You are on page 1of 16

УНИВЕРЗИТЕТ „Св.

КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“- БИТОЛА


ПЕДАГОШКИ ФАКУЛТЕТ

СТУДИИ ОД ПЕДАГОШКА ДОКВАЛИФИКАЦИЈА

СЕМИНАРСКА РАБОТА ПО ПРЕДМЕТОТ:


ПСИХОЛОГИЈА

НАСЛОВ:
ОСВРТ КОН ДЕЛОТО “УМЕТНОСТА НА ЉУБОВТА”
ОД ЕРИХ ФРОМ

КАНДИДАТ МЕНТОР
Лидија Секулоска проф.д-р Љупчо Кеверески
Б и т о л а, 2018 година
УНИВЕРЗИТЕТ „Св.КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“- БИТОЛА
ПЕДАГОШКИ ФАКУЛТЕТ

СЕМИНАРСКА РАБОТА
СО НАСЛОВ:
ОСВРТ КОН ДЕЛОТО “УМЕТНОСТА НА ЉУБОВТА” ОД ЕРИХ
ФРОМ

Ментор: проф.д-р Љупчо Кеверески

ИЗЈАВА
Изјавувам дека при изработката на дипломскиот проект ги почитував
позитивните законски прописи од областа на заштитата на
интелектуалната соспственост и не користев реченици или делови од
трудови на други автори без да ги почитувам методолошките стандарди.
Изјавата ја давам под полна материјална и кривична одговорност

Изјавила: Лидија Секулоска


Содржина
Вовед------------------------------------------------------------------------------------1
Што е љубовта?-----------------------------------------------------------------------2
Теорија на љубовта
1. Љубовта-одговор на проблемот на човековата егзистенција---------2
2. Љубовта меѓу родителот и детето------------------------------------------4
3. Објекти на љубовта------------------------------------------------------------4
а) Братска љубов-------------------------------------------------------------5
б) Мајчинска љубов---------------------------------------------------------5
в) Еротска љубов-------------------------------------------------------------5
г) Љубов кон себе------------------------------------------------------------6
д) Љубов кон Бога------------------------------------------------------------6
Љубовта и нејзината дезинтеграција во современото општество--------- 7
Љубовна практика--------------------------------------------------------------------
10
Заклучок--------------------------------------------------------------------------------11
Фусноти--------------------------------------------------------------------------------12
Библиографија------------------------------------------------------------------------12
Вовед
Уметноста на љубовта е дело во кое Фром пред сѐ ги искажува
ставовите за личноста, нејзиното раѓање, развој и зрелост. И самиот вели
дека е неможно да се расправа за љубовта, без да се спознае човекот. Тој
го става акцентот на социјалниот фактор1. За да љуби, човекот треба да
се спознае, себе, ближниот, спротивниот пол. Да биде зрел треба врз него
неговата мајка и татко да имаат извршено соодветно влијание, најмала
девијација во однесувањето на мајката и таткото, резултираат со незрела
личност.
Развојот на личноста Фром го проектира и врз историскиот развој
на религијата.
Фром нагласува дека и не треба само спознание, туку треба да се
биде храбар во спроведувањето на делата (да се дава и помага
безусловно на саканиот, на човештвото) и да се верува дека целта ќе биде
постигната.
Што е љубовта?
Според Фром, сфаќањето за љубовта е многу искривено во
западниот свет и е во тек со општествените процеси. Мажот се труди да
одговара на стандардите за совршен љубовник, друштвен, грижлив и
толерантен, а жената секогаш привлечна. Цитат: Така две личности се
вљубуваат една во друга кога ќе почуствуваат дека го нашле најдобриот
објект што може да се најде на пазарот, почитувајќи ги ограничувањата
на сопствените пазарни вредности2.
Тој смета дека грешката исто лежи и во конфузијата помеѓу
вљубувањето и трајната состојба на љубовта.
Љубовта треба да се спознае, таа е умешност, постапките за тоа се
слични како и постапките кога треба да се научи секое друго умеење. За
да се научи, прво треба теорија, а потоа и пракса.

