You are on page 1of 5

Македонската држава во времето на Филип II

Како што напоменав во претходната лекција, по смртта на Пердика III, на чело на


македонската држава застанал неговиот брат, Филип II (359 – 336, години на владеење кои
треба да се научат!!!). Во тој момент македонската држава била на работ на пропаста. Имено,
таа била притисната буквално од сите страни, и тоа: од Хелените на југ (првично Атина и
Халкидичкиот сојуз), Тракијците на исток, Пајонците на север, Илирите на запад и плус
треба да го напоменеме раздорот во самата држава.
Филип ги изненадил сите. Тој со кралување започнал на 23 години, што значи дека бил
исклучително млад. Овој млад крал се покажал како вешт политичар, дипломат, воен стратег
и реформатор. Благодарение на наведениве нешта, Филип ќе успее полека на сигурно да ги
победи сите кои го притиснале (оние што ги набројав погоре) но, тоа нема да биде се. Имено,
ќе успее да потчине и други племиња на Балканот (на пример: Трибалите, Гетите, Скитите
итн.) и со тоа да стане сила број еден на Балканот а воедно и во Европа.
Овој успех не се случил преку ноќ, туку постепено, се до неговата смрт. Меѓу другото,
зад овој успех стојат и неговите реформи во војската. Тој од полуаматерска, ќе создаде
професионална војска која важела за најмоќна во тогашниот свет. Војската била опремена на
највисоко ниво, била платена и редовно вежбала.
Меѓу другото, Филип ја создал македонската фаланга. Таа била составена од 16
редови тешко вооружени војници (понекогаш бројката се менувала) со невообичаено долго
копје наречено сариса. Сарисата најпрвин била долга 7 метри, а потоа била скусена на 5.
Освен тоа, Филип бил првиот војсководец на Балканот кој применил опсадни справи при
заземање на тврдини.
Тој од војниците барал најстрога дисциплина. На пример, на една личност по име
Доким му го одзел воениот чин бидејќи се капел со топла вода, прекорувајќи го дека во
Македонија тоа не го прават дури ни родилките.
За сево ова потребни се пари. Во тоа време, парите се наоѓале во рудниците. Филип
ќе успее да освои богати рудници, особено оние на планината Пангај. Од тие рудници тој ќе
вади сребро и злато па така, ќе стане првиот македонски крал кој ковал златни монети.
Тој ќе ги потчини Пајонците и со тоа ќе ги обедини сите македонски племиња.
Како што погоре напоменав, ќе ги победи Илирите, Тракијците а и Хелените. Од сите
Хелени, негов најжесток противник бил еден од најпознатите говорници во историјата на
човештвото, Демостен. Тој имал повеќе говори против Филип, најважни се четирите
„Филипики“ и трите „Олинтики“.
Клучната битка против Хелените била битката кај Хајронеја во 338 г. ст. е. (година која
треба да се научи!). Во неа учествувал и неговиот син Александар III. Филип во оваа битка ќе
издвои голема победа, победа со која дефинитивно ќе ги порази Хелените и тие ќе потпаднат
под негова власт.
Хелада не била припоена кон Македонија туку, таа била контролирана на еден
поинаков начин. Имено, по битката кај Хајронеја бил потпишан договор помеѓу Филип и
Хелените, познат како Општ мир (Koine eirene). Во тој договор има бројни рестрикции за
Хелените и според него, на четири места во Хелада била поставена македонска војска.
На тој начин Филип ја контролирал Хелада. Тој бил свесен дека би било многу
комплицирано за припојување на Хелада а и впрочем тие не биле негов главен проблем,
главен проблем му била моќната Персија. Главен фокус му бил токму оваа држава која била
многу моќна во тоа време.
Откако ги победил Хелените, Филип го започнал походот на исток, односно походот
против Персија. Овој поход ќе биде привремено прекинат бидејќи наскоро за време на
свадбата на неговата ќерка Клеопатра, тој ќе биде убиен. Зад ова убиство најверојатно стои
токму Персија.
Во мигот на убиството, Филип бил на врвот од својата моќ. Неговата власт се
протегала на север до реката Истар (денешен Дунав), на југ до Пелопонес, на исток до
бреговите на Црното море, а на запад до крајбрежјето на Јонското море.

Приказ на македонска фаланга


Филип II
Реконструкција на лицето на Филип

You might also like