You are on page 1of 11

«МАЛВП.

66/18»

ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ОСНОВНИОТ СУД ВЕЛЕС како првостепен парничен суд од судијата


Виолета Мојсова како судија поединец решавајќи по тужбата на тужителката
Ленче Ѓоргиевска од В. против тужениот Друштво за производство, трговија и
услуги ИГНАЦИЈА ФЕШН ДООЕЛ извоз-увоз В., за долг, вредност на спорот
65.758,00 денари, по одржаната усна, јавна и главна расправа на ден 17.05.2018
година во присуство на тужителката лично и нејзиниот полномошник адвокат
Душко Петров од В., застапникот по закон на тужениот Жанета Ацкова од В. и
полномошникот на тужениот адвокат Јованче Цилаков од В., ја донесе и објави
на ден 23.05.2018 година следната

ПРЕСУ Д А

Тужбеното барање на тужителката Ленче Ѓоргиевска од В. да се задолжи


тужениот Друштво за производство, трговија и услуги ИГНАЦИЈА ФЕШН ДООЕЛ
извоз-увоз В. да и исплати и тоа:

- на име заостанат долг за уплатена фактура бр.4-214/2018 од 13.10.2016


година сума во износ од 17.098,00 денари со законска казнена камата во висина
на референтната стапка на НБ на РМ што важела на последниот ден од
полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемена за 8
процентни поени, сметано од 07.03.2018 година како ден на поднесување на
тужбата до исплатата,

- на име долг по основ на договор за продажба на трговска стока од


10.11.2016 година сума во износ од 28.800,00 денари, со законска казнена
камата во висина на референтната стапка на НБ на РМ што важела на
последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие
зголемена за 8 процентни поени, сметано од 07.03.2018 година како ден на
поднесување на тужбата до исплатата и

- на име долг по основ на договор за продажба на трговска стока од


08.07.2017 година сума во износ од 18.410,00 денари, со законска казнена
камата во висина на референтната стапка на НБ на РМ што важела на
последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие
зголемена за 8 процентни поени, сметано од 07.03.2018 година како ден на
поднесување на тужбата до исплатата,

сето тоа во рок од 8 дена од правосилноста на пресудата, а во истиот рок


да и ги надомести трошоците во спорот во износ од 21.236,00 денари, СЕ
ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.

СЕ ЗАДОЛЖУВА тужителката Ленче Ѓоргиевска од В. на тужениот


Друштво за производство, трговија и услуги ИГНАЦИЈА ФЕШН ДООЕЛ извоз-
увоз В. да му ги надомести трошоците во спорот во износ од 20.862,00 денари,

1
«МАЛВП.66/18»

во рок од 8 дена од правосилноста на пресудата.

Барањето на тужениот да се задолжи тужителката на име трошоци во


спорот да му исплати уште сума во износ од 1.000,00 денари, СЕ ОДБИВА.

