You are on page 1of 10

Класицизам

Ренесансата, најголемата револуција што човештвото ја доживеало дотогаш,


почнала да доживува кризи во 16 век. Нејзините идеи почнале да пресушуваат, но
никогаш не згаснале. Обидите на католичката реакција во 16 и 17 век да го вратат
човештвото во средновековието биле неуспешни. Граѓанската класа во
западноевропските земји ја продолжила борбата. Во различни земји добивала
различни идеолошки видови. Во Германија идеите на ренесансата прераснале во
верско општествено-политичко движење, познато под името реформација. Обележје
на 17 век е и борбата на католичката црква со движењето на реформацијата, но
истовремено и развиток на апсолутизмот.
Франција во 17 век ќе се соочи со големи внатрешни и надворешни превирања.
Тогаш владее Луј XIII, потоа со Франција ќе управуваат кардинали-министри, Ришелје
ќе се обиде да ја реформира државата, но нема да успее; зашто во меѓувреме пред
него ќе се испречат поважни работи: безбедноста на државата, Франција ќе влезе во
Триесетгодишната војна, ќе биде организирана Фронда – движење на
великодостојници, офицери и буржуи кои ќе се кренат против монархијата и
владеењето на Мазарен, а на власт ќе дојде Луј XIV. Но, монархијата на Бурбонците ќе
се покаже поцврста и ќе опстане.
Луј XIV (le Roi-Soleil) успеал во тоа време, да ја скрши гордоста на големите
феудалци од и од Франција да создаде обединета монархија со апсолутна власт на
кралот. За себе велел: „Државата – тоа сум јас“. Откако ја уништил самостојноста на
аристократијата, ја уништил и моќта на свештенството. Ја укинал слободата, а и
самоуправувањето на градските општини и така го потчинил и го смирил третиот
сталеж (занаетчии и трговци). Луј XIV не ги укинал класите, напротив, поделбата на
населението на класи продолжила да постои. Аристократијата и свештенството
продолжиле да ги користат привилегиите и да живеат на сметка на ниските сталежи.
Високите класи, воделе весел и раскошен живот, сета аристократија се собирала во
Париз на кралскиот двор во Версај каде однесувањето било потчинето на строгата
етикеција на високото општество.
Таквите услови придонеле во литературата во 17 век да се создаде нов стил,
стилска формација, позната под името класицизам. Доаѓа од латинскиот збор
classicus, што значи: класичен, за пример или совршен. Најпрвин се јавил во
литературата, а потоа и во сите други уметности. Класицизмот се темели врз култот на
антиката и разумот. Негови основни принципи се добар вкус за убавото, што е
обусловен од вечните и непроменливи закони на разумот. Како образец на добриот
вкус тие ја признавале античката уметност и поетиката на Аристотел и Хорациј. ВТоро,
непризнавање на слободната фантазија и инспирација на поетот. Според нив, секој кој
се придржува до вечните естетски закони и правила може да создаде литературно
дело. Трето, култ кон убаво и прекрасно. Четвврто: рационално и општо над
емоционално и лично.
Најпознатиот теоретичар на класицизмот во Франција е Никола Боало (1636-
1711) со делото „Поетика на уметноста“ издадено 1674 г. Во неа се содржат следните
правила според кои треба да се создаде едно уметничко дело. Се работи се:
хармонија и сразмерност на делови, логична градба на композиција, едноставност
на сижето, јасност и читливост на јазикот. За драмата, Боало ги обновил трите
антички принципи: единство на дејствие, место и време. Литературните жанрови ги

