You are on page 1of 32

РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

УНИВЕРЗИТЕТ „СВ.КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ


ФАКУЛТЕТ ЗА ЛИКОВНИ УМЕТНОСТИ - СКОПЈЕ

МАГИСТЕРСКИ ТРУД

ХОРИЗОНТ

ОБЛАСТ: СЛИКАРСТВО
КАНДИДАТ МЕНТОР
ИГОР ТАНЕВСКИ ПРОФ. ЖАНЕТА ВАНГЕЛИ
ИНД. БР 277

СКОПЈЕ
2020
Содржина:

Вовед

Дел 1 Уметничко дело

Дел 2 Искуства и инспирации

Дел 3 Низ искуствата со дигитално обработените видеофрејмови

Дел 4 Кон објекттот, искуствата со просторните поставки и


интервенции во природа

Дел 5 Уметничко дело и општествена димензија на уметноста

Епилог

Користена литература

1
Вовед

Знаеме дека само Бог креира нешто екс нихило... потоа живееме во свет
каде што нештата се направени готови, достапни за превземање, интервенирање и
редефинирање... Некогаш ни се подарени, некогаш треба да ги откриеме по патот
и редот на нештата...
На почетокот на мојот самостоен творечки процес увидов дека интенцијата
да се создаде нешто ново е секогаш лимитирачка, но дека надежта лежи во
креативноста и спонтаноста, кои се многу поинтересни, и се плод на многу
побогати искуства.
Ако само ги реализираме нашите намери, нема да бидеме способни да
создадеме нешто што ќе нè изненади, прво нас, па потоа светот со кого
продолжува комуникацијата.
Новото доаѓа преку експериментот, флуидно, без формални принципи и
калкулирани насочени информации. Низ историјата на уметноста, преку авторите
согледуваме дека уметноста е отворен систем кој константно го шири нашиот
спектар за восприемање искуства, преку контекстуализација на некоја мисла, која
е ставена во рамка или ѝ е дадена платформа за да биде видена и исчитана...
Современата уметност или творештвото се основаат на максимална
сублимација на поетското, изворното, од каде се гасат сите небитни дразби и
влијанија. Кога создава уметност, авторот мора да се потчини на духот, користејќи
се со него, тој неопходно ги употребува материјата и формата преку кои
сигнализира знаковни пораки. Преку сензорното исчитување на тие пораки
гледачот доаѓа до тоа, поетското, кое буди естетско доживување во неговата свест.
Специфичноста на делото се гледа во тоа што тоа никогаш нема само еден
фиксиран јазик и смисла, уметноста е социјална антитеза на општеството, таа не
може од него непосредно да се отстрани, уметничкото дело не е предмет помеѓу
повеќе предмети, тоа не служи за нешто неважно, тоа нема функција, секоја
функција го деградира. Уметничкиот предмет е комплексен, тој поседува уникатна
содржина на вредности кои се наспроти идеите за следење на формули и

2
конвенции. Затоа уметничкото дело поседува крајна необична способност да ја
надживее епохата во која настанало.
Ние, како вид, сме експресија на различни искуства низ човековото
уникатно процесирање на информации. Секој еден е од нас е различна точка на
внимание во бесконечениот проток на колективната свесност.
На почетокот на постдипломските студии, времето поминато во ателје ми
отвори пат полн со трансформации и обиди, од каде истражувачкиот процес на
поставената тематика Хоризонт ме насочи кон различни пристапи во
изразувањето.
Можноста за проширување на идеите преку различни медиуми и искуства
ме одведе кон поврзување и промислување на информациите, кои преку
спонтаност, посветеност и случајност градеа конекции и релации едни со други.
Хоризонт е опус кој ме упатува на пределот кој го согледувам како
симобличко множество на варијации. Сите ние како индивидуи, но и како
колективи, функционираме во бранови, не во нагорни или надолни линии, коси
или хоризонтални правци, лево или десно насочени. Но, сепак живееме во доста
интересно време, каде што правците ни се наметуваат, па погледот кон пределот
што претстои, ни е лажно прикажан.

