You are on page 1of 5

Виктор Франкл

Франкл извршил посебна анализа на егзистенцијалистичките и


хуманистичките сфаќања за суштинските цели и потреби на човекот.
Споредбата примарно беше насочена кон прашањето за духовниот
однос помеѓу две лица, за што го вовел поимот ноодинамика, како и кон
феноменот самотрансценденција, поим, кој за потребите на
логотерапијата Франкл за прв пат го употребил во 1949 година. Франкл
во книгата „Волја кон смислата“ (англ. The Will to Meening) антрополошки
ја дефинирал самотрансценденција во смисла на „човек кој е постојано
насочен кон сопственото битие кон она, што веќе не е тој самиот – кон
нешто или некој, кон некаква смисла, која исполнува, или кон друго
човечко битие, со кое во љубов се среќава.“ Во наведената определба
на самотрансценденцијата можат да се забележат примеси од
филозофската поема на Ниче (Nietzsche) „Така говореше Заратустра“,
поточно стихот „животот тежнее да се воздигнува, при што се надминува
себе си.“ Ваквата животна тенденција Франкл ја издигал на ниво на
закон на човештвото кој ја артикулира човековата постојаност во
надминување на сопствените граници. Оттука, самотрансценденцијата
може да се сфати како свесна и несвесна вредносно обоена намера кон
остварување на сопствените вродени потенцијали и потреби. Според
Франкл, самотрансценденцијата и самоостварувањето претставуваат
различни процеси, при што разликите се содржани во функциите на
свеста и волјата. Поаѓајќи од ваквите психолошки премиси,
самоостварувањето го толкува како ненамерна, спонтана
самотрансценденција, односно процес, во кој не постојат интенционални
стремежи. Поаѓајќи од премисата дека спонтаноста и автентичноста се
услови на психичкото здравје и среќата, Франкл заклучува дека секоја
намерна интервенција во таквата природна даденост на човекот води
кон будење на псеудонамери, псеудоостварувања и останати содржини
на неавтентичниот развој. Како докази за тоа ги наведува бројните
негативни појави од сопствената терапевтска пракса, во чија позадина
делува тнр. парадоксална интенција, поим со кој Франкл ја означува
екстремната усилба на личноста за постигнување на сопствените цели.
Суштината на ваквите усилби Франкл ја изложил во книгата „Нечуениот
плач по смисла“ (англ. The Unheard Cry for Meaning), при што истакнал
дека „секој стремеж кон самоостварување, без оглед на содржината,
станува штетен и деструктивен.“ Истото го потврдуваат неговите
клинички согледувања, во смисла дека претераните намери, по правило,
водат кон ефекти кои се спротивни на желбата и вложените напори.
Ваквиот парадокс е посебно очигледен при стремежот да се постигнат
многу високи цели, на пример, да се смени личносниот идентитет или да
се постигне среќата. Парадоксалната интенција се потврдува и на
банални примери како што е намерата да се совлада несоница,
пелтечење и други појави. Оттука, усилбите за радикална негација на
идентитетот доведуваат до карикирање на личноста, додека желбата да
се стане среќен е редовна појава кај неврозите. Егзистенцијалната
празнина се јавува како траен извор на фрустрации која ги лишува
луѓето од способноста за сопствена детерминација и регулација. За
причините на егзистенцијалната празнина Франкл има слично
објаснување како Фром: прогресивната култивацијата на човекот е
условена со паралелно стеснување на просторот на биолошките нагони
и инстинкти, односно понискиот етички принцип „мора“. Култивацијата
воедно подразбира напуштање на традиционалните врски и вредности
за чие остварување служел етичкиот принцип „треба“. Со постојаното
губење на природните и културните механизми човекот се соочил со
негирање на сопствените персонални, социјални и материјални основи,
што претставува отуѓување. Втората точка на разидување помеѓу
егзистенцијалните и хуманистичките психолози е содржана во
различното вреднување на улогата и учинокот на терапевтските групи.
Имено, егзистенцијалната аксиологија се сомнева дека т.н. енкаунтер
групите (англ. encounter groups), кои беа формирани врз
клиентоцентричките премиси на Роџерс, имаат позитивно влијание врз
надминување на субјективните проблеми. Критикувајќи ги енкаунтер
групите Франкл забележал дека со нив воопшто не се намалува
несреќата на клиентите, заради неможноста да се воспостави
суштинскиот човечки контакт. Како главна причина на неуспехот тој го
посочил површното сфаќање на средбата помеѓу двете осамени
суштества, што произлегува од фактот дека хуманистичката психологија
го ограничила меѓучовечкиот контакт на однос помеѓу изолирани лица.
Станува збор за средба на две несреќни монади, односно „затворени
органски единки, кои се лишени од самотрансцендентните односи.“
Според егзистенцијалната психологија, човекот поседува вродена
потреба за контакт со друг човек. Социјабилноста му е суштинска на
човекот, кој преку автентични односи со другите луѓе се развива како
хумано битие. Станува збор за длабоко доживување кое е условено од
дијалошкото прифаќање на другиот Ти од страна на моето Јас.
Суштинските белези на дијадниот однос експлицитно ги прикажува
дијалошката филозофија на Бубер (Martin Buber). Во контекст на
Буберовата филозофија, дијалошкото доживување е условено од
егзистенцијалната подготвеност на човекот за спонтано вклучување во
непосредна врска со друго лице. Слични се размислувањата и на
егзистенцијалниот психијатар Душан Кецмановиќ, кој, во делото „Ниту
нормално, ниту патолошко“ (срп. Ни нормално, ни патолошко), средбата
ја означува како комуницирање кое се случува „во дијалошки простор,
што подразбира креативна афирмација на човекот, кој го доживува и
осознава битието на другиот човек.“ Оттука, средбата не може да се
редуцира на формален контакт помеѓу две лица, зашто меѓучовечкиот
однос ги надминува границите на индивидуалното. Токму
егзистенцијалното движење кон другиот човек Франкл го смета за
самотрансценденција. Станува збор за целоживотна насоченост која се
јавува и во последните мигови од животот.