1
поделил на високи (еп, ода, химна трагедија – со теми од историјата, од животот на
кралевите итн.), ниски (сатира, басна и комедија – со теми од секојдневниот живот
на обичните луѓе). Стилот и јазикот треба да се во сообраност со жанрот. Јазикот
треба да биде внимателно одбран, без ниски и непристојни зборови, но и без
стилски украси за да не се замати јасноста на изразот. Ако некој ги прекршел овие
правила, Француската академија на науките и уметностите го забранувала делото.
Најпознати претставници на класицизмот се: Боало, Корнеј, Молиер, Ла Фонтен, Расин
и др.
Поетиката на класицизмот
Поетиката на класицизмот се состои од следните елементи:
Инспирација – уметничкото создавање е невозможно без инспирација, без гениј и без
природен талент како предуслов таа да се почувствува. Но инспирацијата сама по себе
не е доволна, неопходно е да се има и метод. Најдобро е кога уметникот е обдарен со
што посовршена рамнотежа помеѓу големиот природен талент и силната инспирација
од една страна и од друга страна тој да поседува што поголемо знаење и теориско
образование како и упорна работа.
Разум – Методот се базира на разумот како главен помагач во спротивставувањето на
претераните изливи на фантазија и чувствителност. Ентузијазам – полет на
имагинацијата и занес на страстите претставуваат извонредно значаен извор на
творечката енергија, разумот стапува со нив во борба не со цел потполно да ги исклучи
туку да ги заузди, усмери: разумот во творечкиот чин претставува начело на свесното,
критичко одбирање. Духот на вистинскиот класицист неспорно се стреми кон
рационализмот, но никако не може на него да се сведе.
Природа – односот на уметникот и стварноста. Уметникот е должен да создава според
природата, но делото никогаш не е копија, туку специфично преобразување на
стварноста. Уметноста не смее и не може да биде просто подражавање, таа мора да
биде создавање на автономен свет. Класицистот во природа најмногу го интересира
човекот и неговата судбина, и тоа не човекот кој е исклучителен по својата настраност
и необичен начин на живот, туку оној во кој се истакнува длабоката човечност која е
заедничка за многумина. Според тоа, целта е силно да се изрази поединечната
вистина, но да биде ослободена од непотребните поединости и во неа да се побара
јадрото на општата вистина; да се слика личноста, потполно издвоена и длабоко
зафатена единка, но во неа да се види и дел од човештвото, да се биде привлечен од
тие услови, случувања, судбини, личности, во кои се допираат спротивностите, во кои
се остварува синтеза на поединечното и универзалното, конкретното и апстрактното,
современото и вечното.
Култ кон антиката – подражавање и оргиналност. Големото воодушевување кон
античките писатели, подражавање на нивните примери вредат само до тогаш кога
значат творечки натпревар со нив, поттик за создавање оргинални дела. Строгото
забранување на непосредно изразување на своето Јас и личните исповеди воопшто не
го исклучува скриеното присуство на авторовата индивидуалност и неговиот
внатрешен свет. Без таа присутност не би можела да се замисли преобразбата на еден
оргинал во друг; подражавањето на природата би било голо пресликување, а не
создавање, додека воодушевувањето кон антиката би останало празно и стерилно.
Целите на уметноста – односот на корисното и убавото. Во основа на овие сфаќања
преовладува тврдењето на Хорациј дека треба да се спои корисното со убавото (docere
et delectare). Во тој спој делото дава морална корисност без која за ниту еден

2
класицист не би имало уметност, тоа се подредува на убавото, тоа е услов на неговата
длабочина, неговата вредност, го оплеменува: корисното и служи на уметноста, но не
и обратно. Уталитаризмот во поетиката на класицизмот со основа на уверувањето дека
уметноста на корисното е неодвоива од убавото. Моралноста на делото не смее да се
сведе на некоја негова поучност, бидејќи книжевникот не е воспитувач кој
препорачува каков човек треба да се биде и како треба да се живее, туку уметник кој
во повисоки и општочовечки категории размислува на човекот и неговата судбина.
Правила – за класицизмот е карактеристичен култот на правила, строгото поимање и
строгото придржување кон општите начела на веројатноста, нужноста, прикладноста,
така и прописите кои претежно се однесуваат на поедини родови, меѓу кои посебно
треба да се подвлече распространетоста и важноста на познатите правила за трите
драмски единства. Меѓутоа, погрешно е поимот класицизам потполно да се
поистоветува со поимот правилност. Естетичката суштина на правилата треба да се
бара во уверувањето дека тие мораат да учествуваат во процесот на творење, дека тие
претставуваат најглавниот потпирач на творечкиот метод, неговиот разум, за напорот
да надвладее со неконтролираната творечка инспирација. Потчинувањето кон
однапред утврдените видови форми е всушност фактор на дисциплината. Без ова
почитувањето на правилата би го изгубило својот подлабок смисол, својата естетска
оправданост, бидејќи секое чисто формалистичко поимање на правилата е спротивно
на духот на класицизмот.
Проблеми на стилот – Вистинитост, природност, јасност, чистина на изразот,
возвишеност, едноставност, чувство за одмереност, совршенство, разноврсност на
тонот, складност, коректност - ова не се само одлики на добриот класичен стил, туку
тие се и уметноста на класицизмот.
Теорија на книжевните родови – Уште во античките поетики кои имаат
кодификациска пракса, а со тоа и теориско влијание на понатамошното творење, се
дошло до начелата дека елементите карактеристични за некој род по правило не
смеат да се јават во родовите кои се по дефиниција различни, а посебно ако се
спротивни. За Хорациј таквото мешање на елементите не само што е недопустиво туку
и монструозно. Строгото раздвојување на родовите почива на принципот на единство
на целината, единство на тонот во делото. Ова единство се остварува на воопштен
начин со почитување на основната поделба на поезијата на лирска, епска и драмска,
но и на уште поодредена, безусловна употреба на правилата кои се однесуваат на
поедини видови. Освен општите правила, постојат и такви кои го одредуваат
карактерот на еден единствен род. Најважно и најпотполно се дефинирани трите
големи жанрови на класичната книжевност: трагедија, епопеја и комедија.