Образлож ение

Пред овој суд поведена е постапка по тужба на тужителката против


тужениот, за долг, вредност на спорот 65.758,00 денари.
Во тужбата тужителката преку полномошникот наведува дека од
14.10.2016 година била вработена кај тужениот на работно место управител, со
полно работно време, се до 20.01.2018 година, кога од непознати причини и бил
прекинат работниот однос. Тужителката и застапникот по закон на тужениот се
познавале и биле пријателки, па поради тоа застапникот по закон на тужениот од
неа побарал заем во име на тужениот, односно да плати фактура бр.4-214/2018
од 13.10.2016 година во износ од 17.098,00 денари, која сума требало да и биде
вратена во рок од една година. Од страна на тужителката на ден 13.10.2016
година била извршена уплата на цитираната фактура, а која уплата била
направена од нејзината транскациска сметка во име на тужениот. По истекот на
една година побарала да и биде вратена сумата која ја уплатила, но тоа не било
сторено до поднесувањето на оваа тужба, па со оглед на тоа тужениот и го
должи наведениот долг по предметната фактура. Исто така на тужениот на ден
10.11.2016 година му продала трговска стока во износ од 28.800,00 денари, а на
ден 08.07.2017 година повторно му продала трговска стока во износ од 18.410,00
денари, за што биле склучени договори за продажба на трговска стока.
Истовремено наведува и тоа да во чл.2 од договорите е наведено дека сумата за
предадената стока треба да се исплати, но до денот на поднесување на тужбата,
тужениот не извршил уплата на предметните долгови, па со оглед на тоа има
долг по основ на цитираните договори за продажба на трговска стока. Од
изведените докази се докажа основаноста на тужбеното барање. Неспорно е да
платениот износ по предметната фактура, странките требало да го сносат по 1/2,
но со оглед на тоа да тужителката повеќе не работела и не соработувала со
тужената, а касата е останала во дуќанот, тужениот треба да го надомест целиот
износ. Во однос на договорите смета да може да се утврди дека тужителката
робата ја имала претходно набавено и истата по совет на книговодителката ги
склучила договорите за купорпдажба за трговска стока, стоката била внесена во
дуќанот, па со оглед на тоа да се работи за нејзина лична стока треба да и биде
исплатен износот наведен во договорите. Иако застапникот по закон на тужениот
во својот исказ наведе дека ја надоместила оваа сума, не достави докази дека
тоа го сторила односно со оглед на тоа дека стоката во дуќанот е влезена во
финансиското работење сумата од продадената стока најверојатно легнала на
сметка на фирмата и за да биде исплатена треба да биде исплатена на
трансакциска сметка на тужителката, за што требало да достави доказ, а истите
не доставија. Сведокот В. Ѓ. потврди дека износот по предметната фактура бил
исплатен од трансакциската сметка на тужителката, но истата не била сигурна,
навела само што и било пренесено во однос на тоа кои пари биле уплатени. Во
однос на исказот на застапникот по закон на тужениот смета да истиот е
конструиран и даден со цел да се избегне одговорноста од плаќање на овие
средства, како и тоа да не е поткрепен со ниту еден материјален доказ, поради

2
«МАЛВП.66/18»

што судот не треба да му поклони верба во однос на наводите во одговорот на


тужба дека тужителката го оштетила тужениот со несовесно работење. Со оглед
на наведеното предложи судот во целост да го усвои тужбеното барање и да го
задолжи тужениот со трошоци на постапката.
Во писмен одговор на тужба и на расправата тужениот преку
полномошникот наведува дека тужбеното барање во целост е неосновано.
Имено, тужителката била вработена кај тужениот на работно место управител од
14.10.2016 година до 22.01.2018 година, кога по нејзино барање со разрешување
од управител и престанал работниот однос. Тужителката и застапникот по закон
на тужениот биле пријателки и во фирмата работеле како ортаци, иако
тужителката била управител, а сегашниот застапник по закон на тужениот
основач. Не се точни наводите во тужбата дека тужениот побарал од
тужителката заем односно тужителката да ја плати предметната фактура во
износ од 17.098,00 денари, а која сума требало да и биде вратена во рок од една
година. Плаќањето на предметната фактура го извршила тужителката во нејзино
име бидејќи сметката на тужениот сеуште не била активна, а парите што биле
уплатени биле од прометот кој го оставрил тужениот на денот на отварањето.
Доколку застапникот по закон на тужениот побарал заем од тужителката, тогаш
ќе составеле договор за заем, во кој ќе бил наведен износот и рокот за враќање,
што не е направено. Исто така не биле точни ниту наводите дека тужителката
побарала да и биде вратена сумата која ја уплатила бидејќи парите што ги
уплатила не биле нејзини, а кое нешто таа добро го знаела. За тоа дека парите
кои тужителката ги уплатила по фактурата не биле нејзини, била запозната
книговодителката - сведокот В. Ѓ. која го водела книговодството на тужениот, која
лично ја пополнувала уплатницата за уплата на фактурата и која била
запознаена со целокупното деловно работење на тужениот, за обврските и
побарувањата кои ги имале тужителот и тужениот. Од содржината на склучените
договори може да се види дека тужителката му продава на тужениот производи
наведени во чл.1, без некоја посебна ознака, марка, големина и произволно
утврдена цена, а во чл.2 е наведено да истите и бидат исплатени, но не е
наведено за кој период. Од самите договори може да се види дека се фиктивни,
не се заверени на нотар и имаат единствена цел, производите кои тужителката
ги имала набавено на црно да може да ги внесе во фирмата и да им даде
потекло, а воедно и да ја задолжи фирмата да има обврска кон тужителката која
во тоа време била управител на тужениот. Двата договори на место купувач и
продавач се потпишани од тужителката, односно сама на себе си ја продавала
стоката. Стоката која на овој начин била внесена кај тужениот била продавана и
од тие пари тужителката како управител и основачот на тужениот земале плата,
се плаќале придонеси, како и сите давачки на тужениот како правно лице. Овие
договори се целосно недозволени. Така согласно чл.39 од ЗОО, како ништовен
договор се смета оној договор кога предметот на обврската е невозможен,
недозволен, неопределен или неопределив. Во случајов предметот на обврската
е недозволен бидејќи тужителката продавала стока на црно, па поради тоа овие
договори се ништовни. Од друга страна од изведените докази може да се утврди
и тоа дека нема побаруавње на заем за купување на фискалната каса, како и тоа
да тужителката како управител на тужениот со своето несовесно работење во
2017 година го довела во загуба тужениот во износ од 93.928,00 денари.
Предлага во целост да се одбие тужбеното барање како неосновано. Бара
надомест на трошоци во спорот.
Од изведените докази на расправата и тоа од увид во: тековна состојба

