You are on page 1of 48

Антигона

Софокле

АНТИГОНА

1
Антигона

ЛИЦА:
Антигона – ќерка на Едип
Исмена – ќерка на Едип
Креон – кралот на Тива
Евридика – неговата жена
Хемон – син на Креон и Евридика
Тирезиј – слеп старец, пророк
Гласникот
Хор и негов корифеј
Стражарот
Дејствието се случува пред царскиот дворец во Тива.

2
Антигона

ПРОЛОГ
АНТИГОНА:
Исмена, ти сестричке родена,
За злото, за коешто Едип е причина, речи
дал знаеш ти беда што Зевс не ни нанесол уште,
па нема ни неволја, нема ни болка, ни мака,
ни онаков срам, ни пак нечесност јавна
што не си ги запишав меѓу несреќите твои и мои...
Но, какви се новите вести што сега се шират
за заповед нова од градоначалникот моќен?
Си чула?... Ил не знаеш ништо што зло му се ружа
на оној кој ние го сакавме толку и двете?
ИСМЕНА:
Но ниту за радост, па ниту за таготна жалба,
Антигоно моја, не сум чула никакви вести
од денот во кој ги изгубивме браќата свои,
саканите, што се погоубија самите себе.
Сум разбрала дека аргоските отишле војски
во оваа ноќ. И оттогаш не слушнав ништо,
па ниту сум посреќен, ниту сум потажна сега.
АНТИГОНА:
Да, тоа го знаев, и затоа тебе те викнав
пред дворецов – за да ги чуеш зборовите мои.
ИСМЕНА:
Но, што е? Што в неспокој душата твоја ја фрла?
АНТИГОНА:
На еден од браќата Креон му направи погреб,
а другиот така го лиши од гроб од помен.
Етеокла тој, според редот и законот овде,
го испратил, велат, со достојна чест и со почит
под земјава црна од каде што враќање нема.
За Полиник бедниот, којшто во борбата падна,
тој заповед дал до граѓаните наши во градов
– да не смее за него солза да пророни никој:
непогребан ниту, пак, оплакан, така да стои
за грабеж на гладните птици што пленот го демнат.
А, велат, и тебе, и мене ни налага, слушаш,
на двете нас добриот Креон: ќе дошол

3
Антигона

и лично од устата негова секој да чуе


што не чул; а дека него сметал ова за шега
– што некој непокорен би му се спротивил нему –
ќе бил и каменуван веднаш од народот собран.
Ќе видиме денес, штом часот ќе наближи само,
дал достојна ќе си на родот ил ништожна ќе си.
ИСМЕНА:
Што, кутурата, можам да изменам самата, кога
во бездејство тонам и моќта ја немам да кажам!
АНТИГОНА:
Поразмисли: содејство, помош јас од тебе барам.
ИСМЕНА:
За неволја? Каква?... Што намисли сега да правиш?
АНТИГОНА:
Да појдеме – мртвиот да го погребеме двете.
ИСМЕНА:
Ти в гроб ќе го погребеш?... Покрај забраната тешка?
АНТИГОНА:
Се разбира, брат ни. Но, кога ти нејќеш, зар можам
предателка негова и јас да бидам?... Не, нејќам.
ИСМЕНА:
О, кутрата! Иако Креон го забрани тоа?
АНТИГОНА:
Тој должноста моја не ќе може сам да ја спречи.
ИСМЕНА:
О, тешко-ле сестро! Помисли си, татка ни како
во омраза, презрен, со подбивки умре штом еднаш
со сопствена волја гревовите ги откри,
– со сопствена рака ги извади очите свои.
А таа, што мајка и жена му беше о двојство!
со сплетено јаже го прекина животот сопствен.
И, најпосле, браќата наши, и двајцата, кутри,
во еден ден беа вкрстосале копја, и така
загинаа – еден од другиот – в преград на смртта.
Без свои сме сега, а помисли што ќе нè чека
штом царската заповед ќе ја погазиме ние

4
Антигона

и царско решение ако одречеме така!


Забораваш дека сме слабички жени и дека
за борба со мажите немаме достатно сили.
А потем – помоќните над нас го имаат зборот!
И нив ќе ги слушаме дури и в потешка беда.
Па затоа, штом ќе го замолам мртвиот сакан,
тој прошка да даде, бидејќи присилена станав,
– ќе послушам сè што заповеда Креон. А не е
ни умно над силите свои да запињаш тука.
АНТИГОНА:
Јас не те присилувам. Дури да посакаш сега
да помогнеш и ти – од срцето не иде тоа!
Ти мисли си како што сакаш. Јас морам да појдам
и гроб да му ископам. Радосна умирам така.
Ќе легнам јас, мила, крај милиот, со него в земја,
– со тоа да исполнам долг. На подземните сили
им правам поголема почит од колку на земни.
Нам вечниот дом ни е под земја. Ти, пак, штом можеш,
презирај го она што често за боговите ќе е.
ИСМЕНА:
Не презирам ништо, но бессилна јас сум пред него,
пред онаа волја на целиот народ од градот.
АНТИГОНА:
Се вадиш со тоа. А јас, пак, одовдека тргам:
за брата ми сакам да ископам самата гроб.
ИСМЕНА:
Се плашам – ќе пострадаш, кутра Антигоно моја!
АНТИГОНА:
Не плаши се за мене. Помисли за себе малку!
ИСМЕНА:
Но никому барем не кажувај н’ ошто се реши:
во тајна да биде. А јас ќе ја чувам, ти знаеш.
АНТИГОНА:
Разгласувај! Повеќе јас ќе те замразам, ако
пред нашите граѓани премолчиш, сестро, за ова.
ИСМЕНА:
Во ужасен час ти распламтува срцето в страсти!
5
Антигона

АНТИГОНА:
Јас премногу добро знам кому да угодам сега.
ИСМЕНА:
Се разбира. Ама невозможно сега ти бараш.
АНТИГОНА:
Ќе престанам кога ќе папсаат силиве мои...
ИСМЕНА:
Неможното подобро навреме ти да го запреш.
АНТИГОНА:
О, знај! Ќе те намразам ако продолжуваш вака!
Со право омразена и за мртовецот ќе си...
А сега, остави ме на неразумноста моја,
па ако се случи да пострадам така од нешто
– јас нема да страдам без чесна, благородна смрт.
ИСМЕНА:
Штом сакаш – ти оди! Но безумна ти си, да знаеш
А потфатот, сепак, на милите мил ќе им биде.
(Излегуваат.)

ПАРОД – ВЛЕЗНА ПЕСНА


ХОР:
ПРВА СТРОФА
Ново-ле сонце, ти светлино најлична, која
никогаш не си излегла тука, над Тива,
градот со седумте порти!
Око на денот,
блесна во позлата летна низ диркејски води;
белиот штит на аргоскиот воин го гониш,
в галоп го потера, и ако оружен толку!...
Во бесот на кавгата бескрајна Полиник него
го доведе против саканата таткова земја.
И, како што орел г’ исполнува небото чисто
со пробивен писок – о, така врз земјата наша
го усмери летот и овој со снежните крилја,
со дождот од своите стрели, со шлемови што ги
украсиле виорни перја...

6
Антигона

ПРВА АНТИСТРОФА
Се крили над градскиот покриви тој.
Жестоките фалби на копјата негови остри
го стегаат повторно кругот на смртта пред ѕидот
на бедемот градски со седумте железни порти...
Меѓутоа, оттука и тој си отиде брзо,
но без да ја обиде крвта од нашите вени,
и пред да ги опфати пламен од смолови факли
кубињата лични на нашите високи кули...
И Арес од зад грб му грмна, и змејот се втурна
Зевс не мрази повеќе ништо на светот од тоа
да слуша непрестајно фалби од јазици дрски.
И кога ги виде горделиви, овие борци
во огромни бранови како кон градот се носат
со горделив ѕвекот од нивното оружје златно
– тој здивот го запали, грмна и замавна тешко
по човекот којшто за победа пееше веќе.
ВТОРА СТРОФА
Громко од ударот заѕвони земјата тврда...
И тој, што неодамна држел во раката факел,
од злите Менади, со бесните викови носен
– тој леташе в пожар, со бурните ветрови брзи...
И тука го стаса смрт онаква. Само што друга
судбината беше на другите борци што Арес,
пресреќниот воин, ги кутна...
Војсководци седум пред седум затворени порти...
Во борба седуммина смели со седумéте храбри...
На мајсторот вичен, на Завса, му платија данок:
оружјето свое што блескаше в блесок од бронза.
За тоа, пак, време обајцата душмани клети
– на ист татко плодот, од истата носени мајка –
со копја завртени еден на другиот в гради,
обајцата смртта ја најдоа иста во часот.
ВТОРА АНТИСТРОФА
Победата дојде со своето славно име –
во кола, на Тива богатата да ѝ се смешка.
Заборавот нека ја збрише свршената војна:
ќе појдеме ноќва да славиме в храмови божји,
низ танците весели Бахус нас нека нè води,
од чекорот негов да трпне тиванската земја.

