You are on page 1of 2

Видови на инвестиции

Видови на инвестиции се:


1. инвестиции за замена
2. нето инвестиции
3. бруто инвестиции
4. дезинвестиции
Инвестициите за замена се дел од капиталот, од фиксните фондови кој се обезбедува преку
амортизационите отписи, односно амортизацијата и се враќа во производството. Инвестициите за замена
покажуваат всушност кој дел, колку од капиталот се повратил, па затоа се вели дека тие имаат функција за
заштита на капиталот. Притоа замената најчесто не значи употреба на инвестициите за замена на старата со иста
таква, туку за купување на нова опрема и технологија, место старата. Од посебна важност е со реалната
амортизација да се зачува вредноста на основните средства. Во условите на СФРЈ и Македонија не се вршеше
редовна ревалоризација, односно преоценување на набавната вредност според движењето на инфлацијата, па
немаше ниту реална амортизација. На тој начин вредноста на основните средства се прелевала за неоправдано
зголемување на личната потрошувачка, со што се подјадувала вредноста на средствата за производство.
Нето инвестициите ја означуваат големината на делот од новосоздадената вредност, поточно дел од
заштедата кој се трансформирал во нови капитални добра. Значи нето инвестициите произлегуваат од заштедата
и се дел од тековната работа како нови додавања на постојните фондови со кои се обезбедува раст и развој на
стопанството.
Бруто инвестициите ги опфаќаат сите форми на инвестирање, без разлика на нивните форми на
појавување и дали потекнуваат од амортизацијата или од заштедата, и дали се наменети за инвестиции во
основни или во обртни средства. Тие ја покажуваат целината на инвестиционите фондови.
Двоењето на средствата за инвестиции како инвестиции за замена и нето инвестиции има значење само за
евиденцијата, да се знае од кои извори се обезбедуваат средствата, но притоа нема законско ограничување како
ќе се употребат, па сосем е нормално и економски оправдано тоа што амортизацијата привремено се
пренаменува за нови капацитети како што нормално постапуваат претпријатијата.
Дезинвестициите има тогаш кога има намалување, уназадување, односно кога се подјадуваат постојните
инвестициони фондови, на пр при неповолни услови како што се војни, елементарни непогоди, транзициони
процеси и сл. Дезинвестирањето се појавува кога амортизацијата е помала од бруто инвестициите, или во
основни фондови од вкупната маса на капитални фондови на ниво на национална економија.
Во поранешна Југославија и Македонија со мерките на државата во политиката на цените и примарната
распределба од некои сектори, во поедини периоди од развојот се извлекуваше не само целата акумулација,
туку и им се одземаше и дел од амортизацијата, па тие сектори (пример железницата, земјоделството) заостанаа
во развојот и модернизацијата. Дезинвестирање во Р. Македонија имаше и во првите години на транзицијата во
90те години кога инвестициите во основните фондови во стопанството беа помали од самата амортизација.
Во досегашната статистичка евиденција, сите инвестиции се искажуваа како стопански и нестопански. За
стопански се сметаа инвестициите кои се насочуваат кон изградба на капацитети и објекти во стопанските
дејности, во индустријата, сообраќајот, трговијата, земјоделството и др., односно во капацитети од кои се очекува
да се зголеми производството, прометот или услугите. За нестопански се сметаа инвестициите во објекти за
општествениот стандард како што се болниците, школите, спортски објекти, административни згради, станбена
изградба и сл. Досега ваквата поделба имаше значење бидејќи и дејностите исто така се делеа на стопански и
нестопански, а така се водеше и инвестиционата политика, па државата често ги ограничуваше нестопанските
инвестиции.
Со новата класификација на дејностите се помалку ќе се употребува поделбата на инвестициите на
стопански и нестопански. Во другите земји се употребува класификацијата на инвестициите според тоа дали се во
реални, материјални добра, згради, машини и слично, или се во нематеријални добра и услуги како што се
вложувањата во нови знаења и образование, во истражувања и развој, во здравството и слично на тоа.
Постојат и други поделби на инвестициите. Така инвестициите се разликуваат според тоа каде и за што се
насочени, па се разликуваат:
 Инвестиции во постојани, основни средства
 Инвестиции во обртни средства.
Од аспект на развојот пак сите инвестиции можат да се поделат на:
 Демографски
 Економски.
За демографски се сметаат инвестициите кои треба да бидат барем во тој обем за да може да се задржи
достигнатото ниво на развиеност, односно достигнатиот доход по глава на жител. Се викаат демографски,
бидејќи се зема предвид односот меѓу порастот на ОП и порастот на населението.
Ако се сака да се постигне општествен прогрес, порастот на производството треба да биде повисок од порастот
на населението. Тоа се постигнува со економските инвестиции. Овие инвестиции се всушност инвестициите над
демографските со кои се постигнува повисоко од веќе достигнатото ниво на општествен производ по жител.

You might also like