You are on page 1of 31

Покојниот великан

Миле Попоски

ПОКОЈНИОТ ВЕЛИКАН

1
Покојниот великан
ЖИВИ ЛИЦА:
Д-р ДУПЕЦ МИТКО, претседател на градски комитет
Д-р ДАЛАК ЦАНЕ, претседател на градско собрание
Д-р НАЧМИШ ЦЕНА, сестра на покојниот великан
Д-р НАЧМИШ ЛЕПА, сопруга на покојниот великан
Д-р НАЧМИШ ВЕРИЦА, ќерка на покојниот великан
КИРО БЕСПАРЕШКО, гробар
СПИРО БЕЗДАРОТ, гробар
ПЕТРЕ ШЛАКЕ, купец на мртовечки коски
СТЕВАН ГОЛЕ, купец на мртовечки коски
НАДА КРИВОВРАТАТА, сопруга на Стеван Голе
СТЕВА тимбата, сопруга на Киро Беспарешко
МРТОВЦИ:
Д-р НАЦЕ НАЧМИШ, Народен херој и великан
КИРО БЕСПАРЕШКО, гробар
АРИСТОГИТОН, млад Атињанин
ПАВЛЕ, Самоилов воин
НАПОЛЕОН БОНАПАРТА, цар на Франција
ХЕМФРИ БОГАРТ, филмски артист
ЖИВИ БЕЗГЛАСНИ БУКВИ:
ТВ снимател, секретарка, учителка, диригент-офицер, шумар, работници, селанец, поп,
борец, МААКовец, народ...

2
Покојниот великан

СЦЕНА 1.
ГРОБИШТА
Први мугри. Одвај проѕирна темница. Силуети на крстови и други споменични белези.
Одблизу се огласува утка. На предниот дел на сцената одвај видливо: од гробна дупка се
појавува лопата која исфрла земја од дупката, а крај дупката силуета на клекнат човек,
кој со рацете нешто бара во исфрлената земја од дупката. Тоа трае неколку секунди.
ГЛАС ОД ДУПКАТА: (Лут.) Маме ти ебам!!! Пфуј!
КЛЕКНАТАТА СИЛУЕТА: (Исплашено.) Што?!
ГЛАС ОД ДУПКАТА: Оваа мочка со една нога!!!
СИЛУЕТАТА: Како со една нога?
ГЛАС: Така шарено!
(Полека се разденува, силуетата се распознава. Тоа е гробарот Спиро.)
СПИРО: Види таму... Мора...
ГЛАС: Што да видам? Нога е, не е заб па да се скрил...
СПИРО: Од годиње ти закопуваш на оваа парцела – не знаеш дека оваа е со една нога?!
КИРО: (Веќе се распознава, ја подава главата.) Закопувам, ама, не сум јас и гробар и
цариник! „Отворете го ковчегот за контрола! Вади сѐ надвор!“... На мртовците им го
гледаш само лицето, сѐ друго покриено со чаршав, со цвеќиња. И што ме интересирало
дали има една, две или три нозе?!
СПИРО: Сега ќе те интересира кога оние ќе речат: не сакаме со една нога!
КИРО: Ако не сакаат, го губат капарот... Запали ми цигара!
СПИРО: Копни уште некоја лопата... Можеби пропаднала...
КИРО: Како ќе пропадна цела нога в земја, дрво!?
СПИРО: Еби ја ногата! Другата обетка да не пропаднала! Вреди десет нозе!
(Киро фрла уште некоја лопата земја, Спиро ја пребарува земјата.)
КИРО: Нема?
СПИРО: Нема.
КИРО: (Ја исфрла лопатата од дупка, подава рака.) Дај рака!
СПИРО: (Не ја прифаќа раката.) Ќе ме протуриш – триесет кила си потежок!
КИРО: Ако сум потежок, да останам да живеам во дупкава? Копај ти, јас ќе те вадам секои
пет минути! Ама нејќеш, легач еден! Дај рака!
СПИРО: А коските? Пак ќе слегуваш, пак да те кревам?
КИРО: Ама си пицајзла! Дај ги вреќите!
(Спиро му фрла в дупка две големи црни пластични вреќи. Додека Киро ги полни вреќите.)
СПИРО: Види да не има некој златен заб...!
КИРО: Ти зинало газето за злато... Држ! (Исфрла од гробната дупка вреќа по вреќа.
Потоа сака да излезе од дупката.) Подај ми рака!
СПИРО: (Се двоуми.) Ама без зафрканции! (Му подава рака за да го поткрене од
дупката. Киро ја подзема подадената рака и го втурнува Спиро во дупката. Смеење на
Киро, пцуење од Спиро.) Мамицата твоја! Скапо ќе ми платиш за ова!
(Од гробната дупка се појавува до половина Киро. Сега се гледа дека е без лева рака.
Празниот ракав е врзан во јазол. Киро излегува од дупката. Се појавува од дупката рака
од Спиро. Киро ја подзема подадената рака и со еден замав го изфрла Спиро надвор од
дупката. Спиро така грубо исфрлен заринкува со лице во земјата, се чисти, плука, пцуе,
се фаќа за половина, офка. Киро седнува крај дупката, вади кутија со цигари од џеб, со
заби измолкнува цигара од кутијата, потоа ја вади запалката, пали, пуши и со рамото си
ја чешка брадата.)
КИРО: Пак не пушиш?? Немаш никаква волја!
СПИРО: ЈАС немам, што го оставив пушењето, ТИ имаш! Е, мајката!
КИРО: Па секоја недела го оставаш пушењето по трипати, мајмун! Колку е саатот?
СПИРО: Седум... седум без две минути.
3
Покојниот великан
КИРО: (Лут.) Седум?! Во седум требаше да бидат овде! Чекаме уште пет минути и го
затвораме дуќанов!
СПИРО: А три саати што копавме?
КИРО: Ти се шинаа јајцата од копање!... Го имаме капарот и – обетката. Дај да ја видам!
(Спиро вади од џеб шамиче, го одвиткува и му ја подава обетката. Киро ја гризнува.)
Чисто злато! Дваесет карати!
СПИРО: (Ја зема обетката, и тој ја гризнува и пак ја завиткува во шамичето и ја клава в
џеб.) Не може да имала само една обетка...
КИРО: (Пламнува, ја фрла цигарата, станува, ги превртува џебовите.) Претреси, маме ти
ебам!
СПИРО: (Збунет.) Сега... ќе се претресуваме?! За една обетка?!... Само ме чуди: една
обетка?! Да е пресен гробов – разбирам... ама закопана пред 15 години?! Некој да го
отворал гробов – зошто не ги зел двете?!
КИРО: Не ги нашол двете... Пссс!!!... Слушаш?!... Чекори... разговор... (Гледаат двајцата
во правец на шумот.) Па овие не се оние?!! Брзо!!! (Земаат по една вреќа и истрчуваат
од сцена. Влегуваат д-р Дупец и д-р Далак. Разгледуваат околу, ѕиркаат во дупката.)
ДУПЕЦ: Свежо копано.
ДАЛАК: Цигарава уште гори... (Свирнува со уста. Влегуваат Киро и Спиро.)
ДУПЕЦ: Како е, Кирца?
КИРО: (Ја крева единствената рака.) Убајна! Некој нема ни една!
ДУПЕЦ: Ти, Спирче, арен?
СПИРО: Арен ко компир варен.
ДУПЕЦ: Држ’те се! (Далак, нервозен поради оваа фамилијарност на Дупец, гледа
наметливо во саатот на рака.) Денеска ќе треба добро да запнете.
КИРО: Да е само денеска – летаме (Замавнува со рака како со крило.) Вчера осуммина,
завчера деветмина – кртови станавме. Уште да ослепиме...
СПИРО: Да ни е жива и здрава болницата – произведува мртовци во три смени!
ДАЛАК: (Строг, службено.) Ни треба една парцела!
КИРО: За вас и две! Си вршите резевација? Ќе ве сместиме, око да не ви трепнува...
ДУПЕЦ: (Покажува на Киро.) Стар опозиционер! (На Киро.) Сега си во МААК, а?
СПИРО: Во Маак-петрол.
КИРО: Ќе формираме своја партија – гробарска, со платформа: „Излезете, мртви, да
влезат живи!“
ДАЛАК: (Пак гледа на саатот, строго.) Умре еден другар... Народен херој...
КИРО: Цела парцела за еден?!
ДАЛАК: Не е твоја работа!
ДУПЕЦ: (Ублажува.) Тоа ќе биде Алеја на великани... Знаеш... години минат...
КИРО: За сите ќе најдеме место! (Покажува со раката.) Онаму горе има една парцела
уште нечепната... Багреми, сенки, пчели... Со поглед кон градот.
ДАЛАК: Далеку е.
КИРО: Од што далеку? За мртовец – далеку? (Се смее.)
ДАЛАК: (Го пресекува.) Алејата мора да биде во строгиот центар. Паралелно со
асфалтираниов пат... (Ја гледа парцелата на која се.) Овој гроб... За кого?
КИРО: Умрел... некој... вампир...
ДУПЕЦ: (Се смее.) Вампир умрел?
СПИРО: Старец... Деведесет и девет години...
ДАЛАК: Него на друго место... Овде зарамнете, зачистете... (Ѕирка во дупката.) Дупкава –
уште подлабока!
КИРО: Местово е водоврично. Ако одиме подлабоко...
ДАЛАК: Реков: подлабоко! Ви давам половина саат! Ќе пратам комисија...
(Далак без збор излегува од сцена, Дупец крева рака за поздрав и излегува.)
КИРО: Како умираат, маме им ебам?!
4
Покојниот великан
СПИРО: Кои? (Киро покажува со раката во правец на претседателите.) Како „како“.
Како сите – ќе подзинат и – пут путујем! Нема имунитет!
КИРО: Како умираат со оние нивни плати, гуштер! ЈАС да имам нивна плата, со две раце
потпишувам дека ќе живеам сто и една година!
СПИРО: Сто и една година ти ќе живееш и со гробарската плата, пич еден! Помлад сум од
тебе, а можеш со една рака да ме стопиш... Само... левата ти е – неписмена... (Двајцата
брбнуваат да се смеат.)
КИРО: Сега, Спиридоне, едно... мочање! Како мочаш ти?
СПИРО: Како „како мочам“? Мочам.
КИРО: (Му се криви.) Мочам! Има мочање и мочање! Дебело, танко, со паузи... капка по
капка... Дојди да видиш – пожарникарски шмрк, дупкава ја наполнувам одеднаш...
(Излегува. Спиро се пипка нешто во џебовите. Одеднаш ги начулува ушите. Вика со
шепот.)
СПИРО: Кирооо!... Кироооо!!! Комисијата! (Го зема гриблото в рака и почнува да
зарамнува. Влегуваат Стеван и Петре. Поздравуваат со рака.)
ПЕТРЕ: Каде е...?
СПИРО: (Покажува со рака.) Тука е... Имавме пауза за појадок... Кирооо!!!
ПЕТРЕ: Готово е?
СПИРО: (Гледа на саатот.) Дојдовте петнаесет минути порано...
СТЕВАН: (Зачуден.) Похано?! (Има говорна мана, зборува на нос, место Р вели Х.)
СПИРО: Уште некоја лопата во дупкава – барате подлабока... Парцелава ќе ја зарамниме...
СТЕВАН: (На Петре.) Хазбираш нешто?
ПЕТРЕ: Каде е Киро?
КИРО: (Влегува.) Еве го Киро! Кај сте вие? Требаше точно во седум!
СПИРО: Овие се тие?! (На двајцата.) Ме исплашивте!
СТЕВАН: Тхгнавме навхему, ама не задхжа милицијата... сообхаќајната... Вахбухгот мој
нехегистхихан... ги озвадија табличките... па в милиција, па дхж не дај... Со пхијатели... со
вхски... Одвај ни ги вхатија табличките... па додека ги наместивме...
ПЕТРЕ: (Категоричен.) Има или нема?
КИРО: Штом јас ќе речам... (Му дава знак со глава на Спиро, Спиро излегува од сцена.)
Ако задоцневте уште пет минути...
ПЕТРЕ: Ќе ми треба уште еден...
КИРО: Пеки. Ама навреме – немам јас магацин...
(Влегува Спиро со двете пластични вреќи. Петре веднаш ја отвора едната вреќа и брзо
ја свртува настрана главата.)
ПЕТРЕ: Што смрди вака?!!
КИРО: Што сакаш ти? Да мирисаат на ливанто?
ПЕТРЕ: (Ја шири вреќата, вади череп, згрозен.) Овде уште има мозок! Пфу!
КИРО: Сме потрефиле мртовец СО мозок! Дојдете за овега (Покажува на дупката.) со
гаранција ќе нема мозок! (Го зема черепот од рацете на Петрета и го мириснува со
уживање, шмркнува длабоко.) Мискојна! (Му го пика под нос на Спиро.)
СПИРО: (Шмркнува длабоко со носот.) Мајчина душичка!
(Киро го тресе черепот за да го истресе мозокот однатре, ништо не излегува, буричка
со прсти внатре, чепка и пак го тресе, испаѓа некаква црна тутка. Потоа зема грст
земја, ја тура во черепот, го кланца, ја истура земјата и му го пика под нос на
Петрета.)
КИРО: Мирисни сега! (Петре ја врти главата.) Замијте го дома со врела вода и со
детергент – ќе промириса на доктор Еткер! (Петре ги шири вреќите и ги гледа коските.
Ѕирка и Стеван.) Првокласни! Секоја жиличка на свое место, секое нервно влакненце –
оваа била некоја нервозна, те молам! Десетка им е сигурна на ќерки ви... Како рековте...
анатомија... о... остеологија...? (На Спиро.) Наука за коските, гробар! Би требало и ти да
положиш остеологија... за да знаеш да постапуваш со мртовците...
5
Покојниот великан
ПЕТРЕ: (Свикува.) Една нога?!! Кај е другата?!
КИРО: Немаше друга... ТИ го одбра овој гроб... тоа ви се падна!
СТЕВАН: Ние не игхаме лотахија, купуваме...
КИРО: Купувајте пластичен скелет ако не сакате лотахија. Ама пластичните немаат ни
жилички ни влакненца...
СТЕВАН: Каков скелет ќе биде со една нога?
КИРО: (Се чукнува по празното рамо.) Како мојов! Што ме боде мене? (Ја става раката
на уста и рикнува како Тарзан.) Ќе и биде поприврзан на ќерка ти – нема да талка по
диско клубови и да скока.
(Петре и Стеван се тргаат настрана и се договараат.)
СПИРО: Со кого си фатил работа?! Се нешто им пречи! Преѓе: зошто ИМА мозок, сега
зошто НЕМА нога! (Им викнува на двајцата.) Скелет за учење сакате или за трчање?
ПЕТРЕ: Не ќе може да стои во...
КИРО: (Ја пикнува дршката од лопатата под мишка.) Една патерица под мишка...! (Киро
ја свиткува едната нога во коленото и скока со другата, потпирајќи се на патерицата.)
Еее! Само не терајте го веднаш да трча – нема кондиција, не тренирал петнаесет години!
(Се слуша шум на кола.)
СПИРО: Комисијата!
(Киро го фрла черепот во вреќа и му дава знак на Спиро да ги изнесе вреќите.)
КИРО: Купете си пластични!
СТЕВАН: (На Петре.) Нема дхуго. Ако нејќеш ти, јас мохам... Ќехка ми ќе ме здхоби...
Има испит од остеопохоза и остеопсатохоза... Мохам...
ПЕТРЕ: (Вади пари од џеб, вади и Стеван и му ги даваат на Киро. Ги земаат вреќите и
тргнуваат.)
КИРО: Каде таму?!
СТЕВАН: Пхаво кај вахбухгот...
КИРО: Право на ламјата в уста! (Покажува обратен правец.) Право таму! Скријте се и
чекајте! Брзо! (Петре и Стеван со по една вреќа истрчуваат од сцена. Киро му дава
половина од парите на Спиро, тој ги поминува по брадата.)
СПИРО: Конвертибилни! Да ни живеат долго мртовциве! (Покажува со широк гест на
гробиштата.)
КИРО: (Ја зема лопатата, ја фрла в дупка и тој рипнува внатре.) Да копнам уште
десетина-дваесет сантиметри... Го чу претседателот – сака великанот добро да го затрупа...
СПИРО: Водоврично е...
КИРО: Ќе скапи побрзо...
СПИРО: (Седнува на работ на дупката и гледа внатре. Киро ја подава главата.)
КИРО: Ама пак ми е чудно, маме му ебам! Една обетка – една нога...?!
СПИРО: Што ме гледаш така?
КИРО: (Повеќе за себе.) Да не било тогаш модерно обетки да се носат на нозете?!

