You are on page 1of 13

УНИВЕРЗИТЕТ ,,СВ.

КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ - Школа за докторски студии


ПРИРОДНО-МАТЕМАТИЧКИ ФАКУЛТЕТ
СКОПЈЕ
Институт за етнологија и антропологија

ТУРИЗАМ И ЈАВЕН ПРОСТОР

Студент:
Маја Доновски Лукаревска
Ментор:
Проф. Д-р. Даворин Трпески

Октомври, 2018
СКОПЈЕ
ВОВЕД

Туризмот како комплексна дејност има импликации врз просторот и луѓето.


Несомнено е дека постои поврзаност меѓу туризмот како дејност, просторот како
медиум и луѓето како вршители на таа дејност. Меѓусебните интеракции на сите
инволвирани страни во туризмот како активност се мошне интересни за проучување.
Поради тоа што туризмот продолжува да се шири низ целиот свет, не само во однос на
бројот на ноќевања, туку и во однос на видовите и формите преку кои тој се
манифестира, се зголемуваат неговите влијанија и неговото глобално значење.
Истовремено, расте и потенцијалот за антрополошко истражување на туризмот.
Вклучувањето на антрополозите во туризмот во сите негови форми и активности е од
исклучително значење за современиот туризам кој претставува предзивик за нови
антрополошки истражувања.
Антрополошкото истражување на туризмот не претставува новина. Имено, една
од најчестите потенцијални примени на антрополошкото истражување всушност е
туризмот. Истовремено, туризмот е веројатно единствена област во домашната
етнологија и антропологија во која практичниот аспект е повеќе развиен отколку
теорискиот.1
Туризмот остварува контакт меѓу културите, тој претставува дел од
генералниот општествен процес во нашата комплексна интерконектирана планета,
широко е распространет во човековото опкружување и тој допринесува кон
трансформација на општествата и културите и поради тоа е легитимен за антрополошко
истражување.2 Aнтропологијата нуди значаен пристап во критичката анализа на
туризмот преку нејзината холистичка и компаративна рамка, односно способноста да се
поврзат локалните и глобалните домени со препознавање на меѓусебната поврзаност на
социјалните, културните, еколошките, верските, политичките и економските аспекти на
туризмот.
Јавниот простор во служба на туризмот претставува платформа односно
физичка, морфолошка, социолошка и културолошка подлога за остварување на
туристичките активности. При овие туристички активности, настанува мешање на
гостинското и домашното население на јавните простори, при што се остваруваат нови
социолошки врски и процеси кои стануваат слика на модерните општества.

1 Jana Bačević., ,,Antropologija, turizam i tranzicija: koncepcije o razvoju turizma u Knjazevcu”. Glasnik Etnografskog
instituta CANU LIV, Knjazevac, 378.
2 Georgette Leah Burns., ,,Anthropology and Tourism: Past contributions and future theoretical challenges”. Antropological
Forum Griffith University, 2004., 10.
2
1. ТУРИЗАМ

Туризмот со сите негови содржински елементи, покрај економски претставува и


општествено-културен феномен со силно изразено влијание врз опкружувањето таму
каде што настанува и ја врши својата основна функција: прифаќање, сместување и
истовремено задоволување на голем број разновидни побарувања, аспирации и желби
на туристите. Туризмот со своето мултиплицирано влијание во процесот на
стопанисување, посредно и непосредно, ги вклучува и другите гранки и дејности во
вкупната понуда на туристичкиот пазар. Ова, пред се, се однесува на угостителството,
трговијата, сообраќајот, занаетчиството, здравството и на разни други видови услуги.
Исто така, преку туризмот се нудат и се продаваат и нематеријални вредности
(природните и антропогените карактеристики на еден простор), како што се: разни
информации, обичаи, фолклор, забава, спортско-рекреативни активности, културни
настани и сл.
Постанокот на туризмот се врзува со модерното време. До тогаш, патувањата
биле привилегија на мал број авантуристи или богати припадници на граѓанската класа.
Дури кон крајот на XIX век и почетокот на XX век, доаѓа до “масификација” на
патувањата, се основаат специјализирани агенции, а туризмот станува еден од
најчестите начини за исполнување на слободното (leisure) време на се поголем број
луѓе.3 Туризмот, како пракса е еден од клучните патишта на современите културни
промени, перцепции и културни контакти, туристичкото искуство одговара на
современите концепции на идентитетот како релациски и флуидни категории во
процесот на осмислувањето, односно конструирањето и деконструирањето во свет во
кој веќе не постојат стабилни и фиксирани граници.4
Туризмот во светот се наоѓа во фаза на зрелост, односно заситеност на пазарот
со постоечките начини на задоволување на туристичките потреби. Основните промени
кои го прават туризмот турболентен се однесуваат на факторот опкружување, посебно
со се поизразената свест за зачувување на основата на неговиот развој – просторот,
односно природното опкружување. Ваквите промени ја наметнаа потребата за нови
размислувања во врска со развојот на туризмот кои почиваат, пред се, на заштита и
зачувување на природните и културните ресурси.5

