
РОСАУРА:
Мојот е, нели?
ЕСТРЕЛЈА:
Сомнение нема.
РОСАУРА:
Кажете му сега
Другиот да Ви го даде.
ЕСТРЕЛЈА:
Земи си го портретот и оди.
РОСАУРА:
(Настрана.)
Својот портрет пак си го имам,
Сега што сака нека биде.
(Си оди.)

ШЕСНАЕСЕТТА СЦЕНА
ЕСТРЕЛЈА, АСТОЛФО

69
Животот е сон

ЕСТРЕЛЈА:
Дајте ми го сега портретот
Што ви го барам, иако мислам
Да не ве гледам веќе, не сакам
Кај вас да остане сликата таа,
Можеби и поради тоа
Што толку неразумно
Јас ви го барав.
АСТОЛФО:
(Настрана.)
Како да се извлечам сега
Од оваа замка тешка?
(Гласно.)
Дури и да сакам, убава Естрелја,
Да Ви служам и да Ве слушам,
Не можам портретот,
Тој што го барате, да Ви го дадам...
ЕСТРЕЛЈА:
Љубовник груб и неодмерен ти си.
Сега не Ви го сакам;
Зашто ако го земам
Ќе ме потсетува везден
Дека сум Ви го побарала еднаш.
(Си оди.)
АСТОЛФО:
Слушајте, застанете сега!
Господи Боже, Росауро!
Од каде и како ти дојде
Во оваа полска земја,
И донесе пропаст за мене и тебе?
(Си оди.)

СЕДУМНАЕСЕТТА СЦЕНА
Затворот на принцот, во кулата.
СИГИЗМУНД, како на почетокот, со кожи и окови, спружен на земја; КЛОТАЛДО, двајца
слуги и КЛАРИН.

70
Животот е сон

КЛОТАЛДО:
Оставете го сега,
Овде и денес на ова место
И да дојде крај на неговата злоба.
СЛУГА:
Не буди се сега, Сигизмунд,
Да не ја видиш пропаста своја,
И зла судба што ти стори,
Зашто лажна славата беше,
Сенка на живот еден
И пламен на смртен оган.
КЛОТАЛДО:
На оној што знае вака да мисли
Треба да му се одреди соба
Во која доволно место има
За размисла таква.
(Кон слугите.)
Зграбете го овој овде
И затворете го во оваа соба.
(Покажува кон соседната соба.)
КЛАРИН:
Зошто мене?
КЛОТАЛДО:
Затоа што треба
Во зандана да се чува тешка
Кларин тајни што знае
За да не отсвири нешто.
КЛАРИН:
Зар јас побарав смрт
За мојот татко? Не.
Фрлив ли Икар пред малку
Низ балконот, долу?
Сонувам или спијам?
Зошто ме ставате в затвор?
КЛОТАЛДО:
Ти си Кларин.

71
Животот е сон

КЛАРИН:
Ќе речам дека ќе бидам
Обична труба, инструмент тежок
И дека ќе молчам.
(Го одведуваат и Клоталдо останува сам.)

ОСУМНАЕСЕТТА СЦЕНА
БАСИЛИО, покриен со наметка, КЛОТАЛДО, СИГИЗМУНД заспан
БАСИЛИО:
Клоталдо!
КЛОТАЛДО:
Господаре! Вие, овде?
И облечен вака?
БАСИЛИО:
Неразумното љубопитство
Да видам што се случува
Со Сигизмунд, тешко мене,
Ме доведе овде на овој начин.
КЛОТАЛДО:
Погледнете го сведен
На состојба стара.
БАСИЛИО:
Несреќен принц,
Под несреќна ѕвезда роден!
Обиди се, Клоталдо,
Да го разбудиш сега,
Од опиумот сила нема.
КЛОТАЛДО:
Немирен, господаре, тој е
И зборува нешто.
БАСИЛИО:
Што ли сонува сега?
Да слушнеме, тогаш.
СИГИЗМУНД:
(Во сон.) Милостив е принцот

72
Животот е сон

Што казнува тирани;


Клоталдо нека умре
Од моја рака, а мојот татко
На колена, нека ми целива нозе.
КЛОТАЛДО:
Со смрт ми се заканува мене.
БАСИЛИО:
А мене со суровост и навреда.
КЛОТАЛДО:
Сака животот да ми го земе.
БАСИЛИО:
Пред нозе мене да ме фрли.
СИГИЗМУНД:
(Во сон.) Нека излезе на ширна сцена
На театарот светски
Оваа единствена храброст;
И нека блесне одмаздата моја
И нека видат како Сигизмунд,
Принцот, го победува својот татко.
(Се буди.)
Тешко мене! Каде сум сега?
БАСИЛИО:
Не треба да ме види.
(На Клоталдо.)
Знам што треба да се стори.
Од онаму ќе слушам што вели.
(Си оди.)
СИГИЗМУНД:
Зар јас сум ова?
Затворен и фрлен зар себе
Се гледам во состојба бедна?
А оваа кула, зар
Гробница таа е моја? Да.
Господи, колку ли нешта
Сум сонил!

73
Животот е сон

КЛОТАЛДО:
(Настрана.) Сега мене ми е редот
Да го разуверам сосем.
(На Сигизмунд.)
СИГИЗМУНД:
Дојде ли време за будење?
КЛОТАЛДО:
Да, време е да се будиш.
Зар цел ден ќе спиеш?
Зар откако вишен
Орел во лет следев
И не си се будел?
СИГИЗМУНД:
Не.
Ни сега не сум буден;
Како што гледам, Клоталдо,
Сè уште спијам,
И не се лажам многу.
Оти ако сум го сонил
Она што толку реално беше,
Тогаш ова што сега го гледам
Ќе биде далечно и несигурно;
И не е чудно, во состојбава моја
Тоа што гледам дека спијам
И сонувам кога сум буден.
КЛОТАЛДО:
Кажи ми што си сонувал.
СИГИЗМУНД:
Доколку сон тоа беше,
Не ќе кажам што сум сонил
А она што сум го видел, да.
Се разбудив и се видов,
(Суровост невидена тешка)
На легло што може
Во своите бои и слики
Легло на цвеќиња да биде
Исплетено од пролетта блага.
Околу мене клекнати
74
Животот е сон

Благородници сто за принц


Свој ме имаа мене;
Ме облекоа во одежда
Сјајна, раскошна, лична.
Смирената душа моја
Ти со радост ја исполни сета
Со обзнана здушна на среќа моја
Дека и во состојба ваква,
Јас сум принцот на Полска.
КЛОТАЛДО:
Сигурно си ме наградил добро.
СИГИЗМУНД:
Не многу добро; за предавник
Јас те сметав и двапати
Смртна казна ти дадов.
КЛОТАЛДО:
Зар кон мене суровост таква?
СИГИЗМУНД:
Господар им бев на сите,
Им се одмаздував по ред,
А само една жена љубев...
И мислам тоа вистина беше
Зашто сè друго се сврши
Само чувството такво, не.
(Кралот си оди.)
КЛОТАЛДО:
(Настрана.) Сигурно трогнат си отиде
Кралот откако ова го слушна.
(Гласно.)
Кога за орелот зборувавме ние
Ти заспа, и во сништа свои
Царства си сонил твои;
Но и во сништата треба
Чест да му се прави на оној
Што те одгледал со труд и мака.
Зашто, Сигизмунд, и во сништа
Треба добрина да се прави.

