You are on page 1of 8

Леонард Коен

Секогаш мислам на некоја песна

Секогаш мислам на некоја песна


која Ањани би можела да ја отпее
Нека биде за нашиот заеднички живот
Нека биде мошне лесна или мошне мисловна
Но ништо помеѓу
Ќе напишам зборови
А таа ќе ја направи мелодијата
Нема да можам да ја изведам
Бидејќи нотите ќе се кренат превисоко
Но затоа таа преубаво ќе ја отпее
И јас ќе ја исправам додека пее
И таа ќе ме исправа мене
Сè додека песната не стане совршена
За тогаш да ја слушаме
Не често
И не секогаш заедно
Но тука и таму
До крајот на животот

Посед

Врати ми ја куќата
Врати ми ја младата жена
Ми викав на сончогледот крај патот
Врати ми го скалперот
Врати ми го погледот од ридот
Му реков на семето крај патот
Врати ми го името
Врати ми го детскиот потпис
Му шепотев на правот патот кога исчезна
Сега пеј
Сега пеј
пееше мојот господар додека
лунѕав во свежиот ветар
Зарем дотука дојдов поради тоа
Се прашував чекајќи на чистиот студ спремен барем да ја оправдам
тишината
Кажи ми господару
мрдам ли со усните
и од каде доаѓа
тивкото апсолутно пеење што ми ја дупчи душата
како копје сол забиено в карпа
Врати ми ја куќата
Врати ми ја младата жена
Заспаната убавица

„Ти си доволно храбра“, ѝ реков на Заспаната убавица,


„низ скаливе да се качиш во мојот дом,
но жал ми е што на твојот љубен, Драгиот принц, загубена му е секоја трага.“
„Не разбираш од која приказна доаѓам“, рече таа,
„та обајцата знаеме кој живее во градинава.“
Сеедно сите следни ноќи
не знаеше дали ми се обраќа како на Лебед или Ѕвер.

Подарок

Ми велиш дека тишината


е поблиска до мирот од песните
но за подарок
да ти донесев тишина
(оти јас тишината ја знам)
би рекла
Ова не е тишина,
ова е уште една песна
и би ми ја вратила.

Песна

Слушнав за човек
кој толку убаво изговара зборови
што жените му се предаваат
штом ќе ги повика по име.

Ако сум нем крај твоето тело


додека тишината како тумор ни расцветува од усните
тоа е зашто го слушам како се качува по скалите
и се накашлува пред прагот.

Предупредување

Ако соседот ти исчезне,


О ако соседот ти исчезне
Тивкиот тип што ја греблаше чистинката
Девојката што радо се сончаше

Никогаш не ѝ спомнувај на жена си


Никогаш не спомнувај за време на вечера
Што и да му се случило на човекот
Што така внесено ја чешлаше ливатката
Никогаш не кажувај ѝ на ќерка си
На враќањето од црква кон дома
Нешто ѝ се случило на девојката
Ја немам видено има цел месец

И ако син ти каже


Дека во соседната куќа не живее никој
И дека сите топтан се иселиле
Прати го без вечера на спиење

Оти тоа знае да се размавта како чума


Па кога една блага вечер ќе си дојдеш дома
И видиш дека жена ти, синот и ќерката си заминале
Знај дека ја слушнале приказната и постапиле соодветно.

Обреди

Носејќи подароци од цвеќе и слатки оревчиња


семејството дошло да го види најстариот син,
мојот татко; ја опкружија постелата
во која тој лежеше над со крв натопената перница,
со срце напола гнило
и грло суво од жал.
Се чинеше толку очигледно, смрдеата толку јасна,
и прилично неизбежна,
а моите чичковци, ветрогони пророци,
како запенети гатачки го привикуваа животот;
дури утрото дигнаа раце
откако татко ми умре,
а јас почнав со врескањето.

Песната на хеленистот
(за Р. К.)