Пјер Корнеј
(1606-1684)
Тој е француски драматург и основоположник на класичната трагедија во
европската литература. Ја довел класичната трагедија до совршенство.
Се родил во Руан во богато буржоаско семејство, каде и се школувал во
језуитско училиште. Корнеј студирал право и по завршувањето на студиите бил примен
во адвокатското здружение во Руан. Но, не бил многу заинтересиран за адвокатурата и

3
затоа во слободно време пишувал песни. На 26-годишна возраст ја издал првата
збирка песни „Поетски смесички“ – која се состоела од галантни песни, стихови за
балет и преведени епиграми. Уметничката вредност била просечна и тие се доказ дека
Корнеј немал лирска дарба.
Неколку години подоцна ја напишал комедијата „Мелита“. Комедијата била
изведена во Руанскиот театар и имала голем успех кај публиката. Охрабрен од успехот,
тој се определил за драмското творештво, кое ќе остане негова животна преокупација.
Напишал уште неколку комедии: „Клитандер“, „Вдовици“, „Слепиот од Смирна“,
„Придружничка“ итн. Сите негови комедии биле изведени со голем гламур, со
раскошни декорации и со присуство на кралот и дворјаните. За своите комедии, Корнеј
рекол: „Тие не се ништо друго, туку портрет на тоа што работиме и тоа што зборуваме,
а вредноста на еден портрет е во неговата сличност со моделот“. Комедиите му се со
љубовна содржина, а личностите претставени во нив се припадници на
аристократијата. Во нив е оживеан големиот париски свет ос времето на Луј XIII.
Исполнети се со жив, течен и лесен дијалог, којшто понекогаш е оптоварен со
патетичност (што е својствена особина на стилот на трагедиите). Овој белег ќе го
навести идниот голем писател на трагедии во француската литература.
Тој не се изградил како комедиограф, бидејќи бил привлечен од високиот жанр
на трагедијата. Негова прва трагедија е „Медеја“ (тема: Медеја од грчката митологија),
но таа немала голем успех, па Корнеј повторно ќе Ѝ се врати на комедијата со
„Комедија на илузиите“ со шпанска тематика. Доживеал голем успех, а претставата 30
години се одржала на театарската сцена во Франција.
Корнеј во 1636, ја напишал својата најпозната драма „Сид“, која доживеала
невиден успех. Фабулата била позајмена од шпанската литература. Драмата била
толку популарна, па во разговорите меѓу луѓето кружела синтагмата „Убаво како Сид“.
Стилот на трагедијата бил пречекан со воодушевувања, напишаните стихови биле
невидени дотогаш на француската сцена. Охрабрен од успехот на „Сид“, Корнеј
продолжил да пишува трагедии со теми од римскиот живот. Такви се: „На Хорациј“,
„Сина“ итн. Овие дела ги составил според принципите на класичната трагедија
(принцип на трите единства). „Сина“ е еден вид политичка трагедија во која се
обработува прашањето за двата вида државно уредување – монархистичко и
републиканско. Во трагедијата победило монархистичкото сфаќање, бидејќи ваквиот
став му одговарал на францускиот крал-апсолутист Луј XIV. По неколку години
следувала: „Полиект“. Фабулата на житието била позајмена од житието на ерменскиот
велможа Полиект, кој умрел со маченичка смрт. Корнеј напишал уште една трагедија
со христијанско-верска тема – „Теодора – девица и маченица“. Потоа ја напушта
верската тематика и пишува историско-политичка трагедија „Смртта на Помпеј“.
Веднаш по неа ја напишал „Лажливец“. Нов момент од неговото творештво е
трагедијата „Родогунда“ со која тој започнал да пишува трагедии со сложени фабули,
сплеткани перипетии и ефектни расплети. Според Лесинг, овие трагедии биле
извештачени, пресилени, со многу надворешни ефекти и мала животна вистинитост.
Со оваа драма, Корнеј ги удрил темелите на трагедијата на интригата, од која ќе
произлезе мелодрамата во европската литература. Други драми: „Икарија“, „Едип“,
„Златното руно“, „Сирена“. Последново дело доживува неуспех, по кој тој се
оддалечува од театарот. Умира на 1 октомври, 1684.