75
Животот е сон

(Си оди.)

ДЕВЕТНАЕСЕТТА СЦЕНА
СИГИЗМУНД
СИГИЗМУНД:
Вистина, треба ѕверското
Во себе да се скроти,
Овој бес, амбиција тешка,
Ако повторно сон се сони.
Така и треба штом светот
Во кој живееме чуден се чини,
И во него животот сон е само;
А искуството ме учи мене
Дека човекот што живее
Го сонува она што е
Додека не се разбуди сосем.
Кралот сонува дека крал е,
И во заблуда своја владее
Со сите и наредби дава;
А почестите што ги прима
Во ветрот се запишани сите;
А смртта пепел ги прави.
Кој ќе сака да владее тогаш,
Ако знае дека ќе падне
При будење свое,
Во сонот на смртта?
Богатиот сонува богатство свое
Што нови стравој му носи;
Сиромавиот сонува
Во немаштија и страда;
Сонува и оној успех што бара,
Сонува оној што заложби нуди,
Сонува и оној што навреди сее,
И во светот заклучок се нуди –
Секој сони она што е,
Иако не е свесен за тоа.
Јас сонувам дека сум овде,
Во овие зандани фрлен,
А еднаш сонував друго место
И почести врвни, безброј. Распламтеност.

76
Животот е сон

Животот што е? Илузија една;


Сенка на мечта една.
И најголемото добро е мало,
Зашто целиот живот е сон,
А соништата – само сон.

77
Животот е сон

ТРЕТИ ЧИН
ПРВА СЦЕНА
Во кулата на СИГИЗМУНД.
КЛАРИН:
Во маѓепсана кула затворен
Сум сега, за она што знам.
Што ли ќе ми сторат
За она што не знам, ако
За она што знам, умрев?
И така човек со глад стрвна
Ќе живее мртов!
Самиот си се жалам;
Ќе речат: „За верување е тоа“,
И да се верува во тоа може,
Но молкот овој со Кларин,
Името мое, не оди
И не можам јас да молчам.
Друштво овде ми прават,
Така да речам, пајаци
И глувци стрвни:
Колку убаво трнарче!
Од соништа моќни
Тегобна главата ми е полна
Со илјадници звуци на труби
И кавали, со измами,
Процесии, крстови разни,
Со грешници тешки; а од нив
Едните горе одат, а другите долу,
Трети, пак, припаѓаат често
Пред крвави рани на други;
А јас, вистина велам,
Од глад припаѓам веќе,
И во зандана се гледам
И катаден го читам
Филозофот Нејаденко
А ноќе го прелистувам Невечерко,
Ако е светиња да се молчи,
Нов светец ќе запишам сега,
А тоа ќе биде Светата тајна,

78
Животот е сон

Зашто пост строг ѝ држам;


Казната сум ја заслужил своја
И олку строга да биде,
Зашто сум молчел и како слуга,
А тоа пред Бога е грев срамен.

ВТОРА СЦЕНА
ВОЈНИЦИ, КЛАРИН
ПРВИОТ ВОЈНИК:
(Внатре.) Во оваа кула се наоѓа тој.
Провалете врата и влезете сите!
КЛАРИН:
Господи! Ме бараат мене
Штом велат дека сум тука.
Што ли бараат?
ПРВИОТ ВОЈНИК:
(Внатре.) Влегувајте внатре!
ВТОРИОТ ВОЈНИК:
Еве го овде.
КЛАРИН:
Не е.
ВОЈНИЦИ:
Господине...
КЛАРИН:
(Настрана.) Ако се пијани, што тогаш?
ПРВИОТ ВОЈНИК:
Ти си принцот наш;
Го сакаме нашиот
Господар по природен закон,
А не принцот странец.
Пред нас свои нозе става.
ВОЈНИЦИ:
Да живее великиот наш принц!
КЛАРИН:
(Настрана.) Господи, овие сериозно мислат!

79
Животот е сон

Изгледа овде обичај чуден


Има: секој ден да прават
Од некого принц, и потоа
Пак во кулата да го фрлат.
Да, така е овде, гледам.
А денес мене ми е редот.
ВОЈНИЦИ:
Дај ми ги твоите нозе!
КЛАРИН:
Не можам,
Уште ми требаат мене.
Каков принц ќе бидам
Без нозе пред вас?
ВОЈНИК:
Сите изјавивме здушно
Пред татко ти твој,
Те признаваме само тебе
За принц, а не оној од Москва.
КЛАРИН:
Послушност сте му
Откажале вие на татко ми мој?
Вие сте обични, безвредни луѓе!
ВТОРИОТ ВОЈНИК:
Верноста од гради ни блика.
КЛАРИН:
Ако било од верност,
Прошка ви давам.
ВТОРИОТ ВОЈНИК:
Излези, кралството свое
Да го доведеш во ред.
СИТЕ:
Да живее Сигизмунд!
КЛАРИН:
Да живее!
(Настрана.)
Добро:

80
Животот е сон

Сигизмунд, значи, ги велат


Сите принцови вакви.