3
Дел 1 Уметничко дело

Кога говориме за уметничко дело, не говориме за еден од повеќе предмети,


туку говориме за творба, објективно поставена кон нас, која во основа ни
овозможува да ги увидиме нематеријалните аспекти во материјата, вредност која
сигнализира, предизвикува физички сензации, емоции, буди размислување и
увид за естетските вредности.
Возвишените вредности субјектот сетилно ги перципира, тие вредности го
водат гледачот од реалниот свет на сензорни дразби кон духовниот свет или
свесноста за констатирање на естетскиот предмет, естетското доживување,
односно естетска перцепција.
Естетскиот предмет останува како вредност во нашата свест, и по
комуникацијата со делото, вредност која ја збогатува нашата способност за
восприемање. Естетскиот предмет е предмет за нас и постои само во оној момент
кога кон него поставуваме одреден став, бидејќи тој е производ на уметничкото во
делото. Од друга страна, уметничкото дело е предмет објективно поставен во
простор, но за увидување на естетското, потребно е реципиентот да пристапи кон
делото, од каде настануваат некои посебни психофизички вредности, т.е.
естетското доживување.
Уметноста, поточно, секој вид творештво (вклучувајќи ја тука и науката)
бара најголема концентрација, ласерски сосредоточен фокус, редукција на
надворешните сензации и интерференции, еден вид „световна аскеза“, блажена
осаменост и тихување. (Вангели, 2010, наведено во Вилиќ, 2010: 64 )
Според Хартман уметничкото дело е интегрален систем, составен од повеќе
слоеви кои му овозможуваат на гледачот да навлезе кон траекторијата на
естетските вредности. Тој поаѓа од тоа дека делото е двослојно, преден план или
материјалниот план: тоа што е сетилно, техники, елементи во композицијата и сè
она кое може да го забележиме како видливо. Желбата да се увидат елементи кои
не водат кон одредени аспекти кои се отаде полето на видливото, нè води кон
задниот план или духовниот план. Задниот план или позадината на уметничкото
дело е духовната содржина, која постои само за субјектот свесно да ја увиди како
вредност. Хартман се држи до тоа дека авторот може само да го обиликува
4
предниот план преку материјалите, пристапот, техниките и формите кои се
единствено реални, а приказот на делото или тоа што го претставува авторот е
позадината или тоа што ниту гледачот не го смета за реално.
Ингарден наведува дека не сите дела имаат иста структура. Како услов ја
поставува повеќеслојноста на едно дело. Тој сметал дека за појавување на
метафизичките квалитети не е доволен само предметниот слој, туку е потребно
содејство, таквото содејство помеѓу основните разнородни компоненти создава
органска поврзаност, заради создавање на повисока форма.
Иван Илин говори за три слоја на уметничкото дело, за разлика од Хартман
кој поставил два слоја. Без разлика на тоа што Хартман говори за духовен слој
наспроти материјалниот, Илин ги разграничува материјалниот, формалниот и
духовниот слој, или одлучувачкиот дел кога се говори за уметничкото и уметноста.
Материјалниот e првиот слој со кој се среќаваме кога пристапуваме кон
едно дело, тоа е надворешноста која предизвикува сетилна љубопитност. Илин
поставува дека сетилниот дел содржи одредени закони и својства на материјалот
кои го одредуваат изразното средство. За да се дојде до уметничкото, тие закони
мора да се почитуваат, но не како формална вредност, бидејќи така не доаѓаме до
уметничко дело, туку покажуваме само естетска писменост.
Вториот слој, според Илин, е обликување или материјализација на формата
која има знаковна функција, таа ни овозможува да препознаеме кон што нè води
материјата во делото, т.е. формалната структура на уметничкиот предмет.
Преминот од материјата кон формата е невидлив, тој е интегрален и многу
суптилно пренесува порака во нашата свест.
Сите сензорни и несензорни форми имаат свои закони, кои мора да се
почитуваат, формално неписмено дело според Илин не може да биде уметничко
дело. Авторот се користи со тие закони интуитивно и несвесно, за да се потчини на
најдлабоката содржина од која произлегува уметничката тајна, бидејќи формата е
само средство, таа не е доволна сама по себе.

5
Дел 2 Искуства и инспирации

Предметот на уметничкото истражување изворно започна во последните


години на додипломските студии по сликарство, од дела кои беа изложени на
групни изложби. Сметав дека живееме во време, каде што човекот прави сѐ да го
забрза и контролира природниот раст и дар на природата.
„Релацијата помеѓу можностите на љубовта“ 2018 год. е дело кое ми отвори
пат за понатамопни тематски и изразни надоградувања. Инсталацијата говори за
процесот на создавање нов живот, за релацијата помеѓу артифициелното
создавање и природното, за феноменот на растот, за размножувањето, за
фасцинацијата од самиот живот, кој е необјаснив за човекот, и покрај сите научни
верификации.

