You are on page 1of 37

Магдо љубов моја

Сашко Насев

МАГДО ЉУБОВ МОЈА

1
Магдо љубов моја
ЛИЦА:
ПЕТАР НИКОЛАЕВИЧ – Дете, млад маж, деведесет и шестгодишен старец
МАГДА – Неговиот заплет
ЕЛИЗ – Студентка по антропологија
КРИСТИНА – Медицинска сестра
ЛУКА – Брат на Магда, војвода
ДАМЈАН – Војвода
ЦРНИ – Комита
МИЛТОН – Човекот со камера
БОРИС – Кодош
БРЕНДОН – Другар на Петар
ДАВИД – Битолчанец
Се појавуваат: Американски полицајци, француски и турски жандарми, мајки со деца,
актери, пејачи на шансони, конзули, морнари, студенти и други луѓе. Се појавуваат и
исчезнуваат духовите на историјата. Се отвора утробата на едно време што не треба да се
повтори никогаш.
НАПОМЕНА: Еден актер толкува повеќе епизодни улоги. На пример, г. Смит, Ага Керим,
Давид и така натаму.

2
Магдо љубов моја

1. БУРГТЕАТАР
На сцената на Бургтеатар се прикажува Ибзеновата драма ПЕР ГИНТ како оперетска
изведба. Пејач и пејачка ја отвораат пиесата. Сцената изгледа вака – во десната ложа,
прва до сцената, седат: ТОДОР, НЕГОВАТА ЖЕНА, НЕЈЗИНАТА ПРИЈАТЕЛКА и
ГОСПОДИН СО БРАДА во црн фрак. Претставата се одвива. Во еден момент на
катарза, Пријателката на Тодор од малечкото тоалетно чантиче вади пиштол и ги
застрелува: 1) Тодор со еден куршум во тилот и еден во вратот, 2) Жена му со еден
куршум меѓу веѓите и 3) Господинот со брада (додека овој го вади својот пиштол) во
градите. Во салонот за миг настанува тишина.

3
Магдо љубов моја

2. БОЛНИЦА „СВЕТИ ПАВЛЕ“


ПЕТАР е деведесет и шестгодишен старец, кој пуши, ќелав во средината на главата, со
два прамни коса на тилот. Тој седи во својата количка и гледа нагоре кон небото. Лево
од него седи девојка – ЕЛИЗ, со фризура и облека по последната американска мода. Десно
зад него сестра КРИСТИНА, што јаде хот-дог со чили, чита љубовен, џебен роман и
плаче.
ПЕТАР: Сум чул за тој инцидент во Виена кога терористи го убија господинот Тодор
Паница, но тоа беше подоцна, тоа беше во годините кога Македонците се требеа
меѓусебно во Софија и низ Европа... Јас ви раскажувам за илјада деветстотини и некоја, ме
разбираш?
ЕЛИЗ: Те разбирам, но пополека со цигарите, не сакам да се отруеш пред да го завршам
својот труд и да ја снимам твојата авантуристичка исповед!
(Петар ја гледа право во очи, го вади своето апаратче за слушање од десното уво, го
тава во џеп. Вовлекува од цигарата и почнува да раскажува. Елиз му поттура микрофон
под устата!)
ПЕТАР: Знам само дека беше точно на полноќ во 1895 година. Моравме да се вовлечеме
на тој брод со грд труп, побелен од солта, јас, близначките и мајка ми – Марија. Сѐ беше
поради татко ми, анархистот... Руски анархист. Тргнавме за Америка. Бродот се викаше
„Херој“. Прв пат тогаш видов луѓе како играат валцер. Видов и како едната близначка
умира од сифилис... а имаше само тринаесет години. Другата ја даде мама на непознати од
бродот, веднаш кога стигнавме на островот. Тогаш ја видов утробата на животот, драга
Елиза! Ги видов неговите црева, неговиот џигер и душа! На тој пат разбрав дека сѐ има
свој крај, и баш тогаш јас сум започнал да умирам! Само што смртта ми трае малку
подолго... (Старецот се смее, кашла, зема кислород од туба. Елиза снима.) Последни
зборови што ги паметам од старата земја Русија беа зборовите на еден царски официр, тој
ѝ се втури во лицето на мајка ми и се дереше како ненормален додека му течеа лиги од
устата и од носот. „Мажот ќе ти го обесиме, мажот ќе ти го обесиме, бесилка за сите вас!
Вие сте проклети анархисти! Портата ќе ја рушите, царот ќе го пцуете! Смрт, бесилка!“...
тоа го запамтив! И мирисот на морето, секако. Кога бевме на отворено море, третата
палуба или, што би се рекло цел свет да разбере – на дното, во трупот на бродот, баздеше
како во кочина, како меѓу пцовисани цицачи. Знаеш како смрдат пцовисани цицачи?
ЕЛИЗА: Не знам, од каде јас да знам!?
ПЕТАР: Слично на старец како мене, само погрозно. Не е битно, сликата беше ужасна –
жените со брич, тап брич си ги сечеа косите затоа што од вошки не се издржуваше, а
додека се чистеа, на дојките им цицаа бебиња. Бебињата имаа отечени мешиња. Ние, пак,
поголемите деца, патот од Русија до Америка го поминавме јадејќи мувлосан црн леб
намачкан со џем од сливи. Тоа имаше мајка ми – тоа ни даваше. Една вечер, сестра ми ја
заведе еден морнар тетовиран со мртовечка глава на левото рамо, а мајка ми ја виде како
оди со него. Јас тогаш добив треска. Ќе умрев, а близначката се опи од евтина вотка.

4
Магдо љубов моја

3. ХЕРОЈ
МАРИЈА: Издржи, сине... само уште малку издржи, Петре, потоа ќе одиме на печени
јаболка или костени. Што ќе посакаш!
ПЕТАР: Има ли во Америка панаѓур како во Одеса, мамо?
(Марија го гледа, Петар се тресе. Таа се свртува и се крсти. Марија се крсти, станува и
излегува.)

5
Магдо љубов моја

4. БОЛНИЦАТА
СЕСТРА КРИСТИНА: (Наведната над глувото уво на Петар.) Време е за лекот
господине. Ајде, отворете ја устата! (Тој го испива лекот.)
ПЕТАР: Кога подоцна патував уште еднаш со брод, дознав дека девојчињата добивале
сифилис и за недела-две им испаѓале забите, им течело крв од непцата... Сестра ми фати
сифилис од проклетите морнари со мртовечка тетоважа...
ЕЛИЗ: Грозно! Мора да ти било многу тажно.
ПЕТАР: Уште погрозно и потажно беше кога стигнавме во Америка.

6
Магдо љубов моја

5. ДВОР НА ЦРКВАТА „СВ. НЕДЕЛА“


Петар и Брендон шутираат топка од партали. Доаѓа полицаец. Мошне дебел и
препотен. Тој често застанува и си ја брише ќелавицата со шарено шамиче. Доаѓа до
Брендон и Петар.
ПОЛИЦАЕЦОТ: Кој од вас има мајка Марија?
БРЕНДОН: Тој, господине!
ПОЛИЦАЕЦОТ: Ти си Петре Русинот?
(Петар го гледа како теле, си ги брише мрсулите со ракавите, потоа плукнува во
прашината.)
БРЕНДОН: Не разбира добро англиски, господине!
ПОЛИЦАЕЦОТ: Ќе разбере, да цркнам ако ова не го разбере...
БРЕНДОН: Што има за разбирање, господине?
ПОЛИЦАЕЦОТ: Некој треба да му каже дека мајка му ја исече пилата преку појас.
Несреќа. Компанијата што произведува индустриски пили ќе го смести Петре во дом.
Мене ме прати газдата на пиланата!
ПЕТАР (СТАРЕЦОТ): Знаеш ли како е кога ќе слушнеш дека мајка ти ја заклала пилата на
струја? Опасно е, можеш да полудиш. Тоа чувство ме држеше сѐ додека не стигнав до
Македонија. А за неа прв пат слушнав на еден панаѓур во Чикаго. Имаше еден будала што
продава солена вода во шишиња, се скинавме од смеење на неговата финта. Гледај ваму.
(Старецот глуми.)
ПЕТАР КАКО ГОСПОДИНОТ ШТО ПРОДАВА: „Народе, купете света вода од
алхемичарот Мојсо од Македонија! Јас ви нудам свет лек од езерото на црвеноперните
риби што лекува сѐ: ишијас, лумбаго, гастритис, епилепсија, педикулис пубис, чирови во
газот и најважно – инвалидите, инвалидите целосно ги исцелува. Гледај ваму!“
(Потоа господинот отпива од шишето со проѕирна течност и раката му израснува,
арно ама при израснувањето на раката се открива дека ја држел зад грб.)
ПЕТАР: Бевме таму заедно со Брендон. Прв пат се опивме од пиво и чкембињата ни
правеа кљумб-кљумб. Се разделувавме за цел живот и јас реално останав сам. Не познавав
никого на светот од тој миг.
(Дејството се одигрува на просцениумот.)
БРЕНДОН: Кажи му на Чикаго – доаѓам за да те освојам, не се плашам, граду, од тебе!
ПЕТАР (МЛАДИОТ): Аха... (Отпива од пивото.) ќе му кажам. Јас ќе бидам на старото
место... ќе те чекам.
БРЕНДОН: Вети ми дека нема да се вработиш во пиланата!
ПЕТАР: Еј, Брендоне, ако ме пипне онаа пијана свиња, газдата, ќе му го искорнам срцето
и ќе го изџвакам неварено, а не пак да работам за него, што ако е Русин!
(Се прегрнуваат. Брендон го гледа. Панаѓурот лудува.)