Теорија на љубовта
1. Љубовта-одговор на проблемот на човековата егзистенција
Човекот веќе оттргнат од животинскиот свет, не може да се врати
таму. Човекот мора да го развива својот разум, да пронајде нова
хармонија, човечка. Кога човекот ќе се роди тој се најдува во
беспомошна состојба, но се уште е едно со мајката. Човекот има свест за
себе, за своите блиски, свесен е за својата кратковечност, свесен дека е
роден без сопствена желба и ќе умре без своја волја. Тој е беспомошен
сам пред природата и за него отуѓеноста е неподнослив затвор.
Најдлабоката човекова потреба е да ја совлада својата осаменост. Тој се
обидува да ја надмине на многу несоодветни начини кои имаат
краткотраен ефект. Тој се идентификувал со животните и обожавал
животни-тотеми. Изведувал групен транс и ритуали со помош на дроги.
Во современото друштво човекот користи алкохол, дрога и секс без
љубов. Но, тој само за кратко заборава на чувството на оддвоеност, па
дури и го презира потоа својот објект. Друг начин на избегнување на
оддвоеноста е слепо следење на мнозинството, без да се размислува за
последиците - конформизам. Трет начин на надминување на
оддвоеноста е творештвото, каде уметникот се соединува со материјалот
кој го менува во процесот на креација. Човекот треба да биде таков во
својата работа, а не како во современото општество каде човекот станува
дел од масовно производство. Симбиотското единство постои природно
кај бремената жена и фетусот, но симбиотското соединување кај две лица
каде едното е пасивно - мазохист и другото е активно – садист, не води
до природно надминување на одделеноста. Според Спиноза 3, доблеста и
моќта се едно исто. Љубовта е дејствување, применување на човековата
моќ која може да се врши само во слобода, а никогаш како резултат на
присила. Да се дава е порадосно отколку да се прима, не зошто тоа е
лишување, туку затоа што со чинот на давање доаѓа до израз
живототворноста на човекот.
Освен давањето, други заеднички елементи на љубовта се
грижата, одговорноста, почитувањето и познавањето. Мајката се грижи
за своето дете, Господ се грижел за Ниневија, (Стар Завет, Јона). Каин не
чувствувал одговорност за својот брат. Одговорноста на мајката кон
детето е доброволен чин, а не нешто наметнато од надвор. Почитувањето
не е страв, respicere на латински значи гледа, почитување на личноста
таква каква што е и да не се труди човекот да го менува ближниот за
свои потреби, туку да ги почитува неговите особености и да му помогне
да се развива на најдобар можен начин заради самиот себе. За да и се
даде соодветно на една личност таа треба добро да се познава, да се знае
што и треба, малото дете ја уништува играчката за да ја запозне, но
зрелата личност се запознава со потребите на ближниот. Сите овие
карактеристики се меѓусебно зависни и синергични.
Фром за љубовта меѓу половите смета дека е идеална само меѓу
две личности, кои се зрели и умеат да сакаат и ги применуваат сите пет
горенаведени карактеристики во исто време Тој смета дека еротската
привлечност никако не се изразува само во сексуалната привлечност,
дека постои машкост и женскост и во карактерот.
2. Љубовта меѓу родителот и детето
За новороденчето мајката е топлината и храната, мајката е
еуфориска состојба на задоволство и сигурност, реално е само тоа што е
внатре, надворешното е реално само во однос на неговите потреби.
Растејќи детето станува способно да ги гледа работите такви какви што
се. Сите негови искуства се кристализираат и се интегрираат во
доживувањето: јас сум сакано. Сакано сум поради тоа што сум, сакано
сум зошто сум. Мајчинската љубов е безусловна, таа не мора да ја
заслужи. На возраст помеѓу осум и пол и десет години се јавува уште
еден нов фактор, чувство дека може да се произведе љубов со својата
активност, детето ја надминува својата егоцентричност, потребите на
другите луѓе стануваат важни како и неговите потреби. Истовремено се
развива и објектот на љубовта, детето се насочува и кон таткото.
Татковата љубов е условена, таткото го избира синот кој најмногу личи
на него, по шестата година на детето му е потребен татковиот авторитет
и водство. Татковската љубов би требало да го оспособува детето и тоа
би требало да си стане сопствен авторитет и да се ослободи од
авторитетот на таткото. Зрелата личност сака и со мајчинска, и со
татковска совесност. Ако не се успее во тој развој, неуспехот е извор на
многу пореметувања и нервози. Ако личноста како дете била поврана
само со таткото, се јавува опсесивна неуроза, а додека ако има
поврзаност само со мајката, се јавува неможност личноста да се бори
реалистички со животот. Фром нагласува дека и ако улогите кај мајката и
таткото се мешаат, настанува пак незрела личност.