7
Антигона

Но, доаѓа кралот на нашата земја,


на Менекеј синот, преславниот Креон
кој кралува над нас по волјата божја.
Тој доаѓа при нас, тонејќи во мисли.
А, што ли тој тае, што вака нè вика
и повик ни прати на сите, со желба
тиванските старци да дојдат на собор?
(Доаѓа Креон.)

ПРВА ЕПИЗОДИЈА
КРЕОН:
О, луѓе, го лулаа градов боговите,
но повторно ни го изградија строен!
По гласници испратив вас да ве викнат
во прв ред, бидејќи ве познавам сите,
кон власта на Лаја што имавте почит.
Штом Едип ѝ стана на земјава водач,
го ценевте вие. Но ете, тој умре,
а почитта ваша на децата мина.
И обата сина што Едип ги роди
во еден ден смртта ги грабна во којшто
меѓусебно тие се убија грешно.
Јас власта ја имам, и најблиска рода.
Но, кого по разум, по ум и по срце
го познаваш, дури не го видиш добро,
и дури ти закон нé му дадеш в раце?
Од искуство свое јас одамна разбрав:
најлошиот водач е оној кој нејќе
разумниот совет од вас да го прими
и стравот му пречи да каже што мисли.
А кој над татковината другари цени
– тој невреден човек го сметам за довек.
За сведок го земам севидниот Зевса:
не ќе гледам мирно над градов наш како
несреќата тешка надоаѓа срамно.
Ни душманот може да стане мој близок,
бидејќи нè штити нас градот наш роден.
Пловејќи, во ист смер со него на пат сме:
пријатели така ќе имаме многу.
Со оваа земја ќе владеам така

8
Антигона

и заповед таков јас издадов веќе


за двајцата мртви Едипови сина:
Етеокла, којшто со јуначко копје,
бранејќи го градов, за сите нас падна
– да биде со почст во гробница кладен,
со каква се дарат достојните долу.
А другиот – сега за Полиник збор е –
што стана со копје на родната земја,
од прогонство дојден да коле и жари
божествена земја, да пие крв братска,
сакајќи од сите да направи робје –
заповедам строго: да остане така
неоплакан, без гроб, незакопан, таму
за птиците грабеж ѝ храна за пците.
За секое око тој одвратен да е.
Пресудувам така! А лошите нека
од патот на чесните исчезнат веднаш!
Кој градов го сака – о, нему, на жив,
и нему на мртов – му правиме почит.
КОРИФЕЈОТ:
Ти решаваш, кралу, за душманот, како
што решаваш и за пријателот исто.
Да примениш можеш ти секаков закон
што важи за живи и важи за мртви.
КРЕОН:
Над мојава желба ќе бидете вие.
КОРИФЕЈОТ:
Помладите нека се прифатат за ова.
КРЕОН:
Од младите стои крај мртвиот стража.
КОРИФЕЈОТ:
Ќе имаш ли други ти заповед за нас?
КРЕОН:
Да чувате ред, да не намине некој...
КОРИФЕЈОТ:
Зар луд ќе се најде што смртта ја сака?

9
Антигона

КРЕОН:
Да, тоа е плата. Но кој надеж
за печелба тае и алчен ќе умре...
(Влегува стражар.)
СТРАЖАРОТ:
Јас нема да речам, о кралу мој, дека
од трчање збревтан во дворецов дојдов.
Размислував многу, идејќи по патот,
и често се вртев на враќање мислев,
а душава моја зборуваше многу:
„Што се брзаш, беден, кон својата казна?“
А потем: „Зар запре? Но ако од други
подразбере Креон?... Зар нема да страдаш?“
Си мислев и врвев со чекори тешки...
Се одолжи патот, а толку е краток!
На крајот се решив да извршам должност,
а самиот не знам што да речам тука!
Се надевам дека за вестиве мои
ќе страдам јас колку што пишано ми е!
КРЕОН:
Што те мачи тебе? Од што си ти скршен?
СТРАЖАРОТ:
За себе ќе речам: не направив ништо,
па ниту го знам јас виновникот сега.
А не ќе е право јас казнет да бидам!
КРЕОН:
Се браниш ти добро, по војнички, гледам.
Но, чувствувам дека зли вести ми носиш.
СТРАЖАРОТ:
Вест ужасна. Ете што в уплав ме фрла!
КРЕОН:
Та кажи... И слободно оди си тогаш!
СТРАЖАРОТ:
Ќе кажам... Пред малку од некаде некој
врз трупот сув пепел изнафрлил тајно
и погребот така го изврши веќе.

10
Антигона

КРЕОН:
Што зборуваш?... Кој ли се осмелил дрзник?!
СТРАЖАРОТ:
Јас не знам. А нигде ни секира клукна,
ни кукачка падна врз тврдата земја,
ни некаде трага од тркала колски,
ни видовме никој да ископа земја...
Виновникот за нас е непознат уште.
Штом денскиот стражар за ова ни кажа
– останавме сите скаменети таму.
Не, гроб тоа не е, но покриен тој е
со земјичка – колку од грев да го чува.
ни трага од ѕверка се гледаше, ниту
од куче што дошло од трупот да трга!
Ни некој го влечел, се гледаше јасно.
Започнавме тогај расправија тешка:
си кажавме еден на другите пцости
и веќе за малку не почнавме борба,
а немаше никој да застане пред нас.
И секој на секој префрлаше вина,
а „не знам“ ни беше одговорот тука,
За усвитен челик се фаќаме сите,
со клетви во Зевса и газиме оган:
– виновници не сме за она што стана!
Не го знае никој виновникот, којшто
го измислил или го извршил злото.
А кога на крај не постигнавме ништо,
од нашите еден се јави со предлог
што направи сите да спуштиме глава:
Се чудевме сите на тоа што кажа
да речеме вака ил онака ние!
А предлогот беше – да пратиме човек,
о кралу, до тебе, да не скрие ништо...
Послушавме сите: а жребот ми падна
тој среќник да бидам, да донесам вести.
Ни весел јас дојдов, ни ти, пак, ме сакаш:
Кој лош глас ти носи – тој не ти е мил.
КОРИФЕЈОТ:
Ах, одамна, кралу, ми зборува срце:
Се замешал прстот на небото тука!

11
Антигона

КРЕОН:
Ти замолкни, дури не ме фатил бесот!
Ил сакаш да бидеш и старец, и глупак!
Неподнослив ми е тој збор, кога велиш
боговите дека во грижа ќе паднат
да сохранат грешник ко заслужен човек!
А пристигнал оној да удри на оган
и дарови божји и храмови нивни,
и закони, потем и целата земја!
Боговите, мислиш зар чест ќе му сторат
на лошиот човек? Се разбира нема.
Но одамна, слушнав, во градов наш има
бунтовници што си шушкаат везден
и нејќат пред закон да наведнат глави,
тресејќи со нив, не трпејќи ме мене.
А добро знам: тие со дар и со пари
подмитиле некој од нашите луѓе,
да направат злосторство!... Полошо нешто
од пари јас не знам да има на светот:
уриваат моќно и градови цели,
и не еден домот го напуштил за нив,
благородни срца заведени стојат...
За честити луѓе-учителка лоша
кон ниските страсти ги води без поврат,
кон лукавство или безбожништво клето.
А оној што трупот за пари го покрил
– најжестока казна го чека, тој знае...
(На стражарот.)
Но, ако на Зевса му оддавам почит
– се колнам пред тебе, и запомни добро:
виновникот ако не се најде брзо
и со него ако не ве видам тука
– ни самата смрт не ќе ви биде доста!
Ќе висите живи, сè додека не го
покажете вие виновникот подол
и додека умот ви разбере каде
добивката лежи и каде е спасот,
и дека од пари и поважно има.
Ќе разбереш дека од користа срамна,
се страда, а среќата нигде ја нема!

