You are on page 1of 6

Едгар Алан По (1809-1849) е роден во Бостон, САД.

Откако таткото ги напуштил, мајка му починала кога тој имал две години, па бил неофицијално
посвоен од богатиот трговец Џон Алан.

Пет години живееле во Англија и таму го започнал своето школување. Кога студирал во Вирџинија
дошол во конфликт со потаткото и ја изгубил неговата материјална поткрепа.

Оттогаш се обидувал да се осамостои, почнал да пишува и објавува стихозбирки.

Две години бил во американската армија, за потоа целосно да ѝ се посвети на литературата.


Работел како публицист и уредник на повеќе списанија, но цел живот бил сиромашен и гладен. По
смртта на неговата млада сопруга тој ќе се растрои и ќе му се оддаде на алкохолот и дрогата.
Живеел во агонија, работел многу, претчувствувајќи ја блиската смрт.

По е автор на поетските книги:

„Тамерлан и други песни“, „Аларааф Тамерлан и помали песни“,„Песни“, „Гарванот и други песни“;

книгите куса проза:

„Раскази, гротески и арабески“, „Раскази“;

новелата:

„Доживувањето на Артур Гордон Пим“;

а во последниот период од животот ги напишал песните:

„Ѕвона“, „Анабел Ли“, „За Ани“.


Популарноста прво ја стекнал во Европа, преведуван од Шарл Бодлер, а потоа и во целиот свет.

Гарванот

Еднаш среде полноќ една, покрај стари книги седнат,

дури водев в соба бледна со тајната ука спор,

дури дремлив тонев в скука, зачув некој тропнеж тука,

зачув некој како чука на портата однадвор.

„Некој гостин” – реков, – чука однадвор!”

Тоа сал и ниту збор.

Ах, си спомнам, многу јасно: в декемвриска вечер касна,

жарта в пепелта што згасна го засени мојот взор.

Жедно утрото го пекав; од книгите штуро чекав

спас од болот што ме штрека, бол по еден редок збор,

збор Ленора, свидна мома, тој ангелски убав створ,

Таа вечна неизгор.

А завесата од свила, в пурпур сета што се слила,

грозен шун во себе скрила. На ужас се чиниш створ!

Па срцето дури бие, јас го молам да се свие:

„Некој гост е што се крие пред портата однадвор –

доцен гост е што се крие пред портата однадвор” –

Тоа сал и ниту збор!


Веднаш срдито се вденав, мигум својот глас го кренав:

„Човек ли сте или жена, простете е мојот збор;

врз клепкиве дремка стежна, а пак вие в ноќва мрежна

тропнавте со усет нежна на вратата однадвор” –

тоа реков, порти ширум отворив и пратив взор –

Надвор мрак и ниту збор!

Длабоко во мракот страшен долго стоев втренчен, вџашен,

сонувајќи сон незнаен ни на еден смртен створ;

Спокој секаде се свлече, мирнотија в ноќта тече,

збор единствен што се рече беше тажен, шепнат збор,

збор, Ленора, што низ ехо се врати одговор.

Тоа сал и ниту збор.

В собата штом дојдов назад, сетив: морници ме лазат,

зачув некој како чука пак со удар тап и спор.

Па си реков: „дај, ќе идам до прозорецот, да видам,

треба сигурен да бидам таен ли е некој створ!-

Да се смирам сал за малку од тропнежот однадвор”-

Вон сал ветер развигор.

Панѕурите штом ги турнав, прекумене нешто јурна,

низ прозорецот се втурна Гарван горд до темен взор.

Ни да климне глава само, ни да запре в таа штама,

но со лик на лорд ил’ дама к’о што дојде однадвор,

врз бистата на Палада, над вратата, овој створ

претна, седна и ни збор!

И со таа птица света, што пред малку тука слета


одважна и строга сета, почнав чуден разговор:

„Бувка немаш да се реси, сепак плашлива ти не си,

грозно, страшно сениште си, Брегот ноќен ти е двор –

речи, какво име носиш в Плутоновиот ти хор?”

Тој сал гракна: „Nevermore!”

Станав плен на почудица, кога таа грда птица

ја чув како зборна в мракот сосем јасен одговор!

Никој смртен жив створ вака, среде глува ноќна мрака,

не чул птица да му грака и да му праќа огнен взор –

птица или друга лишка да му праќа огнен взор

со збор еден: „Nevermore!”

Гавранот, штом седна таму, еден збор тој гракна само

в душа божем тој збор може сам да начне разговор.

Друго појќе нид а каже, ни да пафне пердув влажен,

дур не сронив мрмор тажен: „Осамен сум долго створ.

И ти како мојта Надеж исчезнат ќе бидеш створ!”

Тој сал гракна: „Nevermore!”

Изненаден, мигнум трепнав, од одветот негов сепнат,

„Сомневање нема”, шепнав, „Се` е тоа празен збор”.

Од несреќен стопан сметен, кого пропаст го сплете

и го следи уште, ете, до песните преумор,

тажачките песни, припев на Надежта непрегор

од вечното: „Nevermore!”

Но Гавранот грак што срони, макар тажен, в смев ме гони,

па на столот седнав сонлив со втренчен во него взор;


Врз кадифе глава веднам, но ми тежи мисла една,

мисла тажна, мисла бледна: кој е овој зловест створ?

Овој кобен страшен хишник каков ли е судботвор

со своето: „Nevermore!”

В плен на такви мисли седев, птицата со глед ја следев,

без да речам ниту еден, дури ниту еден збор;

В плен на такви мисли вивнат, понабргу потем стивнав

и врз кадифе да здивнам, се отпуштив нем и спор,

врз кадифето кај Она нема веќе к’о жив створ

Пак да седне, „Nevermore!”

Одненадеж, ми се чини, мирис воздухот да прими

божем крилни серафими кадат тамјан беспрекор;

„Страдалнику”, реков тогај, „Ова дар ти е од бога;

по ангели тој ти прати мир и непент којшто мати.

Испи го и тогај мора да ja заборавиш Ленора!”

грак се слушна: „Nevermore!”

„Пророку!”, му реков право, „птица ли си или ѓавол!

Сеедно е кој те пратил! Сотона ли, друг ли створ!

Полн со очај, смел ил’ злобен, дојден ваму в крајов кобен,

в дом кај што цари ужас гробен, дај ми искрен одговор:

речи, дали Гилеада има цер за тој што страда?”

Тој сал гракна: „Nevermore!”

„Пророку!”, му реков право, „птица ли си или ѓавол!

Те колнам во тој што в светот владее над секој створ„

Речи и` на мој’ва душа, која јадови ја гушат,


дали повторно ќе ја гушка Ленора со љубен вор?

Дали пак во далек Еден ќе прегрне свиден створ?”

Тој сал гракна: „Nevermore!”

Нека биде тој збор сега збор разделбен, а не шега,

птицо или враже, бегај в Плутоновиот ти двор!

Не оставај пердув траги, спомени од твојте лаги,

остави ме в мисли драги, престани со твојот збор!

Од срцево извади го клунот свој, тој клун на нор!

Грак се слушна: „Nevermore!”

А Гавранот ни да претне, ниту пак замиг да летне

oд бистата на Палада, туку како кобник створ

над вратата бдее, молчи, со поспани демон-очи,

И врз подот сенка дрочи, без да гракне ниту збор;

и врз таа сенка – темна, душава, знам, веќе нема,

да се крене. „Nevermore!”

You might also like