3
«МАЛВП.66/18»

бр... од 05.03.2018 година за тужениот издадена од ЦР на РМ РРК В., фактура


бр.4-214/20108 од 13.10.2016 година издадена од ДППУ А. ДООЕЛ експорт-
импорт С., пријава/одјава во задолжително социјално осигурување образец
М1/М2 од 14.10.2016 година, уплатница од 13.10.2016 година од налогодавач
сега тужителката за примач ДООЕЛ А. С. на износ од 17.098,00 денари, договор
за продажба на трговска стока од 10.11.2016 година и договор за продажба на
трговска стока од 08.07.2017 година, решение на ЦР на РМ под деловоден бр...
од 22.01.2018 година, тековна состојба за тужениот од 22.01.2018 година,
пријава/одјава во зад. Социј. осигу. Образец М1/М2 од 22.01.2018, достава на
годишна сметка од 28.02.2018 година до регистар за годишни сметки при ЦР на
РМ, Биланс на успех за период од 01.01. до 31.12.2017 година за сега тужениот,
како и од исказите на тужителката и застапникот по закон на тужениот сослушани
како странки, а по анализа и оцена на сите така изведени докази согласно со чл.
8 од ЗПП, судот ја утврди следната фактичка положба:
Тужителката била поранешен управител на тужениот, кај кој била
вработена на неопределено работно време сметано од 14.10.2016 година, што е
видно од пријава/одјава во задолжително социјално осигурување -образец
М1/М2 од 14.10.2016 година.
Со решение со деловоден број ... од 22.01.2018 година на ЦР на РМ,
тужителката е избришана како управител на тужениот и за управител е запишана
Жанета Ацкова од В. Работниот однос на тужителката и престанал по нејзино
барање со разрешување на управител.
Според тековна состојба бр.0805-50/150620180001091 од 05.03.2018
година издадена од ЦР на РМ РРК В., тужениот е со организационен облик 05.4 -
ДООЕЛ основан на ден 10.10.2016 година, со сопственик и управител Жанета
Ацкова од В., со приоритетна дејност 47.71 - трговија на мало со облека во
специјализирани продавници.
Од правното лице ДППУ А. ДООЕЛ експорт-импорт С. на име на тужениот
била издадена фактура бр.4-214/20108 од 13.10.2016 година со датум на
доспевање 20.10.2016 година на износ од 17.098,00 денари, за купопродажба на
фискална каса. Во цитираната фактура е содржан опис на стоката - фискална
каса, количина, цена без ДДВ, ДДВ, ед.ДДВ, вкупен ДДВ и вкупен износ со ДДВ -
17.098,00 денари. По цитираната фактура тужителката на ден 13.10.2016 година
извршила плаќање на наведениот износ од 17.098,00 денари, од нејзината
трансакциска сметка на сметката на правното лице ДППУ А. ДООЕЛ експорт-
импорт С. според налог за пренос од 13.10.2016 година,
Помеѓу тужителката од една страна како продавач и тужениот застапуван
преку тогашниот управител - сега тужителката од друга страна како купувач, на
ден 10.11.2016 година и 08.07.2017 година биле склучени договори за продажба
на трговска стока. Во чл.1 од договорите е наведено да предмет на истите е
продажба на трговски производи кои се наведени со назив, број, цена и вкупен
износ, а во чл.2, дека со овие договори продавачот му ја продава, а купувачот ја
купува стоката по принципот видено купено во вкупен износ од 28.800,00 денари
и вкупен износ од 18.410,00 денари и истите и бидат исплатени. Во чл.3 од
договорите е наведено да купувачот е овластен од страна на продавачот врз
основа на овој договор, да си ја регистрира стоката во свое име за понатамошна
продажба. Договорите се потпишани од договорните страни.
Во Биланс на успех (извештај за добивка или загуба) и во извештај за
останата сеопфатна добивка, за период од 01.01. до 31.12.2017 година, е
евидентирана загуба на тужениот во износ од 93.928,00 денари.