4
СИД
Најголемиот успех, Корнеј го доживеал со својата драма „Сид“. Од порано му
била блиска свежината на шпанскиот театарски дух, па кога до рака му доаѓа
комедијата „Сидовата младост“1 од Гилен де Кастро, (објавена во Валенсија 1631г.),
Корнеј се воодушевува од приказната (легендата) за Сид. Секако за инспирација ќе му
послужи и тогаш познатата „Песна за Сид“.
Само накратко: Сид бил историски веродостојна личност со име Родриго Дијас
де Бивар. Бил познат по својата храброст и се борел против Маврите во Шпанија. Епот
„Песна за Сид“ е најстарото сочувано дело на шпански јазик, за кое се смета дека е
создадено околу 1140 година од анонимен автор. Епот е целосно посветен на личноста
на националниот јунак Сид и на настаните во кои тој учествувал, осветлувајќи со една
извонредна географска и историска точност еден значан период на Кастилја од 11 век,
во времето на владеењето на кралот Алфонсо VI. Во епот, Сид е изгонет од кралот,
зашто бил обвинет за затаување данок. Сиот негов натамошен живот станува симбол
на повтврдување на честа, достоинството и верноста кон кралот и земјата. Најзначајни
се сцените на големото јунаштво и храброст на Сид пројавени во победничките борби
со Маврите. Сид Кампеадор, или Господин Борец – како што бил нарелен од Арапите,
бил опеан во народната традиција од благодарниот шпански човек.

ФАБУЛА:
Место на дејство: Севилја
ПРВ ЧИН:
Разговор меѓу Химена и нејзината гувернанта Елвира. Елвира е убедена дека
таткото на Химена – контот Гомес, ќе се согласи со бракот на Химена и Родриго. Но,
дознаваме дека за Химена е заинтересиран и Санчо, но таа има чувства само кон
Родриго. Елвира е убедена дека татко Ѝ ќе го дозволи бракот, затоа што Родриго е од
познат и чесен род. Неговиот татко Диего бил доста познат и почитуван. Но, Кралот
бара воспитувач за својот син, а Елвира мисли дека таа чест треба да му припадне на
таткото на Химена.
Во следната сцена, Инфантата (кралската ќерка) ја открива својата љубов кон
Родриго пред својата гуверната Леонора. Таа е свесна дека Родриго не е човек со
висок статус како нејзиниот, но сепак не може да ги потисне своите чувства. Нејзиниот
план е Химена и Родриго да бидат заедно за самата да поверува дека меѓу нив
љубовта е невозможна.
Контот Дон Гомес во дијалог со Дон Диего ни ја соопштува информацијата дека
Дон Диего е избран да биде воспитувач на кралскиот син. Контот смета дека таа чест
требала да му припадне нему, кој сега бил моќен и силен, а не на стариот Диего.
Поради оваа причина Контот е лут и смета дека бракот меѓу Химена и Родриго нема да
се оствари. Почнува расправија меѓу двајцата, во која Контот му удира шлаканица на
Дон Диего. Тој се чувствува пострамотен и го вади мечот.
Дон Диего е бесен, очаен и навреден. Неговата слава и чест во Шпанија биле
надалеку познати. Но, сега се чувствува слаб и немоќен да се одмазди. Тој бара некој
посилен за да ја спроведе одмаздата.

