You are on page 1of 29

Наука за литературата

Наука за литературата ја проучува уметничката литература.


Таа опфаќа неколку дисциплини:

1. Историја на литературата – се занимава со проучување


на појавата и развитокот на литературата; литературните
периоди/правци и нивните претставници.

2. Теорија на литературата – се занимава со особеностите


на литературните дела, нивната форма и содржина, темата и
идејата, композицијата, стилот (стилските фигури), јазикот,
версификацијата (ритам, ритмичка стапка, рима, стих и
строфа); како и за поделбата на литературните родови и
видови.
Во поново време стилот и стилските изразни средства се
издвојуваат и проучуваат во посебна дисциплина:
стилистика.
Уште во антиката Аристотел се занимавал со теорија на
литературата, односно во својата „Поетика“ тој тргнува од
суштината на поезијата до нејзините стилски белези.

3. Литературна критика е врската меѓу литературното


дело и читателот, односно таа го открива значењето,
убавината и вредноста на делото.
Мит и фолклор (извори на литературата)

Hајстари извори на литературата се митовите.

Мит е фантастична приказна, создадена во најдалечното


минато во која се раскажува за она што се случило на
самиот почеток. Мит е народна приказна во која луѓето во
недостаток на научни сознанија создавале фантастични
објаснувања.
Митовите се всушност приказни за создавањето на земјата,
небесните тела, човекот, животните итн.; тие се прв обид за
толкување на стварноста, за природните феномени како
менувањето на денот и ноќта, годишните времиња,
грмотевицата итн.; тие се прв учебник за моралот и доброто
однесување на човекот.

Митовите се поделени на:

— митови за создавање на космосот (редот) —


космогониски митови;
— митови за настанокот на живиот свет;
— митови за настанокот на небеските тела;
— митови за крајот на светот — есхатолошки.

Митовите се сакрални (свети) творби, а не литературни, но


им служат на литературните како богат извор на мотиви
употребувани до ден-денес.
Разни народи со текот на времето создавале бројни митски
приказни оформувајќи збир од митови наречен митологија.
Сите делови на светот имаат своја митологија, но
најпознати се: египетската, сумерската, индиската,
кинеската, старогрчката, римската и др.

Древнобалканската т.н. старогрчка митологија се смета за


најразвиена. Таа е создадена во античко време и ни ги
открива религиозните погледи на луѓето што живееле во
околината на планината Олимп, нивното верување во многу
богови, божици, полубогови и други измислени суштества
како: кентаври, сатири, нимфи, сирени, чудовишта, џинови
итн.
Фолклор е целокупното духовно творештво на еден народ.
Тука ја подразбираме освен народната литература и
севкупната народна традиција и народните обичаи,
народните верувања, народната музика и игра (ора), како и
народната материјална култура — ликовна орнаментика,
народни носии, занаети, архитектура итн.

Народна литература

Hародната литература води потекло од митологијата. Од


обредните песни посветени на божествата и од
митолошките приказни, подоцна се развиле нови
литературни творби познати како народна литература.
Особености на народната литература се:
 

— усно творештво — таа се појавила уште пред


писмената традиција, па затоа се создавала и
пренесувала по устен пат;
— анонимно творештво — творецот на песната или
приказната не е познат. Авторот не сакал да биде
анонимен, туку не е запомнето, не е запишано кој е
создавачот, затоа ова творештво е анонимно;
— колективно творештво — обликувањето,
дообликувањето и пренесувањето е колективно;
— усно пренесување — главна особина е
пренесувањето по устен пат од колено на колено (од
генерација на генерација);
— варијанти — творештвото пренесувано низ векови
се преобразувало во зависност од времето,
средината, условите и на тој начин се создавале
варијанти на една иста песна. Песните кои не биле
доволно квалитетни со време исчезнувале, а оние
репрезентативните добивале повеќе варијанти;
— импровизација — во зависност од приликата кога
се кажувало творештвото, од публиката и од оној што
ја кажувал, творбата доживувала одредени
скратувања или продолжувања;
— без разлика на сите претходни карактеристики,
творбите ги задржувале своите општи места, односно
мотивите и сижето, како и композицијата (бидејќи за
секој вид постојат одредни композициски шаблони).
 

