You are on page 1of 25

Kovacevic Radovan, Medunarodne finansije, Ekonomski fakultet, Beograd, 2010

- неофицијален превод-

ПОГЛАВЈЕ 2

ПЛАТЕН БИЛАНС

ВОВЕД

Во ова поглавје се испитува платниот биланс и се прикажува


методологијата за негова изработка, сметките на меѓународните
трансакции, како и поврзаноста на платниот биланс со националните
сметки и монетарниот сектор на земјата. Вниманието е насочено кон
сметководствените концепти кои се користат за регистрирање на
меѓународните трансакции во платниот биланс. Сметките на платниот
биланс помагаат да се анализира задолженоста на земјата спрема
странство.

МЕТОДОЛОГИЈА И ПРИНЦИПИ НА ИЗРАБОТКА НА


ПЛАТНИОТ БИЛАНС

Во овој дел прво укажуваме на основните поими значајни за


запознавање со трансакциите кои го сочинуваат платниот биланс.

ПОИМ И МЕТОДОЛОГИЈА НА ПЛАТНИОТ БИЛАНС

Платниот биланс на една земја претставува систематски преглед на


сите економски трансакции меѓу резидентите на една земја и резидентите
на сите останати земји во одреден временски период (најчесто во текот на
една година). Неколку земји, меѓу кои и САД, објавуваат квартални
податоци за платниот биланс.
Бидејќи со текот на времето се менувала структурата на
меѓународните економски односи, се јавила потреба дефиницијата за
платниот биланс да се прилагоди кон новите околности. Овие промени на
дефиницијата на платниот биланс, Меѓународниот монетарен фонд ги
прикажал во неколку изданија од својот прирачник за составување на
платниот биланс. Во петтото издание на Прирачникот од 1993 година,
ММФ во основа ја повторил дефиницијата која беше додадена на
почетокот на текстот. Заради силниот развој на светското стопанство, се
јавила потреба да се изврши прилагодување (ревизија) во Прирачникот за
составување на платниот биланс од 1993 година. Работата околу
дополнувањето започнала 2004 година. Паралелно се вршело испитување
на системот на национални сметки (System of National Accounts - SNA) од
1993 година, со цел да се одржи врска помеѓу статистиката на платниот
биланс и националните сметки. Посебно подрачје на аналитичките
истражувања биле компонентите на меѓународната инвестициска позиција
на една земја, како и книжењето на поединечните видови на странски
директни инвестиции. Како резултат на овие прилагодувања, во декември
2008 година, се појавило шестото издание на Прирачникот1.
Во ова издание на Прирачникот е извршена ревизија на стандардите
кои се однесуваат на концептите, дефинициите и класификацијата на
статистиките на меѓународните сметки. Земјите веќе ги усогласиле своите
шеми на платниот биланс со новите концепти.
Промените во светското стопанство и во меѓународниот монетарен
систем во повоениот период биле динамични, така што ММФ морал да ја
дефинира својата дефиниција и методологијата на платниот биланс.
Најновата дефиниција на платниот биланс гласи: “Платниот биланс е
статистички исказ којшто ги опфаќа трансакциите помеѓу
резидентите и нерезидентите за одреден временски период. Го
сочинуваат сметката на стоки и услуги, сметката на примарниот
доход, сметката на секундарниот доход, капиталната сметка и
финансиската сметка”.
Оваа дефиниција ја наметнува потребата да се објасни што се
подразбира под економска трансакција и што опфаќа поимот резиденти.
Под поимот меѓународни економски трансакции се подразбира
размена на стоки, услуги и актива, како и трансфер на пари меѓу
резидентите на една земја и резидентите на останатите земји. Исто така,
треба да се нагласи дека овде станува збор за размени на добра, услуги,
актива и пари која се одвива во текот на една година, а не за состојбата на
поединечните компоненти.
Поимот резиденти се однесува не само на поединци, туку и на
институции. Граѓаните на една земја кои постојано живеат во неа се
резиденти на таа земја. Истото важи и за централната и локалната управа
на земјата, фирмите и непрофитните организации лоцирани во таа земја.
Во некои случаи концептот за резиденти не е најјасен, па затоа овој статус
се одредува арбитрарно. Кога се во прашање фирмите, важи правилото
дека статусот на резиденти се одредува во зависност од тоа каде фирмата
ја извршува својата дејност. На пример, фирмата е резидент на земјата
каде што се наоѓа нејзиното седиште, меѓутоа филијалите на истата фирма
во странство се резиденти на тие земји. Туристите, дипломатите и воените
претставници во странство, работници на привремена работа, студенти
или лица кои се лечат во странство се резиденти на земјата чиј што пасош
поседуваат. Дознаките кои мигрантите на привремена работа во странство
1
http: //www.imf.org/external/pubs/ft/bop/2007/pdf/bpm6.pdf
ги испраќаат во матичната земја се пресметуваат во нејзиниот бруто –
домашен производ, бидејќи мигрантите се сметаат за резиденти на таа
земја. До нејаснотии во толкувањето на концептот на резидентите доаѓа
кога, на пример работник на привремен престој, одлучи трајно да остане
во странство. Иселениците кои ќе го променат своето државјанство имаат
статус на нерезиденти. Нивните дознаки во земјата на потекло имаат
карактер на еднострани трансфери. Потоа, меѓународните организации,
како ММФ, СТО, ОН и СБ не се резиденти на земјата каде што се наоѓа
нивното седиште. Овие институции се сметаат резиденти на едно
имагинарно подрачје кое се наоѓа надвор од националните граници.
Заради ова, трансакциите на овие институции со резидентите на земјата
каде што се наоѓаат, имаат статус на меѓународни трансакции и се книжат
во платниот биланс.
Платниот биланс ги бележи промените на меѓународните обврски и
побарување во текот на една година, но не и нивната состојба на
почетокот и крајот на набљудуваниот период. Трансакциите во платниот
биланс се книжат по принципот на двојно книговодство, што значи дека
секоја трансакција се книжи два пати, еднаш на доверителната, а другиот
пат на долговната страна.
Стоковите трансакции во платниот биланс се регистрираат на
царинската граница, според единствена царинска изјава. Во некои
трансакции, во коишто стоката ја преминува границата, не доаѓа до
промена на сопственоста. Тоа најчесто се случува при движењето на
производите во ланците на транснационалните компании. Има и такви
случаи кога стоката не преминува преку граница а доаѓа до промена на
сопственоста. Како на пример за тоа може да се наведе случајот кога
домашните резиденти му продаваат злато на монетарните власти на
државата, што потоа се книжи во девизните резерви на земјата, и така
доаѓа во платниот биланс.