7
Магдо љубов моја

6. ПЕЧАТНИЦАТА
На рото-машината во големата оловна печатница на весникот „Chicago World News“ се
печати последниот број. Помеѓу еден куп отпадна хартија и оловни плочи со „набран
текст“, Петар боксува со МЛАД СИНООК ЧОВЕК, разголени и двајцата до појас.
Ударите се жестоки. Прво Петар задава две леви крошеа, Синоокиот ги прима и носот
му прокрвавува. Потоа тој замавнува директ со десната, Петар клекнува – тупаницата
на Синоокиот одлетува во празно. Петар го погодува во слабината, потоа му го отвора
гардот со левата и со десен директ го нокаутира Синоокиот. Работниците навиваат.
Добитниците на облозите го тупкаат Петар, поразените му фрлаат кофа вода на
нокаутираниот. Петар почнува да го облекува своето сако, пред тоа облекувајќи ја
белата кошула, со штиркана јака и „лептир“ машна. ЕДЕН РАБОТНИК му подава купче
пари велејќи му: „Бравос, господине новинар!“ Стариот Петар се појавува под сноп
светлина во длабочината на сцената и раскажува додека се одигрува драмското дејство
во прв план.
ПЕТАР: Тоа време низ Чикаго беше во мода да боксува кој со кого сака и кој каде ќе
стигне. За пари. Мораше од нешто реално да се заработува за живот. А има ли поубава
паричка од тепачка? Јас веќе работев како новинар кој пишува за сѐ и сешто во
земјоделието, а најмногу за високите цени на тутунот, опиумот и памукот. На некои руски
трговци во САД не им се допаѓаше тоа, па моите шефови одлучија да ме наградат со пат
до Каиро. Таму требаше да ги истражам причините за високите цени на тутунот и
катранот, а не во Америка. САД беа чисти како солзите на Богородица... Тие стоки, што
мене ме интересираа, се увезуваа од Турција. Јас, на некој начин, за нив бев Турчин, иако
сум од Одеса, јас сепак бев од далеку, откај Црното Море, па логичен беше мојот пат за
Каиро. А ти спомнав веќе – ме зајадоа едни руски трговци, пријатели на мојот уредник!
(Петар – младиот, облечен, си ја чешла косата без огледало, среде печатницата. Кај
него доаѓаат Висок и Низок човек. Нискиот е уредник на весникот. Се вика г. Мусли.)
МУСЛИ: (Му подава рака да се поздрави.) Работите долго време за нас младичу?
ПЕТАР: (Збунет.) Онака, сер!
МУСЛИ: Па... како ви оди?
ПЕТАР: Онака, сер! (Глупава насмевка.)
МУСЛИ: Гледате, одборот на „Chicago World News“ одлучи, онака, да отпатувате до
Каиро. Да видите што е со работите за кои пишувате, онака! Никаде во Америка нема
опиум. Кинезите од Њујорк сакаат да штрајкуваат со глад, а Турците во Филаделфија
почнале да садат афион во бавчата на Природонаучниот музеј! (Го штипка под мишка.)
Што ќе речете – одиме ли онака за Каиро?
ПЕТАР: (Збунето, среќен.) Онака, сер! Мислам, може, да, да, ќе одиме за Каиро!
МУСЛИ: (Му дава рака, се поздравуваат.) Честитам! Дојди утре да си ја подигнеш
картата, од Њујорк одиш со брод до Лисабон, од Лисабон стигни некако до Каиро, само
гледај да е поевтино.
ПЕТАР: (Шокиран.) Благодарам, сер! (Никој не го слуша, работниците си работат.)

8
Магдо љубов моја

7. ПРИСТАНИШТЕТО
Петар стои. Гледа во една збунета млада жена. Ја гасне цигарата и ѝ приоѓа на
убавата, млада и мистериозна жена.
ПЕТАР: Ви треба ли нешто, се извинувам вака?
МЛАДАТА ЖЕНА: Простете, се изгубив...
ПЕТАР: Ќе дозволите да го земам вашиот багаж, госпоѓице?
МЛАДАТА ЖЕНА: Нема потреба, и вашиот куфер ви е доволен.
(Таа одминува, Петар останува со својот товар. Голем дрвен куфер. Се насмевнува, ги
собира работите и заминува.)
ПЕТАР (СТАРЕЦОТ): Како сум се сместил на бродот не памтам баш, ме дупи датумот на
производство, (Елиз се смее на оваа автоиронија.) но знам дека од тој момент како со
некој магнет бев привлечен од тоа лице. Буквално. А бе, таа на палубата, јас по неа. Таа на
мостот, јас зад неа, таа во ресторанот и – оп, јас на истата маса. Штета што вецеата се
делат на машки и женски, инаку и таму ќе ја следев.
(Вечера. Петар ѝ приоѓа на истата млада жена која седи сама. Ги гледа гостите на
ресторанот како се веселат. Се опиваат. Таа е замислена и тажна.)
ПЕТАР: Прашувам за дозвола дали да седнам со вас, госпоѓице...?
МЛАДАТА ЖЕНА: Госпоѓа, госпоѓа Самсон – Магда Л. Самсон!
ПЕТАР: (Со кисела насмевка.) Можеби, сепак, требаше да прашам пољубезно на друга
маса?
МАГДА: Вдовица сум... Вие сте – кој?
ПЕТАР: (Вади визит-карта.) Петар Николаевич. Новинар на „Чикаго ворлд њуз“, одам за
Лисабон!
МАГДА: Господине... сите ние одиме за Лисабон! Патуваме со брод!
(Петар со кисела насмевка. Припалува цигара од обична кутија. Таа молчи.)
ПЕТАР: А потоа? Останувате во Португалија?
МАГДА: Не. Продолжувам за Македонија.
ПЕТАР: Зарем тоа место сѐ уште го има? Не постои ли Македонија уште само во
Библијата?
МАГДА: Чудно ти е, ама постои. Навистина. Македонија е сѐ уште во Европа! Распната
како на крст! Како магаре со три нозе е, ама се држи.
ПЕТАР: А зошто јас си мислев дека се преселила во Индија?
МАГДА: Колку си чуден, мојот покоен маж велеше нешто слично: само ние Евреите и вие
Македонците не постоиме за другите на глобусот.
ПЕТАР: (Се смее, вади цигара, ѝ нуди, Магда одбива, вади табакера со пиштол и кама
изгравирани на неа – му нуди.) Благодарам!
МАГДА: Пробајте, Турците го одгледуваат кај нас во Македонија, а ви го извезуваат вам
во Америка како деликатес. (Се смеат.)
ПЕТАР: Деликатесно... ммм... ова е вистинска работа! Вистински турски тутун.
(На небото има ѕвезди, во ноќта се слуша нивното пеење измешано со звуците од
ресторанот и шлапкањето на Атлантскиот Океан.)