1
За разлика од Кастровата драма која е доста живописна, Корнеј своето внимание го свртел кон
внатрешноста на драмските ликови, кои водат мачна борба меѓу љубовта и обврската. Уште во времето
на ренесансата во Шпанија се појавил посебен вид драми, кои ја обработувале темата на честа.

5
Тој бара од неговиот син Родриго да ја одбрани семејната чест, иако знае дека
Контот е таткото на жената што ја љуби неговиот син.
Неговиот син Родриго има дилеми. Дали да го убие нејзиниот татко и да ја
загуби саканата, или да живее со неа во срам?
„Те проби срце,меч остар и врел,
Со нечекан удар и со смртна рана,
На праведна кавга ти одмаздник стана,
на сурова строгост, ти си клета цел.
...
Навредениот да ми е татко, Навредникот татко на Химена!
Во мојта душа ечат бој и мака!
И над честа моја меч љубовта свила,
го слушам ли татко губам жена мила:
Он срце ми пали, она запира рака:
Дали да го следам верно својот плам,
Или да живеам со срам!
ВТОР ЧИН:
Дон Ариас го критикува Контот за неговата постапка, велејќи му дека Кралот
нема да го остави неказнет (сепак навредил висок благородник). Но, Контот е
самоуверен и смета дека „со неговата глава и круната ќе падне“.
Родриго бесен го повикува Контот на двобој. Контот мисли дека ова младо
момче не е достојно за него. Му вели дека за него „ја чувал својата ќерка“, но сепак, се
согласува.
Химена е загрижена дека нејзината среќа може да биде уништена од оваа
кавга, но Инфантата ја теши. Таа се плаши и од постапките на смелиот Родриго.
Инфантата го повикува Родриго на разговор, но пажот ги известува дека заедно
со Контот отишле на двобој. Сите се загрижени.
Инфантата се чувствува виновна затоа што љубовта кон Родриго повторно се
буди. Сега таа мисли дека ќе има повеќе шанси, ако Родриго го победи Контот ќе се
здобие со слава и ќе може да го сака без срам. Таа веќе го гледа Родриго на кралскиот
престол.
Кралот Фердинанд е лут заради постапките на Контот. Наредува да го уапсат,
затоа што се однесувал без почит кон него. Дон Санчо (кој е вљубен во Химена) го
брани и вели дека таков човек не може да се потчини, бидејќи „свикнал на вишни
дела“. Но, Кралот кажува дека повторно се нападнати од Маврите, и повикува на
претпазливост.
Дон Алонзо ги известува дека Контот е мртов. Родриго се одмаздил. Кралот
смета дека одмаздата била заслужена, но сепак му било жал за загубата на Химена.
Химена и Дон Диего доаѓаат кај Кралот. Таа бара праведно да биде казнет, а
Диего го брани својот син. Химена бара одмазда со крв (Родриго да биде убиен), а
Дон Диего бара тој да плати со неговата смрт. Затоа што тој бил „главата“, а неговиот
син „раката“ која го извршила тоа и која и понатаму треба да му служи на кралот. Се
чека на Кралот да реши.
Според нормите на феудалниот морал честа на личноста е над сè и таа
треба да даде белег на сето човеково однесување. Човек кој ја чува и се грижи за
својата чест е благороден, а оној кој ја занемарува станува подлец. Само
благородниот човек е достоев за почит и љубов, а подлецот за омраза и презир.

6
Соодветно на овие сфаќања, човекот кој ја изгубил честа, не заслужува ни почит,
ни љубов.

