You are on page 1of 19

Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф.

д-р Ленче Милошева

УМИРАЊЕ И СМРТ

o Дефинирање на смртта и умирањето и односот живот-смрт


o Смртта низ развојна перспектива
o Соочување со сопственaта смрт
o Соочување со смртта на друга личност

За повеќето луѓе смртта е застрашувачка појава, пред сè губење на себеси. Без


разлика што смртта може да се случи во кој било период од животот, најчеста
асоцијација на смртта е за периодот на старост, како за природен биолошки крај на
животот. Социјалното значење на смртта е престанок на нечиј живот, кој најчесто ги
погодува семејството, пријателите и другите личности кои биле блиски на умрената
личност. Емоција која често се поврзува со смртта е стравот. Специфичните стравови
од смртта варираат од личност до личност. За смртта е исто така, често врзана
анксиозноста која може да биде одраз на конфликти од детството, кои се длабоко
потиснати и несвесни. Тоа може да биде страв од одвојување од личностите кои ги
сакаме или, пак, чувство на вина и изневереност дека не сме ги исполниле обврските
кон себеси, семејството и заедницата.
Смртта психолошки можеме да ја разбереме ако ги познаваме следните
компоненти: (а) смртта е иреверзибилна, што значи дека организмот кој умира не
може да се врати во живот; (б) со смртта престануваат сите животни функции; (в)
смртта е универзална, што подразбира дека смртта им се случува на сите живи
организми.
Кај луѓето помалку или повеќе постои желба за бесмртност. Постарите луѓе, за
разлика од помладите ја прифаќаат смртта како дел од судбината која никој не може
да ја одбегне. Тие се плашат помалку од смртта, бидејќи се подготвени емоционално.
Квалитетот на живеење што го имала личноста е поврзан со степенот на анксиозност
во врска со сопствената смрт.

ДЕФИНИРАЊЕ НА СМРТТА И УМИРАЊЕТО И ОДНОСОТ ЖИВОТ-СМРТ


Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

Во овој дел од учебникот ќе посветиме внимание на смртта и умирањето, како и


односот на животот и смртта. За почеток, ќе се обидеме да ја определиме смртта.
Посебно нè интересира дали постои некоја определена точка од животниот циклус во
која можеме да ја сместиме смртта или пак смртта е повеќе процес кој се надградува и
развива низ животниот циклус.
Во последните неколку декади, дефинирањето на смртта стана многу
покомплексно од порано (Corr, Nabe, & Corr, 2003; Joffe & Anton, 2006). Поранешното
определување на смртта се сведуваше на завршување на виталните функции, како
што се дишење и крвен притисок, и ригидност на телото. Тие беа јасни знаци за смрт.
Мозочна смрт e понова невролошка дефиниција за смртта, според која
личноста е мозочно мртва кога сите електрични активности на мозокот гаснат за
одреден период на време. Рамен (хоризонтален) ЕЕГ (електроенцефалограм) снимен
за одреден период на време е еден од критериумите за мозочна смрт. Повисоките
области на мозокот најчесто умираат побрзо од пониските области на мозокот. Бидејќи
пониските мозочни делови го контролираат чукањето на срцето и дишењето,
индивидуите чии повисоки области на мозокот згаснале, можат сепак да продолжат да
дишат и да им чука срцето. Дефинициите за мозочната смрт се актуелни во
медицинските кругови, вклучувајќи ја смрта на повисоките кортикални функции и
пониските функции на мозочните клетки (Bernat, 2005).
Некои медицински експерти сметаат дека критериумот за смрт би требало да го
вклучи само функционирањето на вишите кортикални функции. Значи, со други
зборови тие зборуваат за кортикална смрт. Примената на оваа дефиниција значи дека
лекарите можат да кажат за некоја индивидуа дека е мртва, ако вишите кортикални
функции се згаснати, покрај тоа што мозочните клетки од пониските мозочни области
сè уште функционираат. Подржувачите на овој критериум како аргументи за неговата
оправданост наведуваат дека вишите когнитивни функции кои се карактеристични за
човечкото суштество, како интелигенција и личност се лоцирани во вишите кортикални
делови од мозокот. Тие веруваат дека кога овие функции ќе се изгубат, тогаш
„човечкото суштество“ не е повеќе живо.
Постојат ситуации, како што се тешки болести или несреќи, во кои пациентите
не се во состојба сами да донесат одлука за својот живот, ниту пак се способни
адекватно да одговорат и да партиципираат во одлуките за медицинската нега.
Во одредени земји во светот, како на пример во државите на САД, постојат
законски регулативи кои им дозволуваат на лицата кои се дијагностицирани од двајца
лекари како терминално болни, да потпишат документ со кој изјавуваат и ги
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

обврзуваат лекарите во институцијата во која се лекуваат дека нивниот живот не смее