9
Магдо љубов моја

8. АМЕРИКАНСКИ КОНЗУЛАТ ВО ЛИСАБОН


На таванот во канцеларијата на г. Смит, конзулот, има перки за ладење. Тој е
средовечен згрбавен господин, со ретка коса и патец на средина. Носи очила во крукчиња
и кива. Настинат е. Пред неговото биро седат: лево Магда, десно Петар. Магда пие
вода од голема чаша и се лади со лепеза, а Петар си ги чешка мустачињата.
СМИТ: Кај мене, господине, никој не донел ваш телеграфски акредитив, па јас не можам
да потврдам ако ве уапсат некаде, нели, не дај боже, дека сте новинар кој службено патува
и работи за компанија од Соединетите Американски Држави, ме разбирате?
ПЕТАР: Совршено! Дали тоа значи дека јас ќе патувам отсега натака како обичен турист?
СМИТ: Господине, турист во ова време – ви се молам...
(Петар вади цигара, ја запалува и со рамениците ѝ покажува на Магда дека не знае што
се случува. Смит сѐ уште бара по некакви хартии врз своето биро. Магда се накашлува.)
МАГДА: Не би сакала да ве прекинувам екселенцијо, само мора нешто да прашам! (Му се
насмевнува со своите бели заби.)
СМИТ: Да?
МАГДА: Како советувате да стигнеме до Женева најбргу?
ПЕТАР: (Ѝ дава знак да не го прашува, туку да си одат.)
СМИТ: (Изненадено.) Женева... ве молам, госпоѓо Магда Л. Самсон... така бевте, нели?
Господинот Николаевич рече за Каиро!
ПЕТАР: Да, ама преку Женева!
СМИТ: (Збунет.) Господине журналист, Каиро е во Египет, не е во Швајцарија, ме
разбирате, нели?
ПЕТАР: Знам, но кога веќе сум тука, Европа треба да ја видам, така ли?
СМИТ: Европа? Каиро и Египет се во Африка! Ако сакате да ви ги потврдам патните
документи како на американски граѓани, тогаш кажете ми кај сакате да ви ги адресирам?
МАГДА: Но, тоа е толку лесно за вас, господине, вие само треба да удрите печат! Еден
мал, црвен печат со вујко Сем.
СМИТ: Печат? Да, но што ќе рече државниот секретар ако дознае дека немате
телеграфски акредитиви како новинар, ме разбирате?
(Петар прави заканувачка фаца!)
СМИТ: Но би можело тоа да се среди, ме разбирате, на вашите документи ќе има виза на
Соединетите Американски Држави за секаде по светот, само да не дознае американскиот
државен секретар, ме разбирате?
ПЕТАР: Па удрете еден печат со сокол и да свршиме работа!?
СМИТ: Кога вие ќе престанете да се мачите да собирате од подот? Ме разбирате?
(Заемно се насмевнуваат. Смит набрзина удира печати и им ги врачува пасошите. Магда
и Петар стануваат.)
ПЕТАР (СТАРИОТ): Беше лудо во она време да трчаш по непозната жена како мува на
гомно, ама јас сум таков. Се шашардисав по таа мистерија што доаѓа од некој свет, за мене
непознат, судрен со мојата цивилизација како црно со бело, како мрак со светлина, како
гуде со бисери. Сепак, наместо срце, во градите ми вриеше парна машина на пареа од крв
која тукушто не експлодирала. Во тоа време постоеше љубов, мала моја Елиза. А не сега,
како вас. Кој со кого стигне спие!
ЕЛИЗА: Значи, ќе се навредуваме околу сексот? Добро, само не е фер.
ПЕТАР: Ти сѐ уште си невина? Знаеш на што мислам?
ЕЛИЗА: Не си нормален.
ПЕТАР: А бе, може така е, ама Магда ме направи таков. Ненормален. Да знаеш! Уште ме
држи од тоа време. Само што зачекоривме по стариот континент, таа разврза приказни за

10
Магдо љубов моја
некакви бомби, атентати, комити и револуции. Тоа ти е кога не останав во Чикаго да
работам како столар туку станав контрабанда на светскиот мир.
(Флешбек. Во минатото.)
МАГДА: Лани во Солун некој ги дигна во воздух Отоман банката и бродот Гвадалкивир.
Европа слушна за тоа, ама како да не дослушна! Ме сфаќаш за што ти зборувам?
ПЕТАР: Не, и не е толку важно јас што не те сфаќам. Ако има тутун и афион во
Македонија, како што кажуваш, за тоа ќе пишувам – во бродови и банки не се разбирам.
Во тероризам уште помалку!
МАГДА: Завиткај ми и мене една цигара!
(Петар ѝ витка цигара, па ѝ подава да ја лижне хартијата. Таа ја лизнува, тој ѝ
припалува. Магда вовлекува и прави крукчиња.)
МАГДА: Сакаш да ти испеам една песна?
ПЕТАР: Зависи, ако е некој марш од Штраус против непријателот подобро не.
(Магда ја пее песната „Параходот ми пристигна“. Петар е шокиран и воодушевен.)

11
Магдо љубов моја

9. ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА
Петар излегува од купето и оди во тоалетот. Кога тој излегува, во купето влегуваат
француски жандарми. Едниот жандарм е постар, другиот помлад. Постариот зборува,
помалиот го лиже моливчето и запишува.
ЖАНДАРМОТ: Добар ден госпоѓо, вашиот пасош?
(Магда му го дава пасошот не станувајќи од фотелјата.)
ЖАНДАРМОТ: (Прелистувајќи го пасошот.) Турчинка?
МАГДА: Американка, господине. Зарем тоа ви е важно?
ЖАНДАРМОТ: Денес сѐ е важно, госпоѓо. Терористи од Турција шетаат низ Париз и
дигаат бунтови, а француската република тргува со Турција!
МАГДА: Јас сум Американка – го имате мојот пасош во рацете!
ЖАНДАРМОТ: А што ако е фалсификат?
(Во тој момент влегува Петар и го поттурнува младиот жандарм што запишува, кој
токму тогаш го лиже моливчето и за малку да го голтне.)
ПЕТАР: Што се случува?
(Младиот жандарм само исплукува и запишува, повторувајќи што рекол Петар.)
ЖАНДАРМОТ: Рутинска контрола господине, заедно сте?
ПЕТАР: Да!
МАГДА: (Едновремено со Петар.) Не!
ЖАНДАРМОТ: (Збунето гледа во Петар.) Да или не?
ПЕТАР: Таа не е со мене, а јас – е јас сум со неа! Јас, всушност, ѝ се додворувам уште од
Њујорк, а таа ме одбива, ме разбирате ли сега?
МЛАДИОТ ЖАНДАРМ: Да! Ти ја сакаш – таа те мрази! (Се смее тапо.)
ЖАНДАРМОТ: (Го прекорува со поглед.) Против госпоѓата имаме пријава дека има лажен
пасош и...
ПЕТАР: Глупости, зарем Магда?! Тоа не е можно, господине, јас лично гарантирам дека
сѐ е во ред со неа и со нејзиниот пасош!
ЖАНДАРМОТ: Но, таа е родена во Отоманската империја!
(Се смее нападно, се смее и писарот.)
ПЕТАР: Па ние сите, сите Американци, сме родени на некое друго место!
ЖАНДАРМОТ: (Збунет.) Пардон – имате право за тоа, лажна возбуда. (Ѝ го враќа
пасошот на Магда.) Среќен пат! (Излегува.)
(Младиот жандарм излегува по него запишувајќи. Магда седнува и припалува цигара.
Петар седнува наспроти неа. Отпива од плоска.)
ПЕТАР: Сакаш?
МАГДА: Зошто ги правиш сите овие работи за мене кога воопшто не ме познаваш?
ПЕТАР: Не знам... можеби поради моите репортажи? Не знам. Сигурно не сакаш малку
бурбон?
МАГДА: Не! Не сакам.

12
Магдо љубов моја

10. „СКРШЕНО СРЦЕ“, КАФЕАНА


ПЕТАР (СТАРИОТ): Магда сѐ уште беше тајна за мене. Ориентална мистерија. Кога
дојдовме во Женева, таа имаше уште еден мал милион изненадувања... (Старецот во
својата количка под снопот светлина, отпива од истата плоска.) Кафеаната беше со
црвен плиш по ѕидовите, а сепареата во зелено. Морско зелено. Имаше само млади
студенти и студентки кои дебатираа за политика и поезија во своите сепареа. КЕЛНЕР во
отмен манир послужуваше ЧЕТВОРИЦА МЛАДИ СТУДЕНТИ во едно сепаре, кога на
вратата се појавивме Магда и јас накиснати од дождот. Како болни, улични мачиња.
(ПРВИОТ од служените студенти им притрчува. Тој ја гушка Магда без збор и така
остануваат кратко. Потоа ја спушта и ја гледа во очи. Со отсечно движење му подава
рака на Петар.)
ПРВИОТ: Вие сте сигурно нејзин маж? Мило ми е, Павел!
ПЕТАР: (Се насмевнува и отпоздравува.) Сѐ уште не, ама имаме време за венчавка...
МАГДА: Хмм... Павел, мојот маж почина! Ова е Петар, американски журналист кој ќе
дојде со мене до Софија да се увери дека Македонија не е град во Индија.
ПЕТАР: Така е!
ПРВИОТ: О господине, ела седнете со нас – ние ќе ви раскажеме сѐ за Македонија! Сѐ за
нашето ропство.
ПЕТАР: Оп, не сѐ! Само за тутунот и афионот! Тоа ми е специјалност. Добро?
МАГДА: Кога ќе дојде Лука?
ПАВЕЛ: Брат ти мораше да замине за Софија, ти порача побрзо да стигнеш, тој мораше да
оди, го бараа од Организацијата! Лично Дамјан го бараше. Што е, што се растажи?
МАГДА: Мислев ќе го видам Лука овдека!
ПАВЕЛ: (Отпивајќи.) Кој ти е овој, ми личи на шпион?
МАГДА: (Се насмевнува.) Петар Николаевич. Изгледа се вљуби во мене, инаку е
безопасен!
ПАВЕЛ: А ти? Се вљуби ли ти во него?
МАГДА: Мажите за мене се далечно минато!

13
Магдо љубов моја

11. „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“


Магда и Петар стојат немо. Очите им водат љубов. Таа со врвот на прстите му ги
допира лицето, косата, усните. Се стресува, воздивнува.
МАГДА: Уште малку и веќе сме во Софија!
ПЕТАР: А потоа? Што потоа?
МАГДА: Потоа можеш да се возиш со балон со корпа. Царската пошта вовела воздушна
линија со балон кој лета од Софија за Солун секој последен петок во месецот! Пуста
цивилизација.
ПЕТАР: Добивам вртоглавица кога сум високо на небото. И ослепувам од сонцето. Страв
ми е да не ми ги стопи крилјата. Како на Икар.
МАГДА: Можеби (Му ја мести фризурата.) Мустаците ти се толку смешни!
ПЕТАР: (Збунето се свртува.) Магда, сакам да ти кажам два збора...
МАГДА: Немој. Подобро немој, Петре Николаевич од Одеса.
ПЕТАР: Има ли во Софија некој добар хотел?
МАГДА: (Сфаќа дека не сакал тоа да ја праша и му одговара со насмевка.) Да, во Софија
има хотели...
(Пишти сирената. Возот вози.)