ТРЕТ ЧИН:
Родриго знае дека е виновен и се упатува накај Химена, за таа да му пресуди.
Елвира го советува да не се појавува пред неа, бидејќи таа е гневна.
Санчо ја советува Химена да не чека правда од кралот затоа што може да не ја
добие. Инсистира побргу да се одмазди. Химена му дозволува на Санчо да ја спроведе
одмаздата.
Химена признава дека љубовта кон Родриго е силна, но таа сега е на големи
маки. „Едната половина на нејзиниот живот, втората ја уби. Ја гони таа што веќе ја
нема, во одмазда на таа што е жива“. Решава дека мора да го казни и по него да умре.
Родриго бара од Химена да го убие со истиот меч со кој тој го убил татко Ѝ. Вели
дека не се кае, и дека морал да ја одбрани честа на татка си, но сепак, знае дека треба
и тој да биде казнет за злосторството. Химена му вели дека со право го исполнил
долгот, но со тоа ја научил и неа како треба да постапи. Сега настапува менување на
улогите, Химена се наоѓа во истата ситуација како Родриго. Тој вели дека сака да го
казни, а не да го мрази. Таа го тера да си оди, велејќи дека казната ќе ја спроведе друг.
Дон Диего е очаен, неговиот син го нема никаде.
Конечно го сретнува Родриго и му вели дека е горд на него, затоа што ја
одбранил неговата чест и честа на предците. Родриго е тажен, вели дека го одмаздил
но ја загубил честа. Но Дон Диего е убедлив: „Честа е долг, а љубовта задоволство“.
Нема време за Родриго да ја чека казната, сега треба да оди во битка со Мавите и да
биде достојна замена за Контот. Тоа е шансата да се здобие со слава или славно да
умре.

ЧЕТВРТ ЧИН:
Химена дознава од Елвира дека Родриго ги победил Маврите и дека заробил
двајца од нивните кралеви. Сега народот го смета за ангел-спасител. Тој покажал
голема храброст во битките.
Сега на Химена Ѝ е потешко. Во разговор со Инфантата, таа е обвинета дека
сака да го погуби спасителот на Кастилја и со тоа го става во опасност целото кралство.
Инфантата ја моли да попушти и да не ја бара неговата смрт. Доволно е да престане да
го љуби. Химена вели дека нема избор.
Кралот не штеди пофалби за Родриго, дури вели дека и Маврите биле зачудени
од неговата храброст. Тие го нарекле Сид (повелник, господар). Родриго раскажува за
бојот.
Химена повторно доаѓа да бара правда кај Кралот, но тој сака да се увери дали
таа навистина го сака.
Кралот Ѝ вели на Химена дека славниот Родриго подлегнал на раните и умрел.
Таа пребледела и за малку ќе паднела, по што Кралот заклучува дека таа го сака. Таа
вели дека премалела од радост и негира. Химена сака тој да се соочи со најхрабриот
витез, и победникот да ја добие за жена. Кралот се спротивставува, но Дон Диего
инсистира. Химена го избира Дон Санчо, се подготвува двобој.

7
Постапката на кралот Фернандо да им се даде можност на оние кои
згрешиле да Ѝ служат на татковината, всушност го поставува прашањето за
осносот на поединецот кон обврската за татковината. Обрската кон
татковината е над обврската кон фамилијата и феудалната чест треба да Ѝ
отстапи место на граѓанската, која пред сè значи служење на потребите на
татковината.

ПЕТТИ ЧИН:
Родриго сака да се поздрави со Химена пред смртта затоа што свесно одлучил
да не се брани и да загине во овој двобој. Причината е тоа дека таа ја посакува
неговата смрт. Но, таа го моли да се бори, бидејќи сака нему да му припадне. Родриго
добива сила и вели дека сам може сите да ги победи.
Инфантата сè уште го сака Родриго. Леонора ја убедува дека нејзините маки се
при крај. Тој или ќе умре или ќе се ожени со Химена.
Химена е исплашена бидејќи може да остане без Родриго, иако веќе го
изгубила татка си. Но, убиецот на нејзиниот татко е Родриго, а неговиот убиец ќе биде
нејзин маж! Елвира Ѝ вели: „Внимавајте на таа чудна гордост. И небото вас може да
ве казни... Што бара долгот и каква надеж има? Зар ќе го врати татко ви Родриго со
својта смрт? Зар мал е овој удар? Зар нова болка и загуба ви треба? Со својта болка и
чудна нарав, не , вие не го залуживте Родриго, и небото вам гневот ви го праќа: Дон
Санчо сега ќе стане сопруг ваш!“
Дон Санчо го положува својот меч пред Химена, а таа мисли дека го победил во
двобојот и го навредува. Таа го моли кралот да не мора да се омажи за Санчо и да
појде во манастир, бидејќи била прегорда и морала да ја жртвува својата љубов. Таа е
уверена дека Родриго е мртов. Откако јавно ја признава својата љубов кон Родриго,
Кралот Ѝ открива дека тој е жив. Родриго е победник во двобојот, но не го убил Санчо,
туку барал да Ѝ го однесе својот меч на неа. Кралот вели дека ја исполнила својата
должност и дека повеќе нема пречки за нивната љубов.
Кралот има мудра одлука: Химена и Родриго да почекаат со бракот. Најпрвин
тој треба да ги порази Маврите низ цела Шпанија, а за тоа време болот на Химена ќе
стивне. Тој ќе добие уште поголема чест и слава, па ќе можат да бидат заедно.
Среќниот крај на драмата го навестува раѓањето на новиот граѓански
морал, кој е похуман од стариот феудален морал, кој со фанатичниот култ на
фамилијарна чест ги дехуманизирал човечките односи.