3. Објекти на љубовта
Незрелата личност постојано е во потрага по објектот на својата
љубов. Таа верува дека доказ за љубовта е силината на љубов кон
избраната личност. Но, тоа е како сликарот да треба да чека на
вистинскиот објкект, за да слика прекрасно. Ако вистински се сака една
личност, се сака светот, се сака и животот. Сепак спрема Фром постојат
различни типови на љубови, во зависост од објектот кој се сака.

а) Братска љубов
Фром се повикува на Библијата: Сакај го ближниот свој како
самиот себеси. Братската љубов е љубов на еднаквите. Љубовта кон
беспомошниот, сиромашниот и туѓинецот е почеток на братска љубов.
Всушност, Фром целосно ги презема ставовите од Библијата, каде
братската љубов најдобро е објаснета. Со сочувство кон беспомошните,
се зародува и љубовта кон сопствениот брат. Фром тргнува од тоа дека
сите луѓе можат во текот на животот да станат беспомошни, во тоа и е
еднаквоста.
б) Мајчинска љубов
Мајчинската љубов е неусловена афирмација на животот на
детето и неговите потреби. Таа му влева љубов кон животот. Односот на
мајката и детето е однос на нееднаквости, каде на едниот му е потребна
помош, а другиот дава. Затоа мајчинската љубов се смета за најсвет
облик на љубов. Иако овој вид на грижа за младенчињата се сретнува и
кај животните, сепак кај човекот има смисла и на трансценденција,
мајката се трансцендира себеси во детето, љубовта кон него дава смисла
и значење на незиниот живот. Но, мајката не само што мора да го
толерира туку мора и да го помага оддвојувањето. Само жена која е
вистински зрела и умее да ги сака еднаквите на себе, партнерот, себеси,
може вистински да го сака своето дете.
в) Еротска љубов
Според Фром, овој вид на љубов се меша со експлозивното
вљубување, ненадејно исчезнување на пречки што до тој миг постоеле
меѓу двајца туѓинци. Меѓутоа, ова доживување на ненадејна интимност е
краткотрајно. Прво во овај случај е интимноста со сексуалниот допир,
или дури и отвореното искажување на омраза и бес, кое се смирува во
кревет. Овие интимности се намалуваат со текот на времето и се јавува
желба за ново освојување. Ако желбата за физичко соединување не е
поттикната од љубов, тоа води кон соединување во органска, минлива
смисла. Давањето на предност на еротската љубов пред другите видови,
кога двајца се идентификуваат еден во друг, одвојувајќи се од целото
човештво, не е вистинска љубов. Во суштина сите човечки суштества се
слични. Сите сме дел од Едниот, ние сме Едно. А штом е така, не би
требало да е важно кого сакаме. Љубовта треба да биде суштински чин
на волјата, на одлуката својот живот целосно да и го посветам на другата
личност.И навистина, таквиот принцип се наоѓа идејата за
неразрешливоста на бракот.4
Да сакаш некого тоа не е само силно чувство, тоа е одлука, суд ,
ветување. Идејата за врската што може лесно да се разреши доколку не е
успешна е исто така погрешна како идејата дека во никој случај таквата
врска не смее да се прекине. Сите ние сме Едно, а сепак секој од нас е
единствена, неповторлива личност. Сепак еротската љубов бара извесни