12
Антигона

СТРАЖАРОТ:
Ќе дозволиш уште збор-два јас да речам?
КРЕОН:
Зар не гледаш дека и ова е грдо?
СТРАЖАРОТ:
Го дразнам јас слухот ил душата твоја?
КРЕОН:
Зар ти да ми чепкаш по моиве рани?
СТРАЖАРОТ:
Јас в уво те чепнав, виновникот в душа.
КРЕОН:
О, гледајте, луѓе, што дрдорко тој е!
СТРАЖАРОТ:
Но немам јас врска со грозното дело.
КРЕОН:
Ти душата своја за пари ја даде!
СТРАЖАРОТ:
Оф, леле!
Та страшно е кога се суди, а грешно!
КРЕОН:
Шегувај се само со судот! Но ако
виновникот не ми го кажете вие
– ќе разбереш како од митото лошо
во беда се паѓа...
(Излегува.)
СТРАЖАРОТ:
О, само да можам во траг да му влезам!
Но случајот тука свој збор ќе си каже,
а овој ни тилот мој не ќе го види.
Штом успеав жив да се измолкнам сега
– благодарност, небо, ти должам јас тебе!
(Заминува.)

ПРВ СТАЗИМ-I СТОЕЧКА ПЕСНА

13
Антигона

ХОР:
ПРВА СТРОФА
Природата со чудеса е полна,
но човекот над сите нив е кренат:
по сино море плови, а го следат
ветриштата непогодни и јужни,
а бранови го шибаат од сегде;
божицата, најголема од сите,
бесмртната и вечно плодна Земја,
со години ја оре и ја плоди
под тромоста на ѕевгарот и плугот.
ПРВА АНТИСТРОФА
И светот птичји вешто тој го лови,
го пленува во своите тенки мрежи;
ѕверовите што дивеат по шуми,
и животот што в морски далги трепка
– ги стега тој во примки и во алки,
тој, човекот со разум, којшто знае
да скротува и в синџир да ги врзе
слободните и диви горски ѕверки.
Врз коњска грива, што на ветар игра,
врз врат на бикот неуморен вечно,
тој еден ден го кладе оној јарем.
ВТОРА СТРОФА
А мисла има побрза од ветар.
Го создаде тој јазикот, и почна
градовите со закон да ги води.
Се заштитил од мраз и дожд со покрив;
Во иднина, кон која тој се стреми,
без помош не е, а и лек си има
за какви сакаш болести на веков:
неподготвен го наоѓа сал смртта!
ВТОРА АНТИСТРОФА
И делата на своите раце моќни,
богатството, спечалено низ трудот,
ги користи понекогаш за добро,
понекогаш – за зло! И, ете, пијан
од своето величие и занес,
ги меша тој законите на градот

14
Антигона

со правото, жртвувано на бога!


Да биде прогнат тој од градот роден
кој дрско мава врз правината!
На трпеза го нејќам! И за него
затворено да биде ова срце!

ВТОРА ЕПИЗОДИЈА
ХОРОТ:
Божествено чудо! Се прашам и сега
што да речам: дека Антигона не е,
а таа е, гледам!... О, несреќно дете,
о дете на Едип, несреќниот татко
Та белким не тебе те затекнал некој
и сега те водат за безумно дело!...
Зар кралскиот закон ти тоа го скрши?...
СТРАЖАРОТ:
Злосторникот, еве, го водам. Го најдов
крај трупот, на дело,! Но каде е кралот?
ХОРОТ:
Тој навреме, ене, се враќа од дома.
КРЕОН:
Но, што е? И, зошто јас „навреме“ идам?
СТРАЖАРОТ:
Смртниците, кралу, се колнат, а ете,
се фаќаат в лага со постапка друга.
Си реков јас дека не се враќам веќе,
испрепален сиот од твоите фалби,
а среќава силна, ненадејна толку,
ме натера клетва да скршам – и дојдов.
Девојкава, еве ја водам, што беше
затечена таму, крај гробот со цвеќе.
Јас не чекав ждрепка да фрламе повтор,
бидејќи е таа откритие мое.
Еве ти ја, кралу, па како си знаеш
ти суди ѝ нејзе, а слободен мене
по грознава беда отпушти ме еднаш.
КРЕОН:
А каде и како ти неа ја откри?

15
Антигона

СТРАЖАРОТ:
Го погреба трупот. Ти сега сè знаеш.
КРЕОН:
Ти сигурен ли си ил зборуваш лага?
СТРАЖАРОТ:
Ја видов: со пепел над мртвиот беше.
А забрана лична ти даде, ме разбра?
КРЕОН:
А како ја виде и како ја фати?
СТРАЖАРОТ:
Па, вака: штом ние се вративме назад,
од твоите фалби исплашени смртно,
од мртвиот правта ја сметовме веднаш
и гнилото тело го откривме повтор.
Па седнавме горе на ридот, на завет,
Миризбата тешка да не допре до нас.
Се пцуевме така меѓу себе ние
штом меѓу нас ќе се јавеше слобост
и седевме така сè додека кругот
на сонцето дојде на сред небо, над нас,
а врелина сегде над земјава легна
В миг луња се втурна и правови крена
та целото поле го покри и стемни,
испокина лисје од блиската шума.
Затворивме очи пред камшикот ужас
– догледавме како девојката плаче
ко жалосна птица над гнездото празно
што чрчори ситно без малите свои.
Штом погледа дека мртовецот гол е
– со најголема клетва ги проколна тие
што трупот на брат ѝ го откриле повтор.
Со своите раце пак нафрли пепел.
Од кована стомна – и цела од бакар –
дар истури троен: мед, видо и млеко.
Ја видовме. Тркум ја фативме таму:
ни трошка од уплав не покажа таа.
Ја прашавме ние за првиот престап,
а потем за овој. И двата ги призна.
Се радував, ама и жално ми падна.
16
Антигона

Од зло да се спасиш е убаво, нели,


но в беда за тоа да фрлиш, пак други!...
Но, што можам кога во природа ми е:
ги сакам јас сите, но повеќе себе.
КРЕОН: (Кон Антигона.)
Ти, глава што веднеш! Ќе признаеш дека
ти тоа го стори, ил виновна не си?
АНТИГОНА:
Јас не кријам: тоа го направив сама.
КРЕОН: (На стражарот.)
Ти оди кај сакаш! Да, слободен ти си.
(На Антигона.)
А ти ќе ми кажеш, но кратко и јасно:
забраната моја ја знаеше нели?
АНТИГОНА:
Се разбира, неа ја знаеја сите.
КРЕОН:
Ти имаше смелост да згазнеш на неа?
АНТИГОНА:
Заповедта грозно не ја даде Зевс,
ни Правдата, таа сожителка вечна
на подземни дуси, што закони други
на луѓето, горе, им дадоа еднаш.
Заповедта твоја не ја сметав силна
та смртен да може да крши глас божји
што вечен е, ако ненапишан нигде.
Не живее зборот на Зевса од денес
и не е од вчера, а вечен е, зашто
почетокот негов не го знае светов.
И затоа нејќев да наведнам глава
та гневот на бога врз мене да падне.
А дека ќе умрам – и без тебе знаев,
но барем ќе умрам благородно, сметам.
Кој живее вака, во јад и во болка,
на таквиот смртта му носи бар среќа.
И затоа нема над Судбата клета
да тагувам дека ќе умрам јас рано.
Но ако со еден безгрижен однос
17
Антигона

на мајка ми синиот непогребан биде


– би страдала многу... А, што ти се чини:
постапката моја му изгледа луда!
КОРИФЕЈОТ:
Лут карактер таков во ќудта се јави
на момата, која пред злото е горда.
КРЕОН:
Тврдоглава ќуд е на ударот прва,
бидејќи, ти знаеш, и најсилен челик
штом многу го калиш на оган, ќе видиш,
тој станува кршлив, се рони на парче.
Со малечка узда се скротува лесно
и најогнен коњ... Та, за гордноста збор е:
не му личи таа на оној што роб е!
Ја прекрши таа заповедта моја,
а уште им дава на страстите замав
и инает тера, се потсмева потем,
постапката луда за фалби ѝ служи.
Маж нема да бидам – маж таа ќе биде –
злосторството ако без казна ѝ пројде.
Да биде и ќерка на мојата сестра.
ил поблиска уште од најблиска рода,
– судбината иста ја чека: ќе умре,
ко смрт што ја чека и сестра ѝ мила,
соучесник нејзин во делото грозно!
Викнете ја веднаш! Во дворецот таа
го излева бесот и сè, видов, крши!
(Слугите излегуваат.)
Ништожните кога ќе наумат злочин
– ги предава духот... А мразам јас, кога
виновникот гордост ми продава, фатен
на престапно дело!...
АНТИГОНА:
Што повеќе сакаш од мојата смрт?
КРЕОН:
О, ништо! тоа постигнато сè е.
АНТИГОНА:
Па, зошто се умиш? Зборовите твои