Оние неосенчени фигури, облите обриси на мажи


што клечат пред перчињата на брановите, окупирани
со украсните птици ‒
Тоа да беше преовладувачки стил,
Од обата агли на усните ќе пуштев долги влакна...

О градови на Декаполис ширум Јордан,


преблескави сте; нашите момчиња ве сакаат,
а од високи места наложено е во Ерусалим
да се подигнуваат гимнастички сали.
Но ќе ви кажам, мој народе, тие статуи премногу се високи.
Крај нив сме толку мали и грди,
само флеки на пиедестал.

Се викам Теодотус, не викајте ме Јонатан.


Се викам Доситеј, не викајте ме Натаниел.
Викајте нè со имињата на Александар, Деметриј, Никанор...

„Ги видовте ли моите земјаци во музеите,


брилијантните ученици со нечисти нокти,
како стојат пред мермерните богови
пониско од сите?“
Под тие прави носови, толку природни и извајани,
изустив некои однапред осмислени мудри зборови;
шегувајќи се на сметка на Протоколите, воената причина,
цитирајќи го „Блејстејн со цигара“.

А во салонот во чијшто прозорец се гнезди целиот град,


таму меѓу Herrenmenschen,
ја засмејував убаво потстрижената младина
кога влезе дете зборувајќи:
„Дојди, ми требаш за колач за Пасха!“
Ги допирав нивните високи и чисти жени,
сè некако мислејќи дека се нечисти,
како бескрлушни риби.
Тивко ми се насмевнуваа
опкружени со пријатели ‒
а јас се прашував каков сум во нивните очи.

О градови на Декаполис,
викајте нè со имињата на Александар, Деметриј, Никанор...
Вие темни жени, наскоро веќе нема да ве сакам.
Моите деца ќе им се фалат на своите предци на Маратон
и под ѕидините на Троја,
и Атина, тоа ќе ми биде најголемото задоволство ‒

О викајте ме со името Александар, Деметриј, Никанор...

Песнава се наоѓа во првата стихозбирка на Коен, Напоредни митологии, од 1956 г. Песната е


напишана под големо влијание на неохеленизмот на Константин Кавафи (1863‒1933), кој
изврши значајно влијание на целата англоамериканска поезија околу средината на 20 век.
Најславната песна на Кавафи, Бог го напушта Антониј, Коен ја преработи како Alexandra
Leaving на албумот The New Songs (2001).

Во Песната на хеленистот веќе е присутно Коеновото неортодоксно тематизирање на


еврејските теми, идентитетот и традицијата наспроти христијанството, што подоцна ќе
кулминира во неговите стихозбирки Прекрасни губитници и Цвеќе за Хитлер. Освен
Herrenmenschen (германски израз за припадниците на „расата на господари“) во песната се
„цитира“ и контроверзната песна на Т. С. Елиот Burbank with a Baedeker: Bleistein with a Cigar
(Бурбенк со бедекер: Блејстејн со цигара), која на Елиот му донесе обвинувања за
антисемитизам. Коен ги спомнува и Протоколите на сионските мудреци, антисемитскиот
спис кој наводно претставува зборник со записници од масонски состаноци и како таков
претставува крунски доказ за постоење на еврејски и масонски заговор за да се загосподари со
светот; денес Протоколите... се сметаат за најпознат фалсификат во историјата. Во песната се
спомнува и колачот за Пасха (Пасха е еврејски празник кој се слави како спомен на
ослободување од египетското ропство). Посветата за Р. К. веројатно се однесува на „Рабинот
Клајн“, односно на Коеновиот дедо по мајка, Соломон Клиницки‒Клајн, славниот литвански
рабин и проучувач на Тора‒та, кој во 1950‒ите, во длабока старост, живеел со Коенови во
Монтреал. Декаполис: десетте хеленски (грчки) градови кои припаѓале кон римската
провинција Сирија (подрачје источно од Јордан). Бескрлушни риби (scaleless fish): рибата без
крлушки во еврејската традиција се смета за нечиста храна; кошерската исхрана дозволува
само риби што имаат крлушки и перки.

