You are on page 1of 1

Белешка за авторот:

Стале Попов
Роден е на 25 мај 1902 година во малото село Мелница, Мариово, како трето од петте
деца на манастирскиот слуга Илија Сталев. Татко му, кој цели 18 години бил манастирски
слуга, станал поп во Витолиште и заедно со децата се преселил во ова најголемо и
централно мариовско село. Во Прилеп, Стале Попов се запишал во гимназија, но поради
војните го прекинал школувањето, а завршил богословија во Битола, а подоцна дипломирал
на Теолошкиот факултет во Белград.
По завршувањето на училиштето и отслужувањето на воениот рок, Попов се вработил во
општината во Битола, а потоа и како писар во Духовниот суд во овој град, со надеж да се
запопи и да го замени татка си во парохијата. Но, набргу умрела жена му и по два месеца
службување, тој ја напуштил Битола и се вратил во родниот крај да се грижи за своите мали
деца. Но, како последица на неговиот немирен дух, во 1930 година пак го напуштил
Мариово и се преселил во Прилеп каде што се вработил во Пореската управа. И оттука бил
отпуштен и кон крајот на истата година бил преместен во Лесковац, каде што работел како
полициски писар. Потоа, преминал на служба во Крушевац, а оттаму пак се вратил во
Битола, а потоа ја напуштилл Македонија и заминал во Белград, каде што се вработил како
висок службеник во Општото одделение на Собранието на Кралството Југославија.
Претчувствувајќи го она што набргу ќе се случи, точно на 27 март 1941 година го напуштил
Белград и се вратил во родното Мариово. Стале попов починал во Скопје на 10 март 1965
година.
Првите раскази „Мице Касапче“ и „Петре Андов“ ги објавил во списанието
„Современост“. Вистинска литературна афирмација доживеал со својот прв роман „Крпен
живот“ (1953) чиј втор дел излегол во 1954 година. Веднаш потоа напишал низа дела и
станал еден од најплодните романописци и раскажувачи во македонската книжевност. Во
1953 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија. Тој е автор и на
следниве дела: „Итар Пејо“ (раскази, 1955), „Толе Паша“ (роман, 1956), „Опасна
печалба“ (подолга проза, 1956), „Калеш Анѓа“ (роман, 1958), „Дилбер Стана“ (роман, 1958),
„Мариовскиот панаѓур“ (новела, 1961), „Помеѓу небото и земјата“ (раскази, 1963), „Шаќир
војвода“ (романсирана биографија, 1966), „Необично дете“ (роман, 1966) и „Доктор
Орешкоски“ (роман, 1966).

You might also like