специфични, високо индивидуални елементи, што постојат помеѓу
некои, но не и помеѓу сите луѓе.
г) Љубов кон себе
Во голема мера се смета дека ако личноста се сака себеси,
љубовта кон другите е исклучена. Фројд зборува за љубовта кон себе со
психијатриски термини. Фром пак се повикува на Библиајта, каде
љубовта кон себе и љубовта кон другите не се исклучуваат меѓусебно.
Тоа се гледа во идејата: Сакај го ближниот свој како себеси. Љубовта за
сопствената личност е поврзана со љубовта на која и да е грижа за друга
личност. Афирмацијата на човековиот сопствен живот, на неговата
среќа, раст, слобода е вкоренета во способноста човекот да сака. Ако
човекот не се грижи за сопственото здравје, раст и среќа, нема да има
способност да се грижи за другите. Себичноста и љубовта кон себеси не
се идентични, тие се спротивности. Себичното лице само зема и не дава.
Себичните личности не се способни да сакаат други, па ни себеси.
Несебичноста како спротивност на себичноста е исто така само нејзина
опачина. Зад фасадата на несебичност се крие една интензивна
насоченост кон себе. Само мајката која се сака себеси може да даде
вистинска мајчинска њубов.
д) Љубов кон Бога
Според Фром и оваа форма на љубов произлегува од потребата да
се надмине оддвоеноста и да се постигне соединување. Специфичното
значење на Бог зависи од тоа што е најпосакувано добро за една личност.
Фром развојот на Религијата низ историјата го споредува со развојот на
детето. Во првобитното верување животното е преобразено во тотем,
човекот носи маски од животни и се идентификува со нив. Во следната
фаза тој обожава предмети од глина, сребро и злато, ги проектира
сопстевените сили во предметите што ги прави самиот. Во следната фаза
човекот на Боговите им дава човечки лик. Развитокот оди во две насоки.
Во едната е обожавањето на женскиот принцип, сите деца се еднакви
затоа што се деца на мајката земја. Другиот правец е обожавање на
машкиот принцип. Татковската љубов поставува барања, закони, Господ
го наградува оној кој го следи. Ова се задржува и во монотеистичките
религии. Сепак мајчинската љубов не може да се искорне од срцето на
човекот. Во католичката доктрина таа се прикажува преку ликот на
Марија, додека во лутеранската доктрина мајчинските особини се
додаваат на Господ Бог, тоа станува надеж за неусловена љубов и од
таткото. Се гледа низ историјата и промена на односот на Бог, најпрво
тој е Бог кој казнува и бара жртви, за потоа да се обврзе со ветување, да
ги спаси тие кои го следат. Во идејата да не се прават слики од Бог, да не
се споменува залудно Бог е ослободување од идејата за Бог како татко и
личност. Спрема Фром личноста која не го споменува Бог и не му се
моли, таа живее во љубов, за таа личност да се сака Бог, е да се биде
способен за љубов. Љубовта кон Бог, спрем Фром е стремеж кон
вистината. Фром се повикува на источните религии, како будизмот, каде
Господ не може да објасни со зборови, така се доаѓа до парадокси, туку
Господ треба да се почуствува.Тежиштето не е ставено на мислата, туку
на дејствувањето.

