You are on page 1of 7

Коко Шанел

(1883 – 1971)

Габриела Бонхер “Коко” Шанел е родена во Самур, Франција, на 19 август во 1883 година. Таа е една
од оние модни дизајнери кои извршиле огромно и трајно влијание врз женската мода во 20-тиот
век. Со креирање на модни парчиња како што се малиот црн фустан, костимот Шанел, синџирестите
чантички прекриени со штавена кожа, како и нејзиниот препознатлив парфем Chanel No.5, Коко
станала легендарна модна икона, која креирала безвременски дизајни, кои никогаш нема да излезат
од мода.

Коко Шанел потекнува од сиромашно семејство. Таа имала многу тешко детство. На 12 години ја
изгубила и нејзината мајка, па со нејзините сестри била однесена во сиропиталиште, бидејќи
нивниот татко не сакал да се грижи за нив. Иако тоа биле најлошите моменти од нејзиниот живот,
престојот во сиропиталиштето имало и позитивна страна. Тоа било местото каде што таа од
калуѓерките научила да шие и понатаму се инспирирала да го развива својот талент за дизајн. Откако
наполнила 18 години почнала да работи преку ден како кројачка, а навечер како пејачка. Според
една од нејзините песни од тоа време, публиката почнала да ја нарекува Коко, па така тоа име и
останало како прекар до крајот на животот. Својата прва продавница ја отворила во 1910 година во
Париз.

1
Во оваа продавница таа не смеела да продава фустани, бидејќи на истата улица веќе постоела
продавница специјализирана за фустани. Затоа таа почнала на нејзините клиенти да им продава
шапки и друга облека, која во тоа време се сметала за спортска, како на пример џемпери, блузи и
слично.

Така почнала да го привлекува вниманието на жените кои сакале да бидат поразлични од другите и
кои сакале да се истакнат со начинот на облекување. Со текот на времето, оваа продавница почнала
да станува се попопуларна, па така во 1913 година таа го отворила својот прв бутик во Деувил, во кој
можела да продавала и фустани. Нејзина главна цел била да создаде удобна облека, во која жените
ќе се чувствуваат пријатно и убаво. Со овие креации на Шанел се ставил крај на носењето неудобна и
непрактична облека, како што се тесните корсети. Таа некои типично машки парчиња облека ги
прилагодила за да може да ги носат и женските. Такви биле машките сакоа, пантолони и сл.

2
Порано панталоните ги носеле само мажите, а Коко Шанел сметала дека корсетите во фустаните не
им даваат на жените доволно мобилност и слобода. Така, во една прилика кога тргнала на јавање,
сфатила дека не може да јава во здолниште, па му ги соблекла панталоните на јавачот и ги облекла
на себе.

Кога гледала француски рибари како носат облека на пруги, решила во женската мода да ги воведе
бело-сините пруги, кои подоцна биле пренесени на сите останати парчиња облека.

Најголем дел од облеката на Шанел била сошиена од материјалот трикотажа (тоа е материјал од кој
денес се изработуваат дресови, костими за капење и слично). Оваа ткаенина во тоа време се
употребувала само за шиење на машка долна облека. Одлуката на Шанел да го користи токму овој
материјал во нејзината модна линија, ѝ донел уште повеќе обожаватели. На почетокот од нејзината
кариера како дизајнер, кога била во лоша финансиска состојба, Коко го купувала овој материјал
бидејќи бил ефтин, но продолжила да го користи и откако нејзиниот бизнис се развил, поради
неговиот добар квалитет. Трикотажата одлично прилегала на едноставните, елегантни и практични
модни парчиња на Шанел, кои честопати биле инспирирани од машката мода. Трикотажата била
добар избор и за широко распространетите униформи, кои станале актуелни кога започнала Првата
светска војна (1914 год.).

Коко Шанел сама си го дизајнирала и нејзиното познато лого.

Во 1919 година успеала да отвори бутик на најатрактивно место во центарот на Париз. Нејзините
производи не само што се продавале во нејзините сопствени продавници, туку тие се продавале и во
големи ланци на стоковни куќи, а се извезувале и во странство.

Станала една од првите жени модни дизајнери кои креирале едноставни идеи за практични облеки
за секоја пригода.

Во 1921 година Коко Шанел добила идеја да и даде завршен допир на облеката, така што ќе креира
сопствен парфем. Парфемот го има името пет, бидејќи таа сметала дека бројот пет и е среќен број.

