You are on page 1of 2

Виетнамската војна 

или Втората индокинеска војна беше војна помеѓу Северен


Виетнам и Јужен Виетнам, поддржан од САД, во периодот од 1965 до 1973 година.
Според многу теоретичари, позадината на Виетнамската војна е директно детерминирана
од француското влијание во регионот (долго време југоисточниот дел на Азија е
нарекуван Француска Индокина), како и од новонастанатата поделба во повеќе аспекти,
која резултираше со формирање два реона на контрола: Северен и Јужен Виетнам, во кој
беа распоредени Ослободителната Армија и англо–француските трупи, соодветно. Оваа
делба се случи по капитулацијата на Јапонија, чии трупи на Северот се предадоа
на кинеските трупи, а на југ, на Французите и Британците. Сепак, постоеше и друга основа
за поделба на Виетнам, пред сѐ поради големите етнички, политички и социјални
раслојувања, како и диференцирањето на едно малцинство во Југот, кое водено од
материјални интереси беше прозападно ориентирано и дејствуваше како продолжена
рака на колонизаторите.
Вмешувањето на САД во целата ситуација е директно поврзано со Рузвелтовите ставови
дека Франција е нивниот сојузник од витален карактер во Европа. Шарл Де Гол и
останатите проекспанзионистички настроени француски фигури, пак, не сакаа да се
откажат од териториите во Индокина, и наоѓајќи се во исклучително неповолна ситуација
решија да ги повикаат нивните сојузници на помош. Сепак, тоа не беше обичен повик за
помош, туку повеќекратно предупредување дека без поддршка од САД во Индокина, тие
не би можеле да ги помагаат американските трупи во Европа, што државниот
секретар Дин Ејксон го опишал како уцена.
Надворешната политика на САД, пак, беше под големо влијание на Кенановата теорија за
задржување на СССР, како и домино теоријата, а дополнителен притисок создаде и
кампањата на сенаторот Мекарти, така што целиот овој маневар на вклучување во
индокинеските конфликти беше во духот на повоената американска надворешно-
политичка идеја. Впрочем, Мекарти и неговите сојузници успеаја да се наметнат и меѓу
демократите и го натераа Труман да преземе „соодветни мерки против злото на
комунизмот“ во Виетнам и Кореја. Впрочем, успеа да се создаде една грижа на совеста
како САД биле претерано попустливи према Русите, и дека „ја продале“ Полска на
конференцијата во Јалта, 1945 година.
Во меѓувреме, Виетнам се соочуваше со многу тешка ситуација. Поради јапонската
сурова окупација и лошите климатски услови кон крајот на 1945, населението се соочи со
изгладнување до смрт. Се споменува бројка од 2 милиона жртви. Кинеските
националисти на север и колонизаторите на југ, значително ја влошија социјалната
состојба, а многу луѓе беа бескрупулозно убиени од политички причини. Во целата таа
состојба, се појави комунистичкото движење Виет Мин на чело со Хо Ши Мин, кое
најпрвин го симна од тронот императорот Бао Даи, извојува независност на северниот
дел од државата во 1946 година и на 2 септември ја прогласи Демократската Република
Виетнам со главен град Ханој.
Во 1948 Французите ја отпочнаа таканаречената Прва индокинеска војна, која беше
последниот обид за задржување на власта над Виетнам. Таа траеше до 1954,
кога Франција конечно беше поразена и протерана од регионот.
Новиот американски претседател Двајт Ајзенхауер ја прифати Трумановата нацрт –
политика за Виетнам, а војната на Франција за зачувување на колонијалниот поредок
вешто ја преименува во антикомунистичка војна. По неговата победа на изборите
во 1953 го стимулираше американското сојузништво на страна на Франција во војната.
Меѓутоа, на крајот и САД излегоа како поразени.
Веднаш по поразот, беше формиран Пактот Манила (СЕАТО - Southeast Asia Treaty
Organization – во која членуваа САД, Британија, Франција, Австралија, Нов
Зеланд, Пакистан, Тајланд и Филипините) кој на својата агенда имаше само за цел борба
против комунизмот. Овој пакт, сепак, беше повеќе дипломатски основан, отколку што
претставуваше воен сојуз.
Во истата таа 1954 беше одржана и Женевската конференција, на која се
одлучи Виетнам да остане поделен – на север да се зачува ДРВ на чело со Хо Ши Мин, а
на југот, да се создаде Република Виетнам, да се симне императорот Бао Даи (кој од
историчарите ја има добиено титулата пион), а да се постави проамерикански
претседател – Нго Дин Дием (припадник на католичкото малцинство). Тој, не ги исполни
зацртаните планови од Женева, а за тоа имаше алиби бидејќи не беше потписник.
Ветените избори кои требаше да се одржат во 1956, никогаш не се случија.
Населението на Југот беше незадоволно од новиот режим. Затоа, идеологијата на Виет
Мин најде одлична подлога за своја експанзија. Хо Ши Мин и неговата влада отворено ги
поддржаа активистите на Ослободителниот Фронт. Ханој многу вешто ги искористи свежо
неутралните Лаос и Камбоџа за воспоставување коридори преку кои праќаа ресурси за
поттикнување на револуција. Сепак, до 1962 успехот беше на страната на Нго Дин Дием,
пред сѐ поради огромната поддршка од страна на САД, иако многу територии
вон Сајгон воопшто не беа под негова контрола.
Сепак, во 1963, се случува првата поголема офанзива од страна на Фронтот, која е
позната како Битката на Ап Бак. Тука Виетконговците победуваат, а од овој миг се смета
дека е започната Втората индокинеска, т.е. големата американско–виетнамска војна.
По овој пораз, претседателот Џон Кенеди, кој беше голем скептик во поглед на
компетенцијата на Дием да го води Јужен Виетнам во анти-комунистичката војна,
заговара негов атентат и решава да преземе порадикални мерки во битките со
Виетконговците. Во истиот дух продолжи и политиката под Линдон Џонсон.
Во целата криза во Индокина, многу важно е што немаше никаква објава на војна ниту од
американска ниту од страната на Фронтот. Впрочем, целата војна се одвиваше преку
акциите на американските специјални единици (командосите) и герилските единици
на Виетконговците. Впрочем, тоа беше стратешка одлука на САД, бидејќи во Конгресот
владееше голем страв од можната реакција на СССР и воопшто, Варшавскиот пакт, а
притоа сеќавањата од Втората светска војна беа сѐ уште свежи. Затоа и не се презедоа
некои поголеми офанзиви, иако во тој период барем теоретски, Американците беа
значително надмоќни во однос на Виетконговците.

You might also like