You are on page 1of 1

Бајка за лебедот

На врвот на планината си живееше Снежана, кралицата на зимата.


На ноженцата имаше чевлички од сребро, беше наметната со бела наметка испрскана со
снежни ѕвездички, а на главата носеше ледена капа што се прелеваше во безброј бои кога
Сончевиот зрак ќе паднеше на неа.
На кралицата на зимата не ѝ беше ладно дури ни на врвот на планината. Спиеше во
снежно гнездо, разголена се тркалаше по снежните наноси, по цел ден правеше топки од
снегулки, се возеше по езерото на една црна птица со тажно сведната глава. Бидејќи
Снежана беше многу мала, можеше удобно да ѝ седне на крилјата.
На езерото слетаа и други птици, диви патки и гуски, но и тие беа премали за да можат на
малата кралица на зимата да ѝ послужат како чамчиња.
Снежана често се мислеше зошто црната птица е тажна, зошто секогаш ја ведне главата,
па еднаш ја праша:
– Мое црно чамче, зошто си секогаш толку тажно?
– Мала кралице, премногу сум возбудена и не можам да ти кажам што ме тишти – одвај
прозборе малата птица – но вечер дојди повторно на брегот и ќе ме слушнеш.
Цел ден Снежана беше немирна и едвај чекаше да падне ноќта. Кога се стемни отиде на
брегот на езерото каде што црната птица веќе ја чекаше. Скриена во ноќта, тивко ѝ се
исповедаше на кралицата на зимата.
– Околу мене сè е бело: и дрвјата, и небото, и ѕверовите, и ти, мала кралице, само јас сум
од ноќта поцрна. Затоа ме мачи тагата.
Слушајќи го тоа, Снежана радосно ѝ рече:
– Кога тоа ти е единствената неволја, чамче мое, не грижи се! Ќе направам и ти да станеш
бело! Заплови ноќва на средината на езерото и чекај.
По ова, кралицата отиде до ледената кула меѓу карпите, каде што живееше Сребрената
ѕвезда, мајката на сите снегулки. Можеше да ѝ заповеда, но Сребрената ѕвезда беше многу
стара, па затоа Снежана милно ја замоли:
– Добра Сребрена ѕвездо, ти која и на мојата мајка ѝ ткаеше облека, прати ѝ вечерва на
птицата што стои сред езерото јато снегулки и покри го со неа засекогаш нејзиното црно
перје. Направи утре да се пробуди целата бела како снегот на мојот престол.
Така молеше Снежана, а црната птица трепереше и чекаше сред езерото. Некаде околу
полноќ, сонот ја совлада птицата, па таа си ја стави главата во крилото и остана така
неподвижна. Во истиот час на неа паднаa јато снегулки и целата ја завиткаa, па за момент
стана бела како снегот на престолот на кралицата на зимата.
Утрото Снежана забележа како по водата плови еден бел лебед, првиот на светот. По него
се раѓаа и умираа и други, но тој првиот и ден-денес живее и по истото езеро ја вози
Снежана, кралицата на зимата.
Десанка Максимовиќ

You might also like