Егзистенцијална анализа на вредностите

Аксиолошкото учење на Франкл постулира дека човекот е добар.


Ваквиот позитивен став за човековата природа го поткрепил со
емпириски наоди произлезени од автентичните искази на луѓе кои
преживеале страдања, самообвинувања или имале потреба да се
искупат за сторените недела. Сепак, Франкл не ја идеализирал
човековата природа, заради сопственото трагично искуство со фашизмот
како и заради секојдневните примери за негативни и трагични настани,
зад кои стои самиот човек. Оттука и неговата констатација дека
„хуманите суштества помеѓу луѓето биле и веројатно секојапат ќе
останат во малцинство.“ Франкл разликувал индивидуални и
универзални вредности. „Гените се носители на инстинктите,
традицијата е извор на универзалните вредности, додека смислата, како
неповторлив феномен, претставува предмет на индивидуалното
откритие.“ Вредноста постои како единствено и непреносливо значење
кое се однесува за некого или нешто и како такво ги определува
правецот и содржината на индивидуалната акција. Значењето не може
да се пренесува преку традиција, ниту преку друг колективен механизам,
како што е архетипот. Сепак, улогата на традицијата и останатите
културни и социјални механизми е значајна за вредностите, пред сè, за
категоријата универзални вредности. Со други зборови, вредностите ја
делат судбината на културата и традицијата, тие се јавуваат, одржуваат,
менуваат и исчезнуваат паралелно со состојбата во која се наоѓаат
културните традиции. По правило, историските процеси, револуции и
псеудореволуционерните настани оставаат траги врз традицијата и
соодветниот систем на општествени вредности. Својот став дека
смислата не зависи од традиционалните вредности Франкл го изградил
врз аксиолошкиот волунтаризам на Ниче, кој еднаш изјавил „вредностите
се мртви - да живее смислата!” Оттука, Франкл ја предложил
аксиолошката категорија вредносни ставови врз кои се темели
оптимистичката позиција на логотерапијата дека човекот е посилен од
животните околности. Аналогно на тоа, Франкл го постулирал ставот
дека секоја ситуација содржи смисла која треба да се открие, што е
посебно значајно за односот на човекот кон културата. Впрочем, како и
останатите вредности, и традиционалните вредности на културата се
менуваат и пропаѓаат. При тоа, пропаѓањето на традиционалните
вредности честопати е следено со негативни доживувања, несигурност,
фрустрација и конфузија, посебно кај лица кои во животот приоритетно
се потпираат врз навики и надворешни норми. Како што е познато,
навиките и надворешните стандарди спаѓаат во категоријата
нефлексибилни правила на просоцијалното однесување кои, при
промена на општествените услови, најчесто ја губат сопствената
функција. Во таа смисла логотерапијата предупредува, дека
традиционалните вредности во изменети општествени услови ја
блокираат личноста да трага по нова смисла. При тоа, долготрајната
општествена криза ги разградува меѓучовечките односи и заедничкиот
морал, а воедно ја зголемува егзистенцијалната стеснетост која најчесто
се манифестира како неспецифична немоќ, летаргија и фатализам.
Сепак, некои луѓе успеваат и во неповолни услови да си ја сочуваат
способноста за увид и во изменетите околности да ја откријат смислата,
да изградат нов вредносен систем и на тој начин полесно да го
премостат вакуумот создаден по распадот на традициите. Активниот
став кон нештата претставува единствен начин да се опстане во
непознати и неизвесни услови. Во тоа се состои тајната на менталната
хигиена, според која, активноста енергизира, создава надеж и
оптимизам. Впрочем, и депресијата полесно се поднесува доколку
човекот преземе било каква физичка, дури и банална активност.
Наспроти тоа, носталгичното евоцирање на старите добри времиња и на
одамна исчезнатата традиција доведува до меланхолија, депресија,
апатија и други негативни состојби на растроената психа.