18
Антигона

пат не нашле, велам, до срцево мое,


ни моите дошле до твоето срце.
Поголема слава зар можам да имам
од таа што брат ми го погребав чесно?
Постапката би ја одобриле сите
да не беше стравот што јазик им одзел.
Задоволства многу насилникот граби
и може што сака, и зборува сешто.
КРЕОН:
Сал ти од кадмејците тоа го гледаш!
АНТИГОНА:
И тие, но молчат во понизност тука.
КРЕОН:
Не се срамиш дека се двоиш од сите?
АНТИГОНА:
Ја чествувам крвта. Зар тоа е срамно?
КРЕОН:
А крвта на брат ти што загина славно?
АНТИГОНА:
Од истите мајка и татко и тој е.
КРЕОН:
Па, зошто му чиниш ти безбожна милост?
АНТИГОНА:
Не верувам така да потврди брат ми.
КРЕОН:
Го чествуваш оној, а газиш на честа...
АНТИГОНА:
Роб не беше оној што падна, а брат мој.
КРЕОН:
Но, едниот душман, а другиот – штит!
АНТИГОНА:
При Хадес за сите ред владее ист.
КРЕОН:
Во едно ги клаваш и честа, и злото?

19
Антигона

АНТИГОНА:
А така ли исто и долу си мислат?
КРЕОН:
Од срце го мрзам и мртвиот душман.
АНТИГОНА:
За омраза не, а за љубов се родив.
КРЕОН:
Во пеколот оди и љуби ги таму!
Зар жена над мојот да владее живот?
ХОРОТ:
Пред вратине онде Исмена се гледа;
од сестринска љубов во липање тоне.
Под веѓите – облак, а лицето лично
нагрдено ѝ е од поројни солзи
што лазат по личните образи нејни.
КРЕОН:
Ах, ти си, што личиш на отровна змија
и потајно мене ме касаше в срце
та не знаев дека сум хранел јас чуми
што престолот ми го загрозија кралски!
Ќе признаеш дека соучесник си ѝ
ил невина дека и ти, ќе кажеш?
ИСМЕНА:
Штом признава таа, јас нема да кријам:
соучесник бев, и од вината земам!
АНТИГОНА:
Не. Правдата нема да дозволи така!
Ти нејќеше, ниту те зедов со себе!
ИСМЕНА:
Судбината твоја е колку и моја,
па дел ми се паѓа од твојата мака.
АНТИГОНА:
Подземјето знае кој направи гроб.
Не го сакам оној што љуби на збор!

20
Антигона

ИСМЕНА:
Не сметај ме толку недостојна, сестро,
и дај ми да умрам за честа на брат ни.
АНТИГОНА:
Не со мене! Таму, кај твојата рака
не допрела – немој да посегаш. А, пак,
доста му е нему и мојата смрт.
ИСМЕНА:
Што живот ќе имам јас без тебе после?
АНТИГОНА:
Ти прашај го Креон, го слушаше него.
ИСМЕНА:
Ме мачиш, а полза од тоа ги немаш.
АНТИГОНА:
Се потсмевам, точно. Но страдам за тоа!
ИСМЕНА:
Не, кажи со што да ти помогнам сега!
АНТИГОНА:
Ти спаси се. Не ти завидувам ништо.
ИСМЕНА:
Ах судбина како да делиме двете!
АНТИГОНА:
Ти посака живот, јас смртта ја одбрав.
ИСМЕНА:
Ти добро ја знаеш причината – зошто.
АНТИГОНА:
На небото мене, на земјата тебе
те фалат.
ИСМЕНА:
Виновноста ни е, пак иста.
АНТИГОНА:
Успокој се! Гледаш, ти живееш уште,
а духот мој служи на мртвите долу.

21
Антигона

КРЕОН:
Девојкиве, чинам и двете се луди:
Исмена од часов, а другата таква
се родила...
ИСМЕНА:
Веруј, господару, дека
во несреќи лесно се менува умот.
КРЕОН:
Да, кај тебе, кога за лошо со лоши
се дружиш...
ИСМЕНА:
Зар без неа живот ќе имам?
КРЕОН:
Ти за неа молчи! За сите е мртва.
ИСМЕНА:
На сина ти таа свршеница му е:
и ти би ја убил?
КРЕОН:
За орање има
насекаде ниви.
ИСМЕНА:
Но никаде љубов,
ко меѓу нив нема...
КРЕОН:
Јас не сакам лоша
тој жена да земе.
ИСМЕНА:
О, Хемоне, како те скрнават овде!
КРЕОН:
До носот му дојде со бракот на син ми!
ИСМЕНА:
На син ти му кроиш ти разделба таква?
КРЕОН:
На нивната свадба се противи Хадес.

22
Антигона

ИСМЕНА:
О, за неа, гледам, спасувачка нема!
КРЕОН:
И двајцата ние го гледаме тоа.
Но, доста! Еј, слуги, водете ги внатре!
Слободата им е одземена ним, –
бидејќи за бегство и храбрите знаат
штом смртта ќе дојде пред нивните очи.
(Антигона и Исмена ги изведуваат.)

ВТОР СТАЗИМ – ВТОРА СТОЕЧКА ПЕСНА


ХОР:
ПРВА СТРОФА
О, среќен е оној што невкусил зло!
На тој што боговите куќа му тресат
– не се спасил тој од неволите, кои
и родот го следат до последна гранка,
во мрачното море, до дното, со бранот
ко тракиски ветер што јурнува лош
носејќи до горе песочишта црни,
а карпите јачат под ударот нивни.
ПРВА АНТИСТРОФА
Страдањата стари, со секое колено ново,
во домот на оние. Лабдакови уште
од векови сè се натрупува уште и уште.
А, еве ги, некаков бог ќе ги разгроми така
што спас ќе им нема. А гранката последна нивна
што блескаше чисто на таа Едипова лоза
боговите адски ја земаат: крвава прав
да фрлат врз неа за безумни мисли и збор.
ВТОРА СТРОФА
Но, моќта, о Зевсе, кој би можел да ти ја скрши
од луѓево горди? Ни сонот што кутиња сè,
ни пак неуморните месеци божји ќе можат!
Ко владетел в бесмртна младост ти владееш горе
на снежниот Олимп што тоне во блескоти силни.
Па отсега натаму, како и порано овде,

23
Антигона

ќе владее законот твој: не ќе се најде смртник


да живее надвор од бедите земски...
ВТОРА АНТИСТРОФА
Блудницата голема, Надежта, некому така,
му помага, додека некого само го мами
со празните желби, а не знае што има в нозе,
сè додека нозете не си ги изгори в оган!
А мудрец ги рекол исконскиве зборови славни:
Штом бог ќе го фрли во неволја човека, тој
не го смета тоа зло, ами добрина гледа,
а доброто кратко е, злото останува до крај!

ТРЕТА ЕПИЗОДИЈА
(Доаѓа Хемон.)
ХОРОТ:
Се ближи Хемон, твојот најмлад син.
Го води него оној тежок бол
за судбата на момата, или пак,
го жалости што бракот не се збидна.
КРЕОН:
За миг, и јасно ќе ни биде сè.
Од пророк уште појасно ќе видиш...
(На Хемон.)
Та белким не си на мене ти лут
о, синко, дека разбра каков дел
Антигона од мене доби дар?
Ил мил сум ти па макар што да сторам?
ХЕМОН:
О, татко! Твој сум. Ти со добри мисли
ме водиш мене. Ќе те слушам јас.
Што пред тебе е еден ваков брак
штом чесно син ти ти на пат го водиш?
КРЕОН:
И треба да имаш, мој премили синко,
најголема почит пред таткова волја.
Зар небото човек не го моли така
да растат во домот сè послушни деца
што душману злото со зло ќе го вратат,

24
Антигона

на другар – ко татко им – чест ќе му сторат?