ПРИНЦИПИ НА ИЗРАБОТКА НА ПЛАТНИОТ БИЛАНС

Во овој дел ги анализираме главните сметководствени принципи кои


се користат при составувањето на платниот биланс. Прво се укажува на
разликите меѓу доверителските и долговните позиции во платниот биланс,
а потоа се објаснуваат принципите на двојното книговодство, кои се
користат во евидентирањето на платнобилансните трансакции.
ДОЛГОВИ И ПОБАРУВАЊА

Сите меѓународни трансакции можат да се поделат на долговни и


доверителски. Во доверителските спаѓаат сите оние трансакции кои
имаат за последица прилив на пари, додека во долговни спаѓаат оние
трансакции кои доведуваат до одлив на пари заради плаќање на странците.
Побарувањата во платниот биланс се означуваат со знакот “+” (извоз на
стоки и услуги, еднострани трансфери од странство, прилив на капитал во
облик на кредит, прилив на сметката на доходот). Знакот “+” значи дека по
основ на наведените трансакции со странство ќе следат плаќања од
странство. Долговите во платниот биланс се означуваат со знакот “-” (увоз
на стоки и услуги, одлив од сметката на доходот, еднострани трансфери во
странство).
Во 2012 година ММФ го усвои Прирачникот за изработка на
платниот биланс и меѓународната инвестициона позиција бр. 6 (BPM6),
кој донесе одредени промени во однос на BMP5. Пред се, BPM6 е
конзистентен со Системот на национални сметки (SNA2008) и Европскиот
систем на национални и регионални сметки (ESA 2010) (европска верзија
SNA 2008), како и со четвртото издание од Прирачникот за Бенчмарк
дефиницијата за странски директни инвестиции (BD4), изработена од
страна на Организацијата за економска соработка и развој (OECD).
Поврзувањето на трансакциите во платниот биланс со трансакциите во
меѓународната инвестициска позиција преставува главно обележје на
новата методологија за изработка на платниот биланс. Во согласност со
целите на новата методологија, измената е и конвенцијата за знаците кои
што се поставуваат пред активните и пасивните позиции на платниот
биланс. Според новата конвенција, приходите и расходите во тековната и
капиталната сметка имаат предзнак “+”, додека нето вредноста на овие
позиции се пресметува како разлика меѓу приходите и расходите (спрема
BPM5 методологијата, нето вредноста се пресметува како збир на
приходите и расходите). Во финансиската сметка, со позитивен предзнак
се означува како зголемувањето на активата, така и зголемувањето на
пасивата, додека намалувањето на активата и пасивата има негативен
предзнак. Имено, предзнакот во финансиската сметка ја покажува
насоката на промена на активата и пасивата, додека квантитативниот
ефект од овие движења се мери како разлика меѓу активата и пасивата.
Според тоа, и во случај на намалување на активата и пасивата, нето
вредноста на позициите на финансиската сметка се пресметува како
разлика меѓу активата и пасивата на конкретните позиции. Позитивното
салдо на финансиската сметка како целина, како и позитивната нето
вредност на позициите внатре во финансиските сметки поединечно,
означува раст на побарувањата на набљудуваната земја од нерезидентите,
или намалување на нејзините обврски кон нерезидентите (одлив на
капиталот од земјата). Од друга страна, негативната вредност на салдото
на финасиската сметка означува намалување на побарувањата на земјата
од нерезидентите, или пораст на нејзините обврски кон нерезидентите,
што доведува до прилив на капитал во набљудуваната земја.
Приливот на капитал во платниот биланс можи да се прикажи како
раст на странската актива во земјата или како намалување на домашната
актива во странство. На пример, кога резидент од Јапонија ќе купи акции
од компанија во Европската унија (ЕУ), расте странската актива во ЕУ. До
прилив на капитал во ЕУ доаѓа и кога ќе се намали активата на резидентот
на ЕУ во странство. На пример, кога резидент од Германија ќе ги продаде
акциите од токиско метро, доаѓа до намалување на странската актива на
ЕУ. Во овој случај се работи за враќање на средствата во ЕУ, кои
претходно, во случај на купување на акции во токиско метро, ја
напуштиле ЕУ. Бидејќи доаѓа прилив на пари во ЕУ, оваа трансакција се
евидентира на страната побарува во платниот биланс. Приливот на
капитал во платниот биланс, врз основа на растот на странската актива во
земјата или намалување на домашната актива во странство, преставува
побарување, кое во BPM5 се книжи со предзнак “+”. Веќе е истакнато дека
во BPM6 негативната вредност во финансиската сметка во целина (разлика
меѓу актива и пасива), како и на нејзините компоненти, означува
намалување на побарувањата од нерезидентите, или зголемување на
обврските кон нерезидентите, што всушност значи прилив на капитал во
таа земја.
Од друга страна, одливот на капитал преставува раст на домашната
актива во странство, или намалување на странската актива во земјата,
заради тоа што во двата случаи доаѓа до зголемување на плаќањата кон
странците. На пример, кога еден резидент од Германија купува обврзници
од американскиот трезор, тој ја зголемува активата на ЕУ во странство.
Оваа трансакција во Германија, според BPM5 се книжи со предзнак “-“
затоа што доаѓа до одлив на капиталот од земјата (плаќање на странците).
Исто така, кога резидент од Германија ќе купи обврзници од Јапонската
централна банка, тој ја зголемува активата на ЕУ во странство. Со оглед на
мислењето дека оваа трансакција има за резултат плаќање кон странците,
во платниот биланс на Германија, според BPM5, се книжи на должничката
страна. Веќе видовме дека во BPM6 позитивната вредност на
финансиската сметка во целина, како разлика помеѓу активата и пасивата,
прикажува зголемување на побарувањата на една земја кон нерезидентите,
или намалување на нејзините обврски кон нерезидентите, што преставува
одлив на капитал од таа земја.
ДВОЈНО КНИГОВОДСТВО

Платниот биланс се изработува врз принципите на двојно


книговодство кои налагаат секоја меѓународна трансакција да се книжи
два пати, еднаш на доверителската, а другиот пат на долговната страна во
истиот износ. Оваа процедура е воспоставена бидејќи секоја трансакција
има два тека. Кога се извезува стока или услуга, доаѓа до прилив на пари
врз основа на наплатата. Кога се увезува некоја стока или услуга мора за
тоа да му се плати на странскиот извозник. Овој принцип на евидентирање
на меѓународните трансакции значи дека збирот на сите трансакции со
позитивен предзнак (побарувања) треба да биде еднаков со збирот на сите
трансакции со негативен предзнак (долгови). Од ова произлегува заклучок
дека платниот биланс, набљудуван книговодствено, секогаш е во
рамнотежа. Во практиката, при изработката на платниот биланс, се
јавуваат грешки заради несоодветното вреднување на трансакциите или
пропусти заради испуштањето (изоставувањето) на некои трансакции. За
да се одржи рамнотежа помеѓу долговната и доверителската страна, во
платниот биланс се внесува ставка, грешки и пропусти, во нето износ.
Иако грешките и пропустите се јавуваат воглавно во финансискиот
биланс, нивното вистинско потекло не може да се види од оваа ставка.
За да биде појасен механизмот на книжењето на трансакциите ќе
дадеме неколку примери. Да претпоставиме дека фирма од Србија
извезува стока во Македонија во вредност од 1000 евра. На купувачот од
Македонија му е одобрен кредит од три месеци. Во оваа трансакција
извозот на стоката се бележи на доверителската страна на сметката извоз
на стоки и на долговната страна на сметката краткорочен капитал
(приватни трговски кредити одобрени на странците), бидејќи тоа
претставува одлив на краткорочен капитал од Србија. Извозникот од
Србија во овој случај му одобрил кредит на увозникот од Македонија и со
тоа стекнал побарување, додека увозникот од Македонија станува негов
должник. Странската актива на Србија со оваа трансакција пораснала за
1000 евра, а за истиот износ пораснал долгот на остатокот на светот
спрема Србија. Промените во билансот ќе се книжат на следниов начин:

Сметка Побарува (+) Долгува (-)