ТРЕТА СЦЕНА
СИГИЗМУНД, КЛАРИН, ВОЈНИЦИ
СИГИЗМУНД:
Кој го споменува Сигизмунд?
КЛАРИН:
(Настрана.) Ете, и принц веќе не сум.
ПРВИОТ ВОЈНИК:
Кој е Сигизмунд?
СИГИЗМУНД:
Јас.
ВТОРИОТ ВОЈНИК:
(На Кларин.)
Зошто, дрзнику глупав,
Се правеше ти Сигизмунд?
КЛАРИН:
Јас Сигизмунд? Не е точно.
Вие самите ме посигизмундивте;
Според тоа, дрскоста е ваша
И глупавоста е од ваша страна.
ПРВИОТ ВОЈНИК:
Велики принцу Сигизмунд,
Обележјата што ги носиме
Се твои, а по верба
Те признаваме за господар свој.
Твојот татко, Великиот крал
Басилио, од страв
Да не се исполни небесна судба
И да се види пред нозе твои,
Понизен, сака да ти одземе
Природно право и престолот
На Астолфо, војвода од Москва,
Да му го даде. Го собра
Целиот двор, а народот
Кој слушна и дозна дека
81
Животот е сон

Законски владетел има,


Не сака туѓинец да дојде
И да владее тука. И така,
Благородно не земајќи предвид
Претскажана судба од ѕвезди,
Дојдовме да те побараме овде
Затворен кај што те држат
И со оружјето наше со тебе
Да излеземе од оваа кула
И да си повратиш круна и жезол
Од раце на тиранин голем.
Излези сега, зашто надвор
Бројна војска те бара;
Слободата те чека.
Послушај само!
ГЛАСОВИ:
(Внатре.) Да живее Сигизмунд!
СИГИЗМУНД:
Зар пак истото, небеса вишни!?
Сакате пак да сонувам раскош
И слава што ќе ги снема?
Сакате пак да ја гледам,
Меѓу сенки и слик,
Величественоста сјајна
Што ветрот ќе ја збрише?
Сакате пак да ја допрам
Измамата, опасноста вечна
Пред која човечката снага
Понизно стои, а цел живот се бара?
Не може тоа така да биде,
Не сакам да ме понесе судба;
А знам животот дека сон е.
Затоа одете си, сеништа лажни
Што човечка лика и глас
Пред мене сте зеле во овој час,
А не сте ни глас ни тело.
Не сакам величественост,
Ниту раскош сакам,
Ни илузии моќни
Што при најмало ветре

82
Животот е сон

Веднаш се губат,
Како што на расцутен бадем
Што прерано цвет открил,
Без предупредување и без совет,
Првото ветре цвет му гаси,
Го суши и нежните глави
Убавина, раскош губат.
Ве познавам, ве познавам веќе
И знам дека истото го чека
Секој оној што спие.
За мене измама веќе нема,
Веќе ми отворија очи
И знам дека животот е сон.
ВТОРИОТ ВОЈНИК:
Ако мислиш измама
Е ова, погледни онаму горе,
Во планини горди,
Ќе видиш народ што чека
Ти да го водиш.
СИГИЗМУНД:
Ова
Веќе еднаш го видов
И вака јасно и вака чисто
Како што сега го гледам,
И сон сепак беше.
ВТОРИОТ ВОЈНИК:
Големите нешта,
Господаре мој, претскажани
Секогаш биле; а предзнак
Ќе биде тоа што си го сонил.
СИГИЗМУНД:
Добро велиш, предзнак беше;
И ако е точно тоа, животот
Штом толку е краток,
Да сонуваме, душо страдна,
Да сонуваме тогаш пак;
Но овој пат нека биде
Внимателно, со наум
Дека ќе се разбудиме еднаш
83
Животот е сон

Од овие задоволства наши;


И ако однапред знаеме нешто
Помала ќе биде измамата;
А потсмев за болката ќе биде
Ако знаеме дека ќе дојде.
Со предупредување вакво
Дека власта е заем само,
И треба на сопственикот
Да му се врати, да пробаме сè.
Поданици, за верноста ваша,
Благодарен сум ви; во мене
Имате сила што слобода
Ќе ви даде од јарем туѓ.
Засвирете знак и набргу
Ќе ја видите верноста моја.
Против татко ми намера
Имам оружјето да го кренам,
И да потврдам небесен предзнак.
Набргу пред нозете ќе го видам...
(Настрана.)
Ако се разбудам пред тоа?
Можеби не треба да го велам
Штом не ќе го сторам?
СИТЕ:
Да живее Сигизмунд!

ЧЕТВРТА СЦЕНА
КЛОТАЛДО, СИГИЗМУНД, КЛАРИН, ВОЈНИЦИ
КЛОТАЛДО:
Каква е оваа врева?
СИГИЗМУНД:
Клоталдо.
КЛОТАЛДО:
Господаре...
(Настрана.)
Се обложувам
Од планина ќе го фрли.
(Си оди.)
84
Животот е сон

КЛОТАЛДО:
Пред твоите кралски нозе
Клечам за смрт.
СИГИЗМУНД:
Стани,
Стани, татко, од земја;
Ти ќе бидеш патоказ и водич
Кому му доверувам иден успех;
Зашто должник твој сум,
Ти ме одгледа мене.
Подај ми рака.
КЛОТАЛДО:
Што велиш?
СИГИЗМУНД:
Знам, сонувам сега и сакам
Добро да правам, зашто и в сон
Добри дела се прават.
КЛОТАЛДО:
Господаре, ако добрите дела
Твој лик се сега, навреда
Нема да биде ако и јас
Во тоа поддршка ти дадам.
Во војна против татко ти одиш?
Совет не можам да ти дадам
Ни да служам против
Кралот свој. Пред нозе твои еве
Клечам и смртта своја ја чекам.
СИГИЗМУНД:
Никаквец,
Предавник, неблагодарен!
(Настрана.)
Господи, да се воздржам треба!
Којзнае дали сум буден ил’ не.
(Гласно.)
Клоталдо, за храброста твоја
Ти завидувам и ти благодарам.
Оди и служи му на кралот свој,

85
Животот е сон

На полето ќе се видиме в бој.


Вие засвирете знак!
КЛОТАЛДО:
Ти бакнувам стопати нозе.
(Си оди.)
СИГИЗМУНД:
Напред, судбо, да владееме;
И не буди ме ако спијам
И ако е вистина ова,
Не давај да спијам.
Но вистина или сон,
Важно е да се постапува добро;
Ако е вистина, заради тоа:
А ако не е, пријатели да стекнам
Кога од сон ќе се разбудам.
(Си одат со биење на тапаните.)

ПЕТТА СЦЕНА
Салон во кралската палата.

БАСИЛИО, АСТОЛФО
БАСИЛИО:
Кој може, Астолфо, со умност
Да скроти бес на разулавен коњ?
Кој може тек на река да скроти
Што ита кон морето гордо?
Кој може со сила своја да задржи
Камен што од карпа се откинал вишна?
Сепак, се чини, полесно сето е ова
Отколку бесот на толпата да се смири.
Сведоштво за тоа ни дава
Вревата што ја прават
Разулавените страни, а таа
Се враќа овде ко ехо и се слуша:
Едните „Астолфо“, а другите
„Сигизмунд“ извикуваат здушно.
Ова свето место за заклетва
Денес е сведено на инакви дејства,

86
Животот е сон

На мртовечки театар каде


Судбата зла прикажува
На трагедии мрачни слика.
АСТОЛФО:
Запрете ги прославите сите,
И сите почести мене
Што ми ги ветивте од среќа!
Ако Полска со која да владеам треба
Денес ми го одбива тоа мене,
Значи, да ја заслужам треба.
Дајте ми коњ и оној што
Како знак громот го зема
Нека удри ко молња сега.
(Си оди.)
БАСИЛИО:
За она што е неминовно, лек нема,
А претскажаното опасност крие;
Ако треба да биде, одбрана нема,
А кој го одбегнува долго,
Двоен удар прима.
О законе строг, ужас невиден!
Оној што од опасноста бега,
Во неа со сигурност паѓа.
Она од што се плашев,
Се случува, еве, сега.
На земјата своја ѝ зададов удар.