Што да речам: оној кој раѓа лош пород
– си создава мака и служи за потсмев
на душманот проклет, и затоа нека
не те дели, синко, од разумот жена
со љубовна сладост! А добро да знаеш:
прегратката змиска во домот те чека
со онаа жена! А пострашно што е
под ист покрив да си со пријател лажен?
Отфрлија таа што недругар ти е,
што свршеник таму, во адот ќе најде!
Ја затекнав како единствено таа
заповедта моја ја прекрши денес.
Јас лажливец нејќам пред градов да бидам
и затоа таа ќе умре, а залуд
ќе вика по Зевса, тој чувар на крвта
и родството крвно! Но, ако го трпам
непослушен родот – и другите морам!
Тој строг што е дома, кај народот исто
за справедлив важи!... За оној со сила
по закон што гази и сака да има
над владеач моќ –
тој од мене фалби не ќе чуе овде!
Но, онега градот што беше го одбрал,
послушај го, ако понекогаш греши
во мало, во големо, в неправда, правда!
Тој – послушен исто – јас верувам дека
ќе владее мудро: на бојното поле
на чело ќе биде –
соучесник верен во стројот на смртта!
Најголемо зло непослушноста ти е,
што урива куќи, и градови тресе,
на бојното поле во паника тера.
А каде што знаат за послушност – таму
покорноста глава ќе спаси не една.
Почитај ја строго заповедта света
и не давај жена да владее над нас!
Штом треба да паднеш – ти падни од мажи,
да не речат дека нè покори жена!

25
Антигона

КОРИФЕЈОТ:
Јас слушам, и ако не ме лаже духот
на староста моја – ти зборуваш мудро!
ХЕМОН:
Боговите, татко, ни дале нам разум,
дар најголем меѓу даровите божји.
Зар можам да речам јас дека со ова,
што сега го рече, ти изрече лаги?
Но има и други што разумно мислат.
Јас полесно можам да разберам сегде
што за тебе велат и како те мислат.
А народот, знаеш, се плаши да каже
и зборче за она што нејќеш да чуеш.
Јас непознат одам, насекаде слушам:
девојката сите ја жалат сега,
бидејќи е таа најневина жена
што умира срамно за чистото дело.
Зар не треба почит да имаме златна
штом брата си којшто во борбата падна,
не го пушти таа непогребен срамно,
на пци и на птици да не биде плен?
Народецот вака си шепоти тајно.
А за мене, татко, порадосно нема
од тоа да бидеш со народот среќен.
За децата гордост е таткото славен,
за таткото гордост се децата добри.
И не мисли дека најразумен ти си,
а разбери: има и други што мислат.
Кој верува само во разумот сопствен
и дека над сите по срце тој стои
– се открива како штуротија една.
А мудриот човек што цел живот учи,
не се срами ништо во скромноста своја.
Штом порои, зиме, ќе надојдат бујно,
витливото дрво отстојува само,
а дабот од корен во матната паѓа.
и бродар што навреме едра ќе спушти
– па и ако бродот е навален малку –
не ќе даде лесно да потонат в море.
Ти попушти сега! Заповедта своја

26
Антигона

повлечи ја. Чуј ме: И ако сум помлад,


јас научив дека се чествува оној
кој умен и полн е со знаења многу.
А не ли е така (се случува ретко)
– и мудрост од други да чуеш е добро.
КОРИФЕЈОТ: (На Креон.)
Послушај го ако во право е, кралу!
(На Хемон.)
Ти татка си чуј го, тој исто е мудар!
КРЕОН:
Зар ние, што веќе во зрела сме доба,
да учиме ука од незрели деца?
ХЕМОН:
Јас не реков лошо, а вистина, млад сум.
Не возрасти, туку на делото гледај!
КРЕОН:
Но делото токму непослушност беше!
ХЕМОН:
За лошите и јас не би сакал почит.
КРЕОН:
А токму од таква се фатила болест.
ХЕМОН:
Но не мисли исто тиванскиот народ.
КРЕОН:
Зар народот ќе ми заповеда мене?
ХЕМОН:
Зар не гледаш дека ти зборуваш детски?
КРЕОН:
Јас владеам тука по сопствена волја!
ХЕМОН:
Зар градов на еден му припаѓа сега?
КРЕОН:
Кој владее тука, зар господар не е?

27
Антигона

ХЕМОН:
Над пустина ама би кралувал красно!
КРЕОН:
Сè јасно е сега: за жена се бори!
ХЕМОН:
Зар жената ти си? Јас на тебе мислам.
КРЕОН:
О, гаду! За правда зар мене ми судиш?
ХЕМОН:
Ти правдата, татко ја погази веќе!
КРЕОН:
Несправедлив јас сум што власта ја чувам!
ХЕМОН:
Со тоа ја газиш на небото честа.
КРЕОН:
О, срамови гадни! На жена тој роб е!
ХЕМОН:
Но не виде да сум на нискости роб!
КРЕОН:
Зар за неа сега ти само се бориш?
ХЕМОН:
За бозите хадски, и за тебе, себе...
КРЕОН:
Но, дури е жива, не ќе биде твоја!
ХЕМОН:
Јас верувам дека не ќе умре сама.
КРЕОН:
Кај дрзок си тука и уште фалиш!
ХЕМОН:
Што фалба е прекор на празната мисла?
КРЕОН:
Зар лудиот да ме прекорува мене?

28
Антигона

ХЕМОН:
Да немав јас почит – би рекол: се штукнал!
КРЕОН:
Ја нејќам јас честа на робот од жена!
ХЕМОН:
Да зборуваш сакаш, а нејќеш да слушаш!
КРЕОН:
Зар така? Се колнам во целиот Олимп
– за среќа не ќе биде дрскоста твоја!
(Кон слугите.)
Внесете ја тука омразната жена:
свршеникот нека ја види да умре!
ХЕМОН:
Зар пред мене, велиш?...
Не лажи се пред мене дека ќе умре!
А не ќе ме видиш ни мене уште, еднаш.
Безумствувај тука, пред луѓево твои,
во покорност слепи!...
(Излегува.)
КОРИФЕЈОТ:
Си отиде, кралу, тој гневен, со болка,
а болката зло е во младата душа.
КРЕОН:
Па макар да стори невозможно нешто
– тој момите не ќе ги спаси со тоа.
КОРИФЕЈОТ:
Зар обете ти ќе ги погубиш сега?
КРЕОН:
Не, прав си. Не таа што не стори ништо.
КОРИФЕЈОТ:
А другата мома од што смрт ќе умре?
КРЕОН:
Во пустина нека ја одведат жива
и нека ја скријат во камена карпа.
За храна – сал толку, да не падне гревот

29
Антигона

на градот, да речат – ја уби со глад!


Па нека го моли пеколниот бог
– на кого му има единствено почит –
тој спас да ѝ даде. Па така и таа
ќе разбере дека е јалова честа
кон оние кои во пекол се скриле!
(Излегува.)

ТРЕТ СТАЗИМ – ТРЕТА СТОЕЧКА ПЕСНА


ХОР:
СТРОФА
О, Ерос, непобедлив Ерос!
Ти, што се фалиш врз своите робје!
Ти, што врз нежните лица на момите почивка бараш,
по мориња талкаш и влегуваш в куќичка селска!
Од тебе никој не избегал уште:
ни еден бесмртен, ни еден смртник маловечен!
Тој што го рануваш – умот го губи!
АНТИСТРОФА
Ти срцето справедливо
во зло го влечеш уште,
и кавгава ја почна ти
на луѓе крвно блиски.
Со копнежот што блеска в очи
невестата победува:
тој копнеж рамен е на закон
што владее со светот, голем.
Божицата ни Афродита
си игра непобедлива
со таква игра...

ЧЕТВРТА ЕПИЗОДИЈА
КОРИФЕЈОТ:
Кралскиот закон го прегазив и јас
кога занесено ова го гледам.
Солзиве поројни кој да ги запре
кога Антигона, гледам, се ближи
таму, во дворецот мрачен за довек!

30
Антигона

ТАЖАЛЕНКА
ПРВА СТРОФА
АНТИГОНА:
О, граѓани на мојов град – гледајте ме!
Го почнувам последното патување
и моево го гледам сонце последно.
И мене жива Хадес ме одвлекува
на Ахерон, без сватови и свирки
и без да слушам песни хименејски.
Во Ахерон ложницата е моја...
КОРИФЕЈОТ:
О, фалена, прославена во смелост!
Ти слегуваш долу в мртовечка земја,
несвената в младост од болест што гризе,
без телото да ти го усмртил меч,
а слободна, по волја,
единствено ти жива
во адот ќе слезеш....
АНТИСТРОФА
АНТИГОНА:
Некогаш, меѓу сипилските карпи,
чув како тажно загинала таа,
Ниоба, кога почувствував како
камен ја прегрнал, небарем бршлан.
Сè уште дожд ја растопува, велат.
Никогаш снег не ја оставил неа.
Вратот го плакнат плачевните очи...
И мене денеска, како и неа,
спокојство вечно ми приготви бог.
КОРИФЕЈОТ:
Ниоба божица беше, од богови родена.
Ти си создание смртно, од смртни создадена.
Славата голема тебе ти припаѓа, зашто си
страдалник, којшто заеднички
мртов и жив со боговите кобта ја делиш...
АНТИГОНА:
О, богови таткови богови!
Зошто се потсмеваш така со макиве мои?