14
Магдо љубов моја

12. СОФИЈА
Дамјан со букет цвеќе. Магда го забележува и му мавта. Човекот се стрчува кон неа.
Петар го симнува багажот. Се свртува и ја гледа Магда во прегратка на брадестиот.
МАГДА: Како си?
ДАМЈАН: Исто како порано. Ти како си? Ти си побитна од мене.
МАГДА: Среќна сум што те гледам!
ПЕТАР: (Им се приближува од зад грб.) Се извинувам, јас едноставно се извинувам што ја
прекинувам оваа идилична романса!
МАГДА: Прости – Петар, ова е Дамјан, Дамјане, ова е Петар Николаевич, американски
новинар од Чикаго, се запознавме среде Атлантскиот океан.
ПЕТАР: Мило ми е Дамјане!
ДАМЈАН: (Му ја стиска раката.) Ќе видиме.
ПЕТАР: (Збунето.) Знаете, јас сега би побарал хотел!
ДАМЈАН: (Се насмевнува.) Зошто ви е хотел? Мојот дом е секогаш отворен за
пријателите на Магда!
МАГДА: Се разбира, Петар не можеш да го одбиеш.
ПЕТАР: Малку е глупаво... не е фер... прв пат ме гледате, господине...
ДАМЈАН: Не и последен биди сигурен. (Му се насмевнува.) Земи го багажот...

15
Магдо љубов моја

13. КАЈ ДАМЈАН


Просторијата е удобна. Едниот ѕид е библиотека, а другиот речиси е ѕид на некаков
изложбен салон начичкан со разни акварели, пејзажи и портети. На средина е поставено
црвено знаме со жолт лав. На знамето пишува: „МАКЕДОНИЈА – СМРТ ИЛИ
СЛОБОДА“. Магда, Петар и Дамјан седат на малечки столчиња крај чајното масиче и
пијат чај.
ПЕТАР: Значи Македонија, сепак, не е град во Индија! (Сите тројца се насмевнуваат.)
Ова ли е вашето знаме?
ДАМЈАН: Тоа е нашето знаме!
ПЕТАР: Што пишува на него?
ДАМЈАН: Смрт или слобода!
(Магда им притура чај.)
МАГДА: Ако си уморен, Петар, легни си.
ПЕТАР: О не, толку сум возбуден, не би спиел три ноќи. Знаете, господине Дамјане, јас
прв пат во животот сум во странска куќа и толку ми е ново сѐ...
МАГДА: Мене ќе ме извините двајцата, нели?
(Петар и Дамјан срипуваат исправени. Магда излегува велејќи: „Добра ноќ“. Двајцата
климнуваат само со глава.)
ДАМЈАН: Можеби сакате француски коњак?
ПЕТАР: Може, малку...
(Дамјан од малото шкафче во ѕидот со книгите вади шише со коњак и две чаши. Сипува
и за двајцата. Послужува.)
ДАМЈАН: Добре дојдовте во Софија, главен град на Бугарското Царство!
ПЕТАР: На здравје! (Отпива.) Дали може да се пуши?
ДАМЈАН: Слободно, јас пушам луле...
(Петар вади табакера. Табакерата на Магда.)
ПЕТАР: Позната ви е табакерава?
ДАМЈАН: (Се насмевнува.) Мене да, а вам ви значи нешто?
ПЕТАР: Всушност, нејзина е – јас само се восхитив од македонските цигари и се служам
слободно со нив... (Отпива од коњакот.)
ДАМЈАН: За што пишувате?
ПЕТАР: Пишувам најчесто за земјоделската берза, требаше да одам до Каиро, ама ете ме
овде..
ДАМЈАН: Уште малку коњак?
ПЕТАР: Секако. Зошто е важно за вас, Дамјане, што пишувам?
ДАМЈАН: За нас е многу важно ако некој некогаш напише по нешто во странскиот печат
за Македонија...
ПЕТАР: Јас би можел да напишам нешто за тутунот!
(Двајцата се смеат. Дамјан станува, зема едно ќесе од полиците. Му го дава на Петар.)
ДАМЈАН: Помириснете го ова!
(Петар мириса, истура тутун од ќесата на масичката.)
ПЕТАР: Што е ова?
ДАМЈАН: Првокласен тутун од Прилеп, град во Македонија. За жал, во Америка се
увезува како експорт на Османлиската Империја.
ПЕТАР: Гледам дека имате многу социјалистичка литература?
ДАМЈАН: Јас, всушност, повеќе ги сакам анархистите! Вие сигурно сте незаинтересиран
за тие работи?

16
Магдо љубов моја
ПЕТАР: Не е баш така. Татко ми бил анархист од Одеса. Го обесиле. (Отпива од
коњакот.) Може уште малку?
ДАМЈАН: Служете се слободно сам. Кажете ми, дали знаете нешто за нашата тајна
организација?
ПЕТАР: Знам само дека Лука, брат ѝ на Магда, е организацијата. (Се смее. Зема од
истурениот тутун.) Немате против да се послужам?
ДАМЈАН: Не! Извинете ме, сега ќе легнам. Навика од затворот. Вие служете се...
(Станува и излегува низ вратата кај што излезе Магда.) Го сакате ли театарот?
ПЕТАР: Многу. И кабарето! Во Софија има вистински театар?
ЛУКА: (Влегувајќи без тропање, се поздравува со Петар.) Ви благодарам што ја
придружувавте сестра ми низ целиот свет!
ПЕТАР: Беспомошно сум вљубен во вашата сетра.
(Лука се смуртува. Петар забележува дека овој не ја разбира шегата и набрзина седнува.
Дамјан го смирува Лука.)
ДАМЈАН: Господине Николаевич, ние немаме смисла за хумор! Јас знам дека тоа ви е
нејасно, ама ние навистина ретко се смееме!
ПЕТАР: Се извинувам ако го налутив Лука. Мислам дека нема маж кој нема да се заљуби
во Магда...
ЛУКА: Си сакал да напишеш книга за нас?
ПЕТАР: Погрешно. Не за вас, за вашиот тутун.
ЛУКА: За нашиот тутун?
ПЕТАР: Ако имате афион, како што вели Дамјан, тогаш и за неговиот катран!
ЛУКА: (На Дамјан.) Овој нѐ заебава!
ДАМЈАН: Не нѐ заебава, тој така стварно мисли! Тој пишува за тоа! Американец.
ЛУКА: Не знам ти што мислиш, ама подобро да му скинеме шија додека е време. Да не
излае после нешто како што не треба. Може да се камуфлира со тутунот? Може ли да е
турски шпион?
ДАМЈАН: Може сѐ да е, ама мене ми личи на наивен и збудален по сестра ти!
ЛУКА: Да му скинам шија јас за секој случај, а?
ДАМЈАН: Извинете што шепотиме. Лука ми кажа дека во Софија тукушто пристигнал
циркус од Одеса. Можеби ќе ве интересира?
ПЕТАР: Ме интересира кога ќе одиме за Македонија?
ЛУКА: Војводо, ќе му ибам крвта јас на овој! Нешто многу ја спомнува Македонија!
ДАМЈАН: Лука вели: кога сакаш ти, тогаш ќе тргнете за Македонија!
ПЕТАР: Тоа е добро. Потоа морам да продолжам за Каиро.
(Влегува Магда и брзо им приоѓа. Седнува меѓу Лука и Петар. Таа се поздравува и
нервозно пали цигара.)
МАГДА: (На Петар.) Еве го мојот фамозен брат што го баравме во Женева. Што мислиш
за него?
ПЕТАР: Мислам дека не му се допаѓам, затоа што сум поубав.
(За миг настанува тишина. Сите се изнасмејуваат. Петар станува и ги портретира со
својот мал кодак. Дамјан, Лука и Магда заземаат пози.)

17
Магдо љубов моја

14. ВЕЧЕРТА, ПОДОЦНА


Претежно мажи. На една маса качена во средина една средовечна дама со црно боди и
пердувест шал пее француска шансона. Пијана е и нападно нашминкана. Петар и Магда
седат сами со две кригли пиво, а меѓу нив има свеќа. Луѓето околу нив се полупијани и
бучни. Старата госпоѓа почнува да пее шансона и да плаче. Ја придружува старец на
виолина. Во миг на катарзичен жален стих, таа се расплакува и треснува една чаша од
подот. Парченце од чашата прснува и го исекува Лука. Тој седи зад Петар и Магда. Тој
прокрвавува на левата аркада. Лука станува и на старата пејачка ѝ залепува шлаканица.
Оваа, како што е пијана, од ударот паѓа врз виолинистот и го смачкува. Петар го следи
целиот настан. Кога Лука ќе ѝ залепи шлаканица, тој срипува и зазема гард против него.
ЛУКА: Не мешај се, братче, ме исече, погледни, око ќе ми извадеше!
(Петар му удира директ. Неколку од присутните срипуваат од околните маси. Лука,
спружен на подот колку што е долг и широк, им дава знак со раката да не се мешаат.
Тој се исправа и зазема гард. Петар му плеснува уште еден директ и тој повторно
треснува на земја.)
ПЕТАР: Ајде стани, ајде мене удри ме, глупав еден...
(Магда се смее. Лука се прпела на подот. Пејачката, која го следи дуелот, полека се
прикрадува зад Петар со шише црвено вино. Петар рипка во гард околу Лука. Одеднаш
пејачката го треснува Петар по глава со шишето. Овој се струполува наземи како од
куршум погоден. Сите наоколу ракоплескаат, аплаудираат. Магда се смее и пие од
криглата на Петар. Тој останува да лежи, а Лука ѝ приоѓа на Магда.)
ЛУКА: Тешка рака има другарот твој американски.