6
Покојниот великан

СЦЕНА 2.
КАБИНЕТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГРАДСКИОТ КОМИТЕТ
На долната широка маса за конференции, на дното голема фотографија на покојниот
великан Наце Начмиш со флор во едниот агол. Присутни: д-р Дупец, д-р Далак, д-р Цена
Начмиш (стара мома, за цело време на претставата со црн турбан на глава, црни очила,
црн шал околу гуша. Наглува е, за да чуе што се зборува им го пика увото на
соговорниците до уста, како секоја стара мома болно љубопитна е, а сега се смета, како
сестра на покојникот, за центар на вниманието па очекува да ѝ се прекаже што се
рекло. Соговорниците, на кои веќе им досади, ѝ ги повторуваат само последните зборови
од репликите.) Сите присутни се свртени со грб кон публиката. Во публиката гледа
само покојниот Наце Начмиш од фотографијата. Влегува секретарката, видно
вознемирена и му шепоти нешто на д-р Дупец. Тој ѝ одобрува со глава. Сестрата веднаш
му го навртува увото.
ДУПЕЦ: (Гласно како на секој глув.) Дошле да му оддадат достојна почит претставник на
борците... претставник на МААК...
ДАЛАК: Имаме во градов МААК?! Јас не знам...
ДУПЕЦ: По некое Маакче се наоѓа. Пред некоја недела се собраа во Домот на културата...
се конституирале... (На сестрата.) Се конституирале!
ДАЛАК: Рече и од борците... Кој? (Дупец ги збира рамениците.) Уште има борци во
градов? Колку ги има?
ДУПЕЦ: Не знам колку... ама знам: од година во година се множат – на секој умрен борец
никнуваат нови двајца... млади, што е најопасно! (На Секретарката со нервозен гест на
раката: пушти ги нека влезат. Секретарката тргнува да излезе.)
СЕСТРАТА: Чаша обична вода!
(Влегуваат двајца. Претставник на борците, инвалид со дрвена нога и бастун и еден
МААКовец со јаречка брада а ла Гане. Се ракуваат безгласно со сите. МААКовецот оди
до фотографијата, се поклонува, на присутните.)
МААКОВЕЦ: Слава му! Го цениме минатото, црпиме од искуствата на генерациите пред
нас, (Покажува со рака на фотографијата.) го вградуваме тоа во иднината на
генерациите што доаѓаат, а напуштаме сѐ она што го пречеше демокартскиот развој...
ДУПЕЦ: (На сестрата, вика.) Што го пречеше демократскиот развој!
МААКОВЕЦ: (На Дупец.) Да! Што го пречеше демократскиот равој! Тука пардон не
правиме!
ДУПЕЦ: (На сестрата.) Пардон не правиме!
МААКОВЕЦ: (Не сфаќа зошто ги повторува неговите зборови, се вжештува.) Пардон
не правиме! Негување и продлабочување на вековните традиции за заеднички живот на
македонскиот народ со албанската и турската народност, со етничките групи – Власи,
Роми...
ДУПЕЦ: Власи, Роми!
МААКОВЕЦ: Да! Власи! Роми!
БОРЕЦ: (Се поклонува пред фотографијата.) Слава му! Ќе ги паметиме неговите дела!
(Дупец со рака ги повикува сите да застанат пред фотографијата. Стојат во став
мирно – едноминутно молчење.)
ДУПЕЦ: Слава му!
СИТЕ: Слава му!
(Се раздвижуваат, сите сериозни, примерно на моментот: интонација на глас, гестови,
мимика, погледи, чекори. Бавно, тихо, „скршени“ од болка. Далак оди кај радиото, го
вклучува, од радиото грмнува музика. Веднаш го исклучува радиото.)
ДАЛАК: Овие – музика! (Се слушаат камбани.) Овие – камбани!

7
Покојниот великан
ДУПЕЦ: (На сестрата.) Овие камбани! (Вика.) Жаклина!... Жаклинааа!!! (Се појавува
секретарката на врата.) Какви се овие камбани?! (Секретарката се повлекува,
сестрата ѝ вика.)
СЕСТРА: Чаша обична вода! (Камбаните бијат. Сите со наведнати глави ќутат.
Секретарката доаѓа до Дупец.)
СЕКРЕТАРКА: (Едноставно.) Умрел некој...
ДУПЕЦ: (На сестрата.) Умрел некој!
БОРЕЦ: (Откај радиото вика.) Вести! (Слуша, им вели на другите.) За Газа. Цел саат
немало струја во окупираниот дел на Газа! Ете што значи да си под окупација – цел саат
без струја!... Псс! Вест за другарот Наце! Тишина! (Се чита со театрално растреперен
глас, од кој се цедат солзи.) „Синоќа, точно во нула нула часот по средноевропско и
балканско време почина... другарот доктор Наце Начмиш, народен херој... носител на
Споменица „1941“ година, носител и на многу други воени и повоени одликувања и
признанија. Ненадејната и подмолна и немилосрдна смрт го затече на неговото работно
место, на седница на Комисијата на Централниот комитет на Сојузот на комунистите
Партија за демократска преобразба на Социјалистичка Република Македонија во услови
на плурализам. По повод смртта на другарот Наце Начмиш телеграми со сочувство до
неговото семејство упатија: другарот Петар Гошев, претседател на Централниот комитет
на Сојузот на комунистите Партија за демократска преобразба, господин Гаврил,
господин Гане Тодоровски претседател на МААК, партија за семакедонско движење,
господин...“
(Влегува Телевизиски снимател и почнува да снима. Прво фотографијата на покојникот.
Присутните ги вртат главите кон камерата. Снимањето завршува и си излегува.)
БОРЕЦ: Формирале Одбор за закоп! Таму!!!
ДУПЕЦ: (На сестрата.) Таму... Жаклина! (Се појавува секретарката на врата.)
Републичкото собрание, другарот доктор Келеш Цветко. Веднаш!
(Секретарката се повлекува, Сестрата ѝ вика: „Чаша обична вода!“ Камбаните
постојано бијат.)
МААКОВЕЦ: (На Дупец.) Градското раководство на нашата партија за сеопшта
македонска акција бара една улица во градов да го носи името на покојниот Наце
Начмиш! Го цениме минатото, црпиме од генерациите пред нас! Вградување на сите
демократски потврдени вредности на повеќепартискиот модел и задржување на веќе
афирмираните облици на непосредно учество на граѓаните во одлучувањето.
ДУПЕЦ: (На Сестрата.) Во одлучувањето.
БОРЕЦ: (Го крева бастунот.) Биста на другарот Наце Начмиш во центарот на градот и
меморијална шума во атарот на селото Ноктец, родно село на татковците...
(Влегува секретарката, со рака му покажува на Дупец кон телефоните на неговото
биро. Дупец крева една од слушалките. Сите се собираат околу него.)
ДУПЕЦ: Алооо! Овде доктор Дупе... Да, да, благодарам другар Келеш. И вие примете го
нашето сочувство... Голем, голем... (На сестрата.) Голем, голем!... Голем... а, голема,
голема загуба, да да!... Камбани?! Ги чувте и вие? Умрел некој друг... Ќе преземеме, ќе
преземеме... Знам, знам, слобода на вероисповед... Што се однесува на зако... Молам?! (Ја
поклопува слушалката, на другите.) Другарот великан Наце Начмиш морало да биде
закопан во главниот град... во Алејата на великаните... (Пак слуша.) Симбол? Да, да!
(Присутните вреват, викаат „Исклучено“ „Не дозволуваме“! Дупец слуша и пак ја
поклопува слушалката.) Да сме имале Алеја на великани...
ДАЛАК: Имаме! Кимисијата беше... сѐ е готово! Извршен е технички прием...
ДУПЕЦ: (На телефонот.) Имаме Алеја на великани, комисијата веќе беше...
БОРЕЦ: (Вика, мавтајќи со бастунот.) Доста беше! Овде да биде закопан! И ние знаеме
да закопуваме! Доста тие закопуваат!
ДУПЕЦ: Слушам, слушам... Бараме овде да биде закопан! И ние знаеме да закопуваме!