Инсталација од шест дигитални отпечатоци, секој 100 х 200 см, растенија во простор,
вода, стаклени садови со варијабилни димензии. 2018 год. Биенале на млади уметници,
МСУ- Скопје

6
Објектните или материјални слики кои ги работев во тој период, користејќи
теписи на кои интервенирав со боја, резултираа со боени површини или текстури,
со кои реферирав на состојбите на нашиот сончев систем или состојбите на
астролошките аспекти, кои влијаат на човештвото.

Дела во процес, 2018год. Атеље ФЛУ- Скопје

Оттаму, преку експериментирање со различни технологии и техники при


реализирањето на делата во вториот циклус на студии, увидов дека постојано се
прашувам и интересирам за прашањата, врзани со елементите, водата,
просторната перцепција, како човештвото делува во сегашноста и каква иднина
создаваме и, на крај, како всушност се менува светот?... Патот е предолг, затоа
хоризонтот е еднакво оддалечен од нас и уште толку широк.
На овие прашања се обидов да одговорам преку три различни изразни
средства кои се дел од насловот Хоризонт.

7
Низ искуствата со дигитално обработените видеофрејмови снимени во
Охридското езеро, проект реализиран во Музеј на град Скопје во 2019 год., 3D
рендер и модел на ѕидна инсталација од видео фрејмовите во соработка со Милан
Митев, 2020 год.
Времена интервенции во природа, Релации 2019 год. Фотодокументацијата,
како колаборативен проект со фотографот Александра Костадиновска, беше дел од
проектот CreArt во 2019 год.
Преку објекти, поставени во простор, процес кој од создавање слики се
трансформираше и ме одведе кон објектот, па оттаму кон инсталацијата од шест
подни објекти во комбинирана техника, насловена Патот 2020 год. и
инсталацијата Пејзаж, 2019 год., составена од подни насликани итисони во
простор и два ѕидно поставени насликани теписи, оптегнати на дрвен рам.

Елементот вода, со целото свое значење, е изворна инспирација во


проектот: слободното течение, водата како трансформација, емоција, доминација,
силна енергија и водата како основен градбен елемент на живата материја.
Човековата релација со водата, покрај генијалните примени и намени,
секогаш ги рефлектирала прашањата за климатските промени, лимитираните
ресурси на Земјата, идејата за колонизација, алтернативната реалност,
манипулативните перспективи и нејасните погледи, кои упатуваат на реалноста за
водата како идна причина за војување, наместо фосилните горива, бензинот и
златото...