да биде одржуван и пролонгиран кога смртта е неизбежна (Giger, Davidhizar &
Fordham, 2006, според Santrock, 20011 a). Документот морал да се потпише додека
индивидуата сè уште е свесна и може да носи одлуки за себе.
Под еутаназија („лесна смрт“) се подразбира чин на безболно завршување на
животот на индивидуите кои страдаат од неизлечива болест или сериозни
пореметувања. Понекогаш, еутаназијата се нарекува „убивање од милост“. Се прави
разлика помеѓу два типа на еутаназија: пасивна и активна.
Пасивна еутаназија постои кога на индивидуата ѝ е дозволено да умре со
одбивање на третманот, односно преку повлекување на апаратите кои го одржуваат
во живот. На пример, ова може да значи исклучување на респиратор или машина за
одржување на срцето. Активна еутаназија постои кога смртта е намерно предизвикана,
најчесто преку внесување на смртоносна доза на лек.
Суштината на одлуката за еутаназија е поврзана со квалитетот на живот. Во
зависност од моралниот систем на вредности и законските регулативи на една земја,
еутаназијата е дозволена или пак најостро осудувана. Таа со себе повлекува низа
морални дилеми и непознатици.
Во повеќето земји во светот смртта е често поврзана со осаменоста, болката и
неизвесноста. Индивидуите кои умираат често добиваат премалку или премногу нега.
Најновите технолошко-медицински достигнувања од една страна овозможуваат
пролонгирање на животот, а од друга страна потешко умирање поради пролонгирање
на неизбежното. Исто така, лековите за ублажување на болка не се семоќни и голем
процент на индивидуи искусуваат сериозни болки во последните денови од животот.
Постои проблем и со недоволна стручност и недоволна и неадекватна едуцираност во
нудењето на нега на личноста која е на умирање. Овој вид на нега од страна на
медицинскиот тим би требало да ги вклучи и испочитува целите, преференциите и
изборите на пациентите и нивното семејство (Boyle, Miller, & Forbes-Thompson, 2005).
На овие пациенти им е неопходна социјална поддршка и друштво. Институциите и
сервисите кои нудат нега на пациенти кои се на смртна постела им помагаат смртта да
биде што е можно полесна и побезболна. Едно од познатите гледишта е дека „добрата
смрт“ вклучува физичка удобност, поддршка од саканите, прифаќање и адекватна
медицинска нега (Wortman & Boerner, 2007).
„Дом за немоќни“ програмата (англ. hospice) e програма која е посветена на
пациенти кои се на умирање, со цел да им се овозможи колку што е можно повеќе
крајот на животот да им биде ослободен од болка, анксиозност и депресија. За
разлика од целите на болничките програми кои се главно насочени кон лекување на
болестите и пролонгирање на животот, оваа програма ја нагласува палијативната
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

нега, што подразбира редуцирање на болката и страдањето и им помага на лицата да


умрат со достоинство (King & Quill, 2006). Тим на медицински стручњаци работат
заедно на третирање на симптомите на лицето кое умира, овозможувајќи ѝ колку што
е можно повеќе удобност, покажувајќи интерес за личноста на пациентот, како и
семејството на пациентот, и помагајќи им да се соочат со смртта.
Почетокот на „Дом за немоќни“ програмата бил на крајот на шеесетите години
на минатиот век во Лондон, со отворањето на медицинска институција, центар за
хоспис нега, без присуство на единци за интензивна нега, машини за одржување во
живот, итн. Примарната цел била да се стави болката под контрола и да им се
помогне на пациентите кои умираат да се соочат со смртта на психолошки здрав
начин. Програмата го вклучува не само пациентот туку и неговото семејство, односно
членовите на семејството кои на овој начин се уверуваат дека направиле максимум за
пациентот.
Подоцна ова движење се раширило во САД и низ земјите во целиот свет.
Денешните сервиси и програми од овој вид се најчесто современа комбинација на
институционална и програма во домашни услови, дизајнирана со цел да му се
обезбедат најхумани услови на пациентот кој умира, опкружен во љубов со
семејството и најблиските пријатели.

СМРТТА НИЗ РАЗВОЈНА ПЕРСПЕКТИВА

Прашањата поврзани со смртта отсекогаш биле мистични, но и отсекогаш


буделе интерес. Во овој дел ќе се обидеме да ги разјаснеме причините поради кои
најчесто доаѓа до смрт, како и различните ставови и очекувања кои ги имааат
индивидуите во различни временски периоди низ животниот циклус.
Смртта може да се случи во разни точки од животот, во различен временски
период од животниот циклус. Смртта може да се појави уште во пренаталниот развој
преку абортус или преку смртта на фетусот (спонтан абортус). Смртта исто така може
да се појави за време на породувањето или во текот на првите денови по раѓањето,
поради некој дефект при раѓањето или, пак, поради тоа што новороденчето не се
развило адекватно за да опстане надвор од утерусот. Веќе го спомнавме синдромот
на ненадејна смрт (англ. Sudden infant death syndrome, SIDS), при кој новороденчето
обично во текот на ноќта престанало да дише и умира без некои видливи знаци (Hunt
&Hauck, 2006).
Во детството смртта најчесто се појавува поради несреќи (сообраќајна несреќа,
давење, тровење, пожар или пад од високо место) или болести (срцеви болести,
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

карцином или дефекти при раѓање). Во споредба со детствотото, смртта во


адолесценција е поверојатно да се случи поради сообраќајна несреќа, суициди или
пак, убиства.
Постарите возрасни е поверојатно дека умираат од хронични болести, како што
се срцевите болести и карциноми. Тие ги намалуваат нивните витални и адаптивни
капацитети и често може да се види процесот на умирање како полека се одвива и
исцрпувачки води до смрт. Помладите возрасни е поверојатно дека умираат повеќе од
несреќни настани, но не е исклучено исто така, дека и тие, како и возрасните од
средните возрасни периоди, се разболуваат и умираат од срцеви болести и
карциноми.
Голем број истражувања пронашле дека како што растат децата, тие развиваат
многу позрел приод кон смртта (Hayslip & Hansson, 2003). Годините на децата и
возрасните влијаат на начинот на кој тие мислат и ја осознаваат смртта. Зрелата
концепција на возрасните за смртта вклучува разбирање дека смртта е финална и
иреверзибилна, дека смртта го претставува крајот на животот, и дека сите живи
организми се раѓаат и на крај умираат.

o Период на детство

Повеќето истражувачи веруваат дека новороденчињата немаат дури ни


рудиментиран концепт за смртта. Со самото воспоставување и развивање на
емоционалното врзување на новороденчето со родителите или значајните други луѓе
кои се грижат за него, новороденчето може да искуси загуба или сепарација и
придружна анксиозност. Но, да се потсетиме дека децата во ран детски развој не го
перцепираат времето онака како што тоа го прават возрасните, па дури и кратките
сепарации се доживуваат како целосни загуби. Постојат многу малку емпириски
податоци за искуството на новороденчето со тагување, иако општо познато е дека
загубата на родителот, посебно кога не е заменет со старател, може да доведе до
многу негативни последици по менталното здравје на новороденчето.
Деца на возраст од 3 до 5 години немаат воопшто, или пак имаат многу малку,
идеи за тоа што значи смртта. Тие дури можат да ја помешаат смртта со спиењето и
да бидат зачудени зошто некој не се движи. Дете на оваа предучилишна возраст ретко
се вознемирува од сликата за мртво животно, или пак, ако му биде кажано дека некое
лице е мртво. Тие веруваат дека со хранење, медикаменти или пак, на некој магичен
начин мртвиот може да се врати во живот.
Исто така, веруваат дека умираат само лоши луѓе, луѓе кои сакаат да умрат.
Деца на возраст од 3 до 5 години, во согласност со нивниот когнитивен развој, можат
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

