You are on page 1of 7

АРХИТЕКТОНСКАТА ТЕОРИЈА ОД 1968 ДО ДЕНЕС

доминантни парадигми и критики

„Проектот на модерноста“ кој се развива од периодот на Просветителството


натаму ги открива универзалните и вечни вистини на научниот метод и човечката
креативност со цел човекот да доминира над природните сили и да се ослободи од
ирационалните и арбитрарни влијанија на религијата, суеверието и нашата сопствена
човечка природа. Целта на модерниот проект е раскин со минатото во полза на слободата
и прогресот.
Првиот предизвик да се преиспита легитимноста на модерниот проект е
употребата на силата на науката за деструктивните цели на војната. Другата причина лежи
во неуспехот на урбанистичката и архитектонската професија да одговорат на зголемената
поларизација и диверзификација на урбаната популација под влијанието на новите
транспортни и комуникациски технологии кои предизвикуваат опаѓање на јавниот
интерес и промена на перцепцијата на просторот и времето, а со тоа и промена на
животните стилови.
Широко распространетата употреба на електронските медиуми која го создаде
„глобалното село“ предизвика намалување на разликите, односно хомогенизација на
културните вредности и изрази на глобално ниво, но од друга страна ги поттикна
сепаратистичките, фундаменталистичките и реакционерни сентименти, кои ја презедоа
улогата на поранешните комунални активности во заштитата на сопствените идентитети
соочени со глобализацијата. На тој начин, глобализацијата и појавата на мас-културата
придонесоа за замена на традиционалните маркери на идентитетот (како класата,
етносот, нацијата) со пазарно-ориентираните, кои лишувајќи нè од наследените
идентитети (индивидуални или групни), истовремено ни ја отворија можноста за
селектирање на сопствените идентитети.
Ваквите активни идентитетски формации нè принудуваат да ги посматраме
сопствените и туѓите идентитети како флуидни и способни за промена во било кој
момент, со што модерно аспирираното чувство за „битисување“ е заменето со
камелеонското, или фрагментирачко чувство за „личен идентитет“, сентимент одразен во
„постмодерната психологија“. Несигурноста, која произлегува од недостатокот на „котва“
или „центар“ произведува идеали и виртуелно возможни начини на приближување до
нив по пат на хипер-реален симулакрум, креирајќи постмодерни форми на културна
експресија кои дозволуваат лесно позајмување и колажирање на „камчиња“ од минатото
и масовната имагинација за сопственото ре-компонирање.
Падот на идеалите на модернизмот кај постмодерните форми на културно
изразување се манифестира во недостатокот на стандарди и критериуми со чија помош
може да се суди за нештата, како и во консеквентното одбивање да се заземе став. Како
последица, постмодерните форми на културно изразување тежнеат да ја отфрлат
оригиналноста и да станат дериватни, односно да тежнеат кон афирмација по пат на
позајмување и рекомбинирање на веќе афирмирани нешта, наместо да креираат нови. Во

1
светот во кој завладеа ултрарелативноста, во кој повеќе не постојат вистини, иронијата
станува одбрамбен механизам, кој подразбира дека нечии ставови, идеи или акции се
само селекција од серија други, кои не се ниту подобри, ниту полоши. Обидот да се даде
до знаење дека одреден акт е направен порано, но дека задржал (барем некакво)
значење со кое се означува фрагментацијата на современиот живот, а сепак овозможил
(барем за момент) да се креира целовитост за поединецот, овозможува да се постигнат
двете цели: слободно само-изразување и задоволување на потребите на пазарот, со
други зборови, да се биде истовремено и традиционален и модерен, и локален и
глобален, став содржан во Џенксовото „двојно кодирање“.
Губитокот на верба во колективното работење за подобра иднина предизвика
вртење кон внатре, приватизам потпомогнат од масовните медиуми, како телевизијата и
PC. Со продорот на „пазарот“ во приватниот домен (ширењето на култот на
потрошувачкото општество) колективната идеалистичка визија на модернистичкиот
проект е заменета со многу поперсонализираната потрага по сопствените корени,
потеклото, култот кон фамилијата, проследени со чувството на дезилузионизам, цинизам
и летаргија кои го зајакнуваат политичкиот конзервативизам и фасцинацијата со моќта на
политички авторитети. Плурализмот и мултицентричноста предизвикаа пад на идеалите и
на визионерското мислење, ретарирање од политичкиот ангажман, поголема подложност
на модата (пазарот) и на авторитарните режими (фашизмот). Од друга страна,
позитивните страни на постмодерниот сензибилитет се рефлектираат во
спротивставеноста на широко прифатени догми на експертите на модерноста со поголема
хуманост и прагматизам, поголема спремност да се соработува и работи во тимови и
поголема верба во инстинктите отколку во науката.