ШЕСТА СЦЕНА
ЕСТРЕЛЈА, БАСИЛИО
ЕСТРЕЛЈА:
Ако присуството твое, господаре,
Метежот надвор го смири,
Што оди од едно место до друго,
По улици и плоштади, поделени сите,
Твоето кралство ќе го видиш
Во алови бранови да плива,
Со твојата крв обоени темно.
А овде само трагедии и несреќи ќе има.

87
Животот е сон

Таква ќе биде пропаста


На твоето кралство и такво
Ќе биде насилството сурово крвно,
Стравотно да се слушне и види.
Сонцето ќе потемни, ветрот ќе стежни;
Секој камен пирамида ќе се крене
А секој цвет споменик ќе стане;
Секое здание гробница вишна,
Секој војник жив костур ќе биде.

СЕДМА СЦЕНА
КЛОТАЛДО, БАСИЛИО, ЕСТРЕЛЈА
КЛОТАЛДО:
Фала му на Бога што до тебе жив дојдов!
БАСИЛИО:
Клоталдо, кажи, што се случи со Сигизмунд?
КЛОТАЛДО:
Народот, чудовиште бесно и слепо,
Во кулата насилно влезе
И од темници го извади принцот,
А тој соочен пак со почести покажа
Небесата дека сепак имале право.
БАСИЛИО:
Дајте ми коњ, лично сакам
Да го совладам неблагодарниот син;
И во одбрана, сега, на круната своја
Мечот нека исправи на науката грешка.
(Си оди.)
ЕСТРЕЛЈА:
На страната на сонцето ќе бидам
Како божица на безмилосна војна.
Моето име до неговото ќе го ставам
И ќе летнам на крилја брзи
Да се борам со божицата Атина.
(Си оди, и свират на оружје.)

ОСМА СЦЕНА
88
Животот е сон

РОСАУРА, го запира КЛОТАЛДО


РОСАУРА:
Иако храброста што в гради
Ја носиме, оттаму гласови
Пушта, послушај ме сега,
Оти знам дека сè е војна.
Знаеш добро дека дојдов
Бедна, скршена и несреќна
Во Полска, и под закрила
На твојата доблест во тебе
Милост најдов; ми нареди
Преправена да живеам
Овде, во дворот, и да се чувам
Од Астолфо, љубомора да кријам.
Ме препозна веднаш и сега
Честа ми ја гази со средби
Во ноќта со убавата Естрелја.
Овој клуч го зедов и ти го давам
За да можеш таму да влезеш
И на маките мои
Да им ставиш крај.
И така, гордо, смело и храбро
Да ми ја повратиш честа
Зашто веќе си решен
Со смрт да ме одмаздиш мене.
КЛОТАЛДО:
Навистина, од часот кога те видов
Готов бев да сторам,
Росаура, за тебе јас,
А сведок беше плачот твој,
Сè што можам за живот еден.
Првиот чекор ми беше
Облеката да ти ја сменам;
Доколку Астолфо те видеше
Во облеката твоја, не ќе мислеше
Дека од лекомисленост правиш
Неразумен чекор што честа
Во опасност ти ја доведува.
Во тоа време барав пат

89
Животот е сон

Изгубената чест да ти ја вратам


И толку ме мачеше тоа
Што помислив дека и Астолфо
Ќе го убијам ако треба.
Проклети старечки трици!
И бидејќи крал мој не беше тој,
Ниту се плашев ниту се думав
И мислев дека ќе го убијам лесно.
Но кога Сигизмунд повте
Да ме убие мене, искокна тој,
На опасност без да мисли,
Во одбрана моја да даде
Показ на сета сила своја,
Што не беше знак на храброст,
Туку на лудост безгранична.
И како можам јас сега, кажи,
Со благодарност таква во себе,
Смрт да му зададам на оној
Што животот мене ми го дари?
И така поделени ми се меѓу вас
Мојата љубов и грижата моја,
Меѓу тебе, живот што ти дадов,
И него, од кого го примив.
Не знам кому да помогнам сега,
Тебе, кон која завет со дар имам,
Ил’ нему што ме заветува со свој дар.
И така, во идното дејство
Утеха нема за љубов моја,
Зашто јас сум оној што дава
И оној што одзема, исто.
РОСАУРА:
Не треба да откривам сега
Дека за достоен маж
Благородно дејство е кога дава
А обична нискост кога прима.
Затоа, според ова начело,
Благодарност не му должиш
Ако животот ти го дал тебе,
А ти мене; со тоа те присилил
На ниско дело, а јас поттик

90
Животот е сон

Сум дала за благороден акт.


Според тоа, те навредил тој,
А кон мене обврска имаш
Зашто она што мене ми го даде
Од него ти си го примил.
Затоа, во овој тежок час
Мојата чест да ја спасуваш треба,
Зашто позаслужна јас сум
Колку што почесно е да се даде
Отколку да се прими.
КЛОТАЛДО:
Иако благородноста стои
На страната на оној што дава,
Благодарноста е на страната
На оној што прима;
Штом сум можел да дадам,
Благородно име веќе носам
На дарежлив маж;
Остави ми и благодарен
Јас да бидам, имам право на тоа,
Благодарен и дарежлив јас сум.
РОСАУРА:
Од тебе живот примив
И ти самиот ми рече,
Живот кога ми дари,
Дека со навреда живот
И живот не е. Значи,
Од тебе ништо не примив јас,
Зашто твојата рака ми даде
Она што живот не е.
И доколку повеќе сакаш
Дарежлив ти да бидеш,
А благодарен не толку,
Како што самиот рече,
Очекувам живот да ми дадеш
Што уште не си ми го дал;
А бидејќи да се даде повеќе
Вреди, дарежлив биди пред сè,
А потоа и благодарен ќе бидеш.