да се обвинат себе за смртта на некој што го познаваат многу добро, нелогично


резонирајќи дека настанот можеби се случил поради непочитувањето и
непокорувањето кон личноста која починала.
Понекогаш во период на средно и доцна детство се развива пореалистична
перцепција на смртта. Во едно дамнешно истражување на детската перцепција на
смртта, децата од 3 до 5 години одрекуваат дека смртта постои, додека деца од 6 до 9
години веруваат дека смртта постои, но им се случува само на некои луѓе, и децата
постари од 9 години ја препознаваат финалноста и универзалноста на смртта
(Nagy,1948, според Berk, 2013). Заклучокот од прегледот на истражувањата на
детската концепција за смртта, е дека децата под 9-годишна возраст не можат да ја
видат смртта како универзална и нереверзибилна. Повеќето деца, пак, под 7-годишна
возраст не сметаат дека смртта воопшто постои. Тие коишто сметаат дека постои ја
гледаат како реверзибилна.
Познатиот експерт за смрт и умирање, Кастенбаум (Kastenbaum, 2000) зазема
сосема различен поглед на развојните димензии на смртта и умирањето. Тој смета
дека дури многу мали деца се свесни за сепарацијата и загубата, како што впрочем
сметал и Болби (Bowlby, 1980). Кастенбаум сметал дека многу деца се трудат напорно
да ја разберат смртта. Така, наместо да тврди дека децата имаат нелогични
перцепции за смртта, Кастенбаум мислел дека многу поадекватно е да се тврди дека
децата се грижат за смртта и дека се стремат да ја разберат. Хejслип и Хансон
(Hayslip & Hansson, 2003) го разјасниле понатаму детското искуство со смртта на
другите. Тие заклучиле дека искуството со смртта на родителите, дедовците, бабите,
пријателите, идолите (фимски ѕвезди, музички ѕвезди, спортски фигури) е посебно
моќно искуство кое има големо влијание врз детската свесност за смртта. Посебно
разорно дејство врз менталното здравје на детето имаат смртта на родител/родители
или пак брат/сестра. Нагласената хиперсензитивност, депресија, стравот од загуба и
на другите луѓе околу него влијаат на успехот во училиштето, односите со врсниците и
воопшто, целокупното функционирање.
На прашањето која е најдобрата стратегија кога дискутираме за смртта со
децата, психолозите најчесто одговараат дека тоа е искреноста. Покрај тоа што во
повеќето општества (меѓу кои и нашето) ретко се дискутира за смртта, сепак
третирањето на смртта како концепт кој не треба да се спомнува е сосема
неадекватна стратегија.
Се наметнува прашањето, покрај стратегијата на искрен разговор со детето за
смртта, кои други стратегии би биле адекватни. Најдобриот одговор на детските
прашања за смртта главно зависат од нивото на детската созреаност (Aiken, 2000,
според Patterson,2009). На пример, предучилишните деца бараат помалку
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

елаборирано објаснување отколку поголемите деца. Смртта може да им се објасни на


предучилишните деца во едноставни физички и биолошки термини. Она што на овие
деца им е потребно многу повеќе, од елаборирано објаснување за смртта е
осигурување дека се сакани и заштитени и дека нема да бидат напуштени. Во
зависност од нивната возраст, возрасните би требало да бидат емпатични,
сензитивни, охрабрувајќи ги да ги изразат своите сопствени чувства и идеи.
Кај терминално болните деца-пациенти, развојното ниво, социјалната
поддршка и вештините за справување се одлучувачки и влијаат врз тоа како, колку
добро тие деца ќе се справат со сознанието дека ќе умрат. Вообичаено за овие деца-
пациенти е што кога ќе навлезат во последната терминална фаза и ќе се наближат до
смртта, тие се дистанцираат од своите родители. Дистанцирањето може да значи
депресивност која е многу честа кај ваквите болести, но и обид или детски начин да ги
заштитат родителите од пресилната тага која надоаѓа по смртта.

o Период на адолесценција

Во адолесценција, сликата за смртта е поврзана со сликата за стареење и со


тоа далеку од нивната младост. Смртта како предмет на размислување или
зборување адолесцентите најчесто ја одбегнуваат, ја претвораат во хумор, ја
доживуваат многу површно, ја неутрализираат и контролираат со заземање на став
како набљудувачи. Оваа перспектива на гледање на смртта е типична за селф-
ориентираната мисла на адолесцентот. Но, некои адолесценти сепак мислат на
смртта како на концепт кој се обидуваат да го разберат преку перспективата на својата
смрт, што е разбирливо со оглед на формалното мислење и разбирање на
апстрактните концепти на оваа возраст.
Смртта на врсниците, родителите, браќа, сестри, баба, дедо, роднини, ја
донесува смртта во животот на адолесцентите. Самоубиството на врсник може да
биде исклучително тешко за адолесцентот, посебно што адолесцентот ќе има чувство
на вина бидејќи не успеал да го спречи самоубиството и да ги види сигналите на
врсникот, кој најчесто е отфрлен од групата адолесценти, што предизвикува чувство
на вина и одговорност за нивната смрт (Hayslip & Hansson, 2003).
Адолесцентите развиваат многу поапстрактни концепти за смртта за разлика од
децата. На пример, адолесцентите ја опишуваат смртта во термините на темното,
светлото, преминот и ништожноста (Wenestam & Wass, 1987). Тие исто така развиваат
религиски и филозофски погледи за природата на смртта и дали постои живот по
смртта. Овде ќе се потсетиме на концептите за егоцентризмот на адолесцентите и
нивните фаворизирани преокупации со самите себе, дека се недопирливи и
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

непобедливи, кои беа изнесени во претходните поглавја. Значи, не е невообичаено за


адолесцентите да мислат дека се некако имуни на смртта и дека таа им се случува на
некои други луѓе, а не на нив.