8
Дел 3 Низ искуствата со дигитално обработените видеофрејмови

Во 2016 год. во Охридското езеро снимив спонтани видеа со широкоаголна


акциона камера додека пливав, во резолуција 1080 p. со 60 fps. , од кои
експортирав серија на видео фрејмови преку Adobe Premiere Pro. Циклусот на
дигитално обработени видеофрејмови го доработив во 2019 год. преку Adobe
Photoshop, каде што резолуцијата ја зголемив од 72 и 96 dpi. на 300 dpi.
Посакуваната димензија доведе до дисторзија на колоритот и пикселизација, која
не ми дозволи понатамошна обработка, па затоа педесет и пет отпечатоци ги
векторизирав без притоа да го менувам визуелниот и пикселизираниот приказ.
Охридското езеро е едно од најстарите тектонски езера во светот, неговото
настанување упатува кон Плиоцен. Езерото е предмет на повеќе истражувања
заради најзначајниот воден систем на континентот. Езерото и градот Охрид се од
огромно историско, културно, духовно и суштинско значење за државата. Во 1980
год. градот Охрид и езерото беа прогласени за светско културно наследство,
заштитени од УНЕСКО, додека денес се предмет за дебата во меѓународната
заедница, дали да се стават на листата на загрозено културно наследство.
Целината која беше изложена во Музеј на град Скопје во 2019 год.,
насловена Хоризонт, се состои од седумдесет и два дигитално обработени и
зголемени отпечатоци со варијабилни димензии, додека во просторот
функционираше како целина. Шеесет и седум фрејмови беа отпечатени преку
плотер печатач на полипропилен, кој самостојно беше поставен на ѕид: три
отпечатоци со димензија 25x100 см., девет со 130x70 см., два со 25x30 см.,
четириесет со 35x50 см., дваесет и две парчиња, секое 35x50 см., додека само десет
формати со димензија 150x200 см. беа отпечатени на ПВЦ лиено платно,
оптегнато на блиндрам.
Компонирајќи ги делата, ѕидно поставени, се стремев кон една сликовност
која ја прикажува внатрешноста на водата, резултати кои се добиени при движење
помеѓу внатрешноста и надворешноста, продирањето на сончевите зраци, отсјај,
рефлексија, меури и аморфни недефинирани форми кои се резултат на случајност
и на природните феномени на водата. Додека при трансформација, ротирање и
компонирање на отпечатоците се стремев кон една просторна перцепција, која го
9
поставува гледачот од внатре со поглед кон надворешноста на водата. Само еден
полиптих од дваесет и две парчиња, челно поставени во три реда, едни над други,
се единствените јасни репрезентации на езерото, каде што погледот е поставен кон
неправилното движење на добиената крива површина, помеѓу водата, планината
и небото, добиена по пат на случајно ротирање и редење на отпечатоците едни до
други.

» 3D модел на ѕидна поставка, 2020 год. Игор Таневски и Милан Митев

Во соработка со инжинерот Милан Митев изработивме 3D рендер и модел


на ѕидна инсталација од видео фрејмовите во замислен галериски простор во
Autodesk 3ds Max. Видеофрејмовите ги адаптиравме за производство на плочест
транспарентен материјал осветлен од позади, т.е. ѕидни светлечки кутии.
Со развојот на дигиталниот медиум и квалитетот на продукцијата,
решенијата се сè побрзи и подостапни, додека материјалот овозможува низа

10
можности и варијации, кои нудат посебно убави вредности. Во делата ми беше
многу битно како ќе се манифестира сликовниот приказ на носачите, исто така
како ќе кореспондира димензијата во просторот, со гледачот.
По надминување на тој прв слој, се упатив кон oткривање на некакви
вредности преку можностите за деформација на просторноста во делото.
Нестабилните површини претставуваат еден немирен и нереален хоризонт, од
каде се прашував за привидната граница на нештата, иднинта, патот...
Самиот уметнички предмет е основа, која на сè друго му дава смисла. Кон
Хоризонт гледам како на медитативен процес, од една страна е амбиентот, кој го
создаваат делата преку убавините на водата и површините, од друга страна, е
формата на движењето, комплексноста и моќта на природните феномени, кои се
непредвидливи и немилосрдни.
Потврдено е, и метафизички, и научно, дека водата содржи емпириска
фреквенција, која преку мистицизмот ни овозможува увиди за изворот на
нештата, како траекторија која нè води отаде рациото... Од каде можеби, сепак ќе
согледаме каков е животот, зошто сме тука и кон што, всушност, ние одиме.

11
12
13
Хоризонт, 2019 год. Музеј на Град Скопје. Фото: Станимир Неделковски

14
Хоризонт, 2019 год. Музеј на Град Скопје. Фото: Марина Трајковска

15
Дел 4 Кон објекттот, искуствата со просторните
поставки и интервенции во природа