Народната литература се дели на:

— народна поезија;
— народна проза, и
— кратки фолклорни видови (во стих и проза).
 

Народна поезија
 

Поделба на народната поезија

1. обредни песни:
– коледарски,
– велигденски,
– лазарски,
– ѓурѓовденски,
– за раѓање и крштевање,
– свадбарски,
– тажачки,
– додолски (за дожд);

1. неисториски (за настани и личности кои не ѝ се


познати на историјата); 1. балада;

2. митолошки;

2. историски:
– јуначки (XV — XIX век),
– ајдутски (XV — XIX век),
– комитско-револуционерни,
– партизански.

3. религиозно-легендарни;
4. трудови:
– аргатски,
– жетварски,
– овчарски,
– занаетчиски,
– печалбарски;

5. љубовни;

6. семејни;

7. песни за деца:
– брзозборки,
– залагалки,
– бројаници,
– приспивни;

8. хумористични.

Лирските народни песни ги изразуваат чувствата и


емоциите, но за разлика од уметничките, каде тие се
субјективни, тука се типизирани (општи). Народната
лирика го опфаќа секој сегмент од човековиот живот,
таа е постојан придружник на човекот. Народните
песни се поврзуваат со мелодија и игра (оро).
Кај нашите лирски песни во однос на метриката,
најзастапен е осмерецот, но има и од другите:
четверец — кај детските; шестерец — кај
хумористичните; седмерец — кај лазарските итн.

 
Во епските народни песни се опева некој важен
историски настан, поточно некој јунак кој е поврзан со
настанот. Основна карактеристика на епската песна е
нарацијата, односно раскажувањето на настанот. Во
однос на метриката, стихот е подолг, најчесто
десетерец (јуначки десетерец).
Јуначките песни се карактеризираат со:
 

— епска нарација (раскажувањето е со свечен


ритмички говор и епска широчина, јунакот се опева во
трето лице, тој е детално опишан, а, исто така, и
настанот што се случува;
— епска широчина (се постигнува со епските
повторувања, кои често се идентични од збор до збор
и се нарекуваат епски ретардации, а нивната функција
е да го забават или продолжат ритамот на епското
дејство;
— шематизирана композиција (почетокот на песната
е обраќање кон слушателите да чујат за настанот и
јунакот за кој ќе се раскажува, а потоа следува
типизирано епско дејство — дуелот или подвигот на
јунакот);
— поетиката и стихот (во овие песни се користат
силни поетски средства: хиперболи, споредби,
контрасти, алегорија, словенска антитеза и др., а
стихот е најчесто десетерец со цезура (пауза) по
четвртиот слог);
— епски протагонисти и
антагонисти (протагонистите се нашите јунаци, а
антагонистите се нивните противници);
— јуначки атрибути (особините на јунакот, неговото
оружје, коњот).
 

Народна проза
 

Во народното прозно творештво разликуваме:

— митови (приказни со фантастична содржина кои во


почетокот биле сакрални и не се сметале за
литературни творби; ликовите и настаните опишани во
нив не се историски потврдени);
— легенди (исто со фантастична содржина, но за
разлика од митовите тие се поврзани со вистински
настани или историски личности);
— преданија (се слични со легендите, но се поблиски
до историската вистина и имаат пореалистична
основа);
— приказни — се делат на фантастични (сказни,
бајки, басни и приказни за животни) и реалистични.
 

Кратки фолклорни видови (во стих и проза)


 

Кратките фолклорни видови може да бидат и во стих и


во проза, а тие се:

 
— анегдоти (мали хумористични приказни во кои се
раскажува некоја смешна случка од животот на
позната личност);
— гатанки (се состојат од прашање и одговор, а
прашањето е метафорично претставување на
предметот или појавата која треба да се погоди со
одговорот);
— пословици и поговорки — многу слични по својата
содржина и форма. Со нив се искажува некоја народна
мудрост.
Разликата е во тоа што пословицата е двочлен состав
(составени се од два дела), а поговорката е едночлен
состав (составен од еден дел).