РЕАКЦИЈА НА МОДЕРНИОТ УРБАНИЗАМ = КОМПОНЕНТИ НА


ПОСТМОДЕРНИОТ УРБАНИЗАМ

Артикулирани во термини на реакција на модерниот урбанизам, компонентите на


постмодерниот урбанизам можат да се сумираат на следниот начин:
 Реакција на модернистичкиот јасен прекин со минатото и вртењето кон иднината –
ИСТОРИЦИЗАМ: историски „цитати“, архитектура на меморија и монументи,
реинкарнација на пред-индустрискиот урбанитет;
 Реакција на деконтекстуализмот, интернационализмот, неутралноста, бришењето
и порамнувањето на локациите – КОНТЕКСТУАЛИЗАМ: важност на
локацијата/местото, регионализам, вернакулар, плурализам, урбан идентитет,
урбан карактер, визуелна референтност, genius loci, урбана читливост, популизам;
 Реакција на тоталната рационалност, функционализмот, Тејлоризмот, машинската
метафора, „помалку е повеќе“, „формата ја следи функцијата“, сепарација на
функциите на градот – СИМБОЛИЗАМ, ОРНАМЕНТ, МЕТАФОРА, КОЛАЖ,
БРИКОЛАЖ, АСЕМБЛАЖ, ТЕКСТ, или едноставно враќање кон постариот „град“,
акцентирање на човечкиот размер (човечката фигура повторно влегува во
дизајнот), „повеќе е повеќе“, мешање на урбаните функции;

2
 Реакција на политичката агенда на модерното движење, утопиското верување дека
новата архитектура ќе произведе ново , егалитарно општество, верувањето во спас
на човештвото преку дизајнот, потрага по вистинитост и чистота, верување во
перфекцијата, во линеарен прогрес и технократски солуции – АПОЛИТИЧНОСТ,
АНТИУТОПИЗАМ, недостаток на верба и потрага по нешто во кое ќе се верува,
скриени утопии, или ХЕТЕРОТОПИИ;
 Реакција на анти-капитализмот, егалитаризмот, демократскиот социјализам,
државниот авторитет и интервенции од голем размер – ЛИБЕРАЛНА ПОЛИТИЧКА
ЕКОНОМИЈА, ПОЛИТИЧКА ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, НЕОКОНЗЕРВАТИВИЗАМ: анти-
автократизам, анти-авторитарност, планови од мал размер, партиципација на
корисниците и тимови на архитекти и урбанисти, прилагодување наместо промена;
 Реакција на сфаќањето на уметноста како алатка за постигнување на политички
цели и како педагогија – КОМЕРЦИЈАЛНА УМЕТНОСТ: уметност како благосостојба,
задоволување на потрошувачкиот вкус, архитектот во служба на вкусот на
клиентот:
 Реакција на „шок“ техниките – ФАМИЛИЈАРИЗАЦИЈА, примена на „вообичаени“
одомаќинети методи, кои создаваат чувство на сигурност, чувство „да се биде
дома“.

... На тој начин, многубројните и различни проблеми на теоријата на современата


архитектура и урбан дизајн се обединети во единствена нитка, кохерентност...
базирана на хетерогената супстанца и природа на современото општество (Р. Стерн,
1981).

КОНЦЕПТУАЛНИ РАЗЛИКИ ПОМЕЃУ МОДЕРНИЗМОТ И ПОСТМОДЕРНИЗМОТ


според Ихаб Хасан (Ihab Hassan)

МОДЕРНИЗАМ ПОСТМОДЕРНИЗАМ
цел игра
дизајн шанса
хиерархија анархија
мајсторство тишина
завршено дело процес
дистанца перформанс
тотализација случување
синтеза партиципација
длабочина антитеза
метафизика деконструкција
трансценденција површина
иронија
иманентност

3
ТЕМИ НА ПОСТМОДЕРНИОТ УРБАНИЗАМ:
- Контекстуализам
- Историцизам
- Регионализам
- Анти-универзализам
- Плурализам
- Колаж
- Самореферентност
- Рефлексивност
- Преокупација со имиџ/декор/сценографија
- Артифициелност
- Плиткост
- Ефемерност
- Фрагментација
- Популизам
- Аполитичност
- Комерцијализам
- Иронија

ТЕОРИИ НА УРБАНИОТ ДИЗАЈН ВО ЕВРОПА (1960-ти – 1970-ти)