18
Магдо љубов моја

15. КАЈ ДАМЈАН


Петар лежи со облог на главата. Ги отвора очите и гледа на ѕидот наспроти црвеното
знаме. Прави гримаса на гадење. Во собата до него седат пејачката и свирачот на
виолина.
ВИОЛИНИСТОТ: Добро утро дете, како си?
ПЕЈАЧКАТА: Не те разбира. Гледај ваму. (На Петар.) Бон жур, мон шери. Комон сава?
Сава бјен?
(Петар ѝ возвраќа со насмевка. Си ја пипка џумката на главата. Прави „фаци“.)
ПЕЈАЧКАТА: (На виолинистот.) Гледаш дека мене ме разбира. Неспа, гарсон?
ВИОЛИНИСТОТ: (Си сипа ракија.) Ќе тргнеш една, бате?
ПЕЈАЧКАТА: (Отпива на екс.) Пур тон малед тет! Тре бјен коњак пур туа!
(Петар ги гледа збунето и не разбира сѐ уште што се случило. Пејачката му дава чашка
ракија. Петар ја испива.)
ПЕТАР: Магда? Кај е Магда?
ПЕЈАЧКАТА: Магде, ел е па нон иси. На пазар. Туа компрон?
ПЕТАР: Дамјан? Тој каде е?
ПЕЈАЧКАТА: Дамјан!? (Отпива уште еднаш.) Ен момент. Ун летр пур туа, месије. (Му
се исклештува со жолтите и ретки заби.)
(Петар го зема писмото. Го отвора ковертот. Чита гласно: „ПОЈДИ ВО МАКЕДОНИЈА
– ДАМЈАН“. Петар станува. Пејачката и Виолинистот зјапаат во него.)
ПЕТАР: Што ден е денеска?
(Двајцата го гледаат збунето. Петар се обидува на француски.)
ПЕТАР: Жур? – Ожурдуи...
ПЕЈАЧКАТА: Петок... Сен жур... компрон? Ун коњак?
(На задниот дел на сцената. Под сноп светлина.)
ПЕТАР (СТАРИОТ): (Раскажува, се присетува.) Одмавнав со раката и ги навлеков
панталоните, не се ни погледнав во огледалото. Од дрвениот куфер ги зедов пасошот,
паричникот што ми го беа ограбиле оние луди старци и малиот фотоапарат кодак. Потоа
буквално излетав низ вратата. Ја бакнав жената претходно во чело, без причина, а таа и
виолинистот останаа на креветот и локаа коњак. Тој засвире на виолината, таа запеа. Пееја
бугарски валс.

19
Магдо љубов моја

16. БОЛНИЦАТА „СВ. ПАВЛЕ“


ПЕТАР: Добар ден Елиза, како си денес?
ЕЛИЗА: Денес сум добро. А ти?
ПЕТАР: Јас, ете, немам друга работа, па се сеќавам на младоста. Не знам зошто вам,
младите, секогаш ве интересира младоста на старците? Се палите на минатото, како млади
мајмуни на зелена банана.
ЕЛИЗА: Петар Николаевич! Ти си егзотика, башка си ми семинарска работа по
антропологија.
ПЕТАР: Немате ли друга работа на факултетот освен да губите време со деведесет и
шестгодишни фраери како мене? Без заби, глуви и зли! (Се смее на своја сметка.)
ЕЛИЗА: Имаш уште многу да раскажуваш. Супер наратор си. Како радиоемисија. Сакаш
цигара?
ПЕТАР: Денес ми е роденден. Навистина, не се смеј. Полнам... не ти кажувам.
ЕЛИЗА: Дамите годините не ги кажуваат, а ти си дечко. Кажи точно колку?
(Петар се насмејува, продолжува со својот старечки кикот.)

20
Магдо љубов моја

17. ВАГОНОТ ОД ВТОРА КЛАСА


ПЕТАР (СТАРЕЦОТ): „... Ха, треба некогаш да ги видиш македонските жени! Тие носат
сѐ сами на глава! На пазар носат стока за продавање, од пазар се враќаат со купена стока, а
нивните мажи јаваат на магаре на чекор пред нив. Понекогаш шмркаат бурмут или
џвакаат катран. По неуспехот со балонот, со воз, преку Србија стигнав во Скопје и веднаш
продолжив за Солун. Возот беше преполн со чудесен свет. Нешто што не се замислува,
мора да се види...“
(Петар гледа низ прозорец. Во купето влегуваат ТУРСКИ ОФИЦЕР и ВОЈНИК. Ги
загледуваат патниците, доаѓаат до Петар.)
ОФИЦЕРОТ: Документи?
ПЕТАР: (Му го дава својот пасош.) Повелете.
ОФИЦЕРОТ: Американ? Американ бој?
ПЕТАР: Да! Американ – Бафало Бил.
ОФИЦЕРОТ: Што барате во Турција?
ПЕТАР: Јас сум новинар, пишувам за вашата убава земја!
ОФИЦЕРОТ: Што пишувате?
ПЕТАР: Дека султанот е суперчовек што сади првокласен тутун!
(Офицерот го гледа Петар во очите со студен поглед. Војникот стои зад него. Имаат
пушки. Петар е преморен и не се помрднува од место.)
ОФИЦЕРОТ: Будала ли си ти? Треба да го смениме царството со парламент!
(Му го враќа пасошот на Петар, го отпоздравува војнички и заминува. Петар гледа низ
прозорецот.)
ПЕТАР: Ајде сега некој нека им фати крај на овие диви Балканци!

21
Магдо љубов моја

18. СОЛУН
Петар снима со својот мал кодак. Снима во празнина. Седејќи, Петар се занесува и не
забележува дека некој му става дланка на рамото. Петар срипува како попарен.
Наспроти него стои Дамјан, со турски фес на глава. Петар го препознава.
ДАМЈАН: Лука те чека во Воден, мора да тргнеш веднаш!
ПЕТАР: Дамјане! (Возбудено.) А Магда? Каде е таа?
ДАМЈАН: Тргни за Воден, Лука да не чека...
(Тој се свртува и тргнува. Петар тргнува по него. Доаѓаат до два велосипеда потпрени
на едно дрво. Велосипедите имаат предно огромно и мало задно тркало.)
ПЕТАР: Ќе патувам со ова?
ДАМЈАН: Блиску е, за три дена си таму. Таму ќе те сместат во анот.
ПЕТАР: Сакам само да јадам и да се избањам. Смрдам.

22
Магдо љубов моја

19. СОБАТА ВО АНОТ


Петар се бања во дрвено корито, пуши цигара и пее блуз. Одеднаш една рака го потопува
Петар во водата. Тој панично срипува, гол како пиштол, со сапуница во очите. Наспроти
него стои Лука. Петар е збунет. Лука му приоѓа и го прегрнува. Петар и понатаму е
збунет.
ЛУКА: Добре дојде кај нас во Македонија, море мандало, ај облечи се, не гледај ме како
теле!
(Петар вџашено гледа во Лука. Тој е во комитска облека со реденици околу плеќи и пушка
малихера во рацете. На појасот му стојат кубур и кама.)
ЛУКА: Што не ти е јасно?
ПЕТАР: Каков е овој циркус?
ЛУКА: Нели сакаше да пишуваш за нашиот тутун, е па, ајде немаме многу време,
облекувај се и да одиме. Ако стоиш вака додека да ти се исушат јајцата, некој кодош ќе
викне аскер па ќе мора да се биеме, а вечерва нема смисла да го будиме градот од сон!
(Петар се насмевнува и се облекува. Цело време го гледа Лука и не си верува на очите.)
ПЕТАР: Лука, може ли да те фотографирам?
ЛУКА: Може!
(Тој зазема поза, а Петар го подготвува фосфорниот блиц. Светнува блицот во ноќта и
Лука е фотографиран со малиот кодак.)

23
Магдо љубов моја

20. КОЛИБАТА НА ВОЈВОДА ЛУКА


Генерал ЦРНИ (Павел од Швајцарија), кус човек, инаку готвач, подготвува јагне на жар.
Лука влегува во својата колиба покриена со покрив од слама и го пречекува Петар со леб
и сол.
ЛУКА: Мораш да земеш. Леб и сол. Тоа е наш народен обичај!
(Петар крши од лебот и макнува од солта.)
ЛУКА: Аферим, комито, сега седни раскомоти се!
(Петар седнува крај огнот, а Лука и Црни почнуваат да вртат матарка со ракија. Лука
му подава на Петар, овој отпива и се закашлува, другите се смеат.)
ПЕТАР: Отров ли е ова?
ЦРНИ: (Срипува со кубурот на чело на Петар.) Внимавај што зборуваш за мојата ракија!
Ме навредуваш!
ПЕТАР: (Позеленува од страв.) Извини, ми се испушти.
ЦРНИ: Пау! Пау! (Прснува во кикот.)
(Се смее. Одеднаш, од никаде заврнува дожд. Лука и Петар се засолнуваат под покривот
на колибата, а Црни останува на дождот и се дере. Вие како волк.)
ПЕТАР: Што му стана?
ЛУКА: Тој така си се радува, среќен е дека заврна. Мисли дека е од шумата.