8
Покојниот великан
БОРЕЦ: Ни го закопаа другарот Веле! Па ни го закопаа другарот Љупчо! Па ни ја закопаа
другарката Панда! Па ни го закопаа другарот Крсте...
ДУПЕЦ: (На сестрата.) Ни го закопаа! (Во телефонот.) Ни го закопавте другарот Крсте!
БОРЕЦ: Ние даваме великани, тие го закопуваат! Сврши тоа. Денеска...
ДУПЕЦ: (На сестрата ѝ врекнува зашто увото му го пикна в уста.) Сврши!!! (Во
телефонот.) Ние даваме великани, вие ги закопувате! Сврши тоа! Денеска...
МААКОВЕЦ: Непосредно учество на граѓаните во одлучувањето!
ДУПЕЦ: Непосредно учество на граѓаните во одлучувањето!... (Слуша.) Другар Келеш,
ние изградивме своја Алеја на великаните како дисперзивен погон на вашата Алеја!...
Зошто?!
БОРЕЦ: Како зошто?
ДУПЕЦ: Како зошто?
БОРЕЦ: Не може, не смее сите великани на едно место! Еден замјотрес, една атомска
бомба во тоа место и – над што после ќе пишти Македонија?
ДУПЕЦ: (На сестрата.) Пишти Македонија! (В телефон.) Еден земјотрес... Не, не на
Копаонок... во Алејата на великаните...
ДАЛАК: Евентуално!
ДУПЕЦ: Евентуално!
БОРЕЦ: Овде се родил, овде се оформил...
ДУПЕЦ: Овде се родил, овде се оформил...
ДАЛАК: Штрајкувал, се вклучил во редовите на работничкото движење...
ДУПЕЦ: Штрајкувал, се вклучил во редовите на работничкото движење...
БОРЕЦ: Овде тепан во полицијата, апсен... бесен...
ДУПЕЦ: Овде тепал во полицијата, апсел... бесел... (Слуша.) Баш, баш! Баш другарот Наце
Начмиш да даде пример на закопување во дисперзивен погон... Да повлече нога! Во
вашата Алеја на великани немате веќе слободни места, ги закопавте во стеснет простор –
нема каде да дишат великаните... Овде, овде! Ќе му дадеме парцела – нека се шири...
Комоција... конфор! И Шарл де Гол е закопан во неговото родно место... И петтокрака со
вечен оган!... Делегации од сите републики и покраини? Од верските заедници? Од сите
напредни партии?... Хотел? Имаме хотел! Ќе го испразниме! Сѐ ќе испразниме!
БОРЕЦ: Целиот град ќе го испразниме!
ДУПЕЦ: Целиот град ќе го испразниме! Протокол? Протокол!... Повелете! Обезбедено! И
меморијална шума! И биста! (Ја поклопува слушалката.) Дали да ни пратат вајар и шумар
од главниот град?
ДАЛАК: (Свикува гневно.) А на нашиве вајари и шумари што ќе им правиме – на глава ми
се качија!
ДУПЕЦ: (На Сестрата.) На глава ми се качија. (Во телефонот.) А на нашиве вајари и
шумари што ќе им правиме – на глава ми се качија! (Слуша па вреснува.) Кога?!! (Ја
поклопува слушалката, на присутните.) Утре да го закопаме, зашто за другиден
очекуваат да умре некој друг великан – берел душа!
СИТЕ: (Викаат.) Ќе го закопаме! (Френетичен аплауз.)
БОРЕЦ: Ќе го закопаме како ништо!
ДУПЕЦ: (Во телефонот.) Ќе го закопаме како ништо!... Три плотуни?
БОРЕЦ: Море девет!
ДУПЕЦ: Море девет!... Апсолутно!... Апсолутно!... Да, да!... Не, не!... Да, да! Не, не! (Ја
остава слушалката, го брише челото, ја крева раката.) Утре, другари! (На сестрата ѝ
врекнува.) Утре, другари!

9
Покојниот великан

СЦЕНА 3.
НЕБО
Многу човечки фигури во најразлични пози – клечат, седат, лежат (само Наполеон
Бонапарта стои во својата поза, гледа пред себе – остро мевче, коса зачешлана надолу).
Во преден план Аристо, Павле, Хемфри Богарт и Наполеон, другите фигури зад нив кукли
што клечат. Меѓу нив покојниот великан Наце Начмиш, шета низ нив, важен, нервозен,
како лав во кафез. Но – никој не му обрнува внимание.
НАЦЕ: Ми одите на нерви! (Никој не реагира, прави неколку чекори, застанува пред
Павле, кој клечи, и со коленото го гибнува за брада.) Ми одите на нерви!
ПАВЛЕ: (Го погледнува мирно.) Многу нервозно ја почнуваш смртта!
НАЦЕ: Ја почнувам?! Овде сум од ниедно време – ни глава да кренете...
ПАВЛЕ: Ако ние за секој новодојден ја креваме главата, вратовите ќе си ги искршиме!
НАЦЕ: Ни уста да отворите! Ни „добредојде“ ни кој сум, ни што сум... Знаете ли вие кој
сум јас? (Никој не реагира, молк. Наце пак чекори. Го задржува погледот врз Наполеон
Бонапарта.) Ми изгледаш познат! (Одеднаш нагло мртовците се искикотуваат и пак
тишина.) Многу смешно!...! Ти... (Го разгледува Наполеон Бонапарта.) ... да не беше
бербер во Републичкото собрание? Здравко? Не се бричев кај тебе оти бричот ти беше – за
жаби колење!
БОНАПАРТА: (Гордо.) Јас сум Наполеон Бонапарта, цар на Франција!
НАЦЕ: Ааа, ааа – Наполеон Бонапарта, цар на Франција! (Му се поклонува подбивно. На
Павле.) Ти – Сталин, цар на Русија!
ПАВЛЕ: (Просто.) Јас – Павле.
НАЦЕ: Кнез Павле Караѓорѓевиќ! (Му се поклонува и нему. Го загледува Аристо кој клечи
како Шиптар.) Ти – Енвер Хоџа!... Многу млад си за Енвер Хоџа... Колку години имаш?
АРИСТО: Осумнаесет.
НАЦЕ: (Свирнува со уста.) Кутра ти мајка! Од што умре?
АРИСТО: Од старост.
НАЦЕ: (Го гледа, не знае дали да се налути на оваа зафрканција или да врати со иста
мера.) Се котите како глувци.. па и ред е да кинете конци на осумнаесет години!
АРИСТО: Мислев: за мајка ми прашуваш – извини!
НАЦЕ: (Омекнува на извинувањето.) За тебе прашувам. ТИ од што умре толку млад? Да
не си еден од отранчените во демонстрациите? ИЛИ – сообраќајка? Возите како брливи!
АРИСТО: Ме уби тирани...
НАЦЕ: Зошто?
АРИСТО: Го убив синот негов...
НАЦЕ: Семето ваше!... Крвна одмазда! Имаш браќа?
АРИСТО: Седум браќа и седум сестри...
НАЦЕ: А тие... уште се живи?
(Кикот на мртовците.)
АРИСТО: Сите се мртви.
НАЦЕ: Уште кога те видов така клекнат, знаев со каков имам работа! (Кикот на
мртовците.) Ви е смешно? Слезете долу, појдете кај нив, ќе видам дали ќе се смеете!
Уште на времето им велев на другарите: „Да ги пуштиме, сами меѓу себе ќе се истребат!“
А тие – не! (Ги имитира карикирано.) Крвната одмазда е примитивизам! Анахронизам!
Фанатизам! Во едно цивилизирано општество...“ Прдешки! Цивилизирано општество со
нив! И сега овие (Покажува на Аристо.) го јадат, го гризат тоа цивилизирано општество!
(Чекори лут и нервозен меѓу мртовците.)
ПАВЛЕ: Што не слезеш ти малку долу?
10
Покојниот великан
НАЦЕ: Штооо?!
ПАВЛЕ: Слези малку долу!
НАЦЕ: Јас бев многу долу! Кај овие! Да слезете вие, што се клакотите!
ПАВЛЕ: Ние немаме право – мртви сме...
НАЦЕ: Што ми кажа – мртви?! А јас – жив?!
ПАВЛЕ: Не си жив, ама се однесуваш како жив! Нервозен, нестрплив, љубопитен,
нападен, досаден...
НАЦЕ: Јас – досаден?!!
ПАВЛЕ: (Стрплив како секој мртовец, му објаснува.) Сите мртовци во прво време се како
тебе. И ние бевме такви! Затоа секој мртовец има право во првите шест недели да слегува
долу... да преболи... постапно да се ослободи од навиките, од слабостите, од предрасудите
на живите...
БОГАРТ: (Го моли.) Слези, уживај додека можеш... Гледај... долу пушат!
ПАВЛЕ: Само внимавај да не го валкаш угледот на мртвите!
НАЦЕ: А што ми е дозволено да правам долу?
ПАВЛЕ: Сѐ што можеш!
НАЦЕ: А што можам?
ПАВЛЕ: (Низ кикот на мртовците.) Ништо.
НАЦЕ: А ако не сакам да слезам?
ПАВЛЕ: Не мораш. Ама по шест недели, слегол или не, овде нема повеќе да ти гледаме
низ прсти! Ќе мораш да се однесуваш како вистински мртовец!
НАЦЕ: Како вас?! (Покажува на Хемфри Богарт.) Како овој Ѓуптинов?! (На Богарт.) Еј,
Ѓупца! Прала!
БОГАРТ: Јас не сум Ѓуптин!
НАЦЕ: Не си! Американец си!
БОГАРТ: Американец сум!
НАЦЕ: Мислиш ме зачуди?! Ја испосравте Германија, Австрија, Белгија, Европа, сега и се
навртивте на Америка! Азиланти! Поради вас ни ги укинуваат визите!... Сега таму
сигурно си – Џејвид Рејмадан!
БОГАРТ: (Ја поткаснува од јад долната усна.) Хемфри Богарт!!!
НАЦЕ: Богати?!!... (Го гледа од глава до нозе.) Шинтер?... Налбат?... Џамбаз?... Плетач на
кошници?... Па што си? Гангстер? (Навредливо се смее.) Ќе ги наполниш гаќите да видиш
полицаец на сто метра!
БОГАРТ: (Гордо.) Филмски артист!
НАЦЕ: (Свирнува со уста.) Да речеше – слаткар, ќе те голтнев некако, ама... (Крева раце
од него, на другите.) Од Ѓуптин поголем лаж...!
БОГАРТ: (Презриво, на Наце.) Мизерија!
НАЦЕ: Таков те сакам! Искрен! Си призна најпосле! (На другите.) Итар Ѓуптинов!
Признава нешто што сите знаеме!
БОГАРТ: Мизерија си ти!
НАЦЕ: Јас?!! Мртовци, чувте? Еден великан – мизерија! Носител на орден Народен херој
– мизерија?! Носител на... сѐ живо и мртво – мизерија?! Можам да те купам сосе... Пфуј!
БОГАРТ: Духовна мизерија!
НАЦЕ: (Потскокнува од бес.) ЈАС духовна мизерија?! Доктор Наце Начмиш?! Да
поживеев уште некој месец ќе станев академик на МАНУ! Претседател на МАНУ! Прв
МАНУК!
БОГАРТ: Штом ти не знаеш кој е Хемфри Богарт...!
НАЦЕ: (На другите мртовци.) Чувте? (На сите поединечно им се обраќа со прашањето.)
Ти знаеш кој е тој... Хххх...
БОГАРТ: (Со краен презир кон НАЦЕ.) Хемфри Богарт!
НАЦЕ: Па кој е тој Хемфри Богарт?
БОГАРТ: Јас! Цел свет ме знае! Цивилизираниот, културниот свет!
11
Покојниот великан
НАЦЕ: (На Наполеон.) Наполеоне, го знаеш ти овега? (Наполеон врти одречно со глава.)
Најголемиот цар на светов не те знае... мизеријо!
ХЕМФРИ: (Црврцнува презриво плуканица низ заби, на Наце.) Мизерија! (Гордо.) Имам
Оскар!
НАЦЕ: (Омекнува.) Оскар?! Па и јас имам Оскар!
БОГАРТ: Ти?! За што?!
НАЦЕ: Како „за што“?! За... Шар-планина! За Беласица! За Караорман! За Пелистер! За
Кајмакчалан! Без Оскар мој не влегува во тие дивини...! Голем англиски ’рт! Обучен, со
педигре! Со него можеш да спиеш сред глутница волци!
БОГАРТ: (Вчудоневиден.) Твојот Оскар – пес?!! (Се смее „Богартски“.)
НАЦЕ: А твојот – мачор?!!
(Богарт презриво му свртува грб.)
(Аристо станува, се протега и пак клекнува, тоа на Наце му го привлекува вниманието.
На Аристо.)
НАЦЕ: Не те прашав: како се викаш ти?
АРИСТО: Аристогитон... Аристо...
НАЦЕ: (не може да го „свари“ името, го гледа.) Аристо? Од Приштина?
АРИСТО: Од Атина.
НАЦЕ: Од Атина?!!... Овој во Америка, ти во Грција... Преплавивте цел свет, семе
сечено!... (Вчудоневиден.) И ти си убил во Атина?!?
АРИСТО: Во Атина. Го убив синот на тиранинот Пизистрат зашто ја обесчести сестрата
на Хармодиј, моја...
НАЦЕ: (На Павле, покажувајќи со прст кон Аристо.) Силување!!! Сред Атина!!!... (На
Аристо.) Малку ви е Косово за силување?!!... И тој Пи... Пи...
АРИСТО: Пизистрат.
НАЦЕ: Тој... дошол од Тирана...?!! Ако разбирам нешто... Чекај, чекај! Рече: од Атина си?
Па што си дошол овде?
АРИСТО: Па мртов сум, убиен... Каде ќе одам?
НАЦЕ: (На Павле.) Каде ќе одел? Па оди НАД вас! Над Атина, над Грција, над
Албанија...! Што си дошол над Македонија, над Југославија?! Во наш воздушен простор!!!
Многу го имаме па... (Вчудоневиден.) Овој од Франција! Овој од Америка се забрал...
(Кикот на мртовците.) Најдовте село без пес?! (Одеднаш ќе се распадне од чудење.) Ти
рече си Американец?!
БОГАРТ: Американец.
НАЦЕ: Ти Француз?!
БОНАПАРТА: Француз. Цар на...
НАЦЕ: Ти Шиптар?
АРИСТО: Атињанин...
НАЦЕ: Ти Србин?
ПАВЛЕ: Кој Србин?! Каков Србин?!
НАЦЕ: Па... од Белград си... Кнез Павле Караѓорѓевиќ...?
ПАВЛЕ: Од Слепче сум!
НАЦЕ: Демирхисарско?
ПАВЛЕ: Прилепско!
НАЦЕ: И досега да не ми се кажеш?!! (Како блокиран е, не знае како да се снајде. Се
присетува.) Аа! Значи – ти!!! (Го прегрнува и со една рака го тупа по грбот.) Заслужуваш
одликување! Да бевме долу...! Орден за заслуги за народ со златна лента! (Го оддалечува
малку со двете раце, но го држи за рамења, и го гледа.) Добар учител! А вие... уште
подобри ученици! Си ги научил македонски перфектно, а вие зборувате македонски уште
поперфектно! Павле! Еден француски цар да научиш македонски...!!! Ова момче зборува
македонски како сите граматики да ги научило!
АРИСТО: Јас не зборувам македонски!
12
Покојниот великан
НАЦЕ: Немој да си толку скромен – зборуваш почисто од македонските академици на
науки!... Па овој ѓупски Американец...!
БОГАРТ: Јас не зборувам македонски!
БОНАПАРТА: Јас не знам македонски!
НАЦЕ: (Со насмевка го гледа Павлета и очекува од него објаснување.)
ПАВЛЕ: Не знаат македонски.
НАЦЕ: (Го гледа Павлета и врти со глава.) Пресен мртовец сум – не ви го разбирам овој
мртовечки штос!
ПАВЛЕ: Не знаат македонски.
НАЦЕ: Па како се разбираме досега? На кинески?! Ми зборуваат на кинески и јас се фино
ги разбирам?! Или – со лаење се разбираме?
ПАВЛЕ: Овде нема зборување.
НАЦЕ: Опааа! Сега нема и зборување!!! А што правиш сега ти, овој момент: „Овде нема
зборување“. Што беше тоа? Квичење? Гровтање? Мукање?! Овде нема зборување! А јас –
и јас не зборувам?!
ПАВЛЕ: И ти не зборуваш! Мртовците НЕ зборуваат! Ние само си ги слушаме мислите.
Сѐ што помислува еден, слушаат сите.
(Влегува гробарот Киро.)
КИРО: Здраво, мртовци, мртовците ваши! Ме начекавте!... Ви паднав в раце! (Сите
ќутат.) Да не ми се лутите? Што има да ми се лутите? Ако не ве закопував јас, ќе ве
закопуваше некој друг – од нас нема бегање! (Сите ќутат.) Полека, полека, не зборувајте
сите одеднаш... Ќе ве ислушам еден по еден – имам време!... Да ве чкивнам малце – кој од
вас е мој муштерија? (Го фаќа Нацета за брада и му го поткрева лицето за да го види
подобро, Наце му ја отстранува раката.) Де, мајката, да не те урочам, поплукај си
малку!... (На Хемфри Богарт.) Прала, што ти овде?! Ти не смееш да ми се лутиш – Ѓупци
не закопував... (Го гледа Бонапарта, лицето му се шири во насмевка.) ТИ си ми познат!
(Мртовците се искикотуваат.) Познат си ми, познат! Јас кога ќе видам некого еднаш, го
врзувам овде! (Покажува на своето чело.) Ти работеше во Автобуската! На шалтер –
продаваше билети за локалните линии... (На другите.) Една мрза беше, еден симулант...
Ме чуди како не те мрзело да умреш! (Го пофаќа.) Мевчето... Косицата...
ПАВЛЕ: Уште еден незакопан мртовец!
КИРО: Не сте биле глувонеми!... Откај позна дека сум незакопан?! Ми пишува на челово?
НАЦЕ: Искусни мртовци!
КИРО: Ти – ќути!
НАЦЕ: (Навреден.) Знаеш ли ти кој сум јас?!
КИРО: Откај да знам кога уште не сме се запознале!... Се разбирам јас во мртовци – знам
како дишат! Колку ми поминале низ раце...! (Се присетува.) „Уште еден“?! Кој е другиот
незакопан?! Пссс! Јас ќе погодам! (Ги разгледува сите, на Наце.) Ти си другиот
незакопан!
НАЦЕ: Како знаеш?!
КИРО: Знам! Само ти преѓе не се исклакоти!... Значи така? Откако ќе нѐ закопаат и јас и
ти ќе се клакотиме! Признавам: ова не сум го знаел! Долу мислиме дека вие овде плачете,
пиштите, стенкате, горите на оган, а вие – весела долина! (На Наце.) Кога ќе те
закопуваат, ако не е тајна?
НАЦЕ: Утре.
КИРО: Хааа!!! Па и мене утре, колега! Врсници!
НАЦЕ: Ти кога умре, ако не е тајна?
КИРО: Каква тајна – цел град само тоа зборува! Кога ќе умре гробар – се ситат сите!...
Денеска... Да умрев – никому ништо, ама јас брат, се удавив!
ПАВЛЕ: Каде се удави? Во Вардар?
КИРО: Во едно многу згодно место! (Врти со глава.) Спиро, Спиро! Пиздо!