Извоз на стока 1000 €
Краткорочен 1000 €
капитал
После три месеци, увозникот од Македонија му ја плаќа стоката на
извозникот од Србија. Оваа трансакција ќе се книжи на сметката на
капиталот, меѓутоа ставката на која ќе се книжи зависи од начинот на
плаќање. Во секој случај ставката “краткорочен капитал ”се одобрува за
1000 евра. Доколку македонскиот увозник ја исплати увезената стока кај
Стопанска банка – Скопје, а таа ги пренесе на сметката која кај нејзе ја
отворила банката на извозникот од Србија, се задолжува сметката
“депозити пласирани во странски банки”. Вкупната трансакција се книжи
на следниов начин:

Сметка Побарува (+) Долгува (-)


Извоз на стоки 1000 €
Краткорочен 1000 € 1000 €
капитал
Депозити 1000 €
пласирани во
странски банки

Ако горните две трансакции се случуваат во иста календарска


година, ставките на сметката краткорочен капитал меѓусебно се пребиваат,
така што во билансот на плаќање за таа година се појавуваат само ставките
“Извоз на стоки” и “Депозити пласирани во странски банки”. Меѓутоа, ако
извозот на стока во Македонија е извршен во една година (на пример, во
октомври), во платниот биланс на Србија за истата година ќе се книжи
само првата трансакција во нашиот пример, додека другата трансакција
(трансакцијата на плаќање) ќе се книжи наредната година.
Да разгледаме уште еден пример и да претпоставиме дека резидент
на Србија го посетил Рим и потрошил 300 евра на влезници во музеј. Од
аспект на платниот биланс на Србија, може да се смета дека резидентот на
Србија (туристот во Рим) купува туристички услуги во странство кои ќе
мора да ги плати, така што оваа трансакција може да се смета еден вид
увоз. Заради тоа, платниот биланс на Србија се задолжува за износ од 300
евра. Плаќањето во истиот износ претставува побарување на Србија од
Италија. Доколку овој концепт не е најјасен, да претпоставиме дека
Италија за 300 евра купува акции на Комерцијална банка во Србија. Значи,
италијанската актива во Србија ќе порасни за 300 евра, па за тој износ се
одобрува сметката на капиталот. Двете трансакции ќе ги прикажеме како:

Сметка Побарува (+) Долгува (-)


Туристички услуги 300 €
купени во странство
Прилив на капитал 300 €
Во следниов пример претпоставуваме дека работник на
привремена работа во Австрија му праќа на своето семејство во Србија
500 евра. Добиениот износ семејството му го продава на Комерцијална
банка во Белград. Оваа трансакција ќе се книжи така што се одобрува
сметката “еднострани трансфери” а се задолжува сметката “краткорочен
капитал”. Промените во билансот на плаќање ќе се книжат на следниов
начин:

Сметка Побарува (+) Долгува (-)


Трансфер од странство 500 €
Краткорочен капитал 500 €

Сега, да тргнеме од претпоставката дека Србија е задолжена кај


ММФ на три години во износ од 3 милијарди долари, заради зголемување
на девизните резерви. Траншата во 2009 година е 700 милиони долари.
Оваа трансакција ќе ја книжиме така што ќе ја зголемиме состојбата на
сметката “Долгорочен капитал – задолженост на државата во странство”,
со зголемување на девизните резерви (зголемувањето на девизните
резерви се книжи со предзнак “-”). Промените ќе ги прикажеме како:

Сметка Побарува (+) Долгува (-)


Долгорочен капитал 700.000.000 $
(задолженост на државата
во странство)
Девизни резерви 700.000.000 $

Врз основа на претходните неколку примери, може да се увериме


како со помош на двојното книжење на трансакциите во платниот биланс
се постигнува неговата рамнотежа. Во секојдневниот живот се јавуваат
различни ситуации кои бараат различни комбинации на книжење на
трансакциите во платниот биланс.

ОСНОВНИ СМЕТКИ НА ПЛАТНИОТ БИЛАНС

Платниот биланс опфаќа голем број трансакции меѓу домашните и


странските резиденти, при што технолошките иновации и растот на
светската трговија непрестанато ја зголемуваат нивната разновидност.
Меѓутоа, заради полесно согледување на структурата на платниот биланс,
сите трансакции стандардно се сместуваат во три групи: тековни
трансакции, капитални трансакции и финансиски трансакции. Со
групирање на овие трансакции се добиваат три подбиланси, односно три
сметки на платниот биланс: (1) тековна сметка, односно тековен биланс
или биланс на тековните трансакции (2) капитална сметка, и (3)
сметка на финансиски трансакции.

ТЕКОВНА СМЕТКА
Тековната сметка (current account – CA), според методологијата
BPM6, ги регистрира приходите и расходите врз основа на извозот и
увозот на стоки, услуги, како и примарен и секундарен доход. Тековната
сметка се состои од четири основни подбиланси: стоки, услуги, примарен
и секундарен доход.
Категоријата стоки го мери увозот и извозот на опипливи производи
(физички производи кои ја преминуваат границата). Во оваа категорија
спаѓаат производите наменети за исхрана, суровини, капитални производи
(машини), автомобили, авиони и производи наменети за широка
потрошувачка. Извозот на овие производи се книжи, како побарување,
бидејќи по оваа основа ќе настане прилив на пари од странство. Увозот на
производи во категоријата стоки се книжи на долговната страна, бидејќи
ќе има резултат плаќање спрема странство. Многу економисти сметаат
дека ова е најпрецизна категорија во платниот биланс, бидејќи ги
регистрира опипливите производи. Трансакциите коишто се однесуваат на
извоз и увоз на стоки за доработка, според методологијата BPM6, нема
повеќе да се вклучуваат во ставката увоз и извоз на стоки за доработка,
додека, пак, платените и наплатените услуги за доработка, според истата
методологија, ќе се евидентираат во ставката увоз и извоз на услуги.
Другата категорија, услуги, ги опфаќа финансиските услуги кои
банките им ги даваат на странските увозници и извозници, меѓународните
правни, консултантски, проектни и сметководствени услуги, туристички
услуги, транспортни услуги на странските субјекти. Во услуги спаѓаат и
увозот и извозот на воена опрема. Плаќањата, авторските хонорари и
надокнадите кои стигнуваат од странство за авторски права, дадени
консултантски, банкарски, осигурителни или сметководствени услуги, на
пример, се книжат во платниот биланс на страната побарувања во
категоријата услуги. Извозот и увозот на услуги се потешки за мерење од
извозот и увозот на стоки, бидејќи се работи за нематеријални ставки кои
не се регистрираат на граница. Бидејќи не е лесно да се процени вредноста
на услуги дадени на странските субјекти, економистите услугите ги
сместуваат во невидливи трансакции на платниот биланс.
Сметката на примарен доход во BPM6 (сметка на доход во BPM5)
опфаќа надомест за вработените и доход од инвестиции. Во рамките на
доходот од инвестиции се наоѓаат приходите и расходите врз основа на
директни, портфолио и останати инвестиции, доходот од девизни резерви
и останатиот примарен доход. Специфичната методологија на BPM6 се
состои во тоа што одвоено ги прикажува приходите и расходите врз
основа на девизните резерви. Во рамките на приходите и расходите врз
основа на сопствениот капитал, кој се класифицира во директни
инвестиции, одделно се прикажуваат приходите и расходите по основ на
реинвестирана добивка. Во категорија ”останат примарен доход“ спаѓаат
некои позиции, кои според BPM5 се евидентираа во тековни трансфери.
Доходот од инвестиции опфаќа меѓународни исплати на камати и
дивиденди во корист на странски влади и резиденти кои поседуваат
домашна финансиска актива, како и наплата во корист на домашните
резиденти и влади по основ на странските хартии од вредност коишто ги
поседуваат, како и приходи на домашните компании кои се деловно
ангажирани во странство. Потребно е да се истакни дека купувањето
финансиска актива не се евидентира во сметката на примарниот доход,
туку само приходот на сопствениците врз основа на поседување на овие
активи. Доходот врз основа на инвестициите во странство исто така се
книжи на сметката на примарен доход. Причина за тоа е што профитот на
компаниите во сопственост на странци можи да се смета како доход на
сопственикот на капиталот, односно како надомест за услугите на
инвестирање. Сметката на доходот е позитивна, кога приливот на доход
врз основа на инвестиции од странство (профит, дивиденда, капитална
добивка, камата од обврзници) е поголем од одливот на доход во
странство.
Во рамките на сметката на секундарен доход (BPM6) се наоѓаат
приходите и расходите на државата, како и приходите и расходите на
останатите сектори (финансиски сектор, нефинансиски сектор,
домаќинства и невладини организации) Оваа сметка ги опфаќа сите
приватни трансфери (на пример, дознаки на работниците и иселениците
кон нивните семејства во странство, како и приватни подароци) и јавни
трансфери (државна помош, државни пензии). Едностраните трансфери не
повлекуваат обврска за преземање на дејство од оние кои ги примаат во
вид на купување на стоки или услуги во странство, или некои други
плаќања. Значи, сметката на секундарен доход ја прикажува
редистрибуција на добивката по пат на тековни трансфери.
Збирот на стоковниот и услужниот биланс го сочинува трговскиот
биланс. Значи, трговскиот биланс се добива како разлика помеѓу извозот и
увозот на стоки и услуги (Х – М). Ако Х-М>0, земјата остварува трговски
суфицит, а ако Х-М<0се вели дека постои трговски дефицит.
Имајќи го во предвид фактот дека платниот биланс мора да биде во
рамнотежа, дефицитот на билансот на тековните трансакции мора да се
израмни со суфицит во преостанатите две сметки од платниот биланс.
Тековниот биланс има неколку значења. Пред се, фактот дека
збирот на сите трансакции во платниот биланс мора да биде еднаков на
нула (заради двојното книжење на секоја трансакција), значи дека сите
останати трансакции, освен тековната сметка, претставуваат текови на
меѓународни финансиски инвестиции. Заради тоа салдото на тековната
сметка мора да биде еднакво на нето странските инвестиции. Потоа
салдото на тековната сметка е еднакво на разликата помеѓу
домашната заштеда и домашните инвестиции. Конечно, салдото на
тековната сметка на земјата, воедно преставува разлика меѓу
домашното производство на стоки и услуги и вкупната потрошувачка на
стоки и услуги. Земјата која бележи суфицит во тековната сметка има
позитивни нето финансиски инвестиции, нејзината домашна заштеда е
поголема од домашните инвестиции, а нејзиното производство на стоки и
услуги е поголемо од потрошувачката на стоки и услуги.

