You are on page 1of 4

ВЕНКО АНДОНОВСКИ: КИЧ МИТОЛОГИИ

ОД ПАНИКА ДО ПОЕТИКА
или
КОЛУМНАТА КАКО КУЛТУРНА МЕМОРИЈА
Ферид Мухиќ

Мојата рана постара е од мене; јас сум начин таа да се одболедува!


И ете, така: мојата наклонетост кон уметноста, моите можеби некритички,
но барем егзалтирано пристрасни предрасуди кон неа, постари се од мене;
јас сум само начин тие да се изразат!
Никогаш не ми појде од рака во уметноста да видам помалку од активност
со која се разбиструва и просветлува матната вода; постапка со која се
разоткрива и осознава убавината, која го исполнува светот, но којашто
останува преплавена под онаа матна вода на животот, сè додека не се
збидне уметноста! Ако и не ја создава сферата на повисоките вредности
(премногу амбициозниот контекст на поимот создавање не може да издржи
ригорозна критика: единственото вистинско создавање е актот на creatio
ex nihilo!), уметноста несомнено е оној спелеолог што во пештерите на
инстинктот, афектот и инертноста, го открива, го издвојува и го обликува
подрачјето на убавината, хармонијата и вредноста. Без-умното го преточува
во смисленото, Хаосот го престорува Космос!
Нема многу книги кои толку јасно, за мене барем, ја поткрепија оваа моја
елитистичка концепција на книжевноста, како Кич митологии на Венко
Андоновски. Процесот на беатификација, на систематско, обмислено и
несопирливо разубавување на светот, негово потполно поинакво
откривање, согледување и разбирање, директно еманираат од практично
секој текст што ја сочинува оваа исклучителна збирка колумни.
Во неа се збиднува интензивна естетска трансупстанцијација во која од
оној ист црн и кревок јаглен на секојдневни јанѕи, се формира и избрусува,
цизелира вистински книжевен и духовен дијамант, редок по својата убавина
и светлина! Низ немирот, на политичките недоследности, економската
несигурност, културните трауми, со кои изобилува нашата реалност, Венко
Андоновски, трезвено, разложно напредува кон запознавање со еден
организиран модел на поимање, чувствување, култивираност на согледба,
изостреност на перцепција. Логичен, но и вдахновен, непоткуплив, но и
преполнет проштевање, остар, а милозлив, тој од онаа притаена јанѕа, што
дискретно и несопирливо се распростира како доминанта на нашето
секојдневие, создава суверена ведрина, што восхитува и егзалтира. Не
пофалба, туку директна дескрипција на овој ефект ќе е ако речам: од
паника, Венко Андоновски креира поетика!
Не знам колку намерно, со претходна проценка, со стратешки проект тој
бил раководен од филозофска инспирација, но и таа е јасно и директно
реализирана како еден од клучните ефекти на оваа значајна книга. Наместо
регистрирање и полемика околу секојдневни помали и поголеми „гафови“,
„превиди“, заблуди и недоследности на личностите и институциите на
нашата политичка, културна и економска сцена, Венко Андоновски се крева
високо над таа ефемерна оптика. Земајќи ги само за подлога за своето
вистинско проседе, тој овие купишта кал ги пресоздава во сложена
архитектоника на духовна градба која стреми кон јасна аксиолошка
вертикала. Во раната схоластика, бил во оптек етимолошкиот трик којшто
семантиката на зборот „антропос“ (човекот), ја изведувал од синтагмата на
‘ано-тропиа’ - страста, стремежот кон возвишување! Следствено, за нив
човекот бил суштество коешто својата диференција специфика, своето
клучно својство и битен белег, го има токму во таа иманентна потреба да се
подобрува, та израснува над сопствените вредносни синори! Само оној кој
во себе гледа причина за нешто подобро и повисоко, може да се смета за
човек. Навистина е тешко да се најдат многу книжевни дела, во нашата
продукција особено, а во колумнистичката ежедневна публисцистика одвај
воопшто да ги има, кои со таква ефектност го следат токму тој филозофски
идеал, како Кич митологиите на Венко Андоновски!
Во суптилниот, антологиски текст „Колумнизам и комунизам“, изложена е,
со прекрасна лежерност и впечатлива прецизност, во сите битни црти,
негова благородна, инспиративна и продуховена поетика. Со фина,
осенчена иронија, преиспитана е и уверливо доведена во прашање
раширената заблуда за некаква остра дистинкција помеѓу дневно-
