You are on page 1of 3

Краток приказ:

Монадологија - Лајбниц
Од неговото издавање (1714) па се’ до денес, ова дело е предмет на
интерес бидејќи опфаќа повеќе филозофски дисциплини.
Ова дело има за цел да ја изложи тезата за настанокот, а притоа и неговото
одржување т.е. неговите извори, можности т.е. можноста за познание на
тоа создадено нешто или постоечко нешто од страна на ”создавачот”, а
следствено и ”создавачот” на тој акт т.е. на тоа нешто. Поконкретно,
Лајбниц ја изложува својата теза дека се’ е создадено од монади, т.е. тие се
градбени елементи на се’ освен на Бог. Како Бог се издвојува и на кое
рамниште се наоѓа ќе биде кажано после поопширната експликација во
врска со поимот монада/монади.
Лајбниц монадите ги определува како едноставни супстанции кои немаат
делови. Тие мора да постојат затоа што постојат сложени супстанции, а
сложеноста подразбира збир од едноставност(и). Затоа што немаат делови,
немаат ни протежност, ни облик ниту па можност за одделување т.е.
делење.
Едноставните супстанции т.е. монадите не можат да пропаднат. Тие не
може да настанат или завршат туку може само да создаваат и да се
самоуништат.
Монадите се од затворен тип т.е. ништо не може од надвор да влезе во нив и
да дејствува, па така ниту супстанцијата ниту акциденцијата не може од
надвор да продрат во неа.
Секоја монада мора нужно да е различна од другата. Секоја промена на една
партикуларна монада произлегува од самата своја внатрешност затоа што,
како што веќе кажавме, ништо не може да продре во неа.
Патот по кој се менува т.е. преобразува, кое претставува мноштво во
единство се нарекува перцепција. Делувањето на внатрешниот принцип кој
ја создава таа промена или премин од една во друга перцепција се нарекува
желба, жед за…
Перцепциите и нивните промени може да се најдат само во едноставните
супстанции. Сите едноставни супстанции, а притоа и создадените во себе
имаат ентелехија затоа што во себе имаат одреден степен на совршенство и
потполна самодоволност.
Тој прави разлика помеѓу душа и монада затоа што иако имаат еден
заеднички елемент - перцепцијата; монадите секогаш се оние побудните,
помоќните, понезависните во однос со душите. Душата се карактеризира со
една особина - помнењето, кое секако го има и монадата, а таа особина ја
имаат и луѓето и животните. Ако се водиме само по принципот на помнење,
тоа наше дејствување е само емпириско и по навика.
Само познанието на нужните и вечните вистини е она што не разликува од
животните и ни дава ум и знаење, не издигнува до самопознание и до Бог.
Тоа е она што се нарекува умна душа или дух.
Со сознавањето на нужните вистини и апстракции се воздигнува до
рефлексивните акти, до размислувањето за ”јас”, за нашата внатрешност,
размислуваме за самите себе, се доаѓа до суштината на супстанцијата,
нематеријалното и до самиот Бог. Сфаќаме дека она што нам ни е
ограничено, за Бог е безгранично.
Нашето расудување се базира на две основни принципи: на принципот на
противречност, за невистинито го сметаме она што содржи притивречност,
а вистинито она што е спротивно на невистинитото, и принципот на
доволниот разлог, секој заклучок не е вистинит и постоечки, се’ додека не
постои доволен разлог тоа да е така.
Има две вистини и тоа: вистини на на умот и вистини на искуството.
Вистините на умот се нужни и нивната спротивставеност не е возможна,
додека вистините на искуството се случајни и нивната спротивност е
возможна. Ако една вистина е нужна, може со помош на анализа да се најде
нејзината основа, ако се раздели на едноставни поими и вистини се’ додека
не се дојде до вистинската вистина. Но со давање на доволен разлог може да
се дојде до бесконечност, па така последната причина за стварите треба да
биде во една нужна супстанција која е праизвор, т.е. Лајбниц го нарекува
тоа нешто Бог. Таа супстанција е доволен разлог за се’; таа е целина која ги
составува сите разделни делови.
Таа највисока, единствена, универзална и нужна супстанција е без граница
и си е самодоволна. Бог е апсолутно совршен бидејќи совршенството е
апсолутно бесконечно. Другите нешта од Бог се разликуваат по ”нивото”
на совршеност т.е. во нивната природа им е да имаат несовршенство, а тоа е
клучната разлика помеѓу другите нешта и Бог - Бог е апсолутно совршен.
Егзистенција на Бог се спознава a priori, а се докажува a posteriori затоа
што доволниот разлог го има само во нужнотото битие, а разлогот за
својата егзистенција го има во самото себе. Нужните вистини зависат само
од божјиот разум и се негов внатрешен објект. Па така, Бог е праединство
чии производи се створени или изведени монади кои настануваат преку
непрестанато исијување на божественоста.
Атрибутите на Бог се апсолутни и соврешени, додека пак создадените
монади ги имитираат тие својства. Едно нешто е посовршено од друго, ако
во него се наоѓа нешто што a priori може да биде причина за она што се
случува во другото т.е. да делува на или врз другото. Монадите едни на
други не може да делуваат, па затоа односот помеѓу нив се заснова само на
причините. Бог наоѓа начин и ги организира монадите.
За Бог може да има бесконечно многу светови но може да постои само еден
затоа што само еден може да е најдобар свет што Бог го создал преку
неговата моќ, мудрост и добрина. Бог при распоредувањето на целината
гледа на секој нејзин дел, а посебно на секоја монада. Монадите се
разликуваат по степенот на јаснота даден во самите (нив).
Лајбниц смета дека само Бог е од телото потполно одделен, се’ друго не
може да биде одделено т.е. душата не се дели од телото и следствено, исто
така, нема метемпсихоза т.е. селење на душите. Од тоа следува дека нема
никогаш раѓање кое од темел би било ново, ниту смрт во строга смисла на
зборот затоа што тогаш би се поделиле душата и телото. Душата и телото
имаа свои сопствени закони но меѓусебно се спојуваат и одржуваат преку
преетаблираната хармонија на универзумот.
Само љубовта кон Бог ги бодри мудрите и добрите личности да го прават
она што е по божја волја, а притоа и да се задоволни со тоа. Така може да
се спознае и да се сфати редот на универзумот.
Бог не може да биде подобар затоа што е најдобар.
Во ова дело има три главни елементи: монадите, принципот т.е. Создавачот
и светот т.е. неговото објаснување преку претходните кажани елементи.
Монадите се дело на Бог, а Бог преку нив т.е. со нив создава се’,
вклучувајќи го и светот, кој, според Лајбниц, е најдобар од сите можни
светови.

You might also like