4
«МАЛВП.66/18»

Според исказот на сведокот В. Ѓ., по занимање книговодител, работела 38


години книговодство и сега е во пензија. Го водела книговодството на тужениот
од неговото основање па до денес. За извршување на книговодствените услуги
за потребите на тужениот била ангажирана од тужителката и сегашниот
управител на тужениот, кои заеднички и ортачки го основале тужениот. Денот
кога била извршена уплатата на паричниот износ од 17.098,00 денари -
13.10.2016 година, тужениот сеуште немал фискална каса, а веројатно
претходниот ден било отворањето на дуќанот, па дошла тужителката барала да
ги уплати парите од нејзината трансакциска сметка заради купување фискална
каса, па наведениот паричен износ бил уплатен од трансакциската сметка на
тужителката. Знае дека тужителката и сегашниот застапник по закон на тужениот -
Жанета Ацкова почнале со работа заеднички и се купувале заеднички. Конкретно
за овие парични средства за купување на фискалната каса не и било познато
каков бил нивниот меѓусебен договор. По 1-2 дена од нивна страна и било
кажано дека дел од внесените пари што биле уплатени преку трансакциската
сметка на тужителката биле од дневниот промет на тужениот од претходниот
ден, а 3.000,00 денари од 17.098,00 денари, биле лично на тужителката. Немало
ништо спорно за купување на фискалната каса. Во почетокот на оваа година
слушнала дека не можеле да продолжат заедно да работат, па според
документацијата останала да работи само Жанета Ацкова, сега управител на
тужениот, а на тужителката и престанал работниот однос.
Според исказот на тужителката сослушана како странка, заедно со
сегашниот управител на тужениот решиле заедно да почнат да работат, да водат
трговски дуќан за продажна на конфекција и кожна галантерија, а согласно
проектот „М. вработува“, според кој биле ослободени од плаќање на придонеси
за 5 години. Со работа почнале на 12.10.2016 година. Тогаш таа била управител
на тужениот, а сегашниот управител била основач на друштвото. Работата ја
започнале како ортаци, но таа имала парични вложувања во почетокот за
работата на дуќанот, бидејќи сегашниот управител на тужениот немала
финансиски средства. Од месец јули до месец ноември 2016 година плаќала 200
евра месечна кирија за дуќанот. На рака на сегашниот управител на тужениот и
дала 700 евра да оди во Грција и да набави роба за потребите на дуќанот. Исто
така во ноември 2016 година и пред нова година дала вкупно уште 200 + 300
евра за купување роба од Г. Во дуќанот се остварувал промет но не знае како во
дуќанот немало ни роба ниту пари, робата се продавала, а пари немало. Земале
плата од 12.500,00 денари, но со платата се доцнело по 1 месец. Фискалната
каса за потребите на тужениот била купена со лично нејзини парични средства
од нејзината трансакциска сметка. Таа не и кажала на сведокот В. дека дел од
тие парични средства од 17.098,00 денари биле од прометот остварен
претходниот ден и дека 3.000,00 денари биле лично нејзини, тоа веројатно и го
кажала сегашниот управител на тужениот. Со прометот од претходниот ден, од
денот на кој гласи фактурата за купување на фискална сметка и парите што биле
оставени при отворање на дуќанот, по 2-3 дена купиле стока од Г. Не можела да
се сети колку бил прометот претходниот ден ниту колку пари биле оставени при
отворање на дуќанот. Не зналеа за тоа дали биле повеќе или помалку од
17.000,00 денари. Паричните средства кои ги уплатила за купување на
фискалната каса требало да бидат вложени по 1/2 од нив двете, а сегашниот
управител требало да и ги врати за 1 година, тоа било усмено договорено, па
тужениот и должи 1/2 од нејзините вложени парични средства за купување на
фискална каса од 17.098,00 денари, бидејќи биле ортаци и биле договорени

