Professional Documents
Culture Documents
ЕКСПАНЗИЈА ОД ДЕЦА КОИ ПРИСИЛНО ПИТАЧАТ НА УЛИЦА
ЕКСПАНЗИЈА ОД ДЕЦА КОИ ПРИСИЛНО ПИТАЧАТ НА УЛИЦА
Питачењето e еден од најголемите проблеми што не успеа да го реши ниту една влада, a со
оглед на ситуација, очигледно не е приоритет ниту сега и покрај големиот наплив на деца и
возрасни кои просат по улиците на главниот град.
„Бевме три деца и девојката која ме зема од дома и ме натера да одиме да питачиме. Преку
ден просевме пари, а ноќе спиевме на различни локации, во подрум во една напуштена куќа,
под мостот на реката Вардар. Како поминуваше времето, се повеќе барав да се вратам дома, но
девојката не ме пушташе, постојано ми викаше “ајде уште еден ден“.
Парите што ќе ги соберевме ги делевме. Си купивме, чорапи, чизми, облека. До нас просеше
уште една жена со бебе во рацете и постојано ни велеше да си одиме дома. Не знам можеби
им сметавме, зашто тоа е нивна територија. Таа со една група цело време се на семафорите на
Бит Пазар,“, раскажува Сенада со наведната глава.
Семејството Куртиши живее од социјална помош од 10 000 денари. Но, родителите на Сенада,
Синајдин и Махира велат дека не ги воспитуваат своите деца да просат по улици. Синајдин е
болен, му откажале бубрезите, оди на дијализа и не може да работи за да го прехранува
семејството, а финансискиот надоместок е малку за да го поминат месецот заедно со нивните
малолетни деца. Сиромаштијата и средината во која што живеат се причина малата Сенада да
биде заведена, да тргне по погрешен пат, да заработува пари со просење на улица.
Питачењето, главно e застапено кај луѓето што немаат вработување и се без егзистенција, или пак
примаат социјална помош од државата која не им е доволна за да се прехранат и без
елементарни услови за живот. Голем дел од нив немаа лични документи.
Но, не сите семејства кои живеат во сиромашниот дел на Ромската населба „Шуто Оризари“ ги
воспитуваат своите деца да не питачат како семејството Куртиши. На многу од нив, децата им се
главен адут за питачење бидејќи така заработуваат повеќе пари.
Триесет годишната Адема Барути има пет деца. Таа вели дека оди да проси пари со најмалото
дете, Амел кој има две години.
„Кога сум со мало дете луѓето повеќе даваат пари, им е жал за детето. Немам никакви
документи бидејќи сум родена во Италија и не можам да работам никаде. Кога ќе ме фати
полиција се чудат дека немам лични документи за идентификација и ме пуштаат, со дете дека
сум“, вели Адема која живее во еден од малите монтажни контејнери за престој во Визбегово.
Тоа е густо населен дел од Роми кој се наоѓа зад Прифатниот центар за баратели на азил. Овие
луѓе беа дислоцирани од просторот кај Градскиот парк каде што живееја под отворено небо.
Речиси сите питачат по раскрсници, некои примаат социјална помош, некои не, други собираат
пластични шишиња по контејнери, а најголем дел од нив воопшто немаат лични документи.
„Просам заедно со децата, најчесто со најмалото кое има девет месеци. Луѓето повеќе се
сожалуваат кога ќе видат дете и ние тоа го користиме. Питачам од 10 до 16 часот и собирам
околу 1000 денари за тоа време. Дома сме осум члена од семејството. Добиваме 8100 денари
гарантирана социјална помош од државата, што не е доволно да се прехраниме, раскажува
Љетофет Асан кој исто така живее во Визбегово.
Малиот Џастин Рампето го најдовме како питачи пред трговскиот центар Веро-Џамбо. Рече дека
живее кај Железничката станица во близина и не е дојден сам, неговиот поголем брат стои некаде
подалеку од него и го надгледува.
„За леб просам. Дома немаме ништо за јадење. Собирам пари за да купиме нешто за јадење за
да однесеме дома“, рече Џастин додека загрижено гледаше во далечина кон некого.
Го видовме стравот во неговите очи, за да не биде прекорен или малтретиран затоа што
разговараше со авторот на ова истражување.
Ова се само дел од приказните кои ни ги раскажаа луѓе кои го живеат животот на улица. За сите е
карактеристично тоа што ги злоупотребуваат и користат децата за да просат и полесно да дојдат
до пари.