Гледаме како „паметните“ технологии и Интернетот, како предодредени


неопходности ни ги менуваат начините за воспоставување релации едни со други,
со природата, во животот, воопшто, секаде. Дополнително, со развојот на
кибернетиката и артифициелната интелегенција, која нуди зголемена ефикасност
при работењето и брзо достапни информации, се прашувам, дали се стремиме кон
една анестезирана, лесно диригирана ситуација, која го предодредува патот во
општеството, начинот на размислување и светогледот на колективите...
Генералната слика за нештата, наместо да е извор на повеќе информации,
резултира со помалку информации или дезинформации, кои се производ на една
калкулирана ситуација од одредени структури.
Иницијативата за проширување на човековиот живот на други планети е
производ од тестовите на водечките компании за Вселенски транспорт. Стремежот
за идни колонизации на други планети, е резултат на луѓе кои сметаат дека
ресурсите на планетата Земја се лимитирани и недоволни, бидејќи како видови на
оваа планета сме изложени на климатски промени и дека за нас претстои
поинтересна меѓуѕвездена иднина, со тоа што би го прошириле нашиот спектар на
адаптација и еволуција како вид.
Оттука ги развив делата, во кои земјината површина, просторот,
материјалноста, артифициелноста и интервенцијата во природен простор и
објектот се полето на истражување во тековната тематика.
Релации 2019 год. е фотодокументација на повремена интервенција во
простор од плексиглас и растенија, во Ботаничката градина во Скопје. Со
поставување на објектите во Ботаничката градина, согледав една контрасна
ситуација на аморфните и слободни форми на природата, наспроти строгата
геометрија и обоеност на индустриските форми од плексиглас. Од друга страна,
интервенцијата реферира, т.е. се однесува на контрола и манипулација, како сцена
која резултира можеби со генетска модификација и радијација во Ботаничката
градина, како простор за аклиматизација, одгледување и репродукција на
ендемични, реликтни, ретки и лековити растенија од флората.
16
Единствениот физички доказ за постоење на интервенцијата се
фотодокументациите во соработка со Александра Костадиновска фотографот на
овие мои инсталации кои беа изложени на проектот CreArt во 2019 год.

» Релации, 2019год. Фото: Александра Костадиновска

17
18
19
Патот 2020 год. е истражување во друг медиум со поинаков пристап и
материјали, процес во кој почнав да градам површини и текстури, користејќи
алати, дрвени плочи, градежни материјали, песок, дробен камен и лепаци.
Создавав беспредметни груби форми, при процесот некои делови се кршеа, некои
намерно ги кршев, па повторно ги лепев и фиксирав на носачите, шперплочи со
димензија 135x84 cм., на кои имав монтирано дрвена конструкција за
дополнителна потпора и стабилност. Добиените енформелни површини ги
пресликав со сива и сребрена боја, интервенирав со силикон, смоли и други
лепливи смеси кои ги надоградуваа текстурите, некаде ја збогатија, некаде ја
посмирија густата и релјефна површина.
Делата на почетокот беа замислени да се ѕидно поставени како еден вид
слика објект или материјални слики, но со процесот на одземање материја од
делото и перфорација на плочите, увидов нови насоки, кои ме упатија кон
промислување на делата, и разгледување на можностите за нивно поставување на
под, во простор.
Потоа следуваше процес на брусење, сечење, пресликување со боја, лепење
и интервенирање со смеси, силикон, лепаци и дробен камен, сè до моментот кога
енформелните сликани површини станаа објекти, наредени на под во вертикална
формација едни до други.
Со поставувањето на шесте подни објекти во простор како акумулација, со
димензија приближно 810x84 cм., добив ситуација каде што можам да минувам
покрај делата, кои така поставени наликуваат на геолошки површини, или
примероци на површини од други планети и простори... Патот реферира на
приказ на Земјата во постапокалиптична состојба, контаминирана, без вода, без
флора и фауна... или вселенскиот пат, нашето идното тло, кое би го окупирале и
кое допрва треба да заживее.

» Патот, 2020 год. Поставени во Галерија ФЛУ- Скопје. Фото: Игор Таневски

20
21
22
23
Пејзаж, 2019 год. е дело кое првично започнав да го создавам во 2018 год., кога
го употребив тепихот како материјал и носач за сликање. Сликаното поле беше
резултат на акционен сликарски пристап, со најразличен третман на удари со
ткаенина потопена во боја, удари со потопени предмети во боја, сликарски нож,
различни типови на четки, метли, со кои нанесував боја на монохромните теписи,
а кои потоа ги монтирав на дрвен рам.
Теписите прво ги користев во функција на носач и како доста доминантен
материјал, на кој нанесував слој по слој боја, тонови на црна и црвена кои се
наѕираа еден под друг, сè до моментот кога веќе добив силно заситена гама со
беспредметни форми.
По една година, дел од тие недовршени дела ги пресликав со сребрена боја,
од каде што, со обратна постака, по пат на одземање, неконтролирано истурав
киселини и разредувачи кои ја нагризуваа и гореа пресликаната површина. Како
такви, ги оставив надвор на сонце да испарат сите киселини и разредувачи и да се
исушат убаво потсликаните црни тонови, кои одеднаш, неочекувано се појавија
врз сребрената површина.
За мене, добиената гама на нејасни форми, се маркации на неодредени
координати или извалкана мапа, предел... Бидејќи сами по себе не ми беа доволно
убедливи во контектстот, кој ми се наметнуваше постојано, решив да ги разгледам
заедно со објектите од итисони.
Паралелно работев на објекти од итисони во ролна, насликани со сребрена
боја во различни димензии, некои помалку или повеќе завиткани, фиксирани по
потреба. Идејата беше да ги поставам во простор, слободно компонирани со
варијабилни димензии, кои како такви, одлично се вклопија со ѕидните дела.
Насликаните ролни реферираат на материјалноста, на тлото, на
неартифициелнта површина, кои заедно со ѕидните дела упатуваат можеби на
еден дистописки пејзаж или кибер предел, кон нешто несвојствено за природните
прикази на феноменот на пејзажот, но можеби својствено за другите ѕвездени и
планетарни предели.
(сл.0)