13
Покојниот великан
(На зборот „пизда“ сите мртовци, освен Наце, се размрдуваат како по долг сон,
промрморуваат како да се присеќаваат на нешто многу далечно и сосема заборавено.)
СИТЕ: Пизда?!!
КИРО: Пизда, пизда! Кога џрџна вода во дупката, не смао што не ми подаде рака, ами и
ме тресна со лопатата по глава...!
НАЦЕ: Ќе одиш на својот закоп?
КИРО: Да го гледам Спиро кај што со уживање ме затрупува со земја?! (Лут.) Нека ме
закопаат без мене!... Јас да доживеам Спиро мене да ме закопува! Зини, земјо...!... Ти ќе
одиш на твојот закоп?
НАЦЕ: Ќе појдам... Свечен момент во животот... Да видам... Утврден е протоколот... И ќе
убијам време... Овде што? Ќе умрам од досада – ќутат, клечат, ми ги слушаат мислите...
Ќе си ги видам блиските... Ќерка ми верица... Ти имаш некого?
КИРО: Стева моја... Загубена душичка... Будаличка... Без мене ни една недела не ќе
преживее. Ќе поштукне... Ако веќе не е...
НАЦЕ: Ако решиш... Имаш право – шест недели...
КИРО: Знам! (Му става рака на рамо на Наце.) Да ми правиш друштво?