31
Антигона

Мртва јас не сум, а жива сум... Тивко, мој граде,


народе, во него, честит,
диркејски изворе ти,
шумо-ле млада самотна смрт,
зошто и недолжна, неоплакана поаѓам
в зандани гробни, во темница студена! Клета-ле!
Ниту со мртвите, ниту со живите заедно,
ниту со луѓето, ниту со смртта...
КОРИФЕЈОТ:
До најкрајна смелост се издигна, дете-ле мое,
до тронот на правдата онолку висок; но падна
и пред него, како во бездна се урна ти болно!
за гревот на таткоти тие те казнија тебе...
АНТИГОНА:
Се допре и така до старата рана
– судбината клета на татко ми грешен!
О, проклета постело мајчина, каде
го галеше љубовно своето сопствено чедо,
несреќниот татко мој, за да се родам
и јас, најнесреќната!... Еве ме кај нив,
немажена, проклета поаѓам. Брате,
ти злосреќна жена за себе си нашол,
а мртов ти мене ме погуби жива!
КОРИФЕЈОТ:
Кон мртвите почитта свештен е долг,
по власта на кралот не гибај ја, зашто
не се смее тоа!... А тебе, се знае,
те губи твојата сопствена волја.
АНТИГОНА:
Бессолзна, безбрачна, без другар, клета,
веќе ме водат на последен пат.
Не ќе го видам јас, грешната, лачот,
лачот на сонцето! Додека никој
близок не ќе жали по мене, бедна!
(Влегува Креон.)
Би престанал ли човек некогаш да плаче,
со плач, да знае, дека смртта ќе ја смили?
Водете ја од тука! И во мракот гробен,
затворена да биде, како јас што реков!
32
Антигона

Напуштена од сите – нека умре таа,


ил жива в студен камен нека гние долго!
За совест ли ќе зборат? – Таа ни е чиста.
Ѝ нема место нејзе меѓу нас на светов.
АНТИГОНА:
Еве те, гробу! Ах, еве го брачното легло,
подземно жилиште, вечен мој чувару буден!
Кај тебе доаѓам, кај што саканите мои
веќе ги прибра Ферсефаса... Последна од вас,
најбедна од вас, о јас ќе ве стасам по малку,
без да го испробам делот на животот свој!
Само што, негувам надежи дека ќе бидам
примена нежно од милиот татко, од тебе,
сакана мајко, и од тебе образу братски!
Моиве раце вас мртви ве измија тогаш
и ве испратија таму со жртва и солзи.
Сега, пак, Полиник брате, јас награда примам
што сум закопала брата...
Тебе, со право, пред умните почит ти сторив.
Кога би имала деца ил мажот ми кога
мртов би гинел – јас никогаш народна волја
не би прегазила. Овие зборови мои
против кој закон ги усмерив денеска тука?
Мртвиот сопруг со друг се заменува лесно;
и друго дете ќе може со друг да се роди;
само што мртви се моите родители кутри,
така што брат не ќе ми родат никогаш веќе.
Затоа тебе ти оддадов почит, брате.
Тоа за Креона грев е и ужасна дрскост.
Така ме грабна. Невенчана, останав сама,
без да ги чујам сватовските песни, без љубов,
ниту ќе подојам на гради сакано дете...
Жива, од роднини така напуштена, кутра,
еве, ќе слезам при мртвите сосема сама;
ама на знакот боженствен не загинав уште.
Зошто кон небото погледот пак да го кревам,
кои ли богови јас да ги молам штом, еве,
како за чесноста награда срамна јас добив!
Ако е тоа правината божја, о тогаш
грешките ќе си ги признам јас сама во гробот.

33
Антигона

Ако ли моиве убијци овојпат грешат –


не им пожелувам полошо зло да ги снајде
од мене, што ми го сторија тие во часов.
ХОРОТ:
Сè уште виори исти непрестајно кружат,
духот, нејзината свест ѝ ги обземаат тие,
КРЕОН:
Затоа може и стражата солзи да пушти
ако и натаму чекорот вака го влече!
АНТИГОНА:
Тешко-ле мене! Зборовите негови ледни
јасно ми велат за блиската смрт што ме чека!
КРЕОН:
Утеха за тебе немам: ти надежи немај
дека не ќе стане онака, како што реков!
АНТИГОНА:
Тиванска земјо, татковино убава моја!
Богови моќни на моите јуначки предци!
Сега ме водат, а немоќна јас им се давам.
Гледајте вие, о првенци мудри на градов,
како последната гранка од родот на Едип
страда и пати, а уште од кого, и зошто!
Затоа, зашто го исполнив долгот кон брат ми!
(Ја водат.)

ЧЕТВРТИ СТАЗИМ – ЧЕТВРТА СТОЕЧКА ПЕСНА


ХОР:
ПРВА СТРОФА
Така на самата лична Данаја ѝ беше
грабнат небесниот лач, кога таа
в зандана појде во окови лути.
Во гробот, како во постела мека го понесе таа
плодот од злато под срцето, синот на Зевса.
Страшна е таа, Судбината секогаш моќна:
ниту богатството, ниту, пак моќниот Арес,
ниту тврдните ни, пак, корабите шумни
не ќе ја избегнат неа...

34
Антигона

ПРВА АНТИСТРОФА
Така и синот на Дријант, едонскиот крал,
оној што лесно го фаќаше гневот, – од Бахус
затворен беше во зандани темни, бидејќи
имаше ќуд да се подсмева ама на сешто.
Така му помина грдниот оган на гневот,
разбра во моментот дека го навредил богот
кога во изблик на бесот тој хулел со збор.
Посакал занесот горд на Менадите да го
задуши, факлите да им ги изгасне живи,
свиркољубивите да ги раздразнува музи!...
ВТОРА СТРОФА
Крај темните карпи од обете страни,
на местото каде што Босфор е, кај што
тракиското градче Салмидес е сега,
– со свои очи Арес две дечиња видел
во длабока бездна од жена исфрлени
што пред тоа беше ги избола грозно
со врвот од совалка остра очињата,
та викаат тие за одмазда жедни...
Посинците, чеда на Финеја, така
ги ослепе в јарост маќеата дива...
ВТОРА АНТИСТРОФА
И плачеа в немоќ над својата беда
несреќните деца, што родени беа
во бракот на мајка им, несреќен толку,
Од древниот род ерехтејски е таа,
на децата мајка им. В далечен крај,
во оние незнајни пештери глуви,
по стрмните карпи одгледана била,
растејќи сред бурите таткови диви,
на Бореја ќерката, чедо самовилско.
Но и неа трите наречници клети,
долговечни, исто ја згромија, бедна.
(Влегува Тирезиј, воден од дете.)
ТИРЕЗИЈ:
О, првенци на градов Тива; јас и ова дете
пристигнавме со очите на едниот, а само
со водач може слепиот на пат да тргне така.
35
Антигона

КРЕОН:
А каков глас ни носи нам премудриот Тирезиј?
ТИРЕЗИЈ:
Ќе кажам сè што знам, а ти послушај ме и сега!
КРЕОН:
И досега го чувствував јас твојот совет мудар.
ТИРЕЗИЈ:
Па затоа со градот свој владеше ти добро.
КРЕОН:
Јас признавам: ми беше често твојот збор од полза.
ТИРЕЗИЈ:
А среќата ја држи денес само тенка нишка.
КРЕОН:
Што се случи? од твојот збор затреперив јас сега.
ТИРЕЗИЈ:
Симболиве ти чуј ги мои, тие ќе ти кажат:
На престолот гадателски си седев, кај што птици
слетуваат од дамнина и летот им го гледам.
Одненадеш јас слушнав глас, но непознат до денес,
а беше тоа гракање во бесна, лута борба:
се крвеа, се кубеа и пиштеа до болка,
и шумеа со крилјата... И тогаш сфатив добро;
ме фати мене еден страв и веднаш, оној момент
на жртвеник да кладам жртва решив, ама тогаш
пламењето не сакаа и жртвата да пламне:
се растопи, се разлеа врз сета пепел маста,
чврчејќи и цедејќи се, кревајќи чад и мирис,
Се распрска и жолчката, и сиот лој се стопи:
останаа оголени врз жарта бели коски.
Го разбрав сево ова јас од детево, а знаеш
момченцево е водач мој, а јас пак, водач ваш сум.
Ти градов го уништуваш со заповед, со која
жртвеникот и секој дом обесчестен е веќе,
бидејќи Полиник е сам и оставен на пците,
на птиците, што пленот мртов одамна го демнат.
Не ги прима од жртвеник ни богот тие жртви,
ни гласот на молитвата би сакал да го чуе.

