You are on page 1of 2

Плотин

Плотиновиот неоплатонизам се појавува во третиот век по Христа. Историските и


философските факти сведочат за вистинитоста на тезата по која Плотин ја бара вистината во
Платоновото учење. Сепак, со сета своја спекулативна моќ, од Платоновата доктрина, Плотин
развива мистицизам и запаѓа во монизам.

Според сведоштвата на Суида, Плотин (205 – 270 г.) потекнува од градот Ликопол, а
според записите на Евнапиј од Ликон. Несомнено е неговото египетско потекло. Посетувал
предавања на учители во Александрија кои не го задоволувале неговиот философски стремеж.
На дваесет и осум години го запознал Амониј Сакас и останал негов ученик сѐ до 242г. Кога се
придружил на персиската експедиција на императорот Гордијан. Самостојна философска
активност започнал на четириесет години по неговиот премин во Рим каде основал
философска школа и во неа предавал дваесет и пет години. Копнеел да го создаде градот
Платонополис како конкретна реализација на Платоновата држава.

Плотин водел аскетски живот и повикувал на напуштање на сетилните задоволства и


соединување со Едното. Неговиот ученик Порфириј систематски ги средил Плотиновите списи
во шест книги по девет дела и оттаму тие се нарекуваат Енеади со значење „деветки“.

Плотин разликува сетилен и надсетилен свет, претпочитајќи ја онтолошки и вредносно


надсетилната сфера. Возвишеното битие е Едното кое е истовремено и Добро. За Едното
неможно е позитивно да се тврди, освен констатацијата дека Едното и Доброто се идентични.
За едното не може да се каже што е, но може да се каже што не е. Едното е над сѐ изреченото.
Тоа е сѐ, но ништо поединечно. Од него сѐ произлегува, а тоа не е ништо од сето поединечно.
Со својата величественост и несфатливост, божественото ја надминува човековата
интелигенција и моќ да го претстави со збор. Бог е тоталитет кој не е мноштво, туку едноставно
едноставен. Бог е единство кое не може да се определи во однос на мноштвото. Тој е еден во
нумеричка смисла, но не е едноставно Еден туку е апсолутно единство на сѐ, апсолутна
сеопштост.

Постоењето на мноштво конечни ствари, Плотин го објаснува преку учењето за


еманација (излевање, произлегување) од совршениот принцип кој останува непроменлив.
Плотиновото учење се нарекува панентеизам според грчките зборови што значат „сѐ е во
Бога“, нашата реалност е дел од божествената реалност. Од Едното се еманираат хипостази,
форми на суштествување. Излевањето на сета стварност од Едното го претставува т.н. пат
надолу. Прва, непосредна еманација на Едното е Нус (ум или дух). Умот или Духот е причина
и образец на светот, слика на праизворот. Умот како дух, со идеите кои иманентно ги содржи,
определува какви ќе бидат единечните предмети. Тука се чувствува влијанието на Платон.
Втора еманација е космичката душа. Со поединечната душа настануваат множества
единечности што се разликуваат, а се во просторот и времето. Душата се сели од едно тело во
друго (метемпсихоза) сѐ додека не се исчисти и не се спои со Едното како почеток и основа на
сѐ. Тоа е конечната цел на душата. Трета еманација е сетилноста, материјата. Таа е
најоддалечена од праизворот. Таа е небитие, зло. Оваа хипостаза ги опфаќа човекот преку
телесноста, другите суштества и предметите. Предметите се најоддалечени од Едното.

Сѐ што постои претставува единствено скалило. Еманацијата од „светлото“ Едно


бледее низ хипостазите конечно преминувајќи во мракот на материјата. Небитието т.е.
материјата, кај Плотин не е само спротивност туку и производ на Едното. Еманацијата не го
редуцира, ослабува Едното. За да ја објасни оваа идеја, Плотин илустрира светлост која ги
фрла зраците во темнината, не трошејќи се, создавајќи атмосфера на јасност при што
најоддалеченото од изворот губи на интензитет исчезнувајќи во мрак, губејќи се во материја.

Материјата може да оствари извесно просветлување преку душата како директен


потомок на Нус-от. Преку копнежот на душата за враќање кон Едното. Материјата е зло кое не
е сфатено како позитивно постоечко, туку како недостаток на добро, како небитие. На душата ѝ
се припишува атрибут зла единствено кога ѝ се подава на материјата. Оттаму, повикот за
напуштање на сетилното и материјалното и поттикнување копнеж за мистичко соединување со
Едното. Тоа е, всушност патот нагоре, издигнувањето на душата низ различните степени на
познание, почнувајќи од сетилното, потем разумското, умното, сѐ до интуитивното, односно
непосредното познание на битието кое што претставува идентификација со Божеството и се
случува во чин на екстаза (излегување надвор од себе). Познанието на Едното започнува со
стремеж за враќање кон Едното. Познанието на вистината е акт на љубов кон неа, мистична
љубов кон Едното. Услов за возвишување е духовното разубавување, личносното морално
прочистување кое резултира со соединување со Бога. Порфириј запишал дека Плотин четири
пати во текот на шест години ја доживеал состојбата на екстатично соединување со Бог во кое
ја согледувал Убавината по себе и за себе. Последните зборови му биле: „Јас се обидувам да
го спојам божественото во себе со божественото во универзумот“.

Уметноста не го подражава сетилниот свет како што мислеше Платон. Во уметноста,


можеби најмногу се согледува враќањето кон Едното, кон пра-убавото. Уметноста тежнее да го
прикаже примирјето на идеите и стварите, да ја покаже идејата која проникнала во стварта т.е.
стварта која се возвишила во идеја. Уметностите не даваат проста репродукција на стварите,
уметничкото дело не е сенка на сенката, тоа е метафизичко враќање кај идеите, кај Убавото,
кај Бог. Фидија не го направил Ѕевс по модел пронајден меѓу сетилните ствари, туку сфаќајќи
каков облик би добил Ѕевс ако стане очигледен на сетилата. Уметникот е оној кој со божествен
здив исполнет, се воздигнува до Убавината по себе, ги созерцува априорните
(предискуствените) облици и нам ни ги подава.

You might also like