24
Магдо љубов моја

21. УТРЕДЕНТА
Лука разговара со еден СЕЛАНЕЦ кој го тутка фесот во раце и му дава ќеса со пари на
Лука. Потоа му бакнува рака и станува. Си оди. Петар забележува што се случи.
ПЕТАР: Црни, кој беше човекот?
ЦРНИ: Наце Манолев, кмет на селово...
ПЕТАР: Што бараше тој од Лука?
ЦРНИ: Ништо, сигурно некој пак кодошел кај ага Керим, има мака па сака војводата да
помогне. (Им приоѓа Лука.)
ЛУКА: Кажи, нешто не ти е јасно?
ПЕТАР: Не, кажи ми ти мене! Што се случува овде?
ЛУКА: (Се озарува со насмевка.) Ништо, дојди вечерва со мене и со Црни, ќе видиш со
свои очи!
ПЕТАР: Ќе дојдам. Мислиш се плашам?!

25
Магдо љубов моја

22. ИСТАТА НОЌ


Лука, Црни и Петар бесшумно стигнуваат кај еден поп. Грчки поп.
ЛУКА: Поп Ставрос, ој попе Ставрос, излези, имаме голема мака... (Тропа на вратата.)
Попеее!
(На вратата се појавува попот. Има ламба на газија во раката.)
ПОПОТ: Кој е? Кој тропа?
ЛУКА: Јас сум, Лука! Воденскиот војвода!
(Попот сака да побегне. Црни е побрз и го фаќа за брадичето.)
ЛУКА: Што направи со парите, попе?
ПОПОТ: Со кои пари?
ЛУКА: Оние што ти ги даде ага Керим да ги кодошиш нашите домаќини оваа добра
година на кој колку жито му родило и кој колку грла стока брои? Со златните лири.
ПОПОТ: Јас не сум кодош, јас сум Божјо лице!
(Лука му удира шамар. Попот се „помочува“ од страв. На Петар му станува смешно.)
ЛУКА: Немој да лажеш, јајцата ќе ти ги чкопам!
ПОПОТ: Не ми даде пари – ми даде мед!
ЛУКА: Слушаш комито? (На Петар.) Запиши во тефтерот, не е ниту за пари, за мед е!
Каде е медот, да ти ебам крвта кисела?
ПОПОТ: Го изедовме со попадиката!
ЛУКА: (Му удира шамар.) Не лажи!
ПОПОТ: Во амбарот ми е! За зима го чувам, со житото и со стоката.
ЛУКА: Тргнувај пред мене!
(Доаѓаат до медот во каче. Застануваат.)
ЛУКА: Земи го сега медот и истури си го на глава!
ПОПОТ: Ако ме пуштите, ќе ви платам многу пари!
ЦРНИ: (Замавнува да го удри, запира.) А да го заколам?
(Попот се прелива со медот. Медот тече по неговата глава, по лицето и телото. На
Петар му е смешно. Си одат.)
ЛУКА: Следниот пат ќе те тера цел мед да го изголташ. Без вода. На суво. Ќе те држи
пролив цела година.

26
Магдо љубов моја

23. КОЛИБАТА
Лука се буди од спиење. Се протега на својата рогозина и го забележува Петар седнат
како пишува нешто во некаков тефтер. Црни уште спие.
ПЕТАР: Добро утро, војоводо!
ЛУКА: Господ ни дал бело утро и ракија! (Отпива.) Рано си станал!
ПЕТАР: Ич не сум ни легнал! Цела ноќ пишувам! Испишав цела книга.
ЛУКА: Што пишуваш кога уште не си го видел тутунот?
ПЕТАР: (Се смее.) Знаеш Лука, почнав да пишувам книга за вас комитите!
ЛУКА: (Го исмева.) За нас? Каква книга?
ПЕТАР: Тајна книга! Настани за македонските состојби во турско.
ЦРНИ: Џинка договорил средба со ага Керим, војводо!
ЛУКА: Кога тоа?
ЦРНИ: Утре взори. Ние тројца – тие тројца!
(Петар ги слуша. Тој е небричен, ноктите му се зараснати, лицето огрубено, а костумот
испокинат. По ништо не потсеќа на оној Петар од „Ориент Експрес“. Тој ја вади
камата и си ги чешка забите.)

27
Магдо љубов моја

24. ВО МУГРИТЕ
Сонцето изгрева над колибата. Црни напред, Лука и Петар седат одзади со пушките
како „индијански поглавици“. Црни пополека засвирува како гугутка. Тишина. Петар
нешто запишува во својот тефтер, го мести малиот кодак за да фотографира. Црни
повторно загугуткува. Од далечина одговор на знакот на Црни. Ним им се приближува
ага Керим, а зад него идат двајца млади офицери вооружени до заби!
АГА КЕРИМ: Арно ли живеете браќа?
ЛУКА: Пази на зборовите – јас тебе брат, а ти мене – ѓавол!
АГА КЕРИМ: Лука, не лути се на стариот ага...
ЛУКА: Како си, ага Кериме, мора некоја голема јанѕа да имаш штом сакаш вака апансас
да нѐ видиш?
АГА КЕРИМ: Кој е овој до тебе?
ЛУКА: Бафало Бил – пишува книга за мене! (Се смее, горд.)
АГА КЕРИМ: Аферим, Лука! Само едно да ти речам – немој веќе на Грците бели да им
правиш, оти аскер ќе соберам и целото воденско езеро ако треба ќе го испијам, ама ќе те
најдам и ќе те убијам!
ЛУКА: За езерото, прво да ти кажам, што ќе го испиеш – ќе го испиеш еден ден! Ти аскер
збирај, јас рајата ќе ја дигнам на востание. Па мери си го сега со мене! А поповите ако
кодошат, не со мед – ами со гомна ќе ги мачкам, ме разбираш, аго?
(Еден од офицерите му шепнува нешто на ага Керим, во тој момент Петар ги
фотографира. Се сепнуваат возбудени, нивните лица се камени и несреќни оти се
фотографирани.)
АГА КЕРИМ: Да му кажеш на Бафало Бил оти и по него ќе пуштам потерница, не го
спасува тоа што е странец. За мене тој е обичен комита со апарат.
ЛУКА: Си знае тој, голем е. Кажа ли сѐ што имаше?
АГА КЕРИМ: Јок! Сакав да речам нешто и за афионот!
ЛУКА: Ајде, што има катранот со нашава работа?
АГА КЕРИМ: Сум чул дека луѓе на Организацијата оделе по селата и од селаните го
збирале катранот за златни лири!
ЛУКА: Око за око, злато за злато!
АГА КЕРИМ: На Портата ѝ треба афион оти ѝ треба опиум. Тука ако направите беља, ќе
те обесам на сред Воден за ташаци!
ЛУКА: Ќе ми се фатиш ти за ташаците и ќе викаш ура! Ај сега губи се од моето царство!
(Петар почнува да се смее, на ага Керим му станува непријатно и тој си оди наназад.
Нашите пријатели стојат во место. Кога ага Керим ќе се загуби од сцената, Лука пука
во воздух и крај нив треснува една голема птица.)
ЛУКА: (На Црни.) Генерале, сакам чорба од ова чудо да ми направиш!
ПЕТАР: Што ќе стане сега Лука?
ЛУКА: Ништо, ова е нормално – го правиме трипати годишно со ага Керим. Дипломатија!