политичкото, како некнижевно, и езотеричното, како единствено уметнички
релевантно пишување. Венко посочува кон сјајниот галеб Џонатан
Ливингстон што лета низ страниците на Ричард Бах, на незаборавниот лик
на Малиот Принц од Сент-Егзипери, велејќи дека, разбирливо, и тој знае
дека да се лета е неспоредливо подобро отколку да се лази! Но, ете, и
светот на лазењето, со кое се занимава, нужно, оној што пишува колумни,
има свое високо уметничко и социјално оправдување, оти низ него може,
оној кој умее, да го изрази својот човечки став и својот оправдан страв за
она со што е опкружен и заради она што во тоа опкружување се случува.
Ретки се и скапоцени тие кои тоа го умеат. Зашто, со тоа на секој од нас му
го покажуваат патот кон тоа како од својата паника, да создадеме сопствена
еманципирачка поетика.
Оваа благотворна, на секое општество повеќе од нужна социјална
терапевтскта и едукативна егземпларна функција на колумните - Венко
Андоновски духовито и прецизно ја определува како професионална
превентива, како Ц-витамин за грип, како алергиски инекции за стекнување
полит-имунитет! Разбивање на концептуалните шеми, отворање очи пред
залудната опседнатост со политичките интриги, само е првата фаза од оваа
негова вонредно ефикасна терапија. Она што следува, едноставно не може
да се одбегне. Процесот на освестување, разбирање на непроценливоста на
секој миг од сопствениот живот, демистификација на политичкиот
редукционизам, будење од масовната хипноза, само се некои од најважните
ефекти што ќе ги почувствува секој кој внимателно ќе ги прочита овие умни
и убави текстови собрани во Кич митологиите! Ако треба во еден единствен
збор да се опфати внатрешната порака и директниот ефект што оваа книга
ги носи со себе, тогаш тоа е токму демитологизирање на стеснетата
митолошка свест толку вообичаена денес кај нас и во светот. По читањето
на оваа книга, наместо со ганглии, одново почнувате да размислувате со
кортексот! Општеството одвај да може да посака подрагоцена услуга и
подобар стимуланс за рекреација на сите свои човечки потенцијали.
Во ниту еден момент тесно-политичка, никаде партиски озвучена, оваа
книга на секоја страница покажува што може да стори автентично
ангажирана, суверена, дијалошка и критичка опсервација на политичката
практика и секојдневниот живот на едно општество.
Високо образуван, поправо, вистински ерудит, Венко Андоновски е во
оваа книга полнокрвен мислител. Филозоф. Доколку Филозофијата е
автентично состојба на вљубеност во онаа мистоериозна, од сите умни луѓе
посакувана Софија (Мудроста), Венко Андоновски е голем вљубеник и
вистински љубовник на една особено примамлива, за душата мевлем
сторена ‘Софија’. Разгрнете ги вербалните паради, духовитите каламбури,
сигурноста во расудокот, енергијата во иследувањата, и ќе ви се укаже пред
очи „неговата вистинска Софија“. Мудроста во која е вљубен Венко
Андоновски-филозофот е мудрост која не можам подобро да ја дефинирам
отколку како патека што води кон особена способност за осознавање
одредени пред-вербални, но во нас скриени вистини.
Затоа и реков дека вистинските вредности на автентично уметничко и
мислечки суверено книжевно дело, не можат да се реконструираат од
сумата состојки турени, внесени во него. Венко Андоновски низ вербални
средства навистина ревитализира, пред очи донесува глетки од онаа сфера
на пред-вербалните вистини, без кои нема ни мудрост ни убавина. Но токму
тука е и тајната: она што сите го имаат во себе, само ретките што ја имаат
уметничката дарбина и филозофскиот талент, можат да го предочат и
соопштат така што на сите ќе им е и јасно и достапно. Лично, во овој
езотеричен, но суштински квалитет, ја гледам највисоката вредност на било
која човечка дејност. И токму тој квалитет во висока концентрација, го
откривам, на моја радост, како најголем придонес, во Кич митологиите.
Во лингвистичката филозофска традиција, како и во книжевната теорија
со сродна инспиранција, се промовира една необична теза. Таа крајно
критички се пресмета со концептот на авторството, сметајќи дека, во крајна
линија, вистинскиот автор на еден книжевен текст ниту може точно да се
идентификува, ниту има особена вредност во разбирањето на делото.
