You are on page 1of 4

Подем на нови империи

Гласови од минатото
Дариј, еден од владетелите на Персиската Империја, го објаснува божествениот извор на
неговата моќ:
“Голем бог е Ахурамазда, кој што ја создаде земјата, кој ги создаде луѓето, кој го направи
Дариј крал, еден крал на многуте, еден господар на многуте. Јас сум Дариј великиот крал,
кралот на кралевите, кралот на земјите кои содржат секакви народи, крал на оваа голема
земја надолго и нашироко. Јас сум крал. Она што го направив, го направив според волјата
на Ахурамазда.”
Малата и независна еврејска држава можела да опстане се додека ниедна голема држава
не доминирала во Западна Азија. Меѓутоа,наскоро се појавиле нови империи кои успеале
да покорат огромни делови од древниот свет.

Асирската империја
Првата од новите империи била создадена во Асирија, која се наоѓала во горниот тек на
реката Тигар. Асирците биле семитски народ кој ја искористил употребата на железното
оружје за да создадат империја околу 700 г.п.н.е. Асирската империја во себе ги
вклучувала Месопотамија, делови од иранската висорамнина, делови од Мала Азија,
Сирија, Палестина и Египет до градот Теба.Меѓутоа, за помалку од сто години,
внатрешните борби и огорченоста на поробените народи од асирската власт започнале да
ја рапсарчуваат Асирската империја. Во 612 г.п.н.е. империјата била уништена од сојузот
на Халдејците и Медијците (народ кој живеел во источниот дел од државата), кои
меѓусебно ја поделиле нејзината територија.
На врвот на својата моќ, Асирската империја била управувана од кралеви, чија што власт
била апсолутна. Под нивно водство, Асирската империја станала добро организирана
држава. Локалните службеници биле директно одфоворни пред кралот. Асирците
развиле и ефикасен систем на комуникација за да управауваат полесно со својата држава.
Низ империјата била воспоставена поштенска мрежа која ги пренесувала пораките преку
коњаници од една до друга поштенска станица. Системот бил толку ефикасен што
управникот на било кое место во империјата можел да испрати прашање до кралот и да
добие одговор во рок од една недела. Една од првите библиотеки во светот била
основана во Нинива од страна на Асурбанипал, еден од последните асирски кралеви.
Оваа библиотека обезбедила обилни податоци за древните цивилизации од Југозападна
Азија.
Асирците биле успешни освојувачи. Со текот на долгогодишната пракса, тие развиле
ефективно воено водство и борци. Асирската војска била голема, добро организирана и
дисциплинирана. Нејзиното јадро се состоело од силна пешадија, придружувана од
коњаници и воени кочии, кои служеле како платформа за стрелци. Освен тоа, Асирците ја
имале една од првите големи армии целосно вооружени со железно оружје.
Асирците го користеле теророт како инструмент во војувањето. Тие редовно ги пустошеле
земјите во кои се бореле. Ги уништувале браните, ги ограбувале и уништувале градовите,
ги палеле посевите и ги уништувале овошните дрва. Особено биле познати поради
извршувањето на ѕверства врз нивните заробеници. Кралот Асурнасирпал дава еден
извештај за ваквиот однос “3000 нивни борци ги паднаа како жртви. Многумина
заробивме живи. На некои им ги отсековме рацете до лактите, на други им ги отсековме
носовите, ушите и прстите. На многумина војници им ги извадивме очите. Нивните млади
мажи и жени живи ги запаливме.”