Поговорката често претставува дел од пословицата.


На пример, може да кажеме: „Село гори“, како
поговорка од целата пословица: „Селото гори, бабата
се чешла.“

Пословици се, на пример: Ако е виното кисело, ама


срцето ни е весело. Бадијала работи, бадијала не
седи. Без татко полојна сирак, без мајка цел сирак.
Поговорки, пак: Рани куче да те лае. Со игла бунар не
се копа. Бара влакно во јајцето.

 
Драма

Еден од трите литературни рода е драма.


Како литературен род, драмата понатаму се дели
на драмски видови.
Драмата е претставувачка уметност. Претставувањето
на ликовите и настаните е преку дијалошка форма.

Драмите можат да бидат во проза, во стих и


комбинирани во проза и стих.

Театарот е тесно поврзан со драмата, бидејќи таа е


предвидена да се изведува пред публика. Драмскиот
текст, може да го читаме, но може и да го гледаме
изведен на сцената.
Драмата е поблиска до епиката, бидејќи има настани
(фабула), може да ја раскажеме, има ликови, тема,
идеја, мотиви итн.
Во драмата има и наратор кој е невидлив. Особено е
невидлив во сценските изведби, додека при читањето
може да го забележиме на почетокот, кога ни се
претставени ликовите и нивните особини во афишата
или во дидаскалиите (забелешките напишани во
заградите). Сепак, драмата се разликува од епиката,
особено по дијалошката форма, но и другите
специфики што ги носи.
 

Белези на драмата

 
Дијалогот е основниот белег на драмата.
Дијалогот е разговор меѓу два или повеќе лика во
текот на драмското дејство.
Драмското дејство, пак, е клучниот елемент во
драмата под кој ги подразбираме постапките на
ликовите.
Ликовите може да зборуваат сами со себе, или да и
се обраќаат на публиката.
Ваквиот говор на еден лик се нарекува монолог.
Постојот и цели драми со еден единствен лик, кој е
носител на драмското дејство и претставувач на
настаните. Тие драми се викаат монодрами.
Специфичности на драмата се просторот и времето.
Кажавме дека драмата може да се чита, но може и да
се гледа изведена на сцена. Еден конкретен простор и
време се претставени во самата драма.
На пример, во драмата „Бегалка“ од Васил Иљоски е
претставено Куманово на почетокот од дваесеттиот
век. Тоа се просторот и времето на самата драма.

Но, кога се изведува на сцена, на пример во


Драмскиот театар во Скопје, во дваесет и првиот век,
имаме поинакво време и простор. Односно тогаш,
времето на драмата, претставена со костумите и други
елементи, се испреплетува со времето на
случувањето на претставата – сега. Гледачот е свесен
и за сегашниот момент, но и за времето претставено
во драмата. Додека ја гледа претставата тој има
впечаток дека драмското дејство се случува сега (иако
тоа дејство може да биде од најдалечното минато или
од иднината). Според ова, разликуваме простор и
време кои се прикажани со драмското дејство и
простор и време на театарската претстава.

Други специфични елементи од драмата, кои може,


а и не мора да ги содржи се:
 

Афиша (театарска листа) се наоѓа на почетокот од


драмата и во неа се даваат неопходните податоци за
ликовите (возраста, семејните релации, изгледот,
облеката итн.), за времето и местото на случување
(слично на прологот); но може да има информации и
за: режисерот, актерите, сценографот, костимографот
и сл.
Прологот се јавува на почетокот од драмата и ја
информира публиката (читателите) за времето и
просторот каде ќе се одвива драмското дејство.
Драмата е составена од чинови. Во минатото имало
строги правила за чиновите, односно драмата морала
да има пет чина, што за современата драма не важи.
Денес, среќаваме драми од само еден чин (едночинки)
или без чинови (само со слики).
Чинот е заокружена целина на драмата. Тој се дели
на:

Слика, која е краток временски дел каде се


заокружува едно дејство на ликовите, и
Сцена, која е заокружена целина, дел од сликата, и
која завршува со влегување на нови ликови во
драмското дејство.
Дидаскалии (ремарки, забелешки) се упатства кои ги
дава нараторот во загради, а се наменети за
читателите, актерите и режисерот. Во нив има
податоци за времето, сцената, местото, костумите,
движењето итн.
Епилогот се јавува на крајот од драмата и во него се
кажува што се случува натаму со ликовите или се
искажува пораката на авторот.
 