4. Љубовта и нејзината дезинтеграција во современото


општество
Спрема Фром, ниту еден набљудувач на западното општество и
живот не видел дека постјат услови да се развиваат сите облици на
љубовта, тие се ретка појава и нивното место го имаат заземено
многубројни квази љубови. Капталистичкото општество од една страна
се повикува на политичка слобода, а од друга страна на пазарот како
регулатор на сите економски, а и на социјалните односи. Сѐ се
трансформира во стока за размена. Сопственикот на капитал може да
купи работна сила. Сопственикот на работната сила мора да го продаде
својот труд, докулку не сака да гладува. Се поголем број на луѓе ја губат
независноста и стануваат зависни од управувачите на големите
економски империи. На општеството му требаат луѓе кои трошат многу,
чии вкусови се стандардизирани, лесно подложни на влијание и
предвидливи, а кои се чувствуваат слободни и независни, кои се
вклопуваат во општествената машина без отпор, тие трба да се во
функција, да напредуваат. Резултат на тоа е отуѓување на современиот
човек од природата, од себеси и од својот ближен. Човековите врски се
врски на отуѓени автомати. Човекот се обидува да ја надмине својата
отуѓеност во забавната индустрија. И во љубовта е проектирана оваа
ситуација. Автоматите ги разменуваат своите пакети на личности и се
надеваат на добра спогодба. Во сите статии бракот се дефинира како тим
кој функционира беспрекорно. Брачниот советник дава упатства како да
се однесува мажот, а како жената. На овој начин парот не постигнува
поврзаност, туку вештачко однесување во кое двајцата само си
угодуваат. Човекот создава сојуз од двајца против светот, кој погрешно
се сфаќа како љубов и интимност. Има милиони совети за несреќните
брачни двојки. Фром го критикува Фројд дека ја објаснува љубовта како
резултат на сексуална привлечност, или дека таа е идентична со
сексуалното задоволување, кое се рефлектира во свеста. Спрема Фром,
мажите се взаемно љубоморни и си конкурираат и би освојувале многу
жени кога би исчезнале сите социјални и економски пречки. Сепак, Фром
го оправдува Фројд дека живеел во викторијанското доба и во зачетоците
на капитализмот, каде морал да докаже дека капитализмот одговара на
природните потреби на човекот. Според Фројд љубовта, омразата,
љумомората се само физиолошки појавии, многубројни изрази на
сексуалниот инстинкт. Според Фројд целосно задоволување на
инстинктивните потреби би довело до здравје и среќа, но Фром увидел
тоа не е точно, дека мажите и жените кои се посветиле на неограничено
сексуално задоволство, страдаат од тешки невротски конфликти и
сиптоми. Постојат многу патолошки облици за незрелост за љубов:
ситуација кога мажот останува приврзан за мајката или ја бара мајката во
партнерката, доколку не успее неговата жена да одговори на неговите
фантастични очекувања, тој се чувствува длабоко навреден и разочаран.
Друг случај на невротска патологија е болна приврзаност кон таткото,
мажите остануваат неутрални и туѓи кон жените, додека незрелата жена
бара маж кој се однесува кон неа како кон дете. Друг потежок случај е
кога личноста не добила љубов, ни од мајката, ни од таткото, па таа
останува во светот на мечтаењата. Најраширен облик на квази љубов е
оној во кое љубовното задоволство се доживува преку читање на
љубовни романи, гледање на сапунски серии. Постои вид на квази љубов
каде партнерите се навраќаат во минатото, тие живеат во минатото и
иднината, а не во сегашноста. Облик на невротска квази љубов е
проектирање на своите недостатоци во партнерот, па личноста е
преокупирана да го промени и поправи партнерот. Друг вид на
преоекција е проекција на своите желби за промена на своите деца.
Незрелите личности не можат ни да сакаат Господ. За нив Господ е
трансформиран во психолошка вештина која помага во конкурентската
борба. Некои свештеници препорачуваат да се направи Господ деловен
партнер, тие ја препорачуваат механичката љубов кон Бога во замена за
успех, Господ се доживува како прилично оддалечен директор на
претпријатието, личноста не го гледа, но знае дека тој управува или пак
затоа што не го гледа, личноста тврди дека претставата би се одвивала
исто и без него.
Љубовна практика
Спрема Фром, луѓето кои очекувале упатства и чекори како да се
практикува љубовта од него, ќе се разочараат, бидејќи не се потребни
рецепти, чекорите кон љубовта треба да ги преземе секој сам. Сепак тој
дава некои принципи:
Дисциплина
За секоја умешност е потребна дисциплина. Личноста да не го прави тоа
што само му се допаѓа, зошто тогаш личноста нема да стане мајстор во
своето умеење.
Концентрација
Човекот прави истовремено многу нешта, наместо во еден момент да се
посвети на лицето со кое е. Најважна е личноста со која сме во
сегашноста и треба да се концентрираме на неа.
Трпение
Да не се очекуваат брзи резултати.
Вера
Да се верува во другата личност, дека нејзините главни мотивации
остануваат исти, да се верува во себе, да се верува во човештвото.
Храброст
Да се преземе ризик, да се прават далекусежни планови.
Активност
Да се биде сосема буден, активен во мислите и чувствата, човекот да
биде продуктивен и во други сфери, а не само во љубовта.
Коректност
Да не се стреми личноста кон сопствена корист и со тоа да наштетува на
другите.

