You are on page 1of 2

Водата нè води во средно

Се наоѓам на крстопат. Првиот поважен во мојот досегашен живот. Капка по


капка, како во мене да извира река. Со секое мое искуство и ново учење, од ден
на ден, од час во час, истата станува сè подлабока. Како поминуваат годините од
моето образование, така реката се бистри, сè повеќе и повеќе жубори, станува сè
подолга, пораскошна... И... За миг станува водопад, толку брз, бучен, жив, распеан
и разигран... Баш како и мојата душа. Како една подготовка за возбудливото
патување што е пред мене, за средното образование кое ме чека.
Седам на старата училишна клупа. Размислувам. Сонувам. Ми поминуваат
последните денови во оваа училница. Училницата на моето детство. Училницата
во која ги поминувам и моите „збунети години“. Низ годините наназад, минуваа
деновите како реката што жубори во блиската шума. Како капките пролетна роса
кои блескаат на раното пролетно сонце. Како жешките солзи кои капат по моето
лице после првата љубовна болка. Денес, реката во мојата душа е толку бистра и
раскошна, со сите тајни на знаењето што вешто ги чувам во мене. Сите мудрости
кои сум ги научила сите овие години наназад, седејќи во истата оваа стара,
училишна клупа.
Но, одеднаш молк. Тишина. Реката станува предлабока, а водата многу
матна. Чувствувам празнина. И страв од разделба и збогување. Но, и трошка
надеж од друга страна. Да.. Искрено сум многу збунета. Не знам што да правам...
Се изгубив во матните води на надојдената вода. Каде да продолжам? Што ќе се
случи? Дали мојата одлука ќе биде вистинска и правилна?
Но, за миг сфаќам дека не сум сама. Сите мои грижи се изгубија кога моите
соученици ми ги кажаа своите соништа од една страна, но и истите стравови и
сомнежи од друга страна. Сите сме исти. Исти во стравовите. Но, и во соништата.
Како водата сега повторно да се избистри и стана уште посина, пораскошна,
поубава. Стана симбол на разделба, но и надеж. Годините што ги поминав со нив
нема да бидат заборавени, туку ќе течат бескрајно во новосоздадена река со нови
искуства, личности, наставници и доживувања кои ме очекуваат. Сега сум
подготвена за непознатото и сум возбудена за тоа каде ќе ме однесе оваа
кристално чиста река, исполнета со возбудливи доживувања, спомени, соништа...
И да, решив, ќе бидам како водата во реката. Секогаш ќе одам напред, без
да се вртам назад, да видам кој пие од мене. Затоа што пред мене е предизвикот
наречен средно образование. Пред мене се младоста и лудоста. Пред мене е
животот. А, поголемо богатство од тоа нема!
Ученик: Кирјана Милошевска, 9-б одделение, ООУ „Никола Карев“ – Крушево
Ментор: Маја Митева – Петроска

You might also like