» Пејзаж, 2019 год. Поставени во Галерија ФЛУ- Скопје. Фото: Игор Таневски

24
25
26
Дел 5 Уметничко дело и општествена димензија на уметноста

Бојс наведува како Уметноста го овозможува животот, Човекот без


уметноста е физиолошки незамислив... Тој не се состои само од хемиски
процеси, туку неоходни му се и метафизички доживувања. (Бојс: 1969, наведено
во Уметниците за уметноста, стр. 200)
Уметничките дела се отсликување и производ на општественоста, уметноста
преку емпиризмот ја влече својата содржина. Или, според Оскар Вајлд: Животот
ја имитира уметноста, многу повеќе отколку што уметноста го имитира
животот.
Теодор Адорно наведува дека уметничките дела се одговор на сопствените
прашања, но исто така, тие се и одговор на прашањата кои ги поставува
општеството. Затоа, пред уметноста се поставуваат две можности: уметноста да
отстапи од својата автономија и да се препушти на постоечката општественост,
или да остане одвоена од општественоста, сама за себе.
Одбивањето да се идеологизира уметноста има свои граници; Адорно
заклучува дека потполно неидеолошката уметност не е возможна, а паролата
„уметност заради уметност” сосема добро може да се прифати како средство за
неутрализирање на уметноста.
Вилиќ наведува дека исказот на Вајлд : „All Art is Quite Useless“ е точен,
доколку уметноста се толкува од аспект на формалистичката естетика. Доколку,
пак, таа се анализира од позиција на критички дискурс, тогаш може да се разбере
дека таа недоволно ефектуира, односно, не е во состојба да изврши (иако можеби
влијае на) порадикални промени, особено по прашањата на општественоста. И
двете позиции остваруваат присуство на уметничката сцена; и двете толкувања на
уметноста се присутни во теоријата. (Вилиќ, 2010: 6)
Јозеф Бојс со својата изјава Во потрага сум по карактерот на една
област, дообјаснува дека само под услов радикално да се прошири дефиницијата
на уметноста, ќе биде овозможено таа и активностите што се поврзани со неа да
обезбедат доказ дека денес уметноста е единствената што има еволуциско-
револуционерна моќ. Единствено уметноста е способна да ги расклопи
ефектите на репресивниот, сенилен општвестен систем, што продолжува да
27
се тетерави до линија на смртта. Таа е способна да разгради, со цел да изгради
еден општествен организам како уметничко дело. (Бојс: 1973, наведено во
Уметниците за уметноста, стр. 109)
Иако ангажираната и критичката уметност се честопати иманентни,
компатибилни и функционираат синергично, помеѓу нив има одредени разлики
во тенденциите. Ангажираната уметност, во основа, е прокреативна, таа повикува
на одредена дејност, како што е менување на светот и условите во кои живееме. Од
друга страна, критичката уметност има тенденција да ги уништи одредените
догматски ставови во културата и општеството, за кои мисли дека се
контрапродуктивни на креативноста, слободата итн.
„За мене, ангажираноста и критичноста се само мотиви за
деконструкција или, пак, за сублимна поетика. Уметноста не ја гледам како
орудие во рамките на политичките претензии за освојување на моќта или за
лансирање одредени идеолошки стратегии. Уметноста е метафизичка и
недофатлива.” (Станкоски 2014, наведено во Вилиќ, 2014: 32 )
Според Вангели, уметноста по себе како духовна дисциплина е ангажирана,
а со тоа максимално жива, активна, спонтана, секогаш подготвена неточните
парадигми да ги замени со точни. Додека активноста на уметникот, пред сè, треба
да е насочена кон неговата сопствена интроспекција.
Само преку деконструкцијата на сопствената личност, уметникот го
стекнува инструментот за деконструкција на општествените собитија.
(Вангели 2010, наведено во Вилиќ, 2010 :80)