14
Покојниот великан

СЦЕНА 4.
ДОМОТ НА ГРОБАРОТ КИРО
Сцената е поделена на два дела – две крајно сиромашно наместени собички. Во едната,
во средината мртовечки ковчег поставен на две столчиња, во ковчегот покојниот Киро.
Покриен со чаршав, врз чаршавот цвеќиња, неколку свеќи горат, во аголот гори
кандилце. На покојникот му се гледа само главата. Единствената рака му е
„прекрстена“ на градите. Во другото сопче вдовицата Стева, Менка и Ленка, сите во
црнина, црни шамии на главите – најнародски, најсиромашно. Седат крај маса
претрупана со шишиња (ракија, вино, пиво, сокови) со чинии со салата, со салама, со
сирење, леб, филџани, ѓезве) МЕНКА постојано џвака со предните заби, како зајак,
наденува со вилушката де сирење, де салама, де салата, но не брзо, стрвно, ами отмено,
одмерено, и џвака мрдајќи ја целата брада горе-долу, горе-долу. Во исто време го следи
разговорот и со секого со мрдање на главата се согласува, без оглед колку и да се
спротивни мислењата на соговорниците. Јадат и пијат и Стева и Ленка.
Влегуваат покојниот Киро и покојниот Наце. Наце го разгледува станот.
КИРО: Што гледаш – палата! Не дели се од мене да не се згубиш во некоја соба!
(Покажува на трите жени.) Сите во црно – ќе ме расплачат... Како три години да не јале!
СТЕВА: (Крева чашка со ракија.) Ај, бог да го прости! (Тоа го вели како да вели: „Ај, на
здравје!“ Киро врти со глава, тој очекуваше Стева да ја види поштукната од жал и
болка.)
КИРО: (Покажува со рака.) Стева моја.
НАЦЕ: (Ѝ приоѓа на Стева и ја гледа. Ја фаќа за гради, ја стега, на Киро.) Не се
полнетица?
КИРО: Природни, сто посто! (За тоа време Стева јаде, пие, Наце ја пипка надолу,
колковите, газот, а Киро му вели.) Газот и е најприроден! (Наце ја фаќа за бутини.) И
бутините и меѓу бутините – сѐ природно... Мртва природа – четиринаесет години не сум
ја... Ми одмили – сѐ исто, сѐ исто...
НАЦЕ: (Се оддалечува од Стева.) Лицено ѝ е дваесет години постаро од снагана...
СТЕВА: (Станува од маса, енергично.) Ѕидов ќе го урнам! Креденчено одонде – онде!
Земете од саламата – „Гавриловиќ“ е! А на местово на креденчево – нов регал, Спиро
нашол на три рати... Зашпарав некоја пара без да знае Киро...
КИРО: Зашпарала?!! А јас одев партал!
СТЕВА: Од двете соби ќе направам салон – да има каде гости да ми дојдат. (Менка џвака
и одобрува со глава.) Земете пробајте од кашкавалот, Спиро го набави од Маврово... не
знам од каде... И – ќе ставам ролетни – доста ова селаништава откаршија ми ѕиркаат во
куќава – човек да ти дојде, од нив не можеш да... дишеш.. И лустери! Има, дошле во
супермаркетот на намаление – 50 насто... Овде големо огледало... во регалот телевизор во
боја... зашпарав некоја пара... Телевизорот странски, Спиро го пронашол... Вели со време
ќе ми набави и видеорекордер...
КИРО: Оваа и базен ќе направи! Јас уште незакопан – нов распоред!!! (Ѝ приоѓа одназад и
со раката ја стегнува за гуша, Стева скркорува, вика како давеник: „Аааа... ааа“!)
ЛЕНКА: Стево! Стево, што ти стана?!
СТЕВА: (Киро веќе ја пушти.) Нешто ме давеше... Снемав воздух...
ЛЕНКА: (Исплашена.) Киро! Се повампирил, значи!!!
НАЦЕ: И вампир те направија!
15
Покојниот великан
КИРО: (Одмавнува со раката.) Таа и на живо ме направи вампир. „Вампир! Ме изеде!“
ЛЕНКА: Го прескокнала некоја мачка... Напиј се малку пивце! (Стева крева шише со пиво
и пие.) Вака ќе те дави, ќе те гмечи, ќе те гази... (Менка џвака и одобрува.) ќе те стиска, ќе
ти се пика в кревет... (Стева одмавнува со рака: било па поминало.), ако не за она... ќе ти
го ниша креветот ноќе... Може, може и да легне со тебе... На Оливера покојниот маж така
ноќе и се пикал под јорган и, ене ја – дете... Ене го – во трето одделение во „Климент
Охридски“...
СТЕВА: Жив тој не легна со мене дваесет години...
КИРО: Само четиринаесет години, змијо!
ЛЕНКА: Жив е друго... Вампирите за таа работа... Ако не легнува, бездруго ќе те дави и
гази, може и да ти го поткрева креветот од едната страна за да те истури...
СТЕВА: (Исплашена.) Ами чаре?
ЛЕНКА: Чаре... ќе трпиш шест недели е тоа, после ќе го заклучат на небо. Ќе скапи таму...
Имаш празно тенџере...
СТЕВА: Не барај полно...
ЛЕНКА: Вампирите се плашат од тропање...
КИРО: (Пак ја дави Стева, таа пак кркори.)
ЛЕНКА: (Зема чинија и удира во неа со вилушка.) Брзо барај трн! Или шивачка игла и
продупи му го мевот! (Стева зема игла и трча во другото сопче и му ја боцнува иглата в
мев на покојникот и се враќа.) Напиј се малце пивце! Држ! Најдобро ќе биде да месиш
бела погача, да испечиш едно јагне и вино и да го однесиш преку река, вампирот ќе појде
таму по јадење и не ќе може да се врати преку вода... И ова да знаеш: да носиш крст околу
врат – вампирите се плашат од крст... Што е ова? (Шмрка со носот.)
СТЕВА: (Исплашена.) Што?
ЛЕНКА: Почнува да... смрди умрениот! (Менка ѝ одобрува со џвакање.)
СТЕВА: Де, Ленка, што зборуваш!? Како ќе смрди – сум му ги дала сите услови: сам во
цела соба, пенџере отворено, ковчегот до гуша полн со цвеќиња – не може да смрди!
(Менка ѝ одобрува.)
ЛЕНКА: (Тврдоглаво.) Стево, смрди на мртовец!
СТЕВА: (Одмавнува со рака.) На мртовец Киро смрдеше и наживо... Се плашам да не
засмрди на скапано...
КИРО: Да можам да оживеам само една минута, таа ќе засмрди на скапано! (Киро пак ја
дави Стева, истото се повторува. Стева се растрчува.)
ЛЕНКА: Крст! Крст кај имаш?
СТЕВА: Кај иконата... Кај свеќите... (Ленка донесува голем крст колку една педа, го
врзува со обичен конец и ѝ го клава околу врат на Стева.)
(Влегуваат СТЕВАН и жена му НАДА КРИВОВРАТАТА. Таа навистина е кривоврата,
лицето и е свртено во правец на десното рамо. Ако стои гради в гради со соговорникот,
лицето ѝ е во профил. Се врти деведесет степени ако сака да го гледа со двете очи
соговорникот, Стева станува, стушена, со наведена глава. Прима сочувство од
двајцата, ракувајќи се. Заедно со новодојдените Стева оди во другото собиче. По нив
влегуваат Наце и Киро. Нада и Стеван оставаат цвеќиња врз покојникот. Нада пали и
свеќа.)
НАДА: Бог да го прости! (Го шибнува со лакт Стевана.)
СТЕВАН: Бог да го пхости! (Тогаш го видува лицето на покојникот, се стаписува.)
Невехојатно!
НАДА: Што, бре, невехојатно?!
СТЕВАН: Па овој... Кихо гхобахор?!! Невехојатно!
НАДА: Како невехојатно кога еве лежи спружен в ковчег?!
СТЕВАН: Кихо гхобахот...
СТЕВА: Ти да не мислиш: гробарите не умираат?! Ај, тогаш сите да станеме гробари!
КИРО: (На Наце.) Овој утре-другиден ќе ги купува од Спиро моите и твоите коски!
16
Покојниот великан
(Стеван гледа во мртовецот во ковчегот како во чудо и парализиран. Нада го истуркува
во другото сопче.)
НАДА: Киро, Киро, вештеру стар, ти дојде заколот и тебе! (Низ плач, театрално.) Стево,
Стево...!
СТЕВА: Ќути. Надо, ќути! Ами да залегнеше...?! Таков (Покажува дека нема една рака
чукајќи се по рамо.) и уште болен в постела...!!!
КИРО: Како ќе залегнам в постела УДАВЕН, маме ти ебам! (Оди да ја стегне околу гуша,
но раката не може да допре до грлото, прстите му се грчат без да го дофати грлото.)
НАДА: Како Кицо...
СТЕВА: Кој Кицо? Оној загуганиот од „11 Октомври“?
НАДА: Каков 11 октомври, богати! Мојот прв маж Кицо Тамбурата, го викаа уште и
Копилето. Замисли: пред смртта ме замоли на некрологот да му стои прекарот Копилето:
Кицо Домазетоски Копилето! Тој мој Кицо, Стево – девет години в кревет како трупец! Да
го појам, да го хранам, (Почнува да плаче.) да го мијам, да го бричам...
СТЕВА: Да го бричиш? Црна Надо!
НАДА: (Плаче.) Под себе сере, под себе моча. Искапи го, таман си го искапила, пак се
посрал! А – јади!... Маки!... И ме викаше „Мамо“!
СТЕВА: (Писнува да плаче.) Црна Надо!
НАДА: Не плачи, Стево! (Стева уште посилно плаче.) Не плачи, сестро златна! Имало
господ! Си го зеде Тој!... Овој (Покажува кон другото сопче.) штракнат, извеан, ама – на
нозе!... Ти донесов некоја кајсија – свари си слатко... Ама коските од кајсиите да ми ги
вратиш!
СТЕВА: Ту, па ти, Надо! Магарето го даваш, самарот не го даваш!
НАДА: Не јас, Стево, Пеце многу ги сака јатките од кајсиите...
СТЕВА: Пеце се вика...? (Покажува со глава кон другото сопче.)
НАДА: Стеван! Стеван Ранимајкоски Голе. Пеце е моето дете од... со Кицо, де!
СТЕВА: Со Кицо?! Со оној... (Покажува со рацете: труп.)
НАДА: Пред да се сќутучи... Не знаш каков нерез беше... Едно кочаниште...! Уууу! Може
за тоа се здрви...?
(Влегува СПИРО. Поминува брзо низ сопчето каде што се Менка, Ленка и Стеван, двете
раце му се зафатени со неколку полни пластични кеси и огромен букет цвеќиња. Ја крева
едната рака сосе товарот за поздрав и влегува во сопчето. Сѐ што носи фрла врз
покојникот на ковчегот, се поздравува со Нада, а Стева ја прегрнува и ја тупа по грб за
утеха.)
НАЦЕ: Кој ти е овој?
КИРО: Овој е оној што ме тресна со лопатата по галава. Спиро! Колега!
НАЦЕ: Мал!!!
КИРО: Мал немал – ме акна... Ме начека во дупката како во склупца...! Цвеќиња... цели
гробишта обрстил... Убиј го човека па покриј го со цвеќиња...
НАДА: (Ѝ намигнува на Стева.) Одам јас да им се најдам на гостите... (Влегува во
другото сопче. Стева веднаш ги отвора кесите, а Спиро триумфално кажува што е
што.)
СПИРО: Транзистор! Стево!
СТЕВА: На струја?
СПИРО: И на струја и на батерии!
СТЕВА: Супер! На викенд на батерии, дома на струја...
СПИРО: Имаш една салама од мене! Во жолтата кеса... (Адутот сега!) А, да видиш!
(Буричка в џеб, без брзање за да постигне ефект.) Да видиш... (Го вади од џеб познатото
шамиче со златната обетка.)
КИРО: Златната обетка! Му остана нему!
СПИРО: (Вади од шамичето две златни обетки.) Златни обетки... за твоиве увциња! (Се
прегрнуваат, Спиро турка во неа, офка, стенка.)
17
Покојниот великан
КИРО: Две?!! Ја скрил едната...! Наце, држ’ ме оти... Е, сега гледам колку се разликуваме
ние мртвите од живите! Не сум, знаел дека живите се вакви лајна. Додека бев жив да
знаев...!
НАЦЕ: Додека бевме живи не забележувавме зашто и ние бевме лајна!
КИРО: Што велиш.
СПИРО: (Ја пушта Стева и ѝ ги подава свечено обетките.) Од Солун... специјално за
тебе, златни – осумнаесет карати, ако не и деветнаесет!
(Киро ја закопува главата во градите на Наце да не гледа.)
СТЕВА: (Покажува на мртовецот во ковчегот.) Спиро, вампиров... се повампири,
двапати ме давеше... затоа крстов... Гладен си, ај кај гостите... (Одат во другото сопче.,
Киро и Наце остануваат крај ковчегот, додека во другото сопче јадат, пијат, се смеат.)
КИРО: Губам волја за жи... за сѐ! Види: ме спружила во ова собуре до нужников... и онаа
(Покажува крив врат.) – сум смрдел! И тебе да те пикнам в нужник ќе смрдиш... (Се
гледа во ковчегот.) Не сум во форма: сум се подул како жаба... бабуњосан во лицево,
јазиков сум го исплазил... сигурно кога ме тресна со лопата... и така ми останал... не
можела да ми го втера... Наце, да не ти даде бог ваква жена и ваков колега...
НАЦЕ: (Го трга од ковчегот.) Не анализирај се, ај кај гостине! (Влегуваат во другото
сопче.)
СПИРО: (Раскажува во занес.) Претседателот Далак вели: „Уште половина метар
длабоко“!, јас му велам: „Претседателе, водоврично е местово... (Ги збира рамениците.)
Претседател е...! И Киро копа, копа и кога џрџна едно водиште, некоја далга, а јас веднаш
над дупка, подавам лопата и викам: „Киро, Киро, држ се лопатава... фати се, Киро!“
КИРО: (Врти со глава и вика.) Ти да се фатиш, маме ти ебам гробарско!
СПИРО: Му подавам рака за да го извлечам, ни рака потфаќа ни ништо. Гледам долу, да
рипам да го спасувам – го нема! Пропаднал под вода. И туку едно време жубуркна малку
водата и – толку.
ЛЕНКА: Му излегувала душата... Луѓе, гоооости сме на земјава, сите ќе одиме таму! (Се
прекрстува.)
СПИРО: И да видите – како што џрџна водата, така и секна, а Киро лежи мртов...
КИРО: Па мртов! И јас да те треснам со лопатата...! Ах, што не сум малку жив...!!!
НАДА: Да бараш пензија, да не бидеш будала! (Менка џвака и одобрува.)
СПИРО: Пензија автоматски ќе добие.
НАДА: Со вашите автоматски гробарски пензии, подобро и Стева да се удави! Да бараш
национална пензија, шута!
НАЦЕ: Жена ти е носител на споменица?!
КИРО: Носител на јајца пукани!
СТЕВАН: Покојниот Кихо беше носител на спомница? Бохец?
НАДА: Се удави за борец! За народен херој! Исто е тоа.
СТЕВАН: Пхоблематично!
НАДА: Зошто пхоблематично? Оној Живко од Кочовци, оној патравиот, на времето на
партизаните им дал половина леб и едно шишенце јод, и ене го: триесет и пет години
лапаше пензија и го закопаа на државен трошок и со воена музика. А Киро не половина
леб ами цел живот си даде!
КИРО: Си дадов!
СПИРО: Јас сум сведок!
СТЕВАН: Потхебни се двајца. Ги знам јас тие хаботи, хефехент сум во пехсоналното
одделение...
СПИРО: (Го гледа и се присетува.) Ти! Ти ќе бидеш вториот сведок! (Стеван му дава
знаци да ќути.) Ти беше на гробишта!
НАДА: (Срипува од столица, му го врти рамото за да го гледа со двете очи.) Си бил на
гробишта?!! (Граба нож од масата.) Гнасо!
СПИРО: (Ѝ ја фаќа раката со ножот.) На горбишта бил, не на курва!
18
Покојниот великан
НАДА: Исто е тоа!
СПИРО: Исто?!! Јас што секој ден сум на гробишта, значи...!?
НАДА: (Го смирува.) Спиро, не знаеш, затоа скокаш! Или кисне на гробишта на гробот на
онаа негова прва жена... не знам што најде во неа да не ѝ даде пари, да не ѝ купи ова-она...
Оди ти, Надо, гола и боса! А каков стан ѝ плаќа!!!
СПИРО: Телето цица од кравата, не кравата од телето.
СТЕВАН: Бев на гхобишта, пхизнавам, ама не бев на гхобот на Махија...
НАДА: Не беше! Беше да дишеш чист воздух на гробишта!
СТЕВАН: Бевме со Петхета... пхосто му пхавев дхуштво... Петхе имаше некоја хабота со...
(Покажува кон другото сопче.) ... со Кихо... (На Спиро за да се спаси од Нада.) Ќе бидам
втор сведок...
НАДА: Што си видел ти?
СПИРО: Го виде Киро во дупката... како џрџа вода... како јас му подавав рака...
НАДА: (Малку се смирува. На Стева.) Да бараш во таа дупка да биде закопан Киро твој!
Таа дупка нему му била пишана!
СПИРО: Не може, жено божја! Таа дупка ја знаат претседателите... таа дупка е во
центарот, крај асфалтираниот пат... Таа е за Народен херој! Носител! Споменик! Улица!
Меморијална шума...
НАДА: (Му вика на Спиро како од него да зависи.) На споменикот двајцата!!!
СПИРО: Кои двајца?
НАДА: Киро и тој... Прегрнати вака... како брат и сестра, како на споменикот карши
аптеката... Стево, не знаеш што убаво ќе му биде на Киро! Тој и оној горе, а околу, долу ќе
насадат цвеќиња, па водоскок, па клупи околу, ќе насадат и борчиња за сенка да држат, па
навечер и ноќе ќе навртат рефлектори во главите на Киро и оној... а на државни празници
борци, ученици, делегации – венци...
СТЕВАН: Денеска многу не е пхепохачливо да си на споменик... Многу пахтии, не знаеш
која ќе победи на избохите... Ќе хечат: фхлај ги овие болшевици... мафијаши... Кога можеа
Ленин да го исфхлат во Полска и Сталин да го пходаваат за топење... Бхонзата е скапа... А
настхана што ќе го сехат чавки, вхапчиња, гулаби...
СТЕВА: (Удира со рака на масата и станува решително.) Ќе барам половина од –
шумата!
СПИРО: Од која шума?
СТЕВА: Од таа... моралната!
СПИРО: Меморијална се вели. Не може, Стево! Тоа е меморијална шума, пријатно катче
за одмор и рекреација на идните поколенија!
СТЕВА: Тоа е – шума! Дрвје. Илјадници кубици... Ќе сечам, ќе продавам... Или половина
од шумата или ќе го тужам тој претседател што му нареди на Киро да копа уште длабоко...
Ќе фатам адвокат од Белград! (Влегува поп и сите живи одат во другото сопче каде
попот го пее мртовецот.)
НАЦЕ: Меморијална шума на кубици?!!
КИРО: (Кого го „фати“ ова, почнува да верува дека и тој заслужува.) Па... како моја
вдовица... знаеш... Мојата херојска смрт... Си го дадов животот за голем син на
татковината... за Народен херој другарот Наце Начмиш... (Наце просто е блокиран кога го
слушнува ова, а Киро продолжува занесен од своите „заслуги“ и „жртви“.) Мислиш...
може да биде она со спомениците...? Да нѐ исфрлат... да нѐ стопат за резервни делови...?
(Во транс.) Чавките нека нѐ серат... еден дожд... Ама топењето...! Нема нашиот народ да
дозволи... не сум јас ни Ленин ни Сталин... Тогаш и шумата ќе ја исечат... Половина моја
шума! (Се помирува.) Како за другарот Наце Начмиш, така и за мене! Каде тој, таму и јас!
На топење – на топење! На сечење – на сечење! А може сѐ да остане... споменик... шума...
НАЦЕ: Не може!
КИРО: Ќе нѐ топат? Ќе нѐ сечат?
НАЦЕ: Нема топење, нема сечење! Ама не може ти на споменикот, ти во шумата!
19
Покојниот великан
КИРО: Откај знаеш ти?
НАЦЕ: (Се испрчува, гордо.) Јас сум другарот Наце Начмиш, народен Херој и великан!
КИРО: (Го погледнува и долго го гледа.) Ти?
НАЦЕ: Јас!
КИРО: (Пак долго го гледа, и одеднаш брбнува да се смее, се превиткува од смеење, дури
и офка.) Ако сега не се помочам... (Пак експлозија на смеење.) Во животот олку слатко не
сум се изнасмеал! Ќе ум... ќе оживеам од смеење!... Значи ти си другарот Наце Начмиш?!!
(Го гледа од глава до нозе.) Еее, не ми е криво! Имало за ШТО да умрам!!! (Се смее.)
КРАЈ НА ПРВИОТ ДЕЛ