o Периоди на зрелост

Засега не постојат истражувачки наоди дека постои посебна ориентација кон


смртта во периодот на рана зрелост. Свесноста за смртта се зголемува со
придруженото чувство дека доаѓа староста и дека годините одминуваат, што е
посебно интензивирано во средната и доцна зрелост. Средновечниот период е период
кога индивидуите прават баланс и кога мислат сè повеќе на тоа уште колку време им
останало од нивниот живот. Истражувачите пронашле дека возрасните во
средновечниот период се плашат многу повеќе од помладите возрасни, но и од
постарите возрасни индивидуи (Hayslip & Hansson, 2003). Постарите возрасни, мислат
и зборуваат многу повеќе за смртта, отколку средновечните и помладите индивидуи.
Тие имаат поголемо и подиректно искуство со смртта поради тоа што нивните
пријатели и роднини се разболуваат и умираат. Постарите возрасни индивидуи се на
некој начин принудени да го преиспитуваат значењето на животот и смртта и тие
мислат на нив многу често (Hayslip & Hansson, 2003).
Помладите возрасни кои умираат често се чувствуваат измамени, многу повеќе
отколку постарите возрасни кои се на умирање. Ова е главно поради тоа што,
помладите возрасни имаат чувство дека немале шанса да го направат тоа што сакаат
во својот живот, односно нивната перцепција е дека го губат она што би можеле дa го
достигнат. За разлика пак од нив, перцепцијата на постарите возрасни е дека тие го
губат она што веќе го достигналe и го имаат (Santrock, 2011 a,b).
На подоцнежна возраст, сопствената смрт може да се прифати полесно отколку
на помлада возраст. Ова е пред сè поради поради почестото мислење за смртта и
покаченото чувство за интегритет кое се развива преку позитивен преглед и баланс од
животот, кое им помага на постарите луѓе да ја прифатат смртта. Тие имаат помалку
незавршени работи и планови отколку помладите возрасни. Нивните деца, доколку ги
имаат, се веќе изведени на пат и самостојни, некои од нивните сопруги се веќе
починати, тие имаат помалку незвршени работни проекти. Дури и помеѓу постарите
возрасни, ставовите кон смртта варираат.

o Смртта и културниот контекст


Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

Во претходниот дел веќе спомнавме за историските промени во сфаќањето на


поимот смрт и за покачената комплексност во одредувањето кога некој е мртов.
Другата историска промена се однесува на возрасната група со најголема стапка на
смртност.
Искуството за смртта и ставовите за смртта се културно детерминирани и
можеме да кажеме дека постојат културни варијации од една до друга култура (Talib,
2005;Warren, 2005;Yasien-Esmael & Rubin, 2005, според Santrock, 2011 a, b). Древните
Грци верувале во живеење на исполнет живот и славна смрт и ова било често
спомнувано мото. Индивидуите стануваат посвесни за смртта во услови на владеење
на војна, глад и болести. Повеќето општества низ историјата имале историски или
религиозни верувања за смртта, како и разни ритуали кои им помагале на луѓето да се
справат со смртта. Смртта може да биде видена како казна за нечии гревови, чин на
покајување и судење од Бога. За некои, смртта е чин на среќа, ослободување од
товарот на земскиот живот, а пак за други и самата помисла на смрт е извор на
несреќа. Во поголем број општества, смртта не е видена како крај на постоењето – по
умирањето на биолошкото тело, постои верување дека спиритуалното тело останува
да живее. Културните варијации во ставовите према смртта вклучуваат верување во
реинкарнација, што е важен аспект од Хинду и Будистичката религија. Во други
култури како на пр. Гонд во Индија, за смртта се верува дека е предизвикана од
демони и од магии, а членовите на оваа култура реагираат многу луто на смртта. Во
Танала културата од Мадагаскар, за смртта се верува дека е предизвикана од
природни сили и членовите на оваа култура покажуваат многу посмирени реакции во
онос на смртта.

СООЧУВАЊЕ СО СОПСТВЕНАТА СМРТ

Сознанието за неизбежноста на смртта ни дозволува да поставиме приоритети


и да го структурираме нашето време според нив. Како што старееме, овие приоритети
и структурирања се менуваат. Се менуваат исто така и приоритетните вредности.
Повеќето индивидуи кои се на умирање бараат можност да донесат некои одлуки кои
им се важни и кои се однесуваат на нивниот живот и смрт. Едно од важните прашања
кои се обработени во овој дел е прашањето за тоа дали соочувањето со смртта се
одвива низ секвенци или стадиуми.

o Стадиумите на умирање според Kubler Ros (Kübler-Ross)


Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

Кублер Рос (Kübler-Ross, 1969) го поделила однесувањето и мислењето на


личностите кои се на умирање во пет стадиуми: одрекување и изолација, гнев,
пазарење, депресија и прифаќање.
Според Кублер Рос, негирање и изолација е првиот стадиум од умирањето, во
кој личноста одрекува дека смртта навистина ќе се случи. Личноста често вели: „Ова
не е можно мене да ми се случува. Мора да е некаква грешка“. Ова е честа реакција на
терминално болни пациенти. Негирањето е често само привремена одбрана на
личноста. Подоцна, тоа се заменува со зголемена свесност на личноста која се
соочува со финансиски незавршени прашања, незавршени професионални планови,
грижа за членовите на семејството.
Гневот е вториот стадиум од процесот на умирање, во кој Кублер Рос смета
дека одрекувањето не може долго да се одржи. Одрекувањето често им остава
простор на бесот, незадоволството, и завистта да се појават и владеат со личноста.
Најчесто прашање во овој стадиум кое си го поставува е прашањето: „Зошто јас?“. Во
овој стадиум, личноста е многу тешка за нега бидејќи целиот гнев и бес се
проектираат врз членовите на семејството и медицинскиот тим, па дури и за
религиозните кон Бога. Сознанието и чувството на загуба кај личностите што умираат
е многу големо, така да сè што претставува знак за живот и симболизира енергија и
компетентно функционирање кај другите луѓе, е повод за нивно незадоволство и
љубомора.
Пазарењето е третиот стадиум во умирањето според Кублер Рос, во кој
личноста која умира развива надеж дека смртта може некако да се одложи или
задоцни. Некои личности се пазарат или преговараат дури и со Бога, обидувајќи се да
ја одложат својата смрт. Психолошки, личноста често вели : „Да, јас, но....“. Во
пазарењето или преговарањето, тие во замена за еден ден, месец, година, ветуваат
сè што имаат.
Депресија e четвртиот Кублер Росов стадиум на умирање, во кој личноста која
е на умирање почнува да ја прифаќа смртта и нејзиното сигурно доаѓање. Во овој
период, се појавуваат депресијата и тагата која ја подготвуваат личноста за она што
следи. Личноста која е на умирање може да стане многу повлечена, да ги одбива
посетителите и поголем дел од времето да поминува во тагување и плачење. Ова
однесување е адекватно за овој стадиум затоа што значи обид на личноста да се
раздели себе од саканите. Значи, во овој стадиум фокусот на размислувањата на
личноста се кон претстојната смрт и многу погрешно е доколку медицинскиот тим или
пак семејството и пријателите се обидуваат да го развеселат болниот.
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