3 Jana Bačević., ,,Antropologija, turizam i tranzicija: koncepcije o razvoju turizma u Knjazevcu”. Glasnik Etnografskog
instituta CANU LIV, Knjazevac, 379.
4 В. Zygmunt Bauman., From Pilgrim to Tourist – or a Short History of Identity, Questions of Cultural Identity (eds. Stuart
Hall & Paul du Gay), Routledge, London 1997; Chris Rojek & John Urry, Transformations of Travel and Theory, Touring
Cultures (eds. Chris Rojek & John Urry), Routledge, London 1997; Eeva Jokinen & Soile Veijola, The Disoriented Tourist:
the Figuration of the Tourist in Contemporary Cultural Critique, Touring Cultures.
5
Милена Талеска. Рурален туризам Скопје: Селектор, 2009., 161.
3
Туризмот има одредена улога во унапредувањето и витализацијата на
просторните ресурси, но задолжително со посебен третман на искористувањето на
ресурсите на кои се темели. Токму заради тоа, туризмот мора да се развива во
согласност со заштитата на природното и културното наследство во рамки на просторот
во кој се развива. Туризмот несомнено е позитивен фактор за национален, регионален и
локален развој, но мора секогаш да се врши претпазлива селекција поради тоа што
постои опасност природното и културното наследство да се претвори во мега забавни
паркови.6
Покрај тоа, туризмот како дејност се спроведува од луѓето, во неколку улоги и
тоа како туристи и како резиденти односно луѓе кои нудат туристички услуги, но и луѓе
во чија околина се одвива туризмот, а не нудат туристички услуги. Сведоци сме на т.н.
масовен туризам кој е највеќе видлив во летните месеци во големите и историски
значајните градови како што се: Венеција, Фиренца, Рим, Париз, Барселона, Дубровник,
грчките острови и др. Со тоа настанува кохезија или мешање меѓу резидентното и
гостинското население, кое како процес има различни последици. Во изминатиов
период бројот на посетители и бројот на ноќевања бележи пораст на територијата на
јужна Европа, делумно поради тоа што туристите од безбедносни причини го избираат
овој дел, наместо други медитерански дестинации како Египет, Тунис или Турција. Со
тоа се случува окупирање и преплавување на градовите од страна на туристите, што кај
резидентите создава аверзија и негодување. Со тоа се создава т.н. феномен на
туризмофобија, мошне актуелен во изминатиов период. Тој се појавува кога
резидентното население започнува да ги споредува туристите со “инванзивни видови”
или “предатори” и ги смета како опасност во однос на зачувувањето на сопствените
живеалишта. И покрај тоа што за некои места туризмот претставува ексклузивен
економски ресурс, резидентното население започна да дава отпор кон туристите. Тоа се
должи на тоа што долго очекуваното присуство на посетители (туристи) во еден
простор се трансформира во резистентен отпор, поради тоа што моделот на масовен
туризам го протерува резидентното население кое станува немоќно да го следи
покачувањето на цените за изнајмување соби или станови, не умее позитивно да ги
доживее промените и деформирањето на ликот на градот, не успева да се приспособи
на новиот начин на живот и да се навикне на нарушените градски услуги и
инфраструктура кои во екот на туристичката сезона често се доведуваат до колапс, за
кои пак цените ги плаќа само резидентното население преку целата година.