СЦЕНА 5
ГРОБИШТА
Дупката што ја копаа Спиро и Киро од првата сцена. Сега сѐ е зачистено, зарамнето.
На сцена само покојниот НАЦЕ, шетка, ја гледа дупката, па околината, па небото. Се
слушаат камбани.
НАЦЕ: Пак некој умрел...
(Влегува покојниот Киро. Сега тој има две раце, но не е свесен за тоа. Ни тој ни Наце.)
КИРО: (Весело на Наце.) Можеш да очекуваш одличен закоп. (Со двете раце покажува
на околината.) Ќе се шириш овде!
НАЦЕ: Ќе бидам осамен.
КИРО: Никако! Сега колегите твои политичари ќе почнат да умираат како муви! Кога ќе
ги подграбнат новите партии – суд, притвор, затвор... Ќути, ти навреме си умре.
НАЦЕ: ТИ... не си на твојот закоп?
КИРО: Готово мојот закоп! Стева моја го викнала Ѓорѓија. А тој, го знам јас него:
прескокнува по цели молитви... Вечнаја памет, сосјатими упокој раба твоего Киро и –
амин!
НАЦЕ: Па за кого бијат камбаниве?
КИРО: За мене. И тие не очекуваа таква брзина од поп Ѓорѓија... Го надмина и својот
личен рекорд. Сега го напаѓа рекордот на поп Цветко! (Врти со глава.) Ама поп Цветко е
поп Цветко! Диктира пеколно темпо! Гради три куќи, две викендички, вила во Охрид,
базен... А поп Ѓорѓија само две куќи, две викендички, едно базенче – драпај си... (Се
издишува со олеснување, се протега ширејќи ги двете раце, уште несвесен за неговата
рака, певливо.) Помина и тоаааа! Сега како прероден сум! Полесно се дише! Како крила да
добив!
НАЦЕ: Блазе си ти – ти си помина на редот!
КИРО: И за заблазнување сум! Слободен! (Ги шири високо рацете, уште несвесен за
новата рака.) Дајте ми крилја јас да си метнам и в наши стрни да си прелетнам... (Се тупа
по мев.) Да знаев дека е вака убаво, ќе се удавев уште илјада деветстотини четириесет и
петтата!
НАЦЕ: Никогаш не е доцна.
КИРО: Не е ни рано – го фатив последниот воз. Рипај и ти и те чекам (Покажува на
небото.) дома! Доме, сладок, доме! (Тргнува да излезе, крева рака за поздрав пеејќи.) А
риведерчи, Ромааа...“
НАЦЕ: Не оставај ме сам, почекај да ме закопаат па...
КИРО: Долго ќе оди со тебе! Делегати, републички, покраински, партии, церемонии,
говори... Твоиве другари да работат пазарно како поп Ѓорѓија и поп Цветко, ќе те
призакопаат набрзина, ама... Наце, гледај сега ебана работа: поповите се разработија како
што бара Анте Марковиќ, а вие... Не си нешто во форма денеска... Што се плашиш – не
боли!

20
Покојниот великан
НАЦЕ: Имам трема... Првпат ми е... Коленициве ми се тресат...
КИРО: Од слабокрвност... Диши длабоко и гледај право!
НАЦЕ: Дали ќе можам?
КИРО: Ризикувај! Оди на сѐ или ништо – кој ризикува, добива! До кога да добиваат
другите? (Го удира по рамо.) Народен херој си или мачкина кашлица! Исправи се!
Простум! (Пее придушено за да го охрабри.) Од Вардара па до Триглава...
НАЦЕ: (Се исправа, глуми храброст.) Имаш право!
(Влегуваат СТЕВА, НАДА, СПИРО и СТЕВАН. Одат право кон гробната дупка. Киро прв
ги забележува.)
КИРО: Мммм... ммм – уште овие беа кусо!
(Стева го носи големиот крст на гради. Се разбира, во црнина се, зашто доаѓаат од
закопот на Киро. Доаѓаат до дупката, и Спиро, гестикулирајќи, им кажува како се
обидувал да го спаси Киро. Оддалеку се слуша погребна блех музика.)
НАЦЕ: (Го фаќа Киро за рака и се залепува во него како дете во родител.) Идат!
КИРО: Не плаши се – нема живот да ти земат! Ќе ти држам палец!
(Блех музиката сосема наближува, Стева и другите се редат од едната страна на
дупката. Од длабочината на сцената влегува офицер-диригент на оркестар што не се
гледа. Веднаш се свртува со грб кон публиката и му диригира на „оркестарот“
Влегуваат девојки што носат: една перниче со одликувањата на Наце Начмиш, а други,
две по две венци. По нив ковчегот го носат Дупец, Далак, МААКовецот и други.)
КИРО: (Одушевен.) Кооовчеееег! По последна мода! Живот се живее во него! Да го
видеше мојот – гајба за грозје! А, Стево, Стево – шпараш за регали!
СТЕВА: Ќе нѐ избркаат одовде... Да си фатиме некое поубаво место за гледање...
НАДА: (Ја фаќа за рака.) Да не си мрднала одовде! Овде загина Киро твој, овде тебе ти е
местото! Да се знае! И што ти реков...!
(Го оставаат ковчегот недалеку од дупката. Еден го крева капакот од ковчегот и го
држи в раце исправен. Музиката свири, меѓу тоновите на музиката се слушаат и
камбани. Киро го фаќа Нацета за рака.)
КИРО: Ај да те видам за последен пат. (Одат до ковчегот, застануваат пред Света и
другите, тие, се разбира гледаат „низ Киро и Наце“.)
НАЦЕ: (Се гледа себеси во ковчегот.) Нека ми е лесна црната земја! Слава ми!
КИРО: Бог да те прости! Многу убаво ти стои ковчегов!
НАЦЕ: (Скромно.) Фотогеничен сум. За насловна страна.
КИРО: Ми поминале низ раце илјадници ковчези, ама овој – заслужува медал „Т’га за
југ“... Да си лежевме двајцата во него, топ не ќе не биеше...
(Вдовицата Начмиш, во исто време кога Наце и Киро тргнаа кон ковчегот, опкружена
со ќерка си и Сестрата, застанува до дупката. Веднаш до неа се Дупец, Далак и другите
структури.)
СТЕВА: (Покажува на мртовецот во ковчегот.) Надо, го гледаш... За него Киро мој...
(Шмрка, си го брише носот.)
КИРО: (Гледа во мртовецот во ковчегот па во Наце.) Наце! Многу здрав ми се гледаш!
Јак! И ти да не не умре природно? Знам јас како изгледаат природните мртовци. За
никаде! Жолти, чклапнати, папушлави, а ти... И насмевнат... Животна радост...
НАЦЕ: Здржан оптимизам. Верба во подобро утре!
КИРО: Па како...?!
НАЦЕ: Несреќен случај.
КИРО: Сообраќајна несреќа?!... Цел си...
НАЦЕ: (Во доверба, в уво, ама гласно.) Умрев на п-п...
КИРО: На партиски пленум? Во борба на мислења?
НАЦЕ: (Врти одречно со глава и му шепоти нечујно, лицето на Киро се шири во блажена
насмевка, истовремено полека се спушта на колена пред Нацета.)

21
Покојниот великан
КИРО: Да е благословено млекото што си го цицал! Сега ти за мене си Народен херој!
(Станува.) Води ме: со тебе во живот и во смрт!... А јас четириесет години умирам за п-
п... Веќе изгубив... рефлекс!... (Шеретски му намигнува.) Несреќен случај, а? НАЈСРЕЌЕН
случај! Заслужува споменик.
НАЦЕ: Кој? (Киро покажува на неговиот...)
(За тоа време се подготвува нечујно закопот, се местат венците, се договараат
претседателите со вдовицата, МААКовецот се пика меѓу нив, гестикулира, се
промавтува ТВ снимателот и слично.)
КИРО: И како се снајде во таа ситуација? Те фати паника?
НАЦЕ: Мртов – каква паника! Ама жената...! Тринаесетти кат, јас мртов и гол во
нејзиниот стан... Да вика полиција... како ќе вика – жена на... (Му шепнува, Киро зинува од
вчудоневиденост.) Да ја вика жена ми – како ќе ја вика?! Кого да вика? А мора нешто да
смисли – може мажот ѝ да се врати...
КИРО: Требало да те експедира на приземје...
НАЦЕ: Како на приземје од тринаесетти кат мртов, гол и тежок?!
КИРО: Да те одвлечкала во лифтот, копчето и – ете си на призмје, и кој ќе те најде прв –
тој нека му мисли!
НАЦЕ: (Плеснува со раце.) Не се сетивме!
КИРО: Другпат да мислиш!... И што направивте?
НАЦЕ: Јави во Цека на Сојузот на комунистите партија за демократска преобразба... Цека
брзо Брза помош... ме завиткале во ќебе божем некоја баба добила инфаркт... на жена ми ѝ
јавиле: другарот Наце доби инфаркт за време на третата точка од дневниот ред на
Комисијата за идејно-политички прашања во новосоздадените плуралистички услови...
(Додека Наце и Киро разговараат, сцената постепено се затемнува (облаци),
фоторепортери се мотаат, снимат, теве снимателот ги снима најблиските на Наце
Начмиш, вдовицата го крева превезот да ѝ се видат насолзените очи, Дупец ѝ дава
шамиче, таа си ги брише очите.)
НАДА: Плаче! А што Киро си го даде животот за... Те прашуваат ли тебе како ти е? Ги
снима ли телевизијата твоите солзи? Дојде ли некој на закопот на Киро? Се прашуваат
ли... (Ја шибнува Стева в слабини.) Барај си ги своите права на вдовица на човек што си го
дал животот...
СТЕВА: Што да правам?
НАДА: Како што да правиш? Гледај за него колку венци, колку ордени, колку сликари... А
за Киро?
СТЕВАН: Не пхавете пхоблеми!
НАДА: Ќути ти! (На Стева.) Ајде, барај спомен плоча, барај споменик...
СТЕВА: (Истапува, застанува до дупката, свикува исплашено.) Другари, за оваа дупка
загина мојот маж Киро! Имам сведоци... Си ги барам своите...
НАДА: (Ѝ шепнува.) Уставни...
СТЕВА: ... уставни права... (Настанува мешаница, фоторепортерот и теве снимателот
ги навртуваат објективите кон Стева.) Овде да биде поставена спомен плоча: „Овде
загина Киро...“ Ти го натера да копа длабоко... вода џрџна... И на споменикот да бидат
двајцата: тој... овој ваш... и Киро мој... Ако не – споменикот ќе го искршам на парчиња
или ќе го стопам... Ќе те дадам на суд, ќе фатам адвокат од Белград... (Стева е веќе
разгоропадена, вреска, мавта, ѝ се доближуваат двајца, ја тргаат, Нада ѝ притекнува
во помош, местејќи го вратот подобро да гледа, паѓа во ковчегот врз мртовецот, прета,
со нозете пругоре, вика.)
НАДА: Црн мермер – црно му било пишано... Национална пензија...
(Ја одвлечкуваат Стева, Стеван ја вади Нада од ковчегот, Спиро ги враќа цвеќињата во
ковчегот што Нада ги исклоца надвор. Кога Нада е надвор, вреска: „Стевоооо!
Стевооо!“ и истрчува по Стева надвор од сцена. Стеван по неа. Сцената се потемнува,

22
Покојниот великан
се јавува по некоја секавица, грмеж. Веќе ситуацијата е смирена, претседателите
нешто разговараат со вдовицата, шират раце во недоумица и извинување.)
КИРО: Кривовратата ти ги смачка јајцата... Среќа – не ти требаат сега...
(Дупец вади од џеб лист хартија, доаѓа поблизу до ковчегот, Спиро става до него некоја
клупичка, Дупец се качува на клупичката, музиката засвирува, сите стојат извесно време
мирно, музиката престанува, Дупец го отвора листот, ги опфаќа со поглед сите, се
накашлува. Одеднаш, заслепувачка секавица и јак близок грмеж.)
ДУПЕЦ: Драг наш покоен другар Наце Начмиш! За сите нас, твоите... твојата... (Секавица
и грмеж, сцената се потемна.) ... ненадејна и... толку неочекувана и подмолна смрт...
(Секавица, грмеж.) ... толку неочекувана зашто ти до последниот миг на животот на
своето работно место... третата точка од дневниот ред на Комисијата... (Заслепувачка
секавица, експлозивен грмеж, гром удира во непосредна близина.) Твојот непокор...
неумор... (Се истура пороен дожд. Настанува хаос, девојките ги фрлаат венците и
бегаат, МААКовецот, прескокнувајќи сѐ пред себе, бега, оној што го држеше капакот од
ковчегот, го фрла капакот со отворот нагоре, како корито, и бега. По него офицерот-
диригент, борецот инвалид, Дупец го стуткува листот, скокна од клупа, се слизнува и
паѓа. Спиро го крева и двајцата бегаат. Далак по нив, па вдовицата и сестрата.
Последна останува ќерката, постојува и полека, пркосејќи на дождот, излегува од сцена.
Тишина. Само дождот истура. Наце и Киро не мрднуваат.)