Прифаќањето е петтиот стадиум од умирањето и според Кублер Рос, ова е


стадиум во кој личноста која е на умирање развива чувство на мир, прифаќање на
сопствената судбина, и во многу случаи, желба да биде сам. Ова е крајот на борбата
со смртта, стадиум на финално одморање од смртта.
Кублер Рос и нејзината поделба на стадиумите низ кои минува личноста која е
на умирање била пионерски чекор во обидот да се сврти вниманието на квалитетот на
живеење на болниот, како и на стратегиите и начините на справување посебно со
терминалните болести. Но, критиките укажуваат на многу недостатоци, кои пред сè се
однесуваат на непостоење на истражувања кои би ги поткрепиле нејзините тврдења.
Исто така, според Кастенбаум (Kastenbaum, 2004) една од главните критики се
однесуваат на неземање предвид на спецификата на неговата болест, социјалната
поддршка на болниот, неговото семејство и инситуционалната клима.
Поради постоечките критики на стадиумите на Кублер Рос, некои психолози
сметаат дека е поприфатливо на стадиумите да се гледа само како на потенцијални
реакции на болниот на смртта и умирањето. Во тие моменти се појавува мешавина и
наплив од емоции кои доаѓаат и исчезнуваат. Надежта, беспомошноста, очајот,
неверувањето, гневот и прифаќањето се појавуваат и исчезнуваат бидејќи личноста се
обидува да сфати што им се случува. При соочувањето со сопствената смрт,
психолозите сметаат дека кај повеќето личности кои не ја прифаќаат смртта и го
негираат нејзиното доаѓање, за разлика од личностите кои не се борат со неа и на
некој начин мирно се препуштаат да дојде крајот, првата група на болни имаат повеќе
тешкотии да го пронајдат својот мир и да умрат на достоинствен начин.
Профилот на личноста и степенот до кој личноста ја пронашла исполнетоста и
смислата на животот се тесно поврзани со пристапот на личноста кон смртта.
Перцепираната контрола може да биде адаптивна стратегија за прифаќање на смртта
за некои постари личности. Кога личностите веруваат дека можат да ги контролираат
настаните и да влијаат врз нив, како што е на пр. пролонгирање на сопствениот живот,
тие стануваат поведри и пооптимистични. Негирањето, исто така може да биде
адекватен начин за некои индивидуи во нивниот пристап кон смртта и може да биде
адаптивно и неадаптивно. Негирањето може да се искористи да се одбегне
деструктивното влијание на шок преку задоцнување на потребата од справување со
сопствената смрт. Но, исто така може да биде и крајно маладаптивно, на пр. ако тоа
лажно ја штити личноста од операции за спасување на животот. Значи, негирањето не
е само по себе ниту лошо, ниту пак, добро за личноста која е на умирање. Нејзините
адаптивни квалитети се оценуваат низ очите на личноста која е на умирање.
Покрај профилот на личноста, за разбирање на процесот на соочување со
сопствената смрт, исто така важен фактор е контекстот во кој личноста умира, дали е
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

тоа домашна атмосфера во која личноста се чувствува безбедна, сакана, или пак е
болничка атмосфера.

o Искуства блиски на смртта

Прашањата дали постои живот по смртта се стари колку и човештвото. Но,


никој досега не успеал научно да одговори на тоа прашање. Искуствата блиски на
смртта, клиничката смрт или искуствата на краткотрајната смрт се синоними за истите
искуства кои се опишуваат најчесто како: видување силна блажена светлина; надвор
од телото се набљудува сопственото тело; слуша како другите велат дека е мртов или
убиен; го гледа својот живот како на филмска лента; има искуство на минување низ
тунел или теснина; се сретнува со умрените роднини и пријатели; чувство на
смиреност и безболност; свест дека времето да умрат не е дојдено и дека треба да се
вратат кај живите.
Искуството блиско на смртта може да биде позитивно или негативно искуство,
но најчесто е опишувано како позитивно. Исто така, се забележуваат разлики меѓу
ваков вид на искуства кај лицата од разни култури и вери.
Според Мурџева-Шкариќ (2010), заедничките својства на искуството блиску на смртта
имаат когнитивен, афективен и трансцендентален аспект. Когнитивните заеднички
својства кај искуствата блиски на смртта се: дисторзија на времето, преглед на
животот и панорамско сеќавање. Афективните заеднички својства се: длабоко чувство
на радост и мир, доживување надвор од телото и визија на идни случувања.
Трансценденталните заеднички својства кај искуствата блиски на смртта се гледање
визуелни слики на светот од небото кое е населено со мртви и средби со умрени
роднини и пријатели.
За искуствата блиски на смртта постојат објаснувања во познатите физиолошки
процеси. На пр. некои од ови искуства се слични на оние предизвикани од
психоделични дроги. Некои медицински извештаи на пациентите со искуствата блиски
на смртта не ги подржуваат биолошките или физиолошките објаснувања на своите
искуства. За нив постојат и психолошки објаснувања. Различните психолошки
објаснувања се, на пр. дека искуствата блиски на смртта се резултат на лажната
меморија или животни случувања кои можат да се најдат само во длабокото несвесно
во мозокот (пр. како кај луѓе кои доживуваат дисоцијации).
Кај лицата со искуства блиски на смртта, постоело почеста тенденција да
соопштуваат дека имале доживеано траума и злоупотреба во детството. Заеднички
одговор на ваквите трауми е бегање од болната вистина и повлекување во свој
измислен свет – процес наречен дисоцијација. Оттука, искуство блиско на смртта се
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

