You are on page 1of 19

УНИВЕРЗИТЕТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ – ШТИП

МУЗИЧКА АКАДЕМИЈА
ОДДЕЛ: ЕТНОКОРЕОЛОГИЈА
Штип

СВАДБАТА ВО С. ДРАЧЕВО - СКОПСКА БЛАТИЈА


Семинарски труд по предметот РЕГИОНАЛНА ЕТНОЛОГИЈА 3

Ментор: Кандидат:
проф. д-р Зорано Малинов Антонио Стојчески
бр. на индекс 12730

Штип, Јануари, 2021 г.


Содржина

Вовед............................................................................................................................3

1. Етнографски карактеристики за с.Драчево..........................................................4

2. Свадбата како обред..............................................................................................5

3. Изведување на свадбата во с. Драчево на почеток на ХХ век..........................7

4. Карактеристики на носијата во етничкиот предел Скопска Блатија..................9

4.1. Невестинска носија........................................................................................11

4.2. Младоженска носија......................................................................................12

Заклучок.....................................................................................................................13

БИБЛИОГРАФИЈА....................................................................................................14

Прилози......................................................................................................................15

2
Вовед
Свршувачката како и свадбата е значаен и возбудлив чин во
воспоставувањето и објавувањето на меѓусебните односи на идните брачни
другари. Овој чин е мошне интересен според обичаите кои се изведуваат и се
неизбежни при секоја свршувачка на брачната двојка.

Во свадбениот обред, кој се смета за обред на иницијација,


младите го менуваат својот статус, влегуваат во нов општествен ред,
преминуваат во редот на возрасните, зрелите, стапуваат во брак, односно
минуваат од еден животен циклус во друг, од ергенство и моминство во редот
на омажените. Преминот од една состојба во друга претставува цела
ритуално-маѓиска процедура. Тоа особено силно доаѓа до израз во носијата на
жената преку елементите што имаат симболичко значење.

Оваа тема ја одбрав од едно мое постаро теренско истражување кое го


опфаќа главно селото Драчево и се темели на три проблематики: свадбените
обреди и обичаи, орската традиција и носијата во с. Драчево. Исто така во овои
семинарски труд ќе користам и литература напишана од автори етнолози,
етнокореолози кои темелно ја обработуваат проблематиката околу обредот
свадба. Трудот, ќе ги опфати етнографските карактеристики, облековните
елементи кои припаѓаат на невестинската и младоженската носија, текот на
извршување на свадбата поткрепена со архивски материјали како стари
фотографии и документарен видео материјал од с. Драчево. Темата на која
што истражував е доста обемна, така што од моите информатори добив
податливи информации за обредите што се изведувале за време на свадбата
во почетокот на ХХ век.

3
1. Етнографски карактеристики за с.Драчево
Во средишниот дел на плодната Скопска котлина, лоцирано во долното
сливно подрачје на Маркова Река, се наоѓа селото Драчево, едно од
поголемите населени места во Скопската околија. Селото Драчево денес
претставува единствена географска целина, лоцирана југоисточно на десет
километри од центарот на градот Скопје.1

Во минатото Драчево било географски лоцирано и претставувало


составен дел на областа која го опфаќала т.н слив на Маркова Река, кој се
делел на три главни дела: Долни Села, Горни Села и Каршијак. Селото
Драчево им припаѓало на Долните Села, заедно со Горно Лисиче, Долно
Лисиче, Моране, Студеничани, Љубош, Батинци, Дрежница, Варвара и Сушица.
Називите Горни и Долни Села се употребувале повеќе векови наназад. Селата
на сливот на Маркова Река при крајот на турската власт административно го
сочинувале т.н Каршијак Кол, кој што, пак, бил составен дел на Скопската
околија. Името Каршијак настанало за време на турското владеење и
означувало место “кое што се наоѓало на спротивната страна”. 2