КАПИТАЛНА СМЕТКА

Капиталната сметка претставува помал подбиланс на платниот


биланс. Во неа се книжат капиталните трансфери и продажбата и
купувањето на нефинансиската актива. Главни компоненти на овој
подбиланс се трансферите на мигрантите и отписот на долгот (овие
трансакции се разликуваат од трансакциите во сметката на доходот). Во
нефинансиските трансакции спаѓаат пренесување на сопственоста над
природните ресурси, правата на интелектуална сопственост како и
франшизата.

ФИНАНСИСКА СМЕТКА

Нето вредноста на тековите на финансиската актива и сличните


побарувања (со изземање на тековите на официјалните меѓународни
резерви) го сочинуваат билансот на финансиската сметка.
Во финансиската сметка се регистрираат продажбите на
финансиската актива на странците и купувањето на финансиската актива
во странство. На пример, кога САД му продава финансиски инструменти
на странците заради покривање на буџетскиот дефицит, таа се обврзува на
враќање на номиналниот износ на средствата на којшто гласи дадениот
инструмент, со исплата на каматата. Ваквата трансакција се книжи во
финансиската сметка со позитивен предзнак, бидејќи продажбата на
финансискиот инструмент за САД значи финансиски прилив. Кога САД
купуваат финансиски инструменти во странство, таквата трансакција се
книжи во финансиската сметка со негативен предзнак, бидејќи доаѓа до
финансиски одлив, или одлив на капитал. Значењето на финансиската
сметка во платниот биланс на САД се зголемило после 1960-тите години,
со јакнењето на меѓународните текови на капитал. Финансиската сметка
опфаќа три главни категории: странски директни инвестиции,
портфолио инвестиции, останати инвестиции и трансакции со
официјални резерви. Финансиските деривати посебно се искажуваат
бидејќи опфаќаат посложени финансиски инструменти во однос на
акциите и обврзниците.
Директните инвестиции подразбираат движење на капиталот од
една земја во друга со цел купување на фирми или изградба на нова фирма
(grinfild investicii) во странство. Кога капиталот заминува од земјата, тоа
во платниот биланс се прикажува како одлив на капитал (со негативен
предзнак). Кога фирмите од странство купуваат фирми во домашната
земја, станува збор за прилив на капитал, којшто во платниот биланс се
регистрира со позитивен предзнак. Кога странецот ќе стекне 10% или
повеќе од обичните (сопственички) акции во домашната фирма, таа добива
статус на филијала на странската компанија и се смета за странска
директна инвестиција. Постојат две основни прашања кои го загрижуваат
странскиот инвеститор: контрола над фирмата и профитот. Најголем дел
од земјите имаат ограничување во однос на областите во кои можат да се
насочат странските директни вложувања (грижа за националната
безбедност), додека нивниот прилив во останатите подрачја се смета за
пожелен. Приливот на овие инвестиции во земјите во транзиција од
почетокот на 1990–тите години придонесоа за структурна трансформација
на нивните стопанства и зголемување на учеството на извозот и увозот во
бруто домашниот производ. Заради тоа приливот на овие инвестиции во
домашното стопанство се смета за пожелна. Другото прашање се однесува
на повлекувањето на профитот или негово реинвестирање во домашното
стопанство. Независно од одлуката на сопственикот дали ќе го
реинвестира профитот или ќе го повлече од земјата, вработените
работници ќе го имаат на располагање својот доход, што го оправдува
нивното присуство во стопанството.
Портфолио инвестициите претставуваат прилив на капитал од
странство што на странскиот инвеститор му носат помалку од 10%
сопственост во домашната фирма, како и одлив на капитал од земјата за
купување фирма од странство со помалку од 10% сопственост.
Глобализацијата и либерализацијата на светскиот пазар ги прошируваат
можностите за приватни и јавни инвестиции во различни финансиски
инструменти. Купувањето на државни и корпоративни обврзници во
странство, како и акции кои не овозможуваат стекнување сопственост во
фирмата над 10% претставува портфолио инвестирање. За разлика од
директните инвестиции, портфолио инвестициите се мотивирани со
стекнување на профит, а не со настојувањето да се управува со
инвестицијата. Купувањето на должнички хартии претставува нето
портфолио инвестиции во САД. Овие хартии од вредност во рацете на
странските инвеститори му носат обврска на САД да го исплатат
номиналниот износ на соодветните хартии од вредност, зголемен за
каматите. Овие хартии се деноминирани во американски долари така што
на САД не им се потребни странски валути за отплата на државниот долг.
Странските портфолио инвестиции се делат во две групи: краткорочни и
долгорочни инвестиции. Во краткорочни портфолио инвестиции
спаѓаат финансиските инструменти кои втасуваат во период до една
година. Во оваа категорија влегуваат: комерцијалните записи, орочените
депозити до една година, депозитните сертификати кои резидентите на
земјата го држат во странски банки или странци во домашни банки,
депозити на странски купувачи. Овде спаѓаат и краткорочните
меѓународни банкарски позајмувања, како што се комерцијалните заеми.
Во долгорочни портфолио инвестиции спаѓаат: акциите, обврзниците и
останати финансиски инструменти кои ги емитуваат приватните и јавните
организации, чијшто рок на втасување е подолг од една година, а чиешто
поседување не е мотивирано со контролата, туку со профитот.
Останатите инвестиции ги сочинуваат различни облици на
краткорочни и долгорочни трговски кредити, разновидни преку гранични
заеми од различни финансиски институции, валутни и банкарски
депозити, останати хартии од вредност и плаќања поврзани со
меѓународната трговија, како и позајмици од ММФ.
При составувањето на платниот биланс се користат податоци од
различни извори со неизедначена прецизност и веродостојност. Во некои
случаи податоците задоцнуваат, така што неусогласените меѓу
доверителската и должничката страна на платниот биланс мора да се
врамнотежат со помош на ставката грешки и пропусти. Причина за
неусогласеност може да биде и тоа што некои илегални трансакции се
кријат од државните агенции како што е царинската служба, за да се
избегне плаќањето на данокот. Примената на трансферните цени во
работењето на транснационалните компании исто така спаѓа во ова
подрачје
Странските директни инвестиции и портфолио инвестиции воглавно