Најголем дел ги злоупотребуваат сопствените деца, за некои од нив постојат сомнежи, за што
известуваа и некои медими, дека им даваат таблети за спиење на бебињата за да не плачат и да
спијат постојано додека тие со часови лутаат со испружена рака.
Тие луѓе вршат трговија со децата и се и најопасни, подготвени да се „справат“ со секој што ќе ги
открие. Овие подведувачи или попрецизно, трговци со деца најчесто ова го прават во договор со
некои родители, а жртви се најранливите семејства особено самохраните мајки“ објаснува
Љатифа Шиковска, пратеничка во Собранието на РСМ, која долги години претходно работеше во
невладиниот сектор, на терен и добро ја познава оваа проблематика.
„Тие ги заведуваат и ги искористуваат децата или прават “дил“ со родители кои не се многу
критични во своето однесување. Најранливи се самохраните мајки кои немаат од што да
живеат и тие го користат тоа. Има родители кои свесно ги пуштаат своите деца со нив, најчесто
се тоа социјално загрозени семејства, но има и такви на кои просењето им е навика, начин на
живот. Нивните деца се или може да бидат жртви на трговија, да ги користат за сексуална
експлоатација или за трговија со органи“, вели Шиковска.
Пред две години малолетничка на возраст од 16 години беше украдена од семејството и илегално
пренесена преку граница, без патна исправа и без лични документи. Таа илегално ја поминала
границата и била шверцувана во Германија каде што живее и сега, а граничната контрола
очигледно не ги спречила во тоа, велат во Европскиот центар за права на Ромите.
„Тоа семејство живее мизерно, 15 луѓе се во една руинирана соба. Девојчето беше однесено
како бегалка без знаење на нејзината мајка. Како ја изнеле од државата никој не знае. Сметаме
дека државата на некој начин и овозможила нелегално да ја премине границата со автомобил,
претпоставуваме со поткуп на вработените на граница.
Еден случај ја потресе јавноста пред 12 години кога малолетната, а сега 26 годишната Рамизе
исчезнала, а потоа се дознало дека возрасен маж од населбата Ѓорче Петров, ја држи затворена и
ја искористува сексуално. Тој ја држел со месеци во неговата куќа. Подоцна избегала и сега е во
брак, има деца, а со сопругот собираат пластични шишиња по контејнерите и така се
прехрануваат.
Ја пронајдовме во Визбегово, но ниту таа, ниту некој од нејзиното семејство кое живее во густо
населената Ромска населба, не сакаа да зборуваат за тоа што и се случувало таму, дали била
продадена од родителите, дали била продавана и од возрасниот маж со кого живеела и дали
била сексуално искористувана и од други луѓе. Нејзината мајка не сакаше да зборува за ова и
постојано го свртуваше вниманието кон нејзиниот син со пречки во развојот, за кој бараше помош.
Мистерија е и кој е човекот што ја држел во заложништво, дали тој човек кој веќе е починат
одговарал пред законот, дали одлежал затворска казна за стореното кривично дело.
Никој не го знае точниот број, колку деца питачат на улица. Но, во Скопје во последно време има
експазија на деца кои „се врзани“ за улицата.
Теренските истражувања на Дневниот центар за деца од улица, покажале дека околу 200 деца
просат низ централното градско подрачје на главниот град и тие доаѓаат најмногу од кампот
населен со бездомници во Визбегово, ромската Ге-Ге населба и од Шуто Оризари.
Според, анализата направена од Првата детска амбасада Меѓаши, околу 300 деца секојдневно
денот го поминуваат на улица, живеејќи под ведро небо, без родителска грижа и тие се жртви на
најтешките форми на злоупотреба на детскиот труд.
Едно двонеделно истражување на шест мобилни тимови, тоа се екипи на социјални работници од
Центарот за социјална работа, утврдиле дека 167 деца меѓу кои 18 бебиња се идентификувани на
неколку пофреквентни крстосници во Скопје.
Најчесто децата питачеле, чистеле стакла, продавале мали предмети. Поголем дел од нив биле
без документи и не биле вклучени во образовниот процес.
Но, бројот е релативен и постојано се зголемува. Минатата година, 40 нови деца биле
регистрирани од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Како превенција и помош за да се тргнат децата од улица функционираат овие мобилни тимови во
Центрите за социјална работа и тие треба да ги детектираат, регистрираат и да превземат мерки-
да алармираат за понатамошно постапување.
Но, очигледно овие тимови не се доволно ефективни или се малку и не можат да се справат со
огромниот наплив на децата и родители со деца по улиците.