вид дисоцијации. Истражувањата соопштуваат резултати според кои лицата со


искуство блиско на смртта имале значајно повеќе симптоми на дисоцијација од лицата
без такво искуство. Длабочината на искуствата блиски на смртта позитивно
корелираат со искусените дисоцијативни симптоми – колку што искуството било
подлабоко, толку повеќе се зголемувал бројот на симптомите на дисоцијација.
Според некои истражувачи, можно е некои искуства блиски на смртта да се
резултат на лажни мемории, создадени од умот како одговор на телесната
неактивност. Умот на човекот се обидува да ја исполни празнината по периоди на
кортикална неактивност. Подложноста на едно лице да искуси лажни мемории е
поврзана со неговата тенденција за дисоцијација.
Искуствата блиски до смртта се разгледани и како случувања во свеста. Тоа се
нови видови свесност што се над сите човевчки дострели, но во рамки на сопствените
услови. Пореметувањето на свеста им овозможува на овие лица да продрат до
несвесните сили што се наоѓаат во подлабокото ниво на свеста. Искуствата блиски на
смртта се јавуваат кога се согледува изненадна смртна опасност. Почесто се јавуваат
кај лица во сообраќајни несреќи и кај запирање на работата на срцето. Според Сигел
(Siegel,1980, според Myers, 2010), се смета дека искуството блиско на смртта,
најдобро може да се објасни како дисоцијативна халуцинаторна активност на мозокот.
Кога има затемнување однадвор, сопствените внатрешни активности на
мозокот остануваат достапни за перцепциите. Кога се проектирани врз нашиот
перцептивен прозорец, нашите внатрешни мозочни слики можат да изгледаат како
вистински слики однадвор. Искуствата блиски на смртта, соновите, хипнотичките
состојби, отвораат нови прашања за одност на мозокот и умот кај човекот, како и за
човековата свест и природата.

СООЧУВАЊЕ СО СМРТТА НА ДРУГА ЛИЧНОСТ

Животот на секоја личност е исполнет со разни загуби. Разводот, губење на


работа, губење на домашно милениче се само неколку примери. Но, не постои
поголема загуба од смртта на саканата личност-член на семејство, близок пријател,
роднина. На скалите на стресни настани, смртта на дете и смртта на животен партнер
се наоѓаат на највисокото место на скалата. Прашањата кои сметавме дека се од
интерес во овој дел се однесуваат на начинот на комуницирање со личноста која е на
умирање, и како ние се справуваме со смртта на саканата личност.

o Комуницирање со лицето кое е на умирање


Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

Дилемата дали треба да му кажеме на болното лице дека умира и да се


однесуваме во согласност со тоа и без лаги е многу стара. Повеќето психолози се на
страната на искреноста и вистината и сметаат дека лицето кое умира има право на
тоа и треба да го знае, а исто така и значајните други лица за неа (Banja, 2005). Тие ја
продолжуваат интеракцијата и комуникацијата врз основа на ова сознание.
Предностите на ваквата отворена свесност за неизбежното наближување на смртта на
лицето се однесуваат главно во можностите, тоа лице да си го организира
преостанатиот дел од животот во согласност со тоа како го замислува умирањето.
Друга предност е можноста да си ги завршат почнатите планови и проекти, да
организираат нешто што сакаат за тие што остануваат после нив, вклучувајќи го овде
дури и тестаментот и учествувајќи во донесување на одлуки за погребот. Третата
предност се однесува на расчистување на дилемата што се случува со нивното тело,
со нивното функционирање, како и можност да ги разберат медицинските процедури
од страна на медицинскиот тим.Четвртата предност се однесува на можноста на
лицето кое умира, да се потсети на важните личности во нејзиниот живот и на тоа
каков му бил живот.
Експертите препорачуваат комуникацијата со лице кое е на смртна постела да
не биде фокусирана на менталната патологија или пак на подготовките за смрт, туку
фокусот треба да биде на јакнење на личноста и подготовка за остатокот од животот.
Земајќи предвид дека надворешни постигнувања не се можни, фокусот во
комуникацијата треба да биде насочен кон внатрешниот раст на личноста. Една од
најважните услови за мирно и подготвено заминување на лицето е во последните
моменти да биде опкружена со љубов и мир и со саканите и важни луѓе во неговиот
живот.

o Тагување и димензии на тагување

Нашата анализа на процесот на тагување ќе биде фокусирана главно на


димензиите на тагување, на моделот на двојни процеси на справување со жалоста, и
културната различност во здравото тагување.
Под тага најчесто подразбираме цел комплекс од измешани емоции како
емоционална отапеност, недоверба, сепарациона анксиозност, очај, нерасположеност,
и осаменост, кои ја придружуваат личноста кога ќе загуби некого кого го сака. Тагата е
сложен, комплексен, мултидимензионален развоен процес (Smith, 2005; Neimeyer,
2005, 2006, според Santrock, 2008).
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