91
Животот е сон

КЛОТАЛДО:
Победен од исказот твој,
Дарежлив ќе бидам пред сè.
Јас, Росаура, имотот
Ќе ти го дадам, а во манастир
Живеј, добро е обмислено тоа
Што од тебе го барам;
Зашто бегајќи од злостор еден
Ќе се засолниш на свето место.
Додека низ патила минува
Ова наше разделено кралство,
Јас не ќе му додавам уште
Оти сум човек од благородна рода.
Со овој план што го одбрав
На кралството сум му верен,
Кон тебе дарежлив јас сум,
А кон Астолфо благодарен.
Одбери сега како ти личи,
Остануваш меѓу нас,
А повеќе не ќе сторев
И татко да ти бев.
РОСАУРА:
Татко мој да ми беше
Ќе прифатев неправда ваква,
Но штом не си, не.
КЛОТАЛДО:
Што очекуваш јас да сторам?
РОСАУРА:
Убиј го војводата!
КЛОТАЛДО:
Дама што таткото
Свој не си го знае,
Зар толкава храброст има?
РОСАУРА:
Да.
КЛОТАЛДО:
Кој ли те бодри?

92
Животот е сон

РОСАУРА:
Угледот мој.
КЛОТАЛДО:
Слушај, Астолфо ќе биде...
РОСАУРА:
Честа моја сето тоа го гази.
КЛОТАЛДО:
... Твој крал и на Естрелја сопруг.
РОСАУРА:
Господи, тоа никако не ќе биде!
КЛОТАЛДО:
Тоа е лудост!
РОСАУРА:
И јас така мислам.
КЛОТАЛДО:
Совладај се, тогаш.
РОСАУРА:
Нема да можам.
КЛОТАЛДО:
Тогаш, ќе загубиш...
РОСАУРА:
Знам.
КЛОТАЛДО:
... И живот и чест.
РОСАУРА:
Се разбира.
КЛОТАЛДО:
Што бараш тогаш?
РОСАУРА:
Мојата смрт.
КЛОТАЛДО:
Но тоа е очај, знај.

93
Животот е сон

РОСАУРА:
Тоа е чест.
КЛОТАЛДО:
Безумност е тоа.
РОСАУРА:
Тоа е смелост.
КЛОТАЛДО:
Распаленост е тоа.
РОСАУРА:
Тоа е лутина, тоа е бес.
КЛОТАЛДО:
Конечно, зар лек нема
За твојата слепа страст?
РОСАУРА:
Не.
КЛОТАЛДО:
Кој ќе ти помогне?
РОСАУРА:
Јас.
КЛОТАЛДО:
Зар нема лек?
РОСАУРА:
Нема лек.
КЛОТАЛДО:
Размисли добро дали инаку може...
РОСАУРА:
Да пропаднам на друг начин.
(Си оди.)
КЛОТАЛДО:
Ако пропаѓаш, ќерко, чекај,
Ќе пропаднеме заедно, знај.
(Си оди.)

94
Животот е сон

ДЕВЕТТА СЦЕНА
Поле.
СИГИЗМУНД, облечен во кожи; ВОЈНИЦИ, маршираат, КЛАРИН. Бијат тапани.
СИГИЗМУНД:
Да може денес древниот Рим
Од време на победи први
Да ме види, колку радосен би бил
Што се остварува ретко дејство
Војските големи, славни,
Да ги води ѕвер за чија
Голема душа малку би било
Да освои и небесен свод.
Но да забавиме лет,
Душо, да не распрснеме
Ваква несигурна слава,
Зашто ако треба да боли
Кога од сон ќе се сепнам,
Што сум ја освоил
И сум ја изгубил после,
Значи, подобро помала да биде
Оти помалку ќе боли ако ја снема.
(Свири кларинет.)
КЛАРИН:
На брз коњ, дозволи да ги опишам,
Штом веќе ги спомнав,
На него мапа се оцртува јасно
Каде телото е земја,
Огнот е душа в гради што чува
Морска пена, а воздухот воздишка,
И во сето тоа се наѕира хаос,
Зашто по душа, пена, тело
Издив чудовиште тој е на огнот,
Земјата, морето и ветрот;
Значи, на коњ шарен,
Светлосив, потчинет сосем
На оној што в слабини го боде,
Место да трча, лета;

95
Животот е сон

Кон тебе доаѓа


Една префинета жена.
СИГИЗМУНД:
Тој сјај ме заслепува.
КЛАРИН:
Господи, Росаура е таа жена!
(Се повлекува.)
СИГИЗМУНД:
Самото небо пред мене ја води.

ДЕСЕТТА СЦЕНА
РОСАУРА, со наметка, меч и нож; СИГИЗМУНД, ВОЈНИЦИ
РОСАУРА:
Благороден Сигизмунд,
Херојската величественост твоја
Излегува на видело со твоите дела
Од ноќта на твојата сенка;
Како најголема планета
Што на крилјата на зората
Одново се раѓа сјајна
Да грее билки и рози,
И над гори и мориња
Како круна се свива,
Светлина распрснува
И врвови капе, пената ја гали;
Така и ти ќе заориш над светот,
Како сјајно сонце на Полска
И на една несреќна жена,
Што пред нозе ти се фрла,
Заштита ќе ѝ дадеш
Зашто е жена и страдна:
А тоа се две нешта од кои
Секое едно е доста да освои
Маж што слови за храбар.
Веќе трипати ме гледаш
И трипати не знаеш која сум
Зашто секогаш во друго руво
И во друг облик ме гледаш.
96
Животот е сон

Првиот пат ме мислеше за маж,


Во строгиот затвор
Каде од животот твој
Утеха зедов за себе.
Вториот, како жена ме виде
Кога славата раскошна твоја
Сон беше, дух, сенка.
Третпат е денес, кога сум овде,
Чудовиштен спој на двете,
Во облик на жена
Со машко оружје на појас.
За да ти растајнам и, трогнат,
Подобра заштита да ми дадеш
Добро ќе биде да ислушаш сказна
За несреќна судба моја.
Благородна мајка ме роди
На дворот во Москва.
И штом толку несреќна била
Сигурно голема убост ја красела.
Во неа се загледал
Предавник, име не му знам
И не можам да ти го кажам,
Но според вредноста моја
Судам дека и тој бил вреден;
А како објект на неговата
Идеја, жалам што поганка
Не се родив за да поверувам
Безумно, лесно, дека Бог бил
Еден од оние кои престорени
Во златен дожд, лебед и бик
Плачат над Данај, Леда и Европа.
Кога си помислив дека исказот
Го должам со сказни за подмолност
Разни, сфатив дека во она
Што веќе го реков доказ
Доволен ти дадов дека мајката
Моја, заведена со љубовни игри,
Била убава, како ниедна друга,
А несреќница, како сите.
Оној изговор беден
За верност и брачна среќа