3
Таа сакала да креира свеж парфем, кој ќе има долготраен мирис. Се верува дека и ден денес
шишенце Chanel N⁰5 се продава на секои 30 секунди во светот.

Во 1925 година го креирала костумот Шанел, со праволиниска и симетрична форма, составен од три
дела, каде што сакото е без крагња, ткаенината е од трикотажа, а здолништето е припиено до телото
и е со должина до колена. Костимот бил едноставен и лесно ги истакнувал најубавите делови од
женското тело, без да ги приморува жените да носат неудобни корсети за да го сокријат стомакот.
Исто така, Коко Шанел му донела слава на обичниот и едноставен накит. Често ја гледале со куп
лажни бисери и кристали. Таа сакала да дизајнира парчиња кои сите жени можат да си ги дозволат.

Во 1926 година во светот на модата го вовела и нејзиниот мал црн фустан. До тогаш црната боја била
резервирана само во денови на жалост, па воопшто не се користела во модата. Малиот црн фустан
4
за многу кратко време станал многу популарен и го сменил светот на женската мода. Нејзината цел
била да создаде парче облека кое сите жени ќе можат да си го дозволат, кое нема да мора постојано
да го купуваат и кога и да го облечат ќе можат да изгледаат модерно. Малиот црн фустан можел да
се носи преку ден, но и за вечерно излегување - сѐ зависи од додатоците.

На почетокот на 30тите години на 19 век Шанел дизајнирала и неколку фустани за холивудски


филмови, со што станала многу позната и во САД.

Во тоа време белиот тен се сметал за женствен и елегантен. Исончаниот тен се поврзувал со
работничката класа. Тоа го променила Коко. Таа била многу популарна во Париз, па по враќањето од
5
нејзино летување во Кан, многу жени се восхитувале на нејзиниот исончан тен и посакале и тие да го
имаат. Веројатно темниот тен засекогаш ќе остане популарен.

Со почетокот на Втората Светска војна, таа ги затворила сите свои продавници. Потоа дури по 15
годишна пауза се вратила во светот на модата во 1954 година.

Шанел иако била повозрасна, не престанала да верува во практичноста на облеката и модните


додатоци. Сметајќи дека женските раце треба да бидат слободни за време на друштвени собири, таа
креирала чанта со долго синџирче за на рамо. Модернизираната верзија на чантата која ја истакнува
женската слобода, индивидуалност и потребата за практичност, го добила името 2.55, според
датумот кога е создадена (февруари 1955 година). Изработена од кожа, со надворешност која
потсетува на јорган, популарната чанта има долго двојно синџирче инспирирано од синџирите со
клучеви на надзорниците во манастирот каде Коко ги минала тинејџерските денови.

Чевлите кои комбинираат две различни бои се исто така нејзин препознатлив, заштитен знак, како и
многубројните џебови на чантите.

6
Коко ја воодушевувале неутрални и смирени тонови, како кремаста и морнарско сина. Таа е една од
првите дизајнери кои ги комбинирале вистинските скапоцени камења со обичниот, ефтин накит
(најчесто пластични лажни бисери), создавајќи го концептот „бижутерија“, достапен за жените од
секоја социјална класа.

Идејата на Коко Шанел била да ја промени модата во светот, и навистина успеала во тоа. Овие биле
нејзините три главни правила:

1. Не купувајте скапа облека, само затоа што е скапа!


2. Секогаш носете торбичка со вас!
3. Никогаш не излегувајте од дома без парфем!

Нејзината главна мисла која ја водела низ животот била: “Ако сакаш да бидеш незаменлива, мора да
бидеш различна.”

Таа е многу позната по нејзините инспиративни пораки:

“Јас не правам мода. Јас сум модата.”

“Ништо не е поубаво од слободата на телото.”

“Модата има две цели: удобност и љубов. Убавината доаѓа кога модата ќе стане успешна.”

“Едноставноста е клучот на вистинската елеганција.”

Коко Шанел била херој, бидејќи успеала да го промени начинот на кој се очекувало жените да се
облекуваат и да се однесуваат кога се во јавност. Таа ја вовела уметноста на елеганцијата и
едноставноста, помагајќи им на жените да се чувствуваат самоуверено во облеката која ја носат. Таа
им покажала на жените пример како да зборуваат за себеси и да се однесуваат како што тие мислат.

Шанел умрела во 1971 година. Таа сеуште има влијание во женскиот животен стил и мода. Куќата на
Шанел сеуште постои и произведува модерни верзии на нејзините најдобри идеи.

You might also like