Копнеењето по изгубеното и сакано лице е една од важните димензии на


тагувањето. Тоа рефлектира наизменична желба или потреба за опоравување и
закрепнување на изгубените лица. Сепарационата анксиозност е втората важна
димензија на тагувањето, која покрај вклучувањето на копнеењето и преокупираноста
со мисли за умреното лице, исто така се фокусира и на места и активности кои биле
поврзани со починатиот, пропратени со плачење и воздивнување. Тагувањето, може
да вклучи очај и лошо расположение, безнадежност и поразеност, депресивни
симптоми и апатија. Заедничките активности кои постоеле со личноста која починала
ја губат смислата, а изолацијата станува сè поголема. Овие чувства се повторуваат
постојано и се појавуваат набргу после загубата. Со одминување на времето по
смртта на саканата личност, копнеењето и протестот поради загубата тежнее да
исчезне, иако епизодите на депресија и апатија можат да останат или да се зачестат.
Сепарационата анксиозност и загубата можат да продолжат до крајот на животот, но
поголем процент од луѓето се совземаат и продолжуваат понатаму, осмислувајќи си го
животот. Процесот на тагување личи повеќе на „опасно возење со тобоган“, отколку на
вообичаено напредување низ стадиуми со јасна временска рамка. Подемите и
падовите на тагувањето често вклучуваат нагло менување на емоцииите, откривање
на слабите и силни точки кај личноста, креирање на нови обрасци во однесувањето и
воспоставување на нови врски. За повеќето луѓе, тагувањето станува подносливо со
тек на време. Но, за некои останува силно сè до нивниот крај на животот. Тие
научуваат да живеат со тагата.
Покрај емоционалните и интерперсоналните фактори, и когнитивните фактори
се поврзани со тежината на тагувањето по саканото лице, откако тоа ќе умре.
Просечно, 80 - 90% од луѓе кои имале искуство со тагување по смртта на
сакани блиски личности, искусиле некомплицирани, нормални реакции на тага кои
биле пропратени со поднослива болка, нерасположение и недоверливост. По околу 6
месеци по загубата, тие ја прифатиле реалноста, станале поголеми оптимисти за
иднината и функционирале компетентно во секојдневниот живот. За разлика од нив,
околу 10 до 20 проценти од луѓето кои изгубиле сакана личност по шест месеци,
имале тешкотии да продолжат понатаму со својот живот, чувствувајќи се како мртви и
емоционално отапени, верувајќи дека животот е празен без починатото лице и дека
нивниот живот нема иднина. Терминот „компликувано тагување“ почнал да се користи
за да означи ваков вид на тагување кое вклучува емоционално трпење и очај во текот
на подолг временски период. Комплицираното тагување вообичаено има негативни
последици за менталното и физичкото здравје (Wortman & Boerner, 2007).
При анализата на литературата која како предмет на проучување го има
тагувањето, можеме да резимираме дека неколку стадиуми во процесот на тагувањето
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

се повторуваат во повеќето теории и анализи. Подолу, во кратки црти ќе бидат


изнесени најчесто спомнуваните стадиуми.
Првиот стадиум на тагување по мртвиот се изразува преку емоционална
отапеност и тоа е всушност првата реакција по сознанието за смртта на саканото
лице. Во овој стадиум се покажуват малку чувства, поради шок, неверување,
збунетост, активности околу погребот и неговата улога е да заштити од големиот
стрес, давајќи време за приспособување на тешката вистина.
Вториот стадиум го карактеризираат протест и жолчност поради освестување
за загубата. Се јавуваат кризи на плачење, бес, раздразливост и немоќ, бидејќи
смртта им го земала саканото лице од нивниот живот.
Третиот стадиум, кој се појавува некаде до крајот на првата година по смртта
на саканото лице, е стадиум кој го карактеризираат дезорганизацијата и депресијата –
апатија, незаинтересираност за иднината, несоница, замор, анорексија, чувство на
вина, конфузија, дезориентираност, потреба за евоцирање спомени. Во овој стадиум е
многу важна социјалната поддршка и поддршката од експертите. Последниот
стадиум на тагувањето по починатото лице е закрепнувањето. Здравото психолошко
разрешување на загубата е можно со изразување на емоциите и со новото
преструктурирање на животот.
Тагувањето за починатите лица кај децата и адолесцентите има свои
специфичности. Децата и адолесцентите на загубата на родителите, член на
семејството или други блиски лица, можат да искусат слични реакции како кај
возрасните. Но, ниту когнитивниот, социо-емоционалниот развој, ни животното
искуство не му дозволуваат да ги разбере своите емоционални реакции. Многу
истражувања покажале дека разните загуби во периодот на детство и адолесценција
се поврзани со вулнерабилноста кон ментални пореметувања.
Кога ќе им умре родител или друг близок член од семејството децата имаат
неколку отворени прашања на кои треба да им одговори лице во кое тие имаат
доверба, дури и кога се отворено поставени. Тие се однесуваат на прашањата дали
детето е причина за смртта и дали и тоа ќе умре, како и на прашањата кои се
однесуваат на тоа кој ќе се грижи за нив. Овие прашања ја изразуваат нивната
потреба за сигурност и за нега, бидејќи тие се незрели.
Ниту на децата ниту на возрасните не им се верува дека умрело саканото лице.
Нормално и пожелно е емоциите да се изразат и да не останат прикриени и потиснати.
Посебно, на децата треба да им се нагласи дека тие не се криви за смртта на саканото
лице. Во вакви ситуации треба да им се остави простор на децата да самуваат, но
сепак не за предолго време. Во разговорот со децата е добро да се нагласи дека
починатите сакани лица би сакале да живееме како кога биле живи. За тоа каде
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

заминал починатиот на децата им се наведуваат различни верувања. На неговото


мртво тело се оддава последна почит, а потоа се закопува или кремира. Но, додека
сме живи ги негуваме спомените и се сеќаваме на убавите моменти поминати заедно.
На овој начин, тие и понатаму живеат во нашите срца и се дел од нашиот живот.
Во вакви ситуации, основна препорака е да се биде активен, да се изразат
чувствата, а може и да се води дневник. Разговорот за смртта со родителите,
роднините, врсниците, наставниците, психолози, ни олеснува да ја разбереме смртта
и да се носиме со неа. Некогаш е потребно и советување, емоционална поддршка и
групи за заемна поддршка. Приспособувањето, дружењето, вршењето на
секојдневните активности, ново осмислување на продолжување на животот е олеснето
ако оној што тагува е опкружен со пријатели, роднини има сигурна и пријатна околина.