36
Антигона

И ниту еден птичји пискот не слути на добро,


штом птицата се најала од месата на мртов.
Ти реков јас, о синко мој, ти внимавај по ова:
не постои на светов човек што да нема гревови,
но ако некој стори грев и сфати дека грев е,
примајќи добар совет, тогаш – не е толку страшно,
Во несреќа се бара лекот што од злото цери.
Ти тврдоглав си, морам да те осудам за тоа,
и затоа ти давам совет: не скрнави го
ти оној труп! Зар јунаштво е – мртов уште еднаш
да убиеш? Ти слушна што мислам и зборов мој
за добро прими го, бидејќи најмудро од сè е
да чуе човек мудар совет...
КРЕОН:
Ме гаѓаат мене пророците, старче,
ко стрелците кои ја нишанат целта.
Вештината ли ме искушува ваша?
Ме предаде веќе, ме продаде веќе
пророшкиот сталеж, ко стока за пазар!
По волја ли ви е – во Сард ќе ве пратам,
во Индија, таму, по килибар, злато:
но гробнина нема за оној да има!
Зевсовите орли да сакаат, него
крај престолот Зевсов да г’ одвлечат сега,
– и тој грев го примам, но нема да дадам
јас согласност своја за погребот негов!
Зар човек на бога со кал да се фрла?
Но, знаеш мој старче, и најсилен смртник
пропаднува срамно штом злото го брани,
а подмамен уште од интерес личен!
ТИРЕЗИЈ:
За жал,
зар луѓето знаат, свесни се тие...
КРЕОН:
За што?... Што ни зборуваш овде за сите?
ТИРЕЗИЈ:
... Што поскапо човек од разумот има?

37
Антигона

КРЕОН:
Што полошо има од заматен разум?
ТИРЕЗИЈ:
Боледуваш, чинам, од истата болест.
КРЕОН:
Јас навреда немам за пророкот наш!
ТИРЕЗИЈ:
Но, тврдеше дека прорекувам лаги!
КРЕОН:
Пронајди ми пророк не лаком за пари!
ТИРЕЗИЈ:
И крал што не ќе сака добивка срамна.
КРЕОН:
Ти знаеш ли: тоа пред кралот го велиш!
ТИРЕЗИЈ:
Да. Помниш ли дека ти претскажав кралство?
КРЕОН:
Ти мошне си мудар, но неправди сакаш.
ТИРЕЗИЈ:
Ќе сториш да кажам што тајна е моја!
КРЕОН:
Па, речи! Но дали на награда мислиш?
ТИРЕЗИЈ:
Зборовите мои за твое се добро.
КРЕОН:
Но срцево не се поткопува мое.
ТИРЕЗИЈ:
Ти запомни добро: ни сонцето нема
под небото многу да направи кругови,
а еден од родот на твоите ќе умре
за возврат на оној што од тебе умре.
Во гробница ладна суштеството живо
од овој свет, долу го заѕида срамно,
а не даваш сега за мртвиот обред,

38
Антигона

го лишуваш него од погреб и покој.


Ти насилство чиниш. На ова ни ти,
па ниту бесмртните имаат право!
Боговите вишни се гнасат од тоа,
па затоа тие и темниот пекол,
ќе испратат толпа-одмазници лути,
Еринии кои коб иста ти готват.
А дали за сребро јас ова го велам?
Ќе дојде ден мрачен во дворецов, кога
и старо и мало ќе прокука, а пак
градовите ближни на градов ќе станат
и душмани многу крај ѕидот ќе паднат,
раскинати мртви од птици и ѕверки,
и миризба тешка ширејќи над олтар.
Јас навреден, гневен, ко стрелец ги фрлив
ужасните стрели кон срцето твое:
од отровот нивни ти не ќе се спасиш.
(На момчето.)
Одведи ме, момче, во мојот дом беден.
Над помлади нека го истура јадот.
Ќе научи, белким да заврзе јазик
и подобар разум да има од овој!
(Тирезиј излегува со момчето.)
КОРИФЕЈОТ:
Тој отиде, кралу, и прорече ужас!
А знаеме дека, од како со бели
јас црните коси ги заменив – не чув
да изрече лага тој старец за градов!
КРЕОН:
Ти затоа и јас во срцево трпнам.
Да попуштам – лошо; да издржам – чинам
проклетство в душа ме чека и мене.
КОРИФЕЈОТ:
О, Креоне, час е да постапиш умно.
КРЕОН:
Што да сторам, речи? Јас тебе те слушам.

39
Антигона

КОРИФЕЈОТ:
Одѕидај ја веднаш девојката кутра,
а гробот на брат ѝ направи го веднаш!
КРЕОН:
Ти совет ми даваш да попуштам, нели?
КОРИФЕЈОТ:
Што побргу, кралу. Брзоноги толпи
– Еринии страшни незапирливо идат,
што одот ги праќа по грешната душа.
КРЕОН:
Пред тој што е појак јас попуштам сега
и согласност давам... А тешко е тоа!
КОРИФЕЈОТ:
Ти постапи така и не мешај други!
КРЕОН:
И веднаш! Еј, момци! Побрзајте сите!
Копачите в рака земете ги сега
и брзо кон ридот, на истото место!
Заповедта моја ја изменив сега
и сè што сум врзал ќе одврзам сам.
Се плашам, ќе мора кон светиот закон
да имаме почит до последен здив.
(Излегува заедно со слугите.)

ПЕТТИ СТАЗИМ – ПЕТТА СТОЕЧКА ПЕСНА


ХОР:
ПРВА СТРОФА
О, боже, многуимен, илјадарадосен боже!
Ти, чедо на ќерката Кадмова чија си гордост
и сину на Зевса громовникот! Ти, којшто стоиш
на стража во славната земја Италија
и владееш таму во катот на Деметра,
во Елевзин! Бахусе, којшто во Тива,
во родниот град на вакханките, живееш
и каде што течат на Исмен брановите
во полето коешто некогаш беше
наречено з м е ј с к о...

40
Антигона

ПРВА АНТИСТРОФА
Ми те виде светол пламен
од двеглава карпа силна
кај што момите од Корикс
на Касталски извор одат,
И планините низејски,
накитени сè со бршлан,
и ридјето полни лозја
со „евоé“ – вечен кликот –
те праќаат тебе долу
да ја посетиш ти Тива
со придружнички и смеа.
ВТОРА СТРОФА
Повеќе од сите места
ти ја сакаш Тива наша,
како мајка ти, што беше
грмната од ровја силна.
Сега, кога сиов град наш
и народот, зло го снајде
– Боже, скокни спасоносно
од врвовите на Парнас
или преку шумно море!
ВТОРА АНТИСТРОФА
Леле, боже-ороводец
на ѕвездите плам што дишат,
цар на ноќни вик и песни,
роден сине Зевсов! Дојди
од островот твој, од Накс,
придружен од свита своја,
Тијадите, што го слават
Бахус, својот господар
саноќа, играјќи бучно!
(Доаѓа гласникот.)

ЕКСОД
ГЛАСНИКОТ:
О, соседи на Амфион и Кадмо!
Ни пофалба, ни прекор – какви да се –
не ќе има за овој проклет живот.