ЕЛЕМЕНТИ НА КЛАСИЧНАТА ТРАГЕДИЈА И „СИД“


Корнеј во ова свое дело, во извесна мера, отстапил од барањата трагедијата да
се темели врз принципот на трите единства (дејство, место и време). Наспроти
правилото за единство на време, кое подразбирало дејствието да се одвива 24 часа
како во грчките трагедии, Корнеј времето го продолжил. Наместо дејството да се
одвива на едно место „единство на дворец“, тој го заменил со „единство на град“.
Исто така отстапил и од единството на дејство, со воведување на улогата на инфантата.
Отстапил и од правилото, стихот да биде исклучиво александринец, што важело за
закон во класичната трагедија. За овие отстапувања од строгите правила на
францускиот класицизам, тој бил критикуван од многу свои современици, па дури и од
членовите на Француската академија на науките и уметностите. Во негова одбрана
застанал Боало велејќи: „Попусто министрите составуваат сојуз против ‘Сид’. Целиот

8
Париз на Химена гледа со очите на Родриго. Попусто го осудува целата Академија,
публиката е восхитена и се бунтува против нападите“.

***
Немилиот настан, убиството на таткото на Химена, не ги сменил чувствата меѓу
двајцата млади, но ги обврзува, во име на возвишените сфаќања за честа, да ја бранат
својата и семејната чест. Чувајќи ја и бранејќи ја својата чест, во согласност со
аристократскиот морал на феудалното друштво, човекот се воздигнува и оплеменува и
само така станува достоен за почит и љубов. Родриго и Химена се свесни за своите
должности, но и за своите чувства. Она што тие го губат во тој спор на план на личните
интереси, сепак го добиваат на поширок план на човечката вредност. И на крај нема ни
пораз ни победа, ни поразени ни победници, зашто обајцата се движени од истите
чувства на чест, страст, доблест и совршенство. Решението (во духот на класицизмот)
ќе го даде Кралот, новата победа над Маврите ќе го доближи Родриго уште повеќе до
Химена, која никогаш не престанала да го сака. Публиката воодушевено ја прифатила
драмата која била напишана на складен и убав јазик. Современиците бележеле како
стиховите од Сид се знаеле наизуст од луѓето, па дури и од децата.
Корнеј, драмскиот конфликт го пренел на внатрешниот живот на своите јунаци
и така, малку по малку, го насочил францускиот театар на таа психолошка анализа. Тој
ја прочистил драмата од барокно-мелодрамски елементи, сведувајќи ја на прашањата
за сублимација на љубовта и честа, не одрекувајќи се од вредноста ни на едното ни на
другото.

Користена литература:
 Povijest svjetske knjizevnosti (ur. frano čale, slavko goldstein, ivo frangeš, aleksandar
flaker, breda kogoj-kapetanić, svetozar petrović, vera senečić, vladimir
vratović, mate zorić, viktor žmegač);
 Матевски, Матеја: Десет века на шпанската поезија (антологија: од почетоците
- анонимната и народната лирика) до денес.
 http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9A%D0%BB
%D0%B0%D1%81%D0%B8%D1%86%D0%B8%D0%B7%D0%B0%D0%BC
 http://en.wikipedia.org/wiki/Classicism
 http://www.ibiblio.org/wm/paint/glo/classicism/
 http://www.bookrags.com/research/boileau-nicolas-16361711-eoph/
 http://www.students.sbc.edu/baigent03/Classicism413.htm
 http://www.enotes.com/cid-pierre-corneille

9
Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј” - Скопје
Филолошки факултет ,,Блаже Конески”

СИДПјер Корнеј
Сања Таневска – 24248
Македонска книжевност и јужнословенски книжевности
Предмет: Светска книжевност 2

10
Скопје, април 2012

You might also like