Селото Драчево им припаѓало на населби од збиен тип. Порано куќите


во него главно биле подредени по рабовите на плодните полиња од
северозапад кон југоисток и од страната на ниските ритчиња по долината на
реката Мала Рада. Во селото имало две главни улици, а местото каде што тие
се вкрстувале бил средишниот дел на селото. Во селото куќите биле поделени
по маала. Такви маала се: Саве маало, Тоше маало, Кечо маало и Дашко
маало кои што биле во горниот дел на селото, и Крко маало , Арсо маало и
Корџе маало кои пто биле во долниот дел на селото. До пред осумдесетина
години селото било поделено на седум маала во кои живееле претставници на
два или повеќе родови и фамилии.3

1,2,3
Малковски Ѓорѓи, Драчево- од античко време до денес, Скопје 2007 стр. 9-12
2

4
Сл. 1 (Местоположба на с. Драчево)

2. Свадбата како обред


Фамилијата се смета како основна единка на општествениот поредок и
секој маж и девојка се должни да формираат своја фамилија. Порано се
водело сметка секој способен маж и девојка да се оженат односно омажат, па и
тие што останувале разведени или вдовици сакале пак да се одомат. Најчесто
без фамилија останувале само оние што биле болни или имале телесен
недостаток. Преку фамилијата се обезбедува продолжување или зајакнување
на родот. Со донесување на невеста во куќата, фамилијата се стекнувала со
нова работна рака.
Склопувањето на брак е и од општествен интерес, бидејќи покрај
желбата за биолошката репродукција, бракот има и економска функција во
стекнувањето на поголеми материјални блага во фамилијата. Затоа секој
родител има желба да ги одоми своите деца и ако во одредено време не дојде
до тоа се пристапувало кон разни магиски постапки што ги вршеле девојките на
Божиќ и Ѓурѓовден. Мајката уште од десеттата година на својата ќерка
започнува да и ја приготвува рубата и даровите, а и девојката со години се
приготвувала за мажење. Таа везела, шиела, плетела, за да приготви се за
себе и да однесе голем број дарови како чеиз.
При женењето во фамилијата имало извесен ред. Ако има повеќе деца,
тие се женат или мажат спрема возраста и помладото дете не може да се

5
ожени или омажи пред постарото од него. Ако тоа се случи, тогаш на денот на
свадбата со бакнување на рака помладиот бара прошка од постариот брат или
сестра. Порано при склопување на брак, родителите одлучувале за кого ќе ја
омажат својата ќерка или за која девојка ќе го оженат својот син. Изборот се
вршел на собор, на пазар или на други места. Браковите се склопувале помеѓу
различни родови во едно село или од села коишто и припаѓале на истата
етничка група. Во ретки случаеви кога се доведувало невеста од еден етнички
предел во друг таа ја менувала својата носија и ја прифаќала носијата на
етничкиот предел каде што се омажила. Ако пак дојде од крај со слична носија
тогаш ја задржувала својата носија додека не ја искине. Имало случаеви кога
момчето и девојката се сакале, но бидејќи родителите од страната на девојката
не давале согласност, тогаш девојката бегала по момокот или била бегалка.
Девојката оди бегалка и тогаш кога постариот брат или сестра уште не се
одомени, а таа не сака да чека ред, па затоа бега по момчето што го сака.
Постоеле случаи кога немаат доволно пари да платат и да приготват руба за
девојката, тогаш таа со знаење на родителите станувала бегалка. Кога
домаќинот ќе реши да го ожени својот син, тогаш фамилијата бара човек што
ќе биде стројник. Тој е обично маж, а може да биде и жена. Тој е во пријателски
или роднински однос со момчето, а се внимава да е во добри односи и со
родителите на невестата.4
Миграцијата од село во град, како и одвоеноста од некогашното
пошироко семејно и роднинско заедничко живеење во населеното место,
придонесе добар дел од традицијата да се запостави, а со тоа и дел од
свадбените обреди и обичаи. Така, денес, се поретко на свадбите може да се
сретнат обредно-обичајните моменти: замесување на свадбената погача,
виењето на трите свадбени венци ( од бела пченица, од ситен босилек и од
винова лоза), канењето на кумот со “карта” за вино од страна на свекорот,
канењето на роднините со каначот и двете месарии во саботата претпладне,
забричувањето на младоженецот, ритуалното дарување на невестата и
обратно на свекорот и свекрвата, на кумот и старосватот, на деверот и другите

4,5
Наумова Марика, Обичаи околу раѓање, свадба и умирачка, Етнологија на Македонците, Скопје 1996.
Стр 207-210