Системот на сложени влијанија толку е испреплетен што, според
застапниците на ваквото стојалиште, реално не може да се реконструира.
Авторот е просто една инстанца, импулс во кој се фокусираат и низ
мигновена интер-секција се рефлектираат непрегледни интервенции,
влијанија, ментални депозити, парцијални перспективи и фрагментарни
емотивни нанеси, што самиот автор, во крајна линија одвај да е повеќе од
анонимен дактилограф. Тој не е повеќе автор на она што го пишува отколку
што сеизмографската игла е автор(создател), на графиконот што во основа
го исцртуваат тектонските треперења на земјината кора!
Како што радикално поентирале некои од претставниците на оваа
ориентација (Лудвиг Витгнештајн, Ролан Барт, да ги спомнеме само овие
двајца корифеи), името на авторот, дури и самата институција на авторство,
оправдано можат да се сметаат за загубени и до крај компромитирани, за
секоја ригорозна критичка постапка. Со тоа многу големи имиња го загубија
оној цврст, стегнат ефект на својата единственост и непофторлив
индивидуалитет; се сторија налепници на кориците од сопствените дела,
онолку важни за нив, колку што налепниците за моторни масла се важни за
тркачките автомобили.
Не е тука место за опстојни полемики со ваквата тенденција на
анонимизирање, на де-авторизација на книжевните дела. Нека во оваа
прилика биде доволно да се посочи кон вонредно впечатливиот и
недвосмислен личен печат што авторот, Венко Андоновски, го остава
насекаде низ оваа возбудлива и убава книга. Како што волкот ја обележува
својата територија, така тој ја остава миризбата на вистинска
продуховеност, еманципираност, личен став, персонална инстанца,
сопствена дистанца. Авторското име „Венко Андоновски“, со овие колумни,
недвосмислено се конституира, изнурнува пред очите на читателот, добива
една нова и токму само негова интонација, каква што не може ниту да се
разгатне со реконструкција на влијанијата, ниту пак може да се замени со
кој и да е друг авторски идентитет. Како директен против-аргумент на
тезата за „Јазичките игри“, „нултиот степен на пишувањето“, и слични
настојувања да се раз-именува книжевното дело, името на Венко
Андоновски се устоличува во сведоштво за тоа дека разновидни мотиви и
влијанија, можат да се амалгамираат во единствен светлосен сноп каков
што е книжевно-уметничкото дело, само под влијание на алхемиското чудо
на ‘филозофскиот камен на мудроста’, мистеријата поинаку позната како
‘авторот’! Презентирана и создавана со години, во специфичноста на
локацијата на страниците од „Утрински весник“, каде што создаздоа еден
прецизен локус на неговиот идентитет, овие текстови ја реафирмираа
вредноста и незаменливоста на личното авторско подвижништво. Неговото
име стана, со оваа книга колумни, графема како и фонема, во која
обединето течат, под мазната обвивка на јазичкиот изолатор, авторските
проводници под висок емотивен, интелектуален и човечки напон. Нашата
сегашност, комшиите, политичките лидери, но и мигот од животот од
нашите улици, од ТВ екраните, од шалтерите и кафулињата, се
обединуваат, се поврзуваат, и се соопштуваат во едно маестрално
трансформирачко чудо. Оваа книга е суптилно, жестоко, суверено и
вистински слободно претворање: на чемреењето во автентично живеење,
на бладањето во уметнички говор, на сервилноста во сувереност, на
голтањето фрази во продуктивно критичко мислење, накусо,
трансформирање на поданик во граѓанин!
Книгата Кич митологии е едно фасцинантно преточување на жанрот
колумна во репозиторијска графа на Културна меморија. Нејзиниот
вонредно разновиден репертоар се конституира во корпус на споделено
знаење, богати согледби, еден вид активен музеј и општодостапна
енциклопедија која ја абсорбира културната меморија на Македонија и
наедно, без престан ја стимулира и активира. Од прагматичните ефекти, до
етичките доблести, низ повеќегодишното присуство на колумната на Венко
Андоновски, постапно се конституираше една духовна вертикала што
израснува како важен елемент во топографијата на македонската културна
меморија.
Со оваа возбудлива и скапоцена книга, таа граѓанска, демократска,
уметничка, духовита и над сè, убава вертикала, на читателот му се открива
наеднаш и интегрално.

You might also like