Вредности

Франкл разликувал три категории вредности: искуствени, творечки


и ставовски. Вредностите се наоѓаат во самата основа на смислата која
може да се реализира со „доживување, творештво или страдање.“
Искуствените и творечките вредности се услов на личносниот развој и на
осмислениот живот. Вредносните ставови, пак, се јавуваат во вонредни и
гранични животни ситуации кои драматично ги намалуваат можностите
за доживување и творење. Вредносната трихотомија доживување -
творештво - страдање е претставена како вертикален систем каде
„вредносните ставови се издигаат над творештвото, додека творештвото
се наоѓа над искуството.“ Подоцна Лукас со помош на факторска анализа
ја потврдил валидноста на Франкловата теорија за хиерархиска
организација на вредносните категории. Вредностите претставуваат
најсуштествени, највисоки и најсуптилни категории во личносната
динамика. Наспроти инстинктите кои организмот го притискаат и
принудуваат кон од напред определеното однесување, вредностите
привлекуваат кон нешто (идеја, објект, ситуација) или некого (субјект).
Споредувајќи ги инстинктите и вредностите, стануваат појасни нивните
динамички разлики. Инстинктите претставуваат природни механизми на
однесувањето и како такви имплицираат каузалност и детерминизам во
динамичката спрега: потреби – однесување. Инстинктите се опишуваат
со атрибутите причина, последица, принуда, механичност, стереотип и
слично. Од друга страна, вредностите претставуваат стекнати
диспозиции поврзани со поразвиените функции на психата и како такви
имплицираат интенционалност, целесообразност, индетерминизам,
слобода, избор, креативност, варијабилност и т. н. Инстинктите и
вредностите се длабоко вкоренети во современата психолошка теорија
на однесувањето, но и на личноста, вклучувајќи ја и научната
експликација на човековата природа и волја. Во контекст на
психолошките расправии за волјата се среќаваат две спротивставени
интерпретации: - волјата постои како најразвиена личносна диспозиција
која е слободна, но воедно и условена од оптималниот развој на
интелектот и позитивното емоционално искуство на личноста. Блиски на
ваквото толкување на волјата се теориите на Пијаже, Јунг,
хуманистичките психолози и т. н. - волјата е метафизичка категорија која
не може да се операционализира, ниту објективно да се испитува.
Однесувањето и процесите на психата можат да се објаснат со
физиолошки и биолошки механизми, на пример, со инстинкти, навики
или потреби, односно со потиснати трауматски содржини од
индивидуалното несвесно. Биолошки детерминизам во психологијата е
застапуван од бихевиоризмот (во екстремна форма кај Скинер) и
делумно од Фројд (теорија за вродените инстинкти), додека психичкиот
детерминизам е присутен во класичната психоаналитичка теорија за
несвесното. Франкловиот одговор кон дилемата, дали човековата волја е
детерминирана или слободна, гласи: „Битието на човекот не претставува
предмет помеѓу другите предмети. Предметите меѓусебно се
определуваат. Меѓутоа, човекот самиот си се определува. Подобро
кажано, тој самиот одлучува, дали ќе сака или нема да дозволи да
навлезе во нешто, да биде изложен на влијанија од нагони или
инстинкти, кои ќе го туркаат, или на причини и смисла, кои ќе го влечат
напред.“ Франкл заклучил дека волјата и искуството како субјективни
феномени не можат да се пренесат, ниту да се научат, туку мораат да се
почувствуваат и доживеат.

You might also like