28
Магдо љубов моја

25. КОЛИБАТА
Околу огништето пред колибата седат крснозе: Лука, до него Петар, до него Црни.
Наспроти нив седи КОМИТА. Пијат ракија и пушат од наргиле додавајќи си го еден на
друг. Црни свири тивка малодија на ут.
КОМИТАТА: Мораш да појдеш во Битола по пушките војводо. Ем да ги платиш, ем да се
видиш со другите војводи! Главниот ве вика. На конгрес.
(Лука пуши спокојно, отпива од ракијата. Петар станува и го фотографира комитата.)
ЦРНИ: Колку пушки има за зимање?
КОМИТАТА: Не знам точно, ама едно сто комада, не знам – жими мајка!
ЛУКА: Кажи оти доаѓаме во недела, а ти да нѐ чекаш на ат-пазар кај што потковуваат,
разбра?!
КОМИТАТА: Разбрав, војводо! Да ѝ кажам на сестра ти дека доаѓаш во Битола?
ЛУКА: Сус бе! (На Црни.) Генерале, стави му кромид и леб и нека си оди, ајде. (На Црни.)
Сомнителна ми е оваа јавка, да знаеш.
(Лука и Петар пушат од наргилето. Пијат од ракијата. Петар го зема утот на Црни и
засвирува, односно задрндува нешто.)
ЦРНИ: (Пее.) „Илјада и седумстотини шеесе и второ лето во Охрида дошел Салаор. Се
поклонил пред Арсења, наша патрика и му рекл слово горко, слово жалосно...“
(Додека Црни пее занесено Лука, загледан во небото, мрмори терца на мелодијата.)
ПЕТАР: Сестра ти Магда е во Битола?
ЛУКА: (Му срипува, го фаќа за гуша.) Кај е сестра ми ич нека не те боли мандалот, а ако
уште еднаш ја спомнеш, ќе те бијам како куче!
ПЕТАР: (Му ги трга рацете нагло, луто.) Сакаш да се тепаш пак со мене? Што мислиш,
ти се плашам?!
(Лука му скокнува во нозе, почнуваат да се борат, Петар не се дава, се борат. Црни
одмавнува со рака и си легнува на својата рогозина.)
ПЕТАР (СТАРЕЦОТ): Цела ноќ се боревме како бишки. А утредента тргнавме на пат. Со
воз за Битола. Во преполниот вагон со турски војници, влеговме како поп со две млади
моми. Попот, всушност, беше Лука, а во моми бевме преоблечени јас и Црни. Кога ние
влеговме, Турците се вознемирија. Настана општ џагор. Јас и Црни, селските моми,
седнавме крај прозорецот со наведнати глави, а попот Лука отспротива. Тој извади качак и
завитка цигара. Тогаш му пријде еден од војниците – ПОДОФИЦЕР. Седна до попот, до
Лука. Имаше тенки мустачиња и тик, жмигаше на левото око и притоа му се мрдаше и
горната усна во левото ќоше. Беше како жмигавец. Раскопчан во униформата, пиеше од
шише и му го нудеше на Лука, да плати за да биде со нас. Војводата нешто му шепна, а
кутриот Турчин само пребледе и како комета излета од вагонот. Што му кажа Лука, не
знам, ама еднаш Магда ми раскажуваше дека Лука, кога некого сакал да исплаши, му
кажувал дека е лепрозен. Така беше, жими мајка!
ЕЛИЗА: Ти се колнеш во мајка? Стварно не си нормален на овие години да се колнеш во
мајка ти!

29
Магдо љубов моја

26. БИТОЛА, АТ-ПАЗАР


Лука, Црни и Петар, облечени во градски костуми, како грчки трговци, одат не вртејќи
се лево и десно. Се приближуваат до еден човек што потковува коњ. Човекот е
комитата.
ЛУКА: Добар ден, како е мајсторе?
КОМИТАТА: (Конспиративно.) По мене, војводо!
(Тој го остава коњот донепоткован и тргнува пред нив. Тројцата одат зад него.)
ПЕТАР: Лука, додека да свршиш работа, јас ќе телеграфирам до конзулатот во Лисабон,
за да прашам каде да ја продолжам дозволата за патување.
ЛУКА: (Се смее.) Каква црна дозвола те спопаднала во Македонија? Варди се!
ПЕТАР: (На комитата.) Каде е точно поштата?
(Комитата му дава знак и покажува на една зграда. Петар тргнува кон зградата. Црни
свикува по него...)
ЦРНИ: Ако дојдеш пред нас, чекај нѐ крај непоткованиот коњ, немој внатре во
ковачницата!
(Лука и Црни продолжуваат, а Петар влегува во поштата, на која се виори турското
знаме.)
(СТАРЕЦОТ СЕ ПОЈАВУВА НА СРЕД СЦЕНА, РАСКАЖУВА.)
ПЕТАР: Комитата Борис ги одведе Лука и Црни пред една голема порта и ги пропушти да
влезат внатре. Тој остана пред вратата. Јас бев во поштата. Во поштата имаше многу луѓе,
главно локални граѓани. Комитата ја затвори вратата зад Лука и Црни и побегна по
сокакот. Јас токму во тој момент сум му ја дал пораката на телеграфистот на која
пишуваше: „ГОСПОДИН СМИТ, АМЕРИКАНСКИ КОНЗУЛАТ, ЛИСАБОН.
ГОСПОДИН КОНЗУЛ, БИ САКАЛ ДА ВИ ИСПРАТАМ ЕДЕН РАКОПИС ДА ГО
ПРОСЛЕДИТЕ ДО ЧИКАГО, ВО САД. АКО ТОА Е МОЖНО, ОДГОВОРЕТЕ НА ПОСТ-
РЕСТАНТ ВО БИТОЛА, ЕВРОПСКА ТУРЦИЈА – ПЕТАР НИКОЛАЕВИЧ,
АМЕРИКАНСКИ НОВИНАР ШТО ОДИ ЗА КАИРО!“ Во дворот стоеле десет ЗАПТИИ
со вперени пушки во Лука и Црни, готови да стрелаат...
ПРВИОТ ЗАПТИЈА: Предајте се, немате каде! Ние сме царска гарда!
ЛУКА: А бе може да сте и турскиот цар лично, што ве ебам...
(Го вади кубурот и испалува, убива еден заптија. Другите запукуваат и го убиваат Лука.
Тој паѓа мртов. Црни се фрла пред него.)
ЦРНИ: Лука, стани Лука, Лука!
(Заптија со пуша, со цевката во тилот на Црни.)
ЗАПТИЈАТА: Турете му оков на апашот!
ПЕТАР (СТАРЕЦОТ): Му платив на телеграфистот и нешто тој ми проговори. Во поштата
во тој момент влезе еден човек во градска облека, со филмска камера. Ја постави на
џамчето и почна да снима. Црни, окован во пранги, го водеа по улицата, а народот се
собираше наоколу. Некои го плукаа и го гаѓаа со камења, други само ги веднеа главите
пред комитата! Поминаа пред поштата. Јас гледав со свои очи како ми го водат пријателот
на колење. Се стрчав кон излезот за да пукам. Тогаш човекот со камерата ме фати под
мишка и ми го спаси животот.
ЧОВЕКОТ: Не брзајте, господине. Вратете го револверот во пазуви, опасно е!
ПЕТАР: Кој си ти?
ЧОВЕКОТ: Следете ме мене ако сакате да не ве убијат војниците!

30
Магдо љубов моја

27. БОЛНИЦАТА
Сестра Кристина задремала. Сонцето пекнало и ја сонча.
ЕЛИЗ: Му ја испрати ли некогаш книгата за Лука на конзулот Смит во Лисабон?
ПЕТАР: Тој проклетник никогаш не ми одговори на пост-рестантот... (Петар се
накашлува и се засмева.) Кој е сега претседател на Америка, душо?
ЕЛИЗ: Џими Картер, не си слушнал?
ПЕТАР: Треба да му се прати писмо со опомена редовно да си ги контролира конзулите
кои го претставуваат во странство. Што мислиш, да му пишам?
(Старецот си прави виц сам со себе. Елиз се смее.)

31
Магдо љубов моја

28. ЈЕНИ МААЛО, БИТОЛА


Младиот Петар седи во фотелја. На малечкото масиче до него стојат страници од
неговиот ракопис, мастило и перо, а до нив табакерата од Магда, со изгравираните
кубур и кама.
ПЕТАР (СТАРИОТ): ... Тоа беше прекрасен град. Битола. И многу смешен. Наутро
почнуваше да пее оџата, па се слушаа камбаните на црквата, а понекогаш локалните
сеирџии се преправаа во дивјаци и играа некакви варварски танци...
(Петар – младиот – запишува нешто. Од спротивната страна, облечена во долг, црн
фустан – Магда.)
ПЕТАР: Магда? Магдо ти ли си? (Магда ја снемува.) Почнав да бладам.
(Влегува Милтон. Човекот со камера.)
ПЕТАР: Милтон, ти си тука?!
МИЛТОН: Излегуваш негде специјално?
ПЕТАР: Ја видов Магда!
МИЛТОН: Магда? Каде?
ПЕТАР: Магда беше тука. Токму овде, кај што стоиш ти.
(Милтон го фаќа за раце, го смирува да седне.)
МИЛТОН: Дојди со мене во коњичкиот клуб на конзулите, се берат таму секоја среда
гувернантите на нивните деца. Магда беше учителка на времето.
ПЕТАР: Морам да ја видам, Милтоне.
МИЛТОН: Гледаш дека ти бега!
ПЕТАР: Да не си мисли дека јас го предадов Лука?
МИЛТОН: Може не ѝ се допаѓаш повеќе? Чудна сорта е женската раса.
ПЕТАР: Знаеш ли зошто дојдов во Македонија?
МИЛТОН: Знам! Заради женската раса.

