You are on page 1of 1

Се плашев дека ме мразите.

Секоја ноќ сонувам како ме гледате,


но не ме препознавате. Кога само би знаеле! Од првиот ден кога
стигнав, јас цело време шетав овде...покрај езерото. Повеќепати доаѓав
пред вашите порти, но не се решавав да влезам. Ајде да седнеме и да
разговараме, да разговараме. Овде е убаво, топло, пријатно... Слушате
ли, како завива ветрот? Ништо не е, вака ми е полесно... Веќе две
години немам плачено. Вчера, доцна вечерта, отидов во градината да
видам дали се уште постои нашиот театар. А тој се уште стои таму. И
јас заплакав првпат по две години и ми олесна, малку ми стана полесно
на душава. Видете, јас веќе не плачам. Значи, вие сте веќе писател...
Вие сте писател, а јас сум актерка... И двајцата западнавме во вител на
настани... Живеев среќно, како дете, штом ќе се разбудев наутро, пеев;
ве љубев вас, мечтаев за слава, а сега? Груб живот!
Зошто велите дека сте ја бакнувале земјата по која газев јас?
Мене треба да ме убијат. Толку сум уморна! Да се оддморам барем
малку... да се одморам! Јас сум галеб.... Не, не е тоа. Јас сум актерка.
Да, така е! И тој е овде. Па да... Ништо не е... Секако... Тој не веруваше
во театарот, моите мечтаења отсекогаш му беа смешни и, малку по
малку, и јас престанав да верувам и потклекнав со духот... А потоа
дојдоа љубовните јадови, љубомората и постојаниот страв за малото
дете... Станав ситничарка, безначајна, глумев без смисла... Не знаев
што да правам со рацете, не умеев да стојам на сцена, не владеев со
својот глас. Вие не можете да ја сфатите таа состојба кога чувствуваш
дека глумиш одвратно лошо. Јас сум галеб. Не, не е тоа... Се сеќавате
кога застрелавте еден галеб? Случајно дојде еден човек и едноставно
од здодевност го погуби... Сиже за мал расказ... Не, не е тоа... За што
зборував? Ах, да, зборував за театарот. Сега е веќе поинаку... Сега сум
вистинска актерка, глумам со задоволство, со занес, сцената ме опива
и чувствувам дека сум прекрасна. А сега, додека живеам тука, цело
време одам пеш, одам и размислувам, размислувам и чувствувам како
од ден на ден растат моите душевни сили... Сега веќе ми е кристално
јасно, Костја, дека во нашата работа е сосема сеедно дали играме на
сцената или пишуваме, дека не е најважна славата, сјајот, дека тоа не
е она за што јас мечтаев, туку дека е најважно да си истраен, да умееш
да го носиш својот крст и да веруваш. Јас верувам и не ми е толку болно
кога размислувам за својата животна определба, јас не стравувам од
животот.
Пст... Си одам. Збогум. Кога ќе станам голема актерка, дојдете да
ме гледате. Ветувате ли? Ветувате?

You might also like