За Фром љубовта е највисоката и најреалната потреба на секоја личност.

Заклучок
Освртот на делото “Уметноста на љубовта” е претежно анализа на
ставовите на Ерих Фром. Овие негови ставови најчесто се поткрепени
со делови од Стариот Завет од Библијата, но и од Талмудот, од
Муслиманството, од Будизмот и други источни Религии, од историјата,
но и со искуството на Фром од секојдневниот живот.
Тоа што збунува е еден став:
Под лошо друштво не подразбирам само луѓе кои се порочни и
деструктивни, човекот треба да го избегнува нивното друштво затоа што
подрачјето на нивно дејствување е затруено и депресивно. Под лошо
друштво подразбирам и друштво на тронтаци, на луѓе чија душа е мртва,
иако телото им е живо, кај кои и мислите, и разговорите се тривијални,
луѓе кои дрдорат, наместо да зборуваат.5
Со овај став Ерих Фром го фрла во вода најбитното кое постојано
го искажува во ова дело: Верата во луѓето, да се љуби и разбере
ближниот, да се сослуша, да се помогне, а не да се избегне. Тука доаѓа до
израз германскиот крут дух и може да се заклучи дека западниот свет
иако технички многу напреднал, сепак балканскиот човек е далеку
понапред во умеењето да сака.
Фром користи библиски и будистичките текстови, за да дојде до
сопствен став, а тоа е забележано кај многу автори после втората светска
војна, независно во која област на науките се. На пример, многу автори
го пресликуваат јапонскиот начин на управување со претпријатијата, што
може да се забележи дека е тренд во втората половина од минатиот век.
Неговота критика на западниот свет и идеализација на источниот свет,
исто така е присутна кај многу автори од неговото време.
Психолозите му забележуваат на Фром дека не користи
психолошки податоци, туку користи конструкции. Фром го запоставува
значењето на биолошките и економските фактори.6

Фусноти
1. Проф. д-р Љупчо Кеверески, Фромовата социјална теорија на
личноста, Психологија, страница 267
2. Ерих Фром, Уметноста на Љубовта, страница 9
3. Фром, страница 26
4. Фром, страница 56
5. Фром, страница 106
6. Проф. д-р Љупчо Кеверески, Психологија, страница 275

Библиографија
1. проф. Д-р Љупчо Кеверески - Психологија
2. Ерих Фром - Уметноста на љубовта
Наслов на оригиналот
Erich Fromm - The Art of Loving
Издавачка Куќа “Ѓурѓа” - 2011 година

You might also like