ги преземаат приватни лица. Освен тоа, владата може да инвестира во
странство купувајќи акции на фирми во странство или преку инвестирање
во изградба на некои фабрики. Во финансиската сметка се прави јасна
разлика помеѓу меѓународни финансиски трансакции кои ги презема
владата и оние кои ги спроведува централната банка (таканаречени
трансакции со официјални резерви). Во рамките на оваа категорија се
регистрираат трансакциите на купопродажба со официјалните девизни
резерви на централните банки. Странската финансиска актива која се
наоѓа во портфолиото на централните банки спаѓа во официјални
девизни резерви. Овие резерви по правило се состојат од водечките
валути во меѓународната трговија и финансиските трансакции,
таканаречени “цврсти валути” како што се американскиот долар, еврото,
јапонскиот јен или SPV. Значењето на девизните резерви зависи од тоа
дали земјата има фиксен или флуктуирачки девизен курс. Во режимот на
фиксен девизен курс, земјата гарантира заменливост на домашната валута
за странската по фиксен девизен курс. Нерамнотежата помеѓу понудата и
побарувачката има за последица соодветна интервенција на централната
банка, за девизниот курс да остане константен. Меѓутоа, централната
банка и во режимот на флексибилни девизни курсеви интервенира на
девизниот пазар за да ги спречи претераните дневни осцилации на
девизните курсеви. Овие интервенции се нарекуваат официјални
интервенции на девизниот пазар. Преку овие интервенции централната
банка или повлекува или емитува пари во рамките на домашното
стопанство.
Значи, прилагодувањето во билансот на резервна актива го
формулира таканаречениот биланс на официјалните трансакции,
односно билансот на порамнување или билансот на плаќање.
Набљудувано книговодствено, салдото на билансот на плаќање врши
порамнување на салдото, на меѓународни трансакции. Позитивното салдо
на билансот на порамнување значи дека земјата остварила дефицит во
меѓународните трансакции, а негативен биланс значи дека земјата
остварила суфицит во меѓународните трансакции. Дефицитот на
меѓународните трансакции понекогаш се нарекува дефицит на платниот
биланс, а суфицитот на овие трансакции се нарекува суфицит на
платниот биланс. Доколку збирот на доверителски и долговни износи на
меѓународните трансакции е еднаков на нула, тогаш билансот на плаќање
ќе има нулта салдо. Во тој случај постои рамнотежа на платниот биланс.
Ако се одземаат трансакциите на резервна актива и едностраните
трансфери, сите останати трансакции на тековната, капиталната и
финансиската сметка се нарекуваат автономни трансакции, бидејќи се
преземаат за да се стекне профитот независно од состојбата на платниот
биланс. Понекогаш овие ставки се означуваат како “ставки над линијата”.
На другата страна, трансакциите на резервна актива служат за
врамнотежување на платниот биланс, па се нарекуваат трансакции за
прилагодување, односно “ставки под линијата”. Според ваквата поделба
на трансакциите, тековната, капиталната и финансиската сметка заедно го
формираат базичниот (основниот) биланс. Овој биланс најчесто се
користи за да се прикаже рамнотежата (нерамнотежата) на платниот
биланс.
Резервната актива на САД ја опфаќа ликвидната актива во која
спаѓаат: монетарното злато, специјалните права на влечење – SPV (Special
Drawing Right - SDR), резервната позиција во ММФ и девизните резерви
на сметките на странските банки. Кога централната банка купува странска
валута на меѓународниот девизен пазар, трансакцијата се книжи на
долговната страна бидејќи тоа е идентично на купувањето странска
актива. Ова купување е од стојалиште на двојното книжење, истовремена
продажба на домашни валути на странци. Ова продажба на домашна
валута на меѓународниот девизен пазар се книжи на долговната страна. За
да ја спроведува монетарната политика, централната банка во своите
девизни резерви може да има различни странски валути како и странски
државни обврзници.
На крајот може да се прашаме дали дефицитот на тековната сметка е
корисен или штетен за домашното стопанство? Иако дефицитот на
тековната сметка по правило се смета за слабост на домашното стопанство
(повеќе се троши отколку што се произведува) ваквиот заклучок може да
биде избрзан. Имено, дефицитот на тековната сметка отвара можност за
поголемо инвестирање отколку што е заштедата на земјата, што може да
се претвори во раст на продуктивноста и конкурентност на стопанството.
Приливот на странски капитал во овој случај ја одразува довербата на
странските инвеститори во домашното стопанство. Тоа секако отвара
простор за зголемување на животниот стандард, што може да се
протолкува како позитивно влијание на дефицитот на тековната сметка на
домашното стопанство.
Меѓутоа, дефицитот на тековната сметка може да предизвика и
некои проблеми. Растечкиот прилив на странскиот капитал во домашното
стопанство значи зголемување на странската актива во земјата, што се
претвора во сериозен ризик ако странските инвеститори ги променат
инвестиционите очекувања во однос на економските перспективи на
земјата и одлучат нагло да го повлечат капиталот од земјата. Оваа појава е
позната како бегство на капиталот. Пратечки ефект на повлекувањето
капитал од земјата е намалувањето на меѓународните резерви што може да
се претвори во финансиска криза. Ова искуство го имале земјите во развој
на почетокот на 1980-тите години, а слично нешто се случило и во текот
на азиската финансиска криза од 1997 година. Меѓутоа, негативните
искуства на земјите во развој со повремени бегства на капиталот, пред се
краткорочниот странски капитал, не би требало да бидат аргумент кој ќе
преовладува во корист на препораките дека земјите треба да ги
избегнуваат дефицитите на тековната сметка. Би можело да се заклучи
дека многу земји во развој се соочени со недостаток на капитал за
инвестирање така што индустријализацијата и модернизацијата на нивните
стопанства не би можело да се спроведе без странски капитал.
Производно насочениот странски капитал во вакви ситуации го оправдува
дефицитот на тековната сметка. Конечно, ни земјите со суфицит на
тековната сметка не се поштедени од ефектите на прелевање на кризата,
доколку таа избие кај некои од трговските партнери. Се разбира дека на
овие земји им е полесно да ја пребродат кризата благодарејќи на високите
девизни резерви и извозни приходи.
ПОВРЗАНОСТ НА ПЛАТНИОТ БИЛАНС СО ОСНОВНИТЕ
МАКРОЕКОНОМСКИ ВАРИЈАБЛИ