6
блиски роднини на младоженецот, првоти одење на вода на невестата на
селската чешма итн.5

3. Изведување на свадбата во с. Драчево на почеток на ХХ век


Свадбата во Драчевo, во средината на ХХ век траела од средата
до понеделникот. Во средата во претпладневните и попладневните часови,
свекорот со карта вино која што била накитена со венче, плетено со винова
лоза и разнобојни цвеќиња тргнува да кани. При канењето сите роднини и
пријатели кој што свекорот ги кани, му ставаат ситни пари во торбата за
младоженците да бидат плодни, благословени и да имаат бериќет. Во средата,
пред да тргне свекорот на канење, свекрвата поведува оро со торбата во која
што се наоѓа картата за канење. По завршувањето на орото торбата му се дава
на свекорот и сите жени кој што учествувале во орото го испраќаат свекорот на
канење. Се случувало, доколку свекорот не стигне да ги покани сите гости, или
доколку има роднини од друго село, тој да продолжи да кани и во четвртокот и
во петокот. Во четвртокот, свекрвата во попладневните часови ги повикува
сите блиски роднини, претежно жени и млади девојчиња, да учествуваат во
замесувањето на свадбената погача. Додека се месела свадбената погача, тие
пееле свадбени обредни песни кои што си имале своја симболика. Во
месењето на свадбената погача најчесто учествувале едно машко и едно
женско дете, за младите да имаат род кој што ќе го продолжат потомството во
фамилијата.

Во саботата две девојчиња кои што биле месарии и едно момче кое што
било водач на месариите, облечени во драчевска традиционална носија,
оделе повторно да ги канат кумот, старосватот, другарите на момчето, и
другите роднини и пријатели кои што исто така во торбата во која се носи
картата, ставале ситни пари. Парите кои што ги собрале месариите си ги
делеле меѓу себе. Откако ќе се вратат месариите од канење, свекрвата заедно
со месариите и со останатите роднини и пријатели кои што се поканети на
свадбата, заигрува оро со сито во раката, кое што имало симболика невестата
да биде биде вредна и да знае да меси. Со орото на свекрвата официјално
започнува свадбата.