1. НЕОРАЦИОНАЛИЗАМ
Создавање на градот преку редефинирање на архитектонскиот објект.
Под влијание на G.C. Argan и Quatremere de Quincy урбаните форми се изразуваат со
помош на термините на типологијата и морфологијата, a зградите и објектите се сметаат
за „театри на меморијата“. Неорационализмот се појавува во 1960-тите години во Италија.
Најистакнати претставници се Алдо Роси и групата La Tendanza. Неорационалистите го
протежираат „типот“ кој е архитектонски создаден во релација со неговиот историски,
географски и економски контекст за разлика од модернистичкиот „модел“ кој претставува
универзален продукт на неутрален простор. Типот ги обединува дистинктивните
карактеристики на одредена категорија, а неговата апликација подразбира навраќање на
историската, пред-индустриска архитектура и култура. Според Марио Ганделсонас, нео-
рационалистите тежнеат да создадат „автономна “ архитектура, која ќе трансцендентира
низ културата и историјата и нема да комуницира со други идеи освен сопствените.
Алдо Роси аспирира кон „аналоген град“ составен од референтни објекти
апстрахирани од вернакуларот, со широк опсег на реинтерпретации. Да се проектира по
пат на аналогија значи да се позајмува од урбаните форми на минатото без да се
преземат нивните значења, бидејќи тие се менуваат со текот на времето. Референтните
форми треба да се колажираат во вид на моќна фиксна сцена која е посилна од луѓето и
од модернистичкиот, корбизјеански спектакл базиран на настаните. Роси ја отфрла
идејата за контекстот како урбанистичка детерминанта и ја нагласува важноста на
монументот како перманентна меморија која води кон поголеми социјални амбиции.

4
2. НЕОКЛАСИЦИЗАМ
Неокласицизмот ги презема формите од антиката и Ренесансата како архетипови
на урбаните форми. Обновувањето на класичните форми ѝ се припишува на желбата за
враќање на јавниот ред, но без да се сподели метафизиката, или верувањето во
единствениот космички симболизам. Особено доминантен во Шпанија (Рикардо Бофиљ)
и Италија, овој маниристички стил го протежира класичниот поим на имитација како
највисок естетски идеал. Како неорационалистите, и неокласицистите се фокусираат на
физичката форма и нејзините придружни, асоцијативни значења, претпоставувајќи
безвременски обликовни појави кои можат да се откријат преку студии на историски
примери и типови. Но, додека неорационализмот продуцира колаж, неокласицизмот
продуцира хиерархија и осовинско подредување. И, додека неорационализмот
поттикнува додатна акција, неокласицизмот аплицира екстензивно реструктурирање.

3. ОТВОРЕНА АРХИТЕКТУРА
Процесот на создавање на „отворена архитектура“ подразбира вклучување на
корисниците во дизајнот, при што, тие добиваат конструкции кои можат лесно да се
трансформираат според нивните потреби и вкусови („направи сам“). Обидот да се
создаде „отворена архитектура“ е одговор на повикот да се разбие блоковската
поделеност на светот после Втората светска војна и да се создаде „отворено општество“.
„Отворената естетика“ која ја протежираше TEAM 10 во касните 1950-ти овозможуваше
непрекинат раст и промена. Херман Херцбергер тежнееше кон „поливалентен“ простор со
помош на прототипови кои овозможуваат индивидуални интерпретации на колективни
матрици.

4. УРБАНИ ФОРМИ (ФРАНЦУСКА ВЕРЗИЈА)


Обновување на размерот и типологијата на традиционалниот град во Франција во
1970-тите, напуштање на концептот на модерните мегаструктури. Типо-морфолошката
студија „Урбани форми“(Касто, Депол, Панераи) за предмет на истражување ја има
релацијата на зградите со локацијата и на јавниот простор со приватните дворови, а не
креацијата на градските блокови сами по себе, независно од контекстот. Ова урбано
движење е формирано со цел „да се избегне урбаната катастрофа“ во урбаните
метрополи, со помош на сценарија за еден вид на „провинциски урбанизам“ во
предградијата на големите метрополи, чиј главен адут би бил добро дефинираниот јавен
простор. Во естетска смисла, ваквата определба ја фаворизира различноста наспроти
елитистичкиот став за убавината како одраз на универзален и трансцендентален ред.