6
Luis Pinto. ,,The book of tourism vs heritage“ International point of view. Varzea da Rainha Impressores, S.A. 2015., 34.
4
Постои многу интимен однос помеѓу поединецот и просторот во кој секојдневно
се движи и во кој живее. Поединецот се надева, или подобро кажано се залажува, дека
тој владее со тој простор, односно со тоа што живее во тој простор, на некој начин го
присвоил. Со тоа верува дека има право да учествува во неговите промени, но најчесто
тоа не се случува.7 Со тоа, просторот во кој живее резидентот, во екот на туристичката
сезона тој треба да го дели со туристот, односно да се навикне на просторните промени
кои ги предизвикува туристот, и тука настанува конфликт, односно отпор.
Туризмофобијата за време на летниот период ескалира во добро познатите туристички
центри, дури некаде и со протести, пораки и физичко заплашување од страна на
резидентното население поради што локалните власти мораат да реагираат со
превземање мерки за намалување на бројот на туристи, односно ограничување на
пристапот, зголемување на цените на туристичките такси и слични методи со кои се
очекува резидентното население да биде задоволено. Покрај тоа што туризмот
претставува еден од најголемите светски двигатели на економијата, властите мора да
балансираат во одлуките за да ги одржат бенефициите од туризмот, но и да ги
задоволат локалните жители.
Богатството на културолошки споменици, традиционалната архитектура,
традиционалните урбани формации како плоштади, пјацети, улици, отворени јавни
простори и слични градски елементи го формираат културното наследство на една
населба кое претставува фактор за развој на културен туризам. Подрачја кои се сметаат
за туристички мотив со културно значење се: археолошки подрачја, архитектура
(рушевини, градби, цели села и градови), музеи, уметност, скулптури, стари занаети,
галерии, фестивали, музика, фолклор, театар, филмови, јазични литературни студии,
ликовни колонии и крајно целокупната народна култура. Со планирано обликување на
туристичкиот производ, ваквите ресурси во процесот на понудата можат да станат
“марка”.
Религијата пак, била и останала соcтавен дел на општествениот живот на
традиционалниот свет. Непобитно е тоа дека во големите туристички центри,
различните религии оставиле импозантни траги, храмови, цркви и големо културно и
уметничко наследство, кое благодарение на интересот и љубопитството на човекот, на
неговото слободно време и пари, добива можност да биде откриено а посетителите
имаат шанса да го дополнат своето знаење и познавање на историјата.
За развој на културниот туризам, потребна е валоризација на споменичното
недвижно културно наследство или спомениците на културата, обезбедување на услови

7
Dunja Rihtman-Auguštin. Ulice moga grada Beograd: antropologija domaćeg terena. Biblioteka XX vek, 2000., 56.
5
и секако адаптација и уредување на локалитетите за туристички посети. Недвижното
културно наследство се карактеризира со особина која не му овозможува да биде
пренесено во музеј (грандиозноста, големината и сл.), што условува да биде заштитено
на местото каде што и егзистира.8
За посета на амбиенталните целини, потребно е веќе трошните традиционални
куќи со етнолошко значење да се реставрираат и да се претворат во туристички селски
живеалишта со сместувачки капацитети во традиционален манир. Локалните
гастрономски продукти и традиционалното живеење во локалните заедници треба да се
промовираат и сервираат заедно со посетата на амбиенталните целини. Тука мора да се
напомене дека амбиенталните целини со исклучително етнографско значење мора да се
заштитат и зачувуваат преку урбанистички одредби и норми пропишани во
урбанистичките планови за населбите, со што ќе се регулираат доградбите со
некарактеристични архитектoнски елементи, или изградбата на нови куќи со нелокален
материјал, со што ќе се наруши автентичниот концепт на организација и изглед на овие
населби.
Meнаџирањето со ресурсите на наследството како туристички атракции
инволвира многу различни перспективи и тоа: туристичко планирање на ниво на
заедница/општина, развој на културни производи, развој на техники за заштита,
управување на локацијата погодна за културен туризам, маркетинг и вклучување на
заедницата и меѓусебно разбирање на вклучените субјекти.9 Препознавањето на
потенцијалот на ресурсите на наследството за економскиот развој е охрабрувачки, но
тука има многубројни потенцијални и сериозни закани. Неправилното третирање на
ресурсите, посебно кога се гледа на нив како на алатки за економски развој, може да
води кон нивна деструкција и претставува закана за целата заедница. Многу често
заедниците имаат и нереални очекувања од туристичките потенцијали, а ретки се оние
примери каде туристичките ресурси се способни да ја поддржат целокупната економска
виталност на заедницата, поради што се јавуваат негативните ефекти и тоа
општествени, економски, физички и културолошки влијанија, кои пак може да
предизвикаат сообраќајни метежи, повисоки цени на недвижнините, несоодветен
развој, промени на општествено ниво и влошување на културолошката средина и
опкружување.
За обострано задоволување на резидентното (домашното) население и
посетителите (туристите), потребни се долгорочни стратегии за ублажување на

