You are on page 1of 1

Дон Кихот

Можеби сметате дека фантазијата е само за мали деца, но таа е многу повеќе од
„едно малo дете кое си го врзува ќебeто околу вратот и трча наоколу. Тоа што детето во
себе инстинктивно го знае е дека фантазијата значи – засадување на семето на
можностите во сопствената свест. Кога фантазираш не постојат граници, можеш да
бидеш или да сториш сè што ќе замислиш! Затоа, таа е една од најзначајните нешта што
можат да ја одредат твојата иднина!
Во ликот на Дон Кихот, главниот јунак на истоимениот роман, Сервантес опишува
трагичен, бесплоден ентузијазам за поединец, на кого му недостасува практичен дух. Тој
е идеалист кој секоја секунда од слободното па и од не слободното време го користи за
читање на рицарски романи, кои го доведуваат до желба да почне да живее во
фантазијата од истите. Тој иако е човек со бујна фантазија и со благородна душа, сепак е
без чувство и такт за реалниот живот. Реалниот свет Дон Кихот го гледа низ призмата на
своето вообразување и низ неговите многубројни авантури, секојдневните предмети ги
гледа како надреални, затоа ветерните мелници се долгораки џинови, стадата овци се
две армии, крчмарите се рицари и војводи, а селанките – принцези. Заблуден од
рицарските романи и понесен од своето човекољубие, тој од селски благородник станува
рицар – скитник, со цел да ги штити малолетните, сираците, вдовиците и да се одмаздува
за слабите и обесправените. Во своите подвизи го вовлекува и сиромашниот селанец
Санчо Панса, кој подоцна станува негов слуга – оруженосец. Тие на почетокот на романот
влегуваат како два спротивни света, кои се дополнуваат и сочинуваат еден целосен јунак.
Додека Дон Кихот е висок и слаб, некористољубив, чувствителен, добродушен, храбар,
дарежлив, безумен и живее во облаци, Санчо Панса е низок и дебел селанец кој тежнее
кон личен интерес, тој е користољубив, плашлив, неук, итар и себичен, но живее во
реалноста. Дон Кихот иако го прекорува дека е дрдорко, простак, безобразник и
озборувач, преку многуте негови мудри мисли и поговорки дознаваме дека Санчо Панса е
остроумен шегобиец со многу бистар ум. Делото завршува со тоа што Дон Кихот од
безнадежен, станува многу пореален, се покајува и ги проколнува витешките
романи,поучувајќи ги сите околу него да не ја направат истата грешка како него.

Целта на авторот за пишувањето на овој роман била да ги исмее лажните и неубави


витешки романи, кои се разликуваат од вистината и реалноста, но тој преку ликовите успева
да го долови ликот на новиот човек, исполнет со возвишени идеали за почитување на
човечкото достоинство, за верба во творечкиот ум и духовната моќ на човекот, кој треба да
прави добри дела за да има напредок и растеж на човечката цивилизација

You might also like