You are on page 1of 2

Анализа на „Гилгамеш“

Епот за Гилгамеш е најстарото литературно дело за кое знае литературната наука. Во


него најпрво се опева ликот на Гилгамеш. Се опева неговата сила, неговата мудрост и
бестрашност, но и неговата суровост и свирепост. Постојано ги измачувал луѓето од
неговиот град кои ги терал и ден и ноќ да ги градат ѕидините околу Урук, и не покажувал
ни малку жал ни разбирање за нив и нивните семејства. Заради тоа луѓето побарале спас
од боговите кои се сожалиле и одлучиле да им помогнат создавајќи јунак еднаков на
Гилгамеш – Енкиду.
Енкиду бил голем, силен и бестрашен јунак како Гилгамеш. Токму во моментот кога
Енкиду и Гилгамеш се среќаваат и народот помислува дека конечно ќе се спаси од
свирепоста на Гилгамеш, тој и Енкиду се спријателуваат. Двајцата бестрашни јунаци, кои
набрзо ќе станат неразделни пријатели, се соочуваат со разни препреки и заедно
успеваат да преминат преку сѐ што им излегува на патот. Одат во Кедровата шума каде
што го убиваат Хумбаба, го убиваат и небесниот бик испратен како казна од боговите по
барање на Иштар чија љубовна понуда била одбиена од страна на Гилгамеш. Тука
завршува првиот дел од епот во кој најмногу се опфатени јуначките елементи и подвизи
на ликовите.
Вториот дел од епот, кој изобилува со митолошки елементи, почнува кога по низата
херојски подвизи со Гилгамеш, Енкиду сонува сон во кој се претскажува неговата смрт.
Набрзо после тоа тој како казна од боговите, бидејќи се спријателил со Гилгамеш, умира,
а Гилгамеш се соочува со едно дотогаш непознато чувство за него – чувство на страв. Во
овој дел се забележува целосна трансформација на ликот на Гилгамеш. Тој се чувствува
беспомошно, престрашено и се обидува да избега од нештото од кое никој не успеал да
се спаси – смртта. Дознава за својот предок Умнапишти кој успеал да дојде до тајната на
вечниот живот и оди по непроодни планини, препреки и опасности само за да стигне до
него. Божјата крчмарка Сидури се обидува да го предомисли кажувајќи му дека боговите
на луѓето им одредиле човечка судбина, смрт, а за себе одредиле вечен живот, но сите
нејзини обиди биле залудни, Гилгамеш не се откажал од својата намера и го продолжил
патувањето со лаѓарот на Умнапишти. Кога конечно стигнува до својот предок и е на
работ да ја дознае тајната на вечниот живот, Умнапишти му дава услов на Гилгамеш да
не заспие шест дена и шест ноќи. Гилгамеш не успеал да ја совлада таа препрека и токму
кога се чини дека тука крајот на неговото патување, Умнапишти под влијание на неговата
сопруга се сожалува и му го кажува местото на тревката на бесмртноста. Тој ја наоѓа
тревката на бесмртноста и набргу, заради мало невнимание што секому може да му се
случи, повторно успева да ја загуби. Тогаш тони во тотално разочарување, оди во
подземниот свет каде што разговара со Енкиду кој му кажува за сите морничави работи
во подземниот свет, тони во целосна агонија и умира.
Идејата на епот за Гилгамеш е да не го трошиме животот залудно барајќи нешто што не
постои бидејќи единствениот начин да останеме вечни е да направиме нешто по што ќе
бидеме запаметени. Затоа треба да го вреднуваме и цениме она што го имаме и да ја
изградиме најдобрата верзија од себе додека сѐ уште имаме време.

You might also like