Нам Македонците, последниве десетина години потонати во еден гротескен „неохеленизам“


(т.е. груевизам), песнава на Коен може да ни биде интересна баш поради преиспитувањето на
идентитетските слоеви: „Моите деца ќе им се фалат на своите предци на Маратон / и под
ѕидините на Троја, / и Атина, тоа ќе ми биде најголемото задоволство ‒ // О викајте ме со
името Александар, Деметриј, Никанор...

Партизанот / Спасоносниот настан

The Partisan е песна која се најде на албумот „Songs from a Room“ на Leonard Cohen од 1969
година. The Partisan е адаптација на Hy Zaret на славната француска песна La complainte du
partisan - песна што зборува за француското движење на отпорот кое во Втората светска војна
се бореше против нацистичката германска окупација. La complainte du partisan е снимена во
Лондон во 1943, а нејзини автори се Emmanuel D'Astier de la Vigerie и Anna Marly.

ПАРТИЗАНОТ

Кога нагрнаа преку границата


ми рекоа да се предадам,
но тоа не го можев;
го земав пиштолот и исчезнав.
Толку пати го сменив името,
ги загубив жената и децата,
ама имам многу пријатели,
дел од нив се со мене.

Постара жена ни даде засолниште,


нè чуваше сокриени на таванот,
и тогаш дојдоа војниците;
таа умре без шепот.
Бевме тројца утрово,
вечерва останав сам,
но морам да продолжам;
границите се мојот затвор.

О, ветрот, ветрот дува,


слободата наскоро ќе дојде;
и тогаш ќе излеземе од сенките.

Les Allemands e’taient chez moi, [Германците беа во мојот дом]


ils me dirent, "Signe toi," [ми рекоа „запиши се“]
mais je n’ai pas peur [Но не се плашам]
j’ai repris mon arme. [Повторно си го земав оружјето.]
J’ai change’ cent fois de nom, [Името сто пати го сменив]
j’ai perdu femme et enfants [Ги изгубив жената и децата]
mais j’ai tant d’amis; [Но имам многу пријатели]
j’ai la France entie`re. [Ја имам цела Франција.]

Un vieil homme dans un grenier [Старец, на таванот]


pour la nuit nous a cache’, [Нè сокри вечерта]
les Allemands l'ont pris; [Германците го фатија]
l es mort sans surprise [Умре неизненаден.]

О, ветрот, ветрот дува,


низ гробиштата ветрот дува,
слободата наскоро ќе дојде
и тогаш ќе излеземе од сенките.

Превод: Тања Малеска


Спасоносниот настан

Помеѓу „Минатото кое трае долго“ (наслов на книга на југословенскиот надреалист Душан
Матиќ) и „Иднината која трае долго“ (истоимена книга на Луј Алтисер) постои минатото кое не
поминува, а кое всушност е сегашност, онаа што ја градиме чистејќи го патот кон новото,
минувајќи секогаш и одново покрај она што е направено. Да се направи денес детален,
прецизен, интегрален биланс на социјалистичкото искуство, не само од страната на ужасот
(направен во име на комунизмот), туку од страната на она што во него е неминливо,
еманципаторско, за сите времиња, врз што ќе стојат темелите на секое вистински ново, ни се
чини како неодложна нужност и единствен пат кон тоа посакувано ново. Само тогаш ќе може
да биде остварена хипотезата на вистинскиот почеток за којшто зборува и Алан Бадју.
Оддалечувајќи се од „месијанскиот став, очекувањето на спосоносниот настан“ кој ќе ја донесе
толку посакуваната новост, да потсетиме на блиската теза на Бадју според која „да се
подготвиш за почетокот значи да ја впишеш ситуацијата во категориите на мислењето водени
од верноста спрема претходниот почеток“; на крајот Бадју заклучува: „Парадокс е што никој не
може да го прифати вистинскиот почеток освен оној што е верен на она што било“.

You might also like