Персиската империја
После пропаста на Асирската империја, Халдејците со нивниот крал Набукодоносор II го
направиле Вавилон најмоќна држава во западна Азија. Набукодонозор го обновил
Вавилон како центар на неговата држава и градот се стекнал со углед на еден од
најголемите градови. Сепак раскошот на халдејскиот Вавилон бил со краток век. Вавилон
бил освоен од Персијците во 539 г.п.н.е.
Подемот на Персиската империја- Персијците биле индоевропски народ кој живеел во
денешен југозападен Иран. Првенствено номадски народ, Персијците биле организирани
во групи, додека едно моќно семејство не успеало да ги обедини овие групи. Еден од
членовите на ова семејство, Кир, создал моќна персиска држава која се протегала од
Мала Азија до Западна Индија.
Кир владеел од 559 до 530 г.п.н.е. Во 539 г.п.н.е. тој навлегол во Месопотамија и го
освоил Вавилон. Неговиот однос кон Вавилон покажал извонредна воздржаност и
мудрост. Исто така тој донел указ со кој што на Евреите, кои биле донесени во Вавилон во
VI в.п.н.е, им се дозволувало да се вратат во Ерусалим. Современиците го нарекувале Кир
Велики. Навистина, тој мора да бил необичен владетел за своето време, човек кој
покажал многу мудрост и сочувство при освојувањата и организирањето на својата
држава. За разлика од асирските владетели, Кир бил познат по својата милост. Медијците,
Вавилонците и Евреите го прифатиле за свој владетел. Кир имал искрена почит кон туѓите
цивилизации. На пример, пр изградбата на неговите палати, тој користел асирски,
вавилонски и египетски дизајни и методи на градба. Наследниците на Кир ја прошириле
територијата на Персиската империја. Неговит син Камбис успешно го освоил Египет.
Дариј (521-486 г.п.н.е.) ја проширил персиската држава во Западна Индија, се до реката
Инд. Потоа тој го променил својот фокус кон Европа. Во Европа ја освоил Тракија и ја
создал најголемата империја што дотогаш ја видел светот.Контактот на Дариј со Хелените
го навел да изврши инвазија на хеленското копно.
Структурата на Персиската империја- Дариј ја засилил персиската власт. Ја поделил
империјата на дваесет провинции, наречени сатрапии. Секоја провинција на чело имала
гувернер или сатрап, што буквално преведено би значело заштитник на кралството. Секој
сатрап собирал даноци, се грижел за правдата и безбедноста на провинцијата и
регрутирал војници за кралската армија.
Ефикасниот систем за комуникација бил клучен за одржувањето на Персиската империја.
Доброодржуваните патишта им ги олеснувале патувањата на службениците низ целата
држава. Кралскиот пат се протегал од Лидија до Суза, главната престолнина на државата.
Како и Асирците, и Персијците создале поштенски станици кои им обезбедувале храна,
засолниште и одморени коњи на кралските гласници.
Во овој огромен систем, персискиот крал “големиот крал”заземал возвишена положба.
Тој бил господар на животот и смртта на неговите поданици. На својот врв, голем дел од
моќта на Персиската империја и нејзините владетели зависеле од војската. До времето на
Дариј, персиските кралеви создале постојана армија составена од професионални
војници. Оваа војска се состоела од народите на целата империја. Јадрото на војската го
сочинувале десет илјади коњаници и десет илјади пешадијци.Овие две групи биле
познати како Бесмртници, бидејќи нивниот број никогаш не смеел да падне под 10 000.
Кога еден од членовите на овие групи бил убиен, веднаш бил заменуван со нов.
Падот на персиската империја- После Дариј, персиските кралеви станувале се
поизолирани на нивните дворови, опкружени со луксуз благодарение на огромните
количини на злато и сребро кои се слевале во нивните ризници. Како што персиските
кралеви ги зголемувале даноците со цел да добијат уште поголеми богатства, така
опаѓала лојалноста кон империјата. Борбите за тронот ја ослабувале монархијата.
Персиските кралеви имале многу жени и деца. На пример, Артаксеркс, кој владеел во IV
в.п.н.е имал 115 синови. Синовите имале мала вистинска моќ, што ги охрабрувало да се
вклучуваат во заговори за стекнување на престолот. Од деветте владетели после Дариј I,
девет биле убиени во вакви заговори. Ксеркс II, на пример владеел само 45 дена пред да
биде убиен во кревет од неговиот полубрат. Атентаторот набрзо бил убиен од друг
полубрат. Со текот на времето, ваквите крвави борби за престолот ја ослабнале државата
и довеле до нејзино покорување од страна на Александар III Македонски во 330те г.п.н.е.
Персиската религија- Од сите културни придонеси на Перисјците, најоригинална е нивната
религија, зороастризмот. Според персиската традиција, Зороастер (Заратустра) бил роден
во 660 г.п.н.е. После долги години на талкања и осаменост, тој добивал визии кои
предизвикале да биде почитуван како пророк на “вистинската вера”. Неговото учење на
крајот било запишано во Зенд Авеста, светата книга на зороастризмот. Како и Евреите,
следбениците на Зороастер биле монотеисти. За следбениците на религијата, Ахурамазда
(Мудриот господар) бил врховниот бог кој создал се на светот.Иако бил врховен бог,
Ахурамазда имал противник во лицето на лошиот дух Ахриман. Луѓето,исто така, имале
улога во борбата помеѓу доброто и злото. Ахурамазда, создателот, им дал на сите луѓе
слобода да избираат помеѓу доброто и лошото. Добриот човек го избира избира
вистинскиот пат на Ахурамазда. Зороастра поучувал дека ќе има борба помеѓу доброто и
злото. На крајот Ахурамазда ќе победи, и на последниот суд на крајот на светот конечно
ќе се случи одвојувањето на доброто и злото.

You might also like