23
Покојниот великан

СЦЕНА 6.
НЕБОТО
(Мртовците во своите вообичаени пози. Наце нервозно чекори меѓу нив. Само Киро го
следи со поглед, другите незаинтересирани.)
КИРО: Не земај толку при срце! Челичи се! Такви се живите! Што сум видел јас во својата
кариера... еее! Време – милина за закоп: пролет, сонце, ни жешко ни студено, од
багремјето птички пеат, пчели, пеперушки, а тие бегаат од закоп... фудбал... сериски филм
на телевизијата...
НАЦЕ: Да избегаат од еден дожд!!! МЕНЕ да ме напуштат...!!! Кој не отстапувал пред
непријателски митралези, тенкови... Во студ, снег, ветар... (На овие зборови мртовците ги
креваат главите.) ... кој по две недели не гледал ни леб ни вода...
КИРО: Само зелници и кисело млеко!
НАЦЕ: Мене кој се борел цел живот за благосостојба...!
БОНАПАРТА: МЕНЕ (Сака да каже: мене а не пак тебе.) ме напуштија војниците,
генералите, министрите, Жозефина... Мене, Наполеон Бонапарта, цар на Франција!
КИРО: Како не ќе те напуштат?! Ги крена во борба против царови, а самиот се прогласи за
цар. Требаше да ти ја скинат тиквата, а не да те пензионираат!
НАЦЕ: (Си го тера своето, тој Бонапарта сосема го игнорираше.) И онаа твоја Стева...!
Плоча на мој гроб?! „Народен херој Наце Начмиш 1924-1990“ а подолу: „Овде загина
Киро...“
КИРО: Па да не не загинав?!! ШТо е една спомен плоча спрема еден мој живот!!! Нека се
знае местото...!
НАЦЕ: Мене, значи, да ми става спомен плоча во креветот на 13. кат...! Да се знае
местото! Ама резон...! И уште жена ми да бара оштета!
КИРО: (Му се заканува со прст.) Да ти кажам кога ме тргаш за јазик! Се курваш на 13
кат...
НАЦЕ: Тоа е моја приватна работа!
КИРО: Твоја приватна работа! ТИ се курваш, јас останав труден! Како не си скрши нога
по скалите... сега ќе си бев жив... Да бев таму со тебе, па да гинам, ама јас сув
четиринаесет години... и умирам зашто ти си запнувал преку мера! Нема правда!
НАЦЕ: А на гробишта за истата работа ми клекнуваш на колена, клинкур еден! „Сега ти
за мене си Народен херој! Води ме: со тебе во живот и во смрт!“ Водев цела дивизија на
Сремскиот фронт и полесно ми беше, ебан еден во мозокот и четиринаесетгодишен
„јунфер“ (Киро на тоа „јунфер“ офнува како нож в срце да му брцка.) Војсководец сум!
Државник! Кој војсководец и државник не бил курвар? Земи го овој Наполеон...
24
Покојниот великан
БОНАПАРТА: (Клава рака на срце.) Жозефина!
НАЦЕ: Жозефина и дваесетина други! Па земи го другарот...
КИРО: Добро! Додека сте живи! Ама ти и мртов и се кошна на Стева моја! „Цицки
природни, бутини природни, газ најприроден!“ А дома си имал жена капка! Путер! И цел
свет го лажете: „Инфаркт на третата точка на Комисијата за идејно-политички прашања на
Цека на сојузот на комунистите партија за демократска преобразба...“ И кукаш: „МЕНЕ да
ме напуштат...“ Не да те напуштат, ами гробот да не ти се знае! (Протестно се
оддалечува од Наце (дотогаш сѐ беа заедно) застанува близу до Бонапарта.) Наполеон!
Ти си цвеќе спрема овие наши пеликани!
НАЦЕ: (Протестно.) Великани!
КИРО: Пеликани! Несити!
НАЦЕ: Ќут! (прави чекор кон Киро.)
КИРО: Ела! Со оваа рака гркланот ќе... (Моментално ги крева двете раце и веднаш
вреснува.) Луѓе!!! Браќа!!! Што е ова?!!!
(Сите го гледаат зачудено и не сфаќаат.)
ПАВЛЕ: Што? (Најрамнодушно.)
КИРО: Што? Ти само „што“! Рака!!! Лева рака!!! Нова!!! Четириесет и пет години без
рака...!!!
АРИСТО: Штом мртовецот ќе го закопаат, штом ќе се изгуби од погледот на живите,
веднаш добива сѐ што му недостигало. Мене тиранинот Пизистрат ми ја пресече главата, а
еве... (Покажува на својата глава, ја врти.)
ПАВЛЕ: Јас се удавив...
КИРО: Се удавив?! И ти – удавен?!
НАЦЕ: Каде се удави?
ПАВЛЕ: Во Вардар.
НАЦЕ: Ти, рече, од Слепче, Прилепско, си, од каде таму Вардар?!
ПАВЛЕ: Бев Самоилов воин. Византијците, како на стоти воин, ми оставија едно око...
Вардар беше дотечен, префрлаше и преку брег... Вардејќи некој од слепите воини да не се
удави, се удавив јас... Сомови ме изедоа, ковче не остана од мене, а еве сум – цел!
КИРО: Деветстотини и толку години си овде?!
ПАВЛЕ: (Покажува на Аристо.) Тој е две илјади години овде...
НАЦЕ: (Вчудоневиден.) Две илјади години... детево?!!... Извини, момче... Јас те мислев
Шиптар...!
КИРО: (Ги гледа мртовците зинат.) А Ѓуптинов... колку години?
БОГАРТ: Не сум Ѓуптин. Американец сум.
ПАВЛЕ: Тој е најмлад овде! (А Богарт, инаку е најстар тука.)
КИРО: Најмлад овој гургут?!! Јас сум најмлад овде... Јас и... (Го гледа Нацета, му
поминала веќе лутината.) и... другарот Наце.
ПАВЛЕ: Вие ќе се водите овде по шест недели...
НАЦЕ: Сега сме мртовци-приправници!
КИРО: (Си ја гледа новата рака, ја пипка, ги мрда прстите.) Ова овде мора да е рај, штом
ми се дава рака... Ама како рај – нема ни ангели, ни градини, ни смокви...?!! (Мртовците
се кикотат.)
ПАВЛЕ: Овде нема рај.
КИРО: Само... пекол?
ПАВЛЕ: Ни рај ни пекол. Пекол и рај има само на земјата.
КИРО: За тоа си прав... Слушаш, Наце? Твојот рај... мојот пекол... ги нема овде... А...
женски? Камо женски? Сум закопал илјадници женски...
ПАВЛЕ: Ти сакаш овде женски?
КИРО: Ти не сакаш? (Незгодно му е да признае. На Аристо.) Ти не сакаш? (Кога му се
обраќа на Богарт: „Ти не сакаш?“.)

25
Покојниот великан
БОГАРТ: (Цврцнува плуканица низ заби, презирво.) ЈАС не сакам?! Хемфри Богарт?
Љубимец на жените! Современик и партнер на најубавите жени на светот!
НАЦЕ: (Презриво.) Пих, пих, пих!!!
БОГАРТ: Ава Гарднер – најубавата жена на светот! (Наце кој не ја знае Ава Гарднер
прави презрива гримаса и му намигнува на Киро.)
НАЦЕ: Овој не ја видел Ленче наша?!
КИРО: (Си ги оближува усните.) Ленче Офицерката?!
НАЦЕ: Таа, бате! (Покажува со раце на градите.) Нааа!!!
БОГАРТ: ... Елизабет Тејлор! Најубавата жена на светот! („Пих, пих“.) Мерлин Монро –
најубавата, најсексепилната жена на светот!!! (Наце и Киро „прднуваат“ со усните.)
ПАВЛЕ: Сите сакаме. Затоа – нема! Тоа е – смртта: да немаш што сакаш!
БОГАРТ: (Нервозен.) Ни една цигара!
КИРО: (На Наце, подбивно.) Тешко тебе, Наце!... Добро! Женски нема за да не се
прокурваме, камо животинчиња? И тие умираат! Јагненце, јаренце, кученце, пчеличка да
летне, црвче да лази... мравка...
ПАВЛЕ: Да имаше овде женски, јариња, јагниња, пчели, значи: не сме мртви, а – мртви
сме!
НАЦЕ: Со волја... со акција... со план... Мора нешто да се...
ПАВЛЕ: Ништо!
АРИСТО: Ништо!
НАПОЛЕОН: Ништо!
БОГАРТ: Ние една цигара!
НАЦЕ: (Изнервиран.) Доста ти кукаш: цигара па цигара! Не претерувај со цигарите! Ни ја
загадуваш срединава!
(Богарт, исплашен од Нацета, се доближува до Киро.)
КИРО: (Пријателски на Богарт.) Јас пушев како Турчин, ама кога се преселив овде, ги
баталив цигарите. Откажи се и ти! Бирај: или здравје или... (Сите мртови занемуваат,
неподвижни.)
КИРО: Нема кученца, мравки, црвчиња... а – една лопата... ми се копа!
НАЦЕ: Мене ми се... телефонира... Ми се дискутира...
ПАВЛЕ: Ништо.
КИРО: (Очаен, бесен.) Па што да правам со двеве раце?!! (Им викнува на мртовците како
тие да се криви.) Најубаво е да си жив! (Гласот сѐ повеќе му станува плачен.) Нема
ништо поубаво! Биди ѓубре, биди гнасен, биди лајно, ама – жив! (На Наце.) Да ти кажам
право: им заблазнувам на живите! Имаат што сакаат, одат, пијат вода... Сега на пример!
По нашиот закоп... Собрани кај мене дома: Стева, Спиро, Менка, Ленка, оној „Р“, Нада
(Покажува искривувајќи го вратот.) ... јадат... пијат...
НАЦЕ: Не мисли...!
КИРО: (Уште поплачно и појако.) ... мевце... саламка... маслинче... лепче... сиренце...
винце... пивце...
НАЦЕ: Не мисли...!
КИРО: Надвор дожд... грми... ветар... сонце... се стемнува... се разденува... деца...
автомобили... телевизија... пазар... (Почнува сѐ посилно да плаче, се задушува во
липање.) ... си продаваат... си купуваат... Свадби... Нови години... недели... другари...
лозја...
НАЦЕ: (Му става рака на рамо.) Си закопал илјадници мртовци...
КИРО: (Како да се разбудува, добива животен сок, се исправува, горд.) Сум закопал! Се
гордеам!
НАЦЕ: Тебе ЕДНАШ те закопаа па квичиш како магистер г-господ твој! (На другите
мртовци, гневно, прекорно.) И вие... дремикуровци! Плачипички! На нозе! „Трчеќим
кораком...!“ (Тој поттрчнува, бавно, растегнато, расштрафено, другите го гледаат
неподвижни.) Акција! Мора да има нешто...!
26
Покојниот великан