8
Даворин Трпески. ,,Кој го поседува минатото? Културната политика и заштитата на културното наследство во
постсоцијалистичка Македонија”, 2013., 36.
9
Walter Jameson. ,,Cultural Heritage Tourism Planning and Development: Defining the Field and its challenges“. APT
Bulletin, Vol.29, No.3/4. 1998., 65.
6
негативниот ефект на туризмот (нарушување на домашните воспоставени социолошки
интеракции, несовесно “окупирање” на просторот кој домашното население си го смета
за само свој преку текот на годината, еко свеста на туристите и сл.), едукација на
локалното население за придобивките од туризмот како дејност и постојан мониторинг
на аспирациите и проблемите на двете засегнати страни.
Љубопитноста за откривање на други култури и места секогаш ќе постои и таа е
доволно моќна да ги придвижи луѓето да патуваат и да посетуваат други градови.
Искуството на секое патување е уникатно за секој турист и неочекуваното може да
произлезе од можноста да се сретнат со поединци од домашното население и на тој
начин да комуницираат со градот кој го посетуваат, во што е и суштината за нов
подобар начин за уживање во градот. Туристичките доживувања се поразлични кога
туристите се водени од локални пријатели, особено тоа кога значи откривање на
посебни места кои се надвор од главните туристички траси. Со тоа, кохезијата меѓу
домашното и гостинското население може да има и позитивни ефекти и да допринесе
до збогатување на туристичките искуства.

2. УРБАНОТО НАСЛЕДСТВО КАКО КУЛТУРЕН РЕСУРС

Урбаното наследство го претставува текот на човековата еволуција низ


историјата и ја рефлектира способноста на човекот да ja редефинира и обликува
околината која го опкружува. Урбаното наследство има енвироментални,
културолошки, економски, социолошки и географски димензии, а притоа го рефлектира
и постоењето на претходните генерации и нивниот начин на живот, градителски
техники, начин на наметнување врз животното опкружување, начин на адаптација на
зададените природни чинители, начин на одржување на манифестации и сите останати
историски факти кои укажуваат на постоење на една цивилизација.
Урбанизацијата како процес е еден од основните елементи на урбаното
наследство и таа претставува хронолошки доказ за континуираното присуство на
претходните цивилизации, додека изградената физичка структура на урбаното
наследство претставува материјален доказ за степенот на развиеност на претходните
генерации. Исто така, урбанизацијата го нагласува редоследот на меѓугенерациските
искуства и нивните културни, социолошки и верски вредности и постепени
надминувања на наследените знаења од претходните генерации.
Во урбано наследство спаѓаат сите изградени урбани структури, почнувајќи од
целокупните урбани групации, како градовите и урбаните населби, па се до сите
фрагменти поединечно кои го чинат урбаниот простор. Некогаш урбаното наследство е
7
туристички атрактивно како целина, како урбана слика во која владеат балансирани
односи помеѓу изградените и неизградените урбани структури, зградите, спомениците
и улиците и нивниот уникатен аранжман во една урбана агломерација, а пак некогаш
атрактивноста може да се забележи и во деталите кои ги содржат изградените
структури, во изолираните декоративни елементи на поединечните згради или во
деталите на урбаните празнини (плоштади, јавни простори, улици, булевари, паркови и
сл.).
Несомнено е дека урбаното наследство претставува културен ресурс. Ресурсот
како поим претставува резерва или извор кој може да се подготви кога е потребно и од
кој произлегува соодветна корист, но секогаш треба да се исцрпува совесно и
внимателно, поради негово можно целосно исцрпување. Урбаното наследство како
културен ресурс овозможува да се осознае континуитетот на културата, квалитетот на
живот и способноста за креирање на убавото (хармонија, ред, сооднос, интегритет,
композиција, баланс) на еден народ. Со негова соодветна промоција и менаџмент,
може да се регулира неговата употреба за туристичка корист а сепак да се задржат и
вредностите кои го чинат културен ресурс.
Искористувајќи го урбаното наследство како културен ресурс се развива т.н.
урбан туризам. Урбаните туристи се оние кои посетуваат одредена урбана средина или
град, со што се запознаваат со изградената физичка структура, геометријата на
уличната мрежа, мрежата на отворените јавни простори и нивната поврзаност со
останатите урбани елементи, архитектонските елементи, форми и симболи кои ја
карактеризираат средината како туристички атрактивна. Исто така, архитектурата
особено авангардната архитектура за својата ера, може да прерасне во одличен ресурс
за урбан туризам. Билбао претставува одличен пример за тоа како архитектонскиот и
урбаниот дизајн може да се употреби за развој на туризмот и општо локалниот развој
на заедницата. Дизајнот на Guggenheim Museum of Modern Art на Frank O.Gehry, го
трансформираше градот во место со интернационално туристичко значење.
Авангардниот дизајн на објектот, повлече регенерација на целото опкружување,
односно редизајн на околните отворени јавни простори и згради, што дополнително
допринесува за побогата туристичка слика. Во првите две години после неговата
изградба, односно со податоци од 1999 год. забележан е пораст на странски туристи за
значителни 43%.10
Јавните простори како дел од урбаното наследство, уште од Античка Грција се
најчесто простори за средби на граѓаните за да дискутираат за јавни прашања, да се