5
«МАЛВП.66/18»

заедно да вложуваат. Сегашниот управител на тужениот немал побарано од неа


заем за купување на фискалната каса. Таа го побарува целиот износ за
фискалната каса бидејќи не била сигурна колку биле вложувањата во дуќанот на
сегашниот управител на тужениот. Предметните договори за продажба на
трговска стока од 10.11.2016 година и 08.07.2017 година биле потпишани од
нејзина страна и тоа како продавач од една страна и како управител на тужениот
од друга страна. Договорите се однесувале за стока која таа претходно ја имала
набавено од Г. и и била дома, а истите биле склучени за стоката да можела да
биде внесена во дуќанот и за да имаат документ за тоа. Кога и била купена таа
стока, претходно се занимавала со продажба на таква стока на црно. Цените на
стоката во договорите биле наведени според цената за која ги купила во Г. За
износите кои биле наведени во предметните договори биле договорени да и ги
исплати сегашниот управител на тужениот за една година. Стварите наведени во
договорите биле продадени во текот на 2017 година кога работел дуќанот. Исто
такви договори за продажба на трговска стока имала склучено и сегашниот
управител на тужениот за нејзина стока внесена во дуќанот, но не се сеќава на
кои износи биле тие договори, а за истите таа ништо не и исплатила, бидејќи таа
стока останала во дуќанот, а таа е сегашен управител на тужениот. Додека била
на работа кај тужениот стоката која ја внела со договорите за продажба на стока
сегашниот управител, се продала во текот на 2017 година. Работниот однос кај
тужениот и престанал на 22.01.2018 година по нејзино барање со разрешување
на управител. Последните 6 месеци односите помеѓу нив биле нарушени и не
можеле понатаму заедно да работат. Не се сеќава дали билансот од работа на
тужениот за 2017 година бил позитивен или негативен. Последните плати и биле
исплатени од сегашниот управител на тужениот. Во дуќанот кај тужениот
останала да работи сегашниот управител и оттогаш не биле во добри односи.
Не знае во каква загуба ја оставила фирмата кога дала отказ.
Според исказот на тужената, во текот на 2016 година со тужителката со
која добро се познавале и биле пријателки, решиле да работат заедно во
заеднички дуќан, согласно проектот „М. вработува“. Во почетокот бидејќи била на
боледување немала парични средства, но се договориле, тужителката да вложи
парични средства околу 1.000 евра со кои била платена киријата за период од
месец јули до септември 2016 година по 200 евра месечно. Од јули 2016 година
чекале да изминат три месеци за да можат да работат согласно цитираниот
проект па со работа започнале на 12.10.2016 година кога било отварањето на
дуќанот. На денот на отварањето во дуќанот имало стока, а тоа било конфекција
и кожна галантерија, која ја набавила од Г. Првото нејзино вложување за стока
било во износ од 30.000,00 денари, бидејќи земала кредит. Вложувала заедно со
тужителката, а сето тоа било евидентирано во програм Ексел, кој и бил испратен
на тужителката на нејзината е-маил адреса. На 13.10.2016 година, еден ден по
отоврањето на дуќанот, на рака и дала на тужителката сума од 14.500 денари,
парични средства од прометот на тужениот од претходниот ден, како и од
отворањето, што се оставале по подот на денот на отворањето. Тие пари и ги
дала на тужителката во дуќанот, која ги однела кај книговодителката затоа што
сметката на фирмата била активирана на 14.10.2016 година. Предметната
уплатница била напишана од книговодителката - сведокот В., а тужителката
дала плус 3.000,00 денари, кои биле внесени како влог на фирмата, а кои воедно
таа и ги надоместила во текот на заедничкото работење, на начин што внела
стока. Последното порамнување помеѓу нив било во април 2017 година кога
виделе дека влогот бил ист, но немало промет и платата тешко се исплатувала,

6
«МАЛВП.66/18»