Постојат два дневни центри за деца на улица во Скопје, од кој едниот сега е пренаменет за жртви
од семејно насилство, а вториот функционира во Општина Кисела вода и е со капацитет за 30
деца.
Трет дневен центар кој е инициран и работи на основа на невладина организација постои во
општина Шуто Оризари и во него во моментот се згрижени 72 деца кои престојуваат таму од 8 до
13 часот.
„Сите 72 деца беа евидентирани како просат, најчесто пред Сити Мол или на раскрсниците на
булеварот „Партизански одреди“. Вкупно 62 од нив се вклучени во образовниот систем. Децата
имаат можност една година да посетуваат дневен центар и да се отргнат од улица иако некои
од нив знаат да избегаат и за време на викенд без знаење на родителите.
Во овој дневен Центар работи тим од двајца психолози и тројца социјални работници. Сместен е
времено во поликлиниката во Шуто Оризари затоа што пред неколку години објектот потполно
изгоре. Започна како проект од Светска банка, до 2019 беше финансиски поддржан и од
Министерството за труд и социјална политика, а сега треба да биде финансиски помогнат од
општината.
Питачењето на улица како форма на трговија со деца, нивната злоупотреба од страна на родители
или други лица, сексуалната злоупотреба, искористувањето на нивниот труд се проблеми со кои
тешко се справуваат институциите на системот.
И ова не е само проблем во главниот град каде што има најголем број на случаи, туку и во
повеќето градови во внатрешноста на државата, потврдија во Центрите за социјална работа.
„Институциите мора повеќе да ги заштитуваат овие деца да не бидат злоупотребувани.
Питачењето мора да се решава системски, да се регистрираат колку деца се на улица, да се
разговара со нив, да се видат потребите, вработувањата на родителите. Клучна улога има
Министерството за труд и социјална политика.
Економскиот момент е најважен бидејќи сите тие живеат во сиромаштија. Но, напредок мора
да има. Пред неколку години со невладиниот сектор успеавме три семејства да тргнеме од
улица и да ги интегрираме“, објаснува Љатифе Шиковска пратеничка во Собранието на РСМ.
Питачењето како еден од најголемите проблеми, не успеа да го реши ниту една влада досега, а со
оглед на фактичката состојба, не е приоритет ниту сега и покрај загрижувачкиот пораст на деца и
возрасни кои просат по улиците, велат извори од невладиниот сектор кои не сакаат да бидат
именувани.
Сепак, во пракса се ова многу тешко функционира, бавно се постапува со овие случаи, а не
постојат други форми на заштита.
Во Првата детска амбасада Меѓаши кои постојано го свртуваат вниманието ставајќи акцент на
трговијата со деца и нивна злоупотреба, објаснуваат дека имаат проблем со службите во Центарот
за социјална работа кога треба да се интервенира за некое дете.
Тие неодамна имале дојава за дете кое било оставено само на улица, без облека, голо и се
обидувале да стапат во контакт со интервентниот тим на Центарот за социјална работа и со
полицијата за да интервенираат.
„Иако, неколку пати сме се обидувале и да се јавиме на бројот 15 505 кој беше промовиран
како број за пријавување деца на улица, тој број воопшто не е достапен. Ние не можеме да
интервенираме и да ги тргнеме децата од улицата, немаме ингеренции и поради тоа, штом
добиеме каква било дојава ги информираме надлежните за веднаш да преземат акција.
Претходно им се обраќавме писмено, сега телефонски. Некогаш добиваме потврден одговор
дека било постапувано по нашата дојава, некогаш не. Во овој случај, мобилните тимови не
стигнале да го најдат ова дете, зашто тие како по правило не стојат на едно место“, изјави Драги
Змијанац, основач и извршен директор на Првата детска амбасада Меѓаши.
Овој вид на злоупотреба влијае на секој аспект од животот на децата, го нарушува нивниот
физички, психички, социјален и образовен развој и ги оневозможува во остварувањето на нивните
основни човекови права.
Години наназад по улиците на италијанските градови можеа да се видат деца од нашата држава,
како просат. Пандемијата со коронавирусот ги спречи во последната година и пол да патуваат, па
можеби и тоа е причината за толку големиот наплив на деца кои питачат најмногу, по улиците на
главниот град.
Во Министерството за внатрешни работи, признаваат дека ги знаат сите локации во главниот град
каде што децата се принудуваат да просат. Па сепак, ситуацијата останува непроменета, а нивниот
број од ден на ден се зголемува.