Композиција на драмата

 
Композицијата на драмата е сложена структура.
Драмското дејство се одвива во пет основни
композициски етапи (обично во пет чина):

1. Експозицијата е вовед во драмското дејство и


запознавање со ликовите. Тука се дава почетното
дејство кое има цел да го заинтересира читателот
(гледачот).
2. Заплетот е развивање на судирот, конфликтот меѓу
ликовите.
3. Кулминацијата е врвот на конфликтот и оттука
започнува неговото разрешување.
4. Перипетијата е првиот чекор кон разјаснувањето и
разрешувањето на конфликтот. Тука се случува
пресврт на настаните, односно се случува нешто
непредвидено за да се разјасни конфликтот.
5. Расплетот е последната етапа на драмското
дејство. Тука се разрешува конфликтот.
Конфликтот, како што кажува самиот збор,
претставува судир. Судирот во драмата најчесто се
случува меѓу два лика кои имаат различни ставови,
кои потекнуваат од различни социјални средини,
политички партии итн. Но, конфликтот може да биде и
во внатрешноста на еден лик.

Епика grupa //8/9

Епиката е еден од трите литературни рода. Основна


карактеристика на епиката е раскажувањето.
Епските видови може да бидат кратки и долги, во
стих или во проза.
Кратки епски видови се:
– во стих: епската песна;
– во проза: расказот (и сите народни умотворби: мит,
легенда, предание, приказна, сказна, бајка, басна,
анегдота, гатанка, пословица, поговорка).
Долги епски видови се:
– во стих: еп, епопеја;
– во проза: романот.

 
Лик

Во епските дела се прикажани ликови кои се носители


на идеите на авторот.
Лик во делото е вршител на дејството. Како ликови,
освен луѓето ги среќаваме: животните, растенијата,
предметите, измислените суштества (ламји, вештерки
итн.), како и апстрактните поими (во народната
литература како ликови се јавуваат смртта, касметот и
сл.)

Ликовите кои ги претставуваат луѓето може да бидат:


индивидуализирани (посебни, специфични) или
типизирани (осбини од повеќе личности собрани во
еден лик; на пр.: особини на многу скржавци — тип на
скржавец).

Атрибути на ликот

Под атрибути на ликот ги подразбираме особините,


белезите на ликот што ги осознаваме додека го
читаме делото. Некои од нив ги кажува нараторот,
некои другите ликови или самиот лик. Особините ги
осознаваме и преку постапките или дијалозите со
другите ликови.
Без разлика колку животно искуство внел авторот во
своето литературно дело (колку главниот лик е
автобиографски), сепак секое дело е литературна
творба (конструкција), а не животна вистина. Затоа,
многу е важно да се прави разлика меѓу авторот на
делото и раскажувачот во делото или нараторот.

Нараторот е „гласот“ во делото, кој понекогаш зборува


во прво лице, но сепак, тој не е авторот. Авторот е жив
човек — личност, а нараторот е измислена креација —
лик.
Раскажувањето во епските дела е најчесто во трето
лице и тогаш станува збор за тој-раскажувач
(наратор), кој може да биде сезнаечки (знае сѐ, знае
како некој се чувствува, како размислува итн.) и
сеприсутен (се наоѓа во исто време на повеќе места).

Поретко, нараторот е претставен во прво лице еднина


(тука постои опасност да се изедначи со авторот). Тоа
е јас-наратор и е еден од ликовите во делото.

Настани: сиже и фабула

Раскажувањето на настаните во делото може да оди


во хронолошки ред, но може да биде и испревртено.
Сиже е текот на настаните како што ни ги претставил
авторот. На пр. започнал со смртта на главниот лик, а
потоа се враќа во минатото, во младоста, во детството
итн.
Но, откако ќе го прочитаме делото во нашата свест
ние ги подредуваме настаните по хронолошки, логичен
ред. Поточно, ги подредуваме настаните во причинско-
последичен однос. Ваквото подредување на настаните
се вика фабула.
 