97
Животот е сон

Ја завеле толку што и денес


Штом помисли на тоа, плаче;
А тој тиранин беше,
Како Енеј за својата Троја,
Што дури и го остави свој.
Сега овде го имам,
Но од канија ќе го извлечам
Пред да довршам исказ.
Од овој лошо врзан јазол
Што не врзува ништо,
Ни брак ни злостор,
А тоа е едно та исто,
Се родив јас толку слична,
Како слика, копија една
Ако не по убост тогаш
По судба и дела.
Така, нема потреба
Да кажам дека несреќна сум
Наследница на нејзината судба
И истиот пекол го чекам сега.
Најмногу што можам да кажам
Е името на оној што честа
И чесноста ми ги грабна.
Астолфо... тешко мене!
Штом име му спомнам
Срцето бес го обзема голем
Како од абер за душман дојден.
Астолфо беше неблагодарникот,
Зашто за згасната љубов
Ни паметење не се чува,
И дојде во Полска со надеж
За голема слава,
Да се ожени за Естрелја,
Пеколот на мојот залез.
Кој би помислил дека Ѕвезда
Штом љубовници теши,
Естрелја ќе ги раздели сега?
Јас навредена, исмеана,
Останав тажна, збудалена,
Се стаписав, умрев.
Тоа значи дека остана

98
Животот е сон

Сега оваа пеколна збрка


Втисната во мојот Вавилон;
Се прогласив за нема,
Зашто има патила и болки
Што чувствата подобро ги велат
Отколку гласот од уста,
И маките молкум ги кажував
Додека еднаш насамо,
Мајка ми молкот го проби
И како река од гради се излеа
Удирајќи едни во други.
Не се стеснував да кажам;
Зашто, кога знаеш дека оној
Кому исповед му даваш
Еднаш исти маки тргал,
Поттик и храброст ти дава
И лесно ти течат зборој.
Некогаш и лошиот пример
За добро служи. Така,
Милослива ми ислуша маки
И со своите утеха сакаше
Да ми даде. Колку лесно прошка
Дава судија казнет што бил!
Прегорувајќи во себе
И одрекувајќи им на слободата
И на минливото време
Лек за секоја чест,
Ни во маки мои не најде спас;
Како најдобар совет ми рече
Да го следам и принудам јас
Со досетливост фина да плати
Долг кон мојата чест.
И за полесна да ми биде
Судбината моја ме облече
Во облека на маж.
Симна од ѕидот стар меч,
Оној на појас што го носам;
Време е да го соголам сега,
Како што ветив, и ми рече:
„Оди во Полска и гледај
Мечот да ти го видат

99
Животот е сон

Благородници моќни таму.


Можеби некој од нив
Ќе ја прегрне твојата среќа
И ќе најдеш утеха за сè.
И така дојдовме во Полска.
Да преминеме брзо
Преку тоа што е знајно,
Како разбеснат коњ
Ме доведе в пештера твоја
И ти ме гледаше со восхит.
Да го скокнеме и Клоталдо
Кој за мене се заложи
Пред кралот да ме спаси,
А кралот ми подари живот,
А потоа знаејќи која сум
Ме убеди да облечам
Сопствено руво и да ѝ служам
На Естрелја, и остроумно
Спречив љубов на Астолфо
И Естрелја да му биде жена.
Да минеме брзо и преку тоа
Што по вторпат, овде,
Ме виде, во облека на жена,
И те збунија двете форми,
И да запреме на Клоталдо
Кој, убеден дека е важно
Да се венчаат и владеат
Астолфо и убавата Естрелја,
Против мојата чест совет
Ми даде да се откажам од целта.
Јас видов дека тебе,
Храбар Сигизмунд, час ти дојде
За одмазда света и небото
Сака да урнеш ѕидови
На оваа зандана тешка
Каде што ти затворен беше
По чувствата ѕверка
По патила камен;
И оружје ќе кренеш против
Татко и татковина своја,
А јас ти доаѓам на помош,

100
Животот е сон

Мешајќи ги за тоа
Украсите на Дијана
Со опремата на Атина,
Облечена сега во свила
И оружје ладно, а заедно
Двете, украси се мои.
Да одиме, водачу смел,
На обајцата ни е важно
Да спречиме таква свадба!
Јас сакам да не се жени оној
Што мој сопруг вети ќе биде,
А ти, за да не обединат
Тие двајца свои права
И да имаат доволно моќ
Нашата победа да ја спречат.
Како жена доаѓам кај тебе
Да се заземеш за мојата чест,
А како маж доаѓам до тебе
Да те охрабрам да освоиш
Круна и кралство свое.
Како жена ти се фрлам
Пред нозе за да те трогнам,
А како маж ти се нудам
Да ти служам со меч.
И размисли сега добро:
Доколку ме заљубиш како жена,
Како маж смрт ќе ти дадам
Во одбрана света на својата чест
Зашто во тој љубовен поход
Твој, како жена ќе жалам,
А како маж ќе бранам чест.
СИГИЗМУНД:
(Настрана.)
Небеса, ако сон е ова,
Одземете ми паметење
Оти не е можно во еден сон
Толку нешта да се зберат!
Господи, кој ќе знае
Со сето тоа да се справи
Или на ништо да не мисли!

101
Животот е сон

Ако раскошот во кој се видов


Беше сон, зошто оваа жена
Ми носи толку јасни знаци?
Значи, вистина беше, а не сон;
И ако вистина беше,
А и тоа е голема збрка,
Зошто тогаш мојата мисла
Го именува како сон?
Дали толку се слични
Славата и сонот
Што вистинската слава
Ја мислиме за лажна,
А лажната вистина права?
Толку е мала разликата меѓу нив
Што не може да се знае
Дали она што се гледа и ужива
Е лага или вистина!
Толку ли е слична копијата
Со оригиналот што сомнеж
Нè јаде кој што е?
Ако е така и ако мора
Да се распрснат во темнина
Сета слава и сиот раскош,
Сета големина и сета моќ,
Да го искористиме, тогаш,
Овој миг што е пред нас,
Зашто се ужива само во она
Што меѓу сништа се згоди;
Росаура сега е под моја власт;
Душата моја убост ѝ љуби,
Да искористиме, тогаш, миг.
Љубовта нека ги скрши законите
На храброста и довербата со кои
Пред мене исправена стои.
Ова е сон; и штом е така,
Да сонуваме среќа пуста,
А после ќе дојдат маките на ред.
Но со сопствени докази
Повторно се убедувам јас!
Ако е сон, ако е фалба,
Кој поради човечка фалба

102
Животот е сон

Губи божествена слава?