а се работело за кризни месеци - јануари и февруари и прометот продолжил


тешко да оди. Стоката која ја внела тужителката во дуќанот не и била набавена
во Г., бидејќи имала забрана од 10 години за влез во Г., која истекла во месец
април 2017 година. Не знае од каде и била таа стока. Немало документ за
стоката која е наведена во предметните договори. Таа стока била заведена на
име на двете како залиха и се продавала и земале плата. Делот од стоката кој не
бил продаден си го земала тужителката кога и престанал работниот однос. Не е
точно дека се договорала со тужителката да земе заем од неа. Нема долг по
основ на предметните договори. Нема склучено договор за купопродажба на
стока за потребите на тужениот. Тужениот во 2017 година работел со загуба и
така ја завршил деловната година. На тужителката и престанал работниот однос
бидејќи таа така сакала. Се што навела било усно договорено помеѓу неа и
тужителката, односно немале потпишано никаков писмен договор за
вложувањата и обврските. Не е точно тоа што го бара тужителката, бидејќи
договорите се фиктивни.
Судот имајќи ја во предвид погоре утврдената фактичка положба одлучи
како во изреката, а од следните причини:
Според член 10 став 1 од ЗОО, учесниците во облигациониот однос се
должни да ја извршат својата обврска и се одговорни за нејзиното исполнување.
Според член 251 став 1 од ЗОО, доверителот во обврзан однос е
овластен да бара од должникот исполнување на обврската, а должникот е
должен да ја исполни совесно во сето како што гласи таа.
Така според чл.545 став 1 од ЗОО, со договорот за заем се обврзува
заемодавецот да му предаде на замопримачот определен износ пари или
определено количество други заменливи предмети, а заемопримачот се
обврзува да му го врати по извесно време истиот износ пари, односно истото
количество предмети од ист вид и квалитет.
Согласно чл.547 ст.1 од ЗОО заемодавецот е должен да ги предаде
определените предмети во договореното време, а ако рокот за предавање не е
определен тогаш кога тоа ќе го побара заемопримачот.
Според член 550 став 1 од ЗОО, заемопримачот е должен да го врати во
договорениот рок истото количество предмети, од ист вид и квалитет.
Договорот за заем е консензуален, а не реален договор затоа што се
склучува со гола согласност на волјите, кога двете договорни страни ќе се
договорат за предметот на заемот, износот на парите и времето на враќањето на
заемот. Тој е двострано обврзувачки договор но правата и обврските од него не
настануваат истовремено. Прво настанува обврската на заемодавачот да го
даде предметот на заемопримачот, а кога ќе истече времето на користење на
заемот настанува обврската на заемопримачот да ја врати истата сума.
Договорот е товарен кога заемопримачот е должен да плати и камата.
Судот имајќи ги во предвид погоре наведените факти и околности најде
дека не се исполнети условите предвидени во цитираните законски одредби
поради што следуваше тужбеното барање за исплата на заостанат долг по основ
на заем за уплатена фактура бр.4-214/2018 од 13.10.2016 година во износ од
17.098,00 денари, да се одбие како неосновано.
Така во конкретниот случај не е спорно дека тужителката и сегашниот
застапник по закон на тужениот - управител, согласно проектот „М. вработува“
заеднички се договориле да основаат фирма и заедно да работат.
По наоѓање на судот тужителката не докажа дека помеѓу неа и тужениот
бил склучен усмен договор за заем на парични средства во износ од 17.098,00

7
«МАЛВП.66/18»