10
Beatriz Plaza. ,,The Guggenheim –Bilbao Museum effect: a reply to Maria V.Gomez – reflective images: the case of urban
regeneration in Glasgow and Bilbao“. International Journal of Urban and Regional Planning, No.23. 1999., 589.
8
спроведе отворена и бесплатна јавна дебата и да се осознае интересот на јавноста.
Меѓутоа, денес на јавниот простор се гледа сосема поинаку. Денес, јавниот простор се
гледа како место за социјализација, односно луѓето го користат јавниот простор да се
сретнат еден со друг, да го искористат за собирање или како сцена за изведување на
социјални интеракции. Многу често, јавните простори претставуваат платформи каде
луѓето можат да искусат културни настани, односно перформанси, уметнички настапи,
театар, кино, танц, што исто доведува до меѓусебна социјализација.
Јавните простори најчесто вклучуваат физичка достапност и видливост. Во нив
се вбројуваат отворените јавни површини, патишта, улици, плоштади, скверови и разни
трајно достапни простори и згради за јавна употреба, односно секој простор кој е
отворен за секој поединец, без дополнителни услови за користење. Jaвната и
приватната сфера се разликуваат со помош на едноставна и читлива архитектонска
конвенција: полнина=подлога=приватно и празнина=oблик=јавно.11 Оттука, тоа се
заеднички простори во кои социолошките интеракции се поврзани со социолошките
потреби на поединечните групи а се во согласност со системот на вредности во
даденото општество. Тие интеракции можат да се манифестираат и во спорови (разни
видови конфликти или конфронтации), но исто така и во соработка. Јавните простори
секогаш допринесуваат за подобрување на заедницата но имаат и влијание на
поединците.
Јавните простори во градовите, исто така најчесто претставуваат и
задолжителни туристички места за посета. Со ова, често се мешаат секојдневните
потреби на граѓаните со потребите на туристите, но секогаш се создава взаемна корист
меѓу домашните и туристите од туристичките посети на атрактивните јавни простори.
Имено, домашните можат да имаат економска корист од потребите на туристите,
додека туристите имаат културолошка корист од домашните, со запознавање со
автентичната архитектура, со купување на локални производи, учење за локалните
традиции, занаети, манифестации и обичаи.
Сепак, јавните простори како турстички мотиви се мошне комплексни како
физички структури за обете страни. Јавните простори како туристички мотив и како
културен ресурс, мора да се обликуваат за да бидат во служба на јавноста, односно
целокупната домашна и гостинска јавност и треба континуирано да се работи на
балансирање на оваа двонасочна релација. Јавните простори се првенствено
одговорност на локалните власти, кои треба да спроведат политика за управување со
намера да се обезбеди непречен пристап до јавниот простор, да се исклучат или

11
Setha M.Low. Promisljanje grada. Naklada Jesenski i Turk, 2006., 201.
9
минимизираат присвојувањата на просторот, да се обезбеди заштита на социолошката
разновидност и да се адаптираат за туристички посети, без да ги нарушат
воспоставените интеракции на резидентното население.

3. ПРИСВОЈУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ПРОСТОР

Присвојувањето на јавниот простор, односно узурпацијата претставува


најголема закана на иднината на јавните простори. Со овој процес се нарушува
кохерентноста на јавниот простор поради тоа што тој започнува да се сегрегира во
запленети, полу-јавни, фрагментирани, територијализирани или приватизирани полу-
простори.
Можат да се издвојат повеќе типови на присвојување на јавниот простор,
односно да се групираат во две основни групи и тоа: социолошко и физичко
присвојување. При социолошкото присвојување на јавните простори се мисли на
узурпација од страна на одредени социолошки групи во рамки на општеството додека
физичкото присвојување се однесува на материјално запленување на просторот за
приватни потреби или придобивки. Социолошкото присвојување на јавните простори
се манифестира кога одредена група на луѓе го присвојува просторот, како што се
туристите, фудбалските навивачи, улични уметници, бездомници и сл. Кај физичкото
присвојување е јасно видлива узурпацијата на просторот, затоа што таа се манифестира
со материјализација на територијализација на одреден простор, и тоа најчесто се
заградени зелени јавни површини присвоени за приватни придобивки, оградени јавни
површини за угостителски и комерцијални потреби и сл. Покрај овие две групи, може
да се издвои и т.н. функционална узурпација на јавниот простор, што означува
оформување на приватни простори за јавна употреба, како што се трговските центри,
хипермаркетите, т.н. затворени заедници, но и за оформување на булевари, експресни
сообраќајници кои ја пресекуваат градската средина.
Туристичката узурпација на јавните простори се должи на зголемениот број на
туристи во екот на туристичката сезона што придонесува до менување на атмосферата
на јавните простори кои секогаш се атрактивни за туристички посети, односно
претставуваат културно наследство. Со тоа, туризмот директно влијае на промените на
јавните простори. Промените на јавните простори при туристичка узурпација, главно се
видливи во нарушената атмосфера, односно на некој начин се нарушува спокојството
кое се чувствува од страна на домашното население, јавните простори стануваат бучни,
вибрантни и социолошките процеси на домашното население се нарушени, односно
домашното население мора да изнајде алтернативни простори и места за меѓусебна
10
социолошка интеракција за време на туристичката узурпација. Сепак, јавните простори
се места на кои акцентот е ставен на јавноста, а туристите се исто дел од таа јавност.
Во денешно време, многу од јавните простори се претворени во комплексни,
флуидни, движечки места и ја напуштаат идејата на јавни простори за социолошка
интеракција, односно стануваат места за среќавање и продолжување на други места за
социолошка интеракција. Со тоа тие стануваат движечки места, односно места на кои
луѓето се среќаваат, поминуваат и го напуштаат местото. Денес, идејата за меѓусебна
интеракција на јавните простори, се сведува на организирање на настани од културен,
забавен, едукативен или политички карактер. Со узурпацијата на јавните простори, се
нарушува основната потреба од јавен простор, а потреба од јавен простор има секој
поединец, поради тоа што јавните простори имаат социолошко-интегративен карактер.
Во изминатиот период во Скопје, евидентна е узурпацијата на јавните простори
и тоа најчесто физичко присвојување на јавните простори. Јавните простори во Скопје
се узурпираат за приватни потреби, односно се оградуваат простори за угостителски
намени, се поставуваат спомен-обележја, фонтани, а се губи социолошкиот карактер
односно домашното население поради настанатите промени се оттуѓува од просторите
и ја губи способноста да го отслика својот идентитет во опкружувањето, со што се
нарушува комуникацијата на поединецот со физичката средина. Во станбените населби
исто така се случува физичко присвојување на јавните зелени површини за приватни
потреби. Исто така, на доминантните јавни простори во градот се забележува и
социолошка туристичка узурпација, меѓутоа таа сеуште не е толку изразена за да ја
наруши атмосферата која е вообичаена за домашното население. Покрај тоа, се
забележува и друг тип на социолошка узурпација на јавните простори во Скопје, а тоа е
узурпација од страна на популација која во изминативе години е населена во главниот
град, со што се менува чувството на припадност кај домашното население. Сето ова
може да се надополни со воведување на нови содржини во јавните простори, кои ќе
бидат од интерес за целокупната јавност. Покрај тоа, во Скопје потребно е да се изврши
и дисперзија на јавните простори на територија на целиот град, да се утврди и
испланира мрежа на јавни простори, како и да се дефинира нивна категоризација на
јавни простори со различно значење за градот. Со тоа, ќе се избегне системот на
доминантен јавен простор во градот а со диверзификација на содржините на
дисперзираните јавни простори ќе се подобри јавниот живот во Скопје.