Кое минато добро не е сон?
Кој имал херојска среќа,
А себеси не си рекол
Во спомени на неа кога мислел:
Сигурно сето тоа беше сон!
Ако ова кон разочарување води,
Ако знам дека сласта
Е убав пламен што секој ветер
Што дува пепел го прави,
Да го следиме она вечното,
Неменливата слава
Каде среќата не спие,
Ниту величината одмор зема.
Росаура е сега без чест;
На принцот му доликува
Чест да дава, а не да одзема.
Нејзината чест, еве,
Ќе ја освојам јас
Пред круната да ја земам.
Да бегаме од ова искушение
Што толку силно ме влече!
На оружје!
(На еден војник.)
Сакам да поведам бој
Пред црната сенка
Златни зраци да закопа
В темни бранови морски.
РОСАУРА:
Господине, зар ќе отидеш
Така без збор еден
За маката моја и мојата болка?
Како е можно, господине,
Да не ме слушаш нит’ гледаш?
Ниту лик кон мене да свртиш?
СИГИЗМУНД:
Росаура, заради твојата чест,
Од милост кон тебе,
Морам суров сега да бидам.
Гласот не ти вели ништо,

103
Животот е сон

Одговор ќе ти даде мојата чест.


Не ти велам ништо, сакам
Делата мои да зборат за мене.
Не гледам во тебе зошто мора
Во толкава мака
Убост да не ти гледа
Оној што чест ќе ти чува.
(Си оди и со него заминуваат војниците.)
РОСАУРА:
Какви загатки се ова, Боже?
И по мисли толку
Сомнеж ме мачи тежок
Пред двосмисленост ваква!

ЕДИНАЕСЕТТА СЦЕНА
КЛАРИН, РОСАУРА
КЛАРИН:
Госпоѓо, може ли да те видам?
РОСАУРА:
Кларин, каде беше досега?
КЛАРИН:
Затворен во една кула
Демнејќи ја својата смрт,
Дали ќе дојде ил’ не;
За малку ќе извлечев
Среќна карта во игра
И ќе направев, за малку,
Во животот огромен скок.
РОСАУРА:
Зошто?
КЛАРИН:
Затоа што ја знаев
Тајната твоја,
А Клоталдо... Но каква
Е оваа врева?
(Бијат тапани.)

104
Животот е сон

РОСАУРА:
Што може тоа да биде?
КЛАРИН:
Од опколениот дворец
Излегува вооружена чета
Да ја запре и победи
Храбрата војска на Сигизмунд.
РОСАУРА:
Зошто тогаш страшливка
Јас до него не сум, скандал
Да направам на овој свет,
Во кој и онака владее
Хаос и нема ред?
(Си оди.)

ДВАНАЕСЕТТА СЦЕНА
КЛАРИН, ВОЈНИЦИ, внатре
ГЛАСОВИ:
Да живее нашиот крал!
КЛАРИН:
Да живеат слободата и кралот!
Да живеат и нека им е со среќа!
Мене ме мачи мака една
Што во сето сум вмешан и јас,
А денес, оставен вака,
Во оваа збрка тешка,
Би сакал како Нерон да бидам
И за ништо да не ми е грижа.
Ако за нешто треба гајле
Да берам, тоа нешто сум јас.
Скриен овде сета забава
Јасно ќе ја следам.
Ова место е скришно
И сигурно, вишно.
Смртта не ќе ме најде
И еве, шипки ѝ давам јас!
(Се крие; бијат тапани и ѕвечи оружјето.)

105
Животот е сон

ТРИНАЕСЕТТА СЦЕНА
БАСИЛИО, КЛОТАЛДО и АСТОЛФО, бегаат; КЛАРИН, скриен
БАСИЛИО:
Има ли негде понесреќен
Крал и така прогонет татко!
КЛОТАЛДО:
Твојата војска, победена,
Бега на сите страни без ред.
АСТОЛФО:
Предавници денес
Победа слават.
БАСИЛИО:
Во битки такви,
Оние што ќе победат се верни,
А ообедените, предавници.
Да бегаме, Клоталдо, сега,
Од суровиот нечовечки
Гнев на мојот тиранин син.
(Пукаат внатре и Кларин паѓа ранет од местото каде што се наоѓа.)
КЛАРИН:
Помош, Господи! Боже!
АСТОЛФО:
Кој е овој несреќен војник
Што пред нозе ми падна
Целиот во крв?
КЛАРИН:
Јас сум несреќен еден човек
Што сакаше да се дочува,
Но сепак, смртта го најде.
Бегајќи од неа, ја сретнав
Зашто за смртта нема
Тајни места на светов.
Од тоа јасно следува
Дека оној што од неа бега
Најбрзо го втасува таа.
Затоа вратете се брзо
106
Животот е сон

Сред битка крвава, силна;


Меѓу оган и пушки
Повеќе сигурност има
Отколку во планини вишни,
Зашто сигурен пат нема
За спас од судба предодредена
И бесмислена несреќа зла.
Затоа, иако со бегство
Од смртта барате спас,
Ќе умрете сигурно вие
Ако Господ одредил така.
(Паѓа внатре.)
БАСИЛИО:
Ќе умрете сигурно вие,
Ако Господ одредил така!
Колку добро ни покажа
Грешки и незнаење наше
Со возвишена мисла
Овој мртовец што збори
Низ уста на отворена рана,
А течноста што од неа тече
Крвав е јазик што нè учи
Дека се залудни усилбите
Сите со кои човек сака
Да се бори против виши сили.
Така и јас што сакав
Татковината своја од смрт
Да ја ослободам и од буни,
Ја предадов на истите тие
Од кои да ја ослободам сакав.
КЛОТАЛДО:
Иако на судбата, господаре,
Сите патишта ѝ се знајни
И го наоѓа секого и во тврди карпи,
Христијанин чесен, сепак,
Не би смеел да рече
Од судба спас дека нема.
Спас има за умен човек
Што судба ќе победи смело;

107
Животот е сон

И ако од болка и несреќа


Ти заштитен не си,
Самиот своја заштита најди.
АСТОЛФО:
Клоталдо ти зборува
Како умен човек
Што достигнал зрела доба;
А јас, како храбро момче.
Во густата шума горе
Подготвивме брза коња
Што со ветрот се гони;
Бегај со него, а јас, овде,
Отстапница ќе ти штитам.
БАСИЛИО:
Ако Господ одредил да умрам
Или ако овде смртта
Мене ме чека, денес сакам
Со неа да се сретнам,
Да ја погледнам в лице.

ЧЕТИРИНАЕСЕТТА СЦЕНА
СИГИЗМУНД, ЕСТРЕЛЈА, РОСАУРА, војници, придружба; БАСИЛИО,
АСТОЛФО, КЛОТАЛДО
ВОЈНИК:
Во тешката гора,
Меѓу густите гранки,
Кралот се крие.
СИГИЗМУНД:
По него!
Нека не остане во нејзин
Густеж место непрегледано;
Барајте гранка по гранка!
КЛОТАЛДО:
Господаре, бегајте!
БАСИЛИО:
Зошто?