денари, ниту пак докажа дека овие парични средства биле лично нејзини, иако
според исказите на тужителката и застапникот по закон на тужениот сослушани
како странки и исказот на сведокот В. Ѓ. неспорно се утврди дека истите биле
исплатени од нејзинат трансакциска сметка. Во прилог на ваквата одлука на
судот е и фактот што договорот за заем е таков вид на договор со кој
заемодавецот се обврзува да му предаде на замопримачот определен износ
пари на заемопримачот, а заемопримачот пак се обврзува на заемодавецот да
му го врати истиот износ пари. Во случајов според исказот на тужителката, на
тужениот не му дала на заем износ од 17.098,00 денари, туку тужениот и должи
1/2 од нејзините вложени средства за купување на фискалната каса бидејќи биле
ортаци и биле договорени заедно да вложуваат. Од наведеното произлегува
дека тужителката е контрадикторна во своите наводи во тужбата така што прво
наведува дека се работи за даден заем на тужениот, а потоа дека тужениот и
должи 1/2 од нејзините вложени средства за купување на фискалната каса, па во
такви околности истите се неприфатливи.
Во услови да товарот на докажување е на страна на тужителката,
согласно чл.205 став 1 од ЗПП, таа во постапката не докажа дека постои долг во
бараниот износ од тужениот за купување на фискалната сметка, ниту пак докажа
да на истиот му го дала на заем утужениот паричен износ, па следуваше да се
одлучи како во изреката така што се одби тужбеното барање како неосновано.
Во поглед на тужбеното барање кое се однесува на тоа да се задолжи
тужениот на тужителката да и исплати на име долг по основ на погоре
цитираните договори за продажба на трговска стока од 10.11.2016 година и од
08.07.2017 година во износ од 28.800,00 денари и износ од 18.410,00 денари,
судот го одби од следните причини:
Така според чл.10 став 1 од ЗОО учесниците во облигациониот однос се
должни да ја извршат својата обврска и се одговорни за нејзиното исполнување.
Според чл.18 од ЗОО, договорот е склучен кога договорните страни се
спогодиле за суштествените состојки на договорот.
Според чл.39 од ЗОО кога предметот на обврската е невозможен,
недоволен, неопределен или неопределив, договорот е ништовен
Според чл.43 став 1 од истиот закон, секоја договорна обврска мора да
има дозволен основ а според став 2 основот е дозволен ако е во согласност со
Уставот, законите и добрите обичаи.
Според чл.44 од истиот закон ако основот не постои или не е дозволен,
договорот е ништовен.
Според чл.45 став 1 од истиот закон, побудите од кои е склучен договорот
не влијаат врз неговата полноважност.
Согласно чл.95 ст.1 од ЗОО, договорот кој не е во согласност со Уставот,
законите и добрите обичаи е ништовен, ако целта на повреденото правило не
упатува на некоја друга санкција или ако со законот во определениот случај не е
предвидено нешто друго.
Според чл.96 ст.1 од ЗОО, во случај на ништовност на договорот секоја
договорна страна е должна да и го врати на другата сето она што го примила врз
основа на таквиот договор, а ако тоа не можно, или ако природата на она што е
исполнето му се спротивставува на враќањето, ќе се даде соодветен надомест
во пари, според цените во време на донесувањето на судската одлука, доколку
законот не определува ништо друго.
Така, ако двете странки биле несовесни во моментот на исполнувањето
на ништовното правно дело, по правило реституција не е дозволена.

8
«МАЛВП.66/18»

Според чл.101 ст.1 од истиот закон, на ништовноста судот внимава по


службена должност и на неа може да се повикува секое лице кое има правен
интерес, а според чл.102, правото на истакнување на ништовноста не се гаси.
За да биде еден договор полноважен битни елеметни се: согласност
на волјите на странките, односно способност за расудување и предметот на
обврската да е возможен и дозволен односно договорот да има кауза. Доколку
еден од битните елементи недостасува договорот е ништовен и не произведува
правно дејство.
Според чл.169 ст.2 од Законот за трговски друштва, кога друштвото има
еден содружник фирмата ги содржи зборовите: ,,друштво со ограничена
одговорност од едно лице" или ознаката: ,,ДООЕЛ".
Според чл.243 ст.1 од ЗТД, со друштвото со ограничена одговорност од
едно лице управува содружникот лично, или од него избран управител. Ако
единствениот содружник е правно лице, со друштвото управува, од него избрано
лице.
Од увид во договорите за продажба на трговска стока од 10.11.2016
година и 08.07.2017 година, се утврди дека помеѓу тужителката од една страна
како продавач и тужениот застапуван преку тогашниот управител - сега
тужителката од друга страна како купувач биле склучени договори за продажба
на трговски производи кои се наведени со назив, број, цена и вкупен износ и тоа
првиот договор за вкупен износ од 28.800,00 денари, а вториот за вкупен износ
од 18.410,00 денари, дека продавачот му ја продава, а купувачот ја купува
стоката по принципот видено купено во вкупните износи и истите и бидат
исплатени на тужителката, како и тоа дека купувачот е овластен од страна на
продавачот врз основа на овој договор, да си ја регистрира стоката во свое име
за понатамошна продажба.
Од исказите на тужителката и застапникот по закон на тужениот
сослушани како странки се утврди дека добро се познавале и биле пријателки,
дека се договориле да работат заедно и да отворат фирма, при што ќе работат
заеднички дуќан, дека тужителката донела нејзина стока во дуќанот, како и тоа
дека работниот однос на тужителката и престанал по нејзино барање.
Од исказот на тужителката се утврди дека таа ги потпишала предметните
договори за продажба на трговска стока од 10.11.2016 година и 08.07.2017
година и тоа од една страна како продавач и од друга страна како тогашен
управител на тужениот, дека договорите се однесувале за стока која таа
претходно ја имала набавено и и била дома, дека биле склучени за стоката да
можела да биде внесена во дуќанот и за да имаат документ за тоа, дека кога и
била купена таа стока, таа претходно се занимавала со продажба на таква стока
на црно, како и тоа дека не можела да се сети за тоа дали имала писмен
документ, фактура или друг документ за стоката за која биле склучени
предметните договори.
Од исказот на застапникот по закон на тужениот се утврди дека немало
документ за стоката која е наведена во предметните договори, дека таа стока
била заведена на име на двете како залиха и дека истата се продавала и зимале
плата, дека немала долг по основ на предметните договори, дека со тужителката
немале потпишано никаков писмен договор за вложувањата и обврските, како и
тоа дека не било точно тоа што го барала тужителката и дека договорите биле
фиктивни.
Во конкретниот случај не е спорно дека тужителката била поранешен
застапник по закон на тужениот, како и тоа дека сегашниот застапник по зкаон на