28
Епилог

Уметничкото во уметноста, самиот уметнички предмет не е духовна


содржина која се чувствува и опредметува. Уметничкото како фреквенција ја
надвладува материјата и формата, бара инволвираност и релации за да испрати
сензорни пораки. Преку телесните сензации и емоции уметноста нè води во
другата димензија каде што настануваат поврзувања на таинственото и
вистинитото од длабочините...
За уметничкиот предмет е неопходен нематеријален простор, во таа мера,
во која духовната димензија е модалитет на сè, духовниот предмет е сеопшт,
огледало на светот, тој покрај неговата рефлексивност делува и како некаков
макрокосмос, кој истовремено ги впива сите зраци од светот...
Низ историјата гледаме како животот циклично се движи и менува, како
човекот се адаптира и ги прифаќа промените кои се резултат на одредени
последици. Животот во оваа димензија, на овој свет ни е даден, не ни е
предодреден, бидејќи преку одредени искуства ние спонтано креираме, градиме
иднина и предизвикуваме промени. Некогаш некои промени не се благородни и
хумани... но животот продолжува, па затоа, колку посвесно делуваме во
сегашноста, таква иднина проектираме.
Герхард Рихтер нè охрабри, кога во една прилика изјави, дека уметноста е
највисоката форма на надеж... Како посебна вредност во општеството, која
овозможува поглед од поинакви гледни точки и перспективи.
Како дел од колективната универзална свесност, во творечкиот процес
спонтано се движам помеѓу различните изразни средства, црпам увиди за
нештата, од каде се ангажирам и впуштам во процесот на работа...
Во процесот се случуваат нештата, се поврзуваат и менуваат концептите, но
работите изненадно се сублимираат... Преку навлегување во слоевите на
проблематиката на уметноста, константно се обидувам да ги согледам
возвишените вредности, од каде започнува комуникацијата со предметот, а преку
него со светот, од каде започнува поврзаноста...
Се прашувам, каков е денес погледот кон хоризонтот во далечина, дали тој и
понатаму претставува една смирена, сигурна и спокојна крива линија, која нè води
29
кон природните феномени и генези на природата, кон нејзината длабока
мистериозност и напластена митологија...
Убавината на хоризонталната крива, спојот на водата и копното ја
согледувам како патот кон утопија... Колку повеќе се упатуваме кон неа, толку
повеќе таа се одалучува од нас... Иако изгледа како фиксирана константа, кривата
линија постојано се движи и менува... но, најверојатно се работи за процесот, за
константниот процес, кој нè упатува отаде полето на рациото... Од каде можеби
сепак ќе согледаме каков е животот, зошто сме тука и кон што, всушност, ние
одиме.

30
Користена литература

Uzelac, Milan (2011) Uvod u estetiku. Predavanja u zimskom semestru 1992. godine.
Vršac: Visoka strukovna škola za obrazovanje vaspitača.

Вилиќ, Небојша (2010) Критичка уметност. Разговори со Бојан Иванов, Зоран


Поповски, Мира Гаќина и Жанета Вангели. Скопје: 359˚

Вилиќ, Небојша (2014) Критичка уметност 2. Разговори со:Игор Тошевски,


Валентино Димитровски, Лилјана Неделковска, Александар Станкоски, Станко
Павлески, ОПА, Лазо Плавевски, Билјана Исијанин, Атанас Ботев, Томе
Аџиевски. Скопје и Струга: 3П с.из.

Приредиле Павлески,Станко. Пиркоска, Конча и Петровски, Зоран (2012)


Уметниците за уметноста. Текстови/изјави/слогани. Скопје:
Универзитет„Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултет за ликовни уметности-
Скопје

Грацијани, Рон (2012) Роберт Смитсон и Американскиот пејзаж. Кочани:


Европа92- Кочани

31

You might also like