7
Во сабота навечер, млади момчиња и девојчиња одат кај невестата, за
да го земат нејзиниот чеиз односно нејзината руба. Врз рубата на невестата, се
седнува машко дете кое што треба да биде од страната на невестата и на тоа
дете треба да му платат за да им го дадат чеизот. Откако ќе се земе чеизот и
бовчите, се заигруваат неколку ора во куќата на невестата и потоа рубата се
носи во куќата на младоженецот. Чизот се носел со чези кој што биле украсени
со свечени килими.Во Драчево најчесто невестите знаеле да ткаат, везат и
плетат, и тие сами си ја спемале својата невестинска и секојдневна руба.
Откако ќе се донесе чеизот во куќата на младоженецот, во собата на
младоженците се изложува целата невестинска руба, за сите гости да видат
колку била вредна невестата. После тоа, каначите и младите кој што биле
поканети на свадбата со музика одат да во куќата на кумот, за да му направат
чест и да го донесат на вечера во куќата на младоженецот. Исто така оделе и
во куќата на старосватот. Откако ќе се соберат сите гости, се служи вечера и се
игра и пее се до доцните часови.
Во неделата во раните утрински часови започнуваат најзначајните
свадбени обичаи. Прво кумот и старосватот го забричуваат младоженецот, а
потоа го забричуваат и останатите мажи кои што се присутни на чинот. Додека
трае бричењето на младоженецот, свекрвата заедно со комшиките и со
останатите гостинки пејат обредни песни. Откако ќе заврши обредот со
бричење на младоженецот се заигруваат неколку ора и се тргнува по
невестата. Луѓето што одат по невестата се нарекуваат стројари, а самиот чин
се нарекувал одење на строј односно по невеста. На строј не оделе сите гости,
туку само најблиски роднини и пријатели кои што биле поканети за тоа. Доколку
невестата е од друго место оделе со коњски запреги во вид на чези, кои што
биле украсени со цвеќиња и со килими, а доколку невестата е од истото место
оделе пешки со играње и со пеење. Посиромашните луѓе невестите ги земаат
со обични коњски запреги, додека кај побогатите се случувало невестата да ја
земат со чеза или со пајтон.
Кога стројарите ќе пристигнат во домот на невестата, таму тие се
пречекни од родителите и роднините на невестата, кои се сега веќе и сватови.
Тука сите заедно во дворот на куќата на невестата заигруваат повеќе ора.
Додека надвор во дворот сватовите се веселат, невестата се наоѓа во
својата моминска одаја, заедно со своите другарки, а пред вратата стојат
8
братот и момчињата од страна на фамилијата на невестата и чекаат да дојдат
млаженецот и деверот. Доколку невестата нема брат, на вратата може да стои
и некој од нејзините братучеди. Кога деверот и младоженецот ќе дојдат пред
одајата на невестата, братот и роднините не ги пуштаат да влезат во одајата
се додека не платат одредена сума, која што ја одредува братот на невестата.
Сето тоа што се случува пред одајата на невестата е со хумористичен
карактер. Откако младоженецот ќе плати, чуварите на одајата ја отвараат
вратата и младоженецот и деверот влегуваат кај невестата.
Прв деверот пристапува кај невестата, со тоа што и ги подава обувките
кои што треба да ги носи за свадбата. Кога невестата ќе ги проба обувките,
прво му вика дека и се големи и му ги враќа. Тој во обувките става пари и
повторно ги врти обувките кон невестата. Овој обред се повторува до три пати.
Додека трае тој обред, останатите гости влегуваат во куќата на невестата, каде
што ги пречекуваат сватовите со богата трпеза. Потоа доаѓаат невестата и
младоженецот и невестата се поздравува со сите гости. Потоа ги разменуваат
прстените, а потоа таткото на младоженецот и таткото на невестата ја кршат
свадбената погача. При кршењето доколку поголемиот дел од погачата остане
во рацете на свекорот, има верување дека младоженецот ќе биде по
доминантен во бракот и обратно.
Откако ќе се завршат сите обичаи, братот ја изнесува невестата и ја
предава на деверот и на младоженецот. Потоа невестата го заигрува
последното невестинското оро во својот дом. Потоа се оди во црква на
венчавање.После венчавањето невестата оди во куќата на младоженецот.
Таму се собираат сите поканети гости и невестата се поклонува три пати пред
свекорот, свекрвата и кумот и ги дарува со дарови кои што таа сама ги
направила. Кога невеста се поклонува свекрвата фрла леблебија, бонбони и
ситни пари. После тоа невестата им бакнува рака на другите гости и веселбата
продолжува со игра и песна.

4. Карактеристики на носијата во етничкиот предел Скопска Блатија


Според природно-географските одлики Скопска Блатија го опфаќа
рамничарскиот дел главно од левата страна на реката Вардар, но носијата на
нејзините жители Блатјани, по својата раширеност ги надминува рамките на
географското подрачје со истото име. На оваа широка територија се

9
одигрувале големи миграциони процеси и расместувањата на населението од
крајот на XVII век, па оттаму и некои разлики во облекувањето, во начинот на
украсувањето и во терминологијата, што е најзабележливо во женската носија. 6