41
Антигона

Судбината ги крева и ги фрла


и среќните, и тие што се в беда.
Кој пророк би ја знаел кобта наша?
Јас чинев дека Креон среќен беше.
Судбината на кралот му се падна –
од душман градот кога ни го спаси,
ја зеде власта, господар тој стана.
Во домот среќен добри деца имал.
А сега – сам е, сè му исчезна.
Без радост живот – тоа не е живот
– бар така мислам. Жив – а мртов тој е.
Па ако сака нека биде богат,
и блесок кралски нека има дома.
Но таков сјај што не знае за радост
– поништожен од сенката на чад е!
КОРИФЕЈОТ:
Зар повтор зло го чека родот кралски?
ГЛАСНИКОТ:
Загинаа, а живите се криви.
КОРИФЕЈОТ:
Но, кој е мртов? Кој е крив за смртта?
ГЛАСНИКОТ:
Од своја рака Хемон мртов падна.
КОРИФЕЈОТ:
Од која рака: таткова ил своја?
ГЛАСНИКОТ:
Од своја рака, лут на својот татко.
КОРИФЕЈОТ:
О, пророку! Се збидна сè што рече!
ГЛАСНИКОТ:
Ви кажав сè. Помислете за сево.
(Од дворецот излегува Евридика со Придружбата.)
КОРИФЕЈОТ:
Жената му на Креон, Евридика,
излегува од дома. Дали чула
за сина си ил случајно е тука?
42
Антигона

ЕВРИДИКА:
О, граѓани! Јас тргнав да се молам,
да клекнам пред божицата Палада.
Но зборот ваш го слушнав јас на прагот.
И штотуку за вратата се фатив
– за кобта чув, што нас нè стаса клето.
Од страв се стреснав. Папсав. Паднав, кутра,
во несвест, в раце на слугинките.
Повторете: за каква вест е збор,
да чујам јас! Сум свикнала на лошо!
ГЛАСНИКОТ:
Јас сведок бев, о кралице, на тоа.
Ќе кажам сè што вистина е цела.
Со добар збор, о нема да те лажам.
Да бидам фатен, пак, во лага, нејќам.
Јас кралот наш, а мажот твој, го водев
кон ридот горе, кај што беше трупот
на Полиник, изнагрден од пците
Ја молевме божицата на патот
и богот Плутон – да им мине гневот.
Го измивме со света вода трупот,
го спаливме на кревки млади гранки
и висок гроб од родна земја тогаш
направивме. Па тргнавме кон гробот
во кој што, среде камен, Антигона
без обреди, без жртва жива тлее.
Но некој од нас негде плач зар слушна
и побрза на кралот да му јави.
Се приближи, го слушна плачот Креон,
и писна, почна таговно да реди:
„Ој, несреќен! Претчувствувам јас лошо,
и мислам дека сега газам, клетник,
по патот мој, најнесреќен до денес.
Од син ми гласот тоа јас го слушнав!
Побрзајте до гробот, момци вие,
и каменот тргнете го од влезот,
низ отворот погледајте, дал гласот
на Хемон е ил бог ме мами тоа!“
Избезумен му беше нему зборот.
Послушавме – и видовме: во гробот

43
Антигона

Антигона, со јамка на врат, виси


а јажето го исплела од превез!
А Хемон, клекнат, преку крст ја држи
и плаче над девојката, над бракот,
над делото на својот татко суров.
Штом таткото го виде синот сакан
– се приближи и тогаш крикна во очај:
„Несреќнику, та што правиш ти тоа?
Кој ти зел ум? Те заплетка ли страста?
Во сè те колнам: излези, мој сине!“
Го гледа диво Хемон својот татко
и фрла презир, ниту збор да рече.
Го тргна мечот двеостра, се втурна:
не погоди, со бог се спаси Креон.
Несреќникот се разгневи на себе
– во своите гради мечот лут го ’ргна.
Но уште свесен, момата ја гушна,
гледајќи ја, со својата рака бледна.
И за ’рка, а крвта му од градта
ја испрска девојката по образ.
Крај неа мртва мртов и тој лежи.
Под земјата ги чека денот брачен.
И синот род на луѓето ќе знае
по ова дека најлошо од сè е
постапката неразумна и брза.
(Евридика излегува.)
КОРИФЕЈОТ:
Ти што мислиш? Таа си отиде чудно?
ни убав ни лош збор не ни рече веќе!
ГЛАСНИКОТ:
Ме збуни и мене. Но верувам дека
штом слушна за злото што син ѝ го снајде,
не ќе смета дека е достојно светот
да слуша; ќе тагува дома, од верни
окружена слугинки. Знаеме колку
е разумна таа и нема да згреши.
КОРИФЕЈОТ:
Јас не знам, но мислам – на лошо ми коби
молчењето, кое е исто ко крикот!
44
Антигона

ГЛАСНИКОТ:
Ќе видеме дали ѝ постана духот
та јадови нови се таат во срце.
Во дворецот одам... Ти убаво мислиш:
молчењето може да донесе зло.
(Излегува.)
КОРИФЕЈОТ:
Пристигнува веќе и кралот наш лично.
На рацете знакот на вината му е.
Дал смеам да речам: друг виновен не е!
Неговата душа го стори тој грев.
(Доаѓа Креон, држејќи го на раце Хемона.)

КОМОС – ЗАЕДНИЧКА ТАЖАЛЕНКА


ПРВА СТРОФА
КРЕОН:
Греву на заблуден разум!
Гледајте, луѓе: иста се крв
жртвата како виновникот,
Судбината грда што беше
од мене решена! Синко,
синко-ле мил што млад
загина! Тешко ми е мене!
Не си ти виновно дете:
лудоста моја е крива за сè.
ХОРОТ:
Доцна ја разбра правината, чинам.
КРЕОН:
Еве, ја разбрав јас неа, страдајќи!
Бог ли ме удри по главата мене,
бог ли ме згмечи под бремето тешко!
Мене ме турна на грозниот пат
– радоста душевна за да ја згази.
Залудо сега се напрегам веќе,
Залудно луѓето време си губат!
(Гласникот се враќа од дворецот.)

45
Антигона

ГЛАСНИКОТ:
Господару, несреќи имаш не една!
Ти држиш во рацете една, а дома
те чека ушт’една штом чекор ќе сториш
над прагот...
КРЕОН:
Зар полошо нешто од злово?
ГЛАСНИКОТ:
На мртвото момче, ах, кутрата мајка,
во дворецот сама си одзеде живот!
ПРВА АНТИСТРОФА
КРЕОН:
Таго, таго!
Ти, боже без молитви, боже без олтар:
та зошто ли, зошто ме убиваш ти?
А ти, што ми носиш сè гласови црни,
и јадови горчливи, што велиш ти?
Јас мртов бев, ти пак, уште, еднаш ме удри!
Ти што уште вестиш?... Тешко ми, о тешко!
До синот мој мртов и жена ми лежи!
(Се отвора вратата на двореот. Се гледа мртвата Евридика.)
ГЛАСНИКОТ:
Гледај ја, кралу, не ја крие домот!
КРЕОН:
Го гледам мојот злочин нов и една нова казна!
Што судбина ме чека мене?
Го држам в раце мојот син,
пред очиве е жена ми!
О, мајко злосреќна! О, кутро мое чедо!
ГЛАСНИКОТ:
Со мечот остар крај си кладе таа
и замижа и затажи над синот,
над Мегареј кој најде славна смрт.
И потоа за Хемон падна в плач,
а тебе, пак, те проколна во часот,
за ужасно чедоморство на Хемон.

46
Антигона

ВТОРА СТРОФА
КРЕОН:
О смрт! Ме исполни ти!
И зошто уште мечот двеостар
не ме срази, несреќникот што паднав
во дибот на судбината ми грозна?
ГЛАСНИКОТ:
Те обвини таа пред својата смрт
за смртта на сите што мили ѝ беа.
КРЕОН:
А животот како го заврши таа?
ГЛАСНИКОТ:
Под самото срце го забоде мечот
штом разбра за смртта на сина си сакан.
КРЕОН:
Ах, довека ќе ме придружува гревот:
виновноста нема врз други да падне! –
бидејќи те убив јас, несреќник клет,
навистина, велам.
О, побргу, слуги,
водете ме бргу
подалеку: мене
ме нема од денес
и ништо сум јас!
ХОРОТ:
Ти побара добро – во злото!
Страдањата кратки се најдобри нели?
КРЕОН:
Дојди, о дојди
јави се, преслатка, ти смрт!
Смири го мојот последен ден.
Јави се, дојди! –
да не го дочекам следниот ден!
ХОРОТ:
Мисли на друго. Иднината тие,
боговите наши, ја кројат за нас!

47
Антигона

КРЕОН:
Јас молев за она што преѓе го реков.
ХОРОТ:
Не моли се сега. Суштествата смртни
нишаното не ќе го одбегнат, знаеш.
КРЕОН:
Одведете го одовде човекот беден,
што те уби, о дете, па макар и неволно,
што и тебе те уби, о жено-ле моја!
Па, во кого да гледам и каде да тргнам?
Сè ми оди наопаку од рака мене!
Неподнослива судбина врз мене падна!
ХОРОТ:
За да бидеш среќен, треба
разумен да си.
Не греши пред небото!
Зборот горд го плаќаат
гордите со страшни беди:
така на старост се учат
разумни да бидат.

КРАЈ

48

You might also like