СЦЕНА 7.
ПОЛЈАНКА
На десната страна на сцената ископани дупки за садниците за шумата во чест на
покојниот великан (треба да се добие впечаток дека натаму има уште многу дупки.
Оддалеку се слуша лаење на пци. На сцената ноншалантно, кибицерски, шеткаат Наце и
Киро. Шумарот меѓу дупките закачува неколку дрвени таблички со натпис: „НЕ ГАЗИ
ПО ШУМАТА НА НАЧМИШ“. Работник со лопата на десната страна копа дупки.
РАБОТНИК: Зошто баш шеесет и шест дупки?
ШУМАР: Шеесет и шест години имал... за секоја година по една дупка...
НАЦЕ: Шеесет и седум имам... ми јадат една година...
ШУМАР: (Закачувајќи ги табличките.) Во касарните видов во леите со садници: „Не гази
по Титовој шуми“ па еве и јас...
РАБОТНИК: Е, зошто му садат шума – шумар бил?
ШУМАР: Борец, главуч!
РАБОТНИК: Ако на секој борец му садиме шума, државава ќе стане џунгла.
ШУМАР: Те боли стапот... Ако допока, попрскај ги садниците со малку водичка – на оваа
жега...
(Се слуша бука на мотори од автобус и лимузини. Шумарот истрчува на левата страна
на сцената и застанува да спречи влегување на колите на полјанката. Буката сосема
наближува, шумарот ги крева двете раце да застанат и потоа покажува каде да
паркираат. Буката престанува и веднаш џагор на деца. Од десната страна втрчува
учителка и се свртува со кренати раце (да ги задржи децата).
УЧИТЕЛКА: (Вика.) Наредете се во еден ред... Јасминааа, каде?...
(Од автобусот грми радиомузика. Шумарот се повлекува назаднешкум: влегуваат Дупец
и Далак, а меѓу нив Сестрата со турбанот, црните очила и црниот шал околу врат, и
вдовицата Начмиш – црни стегнати до телото панталони, црна блуза, сега без превез на
лицето, нападно нашминкана, фризирана, обетки и друг накит. Како што тие
настапуваат така Шумарот оди наназад. По нив влегуваат: Борецот инвалид со
бастунот, МААКовецот и некои други структури. Зад нив врева и (не мора да се гледаат
оние што ги носат) транспаренти, пароли фотографии (Гоце Делчев, Ченто, Сандански,
географска карта на цела Македонија, старо македонско знаме: златен лав сред сонце,
„Солидарност со Македонците во Бугарија, Грција и Албанија!“.
27
Покојниот великан
КИРО: Гледаш! Ко, печурки по дожд!
НАЦЕ: Ние кога стапувавме во Комунистичката партија, си ја клававме главата в торба...
Овие со музика, со цвеќиња, со телевизија – така и баба ми знае...
(Влегуваат Стева и Нада. Нада е облечена како Сестрата (турбан, црни очила, шал) А
Стева исто како Вдовицата Начмиш (како да се прекопирани, само што Стева околу
врат има пробесен голем крст. Зад нив Стеван и Спиро. Тие застануваат карши групата
на Дупец.) (Дупец и Далак кога ги здогледуваат се чудат, нешто се договараат, гледајќи
во Стева.)
(Далак оди кај Стева, ѝ подава рака за поздрав, се поздравува и со Нада, потоа покажува
кон дупките, со рака зема правец кон средината на идната шума и ја повлекува надолу
како да ја сече шумата наполу. Стева со рака си одбира страна, Далак потврдува со
глава, потоа со рацете: договорено! Стева предупредувачки крева прст, Далак нешто ѝ
објаснува гестикулирајќи.)
НАЦЕ: Стева твоја далеку ќе дотера!
КИРО: Што те уми Стева моја?! Таа сега лупи компири... или го урива ѕидот...
НАЦЕ: Ене ја Стева!
КИРО: Кусоглед си!... Стева моја со претседателот?! Вдовицата твоја е!
НАЦЕ: Ене ја мојата! Полека со камушки!
КИРО: Има грешка!
НАЦЕ: Ќе проверам! (Оди кај Стева додека таа разговара со Далак, ја гледа, ја фаќа за
цицки, за газ, се враќа кај Киро.) Стева твоја е – само сега уште поприродна!
КИРО: Ќе проверам! (Оди кај вдовицата Начмиш и ја фаќа за цицки и за газ, се враќа кај
Наце.) Меки, папушлави...
НАЦЕ: Гледаш кога ти велам. А тука е и онаа... (Покажува крив врат и оној „Х“ и
гробарот...)
КИРО: Спиро?!! То бара тој овде?! (Далак се поздравува со Стева и со Нада и се враќа кај
своите. Киро и Наце одат кај Стева. Киро ги гледа обетките на ушите на Стева, ги
пофаќа, врти со глава.) Држ’ ме, Наце, оти ќе го задавам!
НАЦЕ: (Одмавнува со рака.) Готово! Ништо не му можеш...
КИРО: Што бараат овде?!... Оваа... (Го искривува вратот.) ги има довлечкано – се меша
во политика...
(За тоа време музика, врева, пискотници од учениците, учителката вика: „Миииир!
Јасминааа! Слободанеее!!!“ Далак и Дупец се договараат, МААКовецот им се пика, вади
од џеб лист хартија и покажува на себе (значи: и тој сака да држи говор, Дупец со рака
у вели: после!, Шумарот зинат гледа во нив, в рака држи гајба. На знак од Дупец ја
поставува на земја гајбата, Дупец се качува, крева рака, учителката вреснува:
„Мииир!“, ги крева двете раце, нагло ги спушта и децата грмнуваат „Денес над
Македонија...“ Сите стојат мирно, дури и Наце.)
КИРО: (Го потурнува.) Не важи за нас! Слободија!
НАЦЕ: Навика...
(Детскиот хор завршува, врева, ракоплескање, некој почнува да вика: „Ченто, Ченто...“
друг: „Да живее Македонија!“ Дупец вади од џеб лист хартија, крева рака, бара
тишина.)
ДАЛАК: (Вознемирен.) Нема телевизија!
ДУПЕЦ: Штооо?!
ДАЛАК: Нема телевизија! (На Сестрата ѝ врекнува в уво.) Телевизија!! (Сестрата се
врти, ја бара телевизијата. Дупец слегува од гајбата двајцата со поглед низ масата го
бараат ТВ снимателот.)
ДУПЕЦ: Невозможно! (Стојат и чекаат, нервозни, вревата сѐ појака.)
ШУМАР: Другари претседатели... оваа жега... ова сонце...
ДУПЕЦ: Што?

28
Покојниот великан
ДАЛАК: Сака да го ладиш! (На Сестрата.) Да го ладиш!... (На Шумарот.) Оди под
сенка!
ШУМАР: Садниците... Коренчињата... Не можам да гарантирам...
(Децата вреват, учителката вика: „Јасминааа!!! Мииир!“ Друг: „Да живее обединета
Македонијааааа!“ „Да живеее!“.)
ДУПЕЦ: (На Далак.) Има од радиото... од печатот... (Нервозен.) Да свршиме еднаш... (На
сестрата ѝ вреснува.) Да свршиме еднаш! (Таа прави гримаса на вчудоневиденост.)
ДАЛАК: Што можат тие?! (Со шепот.) Првпат, а може и последен пат, во мандатот
садиме меморијална шума – без телевизијата како да не сме саделе! (Пак чекаат, децата
грмнуваат: „Од Триглава па до Вардара...“.)
ДУПЕЦ: (Лут, се качува на гајбата, ракоплескање, МААКовецот го вади листот од џеб и
се преслушува мрдајќи со устата, гестикулирајќи како секој говорник – генерална проба
пред настап.) Другари и другарки... (Не го вади листот од џеб, зборува без волја,
монотоно, тихо.) Драги ученици (Френетичен аплауз.) Драги граѓани... драги другарки
Начмиш... горди сме што нам ни падна честа на овие терени кај родното село на... на...
на...
ДАЛАК: На татковците на нашиот покојник!
ДУПЕЦ: На татковците на нашиот покојник...
КИРО: Колку татковци сим ла?
НАЦЕ: Блесав!
ДУПЕЦ: Наце Начмиш... („Да живееее!“.) народен херој, носител и великан... да
насадиме шума... („Да живее!“.) ...
ДАЛАК: Меморијална!
ДУПЕЦ: Меморијална! (Слегува од гајбата, зема од рацете на шумарот садница, ја
брцнува в дупка со коренот горе, со лопата фрла земја и му ја подава на Далак.
Работникот донесува уште лопати, па почнуваат да садат и другите – веќе излегуваат
кај десната страна на сцената. За тоа време под диригентство на учителката
невидливиот детски хор пак ја пее химната „Денес над Македонија...“. Дупец и
друштвото, по нив Стева и друштвото (кои исто така насадија по една садница) па
другите излегуваат од сцена. Учителката вика: „Сите в автобус! Еден по еден!
Јасминааа!...“ На сцена остануваат шумарот, Наце и Киро. Шумарот ги полева со
канта садниците. Од десната страна на сцената втрчува ТВ репортерот, со една рака
турка велосипед, со друга ја држи камерата.)
СНИМАТЕЛ: (Испотен, вика.) Другари претседатели...! Другариии!
(Шумарот ја остава кантата и истрчува во правец на претседателите од каде веќе се
слуша палење на моторите, се слуша неговиот глас: „Другари претседатели,
другарииии...!“ Снимателот го брише челото. Буката на колите престанува, ја заменува
џагор на деца, шумарот пак ги запира со раце, влегуваат сите по истиот ред како преѓе,
сега побрзо, готови да го задават снимателот.)
СНИМАТЕЛ: (Ги збира рамениците, многу не го боли, дури насмевнат.) Фиќото... (Ги
шири рацете.)
ДАЛАК: Што фиќото? Што фиќото?
СНИМАТЕЛ: Бензиската пумпа... мембраната... Среќа еден селанец... велосипедон... и тој
тиши...
(Далак и Дупец се договараат, врева, викотници, транспарентите од зад структурите
се мрдаат над главите, учителката вика „Јасминааа...!“. Снимателот ја дотерува
камерата и ја навртува кон садниците. Далак го здогледува, му ја грабнува од рака
камерата.)
ДАЛАК: Снимаш!!! Сега брзаш?!! На готово!!! Стој и чекај!
(Со знак го вика шумарот, му кажува нешто.)
ШУМАР: Пројкоооо!!! Пројкоооо!!! (Влегува работникот. Му кажува со гестови да ги
откорне садниците. Далак му шепнува, па Шумарот му шепнува на Пројко.) Само првите
29
Покојниот великан
два реда. (Пројко ги корне садниците, претседателите ги викаат учителката и
снимателот и нешто им објаснуваат, снимателот и учителката мавтаат со разбирање
со главите. Претседателите решија да се снимаат само парчиња од свеченото садење
на шумата, нешто како правење снимки на генерална проба на претстава. За тоа време
Пројко ги вади садниците, ја вади земјата од дупките во првите два реда, ги реди
садниците покрај дупките, лопатите. Претседателите и сите се повлекуваат кон
длабочината на сцената, излегуваат, снимателот се наместува и претседателите
влегуваат а снимателот снима. Тој кадар е готов. Сега децата. Учителката вика:
„Децааа! Во еден ред... Јасминаа“!... Ги крева рацете и гледа наназад, снимателот ѝ дава
знак, таа нагло ги спушта рацете и децата грмнуваат „Денес над Македонија се раѓа
ново сонце на слободата...“.)
(Готово. И тој кадар е готов. И сѐ така, следуваат празните дупки. Следниот кадар:
Дупец качен на гајбата, го држи листот в раце и почнува, сега вдахновено, снимателот
го снима, а зад него стојат Далак. Вдовицата, Сестрата, Мааковецот, борецот, се
туркаат и Стева и Нада, која го мести вратот да биде „фатена“ анфас.)
ДУПЕЦ: Другари и другарки! (Аплауз.) сред овие планини, шуми, гори, во чии недра
своевремено се родило племето Начмишово („Да живее“.) ... Освојувачи... окупатори...
Срби... Бугари... грци... Мракобесие... (Зборува Дупец и намавнува со тупаницата во
воздух.) ... Небиднина се надвиснала над оваа земја мачна предедовска... Нооо! (Замавнува
со тупаницата.) Оваа земја даде синови... ќерки... што високо ја кренаа главата...
(Покажува на небото.) ... И тоа беше небо! Непокор!... Простум!... Тврдоглави!... И бол и
бес!... И гол и бос!... (Му дава знак на сминателот: доста, и слегува од гајбата.
Договарање за следната сцена: садење на садници... снимање фрагменти... крај...
заминување на претседателите, камерата ги следи, а шумарот чека со канта в раце.
Кога сите излегуваат од сцена, снимателот го снима шумарот и работникот како ги
полеваат садниците и – крај. Шумарот и работникот излегуваат од сцена. Остануваат
Наце, Киро и снимателот. Снимателот оди кај велосипедот, гумите се издишени, ги
пумпа со грб свртен кон садниците. Влегува Селанецот и ги разгледува садниците.)
КИРО: Ќе расте шумава...
НАЦЕ: И треба да расте! А ние – горе! Овде – горе! Овде – готово! Шумава ќе ги менува
климатските и еколошките услови, а ние да ги менуваме горе! За почеток една
реформичка: разместување на мртовците, рокадица. Павле до Наполеон, Аристо до
Богарт...
КИРО: Е, зошто така?
НАЦЕ: За промена. Промената освежува. Она дете Аристо две илјади години не мрднало
од она негово место. Ќе видиш како ќе живнат. А после, втора фаза: преструктуирање
според стажот...
КИРО: Стажот?! Каков стаж?!
НАЦЕ: Мртовечки. Детето Аристо на челно место...
КИРО: На челно? Зошто?
НАЦЕ: Најстаро е – две илјади години!
КИРО: Кога ние ќе дотуркаме до две илјади години?!
НАЦЕ: По две илјади години... ако нешто во меѓувреме не нѐ заебе! Треба добро да си ги
отвориме очите... Тешко ќе оди, ама со цврста рака... ТИ ќе ми бидеш десна рака!
КИРО: Лева, Наце, те молам! Десната цел живот ’рмбала, мачна... Да ја пробам левава –
нека види како се вади лебот!
(Додека тие зборуваат селанецот почнува да ги корне садниците една по една, полека,
внимателно, скоро со љубов, да не ги оштети, ги наредува, вади од џеб јаже, ги врзува во
сноп и ги фрла на рамо и тргнува. Наце и Киро немоќно го гледаат. Селанецот се
препнува на една табличка, се наведнува, ја зема в рака табличката и со судни маки
чита.)

30
Покојниот великан
СЕЛАНЕЦ: Ннннееее... ггггаааззззиии ппппоооо... (Се издишува длабоко како по напорно
копање и продолжува.) ... Нннннааачччччммммииишшшшшшшоооввввооооој
шшшшшууумммми... (Го брише челото со ракав, се наведнува, ја закачува табличката
на нејзиното место и излегува.)
СНИМАТЕЛ: (Најпосле го напумпа велосипедот, ги проверува гумите, добри се, ја зема
во едната рака камерата, со другата го свртува велосипедот и – се здрвува: ја нема
шумата. Ги шири очите, гледа во дупките, па гледа на сите страни, погледнува горе,
вреснува смртно исплашен, го пушта велосипедот и со камерата в рака избегува.)

СЦЕНА 8.
НЕБОТО
Сите мртовци во своите вообичаени пози. И Наце и Киро првпат клечат еден до друг.
Само Наполеон стои во својата поза. Наце е во најочајна положба. Клечи, рацете малку
облактени на колена и безживотно провиснати надолу меѓу нозете. Сите неподвижни.
Тишина. Тоа долго трае. Светлото полека се гаси.

КРАЈ

31

You might also like