Кај женската носија во Скопска Блатија, прв облековен елемент е кошулата, од


домашно памучко платно, долга до глуждовите со рамни широко отворени
ракави. Се разликуваат повеќе видови кошули, различно именувани. Како
најспецифични се издвојуваат: убрузлија, провезлија (кои името го добиле по
вертикалните везени елементи- провези), потоа кошулите наречени кондури,
саани, јурмена кошула која што прв пат се облекува на Велигден и ѓерѓевлија.
Како невестински венчални кошули се облекувале гувеалница и црногорка, кои
исто така можеле да се облечат и на големите празници.Како други елементи
од женската носија во етничкиот предел Скопска Блатија се скутината
наречена „праена вута“, аловиот елек кој што е изработен од алаџа, ќурдијата,
невестинската саја, крпата за глава. На нозете жените носеле богато плетени
чорапи, и опинци изработени од кожа.
Од накит се носел тепелак во кружна форма, метален за на глава, потоа
перишани- метален украс за над челото, потоа леденик- масивен украс за на
гради од клашна, украсена со стари пари редени во вид на рибина луспа. На
градите метални пафти, како и ќустекк плетен од монистра како украс за на
појас. Машката носија од етничкиот предел Скопска Блатија е составена од
поедноставни делови како: кошула, гаќи, елек, појас, зетовско џубе, чорапи,
опинци и чалма или шубара. Како прв облековен елемент е кошулата која што
е изработена од бело домашно платно, долга до над колената. Празничната
кошула е позната по името ајта, која што е кроена со поголем број бочнци,
потоа се гаќите кроени со ногавици долги до глуждовите. Елечето е изработено
од волнен шарем материјал – алаџа, богато орнаментирано со плетени
гајтански апликации и срма, мотивите кои се везени на елечето се нарекувале
кукли. Појасот во овој предел е широк околу 30 сантиметри, и долг до 5м, ткаен
на црвена основа и украсен со украси плетени од ситни монистра и метални
пари. Џубето кое ретко се сретнува а е наменето за зетот како една поголема
симболика по која се препознава е изработено од бела клашна долго како и
ајтата скоро до колена, безракавна облека која што е аплицирана со волнени

6
Крстева Ангелина, Македонски народни везови, Скопје 2011, стр 59.

10
гајтански апликации. Чорапите се плетени од тенко предена волна со разни
геометриски и флорални мотиви. Опинците се изработени најчесто од свинска
кожа, постариот тип со врвци а поновиот тип со ременче. Покривката на глава
за зет е со кече кое во форма на турски фес но доста поплитко, околу него се
намотува долга бела марама во форма на чалма, поретко се користи и шубара.

4.1. Невестинска носија


Невестинството е посебен статус што почнува на денот на свадбата со
обредното чешлање и ритуалното облекување на невестинската руба и трае
една година или до раѓањето на првото дете. Затоа, на невестата и се
пропишани и најмногу елементи што ја означуваат нејзината позиција,
почнувајќи од застапеноста на везбената декорација, гајтанските апликации и
ресите, потките во изразито светлоцрвена алосана боја врз белиот основен
фон кај речиси сите облеки што ја сочинуваат невестинската носија, како и
присуство на броен метален накит. Овде имаме изобилство на елементи и
украси со нагласена обредно-маѓиска функција. Празничната и невестинската
носија се дополнуваат со многу украсни додатоци- ракавчиња, крпи, ручници,
како и разновиден накит. Ознаката на невестинството е специјалниот украс на
главата челенка , пиле копче, капа со пари, на градите леденик и на појасот
пафти.7

Невестите носеле на главата невестинска капа во кружна форма, цвеќе,


многу накит ( тепелаци, игла главичата, ушници со трепки, потоа гердани на
градите и чапрази на појасот). 8 До почеток на 20 век комплетниот состав на
женската свадбена носија изобилувал со голем број посебни облековни делови
и разни карактеристични елементи што го означувале невестинскиот статус. На
прво место доаѓа специфичната венчална кошула, наречена црнетица или
црногорка, која и со кројните елементи и со црниот релјефен вез од дебели
волнени конци отстапува од типичната блатска кошула. На кошулата црнетица
невестите облекувале по две саи: едната девојчинска што сами ја везеле, а
другата врз неа китена саја, терзиска и задолжено со додатни ракавчиња.
Наместо со две саи се венчале со саја и ќурдија, исто така со ракавчиња. 9
7
Крстева Ангелина, Народната носија од Скопска Блатија, Музеј на град Скопје, Скопје 1998 год.
8
Крстева Ангелина, Етнологија на Македонците, Скопје 1996год
9
Петковски Филип, Невестинските народни носии од Горновардарска етнографска целина,
Семинарска работа по предметот Етнологија, Скопје 2008.