o Двопроцесен модел на справување со жалоста

Двопроцесниот модел се состои од две главни димензии. Од една страна е


загубата, а од друга е закрепнувањето, или поконкретни двете димензии вклучуваат:
(1) стресори ориентирани кон загубата и (2) стресори ориентирани кон
закрепнувањето (Stroebe, Schut, & Stroebe, 2005, стр. 50).
Првата димензија, која се однесува на загубата, односно на стресорите
ориентирани кон загубата е фокусирана на починатото лице и вклучува терапевтска
работа на тагувањето, без разлика дали се појавува како позитивно (на пр.
„олеснување како крај на страдањето“ или пак, како негативно преоценување (на пр.
копнеење и руминирање) на значењето на загубата.
Втората димензија, која се однесува на закрепнувањето, односно на стресорите
ориентирани кон закрепнување вклучува секундарни стресори кои се појавуваат како
индиректни исходи од жалоста. Тие можат да вклучат промена на идентитетот (на пр.
како од сопруга во вдовица) и совладување и усовршување на нови вештини (на пр.
справување со финансиски проблеми и водење на финансии). Закрепнувањето ги
преиспитува разнишаните претпоставки за светот и сопственото место во него.
Во двопроцесниот модел, ефикасното справување со жалоста често вклучува
осцилации помеѓу справување со загубата и справување преку закрепнување.
Поранешните модели често ги нагласувале секвенците на справување со загуба преку
стратегии како што се работа на тагата во почетната фаза, проследено со ефекти на
закрепнување. За разлика од овие модели, во двопроцесниот модел, овие процеси се
прикажани како конкурентни. Осцилациите може да се појават во кратки временски
периоди во текот на денот, а исто така и во текот на неделите, месеците и дури
годините. Но, иако се појавуваат истовремено, сепак треба да се напомене дека во
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

почетната фаза е нагласено справување со загубата, а подоцна следи нагласување на


закрепнувањето во текот на времето.

o Справување со жалоста во зависност од видот на смртта


и културни разлики

Како ќе влијае смртта врз блиските на починатиот зависи во голем степен и од


условите под кои се случила смртта. Смртта која се појавува ненадејно, прерано, или
која е трауматска, насилна, има многу поголема веројатност за продолжени ефекти кај
блиските лица на починатиот, правејќи ги процесите на справување многу потешки за
нив (Wortman & Boerner, 2007). Ваквата смрт често е придружена со симптомите на
пострауматски пореметувања, како автоматски мисли, флеш бекови, ноќни кошмари,
пореметување во спиењето, проблеми во концентрацијата и др.
Одредени пристапи во справување со тагувањето укажуваат на потребата од
осознавање дека починатиот го напуштил светот на живите и дека прифаќањето на
разделбата е неизбежно. Но, останува дилема дали психотерапевтите се во право
кога велат дека оние кои остануваат да живеат по починатите треба да ги прекинат
сите врски со нив, или пак треба да се негува споменот и духовната врска со нив.
Важен момент кој треба да се земе во психотерапевтските процеси и во советувањето
за поефикасно справување со тагувањето е земењето предвид на културните разлики.
Анализата на незападните култури сугерира дека верувањето во
продолжување на врските со починатите во голем степен варира. Одржувањето на
врските со починатите сакани лица е прифатено и се одржува во религиозните
ритуали во Јапонија. Ова е исто така прифатено и во религиозните ритуали во
Македонија. Кај Хопи индијанците во Аризона, починатите мора најбргу што е можно
да бидат заборавени, и животот да продолжи понатаму. Тие имаат погребни ритуали
за раскинување на врската помеѓу смртниците и духовите. Сантрок (Santrock, 2008)
дава добар пример за различноста помеѓу тагувањето во различни култури со
примерот со две муслимански општества- едното е во Египет, а другото во Бали. Во
Египет, блиските на починатите се советуваат да поминат низ процесот на тагување,
да ги споделат тажните чувства со други луѓе, кои исто така имале смртен случај.
Спротивно, на Балите блиските на починатите се советуваат да се радуваат и да се
смеат.
Дел од публикуван учебник Развојна психологија од проф. д-р Ленче Милошева

Во една лонгитудинална студија во Холандија, во која учествувале блиски лица


на починатите, поголем дел од нив се обиделе да го одржат контактот со починатите,
и покрај современите укажувања дека е препорачливо врските да се прекинат
(Stroebe, Schut, & Stroebe, 2005). Поголем дел од оние чии сопруги/сопрузи починале,
не ги прекинале врските со своите сакани, туку напротив продолжиле, само на друг
начин да се грижат за нив. Дури поголем дел од нив ги „консултирале“ починатите при
донесување на важни одлуки. Слични наоди имало и по спроведените истражувања во
САД. Важна одлука која исто така треба да ја донесе семејството и блиските членови е
во врска со телото на починатиот, дали да се погреба или кремира. Оваа одлика
варира претежно во зависност од културата и субкултурата.
Во пацифичките држави на САД кремирањето е популарно во споредба со
Јужните држави на САД. Кремирањето е позастапено во Канада во споредба со САД,
а исто така е многу застапено и во азиските држави (Santrock, 2008). Погребната
церемонија, ритуалите и народните обичаи кои постојат и во Македонија, им помагаат
на блиските на починатите подобро да се адаптираат на новонастанатата животна
ситуација и подобро да се справат со процесот на тагување.
Еден од бенефитите на овие погребални ритуали е дека стимулира многу лица да му
дадат смисол на својот свет. Заедничка карактеристика на искуството на членовите на
семејството на починатиот е што ги анализираат сите настани како дошло до смртта.
Во деновите и неделите по смртта, најблиските ги споделуваат искуствата меѓусебе,
понекогаш присетувајќи се за семејните настани и искуства. Лицата што остануваат
после починатиот се обидуваат да ги состават коцките од мозаикот за смртта на
саканото лице, обидувајќи се да разберат зошто се случило тоа. Во заклучокот од овој
дел ќе нагласиме дека луѓето тагуваат на различни начини.
Различноста на обрасците на тагување е културно пребоена. Затоа, не постои
еден единствен и идеален начин на тагување. Постојат многу различни начини како
луѓето тагуваат за починатата личност и уште толку различни комбинации на стадиуми
низ кои треба да поминат во процесот на тагување пред добро да се приспособат.
Она што е важно да се разбере е дека процесот на здравото справување со тагата и
жалоста за саканата личност подразбира душевен раст и развој, флексибилност и
почитување на културниот контекст.

You might also like