9
«МАЛВП.66/18»

тужениот е негов основач-сопственик. Неспорно е и тоа дека тужителката во


периодот кога била застапник по зкаон на тужениот, како негов управител ги
склучила предметните погоре цитирани договори за продажба на трговска стока.
Спорно е дали по предметните договори за продажба на трговска стока
тужениот спрема тужителката има долг во бараните износи.
Во случајов, кога се имаат во предвид погоре утврдените факти и
околности судот најде дека предметот на обврската во предметните договори за
продажба на трговска стока е недозволен, со оглед на тоа да тужителката нема
докази како, од каде и по која цена ја набавила, што се потврди од нејзиниот
исказ, така што наведува дека стоката ја набавила претходно (пред да биде
вработена кај тужениот) кога продавала стока на црно. Освен тоа на договорите
има само нејзин личен потпис за двете договорни страни односно како продавач
и како купувач, што е недозволено. Од наведеното произлегува дека
предметните договори за продажба на трговска стока не се склучени во
согласност со Уставот, законите и добрите обичаи, па се ништовни и не
произведуваат правно дејство па од нив не може да произлезе никаков долг за
тужениот.
Поради погоре наведеното следуваше тужбеното барање на тужителката
во целост да се одбие како неосновано.
При одлучувањето судот го ценеше приложениот доказ - Биланс на успех
(извештај за добивка или загуба) за период од 01.01. до 31.12.2017 година, но не
придонесе да се донесе поинаква одлука затоа што од него произлегува дека
тужениот во 2017 година работел со загуба а во конкретниот случај предмет на
спорот е долг по погоре наведените фактура и договори за продажба на трговска
стока.
Во поглед на трошоците во спорот судот одлучи како во изреката
согласно чл.148 од ЗПП, имајќи предвид дека тужителката не успеа во спорот па
должна е на тужениот да му ги надомести потребните трошоци за водење на
постапката во износ од 20.862,00 денари, кои се однесуваат за: награда за
состав на одговор на тужба со зголемување за 18% ДДВ, бидејќи е даночен
обврзник, износ од 6.136,00 денари и награда за две застапувања со
зголемување за 18% ДДВ секое по 7.363,00 денари или вкупно сума од 14.726,00
денари а според АТ .
Судот го одби барањето на тужениот на име трошоци во спорот да му се
надомести од тужителката уште износ од 1.000,00 денари кои се однесуваат за
такса за одговор на тужба бидејќи истото не е согласно со Закон за судски такси.

ОСНОВЕН СУД ВЕЛЕС, МАЛВП.66/18 од 23.05.2018 година

Суд иј а

Виолета Мојсова

ПРАВНА ПОУКА:
Против оваа пресуда недоволнатастранка има
право на жалба во рок од 8 дена по приемот
преку овој суд до Апелационен суд Скопје

10
«МАЛВП.66/18»

НАЛОГ ЗА ТАКСА:
Се задолжува тужителката да уплати судска такса за одлука по тужба износ од
2.000,00 денари во рок од 5 дена по приемот на налогот, затоа што во спротивно
истата ќе биде присилно наплатена и зголемена за 50%

ДН:
- За тужителка - адвокат Душко Петров од В.
- За тужен - адвокат Јованче Цилаков од В.

(Доколку странките или нивните полномошници се корисници


на електронско сандаче, доставата да се изврши електронски)

11

You might also like