108
Животот е сон

АСТОЛФО:
Што намери имаш?
БАСИЛИО:
Астолфо, тргни се.
КЛОТАЛДО:
Што сакаш?
БАСИЛИО:
Да го сторам, Клоталдо,
Последниот обид.
(На Сигизмунд, на колена.)
Ако мене ме бараш,
Еве ме, принцу, пред нозе твои:
Нека за нив бел килим биде
Оваа моја побелена коса,
На врат нога стави, згази ми круна;
Влечкај и кини достоинство мое;
Од мојата чест одмазда барај;
Од мене роб твој прави.
И така, по толку грижа
Нека исполни судбата завет,
Небото зборот даден.
СИГИЗМУНД:
Благородници на дворот полски
Што сведочите за чудни случки,
Внимавајте добро сега,
Вашиот принц ви збори.
Она што е одредено
Од небото вишно, а Господ
На сината табла со прст
Го впишал, а неговите слики и знаци
Се многу листови сини
Со украс од златни слова –
Никогаш не мами, не лаже;
Лаже само оној што
Ги проучува со зла цел.
Мојот татко, присутен овде,
За да оправда суровост моја,
Направи од мене дивјак,
Човек а ѕвер!
109
Животот е сон

Така, и да се родев
По своја благородност машка,
По својата дарежлива крв,
По својот храбар ќуд,
По сè да се родев кроток и скромен,
Доволна ќе беше постапката
Ваква и животот ваков
Од мене да направат ѕвер.
Колку добар начин да се спречат!
Ако на кој било му речат:
„Нечовечка ѕверка ќе те убие
Тебе“, зар треба тој
Да ја буди ако спие?
Ако речат: „Овој меч,
Што на појас го носиш,
Ќе те убие тебе“, залудо
Ќе биде да го извадиш мечот
И на гради да го ставиш.
Да речат: „Морската шир
Гроб твој ќе биде
Со паметник сребрен“,
Неразумно е да појдеш на море
Кога надмоќно тоа крева
Сртови бели од снег
И остри кристални ридој.
Истото му се случило нему
Како на оној што под закана
Сепак разбудил ѕвер,
Како на оној што меч го плаши
А сепак го дигнал тој,
Како на оној што раздвижил
Браној во невреме тешко.
Та дури и да беше
Заспана ѕверка – мојот гнев,
Строгост моја, ветре нежно,
Судбата не се победува, знајте,
Со неправда и одмазда тешка;
Само се разгорува, станува жешка.
Така оној што демне
Да победи судба своја, мора
Умерен да биде и разум да го краси.

110
Животот е сон

Оној што обид прави


Злото однапред да го спречи,
Од него не ќе се спаси.
Ќе се спаси, јасно е тоа,
Со скромноста своја,
Но откако ќе се појави злото,
Зашто начин ни пат нема
За да го спречи сепак да дојде.
Нека послужи како пример
Овој необичен настан,
Овој ужас, ова чудо.
По толку залудни маки
Нема поголем јад да се види
Од овој сега пред вас:
Еден татко клекнат пред мене
И еден потчинет крал.
Небесната пресуда таква беше:
Се обиде тој да ја спречи,
Но немаше ни сила ни моќ.
А ќе можам ли јас,
Со помалку ука и животна
Мудрост да победам небесна реч?
(Кон кралот.)
Затоа, крале, стани,
Подај ми рака и штом
Небото ти покажа дека грешиш
Што победа над него бараш,
Еве ти го мојот покорен врат
За одмазда твоја спомен;
Пред твои нозе клекнувам јас.
БАСИЛИО:
Синко, овој благороден гест
Во утроба моја повторно
Тебе те раѓа; принц ти си!
Тебе ти припаѓа денес
И лавров венец и поздрав.
Ти победи; твоите дела
Нека понесат круна!
СИТЕ:
Да живее Сигизмунд!

111
Животот е сон

СИГИЗМУНД:
Бидејќи пред мене стојат
Дела многубројни и победи славни,
Денес најголема ќе биде
Да се победам себеси јас.
Астолфо рака на Росаура
Нека ѝ даде, како должник
Кон нејзината чест, а јас
Долгот сакам да се плати.
АСТОЛФО:
Иако навистина кон неа
Долг имам, нека се знае,
Таа ни сама не знае која е,
А подмолно би било од мене
Да се оженам за жена...
КЛОТАЛДО:
Не продолжувај, запри;
Зашто Росаура благородна
Крв има, како и ти, Астолфо.
А мојот меч ќе ја брани
Оти е ќерка моја, а тоа е доста.
АСТОЛФО:
Што велиш?
КЛОТАЛДО:
Не сакав да откријам
Тајна своја додека не ја видам
Омажена, чесна, благородна.
Приказната за ова е долга;
Но сепак, таа е моја ќерка.
АСТОЛФО:
Ако е така, ќе си го
Одржам зборот.
СИГИЗМУНД:
За да не остане
Естрелја без утеха, сама,
Кога принц губи еден,
Толку храбар и славен,
Со својата рака ќе ја венчам
112
Животот е сон

За сопруг што ќе му биде рамен


Во заслуги на Астолфо,
А можеби и подобар од него.
Дај ми рака.
ЕСТРЕЛЈА:
Во добивка јас сум
Со ваква среќа.
СИГИЗМУНД:
На Клоталдо, кој верен
Му беше на мојот татко,
Му подавам рака и секоја
Желба исполнета нека му биде.
ПРВИОТ ВОЈНИК:
Ако наградуваш некого
Што не те ни служел,
Што ќе ми припадне мене
Што предизвикав буна
И од кулата во која беше
Те извлеков подготвено?
СИГИЗМУНД:
Кулата! И никогаш од неа
Да не излезеш надвор.
До смртта таму да бидеш!
По предавство извршено
Предавниците не се требни.
БАСИЛИО:
Твојот ум предизвикува восхит!
АСТОЛФО:
Каква промена видна!
РОСАУРА:
Колку е мудар и паметен!
СИГИЗМУНД:
Што ве буни? Што ве чуди
Штом учител сонот ми беше,
И уште се плашам во духот
Да не се разбудам и да се најдам
Пак во зандана клета.
113
Животот е сон

И да не биде така,
Што сонував ми е доста,
Зашто осознав со тоа
Дека сета човекова среќа,
На крајот, минува како сонот,
А денес да искористам време
Онолку колку што трае!
Барам за грешките наши
Прошка, зашто благородни души
Знаат секогаш лесно да простат.

КРАЈ

114

You might also like