Тема, мотиви, идеја

Темата најчесто се поврзува со насловот на делото,


но не секогаш. Тема е она за што се зборува во едно
дело. Тоа е поопштата содржина претставена во една
реченица.
Мотиви се помали делови од општата тема.
На пр. во драмата „Печалбари“ од Антон Панов,
темата е животот на Македонците на почетокот од
двесеттиот век. Во неа се зборува за љубовта на
двајцата млади, Костадин и Симка, кои потекнуваат од
различни социјални средини, тој е сиромашен, а таа
богата. Нејзиниот богат татко е лихвар кому парите му
значат повеќе од среќата на ќерката. Затоа, Костадин
мора да оди на печалба каде умира.
Во драмата среќаваме повеќе мотиви: љубовен,
социјален, печалбарски, мотивот на парите итн.
Идејата е главната поента во делото, пораката на
авторот (она што авторот сакал да ни го каже).

Лирика
Лирика е еден од трите литературни рода.
Лириката понатаму се дели на лирски видови.
Формата на лириката е стихот. Во прозни текстови
може да сретнеме лирски елементи, но тешко ќе
сретнеме лирски дела во проза.
Лириката е изразувачка уметност, бидејќи лирските
песни се поетски творби со кои се изразуваат чувства,
мисли и расположенија. Тие го изразуваат
субјективниот став на поетот и претставуваат изблик
на чувства, па затоа не може да се раскажуваат
(немаат фабула) туку се доживуваат.
.

Лирски субјект

.
Лирскиот субјект во лириката е исто што и нараторот
во епиката. Лирскиот субјект е „гласот“ во лирската
песна. Ако поетот ја напишал песната во прво лице
еднина, не значи дека тој пишува за себе. А и да
пишува за себе, напишаното е креација, значи е
измислено, дообликувано, дооформувано. Затоа, не
треба да се поистоветува авторот (поетот) со лирскиот
субјект.
Градот на принцезата Пастрмка

Изградив прекрасен град


со возови, со трамваи, со пруги.
Го населив со цвеќиња,
со рингишпили,
со многу чуда други.

Од цвет до цвет водат


мостови напнати како лак,
а долу, далеку долу,
одвај е видлив
на реката синиот крај.

По таа река се скита принцеза Пастрмка


сета облечена во црвени дамки.
Принцеза Пастрмка има прекрасен дом
од бели каменчиња и жолти сламки.

(Србо Ивановски)

Оваа песна започнува со форма на глаголот во прво


лице еднина и тоа е лирскиот субјект. Не е поетот тој
што го изградил градот, го населил со цвеќиња итн.
Поетот е Србо Ивановски кој ја напишал песната, а
преку лирскиот субјект ги искажал мислите и
чувствата.

Стилски изразни средства (фонетско-морфолошки)

Стилски изразни средства или стилски фигури се


употребуваат во песните за постигнување посилна
емоционалност, поголема сликовитост и музикалност.
Првите, фонетско-морфолошките изразни средства,
наречени и фигури на дикцијата, се однесуваат на
гласовните особености на зборовите, повторување на
исти гласови во стихот, или зборови со слично
звучење а различно значење и сл.
.

Асонанца

.
Асонанца (асонанција) е повторување исти самогласки
за постигнување на звучен ефект. (На пр.: око
соколово)

Откако Ленка остави


кошула тенка ленена
недовезена на разбој…
………………………………..
…„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна…“
(„Ленка“, К. Рацин)

Гласот О е доминантен во целата песна, а особено во


стиховите: „Зошто ми, зошто остана…“ кои се израз на
длабоката тага заради прерано завршениот живот.
Гласот О асоцира на бооолка, на ооофкање, на
дооолго тагување и не е случајно употребен во
песната.
.
Алитерација

.
Алитерација е повторување исти согласки или
гласовни групи за постигнување звучен ефект.

Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.


звуците се бранови на ветрот
низ тревите подгонети.

Некаде ѕвони. Продолжително и нежно.


Глуво е сè. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.
(„Ѕвона“Матеја Матевски)

Во песната „Ѕвона“ од Матеја Матевски се употребени


многу зборови со гласовите: ѕ, з, ж, с, за да го
приближи ѕвонењето и преку звукот на зборовите, а не
само преку нивното значење.

.
Ономатопеја

.
Ономатопеја е гласовна фигура со која се имитираат
звуците од природата, од животните итн.
Секој јазик спонтано создава такви зборови: шушка,
кукавица, гугутка, гулаб, кокошка, грми, бучи, грака,
крека итн. Ономатопејата ја има и во поезијата и во
прозата, а и во секојдневниот говор.
Клип-клоп, клип-клоп,
се носел звук
во ноќта црна…
(„Балада“, Г. Тодоровски)
.

Парономазија

.
Парономазија е фонолошка фигура во која се
повторуваат гласови во зборови со различно значење.
Тие зборови може да имаат ист корен, но сепак
значењето им е различно.
Јас не сум Вардар, ни завардарен,
не сум превардарен, ни подвардарен,
може сум варден, та недоварден,
јас тек без ширина и должина!
(Гане Тодоровски)
.
Анафора

.
Анафората е фонетско-морфолошка фигура бидејќи
се повторуваат цели зборови на почетокот од стихот.
Бидејќи често се повторуваат повеќе зборови, односно
делови од реченица, овие фигури (анафората,
епифората, симплохата и палелогијата) приклонуваат
кон синтаксичките фигури (или фигури на
конструкцијата).

Лист по лист кини,


лист по лист нижи,
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди…
(„Тутуноберачите“, Кочо Рацин)

.
Епифора

.
Епифората е фигура во која се повторуваат зборовите
на крајот од стихот.

Над мене сив облак и сива орлица


се договараат за нешто,
а јас мислам дека кај тебе
ме потскажуваат, Дениција.
Оти дошто видов кула и пладневна топола
беа како твојата става, Дениција.
Дошто сретнав омарнина и жито во движење
беа како твојата коса, Дениција.
Дошто открив сончоглед и светла пушкарница
беа како твоите очи, Дениција.
Дошто сретнав залез, дошто пресеков лубеница
беа како твојата уста, Дениција…
(„Дениција“, П.М. Андреевски)

.
Симплоха

.
Симплохата претставува соединување на анафората и
епифората, односно повторување зборови и на
почетокот и на крајот од стихот.

Да видам Охрид, Струга да видам…


(„Т’ га за југ“ К.Миладинов)

.
Палилогија

.
Палилогија е кога еден или повеќе зборови од крајот
на стихот се повторуваат на почетокот од следниот
стих.

А беше тоа кога помислував


дека веќе не можам да мислам без тебе,
па почнував да личам на сите мои предци,
на сите мои предци, а најмногу на себеси.
(„Дениција“, П.М.Андреевски)

.
Литературно-научни видови и публицистика

Освен познатите литературни видови, постојат и такви кои


имаат белези на уметничка литература, но имаат и белези
што ги доближуваат до научната литература или
публицистиката.

Литературно-научни видови се оние што содржат


испреплетени белези на научниот и уметничкиот стил. Иако
имаат научни аргументи овие текстови содржат многу
индивидуални и емоционално обоени делови. Во
литературно-научни видови спаѓаат: есејот, статијата,
расправата, студијата, полемиката, биографијата и
автобиографијата.

Под публицистика се подразбираат текстови што се


печатат во весниците, списанијата и одделни книги
(публикации), а може да имаат различна содржина. Во
публицистички видови спаѓаат: новинарската
(журналистичката) статија, фељтонот, репортажата и
патописот. 
 

Литературно-научни видови

Есејот е литературно-критичка статија во која на


оригинален начин се објаснува некое литературно,
културно, филозофско или општествено прашање. Тој може
да обработува најразлични теми од сите области на
човековото живеење. Есејот содржи уметнички, научни и
публицистички елементи. Има оригинална композиција,
сликовит стил, оригинални и духовити размислувања и
заклучоци кои имаат научен белег.