11
ЗАКЛУЧОК

Меѓучовечките релации од обете засегнати страни во туризмот се различни во


зависност од опкружувањето, периодот, времетраењето и видот на туристичката
посета, подготвеноста за соработка на двете страни и целокупната кохезија која може
да се оствари на одреден простор или место. Со оглед на тоа дека човечките ресурси се
темел за успех во туризмот и дека депопулацијата на руралните населби е најголемата
закана на туризмот во Р.Македонија, а можеби и пошироко, задоволување на локалното
население најпрвин од економски аспект, но и социoлошки, еколошки и културолошки
аспект е од клучно значење за развојот на туризмот, што ќе претставува квалитетна
подлога за меѓучовечка хармонија и благосостојба при напливот на туристи во екот на
туристичката сезона. Тоа значи дека туризмот не смее да му наштети на јавниот
простор, но и јавниот простор треба да му служи на туризмот, односно да го овозможи
неговото остварување. Тоа е една вечна двосмерна врска која е управувана, насочувана
и одржувана од луѓето.
Урбаниот туризам е поврзан со туристичките атракции на градовите, кои многу
често се позиционирани на јавните простори или пак самите јавни простори како што
се плоштадите, улиците, булеварите, пјацетите, парковите и др., претставуваат
туристичка атракција. Јавните простори се комплексни простори кои треба да го
опслужуваат домашното но и гостинското население, односно туристите. Тие мора да
се така обликувани и програмирани да имаат содржини и да претставуваат платформа
за активности за двете засегнати страни, со што ќе се одржува вибрантниот градски
живот во даден град. Пристапот при планирањето на јавни простори мора да биде
хуманистички, односно просторите да бидат прилагодени за луѓето и нивните потреби.
Како најголема закана за јавните простори претставува нивното присвојување
односно узурпацијата. Со узурпацијата како дегенеративен процес на иднината на
јавните простори, се нарушува целокупноста на самиот простор како медиум за
остварување на човековите активности, односно се нарушуваат процесите кои се
востпоставени на ниво на јавните простори. За намалување на овие негативни ефекти
од узурпацијата потребно е да се врши континуирано вложување од страна на
локалните власти во едукација за значењето на јавните простори и нивниот ефект врз
психата на луѓето кои се корисници на истите, како кај домашното така и кај
гостинското население, поради тоа што правото на јавен простор во градовите мора да
е неприкосновено за сите.

12
БИБЛИОГРАФИЈА

Bačević, Jana. ,,Antropologija, turizam i tranzicija: koncepcije o razvoju turizma u Knjazevcu”. Glasnik Etnografskog
instituta CANU LIV, Knjazevac.

Bauman, В. Zygmunt., From Pilgrim to Tourist – or a Short History of Identity, Questions of Cultural Identity (eds. Stuart
Hall & Paul du Gay), Routledge, London 1997; Chris Rojek & John Urry, Transformations of Travel and Theory, Touring
Cultures (eds. Chris Rojek & John Urry), Routledge, London 1997; Eeva Jokinen & Soile Veijola, The Disoriented Tourist:
the Figuration of the Tourist in Contemporary Cultural Critique, Touring Cultures.

Jameson, Walter. ,,Cultural Heritage Tourism Planning and Development: Defining the Field and its challenges“. APT
Bulletin, Vol.29, No.3/4. 1998.

Leah Burns, Georgette., ,,Anthropology and Tourism: Past contributions and future theoretical challenges”. Antropological
Forum Griffith University, 2004.

M.Low, Setha. Promisljanje grada. Naklada Jesenski i Turk, 2006..

Pinto, Luis. ,,The book of tourism vs heritage“ International point of view. Varzea da Rainha Impressores, S.A. 2015.
Plaza, Beatriz. ,,The Guggenheim –Bilbao Museum effect: a reply to Maria V.Gomez – reflective images: the case of urban
regeneration in Glasgow and Bilbao“. International Journal of Urban and Regional Planning, No.23. 1999.

Rihtman-Auguštin, Dunja. Ulice moga grada. Beograd: antropologija domaćeg terena. Biblioteka XX vek, 2000.

Талеска, Mилена. Рурален туризам. Скопје: Селектор, 2009.

Трпески, Даворин. ,,Кој го поседува минатото? Културната политика и заштитата на културното наследство во
постсоцијалистичка Македонија”, 2013.

13

You might also like