За да видиме како платниот биланс се поврзува со системот на


сметката на националниот доход, треба накратко да се потсетиме на
основните макроекономски агрегати на едно стопанство.
Бруто националниот производ на една земја (gross national product –
GNP) претставува вредност на сите финални производи и услуги кои
настанале со ангажирање на факторите на производство на таа земја.
Според употребата GNP се дели на: лична потрошувачка (износ кој го
трошат резидентите на земјата), инвестиции (издвојување на фирмите за
купување нова опрема и изградба на нови производи линии или
проширување на постојните), државна (буџетска) потрошувачка (дел од
GNP кој го троши државата) и билансот на тековни трансакции (нето
износ на стоки и услуги). Бидејќи, GNP е еднаков на националниот доход
на земјата оваа сметка обично се нарекува сметка на националниот
доход. Причина за ваквиот вид на изедначување е тоа што секој вид
потрошувачка воедно претставува доход на некој од факторите на
производство. При ова изедначување потребно е да се има во предвид дека
при пресметка на GNP не се зема во предвид амортизацијата, која ги
намалува доходот на сопственикот на машините и опремата, односно
сопственикот на капиталот. Заради тоа, потребно е амортизацијата да се
одземе од GNP при што се добива нето националниот производ. На друга
страна едностраните трансфери од странство (странска помош, дознаки од
работниците и иселениците и др.) го зголемуваат доходот на земјата, но не
се компонента на нејзиниот производ, па затоа мораат да се додадат на
нето националниот производ при пресметката на производот на земјите.
При практичната пресметка се јавуваат разлики меѓу GNP и националниот
доход, но тие не се од големо значење за макроекономската анализа.
Заради тоа во анализата на националната сметка по правило се тргнува од
еднаквоста помеѓу GNP и националниот доход.
За разлика од GNP, бруто домашниот производ (gross domestic
product – GDP) го прикажува обемот на бруто производството на една
земја во рамките на нејзините граници. Очигледно е и врската помеѓу GNP
и GDP, при што GNP претставува GDP зголемен за приходите на
националните фактори на производство во странство и намален за
приходите на странските фактори на производство во домашното
стопанство плус нето трансферите.
Националниот производ во затворено стопанство во целина се
распоредува во земјата (домашна потрошувачка, инвестициите и
државната, односно буџетска потрошувачка). Друга страна на медалјонот
е тоа што националниот доход во целина се троши на потрошувачка на
домашниот производ. Во отворено стопанство еден дел од домашниот
производ се извезува во странство, а истовремено дел од странскиот
производ се троши во земјата. Доколку во меѓународната трговија се јави
нерамнотежа меѓу овие два тека на домашен и странски производ тоа ќе се
пренесе на нерамнотежа на штедењето и инвестициите.
Основниот макроекономски идентитет на затвореното стопанство
може да се прикаже како:

Y=C+I+G (2.1)

при што Y претставува GNP, C лична потрошувачка, I инвестиции и G


буџетска (државна) потрошувачка. Веднаш може да се забележи дека во
затворено стопанство инвестициите се еднакви на штедењето.
Во отворено стопанство резидентите на земјата можат дел од својот
доход да потрошат на увоз на стоки и услуги, така што на располагање
останува дел од домашниот производ за продажба во странство. Увозот на
стоки и услуги стандардно се означува со M, а извозот на стоки и услуги
со X. Кога земјата увезува и плаќа стоки и услуги, таа влијае на
реализацијата на производството на странската земја, додека извозот на
стоки и услуги помага при реализацијата на домашното производство.
Основниот идентитет на отвореното стопанство може да се прикаже како:

Y=C+I+G+X–M (2.2)

Динамичниот развој на светската трговија резултира со


неврамнотеженост на извозот и увозот на стоки и услуги кај најголем број
земји. Од аспект на платниот биланс, разликата помеѓу извозот и увозот се
означува како биланс на тековните трансакции или пократко тековна
сметка. Воглавно оваа разлика се означува со B, при што B = X – M. Ако
извозот е поголем од увозот, се вели дека земјата има суфицит на билансот
на тековни трансакции, додека во случајот кога увозот е поголем од
извозот се вели дека земјата има дефицит на билансот на тековни
трансакции.
Доколку X<M, дефицитот мора да се покрие со задолжување во
странство или намалување на девизните резерви. Во принцип, земјата
може да го потроши само она што го произвела, но во отворено
стопанство потрошувачката може да биде поголема или помала во однос
на вредноста на домашниот производ. Ако се троши повеќе отколку што е
произведено во земјата, тоа се постигнува така што се троши дел од
странското производство и обратно. Во случај на суфицит, земјата ја
кредитира странската потрошувачка. Поинаку кажано, расте нејзиното
богатство во странство. Во случај на дефицит, нејзиното странско
богатство опаѓа. Заради тоа, често пати нето промената на странското
богатство на земјата се изедначува со билансот на тековни трансакции.
Тргнувајќи од идентитетот 2.2. платниот биланс може да се прикаже како
разлика меѓу националниот доход и домашната потрошувачка:

Y – (C + I + G) = B (2.3)

Ако Y > (C + I + G), тогаш B > 0, односно, ако Y < (C + I + G), тогаш
B < 0. Доколку домашната потрошувачка ја означиме како домашна
апсорпција, суфицитот на билансот на тековни трансакции може да се
прикаже како разлика меѓу доходот и апсорпцијата. Ако земјата троши
повеќе отколку што изнесува нејзиниот доход (производство), тоа ќе
доведе до дефицит на тековната сметка.
Делот од домашниот производ во затворено стопанство којшто не
отпаѓа на потрошувачка на домаќинствата (C) и буџетска потрошувачка
(G) се означува како национално штедење. Во затворено стопанство
постои еднаквост меѓу штедењето и инвестициите. Ако штедењето го
означиме со S, истото може да се прикаже на следниов начин:

S=Y–C–G (2.4)

Доколку се преуреди релацијата (2.1), и така може да се прикаже


како:

I=Y–C–G (2.5)

Бидејќи, се еднакви десните страни на релациите (2.4) и (2.5),


следува заклучокот дека се еднакви и левите страни на овие два
идентитети. Тоа практично значи дека во затворено стопанство штедењето
е еднакво на инвестициите, односно S = I.
За разлика од затворено стопанство каде што секогаш S = I, во
отворено стопанство може да постои разлика меѓу овие две
макроекономски големини. Бидејќи S = Y – C – G, а B = X – M, штедењето
може да се прикаже како:

S = I + B
(2.6)
Релацијата (2.6) може да се прикаже и како S – I = B. Овој идентитет
е корисен кога се испитуваат можностите за подобрување на тековните
сметки на земјата. Ако билансот на тековни трансакции (B), односно (X –
M) е позитивен, земјата повеќе извезува отколку што увезува (нето извоз
на делот од домашниот производ). Во оваа ситуација домашната заштеда е
поголема од инвестициите, а суфицитот на билансот на тековни
трансакции има карактер на нето странски инвестиции. Може да се каже
дека во овој случај домашната акумулација (заштеда) се позајмува во
странство, врз основа на што се зголемува капиталот во странство.
Меѓутоа, кога билансот на тековни трансакции е негативен, земјата повеќе
увезува отколку што извезува (нето увоз на дел од странскиот производ).
Во тој случај, домашните инвестиции растат над домашната заштеда.
Штедењето на една земја, може да се подели на приватно и државно
штедење. Приватното штедење ги преставува заштедите на фирмите и
домаќинствата така што расположливиот доход не се троши во целина.
Расположливиот доход се утврдува така што од националниот доход Y се
одземаат нето данокот кој државата го наплатува од фирмите и
домаќинствата. Нето данокот T, претставува разлика меѓу наплатените
даноци и едностраните трансфери во корист на домаќинствата и фирмите.
Приватното штедење може да се искаже како:

Sp = Y – T – C
(2.7)

На сличен начин може да се дефинира и државното штедење кое


претставува разлика меѓу наплатените нето даноци (Т), на една страна, и
буџетската потрошувачка (G), на друга страна. Значи, државното штедење
може да се прикаже на следниов начин:

Sg = T – G (2.8)

Разликата T – G преставува буџетски биланс на сите нивоа на управа


(федерална и локална), односно државно штедење. Ако Sg > 0, тоа значи
дека комбинираниот буџет е во суфицит. Ако Sg < 0, тоа значи дека
постои буџетски дефицит (негативно штедење).
Приватното и државното штедење претставуваат две компоненти на
вкупното штедење на една земја.
Бидејќи националното штедење, S, го прикажавме како Y – C – G,
тоа сега може да се прикаже како:

S = Y – C – G = Sp + Sg = (Y – T – C) + (T – G)
(2.9)
Тргнувајќи од идентитетот S = Sp + Sg = I + B, а со цел да се
согледаат ефектите од државната потрошувачка во отворено стопанство,
идентитетот за националниот доход може да се прикаже како:

Sp = I + B – Sg = I + B – (T – G) = I + B + (G – T)
(2.10)

Релацијата (2.10) ја покажува врската помеѓу приватното штедење и


домашните инвестиции, како и неговата поврзаност со суфицитот на
билансот на тековни трансакции и државното штедење. Ако со G – T го
означиме буџетскиот дефицит (може да се каже дека станува збор за
државно штедење со негативен предзнак), може да се согледа дека
буџетскиот дефицит всушност ги покажува размерите на задолженост на
државата за да може таа да ги финансира нејзините поголеми издатоци во
однос на приходите. Од релацијата (2.10) може исто така да се забележи
дека приватното штедење на една земја може да се јави во три облици: (1)
инвестиции за зголемување на фондот на домашен капитал, (2) купување
актива во странство, и (3) купување на домашен јавен долг (G – T ).
Ако идентитетот (2.10) го преформулираме по B, добиваме:

B = Sp – I – (G – T)
(2.11)

Врз основа на идентитетот (2.11) може да се види што се случува


доколку државата го зголеми буџетскиот дефицит. Очигледно е дека со
зголемувањето на буџетскиот дефицит, и со претпоставка дека
инвестициите и приватното штедење не се менуваат, мора да дојде до
намалување на суфицитот или зголемување на дефицитот на билансот на
тековни трансакции. Оваа појава во литературата е наречена “дефицити
близнаците” или “двоен дефицит” (twins deficit). Сложувањето на овие два
дефицити може да се види на примерот на САД. Меѓутоа, доколку нивото
на приватно штедење е доволно за финансирање на инвестициите и
зголемен буџетски дефицит, нема да дојде до промена во состојбата на
тековната сметка. Според тоа, зголемувањето на буџетскиот дефицит не
мора, по дефиниција, да доведе до зголемување на дефицитот на тековната
сметка. Значи строго набљудувано, идентитетот (2.11) не покажува
причинско – последична врска. Тоа се разбира не ја исклучува можноста
буџетскиот дефицит да биде причина за дефицитот на билансот на тековни
трансакции.
Доколку во идентитетот (2.11) ги раздвоиме приватните и државните
инвестиции, изведениот идентитет ќе гласи:
B = (Sp – Ip) + (T – Cg – Ig)
(2.12.)

каде Sp – преставува штедење на приватниот сектор, Ip – реални


инвестиции на приватниот сектор, T – даночни приходи на државата, Cg –
државна потрошувачка (потрошувачка освен инвестиции), а Ig – државни
реални инвестиции.
Ако двата сектори (приватниот и државниот) имаат суфицит, земјата
во целина ќе има суфицит што практично значи дека и тековната сметка ќе
биде во суфицит, и обратно.
Тргнувајќи од идентитетот (2.12), основниот идентитет на
отвореното стопанство Y = C + I + G + X – M може да се прикаже на
следниов начин:

Y = Cp + Cg + Ip + Ig + X – M
(2.13)

При што супскриптот “p” означува приватно, додека “g” е ознака за


држава.
Претходната релација го свртува вниманието на стоката од странско
производство и зборува за тоа која е крајна намена на произведените или
увезените производи: како потрошувачка на населението, инвестиции во
нови машини – опрема, или се наменети за странство. Ако Y се набљудува
како национален доход, се гледа дека продажбата на производите донесува
доход, односно додадена вредност. Доходот може да се раздвои на
различни намени: доходот на приватниот сектор, може да се насочи во
лична потрошувачка или штедење (Sp), на исплата на даноци (Tx) или на
трансфер на странците во вид на камата, дивиденда, надница или
репатриација на доходот (Tr), односно:

Y = Cp + Sp + Tr + Tx
(2.14)

Релацијата (2.14) го дополнува списокот на идентитети со помош на


кои може да се анализира распределбата на националниот доход.
Претходните идентитети можеме да ги дополниме со поврзување на
платниот биланс со промените на девизните резерви на земјата. Во
претходниот дел видовме дека салдото на билансот на плаќање, односно
билансот на порамнување служи за книговодствено врамнотежување на
меѓународните трансакции на една земја.
Причините за настанувањето на дефицитот на тековната сметка
можат да се изведат врз основа на следниов идентитет:
Bc + ΔR + Bk + ε = 0
(2.15)

каде Bc претставува салдо на билансот на тековната сметка (ред 10


во табела 2.1), ΔR означува промена на американските и странските
официјални девизни резерви (збир 13 и 21 ред во табела 2.1.), додека Bk е
резултат на приватните инвестиции на американските резиденти во
странство, нето и странските приватни инвестиции во САД (Bk е збир на
редовите 15 и 22 во табела 2.1. На овој збир ќе го додадеме и салдото на
капиталната сметка кое се наоѓа во 11 ред во табела 2.1). Салдото на овие
инвестиции е резултат на сите заеми, позајмувања и инвестиции на
небанкарските субјекти, банките и поединци и може да се означи како
биланс на движење на капиталот. Конечно, ε претставува грешки и
пропусти прикажани во редот 31 во табелата 2.1. Ефектите на идентитетот
(2.15) може одвоено да се следат во режим на фиксен и флуктуирачки
девизен курс.
Ако валутата на земјата слободно флуктуира, нема потреба за
официјални интервенции на монетарните власти на девизниот пазар, така
што состојбата на девизните резерви не се менува. Значи, при режим од
флуктуирачки девизен курс идентитетот (2.15) се претвора во:

Bc + Bk + ε = 0
(2.16)

Доколку од претходниот идентитет се изоставуваат грешките и


пропусти, се добива релацијата:

Bc + Bk = 0
(2.17)

Врз основа на равенката (2.17) следи дека салдото на билансот на


тековната сметка е еднаков на збирот на салдото на капиталната и
финансиската сметка.
Ако салдото на тековната сметка на земјата е во дефицит, тоа според
мислењето на некои економисти, ја наведува земјата да се задолжува во
странство или пак да ја намалува состојбата на својата актива. Меѓутоа,
има и мислења според кои приливот на странски капитал заради потребите
на финансирање на буџетскиот дефицит доведува до формирање на
дефицитот на тековната сметка којшто е еднаков на нето увозот на
капитал. Во случај да се зголеми странската побарувачка за долари заради
купување американски записи и обврзници, цената на доларот на
девизниот пазар исто така ќе се зголеми. Јакнењето на доларот ќе ја
намали извозната конкурентност на американското стопанство што ќе
доведе до намалување на извозот и зголемување на увозот, односно до
формирање на дефицитот на тековната сметка. Во овој случај, механизмот
на флуктуирачки девизни курс го сугерира заклучокот дека дефицитот на
тековната сметка е последица на увозот на капитал. Таквата ситуација е по
правило резултат на поголемите домашни инвестиции од домашното
штедење, постоењето на фискален дефицит или задолжувањата на
домаќинствата во странство. Во земјата која има дефицит на тековната
сметка доаѓа до намалување на вредноста на домашната валута (расте
девизниот курс), додека суфицитот на тековната сметка ја зголемува
вредноста на домашната валута.
И покрај тоа што во равенката (2.17) постои рамнотежа помеѓу
салдото на тековната сметка и збирното салдо на финансиската и
капиталната сметка, големите дефицити на тековната сметка покриени со
големите суфицити на финансиската сметка, можат земјата да ја доведат
до потешкотии. Имено, за покривање на големиот дефицит на тековната
сметка потребни се големи заеми во странство. Тоа е прифатливо решение
во краток рок, но на долг рок се зголемуваат отплатите на камата и
останатите трансфери во странство. Со текот на времето, отплатите растат
побрзо од приливот на доход (нето плаќањето на каматата, дивиденди,
ренти и профити), така што се зголемува дефицитот на тековната сметка.
За да се финансира зголемениот дефицит, потребно е дополнително
задолжување во странство, и на тој начин трката продолжува.
Последиците на земјата можат да бидат озбилни.
Во режим на фиксен девизен курс не постои директна врска помеѓу
тековната и финансиската сметка, како во равенката (2.17). Меѓутоа,
доколку тргнеме од идентитетот (2.15) сеуште можеме да дојдеме до некои
важни запазувања. Ако тековната и финансиската сметка се правилно
книжени, можеме да ја изоставиме категоријата грешки и пропусти. Ако,
тргнувајќи од оваа претпоставка, го преуредиме идентитетот (2.15)
добиваме:

ΔR = – ( Bc + Bk) (2.18)

Според равенката (2.18) следи дека во режимот на фиксен девизен


курс (како што бил Бретонвудскиот систем во периодот од 1944 до 1973
година) промената на девизните резерви на земјата е еднаква на збирот на
салдото на тековната и финансиската сметка. Доколку земјата има збирен
дефицит на тековната и финансиската сметка, тоа практично значи дека на
девизниот пазар се јавува вишок на побарувачка за странска валута во
однос на нејзината понуда (имплицитно, тоа значи дека резидентите на
земјата нудат повеќе домашна валута за купување странска отколку што е
понудата на странската валута за купување на домашна), така што тоа би
требало да ја намали вредноста на домашната валута (го зголемува
нејзиниот девизен курс). За да го спречи земјата порастот на девизниот
курс на својата валута, потребно е вишокот на понуда на домашна валута
да го откупи со помош на средствата на девизните резерви (значи, се
јавува потреба за интервенција на централната банка на девизниот пазар).
Ако на девизниот пазар е поголема побарувачката за домашна валута од
нејзината понуда, централната банка мора да го откупи вишокот на понуда
на странската валута со помош на националната валута. Значи, промената
на девизните резерви ΔR мора да биде еднаква на збирот на салдото на
тековната и финансиската сметка, но со спротивен предзнак.
Монетарните власти во случај на збирен дефицит на тековната,
финансиската и капиталната сметка интервенираат со продажба на
девизните резерви и со тоа ја неутрализираат зголемената понуда на
домашната валута на девизниот пазар. Ако таквата ситуација трае кратко и
ако девизните резерви на земјата се високи, овој начин на покритие на
дефицитот е можен. Меѓутоа, ако дефицитот се јавува од година во
година, девизните резерви на земјата ќе се истрошат. Тие можат да се
зголемат со позајмувања во странство но тоа создава обврски во вид на
отплата на камата и ја наметнува потребата од дополнително буџетско
задолжување во странство, заради уредно сервисирање на обврските ова
сценарио сугерира заклучок дека земјата може да си го дозволи луксузот
на привремен дефицит на тековната сметка, бидејќи континуираните
дефицити би воделе кон се поголема меѓународна задолженост на земјата.

МЕЃУНАРОДНА ИНВЕСТИЦИОНА ПОЗИЦИЈА

Финансиската сметка на платниот биланс на земјата ги прикажува


тековите на капитал помеѓу земјата и странство во текот на една година.
Продажбата на домашните хартии од вредност, недвижностите, златото и
девизите доведува до прилив на капитал во земјата. Доколку истиот вид
актива се купува во странство, доаѓа до одлив на капитал од земјата. Во
почетокот на ова поглавје истакнавме дека платниот биланс ги регистрира
меѓународните текови на стоки, услуги и капитал, најчесто во текот на
една година. Заради тоа за платниот биланс се вели дека е составен на
концептот на тек. Меѓутоа, тековите на капиталот во рок од една година
доведуваат до промена на состојбата на домашната актива во странство и
состојбата на странската актива, во домашната земја на крајот на годината.
Статистичкиот приказ којшто ја мери состојбата и структурата на
домашниот капитал во странство и странскиот капитал во земјата на
крајот на годината се нарекува Меѓународна инвестициона позиција
(или биланс на меѓународна задолженост). Тековите на капитал
регистрирани во финансиската сметка на платниот биланс во рок од една
година се додаваат на инвестиционата позиција на земјата од крајот на
претходната година и ја покажуваат нејзината состојба на крајот на
набљудуваната година. Заради тоа, меѓународната инвестициона позиција
го одразува концептот на фонд или стока. За разлика од платниот биланс,
кој, според сметководствената терминологија може да се спореди со
сметката на добивка или загуба, финансиската позиција на земјата, мерена
преку меѓународната инвестициона позиција, може да се спореди со
билансот на состојбата на фирмата. Значи, меѓународната инвестициона
позиција покажува дали земјата е должник или доверител и како се
менува нејзината должничко – доверителска позиција со текот на времето.
Информациите за меѓународната инвестициона позиција, на земјата се
значајни за проектирање на идните текови на доходот по основа на
инвестирањето. Трансферот на капитал во земјата отвара можност за
зголемено инвестирање но му дава прилика на државата и потрошувачите
да трошат повеќе отколку што заработиле. Една од значајните предности е
трансферот на технологијата, посебно во случај на странски директни
инвестиции.
Податоците за меѓународната инвестициона позиција не ги
објавуваат сите земји заради тешкотиите при регистрирање на сите текови
на капитал. Во САД овие податоци ги објавува Бирото за економски
анализи.

You might also like