ТЕОРИИ НА УРБАНИОТ ДИЗАЈН – АНГЛОСАКСОНСКА ОСКА


 ГРАДСКИ ПЕЈСАЖ (Гордон Кален, Кевин Линч, Џејн Џејкобс)
 АДВОКАТСКО ПЛАНИРАЊЕ
 ЕНВИРОНМЕНТАЛИЗАМ
 ФЕМИНИЗАМ
 РЕГИОНАЛИЗАМ И ВЕРНАКУЛАР
 КОНТЕКСТУАЛИЗАМ
5
 КРИТИЧКИ РЕГИОНАЛИЗАМ
 ИСТОРИСКИ ЕКЛЕКТИЦИЗАМ
 ИСТОРИСКА ЗАШТИТА И РЕВИТАЛИЗАЦИЈА
 НЕОТРАДИЦИОНАЛЕН УРБАНИЗАМ
 РАБНИ ГРАДОВИ
 ОГРАДЕНИ ЗАЕДНИЦИ

КРИТИКИ НА ПОСТМОДЕРНИОТ УРБАНИЗАМ

1. ФОРМАТА ЈА СЛЕДИ ФИКЦИЈАТА (FORM FOLLOWS FICTION)


 Инспирација од прединдустриските историски периоди, аплицирани како
типологии во постиндустриското општество
 Одбивање да се прифатат неповратните промени кои ги донела индустриската
револуција
 Носталгијата ја убива креативноста – менаџирање на медиокритетноста како
коректив на модерниот урбанизам
 Деконтекстуализација на историскиот контекст: сфаќање на историјата како извор
на симболи, а не како реалност на некое друго време
 Преземање на типот како константен во контекст со променливи продуктивни
релации: крајно лични интерпретации кои рефлектираат минато кои не постоело
 Стилизиран историцизам претставен како иронија или цинизам
 Фасадизам – фасадомија

„Историјата се повторува, првиот пат како трагедија, вториот пат како фарса“ Карл
Маркс

2. ФОРМАТА ГО СЛЕДИ СТРАВОТ (FORM FOLLOWS FEAR)


 Растечка узурпација и контрола врз јавниот простор, губење на неговите
социјални вредности
 Трансформација на јавниот, на приватниот простор и нивните меѓусебни
релации
 Приватизирачки импулс: пораст на домувањето во индивидуални куќи и
формирање на оградени заедници (gated communities)
 Хоризонтална просторна и социјална сегрегација како замена за вертикалната
сегрегација
 Псеудо-јавен простор: атриумски згради со димензија на урбани блокови,
(шопинг молови, забавни паркови, ланци на продавници)

3. ФОРМАТА ЈА СЛЕДИ ФИНЕСАТА (FORM FOLLOWS FINESSE)


Семиологијата како комуникациска компонента на архитектурата
 Партиципативни форми во архитектурата / урбаното планирање:
- социјално планирање

6
- партиципативно планирање
- адвокатско планирање
- самопомош – направи сам
 Дефокусирање на архитектурата од сопствените компетенции и вклучување на
општествените науки во доменот на архитектурата
 Форми кои, наместо да ги политизираат учесниците, ги подготвуваат како
консументи на потрошувачкото општество: зајакнување на пазарот на вкусот
 Замена на етичките со естетски прашања: спротивставување на политичката
агенда на модерната со аполитичност, симболизам и козметика во
постмодернизмот

4. ФОРМАТА ГИ СЛЕДИ ФИНАНСИИТЕ (FORM FOLLOWS FINANCE)


 Евро-атлантска политичко-економска и културна доминација
 Политичко ретарирање, измислување на истории, продукција на хипер-реални
енвиронменти и субјективизам: начини да се мистифицира секојдневието и да
се скршне вниманието од главниот проблем – растечкиот јаз помеѓу
сиромашните и богатите

КОРЕКТИВИ НА ПОСТМОДЕРНИОТ УРБАНИЗАМ:


 историцизам: зацврстување на чувството на припадност и сигурност
 заштита на историското наследство, културната традиција и културните разлики
 контекстуализам – разбирливост и читливост на урбаниот пејсаж
 унапредување на станбената типологија: хуманизација, персонализиран и
прилагоден станбен простор кон животните потреби
 враќање на социјалните вредности на јавните простори
 создавање хипер-реални енвиронменти: центри за забава, социјализација и
поттик на приватниот економски сектор
 естетизација на просторот, задоволување на амбиенталните и естетски потреби
 заштита на природната околина и ресурсите – одржливи концепти
 програмска и формална артикулација на напуштените простори (terrain vague) во
индустриските зони, по должината на транспортните линии во функција на
рекреацијата, спортот, културата
 обезбедување на просторни амбиенти за креативните супкултури
 промена на јавното мислење, менталното милје и изнаоѓање на нови модели на
акција

You might also like