„Од причини што согласно Упатството за водење на статистички податоци не се води статистика
по начинот на извршување на кривичното дело, согласно извршените дополнителни проверки
во електронската датотека на Министерството за внатрешни работи за последните пет години
вклучително и првото тромесечие од 2021 година евидентираме вкупно 227 кривични дела
„Запуштање и малтретирање на дете“.
При притоа 26 кривични пријави биле против родител на дете кое било затекнато при
питачење, како и 31 прекршок“ , се вели во официјалниот писмен одговор кој го добивме од ПР
службата во МВР.
„Трговците на деца секогаш се на чекор пред државите кои сакаат да ги задржат, кои најчесто
се киднапирани за сексуална експлоатација, трговија со органи или питачење и нелегално
посвојување“, потенцира Драги Змијанац, од Меѓаши.
Трговијата со деца во која од позастапените форми е питачењето, е една од најтешките, брутални
форми на кршење на детските права и е тесно поврзана со детскиот труд, принудна работа,
малолетнички брак, продавање на органи, киднапирање и сексуална експлоатација.
Овој феномен е сличен на ропството и содржи најлоши форми на детска експлоатација. Децата
имаат посебни потреби за заштита, а владите се должни, согласно Конвенцијата на ООН за
правата на детето и другите меѓународни легислативи, да ги гарантираат.
Постои и група на експерти за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА), тело за следење на
Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе на Советот на Европа, која е ратификувана од
нашата земја.
Иако во 2002 година, државата ја ратификувашее Конвенцијата бр.182 за итно спречување на
најлошите форми на деткиот труд, состојбата со злоупотреба на детскиот труд е многу
алармантна. Злоупотребата на детскиот труд е дирекно поврзана со сиромаштијата и не
вклучувањето на децата во редовен образовен процес.
Државата не е вклучена во европските броеви за киндапирани деца каде што може брзо да се
интервенира првите 24 часа, за да може да се спречи евентуална трговија, а нема ниту образовен
процес за децата да се учат што е тоа потенцијална жртва или да се обучуваат како да се заштитат.
Од тие причини, за децата од мали да се тргнат од улица, Меѓаши предлагаат задолжително рано
вклучување на децата во градинка од тригодишна возраст со што ќе им се помогне навремено да
бидат оттргнати од улица, сиромаштија и неписменост.
„Со вработување барем на еден член од семејствата кои се во ризик, обезбедување покрив над
глава и рано вклучување на децата во градинките има шански децата под висок ризик од
злоупотреба на детски труд да излезат од кругот на неписменост, сиромаштија и злоупотреба.
И согласно фактот, дека деца кои се жртви на трговија се најчесто од најниските слоеви кои
живеат во сиромаштија, необразованост, од социјално ранливи категории, тие треба да бидат во
фокусот.
Проектот кој се фокусира на борбата против трговија со деца, трговија со цел трудова
експлоатација и надомест на штета за жртвите на трговијата со луѓе е финансиран преку
Хоризонталниот инструмент на Советот на Европа и на Европската Унија. Оваа рамка за соработка
има за цел да им се помогне на земјите од Југоисточна Европа и Турција да ги запазат европските
стандарди.
За време на мигрантската криза, на пример, кога бегалците и мигрантите транзитираа и низ
нашата држава исчезнаа околу 10.000 деца низ Европа. Во светот на годишно ниво има од 7 до 8
милиони исчезнати деца, а во Европа годишно исчезнуваат околу 250.000 деца.
Кога еднаш ќе бидат однесени од својата држава на тие деца им се губи трагот. Особено, ако
немаат лични документи како најголем процент од децата кои просат по улиците на Скопје.
Нивната судбина останува наша грижа и обврска на ова општество. Патот по кој ќе им се помогне
не е едноставен, но е остварлив – нивна евиденција и интеграција, вклучување во образовниот
процес со можност за едукација и работа на нивните родители.
https://25minuti.platform.mk/2021/07/01/%d0%b5%d0%ba%d1%81%d0%bf%d0%b0%d0%bd%d0%b7
%d0%b8%d1%98%d0%b0-%d0%be%d0%b4-%d0%b4%d0%b5%d1%86%d0%b0-
%d0%ba%d0%be%d0%b8-%d0%bf%d1%80%d0%b8%d1%81%d0%b8%d0%bb%d0%bd%d0%be-
%d0%bf%d0%b8%d1%82%d0%b0%d1%87/?fbclid=IwAR1SOAyEgURlk6a-
ARIMA3bXFLidY79DTaK2sADmFnsCuQton5aKk6aLvfY