Статијата е напис во кој се изнесуваат размислувања за


прашања поврзани со политиката, науката, културата и
уметноста. Тоа се кратки текстови во завршен облик,
најчесто наменети за весници и списанија (новинарски
статии).

Расправата е студиозен напис посветен на одредено


прашање од некоја научна област. Научните тврдења се
поткрепени со аргументи, изворите од кои се црпени
информациите се наведени во фусноти, што значи дека
расправата се одликува со: објективност, студиозност и
документираност. Во неа јасно се издвојуваат воведниот
дел, каде се поставуваат тезите, разработката, каде
аргументирано се докажуваат и заклучокот, каде во кратки
црти се потенцираат изведените заклучоци. Докторските
дисертации се еден вид расправи. Трактатот и студијата се
другите називи на расправата.

Полемиката е напис во кој се расправа за нечии сфаќања,


се оспорува нечија теза, односно со аргументи се побива
туѓото мислење. Таа претставува остар судир на две
мислења. Ставовите се одбрануваат со аргументи, но зависи
и од јазичната способност на авторот. Се случува во
полемиката да се нападне и личноста, а не само идејата, што
не е многу чесен начин на полемизирање. Силата на
аргументите во комбинацијата со силата на јазикот се
најсилните елементи во полемиката, а успешноста зависи од
судот на оние кои ја читаат, слушаат или гледаат, значи од
поширокиот аудиториум. Публиката го донесува
последниот суд, па затоа треба да се внимава со ниските
удари на личноста, зашто тоа е несимпатично и на крајот
секогаш осудено.

Биографијата е животопис на една личност. Биографии се


пишуваат за познати и значајни личности од сите области и
од антиката до денес. Таа има научни елементи бидејќи се
служи со историографија (архивски податоци и сведоштва
на современици). Биографија има секој човек. Тоа се
најважните податоци од животот: место и дата на раѓање,
школувањето, другите успеси итн. Ваква биографија во
последно време е потребна кога се конкурира за работно
место, за некоја стипендија и сл. и се вика професионална
биографија (или curiculum vitae, CV).
Романсираните биографии прават спој од реалните
податоци за животот на личноста и уметничките елементи
(фиктивни, измислени) служејќи се со пластично и
уверливо раскажување.

Автобиографијата е животопис напишан од самиот


писател или научник. Таа се заснова врз лични спомени,
лично воден дневник итн. и затоа е многу субјективна.
Поради силната субјективна страна се поставува прашањето
за веродостојноста и објективноста на овој вид литература.
Слично како романсираните биографии, постојат и романи-
автобиографии, напишани со јас-исказ, а кои содржат
реални и фиктивни елементи.
 

Публицистика

Фељтонот е краток текст со секојдневна тема: научно-


популарна, општествено-политичка или забавна. Обично се
печати како додаток во дневните и неделните весници,
понекогаш во продолженија. Фељтонот претставува
литературно-публицистички жанр и има карактер на лесна
забава, напишан со шеговит тон, со тенденција на
сензационалност и навлегување во интимата на познатите
личности.
Освен новинарскиот, фељтонот може да биде и литературен
кога претставува извадок од роман или роман во
продолженија.

Репортажата е новинарски напис во кој на сликовит начин


се раскажува за настан на денот без да се прави подлабока
анализа. Субјективните коментари и стилот на авторот
внесуваат уметнички елементи во репортажата.

Патописот е посебен публицистичко-литературен вид во


кој се опишува тоа што е видено и доживеано во друга
земја. Патописот не е објективен опис, туку авторот внесува
свое видување, свои доживувања, свои претходни знаења и
идеи.
Од минатото, најпознати се патописите на Евлија Челебија,
кој двапати бил во Македонија и на свој начин ги опишува
градовите и луѓето од седумнаесеттиот век. Во Скопје бил
1660 година и со воодушевување ја опишува скопската
чаршија и убавите жени со бело округло лице чија убавина,
според него се должи на чистата вода која ја пијат.
 

You might also like