32
Магдо љубов моја

29. УЛИЦА
Петар и Милтон на улицата поплочена со гранитна калдрма. Нив ги следи некој. Тоа е
комитата Борис што ги предаде Лука и Црни. Петар стои и пуши, Милтон снима со
камерата.
ПЕТАР: Немаш светло, џабе сликаш, нема да фати кадрото.
МАГДА: (Магда влегува.) Не можам да поднесам да ме прогонуваш. Како да не можам да
избегам од тебе на целата планета Земја. Се претвори во моја сенка. (Му паѓа на гради. Го
удира. Плаче.)
ПЕТАР: (Се вкочанува, ја гледа, ќути.) Ќе те барав сѐ до смртта.
МИЛТОН: Добра ноќ! (Си оди.)
МАГДА: Не стој како да си голтнал лопата! Кажи ми нешто?
ПЕТАР: Не ми се верува дека те гушкам.
МАГДА: Требаше да си во Каиро пред две години!
ПЕТАР: Живот! (Ја вади плоската.) Сакаш една ракија? Па што правиш ти деновиве, како
си?
МАГДА: Чувам странски деца, учам јазици. А ти?
ПЕТАР: Се вртам како прдеж во гаќи! Му здодевам на Милтон, можеби треба да се вратам
дома! Умре Каиро сосе берзата за тутун одамна во моите соништа.
МАГДА: Да не ти рече Лука нешто пред да загине? Некој порака за мене или за Дамјан?
ПЕТАР: Милтон вели дека го пцуел турскиот цар.
МАГДА: Морам да одам!
ПЕТАР: Не мораш... (Ѝ приоѓа.) никогаш веќе нема да си одиш.
МАГДА: Доцна е, опасно е по сокаците...
ПЕТАР: Многу зборуваш! (Ја грабнува околу појас и тие почнуваат да се бакнуваат.
Петар и Магда почнуваат жестоко да се сакаат.)

33
Магдо љубов моја

30. КРЕВЕТОТ
Петар и Магда голи спијат. Втрчува Милтон. Магда се преплашува од неговото
тропање и паѓа од креветот.
ПЕТАР: (Сонлив.) Милтоне, какви се овие глупости?
МИЛТОН: (Забревтан.) За две минути мора да се губиме одовде! Иде турски аскер. Те
кодошел некој оти против султанот спремаш атентат. Мора да бегаме, човеку, не гледај ме
– облекувај се! Речи му Магде!
ПЕТАР (СТАРИОТ): (Се појавува под снопот светлина, раскажува.) Магда, Милтон и јас
излеговме од задната врата на куќата. Магда не можеше да трча брзо. Ја земав на раце,
тогаш бев силен како вол! Трчавме како избезумени цел еден час. Милтон со камерата. Јас
по него со Магда во рацете. Турците влегле во куќата, а Борис предавникот останал да
стои со офицерот пред куќата! Еден пријател на Милтон, стар комита од Охрид, го видел
и истата вечер сакал да му пресуди дома, на спиење. Со нож за колење гудиња. Ама Борис
избега во Солун. Такви односи владееја тогаш во Организацијата. Законот на смртта.
Милтон нѐ доведе до една подрумска врата на една трокатна зграда. Милтон тропаше. Ни
отвори еден ситен Евреин. Турците токму тогаш претрчаа пред вратата! Низ слабата
светлина што доаѓаше од малите прозорчиња на овој подрум можеше да се забележи дека
внатре има неколку рогозини по подот и неколку наргилиња од кои луѓето пушеа опиум.
Внатре беа еден стар господин во турска униформа, а до него на соседното наргиле
надрогирани лежеа две жени. Евреинот што нѐ прими се викаше Давид.
(На сцената се појавуваат Давид и другите.)
МИЛТОН: Давиде, мораме луѓето да ги спасиме!
ДАВИД: Ќе ги спасиме ако имаат спасувало!
МИЛТОН: Немаме пари, ќе ти ја дадам камерава! Доволно е!
ПЕТАР: Нема потреба, Милтоне, ќе се снајдеме некако!
ДАВИД: (Ја зема камерата на Милтон.) Кога ќе се стемни, ќе ве префрлам во Охрид. Со
затворена кочија – „Ландон“. Сега легнете си овде (Покажува на јамболиите кои служат
како кревети.) Кога ќе дојде време ќе ве викнам!

34
Магдо љубов моја

31. ОХРИД
Магда и Петар пијат кафе, во кафеанче на езерскиот брег. Со локумче и водичка.
Милтон ги снима.
ДАВИД: Милтоне... Милтоне...
(Милтон ја собира камерата. Давид дотрчува како избезумен кај него.)
ДАВИД: Милтоне! Слушај ваму...
МИЛТОН: Не вознемирувај ги гулапчињата!
ДАВИД: Ме открија, Милтоне, брате. Ме препозна шефот на полицијата во Охрид.
Додека учеше официрско во Битола, идеше кај мене на опиум. Ме виде и ме позна!
МИЛТОН: Каде е ракописот на Петар?
ДАВИД: Го оставив и побегнав. Кој да мисли на писмо, брате?
МИЛТОН: Ја остави репортажата за Лука, за Дамјан, за Организацијата и за сѐ што се
случуваше последниве години, сѐ им остави на Турците? Аферим, Давиде!
ДАВИД: Што да правиш, братче, поарно тефтерот отколку коските да ги оставам!
(Милтон ја прибира камерата и седнува со Петар и Магда на маса. Тие нешто се
кикотат.)
МИЛТОН: Турците сега го имат твојот тефтер и твојот пасош!
ПЕТАР: Како стигнале кај нив?
МИЛТОН: Го фатиле Давид, морал да ги остави сите работи и да бега!
МАГДА: Сега што ќе правиме?
МИЛТОН: Што да правиме? Организацијата е разбиена откако го убија брат ти. Нема
фајде да се седи повеќе во Македонија. Петар ќе биде покорисен за Организацијата во
Чикаго и Детроит, а ти, ако сакаш да одиш со него!
(Магда отпива од водата. Петар го зема малиот кодак и ја фотографира.)
ПЕТАР: Дојди со мене! Ти барем сѐ уште имаш американски пасош!
МАГДА: Обичен фалсификат!
МИЛТОН: Ќе те префрлам до Драч!
МАГДА: А ти? (На Петар.) Што ќе биде со тебе?
ПЕТАР: Јас морам да се вратам во Солун. Таму ме чекаат пари на пост-рестант од
уредникот сер Мусли!
МАГДА: Ќе дојдам со тебе!
ПЕТАР: Ќе одиш со Милтон во Драч, а ќе се најдеме во Марсеј, јас ќе дојдам од Солун со
францускиот брод!
(Давид се оддалечува од нив. Оди полека.)
ДАВИД: Нека остане ракописов на сигурно. Оваа книга еден ден ако даде господ ќе
кажува писание, големо писание за нас, кои и какви сме биле. (Давид заминува во
далечината на езерскиот брег.)

35
Магдо љубов моја

32. ОДМАЗДАТА
Поминува Комитата Борис што го предаде Лука. Петар тргнува по него. Го следи.
Комитата оди слободно. Комитата застанува. Се врти. Се сомнева. Петар се
засолнува. Одеднаш се исправа пред него.
ПЕТАР: Борисе! Ти ли си брате?
КОМИТАТА: (Се свртува.) Што сакаш од мене?
ПЕТАР: (Го застрелува со пиштол меѓу веѓите.) Ништо. Сега веќе ништо не сакам од
тебе, Борисе, брате.
(Комитата паѓа на сред сцена. Петар му приоѓа на комитата и пука уште еднаш во
лешот, потоа излегува.)

36
Магдо љубов моја

33. БОЛНИЦАТА
ПЕТАР: (Пее, па раскажува. Ја пее „Параходот ми пристигна“.) Додека пеат,
Македонците го нижат тутунот. Во една бала тутун се состои цел еден нивен живот. Ама
ти тоа нема никогаш да го разбереш...
ЕЛИЗ: Се најдовте ли потоа со Магда?
ПЕТАР: Магда шеташе по пристаништето во Марсеј, не верувајќи дека ќе ме види
повторно. Беше изгладнета и слаба како сламка. Кога бродот на кој бев засвири со својата
сирена, Магда се стаписа. Ја гледав од палубата. Беше слаба како сламка. Стоеше сама на
марсејскиот брег, како да ќе ја издува ветерот. Беше убава како ти сега.
КРИСТИН: (Вади од џебот касета.) Госпоѓице, јас сосема заборавив утрово да ја ставам
касетава во вашиот касетофон! Не лутете ми се. Не сакав да ве прекинувам, старецот
раскажуваше толку убаво, не сакав да ве прекинувам. Не се лутите, нели?
(Елиз се треснува со дланката по челото и почнува да се смее. Таа ја зема касетата од
неговите раце и ја става во касетофонот. Петар малку се потсмирува и ја прашува
Елиз, држејќи ја за коленото.)
ПЕТАР: Кому му даваш да ти ги допира белите колена?
ЕЛИЗ: (Тргајќи ја старата рака од своето колено.) Знаеш што Петре Николаевич?
ПЕТАР: Што мила моја?
ЕЛИЗ: Ќе мораме сѐ од почеток!
ПЕТАР: Може... ако спиеш со мене!
(Почнуваат да се смеат. Надвор веќе почнува да се смрачува. Елиз ја зема инвалидската
количка и го турка Петар седнат во неа. Тој пуши.)
ЕЛИЗ: Добро, а што се случи со Магда кога дојдовте во Америка?
ПЕТАР: Ништо посебно. Ми роди два сина, живеевме во Њу Џерси, отворивме пекара, а
за време на Втората светска војна отиде да се бори во Македонија заедно со партизаните.
Луда баба. Загина во бомбардирањата на планината Грамос. Во Егејска Македонија.
Денеска тоа е во Грција. Ама тоа е друга приказна!

КРАЈ

37

You might also like