11
Невестата се опашувала и со купечок срмен колан, кој се закопчувал со
метални овали или листовидни пафти, поднижани со стари пари врз парче
клашна. На нозете невестите обувале везени чорапи, плетени со разнобојна
волна, а озгора дополнително везени со срма и разнобојни конци, со
молскавци и монистра. Некогаш невестите се венчавале и со опинци, а потоа
со кондури.10

4.2. Младоженска носија


За разлика од традиционалната невестинска носија со многу додатни
елементи, облеката на младоженецот во Блатија не содржел некои посебни
делови, карактеристични само за свадбениот чин. За венчавање младоженецот
се облекувал, по правило, со најубавата празнична носија- ајта или
вастан,гаќи, богато украсен елек, шарен појас, џубе, китено крпче ( ручник),
чорапи со дизгии. Статусот на младоженецот повеќе го означувале некои
додатни декоративни елементи во облеката, најчесто, во покривањето на
главата. На капата од десната страна се прикачувала китка од бршленови
лисја, налепени со варак или пак се носела китена крпа околу главата. Освен
тоа, над елекот младоженецот носел два вкрстени монистрени ќустека или пак
здиплена шамија, поставена накрст од рамото кој појасот. 11

10
Крстева Ангелина, Народната носија од Скопска Блатија, Музеј на град Скопје, Скопје 1998 год.
11
Крстева Ангелина, Народната носија од Скопска Блатија, Музеј на град Скопје, Скопје 1998 год.

12
Заклучок
При изработување на еден семинарски труд најважно е да се постават
одредени цели и задачи со кои авторот би го добил саканиот резлутат. Моите
цели беа да научам нешто повеќе за она што го истражувам, а тоа е
изведувањето на свадбата во с. Драчево, како и да му ги доближам податоците
на читателот, со што и тој би се запознал со изведување на овој чин. Преку
моето истражување заклучив дека свадбата во с. Драчево е неизоставен дел
од обредниот живот на населението. Во споредба со свадбата од почетокот на
ХХ век, денес се изведува со одредени модификации и модернизирани
активности како: изоставување на голем дел од обичаите, употреба на нов
простор за изведување (ресторани), модернизација во музичката придружба
(вметнати нови, фабрички инструменти), целосно изоставување на носијата и
др. Овој труд го организирав во неколку точки и подточки преку кои најлесно би
се запознале најпрво со с.Драчево, свадбата гледана како обред како и неколку
фотографии преку кои ќе го доближам поблиску минатото до денешницата.

13
БИБЛИОГРАФИЈА
1. Јовчев Г. Петар, Раштак- луѓе, години и настани, Скопје 1993.

2. Крстева Ангелина, Народната носија од Скопска Блатија, Музеј на град


Скопје, Скопје 1998 год.

3. Крстева Ангелина, Македонски народни везови, Скопје 2011

4. Малковски Ѓорѓи, Драчево- од античко време до денес, Скопје 2007

5. Наумова Марика, Обичаи околу раѓање, свадба и умирачка, Етнологија на


Македонците, Скопје 1996.

6. Петрушева Аница, Кошутска Јадвига и Здравев Ѓорѓи, Обид за анализа на


значењето на свадбената носија и нејзината орнаментална декорација,
Македонски фолклор бр.37, Скопје 1986

7. Петковски Филип, Невестинските народни носии од Горновардарска


етнографска целина, Семинарска работа по предметот Етнологија, Скопје
2008.

Видео материјал:

8. Драчевска традиционална свадба, снимена 1979 год, Македонска Радио-


Телевизија

14
Прилози

Сл. 1 - Поклонување на невестата и младоженецот- Свадбен обред во


етничкиот предел Скопска Блатија- с. Драчево, 1971 год.

Сл. 2 - Бакнување рака - Свадбен обред во етничкиот предел Скопска Блатија 12

12
Јовчев Г. Петар, Раштак- луѓе, години и настани, Скопје 1993.

15
Сл. 4 - Невеста и девојки облечени во невестинска носија од почетокот на XX
век13

13
Петковски Филип, Невестинските народни носии од Горновардарска етнографска целина,
Семинарска работа по предметот Етнологија, Скопје 2008. стр. 22

16
Сл. 5 - Невестинска и младоженска носија од етничкиот предел Скопска
Блатија14

14
Петковски Филип, Невестинските народни носии од Горновардарска етнографска целина,
Семинарска работа по предметот Етнологија, Скопје 2008. стр. 19

17
Сл. 6 – Портрет на невеста од XIX век

18
Сл. 7 – Невеста со коцел од XIX век

19

You might also like